14 Ноември (1. Ноември)
ЖИТИЕТО И ЧУДЕСАТА НА СВЕТИТЕ БЕССРЕБРЕНИЦИ И ЧУДОТВОРЦИ
КОЗМА и ДАМЈАН
Свети Козма и Дамјан беа браќа по тело, родум од Асија. Татко им беше незнабожец а мајка им христијанка, на име Теодотија. По смртта на нивниот татко мајка им се посвети во служба на Христа, за со сиот свој живот да Му угоди на Бога. И беше таа вдовица каква што фали светиот Апостол, говорејки: „Вистинската и осамена вдовица се надева во Бога, пребива во молитви и молење и дење и ноќе“ (Тим. 5, 5). И како што самата жиееше богоугодно, така ги научи и своите мили деца Козма и Дамјан, зашто прекрасно ги воспита во сите доблести. Кога пораснаа и се утврдија во беспрекорниот живот според законот Господов, станаа како светила на земјата, блескајќи со добрите дела. И добија тие од Бога дар на исцелување и им даваа здравје и на душите и на телата, лекувајќи ги сите болести, исцелувајќи ја секоја слабост и секоја немоќ по луѓето и истерувајќи зли духови. Тие им помагаа не само на луѓето туку и на добитокот и од никого ништо не примаа за тоа. Не го правеа тоа за добивка, туку за својата љубов кон Бога да ја изразат преку љубовта кон ближните. Со лекувањето не бараа слава од луѓето, туку ги исцелуваа болестите за прославување на името на својот Господ, Кој им подарил таква целебна сила. Избавуваа од болестите, не толку со билките колку со името Господово, и тоа бадијала, исполнувајќи ја заповедта Христова: „Бесплатно добивте бесплатно давајте“ (Матеј 10, 8). Поради тоа верните ги нарекуваа бесплатни лекари и бессребреници. Откако така богоугодно го поминаа својот живот, мирно се упокоија. Но, и по претставувањето се прославија со многу чудеса, како срдечни посредници и прекрасни исцелители како на нашите душевни така и на телесните болести, За нивната некористољубивост и бесплатно лекување се вели следново:
Една жена, на име Пеладија, која многу години лежела тешко болна и лекарите не можеле никако да ѝ помогнат, слушна за светите Козма и Дамјан дека ја исцелуваат секоја болест и испрати по нив со молба да ја посетат, бидејќи е веќе на умирање. Светите браќа отидоа кај неа и веднаш таа според својата вера доби исцеление и оздраве, славејќи Го Бога, Кој на Своите слуги им подарил таква благодат. Како благодарност таа сакаше нешто да им подари, но тие не примија ништо, па одлучи барем едниот од нив да го измоли да прими од неа многу мал дар. Зеде таа три јајца, кришум отиде кај свети Дамјан и го преколнуваше во Бога да ги земе во името на Света Троица. Кога Дамјан го слушна името на Троединиот Бог, го прими од неа тој мал подарок, поради големата заклетва со која го заколна. А кога подоцна свети Козма дозна за тоа, многу се ожалости. Затоа, кога дојде време да се претстави, остави вакво заветување:
„Дамјан не погребувајте го покрај мене, бидејќи ја наруши заповедта Господова и примил од жената награда за исцелението“.
Така свети Козма се упокои во Господа. По некое време и за свети Дамјан дојде смртниот час, та и тој се пресели од времениот во вечниот живот. Луѓето беа во недоумица каде да го погребаат, знаејќи го заветот на свети Козма и не се осмелуваа да го положат кај неговиот брат. Во таквата недоумица ненадејно дотрча една камила, која порано светите браќа ја беа исцелиле од беснило, и проговори со човечки глас, велејќи да не се двоумат, туку Дамјан да го положат покрај Козма, бидејќи тој ги примил од жената трите јајца, не заради награда, туку заради името Божјо. Така нивните чесни мошти беа положени заедно, во местото наречено Фереман.
Еднаш, за време на жетва, еден жител на тој крај пошол да ја жнее својата нива. Изморен од горештината, тој легнал под еден даб со намера да се одмори и цврсто заспал. И додека спиел со отворена уста, му се вовлекла змија во стомакот. Кога се разбудил продолжил да жнее до стемнување, без да знае што му се случило, Дома по вечерата легнал да спие и почувствувал страотни болки во стомакот и започнал да бара помош. Се разбудиле сите домашни, дотрчале кај него, но не можеле да му помогнат и не знаеле што му е. Од неподносливите болки тој силно викнал:
„ Свети лекари Козма и Дамјане, помогнете ми!
И веднаш светите лекари стигнаа со својата помош: болниот цврсто заспа и додека спиеше змијата излезе од него по истиот пат, по кој што беше влегла. Присутните се запрепастија од ова чудо и ги прославија светите угодници Божји. Човекот се разбуди потполно здрав.
Во тоа место имаше и друг човек, на име Малх. Тој живееше во близина на црквата на светите лекари Козма и Дамјан во Фереман. Со намера да тргне на далечен пат, тој ја одведе својата жена во црквата и и рече:
- Ете, јас одам на далечен пат, а тебе те предавам под заштита на светите Козма и Дамјан. Седи дома додека не ти испратам договорен знак, по кој ќе препознаеш дека е мој. Кога на Бога ќе Му биде угодно, јас ќе ти го испратам овој знак и ќе те земам кај себе.
Така Малх ја довери својата жена на светите Бессребреници и отпатува. По неколку дена ѓаволот зеде на себе облик на еден нивен познаник, дојде кај Малховата жена и ѝ го покажа знакот, кој нејзиниот маж го беше означил додека ѝ зборуваше при разделбата. Покажувајќи ѝ го тој знак, ѓаволот ѝ рече да појде со него кај својот сопруг, велејќи ѝ:
- Твојот сопруг ме испрати по тебе, да те одведам кај него.
Жената одговори:
- Овој знак го знам, но нема да појдам, зашто сум доверена на светите бессребреници Козма и Дамјан. Ако сакаш да појдам, тогаш ајде со мене во црквата на светите Бессребреници, стави ја раката на крајот од олтарот и заколни ми се дека по пат нема да ми сториш ништо лошо.
Ѓаволот ѝ даде такво ветување, отиде со неа во црквата, ја стави раката на крајот од олтарот и се заколна, говорејќи:
- Во името на силата на Козма и Дамјан, нема да ти сторам ништо лошо по пат, туку ќе те одведам кај твојот сопруг.
Жената му поверува на лажливиот бес, преправен како познат човек, и тргна со него на пат. А заводникот ја зеде, ја однесе во пусто и непроодно место и сакаше таму да ја измачи и да ја убие. Кога виде дека се наоѓа во крајна опасност, жената повика од дното на душата кон Бога, говорејќи:
- Боже, по молитвите на светите Козма и Дамјан, помогни ми и побрзај да ме избавиш од рацете на овој убиец!
И веднаш се појавија брзите помошници Козма и Дамјан, викајќи по ѓаволот, кој ја остави жената и започна да бега. Добега до еден висок брег, падна во провалија и исчезна. А светите Бессребреници ја зедоа жената и ја одведоа во нејзината куќа. Таа им се поклонуваше и им говореше:
- Ви благодарам, господа мои, што ме избавивте од сигурната смрт. Ве молам кажете ми кои сте, за да знам кому да му благодарам до крајот на животот.
Тие одговорија:
- Ние сме слугите Христови Козма и Дамјан, на кои твојот сопруг те довери кога замина на пат. Затоа побрзавме да те спасиме. Со благодатта Божја те избавивме од ѓаволот.
Кога го слушна тоа, жената падна на земјата од страв и радост, а Светите станаа невидливи. Таа воскликнуваше фалејќи Го и благодарејќи Му на Бога, побрза во црквата, со солзи падна пред иконата на светите Бессребреници, и на сите им раскажуваше што се случи и како Господ, по молитвите на Своите угодници, ја јави Својата милост врз неа. Таа пак, во молитвите говореше:
- Боже на отците наши Авраам, Исак и Јаков, и праведното потомство нивно, Ти заради Трите Момчиња си ја згаснал огнената печка и си ѝ помогнал на Твојата слугинка Текла на гледалиштето. Ти благодарам што и мене грешната ме избави од ѓаволските мрежи, преку Своите угодници Козма и Дамјан. Ти се поклонувам Тебе, Кој твориш прекрасни и преславни чудеса, и Те славам Тебе, Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕРМИНИГЕЛД, принцот Готски
Синот на готскиот цар Лувигелд, Ерминигелд, беше обратен од аријанската ерес во Православната Вера од шпанскиот епископ Леандар. Аријанецот Лувигелд многу се натажи што неговиот син го напушти аријанското зловерие и се трудеше да го одврати од Православието и повторно да го врати назад. Затоа како татко употребуваше мили зборови, молејќи го и советувајќи го да ја напушти Православната Вера и да биде негов истомисленик. Кога увиде дека е непоколеблив, започна да му се заканува со мачења и страшно разлутен најпрвин го лиши од царскиот престол, наследството и имотот, па кога виде дека е со непроменлив ум, со железни синџири му ги окова вратот, рацете и нозете, и го затвори во тесна и мрачна темница. Сепак, блажениот Ерминигелд, млад по години но зрел по разум, со срце кон небесниот живот и лежејќи окован во темницата, се молеше на Семоќниот Бог да го поткрепи во своето страдање. На големиот празник Свето Воскресение царот повика еден аријански епископ и го испрати ноќе кај својот син во темницата да го причести. Ако се причести, царот вети дека ќе му ја врати својата родителска љубов и достоинството. Но, светиот страдалник страотно се згади од аријанскиот епископ, одлучно го изобличи неговото зловерие и го избрка од себе без да прими причест. Со пречистите и животворни Тајни Христови го причести еден православен презвитер, кого тајно му го испрати светиот епископ Леандар. Аријанскиот епископ се врати посрамен кај царот и му раскажа сѐ што слушна од неговиот син. Царот неописливо се разбесни и веднаш испрати некои свои истакнати болјари, со наредба да го убијат во темницата. Тие отидоа и со секира му ја отсекоа чесната глава на страдалникот. И се слушаа преслатки гласови од свети Ангели, кои пееја над неговото свето тело. Се гледаа и свеќи што гореа ноќе. Верните многу се радуваа на тоа и Му благодареа на Бога, Кој со таквите чудеса го прославува Својот верен слуга по неговата страдалничка смрт. Притоа зловерните се срамеа запрепастени. А пак таткото чедоубиец, покајан за убиството на својот невин син се разболе од тага, сакаше да се одрече од аријанството и да го прими православието, но се плашеше од аријанците. Така не се удостои да биде вброен во православните. На умирање со почит го повика кај себе блажениот епископ Леандар, кого порано не го сакаше и го гонеше, и го замоли неговиот помлад син Рехадер, кого го постави за наследник на царскиот престол, да го упати со своето боговдахновено учење во Православието, како некогаш Ерминигелд. Лувигелд умре, а Рехадер зацарува и веднаш ја прими православната вера, поучен од светиот епископ Леандар. Ја приведе во благоверието целата Готска земја, дотогаш заразена од аријанската ерес. Телото на својот постар брат Ерминигелд тој го опсипа со долична чест, како маченик Христов врз кого се исполнија Евангелските зборови: „Ако зрното пченично паѓајќи на земја не умре, тогаш едно ќе остане, а ако умре многу род ќе роди“ (Јован 12, 24). Така страдалникот Христов, слично на пченичното зрно, еден меѓу готите умре за Христа, но плодот на неговата смрт стана православниот живот на сиот народ на земјата Готска. Сите започнаа православно да веруваат во Христа Бога, единосушниот и рамночесен на Отецот и Светиот Дух, Кому слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: КИРИЕНА и ЈУЛИЈАНИЈА
Светите жени Кириена и Јулијанија пострадаа за време на царувањето на Максимијан. Кириена беше од Таре, киликиска област, а Јулијанија од Росон. Поради исповедањето на христијанската вера, тие беа фатени од игемонот Маркијан и присилувани да се одречат од Христа, но не се согласија. Затоа игемонот нареди на Кириена да ѝ ја острижат главата и веѓите и гола да ја водат по целиот град Тарс, на потсмев и понижување. Потоа со света Јулијанија ги одведоа во градот Росон и таму ги запалија. Така овие свети маченички го завршија својот страдалнички подвиг за Христа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ: ЈОВАН и ЈАКОВ
Свети Јован и свети Јаков живееја во времето на персискиот цар Сапор. Јован беше епископ, а Јаков презвитер. Со проповедта на Евангелието, тие многу народ обратија кон Христовата вера. Затоа царот Сапор ги фати и по најразличните мачења на кои што ги подложи, им беа отсечени главите, во 332 година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: КЕСАРИЈ, ДАСИЈ, САВА, САВИНИЈАН, АГРИП, АДРИЈАН и детето ТОМА
Овие свети маченици пострадаа за Христа во Дамаск, при заземањето на градот од страна на мухамеданците во седмиот век. Подложувани на разни мачења за да се одречат од Христа, тие одбија. Најпосле беа посечени со меч.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ЈАКОВ и двајцата негови ученици: јероѓаконот ЈАКОВ и монахот ДИОНИСИЈ
Свети Јаков беше од едно село на епархијата Касториска. Родителите му се викаа Мартин и Параскева. Во младоста работел - со овци и со тоа се збогатил. Тоа кај неговиот брат предизвика завист и го наклевети пред турските власти дека божем нашол богатство закопано во земјата. Јаков побегна во Цариград, каде повторно многу се збогати. Еднаш беше гостин кај еден турски бег и бегот ја фалеше христијанската вера, при што раскажа како неговата жена била умоболна и како тој после сите лекари и лечења ја одвел кај тогашниот патријарх свети Нифонт. Штом патријархот ја отворил книгата да чита, блеснала небесна светлина и го осветлила патријархот, умоболната и целата црква. По молитвата неговата жена оздравела. Кога го слушна тоа од турчинот, Јаков беше трогнат, веднаш отиде кај патријархот да се исповеда и да бара совет од него.
Таа посета толку го потресе, што веднаш потоа го раздаде сиот свој имот на сиромашните и отиде на Света Гора. Таму ги посети сите манастири и стапи во братството на Дохијарската обител, каде што се замонаши и живееше во крајно воздржание.
Од таму потоа отиде во запустениот скит на светиот Претеча, Иверската обител, и го обнови. Монахуваше тука молитвено тихувајќи под раководството на старецот Игнатиј, кој водеше ангелски живот во пост, сеноќни бденија и најразлични тешки подвизи. Затоа ѓаволот постојано го напаѓаше со разни искушенија, привиденија и соништа. Со помош Божја тој најпосле го победи ѓаволот, срцето му се исполни со утеха на Духот Свети, односно некоја топлина помешана со радост и љубов кон Бога и ближните. А од тоа подоцна заблеска во неговата душа слатка и неискажлива светлина. Сѐ повеќе зголемувајќи се во него, таа светлина го искачи на несфатлива висина од која што го виде сиот видлив свет: сонцето, ѕвездите, земјата, пеколот и рајот. Со помош на таа светлина беше вознесен над небото и ги виде сите ангелски чинови и неискажливата светлина во која што тие живеат. Оттаму со таа иста светлина беше вознесен на уште поголема висина и Го виде нашиот Господ Исус Христос во тело, опкружен со непристапна светлина. Го виде тој и вишниот Ерусалим и сета негова неискажлива убавина. Со еден збор, немаше речиси ниту една видлива и невидлива твар, која блажениот Јаков не ја виде со помош на таа Божествена светлина.
Тогаш беше удостоен од Бога и на дарот на проѕорливоста, та пред него беа отворени тајните на срцата и сокриените мисли и чувства на секого и на сите кои доаѓале кај него. Господ го збогати и со дарот на чудотворството. Така тој со молитвата изведе во Претечиниот скит изворска вода, која од тогаш се нарекува агијазма на свети Јаков. Два пати со својата молитва на чудесен начин наполни сад со елеј. А пак во Ватопед со молитвата исцели еден бесомачен послушник. Еднаш, за време на суша, тој се помоли на Бога и измоли дожд од небото. Во една пригода, кога со еден брат беше на пат, падна толку густа магла и темнина, што беа во опасност да паднат во некоја провалија. Но, свети Јаков се помоли на Господа, та маглата се раздели на два дела и им се отвори патот. Еднаш ожедне по пат и откако не најде вода се помоли на Бога и пред неговите нозе бликна извор. Така ја згасна жедта. Кратко речено, за цела Света Гора тој беше светило и учител на доблестите.
Според едно Божествено откровение, тој со учениците тргна од Света Гора и посети некои места, па се задржа во манастирот на светиот Претеча, во близина на местото Тревекист. Тука ги извршуваше своите вообичаени подвизи, опкружен со многу браќа. Но, брзо се расчу за него и народот од околината започна да доаѓа кај него. Тој сите со љубов ги примаше, ги тешеше, ги поучуваше и многу чуда правеше исцелувајќи ги болните. Но, пакосниците го наклеветија кај турските власти и беше истезаван, па фрлен во Трикалската темница со двајцата свои ученици Јаков и Дионисиј.
Судијата се обрати до Портата за упатство што да прави со преподобниот. Од султанот Селим стигна наредба и тројцата да ги испрати во Дидимотихон, каде во тоа време се наоѓаше тој. Затворениците во окови веднаш беа упатени таму и изведени пред него. Гневен, султанот го праша свети Јаков:
- Зошто собираш околу себе толку христијани? Зарем си властодржец?
Светителот одговори:
- Ти си властодржец и цар во овој свет, а мене ми е дадена друга власт од Бога. Царот го праша за каква власт од Бога зборува, а светителот одговори:
- Да ги учам христијаните во законот Божји, за со исполнувањето на заповедите Господови да го одбегнуваат секое зло.
Султанот налутено викна:
- Лажеш!
Преподобниот му рече:
- Ја реков чистата вистина. Ако не веруваш прави што сакаш. Јас сум во твоите раце.
По тешките мачења овие јунаци Христови беа испратени во Адријанопол, каде што дојде и султанот и ги присилуваше да го примат исламот, но напразно.
Тогаш нареди да ги тепаат со бичеви, при што јуначки трпеа и ниту збор не проговорија, ниту воздивнаа како да тепаа други, а не нив. Потоа султанот нареди, та ги фрлија во темница.
Утредента повторно беа изведени на мачење и султанот нареди со завртки да им ги стегаат главите, при што свети Јаков воопшто не беше повреден, а на ѓаконот Јаков му испадна едното око, Султанот многу сакаше младиот Јаков да го одврати од Христа, па потоа повторно ги фрли во темница. Испраќаше разни луѓе да ги наговорат да го примат исламот и кога виде дека сето тоа е залудно, бездушникот повторно ги судеше и нареди да им ги кинат телата, да им ги кршат вилиците, да ги присилуваат да јадат месо, правеа каиши од нивните кожи, им ги корнеа утробите, раните им ги залеваа со солен оцет и долго ги тепаа со жили. Но, кога виде дека сето тоа не помага, султанот нареди со железни куки да им ги кинат нозете парче по парче, па им ги гореа телата и со остри крпи немилосрдно ги триеја нивните рани. Така ги мачеа седумнаесет дена и најпосле ги осудија на бесилка. Кога ги доведоа на губилиштето, нозете на свети Јаков немаа на себе месо воопшто, туку беа само голи коски, а неговите двајца ученици беа потполно истоштени. Свети Јаков ги замоли џелатите да му дозволат да се помоли на Бога. Откако му дозволија, тој го постави ѓаконот Јаков од својата десна страна а Дионисиј од левата и им рече:
- Чеда мои, време е да одиме кај многупосакуваниот Христос, заради Кого се удостоивме да страдаме. Затоа, да Му се помолиме за сиот свет и за Црквата и да Му заблагодариме што нѐ ослободи од овој свет и нѐ удостои да станеме наследници на Неговото бесконечно Царство.
Тогаш и тројцата паднаа ничкум на земјата и три пати Му се поклонија на Бога. Преподобниот извлече од своите пазуви три честици Света Причест, им даде по една на своите ученици, а третата ја зеде самиот, па ги крена рацете и очите кон небото и со силен глас викна:
- Господи, во Твоите раце го предавам својот дух!
И тивко се упокои со насмевка на лицето. Војниците се запрепастија од тоа и веднаш го известија султанот, кој нареди мртвото тело да го обесат и од двете негови страни да ги обесат неговите двајца ученици.
Така се упокоија добропобедните маченици и примија маченички венци. Тоа се случи на први ноември 1520 година. Нивните чесни мошти ги откупија некои христијани, ги однесоа во местото Албана и таму ги положија во три засебни гробници. Секоја недела и на празниците таму се јавуваше небесна светлина над гробовите и таа појава ја гледаа сите тамошни жители. Од гробовите на светите страдалници се случуваа многу чуда, а кога по некое време го откопаа гробот на светиот преподобномаченик Јаков, се разлеа прекрасен мирис од неговите свети мошти. Исто така, кога ги откопаа гробовите на неговите ученици и сомаченици и нивните мошти се покажаа целосни и негнилежни.
По кратко време се јави потреба, та учениците на светиот преподобномаченик Јаков ги пренесоа светите мошти на овие тројца свети маченици во местенцето наречено Галатист, близу Солун. Таму тие почиваат во манастирот на света Анастасија Узорешителница, и од нив постојано се случуваат многу чудеса.
По молитвите на светиот преподобномаченик Јаков и неговите свети сомаченици, да се удостоиме и ние на Царството Небесно. Амин.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДАВИД, подвижникот Евијски
Вистинскиот Божји слуга Давид беше родум од селото Гардиница во близина на Таландија (денешна Аталанда,) наспроти Евија во Грција. Живееше во времето на цариградскиот патријарх Еремиј (16 век), роден од побожни и богобојазливи родители. Татко му беше презвитер и се викаше Христодул, а мајка му Теодора. На овој благословен пар Бог им подари четири деца, две машки и две женски, од кои Давид отскокнуваше со надареноста. Кога имаше три години му се јави на сон свети Јован Крстител и му рече:
- Стани, чедо, и појди со мене.
Детето послушно стана, како да е возрасно, и тргна со него до еден храм, посветен на светиот Претеча, близу реченото село. Кога влегоа во црквата, Претечата му се јави на малиот Давид во иконата која била истоветна со оној што го повика, пред која што побожно застана. Тука малиот Давид остана со скрстени раце шест дена бос и гологлав, само во една кошулка пред свети Јован. Кога неговите родители станаа и не го најдоа своето чедо многу се вознемирија и ги обзеде голема тага. Го бараа на сите страни, но тоа како во земја да пропаднало. Во шестиот ден, односно во сабота, неговиот татко свештеник отиде по обичај во храмот да служи Вечерна служба. На своја голема радост тука го најде Давид како стои пред иконата на Јован Претеча. Детското лице блескало како сонце. На татковото прашање како се нашол тука, Давид му раскажа сѐ што му се случи. Сите собрани на службата се восхитуваа и радуваа на овој чуден настан.
Кога потпорасна родителите го дадоа да се учи на писменост и изучување на Светото Писмо. Тој беше многу добар во науката, а заедно со тоа послушен на родителите и многу им помагаше во нивните полски работи. Работеше на нивата како и останатите. Кога сите ќе седнеа да одморат, тој се повлекуваше на молитва и Му принесуваше топли молитви на Бога, не поминувајќи ни миг без труд и подвиг. Единствено тагуваше што немаше духовен отец, кој би го упатил на правилата на вистинскиот духовен живот.
Жеден за Бога, Давид Му се помоли да ги исправи неговите стапки на прав пат, па го напушти своето родно место и се предаде на волјата Божја. Додека така патуваше, Бог му испрати еден доблесен старец, на име Акакиј. Тој беше искусен подвижник, познат проповедник на благовеста Христова со збор и на дело. Со љубов го прими младиот Давид и го вброи во братството на својот манастир, откако прозре дека од него ќе биде избран сад на благодатта Божја. Во манастирот го поучи на тајните на духовниот живот, па потоа го облече во ангелскиот монашки чин.
Од тогаш Давид уште поревносно се предаде на постот, молитвата и на секоја доблест. За да го извежба во смирението старецот често го караше, а понекогаш го испраќаше да продава пепел. Давид сето тоа го примаше со трпение и смирение и без приговор му беше послушен.
По извесно време старецот Акакиј тргна да ги посети подвижниците по другите места за духовна корист и разговори, па со себе го поведе и Давид. Откако посетија многу манастири и разни места, на крајот стигнаа во Оса, која се наоѓаше помеѓу планините Олимп и Пилиј и тука се задржаа извесно време во Икономиевиот манастир, во кој што духовниот живот беше на завидно ниво. Тамошните отци ги видоа подвизите на блажениот Давид и започнаа да го наговараат да го прими ѓаконскиот чин. Тоа беше сторено и служеше служба Божја со страв и трепет.
Но, од таму и двајцата го продолжија своето поклоничко патување и стигнаа до Света Гора, каде ги посетија манастирите и скитовите и стекнаа голема духовна корист од средбите со светогорските пустиници. Потоа Акакиј го продолжи патот за Цариград, а блажениот Давид остана во лаврата на свети Атанасиј Атонски, каде радосно се трудеше во доблестите. Во меѓувреме неговиот старец Акакиј во Цариград беше произведен во чинот архиереј Навпактиски и Артски. Кога стигна во својата митрополија Акакиј го повика Давид кај себе. Така тој живееше покрај епископот и водеше строг живот полн со послушанија, доблести и пост.
Еве еден пример од неговото крајно смирение и послушност. Се случи неговиот старец да го испрати од Навпакт во Арт по работа. Требало да оди пешки околу четири дена, а тој имаше обичај да оди бос. Кога стигна во Арт некој богољубец го виде бос, му купи чевли и го замоли да ги прими заради Христа. За да не ја презре љубовта на братот, Давид го прими подарокот, па ја заврши својата работа и брзо се врати назад. Старецот, за да го испроба неговото смирение го изобличи што се обул и му нареди да ги врати чевлите на оној што му ги дал, бидејќи ги зел без благослов на духовникот. Давид без приговор ги врати и повторно дојде кај својот духовен отец, кој се радуваше на неговото смирение.
Потоа го ракоположи за свештеник, иако одбиваше, и го постави за игумен на манастирот Варнаков, кој се наоѓаше во близина на Навпакт. Тоа беше желба на народните првенци на тој крај, кои многу го почитуваа. Во манастирот грижливо се трудеше за спасението на доверените души и им служеше како пример на сите со срца заслепени од страстите и самоволието, какви што за жал имаше и во манастирот, навикнати да одат по желбите на срцето.
До каков степен на духовно совршенство беше стигнал преподобниот, сведочи следниов пример. Се случи манастирот да го посети цариградскиот патријарх Еремиј, на пат за Ахаја, заедно со риторот на големата црква Емануил. Еден ден, додека преподобниот служеше света Литургија, овој ритор влезе во црквата и восхитен го виде во олтарот издигнат од земјата пред светата проскомидија и опкружен со Божествена светлина, со лице блескаво како сонце. Риторот побрза да го извести за тоа патријархот, кој стигна во храмот, но светлината не ја виде, туку го виде лицето на преподобниот оросено со солзи на умиление. Сфати за каков доблесен човек се работи и потоа го молеше да го прими архиерејскиот чин, но Давид никако не се согласи.
Сепак, и покрај сиот негов труд и смирение, некои од браќата во манастирот не ги примаа неговите совети. Тогаш одлучи да го напушти манастирот и Го молеше Бога да му укаже погодно место за молитвена тишина и покој. Бог му покажа преку видение и тој отиде во местото Стира, кое се наоѓаше помеѓу Хеликон и Парнас. Тука си изгради мала градба за себе, собра неколку побожни монаси и со нив го минуваше времето во пост и молитви.
Помеѓу Херонија и Хеликон се наоѓа градот Левадија, во кој во тоа време живееја агарјани. Еден од тамошните турски бегови имаше заробено некои деца, кои некако успеаја да побегнат. Нивниот газда насекаде ги барал и притоа некои злобници го обвиниле преподобниот Давид како главен виновник за бегството на децата. Разбеснетите турци го фатија и го предадоа на управникот на градот, кој им нареди на слугите немилосрдно да го тепаат, и онака измачен и изнаранет го фрлија во темница. Наредниот ден повторно бездушно го тепаа, па го обесија да виси врзан за рацете. Од тоа мачење му се вкочанија рацете и долго време не можеше да ги помрдне. Додека висел обесен, го поеле со отровни пијалоци, но сето тоа стрпливо го поднесуваше вооружен со Христовата благодат, горејќи од желба да биде овенчан со венецот на мачеништвото. Но, благиот Бог умудри некои побожни христијани, та тие дадоа откуп за него и така беше ослободен. Преподобниот тогаш одлучи повеќе да не се враќа на истото место и по многу тешкотии и неволји се насели на островот Еврип, близу селото Оровија. Тука имаше храм на Преображението Господово, кој со помош на христијаните го обнови и претвори во манастир. Наскоро се собраа многу ученици, поучувани од него во правата вера, меѓу кои најпознати се Исак презвитерот, Јоаникиј и Исаија, украсени со најразлични доблести, Герасим, Јоаким, Дионисиј и Данил, исто така и Христофор, кој и го опиша неговиот живот и подвизите.
Преподобниот Давид особено се одликувал со своето милостиво срце. Тој беше полн со страдална љубов кон сите. Особено го проповедаше гостољубието и лично им помагаше на сите потребити и сиромашни. Притоа не гледаше кој е кој и им помагаше и на христијаните и на муслиманите. Така на пример, тој даде откуп за некој монах Ефросин, кој без да сака беше убил човек. Го поучи истовремено и на покајанието и монашкото живеење. На еден сиромашен турчин и неговото семејство богато им подари облека и храна. Еднаш од блиското село Оровија дојдоа четири старци за душевна и телесна помош и утеха од него. Преподобниот радосно ги прими, ги поучи во правилата на монашкиот живот и ги замонаши. Некои од монасите се разгневија поради тоа и му говореа:
- Не е во интерес на манастирот овие старци да останат овде. Тие се во долгови и немоќни и ќе имаме само штета од нив.
На тоа светиот старец им одговори:
- Вие одете каде што сакате, а сиротите старци оставете ги на мира. Овој манастир му припаѓа на Господ Христос и на сиромашните, и затоа Бог ги прима сите што Му доаѓаат.
Така овие сиромашни и изнемоштени старци останаа во манастирот ослободени од гладот и долговите, и благодарни на Бога работеа на спасението на своите души.
Повторно еден друг сиромав, на име Георгиј, од селото Каламуда, кој имаше многу деца и беше многу сиромашен, често доаѓаше во манастирот и бараше и добиваше обилна помош од преподобниот Давид. Кога еднаш по обичај дојде, старецот со љубов го прими, го угости и му нареди на економот да му даде околу сто килограми жито да однесе на своето семејство. Откако Георгиј ручаше, монасите му дадоа три леба, но не сакаа да му натоварат жито, туку му рекоа:
- Секој ден доаѓаш и ни досадуваш, па сакаш да ти ги натовариме манастирските коњи и да те обезбедуваме со храна.
Кога си замина и старецот дозна што се случило, го повика јеромонахот Исак и останатите старци, па им рече:
- Зошто, браќа, го избркавте сиротиот Георгиј и не му дадовте жито за семејството? Зошто Го навредивте Христа и мене, бедниот старец?
Тие се засрамија од својата постапка и со наведнати глави му рекоа:
- Прости ни, свети оче, згрешивме.
Старецот им рече:
- Веднаш земете жито и други намирници и појдете кај Георгиј, посетете со љубов во неговиот дом, па дури тогаш ќе ви простам.
И навистина тие го сторија тоа, на голема радост на сиротиот Георгиј, а за корист на своите души.
Еден побожен монах Сава со родителските пари купи прекрасна бавча и ја подари на манастирот, за спасение на својата душа. По триесет и пет години двајца други монаси Пахомиј и Теолипт, од манастирот на свети Никола Галатакиски, ја присвоија оваа бавча како своја и ја припоија кон една помала, која што ним им припаѓала. Старецот Давид слушна за тоа и ништо не им рече, туку и понатаму негуваше љубов кон нив. Дури и кога нивниот манастир го нападнаа разбојници, тој им беше од голема духовна и материјална помош. Но, Бог не ја остави неказнета лакомоста на овие двајца монаси. Тие тешко се разболеа, така што телата започнаа да им гнијат и да се распаѓаат. Кога почувствуваа дека им се ближи крајот, тие се покајаа и бараа од старецот да им го прости гревот. Теолипт доби простување преку писмо и се упокои, а пак Пахомиј падна во постела и не можеше да оди, па четворица замоли да го однесат кај светителот за прошка. Тој му помогна со тоа што дојде до градот Еврип. Кога го виде во таква бедна состојба, заплака и му прости. Штом го вратија во манастирот, тој веднаш му го испрати на преподобниот долгот и се исповедаше пред смртта дека градината не им припаѓа ним, туку на манастирот на преподобниот Давид.
Смирениот молитвеник Давид го доби од Бога и дарот на чудотворството. Така по неговите свети молитви Бог уништи безбројни јата комарци во селото Диста, во кое еднаш преноќеваше на пат за Кариста. Во друга пригода се случи на патот за Ламија да сретне еден агарјанин, кој го удри со стап по грбот. Старецот не му проговори ни збор, стрпливо ја поднесе болката и незаслужената навреда, но на турчинот му се исуши раката. Тој веднаш потрча со други турци по него, го стигна во домот каде преноќеваше и со солзи го молеше да го исцели. Старецот се помоли на Бога и раката му беше исцелена. Парите што му ги нудеше турчинот од благодарност, преподобниот не сакаше да ги прими, туку го посоветува да ги подели на едноверните сиромаси и во иднина никому да не прави ништо лошо.
Еве и еден пример од дарот на проѕорливоста, со кој Бог го дарува својот слуга Давид. Еден монах, на име Христофор, реши тајно да го напушти манастирот. И додека заедно со уште еден монах од манастирскиот метох се подготвуваше за тајно бегство, преподобниот го прозре тоа, го повика во манастирот како на исповед, при што Христофор почувствува дека му е позната неговата тајна намера, па падна пред неговите нозе и бараше прошка. Старецот со многу љубов го подигна, го благослови и со своите молитви и совети го ослободи од помислите што го измачуваа. Сето ова, како и многу други прекрасни случувања, ја разгласија славата на преподобниот, така што насекаде го бараа, особено архиерејите, да го поучува народот на патот Божји и заповедите Господови, и според своето послушание тој со задоволство го правеше тоа. Така, кога еднаш дојде до кавга и расправија меѓу архиерејите и народните првенци на Пелопонез, скараните испратија молба до преподобниот да ги помири. Иако стар и исцрпен од долгогодишните подвизи, радосно тргна на толку далечниот пат. Со неколку свои ученици се симна на брегот, се качи на кораб за да премине на спротивната страна во Аталанда, но по пат ги зафати бура, го преврте коработ и тие се најдоа во брановите. Неговите млади ученици успеаја да испливаат на брегот, но без својот духовен отец. И додека тагуваа за него, тој по девет часа поминати во морските бранови, се појави пред нив со чудо Божјо. Откако Му заблагодарија на Бога, од таму отидоа на Пелопонез, каде преподобниот со своите духовни совети и блескавиот светителски лик ги помири скараните страни, ги поучи христијаните, па потоа се врати во својата обител.
Во длабока старост го предвиде својот крај и му рече на братството:
- По три дена, по Божја волја заминувам одовде.
На третиот ден ги собра монасите и им рече:
- Отци, браќа и чеда мои, јас треба да заминам кај мојот Господ, Кој ме повикува. Вие ги знаете правилата на монашкиот живот. Следете ме и не занемарувајте ги, извршувајте ги со сета душа и ум свештените молитви, непрестајно славете Го Господа Христа, сладосниот Исус и Спасител на светот. Имајте взаемна љубов, за и врз вас да се исполнат зборовите од Евангелието: „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име и Јас сум меѓу нив“ (Матеј 18, 20). Постојано имајте ја смртта на ум и сеќавајте се на убавината на рајот. Чувајте се од лоши помисли и секогаш исповедајте се кај искусен духовник за отсекување на лошите и нечисти помисли, за да се удостоите на небесната вечна благодат и слава. Бегајте од непријателството со светот, имајте смирение, пристојност, трпение и послушност, читајте го и поучувајте се од Светото Писмо. Помагајте им на оние што имаат потреба и се во неволја, и над сѐ, прегрнете го духовното сиромаштво и стрпливо поднесувајте ја секоја неволја. Тагувајте и оплакувајте ги своите гревови. Секогаш бидете подготвени за неволји, работа, страдања, за да ја придобиете онаа неискажлива радост - Небесното Царство.
Откако им го рече тоа и уште многу други духовни поуки, преподобниот започна да Го славослови Бога и да Му се моли да биде милостив кон него на страшниот Суд. По молитвата ги сврте очите кон браќата, и им рече:
- Еве, браќа, дојде Господ Христос.
И веднаш го предаде својот дух во рацете на Живиот Бог. Тоа се случи на први ноември. Неговите духовни чеда со солзи ги залеваа неговите свети мошти и ги целиваа со надеж и љубов. Потоа со молитви го погребаа неговото свето тело, но не и душата и даровите Божји на кои што се удостои. По неговото блажено заспивање на неговиот гроб се случуваа многу чудеса. Многу народ се собираше околу неговиот свет череп и многумина добиваа исцелувања од најразличните болести. Тоа се случува и денес, за сите кои со искрена вера во Бога и љубов кон преподобниот пристапуваат на местото на неговиот свет подвиг и неговите благодатни мошти. По молитвите на преподобниот Давид, Господи Исусе Христе, умудри нѐ и спаси нѐ и нас. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ТЕОЛИПТА
Оваа света Маченичка се спомнува само во Парискиот Кодекс 259, ф. 2 а, каде што ја наоѓаме следната стихира во нејзина чест: „Откако се збогати со знаење на боговдахновените Писма, а со тоа и со светоста, си им го објаснила, чедна, на луѓето што живееле во незнаење, домостројот на Словото. Затоа беззаконата маса и безбожниот тиранин те ранил и предал на стража тебе, која вечно ја чува Духот Свети. Затоа Господ, откако те прослави со чудеса, те внесе во горната ложница, украсена со светлосјајни фустани, Он, Кој му дарува на светот голема милост. Од оваа песна јасно се гледа дека светата маченица Теолипта била подложена на тешко страдање, фрлена во темница и на крајот примила венец на мачеништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: КИПРИЈАН и ЈУЛИЈАНА
Овие свети маченици пострадаа за Господа Христа спалени во оган.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ТЕОДОТИЈА
Оваа света жена е мајка на светите браќа Козма и Дамјан, бессребрениците и чудотворци.