10. Ноември (28. Октомври)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЦА ПАРАСКЕВА - ПЕТКА Икониска
Во времето кога незнабожниот цар Диоклецијан крена гонење против христијаните, во градот Иконија живееше една благородна и убава девојка, на име Параскева. Нејзините родители христијани добро ја воспитаа, ја научија во Светата Вера и исполнувањето на заповедите Господови, па отидоа кај Господа. Така нивната мала ќерка стана наследничка на нивниот огромен имот. Како полнолетна, таа започна да ги подржува верата и делата на своите родители, и својот имот не го користеше за својата убавина и младост, и не за задоволства, туку ги облекуваше голите, ги хранеше гладните, ги згрижуваше патниците и намерниците. Параскева не им обрнуваше никакво внимание на своите додворувачи, кои сакаа да се оженат со неа, зашто Му се завети на својот Бесмртен Младоженец Христос и живееше во светост и правда. Таа секојдневно го исповедаше пред луѓето пресветото име Негово, водејќи ги кон познание на вистината. Така некои од луѓето поверуваа во Господа, а пак оние што не сакаа да поверуваат ја навредуваа додека таа храбро го говореше словото Божјо и ја изобличуваше ништовноста на бездушните идоли. Незнабошците ја фатија, ја претепаа и ја фрлија во темница.
Во тоа време во Иконија дојде еден командант, испратен од царот Диоклецијан, да ги искорени христијаните. Граѓаните излегоа пред него и рекоа:
- Во овој град има девојка, која верува во Распнатиот Христос и Го проповеда. Таа се занимава со маѓии и со своето вражење веќе одвратила многу луѓе од принесувањето на жртви на боговите. Не престанува да хули на нашите богови и на самодржецот. Кога слушнавме дека според царската наредба треба да се убијат сите, кои што не им се поклонуваат на боговите, ние ја фативме оваа девојка и ја држиме во темница.
Командантот нареди да ја доведат пред неговиот суд. На пат кон него, неа ја озари Духот Свети и лицето и стана светло, така што сите со восхитување ја гледаа и говореа:
- Видете! Таа ни најмалку не е тажна, туку напротив лицето ѝ блеска.
Восхитен од нејзината убавина и милото лице, командантот им рече на тужителите:
- Напразно ја обвинувате оваа прекрасна девојка. Не треба да се погуби ваква сонцезрачна убавина.
Обраќајќи се кон неа, рече:
- Девојко, кажи ни го твоето име.
Светителката му одговори дека е христијанка и слугинка Христова. Тој ѝ рече:
- Додека го гледам твоето убаво лице ме поттикнува на кротост, а зборовите од твојата уста ме измачуваат до дното на душата, зашто не сакам да ги слушам.
Светителката одговори:
- Секој кнез, кој право суди, се радува кога ја слуша вистината, но ти се разгневи. Тој рече:
- Се гневам што не добив одговор, зашто те прашав за името, а ти не ми го кажа.
Светителката одговори:
- Најпрвин требаше да ти го кажам името на вечниот живот, па дури потоа да ти го објавам името на временскиот. Јас ти го кажав своето име на вечниот живот: христијанка, слугинка Христова. А името кое ми е дадено од родителите е Параскева, бидејќи сум се родила во петок. Моите родители зборуваа дека петок е денот на доброволното и животворно страдање на нашиот Господ Исус Христос, и секогаш го почитуваа со пост, молитви и милостиња, спомнувајќи Го својот Господ Кој од љубов кон човечкиот род во тој ден ја пролеа Својата крв, и ја положи за нас душата Своја на крст. Бог им го подарил и плодот на нивното чесно сопружништво, мене, недостојната слугинка Своја, токму на тој ден, кој доблесно го почитуваа, сеќавајќи се на страдањата Господови. Затоа се викам Параскева, заедничарка со Христовите страдања.
Командантот рече:
- Престани со празни зборови и принеси им жртва на боговите, па јас ќе се оженам со тебе и ќе станеш господарка на огромно богатство и ќе бидеш возвеличана на земјата.
На тоа света Параскева одговори:
- Јас Го имам на небото мојот Младоженец Исус Христос и друг не ми е потребен.
Тој возврати:
- Ја сакам твојата убавина и ќе ја поштедам твојата младост.
Светителката рече:
- Немој да ја сакаш временската убавина. Таа денес цвета а утре свенува. Подобро смилувај се на себе, зашто те очекуваат вечни маки.
Тогаш командантот се разгневи, нареди да ѝ ја раскинат облеката и да ја тепаат со сирови жили. Така тепана, таа ни глас не пушти, само со срцето Го повикуваше Христос на помош. Ранет од нејзината убавина, тој нареди да престанат и кротко и рече:
- Девојко, поштеди ја својата младост, принеси им жртва на боговите, па ќе останеш жива и ќе се удостоиш на голема чест.
Таа молчеше, на што тој многу се разлути и праша:
- Мене ли не сакаш да ми одговориш, зол христијански породе?
Како одговор на тоа светителката му плукна в лице. Тоа страотно го разјари и веднаш нареди да ја обесат на дрво, со железни нокти да ѝ ги кинат ребрата и со остри крпи да ѝ ги тријат раните. Така ѝ беше одрано сето месо до самите коски. Мислејќи дека наскоро ќе умре, бидејќи одвај дишеше, мачителот ја симна од дрвото и ја фрли во темница, каде лежеше одвај жива и безгласна. Но, на полноќ дојде кај неа ангел, на кого рамењата и градите му беа крстолико опашани со златен појас, и кој во своите раце ги држеше орудијата на Христовите страдања: крст, трнов венец, копје, трска и сунѓер. Ангелот ѝ рече:
- Девојко, заедничарко со Христовите страдања, стани. Испратен сум да те посетам. За утеха во твоите страдања, еве, ти ги донесов орудијата на страдањата на нашиот Господ. Погледни ги крстот и трновиот венец на негнилежниот Младоженец; погледни го копјето, кое ги прободе животворните ребра, трската, која напиша простување на гревовите на светот; сунѓерот, кој го избриша Адамовиот грев. Стани! Те исцелува Христос Господ!
И веднаш стана, како од сон. Ангелот ѝ пријде, ѝ ги залечи сите рани и телото ѝ стана здраво. Убавината на нејзиното лице беше поблескава од порано. Таа побожно ги целиваше орудијата на Христовите страдања и Му заблагодари на Бога. Потоа ангелот стана невидлив.
На самнување дојдоа стражарите и ја затекнаа Параскева како здрава стои на молитва, без ниту една рана. Тоа многу ги исплаши и веднаш го известија командантот, кој нареди да ја доведат кај него. Кога ја виде здрава и тој се восхити, зашто не очекуваше дека ќе остане жива и повторно восхитен од нејзината исклучителна убавина, ѝ рече:
- Гледаш ли, Параскево, како нашите богови ја поштедија твојата убавина. Ти го подарија животот, те сторија здрава.
Светителката му возврати:
- Покажи ми ги оние, кои ми го подарија животот.
Тој ја испрати во храмот на своите богови, да ги види нивните идоли. Со неа тргнаа и идолските жреци и многу народ, мислејќи дека таа сака да им се поклони на боговите. Кога влегоа во храмот света Параскева мислено се помоли на единствениот вистински Бог, па го фати за ногата Аполоновиот идол и рече:
- Тебе, бездушен, и на сите останати идоли овде, мојот Господ Исус Христос ви наредува: Паднете сите на земјата и претворете се во прав.
И веднаш испопаѓаа сите идоли и во прав се претворија. Сите побегнаа од храмот, викајќи:
- Голем е Богот христијански!
Кога незнабожните жреци ја видоа пропаста на своите идоли, отидоа кај военоначалникот и плачејќи му рекоа:
- Господине, ние те советувавме да ја обезглавиш онаа волшебничка, но ти не нѐ послуша. Еве, сега со своите волшепства ги сруши сите наши богови.
Разјарениот командант започна сурово да ја испрашува со какви маѓии го сторила тоа.
Таа му одговори:
- Со името на мојот Господ Исус Христос јас влегов во храмот на вашите богови и вака се помолив на мојот Господ: Јави ми се, Спасителу мој. Ти си ми го подарил животот. И мене ми се јави мојот Господ и Бог, при што твоите богови, штом Го видоа мојот Бог затреперија од страв, паднаа на земјата и се сокршија, покажувајќи дека не можат да си помогнат. Како тогаш ќе им помогнат на другите?
Тој нареди повторно да ја обесат на дрвото и ребрата да ѝ ги горат со свеќи. Додека така ја мачеа, таа воздивна кон Господа и рече:
- Господи Боже мој, Творецу и Промислителу за секоја твар. Ти Трите Момчиња си ги разладил во вжештената печка. Ти првомаченицата Текла си ја избавил од огнот. Избави ме сега и мене, недостојната, од рацете на мачителите.
И веднаш дојде ангел, се допре до свеќите и пламна силен оган, кој спали многу беззаконици. А народот викаше:
- Голем е Богот христијански!
И поверуваа во Христа многу луѓе.
Командантот се исплаши вознемирениот народ да не се крене против него и нареди веднаш да ја обезглават светителката. Кога ѝ беше отсечена главата, некои слушнаа глас од небото:
- Радувајте се, праведни, се венчава маченицата Параскева.
Нејзиното свето тело христијаните го зедоа и чесно го погребаа во нејзиниот дом.
Така оваа прекрасна девојка го заврши подвигот на мачеништвото и отиде кај својот Младоженец, носејќи наместо елеј крв, и сега се весели со мудрите девојки во дворовите Христови. Утредента командантот отиде на лов, но неговиот коњ се разбесни и го фрли во провалија. При падот коските му се сокршија и во маки ја исфрли својата бедна душа. А пак светата и чиста душа на великомаченицата Параскева е во рацете Божји, а од нејзините чесни мошти се даваат многу исцеленија на болните, во слава на нашиот Господ Исус Христос, Кому чест и поклонение со Отецот и Светиот Дух за навек. Амин.
ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ ТЕОФИЛ (ГОРЕНКОВСКИ) (1788 - 1852)
Старецот Теофил го понел тешкиот подвиг на јуродивството. Бил висок на раст. Неговото светло лице и јасните небесно сини очи не соодветствувале на тагата што ја стекнувал при општењето со луѓето. Зборувал тивко и брзо, претежно на украински дијалект. Често го гледале да плаче, а никогаш да се смее.
Спокоен, замислен, секогаш со очи спуштени кон земјата, тој одел само од својата ќелија до црквата, без да пропушта ниту едно богослужење.
Застанувал до вратата од црквата или притворот и стоел неподвижно до крајот на службата. До него секогаш имало кошница, ведро, котле или друг сад, кои ги носел насекаде со себе. Слегувал до Дњепар за вода и понекогаш се качувал на некој чамец, ја преминувал реката, навлегувал во густиот честак на брегот и се предавал на молитва. Не барал превезувач туку си одбирал некој туѓ чамец, седнувал во него и веслал сам. Луѓето знаеле за тој негов обичај и не го попречувале во тоа.
Старецот не сакал да му обрнуваат внимание и ако некој се доближел до него за благослов, тој го благословувал брзо и заминувал. Ако забележел дека го чекаат богомолци, ги заобиколувал за да ја одбегне средбата со нив.
„Што ви е потребно од мене, смрдливиот?“ - им кажувал тој на своите почитувачи - обраќајте се со чиста вера кон Пречистата Божја Мајка и кон светите печерски угодници. Тие ќе ви дадат сѐ што е неопходно. А јас немам ништо. Одете си!..“
На образованите и на оние што се гордеат со својата привидна мудрост, старец Теофил им говорел:
„Јас сум неук, необразован и прост човек од обичниот народ. Не можам да се натпреварувам со вас, а и не сакам да празнословам. Што добро има во тоа? Вие, сегашните мудреци, возможно е и мене да ме тргнете од патот“
Но, кога кај него доаѓал простодушен човек, жеден за полезен разговор, го примал со желба. Зборувал во параболи и тие малку зборови ја покажувале целокупната духовна состојба на човекот. Често давал некои работи, кои што биле незначителни, но имале навестување за престојната судба на човекот.
Зафатен со молитвата, старец Теофил не обрнувал никакво внимание на својот надворешен изглед. Носел ветва облека, сета закрпена со бели конци, и речиси секогаш бил полуразголен. Обувал искинати влечки, а понекогаш едната нога му била обуена со чизма а другата со кондура. Понекогаш главата му била забрадена со нечиста крпа. Другите забележувале дека, колку што понеуредно е облечен, толку понеспокојна е неговата внатрешна состојба на душата. Кога пристапувал кон своите ќелијни молитви, старецот облекувал мантија, а пред читањето на Евангелието и акатистите си ставал епитрахил, облекувал фелон и палел три кандила. Опашан со железен појас со икона на Богојавление, која што никогаш не ја симнувал, тој правел многу поклони, а за одмор се потпирал на ѕидот или легнувал на тесна клупа. Постојано зафатен со својот внатрешен живот, не се грижел за уредноста во ќелијата:
„Сѐ околу мене нека ме потсетува на безредието во мојата душа!“ - говорел тој.
Во неговата соба немало ништо друго освен маса, мал аналој и скамејка. Во печката горел чадлив нерасцепен труп и во собата било толку студено, што водата замрзнувала. Но, старецот облекувал овчји кожуф, обувал чизми, застанувал на молитва и сиот обземен од неа, веќе не забележувал ништо.
Старец Теофил не земал пари, и ако по долги убедувања се согласел да земе, веднаш ги раздавал на бедните.
За да не безделничи предел волна, плетел чорапи и ткаел платно за сликање со маслени бои, кое што го давал на иконописците за нивната работа. Додека се трудел, напамет го кажувал Псалтирот и различни молитви.
Кога добивал храна од братската трпезарија, помешувал се заедно, слатко со горчливо, и кога ќе го запрашале како може да го прави тоа, одговарал:
„Ами, нели и во животот слаткото е помешано со горчливото?“
Но, старецот често воопшто не ја допирал храната, а ја оставал за бедните и странците. Постојано држел исклучителен пост.
Кон крајот на 1844 година, крајно истоштен и бессилен, подвижникот замолил да биде преместен при болничката црква на Киево-Печерската Лавра. Но, наместо тоа бил испратен во Голосеевската пустина, во околината на Киев.
Гласините за неговиот доблесен живот се рашириле надвор од Киев и мнозина сакале да го видат. Тогаш тој, за да ја одбегне светската слава, го засилил своето јуродивство. Од таа причина бил испратен уште подалеку, во таканаречениот Нов Пчелин, а потоа во Китаевската пустина, опкружен од високи планини, обраснати со густи гори. Старецот навлегувал длабоко во внатрешноста на гората и по цели дни се потопувал во молитвата. Долго време потоа го покажувале местото, на кое што тој понекогаш по цели деноноќија се молел за простување на гревовите на сиот свет, кој не знае што прави, и тагувал за расипувањето на животот.
Во својата љубезност, кротост и незлобивост, тој на доста тешките навреди одговарал со молба за прошка и ја победувал злобата со трпение.
Старецот се однесувал малку чудно во црквата. Обично се свртувал од луѓето и се обраќал кон ѕидот и никогаш не го кревал погледот од земјата. Исто така, кога земал учество во соборното богослужење, стоел полусвртен кон застанатите пред олтарот и се поклонувал на исток. Еден брат го прашал за тоа, а тој рекол:
„Бог ја гледа мојата простодушност. Правам сѐ, како што и доликува. Но, кога ќе се задлабочам со мислите во Тајната што се врши, заборавам и на себе и на се околу мене. За време на Божествената Литургија гледам зрак, кој слегува крстообразно од висините и ги осенува оние што служат, но понекогаш не сите. Гледам роса, која слегува врз Даровите. Тогаш целото мое битие се исполнува со неискажлив восхит, и сѐ во мене возгласува: „Свет, Свет, Свет е Господ Саваот, небото и земјата се полни со Твојата слава..“ Не се оправдувам брате, за тоа како стојам. Само ја кажувам вистината. Но, ти не откривај ја пред никого“.
Во последните месеци од својот живот зборувал со поголема желба и откако ќе ги замолел своите собеседници да не го заборават во своите молитви смрдливиот Теофил, великодушно давал совети и поуки.
Сочувани се многу раскази за проѕорливоста на отец Теофил и за силата на неговите молитви за болните.
На 28 октомври 1852 година, во денот на преподобномаченицата Параскева, наречена Петка, особено почитувана од него, во три часот попладне, старец Теофил ја предал својата душа на Бога.
Духовни поуки на старец Теофил
Треба да се молиме за своите непријатели. Во повеќето случаи тие самите не знаат што прават. Тие дури се и наши благодетели. Со своите напади ги зајакнуваат добродетелите во нас, на земјата го смируваат нашиот дух, а на небото ни плетат рајски венци. Човечкиот род е истоштен, силите на подвижниците ослабуваат и тие се спасуваат само преку тоа што биваат гонети и им се нанесува болка.
+++
Старецот ретко ги споделувал своите мисли, и тоа само при достапноста на длабоко осознавање на неопходноста од тоа. „Гледај - му рекол тој на еден свој близок, - да не сееш пченица меѓу трње, а сеј ја на плодна земја. И при тоа добро разгледај дали таму нема какол, за да не израснат плевелите и да ги задушат класјето на пченицата“.
- Сакајте се - повторувал тој, - сакајте се еден со друг со света љубов и не задржувајте гнев еден кон друг. Не мамете се од ништо. Не прилепувајте си ги срцата кон ништо земно. Сето тоа ќе го оставиме тука. Само добрите дела ќе дојдат со нас на оној свет. Почесто треба да се молиме и да ги оплакуваме своите гревови, и не само своите, туку и гревовите на своите ближни.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КИРИЈАК, патријархот Ерусалимски
Свети Киријак поверува во Христа и се крсти по наоѓањето на чесниот и Животворен Крст Господов, од страна на свети цар Константин и неговата мајка света Елена. Потоа беше епископ Ерусалимски. Доживеа до царувањето на Јулијан Отстапник. За време на својот воен поход против Персијците, царот Јулијан се задржа во Ерусалим. Тука го изведе на суд свети Киријак и го принудуваше да им принесе жртви на идолите. Светителот одлучно одби и притоа го изобличи царот отстапник, кој нареди да му ја отсечат десната рака, говорејќи му:
- Многу посланија си напишал со таа рака и многумина си одвратил од почитувањето на боговите.
Потоа со наредба на царот му истурија во устата растопено олово, па го положија на вжештен железен кревет. Кога слушна за тоа неговата мајка Ана, веднаш дојде и царот нареди да ја фатат, ја обесија за косата, ја стругаа со железо, ја гореа, и така таа ја предаде својата душа во рацете Божји. По маченичкиот крај на својата мајка, свети Киријак беше фрлен во казан со врело масло и истовремено прободен со копје. Така се упокои овој славен јунак Христов и доби од Господа маченички венец.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ АРСЕНИЈ СРЕМСКИ
Голем ерарх на српската црква и наследник на свети Сава. Роден е во Срем. Уште во младоста се замонашил и се предал на искрен и сесрден подвиг заради спасение на душата. Кога слушнал за прекрасната личност и за дејноста на свети Сава, Арсениј отишол кај него во Жича, каде што Сава љубезно го примил и го вброил во Жичкото братство. Кога ги видел неговите ретки добродетели, Сава наскоро го поставил за игумен на Жичкиот манастир. Кога Унгарците ја нападнале српската земја, го испратил на југ да бара за архиепископија позакриено место од Жича. Арсениј го избрал Пеќ и овде изградил манастир и црква на светите Апостоли, која подоцна била наречена „Црква на Вознесението Господово“. Пред своето второ заминување за Ерусалим, Сава го одредил Арсениј за свој наследник на архиепископскиот престол. И кога Сава по враќањето умрел во Трново, Арсениј го натерал кралот Владислав да го пренесе неговото тело во српската земја. Мудро управувал со црквата 30 години и се упокоил во Господа, на 28 октомври 1266 година. На олтарниот ѕид на Пеќскиот храм стои напишано: „Господи Боже наш, прифати го, посети го и благослови го овој храм... спомнете ме и мене грешниот Арсениј“. Погребан е во Пеќскиот храм.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ТЕРЕНЦИЈ, НЕОНИЛА и седумте деца нивни: САРВИЛ, НИТ, ЈЕРАК, ТЕОДУЛ, ФОТИЈ, ВИЛА и ЕВНИКА
Блажените Теренциј и Неонила беа од Сирија и ги воспитуваа своите деца во вера и побожност. Децата им се викаа: Сарвил, Нит, Јерак, Теодул, Фотиј, Вила и Евника. Обвинети заради верата во Христос, родителите заедно со своите деца беа изведени на суд, каде Го исповедаа Христос, вистинскиот Бог, и ги изнавредија идолите. Затоа ги обесија и немилосрдно ги стругаа. Притоа раните им ги залеваа со лут оцет и сол, а оган гореше под нив. Во таквите маки светите се молеа и тивко се храбреа еден со друг. Бог не се оглуши на нивната молитва и им испрати Свои свети Ангели, кои ги ослободија од оковите и им ги исцелија раните. Незнабошците се запрепастија од тоа и веднаш ги фрлија во темница. Утредента ги изведоа, ги тепаа со стапови, па ги врзаа за тркала и безмилосно ги мачеа. Но, со благодатта Божја останаа неповредени. Ги фрлија и на ѕверови, но повторно останаа неповредени, зашто тие беа кротки со нив. Ги ставија и во казан полн со врела смола, но огнот згасна, казанот се олади и смолата се претвори во ладна вода. Кога видоа дека никакви мачења не можат да им наштетат, мачителите им ги отсекоа главите. Така блажените страдалници примија венци на мачеништвото.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СТЕФАН САВАИТ
Блажениот Стефан многу млад се замонаши и се подвизуваше во обителта на свети Сава Осветени. Од тамошните свети Отци се научи на стравот Божји и секоја доблест и подвижничко делување. Бидејќи со подвизите високо израсна во Бога, беше удостоен на епископскиот чин. Тој од Бога доби и обилна благодат на чудотворства, бидејќи претходно со воздржание, испоснички труд и напори ги умртви страстите на душата и телото и стигна до потполно бестрастие. Со молитвата ѓаволи истеруваше, болни исцелуваше, диви ѕверови скротуваше. Воопшто, тој со своето подвижништво и чуда блескаше како сонце. Живееше пред осмиот век. Се упокои во мир и отиде кај Господа, пред Кого со ангелите стои во вечна слава.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ АТАНАСИЈ, патријархот Цариградски
Овој светилник на вселената се родил во Адријанопол од родители Георгиј и Ефросинија, кои беа побожни, благородни и добродетелни. На светото крштение Атанасиј го доби името Алексиј. Уште од мал наговестуваше што ќе биде понатаму со него. Не ги сакал игрите и другите овоземни работи. Ги сакал книгите и црковните богослужби. Се дружел со добрите деца, подоцна момчиња. Кога по смртта на својот татко остана сираче, тој уште посрдечно се трудеше во светите добродетели. Особено долично го читаше Светото Писмо и со благоразумноста стана рамен на старците, Таквиот живот јави во младиот Алексиј мисла и желба да се одрече од светот, заради стекнување на небесната мудрост и блаженство. Во тој поглед силно влијание врз него имаа Спасовите зборови: „Кој сака повеќе мајка или татко од Мене, не е достоен за Мене“ (Мт.10, 37). Но, пресудно значење тука имало житието на светио Алимпиј Столпник. Читајќи го ова житие и гледајќи како младиот Алимпиј заради Бога ги оставил не само светот туку и мајката вдовица, на која што ѝ бил единствена утеха, Алексиј реши да се угледа на него. И без некому ни збор да каже, го остави домот и отиде во Солун, во чија што околина имало манастир, во кој неговиот стрико бил монах. Во тој манастир се замонаши со името Акакиј. Но, тука остана кратко време. Кога видел дека браќата не ја исполнуваат целосно должноста на својот монашки повик, отиде на Света Гора Атонска. Животот на светогорските испосници го магепса младиот Акакиј. Посетувајќи ги манастирите, особено пустинските живеалишта, тој доби многу духовна корист за себе. Како што трудољубивата пчела, летајќи од цвет на цвет собира сладок мед, така и преподобниот Акакиј слатките беседи и поуки на светогорските пустиници ги ставаше во своето срце, за според своите можности да ги подржува во нивното подвижништво. Прво што прифати од нив беше строгото сиромаштво. Имаше врз себе само власеница и преку неа монашка мантија, без чевли. Храна му беа само леб и вода. Каде и да одеше, тој одеше пешки, па така правел и кога станал патријарх Цариградски. Земјата му беше постела. Едноставно, тој живееше како ангел. Откако ја обиколи Света Гора стапи во братството на Есфигменскиот манастир. Неговите тамошни подвизи е невозможно да се опишат. Вршејќи ја две години должноста на трпезник, тој немаше ни посебна ќелија, ни постела, па дури ни рогозина, и тоа не само лете туку и зиме, кога таму има и снег и мраз. Спиел многу малку, зашто ноќите ги минувал во молитви и бдеење. Се хранеше со остатоците од братската трпеза и говореше со евангелската жена: „И кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на своите господари“ (Мт. 15, 27). Масло и вино не си дозволи на себе во текот на три години, ниту пак некаква друга телесна утеха. Трудејќи се во подготвувањето на храната и гледајќи го огнот, тој го замислуваше пеколниот незгаслив оган и така стекна плач и солзи. За сите тие доблести целото братство негуваше кон него љубов и големо почитување. Но, тоа стана причина тој кришум да замине од манастирот, зашто се плашеше заради привремената слава да не се лиши од вечната. Од Света Гора отиде во Ерусалим да се поклони на Светите Места и да ја види Јорданската пустина. Потоа ја посети Латрската гора, каде помина долго време во пустиништво, заедно со другите свети отци, чиј што возвишен живот му донесе многу духовна корист. Од Латрската гора премина на Авксентиевата, каде тогаш се подвизувале познатите подвижници Илија, Нил и Атанасиј. Познанството со нив за него беше многу поучно. Најпосле се оддалечи на гората Галисиска, во манастирот на блажениот Лазар, каде помина осум години во разни послушанија. Тука го прими големиот ангелски лик со името Атанасиј. Неговиот испоснички живот и безусловната послушност го поттикнаа настојателот да го одликува Атанасиј со свештеничкиот чин. Потоа му беше доверена должноста еклисијарх, која што ја извршуваше со голема доличност. Така секој ден наставувајќи во своето срце излегување кон Бога, преподобниот Атанасиј се удостои да Го види Господ Христос, Кој го повика да биде пастир на словесните овци. Преподобниот имаше обичај ноќе да оди во црковната паперта и таму да се моли до утрената. Една ноќ, додека со солзи се молеше пред Христовото распетие, одеднаш слушна од Спасителовиот лик сладок глас:
- Атанасиј, затоа што Ме љубиш, треба да го пасеш Мојот народ. Поразен од тој глас, Атанасиј падна на земјата од страв и неискажана радост, гушејќи се во солзи и славословејќи Го Бога. Преподобниот помина десет години на Галисиската гора. Но, иако беше блажен во вршењето на зададените послушанија, сепак не го напушташе мислата за пустинското осаменичко молитвено тихување. Затоа повторно отиде на Света Гора, најде пустина според своето срце и остана во неа, трпејќи најразлични оскудевања, умртвувајќи го телото и угодувајќи Му на единствениот Бог. Но и тука не остана долго. Случајните нереди, кои избувнаа на Света Гора, го натераа да се повлече на гората Ган. Таму најде погодно место за молитвено тихување, се насели во него и продолжи со своите подвизи. Но добродетелта никаде не може да се сокрие. За кратко време кај него се собраа браќа. Тој со радост ги поучуваше, раководејќи ги кон небото и ги обработуваше во избрани садови на дарот на Светиот Дух. Меѓу неговите ученици беа чудесниот Теофан, познатиот Теодорит и други прославени со доблестите. Заради својот ангелоподобен живот блажениот Атанасиј беше познат не само по околните гори, туку насекаде, та многу луѓе секојдневно доаѓаа кај него да ги чујат неговите медени беседи и да го видат неговото светло лице. Тоа имаше такво влијание врз нив, што многумина, и машки и женски, се одрекуваа од светот. Така под управата на свети Атанасиј набрзо во пустината никна женски манастир.
Сега е време да кажеме на кој начин преподобниот Атанасиј стана патријарх Цариградски. За време на царувањето на благочестивиот цар Андроник II Палеолог, престолот на Цариградската патријаршија остана празен по потресите и смутовите во Црквата, предизвикани од патријархот Јован Век. Царот ги свика архијереите и клирот и тие еднодушно го избраа за патријарх преподобниот Атанасиј. Пратеништвото од неколку архијереи и царски големци беше упатено преподобниот да го извести за изборот и свечено да го доведе во престолнината. Но, смирениот пустиник долго одбиваше и ги молеше да изберат друг. По многу молби, тие најпосле строго му рекоа:
- Ако не нѐ послушаш сега, кога Црквата те бара и вика на помош против своите непријатели, ќе дадеш одговор пред Бога во часот на судот.
Тогаш се сети на своето видение на Галисиската гора, кога Господ му рече дека треба да го пасе народот Негов, се исплаши и без приговор се довери себе си на промислата Божја. И свечено беше издигнат на патријаршискиот престол Цариградски, околу 1290 година.
Свети Атанасиј ја затекна Црквата многу пострадана од еретиците и многу труд вложи да ја отстрани еретичката нечистотија. Ревносен за својата паства, тој како нов Златоуст многу ги изобличуваше неправедниците и ограбувачите, без да ги штеди велможите, богаташите, па и самиот цар. Оние што имаа страв Божји ги поправаше со своите совети, а непокорните и непослушни ги казнуваше со строги епитимии. Така со сите сили се трудеше стадото Христово да го сочува од видливите и мислени волци. Но, токму заради таквата негова архипастирска ревност непријателот на доброто не дремел. Меѓу големците и клириците се појавија негови непријатели. Тие започнаа да роптаат против него што ги прекорувал и изобличувал и да му замеруваат дека божем е премногу строг. Потекоа и клевети против угодникот Божји. Со текот на времето тоа пламтело и растело, така што некои архиереји им пристапија на неговите непријатели. За да се одбегне поголем немир во Црквата, беше сменет. Во таа пригода светиот патријарх му рече на царот:
- Господару, јас не ја примив оваа функција за да ползам пред луѓето, да молчам и да ги занемарувам нивните гревови, туку за да ги изобличувам и поправам. На страшна осуда подлегнува секој што не ги изобличува оние што грешат. Поради строгоста на моите изобличувања ме намразиле и го бараат моето отстранување од патријаршискиот престол. Јас немам ништо против. Еве, заминувам молејќи се на Бога, Бог Сезнајниот да уреди сѐ на добро, по молитвите на Пресвета Богородица и светиите Негови.
Ова повлекување на свети Атанасиј се случило околу 1293 година.
Кога го остави патријаршискиот престол, блажениот се повлече во својот манастир на гората Ган, каде остана десет години, подвизувајќи се уште построго од порано. Тука заради чистотата на срцето и животот го доби од Бога дарот да предвидува и пророчки ја претскажуваше иднината. Многу работи му претскажа тој на царот, и сите се исполнија, што се гледа и од неговите писма.
По свети Атанасиј патријаршискиот престол го зазеде доблесниот и достоен за восхит Јован XII. Со својата неизмерна кротост и простота, тој не беше во состојба да се бори со непријателите на Црквата Божја. По десет години управување со Црквата доброволно се одрече од патријаршискиот престол. Така Цариградската Црква повторно остана без патријарх. Во тоа време во Цариград живееше еден доблесен човек на име Мина, познаник на свети Атанасиј. Нему светителот му испрати писмо, во кое пророчки му претскажа дека во тој и тој ден во престолнината ќе има голем земјотрес. Така и се случи. Поразен од таквиот пророчки дар на сменетиот патријарх, царот донесе цврста одлука, без оглед на непријателите, повторно да го доведе свети Атанасиј на патријаршискиот престол. Како и првиот пат светителот долго одбиваше, но насилно го зедоа од манастирот и со голема чест повторно го поставија на патријаршискиот престол.
Сега блажениот уште повеќе блескаше во доблестите. Беше тој најсрдечен заштитник на обесправените, покровител на вдовиците и сирачињата, помошник на сите неволни, сомилосен хранител на ништите, бедните и гладните. Седум години управуваше со Црквата, блескајќи со чистотата и светоста на животот, и давајќи со себеси пример на секоја доблест. Но, при сето тоа непријателите повторно го наклеветија. Тајно му ставија под неговиот кревет икона на Пресвета Богородица, па пред народот ја извлекоа оттаму и го објавија за еретик иконоборец.
По внимателното судско иследување клеветата беше обелодената и клеветниците казнети. Но, свети Атанасиј го искористи тоа како оправдан повод да го остави патријаршискиот престол и да ѝ отстапи место на злобата на своите непријатели. Царот никако не сакаше да се согласи, но патријархот беше непоколеблив во својата одлука. По неколку дена тајно се повлече во својот манастир.
Ослободен од смутот и епископските трудови, тука потполно Му се посвети на Бога и исполнувањето на монашките правила. Просветлен со подвизите и соѕерцанијата, тој се удостои од Бога на многу откровенија, на дарот на проѕорливоста и на дарот на чудотворството. Еден од неговите ученици, на име Јакинт, ја имаше на вратот неизлечивата болест рак. Многу пати тој го молеше светителот да му дозволи да појде на лекар или самиот да му измоли од Бога исцеление. Светителот постојано го советуваше да трпи со благодарност, како Јов и многу други. Кутриот Јакинт многу страдаше и трпението започна да го издава. Најпосле постапи како крвоточивата жена од Евангелието. Еднаш му пристапи на светителот отстрана, падна ничкум, и гушејќи се во солзи го допре крајот од неговата облека до болното место и веднаш според својата вера се исцели. Во друга пригода истиот Јакинт се качи на кровот од ќелијата за нешто да поправи, но се лизна, падна и лежеше речиси мртов. Штом дозна за тоа свети Атанасиј, веднаш се помоли над него и тој стана потполно здрав.
Две монахињи од женскиот манастир долго време тешко боледуваа и едноставно повеќе не беа во состојба да ги поднесат болките. На лекарите повеќе не се надеваа, и затоа му испратија молба на свети Атанасиј да им измоли од човекољубивиот Господ олеснување во болеста. Светителот им испрати ваков одговор:
„Јас би сакал уште некое време да потрпите, за да примите поголема награда во вечноста. Но, бидејќи ви недостасува трпение, оваа ноќ помолете се на Пресвета Богородица и утре ќе добиете исцеление од Неа“.
Смиреноумниот чудотворец им одговори така за да ги одбегне славољубието и пофалбите од луѓето. И навистина утредента со човекољубието Божјо и благодатта на Царицата Небесна, болните се исцелија и дојдоа кај светителот да му заблагодарат.
За време на второто патријархување на свети Атанасиј, во Цариград настана голем глад. Патријархот му нареди на еден од своите послушници, богобојазливиот и доблесен Христодул, да ја раздаде пченицата од патријаршискиот дом, и тоа првенствено во женските манастири, по триесет мери на секој манастир. Христодул го уверуваше патријархот дека во нивните житници нема повеќе од педесет мери пченица. Но, светителот му рече:
- Не лажи, маловерниче, туку оди и извршувај го нареденото.
Христодул постапи спроед наредбата. И додека ја раздаваше пченицата, таа со благословот Божји не само што не се намалуваше, туку очигледно се умножуваше. Поразен од таквото чудо Христодул му се јави на патријархот, падна пред неговите нозе и бараше прошка за своето маловерие. Истото се повтори и кога за време на гладот од патријаршискиот дом се раздаваше пченица на сиромашните.
Покрај останатите доблести, свети Атанасиј имаше и прекрасна смиреност. Никогаш не носел скапоцена облека. Некои го осудувале поради тоа, тврдејќи дека го понижува високото достоинство на својот чин, на што обично одговарал дека нема срам и понижување во носењето на скромна облека. Гревот е единствениот срам и единственото понижување на човекот. Оној што Го љуби Бога е должен да ја твори волјата Божја, и не само да биде човекоугодник, туку смирен и умерен во секој поглед.
Пред крајот на својот живот свети Атанасиј се удостои повторно да Го види Господ Христос. Еднаш тој, завршувајќи ја по обичај молитвата, Го виде Исус Христос распнат на крст, Кој му рече:
- Поради што си ги оставил овците без пастир? Јас ти ги доверив тебе, а тие се оставени и волци ги разграбуваат. Јас сум Бог, па сепак со љубов примив тело и се распнав за спасението на светот, а ти не ја претрпе клеветата и ја остави Црквата моја како плашлив војник.
Поразен од Господовите зборови, свети Атанасиј од ужасниот страв и трепет падна на земјата и гушејќи се во солзи бараше прошка за својата малодушност. И доби прошка од Господа. По ова видение започна уште построго да живее, посветувајќи го сето време на молитви и богоразмислување.
Најпосле и за него настапи времето на заминување кај Господа. Затоа ги собра своите ученици, ги извести за тоа и долго ги поучуваше, заповедајќи им да ги исполнуваат сите добродетели, а особено смиреноумието, љубовта и милосрдието, со кои се прославува Света Троица и без која никој не може да се спаси. Им говореше:
„Свето чувајте ги прописите на Црквата и преданијата на светите Отци. Очистувајте ги срцето и умот од нечисти помисли и спасувајте ги своите души“.
Додека така беседеше со своите ученици, тивко го предаде на Господа својот дух, на 28 октомври во стотата година од животот. На нашиот Бог Му доликува секоја слава, чест и поклонување, постојано, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА АНА
Беше мајка на свети Кипријан. Пострада за Христа изгорена во оган.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ НАШИ ОТЦИ: ФИРМИЛИЈАН, архиепископот Кесариски и МЕЛХИОН, презвитерот Антиохиски
Беа истакнати борци против еретичкото учење на Павле Самосатски во третиот век. Беа борци и победници, зашто со светото апостолско учење и предание ја обелоденија и побија лагата на ереста на Павле Самосатски. Тоа го сторија на големиот Антиохиски собор (264-268 г), кога го осудија и симнаа овој зломислен еретик од Самосат. Свети Фирмилијан беше фален и од свети Кипријан Картагенски и од свети Василиј Велики.
СПОМЕН НА СВЕТА ФЕВРОНИЈА
Беше ќерка на царот Ираклија. Уште од рана младост се одрекла од предностите на своето потекло. Го минувала животот во пустинска осаменост и со сето срце Му служела на Господа. И така со чиста душа и тело се упокоила во мир, во 632 година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВ ПОЧАЕВСКИ
Преподобниот Јов, како син на благочестиви родители, се родил во Галиција, во местото Покуќа. Уште од мал Јован покажуваше љубов и ревност за секое добро. Многу мал научи да чита. Во својата десета година тајно го напушти родителскиот дом и отиде во Угорњицки Преображенски манастир, во Карпатските гори, да се замонаши. Во манастирот малиот Јован со голема смиреност и огнена ревност ги извршуваше сите зададени послушанија. Со строгиот пост го истоштуваше своето тело. Слободното време го посветуваше на молитви и читање душекорисни книги. За својот благ карактер, длабоката смиреност и блескавата побожност, наскоро беше пострижан за монах и го доби името Јов. По строгиот побожен живот Јован набрзо стана познат по цела западна Русија. Поборникот на православието Константин Константинович, кнезот Острожски, сакајќи од него изградениот Крестовоздвиженски Дубенски манастир да го заштити од лукавствата на језуитите и да заведе во него строг монашки живот, го повика преподобниот Јов за настојател, сметајќи го за образец на трудолубивиот и богоугоден живот. Како настојател на овој манастир Јов помина дваесет и две години. Но, од желба да се подвизува како прост монах, тој тајно отиде во Почаевската лавра, во Волинската епархија. Монасите на овој манастир веднаш видоа во него голем подвижник Божји и го умолија да им биде настојател. Пред крајот на својот живот прими голема схима и се подвизуваше како строг затворник. Се упокои во 1651 година. По осум години, во 1659 година, неговите чесни мошти беа откриени како негнилежни и од тогаш почиваат во Почаевската лавра. Преподобниот отец Јов во текот на својот стогодишен живот многу правел и направил за Православието и руската народност во југозападниот крај на Русија, кој толку долго бил загрозен од језуитите и полјаците.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК НЕОФИТ, епископот Урбански
Неофит до своето обраќање кон Христос бил персиски командант и се викал Омар. За време на походот на Грузија бил испратен од неговиот султан во обителта на свети Шио, со молба да се помоли на Бога за него. Кога приближил до обителта на свети Шио, Омар видел безброј многу Небесни Сили како летаат во воздухот и среде нив прекрасен старец со долга седа брада. Ова видение и блиското запознавање со животот на монасите многу го воодушевиле, та тој по некое време дојде во манастирот со двајца верни слуги и прими свето крштение, при што го доби името Неофит, а слугите Христодул и Христофор. Неофит наскоро беше пострижен за монах. Со својот целомудрен живот, постот и молитвата, тој толку се прослави што стана украс на обителта. Подоцна беше поставен за епископ и како епископ беше убиен од незнабошците, поради проповедањето на Господ Христос. Живеел во седмиот век.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ЧЕТИРИ НОВОМАЧЕНИЦИ: АНГЕЛ, МАНУИЛ, ГЕОРГИЈ и НИКОЛАЈ, кои пострадале во Ретимна на Крит
Овие четворица беа родум од селото Мелампес, епархија Лампска на Крит. Ангел и Мануил беа родени браќа, а Георгиј и Николај нивни роднини. Во тоа време на Крит многу христијани лажно се претставуваа како муслимани, од страв од турското насилство, па така постапуваа и овие четири момчиња, но во душата беа вистински христијани. Беа селани и оженети по муслимански, но тие тајно се венчаа во црква. Кога во 1821 година отпочна востанието во Грција против турците, многумина и на Крит се кренаа на востание, а меѓу нив беа и овие блажени јунаци. Тие бараа од турците слободно да ги извршуваат своите христијански верски обичаи. Тогаш агарјаните ги фатија и започнаа да ги присилуваат да се вратат во мухамеданството. Беа фатени во 1824 година, затворени и мачени во градот Ретимна на Крит. Но од својата христијанска вера не се одрекоа, та турците им ги отсекоа главите, на 28 октомври 1824 година. По три дена христијаните ги измолија нивните свети тела од турските власти и чесно ги погребаа во манастирот на свети Георгиј. Подоцна нивните свети мошти се јавија како негнилежни и чудотворни за верните.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ТЕРЕНТИЈ, АФРИКАН, МАКСИМ и ПОМПИЈ, и останатите 36 Маченици од Африка