24. Ноември (11. Ноември)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК МИНА
Свети Мина беше родум египќканин, христијанин по вера, а по занимање војник во Котуанската област, под власта на трибунот Фирмилијан. Во тоа време во Рим заедно царуваа двајцата незнабожни цареви Диоклецијан и Максимијан.
Тие издадоа наредба насекаде да бидат мачени и убивани сите христијани, кои не им се поклонуваат на идолите. Така сите што веруваа во Христа беа насекаде присилувани на принесување жртви на идолите. Блажениот Мина, не можејќи да го гледа тоа одвратно жртвопринесување, ги напушти војската и градот, остави сѐ и отиде во пустата планина. Претпочиташе да живее со дивите ѕверови отколку со луѓето што не Го знаат Бога. Скиташе тој по горите и пустините, поучувајќи се во законот Господов, со пост и молитва очистувајќи ја својата душа, и деноноќно служејќи Му на единствениот вистински Бог. Така помина долго време.
Еднаш во главниот град на Котуанската област беше приреден голем незнабожечки празник, на кој се собраа многу незнабошци. Тука се одржуваа разни игри, театарски претстави, коњски трки и гимнастички натпревари, кои што народот усрдно ги набљудуваше од високи места, специјално подготвени за тоа. Блажениот Мина од ревност кон Бога, претходно со Духот Свети дознавајќи за тоа незнабожечко празнување, дојде во градот, се качи на едно високо место среде гледалиштето, од каде што можеа сите да го видат, и силно викна:
- Ме најдоа оние, кои не Ме бараа. Им се открив на оние, кои не прашаа за Мене (Рм. 10, 20).
Сите гледачи го вперија погледот кон него и замолкнаа, зачудени од неговата смелост. На гледалиштето беше и кнезот на тој град, Пир, кој веднаш нареди да го доведат пред него и го праша кој е. Свети Мина гласно изговори:
- Јас сум слуга на Исус Христос, Царот на небото и земјата.
Кнезот праша:
- Странец ли си или овдешен жител? Од каде таква смелост, та се дрзна да викаш среде гледалиштето?
Во меѓувреме некои од војниците го препознаа и извикаа:
- Тој е Мина, војникот кој беше под власта на трибунот Фирмилијан.
Кнезот го праша:
- Навистина ли си бил војник, како што велат?
Светителот одговори:
- Да, вистина е. Бев војник и живеев во овој град, но не можев да ги гледам беззаконите луѓе, прелестени од бесовите, како им се поклонуваат на идолите а не на вистинскиот Бог, и затоа го отфрлив војничкиот чин и го напуштив градот, за да не бидам учесник во нивното беззаконие и гибел. Така до денес скитав по пустите места, одбегнувајќи го допирот со незнабожните луѓе, непријателите на мојот Бог. А кога слушнав дека го приредувате вашиот богоомразен празник, веднаш дојдов да ја изобличам вашата заслепеност и да ви Го проповедам единствениот вистински Бог, Кој со Својот збор ги створил небото и земјата, и промислува за целата вселена.
Кнезот веднаш нареди да го одведат во темница и да го чуваат под стража до утредента, па денот го помина во празнување и приредби.
Утредента го доведоа пред него свети Мина и тој се трудеше на сите можни начини да го обрати во идолопоклонството. Му ветуваше подароци и му се закануваше. Потоа нареди четири војници да го растегнат и безмилосно да го тепаат со воловски жили. Од неговите рани течеа потоци од крв. А еден од присутните, на име Пигасиј, му рече:
- Човеку, покори се, зашто телото ќе ти биде целосно уништено. Те советувам да им се поклониш на боговите, за сега за да се спасиш од маките, па потоа повторно служи Му на својот Бог, Кој нема да ти се налути, бидејќи си го сторил тоа под принуда.
Но, светителот гневно му одговори:
- Оди си од мене, беззаконику, јас веќе принесов пофална жртва и повторно ќе Му принесам само на мојот Бог, Кој ме крепи во трпението, та овие маки ми се многу лесни.
Запрепастен од неговото трпение, мачителот нареди да го стават на уште потешки мачења. Го обесија на дрво и го стругаа со железни нокти, а мачителот му се потсмеваше, говорејќи:
- Чувствуваш ли некаква болка, Мина? Ти се допаѓаат ли овие маки? Сакаш ли да ти ја зголемам нивната сладост?
Иако многу страдаше, светиот маченик му одговори:
- Нема да ме победиш со овие краткотрајни маки, зашто околу мене стојат и ми помагаат војници на Царот небесен, Кој ти не Го гледаш.
Тогаш кнезот им нареди на слугите уште понемилосрдно да го мачат и да му говорат:
- Немој да исповедаш овде друг цар, освен царевите римски.
Маченикот им возвраќаше:
- Кога би Го знаеле вистинскиот Цар, не би хулеле на Оној Кого Го проповедам, зашто е вистински Цар на небото и земјата и нема друг цар освен Него. Вие без да знаете хулите на Него и Го споредувате со своите гнилежни цареви, краткотрајни и создадени од прашина, на кои Бог им го дал царското достоинство и царската власт, бидејќи е Господ на сета твар.
Тогаш кнезот го праша:
- А кој е тој што им дава власт на царевите и господари над сите?
Маченикот одговори:
- Исус Христос, Синот Божји, Кој вечно живее, на Кого Му се покорува сѐ и на небото и на земјата. Бог ги издига царевите на престолите и царува, дава власт и владее.
Мачителот на тоа рече:
- Зарем ти не знаеш дека римските цареви многу се гневат на сите што го исповедаат името Христово и наредуваат да бидат убивани?
Маченикот одговори:
- Господ се зацари, нека треперат народите! (Пс. 98, 1). Ако вашите цареви се гневат на Христа и на христијаните, јас не обрнувам внимание на нивниот гнев, зашто сум слуга Негов. Само се грижам до смрт да останам во исповедањето на сесветото име Негово и да се насладувам на сеслатката љубов Негова, од која, кој би можел да нѐ раздели? Неволја или тага? Или гонење? Или глад? Или голотија? Или страв? Или меч? Ништо не може да ме раздели од љубовта Христова (Рим. 8, 35. 39).
Потоа мачителот нареди немилосрдно да му ги тријат раните со крпа од козји влакна.
При тоа светиот маченик говореше:
- Сега ја соблекувам од мене кожената облека и се облекувам во ризата на спасението.
Потоа мачителот заповедаше да го горат со свеќи. При ваквите маки тој молчеше. Кнезот го праша:
- Не го чувствуваш ли огнот, Мина?
Светителот одговори:
- Нашиот Бог е оган кој спалува (Евр. 12, 1-29). Оној за Кого што страдам ми помага и затоа не чувствувам болки, не се плашам од вашите мачења, крепен од евангелските зборови на мојот Господ: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат“ (Мт. 10, 28).
Тогаш кнезот го праша:
- Од каде кај тебе таква красноречивост? Времето си го поминал во војска а зборуваш како начитан?
Светиот му одговори:
- Нашиот Господ Исус Христос ни рекол: „Кога заради Мене ќе ве водат пред владетели и цареви, не грижете се што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви се даде што треба да кажете“ (Ма. 10, 18. 19).
Кнезот го праша:
- Дали вашиот Христос знаел дека толку ќе страдате за Него?
Маченикот одговори;
- Бидејќи Бог е вистинит, Тогаш е и провидувач на иднината. Знаел и знае сѐ што ќе биде. Господ Христос однапред ги знае и сите наши помисли.
Кнезот не знаеше што да му одговори, па рече:
- Остави го своето празнословие. Или биди наш, па да престанеме да те мачиме, или биди Христов, па целосно да те уништиме.
На тоа светителот со силен глас рече:
- Христов бев, сум и ќе бидам!
Кнезот рече:
- Ако сакаш, ќе те ослободам на два три дена, за добро да размислиш, па ќе ни кажеш што си одлучил.
Светителот одговори:
- Не два или три дена, туку многу години, исповедајќи ја верата Христова, никогаш не помислив да се одречам од мојот Бог. Затоа ни сега не ми доликува да размислувам за тоа. Не надевај се дека ќе чуеш нешто друго од мене. Од мојот Бог нема да се одречам, на вашите богови жртва нема да им принесам, ниту своите колена ќе ги преклонам пред бездушните идоли.
Кнезот страшно се разбесни и нареди да расфрлаат по земјата разни шила, трозапци, клинци, и по нив да го влечат светителот врзан. А тој, влечен како по меко цвеќе, уште побестрашно го изобличуваше незнабоштвото и го исмеваше безумието на луѓето, прелестени од бесовите. Кнезот заповедаше влечениот маченик да го тепаат и со оловни стапови. Така го мачеа долго време.
Во тоа време еден од присутните војници, на име Илиодор, му рече на мачителот:
- Господине, зарем твојата светлина не знае дека христијаните се безумни и не се плашат од маките? Ги поднесуваат како да се од камен и дрво, а смртта ја сметаат како сладок пијалок. Затоа не труди се повеќе, туку нареди да го погубат овој упорен христијанин.
И кнезот веднаш му изрече ваква смртна казна:
„Лошиот Мина војникот, кој западнал во христијанското безбожие, а не сакаше да ја послуша царската наредба и да им принесе жртва на боговите, наредуваме да биде посечен со меч, а неговото тело да биде запалено пред сите“.
Војниците го поведоа свети Мина надвор од градот, му ја отсекоа главата, запалија силен оган и во него го фрлија неговото свето тело. Некои од верниците, бидејќи огнот згасна, дојдоа и собраа делови од моштите, преостанати од огнот, ги помазаа со мириси и ги завиткаа во чисто платно. По кратко време ги пренесоа во неговиот роден крај, градот Александрија, и таму ги погребаа на чесно место. Подоцна на тоа место беше изградена црква во негово име и во неа се случуваа многу чудеса по неговите молитви.
РАСКАЗИ НА ТИМОТЕЈ, АРХИЕПИСКОПОТ АЛЕКСАНДРИСКИ, ЗА ЧУДАТА НА СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК МИНА
По смртта на незнабожните цареви Диоклецијан и Максимијан, на престолот стапи благочестивиот цар Константин Велики, во чие што време се рашири верата Христова. Во тоа време некои христољубиви луѓе од градот Александрија го најдоа местото каде што беа положени чесните остатоци од моштите на светиот и славен Христов маченик Мина, и изградија црква во негово име таму.
Во тоа време се случи во Александрија поради трговија да допатува еден благочестив трговец од Исаврија. Кога слушна за многуте чудеса и исцеленија, кои се случуваа во црквата на свети Мина, тој си рече:
- Ќе појдам и јас да се поклонам на моштите на светиот маченик и да дадам прилог на неговата црква, за Бог да биде милостив кон мене по молитвите на Својот страдалник.
Размислувајќи така, тој појде во црквата и понесе со себе торба полна со златници. Кога дојде до езерото најде превоз и стигна до местото Локсонет. Кога излезе на брегот бараше каде да преноќи, па влезе во една куќа и му рече на домаќинот:
- Пријателу, те молам прими ме да преноќам, зашто не сакам сам да патувам во ноќта.
Домаќинот му одговори:
- Влези, брате, и преноќевај додека не самне.
Гостинот влезе во куќата, легна да се одмори и заспа. Но, домаќинот виде дека патникот има торба со златници, се соблазни и поттикнат од ѓаволот реши да го убие гостинот, за да му го земе златото. Стана на полноќ и со свои раце Го задави трговецот, му го исече телото на парчиња, го стави во еден кош и го сокри во внатрешната одаја. По убиството Го обзеде страшна вознемиреност и одеше ваму таму, барајќи место да го закопа убиениот. Додека се мачеше околу тоа, му се јави светиот маченик Мина, јавајќи на коњ како царски војник. Влезе низ капијата во дворот на убиецот и праша за убиениот гостин. А убиецот, правдајќи се, му рече:
- Не знам што зборуваш, господине, кај мене немаше никој.
Но, светителот се симна од коњот, влезе во внатрешната одаја, го зеде кошот, го изнесе надвор и го праша:
- Што е ова?
Убиецот се преплаши, се фрли ничкум пред нозете на светителот, додека тој ги составуваше парчињата искасапено тело, и откако се помоли го воскресна мртвиот и му рече:
- Заблагодари Му на Господа.
Тој се разбуди како од сон и сфати дека пострадал од домаќинот, Го прослави Бога и со благодарност Му се поклонуваше на јавениот војник. Светителот го зеде златото од убиецот, му го даде на воскреснатиот човек и му рече:
- Продолжи си го патот со мир.
Потоа се сврте кон убиецот, го дофати и го претепа. Тој се покаја и бараше прошка. Светиот маченик му прости, се помоли за него, се качи на коњот и стана невидлив.
Во Александрија живееше еден човек на име Евтропиј. Тој вети да даде во црквата на свети Мина сребрена чинија. Повика кујунџија и му нареди да изработи две сребрени чинии. На едната да стои натпис: „Чинија на свети великомаченик Мина“, а на другата: „Чинија на Евтропиј, граѓанин на Александрија“. Кујунџијата започна да ја изработува нарачката. Кога ја заврши, чинијата на свети Мина излезе поубава и поблескава од другата. Тој го напиша на едната чинија името на свети Мина, а на другата на Евтропиј и му ги даде. По пат Евтроциј ги употреби за ручек и двете чинии. Притоа забележа дека чинијата наменета за свети Мина е многу поубава од неговата и одлучи да не му ја подари на светителот, при што му нареди на својот слуга со неа да му го прислужува јадењето, а намисли онаа со своето име да ја испрати како подарок на црквата. По ручекот слугата ја зеде чинијата со името на маченикот, отиде на крајот од коработ и започна да ја мие во морето. Но, одеднаш го спопадна ужас и виде човек, кој излезе од морето, му ја грабна чинијата и стана невидлив. Штом си дојде на себе, многу исплашен тој скокна по неа во морето. Неговиот господар толку се исплаши и плачејќи горко зборуваше:
- Тешко мене, бедниот, што посакав да ја земам за себе чинијата на свети Мина. Така и чинијата ја изгубив и слугата свој го погубив. Но Ти, Господи Боже мој, не гневи се крајно на мене, туку покажи ја својата милост. Ветувам, дека ако го најдам мојот слуга ќе направам иста таква чинија и ќе ја дадам како подарок на Твојот свет угодник Мина, или во црквата негова ќе дадам онолку пари колку што вреди чинијата.
Кога стигна на брегот, Евтропиј започна да разгледува наоколу, надевајќи се дека ќе го види телото на својот слуга исфрлено од морето, за да го закопа. Додека внимателно разгледуваше на брегот, го здогледа својот слуга како излегува од морето со чинијата во раце. Запрепастен и радосен, тој силно воскликна:
- Слава Му на Бога. Навистина е голем светиот великомаченик Мина.
Од неговиот вик сите од коработ излегоа на брегот, се восхитуваа на чудото и Го славеа Бога. Распрашан како останал жив во морето и како излегол од водата неповреден, тој одговори:
- Штом се фрлив во морето, маж со прекрасен лик, со други двајца, ме зеде и одеше со мене вчера и денес, и ме доведе овде.
Тогаш Евтропиј го поведе својот слуга со ветената чинија, отиде во црквата на свети Мина, и откако се поклонија му ја оставија како подарок на светителот, благодарејќи Му на Бога и славејќи Го Неговиот свет угодник Мина.
Една жена, на име Софија, доаѓаше од покраината Фекозелитска во црквата на свети Мина, за да му се поклони. По пат ја сретна еден војник, и кога ја виде сама сакаше да ја обесчести. Таа му се спротивставуваше и бараше помош од светиот маченик Мина, кој веднаш се појави, ја сочува жената неповредена и го казни напаѓачот. Кога војникот реши да ја изнасили, го врза коњот за својата десна нога, па тој се разбесни и го влечеше по земјата. И не застана, ниту се смири додека не го довлече до црквата на свети Мина. Коњот многу ржеше и беснееше и привлече многу луѓе кон таа глетка, зашто беше празник и во црквата имаше многу народ. Кога војникот го виде народот и коњот како беснее, при што никој не можеше да му помогне, се преплаши да не пострада, па го отфрли срамот и пред сиот народ ја исповедаше својата гнасна намера. Тогаш коњот веднаш се смири. Војникот влезе во црквата, падна пред моштите на светителот и бараше прошка за својот грев.
Кај црквата на свети Мина со многу други беа дојдени за исцеление и еден сакат и една нема жена. На полноќ, додека сите спиеја, свети Мина му се јави на сакатиот и му рече:
- Пријди молкум до немата жена и фати ја за ногата.
А сакатиот му одговори:
- Светителу Божји, зарем сум блудник, та ми го наредуваш тоа?
Но, светителот три пати му ги повтори своите зборови и додаде:
- Ако не го сториш тоа, нема да се исцелиш.
Тој доползи и ја фати немата жена за ногата. Таа се разбуди и започна да вика навредувајќи го, а сакатиот се исплаши, скокна на двете нозе и побегна. Така и двајцата станаа сведоци за своето исцеление. Немата жена проговори, а сакатиот скокна и побегна како елен. Исцелени, и двајцата Му принесоа благодарност на Бога и на светителот.
Еден евреин имаше пријател христијанин. Еднаш, на заминување во далечна земја, тој му даде на чување сандаче со илјада златници. Евреинот долго се задржа во таа земја. А христијанинот намисли да не му го врати златото. Така и стори. Кога евреинот се врати и си го побара златото, христијанинот одрекуваше;
- Не знам што зборуваш. Ништо не си ми дал, ништо не сум зел од тебе.
Од таквиот одговор на својот пријател, евреинот се нажали и му рече:
- Брате, никој не знае за тоа, освен единствениот Бог. Ако порекнуваш дека сум ти дал злато на чување и тврдиш дека не си го зел од мене, тогаш потврди го тоа со заклетва. Ајде да појдеме во црквата на свети Мина и таму заколни се дека од мене не си зел сандаче со илјада златници.
Христијанинот се согласи, влегоа во црквата на свети Мина и христијанинот се заколна пред Бога дека не зел од евреинот злато на чување. Кога излегоа и само што седнаа на своите коњи, коњот на христијанинот се разбесни и никој не можеше да го задржи. Ги раскина уздите и го фрли на земја својот господар. Кога падна од коњот му падна прстенот од раката и му испадна клучот од џебот, но тој не забележа. Стана, го фати коњот, го смири, го јавна и тргнаа заедно со евреинот. По извесно време христијанинот му рече на евреинот:
- Пријателе, еве погодно место да седнеме и да каснеме.
Се симнаа од коњите, ги пуштија да пасат, а тие седнаа да каснат. По кратко време христијанинот го здогледа својот слуга како стои пред него и во едната рака го држи сандачето на евреинот, а во другата паднатиот прстен и изгубениот клуч. Тој се запрепасти и го праша:
- Што е тоа?
Слугата му одговори:
- Еден страшен војник на коњ дојде кај мојата господарка, и го даде клучот со прстенот и ѝ рече:
- Што побрзо испрати го сандачето на евреинот, за да не му се случи голема несреќа на твојот маж.
И така, мене ми беше врачено да ти го донесам ова, како што си наредил.
Евреинот се восхити на чудото и многу радосен се врати заедно со својот пријател христијанин во црквата на свети Мина. Откако се поклонија, евреинот замоли да биде крстен, бидејќи поверува во Господа Христа, поради чудото што со свои очи го виде. Христијанинот го молеше свети Мина да му прости што го наруши законот Божји. И двајцата го добија моленото. Едниот светото крштение, а другиот прошката. И двајцата се вратија дома радосни и Го славеа Бога и го величаа Неговиот свет угодник Мина.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:
ВИКТОР и СТЕФАНИДА
Во времето на римскиот цар Антонин, под старешинството на војводата Севастијан во војската служеше еден војник родум од Италија, по име Виктор. Тој веруваше во Господ Христос и отворено пред сите го исповедаше сесветото име Негово. Кога во тоа време настана гонењето на христијаните, војводата го повика кај себе блажениот Виктор и му рече:
- Од царот добивме наредба вас христијаните да ве присилуваме на принесување на жртви на нашите богови а непослушните да ги подложуваме на страшни маки.
Свети Виктор одговори:
- Таа безбожна наредба на смртниот цар јас нема да ја послушам. Го имам Бесмртниот Цар, Чие царство е бесконечно и оние што ја извршуваат Неговата волја ќе добијат живот вечен, Смртниот цар и вашето царство се привремени. Оние што ја извршуваат неговата безбожна волја ќе загинат за навек.
На тоа војводата му рече:
- Ти си војник на нашиот цар. Затов покори се на неговата наредба и принеси жртва.
Виктор одговори:
- Не, јас не сум војник на вашиот цар туку на Небесниот. Никогаш не престанав да Му служам на мојот Цар и сега нема да Го оставам, затоа прави што сакаш. Моето тело е во твоите раце, но над мојата душа власт има само мојот Бог.
- Војводата го наговараше Виктор да не се изложува на опасност и го советуваше да им принесе жртва на боговите, за да се спаси од маките, но светителот одлучно му одговори дека сака да трпи маки за својот Господ и се радува што ќе се удостои да страда за името Негово.
По ваквиот одговор тој веднаш нареди да му ги скршат прстите и да му ги извлечат од зглобовите. Потоа го фрлија во вжештена печка, во која остана три дена неповреден, како некогаш Трите Момчиња во печката Вавилонска. Мачителот не очекуваше дека е жив. На третиот ден нареди да ја извадат од печката неговата пепел и да ја фрлат во реката. Но, кога ја отворија, тој излезе здрав и Го фалеше Бога што огнот не се допре до него.
Потоа војводата повика еден вражач и му нареди со отров да го усмрти. Вражачот приготви месо со смртоносен отров и му даде да јаде, а светителот рече:
- Иако не треба да примам од вас нечисто месо и да јадам, сепак ќе го изедам, за да знаете дека смртоносниот отров не може да ѝ наштети на силата на мојот Животодавец Господ.
Потоа се помоли и го изеде отровното месо, кое не му наштети. Многу збунет, вражачот подготви друго месо со најсилен отров и му рече:
- Ако го изедеш ова и останеш жив, јас ќе ги оставам своите вражбини и магии и ќе поверувам во твојот Бог.
Свети Виктор го изеде и тоа месо со најсилен отров и остана неповреден. Тогаш вражачот со силен глас викна:
- Ја победи силата на моите вражбини. Мојата одамна пропадната душа ја извади од пеколот, и сега верувам во Господ Исус Христос, Кого Го проповедаш.
И отиде во својот дом, ги собра сите свои вражачки книги и амајлии, ги запали и стана вистински христијанин.
Кога виде дека ништо не може да му наштети, војводата многу се разлути и нареди да му ги корнат жилите и потоа да го фрлат во вжештено масло. При тоа светиот говореше:
- Ова врело масло ми е толку пријатно, како на жеден студена вода.
Мачителот уште повеќе се разбесни од тоа и нареди да го обесат на дрво и да му го горат телото со свеќи. Притоа растворија смртоносен прашок во оцет и таа мешавина му ја истураа во устата а тој говореше:
- Овој смртоносен отров за мене е како мед и медено саќе.
Мачителот паѓаше во сѐ поголем бес и нареди да му ги избодат очите. Потоа го обесија со главата надолу и го оставија да виси така три дена. На четвртиот ден, мислејќи дека веќе умрел, војниците го најдоа жив и многу се восхитија. Ги обзеде ужас и ослепеа и бараа водичи, но светителот се сожали на нив, се помоли срдечно на Господа и им рече:
- Во името на мојот Господ Исус Христос, прогледајте.
И тие веднаш прогледаа, па отидоа и ја известија војската за тоа. Војводата страшно се разлути и нареди да му ја одерат кожата.
Кога се изврши таа бездушна наредба, една жена христијанка Стефанида, сопруга на еден војник, која беше дојдена да го гледа страдањето на светителот, виде два прекрасни венци како слегуваат од небото. Едниот од нив се спушти над главата на свети Виктор, а другиот на нејзината глава. Таа започна гласно да го велича светиот маченик, велејќи:
- Блажен си ти, Викторе, и блажени се твоите страдања за Христа. Твојата жртва Му е благопријатна на Бога! Ти си преполн со добри дела и совршен во својот род, си поверувал како Авраам, си се принел на Бога како Исаак, си се потрудил како Јаков. Си станал премудар како Јосиф, на кого му беше дадено да ја гледа иднината. Си претрпел искушенија како Јов, кој по многуте страдања го победи ѓаволот и покажа пример на трпение. Еве, гледам два венци испратени од небото, еден голем и прекрасен а другиот помал. Големиот го носат за тебе дванаесет ангели, а помалиот за мене, Иако сум слаб сад, сепак сум готова да влезам во подвигот на мачеништвото и душата да ја положам за нашиот Господ.
Штом ја слушна, војводата нареди да ја доведат пред него, па гордо ја погледна и ја праша:
- Која си ти?
Светителката одговори:
- Христијанка сум.
Потоа ја праша за името и годините и дозна дека се вика Стефанида, дека има петнаесет години и осум месеци и дека е во брак една година и четири месеци и започна кротко да ѝ зборува:
- Зошто толку брзо сакаш да го напуштиш овој прекрасен свет и слаткиот живот и бракот, да ја погубиш убавината на твојата младост и доброволно се предаваш на смрт за Распнатиот?
Светителката му одговори:
- Го оставам привремениот и суетен свет, и сѐ на земјата, и мојот смртен сопруг, за заедно со мудрите девојки да излезам пред бесмртниот Младоженец Христос.
Војводата ѝ рече:
- Остави ги тие бесмислени и некорисни зборови за твојот Бог. Пристапи им на нашите богови и принеси им жртва.
Света Стефанида одговори:
- Ти и твоите богови сте преполни со лаги, а јас ја зборувам вистината. Мојот Господ е вистински и во Него нема неправда. Нема да им принесам жртва на лажните богови, туку сакам да бидам пријатна жртва на вистинскиот Бог, за да не се лишам од венецот што ми е подготвен во Царството Негово.
Тогаш мачителот нареди врвовите на две тамошни палми да ги свиткаат до земјата и за нив да ја врзат света Стефанида, за да биде растргната. И така едната нога и ја врзаа за едниот врв, а другата за другиот, па ги пуштија палмите. Тие ја раскинаа светата маченичка на два дела, а нејзината света душа излета како птица од раскината мрежа, и си најде за себе гнездо на небото, во венецот кој ѝ беше подготвен.
Потоа војводата нареди свети Виктор да го обезглават со секира. Светителот Му благодареше на Бога, а кога пристапи да му ја отсечат главата им ја прорече смртта на своите мачители, говорејќи:
- Вие ќе умрете по дванаесет дена, а вашиот војвода по дваесет и четири дена ќе биде одведен во ропство.
Потоа се помоли на Бога и ја постави својата глава за посекување. Го обезглавија со секира, при што од раната истече млеко со крв. Од ваквото чудо многу незнабошци поверуваа во Христа, Но, особено многу од нив поверуваа кога видоа дека се исполни неговото пророштво. Навистина ненадејно загинаа оние што го мачеа а војводата беше одведен во ропство од непријателите.
Свети Виктор и светата маченичка Стефанида пострадаа на единаесетти ноември, во градот Дамаск. Сега блаженствуваат во градот во кој не се потребни ни сонце ни месечина за да им светат, зашто ги осветлува славата Божја и светилник им е Јагнето Божјо.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВИКЕНТИЈ ЃАКОНОТ
Татковина на свети Викентиј му беше Шпанија. Уште од младоста се посвети да Му служи на Бога, долично го изучуваше Божественото Писмо и ден и ноќ се поучуваше во законот Господов. За учител го имаше премудриот и преполн со доблести блажен Валериј, епископот на Августопол. Кога виде дека неговиот ученик Викентиј е благоразумен и благонадежен, го постави за ѓакон и го направи проповедник на зборот Божји. Епископот одлично го познаваше Светото Писмо, но бидејќи пелтечеше, му довери на светиот ѓакон како достоен, мудар и слаткоречив, да го учи народот во црквата, проповедајќи го словото Божјо. Кога ги доби од својот епископ наредбата и благословот, тој не само во црквата, туку и на секое погодно место срдечно поучуваше и ги упатуваше човечките души на патот на спасението.
Во тоа време од незнабожниот цар Диоклецијан беше испратен во Шпанија еден судија Датијан, по потекло грк, зол по карактер и злобен гонител и мачител на христијаните, Беше испратен немилосрдно да ги убива сите што го исповедаат името Христово. Кога дојде во шпанскиот град Валенсија, тој пролеа многу христијанска крв. Слушна и за епископот Валериј и неговиот ѓакон Викентиј, кои живееја во Августопол, и испрати војници да ги оковаат и да ги доведат кај него на суд. Војниците по пат многу ги злоставуваа, ги измачуваа со глад, жед и брзо одење. Додека тие јавнати на коњи одеа брзо, светителите често паѓаа од умор, па ги врзуваа за коњите и ги влечеа по патот.
Кога стигнаа во градот Валенсија, мачителот нареди веднаш да ги фрлат во смрдлива и мрачна темница, и да ги држат во неа многу денови без храна и вода. Тука Бог ги крепеше со својата благодат и им даваше сила за маченички подвиг. Од страв да не умрат, па да нема врз кого да ја искаже својата мачителска лутина, мачителот ги извади на суд. Кога ги виде здрави и со радосни лица, го праша стражарот зошто им давал храна и вода, та дури се здебелиле, а тој со заклетва го уверуваше дека не им давал ништо.
Тогаш започна сурово да му зборува на епископот, мислејќи дека ако го исплаши со својата строгост, и ѓаконот ќе се исплаши и ќе се скроти. Но, не беше така. Господ, Кој ги исфрла силните од престолот и ги подига смирените, благоволи гордоста на тој надмен мачител да ја посрами најмладиот и по чин најмал. Датијан пред сѐ му постави на епископот вакво прашање:
- Зошто се противиш на царската наредба и славиш некаков Христос?
Епископот му одговори кротко и со тивок глас, како да се плаши. Тогаш ѓаконот Викентиј, исполнет со Духот Свети, ревносно му рече на својот епископ:
-Зошто, оче, толку тивко зборуваш како да се плашиш? Зошто на лаењето на овој пес не одговараш бестрашно? На сиот глас исповедај ја силата Христова и слободно изобличувај го и победувај безумието на овој лош човек, кој сака да војува со Бога, Творецот свој, Кој го издигнал на оваа функција и се труди да им ја оддава на ѓаволите честа што му припаѓа на Бога. Сега треба потполно да се победи ѓаволот, кој многу пати го истеравме со името Христово како немоќен и плашлив и главата на таа змија да ја смачкаме.
Кога виде дека светиот ѓакон не се плаши од неговата сила, власт и закани, Датијан им рече на војниците:
- Одведете го епископот, а јас ќе поразговарам со младиот ѓакон.
Потоа им се обрати на џелатите:
- Подгответе ги сите направи за мачење, со дела да му одговориме на оној што нѐ понижува со зборови.
Па нареди да го врзат за дрво и телото да му го стругаат и кинат со железни нокти. Земјата се натопи со крвта, која како потоци течеше од телото на маченикот и коските му се гледаа низ длабоките рани. Мачителот му се потсмеваше и му говореше:
- Што велиш сега, Викентиј? Гледаш ли колку е испокинато и изнарането твоето тело?
Светителот одговори:
- Го добив посакуваното. Верувај ми, ништо повеќе не сакав отколку да пострадам за мојот Господ. Никој не ме научи на такво добро како ти. Иако тоа го правиш од омраза, сепак ми правиш добро. Колку повеќе ми ги умножуваш маките, толку повеќе Господ ми ја зголемува наградата на небото. Со нивна помош, како по скалила се искачувам кон Бога, Кој живее во висините. Со надежта во Него јас небото го допирам. Еве, царската наредба ја презирам и се смеам на твоето безумие. Не престанувај со мачењето, туку мачи ме - уште повеќе, биди посвиреп сѐ додека постои моето тело. Подготвен сум да претрпам сѐ за името на мојот Господ.
Мачителот се срамеше и викаше по слугите да не ги жалат своите раце, туку посвирепо да го мачат. Кога виде дека малаксуваат, скокна и започна да ги тепа. Светителот со потсмев му одговори:
- Што правиш, судијо? Зошто ги тепаш? Тие мене ме мачат а ти им се светиш.
Од овие зборови Датијан како со стрели погоден страшно се гневеше, сиот трепереше од бес, беше блед во лицето и одвај се држеше на нозе. Откако малку се смири, започна кротко да им зборува на слугите:
- Што се случува, мои верни слуги, та овој злосторник не ги чувствува маките, па дури и ви се потсмева, вам, на кои никој никогаш не се потсмевал? Зарем имаше малку разбојници, злосторници, таткоубијци и вражачи, кои со вашите силни раце ги мачевте и усмртивте, и ниту еден не беше како овој, кој сега е во вашите раце и ни се потсмева и мене и вам? Затоа со сите сили потрудете се да го мачите што посилно!
Но, свети Викентиј уште повеќе се смееше на неговата немоќ и му говореше:
- Мачителу, те молам не престанувај да ме мачиш туку измисли поголеми маки, зашто силата Христова е далеку поголема од мојата и јас нема да престанам да Го прославувам и исповедам единствениот вистински Бог Исус Христос. Ако и ти Го познаеш ќе ја видиш Неговата сила, која дејствува во мене, немоќниот, која ти со своите слуги не можеш да ја победиш. Но, ти не гледаш и не сфаќаш, и не престануваш да ја твориш ѓаволската волја, за гибел на својата душа.
Со маченикот судијата не постигна ништо. Острите орудија минуваа низ мачениковите зглобови и коски, и досегнуваа до неговата внатрешност, а тој остануваше непобедлив. Затоа намисли со милост да го придобие и започна благо да му зборува:
- Сожали се на твојата младост, Викентиј, не прекинувај го долгиот тек на твојот живот. Покори ни се, за да не пропаднеш. Те жалам и сакам да те видам во чест и слава. Ќе ти издејствувам висока функција ако ме послушаш.
На овие ласкави зборови свети Викентиј одговори:
- За мене е полошо твоето лукаво милосрдие, отколку ѕверската јарост, зашто не се плашам од маките туку од ласкавите зборови. Престани со душегубното лукавство, безмилосно мачи ме, па ќе ја познаеш силата Христова, која се вселува во оние што Го љубат.
Мачителот уште повеќе се разгневи и нареди да го распнат на крст, и на разни начини да го измачуваат. Распнатиот маченик го тепаа и со вжештени железа му ги гореа раните, та некако падна од крстот на земјата. Слугите мислеа дека умрел, па го зедоа со намера да го однесат. Но маченикот, крепен со благодатта Христова се извлече од нивните раце, притрча кон крстот, прекорувајќи ги слугите што се немарни во исполнувањето на наредбата на својот господар. Тие многу се разбеснија и започнаа на сите можни начини да го мачат, додека не малаксаа.
По овие мачења го фрлија во темница. Таму неговото тело, сето изнарането, со испокинати жили и смачкани делови, го положија врз остри црепови. А доцна во ноќта, додека стражарите цврсто спиеја, во темницата ненадејно заблеска светлина и кај светиот маченик дојдоа од небото лик на ангели и го утешија во страдањата. Од оваа посета тој беше многу радосен и Го славеше Бога. Кога стражарите го слушнаа како пее и ја видоа неискажаната светлина многу се исплашија и отрчаа да го известат Датијан. Тој многу се изненади и цела ноќ размислуваше што да прави со непобедливиот маченик. Најпосле лукаво нареди да се подготви прекрасна мека постела, да го положат врз неа, љубезни луѓе да му ги превиваат раните и да му ја укажуваат секоја услуга. Божем сожалувајќи го, нозете да му ги целиваат, и при тоа да му упатуваа молби да се смилува на себе и да ја исполни царската наредба. А светиот маченик говореше:
- За мене беше подобра постелата во маките и со ова лукавство нема да ме прелестите.
Тогаш мачителот повторно се сврте кон мачење. Нареди да вжештат железни штици и да ги прилепат до бедрата на маченикот. Потоа го положија на вжештена железна решетка, под која имаше силен оган и го печеа. Тој храбро поднесуваше и беше непобедлив, исповедајќи го името Христово. Така го заврши својот подвиг на мачеништвото, предавајќи го својот дух во рацете Господови.
Кога виде дека умрел, мачителот нареди да го одвлечат во полето и да го остават непогребан, а на одредено растојание постави стража, за христијаните да не можат да го земат. Но Бог, Кој ги чува сите коски на праведниците, постави необичен стражар крај телото на маченикот, нареди гавран да го чува. Стражарите го гледаа гавранот оддалеку како ги брка сите птици грабливци, кои налетуваа и не дозволуваше ни една да слета врз телото. Иако самиот гавран по природа сака да колва по мртво тело, сепак со силата Божја ниту тој се допре, ниту на другите птици им дозволи. Но, најчудесно е тоа што кога наиде волк и сакаше да го однесе телото на светителот, гавранот силно го нападна, го тепаше со крилјата и го клукаше. Така го избрка. Кога стражарите го известија Датијан за тоа, тој многу се восхити, но не сакаше да ја види силата Божја во тоа, туку нареди телото да го фрлат во морето. Војниците го однесоа далеку во морската шир, го фрлија во морските длабочини и се вратија назад. Кога стигнаа до брегот го видоа телото на маченикот кај лежи на брегот. Запрепастени, тие побегнаа. Христијаните го зедоа светото тело И чесно го погребаа, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух.
ЖИТИЕТО И ПОДВИЗИТЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ НАШ
ТЕОДОР СТУДИТ, ИСПОВЕДНИКОТ
Во Цариград живееше еден благороден и богат човек на име Фотин, управник на царската благајна и сите царски државни ризници, оженет со благородната жена Теоктиста. И двајцата беа побожни и полни со страв Божји. Тие ништо не ставаа пред Бога и светите евангелски доблести. Од такви родители се роди блажениот Теодор во 750 година. Откако го крстија, родителите до седмата година го воспитуваа во побожноста и законот Господов. Потоа го дадоа да учи книга. Како бистар и трудољубив, Теодор брзо напредуваше во учењето и со годините постепено и темелно ги изучи тогашните науки: граматиката, книжевноста, реториката и философијата. Заедно со тоа срдечно се занимаваше со сестрано изучување на Светото Писмо и делата на светите Отци. Додека се школуваше, младиот Теодор беше скромен, повлечен и сериозен. Ги одбегнувал реторските и философски некорисни препирања и празнословија и се занимавал со својата душа, развивајќи ги во себе целомудреноста, кротоста, воздржанието, смиреноумието и останатите доблести. Ревносно одел на црковните богослуженија и го измачувал своето тело со пост, бдение и работа. Срдечно ги читал и изучувал животите на светите подвижници, и така млад, со целото свое битие неуморно се насочувал кон небото.
Во тоа време Црквата доживуваше тешки денови од иконоборните ереси. Царот Константин Компроним, злобен иконоборец, ги исфрлаше од храмовите светите Икони и светите Мошти. Ги уништуваше фреските и мозаиците, го забрануваше молитвеното почитување на светите Икони, ги прогонуваше сите иконопочитувачи и особено немилосрдно и крваво ги злоставувал и мачел монасите, како убедени, огнени и бестрашни бранители на иконопочитувањето. Ги затвораше и рушеше манастирите и ги одземаше манастирските имоти. Сето тоа, само во помала мера, продолжи и за време на царувањето на Копронимовиот син, царот Лав 4ти Хазар. Сетоа тоа се одигрувало пред очите на христољубивата душа на младиот Теодор. Но, во втората половина од Хазаровото царување, за време на едно краткотрајно затишје, од гората Олимп во Цариград дојде игуменот Платон, вујко на Теодор, брат на неговата мајка, познат подвижник, ревносен поборник на иконопочитувањето, човек со голем углед во царството. Неговиот престој имаше огромно влијание врз многумина. Тој во многу срца ја разгоре љубовта кон монаштвото, таа највозвишена философија на животот. Предводници на тие лубители на монашката философија беа Фотин и неговата сопруга Теоктиста, нивните два сина Теодор и Евтимиј и нивната ќерка. Фотин го раздаде својот имот и богатството на сиромасите, ги ослободи своите робови, се одрече од службата на царскиот двор, па со целото семејство замина во Витинија, воден од игуменот Платон. Таму се задржаа на Фотиновиот имот Воскитион, во близина на местото Сакудион. Воскитион беше прекрасно место на падините на планината Олимп, опкружено со прекрасна шума, со одлична истечна вода, со многу најразлични овошки, повлечено и тивко, отсечено од светот. Само по една патека можело да се дојде до него. Ова место многу им се допадна на сите и се населија тука. А Теоктиста со ќерката и роднините се насели на европскиот брег на Босфорот. Тогаш младиот Теодор имаше дваесет и две години. Во Воскитион беше основан манастир и изградена црква, во име на свети Јован Богослов. Манастирот се нарече Сакудионски и беше под власта на игуменот Платон. По кратко време светиот игумен го облече Теодор во монашка риза, и тој со уште поголем жар се предаде на испосничките подвизи, кои и претходно ги извршуваше, измачувајќи го своето тело со постот и најтешките работи. А темел, врз кој што го градеше сиот свој монашки живот му беа послушноста и смиреноста. За уште повеќе да се смири, тој си даваше на себе најразлични послушанија, па дури и оние сметаните за најниски. Сечеше и цепеше дрва, носеше вода, копаше во градината и полето, носеше и влечеше камења, често на грбот носеше сточни бали, ја ѓубреше градината и тоа ноќе, за некој да не го види. Кога се дозна за тоа многумина се чудеа што синот на толку богати родители, одгледан во раскош и богатство, зема врз себе толку ниски работи, сметајќи дека најголема слава е да се живее без слава. Додека така постапуваше, тој навистина сметаше дека ништо не работи. Затоа го зголемуваше своето усрдие. Им помагаше на браќата во послушанијата, кои поради својата немоќ или телесна болест не беа во состојба навреме да ги завршат. Додека им помагаше трчаше на сите страни и им беше слуга на сите. Посебна грижа и исклучително залагање блажениот Теодор посветуваше на исповедањето на своите помисли и дела, кај својот духовен отец свети Платон. Со љубов одеше кај него, искрено му ги исповедаше сите свои постапки и со сето срце примаше од него поуки и совети.
Напоредно со овие споменати подвизи блажениот Теодор со особен и незгаслив жар ги читал и изучувал Светото Писмо и светите Отци. Притоа се задржувал на делата на свети Василиј Велики за монаштвото и подвижништвото, кои му служеле како раководство на неговиот личен подвижнички живот. Исто така, тој секој ден издвојувал дел од времето за богоразмислување. Тогаш потполно се осамувал, стоејќи пред Господа молитвено и солзно, со сите тајни на својата душа. Така преподобниот Теодор доби исклучително место меѓу останатите подвижници и полека стана за нив како некој закон. И нивната љубов кон него беше голема, особено љубовта на блажениот игумен Платон. Тој во преподобениот Теодор имаше не само мудар собеседник, туку и богомудар помошник во управувањето со манастирот и водењето на манастирските работи.
Додека ревносно ги градеше во себе сите доблести, блажениот Теодор дишеше со некоја света внатрешна тага, христочезниво умиление и боготворно смирение. Доказ за тоа беа обилните солзи, кои така богато се излевале од неговите очи. Истовремено од него зрачеше небесна радост и благодатна озареност. Неговиот ум, исчистен од земноста и ослободен од страстите, беше со молитвата сиот упатен кон Бога и усредоточен кон Божјото.Неговото воздржание беше прекрасно и разумно. Тој ниту ја одбегнуваше храната, ниту неблаговремено го оптеретуваше стомакот, туку мудро ја сотираше главата на лошата ламја. Не постеше подолго време од пропишаното за сите браќа, туку кога сите беа на трпезата и тој јадеше заедно со нив. Но, притоа многу малку, колку да го одржи телото. Истовремено се трудеше да го сокрие своето воздржание, за да не се открие дека речиси не зема храна и пости пред луѓето. Во тоа многумина се огледуваа на него и се трудеа да го подржуваат според своите сили. Меѓу таквите беа и Јосиф, неговиот брат по тело, кој подоцна за својот доблесен живот беше поставен за архипастир на Солунската црква, неговиот втор брат по тело Евтимиј, потоа Атанасиј, Навкратиј, Тимотеј и многу други од воздржливците, кои, одејќи по него напредуваа во доблестите.
Меѓу останатите доблести блажениот Теодор ја имаше и таа што срдечно читаше душекорисни книги и внимателно ги читал Стариот и Новиот Завет и делата на светите Отци. Исклучително сакал да ги чита делата на свети Василиј Велики и тие му беа храна за душата, голема духовна наслада. А пак правилата и уставите на монашкиот живот, пропишани од свети Василиј тој многу грижливо ги исполнуваше, без да наруши ниту јота од нив. Оние кои не ги исполнуваа тие правила и прописи тој не ги сметаше за монаси туку за мирјани.
Преподобниот Платон многу се радуваше на таквиот живот на блажениот Теодор и одлучи да го одликува со свештеничкиот чин. Затоа го одведе во Цариград, кај свјатјејшиот патријарх Тарасиј, каде беше ракоположен во чинот презвитер од свети Тарасиј, но не по сопствена волја, туку по настојување. Блажениот се сметаше за недостоен и не сакаше да го прими таквиот чин, велејќи дека ги надминува неговите сили. Но, не можеше да се противи на наредбата на својот духовен отец Платон и патријархот, и се покори. Кога се врати во манастирот се предаде на уште поголеми подвизи и трудови што не можат да се опишат. Со сите сили се напрегаше својот ум да го отстрани од сетилното, измачувајќи го остатокот од телото. Ослободувајќи се од земното, тој се трудеше да живее единствено со душата. Љубовта кон Бога и стремежот кон небесното не му дозволуваа да одвои ни најмалку време околу грижата за телото. Тоа го тераше да го презира и она најнеопходното, сонот и храната. Спиеше многу кратко, а храна земаше многу малку и сѐ презираше како веќе да се претставил и ја напуштил земјата, иако живееше со телото.
Додека го набљудуваше таквото негово усовршување, преподобниот Платон чувствуваше дека во Теодор има нешто необично големо, му се восхитуваше и често го фалеше. И на многумина им укажуваше на таквиот негов напредок. Тој започна да го моли да ја прими управата и старешинството на манастирот, бидејќи беше веќе стар и истоштен, а братството се зголемуваше. Блажениот одбиваше и тоа го сметаше за тешко бреме, иако во сѐ останато беше многу послушен. Далеку полесно му беше да биде под власт отколку да биде на власт и да управува со други, особено со монасите, кои се ревносни во доблестите и подвизите. Во раководењето на монасите е потребно да се испитуваат не само нивните дела и зборови, туку и сите движења на душата, сите помисли, сето внатрешно душевно расположение и состојба, зашто тука и најмалиот пропуст нанесува најголема штета и остава злото да таи внатре. Тоа е она што го натерало преподобниот да не го прими старешинството.
Кога увиде дека не може да го наговори, игуменот Платон ја искористи болеста што го снајде, иако дотогаш навистина беше слаб и немоќен, та легна во постела. Притоа ги повика сите браќа, ги извести дека му се наближува крајот, ги поучи како да живеат по неговото заминување и ги праша кој да им го остави за настојател и кого го сметаат за најдобар и најспособен за тоа. Притоа додаде дека и тој ќе се согласи со нивниот избор. Знаеше преподобниот дека сите ќе бидат за Теодор, зашто сите го сакаа и почитуваа заради неговите големи доблести. Така и се случи. Сите едногласно и еднодушно одговорија дека Теодор треба да им биде игумен.
Тогаш преподобниот Платон веднаш му ја предаде сета власт на Теодор, кој не можеше да се противи на едногласната желба на сите браќа. Кога го прими игуменството, тој си додаде врз себе уште поголеми подвизи, та им беше пример на сите и со животот и со збор и на дело. Многу труд вложуваше додека ги учеше сите заедно и секого поодинечно во вршењето на добродетелите. Особено со сета душа се трудеше да им објасни на браќата како треба со сета сила, со сето срце и со сиот ум да се борат против ѓаволот, често повторувајќи ги зборовите на светиот апостол: „Нашата војна не е со крв, ни со тело, туку со поглаварите и властите, и управителите на темнината на овој свет, со духовите на поднебесното зло“ (Еф. 6, 12), дека е потребно постојано будно да се стражари и бдее, за да се победи непријателот. Не смее да се биде безгрижен и немарен, зашто лукавиот еднаш победен не го напушта бојното поле, туку набљудува и демне од која страна и со какво оружје повторно да нѐ нападне. Затоа треба упорно да му се спротивставуваме не само со одбегнување на злото, туку и со вршење на доброто. Злото мора да се уништува во самиот зачеток, додека сѐ уште е во мислите. Многу е важно да се очистува умот од лошите помисли, зашто мислата е корен и извор на злото, кое се врши во телото и со телото. Така секојдневно учејќи ги своите ученици, преподобниот Теодор ги поттикнуваше на подвизи и ги бодреше на јуначко држење во борбите. Учениците целосно му се предаваа, предавајќи му ги своите души, му ги исповедаа сите свои дела, сите постапки, без нешто да направат без негова волја. Нивна прва и основна грижа беше да му ги откриваат до подробности своите помисли и да го очистуваат својот внатрешен човек. А премудриот отец, примајќи ја исповедта на секого од нив, со ревносна грижливост им го даваше соодветниот лек и лечење. Притоа стануваше и благ и строг, според духовната состојба на секого од нив. Покрај тоа често им изговараше благовремени поучувања, кои им влеваа во срцата утеха и умиление. Низ сето тоа мрзеливите ги поттикнуваше на подвиг, а ревносните ги поддржуваше и воодушевуваше на сѐ поголеми подвизи.
Време е да проговориме за страдањата на нашиот отец Теодор, поднесени од ревноста за Бога и законот Божји, за да го видиме неговото јуначко трпење во неволјите.
Во тоа време царот Константин, синот на благочестивата и христољубива царица Ирина, кога стана полнолетен ја избрка од царскиот престол својата мајка и започна лично да царува. Млад и развратен, тој им се предаде на страстите и блудот. Затоа одлучи да ја избрка својата сопруга Марија и насилно ја натера да се замонаши. При тоа зеде друга жена, по име Теодотија, која беше роднина на неговиот татко. Пресветиот патријарх Тарасиј не ја одобруваше оваа прељуба на царот и не сакаше да го даде својот благослов да се венчаат. Но, еден презвитер, на име Јосиф, кој беше економ на Големата Црква, ги наруши Божествените закони, не го послуша патријархот и тајно ги венча, додворувајќи му се на беззакониот цар. За оваа злосторничка дрскост подоцна овој презвитер по заслуга беше казнет, за што ќе стане збор подоцна. Патријархот на сите можни начини се трудеше да го раскине овој прељубнички брак на царот, но тој се закануваше дека ќе ја обнови иконоборната ерес. Патријархот се повлече, за Црквата Христова да не ја снајде уште поголемо зло. Меѓутоа, беззаконието започнато од царскиот дворец се распространи насекаде, дури и во далечните покраини. Така започнаа да постапуваат кнезовите и велможите, кои живееја на Босфорот и меѓу Готите, и поглаварите на останатите покраини. Тие ги бркаа своите сопруги, насилно ги замонашуваа и земаа нови.
Блажениот Теодор многу страдаше поради тоа и се плашеше таквото прељубодејство да не стане обичај, па подоцна да прерасне во закон и законот Божји да биде разорен. Ревносен за Божјиот закон, преподобниот Теодор им испрати на сите монаси посланија со известување за царевото беззаконие, и налог да го сметаат за одлачен од Црквата Христова, како разорувач на законот Божји, кој со самата постапка се одлачува себе си од Црквата, и како соблазнувач на многумина, кој се дрзна јавно да прељубодејствува со роднина, и чија што лоша постапка започнаа многумина да ја практикуваат. Гласот за оваа ревност и смелост на преподобниот Теодор се разнесе насекаде, а дозна и царот и многу се разлути. Тој го сметаше Теодор за праведен човек, славен и почитуван од сите, и затоа најпрвин намисли да го придобие со ласкање. На својата прељубничка сопруга ѝ нареди да му испрати на светителот многу злато, со молба да се моли за неа и нејзиниот род. Светителот одби да го прими златото и ги избрка пратениците како одобрувачи на царското беззаконие. Тогаш измисли друго средство. Уреди да се изврши, божем како потреба, патување низ местата каде што живееше преподобниот, а всушност за да поразговара со него и да го придобие. Претпоставуваше дека ќе го сретне со браќата и ќе му го оддаде должното почитување. Но, кога минуваше покрај манастирот, ниту преподобниот, ниту некој од браќата, излезе да го пречека. Напротив, сите се беа затвориле и молчеа. Кога царските слуги започнаа да тропаат на капијата, никој не им одговори. Царот уште повеќе се разлути. Штом се врати во своите палати, веднаш испрати во манастирот еден свој големец со војници, со наредба светителот и сите монаси да ги подложат на најразлични мачења, па да ги истераат од манастирот и да ги испратат во заточение. Големецот постапи според наредбата. Ненадејно го нападна манастирот, ги фати сите во него, започнувајќи од преподобниот Теодор. Започна немилосрдно да ги мачи, така што месо отпаѓаше од нивните тела и земјата се натопуваше со крв. По свирепото мачење го испрати преподобниот на заточение во Солун и со него единаесет најглавни отци, кои од сострадание храбро ги трпеа со него оковите и неволјите, и се радуваа што заради правдата се прогонети и мачени.
Херсонските и Босфорските презвитери и монаси многу ги сожалуваа страдалниците, па и самите започнаа да го осудуваат царот и да го сметаат за одлачен од Црквата. Затоа многумина од нив беа испратени во прогонство.
Блажениот Теодор, иако заточен, им пишуваше на другите заточеници, кои за истата работа се наоѓаа во заточение, ги храбреше и советуваше да бидат храбри во неволјите и јуначки да се држат и да страдаат за вистината. Тој исто така му напиша и на папата Римски, го извести за сѐ што се случи и колку и поради што поднесе страдања од беззакониот цар. Папата му одговори со пофалба за неговото трпение, величајќи ја неговата ревност за Бога и непоколебливото јунаштво. Бог од Своја страна наскоро му се одмазди на царот за невиното страдање на Своите слуги. Го лиши и од царството и од животот. Загина со лоша смрт. Неговата мајка и големците се кренаа против него, му ги избодеа очите и тој набрзо умре. По неговата смрт, кога Ирина повторно стапи на Византискиот престол, сите заточеници беа вратени и блажениот Теодор беше повикан од Солун во Цариград, каде како исповедник Христов многу свечено беше пречекан од патријархот и царицата. Тогаш гореспоменатиот презвитер Јосиф, кој се беше дрзнал да го благослови незаконскиот брак на царот, беше осуден според правилата на светите Отци, беше лишен од свештеничкиот чин и одлачен од Црквата. Свети Теодор се врати во својот манастир и сите му се радуваа, брзаа да го видат, задоволни што таквиот ревнител за законот Божји, кој заради правдата претрпел мачење и прогонство, повторно е вратен. Преподобниот ги собра своите растерани духовни отци и водеше богоугодниот живот, со своите големи доблести светлејќи им на сите, како свеќа на свеќник.
По неколку години се случи наезда на Агарјаните врз Византиското царство и тие започнаа да пустошат и освојуваат одредени покраини. Тогаш многумина од страв бегаа во утврдените градови. Во тоа време и преподобниот Теодор го остави Сакудион и дојде со браќата во Цариград. Неговото доаѓање им беше многу пријатно на патријархот и царицата, кои многу му се израдуваа и го молеа да го прими Студискиот манастир и во него да одреди за своите ученици најдобар начин на живот.
Овде треба да кажеме и неколку зборови за овој манастир. Еднаш допатува од Рим во Цариград еден благороден и влијателен човек, кој беше удостоен на чинот патрициј и антипат. Тој изгради голема и прекрасна црква во име на свети Јован Претеча и изгради манастир при неа. Ги повика монасите од обителта „Незаспивливи“ и ги замоли да живеат во неговиот манастир и да го исполнуваат целиот свој устав. Тој човек се викаше Студиј. Затоа и неговиот манастир започна да се вика Студијски, односно Студитски. Во него живееја монаси сѐ до царувањето на царот Компроним, држејќи го уставот на „Незаспивливи“. Но, непобожниот Копроним со иконоборството предизвика неред во Црквата Божја и ги избрка од Цариград сите монаси. Така Студитскиот манастир опусте. А кога тој загина, престана гонењето. Монасите повторно започнаа да живеат при Студитската црква, само во мал број. Во времето кога преподобниот Теодор со браќата дојде во Цариград, во Студитскиот манастир имаше само дванаесет монаси. На молба на царицата Ирина и пресветиот патријарх Тарасиј, преподобниот Теодор го прими Студитскиот манастир и започна да живее во него. Кога увиде дека тоа место е многу погодно за живеење на монасите, тој го обнови и прошири манастирот и собра многу браќа. Кај него доаѓаа монаси и од други манастири, за да живеат покрај него и да им биде наставник и учител. Сите татковски ги примаше и нелицемерно ги сакаше. Во неговите очи сите беа еднакви. За сите подеднакво се грижеше. Знаеше дека монашкиот лик е еден и ист, макар кој и да се облече во него, како што и благодатта на крштението е една и иста, кој и да се удостои на неа. Но, на монасите им се делат разни награди соодветно на нивните доблести. Неговите ученици многу напредуваа во добродетелите и славата за нивното свето живеење се ширеше на сите страни. Затоа многумина доаѓаа кај нив, за да ги следат нивните подвизи. Нивниот број достигна до илјада души. Со толку голем број на ученици, за преподобниот Теодор беше невозможно сам да го одржува потребниот поредок и успешно да раководи со духовниот живот на браќата, да ги надгледува сите, да го испрашува секого од нив и на дело, и на збор, и на помисли. Затоа богомудриот отец, како втор Мојсеј, си одбра помошници, најискусни монаси во доблестите, најревносни во подвизите, најмудри во расудувањето. На секого му одреди должност и функција. Така постави намесници, економи, благајници, намирничари, надзорници на трпезата, гостопримци, болничари, библиотекари, краснописци, писари, старешини во сите работилници, надзорници над сите имотни и економски работи, надзорници на богослужбениот поредок, надзорници на ќелиите и послушанијата, будители, еклисијархси, канонарси, итн. Свети Теодор исто така пропиша и правила до кои треба да се придржува секој од нив при вршењето на својата должност - послушанието. Востанови и епитимии за разни грешки и нарушувања на манастирските правила. За едни одреден број на метанија, за други специјален пост, воопшто за секоја грешка соодветниот духовен лек, епитимија: ако некој не отстои до крај на богослужението, или скрши сад, или фрли нешто од невнимание, или прави нешто намерно, или со нешто навреди брат, или зборува непотребно, или гласно се смее, или не оди кротко и смирено, или разговара на трпезата и не слуша што се чита, или ропоти поради храната, или бесрамно и дрско шара со очите ваму таму, или прави нешто слично, за таквите браќа богомудриот отец одреди епитимија, соодветна на нивните постапки. При тоа востанови во својата обител општожително заедништво, односно никој да нема ништо свое, ниту да го нарекува свое, туку сѐ им беше заедничко: и храната и облеката и секој предмет. Природно е имотот да биде заеднички кај оние што имаат заедничка душа, заедничко насочување кон Бога. А за првиот пример на такво свето заедништво зборува светиот апостол: „Кај народот кој поверува имаше едно срце и една душа; и ниту еден не зборуваше за својот имот дека е негов, туку сѐ им беше заедничко“ (Д. А. 4, 32; сп. 2, 44). Преподобниот се погрижи и неговите монаси да не одат често во градот по манастирски потреби, зашто знаеше какви опасности му претат на монахот во градот, од општењето со мирјаните и од световните разговори. Од таа причина одлучи во манастирот да воведе разни занаети. Така некои од браќата започнаа да учат за столари и ѕидари, други за ковачи, трети за кројачи, четврти за каменорезачи, за кондурџии, плетачи и останатите занаети потребни за манастирското општожитие. Тие работеа во своите работилници под раководство и надзор на постарите од својата средина и сложно и побожно пееја побожни песни и Го славеа Бога. Во својата работа внесуваа ревност и совесност, знаејќи дека монасите со работата го осветуваат своето тело и ја прават душата бестрасна. Постарите со страв Божји и љубов ги давале своите наредби, а браќата им укажувале целосна послушност. Кога во текот на работата престанувале со духовната песна, можеле да поразговараат меѓу себе и тоа за работата што ја извршуваат или за некое прашање од Светото Писмо и светоотечките дела, за богослужението, за животот на некој светител, за разделувањето на душата од телото, за судот Божји и за други душекорисни работи. Воопшто, сите живееле според своите правила. Со рацете работеле, а во устатата постојано молитвата Исусова и псалмите Давидови ги имале.
Славата за таквиот поредок на Студитскиот манастир брзо се пронесе на сите страни и многу други манастири, дури и во далечните земји, го примаа Студитскиот устав, го исполнуваа, а некои го исполнуваат и до денес. Свети Теодор исто така напиша и многу душекорисни книги и состави пофални слова за Господовите и Богородичните празници, со прекрасни песни го прослави свети Јован Крстител, и состави многу канони и тропесници, и како река полна со вода на премудроста ја напои и орадости Црквата Божја со струите на своите учења и песни.
Со многу христочезнивата душа, преподобниот Теодор прво себе си се обработи и изгради со Христа во човек совршен, во личност чудесно христолика. Тој се изгради себе си во Христа со помош на светите тајни и светите доблести. Така стана непогрешлив градител и изградител на човечките души и нивен богомудар водач во животот вечен, преку вечната Вистина. Во нашиот земен свет ништо не е поважно од душата. Затоа за секој човек на земјата најважна работа е да ја обработи и подготви својата душа за животот вечен. Свети Теодор Студит сиот е во таа Божествена работа: човечките души ги обработува со светите добродетели и ги води од времето во вечноста, во рајот, во Царството Небесно. Сиот внесен во тоа, тој многу работел на тоа, и многу пишувал за тоа. Сѐ што напишал е небесен бисер за секоја човечка душа. Според својот свет живот и работа е многу сличен на свети Василиј Велики. Затоа со право е наречен втор Василиј според животот и учењето. По свети Василиј тој е најглавен и најголем и најбогомудар градител и законодавец на манастирскиот монашки живот. Тука сѐ се сведува на човечката душа, на нејзиното спасение од гревот, смртта и ѓаволот со помош на осветувањето, охристовувањето, обожувањето. Во тој поглед нема разлика помеѓу душата на монахот и душата на мирјанинот. Иста природа на душата, иста цел, исти непријатели, иста борба, исти средства за спасението. Затоа и неколку мисли на свети Студит за тоа ќе бидат како херувимско око, кое видовито ќе го согледа она што е најважно за секого од нас.
Времето за градење на нашето спасение е секогаш и насекаде, вели свети Теодор. Зашто светиот Апостол вели: „Радувајте се секогаш. Молете се непрестајно. Благодарете за сѐ“ (1 Сол. 5, 17-18). И навистина овие три доблести го одредуваат нашето спасение. Зашто постојаната радост е достојание на праведноста; непрестајната молитва не му дава место на ѓаволот во нас; постојаното благодарење на Бога е очигледен доказ за љубовта кон Бога. Оној што има чисто срце, кротост и молитвено тихување, тој во себе има совршена доблест. Затоа секој нека се труди совеста да му биде чиста пред Господа. За да го постигне тоа, човекот нека не ја отвора вратата на ѓаволот преку примањето на лоши помисли. Во нашата борба со нечистите духови ништо не е толку моќно како молитвата, солзите и скрушеноста на срцето. Затоа, кога ќе нѐ нападне ѓаволот или дури кога и заради нашата небудност ќе ни нанесе рана кога ќе забие стрела на похота во нашето срце, веднаш да прибегнеме кон молитвата и ѓаволот ќе побегне од нас. Да лиеме солзи и ќе згасне жарот на заблудата. Да се понижиме и Господ ќе нѐ издигне. Блажен е оној што секојдневно се присилува себе си на дело Божјо.
Еве ви ја мојата наука, вели светиот богоносец Теодор Студит: „Бидете добри спрема оние што лошо постапуваат со вас. Намразете го нивниот порок, и држете се настрана од него, но самите нив не сметајте ги за непријатели, туку советувајте ги како браќа. Доблеста е постојано во движење, и никогаш не застанува при одењето напред, туку оние што учествуваат во неа таа секогаш ги води кон подобро. Во стремежот кон доброто нема застанување, зашто застанувањето во доброто станува почеток на злото. Затоа, да не застанеме на местото на добродетелите, туку постојано да бидеме во движење, одејќи од сила во сила, додека да достигнеме до човек совршен, во мерата на растот на висината Христова“ (Еф. 4, 13). На Бога ништо не Му е помило од душата чиста од страстите. И никаква, со најразноврсни цветови расцветана ливада, не може толку убаво да мириса, како што мириса душата од доблестите. Почеток и корен на нашите согрешенија е неумесната помисла, која, извадена надвор, со милоста Божја се отфрла. А ако ја криеме, таа полека се претвора во дело на темнината. Од тука доаѓа душевната смрт, од тука доаѓа самооправдувањето и заблудата.
Љубовта кон Христа, учи богомудриот Студит, потполно го менува човекот, го приморува да не припаѓа на себе, туку на Оној Кого Го љуби. А кога човекот не Го љуби Христа огнено, тогаш станува плен, роб на лоши помисли и телесни желби и душата му ја мачи тага, горчина, немир. Затоа треба да се разбудиме и да ја исчистиме душата од таквите погубни желби, за Христос да живее во душата. Таму каде што е чистотата, таму е Христос. Оној кој негува во себе добродетели, навистина е мирис Христов, како што сведочи Апостолот говорејќи: „Ние сме Христов мирис пред Бога“ (2 Кор. 2, 15). Треба да се каже и тоа дека и Адам до нарушувањето на заповедта бил мирис пред Бога, зашто украсен со бесмртноста, нераспадливоста и небесните согледувања, тој дишел со доблестите и како благомирисно цвеќе бил населен во рајот. Затоа и ние треба да мирисаме со духовен мирис, а тој мирис го подготвува во себе секој што живее во доблестите. Доблесниот човек всушност е мирис Божји. На вистинските христијани и вистинските монаси им е својствено постојано да бидат поготвени за опасности заради доблестите и ништо да не ставаат пред заповедите Божји.
Да се биде христијанин значи да се доживува животот Христов како свој, да се поддржува Христос и да се уподобуваме на Христос, Таа вистина ни ја благовести Христоносниот философ свети Теодор, по повод раѓањето Христово на земјата.
Време на Раѓањето Христово: треба да се промениме, да се препородиме кон богоугодниот живот. Ако од неодговорност си станал немарен и мрзелив и подложен на телесни желби, та тајно си се потчинил на гревот и на извесен начин си умрел во порокот, ајде сега препороди се, внесувајќи во својата душа страв Божји и размислување за страшниот Суд, стапи во областа на светлоста, тежнеј да се уподобиш на Христос, отфрлајќи ги од себе лошите помисли. Ако постапиш така, потоа ќе добиеш дар на мудрост и разборитост, и одејќи по тој пат на усовршување ќе се удостоиш да го собориш и самиот искушувач - ѓаволот. Потоа можеш да бидеш изведен на суд, подложен на камшикување и останатите мачења, односно на кротко поднесување на навредите и неправдите. Притоа можеш да бидеш подложен и на еден вид распнување и доброволна смрт, со отсекување на главата на своите самоволни тежнеења и телесни желби. Тоа всушност значи и да се сораспнеме и да умреме заедно со Него. А кој е сораспнат со Христос, тој и ќе се прослави заедно со Него. Кој ќе се сопогребе со Христос, тој и ќе воскресне заедно со Него. И кој страдал со Христос, тој и ќе царува со Него низ сите векови. Доблеста е од Бога и е Божествена, а порокот е од сатаната и е сатански. Оние што ги избрале доблестите се богови и Божји. А оние што го избрале порокот се ѓаволи и му припаѓаат на сатаната. Вистинскиот христијанин не е ништо друго освен подобие, слика и печат на Христос; и должен е да биде во таков близок однос со Него, во каков што е секој дел од телото со главата и лозата со лозовиот корен. Зашто Самиот Господ рекол: „Јас сум лозата, а вие сте прачките“ (Јован 15, 5); исто така и Апостолот: „Вие сте тело Христово и членови меѓу себе“ (1 Кор. 12, 27). Навистина оној што со сето свое битие Го сака Бога, тој излегува од себе и во саканиот живее, се движи и постои. Заради Христа ние мораме да бидеме подготвени да се одречеме и од Едемскиот рај. Човекот, како слика Божја, навистина е бог.
Христочезнивиот монах, опитниот испосник, богомудриот игумен, боговдахновениот духовник, бестрашниот исповедник свети Теодор, гледа во монаштвото највозвишен и најсовршен начин на живот на земјата. Нема ништо поблажено, вели тој, ништо повозвишено од нашиот монашки живот. Монахот е оној што само кон Бога се стреми, кој само за Бога чезнее, кој само на Бога му припаѓа, кој само на Бога Му служи, кој има мир со Бога и е заслужен за мирот кај другите. Има еден закон и едно спасоносно правило за сите, особено за монасите: да не правиме ништо освен она што Му е по волја на Бога: да го градиме нашето спасение со страв и трепет (Флп. 2, 14).
Монаштвото е доброволно мачеништво. Тоа мачеништво првенствено е мачеништво на совеста: борба со лошите помисли со помош на молитвата, солзите, постот, бдеењето; благодушно поднесување на навредите, клеветите, неволјите; ревносно вршење на послушанијата, присилување на себе си кон секое добро. Тоа мачеништво е разноврсно и долготрајно, зашто се води борба со разни страсти и лажни мислени идоли, при што се трпат разни маки, та со апостол Павле може да се говори: „Секој ден умирам“ (1 Кор. 15, 31). Но истрајниот борец однесува победа и на крајот на подвизите смело изјавува: „Добра војна војував, трката ја завршив, верата ја одржав. Веќе ми е подготвен венецот на правдата, кој ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија“ (2 Тим. 4, 7-8). Кога некој според совеста се подвизува и се очистува себе си од нападите на демонските помисли, тогаш тоа е секојдневно мачеништво.
Треба да се бориме, јакнејќи со сите сили според моќта на силите на Духот Свет, Кој живее во нас, рушејќи ги помислите и секое превознесување што се крева против познавањето на Бога (2 Кор. 10, 4. 5). И тоа треба да се прави непрестајно. Таа војна е упорна и мачеништвото разнолико и многудневно.
За монахот силно оружје е воздржанието, вели богоносниот подвижник, зашто тоа е вовед во секоја добродетел. Оној што ќе ја совлада послушноста, тој е подржувач на Христос; смиреноумниот е рамен на ангелите. Оној што ги исповеда своите помисли е чист како сонце. Затоа секој нека се исповеда, за да не остане неизлечен. Кога го смируваме телото со воздржание ние стекнуваме убавина на душата, убавината која Давид ја сакал и за која се молел: „Господи, според Својата волја дај ѝ сила на убавината моја (Пс. 29, 8). Нашата душа мора на сите можни начини да се труди да се чува чиста од погубните страсти на гревот, сѐ до излегувањето од своето тело, кога треба да излезе пред Христос. Од таа причина ние го мачиме своето тело и сурово се однесуваме со него, не само сега туку и во текот на целиот живот. Монашкиот живот не е ништо друго освен зауздување на страстите, господарење над помислите и непрекината борба со невидливите непријатели.
Зборовите „мое и твое“ нека заминат од манастирот, советува светиот сиромав заради Христа, бидејќи се причина за илјадници неволји. Самоволието во мислите и делата нека биде истерано, зашто го руши потребниот поредок. Препирките и вревата не им доликуваат на монасите. Молитвата, славењето на Бога, трудољубието - тоа е работа на монасите.
Нека во сите има едно срце, една душа; нека нема мое и твое, туку сѐ да е заедничко, сѐ чисто со помош на исповедта.
Како може да има една душа и едно срце онаму каде што се употребуваат зборовите мое и твое? Оттука недовербата, оттука оговарањето. Оттука го нема меѓу вас ни Христос, Кој рекол: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас меѓу нив“ (Мт. 18, 20). Туку тука е непријателот на нашите души што ги раскинува членовите Христови. Очигледно Го нема Христос онаму каде што е саможивоста и го нема единството.
Сите вие, вели богоносниот отец Теодор, образувате едно со многуте делови од телото. И според преголемата добрина Божја успесите на поединци преминуваат и на сите останати. Секого од нас таа го прима како сите, и сите како секого посебно. Вашето усовршување е мој успех и обратно, зашто сите ние сме едно тело и членови меѓу себе (Кор. 12, 27). И ако страда еден член, со него страдаат сите членови; и ако еден член се слави, со него се радуваат сите членови (Кор 12, 26). Следствено, јас треба да се грижам за она што се однесува на вас и вие треба да се грижите за она што се однесува на мене, зашто јас сум во вас и вие во мене, според силата на љубовта, и на тој начин се остварува вистинското братство. Секој нека се грижи за она што е корисно за неговиот ближен. Кога некој од вас ќе научи нешто, ти брате радувај се, зашто го правиш ти самиот, ако правилно расудуваш. Кога некој напредува во нешто и е прв во тоа, ти радувај се на тоа што член од твоето тело се удостоил на почести за во спротивно да не те порази стрелата на зависта. Ако некој убаво пее, тоа е исто како ти да пееш. Ако некој убаво пишува или црта, тогаш тоа ти го правиш. Нема ништо поголемо од стравот Божји и нема ништо понеопходно од спасението на душата. Затоа вие секој ден доживувате мачеништво, вршејќи го своето подвижничко послушание. Вие излегувате чисти, исповедајќи ги своите гревови пред Бога и нас. Не гори ли вашето срце од љубов кон мене, недостојниот, заради стравот Божји? Не се наоѓа ли душата моја во вашите души?
Апостолот им наредува на сите, вели богосветлиот Студит, постојано да се радуваат во Господа (Флп. 4, 4). А се радуваат, изгледа, само вистинските монаси, зашто немаат никакви земни грижи, туку единствена грижа им е како да Му угодат на Господа. Да се грижиш за тоа значи постојано да се радуваш во Господа. Монашкиот живот е чудесна светлина. Тука е мудроста, целомудрието, јунаштвото и праведноста; тука се спомениците на победите над ѓаволот, победите во Христос. Затоа монасите се нервите и поткрепата на Црквата.
Меѓутоа, богомрзецот и човекомрзец ѓавол не можел да го трпи ни животот, ни работата, ни учењето на нашиот богоносен отец Теодор Студит, и започна повторно да плете лукави стапици против неболетниот богоносец, и тоа кога царскиот престол насилно го зазеде злоумниот Никифор, откако ја исфрли од престолот благочестивата царица Ирина. Во тоа време умре пресветиот патријарх Тарасиј и по него на престолот беше поставен доблесниот и достоен Никифор. Тогаш повторно отпочна раздорот во Црквата. Царот со својата власт го внесе во Црквата гореспоменатиот одлачен Јосиф, и нареди да му се даде право на свештенослужење. Патријархот се противел на тоа колку што можел, но кога виде како царот страотно беснее, се исплаши да не пострада целата Црква, како многупати порано од лошите цареви и неволно го прими Јосиф во заедница. Всушност, царот постапи така за да му напакости на преподобниот Теодор, зашто знаеше дека тој нема да го прифати тоа. Така и се случи. Преподобниот го изобличи царот што изврши насилство над Црквата, воведувајќи го со својата световна власт во Црквата оној, кого светиот патријарх Тарасиј со сиот клир го беше осудил и одлачил. Тогаш царот многу се разгневи на преподобниот и го испрати на заточение на еден од островите во близина на градот. Истото го стори и со Јосиф, братот на преподобниот, и со блажениот старец Платон и многу други монаси Студитски.
Меѓутоа до царот стигна вест дека варварите ја нападнале и опустошиле Тракија и веднаш се подготви за војна. Сепак, повеќе сакаше да го победи преподобниот Теодор отколку непријателот. Кога тргна во војна против Скитите, испрати кај преподобниот пратеници со ласкања и закани да го придобијат за неговиот истомисленик. Преподобниот му одговори на царот:
- Требало да се покаеш за извршениот грев и да го поправиш срушеното, па потоа да тргнеш во војна. Но, бидејќи не си го сторил тоа, сега Севидливото Око преку мене, недостојниот, ти претскажува дека нема да се вратиш од патот на кој си тргнал.
Царот не им придаде никакво важност на светителовите зборови, туку уште повеќе му се налути и се фалеше дека по враќањето ќе му изврши многу зла. Но, не му беше дадено да се врати. Како што прорече светителот, беше убиен од варварите. По него на престолот стапи неговиот син Ставрикиј, но и тој набрзо умре од раните здобиени во војната, во која учествуваше со својот татко. По неговата смрт за цар беше избран Михаил, кој тогаш беше во чинот старешина на дворската стража. Тој беше навистина достоен на царската власт, добар и православен, и веднаш го врати од заточение преподобниот Теодор и сите негови истомисленици, им ја укажа доличната чест и го смири црковниот раздор. А Јосиф повторно, како непотребен член, беше исфрлен од Црквата.
Наскоро потоа светиот и славен Платон отиде кај Господа. Кога слушна за неговото претставување, патријархот со сиот клир дојде во Студитскиот манастир, ги целиваше неговите свети мошти и чесно ги погреба. По неговото претставување свети Теодор само две години поживеа во мир. Врз него и врз целата Црква Христова удри страшна бура од зловерниот Лав Ерменин, кој претходно беше војвода кај благочестивиот цар Михаил. Испратен на Исток против варварите, Лав собра таму огромна војска, се погордеа и се крена против својот добротвор, царот Михаил. Сите службеници и војници потчинети под него, Лав ги придоби за себе со ветувања, подароци, ласкања и се прогласи за цар. Кога дозна за тоа, благочестивиот цар Михаил царскиот скерлет веднаш го замени со монашка власеница, зашто не сакаше да ствара граѓанска војна. Му го отстапи царството на својот непријател и се замонаши.
Откако стапи на престолот, Лав Ерменин на почетокот се претставуваше како благоверен и скромен, додека не се зацврсти на царскиот престол и не собра околу себе свои согласници. Потоа започна да исфрла хули против светите Икони и да ги напаѓа оние што ги почитуваат, нарекувајќи ги неразумни. Неговото зловерие го изобличуваше патријархот и се препираше со него врз основа на Светото Писмо за светите Икони. Но, тоа само уште повеќе го разјари безумниот цар. Тој ги свика сите познати свештеници, монаси, патријархот, како и блажениот Теодор, и пред нив ја обелодени својата злоба, хулејќи и укорувајќи ги оние што ги почитуваат чесните Икони а фалејќи ги иконоборците. Тој говореше:
- Древниот закон, со прстот Божји напишан, не заповеда ли да не се служи на дела на раце човечки, кога вели: не гради за себе лик резбан ниту некаква слика (2Мојс. 20 4)? Тоа значи дека не треба да им се поклонуваме на иконите, кои ги прави човечка рака. Како е возможно на иконата да се опише Неопишаниот и на мали штици да се смести Несместливиот и да се нарекува со името Божјо изобразениот со бои?
Светите Отци на сите можни начини ги побиваа празните зборови на царот иконоборец, ги отфрлаа неговите хулни зборови и говореа:
- Ако Законот, даден преку Мојсеј, ние во потполност го задржиме, тогаш залудна ќе биде нашата христијанска вера, залудна и проповедта Апостолска, залудно ќе биде и целото Божествено предание на светите Отци и ќе биде отфрлено (страшно е и да се изговори) самото овоплотување Господово, преку кое ние Го запознавме Неговиот човечки лик и го примивме иконопочитувањето, почитувајќи го на иконите Оној Чиј што лик е насликан на нив.
Кога светите така зборуваа, преподобниот Теодор, одличен познавач на целото Свето Писмо на Стариот и Новиот Завет, смело му рече на царот:
- Од каде, царе, ти дојде таа лоша мисла да ја бесчестиш иконата Христова, такво еретичко умување да внесуваш во светата Црква и да ја раскинуваш нејзината облека, исткаена од вишната благост и апостолското и светоотечко учење? Ти мудруваш врз основа на Стариот Завет: но нему му стави крај новата благодат, која дојде со Исусе Христос. Ако треба да се држи Стариот Завет до кој се држиш ти, тогаш треба да се обрезуваме, и саботата да ја почитуваме, и да вршиме сѐ останато напишано во него. Зарем ти, царе, не си можел да сфатиш дека Законот бил даден за време и само за еден народ кој излегол од Египет? Но, сенката престана кога благодатта се појави. Па и самиот тој Закон не го држи насекаде она што го наредува. Така, тој нареди да не се градат слики и да не се служи на дела на рацете човечки, а изобразение на херувими постави над кивотот. Зарем тие херувими не беа дело на раце човечки? Па сепак сите ги почитуваа, А пак во новата благодат, самиот Господ, откако го одрази на убрусот Своето лице, му го даде на Авгар, кој, штом се допре до Него се исцели од својата долготрајна болест. Потоа свети Лука, апостолот Господов и евангелист, со своите раце го наслика ликот на Мајката Божја и го остави за идните генарации. Потоа неракотворниот лик Спасов, кој се појави во Финикија, створи многу прекрасни чудеса. И чудесата што се случуваа од другите свети Икони, зарем не покажуваат појасно од сонцето дека доликува да им се укажува должната чест?
Но, царот не го слушаше внимателно и рече:
- Јас не сакам невидливото и недостижно Божество да го изобразувам со бои.
Преподобниот одговори:
- Ниту ние, царе, не го опишуваме Божеството, туку исповедаме и веруваме дека Тоа е неописливо. Но, на иконописот ние го изобразуваме телото, кое Синот Божји го примил од нас. На тоа тело ние му се поклонуваме и го почитуваме, но со тоа го почитуваме богочовечкиот Лик Христов.
Додека преподобниот го зборуваше тоа и многу други работи врз основа на Божественото Писмо и Отечките преданија, и ја изобличуваше царевата заблуда, царот се разјари и гневно му рече:
- Знам дека постојано зборуваш бесмислици и си кавгаџија, горд и противник на сите. Ете, и сега си дошол да ме навредуваш и напаѓаш, и разговараш со мене како со обичен човек, простак. Затоа заслужуваш многу мачења. Но, ќе те штедам уште некое време, додека очигледно не се покаже дека нашето умување е правилно. Ако и тогаш не се покориш, по заслуга ќе бидеш казнет за своето безумие и противење.
По ваквите цареви зборови преподобните отци повеќе не сакаа да му зборуваат, гледајќи ја неговата расипана душа, која не сака да се исцели. Но, блажениот Теодор го извлече својот духовен меч и вака му рече:
- Царе, сфати и добро слушни. Не е твое да ги претресуваш и испитуваш црковните правила. На твојата власт ѝ припаѓа да ги расправаш световните работи и со нив да управуваш, а црковните им припаѓаат на епископите и црковните учители. А пак тебе ти е наредено да ги следиш и да им се покоруваш. Светиот Апостол рекол: Бог постави во Црквата прво апостоли, второ пророци, трето учители (1 Кор. 12, 28), а не цареви. И на други места од Светото Писмо наредува со црковните работи да управуваат црковните учители, а не царевите.
На тоа царот рече:
- Значи, ти ме бркаш мене од Црквата?
Преподобниот одговори:
- Не јас, туку преданието на Божествените Апостоли и светите Отци те бркаат. Ако нам и ангел од небото ни јави нешто спротивно на Светата Вера, нека биде проклет (сп. Гал. 1, 8). А ти, ако сакаш да бидеш внатре во Црквата Христова заедно со нас, кои се поклонуваме на иконата Христова, тогаш следи го патријархот и чесниот собор при него.
Од овие зборови царот уште повеќе се разлути и сите ги избрка од себе со навреди. Откако излегоа избркани од царот, преподобните отци заедно со патријархот го опкружија блажениот Теодор и го фалеа што многу мудро и јуначки му се спротивстави, и многу го посрами и храбро го изобличи неговото безбожие. И додека се разидуваа, градоначалникот објави ваква наредба:
„Никој да не разговара, ниту да се распрашува за верата, туку сите да го извршуваат само она што царот ќе го нареди“.
Со оваа наредба дојдоа пратеници и до блажениот Теодор. А тој им рече:
- Сами расудете дали е правилно вас да ве слушам или Бога? Подобро јазикот нека ми биде отсечен отколку да молчам и да не ја бранам Вистинската Вера.
Преподобниот ги учеше сите непоколебливо да ја исповедаат Светата Вера, така што едни повикуваше кај себе, кај други самиот одеше, на трети им испраќаше писма и на тој начин ги бодреше обесхрабрените. Тој често одеше и кај патријархот и му беше добар советник и го тешеше, гледајќи дека тагува и страда со душата. Тој му говореше:
- Не тагувај, оче. Верен е Господ и нема да нѐ остави и да ни допушти искушение над нашите сили и злото да надвладее. Иако врагот крена гонење против Црквата, наскоро неговото зло ќе се сруши врз неговата глава. Ти ги знаеш зборовите Господови: Потребно е да дојдат соблазни, но тешко на оној човек преку кого доаѓаат соблазните (Мт.18, 7). Од времето на светите Апостоли па сѐ до наши дни, луѓе со расипан ум многу ереси создадоа против Црквата и многу страдања им причинија на светите Отци пред нас. Но, Црквата остана непобедлива. Оние што пострадаа сјајно се прославени и овенчани, а еретиците добија според делата свои.
Од ваквите зборови сите се ободруваа и беа подготвени да ги претрпат сите маки за Православието.
По кратко време свјатјејшиот патријарх Никифор беше симнат од патријаршискиот престол од страна на безбожниот цар и прогонет од Цариград на заточение. Беа осудени на заточение и сите православни архиереи. Тогаш беше страшно и ужасно да се гледа што прават безбожните иконоборци. Едни ги фрлаа светите Икони, други ги палеа, трети со измет ги мачкаа и многу други стравотии вршеа. Преподобниот Теодор многу тагуваше и, восхитувајќи се на Божјата долготрпеливост, со солзи говореше:
- Како земјата може да носи такво беззаконие?
Тој не сакаше да биде богопочитувач во тајност и молкум да плаче заради таквото зло, па им нареди на своите браќа, та на Цветници зедоа во рацете свети Икони и го обиколија манастирот со високо издигнати икони и громогласно пеење:
„На пречистата икона Твоја се поклонуваме, Благи“...., и други слични песни во чест на Господа Христа.
Кога дозна за тоа, царот веднаш испрати свои луѓе кај светителот, со забрана да врши такви работи, зашто му претстојат заточение, рани и смрт. Но, светителот уште побестрашно јавно и отворено ги учеше сите и ги убедуваше да се држат до Православната Вера и да ги почитуваат светите Икони. Тогаш царот го осуди на заточение. Преподобниот ги повика сите свои ученици, им ги даде потребните поуки и им рече:
- Браќа, спасувајте ги своите души во ова лошо време.
Потоа тажен ги остави своите расплакани браќа и беше одведен во Аполонија и затворен таму во темница, во тврдината наречена Метопа. И таму тој ги учеше сите на доброверие, и усно и писмено. Неговите писма стигнаа лично до царот, кој веднаш испрати некој Никита, син Алексиев, со наредба преподобниот да го одведе во многу далечното место, викано Вонит, таму да го заклучи во темница и будно да внимава со никого да не разговара и ништо да не пишува во однос на иконопочитувањето. Никита дојде и му ја соопшти на преподобниот царската наредба, а тој му одговори:
- Јас радосно го примам префрлувањето од место во место, бидејќи немам вистинско место за живеење во овој живот. Каде што ќе бидам одведен таму е моето место, зашто насекаде земјата е Божја. Но, не можам да молчам и да не учам за Православната Вера, и затоа нема да ве послушам. Не се плашам од вашите закани.
Одведен во Вонит и заклучен во темница, преподобниот и понатаму ревносно го исповедаше Православието. Кога царот дозна дека не му се покорува, многу се разгневи и повторно го испрати истиот Никита да го подложи на тешки мачења. Штом стигна, Никита му ја соопшти царската наредба, а преподобниот веднаш се расоблече, говорејќи:
- Одамна сакам да бидам мачен за светите Икони.
И го нудеше своето тело за мачење. А Никита, кој беше добар и жалостив, кога го виде неговото голо тело потполно ослабено од постот и непрекинатиот подвиг, беше трогнат и не се осмели да се допре до него, зашто се плашеше од Бога. Тој си замина а светителот продолжи и понатаму да го шири своето православно учење, зашто и стражарите имаа стравопочитување кон него и не можеа да му забранат, иако со закана им беше наредено. Преподобниот исто така им пишуваше и на своите ученици, расеани по разни краишта. За нив особено се грижеше и ги советуваше бестрашно да ја исповедаат Православната вера, па макар и страшно да пострадаат. Им пишуваше тој и на свјатјејшите патријарси: патријархот на стариот Рим, на Ерусалимскиот и Александрискиот, известувајќи ги подробно за тоа на какво понижување се изложени светите Икони во Византија, и како православните ги држат во заточение и по темници, и како вистината е пренесена како жртва на лагата. Ги молеше заедно со Бога да ѝ помогнат на Православната Вера.
Кај преподобниот во темницата доаѓаа многумина да ги слушаат неговите поуки и си заминуваа со голема духовна корист.
Еднаш се случи светиот отец да го посети некој клирик од Асијската црква, кој минуваше оттука. Кога го слушна неговото учење за Православната вера, овој клирик веднаш се одрече од ереста и им се поклони на светите Икони. Штом се врати дома, тој не сакаше да има заедница со својот епископ еретик, па покрај тоа и еден друг клирик, свој пријател, го обрати во Православието. Меѓутоа епископот дозна дека Теодор е виновник за таа промена кај неговите клирици и го извести царот, кој веднаш му нареди на Асијскиот војвода да го подложи на мачења. Војводата испрати еден свој потчинет, со наредба да му удри педесет стапови. Кога пратениот дојде и му соопшти поради што е дојден, блажениот веднаш се подготви за тепање, говорејќи:
- Горам од желба преку мачењето и самото тело да го симнам од себе, за што побрзо со мојата гола душа да отидам кај милиот Господ.
Пратеникот се засрами од светителот, му се поклони, побара прошка и си замина.
Потоа дојде од царот друг пратеник, на име Анастасиј, кој беше многу свиреп и немилосрден. Тој со свои раце го претепа светителот и го затвори во темница. Така постапи и со неговиот ученик Николај, кој насекаде го следеше својот отец и наставник и беше заедничар со неговите страдања. Притоа им нареди на стражарите строго да ги чуваат во секое оскудевање, па замина. Какви маки претрпе преподобниот отец во овој мрачен затвор не може да се искаже со зборови. Неговото тело, исушено од постот и монашките подвизи, после толку многу ќотек започна да гние и смрди. Притоа и самата темница беше тесна и бедна, полна со нечистотија и прашина. Во текот на зимата се смрзнуваше од мразот, бидејќи ја немаше ни најпотребната облека, туку само некои бедни закрпи, а лете изнемоштуваше од горештината, бидејќи од ниедна страна ветер не можеше да продре во темницата и да донесе свежина. Покрај тоа во темницата имаше и неискажливо многу болви, инсекти и други најразлични гадинки. А и стражарите, откако ја добија строгата наредба, започнаа да се однесуваат со него сурово и немилосрдно. Тие го навредуваа и караа, нарекувајќи го безумник и царски непријател. Низ прозорчето му уфрлаа по мало парче леб и вода, и тоа не секогаш туку на секој втор или трет ден, а понекогаш и после многу денови. Така го измачуваа заедно со неговиот ученик со глад и жед. Преподобниот му рече на ученикот:
- Чедо, гледам дека овие луѓе не само со мачењето и оваа тешка темница, туку и со глад и жед сакаат да нѐ усмртат. Да ја положиме сета надеж во Бога, Кој не само со леб туку и со некоја подобра храна знае да храни. Со Неговиот миг се држи сѐ што живее. Затоа за мене отсега Причеста со Телото Господово нека ми биде храна за душата и телото (преподобниот секогаш имаше кај себе честица од Животворното тело, наквасена со крвта Христова, која ја оставаше при вршењето на Божествените Тајни, кога тоа му беше возможно). Само со тоа, велеше тој, нека се причестувам без да вкусам нешто друго. Лебот, кој ни се дава за двајцата нека биде само за тебе, заедно со водата. И самиот гледаш дека ни даваат многу малку леб, одвај доволен за само ти да го одржиш своето тело во живот. Подобро е ти да останеш жив и да ги известиш браќата за мојот крај, ако биде волја Божја јас да завршам во оваа убиствена тешкотија.
По долго време, Оној Кој заситува сѐ живо по желба (Пс. 144, 16) не го остави без помош Својот угодник, кој умираше прегладнет и го покажа Своето божествено промислување за него на следниот начин. Некој царски велможа, на минување покрај таа темница дозна сѐ за светителот и Бог му го смилостиви срцето, та тој им нареди на стражарите да им даваат доволно храна и повеќе да не ги злоставуваат, туку да им дозволат да живеат малку порадосно. Така ослободени со благоволение Божјо од оние тешки маки, тие закрепнаа, но и понатаму светиот отец се бореше со многу неволји, бидејќи стомакот му беше тешко заболел. Така овие свети угодници Христови поминаа во темницата повеќе од три години, добивајќи го од стражарите тешкиот леб, па и тоа со прекори и навреди. Сепак, сето тоа тие со радост го трпеа заради Православието.
Меѓутоа, сѐ уште неопоравени од своите страдања и маки, ним им беше судено повторно да западнат во нови потешки маки. На непознат начин до рацете на царот дојде една грамота од блажениот Теодор, во која беше изобличено царевото безбожие и изложена поука до верните за побожноста и Православието. Кога ја прочита, царот многу се разлути и испрати кај него еден немилосрден војвода, да му ја покаже и да го праша дали е негова, па да го тепа сѐ додека не издивне. Војводата дојде и му ја покажа грамотата, а блажениот изјави дека е негова, при што веднаш нареди најпрвин да го тепаат неговиот ученик Николај, налегнувајќи го гол на земјата, бидејќи тој го напишал посланието додека преподобниот му зборувал. Потоа го соблекоа и преподобниот и го тепаа немилосрдно, го изнаранија, па дури за малку и коските не му ги сокршија. Откако го оставија одвај жив, војводата повторно му пристапи на Николај и го наговараше со ласкања и закани да се одрече од молитвеното почитување на светите Икони. Откако остана верен на Православието, војводата страотно го тепаше и го остави гол цела ноќ на мразот, за двојно да се мачи. А пак преподобниот Теодор од ова мачење падна во одвај поднослива болест и лежеше како мртов, со мака по малку дишејќи, а храна и вода не примаше. Додека го гледаше својот наставник толку изнемоштен, Николај заборави на себе, иако имаше страшни болки, и се грижеше за исцелението на својот отец. Тој измоли малку јачменова вода и го наквасуваше неговиот сув јазик, му даваше и по малку да пие, го оживуваше како од мртвите. Кога забележа дека постепено му се враќа животната сила, започна да ги лекува и останатите делови од неговото загниено тело. Многу делови, кои беа помодреле и изгниени и висеа како непотребни, тој ги отсекуваше со мал нож и ги фрлаше, а кога започна постепено да заздравува, тој започна да го лекува својот ученик.
Светите исповедници страдаа така деведесет дена. Сѐ уште не беа исцелени од раните кога од царот дојде друг пратеник, суров и бездушен, со наредба Теодор и неговиот ученик Николај да ги одведе во Смирна. Овој пратеник беше среброљубец, па мислејќи дека Теодор од оние што доаѓаат кај него за поуки зема злато, нареди во темницата да се претресат сите пукнатини, ги сруши ѕидовите и ја прекопа земјата, со надеж дека ќе најде злато. Но, бидејќи не најде ништо, многу бесно започна да ја извршува царската наредба. Со пцуење и ќотек ги извади од темницата и двајцата, ги предаде на војниците и ги поведоа кон Смирна. Иако телесните сили им беа многу мали, сепак блажениот Теодор, крепен од Бога, излезе со немилосрдните војници, кои цел ден не му дадоа да здивне, а ноќе му ги врзаа нозете за дрво. Така преподобниот со голем напор одвај дојде до Смирна, каде беше предаден на еден лош човек, наставник на зловерието. Тој ги затвори и двајцата во една ниска и мрачна куќичка, каде страдаа заедно. Наскоро од царот повторно дојде гореспоменатиот бездушник Анастасиј и повторно му удри сто стапа на преподобниот и си замина. Тој сето тоа го трпеше со благодарност.
Во тоа време во Смирнската област војвода беше царевиот внук и истомисленик, кој се разболе од тешка и неизлечива болест и беше на умирање. Еден од неговите слуги, кој се држеше до православното учење, му рече дека преподобниот Теодор има од Бога благодат да ја исцелува секоја болест. Болниот војвода веднаш испрати по него, да се помоли на Бога за него и да го спаси од смртта. Преподобниот им одговори на пратениците:
- Кажете му на оној што ве испратил, вака вели Теодор: внимавај, ќе одговараш пред Бога во денот на смртта за својот безбожен живот и многуте зла извршени над Православните. На своите многубројни извршени беззаконија си им го додал и тоа: моите монаси си ги подложил на безбројни неволји и маки и со маки си го убил големиот во доблестите Тадеј. Сега тој се радува со Светиите. А тебе, кој ќе те спаси од вечните маки? Ајде барем на смртниот час покај се за своите злодела.
Пратениците се вратија кај својот војвода и му пренесоа сѐ што рече преподобниот Теодор. Војводата многу се исплаши, размислуваше за своите недела и повторно испрати кај него, барајќи прошка, со ветување дека ќе ја прими Православната вера, ако тој со своите молитви го крене од болничката постела. Преподобниот му испрати икона на Пречистата Божја Мајка, со наредба побожно да ја чува кај себе целиот свој живот. Војводата ја прими светата Икона и со неа доби олеснување во болеста и почна да заздравува. Но, под влијание на епископот Смирнски, кој беше еретик, тој му се врати на своето зловерие. Откако доби од овој епископ еретик елеј за благослов, се помаза со него со надеж дека потполно ќе оздрави. Меѓутоа веднаш му се врати поранешната болест. Кога дозна за тоа, преподобниот му ја претскажа тешката смрт на грешникот, која што и се случи. Во страшни маки ја испушти душата.
Преподобниот Теодор страдаше во затворот и остана во темницата во Смирна една година и шест месеци. Потоа злочестивиот цар Лав Ерменин беше убиен од своите војници, а на престолот стапи Михаил, наречен Травлиј или Валвос. Иако беше зловерен, овој цар не ги гонеше православните, туку остави секој да верува како што сака. Во негово време беа ослободени сите исповедници на Православието. Тогаш и преподобниот Теодор почувствува олеснување во своето страдање. Кај него дојдоа некои од неговите поранешни ученици, меѓу кои беше и Доротеј, од детството напреден во доблестите, потоа Висарион, Јаков, Дометијан, Тимотеј и многу други истакнати со побожниот живот и ревност и љубовта кон својот духовен отец. Притоа стигна во Смирна наредба од царот и Теодор како и останатите да биде вратен во својот манастир.
На враќање од заточение православните насекаде го среќаваа со радост, натпреварувајќи се кој да го прими во својот дом, за да се удостојот на неговиот благослов и молитви и да се насладат со неговите слатки поуки. На враќањето на блажениот Теодор се израдува и целата Црква, и сите го величаа како човек, кој толку многу пострадал за светите Икони и со своето учење ги утврдил сите во Православието. При враќањето стигна во Халкидон да се види со блажениот монах Теоктист, кој некогаш беше одликуван со чинот магистриј. Утешен од духовниот разговор со него, отиде да го посети својот сострадалник, свјатјејшиот патријарх Никифор, испратен во заточение од злочестивиот цар Лав Ерменин. Насладен од духовната беседа со него, појде во Крискентиевите места и таму многумина израдува со своето доаѓање, па повторно се врати кај патријархот, па со него и останатите епископи се упати кај царот да го советува да го прими Православието. Но, царот, неразумен и ненаучен на зборовите Божји, не обраќаше големо внимание на зборовите на светите Отци и само им рече:
- Јас не ви бранам да правите што сакате. Само не дозволувам да ставате икони во царскиот град. На други места нека ги става кој каде што сака. Лично не сакам да им се поклонувам на иконите.
Кога го изговори тоа безумие царот, преподобните Отци заминаа од Цариград. Свети Теодор со своите ученици се насели во Крискентиевите места. А по кратко време, за време на војната предизвикана од некој Тома, кој сакал да се добере до царската власт, свети Теодор со браќата по потреба повторно дојде во Цариград. По војната не сакаше да живее во средина заразена од иконоборната ерес, па повторно излезе од Цариград и се насели во Акритовиот Херсонис, каде што имаше црква на свети Трифун. Тука со своите ученици водеше богоугоден живот во монашките подвизи.
Откако поживеа малку таков живот со милите пријатели, преподобниот се приближи до својот крај. Тогаш имаше шеесет и седум години. Тешко се разболе во ноември и многу страдаше од стомакот. Веста дека е смртно болен, брзо се пронесе на сите страни. И се собраа кај него многу благочестиви христијани од царскиот град и од другите околни места, да ја чујат неговата беседа и да се насладат на неговите последни зборови, или барем за последен пат да го видат. Сите сметаа дека е голема корист за нивната душа само да застанат во негова близина, бидејќи овој прекрасен маж беше сладок на збор, премудар на разум и украсен со сите добродетели. И додека лежеше на постелата, многу исцрпен од претсмртната болест, тој со последните сили водеше душекорисен разговор со учениците. Но, било тешко да се разберат сите негови зборови, бидејќи јазикот му се сушел од високата температура. Затоа еден од брзописците седеше покрај него и внимателно слушајќи ги запишуваше, за секој потоа да може да ги прочита за корист на својата душа. Но, за време на разговорот му стана полесно, та дури и стана на нозе и започна да оди. Во недела дојде во црквата, отслужи Божествена Литургија, им изговори поука на браќата и беше со нив на трпезата. Исто така блажениот Теодор и на шести ноември, на денот на свети Павле Исповедник, отслужи Божествена Литургија и им одржа поука на браќата, и тој ден присуствуваше и на вечерната. Потоа влезе во ќелијата, легна и повторно тешко се разболе. Боледуваше четири дена и во петтиот ден настапи крајот на неговата болест и почетокот на безболниот живот. При неговото претставување околу него се собраа многу браќа и плачеа како за свој татко и учител. Тој ги погледна, заплака и рече:
- Отци и браќа, ете, дојде крајот на мојот живот. Сите ние мора да ја испиеме оваа заедничка чаша. Некои порано, некои подоцна, но секако нема да нѐ одмине тој час. Јас заминувам по патот по кој заминаа и нашите отци, онаму каде што е вечниот живот, а првенствено каде што е Бог и Господ, Кого што Го засака мојата душа, за Кого што чезнеам со сето свое срце, Чиј што слуга се нареков, иако должноста на слуга не ја извршив. А вие, браќа и чеда мои мили, останете верни на моите зборови што ви ги предадов, држете ја правата вера и побожното живеење. Вие знаете дека не престанав да ви го јавувам зборот Божји и насамо на поединци, и на сите заедно на состаноците. А сега срдечно ве молам, имајте го тоа во својот ум и држете се до тоа, зашто вие сте моја грижа и јас ќе одговарам за вас. Затоа и вие трудете се одовде да заминете беспрекорни. А ако добијам слобода пред Господа, ветувам дека ќе се молам за вас, вашиот манастир да оди на подобро и секој од вас со помош Божја сѐ повеќе да напредува во добродетелите.
Потоа, откако се прости со сите и им даде последен целив, им нареди на учениците да земат свеќи во рацете и да започнат молитва за исход на душата. Учениците ја опкружија постелата на преподобниот и пееја:
„Блажени се непорочните на патот нивни, зашто одат според законот Господов“ (Пс.118, 1).
И кога пеејќи ги изговорија зборовите: „Заповедите Твои нема да ги заборавам никогаш, зашто преку нив ме оживуваш“ (Пс. 118, 93), преподобниот Теодор ја предаде на Бога својата света душа. Откако ја примија ангели Божји, ја однесоа пред престолот Господов, како што тоа доверливо го потврдува сведоштвото на преподобниот Иларион Далматски. Во денот во кој се претстави блажениот Теодор, единаесетти ноември, на денот на светиот маченик Мина, преподобниот Иларион работел во градината и пеел псалми Давидови. Но, одеднаш слушнал некои чудесни гласови и почувствувал неискажливо прекрасен мирис. Тој се зачудил и започнал да разгледува наоколу. Кога погледнал нагоре видел безбројно мноштво ангелски чинови, во бели облеки, кои блескале со светли лица и пеејќи слегувале од небото во пресрет на некое почитувано лице. Блажениот Иларион паднал на земјата и слушнал како некој му зборува:
- Еве, душата на Теодор, игуменот на Студитскиот манастир, кој за светите Икони пострада до крв и остана до крај цврст во неволјите и сега се претстави, свечено се искачува нагоре и небесните Сили ја пречекуваат.
Ова видение блажениот Иларион им го соопшти на останатите доблесни Отци. Тие го забележаа денот и часот на настанот и по некое време дознаа дека токму тогаш се претставил славниот Теодор Студит и преминал од земјата на небото.
И за време на животот и по смртта преподобниот створи многу чудеса, од кои за душевна корист ќе спомнеме неколку.
Некој примател на патници, на име Леон, му даде засолниште и одмор во својот дом на преподобниот Теодор, на враќање од заточението. По некое време Леон најде невеста за својот син. Но, пред самата свадба невестата ненадејно се разболе и лежеше со висока температура, така што сите стравуваа за нејзиниот живот. Леон испрати човек кај преподобниот, со молба да им помогне со своите молитви. Тој благослови елеј и му го испрати, при што рече со него да ја намачкаат болната. Штом го сторија тоа, невестата веднаш оздраве како да не боледувала.
Истиот Леон еднаш, одејќи сам по некоја работа во едно далечно село, сретна рис кој му се нафрли да го растргне. Леон со сиот глас го повика името на преподобниот Теодор и веднаш ѕверот застана, погледна во земјата, скршна од патот и започна да бега, а Леон си го продолжи патот.
Една жена, која страдала од нечист дух, беше однесена кај преподобниот. Нечистиот дух во неа беше толку зол, што таа го гризеше и јадеше сопственото тело, без притоа да чувствува болка. Преподобниот се сожали на неа, ја прекрсти нејзината глава, прочита над неа молитва и нечистиот дух излезе од неа, избркан со молитвата побегна.
Друга жена, властелинка, по претставувањето на преподобниот Теодор му го раскажа на блажениот игумен Софрониј следното:
- Еднаш во мојот дом се случи пожар. Огнот го зафати домот од сите страни и сѐ во него брзо гореше. Никако не можевме да го ставиме под контрола. Притоа јас се сетив на писмото на преподобниот Теодор што неодамна го добив и помислив да го фрлам во огнот, за огнот да се засрами од буквите напишани од раката на светителот, барем малку да го скроти својот пламен. Така и сторив. Го фрлив писмото во распламтениот оган и реков:
- Свети Теодоре, помогни ми мене, слугинката твоја, во оваа неволја.
И веднаш огнот ја изгуби својата сила, згасна и исчезна како чад. Толку голема сила имаше призивањето на името на овој угодник Божји.
Слична работа раскажа и споменатиот игумен Софрониј:
- Еднаш јас и блажениот Никола, ученик и сострадалник на големиот Теодор, одевме во Пафлагонија. Кога по пат нѐ стемни, легнавме да спиеме на една ливада, на која што имаше многу сено. Таму имаше и некои војници, кои исто така преноќеваа, па беа запалиле оган, за да си подготват вечера. Во текот на ноќта огнот незабележително се проширил и се претворил во голем пожар, уништувајќи го сето сено. Војниците се нафрлија на нас и нѐ обвинуваа дека ние сме го предизвикале пожарот, па сакаа да нѐ тепаат и мачат. Во таквата неволја го повикавме на помош свети Теодор, и веднаш падна силен дожд и целосно го згасна пожарот. Од ваквото чудо војниците се смирија и бараа прошка од нас.
На островот Сардинија имаше еден побожен човек, кој ги имаше препишано делата на преподобниот Теодор и внимателно ги читаше. Ги сакаше тој и песните составени од светиот отец, кои се пееја во текот на Великиот Пост и се нарекуваа Триодни или Трипесници. Кај овој човек свратија некои зловерни монаси и останаа кај него за време на Великиот Пост. На песнопеењата и поуките, составени од преподобниот Теодор, тие зловерници започнаа да хулат, зборувајќи дека се неразумни работи, полни со будалаштини. Побожниот домаќин тргна по нивното мислење и престана да ги чита душекорисните поуки на преподобниот и да ги пее неговите трипесници на утринските богослужби. Така заведен, нему една ноќ му се јави преподобниот Теодор, во мал раст, каков што и беше за време на животот, со бледо лице и ќелав. По него одеа и други монаси, со стапови во рацете. На овие монаси преподобниот им нареди да го тепаат соблазнетиот. Додека го тепаа, му говореше:
- Зошто во неверие ги отфрли моите дела што порано ги сакаше и почитуваше? Зошто не помисли дека Црквата Божја не би ги примила ако не се корисни? Та тие не се составени ниту од китеста злоречивост, ниту од прекумерна красноречивост, туку според сѐ содржат здрави и смирени зборови, кои можат да го омекнат срцето и душата да ја исполнат со умиление. Тие се слатки и корисни за оние што навистина сакаат да се спасат.
Откако така го казни грешникот, преподобниот замина. Кога самна казнетиот човек лежеше во постелата болен од ќотекот, со многу модрици по телото, кои што, раскажувајќи за казната што го стигна, им ги покажуваше на сите. Тој веднаш ги избрка од својот дом монасите што го заведоа, како виновници за неговиот грев и таквата казна. Оттогаш стекна посилна вера во преподобниот Теодор и со љубов ги читаше неговите дела и песнопеења, молејќи го да му го прости гревот.
Многу исцеленија се даваа од гробот на преподобниот отец Теодор. Така еднаш на неговиот гроб дојде еден бесомачен. Нему ноќе на сон му се јави преподобниот и го исцели. Штом се разбуди, човекот се почувствува ослободен од вражјата тиранија и Го славеше Бога и Неговиот угодник.
Некој човек изел отровна храна и толку се затрул што беше на умирање. Но, кога во устата му ставија елеј од кандилото што гореше на гробот на преподобниот, тој веднаш го поврати смртоносниот отров и оздраве.
Еден човек тешко боледуваше од стомакот. Но, кога само погледна во иконата на преподобниот Теодор и го повика неговото име, веднаш се исцели од болеста. А пак еден човек, обземен од некаков страв се избезумил, и се плашеше од сите и од сѐ. Кога го доведоа на гробот на преподобниот и го помазаа со елејот, тој веднаш се ослободи од страдањето, стана потполно разумен и Му принесе благодарност на Бога и Неговиот угодник.
И многу други чудеса, по молитвите на преподобниот Теодор се случуваа на неговиот гроб, во слава на Едниот во Троица Бог, Кому и од нас чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК СТЕФАН ДЕЧАНСКИ,
кралот Српски
Беше син на кралот Милутин и татко на царот Душан. По наредба на неизвестениот татко бил ослепен, а по наредба на лекомислениот син во староста бил удавен. При ослепувањето му се јавил свети Никола во храмот на Овче Поле и му ги покажал неговите очи, велејќи:
„Стефане, не плаши се. Еве ги твоите очи на мојата дланка, во свое време јас ќе ти ги вратам“.
Пет години поминал во Цариград како затвореник во манастирот „Пантократор“. Со својата мудрост и во подвигот, кротоста и благочестието, со трпението и добродушноста, Стефан ги надминувал не само монасите во манастирот туку и целиот Цариград. Кога се навршиле петте години, повторно му се јавил свети Никола и му рекол:
„Дојдов да го исполнам своето ветување“.
И го благословил кралот со крстниот знак и тој прогледал. Од благодарност кон Бога, тој го изградил Дечанскиот храм, едно од ретките прекрасни дела на византиската уметност и еден од најпознатите споменици на некогашното српско благочестие. Светиот крал Стефан со свети Сава и светиот кнез Лазар прават една прекрасна триада од светост, благородство и самопожртвување што српскиот народ го дал. Како маченик го проживеал својот земен живот и како маченик завршил во 1336 година, примајќи го венецот на бесмртната слава од Седржителот, на Кого верно Му служел.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ УРОШИЦА,
кнезот Српски
Урошица беше син на кралот Драгутин. Во бракот ја сочува целомудреноста и чистотата. Се упокои млад и беше погребан во манастирот Арил. Тој толку Му угоди на Господа што од гробот му течеше миро.
СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ МАКСИМ,
јуродив заради Христа
Милосрдниот Господ открил неколку патишта за спасение и достигнување на вечното блаженство. Од тие патишта најмачен и најтешок е подвигот на доброволното јуродивство, доброволната лудост заради Христа. Блажениот Максим го одбра за себе тој пат и непоколебливо одеше по него до својот крај. Откако се одрече од сите удобности на животот, тој речиси гол одеше низ улиците на градот Москва, поднесувајќи ги мразот и горештината. Со своите изреки многумина одвраќаше од злото и ги бодреше на подвиг. Тој често говореше:
„Иако е лута зимата, сепак рајот е сладок“.
„За трпението Бог дава спасение“.
„Бог е голем, ќе ја уништи неправдата. Ниту Бог тебе, ниту пак ти Него ќе го измамиш“.
„Секој се крсти, но секој не се моли“.
Блажениот Максим се подвизувал во првата половина на петнаесеттиот век. Тоа беа тешки времиња за Руската земја. Татарското ропство, гладот, сушата и чумата го мачеа народот. Со своето трпение Максим ги учеше луѓето да трпат. Водејќи беден живот, тој сакаше и другите заради привремените земни богатства да не заборават на својата душа и ги одвраќаше московските трговци од неправедното тргување:
„Заклетва дарежлива, а совеста продажна. Според брадата Авраам, а според делата Хам“,
По таквите подвизи, блажениот Максим се претстави на единаесетти ноември 1433 година и беше погребан во црквата на светите Борис и Глеб, во Варварската улица. На Господа Му беше угодно Својот угодник да го прослави со чудеса. Така на светителовиот гроб во 1506 година беше исцелен еден човек на кого му беше згрчена ногата. А во 1547 година, на тринаесетти август, беа откриени нетлените мошти на блажениот Максим и тогаш беше востановено неговото празнување. Потоа беше изградена црква во име на свети Максим и во неа пренесени неговите свети мошти, од кои се случуваа многу исцеленија во слава Божја. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДРАКОН
Живеал во времето на царевите Диоклецијан и Декиј, игемонот Никејски. Беше родум од селото Араврак. Кога виде дека неправедно ги гонат и колат христијаните, тој излезе пред игемонот Декиј и Го исповедаше Христа, а го изобличи многубоштвото. Потоа беше фатен, мачен, фрлен во темница и на крајот обезглавен.