17. Ноември (4. Ноември)
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОАНИКИЈ ВЕЛИКИ
Роден е во селото Марикат во Витиниската област, од татко Маритрикиј и мајка Анастасија. Како момче, со наредба на родителите го пасеше домашниот добиток. Иако не беше даден да учи книга, сепак со разумот надминуваше многу школувани, зашто ги учеше заповедите Господови. Поучуван од Светиот Дух, тој беше многу доблесен, кроток, смирен, трпелив и послушен. А за молитвата имаше таква срдечност, што често го оставаше своето стадо, цел ден стоеше на осамено место и од срце се молеше на Бога. Пред да се оддалечи на молитва, тој своето стадо го прекрстувал со крсниот знак и тоа никаде не одело, ниту било крадено од ѕверови или крадци и приквечер го враќал дома.
Така Јоаникиј го минуваше својот живот додека не стана полнолетен. Во тоа време во Грција царуваше Лав, синот на Константин Копроним, иконоборецот. Овој цар започна по целото царство да собира во својата војска млади луѓе, кои се одликуваат со убавина и храброст. Кога собирачите дојдоа во Витиниската област и во селото го видоа Јоаникиј многу убав, млад, строен, здрав, толку погоден за војска, веднаш го поведоа со себе и го поставија во екскувиторите. Од тогаш тој стана војник и беше страшен за непријателите а мил на војниците, поради својата кротост и смиреност. Сепак најмил Му беше на Бога, зашто многу внимателно ги исполнуваше Неговите свети заповеди. Но, завидливиот ѓавол го заведе во иконоборната ерес, која во тоа време ствараше големи немири во Црквата Божја преку иконоборните цареви. Од храмовите Господови се исфрлаа светите Икони и се прогонуваа оние што им се поклонуваат. Јоаникиј беше толку прелестен со таа ерес, што не сакал ни да чуе за светите Икони. Но Бог, Кој сака сите да се спасат, го спаси и него на следниот начин.
По промисла Божја Јоаникиј со својот одред беше испратен на исток. При враќањето минуваше преку еден дел од планината Олимп, каде во тоа време се подвизуваше еден проѕорлив монах. Овој монах почувствува дека оттука минува Јоаникиј, при тоа дозна од Духот Божји сѐ за него, па излезе од својата пустинска ќелија, му пријде и му рече:
- Чедо, Јоаникиј. Ако се нарекуваш христијанин, зошто ја презираш иконата Христова? Залудни се сите твои доблесни подвизи ако немаш вистинска вера.
Јоаникиј се восхити што го нарече по име оној што не го познава и што ги изобличи неговите дела човек, кој никогаш не го видел. Му беше јасно дека овој човек е полн со Духот Божји и со својата проѕорливост дознал сѐ за него. Затоа падна на земјата, му се поклони и го молеше за прошка. При тоа говореше дека согрешил од незнаење и ветуваше дека ќе се поправи и ќе ги почитува иконите Христови и иконите на сите Светители.
Од тогаш започна усрдно да ги почитува иконите и длабоко се каеше што од незнаење ги презирал. Тагуваше поради тоа и започна да се казнува со пост и најразлично умртвување на телото. Иако живееше во царското предворје, тој лежеше на гола земја, срдечно се молеше, бдееше по цела ноќ и никогаш не јадеше до заситување. А кога се случуваше да биде на заедничката трпеза со дружината, јадел само колку да го сокрие пред нив своето испосништво. По шест години во такви подвизи, се нафрлија Бугарите на Грците со огромна воена сила и започнаа да ја пустошат Тракија. Грчкиот цар им се спротивстави со својата војска, во која што беше и блажениот Јоаникиј. Во битката Јоаникиј се истакна со голема храброст, поразувајќи ги иноплемениците како нов Давид. Пред очите на самиот цар тој го одбрани својот одред од непријателскиот меч, а избави и еден знаменит велможа, кој, борејќи се со бугарите беше совладан и заробен. Јоаникиј јурна меѓу бугарите и некои со меч посече а други растера, и така го ослободи велможата. Кога ја виде неговата храброст, царот се распраша за него и сѐ беше запишано во неговиот потсетник, за после битката да го одликува со висок чин и други одликувања. При тоа, Јоаникиј виде еден страшен бугарин, сличен на Голијат, како им го попречи тесниот пат на грците и убива многумина, јурна кон него и му ја отсече главата. Толку голем јунак беше во борбата против видливите непријатели. Тоа ја претскажувало неговата идна борба со невидливиот непријател и неговата победа над него.
Кога се враќаше со својата војска од војната, минувајќи покрај планината Олимп, Јоаникиј се сети на монахот, кој од пустината излезе пред него и го изобличи за иконоборната ерес, па одлучи да остави сѐ, да се насели во таа планина и како монах да живее во молитвена осаменост и тихување, насамо со Бога. Кога стигна во царската престолнина, каде што за своето јунаштво требаше да добие од царот висок чин и подароци, тој сето тоа за миг го презре, ги остави своите другари и по дваесет и пет годишно служење во војската се упати кај монасите да отпочне нова војна, војна против духовите на злото. Најпрвин дојде во манастирот Авгарски, каде што добро беше примен од тамошните монаси. На игуменот Григориј му ја откри својата намера дека сака да живее осаменички живот во пустината. Игуменот му одобри, но потоа му рече дека не го советува веднаш да се оддаде на пустиничкиот живот, додека претходно не навикне на монашките правила и обичаи. Затоа, му рече тој, остани најпрвин со доблесните и искусни монаси, дознај од нив во кое време и на кој начин ги извршуваат молитвите, научи се на смиреноумие, послушност и кротост, па потоа појди. Но внимавај, чедо, да не се оддадеш на таков живот без претходна подготовка, зашто ќе бидеш совладан и победен од непријателот наместо тој од тебе.
Јоаникиј го послуша овој корисен совет и им се приклучи на овие боговдахновени мажи, за од нив да се научи на добродетелниот доблесен живот. Најпрвин се учеше на монашките правила и во други два манастири, зашто потоа замина од Авгарскиот манастир во манастирот Утотелас. Но, кога виде дека тој манастир често го посетуваат мирјани и со тоа се нарушува монашкото безмолвие, замина оттаму и отиде во Антидиевата обител, во која остана две години. Таму научи триесет Давидови псалми и се здоби со многу духовна корист од тамошните монаси.
По две години повторно посака да појде во пустинско молитвено самување и намисли да се искачи на тамошната планина, таму да се насели и да отпочне со пустинскиот живот. Но, претходно помина седум дена во пост и усрдна молитва, за Бог да му биде раководител на тој пат. Во седмиот ден овој нов Мојсеј слушна од небото глас, кој му наредуваше да појде на таа гора. Кога се искачи и започна да бара место за да се насели, виде двајца монаси кои имаа облека од влакна и се хранеа со пустинска трева. Им пријде и им се поклони. Тие станаа, се помолија и започнаа да разговараат со него. Јоаникиј им раскажа сѐ за себе и им ја откри својата намера. И многу духовна корист доби од нивниот свет разговор, при што тие пророчки му претскажаа дека по педесет години подвизување и при крајот од неговиот живот завидливи луѓе ќе му приредат искушение, но горките последици ќе паднат врз нивна глава, а нему нема да му се случи ништо лошо. Подоцна ќе се види дека навистина било така. По ова пророштво блажените пустиници му дадоа облека од влакна, која на нивниот јазик се нарекуваше левитонар. Таа облека му беше како непробоен штит против сите ѓаволски стрели, како што самиот зборуваше подоцна.
По душекорисниот разговор пустиниците се разделија и тргнаа во далечната пустина, а Јоаникиј отиде на планината Трихаликс. Таму живееше без ќелија, имајќи го небото за покривка. Кога за него дозна гореспоменатиот Григориј, игуменот на Авгарскиот манастир, му направи мала колиба во која што блажениот можеше да се засолни од невреме, дожд и снег. Јоаникиј се затвори во таа колиба, но потоа започнаа кај него да доаѓаат други браќа за духовен разговор. Тоа му пречеше во молитвеното тихување и самување и ја напушти таа гора. Тргна да бара друго место, па минувајќи покрај населбите во Хелеспонт! виде друга висока планина со непроодни шуми и провалии и се насели таму. Си ископа тесна пештера и започна да живее во неа, без да излегува. Храна добиваше од еден чобанин, кој таму ги пасеше козите. Тој еднаш месечно му носеше по малку леб и вода, а за возврат добиваше од него голем подарок, благослов и молитви. Преподобниот се подвизуваше таму три години, деноноќно молејќи се и славејќи Го Бога. При пеењето на Давидовите псалми на секој стих ги додаваше овие зборови: „Надеж моја е Отецот, прибежиште мое е Христос, засолниште мое е Духот Свети“. Овие зборови му ствараа голема сладост во срцето. Според неговиот пример многумина имаа обичај често да ги изговараат.
По своето тригодишно живеење во таа пештера, светителот еднаш излезе до една црква во близина. Притоа случајно дојдоа таму и некои војници, кои некогаш заедно со него војувале. Едниот од нив го препозна, го прегрна и плачеше од радост, и сеќавајќи се на неговиот поранешен живот, на храброста во битките, на славата и почитувањето што ги уживал од царот, многу се чудеше зошто го оставил сето тоа и одбрал да живее во сиромаштво. И кога им се обрати на другите војници за да им објасни кој е Јоаникиј, тој побегна од нив. За да се сокрие од сите, отиде во гората Контуриска, каде што имаше многу ѕверови и змии. И се насели таму и живееше со нив, бегајќи од човечката слава и говореше со Давид: „Ете, далеку побегнав и се населив во пустина. Го чекав Бога, Кој спасува од малодушноста и од бурите“ (Пс. 54, 8. 9).
По долго време преподобниот Јоаникиј реши да оди во Ефес, кај црквата на свети Јован Богослов за поклонение и молитви. На пат за Ефес, минувајќи покрај еден молитвен дом, на зајдисонце сретна маж и жена, сопружници, кои одеа во тој дом за да извршат помен на своите покојни родители. Тие се исплашија од него, зашто беше страшен на изглед: висок на раст, облечен во власеница, бос и сиот обраснат во влакна. Кога ги виде како се тресат од страв, светителот кротко им рече:
- Не плашете се, деца, туку кажете ми каде води овој пат.
Тие му рекоа дека води кон реката, која во тоа време страотно се беше излеала и дека е невозможно да се премине без чамец. Преподобниот отиде кај реката, се одмори малку, на полноќ стана и премина на другиот брег, одејќи по водата како по суво, без да ги намокри нозете. Кога стигна во Ефес и дојде во храмот на свети Јован Богослов, пред него црковните врати сами се отворија. Тој влезе внатре, долго се молеше, се поклонуваше и ја целиваше светата икона на возљубениот ученик Христов. А кога излезе од црквата вратите веднаш сами се затворија, и тој повторно тргна на пат, враќајќи се во своето живеалиште на Контуриските Гори. Но, му се случи тогаш да поминува покрај еден женски манастир, каде што имаше една мајка, која кај себе имаше млада ќерка обземена од телесна страст и беше тргнала да го напушти монашкиот чин, да појде во светот и да се омажи. Мајката со солзи ја молеше и ѝ советуваше да го трпи телесното искушение од љубов кон Христа, да не го остава монаштвото и да не се предава на ѓаволот. Но, не можеше да ја посоветува. Кога дозна за ова блажениот Јоаникиј се сожали на оваа девица, ја повика и ѝ рече:
- Чедо, стави ја раката на моето рамо.
Кога го стори тоа, светителот со солзи се помоли на Бога девицата да се избави од страста и ѓаволското искушение, и сите нејзини тешкотии и искушенија да преминат врз него.
Така и се случи. Девицата се ослободи од сите нечисти мисли и телесни похоти и остана во својот манастир, каде што живееше бестрасно и Му угодуваше на Бога. Јоаникиј си тргна по својот пат кон Контурија. По пат почувствува во себе оган на телесна похота и го нападнаа лоши помисли како страшна бура. Се виткаа во него бранови од нечисти страсти и крвта му зовре како во оган и сета напаст што беше во онаа девица го снајде него. Тој машки трпеше, умртвувајќи го своето тело со големи подвизи. Кога наиде во планинската расцепнина на огромен змијарник, одлучи да се предаде на змиите да го изедат, зашто повеќе сакаше да умре отколку да попушти пред нечистите мисли и да го оскверни своето чисто тело. И се стрча кон змијарникот, но змиите не сакаа да се допрат до него. Тој фати една змија за да го касне, но таа неочекувано се најде мртва. Од тој момент во него исчезнаа нечистите мисли, згасна страста, престана похотата и се врати мирот во неговото тело. Заедно со тоа му беше дадено од Бога власт над видливите и невидливите змии, да згазнува на нив и да ги смачкува нивните глави. Кога еднаш стоеше и псалми Давидови пееше, одненадеж многу камења во негова близина започнаа да се поместуваат. Кога погледна на таа страна, светителот виде како од камењарникот излегува страшна змија со огнени очи. Тој само ја допре со својот стап и таа веднаш умре. Во друга пригода, во зимно време светителот влезе во една длабока пештера и во неа наиде на змија, чии што очи гореа како оган. Без да насети дека пред него има змија и мислејќи дека тоа е само оган, светителот набра дрва и започна да ги става врз змијата, за да се згрее на таквиот мраз. Змијата ги истресе од себе дрвата и светителот тогаш ја забележа, но не се исплаши туку се смести од десната страна на пештерата и живееше заедно со неа, сѐ додека не помина зимата.
По дванаесет години од живеењето на Јоаникиј во пустината, му дојде глас од небото, кој му нареди да појде во манастирот наречен Ериста и таму да се замонаши. Иако голем во доблестите, сѐ уште не беше облечен во монашка риза. Тој веднаш тргна во посочениот манастир, стигна таму за време на жетвата и му раскажа за себе на игуменот на тој манастир Стефан. Утредента игуменот ги изврши вообичаените молитви, го облече во монашкиот лик, оној кој пред тоа беше совршен монах, надминувајќи многумина со своите подвизи. Како монах започна уште повеќе да се подвизува, додавајќи труд врз труд, се насели во местото викано Критам, се окова во железни синџири долги шест лакти, се затвори и помина во затвор и окови три години како доброволен затвореник и маченик Христов.
По три години посака да појде во Хелидон да го види големиот меѓу испосниците Георгиј. Ги симна оковите од себе и тргна на пат. Кога дојде до реката Горам наиде на змија, која ја разматуваше водата и ѝ го попречуваше текот, и со молитвата и крсниот знак ја усмрти таа змија. Кога стигна кај големиот Георгиј со него помина три години, кај него го изучи целиот Псалтир, па повторно отиде во Антидиевската обител со ученикот Пахомиј.
По некое време преподобниот отиде во Авгарската обител. За време на својот престој во оваа обител еднаш со други монаси појде да види еден нов манастир, кој се градел на блиската планина. По пат од пустината се појави необично голем јарец и неговите сопатници монаси започнаа да размислуваат како да го фатат, зашто од неговата кожа можел да се направи добар мев. Кога ги виде нивните помисли, преподобниот му нареди на еден монах, на име Сава, да појде и да го доведе кај него тој јарец. Сава го праша:
- А ако започне да бега како ќе го стигнам?
Светителот му рече:
- Ти, брате, само појди и изврши го нареденото, а јарецот сам ќе ти пријде и ќе тргне по тебе.
Потоа, обраќајќи им се на другите монаси, праша:
- Дали кожата на јарецот е погодна за правење на мев од неа?
Тие одговорија:
- Многу е погодна. Ние токму на тоа помисливме.
Кога јарецот беше доведен, преподобниот започна да го милува. Така ги поучи браќата да бидат милостиви спрема животните и да ги отфрлаат своите желби. Потоа го отпушти јарецот во пустината.
Преподобниот имаше и дар на проѕорливост. Тој ја претскажа блиската смрт на царот Никифор, и навистина царот, ранет во војната со бугарите, умре. Исто така ја прорече и брзата смрт на Ставрикиј, синот на царот Никифор, кој стапи на престолот после татка си. А кога преподобниот живееше на гората Прусентиска, која што е напоредно со високата планина Олимп, таму имаше еден монах на име Гуриј, многу лицемерен, желен за човечка слава, кого што сите го славеа како голем подвижник. Овој монах, кога виде дека е далеку од вистинскиот доблесен подвижник свети Јоаникиј, го обзеде завист и сакаше да го уништи. Тој подготви отров, дојде кај него како Јуда со умилни зборови и му стави отров во пијалокот. А преподобниот како безгрижен, мислејќи дека Гуриј кон него негува искрена пријателска љубов, без да насети нешто го испи смртоносниот отров, при што веднаш почувствува силни болки и се најде во смртна опасност. Но, Бог не дозволи Неговиот угодник предвремено да заврши со таква смрт, туку му го испрати на помош Неговиот угодник, светиот маченик Евстатиј, кој му се јави во видение и го исцели. Од благодарност преподобниот изгради таму црква во име на светиот великомаченик Евстатиј и уреди при неа манастир.
Една ноќ, додека стоеше на молитва имаше вакво видение. Од источната страна на планината се отворил извор со изобилна вода, а околу изворот стоеле многу овци, кои пиеле од таа вода. Светителот се чудеше на видението зашто знаеше дека во таа пустина никогаш немало ниту извор, ниту овци, А кога самна отиде на тоа место, Но не најде ни овци ни извор. Местото беше прекрасно и многу погодно за живеење. Преподобниот дозна од старецот дека на тоа место некогаш имало црква на Пресвета Богородица. Тој своето видение вака го протолкува: изворот кој точи изобилна вода е благодатта на Пресвета Богородица, која што ќе се излева на тоа место, а овците се луѓето што добиваат благодат од Пресвета Богородица. И преподобниот многу се потруди повторно да изгради црква на тоа место и за кратко време го стори тоа. Изгради прекрасна црква, изгради манастир и собра многу браќа со помош Божја и соработката на Преблагословената Дева Марија Богородица.
При градбата на црквата лично работеше, носеше камења и им помагаше на ѕидарите. Еднаш, кога ја испружи раката да земе камен, излезе змија од под каменот, го касна за раката и висеше на неа. Но тој, како нов Павле, ја истресе змијата од себе и не му се случи ништо (сп. Д.А. 28, 5).
Додека ги извршуваше своите срдечни молитви, преподобниот јоаникиј се издигнуваше високо не само со духот, туку и со телото над земјата. Еднаш блажениот Евстратиј, ученик и подржувач на светиот живот на преподобниот Јоаникиј, тајно се вовлече во црквата и се сокри во еден ќош, кога преподобниот беше влегол сам во црквата на молитва. Тој внимателно го набљудуваше светителот како се моли, при што го виде како ги крена своите раце и високо се издигна над земјата, стоеше во воздухот и се молеше. Евстратиј се запрепасти од глетката. Кога заврши со молитвата преподобниот повторно се спушти на земјата, го забележа Евстратиј и налутено му рече:
- Напишано е: „Во Тебе нема место оној што е лукав“ (Пс. 5, 5), а ти си се осмелил кришум, лукаво да ја набљудуваш мојата молитва.
При тоа му се закани никому да не зборува за тоа.
Овој прекрасен маж правеше многу чудеса. Со збор ѓаволи истеруваше од луѓето, со крсниот знак и молитвата ја исцелуваше секоја болест и спаси многумина каснати од змии. Поради тоа кај него се собираше многу народ. Едни молеа за исцелување, други за избавување од нечисти духови, трети само за благослов и молитви.
Но, со тоа го нарушуваа неговото молитвено самување и тихување. Вознемирен поради тоа, тој повторно отиде на Трихаликовата гора и живееше во неа без никакво засолниште.
Монахот на Авгарскиот манастир Евстратиј од искрена љубов сакаше да го види, па ревносно го бараше и го пронајде на гората Трихаликова. По вообичаените молитви Евстратиј го праша блажениот за Лав Ерменин, дали тој долго време ќе ја вознемирува Црквата со иконоборната ерес.
Светителот веднаш изјави дека Лав наскоро ќе загине. Така и се случи. Михаил, наречен Валвос или Травлиј, го уби Лав Ерменин и го зазеде престолот по него.
Божествениот Јоаникиј навикна да оди со стап поради староста. Кога еднаш одеше по една тесна патека низ планинската падина, стапот му се испушти од раката во провалијата и не можеше да го најде. Тажен за него, светителот ги преклони колената и Му ги произнесе на Господа вообичаените молитви, при што стапот, носен со невидлива рака во воздухот, му се спушти во рацете.
Во една пригода, додека одеше низ пустината, светителот најде една празна пештера, во која што живееја зли духови. Таа пештера му се допадна и тој се насели во неа. Но лошите духови не можеа да го поднесат неговото присуство и му вршеа разни пакости, за да го избркаат од таму. Тие викаа по него, го исмеваа, го плашеа, скокаа околу него, го напаѓаа, и се чинело како да се тресе целата пештера. А светителот стоеше како во битка, облечен во оклопот и штитот на верата, без страв, додека злите духови викаа како одамна, кога не можеа да го поднесат присуството Христово:
- Зошто си дошол ваму предвреме да не мачиш?
Бидејќи не можеа да го победат непобедливиот, тие бегаа од него.
Во тоа време ќерката на еден познат болјарин, која се држела до правата вера, лежела раслабена и тешко се мачела. Кога ја носеа кај светителот тој излезе, ја пресретна, ја сожали заради нејзината побожност, бидејќи ги почитувала светите икони среде толку иконоборци и ја исцели од болеста со молитвата и светиот крст. Се случи таму да биде присутен зетот на светителот, оженет со неговата сестра, кој беше иконоборец, и долго го поучуваше за да го изведе на правиот пат и да започне достојно да ги почитува светите Икони. Но, не успеа. Зетот беше упорен како фараонот, па блажениот, иако му беше роднина, се помоли на Бога да го ослепи што и навистина се случи, добивајќи така заслужна казна за своето неверие.
Овој голем отец имаше обичај да се симнува од гората и да го пречекува секој за кого што ќе слушнел дека му доаѓа на посета. Го правеше тоа за посетителите да не се мачат, бидејќи искачувањето било тешко и неудобно. Така еднаш кај него доаѓаа Халкидонскиот и Никејскиот епископ, и со нив Петар и Теодор Студит, со Јосиф и Климент. Блажениот се симна од гората, ги пресретна и со љубов ги поздрави. По вообичаените молитви, додека разговараа за душекорисни работи, блажениот му рече на Јосиф:
- Не вознемирувај се, брате Јосифе, но ти треба да се подготвиш за заминување.
Овие негови зборови не беа разбрани тогаш. Но, по осумнаесет дена Јосиф премина од овој живот. Тогаш се сетија на неговите зборови и сфатија дека проѕорливиот ја провиде Јосифовата смрт, и токму за неа му прорече, за да се подготви за заминување.
Во петтата година од Михаиловото царување, а крајот на четириесетата од смртта на царот Никифор, и откако бугарите победувајќи ги грците заробија многу големи и славни болјари и војници, и ги држеа во окови и темници, преподобниот се сети на нив и срцето му се кинеше од сожалување, зашто слушна дека се наоѓаат во крајна неволја и потреба, седат во смрдлива и мрачна темница и со задоволство би умреле отколку да живеат во такви страдања. Тогаш го остави своето молитвено самување и се упати во бугарската земја, за да ги ослободи. Кога стигна во градот на невидлив начин пријде кон темницата, така што стражарите не можеа да го видат. Ја прекрсти вратата и таа сама се отвори, па влезе, со крсниот знак сите ги разреши од оковите и им нареди да тргнат по него. Сите затвореници излегоа од темницата, а присутните стражари не можеа да видат што се случува. Откако ги ослободи, како Христос душите на праведниците од адот, тој цела ноќ како нов Мојсеј ги водеше при блескање на чудесна светлина и ги доведе до границата на грчкото царство. По пат ги учеше да не бидат како нивните татковци, одметнички и богопротивен род, туку да се надеваат во Бога и да не ги забораваат Неговите доброчинства и чудеса. На простување со нив сите паднаа пред него и го молеа да им го каже своето име. Преподобниот не го сокри своето име и притоа им нареди благодарност да Му принесат единствено на Бога, па повторно се врати во своето тивко молитвено самување.
Еднаш блажениот се качи на кораб и отплови кај обителта на свети Теофан во Сигријан, за таму да се помоли на Бога. На враќање оттаму сврати на островот Тас. Кога жителите на тој остров, и монаси и мирјани, слушнаа за неговото доаѓање, дојдоа сите кај него и го молеа да се смилува и да ја избрка од нивниот остров ламјата, која во тоа време се беше размножила и многу зла им вршела на луѓето и добитокот. Со својата молитва светителот како со стрели ја натера ламјата со сиот нејзин пород веднаш да се фрли во морските длабочини и повеќе никогаш не се појави.
Оттаму отиде на друго осамено место. Во тоа време со него беше и Даниил, игумен на манастирот кој се наоѓал на островот Тас. На Данииловиот брат, монах Ефтимиј, светителот му ја претскажа блиската смрт, велејќи:
- Подготви се, брате Ефтимиј, зашто наскоро ќе заминеш во горниот свет.
Потоа влезе во една мала пештера со намера да се одмори и таму најде ѓаволи, посвирепи од оние што порано го напаѓаа. Без оглед на тоа Јоаникиј со Даниил се насели во таа пештера. Не можејќи да го поднесе нивното присуство, ѓаволот им се јавуваше како црн и страшен, беснееше и ги напаѓаше за да ги избрка. Но, тие со надеж во Господа спокојно живееја таму. Најпосле древниот човекоубиец им се нафрли, му ги врза нозете на Даниил, а Јоаникиј го порази во ребрата со таква болест, што тој седум дена остана без глас. Но самиот нечестив побегна од пештерата, зашто не беше во состојба да живее на исто место со угодниците Божји. Потоа преподобниот се врати во Трихаликовата гора и ја претскажа блиската смрт на еден монах, на име Исакиј, кој не работеше на своето спасение. Освен тоа преподобниот со молитвата и светиот крст ги избрка од градината црвите, кои нанесуваа огромна штета.
Еднаш заради молитви кај него дојде една старица, игуменија на Клувијската обител со својата ќерка. Но, тој го зеде жезолот од рацете на мајката и го стави во рацете на нејзината ќерка, Мајката се збуни и рече:
- Оче, жезолот ми е потребен за поткрепа на моето слабо тело од староста.
Преподобниот ни збор не прозбори, но со својата постапка ја претскажа иднината, зашто по кратко време таа старица умре, а нејзината ќерка го зазеде нејзиното место.
Потоа блажениот Јоаникиј замина оттаму со својот ученик Евстратиј на друга, многу дива и непроодна планина Вранова. Откако поживеа тука некое време, отиде во гората на Антидиската обител. Таму си направи мала ќелија и живееше во Бога. Створи многу чуда и исцелуваше болни, го разврза јазикот на еден нем, еден бесен и гневен го направи кроток, обрати еретици од заблудата кон Православието, им ја претскажа смртта на многумина, зашто беше полн со благодатта на Светиот Дух, Кој живееше во него.
Овој преподобен достигна таква висина на духовниот живот, така што него не можеше да го види секој, та и многумина што доаѓаа кај него во ќелијата сепак не го гледаа. По нивното заминување смирениот старец му велел на својот ученик:
- Брате Евстратиј, по твоите молитви јас останав невидлив за дојдените.
Еднаш, кога на таа планина се градеше храм на свети Јован Крстител, за кој што проектот го беше дал преподобниот Јоаникиј, дојдоа од далеку некои браќа за да го видат неговото свето лице. Тие седнаа до храмот и го чекаа да дојде. Во меѓувреме тој пристигна и стоеше пред нивните очи, и ја набљудуваше градбата, но тие не можеа да го видат. Остана доста време меѓу нив и се врати во својата ќелија, без да им се покаже на дојдените, кои со нетрпение го очекуваа. А еден од монасите, кој живееше во негова близина, на име Јован, дозна за тоа и му рече:
- Оче, не требало браќата, кои толкав пат поминале заради тебе, да ги вратиш тажни, без да го видат твоето лице. Тоа е жална работа и ми го смутува срцето.
Светителот ги пофали трудот и усрдието на тие браќа и започна да се моли за нив. По молитвата му се обрати на Јован и му рече:
- Брате, ние немаме своја волја, туку тоа што Бог го сака, тоа го врши со нас. Ако Бог сакаше дојдените браќа да ме видат, тие би ме виделе дури и да се сокриев од нив. Но, јас долго време без да се кријам стоев пред нивните очи, а тие не ме видоа, бидејќи Бог така сакал.
Во една пригода, кога некои браќа дојдоа кај преподобниот и седеа кај неговата ќелија, неочекувано се појави огромна и страшна мечка, доаѓајќи од блиската шумичка. Кога ја видоа тие многу се исплашија, а светителот им рече:
- Нашиот Господ им дал власт на своите слуги да газат на лавови и змии, кои се пострашни од сите ѕверови, а вие од мечката ли се плашите?
И нареди да ѝ фрлат парче леб. Таа го зеде и си замина во пустината.
Отец Јоаникиј беше толку духовен и имаше толку светли духовни очи што можел да ги види и небесните духови и душите на праведниците. Така еднаш, додека стоел на молитва, тој ја видел душата на некој архимандрит Петар, која ангелите со слава ја носеле на небото, опкружена со блескање на неискажлива светлина. Тоа им го раскажа на своите ученици заради поука.
Во тоа време царуваше Теофил иконоборецот. Овој цар испрати двајца угледни луѓе кај преподобниот Јоаникиј да го прашаат дали треба молитвено да се почитува иконата Христова. Кога пратениците дојдоа, светителот со својата боговдахновена уста започна да им ја зборува мудроста, која што му беше давана одозгора. Тие се засрамија бидејќи не беа во состојба да му се спротивстават, ниту збор да прозборат, зашто преку него зборуваше Самиот Бог, Кој во Евангелието им говори на Своите ученици: „Не грижете се однапред што ќе зборувате, зашто Јас ќе ви дадам уста и премудрост“ (Мк. 13, 11 Лк. 21, 15), јасно покажувајќи дека на светите Икони треба да им се дава достојното молитвено почитување. Светителот ги обрати во правата вера, та тие се одрекоа од иконоборната ерес и се поклонија на иконата Христова.
Еднаш игуменот на Авгарскиот манастир Евстратиј го праша:
- Оче, до кога светите Икони ќе бидат бесчестени? До кога нема да бидат вратени во Црквата? До кога гонителите ќе јакнат и дивите ѕверови стадото Христово ќе го разграбуваат?
Преподобниот отец одговори:
- Почекај малку, брате, па ќе ја видиш Божјата сила, зашто управата на Црквата ќе ја прими некој по име Методиј. Тој со Божествениот Дух Црквата ќе ја доведе во ред, ересите ќе ги искорени, православните догмати на Црквата ќе ги зацврсти, спокојство и едномислие ќе воспостави, а противниците Десницата на Севишниот ќе ги смири.
Ова пророштво на преподобниот набрзо се исполни. По кратко време умре царот Теофил Иконоборецот, а на престолот стапи неговиот син Михаил со својата мајка Теодора, а за патријарх беше поставен Методиј. Патријархот Методиј воспостави молитвено почитување на светите Икони, го утврди Православието, ги смири сите црковни спорови и недоразбирања, го отстрани немирот. А кога по некое време ѓаволот повторно крена лоши луѓе да сеат раздор во Христовата Црква, преподобниот Јоаникиј му дојде на помош на блажениот Методиј, кој со духовниот меч на зборот Божји војуваше против еретиците. Тогаш тој и лично и преку свои посланија го бранеше Православието и отпаднатите од Црквата повторно ги враќаше назад. А пак архиерејот Методиј, кој многу пати малаксуваше во борбата со еретиците, преподобниот го крепеше и зацврстуваше со своите посланија. Еднаш, додека на собирот се читаше посланието на Јоаникиј и еретиците започнаа да го навредуваат, да хулат и да го исмеваат блажениот, преподобниот го дозна тоа со Духот Божји и ненадејно се појави на соборот и започна така да зборува за Бога и Божествените работи, што сите се восхитуваа на неговата премудрост и разум. И зборовите на неговата боговдахновена уста не беа залудни. Слушателите беа трогнати од неговиот говор и со љубов се обраќаа во Правата Вера. Така тој се грижеше за мирот во Црквата и спасението на душите, и набрзо со неговото залагање и молитвите ереста беше уништена и мирот вратен во Црквата. Ѓаволот побегна посрамен, зашто се плашеше од Јоаникиј и од неговите молитви исчезнуваше како восок од оган.
Еднаш во обителта на преподобниот се извршуваше осветувањето на молитвениот храм, кој лично го беше изградил. Кога браќата се собраа, а светиот сѐ уште не беше со нив, ненадејно се појави цел полк од демони, кои слегуваа од ридот божем како вистински луѓе. Сите многу се исплашија и не знаеја што да прават. Но светителот, иако не беше со нив, провиде со духот што се случува и веднаш започна да се моли на Господа и молитвите како стрели го поразија демонскиот полк, кој побегна. Браќата ги видоа демоните како бегаат како гонети со ќотек и радосно го отпразнуваа својот празник.
Во тоа време исмаилќаните војуваа со грците, ги победија и многумина одведоа во ропство и ги држеа во окови. Еден виден грк, чиј млад роднина беше одведен во ропство, го замоли преподобниот Јоаникиј да го спаси. Тој со своето жалостиво срце веднаш тргна, дојде до темницата и го извади на слобода не само тоа момче, туку и останатите со него. Стражарите воопшто не го забележаа тоа, зашто вратите пред преподобниот сами се отвораа и оковите сами паѓаа. По пат ги нападнаа многу диви кучиња, но светителот ги порази со слепило и поминаа меѓу нив без повреди.
На планината каде што преподобниот постеше, недалеку живееше еден монах, на име Епифаниј, познат по подвизите. Него ѓаволот го поттикна на завист кон блажениот Јоаникиј и започна да ровари против него, завидувајќи му на големата слава, со која меѓу луѓето Го прославуваше Бог, Кој рекол: „Ќе ги прославам оние кои Мене Ме прославуваат“ (1 Цар. 2, 30). Епифаниј од завист реши да го погуби невиниот и чист по срце Јоаникиј. Затоа ја запали шумата на таа планина, која беше полна со суви гранки, за во пожарот да загине заедно со својата ќелија. Меѓутоа Бог, кој ги спаси од огнот момчињата во Вавилон, го сочува неповреден и Својот угодник Јоаникиј. Кога ја виде злобата на својот непријател, светителот ниту се налути, нити се навреди, туку сакајќи со добро да го победи злото и со незлобивост да го уништи непријателството, дојде смирено кај Епифаниј, го праша за причината за неговиот гнев и го молеше за прошка. А Епифаниј, со стапот кој на крајот имаше остро железно шило, од јарост го удри светителот во стомакот, сакајќи да го прободе. Но Господ, Кој не им дозволува на грешниците да ги совладаат праведниците, го сочува неповреден од ударот. Тоа всушност беше она искушение на блажениот, што му го претскажаа двајцата пустиници кои му дадоа левитонар, и притоа му рекоа дека при крајот на животот ќе го снајде искушение од завидливи луѓе, но, последиците од тоа искушение ќе паднат врз главите на непријателот, а нему нема да му се случи ништо лошо.
Кога достигна длабока старост и беше веќе изнемоштен со телото од многуте напори и подвизи, преподобниот Јоаникиј дојде во Антидиевата обител, си направи таму мала ќелија и се затвори во неа. И кога ќе излезеше од ќелијата, тој, одејќи по средината на обичниот пат, стануваше невидлив за оние што не сакал да го видат.
Во петтата година од царувањето на Михаил, светиот патријарх Методиј го провиде блиското заминување на Јоаникиј кај Господа, и дојде кај него со својот клир за благослов и молитви. По долгиот разговор и многуте поуки на неговите придружници за православната вера, преподобниот му прорече на свети Методиј дека и тој по него набрзо ќе премине во вечниот живот. Потоа се помолија, се целиваа со последен целив и се разделија. Патријархот се врати во својот дом а преподобниот остана во својата ќелија, молејќи се и подготвувајќи се за својот крај. Во третиот ден по заминувањето на патријархот, преподобниот и богоносен Јоаникиј премина кај Господа на четврти ноември, откако поживеа на земјата деведесет и четири години. Во осмиот месец по неговото претставување, на четиринаесетти јуни се упокои во Господа и пресветиот патријарх Методиј. Така се исполни пророштвото на преподобниот Јоаникиј претскажано на патријархот, дека и тој наскоро по него ќе премине во вечниот живот. Кога преподобниот ја предаваше душата, монасите што живееја на гората Олимп видоа огнен столб, кој се искачуваше од земјата кон небото, пред кој што одеа ангели, отворајќи ја пред него рајската врата и го носеа кон тамошното блаженство. Така дознаа дека преподобниот Јоаникиј преминува во небесниот покој.
Не само за време на својот живот, туку и по претставувањето преподобниот Јоаникиј створи многу чудеса. Многу болни, допирајќи се до неговите свети мошти, оздравуваа. Многумина се избавија од зли духови и раслабени станаа. И секој, каква болест и да имаше, веднаш оздравуваше штом ќе се допреше до неговиот ковчег. Така Бог со чудеса Го прослави Својот угодник и за време на животот и по смртта.
По неговите свети молитви Господ нека ја покаже и врз нас Својата милост и нека нѐ исцели од нашите душевни и телесни болести, за слава на светото име Свое. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: НИКАНДАР, епископот Мирски, и ЕРМЕЈ (ЕРМИЈ) презвитерот
Овие светители беа просветени во верата од светиот апостол Тит и поставени за свештенослужители. Тие многу незнабошци обраќаа кон Христа и затоа беа фатени и изведени пред градоначалникот Ливаниј на суд. Тој долго ги наговараше да се одречат од Христа и кога не успеа, нареди да ги врзат за опашите на брзоноги коњи и да ги тераат коњите да беснеат. Долго влечени така, слугите Христови ја облија земјата со крв. Нивните тела, удирајќи по земјата од камења и дрвја, беа цели изнаранети и според законот на човеката природа требаше да умрат, ако самиот Господ не ги крепеше. Потоа полумртви ги фрлија во темница и ги измачуваа со глад и жед. Но, Господ ги хранеше со небесен леб и им ги исцелуваше раните.
По некое време повторно беа изведени на суд. Како непокорни на наредбата на мачителот, тие беа обесени на дрво, стругани со железни нокти и горени со свеќи. Потоа беа фрлени во печка, но останаа неповредени. Ангел Господов ја разлади печката и ги сочува од огнот. Потоа мачителот нареди да им забијат железни клинци во главите, во срцата и во стомаците. Кога го сторија тоа им ископаа гроб, па сѐ уште живи ги фрлија во гробот и ги затрупаа со земја, Усмртени со толку свирепа и тешка смрт, свети Никандар и Ермеј сега живеат во слаткиот и радосен вечен живот со Господа, Кому слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ СТАРЕЦ МАРК
Старецот схимонах Марк се подвизувал истовремено со големиот старец Серафим Саровски.
Роден е исто како и преподобниот Серафим во градот Курск, исто така во трговско семејство, чие што име е непознато. На светото крштение е наречен Михаил.
Уште од детството го чувствувал повикот кон духовниот живот, кон осамувањето и подвизите на пустиножителството. Имал духовно видение и тоа го поттикнало да одлучи да го напушти светот и да Му служи на Бога, подготвувајќи се за страшниот Христов Суд. Што видел во видението не е познато. Но тоа, доживеано во меѓусостојба на сон и будност, имало толку големо влијание врз младата душа на Михаил, така што до крајот на својот живот денот на Страшниот Суд постојано бил во неговиот ум.
На дваесет и четири годишна возраст отишол во Саровската пустина, која што ја избрал поради оддалеченоста од светот и во 1778 година бил замонашен од игуменот Пахомиј, со името Методиј. Во 1811 година бил пострижан во голема схима со името Марк.
Уште за време на првите години од неговиот монашки живот, во него започнал да се пројавува дарот на јуродивството.
Јуродивството е еден од најтешките патишта кон спасението, целосно распнување на себеси во името на Христос. Јуродивиот се подложува себеси на постојани понижувања, презири и удари, глад, жед, пот, на сите лишувања што ги има бездомниот живот. Под маската на малоумен, непознат човек, вистинскиот јуродив е полн со висока мудрост, во наизглед ниски постапки зачувува возвишен дух, непрестајно е исмејуван од светот, полн е со исклучително голема љубов кон човештвото, а во своите бестрашни изобличувања го има во предвид поучувањето и спасението на ближните.
Таков пат за себе одбрал и Марк.
Неговата облека, најчесто ветва, невообичаената молчаливост, понекогаш ненавременото земање на храна пред браќата и надворешни лица, фрагментацијата и неразбирањето на неговиот говор, изгледале чудни за другите. Тој љубезно го примал осудувањето од нивна страна. Одлучил да го напушти манастирот и безропотно заминал во густата гора што го опколувала Саров. Така ги исполнувал мудрите зборови на преподобниот Ефрем Сирин: „Оној што сака да биде монах, а не ги поднесува навредите, понижувањата и штетите, не може да биде монах“.
Во гората старецот Марк немал постојано засолниште. Се засолнувал ту во напуштени дупки од диви животни, ту во колиби, кои самиот си ги правел од суви гранки. Понекогаш како постела му служела сувата земја а за покрив небото. Така живеел доста долго време. На крајот браќата, откако го виделе неговото исклучително трпение во тој одречен од светот начин на живот, сфатиле дека неговото јуродивство е дело на големата Божја благодат, и започнале многу да го почитуваат. Тоа почитување уште повеќе се зголемило од моментот кога започнале да забележуваат извесна проѕорливост кај него. Дел од неговите ретки зборови, кои наизглед не означувале ништо, ја засегале внатрешната состојба на соговорниците. А негови други зборови, кои изгледале како кажани без повод, подоцна се оправдувале со настани, кои се случувале точно според неговите зборови. Но и откако се ослободил од подбивањето на браќата, старецот Марк не останал во манастирот. Иако му одредиле ќелија, тој, влечен од желбата за пустинскиот безмолвен живот, со благослов на игуменот Пахомиј, се оддалечил на потполно безмолвие во манастирската гора.
Кога отишол во гората со намера да остане засекогаш таму, на почетокот, како и порано, немал постојано живеалиште и се криел ту во пештери, ту во колиби, ту во мали ќелијки, кои одвај го заштитувале од студот и кои самиот си ги правел на различни места во гората. Подоцна за него била изградена дрвена топла ќелија на околу еден километар од обителта. Тука тој ги примал браќата и посетителите што му доаѓале и ги барале неговите поуки.
Но, топлата ќелија била единственото снисходење кон плотта, кое што си го дозволил отшелникот. Тој се засолнувал во неа само за да се стопли, да касне малку, и речиси целото време го минувал или на откриено или во претходните прибежишта.
Лете и зиме за облека му служеле стари партали, за исполнување на зборовите на преподобниот Исак Сирин:
„Возљуби ја бедната облека во облекувањето, за да ги уништиш помислите што се јавуваат во тебе. Оној што го сака блесокот не може да придобие смирен начин на мислење, зашто срцето прима во себе лик подобен на надворешните ликови“.
Врз телото носел тешки синџири. Никогаш не се грижел дали храната е вкусна или не, дали е свежа или расипана. Не дозолувал никој да му прислужува. До длабока старост сам одел по храна во манастирот, сам одел и по вода, макар и мнозина да сакале да му служат.
Во такви подвизи ги поминал последните дваесет години од животот. Неговата ненаметливост била толку голема што немал ништо освен ветви партали, синџири, рогозина, сад од тиквена кора за вода и храна, и малку инструменти за рачна работа. Не примал од никого ништо, освен восочни свеќи. Велел:
„Си имам сѐ што ми е потребно, а вишокот никогаш не е корисен“.
Некој го запрашал: „Батушка, зошто во својата ќелија го немаш дури ни најпотребното?“
Тој одговорил:
„Триесет години постапувам така, следејќи ги Христовите зборови: Оној што нема да се одрече од сѐ што има, не може да биде Мој ученик (Лука 14, 33). Богатството на монахот не се состои од ништо друго, освен од утехата добиена од плачот - вели во однос на тоа прашање преподобниот Ефрем Сирин“.
Некои го молеле да прими од нив пари, за да ги раздаде на потребитите. Тој одговорал:
„Тоа не е мој призив, туку дело на мирјаните. Отшелниците треба да бидат слободни од мислата за надворешните нешта и да го чуваат својот ум во молитва“.
Неговото молчание стигнувало дотаму што беседел со не повеќе од пет души од браката, а со останатите не комуницирал.
Ако некој го посетел, тогаш излегувал од ќелијата, носејќи ја пред градите иконата на Божјата Мајка и Предвечниот Младенец, која што им ја принесувал на посетителите да ја целиваат.
На никого не давал совети и поуки. Во тој однос следеле зборовите на Исак Сирин:
„Подобро е да те сметаат за неук заради твојата мала вештина во водењето на спорови, отколку за мудар поради твојата бесрамност. Изобличувај ги оние што учат спротивно со силата на своите добродетели, а не со убедливи зборови. Со кротоста и тивкоста на својата уста затворај ја устата и сопирај ја бесрамноста на оној што не се покорува на вистината да замолчи. Изобличувај ги невоздржливите со благородството на својот живот“.
Негова омилена молитва била молитвата на преподобниот Јоаникиј Велики: „Надеж ми е Отецот, прибежиште ми е Синот, а покров ми е Светиот Дух. Света Троице, слава Ти!“ Тој ја повторувал оваа молитва постојано и чувствувал голема радост од неа.
Ноќе најчесто одел низ шумата и зборувал дека чувствува срдечна сладост кога целата природа безмолствува, а молитвата толку лесно се вознесува кон Бога. Сакал, додека се шетал во тоа време, да го пее стихот: „Кога го видовме Христовото Воскресение!“
Ракоделието на старецот се состоело во изработување на кибритни стапчиња, коишто ги раздавал на посетителите во снопчиња. Преку летото се занимавал со обработување на леи, во кои што садел компири и најразлични зеленчуци. Со тоа и се хранел во пустината.
Пројавувајќи голема срдечност во посетувањето на храмот, тој, без да обрнува внимание на суровото време и оддалеченоста на ќелијата, во неделните и празничните дни, преку зимата низ длабокиот нерасчистен снег доаѓал на богослужбите.
Правилото, односно последованието на молитвите кои што ги извршувал старецот било доста сложено.
Од зборовите искажани на неколкумина монаси за тоа како да живеат, е зачувано следното:
„Оди на црква, имај послушание спрема игуменот и браќата, Кога седиш на трпезата внимавај во себеси и во читањето. Испреварувај го секој брат со поклонување. Не зборувај многу, а повеќе молчи. Оди како мртов, со затворени очи, уши и уста. Во ќелијата имај ракоделие и моли се почесто, а умствената молитва извршувај ја секогаш и на секое место. Со никого не спори, пред секој отстапувај и сметај се себеси за најлош од сите. На секого вели му само: „Благослови!“, и „Прости!“
Старецот Марк учел првенствено на смирение, трпение, самопрекорување, внимание. Треба да се смируваме пред другиот - велел тој - и да се сметаме себе си за полоши од него, какви и недостатоци да гледаме во неговиот живот. Треба засекогаш да ја насочуваме мислата кон тоа, дека сме најлоши од сите.
Еднаш еден монах, кога му донел храна го видел да седи длабоко замислен, со лице свртено на исток. Долго не смеел да го прекине размислувањето на старецот. На крајот го запрашал:
„Оче, што си се замислил толку?“
Старецот му одговорил:
„Размислував за истерувањето на Адам од рајот, кога тој плачел и викал кон Господа: Милостив, помилуј ме, паднатиот!“
Господ му испратил на Својот верен слуга благодатни дарови на проѕорливост и на исцелување на слабостите.
Еднаш преку летото двајца странци дошле кај старецот да замолат за негови молитви и да земат благослов. Старецот ги пречекал и им дал да го целиваат крстот. Потоа откинал од своето ветво расо парче и го дал на едниот од нив, откако му рекол да си ја избрише со него главата и да ги избрка комарците. Тој постапил така и откако излегле од ќелијата му раскажал на својот сопатник дека на тргнување кај старецот го вознемирувале хулни и лоши помисли. Но, штом си ја избришал главата со парчето од расото, помислите се распрснале како комарци и тој почувствувал некаква леснотија и спокојство во своето срце.
Од долгото стоење и тешкотијата при одењето многу му отекле нозете и не можел да оди. Браќата го советувале да повикаат лекар, но старецот се откажал од човечката помош, откако ја положил сета своја надеж во Бога. Зел од храмот елеј од кандилото, кое горело пред иконата на Пресвета Богородица „Живоприемен Источник“, си ги помазал со него нозете и наскоро добил олеснување.
Еден од браќата, кој живеел како отшелник во гората и мислел дека постот е најудобниот пат кон спасението, без благослов од духовниот отец се одлучил на исклучително строг пост. Откако го започнал тој подвиг без расудување, тој толку ослабнал што можел да заврши лошо. Од долготрајниот пост толку се истоштил и одвај можел да се држи на возе. Старецот дознал за тоа и отишол да го поучи неблагоразумниот постник. Донел со себе парче леб, и откако го кренал со десната рака стапот заканувајќи му се, а со левата подавајќи му го лебот, му рекол: „Јади!“ Исплашен од заканата, братот го изел донесениот леб и си ги повратил силите. Старецот Марк со тоа покажал дека постот е спасителен само кога е со расудување.
На седумнаесет врсти од Саров, во селото Круглие Пани живеел еден чорбаџија, оженет за лутеранка. Старецот ги познавал неговите прадедовци и го сакал тоа семејство поради неговото благочестие. Тој често одел кај нив, и затоа во градината имале осамена ќелија специјално за него. Често ја убедувал лутеранката да ја прими Православната Вера. Неговите наводи ѝ оставиле силен впечаток и таа се согласила да се присоедини кон Православната Црква, ако Бог ѝ покаже некакво знамение, како доказ за тоа дека Православната Црква е вистинската Црква. На тоа старецот Марк ѝ рекол:
„Ќе се помолиме за тоа заедно со твојот сопруг и се надевам дека Господ заради спасението на твојата душа ќе ти подари знамение“.
Наскоро таа го сонила следниот сон. Се наоѓала на брег на брза и широка река. На страната каде што стоела таа не растело ништо, имало само сува земја. На брегот имало чамец без луѓе. На спротивниот брег од реката зеленеела градина и од таму доаѓал благомирис. Над градината во воздухот се гледал Ангел, кој во своите раце држел Света Чаша. Во градината бил и отец Марк. Восхитена од убавината на градината, таа со сето срце посакала да премине на спротивниот брег од реката, во прекрасната градина, и започнала да го моли отец Марк да ѝ помогне да се качи во чамецот. Отецот ѝ рекол:
„Ако се присоединиш кон Православната Црква, можеш без опасност да ја преминеш таа брза река и без чамец“.
И откако посочил со десната рака кон Ангелот, рекол:
„Ете, тогаш овој Ангел ќе те причести со Светите Тајни“.
Кога го прифатила неговиот предлог, старецот ѝ наредил да се прекрсти и таа тргнала од брегот по водата. Но, кога стигнала до средината на реката, се исплашила од нејзината брзина и од страв се разбудила. Веднаш го раскажала својот сон на сопругот, па и двајцата го сфатиле како Божјо укажување, и таа одлучила да премине во Православието.
Кратко време пред својот крај, старецот Марк бил утешен со таинствено видение на небесните радости, подготвени за праведниците. Тоа видение го утешило од искушенијата, со кои што го напаѓал непријателот на спасението, кој му внушувал дека за него нема спасение во Бога (Пс. 3, 2).
Кон крајот на октомври 1817 година, отец Марк се разболел во пустината и толку ослабнал што не можел да оди. Го префрлиле во одредената за него ќелија во манастирот. Тука тој се простил со сите браќа и ги замолил за нивните молитви. Чувствувајќи го својот крај, тој повикал духовник, се исповедал и се причестил со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови. Откако над него била извршена тајната Маслосвет, починал тивко меѓу раната и доцната Литургија. Тоа се случило во недела, на 4 ноември 1817 година.
И по своето упокојување праведниот старец не престанувал да им дава спасителни совети и благодатна помош на своите верни ученици, јавувајќи им се со таквата помош во виденија.
Почитта на саровските браќа кон споменот на подвижникот Марк била толку голема, што на местата, одбележани од неговите подвизи и дарби, биле издигнати дрвени крстови. Еден бил забиен во гората, друг крај брегот на рекичката Саровка, недалеку од ќелијата на старецот... Монасите кои го почитувале оделе таму на поклонение наутро, на пладне и навечер и пееле црковни песни.
Еден монах, искушуван од ѓаволот со тешки помисли, кои не му давале душевен спокој, одел таму секое утро и секоја вечер и со солзи говорел во молитвата:
„Осуди ги, Господи, оние кои ме осудуваат, и собори ги оние што се борат против мене. Земи оружје и штит и дојди ми на помош“ (Пс. 34, 1, 2).
Еднаш кога ја произнесол таа молитва, срцето ненадејно му било озарено со Божествена светлина, која што ги распрснала и растерала измачувачките помисли и разлеала во неговата душа неискажлива радост.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПОРФИРИЈ АКТЕРОТ
Беше родум од градот Ефес. По занимање бил актер, комичар. Како таков го придружувал војводата Александриски на неговиот пат во Кесарија и еднаш требало тој и еден негов другар да ја исмеат христијанската света тајна Крштение. Порфириј го претставувал крштеваниот а другарот епископот кој крштева. И кога тие ја одигрувале светата тајна Крштение, вршејќи го она што се прави при нејзиното извршување и го облекуваа во порфири и во бела облека како што е обичај кај христијаните, се случи чудо. Порфириј доби од Господа Христа благодат и се почувствува христијанин. Штом се крсти, се појавија ангели пред него и го научија да Му се моли на Бога свртен на исток, и да се осенува со чесниот крстен знак на челото и по целото тело. Од ова чудо многумина поверуваа во Христа, се крстија, и така стапија во Вселенската Црква Христова. Тогаш војводата му нареди на свети Порфириј да се одрече од христијанската вера, но тој одби. Затоа му ја отсекоа главата. Така го прими славниот венец на мачеништвото. Пострада во 270 година, за време на царувањето на Аврелијан.
СПОМЕН НА БЛАГОЧЕСТИВИОТ ЦАР ЈОВАН ВАТАЦИЈ
Богољубивиот цар Јован, наречен Ватац, беше од благородно царско потекло, родум од Адријанопол. Неговиот дедо Константин Ватац бил војвода на царот Мануил Комнин. Кога умреа неговите родители му оставија големо богатство, кое што го делел на сиромашните и давал прилози на храмовите Божји. Кога отпатува во Нимфеон Витиниски, таму на дворецот на царот Теодор Ласкарис го најде својот стрико, кој беше ереј и царски духовник и преку него стана царски пријател. Сепак тоа пријателство не створи во него вообразеност и гордост, и тој и понатаму кон сите се однесуваше пристојно и со љубов. Затоа им беше омилен на сите поради својот пристоен карактер, пристапност, незлобливост, чистиот живот и смиреност. Поради тие доблести ја доби за жена царевата ќерка, на име Ирина. По смртта на неговиот тест, царот Теодор, зацарува тој (1222-1254 г.), управувајќи разборито и мудро со Византиското царство. Бил заштитник на сите обесправени, мерило на праведноста и извор на милостивоста, поради што и го доби прекарот милостив. Исто така беше признат и како ревнител на отечката побожност и Православната вера. Се трудел во просветувањето на заблудените јудеи и чезнеел за единство на христијаните од истокот и западот. Во негово време дојде до дијалог помеѓу пратениците на римскиот папа Григориј IХ и цариградскиот патријарх Герман Нови. Но, бидејќи тие од запад останаа упорни во својата заблуда и не сакаа да го исфрлат неблагочестивиот додаток „и од Синот“ од Символот на верата, разговорот остана бесплоден.
Еднаш овој милостив цар слушна во умот Божествен глас, кој му говореше:
„Распнатиот стана, гордиот падна, понижените и скрушените се исправија“. Охрабрен од тој глас, тој појде во борба против султанот Азатин, кој, кога излезе од Иконија ги беше опустошил градовите што лежат близу реката Меандра. Овој безбожен султан тој го победи и уби на мегдан. Така богољубно управувајќи со царството, свети Јован се упокои во седумдесет и втората година од својот живот, во 1254 година и беше погребен во манастирот на Христа Спасителот, кој самиот го изгради и му го даде името Сосандар (Човекоспас). Подоцна, врз основа на негово лично јавување, чесното тело му беше пренесено во Магнезија. Кога неговиот гроб после седум години беше отворен, за пренос на моштите во Магнезија, од него излезе прекрасно ухание, а царот изгледаше како да е жив. Така Бог ги прославува оние што Него Го слават. Од тогаш неговите мошти им даваат на многумина утеха и исцеленија, со силата на благодатта на Бога живиот и вистински, Кој во светиите живее. Нему слава и пофалба низ сите векови. Амин.