13. Ноември   (31. Октомври)

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ: СТАХИЈ, АМПЛИЈ, УРВАН, НАРКИС, АПЕЛИЈ и АРИСТОВУЛ

Овие свети Апостоли се од бројот на Седумдесетмината. Свети Стахиј беше помошник на свети Андреј Првоповикан, кој го постави за епископ во Византија.

Заедно со свети Андреј изгради црква во Аргиропол, собра многу верни, ги учеше во спасоносниот живот и верно и ревносно управуваше со својата паства. Беше епископ шеснаесет години и мирно се упокои во Господа. Амплиј и Урван исто така соработуваа со свети Андреј и од него беа поставени за епископи. Амплиј беше поставен во Лида, или Диоспол Јудејски, а Урван во Македонија. Ревносно проповедајќи Го Христос и уништувајќи ги идолите, тие ги кренаа против себе елините и евреите, кои и ги убија. Така и двајцата маченички го завршија животот заради Христос, плетејќи си венец на мачеништвото. Наркис беше поставен од апостол Филип за епископ во Атина. Како проповедник на Евангелската вистина беше подложен на разни мачења и со мачеништво го заврши својот апостолски пат. Свети Апелиј беше епископ во Ираклија Тракиска, многумина приведе кон Христос и блажено се упокои. Аристовул беше брат на апостол Варнава, ја проповедал верата Христова во Британија и таму мирно се упокоил. За сите нив видете и под четврти јануари.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ЕПИМАХ ЕГИПЌАНИНОТ

Свети Епимах беше од Египет, син на благочестиви христијани.Од рана младост Го возљуби Бога со сета душа и посака единствено во Него да живее. Затоа, угледувајќи се на свети Јован Крстител отиде во пустината и долго време помина на Пелусиската гора. Немаше раководител од светите отци туку во суровото пустиничко живеење наставник му беше самиот Дух Свети. Учител му беше љубовта кон Бога, таа го поучуваше во сѐ на доблесното живеење. Само љубовта кон Бога може најдобро да го научи човекот на добродетелите. Таа ги научи светите Апостоли да остават сѐ и да одат по Господа, Кој немаше овоземни богатства. Љубовта ги научи преподобните отци да одат во кожуфи и козји кожи, во сиромаштво, во неволји, во срамотење, да одат по пустините, по горите, по пештерите и по дупките овоземни. Љубовта ги научи светите маченици и јуначки да страдаат за Христос, воскликнувајќи:

- Тебе, Спасителу мој, Те сакам, и Тебе барајќи Те, страдам.

Таа љубов го научи и свети Епимах да носи пустинички подвизи и трудови, да трпи најсилни напади од невидливите непријатели, да живее свето во Бога и да биде подготвен на смрт за Него.

Свети Епимах поживеа многу години во своето пустиничко осамеништво. Еднаш слушна дека христијаните во Александрија многу се мачени од страна на незнабошците, при што некои од нив од страв од тешките маки бегаат во горите и се кријат по пустините, а други отпаѓаат од верата. Од ревност кон Бога христочезнителниот пустиник ја напушти пустината и тргна во Александрија, за со својата крв да ја посведочи својата вера во Господ Христос. Тука виде на какви свирепи мачења незнабошците ги подложуваат христијаните и со голема болка во душата забележа дека демонското зловерие се зголемило, многу христијани се поколебале, а незнабошците дури и храмот Господов го оскверниле. Поради тоа влезе во идолскиот храм, за време на незнабожечкиот празник, и пред сите бестрашно го преврте жртвеникот и ги собори и сокрши идолите. Незнабошците веднаш го фатија и одведоа пред игемонот Апелијан. Кога го виде како седи на судиштето и ги мачи христијаните, светиот пустиник храбро се стрча кон него да го удри, и ќе го стореше тоа ако телохранителите не го спречеа. Таква ревност за Бога пројави испосникот. Игемонот се зачуди на таквата дрскост на човекот облечен во закрпи, нареди да го фрлат во темница и да го држат таму додека не смисли со какви маки да го усмрти.

Во тоа време во темницата имаше многу верни, кои свети Епимах, полн со Духот Свети, ги бодреше на маченички подвиг. Воодушевени, ниту еден од нив не се исплаши, ниту отпадна од верата, туку сите радосно ја пролија својата крв за вистинскиот Бог, и со разни жестоки маки ги предадоа своите души на Господа. Најпосле и свети Епимах го подложија на страшни мачења, не само затоа што верува во Христа и што им го наруши празнувањето, туку и што се дрзна да крене рака на игемонот, со намера да го убие. Најпрвин го обесија на дрво и го стругаа со железни нокти, потоа го тепаа со камења кршејќи му ги коските, а тој во маките воскликнуваше:

- Бидејќи мојот Господ Христос заради мене беше распнат, и со копје прободен, и со оцет напоен, зарем не сум должен и јас да станам заедничар со Неговите страдања? Сакам уште поголеми маки од овие! Тепајте ме! Плукајте ме! Ставете ми трнов венец на главата! Дајте ми трска во рацете! Напојте ме со жолчка! Целото тело во една рана претворете ми го! На крст распнете ме и со копје прободете ме! Тоа го претрпе мојот Господ, тоа и јас сакам да го претрпам!

Многу народ стоеше наоколу и го набљудуваше мачењето на свети Епимах. Во толпата се наоѓаше и една жена, која стоеше во близина, а беше слепа на едното око. Додека го гледаше таквото страдање, таа плачеше. Тогаш капка крв од светиот преподобномаченик прсна на нејзиното слепо око и тоа веднаш се исцели. Прогледа, и така чудесно исцелена извика:

- Голем е Богот, Кого овој страдалник Го исповеда!

Потоа му ја отсекоа главата. Така свети Епимах ја предаде својата света душа во рацете на Господа, за Кого пострада околу 250 година.

15 ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ: СПИРИДОН и НИКОДИМ, просфорниците Печерски

Секоја благословена душа е проста. Во неа нема лукавства ни ласкања, зашто е сад и живеалиште на самиот Бог. Затоа и Апостолот говорел: „Она што е безумно за овој свет, тоа Бог го избра за да ги посрами и премудрите“ (Кор. 1, 27).

Во бројот на тие избраници спаѓа и преподобниот отец Спиридон, кој беше од село, не научен на книга, прост на зборови, но не и на разумот духовен и делата богоугодни. Имајќи го во своето срце стравот Божји, кој е почеток на мудроста, тој дојде во манастирот Печерски и започна да води суров монашки живот. Бидејќи не знаеше да чита започна да учи, иако беше во години. Целиот Псалтир го научи на памет. Толку ревносно работеше на спасението на својата душа, така што постојано го читаше Псалтирот и секој ден цел го прочитуваше.

Тогашниот игумен Пимен посник, гледајќи дека Спиридон е смирен и трудољубив, постојано е во молитва и пост, и во сѐ е беспрекорен, му одреди богопријатно послушание, да пече леб, кој на Божествената Литургија се принесува за тајна на телото Христово, односно просфори. Блажениот Спиридон настапи во пекарата, без да ги остави своите претходни подвизи и трудот духовен, и послушанието го вршеше со секоја побожност и страв Божји. Што и да работеше Го славеше Бога, та и кога сечеше дрва или месеше тесто на јазикот ги имаше псалмите Давидови, така што по својот обичај секој ден го завршуваше целиот Псалтир.

Еднаш додека си ја вршеше својата работа ја запали печката за печење просфори, при што излезе пламен од неа и го зафати кровот на пекарата. Тогаш блажениот ја зеде својата мантија, ја затвори со неа вратичката на печката, ги врза ракавите на својата власеница, па со неа отрча на кладенецот по вода. Ја наполни, брзо се врати и ги повика браќата да му помогнат во гаснењето на пожарот. Кога се собраа браќата видоа чудесна глетка. Мантијата со која блажениот ја беше затворил вратичката на печката не беше допрена од огнот, и водата од власеницата не беше истекла. Монасите брзо го згаснаа пожарот со водата донесена во власеницата и радосно Го прославија Бога.

Блажениот Спиридон имаше сотрудник, еден брат по име Никодим. Тој во сѐ беше истомисленик со преподобниот и подеднакво се трудеше со него и во молитвите и во работата.

Овие двајца подвижници свето и богоугодно служеа триесет и пет години во печењето просфори, чисто и беспрекорно вршејќи го ова послушание. Затоа, откако се претставија во добро исповедање, тие се наситуваат на славата Божја, која што ја гледаат не како принесување леб, туку лице во лице. По нивните свети молитви и ние да се наситиме достојно на лебот на животот со благодатта и славата на Христа Исуса, Кому со Бога Отца и Светиот Дух Му доликува чест, слава и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДЕВЕТ МАЧЕНИЦИ: СТЕФАН, ВАРНАВА, ТРОФИМ, ДОРИМЕДОНТ, КОЗМА, ДАМЈАН, САВА, ВАСА, АВРАМИЈ и останатите со нив

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НЕПОЗНАТ ИСПОВЕДНИК

За него блажениот Теодорит Кирски во својата „Црковна Историја“ зборува дека живеел и исповеднички се подвизувал во времето на царот Јулијан Отстапник.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК НИКОЛА ХИОСКИ

Христовиот маченик Никола е роден од побожни родители во селото Кириах на островот Хиос. Никола од мал беше полн со страв Божји, скромен, кроток, молчалив, незлобив, послушен.

Татко му рано умре и тој остана сираче. Кога имаше дваесет години отиде во градот Магнесија, и таму го изучуваше ѕидарскиот занает. Неговиот духовен отец, кој беше архимандрит, го научи на многу вистини на христијанската вера и цврсто го постави на патот на христијанскиот живот. Никола се оддаде на чудесен покајнички живот, на молитва, пост, бдеење. Многу често не јадеше ништо и по два три дена. Во една пригода, додека се молеше пред иконата на свети Јован Крстител, тој ја целиваше, со топли солзи ја заливаше и со огнена љубов кон Господа Христа, говореше:

- Светителу Божји, како што тебе главата ти беше отсечена заради љубовта Христова, така удостој ме и мојата да биде отсечена, заради љубовта Христова.

Но, турците гледаа во Никола добро, вредно и убаво момче и решија да го потурчат. Со таа намера го изведоа на суд и најпрвин се обидоа со ласкања и големи ветувања да го убедат, но тој одговараше:

- Од христијански родители сум роден, како христијанин сум израснат и како христијанин сакам да умрам.

Тогаш турците започнаа да му се закануваат на младиот исповедник со најразлични мачења, а кога и тоа не помогна го налегнаа и бездушно му удрија петстотини стапови по табаните. Така изнаранет и измачен го фрлија во темница, каде му ги ставија нозете во клада и го ставија во страшна мачилишна направа, наречена тубрук.

Потоа по втор пат го изведоа на суд, и повторно следеа големи ветувања од страна на судијата и повторно најразлични ласкања. Тие му говореа на младиот маченик:  

- Чедо, сожали се на својата младост, на својата убавина, на својот живот. Не лишувај се од тие богатства, туку послушај нѐ и ќе те удостоиме на голема чест, ќе ти дадеме злато и сребро, скапоцена облека и ќе те посиниме. Ако одбиеш, ќе те усмртиме со најстрашни мачења.

Маченикот им одговори:

- Ниту вашите ласкања ги примам, ниту ги сакам вашите ветувања, а не се плашам ни од мачењата ни од смртта. Христијанин сум и од љубовта Христова никој и ништо не може да ме раздели. Но, имам еден предлог за вас. Согласете се најпрвин да ве крстам, па потоа правете со мене што сакате.

Овие зборови многу ги разлутија турците и донесоа пресуда, која што веднаш ја спроведоа во дело. Во темницата поставија на земјата голема штица, начичкана со клинци, и врз нив го положија, на градите и на стомакот му ставија огромен камен, околу вратот му стегнаа синџири, а нозете му ги ставија во тубрук. Маченикот Христов сето тоа радосно го поднесуваше и Го славеше Бога. А Господ Христос, Кој е крепост и сила на мачениците, не го остави Својот слуга без помош и утеха во таквата неволја. На полноќ настана страшен земјотрес, од кој падна каменот од неговите гради, штицата со клинците се сокрши, маченикот стана без никакви повреди и рани, а темницата се исполни со неискажлив прекрасен мирис.

Кога утредента турците го видоа потполно здрав и дознаа што се случило многу се посрамија, но не се вразумија. Напротив, тие се обидоа со нови мачења да го присилат светиот маченик да се одрече од Христос. Му забија нож во грбот и го тераа да се одрече, но тој одби. Потоа му забија друг нож во вратот, барајќи го истото, но остана непоколеблив. Најпосле му забија и трет нож, но пак одлучно одби. Тогаш започнаа бездушно да го тепаат, а тој три пати извика:

- Пресвета Богородице, помогни ми!

Најпосле еден агарјанин го фати за косата и го закла како јагне.

Така младиот и славен маченик добра војна извојува, верата ја одржа, спасоносниот пат на мачеништвото го заврши и доби од Бога несвенлив венец на вечната слава, и тоа во дваесет и третата година од својот живот, на 31 октомври напладне, во 1754 година. Во моментот кога светиот маченик Никола беше заклан, густа темнина падна и го покри целиот остров Хиос. Во таа општа темнина само мртвото лице на светиот маченик блескаше како најблескава ѕвезда. Таа божествена светлина три дена и три ноќи ги осветлуваше светите мошти, кои лежеа чувани на местото на убиството. Додека ја гледаа, заблудените агарјани говореа дека се симнал оган од небото, за да го спали телото на маченикот. Тоа го зедоа како повод, та го избодеа и обезличија неговото лице, кое блескаше со убавината од божествената благодат. Но, Господ Христос го прослави Својот маченик не само со небесна светлина, туку и со чудесен неискажлив благомирис, кој го исполнуваше воздухот, сѐ додека неговото свето тело лежеше на местото на убиството. По три дена турците го фрлија светото тело во морето, за христијаните да не го земат и погребаат.

По молитвите на Твојот свет маченик, Господи помилуј нѐ и спаси нѐ како благ и човекољубив. Амин!

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈАКОВ, епископот Мигдониски во Низибија

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ СЕЛЕВКТ и СТРАТОНИКА

Овие свети маченици беа сопружници. Пострадале посечени со меч. Беа мироточиви

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАИС

Овој свет маченик пострада за Христос удрен со камен во главата.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ ДВАНАЕСЕТ ДЕВОЈКИ

Овие свети маченички се упокоија обесени во ходник на столбови.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГОРДИЈАН

Свети Гордијан се упокоил посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕПИМАХ ГРКОТ

Светиот маченик Епимах се упокоил искасапен со мечеви.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНА МАВРА

Преподобната девојка Мавра се подвизувала во Цариград во времето на светиот патријарх Нектариј (4 век), каде основала манастир во кој се упокоила во петтиот век (околу 436 г). Во Цариград дошла од Картагена заедно со света Домника (која се слави на 8 јануари).

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ТРИ МАЧЕНИЦИ МЕЛИТИНСКИ

На овие свети маченици во Мелитина им ги здробија коските и колената. Така пострадаа за Христос.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АНАТОЛИЈ ПЕЧЕРСКИ

Како затвореник се подвизувал во Киево-Печерската обител. Неговите свети мошти почиваат во Антониевата пештера.