15. Ноември (2. Ноември)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: АКИНДИН, ПИГАСИЈ, АНЕМПОДИСТ, ЕЛПИДИФОР, АФТОНИЈ и другите со нив, околу 7 илјади
Персискиот цар Сапор, помрачен со идолодемонијата и исполнет со секое беззаконие, крена во својата земја големо гонење против христијаните. Во тоа време меѓу неговите дворјани имаше и тројца потајни христијани Акиндин, Пигасиј и Анемподист. Тие кришум Му служеа на Христа и со своето учење тајно придобиваа многумина за верата. Некои ги обвинија кај царот дека не само што веруваат во Распнатиот туку и други трујат со таа вера како отров и царот налутено ги праша тужителите:
- Штом одамна ги знаете како такви, зошто не ме известивте и не ги доведовте кај мене?
Тие одговорија:
- Моќен царе, ако наредиш, веднаш ќе ги доведеме.
И веднаш тргнаа по нив. Кога стигнаа ја најдоа капијата затворена, зашто верните слуги Господови стоеја на молитва и не отвораа додека беседат со Бога. Тие ја скршија капијата, ги фатија, ги врзаа и ги одведоа пред царот, кој благо ги праша:
- Ос каде сте вие, деца мои?
Светите одговорија:
- За нашата татковина ли прашуваш, царе? Наша татковина и наш живот е Пресвета Троица, единосуштна и неразделна, Отецот и Синот и Духот Свети, едниот Бог.
Царот на тоа рече:
- Вие сте многу храбри и пред мене се осмелувате да исповедате друг бог, бидејќи сѐ уште не сте искусиле што се тоа рани и најразлични мачења!
Тие одговорија:
- Ние сме смели за нашиот Бог и подготвени за Него да поднесеме најразлични мачења. Ако не им веруваш на нашите зборови, провери на дело. Нанеси ни рани, мачи нѐ како што сакаш, па ќе видиш дека нема да се одречеме од нашиот Бог.
Додека светите и понатаму Го величаа едниот Бог и го прекоруваа царот за неговото многубожие, тој многу се разлути и нареди да ги положат на земјата и да ги тепаат со шилести стапови. Така тепани, тие Го благословуваа Бога, говорејќи:
- Гледаш, Господи, како нѐ мачат. Немој да отстапиш од нас, Господи, за сите да ја видат моќта на Твојата десница. Ти Самиот Помогни Ни.
Додека светите така пееја во маките, џелатите се изморија, па царот одреди други. Толку многу ги тепаа, што би можеле да умрат ако Самиот Бог не ги одржуваше во живот, за обелоденување на Својата семоќна сила во нив. Кога го виде таквото јуначко трпение, без глас да пуштат, царот многу се чудеше. Притоа го обзеде некаков ужас и падна од царскиот престол. Тогаш сите маченици викнаа кон него:
- Нашиот Господ, Кој ти го дал животот, повторно те подигна, за да ја видиш силата Негова во нас.
Царските доглавници мислеа дека царот смртно се повредил, па притрчаа и го кренаа. Тој со тешка мака стана и одвај си дојде на себе. И уште повеќе се разјари, мислејќи дека тоа мачениците му го приредиле со некакви магии, па нареди да ги обесат и под нив да запалат оган, за во тешките маки да ги испуштат своите души.
Светите маченици долго време висеа така и пееја:
- Светилнику и Творецу наш, Ти си предаден за нас, плукан, навредуван, како злосторник на дрво обесен. Ти држиш сѐ со Својата рака, Владетелу. Дојди сега, погледни на нашето страдање и покажи ни го спасението Твое. Погледни и помилуј нѐ, и обелодени пред сите дека ние Те имаме Тебе, единствениот Бог.
И веднаш им се јави Господ како човек, со светло лице како сонце. При Неговата појава оковите паднаа од нив, огнот згасна и тие станаа здрави. Многу израдувани од појавата Господова, тие застанаа пред царот како да не претрпеле никакво мачење, а Господ стана невидлив. Кога ги виде здрави, царот се запрепасти и ги прашуваше што се случило со нив. Тие одговорија:
- Тоа што го гледаш, Христос, нашиот Бог, нѐ спаси од твоите мачења. Познај ја силата Негова и засрами се.
Беззаконикот започна да хули на Христа, а светителите извикаа:
- Нека онеме устата лажлива што хули на вистинскиот Бог.
И во тој момент царот онеме и стана безгласен. Светителите му рекоа:
- Сега, царе, кажи ни, на кои богови наредуваш да им принесеме жртва?
Царот не можеше ни збор да изусти, само со очите збунето се кокореше. А светителите го прашаа:
- Што се случи со тебе, царе, та не зборуваш со нас? Зарем ќе заминеме од твоето судиште без конечна пресуда?
Царот започна со очите и рацете да им дава знаци на оние околу себе да ги затворат мачениците во темница. Но, никој не сфати што им наредува, па тој ја фрли од себе скарлетната царска кабаница, ја удри од земјата и како безумен започна да ја гази пред сите. Народот многу се чудеше и го сожалуваше што го снајде такво безумие. Светите маченици му се обратија на народот:
- О, слепи со умот! Гледате, а не можете да видите. Слушате, а не можете да чуете. Се скамениле вашите срца.
Додека светителите зборуваа се појави на небото полк од пресветли Ангели, кои многумина од народот ги видоа. И не можејќи да гледаат во нив, од страв паднаа на земјата и поверуваа во Христа. Тогаш светителите започнаа да пеат:
„Бог ни е прибежиште и сила, докажан помошник во неволјите. Затоа нема да се уплашиме, па макар и земјата да се разниша“ (Пс. 45, 2.3). И уште: „Стани Господи, и помогни ни, избави нѐ заради името Свое“ (Пс. 43, 26).
Царот, бидејќи не беше во состојба да превземе нешто поради својата несреќа, започна од бес да се удира по лицето. Кога го виде така збркан, Акиндин заплака и рече:
- Во името на нашиот Исус Христос, прозбори.
И веднаш му се разврза јазикот и започна да зборува. Но, не Го благословуваше Бога, туку напротив хулеше, бидејќи имаше скаменето срце. Иако ја виде врз себе крепката рака Божја, сепак не сакаше да ја познае вистината. Сметаше дека сето тоа се вражбини на светите маченици и пламна со уште поголем гнев. Наместо благодарност, првите зборови што ги изговори беа:
- Акиндин, Пигасиј и Анемподист ќе ги погубам со лута смрт, а вам, мои службеници, ќе ви се осветам што не ме послушавте, кога со знаци ви наредував да ги мачите, зашто со своите магии ми го заврзаа јазикот.
И веднаш нареди да се вжешти железна решетка, на која што долго ги печеа светите, а тие Му пееја на Господа:
„Ти нѐ испита, Боже, нѐ очисти, како што среброто низ оган се пречистува. Ти нѐ воведе при јамка, ни стави товар на плеќите наши. Допушти луѓето да ни се качат на глава. Минавме низ оган и вода, но нѐ изведе да здивнеме“ (Пс. 65, 10. 12). Дај ни маките да ги поднесеме храбро и да го познаат светото име Твое сите овде присутни, бидејќи им ги покажа силата и чудесата Свои.
Тогаш се јави глас од небото, кој говореше:
- Ја потврдивте вашата вера со дела и молбите ќе ви се исполнат.
Овој Божествен глас се удостоија да го слушнат многумина од присутните, кои воскликнаа:
- Еден е вистинскиот Бог и Него Го бараат овие страдалници. Бог е единствен моќен, единствен непобедлив и нема друг Бог освен Него. Блажени сте вие, страдалници, што станавте сведоци на Неговото доаѓање на земјата и што со љубов кон Него се предадовте на смрт, која ве носи во вечен живот. Молете ја Неговата добрина и за нас, да ни ја даде од небото помошта Своја и да нѐ извлече од гибелта.
Светите маченици ги кренаа очите кон небото и се молеа за нив, говорејќи:
- Боже, Ти во висините живееш, погледни на слугите Свои, кои од срце го призиваат името Твое. Испрати роса на ова наследство Твое, за росата што доаѓа од Тебе и ги мие гревовните немоќи да им биде лек и исцеление, и сите да познаат дека си Ти единствен Боги да се покоруваат на Твојата власт.
Кога светите маченици така говореа, одненадеж настанаа страотни грмотевици со молњи и падна силен дожд. Незнабошците се преплашија и побегнаа, а со мачениците останаа само оние што во Христа поверуваа. Ним светнте маченици им рекоа:
- Не плашете се. Ова се случи заради вас, за со овој дожд да се изврши над вас тајната крштение.
И кога сите едногласно Му заблагодарија на Бога, видливо беше мноштвото ангели како доаѓа од небото и во бели кошули ги облекува новокрстените луѓе, покажувајќи со тоа дека душите им се очистени со Светата Вера и водата што одозгора слезе врз нив. Од тој дожд згасна огнот, се олади вжештената решетка и светите маченици станаа живи и здрави, само телата им беа црни како дрва спалени во оган.
Царот повторно ги повика мачениците и им рече:
- Иако со своите вражбини го згаснавте огнот, сепак нема да ми побегнете од рацете додека не ве натерам да им се поклоните на боговите или ве погубам со страшна смрт.
Тие како со една уста му одговорија:
- Погуби нѐ како што сакаш, но ние нема да се одречеме од единствениот Бог, Кој живее на небесата и ни подготвил живот вечен.
Царот се насмеа и рече:
- Деца мои и пријатели. Ако вие почитувате еден Бог, ете, и јас не ве терам да почитувате многу богови, туку само оној што јас го почитувам и му се клањам. Тоа е големиот Зевс, првиот меѓу сите богови. Ајде заедно со мене поклонете му се, зашто е доволно на еден да му се укаже почитување.
Блажениот Анемподист го праша царот:
- Како заповедаш да му укажеме почитување на едниот бог?
Царот се израдува мислејќи дека ќе му се поклонат на нечистиот Зевс, и рече:
- Ајде деца, заедно да појдеме во храмот на големиот Зевс и што ќе правам јас правете и вие. Така заедно ќе му се поклониме на мојот бог.
Светителите рекоа:
- Царе, ти моли се по своето правило, а ние ќе се помолиме како што одамна сме научиле.
Царот не ги сфати нивните зборови и радосен зборуваше:
- Зошто порано не се согласивте со мене, па немаше да ве подложам на толку мачења? Сега простете ми што ве измачив и ветувам дека тоа ќе го избришам со својата голема љубов кон вас.
И нареди, та подготвија царски кочии, па седна во нив и ги повика и светите маченици да седнат со него, но тие му рекоа:
- Не, царе, ние ќе појдеме пешки.
Така тие отидоа пешки до омразениот храм. Царот ги фати за рака, со нив влезе внатре и започна да вика:
- Голем е богот Зевс и голема е силата негова! Одете, мои миленици, и пред мене помолете се на големиот бог Зевс.
Светителите се прекрстија, паднаа на колена, ги кренаа рацете кон небото, започнаа да се молат на Бога, Едниот во Троица, и веднаш се затресе местото и храмот започна да се руши. Царот со своите исплашен побегна надвор. Храмот падна заедно со идолите и сѐ што беше внатре се претвори во прав. Светителите Божји останаа неповредени, се радуваа на силата Христова и ја исмеваа немоќта на незнабожечките богови. Царот страшно се разбесни и праша:
- Такво ли е вашето обраќање и поклонување на Зевс? Таква ли е вашата молитва, со своите вражбини да ги срушите и храмот и боговите?
Светителите одговорија:
- Како што одамна научивме, така и се помоливме на нашиот Бог, Создателот на сиот свет, а за вражбини не знаеме. А вашиот поган храм со вашите нечисти богови не се сруши од вражбини, туку од сесилното име Божјо, кое го повикавме во молитвата.
Царот нареди да се подготват три казани полни со олово, сулфур и смола, да се исечат стари чамци наместо дрва, па под казаните да се запали силен оган. И кога казаните зовреа, светите маченици ги врзаа со синџири и ги спуштија во нив, најпрвин до појасот, потоа до градите, па до вратот. Во таквите маки тие гледаа во небото и пееја Давидови псалми. Додека така се молеа останаа неповредени, синџирите сами се одврзаа и паднаа од нив и тие излегоа здрави пред очите на сите. Восхитени од тоа необично чудо, многумина од присутните ја познаа вистината, Го прославија Христа и поверуваа во Него. Исто така и еден од мачителите, на име Автониј, поверува во Христа и воскликна:
- Голем е Богот христијански.
А на царот му рече:
- Безбожен и човекомрзен царе, до кога ќе ги мачиш овие невини луѓе? Ете, ние повеќе се изморивме додека ги мачиме, отколку тие со трпењето на мачењата. А ти, како да си од железо и камен, ни трошка сожалување немаш.
Царот веднаш нареди да му ја отсечат главата. Автониј ги крена очите кон небото и рече:
- Слава Ти, Господи Исусе Христе, Боже во Кого веруваат христијаните. Еве, и јас верувам во Тебе, Ти се поклонувам и умирам за Тебе. Спаси ме, недостојниот, според големата Своја милост.
Џелатите му ставија јамка околу вратот, за да го водат надвор од градот, а тој им се обрати на светите Маченици:
- Господа мои и отци. Предајте го на заборавот злото што ви го нанесував кога ве мачев, по наредба на незнабожниот цар. Молете Го Бога за мене, да ми ги прости многуте гревови, да ме вброи во соборот на верните во Него и да ми даде да се видам со вас во Царството Негово.
На тоа светите маченици му рекоа:
- Радувај се, брате, зашто пред нас одиш кај Христа и биди уверен дека ќе најдеш милост во Него, и ќе те награди според верата твоја.
Автониј ги целиваше светите маченици и беше одведен надвор од градот, каде го повика пресветото име Господово, ја стави главата под мечот и посечен отиде да се радува кај Господа. Христијаните го зедоа неговото чесно тело, го завиткаа во чисто платно и чесно го погребаа како маченик Христов.
Потоа царот нареди Акиндин, Пигасиј и Анемподист да ги сошијат во кожени мевови и да ги фрлат во морето. Кога беше сторено тоа се појави свети Антониј со три Ангели, и одејќи по морето ги извадија од него светите Маченици, ги ослободија од мевовите и ги оставија на копното живи и здрави. Кога слушна царот дека се живи многу се разгневи на војниците кои што ја извршија наредбата, мислејќи дека тие, четворица на број, не го послушале туку ги ослободиле, па најпрвин им ги отсече рацете, па нареди да ги потопат во морето. Одејќи во смрт, тие Го повикуваа Господа Христа, исповедајќи го светото име Негово, верувајќи и молејќи Му се, и така потонаа во морските длабочини. А пак светите маченици Акиндин, Пигасиј и Анемподист повторно ги затворија во темница и ги ставија во клади. Многу збунет, царот отиде во својата ложница, се оптегна на постелата, ги повика своите големци и започна гневно да ги кара што го оставиле сам да се мачи околу судењето на христијаните и дека со ништо не му помагаат при нивното мачење. Тие му говореа дека не е убаво да врши такви судови и да ги убива невините христијани, а тој ги праша:
- За што вчера и завчера размислувавте додека стоевте и ги стававте рацете на своите усти? А еден од големците, на име Елпидофор, се насмеа и рече:
- Се смеевме на твоето безумие и сме биле глупави што досега сме те слушале. Царот му нареди на еден од присутните слуги да го удри по лицето. Тогаш сите големци започнаа да негодуваат и му рекоа:
- Царе, ние повеќе не сме на твоја страна. Тој се исплаши, и за да не ги дразни повеќе рече:
- Простете ми, од многуте грижи ми се поремети умот.
Големците си заминаа, а царот трепереше од гнев и размислуваше како да ги погуби мачениците и да им се освети на големците. Утредента нареди светите да ги фрлат во јама полна со отровни лазачи, но и таму тие останаа неповредени и со појавата на Ангели беа утешени и извадени неповредени. Потоа ги обесија и им ги стругаа телата сѐ до коските. Но, мачениците повторно се најдоа без рани. Царот не знаеше што понатаму и најпосле ги осуди на обезглавување.
Кога ги водеа надвор од градот, по нив одеше многу верен народ, кој со солзи им говореше на светите маченици:
- Слуги на вистинскиот Бог, зошто нѐ оставате без поука?
Светителите одговараа:
- Милосрдниот Бог ќе стори сѐ што е потребно и корисно за вас, како што знае и сака, само вие цврсто верувајте во Него.
Некои од царските слуги отрчаа кај царот и го известија дека сиот народ им се придружил на тројцата маченици и може да го попречи нивното обезглавување. Царот им нареди да поведат триста вооружени војници и да ги обезглават сите што ќе им се приклучат. Тогаш слугите му рекоа дека меѓу тој народ има и многу големци, а и самиот Елпидофор, па дали и нив да ги обезглават. Царот нареди да го повикаат Елпидофор, кој поведе со себе тројца други големци и дојде кај царот, кој со наведната глава седеше и долго молчеше. Потоа ја крена главата и рече:
- Елпидофоре, зошто ви се посакало да ги оставите отечките богови и да преминете кај лажните христијански богови?! Знај дека нема да поштедам никого од оние што веруваат во Распнатиот.
Елпидофор одговори:
- Прави што сакаш. Ние сме подготвени веднаш да умреме за распнатиот Христос, зашто Он е единствен вистински и праведен Бог, и не постои друг бог освен Него. Сите твои богови се демони.
Се одрекуваме од нив, ги отфрламе нивните нечисти жртви и ни најмалку не те почитуваме тебе, демонски слуго. Тогаш царот ги осуди на смрт и им изрече ваква пресуда: „Елпидофор и сите негови истомисленици, кои ги напуштија пресветлите богови и ја претпочитаат смртта, наредувам да се обезглават, за да го добијат она што самите го посакаа. А ако некој сака да ги земе и сокрие нивните тела, може слободно да го стори тоа“.
Војниците веднаш ги поведоа надвор од градот, кај светите маченици и народот што поверувал во Христа. Кога пред сите беше прочитана пресудата, сите воскликнаа:
- Слава Тебе, Боже, што ни даде благ пат, за да излеземе од овој мрачен и лажлив свет и да дојдеме кај Тебе, Богот наш, да се поклониме на престолот Твој и да Те видиме Тебе, Светлино Непристапна.
И започнаа да се целиваат еден со друг, а војниците ги опколија и започнаа да ги обезглавуваат. Тогаш од меч паднаа седум илјади верни во Христа, заедно со свети Елпидофор. А Акиндин, Пигасиј и Анемподист со наредба на царот повторно беа затворени во темница.
Утредента царот нареди да се вжешти печка и во неа да ги фрлат, при што им рече:
- Ја гледате ли оваа печка? Подготвена е за вас.
Блажениот Акиндин одговори:
- За тебе е подготвена уште поголема печка во пеколот и во неа вечно ќе гориш со демоните.
Царот гневно праша:
- Зарем јас сум демон?
Светителот одговори:
- И делата твои, и името твое покажуваат дека си демон, зашто го вршиш својственото на демоните и името твое означува цар на демоните, и добро те нарекла твојата мајка Сапор, зашто си заедничар со демоните.
Царот им рече на оние со него:
- Замолете ја мојата мајка да дојде тука.
Кога дојде, тој стана од престолот, ѝ оддаде почитување, па ја наседна покрај себе и ѝ рече:
- Кажи ми, мајко моја, како се викам?
Мајката одговори:
- Ти го носиш името на својот дедо, кој се викаше Сапор, па и тебе те нарековме така.
Покажувајќи со прстот кон светите маченици, царот рече:
- А овие безаконици зборуваат дека имам демонско име.
На тоа неговата мајка се насмеа, бидејќи веќе веруваше во Христа, но се криеше од својот лош син. Кога виде дека се смее, царот се разбесни и започна да ја удира по лицето. Таа падна пред нозете на светите маченици и низ солзи говореше:
- Спасете ја мојата старост, слуги Христови, зашто гледам дека не само по име, туку навистина сум родила демон и беден сатана.
Кога виде дека и неговата мајка поверувала во Христа, царот нареди и неа да ја фрлат во печката, заедно со светите маченици. Освен тоа во Христа поверуваа дваесет и осум војници од присутните и сите беа фрлени во печката и молејќи се во огнот ги предадоа своите свети души на Бога. Некои достојни луѓе видоа хор од свети Ангели како околу печката пеат и ги примаат душите на светите, и неискажлив благомирис излегуваше од нивните тела. Кога печката згасна, а царот замина во палатата и сите се разидоа, некои од верните ги најдоа телата на светите маченици неповредени од огнот во печката, па ги зедоа и чесно ги погребаа, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот Бог, Кому слава за навек. Амин.
СПОМЕН СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: КИРИАКИЈА, ДОМНИНА и ДОМНА
Овие свети маченици пострадаа за Христа посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ВИКТОРИН, епископот Патавски (Птујски)
Многумина сметаат дека свети Викторин бил Словенец по потекло. Бил епископ во градот Птуј (Патав) во Словенија. Блажениот Јероним го истакнува како учен и побожен маж. Подобро знаел грчки отколку латински. Напишал толкување на неколку книги од Стариот и Новиот Завет. Пострадал за верата Христова за време на Диоклецијановото гонење, веројатно во 303 година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: АТИК, ЕВДОКСИЈ, АГАПИЈ, МАРИН, ОКЕАНИЈ, ЕВСТРАТИЈ, КАРТЕРИЈ, НИКОПОЛИТИЈАН, СТИРАКС и ТОВИЈ, и уште двајца настрадани со него
Овие свети маченици беа војници во градот Севастија, за време на царувањето на Ликиниј. Биле испрашувани и подложувани на разни мачења од тројца судии: кнезот Авксаниј, војводата Маркел и Марко Агрикол. Најпосле беа фрлени во оган и така ги предадоа своите души во рацете Божји, и примија од Бога венци на мачеништвото. Овие свети маченици пострадаа во 315 година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАРКИЈАН КИРСКИ
Преподобниот Маркијан беше родум од градот Кир во Сирија. Се одликувал како со благородното потекло така и со убавината на телото. Оставил сѐ заради Христа, се повлекол во Халкидската пустина на отшелнички подвиг, си направил таму толку мала ќелија, така што во неа можел да застане само еден човек, се облекол во сура власеница и се затворил во неа. Дневно јадел по дваесет и четири грама леб и тоа по зајдисонце. Пиел сосем малку вода. По извесно време преподобниот прими двајца ученици Евсевиј и Агапит, кои си изградија ќелии за себе. Преподобниот и понатаму остана во своето затвореништво, без некогаш да запали свеќа или некаква друга светилка. Во неговата ќелија ноќе светлела Божествена светлина, на која тој го читал Светото Писмо и никогаш немал потреба од друга светлина. Еднаш антиохискиот патријарх Флавијан, епископот Кирски и некои други епископи, знаменити и красноречиви, дојдоа кај преподобниот да го убедат да го остави осамеништвото за да им користи на ближните. Но, тој не сакаше ни да слушне за тоа. Овој прекрасен угодник Божји многу луѓе од разни ереси вратил во православната вера. Големиот и богољубен светител Маркијан беше многу ценет и сакан и од ближните и од подалечните. Уште за време на неговиот живот се препирале на кого ќе му припадне неговото свето тело по смртта. Поради тоа дури и цркви граделе и гробници подготвувале. Кога дозна за тоа, го натера својот ученик Евсевиј да му се заколне дека неговото тело ќе го погребе тајно, далеку од ќелијата. Потоа преподобниот Маркијан отиде кај Господ.