23. Ноември (10. Ноември)
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ:
ОЛИМП, ЕРАСТ, КВАРТ, РОДИОН, СОСИПАТР и ТЕРЦИЈ
Сите беа од Седумдесетте Апостоли. Последните тројца се споменуваат и на друго место: Родион под 8 април, Сосипатр под 28 април а Терциј на 30 октомври. Свети Олимп и Родион беа следбеници на свети апостол Петар. Кога пострада Петар пострадаа и тие. Со заповед на Нерон беа обезглавени. Ераст бил најпрвин економ во Црквата Ерусалимска (го спомнува апостол Павле во Посланието до Римјаните 16, 23), а потоа епископ во Панеада Палестинска. Кварт бил епископ во Бејрут. Многу страдал, но и многумина привел кон верата Христова. Сосипатр бил епископ во Иконија. А Терциј бил втор епископ во истата Иконија. Духовно за Евангелието војуваа, победници станаа и со венците на славата се овенчаа.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ОРЕСТ
Додека во Рим царуваше незнабожниот цар Диоклецијан, еднаш кај него дојде еден од неговите големци, кнезот Максимин, и му рече.
- Господару, избранику на боговите и врховен водачу, премудар учителу на боговските тајни, ја молам твојата добрина, нареди ми да ги обиколам Киликиските и Кападокиските краишта и да ги подложам на разни мачења намразените христијани, противниците на нашите богови и твојата власт. Јас во оган ќе ги спалувам, во вода ќе ги потопувам, на тркала телата ќе им ги дробам, коските ќе им ги кршам, со меч ќе ги убивам, на ѕверовите ќе ги фрлам. Така ќе ги погубувам и ќе го искоренам од земјата секој спомен за нив, зашто не им се поклонуваат на големите богови и на твојата власт.
Овие зборови многу му се допаднаа на царот и тој му одговори:
- Ти давам власт да го искорениш сето безбожно христијанство, не само во Киликија и Кападокија, туку и во целото мое царство, за да се зголеми славата на отечките богови, нашите господари и покровители на целата земја.
Откако доби таква власт од царот, Максимин со голема омраза и злоба тргна во уништување на невините христијани, како крвожеден волк врз овци, како бесен лав врз слаби животни. Во Кападокија влезе во градот Тијана и додека се распрашуваше за христијаните слушна дека тука има лекар христијанин, на име Орест, кој секојдневно со голема срдечност го учи народот да Го почитува Синот Божји Исус Христос и зборува дека не постои друг бог освен единствениот вистински Бог на небото и Неговиот Син Исус Христос.
Тој веднаш нареди да го фатат. Кога го изведоа пред него на суд, злобно погледна во него и со грозен глас го праша:
- Кој си ти? Кажи ни како се викаш!?
Светителот одговори:
- Слуга сум на мојот Господ Исус Христос, единствениот Бог на сите. Името ми е христијанин, зашто се фалам со името на Оној Чиј што слуга сум.
Кнезот му рече:
- Бидејќи си се дрзнал Христос да Го нарекуваш Бог и да изјавиш дека си христијанин, веднаш заслужуваш казна. Вразуми се и принеси им жртва на боговите, за да не те подложам на мачење!
Свети Орест одговори:
- Боговите, кои не ги створиле небото и земјата нека исчезнат (Ерем. 10, 11). Јас уште како дете научив да Му принесувам пофална жртва на Живиот Бог, Кого Го почитувам со чисто срце. А на твоите прељубодејни и ништовни бесови, кои ти ги нарекуваш богови, нема да им се поклонам.
Кнезот повторно го праша:
- Зошто не ни го кажеш твоето име од раѓање?
Светителот одговори:
- Ти реков дека сум христијанин. Тоа име ми е далеку подрагоцено од името што ми го дадоа родителите и од сите славни имиња на светот. Сепак ќе ти кажам дека по телесното раѓање го добив името Орест, а со духовното раѓање се нарекувам христијанин. Но, бидејќи духовното раѓање е поголемо од телесното, тогаш поголема чест за мене е да се нарекувам христијанин отколу Орест.
Тогаш кнезот, со надеж дека со лукавство ќе го прелести слугата Христов, започна да му зборува:
- Ја жалам твојата младост, Оресте, и го штедам твоето доброумие. Слушнав дека си искусен во лекарската наука и затоа нема да те погубам. Те советувам да се покориш на царската волја, па ќе ми бидеш како син, почитуван и славен од сите. А и царот ќе дознае за тебе и ќе те опсипа со голема милост.
Светителот одговори:
- Нема да ме прелестиш, кнезу, со своите лукави зборови, зашто јас ниту барам привремени почести, ниту го одбегнувам срамотењето заради мојот Господ. Подготвен сум да претрпам за Него најразлични мачења, бидејќи сакам да ја најдам благодатта Негова и да се наречам син Негов во Царството Небесно. Он ни даде власт да станеме синови Божји, ние, кои веруваме во името Негово (сп. Јн. 1, 12).
На тоа кнезот му рече:
- Безумен и беден човеку! Се залажуваш сметајќи Го за единствен Бог Христос, Кого евреите Го распнаа како злосторник.
Орест му одговори:
- Кога би ја познал големата сила на Распнатиот, тогаш би го отфрлил почитувањето на ништовните идоли и би Му се поклонил на Оној Кој навистина е Бог, роден од вистинскиот невидлив Бог, Кој доброволно ја соедини Божествената природа со човечката и нѐ избави од погубната ѓаволска измама.
Откако го сослуша Орестовиот одговор, кнезот му рече:
- Со твоите лажни зборови ги мачиш моите уши. Зарем и мене сакаш да ме привлечеш во својата лоша вера? Знај дека нема да ги оставам моите богови и нема да се поклонам на вашиот Христос. Ти велам, остави Го твојот Христос и принеси им жртва на боговите. Ако го сториш тоа, ќе добиеш власт рамна на мојата.
Свети Орест одговори:
- Јас Му се поклонувам на вечниот Бог, мојот Господ Исус Христос, Кој постојано ми прави добро и Нему Му служам, а на вашите бесови нема да им принесам жртва и никогаш нема да бидам учесник во вашата погубна измама.
Потоа кнезот го одведе свети Орест во идолскиот храм, сиот украсен со злато и сребро и преполн со скапоцени идоли, и му рече:
- Оресте, поклони им се на чесните богови.
Светителот му одговори:
- Многу се залажуваш и не ја знаеш вистината. Овие твои богови, направени од злато, сребро, бакар и железо за соблазна на луѓето, ниту гледаат, ниту слушаат и дело се на човечки раце, и не можат да си помогнат, нити на некого нешто добро да му сторат. Тогаш зошто да им се поклонувам?
Кнезот му рече:
- Последен пат те прашувам, ќе им се поклониш ли на боговите? Инаку те очекуваат мачења!
Светителот одговори:
- Мислиш ли дека се плашам од твоите закани? Не надевај се дека ќе ме исплашиш, туку прави што сакаш. Ти не знаеш дека мојот Господ Исус Христос е со мене и ми помага.
Потоа нареди да го соблечат и силно да го тепаат во идолскиот храм. Светителот ги крена рацете кон небото и започна да се моли на Бога да му помогне. Безмилосно беше тепан, и со стапови, и со јажиња, и со воловски жили. Толку долго го тепаа што се променија четириесет војници, орудијата им се скршија и искинаа и врз телото на светителот не остана здраво место од големите рани и утробата му се гледаше. Сепак јуначки трпеше, така што сите се восхитуваа. Притоа кнезот му говореше дека ќе го ослободи ако принесе жртва. Страдалникот молчеше. Потоа кнезот нареди со вжештено железо да му ги печат ребрата и со оцет и сол да му ги поливаат раните. Светиот маченик погледна кон небото и рече:
- Боже, стори со мене чудо од добрина. Нека видат сите кои ме презираат и нека се посрамат (Пс. 85, 17).
И дувна во идолите, и тие веднаш испопаѓаа и се претворија во прав. Светиот маченик силно викна кон кнезот:
- Каде е силата на твоите богови? Зошто не си помогнаа на себе?
И сите побегнаа од храмот, обземени од ужас. Штом и светиот маченик излезе, храмот се затресе и се сруши.
Потоа кнезот нареди да го одведат во внатрешната темница и им заповедаше на стражарите да не му даваат ни леб ни вода, туку да го измачуваат со глад и жед. Во темницата светителот ги крена рацете кон небото и се молеше:
- Господи Исусе Христе, Ти уште од младоста ме научи на побожност. Ти ја избрка од мене секоја желба, заблуда и прелест. Ти заради човекот си ги створил небото, земјата и морето, Ти си ги внел во Својот покој светите Твои Авраам, Исак и Јаков. Тебе Те молам, не оставај ме ни мене, зашто целосно Ти се предадов. Приклучи ме кон оние што пострадаа за името Твое и го наследија Царството Твое.
Така се молеше светиот страдалник и помина во темницата седум дена без леб и вода. Во осмиот ден кнезот го изведе на суд и му рече:
- Беднику! Безбожнику и непријателу на нашите богови! Зарем сѐ уште си упорен и непокорен? Ако не им се поклониш на боговите ќе те подложам на најстрашни маки и безмилосно ќе ти го одземам животот, па ќе наредам твоето нечисто тело да го фрлат во водата!
Свети Орест одговори:
- Подготвен сум да ја претрпам секоја мака, имајќи Го мојот Исус Христос во моето срце.
Тогаш разјарениот мачител нареди да донесат дваесет железни клинци, долги една педа и да му ги забијат во петите. Кога беше сторено тоа нареди да го врзат за бесен коњ, да го влече додека не умре. И така коњот го влечеше светиот страдалник по патиштата и полињата низ трње и остри камења. Во таквите маки светиот страдалник Орест го предаде својот дух во рацете на Господа, одвлечен од коњот триесет и пет километри надвор од градот. Неговото тело мачителот нареди да го фрлат во реката Фива. Но, одеднаш на тоа место се појави човек, светол како сонце, ги собра светителовите мошти и ги погреба во гората, близу градот Тијана. Слава Му на нашиот Бог, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК МИЛИЈ
и неговите двајца ученици
Свети Милиј е роден во едно село на Рахизинската област во Персија. Беше крстен и уште во млади години се занимаваше со изучување на Светото Писмо. Како полнолетен намисли да му се посвети на војничкиот повик кај тогашниот Персиски цар. Но, се откажа од тоа по едно страшно ноќно видение, во кое му беше попречено да стапи во војската. Откако доби христијанско образование живееше во девственост и испосништво, и постојано се молеше за себе и за својот народ. По неколку години го остави својот роден крај и стана монах. Монахуваше во Суза, во Еламската покраина. Потоа беше хиротонисан за епископ од страна на епископот Генадиј, кој беше маченик и исповедник. Свети Милиј многу се трудеше, изобличувајќи ги и со збор и на дело тамошните закоравени незнабошци, поради што доживеа од нив тешки навреди. Најпосле разјарената толпа го претепа и полумртов го исфрли надвор од градот. Тоа го натера да ја напушти Суза. На заминување светителот ја претскажа скорешната пропаст на овој град. И навистина не изминаа ни три месеци, а претскажувањето се исполни. Царот многу се разгневи на овој град поради заверата на тамошните жители и испрати војска. Градот беше разрушен а жителите испоубиени.
Свети Милиј отиде во Ерусалим, а оттаму кај Амон, ученикот на свети Антониј Велики, во Нитриската пустина. Остана таму две години, па се врати во Персија. По пат сврати кај еден монах, кој живееше во една пештера. Кога влезе во пештерата виде огромна змија и рече:
- Оружјето Господово нека те погуби, змијо!
Се прекрсти и дувна во змијата и таа се распукна. Оттаму светителот отиде во својот град и изгради црква, за да измоли простување за непокорниот народ, кој веќе многу беше претрпел.
По многу години отиде во градот Ктезифон, каде во тоа време заседавал собор на епископи против еден епископ, на име Пап. На тој собор свети Милиј го изобличи овој епископ за неговите неправилни барања, а кога епископот започна да го навредува и понижува, фалејќи се со својата мудрост и работа, светителот му претскажа дека наскоро ќе го снајде судот Божји. Така и се случи. Како осуден, Пап умре наредната година.
Од Ктезифон свети Милиј отиде во друг град, чиј што кнез веќе две години тешко боледуваше. Кога дозна за неговото доаѓање, кнезот испрати молба да го посети и да се помоли на Бога за него. На неговиот пратеник светиот епископ му рече:
- Оди и кажи му на болниот, кој те испратил, вака наредува епископот: во името на Исуса Христа, Кого јас, недостојниот и беден Го проповедам, отфрли ја од себе секоја болест, па опашај ја својата половина и пешки дојди кај мене да те видам.
Штом пратеникот му ја соопшти на кнезот наредбата од светителот, болеста веднаш го остави и тој оздраве како да не боледувал. Пешки отиде кај светителот, падна пред неговите чесни нозе, ги прегрнуваше и целиваше и Му благодареше на Бога, Кој така се прослави Себе преку светиот епископ.
Ова преславно чудо привлече многумина кон Христовата вера. Свети Милиј таму истеруваше од луѓето многу ѓаволи. Една фатена жена, која десет години не можеше да стане од креветот, ја исцели штом ја фати за раката. Еден човек, кој неправедно се судел, па дури и лажно се заколнал, и зборовите на светиот епископ ги занемарувал, светителот за пример на многумина го казни со лепра, како што некогаш светиот пророк Елисеј го казни Гиезиј. И многу други чудеса вршеше свети Милиј. Многумина поради тоа ја примаа верата Христова. И по други места светиот угодник твореше чуда.
Најпосле се врати во својот роден крај и таму многумина обрати кон Христа. Штом дозна за него, областниот управник Гормизд Гуфриз нареди заедно со неговите двајца ученици да го фрлат во темница. Потоа ги изведе на суд, ги распрашуваше за нивната вера и им се закануваше со смрт ако не ја докажат вистинитоста на својата вера. На тоа свети Милиј бестрашно му одговори:
- Мојата вера е вистинска и јас не сакам заради твоите лажни зборови да ја бранам. Моето учење е чисто и јас нема да го изложувам пред твојот нечист слух, но ќе ти ја кажам вистината. Тешко тебе, безбожен злотворе, и на сите кои како тебе Го навредуваат Бога! Според својата правда Бог во идниот век ќе ве осуди на пеколот и неговиот страшен мрак и вие вечно ќе се мачите во плач и чкртање со забите, зашто нема да Го познаете Дародавецот, Чии што богатства ги користите и уживате.
Кога ја виде непоколебливата вера на исповедникот Христов и разјарен од изобличувањето, Гормизд гневно скокна и со мечот го прободе светителот во градите. А неговиот разбеснет брат Нерсес му зари нож во срцето. Страдалникот Христов на издивнување им рече:
- Бидејќи се договоривте мене невиниот да ме убиете, тогаш утре во истиот час, во кој мене ме убивте, ќе си ја пролиете крвта еден на друг и вашата мајка ќе остане без деца.
Откако го рече тоа, свети Милиј го предаде својот дух. А пак неговите двајца ученици, незнабожните властодржци наредија со камења да бидат убиени. Телата на светите маченици христијаните чесно ги погребаа со пеење на црковни песни.
Утредента незнабожниот властодржец тргна со својот брат на лов, без да обрне внимание на светителовите зборови. Тие здогледаа елен, па и двајцата побрзаа по него. Кога го изморија започнаа да го стрелаат и по грешка се застрелаа еден со друг. Така се упокоија.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КАЛИОПИЈ
Овој свет маченик пострадал за Христа посечен со меч.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОСТИРИКТ
Се подвизувал во обителта Символи, близу гората Олимп. Бил голем ревнител за светите Икони. Се упокоил во мир во деветиот век.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ МАРТИН ТАРАКИНСКИ
Бил угледен Илирец од Саварија Панонска. Како многу побожен и полн со доблести, строго се држел до Православната вера. Аријанците го изложија на јавна казна и презир, па го протераа од градот. Тој отиде во италијанскиот град Милано, но и тука го доживеа истото од аријанскиот епископ Авксентиј. Тогаш под принуда се повлече на пустиот остров Галариј во Тиренското море, каде што се хранеше со треви.
Потоа стана епископ Таракински. Ги хранеше гладните, ги штитеше поробените и ги просветуваше со светлоста на Евангелието доверените души. Се упокоил во мир.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ НОН,
епископот Илиополски
Преподобниот Нон се беше прочул како голем подвижник во Тивенскиот манастир во Мисир, поради што беше избран за епископ во 448 година на Едеската епархија. Подоцна премина на Илиополската епархија. Тука обрати триесет илјади арапи во верата Христова. По смртта на епископот Ив, свети Нон повторно се врати во Едеса, каде остана до смртта, всушност до 471 година, кога се упокои. По неговите свети молитви беше обратена во верата Христова познатата грешница Пелагија, која потоа се прославила со светоста на својот живот.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КОНСТАНТИН,
кнезот Грузински
Се одликувал со јунаштво и љубов кон својата татковина, а исто така се прославил со милосрдието кон неволните и љубовта спрема духовништвото, вдовиците и сирачињата. Одведен во ропство од арапите, светиот кнез при присилувањето одби да го прими исламот и затоа му беше отсечена главата, во 842 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ОРИОН
Овој свет маченик жив беше затрупан со земја. Така се упокои за Господа Христа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НИР
Се упокоил за Христа посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ТИМОТЕЈ и МАВРА