18. Ноември   (5. Ноември)

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТ ИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ: ГАЛАКТИОН и ЕПИСТИМА

Во градот Емеса во Финикија живееше еден човек на име Клитофон, кој беше благороден, познат и богат. Жена му Левкипија, керка на епархот Мемнон, беше неротка и многу тажна поради тоа. Од мажот често трпеше многу прекори, навреди, па дури и ќотек за неродството. И двајцата беа незнабошци и особено ја почитуваа богињата Артемида. Во тоа време со градот управуваше човек на име Секунд Сириец, кој беше многу немилостив и свиреп кон верните во Господа Христа. Тој измисли многу и најразлични орудија за мачење и ги изложи среде градот за заплашување на христијаните. Поради тоа многумина од страв од тешките маки се криеја, а похрабрите сами се предаваа во рацете на мачителите и умираа за својот Господ. Имаше таму и еден монах, на име Онуфриј. За да не го препознаат како монах, тој одеше од куќа во куќа, просеше како просјак парче леб, и каде што можеше ги учеше луѓето во Светата Вера и ги обраќаше човечките души кон Бога. Така дојде и во домот на Клитофон, застана пред вратата и просеше леб. Кога го виде во искината облека како проси, Левкипија ѝ нареди на една од робинките да ја затвори вратата пред неа, зашто тој ден беше налутена, бидејќи мажот ја беше натепал затоа што не раѓа деца, Но, монахот и понатаму остана пред вратата, што е вообичаено за просјаците, па Левкипија брзо се сожали и нареди да го пуштат во дворот, го внесе дома и му даде сѐ што е потребно. Додека ја примаше милостињата, старецот ја слушна како длабоко воздивна и ја праша:

Каква тага те мачи, госпоѓо моја, та толку длабоко воздивнуваш?

Таа му одговори:

- Немам деца, старче, и поради тоа маж ми многу ме измачува. Многу злато сум дала на лекарите и вражачите да ми помогнат, но сѐ е залудно, ми нема никаква помош, тонам во сѐ поголема тага.

Старецот ја праша на кој бог му служи, а таа му рече дека ја почитува богињата Артемида. Тогаш ѝ рече:

- Затоа си неротка. Ти не се надеваш во Бога, Кој може да ѝ даде плод на твојата утроба.

Левкипија го праша:

- А во кој Бог би можела да се надевам, Кој би ми дал таква благодат да можам да се наречам мајка на дете?

Старецот одговори:

- Надевај се во вистинскиот Бог Исус Христос, и верувај во Него и во беспочетниот Отец Негов, и во Светиот Единосуштен и Животворен Дух.

Левкипија праша:

- Зарем ти не ми зборуваш за Богот на Кого Му служат Галилејците?

- Да, за Него ти зборувам, - одговори старецот, - зашто Он го створи небото, ја основа земјата, го создаде човекот и секое живо суштество.

Левкипија рече:

- Човеку, се плашам кнезот Секунд да не дознае за таквата моја вера, па да ме убие како што го стори тоа со многу други. Сите кои веруваат во Богот за Кого ти ми зборуваш, тој безмилосно ги убива.

Старецот ѝ рече:

- Ако се плашиш од кнезот, тогаш можеш тајно да ѝ служиш на Света Троица. Ете, и јас од страв тајно Му служам на мојот Бог и се надевам дека ќе бидам спасен, по благодатта Негова. Како што гледаш, јас сум монах и презвитер, но го променив својот надворешен изглед, за да не ме препознаат. По надворешност за сите сум просјак, а всушност сум монах и слуга Христов. Така и ти можеш тајно да Му служиш на Христа и нема да бидеш лишена од спасението.

Левкипија праша:

- А ако мојот маж остане во незнабоштвото, дали мојата вера ќе биде залудна?

Старецот ѝ одговори:

- Ти само прими го знакот Христов, односно светото крштение, и цврсто верувај во вистинскиот Бог, па ќе се спасиш и ти и твојот маж, зашто нашето Свето Писмо вели: „Се посвети мажот некрстен од жена крстена“ (1 Кор. 7, 14).

Кога светиот старец Онуфриј ја утврди Левкипија со своите зборови, таа го праша дали може да ја крсти. Старецот побара вода, па слугинките на наредба на Левкипија донесоа, при што им забрани никому да не зборуваат за тоа и ја крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. На заминување таа го замоли да не ја заборави, туку често да ја посетува и поучува.

Кога старецот си замина Левкипија се престори болна, за мажот да не ја допре осум дена, за да се сочува чиста со благодатта на Светиот Дух што ја доби при крштението. По осум дена Го виде во видение Господ Исусе Христос распнат на крст и себе си како паѓа пред нозете Негови и слуша од Неговата пречиста уста утешни зборови, со кои ѝ ветува дека ќе ја разреши од неплодноста и ќе ѝ даде син, кој ќе биде подржувач на неговите крстни страдања и заедничар со Царството Негово.

Левкипија многу се израдува и оттогаш сеќавањето на страдањата Господови никогаш не ја напуштија, и постојано со умот Го гледаше Распнатиот Христос, ѝ се чинеше дека Го гледа како стои пред неа.

Наскоро потоа таа забремени. Нејзиниот сопруг многу се израдува и веднаш сакаше да им угоди на боговите, та ја тераше да појдат и да принесат жртва. Но, Левкипија длабоко воздивна и му рече:

- Овој дар не ми го дадоа твоите богови, туку друг Бог, Кој ми се јави на сон пред зачнувањето и јас Го видов Распнат на крст. Он ми го даде овој дар. Ако сакаш, господине мој, Нему да Му принесеме жртва на благодарност.

- Богот што си Го видела е Богот на Галилејците, за Кого сум слушал од многумина дека бил Распнат на крст и твори прекрасни чудеса.

- Зошто тогаш, - праша жената, ние да не веруваме во Него, кога Он е семоќен и милостив кон нас, ја исполни нашата желба и ме разреши од неплодноста?

Мажот ѝ одговори:

- Зарем не си слушнала дека кнезот безмилосно ги мачи и убива оние што веруваат во Распнатиот?

Таа му рече:

- Ако е невозможно да веруваме јавно, тогаш ќе веруваме во Него тајно и ќе Му служиме и ќе водиме богоугоден живот.

Клитофон возврати:

- Нема кој да нѐ упати и научи како да Му служиме на благиот Бог што си Го видела во сонот.

Кога виде дека сопругот е наклонет кон новата вера, Левкипија му раскажа сѐ што се случи со неа, и му откри дека веќе е христијанка, и дека е научена во тајните на верата Христова од еден монах. Клитофон многу се израдува и изрази желба да се крсти. Кога блажениот Онуфриј дојде да ја посети новокрстената, таа ги запозна двајцата и тој беше крстен. И живееја новопросветените сопружници во побожност и чистота и тајно Му служеа на вистинскиот Бог.

Левкипија роди машко дете. Тие го повикаа нивниот духовен отец и учител Онуфриј, кој им го крсти детето и му го дадоа името Галактиот. Притоа светиот старец го изрече следното пророштво за него:

- Ова детенце ќе го намрази земниот живот и ќе го засака небесниот.

Кога Галактион порасна родителите го дадоа на науките. Со Божја помош, тој со голем успех ги изучи философијата, беседништвото и астрономијата. Кога наполни дваесет и четири години мајка му веќе се беше претставила во Господа, а татко му сакаше да го ожени. Откако најде една многу убава девојка, на име Епистима, тој ја сврши за својот син. Свадбата беше одложена на некое време, па блажениот Галактион одеше да ја посетува својата свршеница, но не ѝ даваше вообичаен целив, зашто таа не беше крстена. Тоа многу ја растажи, и кога нејзиниот татко ја дозна причината за нејзината тага, го праша Галактион зошто постапува така, при што му рече дека не требало да се свршува за неа ако не ја сака. Галактион не му одговори ништо, туку отиде кај девојката и насамо ја праша дали знае зошто не ја поздравува. Кога му рече дека не знае и дека е многу тажна поради тоа, тој вака ѝ објасни:

- Ти не си христијанка и си осквернета со нечистата незнабожечка вера. Затоа јас не сакам да се допирам до твојата нечистотија, за да не Го нажалам Духот Божји. Но, ако сакаш да ја стекнеш мојата љубов одречи се од идолите, поверувај во мојот Бог и крсти се, па јас ќе ти дадам целив, и ќе те сакам како себе си, и ќе те наречам сопруга своја и ќе живееме во неразделна љубов.

Епистима му одговори:

- Ќе сторам сѐ што ќе ми кажеш, и верувам во твојот Бог и сакам да се крстам.

Галактион ѝ рече:

- Ти си добра и мудра девојка, но бидејќи христијанската вера е подложена на страотно гонење, а презвитерите се разбегани и повеќето убиени, тогаш јас морам да те крстам. Затоа земи бел фустан, појди на реката Кифес, божем ќе се капеш, па јас ќе дојдам таму и ќе те крстам.

Така и се случи. Тие отидоа на реката и тој ја крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Ја научи да се моли на Бога, па се разделија и никој не знаеше за нивната тајна. Во тоа време блажениот Галактион обрати кон Светата Вера и еден од робовите на својот тест и го крсти. Тој роб се викаше Евтолмиј, кој подоцна стана монах и го напиша ова житие. Епистима по крштението живееше во родителскиот дом во богоразмислувања и молитви, тајно, зашто ја криеше својата вера од татка си.

Кога во осмиот ден од крштението Галактион дојде кај неа, таа му рече:

- Ќе ти раскажам прекрасна работа, господине мој. Откако се крстив на сон гледам прекрасни палати и во нив три лика како пеат. Едниот лик е на црнорисци, другиот на прекрасни девојки, а третиот на крилести и огнени благолики луѓе. Од тоа чудесно видение и од преслаткото пеење на ликовите, моето срце чувствува необична радост.

Галактион размисли за видението и ѝ рече:

- Црнорисците се оние што ги оставија своите богатства, жените и пријателите и тргнаа по Христа во сиромаштво, чистота и трпение, одејќи по тесниот и мачен пат. Убавите девојки се оние што исто така ги оставија своите свршеници, родителите и сладостите на овој свет и Го следеа Христа. Крилестите луѓе се ангелите Божји, заедно со кои црнорисците и девојките се радуваат и ликуваат на небесата и со песни Го слават Бога.

Епистима рече:

- О, кога Бог и нам би ни дал да ликуваме заедно со нив.

Тогаш Галактион ѝ рече дека ако и тие ја сочуваат својата девственост и се одречат од светот, Бог ќе ги удостои на истата награда.

Епистима му рече дека е подготвена веднаш да го стори тоа и дека не сака да се раздели од него. Тогаш Галактион ѝ рече:

- Вети ми дека ќе јас сочуваш својата девственост и заедно со мене ќе примиш монашки чин, и јас нема да се разделам од тебе ни во овој ни во идниот живот.

Таа му вети, па двајцата Му заблагодарија на Бога што милостиво погледна на нив и се договорија да раздадат на сиромасите сѐ што имаат и во третиот ден да заминат каде што Бог ќе ги поведе. Притоа тој ѝ рече да го поведе со себе нејзиниот роб Евтолмиј, зашто е добар човек и заедно со нив ќе биде монах.

Откако така се договорија, тие се разделија, кришум раздаваа на сиромасите сѐ што имаа, се подготвија за пат како што се беа договориле, излегоа ноќе од дома и тргнаа заедно, водејќи го со себе и робот Евтолмиј.

По десет дена стигнаа до планината Пуплион, на која што имаше манастир со десет монаси. Подалеку од него имаше мал женски манастир во кој живееја четири остарени испоснички. Старешина им беше една ѓакониса, чесна и света по живот. Тие влегоа во машкиот манастир, му се поклонија на игуменот, му раскажаа за својата намера и игуменот ги прими и ги замонаши. Потоа Епистима ја испрати во женскиот манастир кај светите четири испоснички, а Галактион и Евтолмиј ги задржа кај себе, одредувајќи им манастирски послушанија. И живееше преподобниот Галактион покорувајќи се на игуменот и браќата и служејќи Му на Бога со сето срце. Кој би можел да ги опише неговите подвизи и трудови? Никој никогаш не го видел невработен. Работел сѐ што е потребно за манастирот, или пак се молел. Неговиот пост беше неизмерен и понекогаш по цела седмица ништо не вкусуваше. Толку го чуваше своето целомудрие и чистота, така што за сето свое подвизување строго одбегнувал дури и да види женско лице. Многу пати некој од браќата му предлагале да појде со нив да ја види светата ѓакониса која монахува дваесет години, и од голема духовна корист за сите се нејзините поуки за спасението на душите, бидејќи е благоразумна и голема по живот и збор. А исто така и да ја види својата сестра Епистима. Но, Галактион одбиваше и велеше:

- Мене, свети отци, ми е доволна духовната корист од вашите поуки. Не сакам да ја видам својата сестра додека не дојде време кога Господ Сам ќе ми нареди да го сторам тоа.

Меѓутоа големото гонење на христијаните не престанувало. Сите христијани биле присилувани да им принесуваат жртви на идолите и непокорните биле подложувани на страшни мачења. Во тоа време идолопоклониците дознале за монасите на планината и го известиле обласниот управник Урс, кој веднаш испрати војници да ги фатат сите црнорисци и да ги доведат кај него. При наездата на тие војници на манастирот, света Епистима имаше ваков сон: стоела таа во царска палата заедно со својот свршеник и духовен брат, блажениот Галактион и еден пресветол Цар ги венчавал со прекрасни венци.

Кога се разбудила многу се чудела и му испратила писмо на игуменот да дојде за да му каже нешто важно. Тогаш било обичај монахињите да не одат во машки манастири, туку игуменот, кој бил духовен отец и на двата манастира, одел кај испосничките за нивните духовни потреби, ги исповедал, служел Божествена Литургија, ги причестувал со Светите Тајни, па се враќал во манастирот.

Штом го доби писмото, игуменот веднаш отиде и Епистима му го раскажа своето видение. Тој ѝ рече:

- Палатата е Царството Небесно, Царот е Исус Христос, нашиот Господ и Бог, а венците ги означуваат наградите кои ти, чедо мое, и твојот духовен брат Галактион, наскоро ќе ги примите за своите страдални подвизи. Но, најпрвин ви претстои многу да пострадате и со маченичка смрт да умрете. Те молам, не плаши се и не обесхрабрувај се во болките. Знај дека за привремените страдања те очекува вечна и неискажлива награда, која заедно со твојот брат ќе ја примиш од раката на подвигоположникот Господ Христос.

Епистима се расплака и рече:

- Нека биде волјата Господова. Господ според Својата благост нека уреди за нас како што сака.

Само што игуменот се врати во својата ќелија, Урсовите војници го нападнаа машкиот манастир и сите монаси се разбегаа. Остана само преподобниот Галактион. Војниците го најдоа во ќелијата како го чита Светото Писмо и го фатија. Сите останати монаси побегнаа. Исто така и светите испоснички заедно со блажената Епистима побегнаа и се сокрија. Единствено преподобниот Галактион „како јагне на колење“ го поведоа војниците кај игемонот Урс на суд и мачење. Кога преподобна Епистима слушна дека Галактион е фатен, ја замоли светата ѓакониса да ѝ дозволи да појде по него, но таа никако не ѝ дозволуваше. Тогаш блажената ѝ рече:

- Јас не можам да живеам без мојот господин Галактион. Преку него Го познав Христа, мојот вистински човекољубив Бог, од неговите раце се измив во водата на крштението од моето незнабожие, тој ме упати и приведе во монашкиот лик и вашата света обител. Неговите молитви ми помагаа во сите мои потреби. Тој е мој свршеник, брат, учител и татко по Бога и чувар на мојата девственост. Јас нема да се разделам од него ни во овој ни во идниот век. Ако тој ја положи својата душа за вистинскиот Бог, ќе ја положам и јас. И мојата крв нека се пролие заедно со неговата за Создателот на сите, и јас заедно со него ќе застанам пред престолот на Царот на славата, Кого на сон Го видов и Кој заедно нѐ овенча. Затоа дозволи ми да појдам кај него и моли се за мене.

Кога го слушна тоа, преподобната ѓакониса ѝ рече:

- Бог нека те благослови, ќерко, страдалничкиот подвиг да го завршиш како првомаченицата Текла. Оди, и крепката рака Господова нека биде со тебе.

Блажена Епистима се поздрави со сестрите и својата духовна мајка и тргна. Кога ги стигна војниците и го виде свети Галактион, кого врзан го водеа, таа му рече:

- Мил мој господине и брате, причекај, не оставај ме, туку поведи ме со себе на мачење и сети се на своето ветување дека нема да ме оставиш ни во овој ни во Идниот век.

Војниците веднаш се стрчаа и ја фатија, а кога преподобниот Галактион ја виде многу се израдува и расплакан од радост Му благодареше на Бога што ѝ даде бестрашност и огнена љубов кон Бога и се молеше Господ да ја поткрепи на страдалничкиот подвиг. Војниците ја врзаа заедно со него и така ги водеа. По пат свети Галактион ја поучуваше да внимава на соблазните на лукавиот и да не се плаши од маките, за да добијат од Господа вечни венци во небесните дворови. Света Епистима му потврди дека ќе оди по неговите стапки и ќе биде силна, и така разговарајќи стигнаа до дворот на игемонот, каде излезе еден слуга и им рече на војниците дека тој наредил да ги чуваат до утредента. Цела ноќ ги чуваа врзани и утредента незнабожниот судија Урс ги изведе пред себе, погледна во нив и ги праша:

- Кои сте вие, црни?

Свети Галактион одговори:

- Ние сме христијани и црнорисци.

Урс праша:

- А кој е Тој Христос?

Светителот одговори:

- Христос е вистинскиот Бог, Кој ги створил небото и земјата и сѐ што е во нив.

Урс возврати:

- Ако вашиот Христос створил сѐ, тогаш што се нашите богови и што створиле тие?

Светителот одоговори:

- Вашите богови се камења и дрвја, гнилежни работи. Тие ништо не створиле, туку напротив, нив ги ствара раката човечка и вие се поклонувате на дела на човечка рака и почитувате богови што сами си ги правите од разни материјали.

Тогаш разгневениот игемон нареди:

- Соблечете го богохулникот и немилосрдно тепајте го со жили!

Додека го тепаа, света Епистима плачеше и го прекоруваше игемонот:

- Немилосрден мачителу! Зар не ти е срам да го мачиш невиниот слуга Божји и со рани да го покриваш неговото тело, толку исушено од постот?

Урс нареди:

- Соблечете ја и неа и тепајте ја силно!

Кога бесрамните слуги ја соблекуваа и дојдоа до власеницата, светителката му рече на игемонот:

- Проклет да си, бесрамен мачителу! Уште од моето детство никој не ја виде мојата голотија, а ти наредуваш да ме соблечат пред сите. Затоа нека ослепат твоите погани очи, за да не ја видиш девствената голотија.

Само што светителката ги изговори овие зборови, игемонот и сите присутни веднаш ослепеа и сите со рацете започнаа да бараат ѕидови и водачи, зашто ниту еден меѓу нив не гледаше ништо, па како во еден глас извикаа:

- Спаси нѐ од оваа темнина, слугинко Христова, и сите ќе поверуваме во твојот Бог.

Светителката се помоли на Бога и сите повторно прогледаа. Од нив педесет и тројца луѓе навистина поверуваа во Христа, меѓутоа Урс, иако прогледа, сепак под дејство на ѓаволот ова чудо не го припиша на Господа Христа туку на своите лажни богови и рече:

- Ние во нашиот ум похуливме на нашите големи богови, па тие се разгневија и малку нѐ казнија, за да се вразумиме и да не се осмелуваме да помислуваме ништо лошо за нив. Затоа, да не ги поштедиме овие јавни богохулници, туку да им се одмаздиме за бесчестењето на нашите богови.

И веднаш нареди слугите да им забијат остри клинци под ноктите на рацете и нозете. Додека се вршеше тоа, светителите јуначки трпеа и говореа:

- На Христос, единствениот вистински Бог Му служиме, а лажните богови ги отфрламе.

Потоа Урс нареди да им ги отсечат рацете, а тие говореа:

- Благословен е нашиот Господ Бог, Кој ги учи рацете наши на борба и прстите наши на војна, добротвор наш и прибежиште наше, заштитник наш и избавител наш, Кој нѐ избавува од рацете на непријателите!

Тогаш Урсе нареди да им ги отсечат и нозете. Кога го вршеа тоа, светите маченици воскликнуваа:

- Стани, Господи, помогни ни и избави не заради името Твое. Ти знаеш, Господи, дека од љубов кон Тебе тргнавме по Тебе и одевме по патот на страдањата. Сега однеси нѐ во вечниот покој, за нашите нозе да застанат во Твоите небесни дворови, каде што стојат пред Тебе сите што Ти угодиле.

Потоа рекоа:

- Нека се проклети незнабожечките богови и сите што им служат.

Тогаш мачителот Урс рече:

- Овие нечесници сѐ уште ли не престануваат да хулат на нашите богови? Отсечете им ги јазиците, за повеќе да не хулат!

И така им ги отсекоа јазиците, но, иако замолкнаа устите на светите исповедници Христови, нивните срца не престанаа да повикуваат кон Бога. Најпосле мачителот нареди да им ги отсечат главите. Ги изведоа надвор од оградата на дворот, ги обезглавија и нивните тела ги оставија непогребани. Гореспоменатиот роб Евтолмиј, кој некогаш беше роб на Галактионовиот тест одеше по нив оддалеку, додека ги водеа на суд, претходно преоблечен во световна облека, за да не го препознаат. Како очевидец на нивните страдања и крај, тој ги зеде нивните свети мошти, долго плачеше над нив и потоа чесно ги погреба. Исто така го опиша и нивниот доблесен живот и јуначкото страдање за корист на оние што читаат и слушаат, а во слава на Бога, во Света Троица славениот, Отецот и Синот и Светиот Дух за навек. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ СТАРЕЦ ИЛАРИОН СОЛОВЕЦКИ

Старец Иларион бил воспитан од својот дедо, кој често го водел на поклонение по светите места во Киев, во Троице-Сергиевата Лавра.

Откако се преселил да живее кај татка си, повторно започнале тешкотиите и на крајот родителите започнале да настојуваат тој да се ожени. Иларион одлучил да се потчини, но си ветил дека веднаш по склучувањето на бракот ќе појде на поклонение во Киев.

По склучувањето на бракот, младоженецот тајно од родителите и од сопругата побегнал од дома и заминал за Киев.

Кога се вратил дома се преправал болен, велејќи дека на враќање добил парализа на десната рака.

Таа измислена болест му давала на подвижникот доволно време за молитва, но заедно со тоа тој учествувал и во домашните работи. Така на пример мелел рʽж со рачна мелница и кога ќе останел сам дома мелел и со двете раце.

Но, таа состојба не можела да продолжи долго. Гледајќи дека семејните врски му ги врзуваат и рацете и нозете, и кога стигнал до степенот при кој што желбата да Му служи на Бога го обзема целиот човек и го носи далеку од сите житејски врски и односи, Иларион одлучил да го напушти домот засекогаш. Така, на дваесетгодишна возраст започнал да странствува.

По тие странствувања стапил во еден манастир во Рјазанската епархија. Но, неговата сопруга, која согласно со световните закони имала право во однос на него, поднела жалба против него. Тој го напуштил манастирот и се повлекол во непроодната Зенкинска гора, недалеку од родното село.

Но, првиот неуспех не го повлекол од мислата за монаштвото и тој повторно стапил во Петропавловската Раненбургска пустина и бил пострижан во расофор со името Иларион.

Со строгото запазување на уставот, тој отскокнувал од останатите браќа, а вниманието на игуменот кон беспрекорниот монах предизвикало општа завист кон него. Кога одел за собирање на помош за манастирот, го наклеветиле и обвиниле за крадење на пари. Монасите не го оставале на мира од прекори и подбивања. За да ги одбегне, тој престанал да оди во трпезаријата. Но, игуменот настојувал да оди. Иларион се потчинил, но не се хранел на заедничката трпеза. Го обвиниле во упорност, и им забраниле на сите да не му дозволуваат да влегува во трпезаријата и да не му даваат леб. Во текот на една година Иларион јадел само по една просфора на ден, која што клисарот, на кого што му било жал за него, тајно му ја носел.

На отец Иларион не му било судено да остане долго во Петропавловската пустина, бидејќи по неколкуте посети на неговата сопруга, која настојувала да ѝ се врати, игуменот одлучил да го избрка од манастирот.

По истерувањето од Петропавловската пустина за него започнале години на неверојатни подвизи.

Се населил на четири врсти од селото Головинштина, во Волвурски ковчег. Таму си ископал неколку пештери, од кои главната, односно молитвеницата, била поврзана со останатите преку премини. Еден голем камен му служел за маса. Таму тој живеел и ги извршувал своите молитвени правила, вечерната, сеноќното бдение и утрената. Понекогаш одел на Литургија во селото Головинштина. А за време на летните горештини на откриена полјана, под зраците на сонцето, правел по три илјади поклони на ден.

Во текот на шест години, лете и зиме, репката што ја садел во од него создадената зеленчукова градина му била единствената храна и се хранел со неа без леб. Во близина немало вода и преку летото, додека чекал да заврне, понекогаш страдал по десетина дена од жед.

Еднаш, за време на Великиот Пост, се онесвестил за време на Литургијата, немал јадено ништо осумнаесет дена. Тогаш му ги откриле неговите тешки синџири и предиво, направено од бакарна жица - од кое целото тело му било во рани.

Постелата му била изработена од корави дабови гранки и по нив често се забележувале траги од крв. Обувки не носел ни зиме ни лете. Единствена облека му била долгата риза од домашно ленено платно и врз неа облека од бела тенка ткаенина.

Среде тие безмерни подвизи бил напаѓан од страшни напади на ѓаволската сила. Нечистите духови се претворале во грабливи ѕверови и мачки, понекогаш во страшни змии, виснати на влезот од пештерата со зината челуст.

Во една темна ноќ свештеникот на селото Головинштина, отец Трофим, го посетил Илаирон. Но, тој морал да појде во селото за оган, па пред да тргне го предупредил гостинот да не пушта никого без Исусовата молитва. Домаќинот тргнал, а гостинот останал сам, обземен од страв.

Одеднаш на вратата се слушнало брзо тропање. Свештеникот со радост станал да отвори, мислејќи дека Иларион се вратил, но се сетил на зборовите и рекол:

„Кажи ја молитвата“.

Оној однадвор рекол:

„Отворај“.

Свештеникот возвратил:

„Нема да те пуштам без молитвата“.

Тогаш зад вратата се кренала бесна врева. Свештеникот ја прекрстил вратата со молитвата и се слушнало страшно кикотење и ракоплескање, после што сѐ стивнало. Иларион го затекнал свештеникот преплашен.

Во меѓувреме гласините за подвижникот, колку и да се криеле, започнале да се шират. Кај него започнале да доаѓаат најразлични луѓе, сиромашни и богати, барајќи утеха во жалостите, совети при несреќите и молитви.

Ги примал сите, го земал тоа што го давале богатите и го давал на бедните, па дури и самиот барал од богатите со цел да им помогне на неимотните.

Но, метежот многу му пречел. За никој да не го попречува во молитвеното размислување, од време на време ја напуштал пештерата за да се скрие, навлегувал во горскиот честак и поминувал по два дена без сон и без храна. Една зима, за време на такво отсуство, дупката му замрзнала од студот. Тој ја затоплил и за малку ќе умрел од чадот во неа. Но, при паѓањето во несвест удрил со главата во вратата, таа се отворила и свежиот воздух го освестил.

А гласините за него сѐ повеќе се ширеле, Кај него останале тројца луѓе, кои сакале да ги споделат неговите подвизи. Но, кај нив немало вода и тие напразно копале. По долгата молитва за вода, Иларион заспал. Кога се разбудил до себе видел прекрасен даб со цветови, кој пред тоа не бил таму. Започнал да копа и бликнал извор со чиста вода. Водата била целебна за верните.

За точно да го распореди времето за извршување на молитвеното правило, Иларион имал петел, по чие што пеење дознавал колку е часот.

Предавајќи ѝ се на осамената молитва, пустиникот не се лишувал од присуството на светата Литургија во храмот на селото Головинштина. Еднаш доцна ноќе се враќал од селото. Имало страшна виулица. Скршнал од патот. Бос, со тенката ленена наметка, борејќи се со ветрот, тој останал без сили, се онесвестил и паднал во снегот, но Господ не дозволил да загине. По него патувал еден селанец, кој го препознал отшелникот по облеката, го качил на шејната и го однел во селото. Смрзнатиот лежел повеќе од еден час во шејната, зашто се плашеле да го внесат мртвото тело во куќата. Најпосле го внеле, без признаци на живот, и одвај по еден час го освестиле. Тој со слабо гласче го замолил свештеникот да отслужи молебен на Божјата Мајка Исцелителка и кога по молебенот свештеникот му го допрел крстот до усните, со почит го бакнал и откако му се поклонил на свештеникот си заминал од куќата и покрај постоечката виулица.

Следното утро го виделе потполно здрав во црквата.

Напролет намислил да си изгради кула од тули, со дупка, и да го помине остатокот од својот живот во беспримерен затвор, свиткан на колена.

Но, Бог не му дозволил да ја оствари својата замисла за спасение на столб. Му биле одредени други тешки искушенија.

Постојаниот наплив од посетители го привлекувале вниманието на полицијата кон отшелникот и тој морал често да ја напушта својата осаменост. Тогаш одел во Елец, во Киев или во Задонск.

Во Елец подвижникот требало да поднесе многу искушенија. Еден протојереј го обвинил дека го благословува народот со свештеничкиот знак, но во практика отец Иларион ги прекрстувал со крстот мирјаните и при тоа понекогаш му бакнувале рака, Еднаш, за време на читањето на Дванаесетте Евангелија, некои луѓе, не од обичниот народ, зборувале толку гласно што тој им направил забелешка. Тие се пожалиле за тоа кај градоначалникот и тој го ставил во затвор. Го пуштил дури во среда, во Светлата Седмица, и тоа само поради тоа што самиот се разболел тешко, и се плашел повеќе да го држи затворен.

Еднаш на одење од Киев кон Коренна пустина, крај Курск, старецот тешко се разболел. На предлог на игуменот, кој добро го познавал, тајно бил пострижан за монах, оставајќи го своето претходно име. Но, оздравел и се вратил во својата пештера. Кон пештерата повторно се упатиле мноштво луѓе за поуки, молитви и исцеленија, а отшелникот постојано бил погодуван од различни жалости.

Сопственикот на областа, на чија што земја се наоѓале пештерите на отец Иларион, немал симпатии кон подвижникот. Мислел дека селаните одат во пештерата да се жалат од тешкотиите на својот тежок живот и одлучил да го натепа и да го исели. Но, се случило нешто друго. Тој цел ден талкал со своите служители по познатите полиња и не можел да стигне до пештерата. Кога се вратил доцна во ноќта, сонил страшен сон, кој потоа се исполнил над него и неговото семејство.

Наскоро по настанот со земјопоседникот, на адреса на отец Иларион била испратена збунувачка клевета дека божем во пештерата води неуреден и неморален живот. Како последица на таа клевета подвижникот бил вратен во Петропавловската пустина крај Раненбург, за да поднесе во неа шестмесечна епитимија. А кога одреденото време истекло, повеќе не можел да се врати во пештерите, веќе ги немало а здравјето му било сериозно нарушено.

Отец Иларион продолжувал да оди зиме и лете со ленена наметка и без чевли, но за закрепнување започнал да употребува чај и бел леб. Од шесте години живот во влажните пештери, започнале страдања од главоболки и болки во половината и по целото тело. Сега тој се населил во селото Каликин, но таму останал само два месеци. Од таму се преселил накратко во црковната доградба во село Головинштина. Во тоа време се случило така што суша се заканувала со целосно уништување на реколтата на соседниот земјопоседник од село Карповка, кнезот Долгоруков. Тој писмено го замолил за молитва отец Иларион. Истиот ден обилен дожд се излеал над неговите посеви. Благодарниот кнез му предложил на отецот да се премести кај него во чифлигот, каде што го примиле необично радосно. Лично кнегињата го послала подот на ќелијата подготвена за него.

Кога во 1812 година околните земјопоседници дознале за завземањето на Москва, сакале да ги напуштат своите имоти, но старецот ги убедувал да останат каде што се и да се молат. При тоа рекол: „Дури и да ја зазел Москва, во селото нема да дојде“.

Зборовите на старецот се исполниле. Наскоро руското оружје го смирило надмениот и неканет гостин на древниот руски главен град.

Во 1817 година отец Иларион се запознал со јуродивиот Јован, кој подоцна станал затвореник Сезеновски. Јован бил доведен од една благочестива жена кај кметот на селото Сезеново, кнез Несвицки, кој предвремено бил известен на сон за неговото пристигнување. Отец Иларион се грижел за Јован, но исто така и го подложувал на испити, кои што тој смирено ги поднесувал. Така, во ќелијата што ја изградил кнез Несвицки од дрвен материјал за затвореникот, Јован поставил икони во вид на иконостас и го разделил со решетка од останатиот дел на ќелијата. Отец Иларион го испратил својот ќелијник, со заповед да ја растури решетката, при што Јован гледал спокојно како ќелијникот ја извршува наредбата.

Друг пат истиот ќелијник бил испратен од отец Иларион кај Јован со следното предупредување:

„Наскоро ќе те посети искушение. За време на молитвата во ќелијата ќе се појави ветрушка. Кандилата пред светите икони ќе се занишаат и ќе згаснат, но ти стој цврсто и верувај дека Господ нема да ти прати искушение што ги надминува твоите сили. Потоа кандилцата ќе се запалат сами од себе. Но, ти не ги оставај така, туку изгаси ги. Потоа земи оган од печката и со молитвата повторно запали ги“.

Сето тоа се случило. Отец Иларион го заштитил затвореникот и од стравот и од измамата.

Во меѓувреме, иако здравјето сѐ повеќе му се влошувало, отец Иларион не го оставил својот тежок живот. Како и порано, и зиме и лете, одел со лесна облека и без обувки. Кога за време на големите студови доаѓал бос на црква и застанувал неподвижен на железниот под, околу неговите нозе се забележувала локвичка вода од растопениот снег и лед.

Кога кнезот Долгоруков починал, домашните слуги се обиделе да го избркаат отец Иларион. Тие му доставиле на младиот кнез, кој живеел постојано во Москва, дека издршката на подвижникот само за храна изнесува осумстотини рубљи годишно. Кнезот дошол специјално да ја иследи таа клевета и откако се убедил во нејзината неправедност, заповедал на секој начин да му помагаат на отецот. Но, по заминувањето на кнезот слугите започнале да се однесуваат уште полошо со него.

Преку зимата не му ја палеле печката во ќелијата по неколку дена или пак ја презатоплувале. Не му давале храна. Еднаш поради небрежност избувнал пожар и морало отец Иларион да го гаси сам, без ничија помош. На крајот, во 1819 година, тој го замолил почитуваното семејство Суханови да му помогне да се пресели во селото Количево. Но и таму морал неколку пати да го промени своето место на живеење.

Едно рано утро, во почетокот на ноември 1824 година, тој се преместил од Количево во Троекурово, во изградената специјално за него ќелија од земјопоседничката Раевски, која се состоела од три соби, украсени со свети икони и снабдени со сѐ неопходно.

Кога се преместил во Троекурово, отец Иларион имал педесет години. Таму ги поминал последните дваесет и девет години од својот живот.

Таму отец Иларион, за да ги одбегне секојдневните недоразбирања со полицијата, се приклучил во еснафското друштво на град Лебедјана, а еден трговец ја зел одговорноста секоја година да ги плаќа за него сите даноци и такси.

Собичката во која што бил сместен била наместена со мало аголно креветче и легленце со душек и две мали пернички, покриени со бел чаршав. Студот, со којшто порано подвижникот го смирувал телото, сега станал сосем неподнослив за него. Прозорците на ќелијата биле двојни и таа секогаш била добро загреана. Често и покрај топлината, а понекогаш дури и преку летото тој бил со чизми. Но и тогаш постојано бил загрижен. Кога излегол еднаш во еден убав пролетен ден во градинката на сонце, брзо се вратил и му рекол на ќелијникот:

„Убаво е, многу е убаво, можно е уште да ми се присака“.

Надворешниот изглед на отец Иларион на прв поглед бил поразувачки од неговата духовна убавина. Бил со среден раст, имал вдлабнати гради, правилни и фини црти на лицето, темносини очи и лесно грбав нос. Истоштеното од постот лице му било доста слабо и провидно, со извонредна белина. Усните често му биле озарувани со светла насмевка. Косата му била сребреста, долга, имал долгнавеста брада.

Еве што се раскажува во еден спомен за старецот:

„Изгледаше како Ангел Божји. Беше невозможно дури и да се помисли дека Господ им дал на земјата таква убавина на Своите слуги. Тој беше веќе на осумдесет години, а изгледаше како во раната младост и со убавина која ретко се среќава. Кога го гледаш, неволно ти доаѓа на ум: Прекрасен е Бог во Светците Свои.

Шест години пред својата смрт отец Иларион ослепел, но пред својот крај на чудесен начин прогледал.

Во Троекурово успеал да ја исполни тешката мера - останал затвореник, макар народот да имал достап до него и самиот тој да одел на црква.

На негова молба во храмот започнале секојдневно да се извршуваат богослуженија. Тој лично давал сѐ што е неопходно за Литургијата.

Неговото утринско ќелијно правило траело од еден часот по полноќ па сѐ до пладне и било прекинувано од раната Литургија. Тоа било непрестајно полуденоноќно молење. А вечерното правило траело од третиот до деветиот час. Во тој час се затворал во својата соба. За неговото ноќно бдение нема сведоштва, само му велел на својот ќелијник:

„Монахот треба да спие многу малку, во никој случај повеќе од четири часа од деноноќието и тоа по тешки телесни трудови“.

За време на Литургијата секогаш стоел во олтарот и се причестувал на секој од дванаесетте големи Господски и Богородични празници.

Во слободното време старецот читал духовни книги, а понекогаш примал посетители. По завршувањето на утринското правило, два пати седмично, во недела и четврток имало трпеза. Надвор од постот приготвувале риба и супа од јуфки и тој земал сосем малку од јадењата. Од топлата храна каснувал не повеќе од три лажици. Во останатите денови немало трпеза. Тој јадел по парче антидор и пиел по една чашка кафе. А за време на Великиот Пост, за чистотата на гласот, тој откако ќе ги исчитал правилата на глас, наместо храна пиел по една чаша конопен сок.

Бројот на посетителите на отец Иларион во Троекурово бил огромен. При влегувањето на секој од нив тој правел пред иконите три земни поклони и го осенувал оној што влегува со крстниот знак. На малкумина од посетителите им предлагал да седнат на малото тросетче, а самиот седел на столот, но најчесто ги примал стоејќи. Луѓето се сеќавале на зборовите на старецот со кои ги поздравувал кога влегувале во неговата тивка ќелија: „Да направиме три поклони, да се помолиме на Небесната Царица“. Зборувал едноставно, кратко, и често во приказни, понекогаш на усните му се појавувала насмевка. Старецот малкумина примал лично, најчесто им ги предавал советите и поуките преку своите ќелијници. За време на правилото не примал никого, освен во вонредни состојби. Понекогаш одбивал да прима достојни луѓе и веднаш потоа примал растроен човек. Старецот тоа го објаснувал вака:

„Првите одат по добар пат. Ним не им е неопходен раководител, а на тие несреќници им е неопходна неодложна духовна помош“.

Понекогаш знаел кој од каде и зошто е дојден и, гледајќи ги луѓето за прв пат, им се обраќал по име. Понекогаш посетите биле пропратени со потресни околности. Покрај отец Иларион на човека му олеснувало - доаѓале кај него притиснати од тешко бреме, а си заминувале со леснотија, како птици со крилја.

Надворешната дејност на отецот се изразувала преку добротворни организации, исцеленија, добри поуки и совети на оние што доаѓале кај него.

Иако самиот бил како сиромав и странец, неговите почитувачи му носеле многу пари, кои што ги раздавал. Еден земјопоседник му донел пет илјади рубли. Друг, чувствувајќи ја својата блиска смрт, го замолил да прими од него сто илјади рубли, за да ги раздаде по неговото заминување, но старецот го посоветувал да ги предаде на затвореникот Јован Сезеновски, за градба на храм.

Отец Иларион многу сакал да дарува средства за украсување и градење на храмови, црковни камбани, опкови и поттикнувал многумина кон такви даренија. А сите пари што му ги оставале, ги раздавал на бедните. Освен за лицата кои добивале постојана издршка, даруваните од него средства оделе за трпеза за странците, а бедните добивале храна и за пат.

Јачината на советите на отец Иларион особено се пројавила јасно врз А. М. Гренков, идниот голем старец Амвросиј. Во 1839 година тој како професор во Липецкото духовно училиште почувствувал потреба да го напушти светот и отишол за благослов кај отец Иларион. Тој му рекол:

„Оди директно во Оптина“.

Во ќелијата на преподобниот Амвросиј секогаш висел портрет на отец Иларион.

Многу често советите на отец Иларион навреме ги заштитувале луѓето од несреќите што им се заканувале. Понекогаш испраќал на некого совет побрзо да се исповеда и да се причести со Светите Тајни, а потоа се гледало дека тие луѓе биле на прагот на смртта и без негово предупредување би умреле без покајание.

Наближиле последните години од животот на старецот. Три години пред својот крај повеќе не можел да оди на црква, а уште поретко разговарал со посетителите. Но, на никого не одбивал да даде одговор преку својот ќелијник.

Од суровиот пост стомакот му станал речиси непогоден да прима храна, така што му приготвувале јадење еднаш месечно. Шест седмици пред смртта, тој толку западнал што не можел да станува од тросетчето и не јадел ништо, дури ни просфори. Единствено голтал по малку вода од кладенецот, ископан од него некогаш во Головиштинскиот Волвурски ковчег. По молитвите на старецот за смртта да му биде претскажана со видлив знак, шест седмици пред смртта му поцрнел палецот на левата нога. Чувствувајќи ја близината на својот крај, отец Иларион брзал околу завршувањето на црквата во село Губино, за која што многу се радувал, и многу мислел и се молел за идното основање и уредување на Троекуровската општина.

На 5 ноември 1853 година, на полноќ, на 89 годишна возраст, старец Иларион тивко починал. Телото му било изложено пет дена. Бројот на луѓето, собрани за погребението бил над десет илјади души. Сите луѓе сведочеле дека преку целото време ќелијата на починатиот и храмот биле исполнети со неземно ухание, кој излегувало од ковчегот на старецот.

Од духовните поуки на старец Иларион

Во христијанскиот живот е забранета секоја пристрасност. Кон сите треба да се однесуваме непристрасно, да не се задоволуваме со удобна облека и да не се откажуваме, ако е неопходно, и од грубата, да не се презаситуваме со вкусна храна и да не се жалиме од лошата храна. Во сѐ имајте умерено воздржание, зашто ништо друго освен делата не ќе нѐ постави пред Бога, - само нашите дела или ќе нѐ оправдаат или ќе нѐ обвинат и осудат на вечна мака.

***

Ах, мајко! Оној што сака да си ја спаси душата треба да биде многу внимателен во сѐ. А вие, како што изгледа, уште тука се жалите од голем недостиг. Но, како сакате да владеете безбедно со Божјите богатства, во состојба кога поради вашата несовесност често ги трошите за богопротивни дела? Верувајте, сѐ додека не станете внимателна и строга кон самата себе, сѐ дотогаш нема да ја одбегнете сиромаштијата и совпаѓањето на околностите. А веднаш штом ќе станете разумна и достојна за тоа, Господ ќе ви го довери Своето богатство за секој добар напор, така што ќе ви ги отвори сите земни благајни и вие, според зборовите на Апостолот, ќе бидете бедна, а сите ќе ги збогатите (сп.2 Кор. 6,10).

***

Ве молам, мајко, воздржувајте се од долгови. Живејте онака како што ве упатува Господ. Не надминувајте ги своите способности. На смирените Бог им дава благодат. Живејте оскудно, поминете ги сите патишта кон спасението и не споредувајте се насилно со синовите на овој свет. Оној што ќе претрпи до крај ќе се спаси.

***

 Уште од своето раѓање човекот има тројца непријатели: телото, светот и ѓаволот, со кои што треба постојано да се бори преку целиот свој живот, за да не се лиши од Небесното Царство. И затоа, ако верувате во идниот живот, вечните маки и Небесното Царство, со сите сили треба да се спротивставите на похотата на очите и гордоста житејска.

***

Ве советувам навремено да ги читате секој ден утринските и вечерните молитви, акатистот на Спасителот и на Божјата Мајка, канонот на Ангелот пазител и барем по неколку псалми од Псалтирот. Тоа правило ќе ви го разгорува срцето кон Бога и ќе го оддалечува од светските суети.

***

 Никогаш не останувајте безработни. Занимавајте се со ракоделие, кое одговара на вашата должност, со Исусовата молитва на устата, или, кога ќе го оставите ракоделието земете книга, која ги поттикнува срцето и умот кон благочестие. Со еден збор, не губете ниту миг од животот, туку користете го секој миг за благоугодување на Бога. Верувајте ми, ако проникнете добро во сѐ што е неопходно да го извршува секој христијанин за да го добие Небесното Царство, тогаш и самата нема да сакаш напразно да си го губиш времето. Зашто, колку и да се подвизуваш со добар подвиг, сето тоа е ништо во споредба со идната вечност и би ви било тешко, ако се видите на свадбата на Јагнето со згаснат светилник, поради недостиг на елеј од добри дела. Кога започнувате борба со вашите непријатели, барајте помош од Архистратиг Михаил, вечниот победник на ѓаволот.

***

Чувајте се од унинието. Тоа е смртен грев и нема да ја олесни жалоста туку само ќе додаде жал кон жалоста, зашто Господ се разгневува и ќе го одврати лицето Свое од вас. И кој ќе ве утеши тогаш? Молете се на Господа и Бог ќе ја отфрли жалоста ваша и ќе ви даде според срцето ваше.

***

За оние што веруваат, Господ може и сега да јави чудеса. И така, ве советувам да ја оставите надежта во среброто и да се предадете на Божјата волја.

***

Каде што Бог сака, таму се менуваат законите на природата, но инструмент за тоа треба да биде здравата вера и несомнената надеж. И тогаш, колкава е верата толку Божји благодејствија ќе има. И така, ако можете да имате вера колку синапово зрно, доверете го уредувањето на своите дела на Божјата Промисла. Зашто Бог ќе се погрижи за вас и без било какви грижи од ваша страна ќе уреди сѐ на добро.

***

Ако нѐ снајдат несреќи, нема друга утеха и нема друго прибежиште од Премилостивата Царица. Таа е Радост на сите нажалени, Застапничка на навредените, Хранителка на гладните, Утеха на странците, Пристаниште на брануваните од бура, Посета на болните, Покров и Застапничка на немоќните.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ: ПАТРОВ, ЕРМ, ЛИН, ГАЈ и ФИЛОЛОГ

Овие светители беа од Седумдесетмината Апостоли. Патров бил епископ во Неапол (Рм. 16, 14); Ерм во Филипопол (Рм. 16, 14); Лин во Рим (2 Тм. 4, 21); Гај во Ефес (Рм. 16, 23); Филолог во Синоп (Рм. 16, 15). Сите тие со љубов го исполнија законот Христов, многу страдаа за Евангелието и се преселија во Царството Христово.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ ИСПОВЕДНИК, патријархот Александриски

Свети Григориј од рана младост Го засака Христа и се украси со сите добродетели. Кога александрискиот патријаршиски престол остана празен, свети Григориј по промисла Божја беше поставен од тамошните епископи и христољубивиот народ за патријарх. И тој беше вброен во учителите на Православието и доблесниот живот во Бога. На дело и со збор, тој го учеше народот на секоја доблест, бидејќи беше кроток, смирен, милостив, целомудрен, татко на сирачињата, заштитник на вдовиците, наставник на заблудените, лекар на болните, утешител на ожалостените. Но, ѓаволот го натера царот Лав иконоборец, та тој нареди свети Григориј окован во синџири да го доведат од Александрија во Цариград. Изведен пред целиот Сенат, го нарекоа еретик, безбожник и нечесник. Царот тиранин нареди, та светителот го тепаа со воловски жили. Тепан, тој Му благодареше на Бога и им говореше на присутните:

- За Христа, мојот Бог, и за светите Икони, подготвен сум да ми биде искинато на парчиња целото тело.

Кога го слушна тоа, беззакониот цар нареди светителот да го испратат на заточение. Блажениот исповедник помина во заточение три години, па ја предаде својата душа во рацете Божји, од Кого го доби венецот на исповедништвото.

ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОНА, архиепископот Новгородски

Свети Јона, со световно име Јован, е роден кон крајот на четиринаесеттиот век. Во својата седма година остана сираче. По промисла Божја беше земен кај една благочестива вдовица Наталија Медоварцева, која мајчински се грижеше за слабото дете. Го даде да изучи книга. Плашлив и повлечен, тој ги одбегнуваше детските игри и многу внимателно учеше. Брзо напредуваше во учењето и доброто однесување, и сѐ повеќе ја добиваше љубовта на својата помајка. Еднаш врсниците Јованови играа на улицата, а тој ги набљудуваше. Притоа се појави еден човек, дотогаш непознат во Новгород.

Тоа бил свети Михаил Клопски, јуродив заради Христа. Децата се собраа околу него и радознало го набљудуваа. Но свети Михаил, провидувајќи ја иднината на блаженото момче Јован, му пријде и пророчки му рече:

- Иване, учи долично, зашто ќе бидеш архиепископ во Велики Новгород.

И го прегрна Јована, го бакна и замина. Тоа пророштво се исполни по педесет години, четири години по блажената смрт на свети Михаил Јуродив.

Кога стана полнолетен, во него созреа желбата целосно да Му се посвети на Господа, да се замонаши. На педесетина километри од Новгород, во огромната шума далеку од секоја населба, се наоѓал осамениот манастир Отњаја. Блажениот Јован отиде во тој манастир и архимандритот Харитон со љубов го прими и го замонаши со името Јона. Тука започна да води строг и суров живот, полн со големи монашки подвизи. Неговите подвизи кај браќата предизвикуваа восхитување. А кога архимандритот се претстави, браќата еднодушно го избраа блажениот Јона за свој игумен.

На новата должност блажениот се истакна како мудар управник, вистински пастир, кроток раководител и искусен наставник. Гласот за неговите трудови и подвизи брзо се пронесе по Велики Новгород. Многумина од градот и околните места започнаа да доаѓаат кај него за поуки, молитви и благослов. А исто така и многу народ започна да дава прилози за манастирот. Бројот на монасите се зголеми и сите според своите сили го подржуваа својот свет игумен.

Во 1458 година се упокои Новгородскиот архиепископ Ефтимиј. Сакан и почитуван, овој доблесен ерарх беше оплакан од сиот народ и чесно погребен. На неговото место со едногласна желба беше избран и поставен блажениот Јона. За Новгородски архиепископ го посвети серускиот митрополит свети Јона. Украсен со сите доблести, новиот архиепископ беше полн со љубов кон својата паства. Како праведниот Јов, тој беше око на слепите, нозе на хромите, татко на сиротите, заштитник на сиромашните и сите сакаа да го видат, да му се поклонат, да се поучат од него, Сите, па дури и самите големи кнезови Московски.

Светиот архиепископ изградил многу храмови, а огромен број и украсил. Ја изградил црквата на свети Сергиј Радонежски, исто така и на светите Големи ерарси, на свети Јован Претеча, ја обновил црквата на светиот великомаченик Димитриј, подигнал црква на свети Симеон Богопримец. Многу допринел за основањето на Соловецскиот манастир.

По многуте свети архипастирски трудови и подвизи, светителот Новгородски почувствува дека му се ближи крајот и напиша заветување да биде погребен во својот манастир Отњаја. Откако се причести со Светите Тајни, тој мирно отиде кај Господа, на 5 ноември 1470 година. Новгородската паства со долична чест го погреба телото на својот сакан пастир, наставник и заштитник, и тоа пред црквата на свети Јован Претеча, во манастирот Отњаја, во гробницата која што самиот си ја беше подготвил.

По сто години чесните мошти на светиот архиепископ се покажаа нетлени и чудотворни. Од неговиот гроб течеше река од чудеса. Секој што со вера пристапувал кај ковчегот на свети Јона, оздравувал од каква болест и да боледувал.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ДОМНИНА и оние со неа

Многу мачена, света Домнина се упокоила за Христа во оган, во 307 година во Палестина.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ТИМОТЕЈ, ТЕОФИЛ и ТЕОТИМ

Овие прекрасни момчиња пострадаа за Христа Господа усмртени со шлаканици, во времето на царот Максимијан и УрбаН, кнезот на Палестина.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДОРОТЕЈ ПРЕЗВИТЕРОТ

Овој свет маченик пострада за Господа Христа растргнат од ѕверови, во времето на царот Максимијан и кнезот Урбан.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ЕВПСИХИЈ ни КАРТЕРИЈ

На мачениците Евпсихиј и Картериј им беа отсечени половите органи. Така пострадаа за Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СИЛВАН

Пострада за Господа Христа фрлен во рудник за сребро.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАМФИЛ

Овој свет маченик два пати бил прободен во градите, па поа фрлен во темница, каде што се упокои за Господа Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: КАСТОР и АГАТАНГЕЛ

Пострадаа за Господа Христа, и тоа Кастор во оган а Агатанл посечен со меч. Според некои Кастор бил епископ, а каде и како острадал како свештеномаченик не знаеме.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ДОМЕНТИЈАН