22.  Ноември  (9. Ноември)

 

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:

ОНИСИФОР и ПОРФИРИЈ

Овие двајца прекрасни мажи беа мачени за името Христово во времето на царот Диоклецијан. Обвинети заради верата во Христа и изведени на суд, тие бестрашно исповедаа дека Христос е вистинскиот Бог и Творец на небото и земјата.

Затоа бездушно ги тепаа и на разни начини страотно ги мачеа. Потоа ги положија на вжештени железни решетки и така ги печеа. Славните маченици и во тие маки се радуваа и Му благодареа на Бога, од Кого им дојде помош, та лесно ги поднесуваа маките. Кога ги видоа како се радуваат и стојат над мачењата, свирепите мачители ги врзаа за опашите на бесни коњи и ги тераа по трновити, каменити и ридести места. Долго влечени така, телата им се распаднаа. Така ги предадоа своите свети души на Господа. Некои христијани ноќе тајно ги собраа нивните остатоци и чесно ги погребаа во местото Панкеан, каде од нив се случуваа многу чудеса и исцеленија, во слава на Бога, прекрасниот во светиите Свои.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СИМЕОН МЕТАФРАСТ

Имал световно и духовно образование. Станал царски логотет и прв големец на дворецот. Живеел чисто и свето, како вистински аскет подвижник. Се одликувал со голема војничка храброст и државничка мудрост. Поради тоа царот Лав Мудриот многу го ценел. Еднаш го испратил на Крит да преговара за мирот со арапите, кои во тоа време го беа зазеле овој остров. Откако успешно ја заврши својата мисија, свети Симеон се врати во Цариград и наскоро се повлече од светот и од светските должности и се замонаши. Пишувал Житија на Светителите. Составил нови сто дваесет и два животописа и поправил петстотини триесет и девет животописи. Се упокоил околу 960 година. Од неговото тело потекло благомирисно и целебно миро.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН КОЛОВ

Преподобниот отец Јован Колов се вбројува меѓу најголемите египетски подвижници. Колов значи мал, зашто беше низок по раст. Уште како млад со својот брат Даниил го остави светот и отиде во Скитската Египетска пустина. Отпрвин тој и неговиот брат Даниил се подвизуваа во потполна осаменост. Потоа на Јован му стана јасно дека нему, како немирен и острастен, во подвизувањето му е потребно раководството на искусни подвижници старци. Повод да го стори тоа беше следниот настан. Еднаш тој сосем неочекувано му рече на својот брат соподвижник:

- Повеќе нема да се грижам за ништо. Сакам да живеам во пустината без грижи, како ангел.

Ја соблече од себе наметката и излезе од ќелијата. Таа ноќ беше многу студено. Необлечениот долго се бореше со студот. Кога не можеше повеќе да издржи, реши да се врати во својата ќелијата. Премрзнат, затропа на вратата и одвнатре се разлеа гласот на Данаил:

- Кој тропа?

- Јас сум, твојот брат, - одговори Јован. - Не можам повеќе да го поднесам студот, и еве, се вратив да ти служам тебе.

- Оди си, демону, - му одврати Даниил - и немој да ме соблазнуваш. Ангелот не се грижи за своето тело и нема потреба од храна.

Тогаш преподобниот Јован сфати дека премногу се понадевал во своите сѐ уште незајакнати во страдањата и искушенијата сили, ја осозна својата грешка и горко плачеше. Даниил му ја отвори вратата и му рече:

- Брате мој, бидејќи имаш тело, тогаш мораш и да страдаш заради облеката и телото.

После таквото доживување и поуките, Јован наскоро го напушти Даниил и се упати кај еден старец на име Пимен. Тој сакаше да ја воспита во себе цврстата волја, подготвена на секој подвиг, која никогаш не го напушта еднаш избраниот пат. А преподобниот Пимен беше познат токму по цврстината и непоколебливоста на својата волја. Одрекувањето на преподобниот Пимен од светот беше толку безгранично, што тој одбил да се види дури и со својата мајка, која дошла во скитот да го посети. Кај таквиот старец со цврст карактер се упати уште колебливиот во подвизите, нетрпеливиот, страстен и немирен Јован. Кога дојде кај старецот Пимен, Јован вети дека ќе му се потчинува во сѐ што ќе побара од него. За да го испроба неговото трпение, Пимен му нареди да полива еден сув стап, забоден во земјата, сѐ додека не раззелени. Таквиот труд секако дека на сите им изгледа залуден. Но, Јован, без размислување и сомнеж го полеваше ова суво дрво цели три години, секој ден, додека навистина со Божјата сила не раззелени и роди плод. Тогаш преподобниот Пимен ги обра плодовите од дрвото, ги однесе во црквата и ги раздели на браќата, говорејќи:

- Браќа и отци, земете и јадете од плодот на послушноста.

Многубројните сведоци на тоа чудо го нарекоа тоа дрво „дрво на послушноста“.

Кога дојде со пргавата душа кај преподобниот Пимен, преподобниот Јован стекна во него кротост и смиреност како јагне. Еднаш еден брат му рече:

- Ти имаш лошо срце.

- Вистина е, - му одговори преподобниот Јован. - Па дури е уште полошо отколку што мислиш.

Така тој умеел кротко да ги поднесува навредите.

Живеејќи отпрвин под туѓо раководство, преподобниот Јован подоцна и самиот стекна способност други да раководи мудро. Така Господ му даде да биде раководител и наставник на преподобниот Арсениј Велики, кој подоцна исто така се прослави со големи подвизи. Арсениј, по потекло патрициј, дојде директно во пустината од царскиот дворец, каде што беше наставник на децата на Теодосиј Велики, Хонориј и Аркадиј. Тој го остави дворецот, каде што беше опкружен со големи почести, тој, човек во четириесетите години, сепак сразмерно млад, но веќе духовно опитен подвижник, одлучи поради своето понатамошно духовно развивање и усовршување да ја предаде својата волја на преподобниот Јован, на негово безусловно располагање со неа. На некои од браќата од почетокот им изгледаше чудно човек со такво високо образование и од толку познато потекло да дојде кај прости и неуки старци, за свое понатамошно просветување. Еден од браќата не можеше да го сокрие своето љубопитство, па еднаш го праша Арсениј:

„ Како ти, кој си ги изучил грчките и римските науки, бараш поуки од простиот и непросветен старец?

Арсениј одговори:

- Вистина е дека поседувам научно образование, но јас сѐ уште не ја знам ни азбуката на она што го знае овој прост и неук човек, зашто смиреноста е почеток на сите доблести, како што азбуката е почеток на секој книжевен напредок.

Така Арсениј ја ценеше смиреноста, која цветала во обителта на некогаш пргавиот и горделив Јован. Дури по неколку години заеднички подвижнички живот, кога Арсениј слушна таинствен глас, кој го повикуваше да бега од луѓето и да живее во молчење, бидејќи молчењето е корен на безгрешноста, преподобниот Јован го благослови да се оддалечи во потполна осаменост и да се предаде на молитвено тихување во пустината. Меѓутоа силната љубов кон неговиот смирен наставник и сите негови ученици го терала Арсениј повеќе пати да ја остави својата пустинска осаменост и да се враќа на некое време во обителта.

Ревносен за своето спасение, преподобниот Јован со исто таква срдечност се грижеше и за спасението на другите. Во негово време во градот Александрија живееше една девојка Таисија. Воспитана од побожни родители, по нивната смрт таа сиот свој наследен имот го искористи за добротворни цели. Скитските старци, меѓу кои живееше преподобниот Јован, при доаѓањето во градот често пати наоѓаа прибежиште во нејзиниот дом. Но, одеднаш до нив допреа гласини дека Таисија веќе го потрошила својот имот и бидејќи не е во состојба да се бори со сиромаштијата, својата убавина и младост ги претворила во средство за издржување. Кога дознаа за таквиот пад на доблесната Таисија, старците многу тагуваа и решија да ја одвратат од нејзината погубна заблуда. Таа тешка задача одлучија да му ја доверат на преподобниот Јован. Тие вака му се обратија:

- Бог ти дал мудрост, а до нас допреа гласови дека нашата голема добротворка, сестра Таисија, живее многу лошо. Потруди се, аво, појди и поразговарај со неа, за со твоите зборови да си дојде на себе.

Преподобниот Јован се помоли на Бога и веднаш тргна на пат. Знаеше тој дека во таквите работи нема потреба за двоумење. Секој час Таисија можела да потоне во сѐ поголеми гревови. И ете, старецот веќе стигнал пред Таисиниот дом, но неговиот влез сега е затворен за него. Порано во него влегувале сите кои барале помош, а сега влегувале само оние кои со себе носеле пари и скапоцености. Старецот кротко ѝ се обрати на слугинката, со молба да ја извести госпоѓата за неговото доаѓање. Но, со промената на расположението на госпоѓата се случила промена и кај нејзината слугинка. Грубата слугинка, знаејќи дека ништо заедничко не може да има меѓу смирениот старец и нејзината госпоѓа, на неговата молба му возврати со страотни навреди. Преподобниот кротко ги прими навредите и ја повтори својата молба, само со ваков додаток:

- Кажи ѝ на твојата госпоѓа дека можам да ѝ набавам скапоцени работи.

Тогаш слугинката отиде и ја извести госпоѓата за стариот монах.

- Нека влезе, - рече Таисија, - зашто монасите одат по брегот на морето, па понекогаш наидуваат на скапоцени школки и драгоцени камења.

Преподобниот Јован влезе кај Таисија, седна недалеку од неа, длабоко воздивна и заплака:

- Зошто плачеш? - Зачудено го праша Таисија. На прашањето старецот ѝ одговори со прашање:

- Што те одврати од Исус Христос, бесмртниот Младоженец? Зошто си заборавила на Неговите дворови и се валкаш во нечисти дела?

И одеднаш несреќната жена се сети на Христос, Кого одамна Го беше заборавила, на љубовта кон Него ја учеле во детството нејзините покојни родители. Зборовите на Божјиот старец како оган го изгореа сиот плевел, кој го задушувал доброто семе, одамна посеано во нејзиното срце. Искрено покајание брзо ја обзеде и го потресе сето нејзино битие. Таа во страшна возбуденост извика:

- Оче! Оче! Кажи ми, има ли прошка за сличните на мене?

- Има, - одговори старецот. - Спасителот секогаш чека и им простува на оние што вистински се кајат. Покај сѐ, ќе се израдуваат и сите Ангели на небото.

Таисија го молеше старецот:

- Води ме, води далеку од ова место! Води ме каде што сакаш, само најди ми место погодно за покајание.

Така Таисија замина со старецот од својот со многу гревови осквернет дом, без да направи некаков распоред за својот грешно стекнат имот. Сета гореше од желба никогаш повеќе да не се врати на лизгавиот пат на гревољубивиот живот. А преподобниот Јован, восхитувајќи се на чудесното дејство на благодатта Божја и славејќи Го семоќниот и милосрден Господ, ја водеше својата патничка во сѐ попусти места, далеку од грешниот град, каде што за малку не загина. Притоа се стемни. На изморената патничка преподобниот ѝ направи перница од песок и ѝ рече:

- Одмори се сега.

Потоа ја прекрсти, се оддалечи од неа, ги прочита своите вообичаени вечерни молитви, па и тој легна да се одмори. Во сонот старецот го видел местото каде што ја остави Таисија опкружено со необичен сјај, кој се кревал до самото небо. Низ тој сјај небесен ангел ја носел измачената душа на Таисија кон самиот Господ. Штом се разбуди, старецот веднаш побрза кон местото каде што ја остави и ја најде навистина мртва.

- Еден час на искрено покајание на грешницата Го задоволи милосрдниот Судија и го врати неговото заблудено чедо кај Отецот преполн со љубов, - рече преподобниот.

До зајдисонце тој остана на молитва. Утредента го погреба телото на блажената и се врати во манастирот. Им причини голема радост на сите монаси со своето раскажување за чудесното покајание и прославување на Таисија.

Преподобниот Јован Колов е познат и како писател. Покрај многуте негови изреки, запишани од други монаси, од него останало подробно и прекрасно житие на преподобниот Пајсиј. Пајсиј, кој скршнал од правиот пат, преподобниот Јован го обратил на патот Господов и извршил такво влијание врз него, што тој ненадејно и неповратно го оставил сиот свој имот, се повлекол во дива пустина и таму го поминал животот во покајание. Опишал во Житието многу чудеса извршени од преподобниот Пајсиј. Преподобниот Јован врши ваква напомена:

- Додека слуша за преподобниот Пајсиј славни и натприродни работи, никој да не се посомнева и да не помисли дека јас нешто сум додал од себе, за да го зголемам угледот на мојот мил отец. Тој е над секоја човека пофалба и не му се потребни пофалби од пониските, зашто го слават светите Ангели во небесните височини. Јас го зборувам ова за корист на оние што слушаат и сакаат да ги подржуваат неговите доблести. Го изнесувам само она што со свои очи сум го видел и со свои уши сум го слушнал.

Оваа кратка напомена добро ја објаснува неговата личност како писател.

Блажениот отец Јован се упокоил во петтиот век, во времето помеѓу 422. и 430 година. Местото каде што се упокоил е пустината во близина на Колцум, денешен Суец. Неговите свети мошти се наоѓаат во црквата на светиот маченик Мина во Египет. По неговите свети молитви Господ нека нѐ спомне и нас во Царството Свое. Амин.

ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ НЕКТАРИЈ ЕГИНСКИ ЧУДОТВОРЕЦ,

епископот Пентаполски

Новојавената ѕвезда на небото на Црквата Христова, нашиот богоносен отец Нектариј е роден во Силиврија Тракиска, на први октомври 1846 година, од побожните и сиромашни родители Димо и Василика, добивајќи го на крштението името Анастасиј. Првите темели на образованието Анастасиј ги добил во своето родно место, а во четиринаесеттата година отишол во Цариград, каде еден роднина го примил за помошник во продавницата. Уште од рано детство се јавила неговата љубов кон книгата и како дете правел книги од парчиња хартија, објаснувајќи ѝ на мајка си дека во нив сака да ги запишува зборовите Божји. Исто така од хартија правел и свети одежди, покажувајќи ја со тоа својата љубов спрема свештеничкиот повик и откривајќи го својот иден призив.

Работата во продавницата не ја згаснало во него желбата за науката. Секој слободен момент го користел за читање, сѐ повеќе развивајќи ја во себе љубовта спрема Црквата. Покрај светските древни грчки мислители и философи, особено сакал да ги чита светите Отци, од кои испишувал одредени места за себе, но и за други. Понекогаш, како што самиот сведочи, ги запишувал на хартијата од дуќанот, со која што ја пакувал робата, така што заедно со продадениот производ им давал на своите муштерии и поучни текстови за нивна духовна корист. Подоцна тие духовни текстови ги собрал во една книга под наслов „Ризница од изреки“ и ја отпечатил.

Инаку од самото детство се одликувал со својата насоченост кон духовниот живот, издвојувајќи се со тоа од своите врсници и покажувајќи мал интерес за нивните палавштини. Така во Цариград ја користел секоја пригода да учествува на секојдневните богослуженија, носејќи се уште тогаш со мислата да прими монашки чин, да стане свештеник. По некое време во Цариград беше поставен за воспитувач во школата на метохот на гробот Господов. На пониските класови им бил воспитувач, а ги посетувал високите класови. Во својата дваесетта година Анастасиј го напушти Цариград и прифати да биде учител во селото Литија на островот Хиос. Тука остана седум години, поучувајќи ги не само децата туку и возрасните, поттикнувајќи ги на побожноста и добродетелите, како со збор така и со личен пример. Внимавал на своето однесување и го минувал својот живот во воздржливост и скромност. Често по предавањата се повлекувал во својата соба, минувајќи го слободното време најмногу во читање и молитви. Храмот не само што редовно го посетувал, давајќи им како учител пример на сите, туку многу пати и проповедал во него за Христовата блага вест на спасението. Жедта за длабок духовен живот направила да стане чест гостин на новиот манастир на Хиос, обновен од старецот Пахомиј, монах со свет живот, со кој младиот учител Анастасиј водеше долги и чести разговори. Старецот Пахомиј му ги откри тајните на светата монашка философија, како наука над науките, и ја зацврсти во него жедта за подвижништвото. Резултат на сето тоа беше неговото примање на ангелскиот образ, кое се случи на 7 ноември 1876 година, во гореспоменатиот манастир на Хиос. Младиот монах го доби името Лазар, беше вброен во манастирското братство и поставен за секретар. Целото братство необично го сакаше заради неговата ревност и подготвеност на сите да им биде од помош.

По една година Хиоскиот митрополит Григориј го ракоположи за ѓакон во храмот на светите маченици Мина, Виктор и Викентиј, давајќи му го новото име Нектариј. Како ѓакон остана во својот манастир уште две години, изучувајќи ги со уште поголема ревност Светото Писмо и светите Отци. Желба му беше да студира теологија, но за тоа немаше пари. Но, Бог го умудри имотниот Јован Хоремин од Хиос, кој го испрати на негов трошок да студира во Атина, каде Нектариј заврши гимназија, а потоа и богословски факултет во 1885 година, трудејќи се деноноќно. По завршувањето на гимназијата умре неговиот добротвор Хоремин и на совет од пријателите се обрати за помош кај александрискиот патријарх Софрониј. Со негова препорака се запиша на факултет во Атина, а подоцна доби и стипендија, која му овозможи благовремено завршување на студиите.

По завршувањето на богословските науки, ѓаконот Нектариј отиде во Александрија, каде споменатиот патријарх го ракоположи за презвитер во патријаршискиот храм на свети Сава Осветен, на 23 март 1886 година. Наскоро го произведе во чинот архимандрит, во храмот на свети Никола во Каиро. Тој ги процени неговите способности и доблесниот живот и му ја довери должноста проповедник и секретар на патријаршијата.

Идниот светител се истакна како многу ревносен во својата работа, извршувајќи ја должноста со страв Божји и многу љубов. Благодарејќи на неговиот труд и залагање набрзо беше живописан храмот на свети Никола. За време на своето свето служење, овој христољубив маж придоби огромна љубов од народот и стекна доверба, така што по три години од својот престој во Александрија беше избран за епископ на древната Пентаполска епископија. Гласот за него, како маж полн со доблести и знаења, се слушна уште подалеку, а народната љубов кон него сѐ повеќе растела. Сепак, и понатаму негова единствена грижа беше како да Му угоди на Бога и да му биде од што поголема духовна корист на народот Божји.

Меѓутоа, угледот што го стекна за толку кратко време и духовната живост што ја предизвика во црквата не им беше по волја на сите. Сето тоа наместо да биде повод за радост, кај некои неразумни луѓе предизвика завист. Тие успеаја да го оцрнат кај патријархот Софрониј и да шират лаги дека тој се подготвува по него да го завземе патријаршискиот престол, искористувајќи го народното почитување и придобивајќи го народот за себе. За да ја остварат својата цел и да успеат во својата замисла да го отстранат светиот, се обиделе да го извалкаат и неговиот морален лик. За жал, патријархот им поверува на тие клевети, тајно посеани како сатански плевел, па без никаков суд или сослушување го разреши од доверената должност. Прво му дозволи да може да остане во патријаршијата, но наскоро потоа му упати барање да го напушти патријаршискиот град и да замине кај што сака. Залудно светителот бараше објаснување за неправедната постапка извршена над него. Без пресуда и обвинување, тој беше отфрлен и протеран, така што преку целиот негов земен живот врз него се остваруваше блаженството Господово: „Блажени се гонетите заради правда...“

Кога дозна за неговото заминување, народот тагуваше по него и му напиша:

„Длабоко сме нажалени за вашето заминување, зашто чувствуваме ненадоместлив губиток и го сметаме за голема штета тоа што сме лишени од омилениот архиереј и предобар и исклучително трудољубив клирик.

Откако така го напушти Египет, „во надеж“, како што самиот му пишуваше подоцна на наследникот на александрискиот трон, патријархот Фотиј, „дека ќе ја добие правдата во денот во кој Господ ќе сака“, незлобивиот пастир стигна во Атина. Намерата му беше да продолжи за Света Гора и да остане таму, но на совет од пријателите се задржа во Грција. Беше без средства за живот. Сѐ што имал го беше раздал на сиротите и употребил за печатење на душекорисни книги, а заедно со тоа му биле скратени и сите архиерејски примања од моментот на самото ракополагање. Така остана една година во Атина, без од некого да биде разбран или пак да најде служба. Тоа се случи за Бог да го испроба неговото трпение и уште повеќе да заблеска. На крајот Светиот Синод на Грчката Црква го одреди за патувачки проповедник во Евијскиот срез. Стана патувачки проповедник оној, кој беше украс на Александрискиот трон! Тој го прими тоа со смирение, совесно вршејќи ја својата должност. По две години беше преместен во Фтиотидската и Фокидска област, проповедајќи ја и тука благата вест Христова. Неговото слово беше силно и просто, а карактерот пристоен и братољубив, така што народот со радост ја слушаше благата вест за спасението од неговата света уста. Тука остана светителот една година, а потоа беше поставен за управник на Ризариевата Богословија во Атина, каде остана сѐ до поднесувањето на оставката во 1908 година од здравствени причини и желба да се повлече во манастир. Оваа позната богословија, која дала голем број на добри трудбеници во лозјето Господово и работници на просветувањето на народната душа, пред неговото доаѓање за жал не беше во добар поредок и состојба. Кога ја превзеде школата во свои раце, тој заради својот свет живот и исклучително образование, и црковни и световно, заради начинот на однесување и кон учениците и кон сите останати во школата, внесе во неа нов дух, придобивајќи ја довербата на сите. Новиот ректор истовремено управуваше и со школата и предаваше пастирско благословие и други предмети, пишуваше бројни душекорисни списи, и беше духовен отец и тоа не само на оние во школата, туку и на многумина надвор од неа. Живееше живот на прост монах, смирено и со почитување се однесуваше кон сите, и мали и големи. И понатаму неуморно го проповедаше словото Божјо во школската капела, каде многумина доаѓаа и од страна да го чујат неговото слово, полно со сила и мудрост, да се исповедаат кај него и да добијат татковски совет. Често служеше и проповедаше надвор од школите, во храмовите на Атина и Пиреја. Неговата личност и слово ги привлекувале луѓето како магнет железо, неговата поука оставала длабоки траги во човечките срца, зашто била „дејствителна и со сол зачинета“.

Каков бил неговиот однос кон сите, како и кон потчинетите, сведочи следниов трогнувачки пример. Еден сиромашен служител, на име Лукијан, се разболе и беше сместен во болница, каде остана неколку месеци. Кога излезе од болница по долгото боледување, тој си мислел дека на неговото место е поставен некој друг. Во таков голем страв, едно утро порани да види кој ја одржува школата толку чиста во негово отсуство. На свое запрепастување го најде митрополитот и управител на школата Нектариј како ги чисти школските ходници и клозети. Всушност, преку целото време на боледувањето на овој служител, светителот станувал пред сите, за никој да не го види, и ја извршувал должноста на отсутниот хигиеничар, за да не го остави без работа и парчето леб. Светиот управител строго му се закани никому да не зборува за тоа, инаку веднаш ќе го отпушти од работа. Длабоко трогнат од таквата љубов на светителот, тој ја целиваше неговата света десница и никому не кажа ни збор, сѐ до неговото упокојување.

Исто така, овој протеран архиереј тајно им помагаше и на сиромашните ученици и другите сиромаси, без да го заборави и островот Хиос, на кој некогаш служеше и го прими ангелскиот образ и ѓаконскиот чин. Особено се грижеше за школата во која што некогаш беше учител, лично и преку добротвори, како и за својот манастир со кој беше во непрекината врска. Со еден збор, неговата света личност и минување низ Атина и Пиреја и други грчки места беше благослов од Бога, „Кој го посети народот Свој“, преку овој новојавен светител. Како „жар на духовниот оган“, тој ја оживеа замрената проповед. Во многу души разгоре љубов Божја и внесе Божествена топлина во животот на Црквата и во меѓучовечките односи. Неговото влијание врз учениците во школата беше големо, не едноставно со пренесување на знаењето, туку повеќе со светлиот и свет свој пример. Тој не воспитуваше со власт и примена на принуда, туку со љубов и будење на срам. Така на пример, кога еднаш некои од неговите ученици се степаа и не сакаа да се помират, тој наместо да ги казни, молкум си наложи најстрог пост и гладување на три дена. Тогаш не е никакво чудо што од таквиот благ и христоподобен корен никна низа од вредни и исклучително ревносни работници на нивата Господова, кои, научени од неговиот пример подоцна изведоа многу души на светиот пат Господов. Меѓу неговите ученици имаше и епископи, универзитетски професори, пристојни свештенослужители на олтарот и проповедници, воспитувачи и учители. Еден од неговите ученици Милонас Никола, кој служел како презвитер во храмот на света Екатерина на Плака во Атина, бил оснивач на православните христијански заедници и прв двигател во поново време на катихетските школи за воспитување на децата. Ученик на светиот беше неодамна преминатиот презвитер Ангелос Нисиотис, кој собра многу души околу атинскиот храм, „Животодавен Источник“ на Пресвета Богородица, во кој служел долги сеноќни бденија, разбудувајќи многумина за духовен живот и изведувајќи ги на патот на спасоносното покајание. Во бројот на неговите ученици е и прекрасниот проповедник на благовеста и покајанието во градот Патра на Пелопонес, отец Гервасиј Параскевопулос. Со свети Нектариј биле духовно поврзани, сметајќи се себе си за негови смирени ученици и пријатели во Бога и двајцата преподобни старци, подвижниците на нашето време, архимандрит Амфилохиј Патмоски, кој неодамна блажено се упокои, и проповедникот на покајанието и прекрасен препородувач на душите архимандрит Филотеј Зервакос, игумен од островот Парос во Егејското Море.

Отец Амфилохиј Макрис од Патмос сведочел пред многумина дека по заспивањето на свети Нектариј и благодатното прославување на неговите свети мошти, од нив лично добил чудесно исцеление. Всушност, нему му се заразил прстот на десната нога и итно требало да биде отсечен, но лекарите не се осмелувале да го оперираат, зашто отец Амфилохиј имал и шеќерна болест, па раната можело да не зацели. Тогаш болниот замолил да му донесат дел од моштите на свети Нектариј и таа ноќ искрено се помолил на светителот, како на пријател Божји и свој (зашто заедно со него живеел некое време во ќелијата и му служел), и светителот милостиво ја услиша неговата молба и со благодатта на Светиот Дух му го исцели прстот во истата ноќ, така што утредента операцијата повеќе не била потребна.

Свети Нектариј често ја посетувал и егзархијата на Светиот Гроб Господов во Атина. Еден ден тој му рече на тогашниот парох во егзархијата:

- Кога човек ќе ја сфати целта на својот живот и дека е чедо на Отецот Небесен, односно на Највозвишеното Добро, тогаш со презир гледа на добрата на овој свет. Да, доблесниот човек ги трпи искушенијата и понижувањата, но длабоко во срцето се радува зашто совеста му е мирна. Светот ги мрази и презира доблесните луѓе, но и им завидува, зашто се случува она што го говореле и нашите предци: „На доблеста и непријателот и се восхитува“.

Со овие зборови светителот како да го опишувал и својот животен пат. Зашто токму и тој неправедно страдал и трпел, но совеста секогаш му била мирна, па затоа и другите му се восхитувале.

Во летото на 1898 година светителот ја посетил Света Гора. Неговата незлобливост, смирение и длабока побожност оставија исклучителен впечаток врз светогорските подвижници. Навистина и до Света Гора беа стигнале противречни мислења за Пентаполскиот прогонет светител. Смрдеата на лошите зборови и клевети далеку стигнува, па затоа и овде ги имало оние кои со сомнеж гледале на него. Но, го препознале оние на кои Бог им ги отворил очите за светлината, правдата и светоста. Оваа посета и духовните разговори со светогорците помогнаа светиот уште повеќе и подлабоко да го сфати монашкиот живот и да го засака пустиничкото тихување, за кое многумина во тоа време, затруени од нездравиот дух на овој свет, зборуваа дека е непотребно.

Во тоа време се упокои александрискиот патријарх Софрониј и многумина сметаа дека за негов наследник ќе биде избран Нектариј Пентаполски, како маж со исклучителни доблести и образование, со кои ниту еден меѓу александриските ерарси во тоа време не можел да се натпреварува. Но, на Бога Му било угодно да биде избран Фотиј и понижувањето на светиот да не престане, за преку крстот и трпението, наместо да биде привремен украс на Александрискиот трон, да стане Негов вечен украс, и духовен отец, и патријарх на целата Христова Црква, како и исцелител на сите понижени и навредени. Сметајќи дека дошол часот за негово оправдување и средување на неговата ненормална канонска состојба како архиереј, светиот се обрати во врска со тоа на новиот патријарх, со писмо полно со смирение, во 1902 година, но не доби никаков одговор. По единаесет месеци, по тој повод се обраќа за совет кај цариградскиот патријарх Еремија III, изразувајќи пред него чудење за својот случај, единствен како што со право вели во црковните анали: „да може да постои Архиереј разрешен од должноста, без никаков суд и пресуда, кој не припаѓа на ниту една Црква“.

Но, на овој пристоен Свој слуга, лишен од власта и од честа, Бог му подари една вистинска и неминлива власт над човечките души, да биде духовен родител, препородител и просветител на многумина и за животот и по смртта. Навистина се чудни и прекрасни патиштата Господови. Во Атина и Пиреја, како што рековме, околу него се собираа многу побожни души, имајќи го за свој духовен отец и учител. Така една група побожни жени, негови ученички, посакаа да се повлечат во манастир и да му се оддадат на монашкиот живот под негово раководство. И самиот наклонет кон монашкото тихување, тој се одзва на нивната желба и реши да им помогне во основањето на манастирот. Најде погодно место на блискиот остров Егина, покрај гората Палохорон, каде што некогаш било седиштето на Егинскиот епископ. Тука порано се подвизувал свети Дионисиј Закинтски како митрополит и тука до денес постојат десетина сочувани цркви и црквички, без ниту една световна градба, како сведоци на побожноста и верата на некогашните христијански поколенија. Овде, на местото Ксантос, час и половина од морето, со благослов на Атинскиот архиепископ Теоклит, свети Нектариј основаше манастир во 1904 година и го посвети на Светата и Животодавна Троица, изворот и плимата на сѐ што постои. На тоа место постоеле остатоци од полусрушениот манастир „Животодавен Источник“, во кој некогаш според месното предание се подвизувала преподобна Атанасија Егинска, која се празнува на 18 април. Оваа преподобна дева Христова подоцна премина во Солун, бегајќи заедно со преподобните Теодор и Теопист пред гусарската опасност. Светителот основаше овде женски манастир и за прва настојателка ја постави телесно слепата, но духовно видовитата и чедна монахиња Ксенија, негова ученичка, околу која се собра свето општожитие со строги монашки правила и под негово духовно раководство.

Во 1908 година светителот поднесе оставка на достоинството управник на Богословијата и премина во манастирот како свештеник и свештенослужител. Тука го помина остатокот од својот живот во молитви и пост и умна и телесна работа, Како што во училиштето ја обработуваше школската бавча заедно со децата, поучувајќи ги на трудољубие и работа, така и овде учествуваше во обновата на манастирот и одржувањето на бавчите со сопствени раце. Како порано, така и сега светиот се занимаваше со пишување на душекорисни книги и песни во слава на Света Троица и Богородица Дева.

Голем број верни од Егина и надвор од неа се собираа во манастирот да учествуваат на богослуженијата на светителот, слушајќи ги неговите проповеди и барајќи духовни совети од него. Простиот егински народ брзо забележа дека не се работи за обичен свештено служител, туку за вистински човек Божји. Народот стекна голема доверба во него и доаѓаше по молитви за разни потреби, со длабока вера дека Бог го слуша него. Дошло времето и оној што често и долго беше понижуван и презиран од луѓето, да биде прославен од Бога. Така, молен од свештенството и народот за време на голема суша, светителот во два наврати измоли обилен дожд на островот Егина со својата молитва. Правеше и други чудеса.

Една жена, која боледувала од тешка главоболка, се исцели по неговите молитви.

Една девојка од селото Халазмена, која боледувала од хронична температура, исто така беше исцелена по исповедта кај светиот и по неговата молитва.

А пак друга, која била свршена за едно момче, но нервно болна и ѓаволесана, откако ѝ прочита молитва и ја исповедаше, ја стави врз неа архијерејската одежда и таа си замина потполно здрава.

Еве уште неколку настани, кои сведочат дека Бог уште тогаш започна да го прославува Својот слуга Нектариј.

За време на Првата светска војна монахињите намислија да набават жито и намирници за резерва, предвидувајќи воени неволји. Но, светителот остро ги прекори, велејќи:

- Ако го сторите тоа, тогаш навистина нѐ очекува голем глад. Кога видоа дека многу се противи, монахињите се откажаа од војата намера. Но затоа Бог, со благословот и молитвите на светиот, ја умножи храната што ја имале и не само шти имале доволно за манастирските потреби, туку и за сите кои за време на војната доаѓале манастирот.

Сестрата, која му прислужувала на светителот, често на сон гледала момче кое стоело до него, Кога ќе го прашала дали на владиката му треба нешто, тоа одговарало:

- Ќе те известам кога ќе биде потребно.

Тоа особено се случувало кога светителот боледувал. Таа понекогаш го гледала тоа момче и будна. Додека светителот служел момчето стоело покрај него, изгледало облечено во војничка облека со молневит лик.

Друга сестра, која прислужувала во олтарот како ѓакониса, за време на светата Литургија видела, и тоа во моментот кога свети Нектариј ги изговарал зборовите „Твоја од Твоите“, величествена Госпоѓа, Која држела Дете во прегратките и како Таа влегла низ царските двери и застанала покрај светиот. Кога светителот ги изговорил зборовите „Особено за Пресветата Пречиста“..., Таа ги испружила рацете и му го предала Детето. Тоа сестрата го видела во потполно будна состојба.

Овие и уште многу други чудни настани, кои се случиле додека светиот сѐ уште бил жив, до денес ги паметат сестрите монахињи, очевидци во манастирот на светиот, а и некои побожни граѓани. Сето тоа, како и останатите свои доблести, светителот ги криел од луѓето. Но, не може да се сокрие град на врв планина. Веќе се беше прочул како човек со длабоко расудување, кој, кога дава духовен лек ги соединува строгоста со љубовта и снисходењето, раководејќи се секогаш според болестите и според силите на болниот. Многу клирици од Атина и Пиреја доаѓале кај него на исповед и духовен совет. Имаше дар и да го предвиди она што ќе се случи, за што сведочат многумина што се исповедале кај него. Светиот помина така околу тринаесет години во манастирот, водејќи ги доверените души и сите кои бараа помош од него.

Но, ни во манастирот не беше поштеден од искушенија и клевети. Атинскиот архиепископ Теоклипт I, кој му даде благослов за основање на манастирот, подоцна, под влијание на злобни луѓе, кои го клеветеле светиот за божемни злоупотреби и нечист живот, започна да се сомнева во него и неговата духовна работа. Затоа често испраќаше да се вршат прегледи и испитувања во манастирот и да го сослушуваат светителот. Иста недоверба кон него имал и Теоклитовиот наследник, архиепископот Атински и подоцнежен патријарх Цариградски Мелетиј Метаксакис, кој подоцна како патријарх со своите неразумни реформи и гордо самоволие, ѝ нанел големо зло на Црквата. При една негова посета на манастирот за сослушување на светиот, со него бил и тогашниот ѓакон Атинагора, подоцнежен Цариградски патријарх, кој Светиот и го вброи во ликот на Светиите, победен со силата Божја и чудесно посведочено со светоста и невиноста на овој нов трпелив Јов.

Две години пред да се упокои, смирениот и свет старец Егински претрпе уште едно страшно понижување и тоа од истражниот Пирејски судија Т. Григориј. Повод за тоа била една манастирска искушеничка. Нејзината мајка, која ги беше напуштила и ќерката и сопругот и живееше блудно, ја зеде ѓаволот под свое и таа ги обвини кај архиепископот и кај споменатиот судија, преосветениот Нектариј и неговиот манастир, дека ѝ ја завеле ќерката. И додека судијата, кој ѝ поверува на лагите на оваа несреќна жена, вршеше истрага во придружба на двајца полицајци, понижувајќи го и обвинувајќи го светителот со најстрашни обвинувања, тој трпеливо молчеше како Господ Христос пред Пилат, единствено кревајќи го прстот и очите кон небото и ни збор не изговори. Избезумениот судија ја подложи дотичната девојка дури и на лекарски преглед, но беше посрамен. Искушеничката беше невина, иако беше израсната во несреќно семејство и напуштена од мајката. По неколку месеци дојде жената на овој судија и низ солзи го молеше светиот да му прости на нејзиниот маж и да се помоли на Бога за него. Всушност, овој судија ненадејно се разболел од гангрена и лекарите не биле во состојба да ја утврдат причината за неговата болест и да му помогнат. Незлобивиот архиереј Христов наместо осветољубивост за страшното понижување, сакаше дури и да го посети судијата во болницата, но во тоа го спречи сопствената болест. Тој се молеше Господ да му прости и да го помилува. Но, по пет дена судијата умре во болницата околу полноќ, во страшни маки.

Така се подвизуваше овој блажен маж и трпеливо ги поднесуваше сите искушенија и човечката злоба. Во неговата старост, на неговите духовни страдања беа придодадени и телесни. Тој заболе од простата и речиси година ипол трпеше болки, без никому да се пожали за својата болест. Така болен, изрази желба да се поклони на чудотворната икона на Мајката Божја, која се наоѓала во манастирот „Хрисолеондис, оддалечен од неговиот манастир „Света Троица“ еден час одење. Со него појдоа (во средината на август 1920 г.) и три сестри монахињи. Бидејќи од болките не можеше да оди, светиот се качи на муле и така стигна во манастирот. Тука остана петнаесет дена, молејќи се и клечејќи пред светата икона на Богомајката, кон Која одамна негуваше особена почит. На враќање од манастирот стигна до едно место каде што имаше камен во кој беше издлабен знак на чесниот крст. Светиот се симна од маската, па почна да се моли со кренати раце. Беше како надвор од себе. Кога го виде тоа монахињата што беше со него, помисли дека му се случило нешто па го протресе со раката, а тој ѝ рече:

- Ме прекина во молитвата.

Очите му биле преполни со солзи, како и кога го напуштал манастирот, последен пат целивајќи ја иконата. Тој ги избриша солзите, се сврте кон хоризонтот и рече:

- Сакам за последен пат да го благословам моето манастирче и сите христијани на островот, зашто за кратко време заминувам. Нектарија (тогаш сѐ уште се викала Агапија), изненадена од неговите зборови и однесување, го праша:

- Каде?

- На небото, - ѝ одговори светителот.

Кога дознаа за неговата болест, сестрите во манастирот го молеа да го однесат во болница. Тој одбиваше на некое време, но на крајот попушти и беше префрлен во Атина, во болницата Аретеион. Тука на болничката постела ги помина последните два месеци од својот макотрпен и свет живот. Се упокои во Господа во очи на 9 ноември 1920 година, во седумдесет и четвртата година од својот живот и странствување.

Уште додека боледуваше светиот, една од сестрите на сон се нашла на едно прекрасно место, на коешто имало новоизграден каменен дворец, кој некакво момче го прегледало да нема некаков недостаток. Кога видело дека е совршен го заклучило.

Сестрата восхитено го прашала чиј е тој дворец, а момчето ѝ одговорило;

- На Нектариј.

Таа го запрашала од каде тој има таков дворец кога е беден и сиромав, и повторно слушнала одговор:

- Дворецот е на Нектариј.

Бог му беше подготвил на небото живеалиште на новојавениот светилник на Црквата Своја, на земјата понижен и беден, а пред Бога возвишен и прославен.

Неговите свети мошти беа пренесени прво во болничката капела, а потоа во Пирејското пристаниште, кај храмот на Света Троица, каде наскоро се собра многу народ, на кој што некогаш му ја благовестеше радоста на Воскреснатиот Христос и Неговата наука. На неговото мирно и спокојно лице многумина забележаа нешто необично: како да се потело со некоја благомирисна пот, од која што му била мокра и косата и брадата и тој мирис се ширел околу сандакот. Неговото верно духовно чедо Коста Сакопулос, на кого Светиот му беше и татко и мајка, со памук ја бришеше оваа благомирисна пот, восхитен и потопен во тага за својот духовен родител. Присутните земаа од тој памук, побожно се мачкаа по лицето и го чуваа за благослов.

Светото тело на овој човек Божји беше качено на брод и пловеше по чистата морска вода, каква што беше неговата душа, кон островот Егина. Сиот народ со свештенството и монаштвото на островот излегоа да го пречекаат. Со тажно биење на сите камбани на островот, во присуство на помесните власти, свештенството и монаштвото, богословите на Ризариевата Богословија, облечени во мантии и многуброен народ, земните благомирисни остатоци од свети Нектариј беа на раце пренесени од морето до манастирот, околу два часа одење. Неговите ученички, деви монахињи, со преподобната и слепа Ксенија на чело, и сиот народ го оплакуваа заминувањето на светителот од земјата. По извршеното опело во манастирот моштите беа погребани во црковниот двор од јужната страна, по три дена преспивање во манастирот.

Покрај светото миро кое што се ширело од моштите на заспаниот ерарх Христов, сѐ до моментот на неговиот погреб се случуваа и други чудни знаменија околу неговите мошти. Така, во денот на неговото заспивање се случи мажот на некоја побожна жена да ја целива раката на светиот, при преносот на неговото тело на Егина, и восхитен почувствува некоја чудна топлина од неа. Тоа толку подејствува врз него, така што непобожниот и речиси безверник стана многу побожен. Кога ја виде неговата нагла промена, жената зажали што и таа не се удостои да ги целива моштите. Наредната ноќ ѝ се јави светителот на сон. Таа се нашла како во некој храм. На светите двери стоел свети Нектариј, служејќи Служба обвиен со небесна светлина додека присутниот народ викал:

- Нектариј се посветил.

Тогаш таа со своето дете се пробила низ народот, примила благослов од светиот и радосно се вратила дома. Кога по извесно време го посетила манастирот таму видела една слика, која била потполно истоветна со ликот кој ѝ се јавил во сонот. Тоа била сликата на свети Нектариј, кого таа не го познавала за време на животот.

Шест месеци по погребот, по повод една надгробна плоча, која што ја поклони богословијата за гробот на светителот, се јави потреба гробот да се поправи, за да може плочата да се постави врз него.

Притоа требало да се помести и сандакот. Игуменијата се плашела да го стори тоа поради смрдеата што се јавува од распаѓањето на телото. Додека ја мачеле такви помисли, за кои никому не спомнала, една ноќ ѝ се јави светителот на една од сестрите на сон и ѝ рече:

- Што правиш, чедо?

- Добро сум по вашите молитви оче, - одговорила таа.

- Наведни се да те прекрстам, - И рекол тој по својот обичај додека бил жив. Таа се наведнала, а тој повторно ѝ рекол:

- Помирисај ме, да видиш дали смрдам.

Таа му одговорила дека не смрди. Тогаш ја прашал поотворено?;

- Смрдам ли?

Таа одговорила:

- Кој вели дека смрдите, Преосветени? Како е возможно да смрдите?

Светителот на тоа рече:

- Тоа кажи ѝ го на игуменијата.

- На која игуменија? - прашала сестрата.

- На игуменијата Ксенија, - рече светителот, па додаде:

- Погледни ме, чедо, дали нешто ми недостасува? - и ѝ ги покажал плеќите, рацете, нозете. - Зарем не сум целосен?

- Целосен си, - му одговорила монахињата, полна со страв и трепет.

Своето видение таа веднаш ѝ го соопшти на игуменијата. Многу восхитена, таа одлучи привремено да се поместат чесните мошти од гробот, додека да се постави надгробната плоча. Кога потоа чичко Мицо ѕидарот го извади сандакот и го постави покрај дворот под кој светителот беше погребан, сите присутни изненадени видоа дека неговото тело беше потполно недопрено. Светиот отец изгледаше како да спие и од неговото тело се ширеше неопислив мирис. Прекрстените раце беа жолти и чисти како восок. Тогаш телото го пренесоа во неговата соба, каде остана два дена и две ноќи, сѐ додека гробот не беше подготвен и повторно беше спуштено во него.

Гробот на Светиот повторно беше отворен по три години. Неговото свето тело беше во иста состојба како блажено да спие, а неопислив мирис и овој пат го исполни манастирскиот двор. Така цело и недопрено останало повеќе од дваесет години и два пати било преоблечено на радост на верните, а за восхитување и недоумица на неверните и маловерните. Многумина зачудено се прашувале, зарем е возможно во овој наш грешен и страстољубив век повторно небото да се симне на земјата и земјата да роди таков благомирисен цвет. А просветените со мудроста Божја би им одговарале:

- Бог е секогаш ист, и секое време е погодно за спасение, и од Бога дадено да раѓа свети луѓе.

И навистина, Бог во секое време ги раѓа и препораѓа сите, кои ќе го земат крстот свој и ќе појдат по Христа, како Егинскиот Чудотворец свети Нектариј.

Чувајќи го дваесет години нераспаднато и полно со благомирис телото на Светиот, Бог како да сакал со тоа да ги посрами сите што го клеветеле за време на животот, покажувајќи им со тоа на сите дека бил сад на Светиот Дух а не сад на гревот. Потоа тоа се распадна и се врати на мајката земја, за и со тоа да ја изврши заповедта Господова, но не престана да чудотвори преку своите свети остатоци. Конечниот пренос на преостанатите мошти на свети Нектариј во на него посветениот храм, изграден со храмот на Света Троица, беше извршен на 2 септември 1953 година, во присуство на митрополитот на Идра и Егина Прокопиј, Илискиот митрополит Антониј и многуброен верен народ.

Чудотворното дејство на егинскиот светител Нектариј се чувствувало уште од првиот ден на неговото заспивање и на Егина и надвор од неа, така што славата на името негово се ширела од ден во ден меѓу побожниот народ и растела народната љубов кон него. Посведочен со доблесниот живот и чудесата, јавувајќи се како нов мироточец и исцелител на неисцеливи болести, под вулканскиот наплив на народната побожност и почитување, свети Нектариј и званично беше бвроен во соборот на Светиите на 20 април 1961 година, со одлука на цариградскиот патријарх Атинагора и Светиот Синод на Големата Христова Црква.

И навистина, големо е тоа чудо во овој наш век на неверие и маловерие, да стане повод на толку духовни збиднувања и движења овој од многумина презрен и до самата смрт понижуван архиереј и светител Христов, Нектариј. Каде и да го повикувале верните и го призивале во молитвите со вера, тој стигнувал и секогаш стигнува.

И бесомачни лекува, и раслабени и духовно и телесно зајакнува, и хроми исправува и исцелува, и оние по море во бура ги спасува. За многу кратко време неговото свето име стана познато насекаде. И на копно, и по море, и на островите, во Европа и Америка, и Африка, насекаде каде што има православни души се почувствувало неговото благодатно присуство. Околу неговиот манастир „Пресвета Троица“ и неговите свети мошти постојано се собирал многу народ и тоа не само од Грција, туку особено во последно време и од сите православни земји. Насекаде никнале многу храмови посветени на него и на копно, и на островите, и во Африка и во Америка. Познат по многуте чуда е храмот посветен на свети Нектариј на островот Крит, во местото Ханикија, каде има и еден дел од неговите свети мошти. Покрај службите напишани во негова чест, за свети Нектариј се напишани и многу книги, во кои се изложува неговиот живот и бројните чудеса и исцеленија, извршени со силата на неговото благодатно застапништво пред Бога. Напишани се многу книги и се пишуваат непрестајно, и во срцата на верните и на хартија. Многумина сведочат за неговото благодатно јавување во најоддалечените краеви на светот. Многу неизлечиво болни во моментите на крајна безнадежност виделе во видение старец монах, со блага насмевка и монашка капа, како ги теши и им ја враќа надежта во спасението Божјо. На прашањето кој е, одговара: Нектариј Егински. Овој светител на нашиот век како да беше испратен од Бога за да ги исцелува двете најтешки и најраширени болести на нашето време, страшната болест рак и болеста на демоноопседнатоста и воопшто нервните и душевните заболувања.

Овде ќе наведеме само неколку примери на чудесни исцеленија по молитвите и благодатното дејство на свети Нектариј, кои покажуваат дека Божјата љубов не го заборавила ни ова наше поколение (неверно и расипано) и дека Бог навистина секогаш сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до спознание на вистината.

Првото чудо се случило во денот кога светителот се упокоил. Некој случајно го ставил неговиот џемпер на креветот на болниот покрај него, парализиран во долниот дел на телото, и тој болен во истиот момент оздравел.

По упокојувањето на Светителот, во 1922 година родители ја доведоа од селото Кокла во манастирот Света Троица својата болна ќерка Константина Макра. Девојката луто ја мачел нечист дух. По неколкудневен престој покрај гробот на свети Нектариј, со многу топли молитви, девојката потполно оздраве. Кога ја почувствувала врз себе толкавата сила на светињата, девојката реши да остане во манастирот засекогаш. Го прими монашкиот чин и го посвети својот живот на Бога, со новото име Кекилија. Слично чудо се случи и во 1925 година над една девојка родум од Астипалеја, која, мачена од нечист дух, исто така беше исцелена на гробот на Светителот и остана како монахиња Митродора.

Во местото Ханија на Крит, во 1952 година од тешката болест менингитис се разболе Ираклиј Мавраки, дете од шест години, кое само што беше тргнало во прво одделение. Родителите веднаш го повикале лекарот Константин Хиотакис, кој утврдил дека се работи за туберкулозен менингитис од најтежок вид и дека на детето му нема спас. На молба од тетката на детето Стела Мавраки, лекарот даде рецепт за лекови, едноставно за утеха на несреќните родители, иако очекувал тоа наскоро да почине. Тетката тргна да купи лекови, но по пат се предомисли и сврати во куќата на своите познаници, кои имаа икона на свети Нектариј, за кого како светител токму во тоа време започнало да се зборува на Крит. Додека таа молела да ѝ ја дадат иконата на свети Нектариј, детето ненадејно ги повика своите баба и мајка и им рече:

- Не плачете, јас ќе оздравам. Тоа ми го рече свети Нектариј.

На нивното прашање каде и како, детето одговори:

- Дојде светител, старец со долга брада, ме помилува по лицето и ми рече: Кажи им на твојата баба и мајка да не плачат. Јас ќе те оздравам, не верувајте му на лекарот...

Во меѓувреме стигна и неговата тетка со иконата на светителот и со лекот. Пред да влезе во детската соба и пред некој да го забележи нејзиното доаѓање, малиот извика:

- Тетка ми ми го носи свети Нектариј!

Таа влезе, го прекрсти детето и му ја стави иконата на градите. Тоа пак, до тој момент парализирано, полека ги помрдна рацете и ја прегрна иконата на светителот, ја настрани главата на десната страна и како да падна во летаргична состојба. Домашните го оставија да мирува и читаа молебен на светителот. По два часа детето си дојде на себе и рече:

- Добро сум.

Притоа повторно дојде лекарот и утврди дека му е многу подобро, а и присутните и самото дете го потврдија тоа. Сепак лекарот отворено рече дека тоа подобрување е само подобрување пред смрт. Но, здравјето на детето во текот на наредниот ден толку се подобри, така што во осмиот ден лекарот призна:

- Јас повеќе не сум потребен овде.

Притоа додавајќи дека само чудо можело да стори такво нешто. И навистина тоа чудо го стори светителот Божји Нектариј Чудотворецот.

По Воскресение во 1956 година манастирот Света Троица на Егина го посети капетанот на парниот брод „Коринтиј“ Јован Кријарис, со сопругата и морнарите од бродот. Тие приложија златна макета од својот брод и го раскажаа следниот настан. Споменатиот парен брод пловел во месец март 1956 година во италијанските води и во текот на пловидбата удрил во подводна карпа. Дупката на бродот од ударот била толку голема што се заканувал сигурен бродолом. Капетанот видел дека им нема спас и со длабока вера повикал кон свети Нектариј, барајќи помош од него. Светителот му се јавил и смирувајќи го со раката да не се плаши, зашто нема да им се случи ништо, му ветил брза помош. И навистина бродот и сите на него чудесно биле спасени и стигнале во најблиското италијанско пристаниште, благодарејќи Му на Бога и Неговиот светител.

Магдалина Вувулика од Флорина (Егејска Македонија) заболела од рак. Во текот на две години станала многу послаба. Потоа добила постојана температура и пожолтела, живеејќи само на лекови. На крајот започнале да ја мачат и страшни болки. Добивала инекции за смирување, паднала во кревет и сите ја очекувале нејзината смрт. Нејзиниот син Сократ, веќе без никаква надеж, прибегна кон молитвата и на 6 септември 1966 година стигна во манастирот на гробот на свети Нектариј, својата последна надеж во Бога. Додека се молел на гробот, раскажува тој, слушнал чекори и пеење. Во вторник по светата Литургија, токму во моментот кога бил на гробот и се молел за својата мајка, таа оздравела. Тоа утро болките ѝ станале неподносливи, и во еден момент, како што му раскажале на синот кога се вратил дома, жолтицата започнала нагло да исчезнува, температурата да опаѓа и болките да исчезнуваат. Од тогаш па до денес, раскажува благодарниот син, мајката постојано пие по малку од маслото донесено од гробот на свети Нектариј, крепејќи ја својата немоќ и благодарејќи му на Светителот Божји и Чудотворец.

Друг сличен случај се случи нешто порано. Всушност, на една девојка на име Димитра Георгара од Пиреја ѝ заболело окото од 1949 година. Едното око започнало да ѝ се поместува од очната вдлабнатина. По лекарските снимања и испитувања се нашло дека зад него постои израсток и девојката била подложена на тешка и невообичаена операција, и израстокот бил изваден. Но, по микроскопското испитување на извадениот израсток се утврдило дека се работи за рак. На прашањето од нејзината мајка што да прави, лекарите ја посоветувале да ја води на клиниката за рак да ѝ се извади окото и да ѝ се отсече еден дел од коската на лицето, па да се подложи на зрачење, и самите немајќи многу надеж за успех. Кога виде дека надежта во лекарската помош е незнајна и несакајќи да го обезличи лицето на своето дете, мајката реши да препушти сѐ на Божјата волја. За свети Нектариј одвај беа слушнале. Им стана познат кога лично ѝ се јави на нивната сосетка и ѝ рече да им каже девојката да ја одведат во манастирот на Егина. Тие го сторија тоа со солзи и болка во душата. Кога стигнале во манастирот веднаш отишле на гробот на светителот. Се одржал молебен за оздравување, па потоа го помазале нејзиното болно око со масло од кандилото на гробот. Веќе било доцна и се повлекле во гостилницата да се одморат. Додека ќерката спиела ѝ се јавил светителот, ја благословил и ѝ рекол дека не ѝ е ништо и дека може да си оди дома зашто оздравела. Така навистина и се случи. По две години им се јавил доцентот Јованович кој учествувал во операцијата, интересирајќи се дали е жива. Кога му рекле дека се чувствува потполно здрава и дека нема никакви тешкотии со окото, тој изрази желба да ја види. Кога ја виде навистина здрава, се зачуди и рече:

- Тоа што е невозможно за луѓето, возможно е за Бога.

Еден српски свештеник Т. М., кој живеел и служел во Германија, заболел од рак, па отишол на поклонение на моштите на свети Нектариј и оздравел, така што од тогаш е длабоко уверен дека светителот го спасил од оваа тешка болест. Постојат и други примери на благодатното присуство и чудотворно дејство и во нашите краишта на овој голем Божји светител во нашето време.

Но, кој би можел да ги наброи безбројните чудеса на овој новојавен Чудотворец Божји. Наведовме само дел од нив, како доказ и очигледно сведоштво дека е жив нашиот Бог и вечно прекрасен во светиите Свои. Свети Нектариј не само што ги лекува луѓето од душевните и телесните болести, туку и препораѓа безброј души: со својот свет пример и угледување на него, со своите доброчинства до смртта и по неа, и чудното собирање на безброј души околу својот свет гроб, во единство на верата и љубовта, во единство на Духот Свет. Ги препораѓа и со своите многубројни душекорисни списи и книги што ги напишал, како што се: За црквата, за Светите Тајни, За вистинското и лажно образование, За познанието на себе, За Чесниот Крст, За бесмртноста на душата, За христијанскиот морал. Потоа списи за Вселенските Собори и за причините на шизмата помеѓу Истокот и Западот итн. Станувајќи така современ отец на Црквата и собирајќи го избраниот народ околу својот гроб, свети Нектариј го призива заедно со него и со сите Светии непрестајно да ја пее Трисветата песна на Животворната Троица. На Света Троица тој ѝ служел во сите денови од својот живот. На Света троица го посветил и својот манастир и својата душа и своите духовни чеда. На Таа иста Животворна Троица вистинскиот Бог наш, прекрасниот во светиите Свои, Му се поклонуваме и ние грешните, славејќи Го и прославувајќи Го Отецот и Синот и Духот Свет, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

Од пребогатата духовна ризница на свети Нектариј Егински имаме многу драгоцени бисери да изнесеме пред побожните читатели. Неговото православно богословие, неговото духовно искуство, душекорисните поуки и подвижничките упатства, сето тоа е богато присутно во неговите прекрасни дела, кои што ги напишал следејќи ги во сѐ Светите Отци на Православната Црква. Но, има во неговите дела и нешто ново, што на денешниот православен читател ќе му биде и корисно и потребно да го знае, па затоа само тоа ќе го наведеме овде. Тоа е мислење и оцена на свети Нектариј, како современ отец на Црквата, и како црковен историчар (зашто тој бил и учен богослов), за тоа кои биле причините за расцепот на Црквата, односно причините за отцепувањето на Западната Латинска Црква од Православната Источна Црква. За тоа опширно пишува светителот во својата книга „Историска студија за причините за расцепот“ (која е отпечатена во Атина во два тома, 1911-12 г.).

Главната причина за расцепот, односно отпаѓањето на Западното Христијанство од Источното, свети Нектариј го гледа во гордото и властољубиво тежнеење на римскиот папа за власт и господарење над Црквата Божја. Таквата власт, каква што папата ја бара за себе над целата Црква, ја немал никој од Апостолите, па ни самиот свети Апостол Петар, на кого папите залудно се повикуваат. „Зашто кога својствата и власта на светиот апостол Петар, пишува свети Нектариј, би биле такви какви што бара Римската црква, тогаш духот на Евангелието би бил несфатлив и многу проблематичен, зашто во тој случај би настанал збрка на поимите и судир на принципите (начелата): би бил несфатлив од една страна, принципот на еднаквоста и рамноправноста (на сите Апостоли), и тоа еднаквоста до смирување на едните пред другите (сп. Марко 10, 42-45), а од друга страна принципот на нееднаквоста, и тоа нееднаквоста до надменост и владеење на едните над другите“. Меѓутоа, додава понатаму Светителот, „единството на Црквата не било засновано и втемелено на едно лице на еден од Апостолите, туку било и е во едното Лице на Спасителот наш Исус Христос, Кој и е Глава на Црквата, и во Едниот Дух Свет, во една вера и надеж и љубов и служба на Бога“ (Книга 1, стр. 68-69).

„Единството на Црквата се состои во единството на нејзините членови со Господа. Сите кои преку Апостолите поверувале во Христа се соединиле со Господ Исус и се осветени со вистината на Бога Отца“ (Јн. 17, 17-22). Затоа светиот апостол Павле во своите Посланија „често пишува за единството на Црквата, за поврзаноста на тоа нејзино единство, за главата на Црквата, за ерархијата на Црквата, но тој никаде не го спомнува Апостол Петар како обврзувачка врска на тоа единство на Црквата“ (Книга 1, 70. 73).

„Соединувачката врска на сите верни во Црквата и сите помесни Цркви меѓусебно, пишува понатаму свети Нектариј, била и онаа свештена и таинствена поврзаност и соединување на сите верни во Христа, преку нивната заедничка вера, надеж и љубов кон Женикот на Црквата, Христос, и преку заедничката ерархија и заедничко богослужење“ (таму). Ова пак единство се исполнувало и се исполнува во заедничкото служење на Света Литургија и причестувањето, и во останатите заеднички Свети Тајни и свети богослуженија, засновани на исповедањето на едната и иста Православна вера. И исто така во заедничките свети Собори на Црквата. Затоа Црквата и никогаш не признавала некоја друга власт над своите свети Помесни и Вселенски собори (Книга 1, стр. 48-51 и 8-85).

„Вселенските собори, пишува понатаму свети Нектариј, се најкарактеристичното обележје на уредувањето и организацијата на Црквата и духот кој владее во Црквата, и тие се израз на еднаквата чест и еднаквата важност на сите помесни Цркви. И уште: тие се најјасно сведоштво на целата Црква за непогрешливоста, која се наоѓа само во Едната Света Соборна и Апостолска Црква (а не во папата)“ (Книга 1, стр. 93-94). Како добар познавач на историјата на Црквата, свети Нектариј знае дека Римските епископи повеќе пати низ историјата грешеле во прашањата на верата и моралот, и затоа во својата студија набројува десетина Римски папи, кои директно погрешиле во верата, поради што некои од нив биле осудени и анатемисани од Вселенските и Помесните Собори на целата Црква (како на пример папата Хонориј, кој е осуден на Шестиот и Седмиот Вселенски Собор) (Книга 1, стр. 159-172). Затоа вели Светителот: „Било што да кажат приврзаниците на папската непогрешливост, заради задоволување на своите страсти, во историјата јасно се гледа дека извесни папи се покажале како погрешливи во верата и дури како предавници на вистинската вера“ (Книга 1, 173).

Светителот Егински понатаму наведува дека Римските епископи својата претенциозна и горда власт над Црквата всушност низ историјата ја засновале на лажни документи и декрети, кои латинските богослови, па и самите папи ги фалсификувале и така со нив ги измамиле другите. Тоа биле лажни документи, таканаречени „Дар Константинов“, „Псевдоисидорови декреталии“ и „Грацијанови декрети“, сите од подоцнежно време (од. 8- 9. и 12. век).

„Кој не знае, пишува Светителот, дека тоа биле причините за расцепот? Со тоа единството веќе било внатре разбиено, моралната врска прекината, провалијата на расцепот веќе отворена, и големо растојание веќе ја разделуваше Западната или подобро речено Римската црква од Источната, односно од Единствената, Света и Апостолска Црква. Папите со тоа станале римски императори, а Римската црква - црква над црквите, и римскиот епископ - епископ на целиот свет! Папата станал богочовек!, зашто според божественото и човечкото право управува со двете сили: божествената сила (односно власта) која му доаѓа од Петровото наследство, и човечката сила (власта) која му доаѓа од даровите и повластиците кои му се дадени од императорите“! (Книга 1, 199-200). Но, несреќата била во тоа, додава Светителот, што сето тоа било засновано на лаги и невистини, на фалсификати, (Книга 2, стр. 92). Оттука со право заклучува Светителот:

„Главна причина за расцепот, односно отцепувањето на Латинската црква е прашањето за папскиот примат (Книга 11, 8), Зашто папскиот примат на власта „го извртува духот на Евангелието и ги порекнува основните Евангелски начела. Сите останати причини за отцепувањето, па и оние догматските, иако се важни, всушност и тие произлегле од оваа прва причина (Книга 1, 69).

На крајот, еве што уште вели свети Нектариј Егински за теоријата на Римската црква, за папата и за папската врховна власт и непогрешливост:

„Според таа (римокатоличката) теорија нашиот Господ Исус Христос, кога се вознесол на небото му ја оставил Својата Црква на свети апостол Петар, а Петар ја оставил на неговите наследници - папите. Од тогаш Христос од престолот на Својата слава само ја надгледува Својата света Црква, а со неа секогаш добро управуваат и непогрешливо ја водат кон целта нејзините непогрешливи старешини (папите), и затоа Христос со Своето лично учество никако не се меша во управувањето со Црквата, бидејќи тоа би било спротивно на Неговата божествена мудрост. Но, оваа и ваквата римска теорија ми се чини дека ни малку не се разликува од онаа философска теорија која го прифаќа стварањето на светот, но не го признава Божјото промислување за светот, зашто според таа теорија Промислата би ја намалувала величината на Божјата мудрост, зашто тоа промислување би сведочело дека законите на природата (кои Бог ги дал при стварањето) не се совршени! Од оваа и ваквите папски деистички теории се изведува тогаш и божествената личност на Римските папи, и нивната непогрешливост и учењето дека единството на Црквата е во личноста на папата, а не во Личноста Христова, како што учи Источната Православна Црква. Од таа и таквите теории Римската црква се смета како единствена Црква Христова, и поради тоа се осудуваат сите Православни Цркви што не сакаат да го признаат папскиот примат и неговата непогрешливост, и црквата на стариот Рим како единствена црква на првородените“! (Книга 2, стр. 8). Од оваа и ваквите римски теории настанале тогаш и сите оние страшни насилства, насилното унијатење на недолжните православни христијани низ вековите од страна на Римската црква. А пак за Православната Црква, вели свети Нектариј, „центар на единството и Камен темелник на Црквата и Глава на Црквата е Распнатиот за нас Господ Исус Христос. Он е единствена Глава на Црквата и на секоја друга треба да се плука и да се отфрли“, како што рекол и свети Григориј Богослов. Поради тоа, додава на крајот свети Нектариј „Бог нека биде судија помеѓу нас и нив“ (Книга 2, 224).

ЖИТИЕТО И ПОДВИЗИТЕ НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША МАТРОНА

Света Матрона е родена во Перга Памфилиска од благочестиви родители. Кога порасна ја омажија за еден угледен велможа, по име Дометијан, и роди ќерка на која ѝ го дадоа името Теодотија. Еднаш нејзиниот маж со неа појде во Византија. Додека ги посетуваа храмовите Божји и срдечно се молеа на Бога во нив, Матрона се запозна со една девојка Евгенија, која во пост и подвизи ја чуваше својата девственост, минувајќи ги деновите и ноќите во молитви. Според нејзиниот пример и Матрона не заминуваше од црквата и од утро до мрак остануваше во неа на молитва, и со воздржание и пост го умртвуваше своето тело, кое цветаше во младоста. Во тоа време имаше дваесет и пет години и од срце Го молеше Бога да најде начин да ја ослободи од брачниот јарем, за непречено да Му служи на Господа. Нејзиниот сопруг забележа дека таа секојдневно излегува од дома рано и се враќа дури навечер, и започна да се сомнева и да помислува дека прави нешто лошо. Затоа започна да се лути, да ја кара и навредува, и да не ѝ дозволува да излегува од дома, а таа со солзи го молеше да не ѝ брани да оди во црква. Сепак тој ѝ бранеше и таа беше многу тажна. Сакаше повеќе да биде во домот Божји отколку да живее во дворовите безбожнички".

Еднаш го измоли да ѝ дозволи да појде во црквата и веднаш отиде во храмот на светите Апостоли, го излеа своето срце пред Бога и со умиление Го молеше да ја ослободи од тешкиот сопружнички јарем, кој ѝ беше голема препрека во богоразмислувањето, да ја извади од суетниот и метежен свет и да ја приведе во осаменичкото молитвено тихување, во кое би можела непречено да Му угодува Нему. Во таквата срдечна молитва помина цел ден. Кога навечер црковниот вратар нареди сите да излезат за да заклучи, излезе и таа, но не сакаше да се врати дома, туку влезе под еден тамошен трем. Тука најде една девојка, на име Сузана, од младоста посветена на Христа, која живееше покрај црквата и ја чуваше својата девственост во пост и молитви. Матрона ја посети нејзината ќелија и ноќта ја помина во разговор со неа и ѝ раскажа сѐ за себе. Сузана мудро ја тешеше и советуваше да се надева во Бога, Кој според Својата волја го уредува човечкото спасение. Од Господа се управуваат човековите чекори (Пс. 36, 23).

Од разговорот со Сузана Матрона уште повеќе Го засака Бога и намисли да побегне од сопругот, за тајно да Му служи. Кога самна отиде кај гореспоменатата Евгенија и ѝ ја откри својата намера. Таа ѝ рече:

- Сестро, најпрвин треба да ја згрижиш својата ќерка Теодотија, која е сѐ уште мала. Размисли, како ќе живее таа без мајка?

Матрона ѝ одговори:

- Мојата ќерка ја доверувам на Бога и на мајка Сузана. А јас ќе заминам во пусти места, каде што ќе ме упати Бог.

И навистина кришум ја изнесе од дома својата ќерка, ја предаде на блажената Сузана, и ја замоли да ја прими како свое чедо и да ја воспита во стравот Господов. Кога ја виде нејзината непоколеблива желба за осаменичкиот молитвен живот, Сузана го прими девојчето. Матрона се молеше на Бога да ја упати на правиот пат, говорејќи: „Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам“ (Пс. 142, 8).

Многу уморна, таа задрема малку и на сон виде вакво видение. И се чинело како да бега од некој човек, кој ја бркал. Кога ја стигнал-се стрчала меѓу некои монаси и тие ја сокриле. Видението си го објаснила така што требало да се преправи во машко, да отиде во машки манастир, за така да се сокрие од сопругот и од познаниците. Така и се случи. Ја острижа својата коса, се облече како евнух и со блажената Евгенија отиде во црквата на светите Апостоли. Откако се помоли на Бога, таа го отвори Светото Евангелие, за да дознае дали нејзината намера е според волјата Божја. Тогаш ги виде овие зборови: „Ако некој сака да оди по Мене нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека врви по Мене“ (Мт. 16, 24). Во овие зборови почувствува дека Бог ќе ѝ биде помошник, се поздрави со Евгенија и отиде во манастирот на преподобниот Васијан. Тука беше примена како евнух. Кога ја прашаа за името, рече дека се вика Вавил. Со браќата добро монахуваше, ги вршеше послушанијата со смирение, го измачуваше своето тело со пост и бдеење и постојано беше во молитва. Грижливо се чуваше да не се дознае дека е жена, и затоа строго молчеше и сите ги одбегнуваше. Браќата се восхитуваа на нејзините доблести, ги фалеа нејзините подвизи и ја сметаа за совршен монах.

Преподобна Матрона живееше така долго време во манастирот меѓу монасите, како месечина меѓу ѕвездите. Но, се случи еднаш со останатите монаси да работи во градината. Еден нов брат, по име Варнава, додека копаше заедно со неа од љубопитност погледна во нејзиното лице и забележа дека и двете уши ѝ се продупчени, па ја праша за тоа. Блажената му рече:

- Брате, ти треба да копаш, а не да гледаш во туѓите лица. Тоа е спротивно на монаштвото. Но, штом прашуваш ќе ти кажам. Кога бев мал многу ме сакаше мојот воспитувач, ме украсуваше со златни накити и ми ги продупчи ушите, за да ми стави скапоцени обетки.

Му одговори така, но страв ѝ го обзеде срцето. Долго размислуваше за тоа, плашејќи се да не биде откриена. Му се молеше на Бога да ја сочува, за да не биде посрамена.

Човекољубивиот Бог, Кој сѐ уредува според Своите неискажливи и несфатливи судови, благоволи да им открие на настојателите на два манастира дека таа е жена, за во неа да се покаже уште поголема срдечност за монашкиот живот. Така еднаш на преподобниот Васијан му се јави на сон благолик и светол маж, и три пати му повтори:

- Евнухот Вавил од твојот манастир е жена.

Исто такво видение имаше и блажениот Акакиј, игумен на Аврамиевиот манастир. Кога самна игуменот Васијан го повика кај себе монахот Јован, кој беше прв по него и му раскажа за своето видение. За време на нивниот разговор стигна кај преподобниот Васијан гласник од игуменот Акакиј, со извештај дека таа ноќ му било откриено дека евнухот Вавил е жена. Восхитен, и за да се увери во тоа, преподобниот го отвори Светото Евангелие и погледот му падна на зборовите: „Со што да го споредам Царството Божјо? Тоа приличи на квас што го зема жена и го става во три мери брашно додека скисне сето“ (Лука 13, 20 - 21). Откако се увери во видението, преподобниот Васијан ја повика кај себе блажената Матрона, налутено ја погледна и луто ѝ рече:

- Зошто си дошла кај нас, жено? Како си се осмелила толку време да поминеш меѓу монасите? Зарем си дошла да му нанесеш срам на нашиот манастир? Или да нѐ ставиш во искушение?

А блажената Матрона, поразена од неочекуваното изобличување и стаписана од налутениот поглед и страшниот глас на настојателот, падна пред неговите нозе и го молеше за прошка, говорејќи:

- Не искушував никого туку само бегав од вражјите искушенија и се криев од стапиците на нечестивиот. Затоа дојдов во твоето стадо, свети оче.

Настојателот ја праша:

- Како ти, жено, си се осмелувала со непокриена глава да им пристапуваш на Божествените Тајни и да им даваш целив на браќата?

Матрона одговори:

- Кога им пристапував на Божествените Тајни јас не ја откривав главата целосно туку малку, а кога ги целивав браќата сметав дека ги допирам бестрасните Ангели.

Восхитен од така мудриот одговор, преподобниот повторно ја праша:

- Зошто не си отишла во женски манастир?

Блажената го отфрли стравот и започна подробно да му раскажува сѐ за себе:

- Бев омажена и станав мајка на ќерка единица. Отсекогаш сакав да одам во црквите Божји и во нив деноноќно да се молам, Но, сопругот ми бранеше и со навреди и ќотек ме спречуваше, На сите можни начини ја попречуваше мојата љубов кон Бога. Затов намислив да побегнам од него, за слободно да Му служам на Бога. А видението што го имав ме доведе кај вас, зашто се видов на сон како бегам од мажот, кој ме брка, и некои монаси ме сокрија од него. Кога добро размислив, сфатив дека поинаку не можам да се сокријам од него, освен како монах. Затоа се облеков како машко, се нареков Вавил и како евнух дојдов кај вас.

Откако внимателно ја сослуша, преподобниот се восхитуваше на нејзиниот разум и усрдие кон Бога, и ѝ рече:

- Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси.

Откако ѝ даде многу душекорисни поуки, тајно ја испрати кај блажената Сузана, со ветување дека ќе се грижи за неа, само непоколебливо да Му служи на Христа.

Во тоа време умре нејзината ќерка Теодотија, доверена на Сузана. Благиот Бог, за да ја ослободи од грижите Својата слугинка и да може слободно да Му служи, ја зеде кај Себе нејзината ќерка и ја насели во рајските населби. Наместо да се натажи, Матрона се израдува на тоа и се криеше кај Сузана, односно Бог ја криеше преку неа.

Во меѓувреме нејзиниот сопруг Дометијан ја бараше насекаде, одеше во многу градови и села, и разни манастири, се распрашуваше за неа, но не ја пронајде. Потоа слушна дека во манастирот на преподобниот Васијан имало некоја жена, преправена во машко и живеела како евнух, се досети дека можеби е таа и веднаш отиде и силно затропа на манастирската капија, налутено викајќи:

- Монаси! Неправда ми сторивте! Голема неправда! Ја прелестивте мојата жена и ја држите кај себе! Тоа ли им доликува на монасите? Таков живот ли водите? Вратете ми ја жената! Зошто ги разделувате оние што Бог ги составил? Дајте ми ја онаа која законски ми припаѓа! Таа е другар на мојот живот!

Монасите му говореа:

- Твојата жена не е кај нас. Во нашиот манастир никогаш не влегуваат жени. Имаше кај нас еден евнух, монах Вавил, кој се подвизуваше со нас некое време, но желбата го повлече да ги посети Светите Места во Ерусалим и одамна замина од нас. Тоа им е познато на сите. Каде се наоѓа сега, ние не знаеме. Тоа го знае само Севидливиот Бог, пред Кого ништо не е сокриено.

Бесен од љубомора и тажен, Дометијан замина нажален. Блажениот Васијан си размислувал вака: Самиот Бог ја избра оваа жена на служба кај Себе, ја зеде во Својот благ јарем од суровиот и расипан маж и ми ја довери мене, недостојниот, да се грижам за нејзината душа. Но, јас пред многумина ја обелоденив нејзината тајна и раскажав сѐ за неа. Ако сега ја пронајде мажот, ја одврати од патот на доблестите и го осуети нејзиното спасение, јас ќе бидам виновен за нејзината пропаст.

И започна да тагува за тоа. Потоа повика некои од старците, кои го сочинуваат манастирскиот совет, и рече:

- Браќа, ние сме должни да се грижиме за сестрата која замина од нашиот манастир. Иако е жена, таа е запишана во нашето братство. Што да направиме за нејзиниот богоугоден живот да има добар крај?

Еден од старците, на име Маркел, по чин ѓакон, му рече на преподобниот:

- Во мојот роден град Емеса има женски манастир во кој се замонаши и мојата сестра. Ако сакаш, оче, испрати ја таму. Така повеќе нема да се грижиме за неа.

Сите се согласија со тоа. По промисла Божја набрзо наиде еден кораб, кој по извршената трговска работа во Византија се враќал во Емеса. Ја сместија блажената Матрона во него и ја испратија во Емескиот женски манастир, каде чесно беше примена. И живееше таму во своите вообичаени подвизи, и сите ги надминуваше со својата смиреност, молчание, пост, бдение и другите монашки подвизи. Сите се восхитуваа на нејзиниот живот и беше пример на суровиот и тежок пат, кој води во Царството Божјо. По некое време се претстави игуменијата на тој манастир и на нејзино место, како достојна, беше избрана света Матрона. Во својство на игуменија, таа како свеќа на свеќник блескаше со доблестите и ревносно се грижеше за спасението на доверените сестри.

Во тоа време еден човек, кој беше на својата нива, на едно место виде како оган излегува од земјата. Го виде тоа повеќе пати, зашто многу денови постојано се јавуваше пламен од земјата. Затоа отиде во градот и го извести Емескиот епископ, кој сфати дека станува збор за некое исклучително знамение. Тој отиде со клирот на местото, изврши молитва и нареди да се раскопа земјата. И беше пронајден сад, во кој немаше ни злато ни сребро, туку нешто поскапоцено од сите земни богатства, главата на свети Јован Претеча и Крстител Господов. Гласот за тоа пукна на сите страни и многу народ се собра таму, не само од Емеса, туку и од сите околни градови и села. Дојде од својот манастир и преподобна Матрона со сите сестри, да се поклони на главата на свети Јован, која од себе точеше благоухано миро и со него свештениците ги помазуваа луѓето со крстниот знак на челата. Од тоа миро зеде и преподобна Матрона во мал сад, за да го однесе во својот манастир за благослов. Народот се туркаше од сите страни и таа не можеше да помине. Кога некои забележаа дека носи свето миро, ја замолија да ги премачка со него. Тука се затекна и еден слеп од раѓање. Таа му ги премачка очите и тој веднаш прогледа. Тоа чудо сите го припишуваа не само на целебното миро од свети Јован, туку и на преподобна Матрона, зашто таму имаше многу свештеници, кои го раздаваа тоа миро на луѓето, но од ничија рака не можеа да се отворат очите на слепиот од раѓање. Така се славеше меѓу народот доблесниот живот на преподобна Матрона.

По долго време слушна за неа нејзиниот сопруг Дометијан и веднаш отиде во Емеса. Од таму дозна дека не може да влезе во тој женски манастир и да ја види, зашто имаше закон според кој никогаш машко не смее да влезе во него. Затоа се послужи со лукавство, замоли некои жени да појдат кај Матрона и да ѝ кажат дека некој човек, откако слушнал за нејзината светост и совршен доблесен живот, од далеку дошол да ѝ се поклони и да се удостои на нејзиниот благослов и свети молитви. Затоа, од љубов кон Бога, да не го презре туку да отиде кај него, за да го поучи и да го испрати со благослов.

Жените отидоа кај Матрона и ѝ ја пренесоа пораката. Но, таа ја прозре стапицата и ги праша како изгледа човекот што ги испратил. Кога го опишаа сфати дека е нејзиниот сопруг и им рече:

- Кажете му на тој човек да почека седум дена, а во седмиот ќе му се јавам и ќе ме види како што сака.

Откако ги испрати, таа започна да се моли на Господа да ја засолни и скрие од мажот. Кога падна ноќта, таа префрли една наметка од власеница врз себе, зеде парче леб, тајно го напушти манастирот и се упати кон Ерусалим. Дометијан чекаше седум дена, со надеж дека ќе ја види и ќе ја земе, зашто законски му припаѓа. По седум дена ги испрати оние жени кај неа, со молба според ветувањето да му се јави. Кога дојдоа во манастирот жените ги затекнаа сите монахињи како тагуваат и плачат за својата игуменија, зашто не знаеја каде заминала. Тие се вратија и го известија Дометијан, а тој, бесен од љубомора, насекаде ја бараше. Се упати и во Ерусалим, и по пат сврати во една гостилница и праша некои жени дали случајно виделе таква и таква жена, и притоа го опиша нејзиниот изглед. Тие му одговорија:

- Се сеќаваме дека таква монахиња доцна доаѓала кај една од овдешните цркви, но каде е сега не знаеме.

Дометијан многу внимателно трагаше по неа и се распрашуваше по гостилниците, при што еднаш се сретнаа. Матрона го препозна, но тој не. Кога поминуваше покрај неа, таа го покри своето лице и се наведна како да собира нешто. Така тој не ја препозна. Зачудена зошто толку упорно ја бара и од страв повторно да не ја сретне и препознае, се засолни на Синајската Гора. Мажот дозна дека е таму и започна да трча по неа. Тогаш отиде во Берит, најде еден пуст идолски храм и започна да живее во него. Бесовите не можеа да го поднесат нејзиното присуство и ја плашеа на разни начини, за да ја избркаат. Понекогаш викаа по неа, а понекогаш видливо ја напаѓаа. Кога Матрона пееше псалми и тие пееја и ѝ се потсмеваа. Но, сите тие ѓаволски привиденија Светата ги отстрануваше со крсниот знак и молитвата кон Бога. Додека живееше во тоа идолиште се хранеше со тревата што растеше наоколу, а пиеше вода од изворот, кој на чудесен начин бликна заради неа. Еднаш, кога многу ожедне, бараше вода но не најде, зашто земјата беше многу сува од силната горештина. Тогаш најде остро каменче, со него ископа во земјата мала јамичка, колку една шака, па ја остави и отиде на молитва. Утредента дојде на тоа место и најде извор на истечна вода. Околу изворот започна да расте вкусна трева. Тоа ѝ беше трпеза на невестата Христова, послатка од сите царски трпези. И јадеше од таа вкусна трева и пиеше вода, благодарејќи Му на Бога, Кој му дава храна на секое тело, Кој ја отвора раката Своја и заситува сѐ живо по желба.

Еднаш ѓаволот се престори во убава жена, дојде кај преподобна Матрона и милно ѝ говореше:

- Зошто, госпоѓо моја, си избрала толку чуден начин ни живот? Ова место е пусто и нема ништо од потребното за телото, Покрај тоа сѐ уште си млада и убава, па се плашам да не те најде некој, и заведен од твојата убавина те изнасили, а овде нема кој да ти помогне. Затоа, госпоѓо моја, остави го ваквиот живот, па ајде да појдеме во градот, зашто и таму можеш да живееш во молитвена осаменост. Јас ќе ти најдам погодна куќа за живеење, ќе имаш сѐ што ти е потребно и никој нема да смее да ти изврши никаква непријатност, зашто соседите ќе ти помогнат.

Света Матрона препозна дека сето тоа се ѓаволски стрели и веднаш се зафати со молитвата. И не само што се заштити, туку и самиот стрелец го рани како со меч, и го избрка.

Потоа ѓаволот се претвори во стара жена, од чии што очи излегуваше оган. Се нафрли гневно на Матрона, дрско ја фати за нозете и започна да ѝ зборува бесрамни и грозни зборови. Но, светителката не ѝ обрнуваше внимание, туку стоеше на молитва и ѓаволот исчезна.

По таквите ѓаволски напади, Господ ја утеши блажената со Божествено откровение и срцето ѝ го исполни со неискажлива духовна радост и небесна утеха. Оние што Му служат, Бог знае да ги теши во неволјите, да им помага во искушенијата, да им ја претвора тагата во радост, како што Давид вели: „Кога се намножуваа тешкотиите во срцето мое, утехите Твои ја развеселуваа душата моја“ (Пс. 93, 19).

И на Господа Му беше по волја преку Својата угодничка да им укаже помош на многумина, и многумина да упати на патот на спасението. Затоа ја обелодени пред жителите на Бејрут, ја пронајдоа тројца христијани, кои ноќе минуваа покрај идолиштето, ја здогледаа како се моли и раскажаа за неа. Така многумина започнаа да доаѓаат кај неа, за да ја видат. Таа доби од Бога благодат на учителство и им го раскажуваше словото Божјо. Со својата боговдахновена беседа им укажуваше голема духовна корист и ги упатуваше на патот на спасението. Кај неа дојдоа и некои жени и девојки, и восхитени од нејзиниот рамноангелен живот посакаа да го следат нејзиниот пример. Најпрвин кај неа дојде една жена, на име Софронија, која иако беше незнабошка ја сакаше воздржливоста и чистотата и живееше како монахиња, имајќи крај себе и други такви жени. Таа дојде со своите другарки и светата започна да им зборува за единствениот вистински Бог и за единородниот Син Негов, и како Он се воплоти од Безмажната и Пречиста Дева, и пострада за нашето спасение, и воскресна, и со телото отиде на небото, и како повторно ќе дојде да им суди на живите и мртвите. Ѝ откри на Софронија многу тајни на христијанската вера и заедно со нејзините другарки ја обрати кон Христа. Наскоро примија крштение од Бејрутскиот епископ и започнаа да водат монашки живот со неа, во тој ист идолски храм, кој од разбојничка пештера се претвори во живеалиште на невестите Христови. Потоа една девојка, на име Евхеја, која беше идолска жречица и ја чуваше девственоста, дојде кај преподобната, падна пред нејзините нозе и ја молеше да ја поучи во верата Христова и да ја прими покрај себе. Светителката ја поучи, ја разгоре во нејзиното срце љубовта кон Христа и ја поттикна на одрекување од светот. Во тоа време имаше еден незнабожечки празник и незнабошците од Бејрут се собраа кај идолот на празненство. Но, не ја најдоа идолската жречица, која според нивниот обичај требало да ги принесе нивните жртви. Многу се чудеа каде отишла и кога дознаа дека е кај Матрона, некои од нив, особено роднините, побрзаа, ја најдоа кај седи до неа и со умиление ги слуша зборовите Божји, па ѝ рекоа:

- Девојко, зошто си ги презрела големите богови и си го оставила принесувањето на жртви? Ете, поради тоа се крена народот против нас. Ајде со нас, за да го извршиме празнувањето.

Но, девојката не само што не сакаше да ги слуша, туку не ги ни погледна. Како што Марија седеше крај нозете Исусови, така и таа седеше покрај својата учителка, која кротко и со љубов им говореше на дојдените:

- Оставете ја со нас оваа слугинка на вистинскиот Бог, поранешна слугинка на вашите ништовни богови. Таа повеќе нема заедница со вас, зашто сака да се сврши за Христос.

Дојдените упорно се трудеа да ја поведат и со ласкања и со закани, се обидоа дури и насилно, но невидлива сила Божја ги спречуваше, па ѝ рекоа:

- Ако не појдеш со нас да го отпразнуваме празникот на боговите, утре ќе дојдеме, ќе го запалиме овој храм а и сите заедно со тебе.

Со таквата закана си заминаа. Света Матрона и сестрите собраа многу дрва и суварки, ги наредија околу храмот, па им испрати на заминатите незнабошци ваква порака:

- Еве, веќе подготвивме оган и дрва. Дојдете и исполнете го своето ветување. Запалете нѐ, за да станеме благоухана жртва на нашиот Христос Бог.

Восхитени од таквата бестрашност и не знаејќи што да им одговорат, незнабошците повеќе не дојдоа кај нив.

Преподобна Матрона се обрати кај епископот, со молба да ѝ испрати презвитер. Кога дојде, таа му ја довери девојката да ја крсти, па повторно да ја врати кај неа. Презвитерот постапи така. Девојката Евхеја добро се подвизуваше со останатите сестри, кои кај света Матрона беа осум на број. Сите беа слични на мудрите девојки, кои ги красеа своите светилници и се подготвуваа да излезат да го пречекаат својот Младоженец. Света Матрона долго водеше таков живот. Дење и ноќе со сестрите Му служеше на Бога и многу луѓе приведуваше кон Него. Таа посака повторно да го види својот духовен отец Васијан. Затоа сакаше да појде во Цариград, но мислата дека нејзиниот сопруг живее таму и може да дознае за неа, ја одвраќаше. Размислуваше и дека не може повеќе да остане тука поради славата, од страв од суетноста, и затоа одлучи да замине во Александрија или Антиохија.

Започна да Му се моли на Бога да ѝ укаже каде да појде, и еднаш на сон видела тројца мажи, кои се препирале околу неа. Секој сакал да ја земе за своја сопруга. Таа одбивала, говорејќи:

- Јас одамна бегам од брачниот живот. Тоа не го сакам и не сакам да се случи. Кои сте вие?

Првиот ѝ одговорил дека е Александар, вториот Антиох а третиот Константин. Тие фрлиле коцка кој да ја земе и коцката паднала на Константин. Кога сакал да ја земе Матрона се разбудила од страв и размислувала што би можело да значи тоа. Тројцата во сонот се трите града: Александрија, Антиохија и Константинопол, за кои размислуваше, а коцката паднала на Константин, што значи дека требало да појде во Цариград и да го види својот отец, блажениот Васијан. Таа си рече:

- Господ, Кој ме раководи, е моќен да ме сокрие од мојот маж, па ако појдам и во смртна сенка нема да се исплашам, зашто Господ е со мене.

Блажената се подготви и сакаше да тргне, но сестрите ја опколија со солзи и не ѝ дозволуваа, говорејќи:

- Зошто нѐ оставаш, мајко наша? Зошти ги оставаш младите во верата фиданки, недоволно утврдени во законот Господов? Каде одиш, мајко наша? На кого нѐ оставаш? Зошто не нѐ поведеш со себе?

Преподобната им објасни дека тоа е волја Божја, која ѝ е откриена во видение да појде во Константинопол. И веднаш испрати кај епископот да ѝ испрати две ѓакониси, искусни во доблестите и совршени по живот и да им ги довери сестрите ним. Така таа ги остави своите духовни ќерки, ја поведе со себе само блажената Софронија и тргна за Константинопол.

Штом стигна, побрза во црквата на света Ирина, која беше близу морето. Таму го најде порано споменатиот ѓакон Маркел, кој го посоветува блажениот Васијан да ја испрати во женски манастир во градот Емеса. На тој ѓакон света Матрона му раскажа сѐ за себе, како ја бркал сопругот во Емеса, во Ерусалим и на Синај, како живеела во Бејрут во идолскиот храм и собрала сестри, како Господ преку неа обратил кај себе многу луѓе, како поминала толкав пат од Бејрут до Константинопол, за да го види својот духовен отец, преподобниот Васијан. Маркел веднаш отиде, го извести и му раскажа сѐ што слушна од неа. Преподобниот веднаш му нареди во близина на манастирот да најде тивка куќа и таму да ја смести. Кога беше сторено тоа се виде со неа, ја благослови и кога дозна за нејзините трудови се радуваше на нејзините подвизи и срдечната љубов кон Бога.

Од тогаш таа остана да живее во Константинопол, бидејќи сопругот веќе се беше упокоил. Преподобниот Васијан ѝ даваше сѐ што е потребно и ги доведе од Бејрут сестрите што ги остави таму. Заедно со нив Му служеше на Бога во светост и правда и на сите им беше пример за богоугодниот живот. Угледувајќи се на неа, не само монашките лица, туку многумина од обичниот народ добиваа духовна корист, зашто славата за нејзините доблести се ширеше насекаде и заради неа насекаде се славеше Отецот небесен.

Гласот за Матрона дојде и до царицата Верина, сопругата на тогашниот цар Лав Велики. Штом слушна за неа, царицата лично отиде да ја види. Света Матрона чесно ја прими, ја угости со што можеше од својата испосница и восхитена од таквиот нејзин живот, а особено од тоа што преподобната ништо не бараше од неа, иако имаше намера да ѝ даде многу подароци, доби духовна корист од разговорот со неа и се врати во својата палата.

Кај преподобната доаѓаа многу болни и оздравуваа. Нејзината молитва беше многу силна да исцелува не само телесни, туку и душевно болни. Така, сопругата на епархот Антим, на име Ефимија, беше паднала во тешка и неизлечива болест, и кога лекарите не можеа да ѝ помогнат, таа дојде кај преподобната Матрона. Откако ја фати нејзината рака, Ефимија ја ставаше на болните места од своето тело и од допирот на нејзините раце потполно оздраве. Кога виде дека куќата во која што живее со сестрите е тесна и не е нивна, Ефимија одлучи на својата исцелителка да ѝ изгради простран и удобен манастир за живеење. Наскоро го стори тоа. Откако се пресели во новоизградениот манастир, преподобната собра уште многу сестри, девојки и жени, ги уневести за Христа и долично се грижеше за нивното спасение.

Потоа преподобна Матрона дозна за своето блиско заминување кај Бога. Тоа ѝ беше откриено во видение. Видението било вакво:

Ѝ се чинело како да оди по прекрасно место, полно со благородни овошки, а по средината течеле извори чиста вода и пред неа цветно поле. И многу прекрасни птици пееле со разни гласови. Дрвото полека се нишало од волшебниот развигор, а изворите жубореле. Едноставно е невозможно да се опише убавината на тоа место, зашто бил рајот Божји. А таму стоеле некои чесни и благолепни жени, кои ѝ покажувале на блажената Матрона пресветла палата, создадена од Божјата, а не од човечка рака, и ѝ говореле:

- Ете, тоа е твојот дом, Матрона, подготвен од Бога за тебе. Дојди и живеј во него!

Од ова видение преподобната сфати дека нејзиното претставување се ближи и започна да се подготвува за заминување. Тогаш уште посрдечно Му се молеше на Господа, заради Кого се сметаше за ништо. Потоа ги повика кај себе сите свои сестри, им изговори многу поуки за спасението, им даде мир и заспа во Господа. Се пресели во небесната обител, која што ја виде во видението. Така преподобна Матрона се упокои во длабока старост. Во световниот живот поживеа дваесет и пет години а во монашкиот седумдесет и пет. Живееше сто години. Сега живее во бесконечниот живот, претстоејќи пред престолот на Животворната и Неразделна Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот Бог. Нему слава за навек. Амин.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ТЕОКТИСТА ПАРОСКА

Во Егејското море се наоѓа островот Парос. На тој остров имаше прекрасна црква во име на Пресветата Владичица наша Богородица. Целиот тој остров, па и самиот храм, опустеа незнајно зошто и станаа живеалиште на ѕверовите.

Еднаш ловџии од приморскиот град Евбеја се договорија со брод да отидат на тој пуст остров на лов, бидејќи таму имаше многу елени и диви кози. Штом допловија на брегот се разотидоа по островот, барајќи плен. Меѓу нив имаше еден ловец, богобојазлив и многу загрижен за своето спасение. Тој се одвои и сам одеше по пустиот остров. Така наиде на запустена црква, влезе во неа и започна да се моли како што знаел и умеел, зашто беше прост и неписмен. Додека се поклонуваше и молеше, на земјата здогледа мала дупка и во неа вода, а во водата потопено семе од сончоглед, бидејќи тоа растение го има во изобилие на тој остров, и си помисли:

„Овде сигурно има некој слуга Божји, кој се храни со ова семе“.

Сепак излезе од црквата и се обиде да ги стигне другите. Ловците останаа на тој остров неколку дена, наловија елени и кози и тргнаа со богатиот лов кон коработ. Споменатиот ловец повторно се издвои од другарите и влезе во црквата да се помоли на Пречиста Богородица. Притоа се надеваше дека ќе го види оној што го потопил сончогледовото семе во водата. И кога стоеше среде црквата и се молеше, од десната страна на светиот престол здогледа густа пајажина, а зад неа некакво суштество, како од ветар нишано. Тој пријде, и само што сакаше да ја раскине пајажината, слушна глас кој му рече:

- Застани, човеку, не доближувај се! Се срамам, зашто сум гола жена!

Ловџијата се исплаши и сакаше да побегне, но не можеше. Нозете му се тресеа, косата му се крена на главата, му стана остра како трње и тој стоеше во ужас. А кога малку се прибра се осмели, та праша:

- Кој си ти и како живееш во оваа пустина?

И повторно слушна глас, кој говореше позади пајажината:

- Те молам, дофрли ми облека да ја покријам својата голотија, па ќе ти го раскажам за себе тоа што Господ ми нареди.

Ловџијата ја симна од себе наметката, ја стави на земјата и излезе од црквата. Откако почека малку за жената да се облече, повторно влезе и ја најде како стои на истото место. Нејзиниот изглед беше многу страшен, одвај личеше на човечко суштество. Не изгледаше како жив човек, туку како мртовец. Коските ѝ беа само со кожа покриени. Косата бела, лицето црно со нешто белина, очите длабоко вдлабнати. Всушност изгледаше како мртовец во гроб. Одвај само дишеше и можеше тивко да зборува. Кога ја виде таква, ловецот уште повеќе се запрепасти, па падна на земјата и започна да бара молитви и благослов од неа. А таа се сврте на исток, ги крена рацете и се молеше. Ловецот не можеше да ги слушне нејзините молитви, туку само гласот, кој тивко говореше кон Бога. Потоа се сврте кон него и му рече:

- Бог нека те помилува, човеку! Кажи ми, зошто си дошол во оваа пустина? Што бараш онаму каде што никој не живее? Но, бидејќи Господ те упатил ваму заради мојата смерност и ти сакаш да дознаеш за мене, сѐ ќе ти раскажам.

И започна да раскажува вака:

Моја татковина е Елезвија. Родена сум во градот Метимна и се викам Теоктиста. По живот сум монахиња. Кога како дете останав без родители, роднините ме дадоа во женски манастир и јас се замонашив. Еднаш на празникот Воскресение Христово, во својата осумнаесетта година со благослов отидов во блиското село да ја посетам својата сестра, која живееше таму со сопругот и преноќевав кај неа. Но, на полноќ го нападнаа тој крај арапите, предводени од злогласниот Низар, го опљачкаа целото село, а ме заробија и мене со останатите. Кога самна нѐ натоварија на своите кораби и отпловија. По целодневна пловидба се закотвија на овој остров и започнаа да ги симнуваат заробениците, разгледувајќи ги и одредувајќи им цена за откупување. Со останатите бев и јас. Но, здогледав во близина пристаниште, се стрчав кон него и бегав. Ме гонеа како ловци - ѕвер, но пустината ме сокри од нив, или подобро речено Бог во пустината ме покриваше со благодатта Своја и ме заштитуваше од гонителите, та тие не можеа да ме најдат и стигнат. Јас побегнав во внатрешната пустина на овој остров и не престанав да бегам од страв, додека нозете страотно не ми се изнаранија од бодликавите дрвја, трње и остри камења и кога повеќе немав сили да бегам паднав на земјата како мртва и крвта од моите рани ја зали земјата. Таа ноќ ја поминав во тешки болки, но Му благодарев на Бога што ме спаси од рацете на непријателите и ме сочува неосквернета. Попрво сакав веднаш да умрам овде во девствена чистота, отколку да живеам меѓу нечисти луѓе и да го изгубам девството посветено на Христа. Утредента видов дека безбожните разбојници отпловиле од островот и од радост заборавив на болките. Оттогаш до сега јас триесет и шест години живеам на овој остров и се хранам со сончогледовото семе што овде го има во изобилие. Но, особено се хранам со словото Божјо, зашто сите псалми, песни и читања што ги научив во својот манастир ги знам и со нив се тешам и ја хранам својата душа. Облеката набргу ми се искина и останав гола, имајќи ја само благодатта Божја како покривка, која ме покрива од сите зла.

Откако го раскажа тоа, преподобната девојка ги крена рацете кон небото, Му принесе благодарност на Бога за Својата неискажана милост кон неа и повторно му се обрати на ловецот:

- Ете, ти раскажав сѐ за себе. Само едно молам од тебе, стори го тоа заради Бога. Кога наредната година ќе дојдеш овде на лов, а сигурно ќе дојдеш, бидејќи Бог така сака, земи во чист сад честица од пречистите Животворни Тајни и донеси ми, зашто од кога се населив во оваа пустина не се удостоив да се причестам. Сега оди си со мир и немој никому да кажеш за мене.

Ловецот вети дека ќе исполни сѐ како што сака, ѝ се поклони на прекрасната слугинка Христова и замина радосен, благодарејќи Му на Бога што му ја откри таквата Своја ризница и го удостои да ја види, да разговара и да се удостои на молитвите и благословот од онаа на која што не беше достоен сиот свет. Кога стигна на брегот ги затекна пријателите како го чекаат загрижени што го нема, зашто мислеа дека заталкал во пустината. Тој не им ја откри тајната, која по наредба ја чуваше и се врати дома. Ја очекуваше наредната година како голема радост, со желба повторно да ја види чистата невеста Христова, која живееше во пустината како во палата. Кога дојде очекуваното време, тој повторно се договори со своите другари да одат на островот Парос на лов. Пред тргнување зеде од презвитерот во мало чисто ковчеже честица од Пречистите и Животворни Христови Тајни, како што му нареди блажената Теоктиста, и тргнаа. Кога стигнаа, тој со Божествените Тајни се упати кон запустената црква на Пресвета Богородица, но кога влезе внатре не ја најде света Теоктиста. Си помисли дека заминала некаде, излезе од црквата и тажен одеше по своите другари. Потоа кришум сам се врати во црквата и веднаш се појави преподобната, на истото место каде што стоеше првиот пат, облечена во облеката што тој ѝ ја даде минатата година. Кога ја здогледа блажената, ловецот падна на земјата и ѝ се поклони. Таа брзо му пријде и со солзи му рече:

- Не прави го тоа, човеку, зашто носиш Божествени дарови. Не бесчести ги Христовите Тајни. Не жалости ја мојата бедност, зашто сум недостојна.

И го фати ловецот за облеката и го подигна од земјата. А тој го извади кивотчето со Божествените Тајни и ѝ го даде. Преподобната најпрвин падна на земјата пред Божествените Тајни и земјата ја накваси со солзи. Потоа стана, ги зеде светите дарови во своите раце, се причести и со умиление говореше:

- Сега ја отпушташ слугинката Твоја, Господи, зашто моите очи го видоа спасението Твое, и во своите раце го примив отпуштањето на гревовите. Сега заминувам каде што наредува Твојата добрина.

Потоа ги крена рацете и долго стоеше на молитва и Го славеше Бога, па со благослов го отпушти ловецот кај неговите другари. Ловците се задржаа во пустината неколку дена и наловија многу кози и елени, па тргнаа кон коработ. А оној ловец повторно се издвои од нив и појде сам во црквата, за да се удостои од преподобната на молитви и благослов за пат. Кога влезе разгледуваше наоколу за да ја види и дури кога пријде до местото каде што прв пат разговараше со неа, ја најде кај лежи мртва на земјата. Рацете и беа прекрстени на градите, а светата душа и заминала во рацете Божји. Тој падна пред нејзините свети мошти, ги целиваше нејзините свети нозе и со солзи ги миеше. Беше во недоумица што да прави. Беше многу прост. Тој повеќе време минуваше во пустините меѓу ѕверовите, отколку по градовите меѓу луѓето. Нему дури ни на ум не му падна да појде кај другарите и да ги извести, та заедно да го погребаат светото тело. Набрзина со рацете ископа мала дупка и го положи во неа телото на преподобната. Притоа се дрзна, та ја откина раката од светото тело како благослов за себе, за да ја чува во својот дом. Иако го стори тоа со вера, од љубов и срдечност кон неа, сепак тоа не Му беше угодно на Бога. Откако ја откина раката ја завитка во чиста марама, ја сокри во пазувите, па отиде кај другарите и не им рече ништо. Доцна во ноќта тие ги распнаа едрата и отпловија. Сите ловци мислеа дека нивниот кораб плови брзо, дека лета како птица и се надеваа дека рано наутро ќе стигнат до Евбејските гори. Но, во зори повторно се најдоа на истото место, кај брегот на островот Парос, и нивниот кораб стоеше неподвижен, како закотвен или пак вратен назад од риба ремора. Сите се исплашија и се прашуваа меѓу себе што згрешиле, та нечиј грев ги задржува на местото. Тогаш ловецот ја зеде раката на преподобната, го сфати својот грев, се симна од коработ, кришум отиде во црквата, ја прилепи раката до моштите на преподобната, се помоли и се врати. Штом се качи, коработ веднаш тргна и сите се израдуваа. Кога наближуваа до Евбеја ловецот започна да им раскажува на другарите што му се случи. Како минатото лето ја најде преподобна Теоктиста и како ова лето ѝ донесе Божествени дарови, и како кога умре тој ја зеде нејзината рака и поради тоа цела ноќ беа задржани.

Ловците беа трогнати, истовремено и лути што не им кажа за неа додека беа на островот Парос, за и тие да се удостојат на благослов од угодничката Божја. Веднаш го свртеа коработ и со брзање запловија назад. Кога стигнаа на островот сите отидоа во црквата, со страв влегоа и пристапија до местото каде што лежеше чесното тело на преподобната. Го најдоа местото, но телото го немаше. Го видоа само отпечатокот на земјата од телото кое лежело на земјата, бидејќи јасно се гледале трагите каде лежела главата, а каде нозете.

Сите многу се зачудија и беа во недоумица каде тоа се сокрила преподобната. Некои од нив зборуваа дека воскреснала, а други дека не воскреснала пред сеопштото воскресение, туку со ангелски раце е пренесена на некое друго место и погребана како некогаш светата маченица Екатерина. Тогаш сите се разидоа по целиот остров, за да ја пронајдат или воскресната жива или пак мртва на друго место пренесена. Како прости и неуки, одеа да ги дознаат тајните Божји, кои никому не му се познати. Откако насекаде ја бараа и не ја најдоа, се вратија во црквата и со умиление го целиваа местото каде што лежело телото на преподобната, се помолија и се вратија дома. Потоа им раскажуваа на сите за преподобна Теоктиста. Сите се восхитуваа и Го славеа Бога, прекрасниот во светителите Свои. Нему слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ МАЈКИ НАШИ:

ЕВСТОЛИЈА и СОСИПАТРА (СОПАТРА)

Блажената Евстолија беше ќерка на благочестиви родители, која од рано детство се посвети на пост и молитва. Горејќи од љубов кон Бога, таа при царот Маврикиј го остави Рим и отпатува во Цариград. Беше желна за духовното совршенство и се оддаде на монашките подвизи во еден од тамошните женски манастири. Една друга млада душа, исто така жедна за духовното совршенство, ќерката на царот Маврикиј, Сосипатра, ја сретна еднаш преподобната Евстолија, која заради подвижничкиот живот веќе се беше прочула во царскиот град, во Влахернската црква на Пресвета Богородица. При средбата усрдно и упорно започна да ја моли Евстолија да ѝ биде духовна мајка - наставничка. Преподобната се согласи. Сосипатра го напушти царскиот двор, отиде во манастирот, се замонаши и ревносно се подвизуваше. Сосипатра го измоли својот добар татко, благочестивиот цар Маврикиј, да им изгради манастир. Царот им купи огромен дом и во него најпрвин беше изграден храм, а потоа се појавија и ќелии за девственички. Тука беше уредено и престојувалиште за старите.

Блажената Сосипатра, раководена во духовниот живот од света Евстолија, напредуваше во доблестите. Со текот на времето им се приклучија многу девојки, и заедно со нив извршуваа тешки монашки подвизи. По долгогодишно подвизување во пост, молитви и останатите трудови, света Евстолија упати многумина на патот на спасението и во мир се пресели кај Господа, откако ја остави како своја наследничка блажената Сосипатра. Таа управуваше со манастирот според примерот на својата духовна мајка и откако достигна совршенство во монашките подвизи, со мир отиде кај Господа.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИТЕ НАШИ ОТЦИ: ЕВТИМИЈ и НЕОФИТ,

подвижниците Дохијарски

Овие свети подвижници по потекло беа аристократи и сродници на високите византиски аристократи. Евтимиј најпрвин беше другар, па ученик на свети Атанасиј Атонски. А кога свети Атанасиј ја основаше Лаврата и собра братство, го постави Евтимиј за дохијар, односно економ на Лаврата поради неговата скромност, кротост, ревност и рамноангелен живот. Таа должност ја извршуваше богобојазливо и срдечно, како од Бога дадена. Но, желен за повисоки подвизи, тој чезнееше за осаменичко молитвено тихување и таа желба му ја откри на својот другар, наставник и отец, свети Атанасиј. Предвидувајќи ја од тоа духовната корист за спасението на многумина, тој му даде благослов и го отпушти.

Преподобниот Евтимиј со неколкумина браќа изгради манастирче во местото Дафна, во име на свети Никола Чудотворец и го нарече Дохијар, во знак на сеќавање на должноста што ја вршеше во Лаврата. Будно внимавајќи на секое движење на својата душа, тој на својот осаменички пат кон небото ги удвои постот и молитвата во своето манастирче. Своето мало братство постојано го поттикнуваше на молитвена духовна собраност, објаснувајќи им дека нивното војување не е војување со тело и крв, туку со поглаварите и властите на темнината на овој свет (Еф. 6, 12). Но, ѓаволот си го стори своето. Сарацените го нападнаа манастирчето во светогорското пристаниште Дафна, го ограбија и го претворија во урнатини.

Преподобниот благовремено ги забележа напаѓачите и со братството побегна во блиската шума. Кога се вратија кај урнатините на своето манастирче, светителот не само што не изропоти и не се обесхрабри, туку Му благодареше на Бога што го посети со оваа мака и милост. Мака, бидејќи ограбувачите го лишија од имотот, а милост зашто браќата и тој останаа живи. И веднаш започнаа да бараат попогодно место за осаменичко молитвено подвизување. Воден од Бога, тој најде едно место, каде што и денес се наоѓа светиот манастир Дохијарски. И овој манастир го изгради во име на свети Никола Чудотворец. И тука продолжи со сета душа и сила да се подвизува во тешките монашки подвизи, служејќи му како образец и пример на своето мало братство.

Притоа кај преподобниот дојде од Цариград неговиот братучед Никола, еден од првите доглавници и советници на царот. Никола уште млад го сакал монаштвото и по смртта на своите родители го остави блесокот и сјајот на високата дворска функција и огромните богатства на овој свет, и дојде во манастирот кај својот вујко на сиромаштво заради Христа. Преподобниот го замонаши со името Неофит. Тој веднаш се оддаде на тешките монашки подвизи и брзо израсна во големо духовно дрво, кое Му донесе обилни родови на Бога, во постот, молитвите, метанијата и останатите доблести. Кога виде дека сите браќа длабоко го почитуваат и ценат Неофит заради неговиот возвишен подвижнички живот, ја исполни својата дамнешна желба на душата. Со согласност на браќата му ја предаде игуменската должност нему, а тој се повлече во потполно осаменичко молитвено тихување. Така во длабока старост блажениот Евтимиј мирно заспа во Господа, во својот манастир Дохијарски, во 990 година.

Кога ја зеде во свои раце духовната управа, преподобниот Неофит со мудроста на своите поуки и светите дела го умножи братството на светата Дохијарска обител, постепено претворајќи ја во лавра. Во тој поглед добиваше многу прилози од царот од Цариград: изгради и манастир и многу згради, со централниот храм на свети Никола Чудотворец. Неуморно се грижеше за устројството на својот манастир, па основаше и метоси во разни места.

Така богомудро водена од преподобниот Неофит, светата Дохијарска обител напредуваше во сѐ. Најпосле во длабока старост потполно се повлече во осаменичко молитвено тихување и отиде во вечниот покој во Царството Небесно. По молитвите на светите отци Евтимиј и Неофит да се удостоиме и ние на вечните богатства во Царството Небесно. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АНТОНИЈ

Беше по потекло од Сирија, а по занимање беше каменорезец. Додека ги гледаше во своето село незнабошците како во идолопоклоничкиот храм им принесуваат жртви на идолите, свети Антониј ги советуваше да се откажат од таа заблуда. Тие не го послушаа и тој се повлече во едно пусто место. Таму најде еден пустиник и слуга Божји, кој се викаше Тимотеј и со него помина три години. Потоа зеде од него благослов и молитви и повторно отиде во своето место, меѓу заблудените незнабошци. Ги затекна токму како ги празнуваат своите демони, влезе во нивниот храм и им ги сокрши сите идоли. Поради тоа го фатија и на најразлични начини го мачеа. Потоа отиде во Апамеја Сириска и кај тамошниот епископ Осија измоли дозвола да изгради храм во име на Света Троица. Кога започна со градбата незнабошците дојдоа и со колци го претепаа и телото му го здробија. Така светителот Божји ја предаде својата душа во рацете Божји.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:

ХРИСТОФОР и МАВРА

Овие свети маченици пострадаа за Христа посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР СОЛУНСКИ

Свети Александар претрпе тешки маки во времето на царот Максимијан, во 298 година. Откако изјави дека е христијанин, беше фатен и присилуван да им принесе жртви на идолите. Тој не само што одби да го стори тоа, туку од ревност кон Бога го собори жртвеникот со жртвата. Разјарениот Максимијан нареди да му се отсече главата. Џелатот замавна со мечот, но одеднаш застана:

- Што чекаш? - го праша царот, - и не го извршуваш нареденото?

- Имам видение, - одговори тој, - и не знам што би можело да значи.

Тогаш светиот маченик измоли малку време за молитва, па беше обезглавен. Кога виде дека пред мачениковата душа оди ангел, царот им дозволи на христијаните телото да го погребаат во градот Солун.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: НАРСИЈ и АРТЕМОН

Многу измачени, пострадале за Господа Христа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЕЛАДИЈ

Во мир се упокоил, подвизувајќи се за Христа Господа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ОНИСИФОР ПЕЧЕРСКИ

Се подвизувал во Киево-Печерскиот манастир во дванаесеттиот век. Се упокоил во 1148 година. Моштите му почиваат во Антониевата пештера.