21.  Ноември  (8. Ноември)

СОБОР НА СВЕТИ АРХИСТРАТИГ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ

и останатите Бестелесни Небесни Сили

Преданието, Соборот на светите Ангели побожно да го празнуваме, светата Црква го примила од боговдахновените Отци, со отфрлањето на незнабожечкото почитување на ангелите, измислено од еретиците и идолопоклониците. Уште во Стариот Завет, кога луѓето отстапија од Бога, својот Создател, започнаа да им се поклонуваат на створенијата Божји и дела на рацете Негови, правејќи идоли според видливите твари од она што е горе на небото или долу на земјата (2 Мојс. 24, 4). Тогаш луѓето, сметајќи дека сонцето, месечината и ѕвездите имаат жива душа, им принесуваа жртви како на богови. Исто така им принесуваа жртви и на ангелите како на богови. За тоа се зборува во книгата за Царевите: „Ги кадеа Ваал, сонцето, месечината, ѕвездите и сета војска небесна“, односно ангелите, зашто тие навистина се небесна војска, како што е речено во Евангелието: „И одеднаш се појави со Ангелот мноштво војници небесни“ (Лука 2, 13). Таквото неправилно почитување на Ангелите било многу распространето во времето на светите Апостоли. Во борбата да го искорени, светиот апостол Павле зборува: „Никој да не ве лаже според својата волја избрана со понизноста и обожавањето на ангелите, впуштајќи се во она што не е видливо, и залудно гордеејќи се со умот на телото свое, без да се држи до главата“, односно Христос. Во тоа време имаше некои еретици, на изглед смирени, кои неправилно мислеа дека со своето воздржливо и чисто живеење ги поддржуваат ангелите. Тие учеа дека на ангелите им се врши истото поклонување како и на самиот Бог. Потоа се појавија и други еретици, кои проповедаа дека ангелите се творци на видливите твари и како бестелесни се повисоки и повредносни од Христа, Синот Божји. А за Архангел Михаил зборуваа дека е бог на Евреите. Други пак, предавајќи се на вражбини и залажувајќи ги луѓето, со името на ангелите ги повикувале ѓаволите и им служеле нарекувајќи ги ангели. Особено такви ереси се множеа во градот Колоса кој ѝ припаѓал на Лаодикиската митрополија, каде многумина тајно извршуваа незнабожечко ангелопоклонување, слично на идолопоклонувањето. Таквото идолопоклоничко почитување на ангелите Лаодикискиот помесен собор на светите Отци го проколна и го предаде на анатема. А кога таквото неправилно почитување на Ангелите беше осудено и проколнато, се озакони благочестивото и правилно почитување и празнување на светите Ангели, како служители Божји и хранители на родот човечки. И во Колоскиот крај, во кој порано тајно се извршувало незнабожечко и еретичко почитување на Ангелите, започна јавно да се врши православно празнување на светите Ангели и да се градат прекрасни храмови посветени на нив. Така во Хони, над чудотворниот извор беше подигнат велелепен и преубав храм во име на светиот Архистратиг Михаил, зашто на тоа место му се беше јавил свети Архистратих Михаил на свети Архип. А пак во времето на светиот римски папа Силвестер и свети Александар, патријархот Александриски, беше востановено празникот на свети Архистратиг Михаил и останатите Бестелесни Небесни Сили да се празнува во месец ноември.

Зошто токму во ноември? Затоа што ноември е девети месец по месец март. Во месец март се смета дека било стварањето на светот, а деветтиот месец по март е земен поради деветте чинови Ангелски, кои се најнапред створени. Свети Дионисиј Ареопагит, ученик на апостол Павле, оној Апостол кој се издигнал до третото небо, ги опишал овие девет чинови во книгата: „За Небесната ерархија“. Тие девет чинови се делат на три ерархии: највисока, средна и најниска. И во секоја од нив има по три чина.

Првата, највисока и на Пресвета Троица најблиска ерархија, ја сочинуваат Серафимите, Херувимите и Престолите. До Творецот и Создател свој најблизу од сите стојат богољубивите шестокрилни Серафими, како што ги виде пророк Исаија, кој вели: „Серафими стоеја околу Него, секој од нив имаше по шест крила“ (Исаија 6, 2). Тие се огненолики како оние што непосредно претстојат пред Оној за Кого се пишува: „Нашиот Бог е оган кој спалува. Престолот Негов е огнен пламен. Славата Господова е како оган кој пламти. Стоејќи пред таквата слава, Серафимите се огненолики, според реченото: „Он ги прави ангелите Свои духови и слугите Свои огнен пламен“. Тие горат со огнена љубов кон Бога, а другите ја разгоруваат таквата љубов што и самото нивно име покажува, зашто на еврејски јазик „Серафим“ значи оној што пламти, или оној што спалува.

По Серафимите, пред севидливиот Бог, Кој живее во светлина непристапна, стојат во неискажлива светлина богомудрите многуоки Херувими, кои посилно од другите пониски чинови блескаат секогаш со светлоста на богопознанието и знаењето на тајните Божји и длабочините на премудроста Негова, самите просветувани и други просветувајќи. Зашто нивното име „Херувим“ на еврејски значи „големо разбирање или излевање на премудрост“, бидејќи преку Херувимите и на другите се испраќа премудрост и се дава просветување на очите на разумот за боговидување и богопознание.

Потоа, седнати на престол висок и издигнат се богоносните (како што ги нарекува свети Дионисиј Ареопагит) Престоли, зашто на нив, како на разумни престоли (како што го вели тоа свети Максим Исповедник): „Бог разумно почива“. А тие се нарекуваат богоносни, не по суштеството, туку по благодатта и по своето служење, додека телото на Исуса Христа, како што пишува свети Василиј Велики, се нарекува богоносно по суштество, бидејќи е Ипостасно соединето и неразделиво со самиот Бог Логос. Меѓутоа Престолите се нарекуваат богоносни не по суштеството туку по благодатта што им е дадена за таквото нивно служење, како оние што таинствено и несфатливо Го носат во себе Бога. Почивајќи на нив на неискажан начин, Бог го извршува Својот праведен суд, според зборовите на Давид: „Си седнал на престол, изрекувајќи правда“ (Пс. 9, 5). Поради тоа преку нив првенствено се пројавува правосудието Божјо. Тие му служат на правосудието Божјо, го прославуваат и ја излеваат силата на правосудието на престолите на земните судии, помагајќи им на царевите и владетелите да изречат праведен суд.

Во средната ерархија исто така постојат три чина на свети ангели: Господства, Сили и Власти. Господствата се нарекуваат така затоа што господствуваат над останатите, пониски од нив ангели, а самите се слободни. Отфрлајќи го, како што вели свети Дионисиј Ареопагит, робовскиот страв, тие доброволно и со радост Му служат на Господа непрестајно. Исто така тие излеваат сила на благоразумно господарење и мудро управување на властите на земјата од Бога поставени, за тие добро да управуваат над доверените области. Затоа учат да се владее со чувствата, да се смируваат во себе непристојните желби и страсти, да се потчинува телото на духот, да се господари над својата волја и да се стои над секое искушение.

Силите, исполнувајќи се со сила, ја исполнуваат волјата на Севишниот и Семоќниот Господ свој, Крепкиот и Силниот, извршувајќи ја веднаш со леснотија. Тие вршат и преголеми чудеса и таа чудотворна благодат ја излеваат врз угодниците Божји, достојни на таа благодат, за да можат да вршат чуда, да ја исцелуваат секоја болест и да ја претскажуваат иднината. Светите Сили им помагаат и на луѓето кои се трудат и се оптоварени со носењето на какво било послушание, наложено врз нив со што и го објаснуваат своето име „Сили“, и ги носат слабостите на слабите. Тие исто така го поткрепуваат секој човек во трпењето, да не малаксува во неволјите, туку со силен дух и јуначки да поднесува сѐ што го снаоѓа, за сѐ смирено да Му благодари на Бога, Кој уредува сѐ за наша корист.

Властите се нарекуваат така затоа што имаат власт над ѓаволите, да ја скротуваат демонската власт, да ги одбиваат искушенијата коишто ѓаволите им ги приредуваат на луѓето и да не им допуштаат да му наштетат на никому онолку колку што тие би сакале. Властите исто така ги зацврстуваат добрите подвижници во духовните подвизи и трудови, штитејќи ги да не би биле лишени од духовното царство. А на оние пак, кои се борат со страстите и желбите, Властите им помагаат да ги бркаат лошите помисли и вражји напади и да го победуваат ѓаволот.  

Во најниската ерархија исто така постојат три чина: Началства, Архангели и Ангели. Началства се нарекуваат затоа што началствуваат, старешинствуваат над пониските ангели, упатувајќи ги на исполнување на Божествените наредби. Ним исто така им е доверено управувањето со вселената и чувањето на сите царства и кнежевства, земји и сите народи, племињата и јазиците, зашто секое царство, племе и народ, како свој посебен чувар и управител има еден ангел од овој небесен чин, кој се нарекува Началства. Служењето на овој ангелски чин, според објаснувањето на светиот Григориј Двоеслов, се состои во тоа да ги поучуваат луѓето да му го оддаваат на секој старешина почитувањето што му доликува на неговата функција. Исто така ангелите на овој чин поставуваат достојни луѓе на разни важни функции и ги подучуваат да не стапуваат на функција од себични причини, користољубие и славољубие, туку за служење на Бога и за распространување и умножување на светата слава Негова и за корист на ближните, служејќи им на заедничките потреби на сите свои потчинети.

Архангели се нарекуваат големите благовесници, кои благовестат големо и преславно. Нивното служење, како што вели големиот Дионисиј Ареопагит, се состои во следново: пророштва да откриваат и просветувањето, познавањето и разбирањето на волјата Божја, која што ја добиваат од високите чинови, да им ја соопштуваат на ниските чинови, а преку нив на луѓето. А пак свети Григориј Двоеслов вели дека Архангелите ја поткрепуваат во луѓето Светата Вера, просветувајќи им го умот со светлоста на познанието на светото Евангелие и откривајќи им ги тајните на благочестивата вера.

Ангелите во небесната ерархија од сите чинови се пониски и на луѓето најблиски. Тие им ги јавуваат на луѓето малите тајни и намери Божји, ги поучуваат луѓето доблесно и праведно да живеат во Бога. Тие се придодадени да го чуваат секого од нас верните: доблесните ги придржуваат да не паднат, паднатите ги подигаат и никогаш не нѐ оставаат, макар и да згрешиме, зашто секогаш се подготвени да ни помагаат, само ако ние самите го сакаме тоа. Меѓутоа и сите високи небесни чинови се нарекуваат со заедничкото име ангели. Иако тие според својата положба и дадената им од Бога благодат имаат разни називи како Серафими, Херувими, Престоли и останатите чинови, сепак тие имаат заеднички назив ангели, бидејќи називот ангел е назив не на природа туку на служба. Сите тие се ангели, бидејќи сите служат со Божја наредба, како што стои напишано: „Нели се тие сите службени духови, определени да им служат на оние, кои ќе го наследат спасението“ (Евр. 1, 14). А пак нивните служби се различни и не подеднакви, и секој чин има своја посебна служба, зашто Премудриот Создател не им ги открива на сите во иста мера тајните на Своите намери, туку посредно, преку високите чинови ги просветува ниските, откривајќи им ја Својата света волја и наредувајќи им да ја исполнуваат, како што тоа јасно се гледа од книгите на пророк Захариј. Таму се зборува како Ангелот по разговорот со пророкот се сретнува со друг Ангел и му наредува повторно да оди кај Пророкот и да го извести за она што ќе го снајде Ерусалим. И ете, Ангелот кој говореше со мене излезе и друг ангел му наиде во пресрет и му рече: Побрзај и кажи му на оној млад човек (односно на пророк Захариј): Ерусалим ќе се насели како село без ѕидини поради многуте луѓе и добиток во него. И Јас, вели Господ, ќе му бидам огнен ѕид околу него“ (Зах. 2, 3. 4. 5). Објаснувајќи го тоа, свети Григориј Двоеслов вели: Кога еден ангел му вели на друг: „Побрзај и кажи му на оној млад човек“, нема сомнеж дека ангелите се испраќаат едни со други. Малите се испраќаат а големите ги испраќаат. Исто така и кај пророкот Даниил наоѓаме како ангел му наредува на друг ангел на пророкот да му го објасни видението (Даниил 8, 16). Оттука е јасно дека ангелите на високите чинови им ја откриваат Божествената волја и намерите на Творецот свој на ангелите на ниските чинови, просветувајќи ги и испраќајќи ги кај луѓето. Православната Црква на земјата, барајќи помош од светите Ангели, го празнува Соборот на сите девет чинови на свети Ангели, со специјално молење, како што е потребно, во осмиот ден на месец ноември, односно во деветиот месец, зашто сите девет чинови ангелски ќе се соберат во денот на Страшниот Суд Господов. А овој ден Божествените учители на Црквата го нарекуваат осми ден, кога ќе дојде Синот Човечки - Синот Божји - Судијата праведен - во славата Своја и сите свети Ангели со Него (Матеј 25, 31). И ќе ги испрати ангелите Свои со голем трубен глас и ќе ги собере избраните Негови од четирите ветрови (Матеј 24, 31), односно од исток, запад, север и југ. О, колку би сакале тогаш и нас, кои чесно го празнуваме нивниот Собор, да нѐ соберат во ликот на избраниците Божји!

За челник и војвода на сите овие девет чинови ангелски е поставен од Бога светиот Архистратиг Михаил, како верен служител Божји. Тој во времето на погубниот пад на сатаната во гордост и неговото отстапување од Бога и фрлање во бездната, ги собра сите чинови и војски ангелски и громогласно воскликна:

- Да внимаваме! Да стоиме пристојно пред Творецот наш и да не помислуваме на она што е спротивно на Бога! Да погледнеме какви страдања претрпеа оние што заедно со нас беа создадени и досега заедно со нас беа причасници на Божествената светлина! Да обрнеме внимание како тие поради својата гордост ненадејно од светлината паднаа во темнината и од височините во бездната! Да погледнеме како падна од небото утринската ѕвезда Деница и се разби на земјата!

Зборувајќи така пред сиот собор на Ангели, тој, стоејќи на прво место, започна со Серафимите и Херувимите и со сите небесни чинови да ја слави Пресветата Единосуштна и Неразделна Троица, Едниот Бог, сложно пеејќи торжествена песна: Свет, свет, Господ Саваот, полни се небото и земјата со славата Твоја!

Таквото соединување на светите Ангели доби назив Собор на Ангелите, зашто тие здружено, едногласно и еднодушно Го слават Отецот и Синот и Светиот Дух, - Света Троица, на Која и од нас, кои сме земја, нека е слава за навек. Амин.

МОЛИТВА КОН СВЕТИОТ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ

Сиот си оган и ревност, свети Архистратигу Михаил, и затоа те молиме. Нашите неуки души разгори ги со твојата огнена ревност, за со будна совест секогаш радосно да Му служиме на нашиот заеднички Господ, сесрдно огледувајќи се на тебе, безгрешниот и свет наш брат и врховен Војсководец на сите небесни и земни војски Христови. Чудесниот Господ Христос направил една Црква од ангели и луѓе, за ние луѓето, кои таинствено ги претставуваме Херувимите на земјата, да се угледаме на нашите свети небесни браќа, на чие што чело стоиш ти, блескав и прекрасен Архистратигу Михаил. Ти на небото си го победил заврзаниот сатана и си го фрлил на дното на пеколот. Те молиме, секогаш помагај ни и нам, семоќен Архангеле, за и ние со твојата сепобедна сила да го победуваме селукавиот сатана, кој од сите страни нѐ напаѓа и нѐ искушува преку безбожни луѓе, преку нечисти помисли, преку земни сласти, преку опојни страсти.

Сиот си свет, чист и безгрешен, прекрасен Првоангеле Божји, те молиме сесвет, те молиме сечист, те молиме себезгрешен, учи нѐ и ден и ноќ како да живееме свето, чисто и безгрешно и дари ни ги твоите херувимски сили, за вистински и стварно херувимски да живееме на земјата ние, кои според неизмерното човекољубие Божјо ги претставуваме Херувимите на земјата. Не оставај нѐ во отровната кал на нашите сластољубиви земни желби, туку подигни нѐ во небесните ангелски височини и оспособи нѐ ангелски свето и чисто да поживееме додека сме во тело на земјата. Милостиво погледни на нас, сепобедлив Архангеле, снисходливо спушти се до нас, та нас, заспаните во гревови разбуди нѐ на борба со злото, со гревот, со смртта, со ѓаволот, за водени и соколени од тебе лесно да го победуваме секој грев, секоја страст, секоја смрт, секој ѓавол. Ние знаеме, богоносен Архангеле, ти имаш власт над нечистите духови, над болестите, над смртта, над гревовите. Исполни ги нашите души со својата Божествена сила, за и ние бестрашно да војуваме и херувимски да ги победуваме сите непријатели на нашето спасение, на нашата вера и на нашите души. Сепобедлив Војводо на Небесните Сили, ти си го исчистил небото од сатаната и неговите црни ангели, - исчисти ги и нашите души од секој грев, зашто нашите гревови ги отвораат вратата и прозорците на нашите души, та преку нив влегуваат во нас нечистите демонски сили, ги валкаат и умртвуваат нашите души, кои треба да се ангелски чисти и ангелски бесмртни. Без твојата сепобедна помош, небесен Војсководецу, ние лесно стануваме плен на нечистите сили. Затоа од сесрце те молиме, вброј нѐ во својата непобедлива војска и војувај за нас и пред нас, водејќи нѐ и предводејќи во секоја борба за нашата душа, за нашето спасение, за нашата вечност, осигурувајќи ни победа над секој грев и над секој ѓавол. О, пресвети Архангеле, ние сме очајно немоќни пред демонската вражја сила ако ти не ни притекнеш на помош со својата Божја сила. Со тебе ние секогаш ќе победуваме во сите битки за нашата душа, за нашето спасение и нашата вечност. Без тебе беспомошно паѓаме од пораз во пораз, од грев во грев, од пекол во пекол. Затоа секогаш биди со нас и не напуштај нѐ заради гревовите наши и смрдеата наша, туку сакајќи нѐ со Божествена љубов, направи да го намразиме гревот и сите гревовни сласти и да ги исполниме своите души со благомирисот на Евангелските доблести. Еве, своите души ти ги предаваме тебе, пресвет правоангеле Божји. Те молиме и те преколнуваме, секогаш води нѐ по патиштата кои водат во Царството Небесно, за заедно со тебе вечно да Го славиме семилостивиот Спасител наш, преслаткиот Господ Христос и Неговиот сечовекољубив Отец и себлагиот Дух Утешител, Кому слава и пофалба, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

 

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША

МАРТА ПСКОВСКА

Беше сопруга на свети Довмонт - Тимотеј, кнезот Псковски. Се подвизувала како монахиња во Псковскиот манастир на светиот Претеча. Се претставила во 1300 година.