20.  Ноември  (7. Ноември)

 

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈЕРОН

и оние со него

Татковина на свети Јерон беше втората Кападокија. Тој се роди во градот Тиана од благочестивата и богобојазлива мајка Стратоника. Во тоа време царуваа незнабожните цареви Диоклецијан и Максимијан, кои беа ревносни идолопоклоници и гонители на христијаните. Кога до нивните уши стигна веста дека жителите на Ерменија и Кападокија и покрај царската наредба одбиле да им се поклонат на идолите, тие долго се советуваа околу тоа, па одбраа двајца лукави, сурови и верни идолопоклоници, Агриколај и Лисиј. Агриколај го упатија во Ерменија а Лисиј во Кападокија, со две наредби: да ги предаваат на смрт христијаните, кои одбиваат да се поклонуваат на идолите, и да извршат попис на силни мажи и момчиња способни за воена служба.

Во Кападокија Лисиј започна внимателно да бара луѓе погодни за војска, при што го известија и за Јерон како здрав, силен и многу храбар човек. Тој веднаш испрати војници по него, кои не го затекнаа дома, бидејќи работеше во полето. Тие се упатија таму, со намера да го поведат кај Лисиј. Кога Јерон дозна дека сакаат да го земат во војската одби, сметајќи дека е штетно христијаните да живеат со идолопоклониците и да бидат војници со нив. Војниците сакаа насилно да го поведат, па Јерон се разлути, дофати едно дрво и започна да ги тепа. Беше толку посилен од нив, така што ниту еден не можеше да му се спротивстави и сите побегнаа. Ги бркаше тој како што лав брка јариња. Најпосле растераните војници повторно се собраа на едно место и засрамени од својата слабост се плашеа да се вратат без него, зашто сите ќе ги исмеваат како победени од еден човек, а згора на тоа и ќе бидат казнети за нивниот кукавичлак. Затоа повикаа на помош уште војници, па повторно тргнаа по Јерон, кој собра осумнаесет побожни христијани, влезе со нив во блиската пештера и оттука ги одбиваше нападите на незнабошците, кои ги беа опколиле. Тогаш војниците испратија и го известија кнезот дека Јерон со други христијани се затворил во пештера, па не можат да го фатат. Тој веднаш им испрати на помош уште многу војници. Но, ни тогаш не смееја да се приближат до влезот на пештерата. Тогаш кнезот им испрати еден Јеронов пријател, на име Киријак. Тој ги посоветува војниците да се тргнат од пештерата, велејќи:

- Јерон може да се фати само со кротост и благ совет.

И Киријак влезе кај него и го посоветува да не се противи. Со мирниот разговор го скроти, го изведе од пештерата и го одведе кај неговата мајка, која беше стара и слепа вдовица. Кога дозна дека нејзиниот син ќе го одведат кај кнезот, таа започна силно да плаче за него, нарекувајќи го потпора на својата старост и светлина на своите слепи очи, и лелекаше што ја лишуваат од единствената нејзина утеха. Тој се прости со својата расплакана мајка, со насобраните соседи и пријатели, го поведе со себе својот роднина Виктор и појде со војниците во градот Мелитина. Со него појдоа и неговите двајца блиски роднини Матронијан и Антониј и други едноверни пријатели. Но, сонцето зајде и се стемни пред да стигнат во Мелитина. Затоа преноќеваа на местото каде што ги затекна ноќта. Таа ноќ на блажениот Јерон му се јави некој во бела облека и благо и со многу љубов му рече:

- Еве, Јерон, ти јавувам спасение. Ти одиш по правиот пат. Нема да се бориш за земниот цар и за минливата слава, туку ќе го завршиш подвигот за Царот небесен и наскоро ќе преминеш кај Него, за од Него да примиш чест и слава.

Јавениот го исполни Јероновото срце со неискажлива радост и си замина. Тој се разбуди радосен и им рече на оние со него:

- Ја дознав тајната на Божјото благоволение кон мене и сега веќе весело итам на претстојниот пат. Има само едно вистинско богатство, едно вистинско наследство, сокриени се на небесата. А сите овоземни богатства ништо не им користат на оние што ги наследуваат. „Каква е користа за човекот ако сиот свет го придобие, а на душата своја и наштети?“ (Мт. 16, 26). За мене ништо не е поскапоцено и подобро од душата. Доста време од својот живот потрошив во суета, а сега одам кај Бога. Само едно ме вознемирува. Тагата на мојата мајка, престарена и немоќна вдовица, лишена од видот, таа нема помошник и заштитник. Но, бидејќи одам да умрам за мојот Христос, јас Нему Му ја доверувам, како Татко на сиротите и вдовиците.

При тоа заплака за својата мајка и тргна на пат. Кога стигнаа во Мелитина, тој и со него триесет и тројца христијани беа затворени во темница, каде вака им говореше:

- Пријатели и браќа, послушајте го мојот совет, кој може да ви користи не во овој, туку во идниот живот. Сите што се плашат од Бога не бараат земни туку вечни богатства. Вие слушнавте дека безбожниот кнез утре ќе им принесе жртви на лажните богови, па и нас ќе нѐ присилува на тоа. Но, немојте да се покорите на неговата наредба, ниту да принесете жртва. Подобро е да Му принесеме пофална жртва и молитви на Бога, да ни подари сила да ги поднесеме маките и да се удостоиме на блажен крај.

Сите еднодушно одговорија:

- Твоите зборови за нас се слатки како мед. Нѐ советуваш за корисното и спасоносното за нас. Ние повеќе сакаме да умреме за нашиот Бог Христос отколку да им се поклониме на идолите и да живееме во суета.

За оваа одлука на затворениците стражарите го известија кнезот Лисиј. Утредента тој многу бесен нареди да ги доведат пред него на суд и налутено ги праша:

- Кој ѓавол ве натера на тоа бескрајно безумие, та се кревате против нашата власт, ги презирате царските наредби и не им се поклонувате на големите богови?

Светителите одговорија:

- Ние навистина би биле безумни и играчка за демоните, ако честа што Му припаѓа на Бога ја оддадеме на дрвени и камени предмети, изработени од рацете човечки. Сега сме премудри, зашто Му се клањаме на Творецот на сѐ, Кој небото и земјата ги створил со Својот збор и ги извел од небитие во битие, со духот на устата Своја.

Во тоа време еден од присутните на судот му посочи кон блажениот Јерон и рече:

- Ете, тој се противел на војниците што ти ги испрати и сѐ што си слушнал за него тој навистина го сторил.

Лисиј погледна кон Јерон и го праша од каде е. И кога блажениот му кажа, кнезот го праша:

- Ти ли си се противил на царските наредби, надевајќи се во својата сила, и си ги претепал моите војници испратени по тебе? Храбриот Јерон одговори:

- Да, јас! Зарем да не ги мразам оние што Го мразат мојот Господ и да не се гадам од оние што се креваат против Него? Многу ги мразам, тие ми се непријатели. Затоа ги тепав и бркав како плашливи зајачиња.

Лисиј многу се разгневи и преминувајќи преку храброста на Јерон како непокорен го изнавреди и му рече:

- Твоето безумие те натерало на дрскоста да не ја послушаш царската власт и да не се покориш на нашата наредба, па си ги натепал нашите пратеници. Затоа наредувам до самиот лакт да се отсече твојата нечиста рака што ја послушала безумната глава.

И веднаш му беше отсечена десната рака. А останатите свети маченици со наредба на мачителот долго и безмилосно беа тепани.

Потоа повторно сите ги фрлија во темница, каде Му благодареа на Бога што ги удостои да страдаат за името Негово. Но, гореспоменатиот Виктор изнемоште од маките и многу се исплаши од уште пострашните што можат да го снајдат. Затоа кришум го повика кај себе чиновникот, кој го водел записникот за фатените и мачени христијани, и понизно го молеше да го избрише неговото име од книгата на затворениците што страдаат за Христа и да го ослободи од темницата. При тоа му вети дека ќе му даде еден свој имот. Чиновникот многу се израдува и го ослободи. Но Виктор, откако излезе од темницата набрзо умре и така се лиши и од имотот и од животот и од маченичкиот венец. 

Кога самна свети Јерон дозна што се случило и го обзеде неизмерна тага. Горко плачеше за својот роднина, говорејќи:

- Тешко мене, Викторе! Што си сторил? За каква страшна цена си се избавил себе си? Каква гибел си купил за својата душа? Зошто сам се предаде во рацете на непријателите? Зошто срамот на бегството го претпочиташе пред венецот на славата? Зошто животот вечен го жртвуваше за животот привремен? Зошто минливото олеснување го стави над бесконечната радост? О, колку те понеле краткотрајните болки од малите рани, кои не се ништо според вечните маки што те очекуваат по судот Божји!

Откако така го оплака отпаднатиот од ликот на мачениците, свети Јерон ги повика Антониј и Матронијан, кои го следеа, и им рече:

- Сослушајте ја мојата последна желба и исполнете ја. Мојот имот во Писидија го давам на својата сестра Теотимија, за од него да се издржува и да ми врши помен во денот на мојата смрт. А пак сиот останат имот го оставам на својата мајка за нејзиното вдовство и старост. Исто така нејзе предајте ѝ ја и мојата отсечена рака и речете ѝ да го замоли началникот на градот Анкира, Рустик, да ѝ даде куќа во Вадисан, и мојата рака таму нека биде положена.

Откако им остави такво заветување на своите роднини, спокојно го очекуваше својот маченички крај. По четири дена кнезот Лисиј седна на судилиштето, ги повика светите маченици и започна да ги присилува да им се поклонат на идолите. Тој долго се трудеше со ласкања и закани да ги одврати од Христа, но залудно. Потоа нареди најпрвин безмилосно да ги тепаат со стапови, па ги осуди на посекување со меч. Предводени од блажениот Јерон, тие одеа кон губилиштето и радосно пееја:

- Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов (Пс. 118, 1).

Кога стигнаа на губилиштето ги преклонија колената и се помолија:

- Господи Исусе Христе, прими ги нашите души.

И им ги отсекоа чесните и свети глави.

Антониј и Матронијан му пристапија на кнезот Лисиј и побараа дозвола да го земат телото на нивниот роднина Јерон. Но, тој не им дозволи. Тогаш го замолија да им ја даде барем неговата отсечена глава. Кнезот им рече дека ќе им ја даде главата ако му дадат онолку злато колку што тежи самата глава. Тоа барање многу ги нажали зашто немаа толку злато, иако мачениковата чесна глава вредеше неизмерно повеќе. Тогаш Бог му стави во срцето на еден богат и познат човек, на име Хрисатиј, да ја откупи главата на светиот маченик. Тој му даде на кнезот злато колку што тежела главата, ја зеде и чесно ја чуваше кај себе. А златољубивиот кнез започна да ја бара и отсечената рака на светителот, за и за неа да добие злато. Тогаш Антониј и Матронијан ноќе побегнаа во својот роден крај со светата рака, а неговото тело и телата на сите останати свети маченици христијаните ги зедоа ноќе и тајно ги погребаа. Кога ѝ ја однесоа раката на мајка му Стратоника, ѝ раскажаа подробно сѐ што се случило, додека таа со солзи ја заливаше, мајчински ја целиваше и на своите очи ја ставаше. Радувајќи се за сина си и истовремено предавајќи се на природната мајчинска тага, таа низ солзи говореше:

- Мил мој сине, јас те родив жив и здрав. Сега имам само мал дел од твоето мртво тело, кое ствара во мене огромна тага. Тешко мене, сине мој. Со болки те родив, во тешкотии те одгледав, со надеж дека во тебе ќе имам поткрепа во староста, подршка во слабоста, утеха во неволјите. А сега се лишив од тебе, светлино на моите слепи очи. Но, зошто плачам во време кога треба да се радувам што сум мајка на маченик, што на Бога Му го принесов плодот на мојата утроба, што ти, мил мој сине, умре со маченичка смрт, која води во многу големи богатства. Со заминувањето од мене не оставај ме потполно, сине мој, туку со своите молитви посредувај за мене пред Господа, за Кого крвта своја ја пролеа, и мене брзо да ме ослободи од овој многу тежок живот.

Потоа Стратоника ја стави раката на сина си на местото каде што самиот го посочи и направи сѐ според неговото заветување. А споменатиот Хрисатиј, кој со злато ја откупи главата на свети Јерон, по некое време изгради црква на местото каде што беа посечени светите Маченици, и чесно ја положи во неа главата на светиот Маченик, славејќи ја Света Троица.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЛАЗАР ГАЛИСИСКИ

Преподобниот Лазар е роден во 967 година во Мала Азија, во едно село близу градот Магнезија. Родителите му се викаа Никита и Ирина. И двајцата беа благородни, побожни и полни со доблести.

Непосредно пред неговото раѓање, Бог со исклучително чудо однапред објави каков светилник ќе биде тој. Неговиот дом се осветли и исполни со толку голема Божествена светлина од небото, што сите собрани жени се исплашија и побегнаа. Остана само неговата мајка. Штом се роди, детенцето застана на нозе и свртено кон исток се помоли на Бога, со рачичките поставени на градите. Со тоа Бог ја претскажа иднината, чистотата и приемливоста на неговата душа за Божествените осветлувања. Кога имаше пет години родителите го дадоа Лазара да учи книга и тој наскоро ги надмина во учењето останатите деца. Уште како дете се одликуваше со незлобливост, кроткост, смиреност, жалостивост и љубов кон сиромашните. Згора на тоа тој имаше и голема верност и ревност за црковните богослужења и молитви.

Побожен и образуван, Лазар во цветот на својата младост, горејќи со Божествена љубов, отиде во Ерусалим за поклонение на тамошните светињи. Откако се поклони на животворниот гроб Господов и останатите светињи, тој стапи во манастирот на свети Сава Осветен и се замонаши. Тука помина десет години во монашките подвизи, во послушноста и во останатите доблести и ги надмина сите браќа. Поради тоа беше поставен за презвитер од тогашниот патријарх Ерусалимски. Душата на преподобниот Лазар беше многу жедна за осаменичко молитвено тихување и тој во текот на Великата Четириесетница излезе од манастирот и отиде на една планина, без да понесе нешто со себе. Се хранеше таму со пустински билки и пиеше по малку вода, само колку да се одржи во живот, и ги извршуваше своите сеноќни стоења и бдеења. Еднаш, додека одеше низ шумата, слушна Божествен глас, кој три пати го повика по име, говорејќи му:

- Лазаре! Лазаре! Лазаре! Треба да се вратиш во својата татковина!

Тој им го раскажа тоа на испосници и тие го посоветуваа да се врати. Додека се враќаше лукавиот ѓавол му правеше разни препреки по патот, јавувајќи му се во разни привиденија и страшила. Сепак, светиот подвижник со Божја помош ги развеа сите привиденија и замки негови. Во својот крај, тој без да сака се сретна со мајка си, но не остана со неа. Желен за пустинскиот живот, преподобниот Лазар се искачи на тамошната пуста и непроодна планина Галисија, недалеку од Ефес.

На таа гора доживеа многу искушенија и вознемирувања од демоните. Еднаш, додека на полноќ стоеше на молитва, виде огнен столб, кој се протегал од земјата до небото и мноштво ангели, кои прекрасно пееја:

- Нека воскресне Бог и нека се развеат непријателите Негови.

Светителот го прими тоа како упатство од небото и на тоа место изгради храм на Воскресението Христово, со помош на византискиот цар Константин Мономах. Од десната страна на храмот направи столб без кров и се подвизуваше на него, имајќи го небото за покрив. За храна земаше сосем малку леб и вода и тоа еднаш неделно. И не само со тоа, туку блажениот го измачуваше своето тело опашан и со синџири и трпеше многу други маки на столпничкиот живот, зиме од студот, а лете од горештината. Го поднесуваше сето тоа помаган, чуван и штитен од Пресвета Богородица. Затоа Бог му даде благодат на чудотворство и пророштво, та кај него започнаа да се собираат побожни луѓе да ги раководи во духовниот живот. И многумина се одрекуваа од светот, стануваа монаси и со радост му се потчинуваа како учител и пастир.

Удостоен на пророчкиот дар поради совршенството во доблестите, тој провидуваше многу идни работи. Однапред го дозна и денот на својот крај. Неговите ученици и чеда во Бога, со солзи најсрдечно го молеа заради нивните души и нивното спасение да измоли од Бога продолжување на својот живот за уште петнаесет години. И тој ја молеше Пресвета Богородица да му го продолжи животот. Молитвата му беше услишана. И се намножија неговите ученици и ги имаше преку деветстотини. А кога изминаа петнаесетте години светителот имаше седумдесет и две години. Тогаш во мир се упокои во Господа. И како што Господ со чудо го прослави неговото раѓање, исто така со чудо ја прослави неговата смрт. Божествена светлина од небото го осветли светителовиот столб и одвнатре и однадвор, и по таа светлина препознаа и учениците и испосниците по горите и пештерите, дека светиот Божји угодник Лазар се претставил.

Но, бидејќи браќата многу плачеа и тажеа над својот свет отец и учител што не им оставил писмен завет, бездушниот и мртов светител стана, го извлече од пазувите својот тестамент, им го предаде, па повторно легна и издивна. Тестаментот не беше потпишан, па браќата повторно го молеа светителот да го стави и својот потпис. Тој повторно оживеа, го стави својот потпис, па легна и конечно заспа во Господа. Потоа чесно беше погребан во столбот, и Господ и по смртта го прослави со многу чудесни исцеленија, кои се случуваа од неговите свети мошти, во слава на вистинскиот Бог и Спасител наш Исус Христос.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:

МЕЛАСИП, КАСИНИЈА и АНТОНИН

Светите маченици Меласип, неговата сопруга Касинија и нивниот син Антонин пострадаа за Христа за време на царот Јулијан Богоотстапник, во градот Анкира. Антонин беше фрлен во темница, а Меласип и Касинија беа обесени на мачилишно дрво, па им ги стругаа и гореа телата. Потоа на свети Меласип му ги отсекоа нозете до колената, а на света Касинија ѝ ги отсекоа градите. За време на тие мачења беше доведен од темницата нивниот син Антонин, кој ги тешеше во маките, ги зеде отсечените делови од нивните тела и ги целиваше. Во таквите страшни маки Меласип и Касинија ги предадоа своите праведни души во рацете Господови. Тогаш Антонин го плукна в лице Јулијан и тој бездушник нареди да го обесат и да му го стругаат телото, па му ги прекршија колената и му врзаа тежок камен за нозете. Потоа го симнаа од мачилишното дрво и го положија на вжештена железна решетка. По сите тие мачења му ја острижаа главата, му врзаа камен за вратот и така го водеа низ градот на потсмев и срамотење. Потоа го испратија кај военоначалникот Агрипин, кој го фрли во вжештена печка, па потоа на ѕверовите. Но, со благодатта Божја светителот остана неповреден. Четириесет момчиња, кои го набљудуваа ова мачење, поверуваа во Христа поради што царските слуги им ги отсекоа главите. Потоа свети Антонин го положија на вжештен железен кревет и го тепаа со стапови, па му ги отсекоа рацете и го фрлија во печка. Но, светиот маченик и тука остана неповреден, поради што многумина поверуваа во Христа. Најпосле мачителот нареди, та му ја отсекоа главата.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:

АВКТ, ТАВРИОН и ТЕСАЛОНИКИЈА

Светата маченица Тесалоникија беше ќерка на еден идолски жрец Клеон, кој беше богат и лош човек. Поучена во христијанската вера, таа се крсти и стана христијанка. Татко ѝ долго ја молеше и преколнуваше да се одрече од Христа, но таа одби. Затоа ја соблече и нареди четворица силно да ја тепаат со сирови жили, та и ребрата ѝ ги сокршија. Потоа татко ѝ ја избрка од куќата и од градот. И во прогонството светата маченица не престануваше да Го исповеда Христа.

Кога дознаа за таквата постапка на жрецот, двајцата чесни граѓани Авкт и Таврион го прекорија за нечовечното однесување спрема ќерка си и тој отиде кај царското намесништво и ги обвини како христијани и како заштитници на Тесалоникија. Намесникот ги подложи на мачења. Откако ги соблекоа ги тепаа со камења, ги фрлија во многу вжештена печка, па заедно врзани ги фрлија во езеро. Но, светите мажи останаа неповредени, зашто со благодатта Божја и од езерото излегоа целосно здрави на копното. Тогаш намесникот мачител, не знаејќи што да прави, нареди, та им ги отсекоа главите.

Исто така и Тесалоникија за исповедањето на Христа беше подложена на мачења во кои што се упокои. Така сите тројца примија венци на мачеништвото. Нивните свети тела со чест беа положени во Амфипол.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:

ВОСТРИКИЈ, (УСТРИХИЈ) и ДУКИТИЈ

Овие двајца свети маченици пострадале заедно со маченикот Јерон и неговата дружина. Имињата на останатите маченици кои пострадале со нив се: Никандар, Исихиј, Варахиј, Максимијан, Калиник, Сантик (Ксантиј), Атанасиј, Теодор, Евгениј, Теофил, Валериј, Теодот, Калимах, Ихариј, Гигантиј, Лонгин, Темелиј, Евтихиј, Диодот, Кастрикиј, Теагениј, Мамас, Никон, Теодул, Виктор, Доротеј, Клавдиј, Епифаниј, Аникат и Јерон.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АТИНОДОР

Овој свет маченик во маки се упокоил за Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИ ГРИГОРИЈ

Беше брат на свети Григориј Чудотворец. Беа исти по имиња, исти по живот и исти по слава.