11. Ноември (29. Октомври)
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦА АНАСТАСИЈА РИМЈАНКА
Во времето на царот Декиј и неговиот сопрестолник Валеријан, при градоначалникот Проб, недалеку од Рим, во осамено и непознато место имаше еден мал женски манастир. Во него се подвизуваа неколку доблесни испоснички. Игуменија им беше Софија, стара по години и совршена во доблестите. Во тој манастир имаше една блажена девојка Анастасија, родум од Рим, која во својата трета година остана без родители и игуменијата Софија ја зеде кај себе во манастирот. Тука ја одгледа, ја воспита и поучи во сите добродетели, така што Анастасија ги надминуваше сите останати сестри во постот, подвизите, молитвите и сите останати добродетели. Таа беше многу убава. Кога наполни дваесет години некој познат римски граѓанин слушна за нејзината необична убавина и многу сакаше да ја земе за жена, но светата девојка се заневести за Христос, го чуваше своето девство и деноноќно Му служеше во молитвите. Ѓаволот многу пати се обидуваше да ја одврати од нејзиниот рамноангелен живот и да ја привлече кон светот, војувајќи против неа и со телесната похота, и со нечистите мисли, и со соблазните од лукавите усти и со најразличните препредености. И во таа борба тој изгуби, зашто во нејзината немоќна природа се вселуваше силата Христова. Не можејќи со таквите внатрешни и тајни војувања да ја победи непобедливата невеста Христова, ѓаволот ги крена против неа лутите мачители. Во тоа време настана страшно гонење против христијаните и Анастасија беше наклеветена пред градоначалникот Проб. Му доставија дека на едно зафрлено место, меѓу некои бедни жени, живее девојка Анастасија, на која по убавината и нема слична во цел Рим. Таа девојка, говореа клеветниците, не само што не сака да има маж, туку се потсмева на нашиот начин на живот, се потсмева на нашите богови и верува во Распнатиот.
Кога слушна за нејзината убавина, градоначалникот веднаш испрати свои слуги да ја доведат. Тие долго не можеа да ја отворат манастирската капија, па зедоа секира да ја сокршат, од што испосниците се исплашија, ја отворија вратата од спротивната страна и побегнаа од манастирот. Но игуменијата Софија не ја пушти Анастасија, туку ѝ рече:
- Чедо мое, не плаши се, зашто настапи времето на подвигот. Еве, твојот Младоженец Христос сака да те овенча. Затоа не сакам да побегнеш од манастирот. Не сакам да те лишам од маченичкиот венец тебе, бисеру мој, која од три години сум те зела, воспитувала и досега како зеница во окото сум те чувала.
Но, кога војниците ја искршија капијата, пред нив излезе игуменијата Софија и ги праша:
- Кого барате и што сакате?
Тие одговорија:
- Старице, дај ни ја девицата Анастасија, што ја чуваш кај себе. Градоначалникот Проб ја бара.
- Јас со задоволство ќе ви ја дадам, - им одговори Софија,само ве молам почекајте два часа, додека да ја дотерам, за да му се допадне на вашиот господар.
Слугите мислеа дека игуменијата сака да ја украси со вообичаените светски фустани и накити, и се согласија да причекаат. Но таа, сакајќи својата ќерка да ја украси со духовна убавина, за да му се допадне на Бесмртниот Младоженец, ја внесе во црквата. Ја однесе пред олтарот и започна со солзи да ѝ зборува:
- Чедо мое, сега треба на дело да ја покажеш својата срдечна лубов кон Господа. Сега треба до крв да стоиш за својот возљубен Младоженец, и да докажеш дека си вистинска невеста Негова. Затоа те молам, мила ќерко, не дозволувај да те измами лажливиот јазик, да не те прелестат славата и подароците на суетниот свет, ниту се плаши од привремените маки, кои ќе ти издејствуваат живот вечен. Ете, отворен ти е дворецот на Младоженецот! Подготвен ти е одарот на вечниот покој! Исплетен ти е венец! Ете, веќе те викаат на свадбата на Јагнето. Затоа оди кај Него со веселба! Оди, облиена со крвта, како облечена со свадбена облека. Те молам, чедо мое, внимавај на моите зборови, сети се како од мала те одгледав и воспитав, и многу напори вложив како чиста невеста да те изведам пред Царот на славата. Околу едно се трудев, за едно се молев, на едно и ден и ноќ те поучував. Со сето срце и сета душа да се соединиш со Господа за навек. Затоа, ќерко моја, немој да ме посрамиш сега пред Господа и предвреме да ја однесеш во гроб староста моја. Ако слушнам нешто спротивно на љубовта Христова, тагата ќе ме сруши и веднаш ќе умрам. А ако чујам дека јуначки стоиш во љубовта Христова и животот свој го полагаш за Него, ќе бидам весела мајка за својата ќерка и староста ќе ми биде помазана со ново масло. Затоа не штеди ја твојата телесна убавина и немој да го засакаш привремениот живот. Не дозволувај да застрани срцето твое во лукави зборови и кога ќе те плашат со маките, ти говори: Нема да се исплашам од вас, ниту ќе се збунам, зашто со мене е Богот мој. Кога ќе започнат безмилосно да те тепаат, ти немој да се исплашиш. Ако ти го кинат и стругаат телото, ти радувај се во страдањата, зашто ќе го надополнуваш недостатокот на неволјите Христови врз телото свое; ако започнат телото да ти го сечат на парчиња, ти сети се дека и косата на главата ти е изброена од Господа, Кој ќе ги сочува сите твои коски и ниедна од нив нема да се скрши; ако решат главата да ти ја отсечат, ти гледај на главата на целата Црква - Христос, Кој е слава твоја и ќе ја подигне главата твоја. Не плаши се, чедо мое, од свирепото страдање, зашто твојот Младоженец невидливо ќе застане пред тебе, ќе ти ги олесни страдањата и ќе те избави од тешките маки. И кога ќе страдаш, Бог ќе ти даде утеха. Кога ќе малаксаш, Бог ќе те поткрепи; кога ќе паднеш од раните, Бог ќе те подигне; кога луто изнаранета ќе се огорчиш, Бог ќе го заслади твоето срце, ќе ти ја разлади душата и нема да отстапи од тебе, сѐ додека не те грабне од рацете на мачителите и не те внесе во небесните дворови Свои. Таму ќе ги свика сите ангелски сили, ликовите на сите Светии, ќе ти подари блаженство, како Своја невеста ќе те овенча со нераспадлив венец и ти ќе царуваш заедно со Него во вечна слава.
Анастасија одговори:
- Моето срце е подготвено да страда за Христос, душата ми е подготвена да умрам за Него. И сега, бидејќи дојде време да се исполни мојата желба, јас радосна ќе појдам пред мачителот и ќе го исповедам сесветото име на мојот Господ. А ти, мајко моја, не плаши се за мене и не колебај се поради младоста моја. Верувам дека мојот Господ ќе ме поткрепи, а и ти моли Го да не ме остави и да не отстапи од мене додека заради Неговото име не го завршам подвигот на мачеништвото, и не го посрамам непријателот, кој се крева против нас.
Додека така разговараа повеќе од два часа и се простуваа, слугите се вознемирија, па влегоа во црквата и ги затекнаа како милно си разговараат, се тешат една со друга и се утврдуваат во Господа. Тоа многу ги разгневи. Тие ја фатија Анастасија, и ставија синџири на вратот, па брзо ја одвлекоа во градот пред градоначалникот. Додека стоеше пред него, таа мислено стоеше пред Христа и со срцето ја гледаше убавината Негова. Сите се восхитуваа на нејзината убавина, на пристојниот изглед и благоста на лицето. Градоначалникот ѝ се обрати со зборовите:
- Од каков род си, од која вера и како се викаш?
Гледајќи во земјата, светителката со тивок глас одговори:
- Ќерка сум на еден граѓанин од Рим, воспитана во христијанската вера и се викам Анастасија.
Градоначалникот рече:
- Тоа име е необично кај римјаните. Не знам што означува.
Светителката одговори:
- Анастасија значи воскресение, подигнување, зашто Бог ме подигна да зборувам против тебе, додека не го победам твојот татко сатаната.
Градоначалникот ѝ рече:
- Девојко, одговарај ми кратко, за да не се разлутам. Ја штедам твојата младост. Не сакам да ја погубам твојата убавина. Послушај ме како татко. Зошто си се залажала со штетното христијанско учење и залудно си ги трошиш годините лишувајќи се од убавиот живот и уживањата, кои боговите им ги дадоа на луѓето за веселба? Каква е таа радост, во темен агол да се крие таква убавина, која и на големите кнезови може да им се допадне? Какво е тоа задоволство да се одбегнува дружењето со луѓето и осамено да се живее како ѕвер? Каква е користа од доброволното предавање на мачења и смрт за Распнатиот? Нели е подобро да им се поклониш на нашите бесмртни богови, да земеш чесен, благороден маж, да уживаш во сластите, да се радуваш на деца, да живееш во чест и слава меѓу добри луѓе, да имаш многу имоти, злато и сребро, и да не го упропастуваш животот во крајна беда и сиромаштија? Тој ни е подарен од боговите за подобро уживање. Те советувам, пристапи, поклони им се на боговите и веднаш ќе имаш благороден, угледен, славен, и богат маж, близок на царскиот престол и многу моќен. Заедно со него и ти ќе уживаш големо почитување и цел живот ќе се насладуваш на секое богатство.
Света Анастасија погледна во градоначалникот и му рече:
- Мој маж, богатство, живот, и веселба е мојот Господ Исус Христос. Од Него нема да ме одвратиш со своите соблазнувачки зборови. Нема да ме измамиш како змијата Ева. Нема вашата горчлива гибел да ми ја сториш слатка. Нема да ме заплашиш со маките и да ме разделиш од мојот Господ, за Кого сум подготвена и сто пати да умрам, ако е возможно.
Градоначалникот им нареди на слугите да ја тепаат по лицето, говорејќи:
- Така ли му одговараш на светлиот властелин?
Потоа, сакајќи да ја посрами, нареди да ѝ ја раскинат облеката, гола да ја постават пред сите и ја праша:
- Пријатно ли ти е, девојко, да стоиш гола пред очите на сите?
Светителката одговори:
- Безумнику! Бесрамнику! Ова не е мој срам туку твој. Мојот Господ знае дека сонцето никогаш не ја виде мојата голотија, а ти ме изложуваш гола пред очите на толку многу луѓе. Со тоа повеќе се посрами себе си отколку мене. Поради овој срам мојот Младоженец ќе ме покрие со облека на слава, а тебе срам ќе ти го покрие лицето за навек. Секој разумен човек ќе рече: ако градоначалникот не беше бесрамен и нечист похотливец, немаше да го разголи девојкиното тело пред сите.
А на оние што ја расоблекоа им рече:
- Кога го разголивте моето тело и подготвивте сѐ за да ме мачите, тогаш зошто се колебате? Тепајте, сечете, кинете, со рани покријте го моето тело и со крвта сокријте го мојот срам. Ете, гледате дека сум подготвена за мачење. Не надевајте се дека нешто друго ќе слушнете од мене, освен дека сакам да умрам за мојот Христос.
Тогаш со наредба на градоначалникот преподобна Анастасија беше растегната и врзана за четири столба, со лицето кон земјата. Под неа запалија оган со смола и сулфур и ја мачеа одозгора со оган и смрдлив чад, а по плеќите безмилосно ја тепаа со стапови. Така мачена, света Анастасија трпеше и го изговараше Давидовиот псалм: „Помилуј ме, Боже...“ ја тепаа додека џелатите не малаксаа. Потоа ја одврзаа од столбовите, ја симнаа од огнот, па ја врзаа за тркало. Со вртењето на тркалото сите коски и ги сокршија и жилите искинаа, а таа се молеше на Господа.
Тогаш со силата Божја тркалото застана, светителката со невидлива рака беше одврзана и целото тело ѝ стана здраво. Сите присутни се восхитуваа на ваквото необично чудо и градоначалникот преку него можеше да го препознае вистинскиот Бог, но злобата го заслепи и започна со други мачења да ја мачи, та нареди да ја обесат, ребрата да ѝ ги стругаат и телото да ѝ го кинат. Сето тоа таа јуначки го поднесуваше и говореше кон единствениот Бог:
- Младоженецу мој, погледни на страдањата што ги трпам за Тебе, биди снисходлив кон мене, непотребната слугинка Твоја. Нека ти биде пријатно проливањето на мојата крв и да не бидам отфрлена од ликот на светите маченици.
Потоа беше симната од дрвото и градоначалникот ја праша:
- Добро ли ти е сега?
Светителката одговори:
- Многу добро. Која мака не би била добра и пријатна за Оној Кого Го љубам повеќе отколку здравјето и душата своја?
Градоначалникот продолжи:
- Штом ти е добро да трпиш маки за Распнатиот, тогаш ќе ти ги умножам таквите добра.
И нареди со жилети да ѝ ги отсечат градите. Од силното течење на крвта светителката многу изнемоште и посака вода, па еден што стоеше во близина, на име Кирил, ѝ даде. Кога се напи малку, таа му рече:
- Нека не те одмине наградата од Господа, Кој рекол: „Оној што ќе ве напои со чаша студена вода во Мое име, затоа што сте Христови, вистина ви велам, нема да му пропадне наградата“.
Градоначалникот ја праша:
- Доволно ли ти беа мачењата или сакаш уште? Светителката одговори:
- Прави што сакаш. Мојот Бог е силен да ме поткрепи и да ја сруши твојата гордост.
Мачителот нареди да ѝ ги искорнат ноктите од прстите, да ѝ ги отсечат рацете и нозете и да ѝ ги извадат сите заби. Светителката повторно изнемоште и побара вода, а од устата ѝ течеше многу крв. Споменатиот Кирил повторно ѝ даде малку вода, но мачителот го забележа, помисли дека е христијанин (но не беше), и веднаш нареди да го обезглават. Така отиде кај Господа да ја прими својата награда за чашата студена вода, со која што во името Христово ја напои маченицата. Светителката се освежи малку со водата, здивна и се молеше, говорејќи:
- Боже, Спасителу мој, не оставај ме.
Градоначалникот нареди да ѝ го отсечат јазикот. На тоа светителката рече:
- Беззаконски крвопиецу! И јазикот да ми го отсечеш, моето срце нема да престане да повикува кон Господа. Господ ќе ги слушне оние, кои со молчење Го молат.
Слугата зеде клешти, и го извади јазикот и ѝ го отсече. Народот започна да нагодува, да го навредува и обвинува градоначалникот за таквата свирепост и нечовечно мачење. Бесен на народот, тој нареди да ја одведат надвор од градот и да ѝ ја отсечат главата. Така светата и славна великомаченица Анастасија го доврши подвигот на мачеништвото. Нејзиното свето тело беше оставено непогребано, но со Божја промисла остана недопрена од ѕверовите. А кога падна ноќта, на блажената старица Софија ѝ се јави Ангел и ѝ нареди да го земе телото, кое лежеше во полето надвор од градот. Таа зеде чисто платно, излезе од манастирот, но не знаеше каде да оди. Затоа се помоли срдечно на Бога, и раководена од Самиот Бог тргна, дојде до местото, со љубов го целиваше светото тело на својата духовна ќерка и со солзи говореше:
- Мила ќерко, јас те воспитав во молитвено тихување и работа, во пост и молитви, и те чував во девственост и целомудрие, во стравот Божји и светата љубов Негова те поучував. Моја слатка ќерко, секогаш сострадално те раководев, додека во тебе не се вообличи Христос. Ти благодарам што ме послуша мене, бедната мајка твоја, и ја исполни мојата желба. Не се трудев залудно околу тебе. Сега те молам, не како ќерка, туку како мајка и госпоѓа моја, спомни ме додека блаженствуваш со Господа. А кога Бог ќе ми нареди да заминам од гнилежното тело, умоли ја Неговата благост, да биде милостив кон моите гревови.
Додека плачеше размислуваше што да прави, бидејќи беше сама, а притоа и многу слаба. Одвај одеше со стап и немаше сили нити да го подигне, нити да го понесе светото тело, нити пак да го погребе на тоа место. Затоа ја обзеде голема тага и беше во недоумица што да прави. Но, по промисла Божја наидоа двајца непознати луѓе, чесни на изглед, добри по разговор, христијани по вера. Тие ја затекнаа старицата како плаче над телото и ѝ помогнаа. Ги собраа отсечените делови од телото, рацете и нозете (бидејќи беа фрлени таму) и светата глава, ги припоија кон телото секој дел на своето место, го завитаа со платно и го однесоа на едно чесно место. Таму со пеење на надгробни песни го погребаа тоа скапоцено богатство, славејќи Го Отецот, Синот и Светиот Дух.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АВРАМИЈ ЗАТВОРЕНИКОТ и неговата внука МАРИЈА
Блажениот Аврамиј беше син на побожни родители. Уште од рана младост со љубов ја посетуваше црквата, го слушаше словото Божјо и се поучуваше во него. Родителите, кои многу го сакаа, го тераа да стапи во брак. На почетокот одбиваше, но на нивното упорно настојување ги послуша. Во седмиот ден по свадбата, додека Аврамиј седеше со невестата во својата соба, ненадејно како светлина блесна благодатта Божја во неговото срце, и тој, без никому збор да каже, тајно го напушти својот дом. Раководен од Бога излезе од градот, во близина најде празна куќичка, радосно се насели во неа и трудејќи се за своето спасение Го славеше Бога. Меѓутоа неговите родители и роднини многу тагуваа по него и насекаде го бараа. По седумдесет дена го најдоа во ќелијата како се моли и многу се зачудија. Блажениот им рече:
- Не чудете се, туку прославете го Човекољубецот Бог, Кој ме избави од ништовниот свет. Молете Го Господа за мене, до крај да го износам благиот јарем, на кој ме удостои. Оставете ме од љубов кон Него да живеам во молитвена осаменост и да ја творам Неговата света волја.
Кога ја видоа таквата непоколеблива одлука на својот син, родителите само рекоа „амин“.
Тој си замоли да не го вознемируваат со своите посети, па ја заклучи вратата и остави мало прозорче, низ кое што примаше храна. Така живееше служејќи Му на Бога. И неговата мисла се просвети со благодат и тој напредуваше во доблесниот живот, во големо воздржание, во смиреност, целомудрие и љубов. Гласот за него се пронесе насекаде и сите доаѓаа да го видат и чујат, зашто му се даде слово на мудрост, разум и утеха.
Десет години од заминувањето на блажениот Аврамиј од дома, починаа неговите родители и му оставија огромен имот. Тој не сакаше да го остави своето молитвено тихување, па замоли еден пријател сиот негов имот да го раздаде на сиромасите. Така остана без грижи. Негова првенствена грижа беше умот да не му се прилепува за овоземни работи. Затоа немаше ништо на земјата, освен една облека, власеница, глинен сад од кој што јадеше и пиеше, и рогозина на која што спиеше. За време на сите години од неговото монахување не го промени своето правило, а помина во монаштвото педесет години со големо усрдие и љубов кон Бога.
Меѓу селата во околината на градот имаше и едно големо село, во кое сите жители беа незнабошци и немаше кој да ги обрати кон Бога. Многу презвитери и ѓакони, кои епископот на таа епархија ги испраќал таму, не успеаја, бидејќи не можеа да ги поднесат тешкотиите и маките што им ги приредуваа. И многу монаси во многу наврати се обидуваа, но не успеваа и ги напуштаа. Во една пригода епископот, додека разговараше со своите клирици се сети на блажениот Аврамиј и рече:
- Во животот не сретнав човек како Аврамиј, совршен во секое добро и богоугодно дело.
Клириците му одговорија:
- Да, владико, тој е слуга Божји и совршен монах.
Епископот им рече:
- Сакам да го поставам за свештеник во она незнабожечко село. Со своето трпение и љубов тој ќе ги орасположи нивните срца кон себе и ќе ги обрати кон Бога.
И веднаш епископот со клирот се упати кон блажениот Аврамиј. Кога стигнаа се поздравија и епископот започна да му раскажува за тоа незнабожечко село, и го молеше да појде таму. Аврамиј многу се нажали и му рече:
- Прости ми, свети оче, и остави ме овде да ги оплакувам своите гревови. Слаб сум и неподобен за таа работа.
Епископот му рече:
- Со благодатта Божја ќе го извршиш тоа. Не биди мрзелив за доброто послушание.
Блажениот одговори:
- Ја молам твојата светост, остави ме мене, ништовниот, да ги оплакувам своите беззаконија.
Епископот му рече:
- Ете, си го оставил светот, си намразил сѐ световно, си се распнал, си ги извршил сите заповеди Божји, но послушност немаш.
Аврамиј горко заплака и рече:
- Кој сум јас? Смрдлив пес. Каков е мојот живот, та ти имаш такво мислење за мене?
Епископот одговори:
- Со животот овде ти се спасуваш само себе си, а таму со помош на благодатта Божја ќе спасиш и обратиш кон Господа многумина.
Блажениот низ солзи рече:
- Нека биде волјата Божја. Од послушност ќе појдам.
Тогаш епископот го одведе во градот, го ракоположи и со голема радост го испрати во споменатото село. По пат блажениот вака се молеше на Бога:
- Благи Човекољупче, Ти ја гледаш немоќта моја. Испрати ми ја на помош благодатта Своја, за да се прослави пресветото име Твое.
Кога во селото ги виде луѓето, обземени од демонската измама, како им служат на идолите, блажениот горко заплака и се помоли на Бога, велејќи:
- Единствен безгрешен, Боже, не презирај ги делата на рацете Твои.
Потоа му порача на оној свој близок пријател, на кого му го довери раздавањето на својот имот, преостанатите пари да му ги испрати за градба на црква. Пријателот го стори тоа и тој започна да гради храм Божји. За кратко време изгради прекрасна црква и ја украси како убава невеста. Додека се градеше, блажениот одеше и се молеше на Бога среде идолите, без збор да прозбори со некого. А кога црквата беше завршена, тој во неа со многу солзи Му принесе на Господа ваква молитва:
- Господи, собери ги расеаните луѓе и внеси ги во оваа црква. Просвети ги за да Те познаат Тебе, единствениот благ и човекољубив Бог.
Потоа отиде, го преврте незнабожечиот жртвеник и ги собори сите идоли. Незнабошците јурнаа кон него како диви ѕверови и со тепање го истераа од селото. Но, тој преку ноќта се врати, влезе во црквата и со солзи повикуваше кон Бога да ги спаси луѓето кои пропаѓаат. Утредента незнабошците го затекнаа во црквата како се моли и многу се исплашија. Тие секојдневно доаѓаа во црквата, не на молитва, туку за да ја гледаат нејзината убавина, а блажениот ги молеше да Го познаат Бога. Но, тие го тепаа со стапови, го налегнаа на земјата, му врзаа јаже за вратот и го одвлекоа надвор од селото. Мислејќи дека веќе умрел, го затрупаа со камења и заминаа. Одвај жив, тој на полноќ си дојде на себе, успеа да стане и горко плачеше молејќи се:
- Владико, зошто си ги презрел моите солзи и моето смирение? Зошто си го одвратил лицето од мене и си го презрел делото на рацете Твои? Погледни сега на слугата Твој, чуј ја молитвата моја, поткрепи ме и ослободи ги слугите Твои од ѓаволските окови, дај им да Те познаат Тебе, единствениот вистински Бог, зашто нема друг Господ освен Тебе.
Потоа влезе во селото, отиде во црквата и стоеше пеејќи и молејќи се. Утредента незнабошците повторно дојдоа. Кога го видоа жив отпрвин се запрепастија, но потоа повторно започнаа да го мачат. Го налегнаа на земјата, му врзаа јаже за вратот и го одвлекоа надвор од селото. Така страдаше блажениот три години, како цврст камен на верата, трпејќи тепан, гонет, влечен, со камења затрупуван, гладен и жеден. За сето тоа тој не се разгневи на нив, ниту изропоти, ниту се обесхрабри. Не се подаде на очајанието, туку напротив, во него посилно гореше љубовта кон Бога и сожалувањето кон заблудените. Тој ги молеше и поучуваше старците како родители, младите како браќа, и децата како свои чеда, злоставуван и навредуван од нив.
Еден ден се собраа сите жители на тоа село и восхитени од животот на Аврамиј, започнаа вака да си разговараат:
- Го гледате ли големото трпение на овој човек? Ја гледате ли неговата неискажлива љубов кон нас? Иако страотно злоставуван од нас, тој не замина одовде, никому не кажа ниту еден прекорувачки збор, ниту крена рака на нас, туку сѐ радосно поднесува. Навистина ни е испратен од Богот, за Кој постојано зборува, сведочејќи дека постои Небесно Царство, рај и вечен живот. Неговите зборови се вистинити. Ако не е така, тој не би трпел толку зла од нас. А обелоденета е и немоќта на нашите богови, зашто не можеа да го казнат кога ги уништуваше. Навистина е слуга на Живиот Бог, и сѐ што рекол е вистина. Затоа ајде да поверуваме во Богот, Кој го проповеда.
Така сите тргнаа и еднодушно влегоа во црквата, викајќи:
- Слава на небесниот Бог, Кој го испрати слугата Свој да нѐ спаси од ѓаволската измама.
Блажениот многу се израдува и лицето му заблеска како рујна зора, па им рече:
- Отци мои, браќа мои и чеда. Дојдете да Му принесеме благодарност на Бога, Кој ги просвети вашите срца, да Го познаете Него и да се исчистите од идолската нечистотија. Со сета душа верувајте во живиот Бог, бидејќи Бог е Творец на небото и земјата и сѐ што е во него и на него, беспочетен, неискажан, недостижен, светлодавец, човекољубец, страшен и благ Господ. Верувајте во Неговиот единороден Син, Кој е Негова премудрост, сила и волја, и во Пресветиот Дух Негов, Кој ги оживува сите и сѐ и откако ќе поверувате да добиете живот вечен.
Тогаш сите одговорија:
- Да, оче наш и наставнику на нашиот живот, веруваме како што ни зборуваш и нѐ учиш, и подготвени сме да правиме што ќе ни наредиш.
Тогаш блажениот ги крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, околу илјада души на број. Потоа секој ден го читаше Божественото Писмо и ги поучуваше, зборувајќи им за Царството Небесно, за рајот, пеколот, правдата, верата и љубовта. Тие се покажаа како добра земја, која прима добро семе и носи добар род. Со голема ревност, доличност и наслада го слушаа и се покоруваа на неговите зборови. Го имаа блажениот како ангел Божји и со љубов поврзани кон него, неговото учење го ставаа во своите срца.
Откако поверуваа, блажениот остана меѓу нив една година, поучувајќи ги и ден и ноќ во словото Божјо. Потоа намисли да ги остави, зашто нивната љубов кон него беше огромна, и почитувањето големо, па се плашеше умот да не му се приврзе за нешто земно, па да се поколеба во своите монашки подвизи. Една ноќ тој вака се помоли на Бога:
- Единствен Безгрешен, единствен Свет, Кој во светиите почиваш, единствен Човекољупче и милосрден Владико, Ти си ги просветил овие луѓе, си ги ослободил од идолската измама и си им го дарил познанието на Тебе. Заштити ги и сочувај ги до крај, Владетелу, чувај го ова твое добро стадо, што си го стекнал со Своето големо човекољубие, огради ги со Твојата благодат и постојано просветувај ги нивните срца, за откако ќе Ти угодат да се удостојат на Твоето Небесно Царство. Заштити ме и мене, немоќниот и недостоен, и не земај ми го ова за грев, зашто Ти, Сезнајниот, знаеш дека Те љубам и за Тебе чезнеам.
Светителот се осени со крсниот знак, тајно замина и се сокри од нив во друго место. Утредента новопросветените луѓе по својот обичај дојдоа во црквата и го бараа, но не го најдоа. Тие многу се чудеа, одеа како изгубени овци и со солзи го повикуваа својот пастир. Откако насекаде го бараа и не го најдоа, многу се натажија и веднаш отидоа кај епископот и сѐ му раскажаа. Епископот се натажи и веднаш испрати многу луѓе на сите страни, да го бараат блажениот. Пратениците го бараа како скапоцен камен, но не го најдоа. Тогаш епископот со клирот отиде во селото. Кога виде дека сите се утврдени во верата и љубовта Христова, избра од нивната средина достојни и ги постави за презвитери и ѓакони, и откако ги благослови замина.
Блажениот Аврамиј многу се израдува на тоа, Го прослави Бога и рече:
- Со што ќе Ти возвратам, мој благи Владико, за сѐ што си ми дал? Ти се поклонувам и го прославувам Твоето промислување.
Потоа радосен се врати во својата поранешна ќелија, си направи покрај неа уште една мала ќелија, и се затвори во неа. Но ѓаволот, гледајќи ги неговите подвизи се распукнуваше од омраза и се трудеше на сите можни начини да го сотре. Сакајќи да го вовлече во гордост, тој еднаш дојде кај него со славопојка. Додека блажениот стоеше на молитва на полноќ, ненадејно заблеска сончева светлина во неговата ќелија и се слушна глас, како од Бога:
- Блажен си ти Аврамиј, блажен, зашто никој меѓу луѓето не ја исполни Мојата волја како ти.
Но, блажениот веднаш ја препозна ѓаволската измама и рече:
- О, исполнет со измама и гибел! Нека загине твојата злоба заедно со тебе. Јас сум грешен човек, но имам надеж во благодатта и помошта на мојот Бог, и не се плашам од тебе, ниту ќе ме исплашат твоите привиденија. Моја непобедлива тврдина е името на мојот спас Исус Христос, Кого Го засакав и со Чие име ти забранувам, нечист песу, да го правиш тоа.
И веднаш ѓаволот исчезна како чад.
По неколку дена, додека блажениот се молеше ноќе, повторно дојде сатаната со секира во рацете и започна да му ја руши ќелијата, па повика со силен глас кон другите ѓаволи:
- Побрзајте, пријатели мои, да влеземе и да го задавиме.
А блажениот рече:
- Сите народи ме опколија, но со името Господово јас ги разбив (Пс. 117, 10).
И сатаната веднаш исчезна и ќелијата остана неоштетена.
По неколку дена, додека се молеше на полноќ, блажениот виде дека рогозината на која што стоеше пламна во оган. Тој згазна на пламенот и рече:
- На отровници и на змии ќе нагазувам, и ќе го згазам лавот и змејот", и сета сила вражја, заради името на мојот Бог Исус Христос, Кој ми помага.
Сатаната побегна, викајќи со силен глас:
- Јас ќе те победам, лошолики, зашто измислив ново лукавство против тебе.
Еднаш, додека блажениот јадеше, ѓаволот повторно влезе во неговата ќелија во вид на момче, му се приближи и сакаше да му го преврте садот од кој јадеше. Блажениот го забележа тоа и продолжи да јаде држејќи го садот без страв, а ѓаволот стоеше пред него. Потоа постави свеќник со запалена свеќа и со силен глас започна да пее:
- Блажени се оние на кои патот им е чист, кои одат според законот Господов (Пс. 18, 1).
Ѓаволот го отпеа тој псалм до крај, а светителот не му одговори ништо додека не заврши со јадењето. Потоа се прекрсти и му рече:
- Нечист песу, немоќен и плашливец. Кога знаеш дека се блажени оние на кои што патот им е чист, зошто ги вознемируваш? Блажени се и преблажени сите кои се надеваат во Бога и од срце Го сакаат.
Ѓаволот одговори:
- Јас ги вознемирувам за да ги победам, ги соблазнувам за да ги одвратам од секое добро дело.
Блажениот му рече:
- Проклетнику, ти не можеш да совладаш и соблазниш никого од оние што се плашат од Бога. Ги победуваш сличните на себе, кои отстапиле од Бога по своја волја. Ти ги прелестуваш и победуваш нив, бидејќи го нема Бога во нив. А од оние кои Го љубат Бога ти исчезнуваш како чад од ветер. Нивната молитва те брка како што ветрот ја брка прашината. Не се плашам од тебе и да стоиш овде цела година и повеќе. Ниту ќе направам нешто по твоја волја, песу нечист. Не те сметам за ништо, како цркнат пес.
И ѓаволот веднаш исчезна. По пет дена, кога блажениот ја завршуваше полуноќницата, повторно врагот дојде кај него, пратен божем со голема толпа народ, и божем фрлаше јаже на неговата ќелија. Додека го влечеа, тие си довикуваа еден на друг:
- Да го фрлиме во јамата.
Блажениот го виде и рече:
- Ме опкружија како пчели околу саќе, па се запалија како оган во трње. Со името Господово јас им се спротивставив (Пс. 117, 12).
Сатаната викна:
- Веќе не знам што да правам. Ме победи во сѐ и ја сотре мојата сила. Но, нема да те оставам додека не те совладам и скротам.
Блажениот му одговори:
- Проклет да си и ти, и сите дела твои, нечисти! Слава и поклонување на нашиот Владика, Кој прави да те сотираме и исмеваме ние, кои Го љубиме. Знај, беднику и бесрамнику, дека не се плашиме ни од тебе ни од твоите привиденија.
Така ѓаволот долго време водеше борба со светителот, сакајќи со разни привиденија да го исплаши, но не успеа да го победи. Сепак, тој напредуваше во големите подвизи и љубовта кон Бога, и водејќи таков живот се удостои на благодатта Божја. Не помина ниту еден ден од неговото монаштво без солзи, ниту некогаш се насмеа, нити до зејтин се допре неговата уста, нити го изми своето лице, туку живееше како секој ден да умира.
Блажениот имаше роден брат, кој имаше ќерка единица. Кога умре таткото девојката остана сираче. Познаниците ја однесоа кај нејзиниот стрико, блажениот Аврамиј, на седумгодишна возраст. Тој одреди таа да живее во надворешната ќелија, а самиот живееше затворен во внатрешната. Меѓу овие ќелии имаше мала вратичка, низ која својата внука ја поучуваше во Псалтирот и останатите книги. И монахуваше девојчето со него, подвизувајќи се во пост и молитви, и во сите монашки подвизи и доблести. Блажениот многу пати со солзи се молеше на Бога за неа, таа да Го засака Господа и да не се приврзе за земната суета. Таткото ѝ беше оставил доста имоти, кои светителот нареди веднаш да се раздадат на сиромашните, штом го доведоа девојчето кај него. Таа го молеше својот стрико да се моли на Бога за неа, за да се избави од ѓаволските замки.
Во својот монашки живот во сѐ се огледуваше на својот стрико и старецот многу се радуваше на нејзините добри подвизи, солзите и смиреноумието, молитвеното тихување, кротоста и љубовта кон Бога. Така живееше со него дваесет години како чиста овчичка, како пречиста гулабица. Но, при крајот на дваесеттата година, ѓаволот намести стапица да ја улови, та барем на тој начин да го ожалости блажениот и неговиот ум да го раздели од Бога. Во тоа време имаше еден монах, кој го имаше само името монашко, но не и подвизите. Тој доаѓаше кај свети Аврамиј божем за поука, но кога ја виде блажената Марија низ вратичката, го обзеде желба за неа, и сакаше да разговара со неа, зашто во срцето му се разгоре луда љубов кон неа.
Тоа траеше цела година, додека помогнат од ѓаволот не ја отвори вратата од нејзината ќелија, влезе кај неа, ја заведе и ја обесчести. Но, по сторениот грев душата ѝ ја обзеде ужас и таа ја раскинуваше својата облека, се тепаше по лицето, и од мака сакаше да си го одземе животот. Таа си мислеше:
„Умрев со душата, си го упропастив животот. Мојот монашки труд, воздржанието и солзите отидоа во бестрага, Го разгневив Бога, се погубив себе си и мојот преподобен стрико го фрлив во горка мака. Исмеана сум од ѓаволот. Зошто повеќе да живеам јас, бедната? О, тешко мене! Што сторив! Тешко мене! Во што паднав! Некаков темен мрак го покри моето срце и јас не знам што да сторам и каде да се сокријам. Каде да одам, во која провалија да се фрлам? Каде е учењето на мојот преподобен стрико? Каде се поуките на неговиот пријател Ефрем?! Тие ми говореа да внимавам на себе и да ја чувам својата душа неосквернета за бесмртниот Младоженец, зашто Он е свет и сечист. Отсега нема да се осмелам да погледнам во небото, зашто умрев за Бога и луѓето. Да останам овде не можам. Како јас, грешната, полна со нечистотија, повторно ќе можам да разговарам со овој свет отец? А ако се дрзнам, оган ќе пламне од оваа вратичка и ќе ме спали. Подобро да заминам во друга земја, каде никој не ме познава, зашто немам веќе надеж за спасение“.
- И веднаш тргна и отиде во друг град. Го промени својот надворешен изглед и отседна во една гостоприемница. Додека се случуваше сето тоа со неа, блажениот Аврамиј имал вакво видение:
Видел тој страшна и ужасно голема змија, одвратна на изглед, страотно разлутена, како се довлечкала до неговата ќелија, ја нашла гулабицата и ја проголтала, па повторно се вратила на своето место.
Штом се разбуди блажениот го обзеде голема тага, горко плачеше и си велеше:
„Зарем сатаната крена гонење против светата Црква и многу народ одврати од верата, или пак ќе настане раздор во Црквата?“
И се помоли на Господа и рече:
- Човекољупче и Сезнаен Господи, Ти единствен го разбираш ова видение.
По два дена, по втор пат ја видел во видение онаа иста змија. Таа излегла од своето легло, доползила до него во ќелијата, ја провлекла главата под неговите нозе и препукнала. Во нејзината утроба се нашла онаа гулабица и тој ја протегнал раката и ја зел жива и неповредена. Штом се разбуди, блажениот веднаш неколку пати викна низ вратичката кон девицата, говорејќи:
- Зошто веќе втор ден си мрзлива и не ја отвораш својата уста на словословие кон Бога?
Но, одговор немаше. Блажениот ја отвори вратичката, но не ја најде својата внука внатре. Тогаш сфати дека видението се однесува на неа, па заплака и рече:
- Тешко мене! Волкот ја грабнал мојата овчичка и моето чедо е во ропство.
И низ солзи со силен глас говореше:
- Спасителу на целиот свет, врати ја Твојата овчичка Марија во трлото на животот, за мојата старост да не влезе со тага во адот. Господи, не презирај го моето молење, испрати ја благодатта Своја, брзо да ја земе од устата на змијата.
Ова видение блажениот го имаше два дена по заминувањето на Марија. Таа помина две години без својот стрико, кој ден и ноќ се молеше на Бога за неа. По две години беше известен каде се наоѓа и како живее. Светителот замоли еден свој познаник да појде во тоа место и точно да го извести за неа. Пратеникот отиде, па се врати и му раскажа сѐ за неа. Тогаш блажениот се преоблече како војник, стави на својата глава голема и многу висока шубара, за да му го покрие лицето, зеде еден дукат со себе, па се качи на коњот и тргна.
Кога стигна во гостоприемницата каде што престојуваше Марија, му се насмевна на гостилничарот и рече:
- Сум слушнал, пријателе, дека овде имаш многу убава девојка.
Покажи ми ја, за да ѝ се нагледам.
Кога ја виде неговата седост гостилничарот се насмеа во себе, зашто си помисли дека прашува за неа од блудни помисли, па му одговори:
- Навистина имам таква девојка. Таа е необично убава.
Марија навистина беше многу убава. Старецот весело му рече:
- Повикај ја, да се провеселам денес.
Кога Марија дојде и светителот ја виде блуднички нагиздена, му дојде да залелека. Но, се воздржа, за да не го препознае и да побегне. Додека седеа и пиеја, овој чудесен маж започна да ја задева. Таа стана, го прегрна и започна да му го бакнува вратот. Но, додека го бакнуваше почувствува прекрасен мирис, кој излегуваше од неговото чисто и од многуте подвизи умртвено тело. Тогаш се сети на првиот ден од своето воздржание, воздивна, заплака и рече:
- О, тешко мене!
Гостилничарот ја праша:
- Марија, веќе втора година си овде со нас и јас никогаш не слушнав од тебе такви зборови и воздишка. Што се случи со тебе?
Таа одговори:
- Да умрев пред две години ќе бев блажена.
Тогаш блажениот Аврамиј, за да не го препознае, со груб глас ѝ рече:
- Ти сега се сети на своите гревови, кога дојде кај мене, а?
И го извади дукатот, му го даде на гостилничарот и му рече:
- Пријателу, подготви ми добра вечера, оваа ноќ да се развеселам со оваа девица. Поради неа дојдов од далеку.
О, каква богомудрост во светиот старец! Колку духовен разум! Колку смирена снисходливост! Оној, кој во текот на педесет години од своето монаштво никогаш ни леб не јадел до заситување, нити вода пиел доволно, сега јаде месо и пие вино, за да ја спаси пропаднатата душа. На таквото расудување на овој блажен отец, и на великодушноста и мудрата снисходливост, се восхитуваа чиновите свети ангели на небесата. Тој јадеше месо и пиеше вино за пропаднатата душа да ја избави од гревовната нечистотија. О, премудрост над премудрите. О, разум над разумните.
По вечерата и веселбата Марија му рече:
- Господине, ајде во собата, за таму да спиеме.
Тој ѝ одговори:
- Ајде.
И кога влегоа Аврамиј виде широк кревет, раскошно наместен, седна на него и ѝ рече на Марија:
- Заклучи ја вратата, па дојди.
Таа заклучи, му пријде, а тој ѝ рече:
- Дојди поблиску.
И ја фати, ја стегна цврсто да не побегне и ја бакна. Потоа ја симна од главата својата војничка шубара, се расплака и ѝ рече:
- Чедо мое, Марија, зар не ме познаваш? Зарем јас не те воспитав? Шкто се случи со тебе, чедо мое? Кој те погуби? Каде е ангелскиот образ што го доби од мене, чедо мое? Каде е твоето воздржание и твојот солзен плач? Каде е твоето молитвено бдеење и лежење на земјата? Ти како од небесните височини да си паднала во провалија. Чедо мое, зошто не ми кажа кога согреши, за да го земев врз себе покајанието за тебе, заедно со мојот мил Ефрем? Зошто така постапи и ме ожалости, и во толку ужасна тага ме фрли? Кој е без грев освен единствениот Бог?
Додека го слушаше тоа, Марија беше во неговите раце како бездушен камен, и истовремено се плашеше и срамеше, а блажениот продолжи:
- Не ми одговараш, чедо мое. Зарем не дојдов овде за тебе? Јас ќе одговарам за тебе во денот на судот. Јас ќе го земам на себе покајанието за твоите гревови.
Така до полноќ плачеше, ја молеше и советуваше. Таа се смири малку и низ солзи му рече:
- Од срам не можам да погледнам во тебе. Како можам да се молам на Бога, кога сум осквернета со нечисти дела?
А тој ѝ рече:
- Твојот грев нека биде врз мене, чедо мое. Бог нека го бара твојот грев од рацете мои, само ти послушај ме и ајде со мене, повторно затвори се во својата ќелија. За тебе Го моли Бога и Ефрем. Те преколнувам, смилувај се на мојата старост, животу мој, ајде со мене.
Таа му одговори:
- Ако си убеден дека можам да се покајам и дека Бог ќе ја прими мојата молитва, тогаш ќе дојдам, ќе паднам пред твоето преподобие, ќе ги целивам твоите свети нозе, затоа што се сожали на мене и дојде да ме извлечеш од оваа погана нечистотија.
И ја стави својата глава врз нозете негови и цела ноќ плачеше и говореше:
- Со што ќе ти возвратам за сето ова?
Кога осамна тој ја повика да стане и да тргнат, а Марија му рече:
- Јас овде имам малку злато и фустани. Што ќе правиш со нив?
Блажениот ѝ одговори:
- Остави ги. Тоа е нечесен имот.
Тогаш станаа и тргнаа веднаш. Марија се качи на коњот а преподобниот одеше напред и го водеше. Одеше радосен како пастир, кој ја нашол заталканата овца и со радост ја кренал на своето рамо (сп. Лука15, 4-5). Така и блажениот Аврамиј имаше радосно срце, Кога стигнаа ја затвори Марија во внатрешната ќелија, во која се подвизуваше порано, а тој отиде во надворешната. Марија со груба власеница, со смирение и плачење, воздржание и кротост монахуваше усрдно и Го повикуваше Бога на помош и се каеше со голема ревност. Нејзиното покајание и молитви беа такви што нашето покајание според нејзиното е само сенка, и нашата молитва спрема нејзината не претставува ништо. И милосрдниот Бог, Кој не сака никој да загине, туку сите да се покаат, се смилува на вистински покајната слугинка Своја и ѝ го прости гревот. Како знак за тоа ѝ подари благодат да ги исцелува оние што доаѓаат.
Блажениот Аврамиј поживеа уште десет години. Додека го гледаше големото покајание на Марија, и солзите, и постот, и трудовите, и срдечните молитви кон Бога, се тешеше и Го славеше Бога. Потоа се упокои во Господа во својата седумдесетта година. Во часот на неговото претставување се собра речиси целиот град и сите усрдно пристапуваа кон неговото чесно тело, а болните добиваа исцеленија.
А Христовата овчичка Марија, по претставувањето на својот стрико поживеа пет години во големо воздржание, и ден и ноќ молејќи Му се на Бога со солзи. Тамошните жители на минување многу пати го слушаа нејзиниот плач и безмерното ридање, и застануваа, се восхитуваа и Го прославуваа Бога. Така, откако вистински се покаја и Му угоди на Бога, блажената Марија се претстави во мир. И сега, по срдечното плачење, таа со светиите радосно се весели во Господа, Кому слава за навек. Амин.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АВРАМИЈ РОСТОВСКИ
Преподобен Аврамиј беше син на благочестиви родители. Уште во младоста ги остави родителите и светскиот метеж, го зеде крстот свој и Го следеше Христос, Кој од срце го засака. Откако стана монах направи од себе чисто живеалиште на Светиот Дух. Телото го потчини на духот и умртвувајќи го со многу трудови ги победи страстите и иако беше во тело водеше живот сличен на бестелесните ангели. Затоа им стана старешина на монасите и светлина на светот, кој го збогати со своите чудеса. Со благодатта Христова исцелуваше телесни и душевни неизлечиви болести и страсти.
Во негово време во Ростов сѐ уште сите не беа крстени. Чудскиот крај од градот му се поклонувал на камениот идол Велес. Нечистиот дух, кој живееше во идолот, ги плашеше сите и христијаните не смееја да минуваат во негова близина. Преподобниот Аврамиј гореше од ревност да го искорени остатокот на незнабоштвото во Ростов. Тој Го молеше Бога да му подари сила и благодат на Светиот Дух да ги уништи идолите, но молитвата долго не му беше услишана.
Еднаш, кога преподобниот во тага и недоумица седеше во близина на идолот, одеднаш виде благолепен старец како доаѓа кон него. Тој стана и побрза да го пречека. Откако се поздравија и благословија, преподобниот го праша старецот:
- Од каде доаѓаш, оче? Од која земја си?
- Оче, јас сум од Цариград и во вашата земја сум дојденец и богомолен патник. Но, кажи ми, оче, зошто седиш тажен близу овој идол Велес?
- Го молам Господа Бога, - одговори Аврамиј, - да ми даде сила да го разбијам идолот, но Господ не ја слуша мојата молитва, и еве, седам тажен.
- Ако сакаш да го добиеш бараното, - му рече старецот на Аврамиј, - тогаш појди во Цариград, најди го домот на Јован Богослов и желбата ќе ти се исполни.
Преподобниот се натажи заради далечниот пат, и старецот му рече:
- Господ Бог ќе ти го скрати патот.
Блажениот Аврамиј, полн со Светиот Дух, зеде благослов од старецот и тргна на пат, заборавајќи на далечината. Кога излезе од градот и ја премина реката Ишна, го сретна некој непознат човек, кој со својот изглед влеваше страв, речиси целосно без коса на главата, со голема округла глава, лице благо и светло, сиот прекрасен. Во рацете имаше трска. Блажениот Аврамиј му се поклони. Непознатиот го праша каде оди, а тој му рече дека оди да го пронајде домот на Јован Богослов. Непознатиот рече:
- Доближи се, старче, земи ја оваа трска, па врати се назад, појди кај идолот Велес, удри го со трската во име на Јован Богослов и бедникот ќе се претвори во прав.
Со тие зборови непознатиот стана невидлив.
На блажениот му беше јасно дека тоа беше свети Јован Богослов, и обземен од страв и радост се врати назад, му пријде на идолот, го удри со трската во име на Јован Богослов и веднаш тој се претвори во прав.
На местото каде што го сретна светиот старец, тој изгради црква во име на свети Јован Богослов. А на местото каде што се наоѓал идолот Велес, преподобниот со благослов на епископот изгради мала црква, во име на Богојавлението Господово, уреди покрај неа ќелии, собра монаси и основаше општожитие.
Многу зла претрпе преподобниот Аврамиј од незнабошците. Еднаш тие сакаа да ја срушат црквата и да го запалат манастирот, но Бог не им дозволи заради молитвите и трпението на преподобниот. Сепак, по кратко време преподобниот со своето учење и трпение ги приведе сите незнабошци кон Христос. Ги крсти од мало до големо и тие започнаа да одат во црквата на служба Божја. Преподобниот Аврамиј ги утврдуваше во верата со читањето од светите книги и духовните поуки. Многу момчиња ги оставаа родителите, тајно доаѓаа кај него и се замонашуваа. Така се зголемуваше братството и преподобниот изгради голема црква, ја украси со прекрасни икони, ја снабди со свети книги и воведе благолепно пеење. Ростовскиот кнез го засака угодникот Божји со браќата негови, и започна да дава многу имоти за изградба на манастири и потребите на браќата.
Гледајќи го напредокот и процветот на манастирот, ростовскиот епископ во договор со кнезот го произведе преподобниот Аврамиј за архимандрит. Од тогаш започна уште посрдечно да се подвизува, додавајќи труд врз труд и им беше пример на сите со смирението и нелицемерната љубов кон секој дојденец.
Но, ѓаволот не го остави. Му се нафрли и му вршеше пакости и дење и ноќе. Сепак, ограден со Христовата благодат и крсниот знак, тој не му се плашеше. Во една пригода, кога преподобниот во својата ќелија пред Светата Литургија ги прочита пропишаните молитви за света Причест и сакаше да си ги измие рацете пред одење во црквата, ѓаволот влезе во мијалникот за да му наштети. Преподобниот го сфати неговото лукавство, го зеде крстот, го стави врз садот, го прекрсти и го остави така долго време, без да го допре. Така ѓаволот, горен од светиот крст, се мачеше и не можеше да излезе од садот. Во тоа време ростовските кнезови по обичај дојдоа во манастирот да се помолат на Бога и да земат благослов од преподобниот, но кога влегоа во ќелијата тој не беше внатре, туку ги переше власениците на своите браќа. Кога слушна за доаѓањето на кнезовите побрза да ги благослови, а во меѓувреме тие во ќелијата го забележаа садот со чесниот крст врз него и се чудеа. Еден од кнезовите го зеде крстот за да се благослови со него, и во тој момент ѓаволот излезе како црн и смрдлив чад, та сите се исплашија. Кога преподобниот наближи до ќелијата, нечистиот дух го сретна и започна да го навредува и да му се заканува:
- Беднику, ти направи да бидам мачен со силата на невидливиот Бог, да бидам горен со силата на крстот, но наскоро и јас ќе ти приредам мачења и ќе те победам. Ќе фрлам клетва на тебе и ќе те предадам на маки и потсмев. Ќе бидеш качен на шарена магарица без седло и обуен во женски црвени обувки. И многу најразлични нешта ќе претрпиш, како што и јас претрпев од тебе.
Преподобниот се прекрсти и ѓаволот веднаш исчезна. Кога влезе во ќелијата ги удостои кнезовите на својот благослов, ги поучи и ги отпушти со мир. По некое време, за да му се освети, ѓаволот се претвори во војник, отиде кај големиот кнез во Владимир и започна страшно да го обвинува:
- Господару, во твојата држава, во градот Ростов, има еден монах Аврамиј волхв, кој се прави смирен и свет, а всушност ги лаже луѓето. Тој пронајде во земјата големо богатство, огромен бакарен сад, и во него многу злато, златни појаси и синџири, и многу сребро и други скапоцености. Вредноста на тоа богатство едноставно не може да се процени. Со тоа богатство изгради манастир, голема црква, а тебе не те извести, иако сето тоа му припаѓа на твоето величество.
Големиот кнез многу се разгневи и испрати еден лош војник, со наредба веднаш да го доведе преподобниот, онаков каков што ќе го затекне, без збор да му каже. Во тоа време тој се молеше во ќелијата само во власеница и без обувки. Опакиот војник ненадејно влезе кај него, безмилосно го зграпчи, без да му дозволи да се обуе и облече, го качи на коњ и побрза кон градот Владимир. Преподобниот сфати дека тоа е ѓаволска освета и не се исплаши, туку Му благодареше на Бога. На другата страна од Ростовското езеро тие налетаа на човек, кој ораше со шарена магарица и држеше во рацете црвени женски кондури. Војникот го качи преподобниот на магарицата, му ги навлече на нозете женските кондури и на најбрз начин таков му го предаде на големиот кнез.
Кнезот нареди и војникот тужител да го доведат кај него, а всушност преправениот ѓавол ги повторуваше оние исти зборови на обвинување во однос на пронајденото богатство. Кога го слушна тоа, блажениот ги крена рацете кон небото и му се закани на злиот дух со силата на нашиот Господ, говорејќи:
- Те заколнувам со името Господово, кажи ми кој си ти, што така ме клеветиш?
Ѓаволот затрепери и рече:
- Јас сум ѓаволот, кој од искона го мрази доброто и родот човечки, особено монасите кои се плашат од Бога. Гледаш ли, старче, дека го сторив тоа што ти го реков, затоа што ме мачеше во твојот беден сад?
Откако го рече тоа, ѓаволот веднаш исчезна. Кога ја виде ѓаволската прелест и исмеаниот свет отец пред себе, големиот кнез а и сите присутни многу се исплашија. Кнезот започна да моли за прошка и низ солзи говореше:
- Оче, јас сум виновник за твоето принудно доаѓање овде. Јас многу те навредив. Прости ми, оче, за сѐ. Ѓаволот ми го помрачи срцето, оче, и створи во мене јарост против тебе и ме фрли во грев.
Старецот рече:
- Господ нека ти прости, господару. Тоа е дело на древниот непријател - ѓаволот. Затоа немој да се чудиш. Од искона војувајќи против луѓето, тој особено навикнал да им пакости на оние кои се бојат од Бога.
Кога го виде смирението на преподобниот и неговите тивки и кротки зборови како да не го снашло никакво зло, кнезот му оддаде големо почитување и подари на неговиот манастир многу имоти, па го отпушти со мир.
Поживеа преподобниот Аврамиј многу години во својот манастир во големо смирение, додавајќи труд врз труд, па со мир отиде кај Господа, Кого од мал Го засака.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША АНА, која се подвизувала под машкото име ЕВТИМИЈАН
Преподобна Ана е родена во Византија. Татко и беше благочестив ѓакон на Влахернската црква Пресвета Богородица. Остана рано без родители и како сираче ја одгледа нејзината баба.
Кога порасна бабата се погрижи да ја омажи, иако Ана не го сакаше тоа. Во тоа време од гората Олимп дојде еден роднина на нејзиниот татко, кој беше монах, многу голем испосник и проѕорливец, на кого Лав Иконоборецот му го беше отсекол јазикот, но без оглед на тоа тој непречено зборуваше. Кога ја виде својата роднина зажали што е омажена и рече:
- Зошто сте ја омажиле Ана, која е одредена за испоснички подвизи и трудови?
Откако го рече тоа ја благослови и замина.
По една година умре беззакониот цар Лав и на престолот стапија православните и благочестиви цареви Константин и Ирина. Тие изразија желба да го видат споменатиот подвижник од Олимп, за од него да добијат благослов и потребните совети. За време на овој свој престој во Цариград, тој повторно се виде со својата роднина Ана и ѝ рече:
- Биди храбра, чедо, зашто праведниците имаат многу неволји. Знај и дека твојот маж наскоро ќе умре, но откако ќе му родиш дете.
Пророштвото на преподобниот се исполни. Ана роди дете и додека тоа сѐ уште беше многу мало, маж ѝ се разболе. Во тоа време Ана беше на пат да роди и второ дете. Но, по шест месеци од зачнувањето на второто дете, нејзиниот маж умре. Откако го оплака и погреба, Ана го даде своето дете на една роднина да се грижи за него, а таа се предаде на големи тајни подвизи и се молеше по разни цркви. Водејќи таков живот, таа го роди и второто дете. Во тоа време повторно дојде во Цариград оној проѕорлив Олимписки подвижник. Кога го виде, Ана му падна пред нозете и молеше за благослов. Старецот ја благослови и ѝ рече:
- Јакни во Господа.
Потоа ја праша:
- А каде ти е детето? Таа одговори:
- Едното е кај братот твој и во Бога добротвор мој, а другото кај мене. Откако го рече тоа Ана започна да воздивнува и да се жали на тешкотиите на својот живот. Таа со горки солзи му говореше:
- Помоли се, чесен оче, за моите деца. На тоа старецот ѝ рече:
- Ним не им се потребни молитви.
Овие зборови многу тешко ѝ паднаа на Ана, та длабоко воздивна и рече:
- Тешко мене, грешната, што ли ќе се случи со мене?
Старецот ѝ рече:
- Нели ти реков и порано, чедо, дека многу неволји имаат праведниците? Треба да се биде храбар и да се трпи. Ако не ги претрпиме неволјите и искушенијата, нема да се спасиме. Така Му е угодно на Бога.
Тогаш Ана праша:
- Господару мој, дали би Му било угодно на Господ Христос моите мали дечиња да ги земе во небесниот живот?
Старецот ѝ одговори:
- Добро рече, чедо. Господ навистина набрзо ќе ги земе кај Себе.
Тогаш Ана Му заблагодари на Бога, падна пред нозете на светиот старец, доби од него молитви и благослов и си замина смирена. Набрзо потоа се исполни претскажувањето на Олимпискиот старец, и двете Анини деца отидоа кај Господа. Ана пролеа многу солзи по нив. Потоа сиот свој имот го раздаде на сиромашните и одеше по црквите молејќи се од срце, палејќи ги кандилата пред светите икони и целивајќи ги. Најпосле сретна еден добар монах, старец од Олимп, и на едно тајно место прими од него монашки постриг и стана монахиња, но врз себе облече машка монашка облека, па кришум отиде на Олимп. Таму во еден општожителен манастир започна да го моли вратарот да ѝ дозволи да се види со игуменот. Игуменот ја повика, а таа се фрли пред неговите нозе и го замоли за вообичаениот благослов. Откако ја благослови ја праша:
- Зошто си дошол кај нас, брате? (мислеше дека пред него стои евнух). Како се викаш?
Ана одговори:
- Дојдов овде, свети оче, поради моите многубројни гревови, за во молитвено тихување и чистота да го поминам остатокот од животот, та и јас, иако најнедостоен, да најдам милост од Бога во денот на судот. Се викам Ефимијан, а бев евнух на царскиот двор.
Игуменот ѝ рече:
- Чедо, ако навистина имаш таква мисла во срцето и бараш спасение за душата, тогаш бегај од зборувањето и страстите, зашто природата на евнусите е склона кон страсни помисли.
Потоа старецот ги изврши вообичаените молитви и ја вброи Ана во братството на општожитието. Оттогаш таа започна срдечно да се подвизува во сите доблести, особено во смирението, и толку многу напредуваше, така што им стана образец и пример во секоја доблест на сите монаси во општожитието.
Но, служителот кој што го беше оставила да ги уреди нејзините домашни работи, откако го стори тоа тргна да ја бара. Го сретна монахот што ја пострижа блажената Ана и започна да го распрашува за неа, а тој му одговори:
- Нема да сокријам дека таа од мене прими монашки постриг, се облече во машка монашка облека, но каде се наоѓа сега не знам.
Наслушнав дека е примена во братството на еден од Олимписките манастири. Ајде заедно да појдеме во тој манастир, па да се распрашаме за неа.
Тие го прашаа вратарот и од него дознаа дека е во тој манастир, па го замолија да ѝ јави дека ја бараат. Кога слушна таа излезе, а монахот што ја пострижа посочи кон нејзиниот служител и рече:
- Еве го твојот верен слуга, кој многу пропатил барајќи те. Ако сакаш, ајде во нашиот манастир.
Преподобната отиде кај игуменот, побара благослов од него и откако доби отиде во друг манастир со монахот и својот слуга. Тука долго време неуморно се трудеше во подвизите, и Бог ја удостои на дарот на чудотворството. Светата подвижничка вршеше безбројни чуда. Гласот за неа се пронесе на сите страни и многу мирјани доаѓаа во манастирот да станат монаси, но тој беше претесен за да прими толку баратели. Затоа игуменот, поттикнат од Бога, со писмо го извести тогашниот цариградски патријарх свети Тарасиј за чудата на монахот Ефтимијан, известувајќи го дека тие чуда привлекуваат во манастирот многу луѓе, кои сакаат да се замонашат, но манастирот е мал да ги смести. Патријархот му подари пространо место, со наредба да изгради голем и широк манастир, кој набрзо беше изграден и блажената се насели во него и ги продолжи своите богоугодни подвизи, за спасение на многумина. Нејзината слава сѐ повеќе растеше, но и во таа слава не ги одмина неволјите. Ја снајде голема неволја од еден наизглед монах, но според делата пријател на злобниот ѓавол. Тој обљуби една девојка и разгласи дека тој грев го сторил Ефтимијан. Света Ана мирно ја поднесуваше таа клевета, а во нејзина одбрана стапи една богољубива жена. Штом слушна за гадната клевета на бесрамниот монах, жената му рече:
- Внимавај, брате, евнухот кого ти го клеветиш да не излезе дека е света девственичка, па да настрадаш за своите гревови, зашто си достоен за пеколот поради срамотењето на оваа невина бестрасница.
Но, расипаниот монах и понатаму ја клеветеше преподобна Ана, сѐ додека по волја Божја не се обелодени дека монахот Евтимијан всушност е блажена жена. Тогаш несреќниот клеветник монах замина во својот роден крај, беше осуден на смрт и обесен за убиството што го беше извршил пред да стане монах. Света Ана не сакаше да биде откриена нејзината тајна и побегна оттаму со двајцата монаси Евстатиј и Неофит во една пустина. Најде таму една запуштена црква и заедно со нив се насели во неа. Од таму отиде во краевите Исагматски, каде и понатаму ревносно се подвизуваше, давајќи им исцеленија на сите и вршејќи чуда, сѐ додека Господ не ја повика во небесните живеалишта. Така го помина својот живот свето и богоугодно и отиде кај Господа, Кого од младоста Го засака.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА МЕЛИТИНА
Света Мелитина како христијанка беше изведена пред областниот кнез. Најпрвин ја тепаа по лицето, а потоа ја соблекоа гола.
Така исмевана заради Христа, стоеше како победничка среде судницата многу часови. Таа го исмеа кнезот и сите негови идоли, зашто бесчестењето што го примаше заради Христос го сметаше за чест. Потоа беше ставена на најразлични маки, но со благодатта Божја остана неповредена. Најпосле беше избодена со мачеви и така ја предаде својата душа во рацете Божји.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ТИМОТЕЈ ЕСФИГМЕНСКИ
Светиот преподобномаченик Тимотеј беше селанец од селото Кисан во Тракија. Неговото вистинско име, што го доби на светото крштение беше Трендафил. Како зрел човек стапи во брак, во кој доби две ќерки. Богоугодниот и мирен живот на ова среќно семејство створи завист кај ѓаволот и тој скрои план како да го уништи. Со таа цел го исполни со сладострастие срцето на еден муслиман кон жената на Трендафил, та тој насилно ја грабна, ја приведе во муслиманската вера и ја смести во својот харем. Скршен од болка заради гибелта на својата жена, лишена од вечните богатства, добриот Трендафил започна од срце да се моли на Севишниот Творец да ја врати загинатата душа. Истовремено тој се плашеше и за своите ќерки, па затоа ги смести кај своите роднини.
Тагата за саканата сопруга го притискаше кутриот Трендафил и тој одлучи некако да ја извлече од рацете на ѓаволот. Затоа, покрај срдечните молитви кон Господа, започна преку други тајно да ја советува да ја напушти муслиманската вера, зашто заради отпадништвото од православната вера ја очекуваат вечни маки. Неговите сесрдни молитви беа услишани од Бога, и во срцето на отпадничката се јави добра мисла. Таа се покаја за својот пад и реши да се врати, но не знаеше дека е многу тешко да се извлече од канџите на грабнувачот, па му предложи на Трендафил привидно тој да ја прими муслиманската вера, па потоа преку суд да ја побара од грабнувачот, зашто е невозможно поинаку да се ослободи од харемот. А кога ќе биде ослободена се должни да го остават светот и да заминат тој на Света Гора, за таму да се замонаши и да бара простување од Бога за својот неволен пад, а таа во женски манастир, каде со покајание ќе ги лечи своите рани.
Трендафил го прифати ваквиот предлог заради нејзиното спасение, угледувајќи се на свети апостол Павле, кој заради спасението на браќата самиот сакал да биде одлачен од Христос. Со надеж во Бога отиде во судот, изрази желба да ја прими муслиманската вера, но под услов да му биде вратена сопругата. Желбата веднаш му беше исполнета. По извршеното обрезание му ја вратија сопругата.
Тој се преправаше дека го почитува Мухамеданскиот закон, но всушност заедно со сопругата тајно ја исповедаа христијанската вера и ги исполнуваа сите црковни треби. Иако добро се криеја, сепак турците се сомневаа и ги следеа. Кога видоа дека повеќе не можат да опстанат во муслиманската средина, тие своите ќерки ги доверија на роднините, се простија со нив и тајно заминаа во градот Енос, а од таму во Кидонија, каде сопругата остана во женски манастир а Трендафил појде на Света Гора.
Таму стапи во братството на Лаврата на преподобниот Атанасиј и ревносно се подвизуваше во монашките подвизи. Тајно пролеваше горки солзи, просејќи од милосрдниот Господ прошка за неволниот грев. Кога ја виде неговата ревност во доблестите, игуменот го замонаши со името Тимотеј. Штом го прими ангелскиот лик, тој уште повеќе се трудеше и во братството беше како ангел, украсувајќи се со незлобивоста и длабокото смирение. Послушанијата ги извршуваше со исклучителна срдечност и така помина во Лаврата околу седум години. Во тоа време стигна вест дека во Смирна светиот преподобномаченик Агатангел Есфигменски добро го завршил маченичкиот подвиг и дека на неговото јуначко трпение се восхитувале и самите турци. Таа вест, како и тоа дека тој за своето одрекување од Христа ја пролеал својата крв и со неа го испрал од себе петното нанесено од ѓаволот, силно подејствува врз Тимотеј. Му стана јасно дека е должен исто како свети Агатангел за своето одрекување да Го исповеда пред муслиманите Христос како вистински Бог и да прими маченичка смрт.
Оваа мисла за мачеништвото започна да го прогонува на секој чекор. Но, без да ја види својата моќ и без совети од искусни старци и особени подготовки, тој не се решаваше да ја исполни својата намера. Затоа со благослов на игуменот премина во Есфигменската обител. Таму се довери на истиот игумен, кој заедно со старец Герман учествувал во подготвувањето на свети Агатангел на страдалничкиот подвиг. Тука Тимотеј наскоро беше пострижан во големиот ангелски лик и под раководство на игуменот започна да се подготвува за мачење заради Господа Христа.
Секојдневно имајќи ги пред очите светите мошти на преподобномаченикот Агатангел, Тимотеј со многу побожност, стравопочитување и скрушена срдечност го молеше светиот маченик да му измоли во седарежливиот Господ благодат да пострада за светото име Негово. Очигледно свети Агатангел со љубов ги прими молитвите на Тимотеј, зашто во неговото срце пламна огромна љубов кон Господа Христа, така што сакаше што побрзо да пострада за Него. Затоа му ја кажа својата намера на игуменот и побара благослов за маченичкиот подвиг. За да го испита и како да не обрнува внимание на неговата молба, игуменот одби. Но, тоа ни најмалку не го збуни Тимотеј, кој според својата длабока смерност, без приговор послушно ги прими зборовите на игуменот, како да доаѓаат од самиот Господ. И измина доста време, а Тимотеј сѐ повеќе јакнеше во својата намера и често молеше за благослов на страдалнички подвиг.
Кога опитниот раководител се увери дека Тимотеј има одлучна намера се согласи, му даде благослов и го испрати со писмо во епархијата Мириофитска на бреговите на Пропонтида, кој во тоа време по црковни работи бил во тие места, молејќи го таму да го подготви Тимотеј за страдањето.
При разделбата Тимотеј побара од игуменот благослов да појде да се прости со своите ќерки, бидејќи местото во кое што живеат е на пат за Пропонтид. Игуменот одби и му нареди најпрвин да биде кај старецот Герман и да прави што ќе го советува. Достојниот ученик ја исполни наредбата на својот наставник и минувајќи низ селото во кое што живееја неговите ќерки, заплака од тага. На излегување од селото се сретна со еден свој соселанец и тој го замоли да сврати кај него. Но, го одби бидејќи немаше време. Тој селанец отиде кај неговите ќерки и им кажа дека го видел нивниот татко, кој поминал низ селото и продолжил понатаму. Ќерките веднаш потрчаа по него. Кога ги виде своите деца како трчаат по него, и тој започна да трча за да избега од нив. Така ни нивните молби, ни нивните солзи не можеа да го запрат ревносниот послушник, кој бегаше од нив, сѐ додека не се вратија назад. На тој начин Тимотеј заради послушноста ја занемари родителската љубов.
Кога стигна во Пропонтид, Тимотеј го пронајде старецот Герман и му го предаде писмото од Есфингменскиот игумен. Откако го прочита, тој радосно и со братска љубов го прими Тимотеј, како иден маченик. Подготвувајќи го на маченичкиот подвиг се радуваше што Господ го удостои да подготвува уште еден маченик за исповедањето на светото име Негово. Кога ја виде неговата непоколеблива намера, по неколку дена го благослови на маченичкиот подвиг. При тоа се најде и следбеник на Тимотеј во јеромонахот Евтимиј, кој, кога ја виде неговата јуначка одлучност, ревносно изрази желба заедно со него да пострада за Христос.
Герман Го прослави Бога за оваа нова жртва, ги поткрепи и двајцата со поуки, им нареди да се преоблечат во световна облека; да одат во селото Кисан, таму да се најдат со христијаните, кои преминале во муслиманската вера, и да се обидат да ги вратат во христијанската. Тимотеј го замоли старецот да му дозволи да се прости со своите ќерки, но старецот, предвидувајќи дека од состанокот може да има духовна штета, не му дозволи и кротко му рече:
- Чедо, не свртувај се назад, туку со благодатта Божја оди на мачење. Нека ти помогне и нека те поткрепи Спасителот на светот! А за твоите ќерки, ти давам збор дека лично ќе ги посетам, по завршувањето на твојот маченички подвиг.
Тимотеј, кој љубовта кон Господ Христос ја ставаше над сѐ, со болка го задуши во себе чувството на родителската љубов и се согласи. Така обезбедени со благослов и молитви, Евтимиј и Тимотеј отидоа во Кисан, каде што свратија во домот на еден поранешен христијанин, познаник на Тимотеј, а сега отпадник. По вообичаениот поздрав Тимотеј започна да го советува отпадникот да се врати при Христа и притоа му укажуваше на вечните маки што ги очекуваат отпадниците. Но, тврдоглавиот наместо да заблагодари за добрите совети, отиде и ги наклевети кај судијата, кој нареди веднаш да ги доведат.
Пред судијата мачениците бестрашно исповедаа дека се христијани и ја изобличија заблудата и лагата на Мухамеданската вера. Тој се разлути и им нареди на слугите цврсто да им ги врзат рацете позади и така ги упати во Адријанопол, сметајќи дека тој не е надлежен да им суди. При тоа слугите покажаа верска сесрдност.
Тие толку цврсто му ги стегнаа рацете на Тимотеј, така што плеќите му се споија. Наредниот ден страдалниците Христови стигнаа во Адријанопол. Тука дознаа дека еден ден претходно двајцата подвижници, јеромонахот Николај и монахот Варнава јуначки ја исповедале Христовата вера. По кратко советување судиите ги фрлиле во разни темници, им ги ставиле нозете во клада и наредиле во текот на еден месец да ги тепаат по стапалата, додавајќи секој ден уште по два удари врз старите, започнувајќи од триесет и осум. Оваа вест ги поткрепи Евтимиј и Тимотеј и тие радосно го очекуваа мачењето заради Христос. Во судницата судијата најпрвин ги посоветува да се одречат од христијанската вера. Но, кога ја виде нивната непоколебливост, донесоа одлука јеромонахот Евтимиј да го заклучат во темницата и да го тепаат по табаните како Никола и Варнава, а Тимотеј да го остават неказнет, со тоа што во рок од еден месец да се врати во муслиманската вера. Ако не го стори тоа ќе добие смртна казна.
По два дена во Адрианопол допатува Тимотиевиот старец Герман. Тој преку свој таен пратеник дозна дека светите маченици сакаат да се причестат со Светите Тајни и веднаш отиде во црквата, зеде три парчиња нафора и ги испрати по истиот христијанин во темницата. Утредента старецот Герман дозна дека во истата темница ги испраќаат и оние кои не платиле данок и замоли еден христијанин да појде кај собирачот на данокот и да му достави дека и тој не платил. Собирачот го пронајде Герман во гостилницата каде што беше отседнал, побара од него да ја покаже потврдата за платениот данок, при што Герман изјави дека нема таква, бидејќи сѐ уште не платил. Собирачот веднаш го испрати во темницата. Кога учениците го видоа својот учител од возбуда и радост заплакаа и солзи радосници им се лиеја по лицата. Ноќта ја поминаа во бдеење и молитва и мрачната темница се претвори во црква. По бдението мачениците се исповедаа кај својот старец, па се причестија со Светите Христови Тајни. Кога осамна благочестивите христијани го откупија Герман и тој беше ослободен.
За посрамување на христијанските непријатели, Господ направи очигледно чудо. Додека исповедниците секој ден немилосрдно беа тепани по табаните, тие гласно се радуваа и Му благодареа на Господа. Џелатите по секое тепање малаксуваа и чкртаа со забите.
Најпосле настапи денот во кој промислата Божја го повика кај себе светиот маченик Тимотеј. Во тој ден судиите го повикаа во судницата и го наговараа милум или силум да се врати во муслиманската вера. Откако одлучно одби, донесоа пресуда да му се отсече главата и заедно со телото да се фрли во реката. Тоа беше сторено на 20 октомври 1820 година.
Меѓутоа старец Герман многу тагуваше што непријателите на Црквата Христова ги лишија христијаните од утехата и радоста да ги имаат светите мошти на Христовиот страдалник Тимотеј. За да ја добијат барем неговата крвава облека, тој им даде на џелатите голема сума пари и ја доби. Со таа скапоценост се упати кон Света Гора. Минувајќи низ селото, каде што живееја ќерките на свети Тимотеј, тој сврати кај нив и им ја соопшти радосната вест за маченичката смрт на нивниот татко и им даде дел од неговата облека. Кога стигна на Света Гора, браќата на Есфигменската обител ја пречекаа со литија облеката на светиот преподобномаченик Тимотеј, свечено ја внесоа во црквата и ја положија во ковчегот со облеката на светиот маченик Агатангел.
По обезглавувањето на свети Тимотеј, исповедниците Христови Евтимиј, Николај и Варнава ги ослободија од темницата и со бесчестење ги протераа од градот.
По молитвите на светиот преподобномаченик Тимотеј, Христе Боже, удостој нѐ и нас на вечната слава на небесата. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК САВА СТРАТИЛАТ
Овој свет маченик пострада прободен од десната и од левата страна со копје. Треба да го разликуваме од другите двајца истоимени Светители, кои се спомнуваат на 15 и 24 април.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АТАНАСИЈ
Беше родум од Спарта Аталиска. Пострадал за Христос од турците во градот Мунтан, во 1653 година. Канон му напишал патријархот Мелетиј Сиригос.