19. Ноември (6. Ноември)
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ПАВЛЕ ИСПОВЕДНИК,
патријархот Цариградски
За време на царувањето на Константиновиот син Констанциј, против православните христијани кренаа гонење аријанците, чии приврзаник беше и самиот цар, исто така опрелестен од нивната ерес. Тогаш во Црквата настанаа големи бранувања и нереди, и столбовите на кои што се потпираше беа во сосем мал број. Свети Атанасиј, архиепископот Александриски, тој голем заштитник на Православието, беше прогонет од својот престол, а свети Александар, патријархот Цариградски веќе се беше упокоил. Кога блажениот патријарх Александар лежеше на смртната постела, тажните верни го прашуваа на кого ги остава и кој им го дава за пастир, кој би одел по неговите стапки и мудро би управувал со Црквата Христова. Болниот патријарх им ги посочи блажениот Павле, родум од Солун, презвитер по чин, за кого овде станува збор, и ѓаконот Македониј. При тоа рече:
- Ако сакате да имате пастир, кој ќе ве учи и ќе ве опсипува со доблестите, одберете го Павле. Ако пак сакате да имате само убав и надворешно украсен човек, изберете го Македониј.
Откако го рече тоа незаборавниот патријарх Александар премина кај Господа. На соборот при расправата за изборот на патријархот настана спор меѓу православните и аријанците, кои беа помногубројни. Православните го сакаа Павле, а аријанците Македониј. Сепак, православните успеаја и за патријарх беше избран свети Павле во црквата на света Ирина и поставен на патријаршискиот престол. Така тој започна мудро да го пасе своето доверено стадо, За време на изборот и хиротонијата на свети Павле, царот Констанциј беше во Антиохија и сето тоа се заврши без него. Поради тоа не му беше наклонет на новиот патријарх. Кога се врати започна отворено да го изразува своето незадоволство што стапил на патријаршискиот престол без негова волја. Наговорен од аријанците, царот свика собор, на кој неправедно го симна од престолот свети Павле, невиниот, и чист по срце, многу корисен за Црквата Христова, зашто со својата мудрост и живот беше светлина за светот и блескаше во Црквата како утринска ѕвезда среде облаци. На негово место го постави Евсевиј Никомидиски, па повторно замина за Антиохија. Но, еретикот Евсевиј започна да ја смутува Црквата со своите еретички учења и со сите сили да се труди од „Символот на верата“ да ги исфрли зборовите: „Роден, а не створен, Единосуштен со Отецот“, бидејќи тој не признаваше дека Синот Божји е Бог и во сѐ рамен на Бога Отца.
Меѓутоа, блажениот Павле по симнувањето од престолот отиде во Рим, зашто во тоа време Римската црква беше православна и папата ја држеше Православната Вера. Во Рим го затекна свети Атанасиј Велики и многу други епископи протерани од Евсевиј и живееше заедно со нив. Но, за и во Рим да не им даде мир на Атанасиј и Павле, Евсевиј упати многу клевети против нив, во послание до римскиот папа Јулиј. Папата не им придаде никаква важност на неговите зборови, полни со клевета против невините слуги Божји и ги посоветува Атанасиј и Павле и останатите епископи да се вратат на своите престоли. При тоа, укажувајќи им подршка, им напиша на источните епископи со љубов да ги примат и да не ги попречуваат во завземањето на своите поранешни престоли.
Така епископите се вратија во своите црква и им го испратија посланието на симнувачите. Кога непријателите на Православието го примија тоа послание, на сите можни начини се трудеа да ја прикријат лагата и намислија да свикаат собор во Антиохија и на Јулијан и останатите да им одговарат со посебно послание. Меѓутоа Евсевиј набрзо умре и не го дочека соборот. Православните од Цариград радосно го примија блажениот Павле на патријаршискиот престол, а аријанците се собраа во друг храм и си го избраа за епископ Македониј, кој премина на нивна страна. Тогаш настана голем метеж во Цариград и во расправиите меѓу спротивставените страни многумина настрадаа и изгинаа. Гласот за тоа допре до царот Констанциј, кој беше во Антиохија. Тој го испрати во Цариград војводата Ермоген со војска, наредувајќи му Павле да го отстрани од Цариградската црква. Ермоген започна да го присилува народот да го протера невиниот патријарх и со тоа предизвика голем метеж во градот. Народот силно му се спротивстави. Ермоген дури сакаше да употреби воена сила, но разјарената маса се нафрли на неговата куќа, ја запали, го извлече надвор и го уби.
Кога слушна за убиството на војводата Ермоген, царот Констанциј веднаш дојде во Цариград, го симна блажениот Павле од патријаршискиот престол, го протера од престолнината, и страотно разлутен на жителите што го примија без негова волја и што поради него кренаа буна и го убија Ермоген, му ги одзеде на градот половина од благодетите, дарувани од неговиот благочестив татко Константин Велики. Осум илјади лебови, кои дневно биле издавани од царските житници за градските сиромашни, тој ги сведе на четири илјади. Потоа го потврди за патријарх Македониј и пак се врати во Антиохија.
Блажениот Павле отиде во западните земји и благочестивиот римски папа Јулиј и римскиот цар Констант ги извести за сѐ. Тие му напишаа послание на Констанциј, со убедување да го прими Павле на патријаршискиот престол како православен. Блажениот Павле отиде во Цариград, каде православните радосно го примија, посланието го испрати по еден знаменит велможа во Антиохија кај царот, но тој го сфати тоа како прекор и не му придаде никаква важност. Напротив, уште повеќе се разлути на блажениот Павле што без негова согласност повторно се враќа на архиерејскиот престол. И веднаш му испрати наредба на епархот Филип да го симне Павле од престолот и да го протера, а да го врати Македониј. Сепак, епархот Филип се плашеше од народниот бунт, за да не го снајде истото како Ермоген и намисли тајно да го отстрани Павле од престолот. Без никому да каже за царската наредба, еден ден дојде во дворецот на морскиот брег Зевксип, во кој се собирал народниот данок. Под изговор дека е дојден да го прими данокот, Филип му испрати на блажениот Павле љубезен и почесен повик, да дојде на таен разговор со него по повод некоја народна работа. Без ништо да насети, свети Павле се одзва на повикот. Од страв од многубројниот народ, кој дојде во придружба на светиот патријарх, епархот Филип јавно не му стори ништо, туку го фати за рака и разговарајќи со него го внесе во внатрешните одаи од дворецот. Таму нареди да ја отворат задната врата кон морето, го извади светителот надвор, му ја соопшти царската наредба, го качи на коработ подготвен за тоа и така го испрати во прогонство, со сите мерки на претпазливост. Му беше наредено на светиот да живее во својот крај, во градот Солун, со право да престојува и во блиските градови, но никако да ги посетува источните покраини.
Откако така го испрати блажениот во прогонство, епархот тргна од споменатиот дворец кон црквата, седејќи во колата со Македониј, пратен од многу вооружени војници. Гласот за тоа брзо стигна до народот, и големо возбудување ги зафати жителите на Цариград, и сите итаа кон црквите, и православни и аријанци, трудејќи се едни со други да се претекнат и да завземат место внатре. Кога епархот стигна близу црквата заедно со Македониј слезе од колата, бидејќи од метежот таа не можеше да продолжи понатаму. Војниците насилно го притискаа народот, но не можеше никако да се отстапи назад, па мислејќи дека луѓето намерно се спротивставуваат, започнаа со оружје да го расчистуваат патот пред епархот и Македониј. Во тој метеж загинаа три илјади сто и педесет луѓе, едни убиени од војниците, а други задушени од силниот притисок. И сето тоа заради злочестивиот Македониј, кој и на патријаршискиот престол седна по желба на царот и насилството на војската, спротивно на црковните закони. Такво насилство и страшен колеж ѝ приредија на Светата Црква беззаконите аријанци. Во спомен на божемно настанатиот црковен мир, царот Констанциј изгради голема црква во име на света Софија (Премудрост Божја) и ја огради со заедничка ограда со црквата на света Ирина (не маченичка Ирина, туку мирот Христов), изградена од Константин Велики.
Блажениот Павле поживеа некое време во Солун, па отиде во Коринт, а оттаму во Рим. Таму повторно го најде свети Атанасиј Велики, му ги раскажа сите свои маки и двајцата го известија за својата несреќа царот Констант, кој многу се разлути на брата си и му напиша да испрати од Исток тројца епископи, кои се должни да му дадат образложение за симнувањето и прогонството на Атанасиј и Павле, и да донесат писмено излагање на верата. Кога го доби од брата си ваквото послание, царот Констанциј, кој сѐ уште беше во Антиохија, се исплаши и му испрати четири епископи: Наркис Киликиски, Теодор Тракиски, Мариј Халкидонски и Марко Сириски. Кога дојдоа во Рим кај царот, тие не смееја да стапат во разговор и расправа со Атанасиј и Павле, ја прикрија и својата еретичка вера што ја изложија во Антиохија, а составија друго исповедање на верата и му го предадоа на царот. Тоа исповедање гласело вака: „Верувам во Едниот Бог Отец, Седржител, Творец и Создател на сѐ, со Кој сѐ настана на небото и на земјата, и во Неговиот Единороден Син Господ наш Исус Христос, пред сите векови од Оца родениот, Бога од Бога, Светлина од Светлината, преку Кого сѐ станало што е на небото и на земјата, видливо и невидливо, Слово и Премудрост, и Сила, и Живот и Светлина вистинска, Кој во последните денови заради нас се вочовечил и родил од Света Дева, и бил распнат и умрел, и бил погребан, и воскреснал од мртвите во третиот ден, и се вознесол на небото, и седи од десната страна на Отца, и Кој на крајот од векот ќе дојде да им суди на живите и мртвите и на секому да му даде според делата, и Неговото царство нема да престане и ќе трае во бесконечните векови. Веруваме и во Светиот Дух, Кој е утешител, Кој Господ им го вети на Апостолите и им го испрати по Своето вознесение на небото, со Кој се осветуваат душите кои вистински и побожно веруваат во Него. Оние пак кои говорат дека Синот е од друго суштество, а не од Бога Отца, и дека имало време кога Синот не постоел, - таквите не ги прима светата Соборна Апостолска Црква“.
Откако му го предадоа ова излагање на верата на царот и многу други лица, епископите заминаа од Рим. По три години источните епископи повторно се собраа и составија друго изложување на верата и го испратија кај епископите во Италија. Но, тие не го примија поради многуречивоста и развлеченоста, потполно задоволни со исповедањето на верата составено од светите отци на Никејскиот собор. Оттука помеѓу источните и западните цркви настанаа големи несогласувања и недоразбирања, та и двата цара ги свикаа епископите на собор во Сардика, за разгледување на исповедањето на верата и заради конечна одлука за Атанасиј и Павле. На соборот во 343 година дојдоа во Сардика околу сто западни епископи и само седумдесет и шест источни. Заразени од аријанството и плашејќи се да стапат во расправа со знаменитите поборници на Православието Атанасиј и Павле, а заедно со тоа сакајќи и двајцата да ги тргнат од соборот, источните епископи одбија да заседаваат со западните епископи додека не бидат отстранети Атанасиј и Павле. Тогаш Средачкиот епископ Протоген и преподобниот Осија, и сите други со нив им рекоа на источните:
- Ние не се собравме овде само за да расправаме за единосушноста на Синот со Отецот туку и заради Атанасиј и Павле.
Тогаш источните епископи се разделија од западните, ја напуштија Сардика, и на враќање се задржаа во македонскиот град Филипопол. Тука одржаа свој посебен источен собор, на кој одлучија дека не смее да се исповеда дека Синот е единосуштен со Отецот и отворено го предадоа на анатема учењето за единосушноста. Оваа еретичка одлука, тие по пат на послание ја објавија по своите епархии.
Кога за тоа дознаа епископите на светиот Сардикиски собор, најпрвин ги осудија овие еретици за безбожното учење за Синот Божји, потоа ги лишија од чинот клеветниците на Атанасиј и Павле, ја потврдија како потполно правилна верата во Символот на верата, составен во Никеја, и ги предадоа на анатема сите што не исповедаа дека Синот е единосуштен со Отецот. Потоа царот Констант му напиша на брата си Констанциј, молејќи го Атанасиј и Павле да ги врати на нивните епископски престоли. И веднаш го испрати Павле во Цариград, откако му даде како сопатници двајца епископи. Преку нив му испрати писмо на Констанциј, во кое меѓу останатото пишувало:
„Атанасиј сѐ уште се наоѓа кај мене, а Павле го испраќам кај тебе, твојата власт да нареди да го заземе својот престол. Истото го молам и за Атанасиј, зашто дознав дека и двајцата се прогонети заради Православната Вера и се наклеветени“.
Констант додаде во писмото и многу остри зборови:
„Ако не наредиш сѐ да биде така, тогаш лично ќе ти објавам војна и ќе ги вратам Атанасиј и Павле во нивната црква и ќе ги поставам на нивните престоли“.
Кога стигна кај царот Констанциј, свети Павле му го предаде писмото од неговиот брат Констант. Исплашен од заканата, Констанциј го протера Македониј, а блажениот Павле го постави на патријаршискиот престол. Исто така тој со писмо го повика кај себе Атанасиј и го испрати во Александрија на својот престол. И настана голема радост меѓу Православните за нивните пастири и доста време живееја во длабок мир, тешени со боговдахновеното учење на големите учители на целата вселена. Атанасиј во Александрија и Павле во Цариград управуваа со Христовата Црква, просветувајќи го светот во побожноста и бркајќи ја темнината на аријанската ерес.
По долго време војсководецот на царот Констант, Магненциј, со своите завереници го убија својот господар за време на лов. И штом исчезна заштитникот на Православието, благочестивиот римски цар Констант, аријанците веднаш ги кренаа своите глави и започнаа да ги гонат православните. Пред сѐ, тие се кренаа против поборниците на Православието и учителите на вселената Атанасиј и Павле. Тогаш Атанасиј го остави престолот, спасувајќи се од аријанците, кои го барале за да го убијат, а блажениот Павле беше испратен на заточение во Кукуз во Ерменија и таму затворен во засебна куќа. Кога еднаш служеше Божествена Литургија, аријанците го нападнаа и го задавија со омофорот. Така светиот исповедник ја предаде својата душа на Господа.
Тогаш Македониј повторно го зазеде патријаршискиот престол во Цариград и изврши многу зла над Црквата Божја, гонејќи ги и убивајќи ги православните. Имајќи цврста поткрепа од епархот Филип, тој исфрли многу православни епископи и на нивните места постави еретици. Оние што не сакале црковно да општат со нив, тој ги уби, подложувајќи ги на разни мачења. Притоа не ги штедеше ни жените. Со негова наредба на некои им ги сечеле дојките, на други со железо им ги отворале устите и насилно им давале аријанска причест, на трети им ги сечеле носевите и ушите, на некои со оган им ставале жигови... Крвта на православните немилосрдно се проливала. Во тоа време аријанците ги посекоа со меч и двајцата клирици Маркијан и Мартириј, кои беа писари на блажениот Павле и поборници на Православието. Насилништвото на Македониј се прошири и на Пафлагонија. Кога слушна дека таму има многу православни, тој испрати три чети вооружени војници со меч да ги присилат православните на единство со аријанците. Жителите на градот Мантина, кога слушнаа за приближувањето на војската зедоа кој што нашол, секири, коси, стапови и тргнаа во борба. Во битката паднаа многу луѓе од двете страни. Ретко кој се спаси од војниците, а и од граѓаните беа убиени многумина. За ова крвопролевање беше виновник проклетиот еретик Македониј.
Најпосле, без никаква наредба од страна на царот, Македониј се дрзна да ги извади од земјата и да ги пренесе на друго место моштите на светиот цар Константин Велики. Тогаш сета Црква се зали со крв, зашто многумина се спротивставија и настана крвопролевање меѓу православните и аријанците. Поради тоа царот многу се онерасположи кон Македониј и епархот Филип. Со негова наредба Македониј беше исфрлен од патријаршискиот престол, а Филип лишен од функцијата. Но и покрај тоа ереста на Ариј и Македониј продолжи да постои и да врши раздор во Црквата Божја уште четириесет години, сѐ до царувањето на Теодосиј, кој свика во Цариград Вселенски Собор на светите Отци во 381 година, кој конечно ја осуди оваа ерес и го утврди Православието. Веднаш потоа благочестивиот цар со големи почести ги пренесе од Кукуз во Цариград чесните мошти на блажениот Христов исповедник Павле, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ВАРЛААМ ХУТИНСКИ
Преподобниот отец Варлаам се родил во Велики Новгород од благочестиви и благоверни родители. Бил воспитан во стравот Божји и научен на книга. Како момче често читал свети книги. Не ги сакал детските игри и смеи и бил старечки мудар. Од мал го стекнал воздржанието и ги одбегнувал сите вкусни јадења и слатки. Родителите многу тагуваа поради тоа и еднаш му рекоа:
- Чедо, не фрлај нѐ во тага, не измачувај го своето тело со глад, за да не се разболиш и да ни зададеш болка.
А благоразумното момче по обичај со тивок глас им одговори:
- Јас многу Писма прочитав, но никаде не најдов родителите да го советуваат своето чедо како што ме советувате вие мене. Јадењето и пиењето не нѐ носи пред Бога, како што вели свети апостол Павле, туку само постот и молитвата. А сетете се и на тоа колку после Адам, нашиот прародител, имало луѓе, па сите тие изумреа и со правта се помешаа. Не рече ли пророкот: „Човекот е како ништо. Неговите денови минуваат како сенка. Меѓутоа Царството Небесно го добија од Бога оние што со добро живеење Му угодија и кои крвта своја за Христа ја пролија, и кои од љубов кон Него од светот се одрекоа. Затоа тие се славени и величани. Поради тоа и јас со помош Божја сакам според своите сили да се трудам, за да станам заедничар со Нив. Родителите се зачудија од одговорот и го оставија да живее по свое. По кратко време тие се претставија од овој краткотраен живот и блажениот Варлаам чесно ги погреба со долични црковни богослужења. По нивната смрт во неговата душа уште посилно пламна Божествената љубов и имотот од својот татко го раздаде на сиромасите. Така стекнувајќи слобода, тој го напушти светот, најде наставник на живеењето според Бога во монахот Порфириј и од него прими монашки постриг. Посетуваше разни места и бараше каде да изгради манастир. На едно прекрасно место, кај реката Волхова, осветлувано од Божествена светлина, тој се помоли и започна да гради ќелии, каде што сега постои манастир, во кој, живеејќи трудољубиво го умртви своето тело. А неговиот пост и бдеење, кој би ги искажал? Се хранеше од потта на своето лице.
Но ѓаволите, гледајќи се понижени го нападнаа. Се претвораа во змии и разни ѕверови, за да го избркаат оттаму. Светителот ги отфрлаше од себе со крсниот знак. Понекогаш ѓаволите поттикнуваа луѓе да му вршат пакости, за човечките навреди да го натераат да замине, но тоа не им успеа, цврстиот столб не го поколебаа.
Со текот ва времето преподобниот изгради мала црква на Преображението Господово. За своите големи подвизи се прочу на сите страни. И доаѓаа кај него кнезови и велможи и безброј Христољубиви луѓе, за душевна корист. И секој си заминуваше од него задоволен, благодарејќи Му на Бога. Околу него се собраа мноштво монаси, со желба да го поддржуваат неговиот богоугоден живот и живееја заедно со него.
Еднаш за благослов кај него дојде новгородскиот кнез и преподобниот му прорече дека ќе му се роди син. И навистина кнезот доби син и свети Варлаам го крсти. Еден човек негуваше голема љубов кон блажениот отец. Неговиот син единец беше тешко болен и тој го понесе кај преподобниот за да се помоли за него, Но, по пат чедото негово умре. Кога го донесе, преподобниот со својата молитва го воскресна.
Еднаш пред празникот Воскресение Христово, овој свет отец испрати рибари да наловат риби за празникот. По неговите молитви тие фатија многу риби и меѓу нив и една огромна јесетра. Но, поттикнати од ѓаволот неа ја сокрија, а во манастирот ги однесоа останатите риби. Светителот со жезолот во рацете започна да ја разгледува донесената риба и рече:
- Деца, сте донеле ситни риби. А каде е онаа големата?
Запрепастени од таквата проѕорливост на светителот, рибарите паднаа пред неговите нозе, го исповедаа својот грев и ја донесоа сокриената риба.
Еднаш во манастирот настана голема немаштија и светителот се помоли на Бога и Господ им даде сѐ во изобилие.
Кај преподобниот доведуваа и опседнати од нечисти духови. И уште пред да дојдат кај светителот, нечистите духови бегаа од бесомачните. Исто така по неговите свети молитви лепрозни се очистуваа, слепи прогледуваа и најразлични болни, кои со вера доаѓаа, здравје добиваа. Но, покрај тоа тие и многу духовна корист примаа од светиот отец. Неговото слово беше зачинето со духовна сол. Поради тоа сите многу го сакаа и почитуваа.
Најпосле светиот угодник Божји го провиде своето заминување кај Бога, па ги собра браќата и им рече:
- Еве, браќа, се приближи крајот на мојот живот и јас заминувам, а вас ве предавам во рацете Божји. Мојот врсник Антониј нека ви биде наставник.
И така манастирот го предаде на Антониј и му ги довери браќата, говорејќи:
- Тебе со Бога те оставам за градител и управник на овој свет манастир и нашиот Господ Исус Христос нека ве сочува и утврди во љубовта Своја. А јас, иако телесно заминувам, сепак со духот неотстапно ќе бидам со вас.
Откако доволно ги поучи и им го даде својот духовен целив, ги изговори своите последни зборови:
- Господи, во Твоите раце го предавам својот дух.
Така својата света и чесна душа ја предаде во рацете на својот Творец. На неговиот погреб дојде архиепископот Новгородски, а се собраа и многу монаси од сите манастири. Неговото свето тело чесно го погребаа во шестиот ден на месец ноември, со долични благолепија и надгробни песнопеења.
На гробот на свети Варлаам се случуваа многу исцеленија. Се исцелуваа слепи, глувонеми, болни на умирање, најразлични болести, благодарејќи на молитвите на светиот угодник Божји Варлаам, кој сега заедно со ликовите на праведниците стои пред Света Троица, прославувајќи Го Отецот, Синот и Светиот Дух. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЛУКА
Блажениот Лука беше родум од градот Тавроменија на Сицилија. Уште како млад внимателно ги посетуваше црквите Божји и не само што го слушаше словото Божјо, туку и го извршуваше. А кога родителите сакаа да го оженат, тој замина во една непроодна пустина и таму живееше со ѕверовите. По четириесет дена поминати во пост беше удостоен на Божествена и ангелска посета. Оттаму отиде во еден манастир и таму се замонаши. Оттогаш се предаде на многу суров испоснички живот, и во текот на осумнаесет месеци, тој на секој трет или четврт ден јадел по малку леб и пиел по малку вода, без да си даде ни најмал одмор на телото.
Потоа со еден монах отиде на гората Етна и таму строго се подвизуваше. Се хранеше со шумски билки, спиеше малку, имаше само една облека, одеше бос. Имаше свое начело и правило и не излегуваше од ќелијата додека не го прочита целиот Псалтир. Обично го завршуваше своето правило околу девет часот претпладне. Потоа го читал Третиот час. Од девет до дванаесет часот се занимавал со ракоделие. По дванаесет земал малку од својата бедна храна, притоа не оставајќи ја својата работа. Така подвизувајќи се, тој се удостои на голема благодат од Бога да ги разбира големите тајни на Светото Писмо. Поради тоа некои во недоумица се прашуваа од каде тој го знае Писмото кога не е учен?
Воден со Божествено откровение, свети Лука потоа отиде на друго место, каде собра дванаесет ученици и многу се трудеше околу нивното спасение. Поради тоа отиде во Византија, каде го изучи устројството на монашките општожитија и разговараше со тамошните Отци. Потоа отиде на Коринт, каде проживеа во еден манастир седум месеци, па мирно отиде кај Господа.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕРМАН,
архиепископот Казански
Свети Герман бил од болјарското семејство Појеви, потомци на смоленските кнезови. Се родил во почетокот на 16 век во градот Старица. На крштението го добил името Григориј.
Од рана младост ги сакал црковните богослужби и читање на Светото Писмо, бил крајно умерен во храната и постојано ги исполнувал доблестите. Во својата дваесет и петта година, со благослов од родителите стапи во Волоколамскиот Јосифовски манастир и се замонаши со името Герман. Како монах со сета душа целосно им се предаде на монашките подвизи. Прв доаѓал во храмот на молитва а последен излегувал. Во слободното време со особена љубов и ревност се занимавал со препишување на црквено-богослужбени книги. Од 1543 година раководител на Герман во монашките подвизи му беше игуменот Гуриј, подоцна прв архиепископ Казански. А кога во 1555 година свети Гуриј беше поставен за архиепископ на Казан, на преподобниот Герман, кој веќе се беше прославил со својот свет живот, му беше доверено устројството на манастирот во градот Свијажск за манастирот да служи како расадник на Светата Вера меѓу мухамеданците. Преподобниот Герман со чест ја извршуваше доверената задача и по смртта на свети Гуриј во 1564 година, тој беше поставен за архиепископ Казански. А пак во 1566 година беше повикан во Москва да го заземе престолот на митрополитот. Покрај длабокото монашко смирение, свети Герман се одликувал и со искрено правдољубие и непоколебливо застапување за вистината. При првата средба со царот Иван Грозни, тој многу го нападна насилништвото на царевиот телохранител и поради тоа беше исфрлен од митрополијата и сѐ до својата смрт, цели деветнаесет месеци остана во Москва во заточение под царска стража. Но, гневот на царот не го исплаши бестрашниот Божји слуга Герман. На соборот, свикан од царот Иван Грозни, во 1568 година, заради осуда на свети Филип, митрополитот Московски, единствено свети Герман го крена својот глас во одбрана на овој митрополит. Наскоро, по тој собор, на 6 ноември 1568 година, свети Герман се упокои во Москва во крајна беда. Беше погребан во црквата на свети Никола Мокриот. По дваесет и четири години неговите чесни мошти беа откриени како негнилежни и благомирисни, и пренесени во Успенскиот манастир на градот Свијажск. По молитвите на свети Герман, Господ и нас нека нѐ спомне во Царството Свое, Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЛУКА ПЕЧЕРСКИ
Преподобниот Лука бил економ на светиот Печерски манастир. Неговите нетлени и чудотворни мошти почиваат во пештерата на свети Антониј Печерски.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ДИМИТРИЈ,
епископот Китириски
Живеел во времето на царот Теофил иконоборецот (829-843 г). Се родил во селото Сика во Китрија на Кипар. Примил монашки чин, па потоа чин на презвитер од епископот на Хитра Евстатиј, кој и го наследил како епископ. Заедно со своето стадо бил заробен од египќаните. Кога се вратил од заробеништвото на Кипар, останатото време од својот живот го поминал побожно и богољубно. Отишол кај својот Господ во длабока старост.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БЛАЖЕН ОТЕЦ ПАВЛЕ,
јуродив заради Христа
Овој блажен слуга Христов се упокоил во мир.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НИКАНДАР
Свети Никандар пострадал за Христа посечен со меч.
СПОМЕН НА ПАЃАЊЕТО НА ОГНЕН ПЕПЕЛ ОД ВОЗДУХОТ
Ова се случи во Цариград во 472 година, за време на царот Лав Велики и патријархот Генадиј. На 6 ноември напладне целото небо се наоблачи со темноцрвени облаци и неприродно се стемни, а облаците добија некаква огнена боја. Тоа траеше четириесет дена. Сите луѓе страотно беа исплашени. Мислеа дека ако падне дожд од таквите облаци тоа сигурно ќе биде огнен дожд, кој ќе ја изгори сета земја, како што некогаш огнен дожд ги изгорел Содом и Гомор. И сите беа во голем страв, недоумица и исчекување. Царот и патријархот со целокупното свештенство и народот секој ден носеа литија и со солзи Го молеа Бога да го одврати Својот праведен гнев. И човекољубивиот Господ ја сврте заканата во милост. Нареди, та од облаците не падна оган туку пепел, за да ги заплаши грешниците. Тој страшен дожд паѓаше од зајдисонце до полноќ. Пепелта беше црна и врела и ја покри земјата повеќе од една педа и ја испржи секоја трева и билка. Тогаш настана голем плач меѓу луѓето, и горко ридање, и длабоки воздишки од таквата казна Божја. И силниот дожд, кој потоа многу денови по ред паѓаше, одвај успеа да ја измие пепелта. Тоа ги отсликуваше нашите гревови. Гревот се наоѓа во нас како огнен и црн пепел, и ги испржува никулците и фиданките на нашите доблести. Затоа треба да лиеме солзи како дожд, покајнички длабоко да воздивнуваме и горко да ридаме, за со тоа да ја испереме во нас врелата пепел на злото, а да ја напоиме добрата земја на нашиот ум и да ја обработиме да ни раѓа доблести. Само така ќе се избавиме себе си од осудата на пеколот, кој ги гори и душите и телата, и ќе го стекнеме Царството Небесно.