12. Ноември (30. Октомври)
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ: КЛЕОПА, ТЕРЦИЈ, МАРКО, ЈУСТ и АРТЕМ
Овие свети Апостоли беа од Седумдесетмината. На Клеопа му се јавил воскреснатиот Господ на патот за Емаус. Терциј го напишал Посланието на свети апостол Павле до Римјаните (Рим. 16, 22), и се упокоил маченички како епископ Икониски, по апостол Сосипатар. Свети Марко (или Јован: Д.А. 12, 12), синот на благочестивата Марија, чиј дом беше прибежиште на Апостолите и првите христијани во прво време, е роднина на Варнава. Бил епископ во Самарискиот град Аполонијада. Свети Јуст (или Јустин) беше син на Јосиф Свршеникот. Заедно со Матиј на коцка беше избран на местото на Јуда предавникот, но остана неизбран. Како епископ пострадал за Евангелието во Елефтеропол. Свети Артем бил епископ во Листра и мирно се упокоил.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЗИНОВИЈ, епископот Егејски и неговата сестра ЗИНОВИЈА
Свети Зиновиј и неговата родена сестра Зиновија се родени во Киликискиот град Егеј од благочестиви родители. Побожните родители ги одгледаа во стравот Божји и побожноста. Уште за време на нивното детство родителите им се претставија во Господа, оставајќи им огромен имот. Иако сѐ уште млади, Зиновиј и Зиновија беа многу мудри и совршени во доблестите. Откако се уверија во ништовноста на овој свет, тие се договорија да остават сѐ и да Го следат Христос. Дел од својот имот Зиновија предаде на брата си да го раздаде на сиромасите, а самата живееше во доброволно сиромаштво, молитвено тихуваше и го чуваше своето девство за небесниот Младоженец. А пак Зиновиј и двата дела од имотот започна да го раздава на сиромашните и за кратко време раздаде сѐ, та и самиот стана сиромав. Но Бог, Кој се грижи за сиротите и не ги остава оние кои се надеваат во Него, ги збогати со Своите небесни дарови братот и сестрата, поради богатството раздадено на сиромашните. Со Својата моќна десница ја чуваше Зиновија од нападите на телото и од светот, и ја штитеше од демонските напасти. Зиновиј доби дар да исцелува болести со допирот на своите раце. Каква болест и да имало во човекот или каков недостаток, тој веднаш добивал исцеление, штом свети Зиновиј ќе го допрел со раката. Во текот на својот живот овој угодник Божји вршеше двојна милостиња, со давањето од имотот на бедните, и со исцеленијата на болните со благодатта Божја. Тој и многу нечисти духови истеруваше од луѓето, ги тешеше ожалостените, им помагаше на неволните.
За таквите свои доблести и чудотворства беше избран за епископ во родниот град. Овој добар пастир ревносно ја пасеше Црквата Божја и постојано им помагаше на луѓето и ги исцелуваше недолжните. Еднаш кај него дојде една жена од Антиохија со неизлечива рана на градите. Многу имоти беше потрошила таа по лекари, барајќи лек за својата болка, но ништо не ѝ помогнало. Напротив, болеста започнала да се влошува и била на умирање. Светителот се сожали на неа, ја допре со раката нејзината рана, направи крстен знак над раната и болеста веднаш исчезна, раната ја снема, и жената потполно оздраве и радосна се врати дома. Исто така и друга жена незнабошка, болна од слична болест, сопруга на некој началник Индис, беше исцелена од страна на свети Зиновиј од својата болест. Поразена од ова чудо, таа со својот сопруг и децата поверува во Христос и сите се крстија, та така не само телесно туку и душевно здравје добија. Меѓутоа незнабожниот цар Диоклецијан крена страшно гонење против христијаните. Тогаш во Киликиската покраина пристигна кнезот Лисиј да ги мачи сите кои го исповедаат името Христово. Први во Егеј пострадаа трите христијански момчиња Клавдиј, Астериј и Неон. Откако ги фати, Лисиј ги подложи на разни мачења и на крајот надвор од градот ги распна на крст. Кога слушна за свети Зиновиј испрати војници да го фатат, и кога го доведоа пред него му рече:
- Не сакам да се впуштам во долги разговори со тебе, бидејќи знам дека вие христијаните сте многуглаголиви. Затоа ќе бидам краток. Ти предлагам живот или смрт. Живот, ако им се поклониш на боговите, а смрт ако одбиеш. Избери што сакаш. Или принеси жртва и поклони се на боговите, па ќе останеш жив и ќе добиеш почести од нас, или остани во својата заблуда и веднаш ќе бидеш ставен на лути маки и ќе умреш со ужасна смрт.
Свети Зиновиј бестрашно одговори:
- Временскиот живот без Христос не е живот, туку смрт. А смртта заради Христос не е смрт, туку живот бесмртен. Затоа јас повеќе сакам за мојот Христос да умрам со времената смрт, па со Него вечно да живеам, отколку да се одречам од Него заради временскиот живот, па потоа вечно да умирам во пеколот.
Кинезот веднаш нареди да го расоблечат, да го обесат на дрво и безмилосно да го тепаат, говорејќи:
- Да видиме дали ќе дојде Христос да му помогне.
Кога дозна дека нејзиниот брат страда, блажената Зиновија брзо отиде таму. Кога го виде брата си во крвави рани како виси на дрвото, ревносно излезе пред мачителот и рече:
- И јас сум христијанка како мојот брат. Го исповедам истиот единствен Бог и Господ наш Исус Христос. Затоа нареди и мене да ме мачат како што го мачиш него. Истата чаша на страдања сакам да ја испијам и со ист венец да се овенчам.
Мачителот се восхити на таквото јунаштво и бестрашност на светителката и рече:
- О, жено! Не погубувај се и не наметнувај си такво срамно мачење, при кое истовремено ќе трпиш срам и болки. Кога ќе те разголиме ќе почувствуваш голем срам, а кога ќе започниме да те мачиме ќе те обзеде силна болка. Затоа те советувам да им принесеш жртва на боговите, па ќе се избавиш од сите зла.
На тоа светителката одговори:
- Дали поголем срам предизвикува душевната голотија отколку телесната? Неспоредливо се потешки вечните маки отколку временските. Затоа не ми е гајле што телото ќе ми биде разголено, зашто во Христос се облеков. Не се плашам ни од рацете на мачителите, зашто со Христос се сораспнав. Прави што сакаш. Од мојот Господ Христос нема да ме разделиш.
Тогаш Лисиј нареди да ја разголат и да ја тепаат како и нејзиниот брат. Потоа подготвија железен кревет, под него запалија оган, го вжештија и врз него ги положија и двајцата свети маченици. Мачителот говореше:
- Христос нека дојде ваму и нека ви помогне.
А светите рекоа:
- Еве, нашиот Христос е со нас. Ти не Го гледаш. Еве, Христос не оросува од небото со роса од благодатта Своја, та ние не чувствуваме болки.
Потоа светите маченици беа фрлени во казан полн со врела смола, но тоа не им наштети. Тие стоеја како во ладна вода и го пееја Давидовиот псалм: „Си нѐ спасил од непријателите наши и си ги посрамил..“ (Пс. 43, 7). Кога го виде тоа мачителот, нареди да ги изнесат надвор од градот и таму да им ги отсечат главите. Тие радосни одеа и на местото на погубувањето вака се помолија:
- Ти благодариме, Господи Боже наш, што ни даде добра војна да војуваме, трката да ја завршиме и верата да ја сочуваме. Направи нѐ учесници во славата Твоја. Вброј нѐ во редот на оние кои Му угодија на светото име Твое, зашто Си благословен за навек.
По молитвата од небото се разлеа глас, кој им ветуваше венци и ги повикуваше во вечен покој. При тоа војниците пристапија и им ги отсекоа главите. Така светите маченици преминаа на небото. Нивните свети тела цел ден лежеа на земјата непогребани. Кога се стемни презвитерот Хермоген тајно ги зеде и ги положи во еден гроб, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот Бог, славениот од сите твари, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ И БЛАГОЧЕСТИВ МИЛУТИН, кралот Српски
Беше син на Урош I и кралицата Елена, а брат на Драгутин. Многу војувал бранејќи ја својата вера и својот народ. Војувал портив Михаил Палеолог затоа што овој ја примил Унијата и ги присилувал сите балкански народи и монасите Атонски и тие да го признаат папата. Војувал против бугарскиот цар Шишман и татарскиот цар Ногај, за да ја одбрани својата земја. Сите негови војни биле успешни, бидејќи непрестајно се молел на Бога и се надевал во Бога. Изградил повеќе од 40 цркви, меѓу кои Трескавец, Грачаница, „Свети Горѓи“ во Нагоричани, „Света Богородица“ во Скопје, во Банско итн. Тој изградил цркви и во Солун, Софија, Цариград, Ерусалим, на Света Гора. Се упокоил во Господа на 29 октомври 1320 година. Неговото тело наскоро се покажало негнилежно и чудотворно. Како такво тоа и денес почива во Софија, во црквата „Свети Крал“.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК МАРКИЈАН, епископот Сиракуски
Светиот епископ Маркијан, ученик на свети апостол Петар, беше испратен од апостол Петар во градот Сиракуза, на островот Сицилија. Со своите чуда и знаменија обрати кон Христос многу незнабошци. Со својата молитва разори многу идолишта и идоли, и со богопознанието и светото крштение многумина направи синови на светлината. Тамошните евреи, обземени од завист, со лута смрт го усмртија светиот епископ. Така блажениот страдалник доби несвенлив венец на мачеништвото. Неговите свети мошти почиваат во Гает во Италија.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: КЛАВДИЈ, АСТЕРИЈ, НЕОН и нивната сестра НЕОНИЛА
Беа тројца родени браќа и сестра. Пострадаа за Господ Христос при царот Диоклецијан и игемонот Лисиј. По смртта на нивниот татко, нивната маќеа незнабошка, за да се дограби до нивниот огромен имот што им остана, ги обвини кај игемонот Лисиј како христијани. На судот пред Лисиј тие бестрашно Го исповедаа Господ Христос и страотно беа мачени. Најпосле тројцата браќа беа изведени надвор од градот и распнати на крст. Неонила беше обесена со главата надолу и страотно тепана. Потоа ја растегнаа на четири страни, па од кожата на грбот ѝ направија каиши. Ѝ ставаа вжештен јаглен на градите и стомакот, и така оваа исповедничка Христова го предаде својот дух во рацете на својот сакан Господ. Нејзиното свето тело мачителите го ставија во вреќа и го фрлија во морето. Овие свети маченици пострадаа на 23 август 285 година, во киликискиот град Егеј, пред светите маченици Зиновиј и Зиновија (кои исто така се слават денес).
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДЕВЕТ МАЧЕНИЦИ
Овие свети маченици пострадаа за Христос изгорени во оган.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ЕВТРОПИЈА
Светата маченица Евтропија беше обвинета кај игемонот Апелијан во Александрија затоа што е христијанка и што ги посетува и бодри по темниците христијаните, затворени заради својата вера. Таа бестрашно Го исповедаше пред игемонот вистинскиот Бог Христос. Затоа ја обесија и телото ѝ го гореа со факели. Но, огнот за неа беше како ладна вода. Така сите присутни, па и самите војници кои ја мачеа, јасно видоа еден страшен човек, кој го разладуваше огнот и со роса ја поросуваше светата маченица. Потоа ја подложија на уште пострашни маки, па ја фрлија во темница.
Кога утредента повторно ја изведоа пред игемонот, таа ги исмеа и него и неговите идоли. Затоа ѝ го отсекоа јазикот, па потоа и светата глава. Така блажената страдалничка ја предаде својата душа во рацете Божји и доби венец на мачеништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: АЛЕКСАНДАР, КРОНИОН, ЈУЛИЈАН, МАКАРИЈ и други тринаесет
Овие свети маченици пострадаа во Александрија во 250 година, во времето на царот Декиј. Најпрвин беше изведен на суд Александар и со него Кронион. Прво ги обесија и многу ги тепаа, па ги полија со врела вар и во тие маки блажените страдалници ги предадоа своите души во рацете Божји. А пак Јулијан и Макариј, откако многу ги мачеа ги обезглавија. Останатите тринаесетмина ги мачеа така што некои ги ставаа на најразлични маки, некои во оган изгореа, а на некои главите им ги отсекоа затоа што не сакаа да се одречат од верата Христова. Така сите овие блажени страдалници заедно добија венци на мачеништвото
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАНУИЛ
Овој свет маченик се упокоил посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДОМЕТИЈ
Блажениот Дометиј пострадал за Христа посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДИМИЈ
Светиот маченик Димиј беше џелат кој пострада за Христа. Затоа беше фрлен во мрачна темница каде што се упокои.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОСИФ I, патријархот Цариградски
Најпрвин бил игумен на манастирот на Галисиотската гора и духовник на царот Михаил VIII Палеолог. Потоа бил Цариградски патријарх (1267-75 и 1282-3 г.). Се борел против царевата унија со Латините и поради тоа бил симнуван од царот и латиномислениот патријарх Јован Век. Бил прост по нарав и неук, но ревносен за Православието. Се упокоил во мир. Погребан е во манастирот на свети Василиј во Цариград (1283 или 1284 година).