16. Ноември (3. Ноември)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: АКЕПСИМ епископот, ЈОСИФ презвитерот и АИТАЛ ѓаконот
Во Персискиот град Неасон имаше еден благочестив епископ Акепсим. Од својата младост живееше во секоја добродетел и поживеа свето сѐ до својата старост. Иако имаше веќе осумдесет години, тој не се исцрпи од многуте подвизи во постот и молитвата и ревносно се грижеше за довереното стадо. Се истакна со преголем подвиг при својот крај, кога јуначки до крв издржа за својот Господ, за Кого и душата ја положи после долгите и тешки мачења. На неколку години пред маченичкиот подвиг, тој доби вакво пророштво за своето страдање.
Еднаш, додека седеше во својот дом, едно негово момче се исполни со пророчки дух, му ја целиваше главата и му рече:
- Блазе си ѝ на оваа глава. Ќе прими мачење за Христа. Тој се израдува на пророштвото и рече:
- Чедо, нека ми биде според зборовите твои. Во тоа време со Акепсим седеше еден негов драг пријател, епископ на блискиот град. На зборовите од момчето тој се насмевна и го праша:
- Кажи ми, чедо, знаеш ли нешто и за нас? Боговдахновеното момче одговори:
- Ти повеќе нема да го видиш овој град, туку ќе се претставиш на пат кон него, во селото Етрадан.
Пророштвото на ова момче се исполни и за двајцата епископи. Едниот умре по пат во споменатото село, а главата на епископот Акепсим навистина се удостои на маченичкиот венец. Тоа се случи на следниот начин. Незнабожниот персијски цар Сапор крена гонење против христијаните во својата земја. Во денот на спасоносните страдања Христови, тој испрати во сите краишта наредба да бидат убиени по цела Персија сите што Го исповедаат Христа. И во тоа време безмилосно по градовите и селата беа убиени безброј многу христијани. Особено против нив беснееја жреците и волхвовите. Тие ревносно трагаа по сокриените, ги извлекуваа од домовите и скривниците и ги предаваа на смрт. А некои од верните сами се предаваа и радосно ја проливаа својата крв. И многу дворјани во царските палати беа убиени за Христа. Меѓу нив и евнухот Азадис, миленикот на царот, беше убиен како вистински слуга Христов и исповедник на Неговото пресвето име.
Кога дозна за неговата смрт, царот многу се натажи и го прекина општиот колеж на христијаните. Издаде наредба да бидат казнувани на смрт само водачите и учителите на христијанската вера. Кога оваа царска наредба беше објавена насекаде, старешините на волхвовите и жреците многу грижливо одеа низ Персија, ги фаќаа христијанските епископи и свештеници и ги убиваа на разни начини. Во тоа време беше фатен и светиот епископ Акепсим. Кога го поведоа од домот, некој од домашните му пристапи и му шепна да даде упатство за својот дом, а светителот, покажувајќи со раката кон домот, рече:
- Овој дом повеќе не е мој. Неповратно заминувам во вишниот дом.
По доаѓањето во градот Арбела, свети Акепсим беше изведен пред кнезот на волхвовите Адрах. На неговото прашање кој е, светителот гласно изјави дека е христијанин. Кнезот го праша дали е вистина тоа што се зборува за него, а тој бестрашно потврди и рече:
- Јас Го проповедам единствениот Бог и сите што доаѓаат кај мене ги советувам да Го познаат и заедно со мене да веруваат во Него.
Кинезот рече:
- Ние сме слушале дека си помудар од останатите, но сега гледаме дека не си попаметен ни од неразумните деца. Каква е таа мудрост да се противиш на царската наредба и да не им се поклонуваш на пресветлото сонце и на огнот, на кои што и самиот цар им се поклонува?
Светителот одговори:
- И вашиот цар, и вие со него, потполно сте полуделе, бидејќи сте Го оставиле Творецот и се поклонувате на тварта.
Кинезот гневно рече:
- Ти нѐ нарекуваш луди нас, кои ја почитуваме таквата стихија и се поклонуваме на сонцето кое оживува и осветлува. Лажлив старче, ти навистина си луд и ако не се покориш на царската наредба, твојата старост нема да те избави од тешките маки, ниту твојот Распнат Бог ќе те ослободи од нашите раце!
Светителот рече:
- Нека замолкне, безбожнику, устата што хули на мојот Бог. Ти сакаш да ме исплашиш со своите закани за да отстапам од отечките преданија, на кои од младоста се научив и живеам до седоста. Иако горделиво се фалиш дека од вашите раце нема да ме избави ни староста, ни Богот мој, јас мислам дека немам корист да се ослободам од вашите раце за малкуте денови што ми остануваат, зашто и без вас ќе ме стигне општиот долг на смртната природа. Нема да му се поклонам на сонцето, ниту ќе го испочитувам огнот, за никој да не се потсмее на мојата старост и да не помисли дека животот ми е помил од Бога. Нема да ги продадам толкуте небесни богатства за краткотрајниот живот.
Волхвот веднаш нареди светителот гол да го положат на земјата и силно да го тепаат со јазлести стапови. Толку го тепаа по целото тело, што земјата се обли со крв, а по второто тепање мачителот повторно го изведе пред себе и му рече:
- Каде е твојот Бог? Нека дојде сега и нека те избави од моите раце.
Светителот одговори:
- Беззаконику! Мојот Бог е насекаде, ги исполнува небото и земјата и моќен е да ме избави од твоите раце. Но, јас ја молам Неговата добрина, не да ме избави, туку да ми даде трпение во маките, за да добијам венец на животот. А какви маки и смрт заслужуваш ти, кој се креваш против Живиот Бог, ти, кој си земја и пепел. Навистина заслужуваш да изгориш во огнот на кој што сега му се поклонуваш како на бог, за тој твој бог вечно да те пече.
Кнезот на волхвовите многу се разбесни и нареди да го оковаат во тешки синџири и да го затворат во темница.
Следниот ден беше земен презвитерот Јосиф, кој имаше седумдесет години и ѓаконот Аитал, и двајцата праведни и свети мажи. Нивната ревност за Бога беше како ревноста на пророкот Илија, и нивниот збор остар како меч, кој го сече безбожието. Доведени пред незнабожниот волхв, тој злобно погледна во нив и рече:
- О, изгубен роде! Зошто ги мамите луѓето со своето неправедно учење?
Презвитерот одговори:
- Не ги мамиме, туку од измамата ги обраќаме кон вистинскиот Бог Кој е Господ и Спасител на сонцето, огнот и сите видливи и невидливи твари. Нашето учење не е неправедно, зашто учи за единствениот вистински Бог.
Волхвот праша:
- Кое учење е праведно? Она на царот и неговите војводи или тоа што го следат бедните, отфрлени и ништовни луѓе, какви што сте вие?
Презвитерот одговори:
- Да, ние сме бедни и отфрлени луѓе во овој свет, зашто нашит Господ со Своето благоволение не е во душегубните богатства и гордоста на животот, туку во сиромаштвото и смирението. Од таа причина многумина од нас доброволно стануваат сиромашни и смирени, ги раздаваат своите имоти во рацете на бедните, со надеж дека ќе примат од Господа стократно повеќе. А кога би се труделе да собираме богатства, тогаш би се збогатиле повеќе од тебе, кој ништо не правиш, туку само плодот на туѓиот труд го јадеш и насилно приграбуваш имоти од други бедни луѓе. Нам ни е доволно од нашиот труд самите да се храниме а и слабите браќа да ги прихраниме. Ние знаеме дека за богатите е тешко да влезат во Царството Небесно и оние што сакаат да се збогатат паѓаат во беда.
- Остави ја својата долга лага и поклони им се на огнот и сонцето, - рече волхвот - прекинувајќи му го говорот. Презвитерот на тоа му одговори:
- Не надевај се дека некогаш ќе ја исполнам вашата волја. Нема да Го оставам Творецот, ниту ќе ѝ се поклонам на тварта.
Волхвот веднаш нареди светиот презвитер да го соблечат, да го растегнат, па со трње од рози да го тепаат, сѐ додека кожата не му се одра и месо му паѓаше од коските. Сиот во крв, светителот викна:
- Ти благодарам, Господи Боже мој, што си благоволил да ме измиеш од моите гревови во мојата крв.
По долгото тепање беше окован во двојни железни синџири и фрлен во темницата кај свети Акепсим, каде еден со друг наоѓаа олеснување во своите страдања и заедно се тешеа со надеж во милоста Божја.
Кога презвитерот беше одведен во темницата, ѓаконот Аитал остана сам пред кнезот на волхвовите, стоејќи врзан. Волхвот го праша:
- А што велиш ти? Ќе ја исполниш ли царската наредба? Ќе му се поклониш ли на големото сонце? Ќе вкусиш ли од жртвената крв, за да се спасиш од злото што ти претстои или ќе останеш упорен и непокорен?
Светиот ѓакон одговори:
- Дело на твојата погана седост е да пиеш идоложртвена крв и за бог да го сметаш створеното од Бога. Јас нема да бидам така слеп и нема да ја испочитувам тварта повеќе од Творецот.
Тогаш мачителот нареди да му ги врзат рацете под колената и низ врзаните раце да му стават голем кол, па шест џелати, по тројца од двете страни, да застанат на краевите од колецот и да удираат, мачејќи го на тој начин, а потоа немилосрдно да го тепаат со трње од рози. Така нишајќи го колецот, војниците му ги раскинаа зглобовите и тепајќи го со трњето му го одраа телото. Јуначки трпејќи, маченикот му рече на волхвот:
- Ти се радуваш на моето раскинато тело како што песот или гавранот му се радува на лешот. Но знај, безбожнику, дека не ми пречат овие маки.
Волхвот тоа уште повеќе го разбесни и нареди да го тепаат уште посилно, додека коските не му ги сокршија и му отпаѓаше месо. Потоа го однесоа во темницата, бидејќи не можеше да оди и го фрлија кај првите двајца страдалници.
По пет дена светите маченици беа одведени на местото именувано Рај, каде имаше храм на богот на огнот, почитуван од незнабожните персијци. Кнезот на волхвовите ги праша:
- Кажете ми брзо, дали уште ќе останете во своето безумие или ќе бидете едно со нас?
Светите одговорија:
- Бидете сигурни дека ќе останеме во нашата вера и убедување до крај. Ни заканите, ни маките, ни подароците, ниту кои било други средства нема да нѐ променат. Единствениот Бог, Господ на сѐ, ние Го знаеме и исповедаме, во Него Единствениот веруваме и единствено Нему Му се поклонуваме.
Во тој момент волхвот измисли ново мачење. Нареди на мачениците да им ги замотат со жици рацете, бедрата и колената, во тие жици да стават стапови, стаповите да ги вртат и така жиците сѐ посилно и посилно да ги стегаат. Од таквото мачење светите чувствуваа страотни болки. Коските им пукаа и се кршеа и тоа се слушаше надалеку. При тоа мачителите им зборуваа да не се противат на царската волја, а светите возвраќаа дека секој што ја исполнува волјата на беззакониот цар се противи на Бога. Така беа мачени од девет до дванаесет часот. Бидејќи повеќе не можеа да одат, како вреќи ги зедоа и ги фрлија во темницата, и мачителот издаде наредба никого да не пуштаат стражарите кај нив, и ако некој сака да им даде храна или нешто друго, веднаш да го убијат. И останаа страдалниците Христови во таа темница три години во голема оскудица, изнемоштени од глад и жед, поднесувајќи неизмерни болки од загноените рани, така што и стражарите беа потресени и многу често плачеа. Сепак, се плашеа да им помогнат од страв од кнезот. Единствено по некој стражар или тамошен затвореник тајно им даваше по некое парче леб или малку вода, Така трпеа тие од љубов кон Христа.
По три години дојде таму Персискиот цар Сапор и со него врховниот кнез над сите персиски волхвови, на име Ардасабор. Кога дозна дека светите маченици Акепсим, Јосиф и Аитал се наоѓаат во темницата, веднаш нареди да ги доведат. Тие беа толку ослабени што изгледаа како трски свиткани од ветрот, изнемоштени од глад и жед, беа исушени како сено и не можеа да се движат. Кога ги доведоа пред кнезот Ардасабор, глетката беше потресна. Изгледаа како мртовци во гроб, со очи длабоко пропаднати, а коските им беа обложени само со кожа. Кнезот ги погледна и праша:
- Христијани ли сте?
Тие одговорија:
- Така е, христијани сме. Веруваме во единствениот жив Бог и Нему Му се поклонуваме.
Кнезот рече:
- Гледате ли каква несреќа ви нанесува вашата вера, каква тешкотија и мака? Од многуте маки вие сте го изгубиле обликот на жив човек и сте станале како мртовци во гроб. Ве советувам да му се поклоните на пресветлото сонце. Ако не ме послушате ќе умрете со лута смрт!
Светителите едногласно го одбија таквото незнабожие и Го исповедаа вистинскиот Бог, покажувајќи се подготвени на смрт за Творецот на сѐ.
По долгите препирки кнезот увиде дека не е во состојба да ги потчини мачениците на својата волја и нареди најпрвин свети Акепсим да го тепаат со сирови каиши по плеќите и по стомакот. Го тепаа триесет војници, а гласникот викаше:
- Покори се на царската наредба, па ќе останеш жив.
Додека беше во состојба, светителот одговараше:
- Јас се трудам да ја исполнувам волјата на мојот Господ, со сета сила што сум ја добил од Него.
Потоа повторно изнемоште и замолкна. Тогаш му ја отсекоа светата глава. Така се исполни пророштвото на она боговдахновено момче, кое некогаш ја целиваше неговата глава и рече:
- Блазе си ѝ на оваа глава. Ќе прими мачење за Христа.
Телото на светиот маченик го одвлекоа на улицата и го фрлија на кучињата. Стражарите набљудуваа да не го украдат христијаните. Но, по три дена, кога стражарите заминаа некаде, христијаните го зедоа тоа скапоцено богатство и чесно го погребаа.
По посекувањето на свети Акепсим започнаа да го тепаат презвитерот Јосиф, а гласникот викаше:
- Ќе останеш жив ако ѝ се покориш на царската наредба.
Светителот воскликнуваше:
- Еден е Бог и нема друг бог освен Него. Преку Него живееме, се движиме и постоиме, во Него веруваме, Него Го почитуваме, а за царската наредба не се грижиме.
По долгото тепање светиот маченик изнемоште и стана како мртов, па мачителите го извлекоа надвор и го фрлија на пазарот. Но, кога забележаа дека дише, го вратија во темницата.
Откако го одвлекоа свети Јосиф, кнезот започна да му зборува на свети Аитал:
- Еве, пред твоите очи се животот и смртта, честа и бесчестењето. Избери го подоброто, не оди по патот на безумниците, кои добија заслужена смртна казна. Послушај ме и ќе се удостоиш на големи почести и подароци од царските раце. Ако не ме послушаш, самиот ќе бидеш виновен за својата смрт.
Светиот ѓакон одговори:
- Пред лицето на небото и земјата би бил голем срам ако не одам по патот на оние пред мене. Кога тие, стари по години и слаби со тело онака јуначки пострадаа, зарем јас, млад и силен, да се плашам од времените маки? Не се плашам од смртта заради Христа, Кој умре за мене. Не сакам заради привремениот живот да го изгубам вечниот. Не сакам својата вера да ја продадам за вашите подароци и почести. Тогаш кнезот гневно нареди да го тепаат посилно од првите. Светителот му рече:
- Смрдлив и нечист песу! Овие мачења ги плашат само малодушните, а не оние чии што души чезнеат за Христа.
И започнаа бездушно да го тепаат. Притоа кнезот со чудење им говореше на своите:
- Што се случува, та христијаните не обрнуваат внимание на својот живот, а ја сакаат смртта како некој среќен живот?
Тие му одговорија:
- Тие имаат учење предадено од нивните татковци, кое вели дека постои друг свет подобар од овој. И затоа избираат за себе доброволна смрт.
Додека кнезот многу часови водеше таков разговор со своите, светиот ѓакон добиваше безбројни рани. Потоа, преправајќи се милосрден, нареди да престанат да го тепаат и му рече:
- Покори ѝ се на царската наредба, па ќе оздравиш. Ние имаме лекари, кои што можат да ги исцелат твоите рани.
Светителот одговори:
- Кога би можел дури и со еден збор да ме исцелиш, јас ни тогаш не би се покорил на вашето безумие.
На тоа кнезот одврати:
- Го реков тоа за да те искушам. И да се покориш, невозможно е да се исцелиш од овие рани, кои само смртта може да ти исцели. Но, биди им за пример на сите христијани, за да не се осмелуваат да му се противат на царот и да ги срамотат неговите кнезови.
Светителот одговори:
- Незаконски судијо, ти постојано лаги зборуваш. Но, сега без да сакаш ја кажа вистината, дека јас за христијаните ќе бидам пример за јунаштво и великодушност. Многу од верните, гледајќи жив пример од мене, стануваат ревносни за Господа Бога и ќе примат маки за Него.
Восхитувајќи се на неговото јунаштво и трпение, кнезот погледна во неговиот омилен пријател Адесх, кој беше од градот Арбел, и му рече:
- Земи ги двајцата христијани Јосиф и Аитал, одведи ги во својот град и таму уреди тие од своите христијани да бидат убиени со камења.
Тој не сакаше да ги посече, за христијанските учители да бидат убиени од христијанска рака.
Адесх ги натовари светите маченици како снопови, бидејќи не можеа ни да одат ни да седат од безбројните мачења, ги врза, и попат кога одмораа или преноќеваа ги симнуваа како мртви тела и ги оставаа на земјата. Кога некој од сожалување ќе им дадеше леб или вода, мораше со свои раце да им става во устата. При повторното тргнување на пат, повторно како мртви ги креваа од земјата, ги товараа, врзуваа и така продолжуваа. Кога стигнаа во градот Ардел ги фрлија во смрдлива темница и не дозволуваа ниту еден христијанин да дојде и да им помогне. Раните им беа многу загноени. Им течеше крв и гној. Немаше никого да им ги превие или да ги сврти од едната на другата страна или да ги напои со чаша студена вода. Така светите страдаа за Бога.
Во тој град имаше една верна и света жена, на име Снандулија, која тајно ги хранеше во темницата страдалниците Христови. Кога дозна за Јосиф и Аитал, таа дојде со своите слуги ноќе, им даде на стражарите многу злато, ги најде мачениците во темницата одвај живи, без да можат да зборуваат, само сѐ уште малку дишеа. Таа ги замоли стражарите да ѝ дозволат да ги однесе во својот дом на кратко, со ветување дека пред зори ќе ги врати. Откако ѝ дозволија ги однесе, им ги изми раните, им ги премачка, ги преви, им ги целиваше сокршените раце и нозе и горко плачеше над нив. Кога болките им намалија Јосиф си дојде на себе, виде како оваа благочестива жена плаче над нив и започна со тешкотија да ѝ зборува:
- Добротворството што ни го укажа, света жено, Му е многу пријатно на Бога, а и нам, кои страдаме за Него. Но, недолично е така горко да ридаш за нас и туѓо на нашата христијанска надеж и вера.
Жената одговори:
- Јас се радувам на тоа што Христос ви дал сила да ги претрпите страшните мачења и уште повеќе би се радувала ако го завршите до крај својот маченички подвиг. Да се плаче е својствено на човечката природа, поттикнато од милосрдието.
Свети Јосиф ѝ рече:
- Сепак не треба да плачеш за нас. Знаеш дека сите маки што се поднесуваат заради Христа носат вечно блаженство.
Пред зори светите маченици беа однесени во темницата. По шест месеци, кога раните малку им беа залечени и можеа да стојат на нозе и по малку да одат, само на Аитал рацете му висеа вкочанети. Адесх, кој мачениците ги доби од Ардасабор за да ги погуби, беше сменет од власта и на негово место дојде друг судија, на име Зеров, посвиреп од него. Кога пристигна во градот и започна да принесува жртви во храмот на нивниот бог, жреците го известија за светите маченици Јосиф и Аитал, говорејќи:
- Во темницата има двајца христијански учители, кои најпрвин беа мачени од Адасабор, па потоа доведени овде за самите христијани да ги убијат со камења. Но, бидејќи од раните не можеа да одат не ги изведовме на погубување, туку чекавме да оздрават.
Судијата веднаш нареди да ги доведат и долго се препираше со нив, при што со ласкање и закани ги наговараше да му се поклонат на огнот и да вкусат од жртвите. Кога не успеа, нареди најпрвин свети Јосиф гол да го обесат со главата надолу и да го тепаат со воловски жили. Безмилосно тепан, нему повторно му се отворија раните, кои беа малку зараснале и од нив течеше крв како од извор. Некои од присутните волхвови му пријдоа и тивко му рекоа:
- Човеку, ако ти е срам од народот пред сите да влезеш во храмот и да принесеш со нас жртва, тогаш тајно вети дека ќе го сториш тоа, па ќе бидеш ослободен.
Светителот громогласно викна:
- Отстапете од мене сите што вршите беззаконие, зашто Господ ја слушна мојата молитва (Пс. 6, 9).
Три часа беше тепан светиот презвитер. Потоа мачителот нареди да го одврзат и симнат, па да го однесат во темницата, бидејќи повторно не можеше да оди од раните.
На негово место го обесија свети Аитал и исто така безмилосно и толго го тепаа. Тој постојано повторуваше:
- Христијанин сум.
А кога го симнаа и него, обесија еден човек, следбеник на манихејското зловерие, кој исто така пред сите ја исповедаше својата злочестива вера и ги прекоруваше персијците за нивното незнабожие. Откако го обесија, започнаа да го тепаат. На почетокот трпеше, но потоа започна силно да вика, проколнувајќи го својот учител, одрекувајќи се од својата вера и ветувајќи дека ќе се поклони на персиските богови. Свети Аитал радосно се насмеа и му рече:
- Ти само што вкуси маки и веќе се одрече од својот Манес. Благословен е Христос, нашиот Бог, Кој нѐ крепи во сите најстрашни маки и ни дава моќ, та сме непобедливи и непоколебливи во нашата благочестива вера.
Судијата се разгневи на свети Аитал и нареди повторно да го тепаат со трње од рози. Го тепаа додека не помислија дека умрел, па го одвлекоа надвор и го фрлија како мртов. Кога го виде голото тело кај лежи, еден од волхвовите се сожали и го покри со платно. Некои од неговите другари го известија судијата за тоа, та тој волхв безмилосно го претепаа. Така немилосрдните му возвратија за укажаното милосрдие. Кога видоа дека свети Аитал сѐ уште дише, тие го фатија за нозете и го одвлекоа во темницата.
По некое време светите маченици повторно беа изнесени пред судијата, кој им рече:
- Луѓе, смилувајте се на себе, вкусете од жртвената крв, па ќе бидете ослободени од мачењата.
Но, тие едногласно одговорија:
- Да пијат крв им доликува само на месојадните кучиња, а не на луѓето. Но ти, бидејќи си човек по природа, а пес по карактер, лаеш на Бога Кој те создал, па сега самиот пиј крв како пес и насити се со неа.
Судијата се разгневи и нареди повторно да ги тепаат. Присутните од жал им говореа:
- Наместо крв вкусете барем од свареното жртвено месо, за да се ослободите од мачењата. Светителите одговорија:
- Ние никогаш со ништо нема да ја оскверниме нашата Света Вера. Потоа судијата со своите советници им изрече пресуда христијаните да ги убијат со камења.
Тогаш свети Јосиф рече:
- Сакам една тајна да му кажам на судијата. Тој веднаш му пријде, мислејќи дека сака да принесе жртва, но светителот му плукна во лицето и му рече:
- Нечовеку! Бесрамнику! Не ли ти е срам така свирепо да напаѓаш на човечката природа и врз одвај живите да го истураш својот бес?
Посрамен, судијата се врати на своето место. И веднаш беа испратени многу слуги по христијанските домови, кои насилно ги довлекуваа христијаните на судиштето, за со камења да го убијат свети Јосиф. Го одвлекоа на едно пространо место, ископаа дупка до појасот и го спуштија во неа, бидејќи поинаку не можеше да стои.
Потоа му ги врзаа рацете наопаку, ги наредија христијаните наоколу и слугите насилно им ставаа камења во рацете и ги присилуваа да ги фрлаат по светителот. Тие беа принудени да го прават тоа. Беше доведена и блажената Снандулија и ја присилуваа да фрли камен по него, но таа извика:
- Од памтивека не се слушнало некој да натерал жена да крене рака на свети мажи, како што правите вие, војувајќи не против непријателот туку против нас, и нашата татковина која е во мир, вие ја исполнувате со крв и убиство.
А пак незнабошците забија шило во долга трска и ѝ го даваа на Снандулија од далеку да го боде светителот. Таа рече:
- Подобро би било тоа шило да го забиете во моето срце, отколку да се допрете до светото и невино тело.
Околу светителот беа нафрлани многу камења, така што само главата му се гледаше. Но, еден незнабожец зеде еден голем камен, замавна и го удри светителот по главата и му ја здроби. Така прекрасниот страдалник го предаде својот дух во рацете Господови.
И беше поставена стража да го чува телото на маченикот како некое богатство, за да не биде украдено од страна на верните. По три дена, на изгрејсонце настана силен земјотрес и громови, и молњи, и оган падна од небото, ги испржи стражарите и ги расфрла камењата како прав. А кога престанаа земјотресот, грмотевиците и молњите, дојдоа луѓе на местото каде што светителот беше затрупан со камења, ги видоа камењата расфрлани, но телото не го најдоа, зашто Господ на некој Свој начин го пренесе во непознато место.
А пак светиот Аитал ѓаконот беше однесен во населбата наречена Патрас. Таму, исто така од христијаните присилени на тоа, беше убиен со камења. Неговото свето тело тајно го зедоа ноќе блиските монаси и чесно го погребаа. На местото каде што беше убиен, под дејство на силата Божја израсна дрво мирта, кое исцелуваше од секоја болест. Стоеше тоа дрво пет години и ги исцелуваше болестите на сите што доаѓаа. Но, незнабошците од завист од корен го отсекоа. Многу од достојните на тоа место гледаа блескање на небесна светлина и ангели кои пееја и Го славеа Бога, Кој ги прославува Своите светии, по чии што молитви да се удостоиме и ние да пееме со ангелите во слава на Бога за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЈКА НАЈЦА СНАНДУЛИЈА
Оваа благочестива персиска христијанка срдечно им помагала и ревносно им служела на затворените христијани по темниците. Како богата, таа своето богатство го употребувала за тоа. За неа се зборува при опишувањето на страдањата на светите маченици Јосиф и Аитал, под денешниот датум. Се упокоила околу 350 или 380 година.
СПОМЕН НА ПРЕНОСОТ НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ГЕОРГИЈ ПОБЕДОНОСЕЦ (ЃУРГИЦ)
На денешен ден се празнува преносот на моштите на свети Георгиј од Никомидија во градот Лида Палестинска, каде што пострада во времето на царот Диоклецијан. Страдањето на овој прекрасен светител е опишано под 23 април.
Пред својата смрт, свети Георгиј го замоли својот слуга да го земе неговото тело по смртта и да го пренесе во Палестина, од каде што родум беше и неговата мајка и каде што имаше голем имот, кој што го раздаде на сиромашните. Слугата така и стори. Во времето на царот Константин Велики беше изграден во Лида преубав храм на свети Георгиј, од страна на побожните христијани, па при осветувањето на тој храм во него беа пренесени моштите на светителот и тука погребани. Безбројни чудеса се случиле од чудотворните мошти на свети Георгиј, великомаченикот Христов. Поопширно за него видете под 23 април.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: АТИК, АГАПИЈ, ЕВДОКСИЈ, КАТЕРИЈ, ИСТУКАРИЈ, ПАКТОВИЈ и НИКТОПОЛИОН
Светите маченици Атик и Евдоксиј заедно со Катериј и Истукариј беа војници во градот Севастија, за време на царувањето на Декиј. Поради ширењето на верата во Христа, нив ги зеде на одговорност војводата Маркел и ги подложи на многубројни најразлични мачења. Потоа ги фрли во темница, каде со воловски жили ги тепаа по плеќите и по стомаците, па им ги сокршија забите. За време на мачењата војводата му ги упати на свети Катериј овие зборови:
- Ти си го научил народот да не ја слуша царската наредба!
Тој одговори:
- Јас не сум го научил народот против царот, туку да верува во бесмртниот Цар Христос.
Потоа беа доведени светите Истукариј, Пактовиј и Никтополион, кои Го исповедаа Христа Бога. Поради тоа најпрвин ги тепаа со колци, па потоа ги подложуваа на други најразлични мачења. Најпосле, заедно со другите беа осудени на запалување. Така се упокоија во Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ДАСИЈ, СЕВИР, АНДРОН, ТЕОДОТ и ТЕОДОТА
Овие свети маченици пострадаа за Христа посечени со меч.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ИЛИЈА ЕГИПЕТСКИ
Преподобниот отец Илија се подвизувал близу Антиноа, главниот град на Тиваида. Седумдесет години проживеа во сурови и непристапни пустински карпи. Се хранел само со леб и урми, а во младоста постел по цела седмица. Ги исцелувал сите маки и недостатоци по луѓето. Сиот треперел од старост. Се упокоил во сто и десетата година од животот и се преселил во радоста на својот Господ. Овој свет подвижник говореше: „Чувајте го вашиот ум од лоши помисли за ближните, знаејќи дека нив ги уфрлаат демоните, со цел да ни го оддалечат умот од согледувањето на своите гревови и од насочувањето кон Бога“.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АКЕПСИМ
Преподобниот Акепсим живееше во времето на царот Теодосиј Велики. Тој се затвори во мала ќелија и во неа помина шеесет години. За тоа време нити тој некого виде, нити пак некој него го виде. Непрестајно работејќи на своето спасение, постојано Му се молеше на Бога и од Него ја добиваше секоја утеха. Неговата ќелија беше ископана во земјата и беше многу неудобна за живеење.
Се хранеше со грашок расквасен со вода и тоа еднаш неделно. Потребната вода за пиење на два пати ја полнел на блискиот извор, но така што никој да не го види. После долгите упорни молби и настојувања, едноставно беше приморан да го прими свештеничкиот чин. Створи многубројни чудеса и педесет дена порано ја провиде својата смрт и во мир го предаде својот дух на Господа. Се подвизуваше близу градот Кир во Сирија.
СПОМЕН НА СВЕТИ АХЕМЕНИД ИСПОВЕДНИКОТ
Царскиот големец Ахеменид за време на персискиот цар Издигерд во четвртиот век се одрече од својата отечка вера и поверува во Христа. Кога царот Издигерд дозна за тоа, што ли не стори да го одврати од Христа, но бидејќи не му успеа го лишиод чинот, му го одзеде сето богатство, па дури и облеката што ја имаше, и му дозволи само да носи прегач на половините. Му нареди така гол да ги чува воените камили. А кога по долго време еден ден царот го здогледа од прозорецот како на страшната горештина се пече на сонцето и е сиот испрашен, се сети на неговата поранешна слава, го повика кај себе и му даде кошула да облече. Мислејќи дека после толкуте маки и страдања омекнал и ќе попушти, му рече:
- Сега е време да се одречеш од Синот на дрводелецот.
Но, ревносниот Ахеменид ја раскина кошулата врз себе и му ја фрли, говорејќи:
- Ти мислиш дека јас за оваа кошула ќе ја оставам својата вера. Еве ти ја, чувај си ја со своето безбожие! Царот веднаш го истера гол од својата палата.
Елажениот Ахеменид го помина својот живот свето и богоугодно, се претстави во мир и доби од Господа венец на исповедништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДЕВЕТ МАЧЕНИЦИ
Овие свети маченици беа убиени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАЕСЕТ И ОСУМ МАЧЕНИЦИ
Овие свети маченици се упокоија за Христа изгорени во оган.
ЖИВОТОТ И ЧУДАТА НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕОРГИЈ НЕАПОЛСКИ, новиот свештеномаченик
Свештеномаченикот Георгиј е по потекло од Неаполската епархија, која на турски се нарекува „Нев-Шехер“, а се наоѓа во Мала Азија. За него не се знае со сигурност дали се родил во селото Дар, кој се наоѓа северно од Неапол, или во другото наречено Киора, на неговата Јужна страна. Георгиј бил свештеник и служел во Неаполскиот храм „Успение на Пресвета Богородица“, во осумнаесеттиот век. Љубовта, пристојноста, незлобивоста, смирението, братољубието и богољубието биле главни украси на неговата блажена душа. Богослужел како ангел Божји, тешејќи ги и учејќи со збор и на дело православните христијани, кои стенкале под тешкиот агарјански јарем. Водејќи таков живот и угодувајќи Му на Бога, божествениот Георгиј на крајот се удостои на маченичкиот венец. Еве како се случило тоа. Во 1797 година жителите на селото Малакоп, оддалечено околу шест часа од Неапол, го повикаа Георгиј да им служи на еден голем празник, бидејќи нивниот парох бил болен или се криел од турскиот бес. Во тоа време всушност турците ги прогонувале христијаните како одмазда за востанието што избувнало на чело со Орлов. Георгиј се одзва на повикот на селаните, но бидејќи беше стар и немоќен, јавна на магаре и тргна, без да насети некакво зло. Кога наближи до Малокоп на местото Кобја-Дере, односно Речен наклон, ненадејно пред него се појавија турски чобани и на див и нечовечен начин го нападнаа светителот, го ограбија, го соблекоа гол и му ја отсекоа чесната глава. Неговото голо тело, избодено со ножеви, заедно со светата глава ги фрлија во една дупка во близина. Така овој верен слуга Божји, „полн со плодови на правдата“ (Изреки 3, 9), го запечати својот чист и доблесен живот со маченичкиот крај, полагајќи ја својата душа за ближните (сп. Јн. 10, 1).
Без да знаат што се случило, христијаните од селото го чекаа доаѓањето на Георгиј, но кога и по три часа не се појави, многу се вознемирија. Дознаа дека воопшто не се појавил, па тргнаа да го бараат. Кога го најдоа, од страв од турците набрзина го погребаа на истото место и на гробот ставија еден камен со едноставен натпис: „Свештеник Георгиј“ и заминаа, оплакувајќи го својот добар пастир.
Од тој тажен настан измина прилично долго време, додека една ноќ не се јави на сон овој свештеномаченик на една побожна вдовица, на која ѝ раскажа што му се случило и како пострадал на пат за Малакоп. Потоа и заповедал да им јави на општинските старци да одат во Кобја-Дере и да ги земат неговите мошти. Таа жена не обрна внимание на видението, па тоа ѝ се повтори по неколку дена. Тогаш, многу исплашена, веднаш отиде и извести еден старец. Граѓаните на Неапол со ерејот Неофит, кој служел во храмот Успение Богородично и бил син на сопарохот на свети Георгиј, ереј Василиј, тргнаа да ги пренесат моштите на светителот. Кога го раскопаа гробот ги најдоа цели и негнилежни, со божествен мирис и благодат, па им се поклонија, ги ставија во дрвен кивот и ги пренесоа во куќата на ерејот Неофит. Пред нив постојано горело незгасливо кандило, а многу народ доаѓал заради молитви и исцеленија и пеење молебен на светителот. Набрзо моштите биле пренесени во светиот храм на желба на градските старци. Но, потоа пак биле вратени во домот на свештеникот.
Од моштите на свештеномаченикот Христов се случуваа многу чудеса. Ќе наведеме само некои од нив.
Еден зограф од селото Прокопиј, кој немал деца, кога слушнал за чудата на свети Георгиј, пошол со својата жена кај светителот, каде топло се помолиле Бог да им даде дете. Притоа ветиле дека ако биде машко ќе му го дадат името Георгиј и по шест месеци од раѓањето ќе донесат масло и ќе му заблагодарат на светителот. По молитвите на свештеникот Бог ја услиша нивната молитва и им даде машко чедо. Но, од голема радост тие заборавија на своето ветување. По една година светителот му се јави на зографот, го потсети на неговото ветување и му се закани дека ќе му го земе детето назад ако не го изврши. Многу исплашен, тој утредента со жената и детето зеде масло и пешачејќи цел ден стигнаа и се поклонија на моштите на светителот. Врз основа на ликот, кој му се јавил во видението, зографот наслика и негова чудотворна икона, која подоцна многу се пресликувала.
Една друга жена од семејството Демерзи Пандели, го носела на секоја вечерна своето болно тригодишно дете, кое било фатено, барајќи му лек. Исто така и едно дваесетгодишно момче, кое имало неподносливи болки во очите, секојдневно доаѓало кај моштите на Свештеномаченикот. Кога оваа жена го видела момчето со врзани очи и како лелека во дворот на свештеникот Неофит, си помислила:
- Ако ова момче, кое толку долго се наоѓа покрај моштите на светителот не добило исцеление, зарем мојот син ќе се исцели?
Додека така си мислела се сопнала низ степениците, се стркала и онесвестила, а нејзиното синче паднало малку подалеку од неа, без никаква повреда. Презвитерата Евгенија и една друга жена од домот, на име Марија, одвај ја повратија на себе. Штом се освести, таа го бараше своето дете и низ солзи го исповедаше својот грев на маловерие. Потоа со радост и благодарност пристапи со детето кај моштите на Светиот и тоа по кратко време потполно се исцели. Подоцна тоа дете станало познат продавач на сирење во Неапол.
Една друга жена, на име Марија Тосуногла, раскажала за чудесниот настан што ѝ се случил:
Кога бев девојче од шест години, се случи да се разболам и моите ме испратија кај тетка ми, која живееше под куќата на Анестиј Хаџипродром. Таму ме примија со љубов и ме оставија да преноќам покрај кивотот на светителот. Изутрина кога се разбудив бев потполно здрава.
Но, дојде 1924 година, кога беше извршена и размена на населението помеѓу Турција и Егејска Македонија. Тогаш грците од Кападокија се подготвуваа да преминат во Егејска Македонија и секој го земал најдрагоценото што можел да го понесе со себе. Архимандритот Игнатиј, кој служел во храмот Успение, по смртта на јерејот Неофит, кај кого по неговата смрт повторно беа пренесени светите мошти, се погрижи пред сѐ да бидат спуштени до пристаништето моштите на свештеномаченикот и беа товарени на брод во Мерсина. Но, на полноќ екипажот на бродот забележа со чудење некаков свештеник како се допира до машината, им наредува на морнарите, па потоа исчезнува. Тоа се повторило и наредната ноќ. Капетанот помислил дека се работи за отец Игнатиј и остро два пати му приговорил да не се меша во работите на екипажот на бродот и да не ствара забуна. Игнатиј го уверувал дека тој нема поим за што се работи и дека цела ноќ не мрднал од своето место. По кратко време се кренала силна бура, која преку целиот ден се зголемувала. Дивите бранови удирале, сѐ на бродот се превртувало и никој не можел да објасни од каде таквата ненадејна неволја. Тогаш отец Игнатиј му објаснил на капетанот дека на бродот во магацинот се наоѓаат моштите на свети Георгиј. Тие веднаш се симнаа и го најдоа ковчегот во свртена положба. Веднаш ги поставија моштите на нивното место и бурата престана, па сите Му заблагодарија на Бога и Неговиот светител, додека отец Игнатиј пред моштите служеше молебен. Кога бродот стигна во Грција, светите мошти им беа отстапени на жителите на Неапол, кои ги поставија во храмот на свети Евстатиј, во Нов Неапол, над Нова Јонија (предградие на Атина), каде и денес се наоѓаат, чудотворат и со благодатен благомирис ги даруваат сите што имаат потреба од здравје и утеха.
Еве уште едно прекрасно чудо на Светителот. Во местото Кокиња живеела една седумнаесет годишна девојка на име Марија Кутлида, заедно со својата мајка. За време на Германците, поради глад мајката ја напушти Атина и замина со ќерката во Кардица кај сестрата монахиња, која живеела тука во манастир. Тука биле мирни сѐ додека не започнала братоубиствената војна помеѓу комунистите и националистите (која ја залеа земјата со невина братска крв не само во Грција), од која Бог нека нѐ сочува од сега па до века. Тогаш започнаа сатански убиства, бесења и меѓусебни колежи, кои со своите ужаси оставаат длабока трага во душите и срцата на луѓето, особено во душите на невините деца. Така и малата Марија беше преплашена, гледајќи како покрај неа убиваат една жена и од тогаш не можеше да најде мир. Мајката првин ја пренесе во клиниката во Волос на лекување, каде остана дваесет и пет дена, а потоа ја пренесоа во Атина. Меѓутоа ни тука лекарите не можеа никако да ѝ помогнат. На совет од Клеоника Ангелоглу, која била родум од малоазискиот Неапол, а живеела во Кокињо, несреќната мајка ја поведе со себе својата болна ќерка кај свештеномаченикот Георгиј. Тука преноќеваа покрај моштите на маченикот, а утредента на празникот свети Евстатиј, Марија заспа додека нејзината мајка со Клеоника и понатаму топло се молела. Тогаш Марија прошепоти во сонот:
- Свештеникот Георгиј, мајко, ме намачка со маст по вратот.
Кога го слушна тоа Ангелогла ѝ рече на мајката:
- Твојата ќерка потполно ќе оздрави.
За време на утрената Марија започна силно да се тресе и да трепери. За да ѝ помогне, мајката се обидуваше да ја придржи, но таа викна:
- Не допирај ме! Свештеникот Георгиј ми стави инјекција во раката!
Кога ѝ го тргнаа ракавот на раката навистина забележаа црвено место. Од тој момент Марија потполно оздраве (тоа се случило на 19 септември 1949 г). Од тогаш Марија секоја година од благодарност доаѓа во храмот на свети Евстатиј, целивајќи ги моштите на чудотворецот свештеномаченик Георгиј Нови. Светителот ја исцели и Анастасија Стефанидис, со место на живеење во Нов Неапол, на улица Света Лавра, број 40.
Така овој новомаченик Христов Го прослави и Го прославува својот Господ и за животот и по смртта, откако ја помеша својата невина крв со крвта на Јагнето, и дарувајќи преку неа спасение и надеж за светот, затруен со Каиновата омраза.
По неговите свети молитви, Троица Боже Трисвети, и нас исцели нѐ и просвети нѐ. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОДОР ИСПОВЕДНИК, епископот Анкирски
Се подвизувал за време на иконоборците. Ги изобличил тираните и смело го проповедал почитувањето на светите Икони.
Поради тоа беше прогонуван од место во место, минувајќи го животот во чедност и чистота. На крајот и својата крв ја пролеа за својот Господ. Служба му напишал Теофан Нацртан, кој најверојатно и лично го познавал.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША АНА
Преподобната Ана беше ќерка на кнезот Всеволод Јарославич и сестра на Владимир Мономах. Таа уште од младоста се подвизувала како монахиња во Андреевскиот манастир во Киев. Како настојателка на манастирот преподобната Ана многу се трудела околу неговото уредување. Изградила училиште, го снабдила со многу книги и самата ги учела девиците. Се упокоила во 1112 година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ИЛИЈА
Се упокоил во мир. Можеби овој е истата личност со Илија Египетски.