25. Ноември (12. Ноември)
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН МИЛОСТИВ,
патријархот Цариградски
Се родил на островот Кипар во кнежевско семејство. Татко му беше кнез на име Епифаниј. Од младоста беше воспитан во побожноста и стравот Божји и за него стравот Божји беше почеток на премудроста. Со настојување на родителите се ожени и имаше деца. Но, по Божја промисла набрзо му умреа децата, а потоа и жената, за ослободен од служењето на телото да се посвети на духовниот живот. Слободен од семејните обврски, тој Му заблагодари на Бога и од тогаш започна без никакви препреки срдечно да Му служи на Господа, често молејќи се и вршејќи ги сите богоугодни дела. Особено беше милосрден и милостив спрема бедните и неволните. За неговите доблести Бог го прослави меѓу луѓето. Го почитуваа и славеа не само рамните на него, туку и самиот цар. Царот Ираклиј по промисла Божја го одликуваше свети Јован со патријаршискиот чин на празниот Александриски престол. Иако не сакаше, беше принуден да го прими посветувањето и стана архиепископ на Александриската црква.
Како пастир на словесните овци најпрвин се потруди да ја исчисти ереста, која тогаш го вознемируваше Христовото стадо. Таа ерес беше основана од некој Петар викан Фулон, односно Кнафеј, Антиохиски псевдопатријарх. Тој се дрзнал на Трисветата песна да ѝ ги додаде хулните зборови: Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, Кој си се распнал за нас, помилуј нѐ, - како во нашиот Господ да пострадало Божеството".
Откако го искорени ова еретичко учење, свети Јован сиот се посвети на извршувањето на заповедите Божји и добротворните дела на милосрдието. Ниеден сиромав или несреќен не заминуваше од него со празни раце и ожалостен. На сите неволни им даваше милостиња. Сите тажни ги тешеше не само со збор туку и на дело. Гладните ги хранеше, голите облекуваше, заробени откупуваше, болни и патници згрижуваше. Неговата милост беше како огромна богата река, која постојано тече и ги напојува сите жедни.
На почетокот на своето архипастирство блажениот Јован ги свика црковните економи и им даде налог да го обиколат целиот град и да ги запишат сите негови господа. На нивното прашање кои се тие негови господа, патријархот им одговори:
- Оние кои вие ги нарекувате просјаци и ништовни. Тие се мои господа. Тие можат да ми ја дадат секоја помош кон спасението и да ме примат во своите вечни куќи.
Економите ги запишаа сите просјаци што ги пронајдоа по улиците, по болниците и по ѓубриштата. Беа седум илјади и петстотини на број. Свети Јован нареди на сите да им се дава од црковните средства сѐ што е потребно за секојдневна исхрана. Во тоа време персијците ги нападнаа Сирија и Палестина, го изгореа светиот град Ерусалим, го зедоа чесното дрво на Светиот Крст и многу христијани одведоа во ропство. Тогаш блажениот Јован испрати кораби со злато и пченица да ги откупат заробените и да им укажат помош на сите неволни. Така со своето милосрдие многумина ослободи од ропството и темниците и избави од маки. Но, бидејќи секој не можеше да дојде кај него слободно, зашто неговите слуги не го пријавуваа секој дојденец, тој одреди два дена во седмицата, среда и петок, и во тие денови со неколкумина благочестиви луѓе седеше кај црковните врати, го примаше секого, го сослушуваше, пресудуваше расправии меѓу луѓето и ги штитеше обесправените, ги помируваше скараните. Притоа светиот патријарх говореше:
- Кога мене секогаш ми е слободен пристапот кон Господа Бога и во молитвата разговарам со Него и барам од Него што сакам, зошто тогаш на својот ближен да не му дозволам слободен пристап кај мене, за да ми ја каже својата мака и неволја и да побара од мене што сака? Треба да се плашиме од Оној Кој рекол: „Со каква мера мерите со таква ќе ви се мери“ (Мт. 7, 2).
Понекогаш се случувало кај блажениот Јован да не дојде никој со молба додека седел кај црковните врати. Тогаш станувал тажен и со солзи се враќал дома. Притоа запрашан зошто тагува, одговараше:
- Денес смирениот Јован ништо не најде и ништо не Му принесе на Бога за своите гревови.
А неговиот пријател Софрониј го тешеше и му говореше:
- Навистина денес треба да се веселиш, оче, зашто твоите чеда живеат во мир, без расправии и спорови, како ангели Божји.
Еднаш црковните економи го известија дека меѓу просјаците стојат две убаво облечени девојки и просат милостиња. Тие го прашаа дали треба и ним да им даваат како и на останатите просјаци. Патријархот одговори:
- Ако сте Христови слуги и верни послушници на смирениот Јован, тогаш давајте онака како што Христос ќе нареди, без да гледате кој е кој, ниту да се распрашувате за животот на оние што им давате. Знајте дека ние не го даваме своето туку Христовото. Затоа да даваме онака како што Христос ќе нареди. Ако пак помислувате дека црковниот имот нема да биде доволен за толку голема милостиња, тогаш јас не сакам да имам удел во вашето маловерие. Верувам во Бога, дека кога би се собрале и просјаците од целиот свет во Александрија, за да добијат милостиња од нас, дури и тогаш нема да се потроши нашиот црковен имот.
За да ги спаси од маловерието, светиот патријарх им раскажа:
- Кога во своите петнаесет години бев на островот Кипар, една ноќ на сон видов една многу убава девојка во блескав фустан и со маслинов венец на главата. Таа застана покрај мојата постела, ме допре и ме разбуди. И јас буден ја видов неа, не во сон туку на јаве, како стои пред мене, и ја прашав:
- Која си ти? Како си се осмелила да влезеш кај мене?
А таа ме гледаше радосно и кротко и насмевнувајќи се благо ми рече:
- Јас сум најстарата ќерка на Големиот Цар и прва меѓу ќерките Негови.
Кога го слушнав тоа, јас се поклонив. А таа продолжи, велејќи:
- Ако ме земеш за своја другарка, ќе ти издејствувам од Царот голема благодат и ќе те одведам пред Него, зашто никој нема толку голема слобода пред Него како јас. Него јас Го симнав од небото на земјата и го поттикнав да се облече во човечко тело за спасението на луѓето.
Откако го рече тоа стана невидлива.
Многу се чудев на необичното видение, размислував за него и си реков:
- Навистина во вид на девојка мене ми се јави Милосрдието. Тоа го сведочи маслиновиот венец на Нејзината глава, кој што е знак на милосрдието. Тоа го потврдуваат и зборовите што ги изговори девојката: „Јас Бога Го симнав од небото на земјата и Го поттикнав да се овоплоти“. Творецот, гледајќи како човекот пропаѓа, посака да го избави од пропаста, поттикнат на тоа со ништо друго освен со милосрдието. Затоа, кој сака да најде милост во Бога, должен е пред сѐ да има милосрдие спрема ближните и да врши милостиња. Со такви мисли јас веднаш станав и на ранина се упатив кон црквата. По пат сретнав гол сиромав, кој се тресеше од студ. Ја симнав од себе наметката и му ја дадов, говорејќи:
- Сега ќе дознаам дали е вистина тоа што го видов.
Пред да стигнам до црквата ме сретна еден човек во бела облека, ми стави во рацете врзоп во кој имаше сто дукати, и ми рече:
- Прими го тоа, пријателу.
Јас радосно го примив, но веднаш се покајав и си помислив дека не ми е потребно. Затоа се свртев да му го вратам, но веќе го немаше, нити го пронајдов иако внимателно го барав. Тогаш сфатив дека е вистина она што го видов. И од тогаш, кога и да им давав нешто на бедните, јас проверував дали Бог ќе ми возврати за тоа стократно, како што реков. И многупати се убедив дека навистина е така. Најпосле си реков:
- Престани, душо моја, да го искушуваш својот Господ Бог.
Еднаш, кога светиот патријарх одеше во болница да посети болни (тоа го правеше два-три пати неделно) го сретна еден странец, кој просеше милостиња. Светителот му нареди на слугата да му даде шест сребреника. Откако ги доби, странецот замина. Но, за да ја испита дарежливоста на светителот, тој се преоблече и на друга улица повторно го сретна и го молеше, говорејќи:
- Смилувај се, господине, на бедниот заробеник.
Патријархот повторно нареди да му се дадат шест сребреника. А слугата тивко му забележа:
- Владико, та тој е истиот просјак, кој пред малку доби шест сребреника.
Патријархот се правеше да не слуша и нареди повторно да му дадат. Откако по втор пат доби, странецот повторно се преоблече, по друга патека го сретна патријархот и по трет пат просеше милостиња од него. Слугата повторно го предупреди дека е истиот кој првиот и вториот пат добил од него шест сребреника, па доаѓа и трет пат, а блажениот му одговори:
- Дај му дванаесет сребреника. Зарем тоа не е Христос, Кој ме искушува?
Еден трговец, чие што богатство потона во морето, стана гол сиромав и го молеше светиот патријарх да му помогне. Светителот му даде пет литри злато. Со тоа злато трговецот изнакупи многу стока и со кораб тргна во други градови. Но, силна бура повторно му го потопи коработ, а тој одвај се спаси. И повторно отиде кај свети Јован и му раскажа сѐ што му се случи. Светиот патријарх му рече:
- Ти си имал друго злато, неправедно стекнато и си го помешал со црковното што ти го дадов. Затоа пропаднаа и двете.
И светителот му даде двојно поголема количина злато. Меѓутоа трговецот и по трет пат го снајде истата несреќа и повеќе немаше смелост да му се јави на патријархот, туку седеше дома и плачеше, со намера да се убие. Кога дозна, патријархот го повика и му рече:
- Зошто паѓаш во очајание? Надевај се во Бога и Бог нема да те остави. Мислам дека таа несреќа те снашла затоа што на неправеден начин си го стекнал тој кораб.
И нареди да му дадат на трговецот црковен кораб полн со пченица, па потоа го отпушти. Трговецот тргна по морето, но одненадеж дувна силен ветер и го носеше коработ во непозната земја. Тогаш го виде во видение својот добротвор, свети Јован, како стои на кормилото и управува со коработ, и се исполни со надеж дека со молитвите на светителот пловидбата ќе заврши добро. По дваесет дена и дваесет ноќи стигнаа на брегот на Британија. Во таа земја тогаш владееше голем глад. Кога луѓето дознаа дека во нивниот град допловил кораб, многу се израдуваа и веднаш ја искупија пченицата. Така трговецот беше задоволен од продажбата и за едната половина доби злато а за другата олово. На враќање сврати во Декапол, со намера да го продаде оловото, но најде дека сето олово се претворило во злато. Откако така се збогати, трговецот радосно се врати во Александрија и на сите им го раскажа необичното чудо што се случи со милостињата и молитвите на свети Јован.
Во една пригода, кога светителот влегуваше во црквата, му пристапи еден благороден маж, на кого крадци му го беа украле сиот имот, така што станал потполно сиромав. Нажален што така угледен и познат човек од големо богатство ненадејно западнал во крајна беда, патријархот незабележително му нареди на слугата, на тој човек црковниот економ да му даде петнаесет литри злато. Економите видоа дека во црковната благајна има малку злато, па се оглушија на наредбата и му дадоа само пет литри, а десет задржаа. Кога светиот патријарх се враќаше од црквата дома му пристапи една многу богата и угледна жена и му стави во раката хартија, на која беше напишано дека дава прилог на црквата од петстотини литри злато. Откако ја прими хартијата и ја прочита, патријархот со благодатта на Светиот Дух во него дозна дека таа жена не даде сѐ што беше наумила да даде. Бог уреди така затоа што економите не му дадоа сѐ на бедниот човек, на кој патријархот нареди да му се дадат петнаесет литри. Кога си дојде дома ги повика економите и ги праша:
- Колку злато му дадовте на покрадениот од крадците?
А тие излагаа:
- Петнаесет литри, владико, како што ти нареди.
Тогаш светителот ја изобличи нивната лага, скржавост и непослушност, и им рече:
- Бог од вас нека бара илјада литри злато, зашто таа благочестива жена имаше намера да ни даде илјада и петстотини литри. Но, бидејќи не ме послушавте и задржавте десет, Бог уреди таа да задржи илјада. Ако не ми верувате, набргу сами ќе се уверите.
И веднаш испрати по таа жена и во присуство на економите ја праша:
- Кажи ни, госпоѓо, од љубов кон Господа, колку злато беше намислила да подариш на црквата?
Кога виде дека нејзината намера не останала сокриена од светителот, таа рече:
- Навистина, владико, јас решив и напишав на хартија дека во твоите свети раце предавам илјада и петстотини литри злато. Но, денес кога ја одвиткав хартијата видов дека зборот илјада беше избришан, не знам како, а само зборот петстотини стоеше напишан. Јас си помислив дека на Господа не Му е по волја на твојата светост да ѝ дадам повеќе од петстотини литри. Така и сторив.
Економите многу се исплашија и посрамија, па паднаа пред нозете на светителот и бараа прошка.
Еднаш, поради наезда на иноплемениците, се слеа многу народ во Александрија, после што настана голем глад. Хранејќи безброј гладни луѓе, свети Јован го потроши сиот црковен имот, па дури и остана должен илјада литри злато. Тогаш имаше еден клирик, кој по смртта на својата прва жена повторно се ожени и поради тоа не можеше да се удостои на свештеничкиот чин. Тој клирик му упати на патријархот вакво писмо:
- Имам многу пченица и преку твоите раце сакам сета да Му Ја дадам на Христос. Покрај тоа ветувам и сто педесет литри злато, само произведи ме за ѓакон.
Светителот го повика кај себе и прекорувајќи го што сака со пари да го купи свештеничкиот чин, му рече:
- Покај се за својот грев и плаши се од Гиезиевата казна. А Бог е моќен нас и без твојата пченица да нѐ прехрани за време на глад.
Додека светиот патријарх така му зборуваше, дојде гласник и го извести дека од Сицилија стигнале два црковни кораба со огромна количина пченица. Патријархот падна на колена и Му се заблагодари на Бога што не ги остава оние што се надеваат во Него.
Добро е да се сетиме овде и на кротоста, смиреноста и незлобливоста на свети Јован. Двајца клирици, поради некаква грешка беа казнети со привремено одлачување. Едниот од нив се смири и покаја, а другиот уште повеќе се огорчи и гневен на патријархот вршеше страшни пакости. Патријархот намисли да го повика, за кротко да го посоветува да престане со својата злоба, но заборави да го стори тоа зашто Бог така уреди, та големата Јованова смиреност и кротост да се обелоденат за корист на сите. Во еден празничен ден, додека служеше Божествена Литургија во црквата, блажениот се сети на гневниот клирик, а се сети и на зборовите Христови: „Ако принесеш свој дар пред олтарот и потоа се сетиш дека имаш нешто против брата си тогаш остави го својот дар, па најпрвин појди и помири се со братот“ (Мт. 5, 23 -24). Тој излезе од олтарот, му пријде на клирикот, му падна пред нозете и побара прошка. Клирикот се исплаши од ваквото смирение на својот патријарх, па самиот падна пред неговите нозе и низ солзи молеше за прошка. Откако така се помирија, светиот патријарх се врати во олтарот и смело принесуваше жртва со мирна совест, изговарајќи ги зборовите на молитвата Господова: „И прости ни ги долговите наши како што и ние им ги проштеваме на нашите должници“ (Мт. 6, 12). Клирикот започна да води богоугоден живот, па потоа се удостои и на свештеничкиот чин.
Еве и друг пример за кротоста на свети Јован:
Еден гостилничар во Александрија со многу погрдни и лоши зборови го посрами светителовиот внук Георгиј. Тој дојде кај вујко си и низ солзи се жалеше од тој гостилничар. А патријархот, кога го виде многу возбуден, за да го смири, божем гневен на гостилничарот, рече:
- Тој нечесник се дрзнал да го срамоти мојот внук. Бог ми е сведок дека ќе му се осветам на навредувачот и ќе постапам така со него, што цела Александрија ќе се чуди на тоа!
Смирен донекаде од овие зборови, Георгиј престана да плаче. Тогаш кроткиот и смирен Јован започна да му зборува:
- Мили сине, ако сакаш да бидеш мој сродник, биди подготвен не само да ги трпиш навредите, туку и рани да примаш и заради Бога сѐ да му простуваш на ближниот. Ако пак сакаш да се истакнеш како благороден, тогаш барај високородство не по крв, туку по доблести. Вистинската високородност се украсува не толку со славата на претците, колку со добрите дела и богоугодното живеење.
Откако на тој начин го смири, светителот ги повика надзорниците на црковните приходи и нареди од гостилничарот кој го навредил Георгиј да не го земаат црковниот данок, кој секоја година го давал, и да го ослободат од таа обврска. Така светиот патријарх навистина го исполни ветувањето. Наместо казна и одмазда, на навредувачот му стори добро, на што цела Александрија се восхити.
Блажениот сакаше сеќавањето на смртта постојано да му биде на ум и нареди да му направат мртовечки сандак, но да не го довршуваат. Притоа им рече на мајсторите на сите големи празници да доаѓаат и пред сите да му велат:
- Владико, твојот мртовечки сандак сѐ уште не е довршен. Нареди да го довршиме, зашто смртта доаѓа како крадец и не знаеш во кој час ќе дојде.
Така свети Јован постојано го имаше на ум сеќавањето на смртта и постојано беше подготвен за заминување.
Еден ден кај свети Јован дојде еден богат велможа и се случи да ја види постелата на светителот, која беше покриена со бедна покривка. Кога се врати дома велможата му испрати на патријархот покривка, чија што вредност беше триесет и шест златника и го молеше да се покрива со неа. Патријархот не сакаше да го навреди и затоа се покри со неа само една ноќ. Притоа си велеше:
- Тешко тебе, беден Јоване, се покриваш со скапоцен покривач, а Христовите браќа просјаци смрзнуваат од студот. Колку луѓе без куќи и кров ноќеваат на ветрот и мразот и одвај имаат мала рогозина или некој партал. Колку голи лежат на ѓубриштата и се тресат од студот, двојно страдајќи и од гладот и од студот, и по цела ноќ без сон и глад умираат од мразот! Тешко мене! Колку бедни има, кои како Лазар сакаат да се наситат од трошките што паѓаат од мојата трпеза! Тешко мене! Колку странци и намерници има во овој град, кои немаат каде глава да засолнат и тешко ги минуваат ноќите по улиците и така страдајќи Му благодарат на Господа Христа за сѐ! А ти, Јоване, сакаш да добиеш вечен покој, а овде живееш во раскош и спокојство и имаш сѐ што сакаш. Живееш во прекрасни палати, носиш мека облека, пиеш вино, јадеш одбрана риба. Згора на тоа си се покрил и со скапоцен покривач. На што тогаш да се надеваме во идниот век? О, беден Јоване, вистина ти велам, нема да го добиеш вечното Царство, туку несомнено ќе чуеш како евангелскиот богаташ: „Си го добил своето добро уште додека беше жив, а просјаците злото“ (сп. Лк. 16, 25). Бог е сведок дека смирениот Јован наредната ноќ нема да го покрие овој покривач, туку просјаци и бедни ќе бидат облечени од парите добиени за него.
Кога самна светителот веднаш го испрати покривачот на пазарот да се продаде а за добиените пари да се купи облека на бедните. Но, кога го продаваа покривачот се случи тука да минува велможата што му го подари. Кога виде дека се продава го купи и повторно му го испрати, со молба тој да се покрива со него. Светителот го прими, но повторно го испрати на продажба. Велможата го виде и повторно го купи, и пак му го испрати на патријархот, и го молеше лично да се служи со него. Меѓутоа скромниот патријарх и по трет пат го испрати на продажба, а велможата повторно го купи и му го испрати. Потоа блажениот му испрати на велможата ваква порака:
- Ќе видиме кој од нас двајцата прв ќе се измори. Дали јас, кој продавам, или ти, кој купуваш и повторно мене ми подаруваш.
На тој начин свети Јован доби од тој велможа многу злато, па го раздаваше на бедните.
Блажениот умееше и скржавците да ги натера да даваат милостиња, и среброљупците да станат склони кон сиромавољубието. Знаејќи за еден епископ, на име Троил, дека е голем среброљубец и скржавец, свети Јован еднаш го одведе во болница да ги посети болните и страдалните. Кога дозна дека тој кај себе има злато, му рече:
- Оче Троиле, еве ти пригода да ги утешиш овие страдални браќа со давање на милостиња.
Иако не сакаше, Троил, од срам да не се покаже како скржавец, започна на сите да им дели милостиња и потроши триесет литри злато. Но, потоа започна да се кае и да тагува што толку злато раздал на бедните. Штом се врати дома, тој легна во постела од мака и тага за раздаденото злато. Свети Јован го повика на ручек, но не отиде под изговор на болест. Патријархот знаеше дека тагата за раздаденото злато е причина за Троиловата болест, па зеде со себе триесет литри злато, појде да го посети и му рече:
- Еве, ти го донесов златото што го позајмив од тебе во болницата. Земи го и потпиши се дека мене ми ја предаваш наградата, која од Господа била одредена за тебе за раздаденото злато.
Кога го виде златото, Троил многу се израдува и веднаш оздраве. Потоа седна и напиша:
- Боже Милосрден, дај ја наградата на мојот господин Јован, патријархот Александриски, за триесетте литри злато, кое што јас го раздадов на бедните, зашто тој ми го врати.
Откако го доби од Троил своерачниот запис, го одведе кај себе на ручек. Додека го гостеше се молеше на Бога за него, да го избави од среброљубието. И ете, наредната ноќ Троил виде на сон необично прекрасна куќа, чија убавина беше неискажлива и над чија што врата со злато беше испишан овој натпис: „Обител и вечен покој на епископот Троил. Троил многу се израдува на така прекрасната за него подготвена куќа, но одненадеж се појави некој величествен и страшен маж, како царски кувикулариј и им рече на слугите:
- Господ на целиот свет нареди да се избрише тој натпис.
И слугите веднаш го избришаа. Тогаш тој маж повторно им рече на слугите:
- Напишете вака: Оваа е обителта и вечниот покој на Јован, патријархот Александриски, кој ја купи за себе за триесет литри злато.
Штом се разбуди, Троил се преплаши и беше тажен што ја изгуби куќата подготвена за него на небото и се прекоруваше себе си за среброљубието. Веднаш стана, отрча кај блажениот Јован и му го раскажа своето видение. Со својата вообичаена благост светителот му даде многу корисна поука и го отпушти со мир. Од тогаш Троил се поправи, стана многу сиромавољбив и милостив кон сите.
Еднаш корабите што ѝ припаѓаа на Александриската црква преполни со стока патуваа по Јадранското Море. Одеднаш настана страотна бура и тие за малку не потонаа. Опасноста беше толку голема, така што морале сиот товар да го исфрлат во морето. Тоа се случи со допуштање Божјо, за искушувањето на верата на свети Јован да се најде многу повредна од пропадливото злато (сп.1 Петар 1, 6). Корабите беа тринаесет на број, а вредноста на стоката три илјади и триста литри злато. Губитокот на толку голем имот, со кој свети Јован можел долго време да храни и облекува сироти, тој го поднесуваше со благодарност, често повторувајќи ги зборовите на праведниот Јов: „Господ даде, Господ зеде. Нека е благословено името Господово за навек“ (Јов 1, 21). А кога кај него дојдоа многумина од угледните граѓани да го утешат, тој им одговори:
- Јас сум виновен за пропаста на црковниот имот. Ако не се погордеев што давам голема милостиња, нема да пропаднеше во морето толку огромно богатство. Јас се погордеав, раздавајќи го не своето туку Божјото. И ете Бог, за да ме смири, ми допушти такво осиромашување, зашто сиромаштвото го смирува човекот. Сега увидов дека со својата гордост ја уништив својата награда кај Бога и им нанесов огромна штета на неволните, зашто ќе гладуваат. Но, не заради мене, туку заради нив самите Господ нема да ги остави и ќе им го даде потребното.
Така, оние што дојдоа да го утешат милостивиот Јован, самите беа утешени од него и мудро поучени. Господ наскоро му врати двократно. Жалостивиот им даваше огромна милостиња на ништите и особено беше сомилосен спрема обесправените. Еднаш кога одеше во црквата на светите маченици Кир и Јован, му пристапи една кутра вдовица, започна да му ја раскажува својата мака од зетот и го молеше да ја заштити. Придружниците на патријархот му рекоа:
- Владико, сослушај ја молбата на вдовицата кога по службата ќе се вратиш дома.
Светителот одговори:
- А како сега Бог мене ќе ме сослуша ако јас неа не ја сослушам.
И не се помрдна од местото додека не ја сослуша вдовицата и не постапи според нејзината молба.
Едно момче по смртта на своите родители живееше во голема сиромаштија. Свети Јован ги праша оние што се затекнаа покрај него како осиромашело, кога родителите му биле многу богати. Тогаш некои богољубиви луѓе му раскажаа дека неговите родители биле многу милостиви и сиот свој имот го раздале на бедните, а на сина си му оставиле само десет литри злато. На момчето најпрвин му умрела мајката. А кога татко му беше на умирање го повика сина си и му предложи да избере или злато или икона на Пречиста Богородица, и му рече:
- Мило чедо, од целиот наш имот останаа само овие десет литри злато, а сѐ останато предадовме во рацете на Христа. Сега кажи ми дали сакаш да ти го оставам ова злато или иконата на Владичицата наша Богородица, твојата Помошничка и Хранителка?
Момчето го презре златото, ја зеде иконата на Пречиста Богородица, а замоли златото да се раздели на бедните. И така на ништите им беше даден и последниот имот. Кога умре таткото, момчето остана бедно и страдаше во голема беда. Но, без оглед на тоа, деноноќно одеше на богослужење и молитви во црквата на Пресвета Богородица.
Преподобниот Јован се восхити на доблесното и разумно момче и многу го засака. Од тогаш како вистински татко на сиротите се грижеше за него и размислуваше како да го згрижи. Еднаш тајно го повика својот економ, со ветување дека ќе ја чува тајната што ќе му ја довери и му рече да земе стара хартија, да напише претсмртен завет од страна на некој Теопемпт и според тој завет да испадне како тој и момчето да се блиски роднини. Потоа да отиде кај момчето и да му рече: „Брате, знаеш ли дека си близок роднина на патријархот? Не ти доликува да живееш во таква сиромаштија“.
Потоа да му го покаже напишаното и да му каже: „Чедо, ако се срамиш да појдеш кај патријархот, тогаш јас ќе му раскажам за тебе“.
Економот постапи така. Потоа го повика момчето, му го покажа заветот и му рече дека го нашол меѓу стари хартии на неговиот татко. Кога го прочита, момчето прво се израдува, па се засрами што е многу бедно и облечено во закрпи и го замоли економот тој да му раскаже на патријархот за него. Економот отиде, му раскажа сѐ, а светителот му рече:
- Кажи му на момчето, вака вели патријархот: Се сеќавам дека мојот стрико имал син, но лично не го познавам. Добро ќе сториш ако го доведеш кај мене. Донеси го и заветот со тебе.
Економот го доведе момчето и му ја покажа хартијата на преподобниот, кој со љубов го прегрна и му рече:
- Добро што дојде, зашто си син на мојот стрико.
Потоа му обезбеди на момчето голем имот, му купи куќа и сѐ што е потребно за живот, го ожени за благородна девојка и се погрижи да го стори богат, славен и угледен, за да се исполнат зборовите на Псалмот: „Не го видов праведникот оставен, ни децата негови да просат леб“ (Пс. 36, 25).
Свети Јован беше многу милостив и према болните. Многу често ги посетуваше, често лично им служеше, а оние на умирање ги исповедаше и причестуваше и со своите молитви им помагаше при нивното заминување од овој свет. Освен тоа често служеше Божествена Литургија за мртвите и говореше дека Божествената Литургија служена за умрените многу им помага на душите на покојните. Како потврда за тоа го посочуваше настанот кој неодамна се случил на островот Кипар. Еден заробеник од Кипар се наоѓал во Персија во тешки окови во темница. На неговите родители им било јавено дека тој веќе умрел и тие го оплакаа како покојник. Три пати во годината му вршеа помен и носеа за неговата душа подароци на црквата за вршење на Божествена служба. Но, по четири години нивниот син побегна од ропството и се врати дома. Кога го видоа, родителите се восхитија и помислија дека воскреснал од мртвите. И се радуваа на неговото избавување од ропството и му раскажаа како секоја година му вршеле по три помена. Синот ги праша во кои денови го правеле тоа, а тие му одговорија:
- На Богојавление, на Воскресение и на Педесетница.
Тогаш тој се сети и рече:
- Во тие денови кај мене во темницата доаѓаше еден величествен човек со свеќа, и оковите паѓаа од моите нозе и јас станував слободен. А во останатите денови повторно бев во окови.
Блажениот Јован многу се плашеше да ги осудува луѓето за гревовите, особено монасите. Еднаш му се случи неправедно да осуди еден монах, после што никогаш не осуди монах. Тоа се случи вака:
Еден млад монах неколку дена одеше низ Александрија со многу млада и убава девојка. Некои се соблазнија и мислеа дека ја води девојката со себе заради грев. Го известија патријархот за тоа и тој нареди да ги фатат двајцата, добро да ги натепаат и разделени да ги затворат во темница. Но, наредната ноќ монахот му се Јави на сон на патријархот и му го покажа својот грб, целиот во рани од немилосрдниот ќотек, и му рече:
- Дали ти е по волја тоа, владико? Така ли си научил од Апостолите да го пасеш стадото Христово не присилно, туку драговолно и според Бога? Верувај ми, ти си измамен како човек.
Откако го рече тоа си замина. А патријархот се разбуди, размислуваше за видението, ја сфати својата грешка и седеше тажен. Кога самна нареди да му го доведат монахот. Го доведоа едвај одејќи, и патријархот премре и не можеше ни збор да проговори. Кога по некое време си дојде на себе го замоли да ја соблече облеката, да му го покаже грбот, за да види дали е изнаранет исто како во сонот. Одвај измолен, монахот започна да се соблекува и сите видоа дека е евнух. Патријархот многу се нажали кога го виде неговото тело сето во рани, па испрати по клеветниците и ги одлачи од црквата на три години. Монахот го замоли да му прости, говорејќи:
- Прости ми, брате, го сторив тоа од незнаење. Му згрешив на Бога и на тебе. Сепак, не требало така необмислено да го минуваш во градот времето со девојка, за мирјаните да се соблазнат, бидејќи носиш монашки лик.
Тогаш монахот многу смирено одговори:
- Владико, верувај ми, ќе ти ја кажам вистината. Неодамна бев во Газа и кога одев да се поклонам на гробот на блажените Кир и Јован, вечерта ме сретна таа девојка, ми падна пред нозете и со солзи ме молеше да не ѝ бранам да оди со мене. Јас ја турнав и започнав да бегам. Таа трчеше по мене и говореше:
- Те преколнувам во Богот Авраамов, Кој дојде да ги спаси грешниците и Кој ќе им суди на живите и на мртвите, не оставај ме.
Кога го слушнав тоа јас ѝ реков:
- Зошто така ме заколнуваш, девојко?
А таа ридајќи одговори:
- Јас сум еврејка и сакам да станам христијанка. Те молам, оче, не отфрлај ме, туку спаси ја мојата душа, која сака да верува во Христа.
Јас се исплашив од Судот Божји, ја поведов девојката со себе и ја поучив во Светата Вера. Кога дојдовме на гробот на светите маченици ја крстив во црквата и одам со неа во простотата на срцето, додека не ја сместам во женски манастир.
Тогаш патријархот воздивна и рече:
- Колку тајни слуги има Бог, ние бедните и не знаеме.
Тогаш им го раскажа на сите своето сновидение за монахот, па зеде сто златника и му ги даваше, но монахот не сакаше да земе ниту еден, говорејќи:
- Ако монахот верува дека Бог промислува за него, тогаш злато не му е потребно. А ако сака злато, тогаш не верува дека постои Бог.
Потоа му се поклони на патријархот и замина. Од тогаш блажениот Јован започна уште повеќе да ги почитува монасите, како добрите така и оние што се сметаа за лоши, изгради манастир за живеење на монасите дојденци и внимателно се чуваше од осудувањето. Тој и верните ги поучуваше да не осудуваат никого, па макар и точно да знаат за нечиј грев, туку да внимаваат на своите гревови, а не на туѓите. И се случи од Александрија некое момче да побегне со монахиња во Цариград, при што сите го осудуваа и говореа:
- Тој ја упропасти и својата и душата на монахињата, и стана соблазна за сите. А во Евангелието е речено: „Тешко на оној преку кого доаѓа соблазната“ (Мт. 18, 7).
Тогаш свети Јован им зборуваше:
- Чеда мои, престанете да осудувате, бидејќи вие сте виновни за два грева. Го осудувате оној што згрешил и со тоа ја нарушувате Божјата заповед, која вели: „Не судете ништо предвреме“ (1 Кор. 4,5); а од друга страна вие го клеветите братот, без да знаете дали тој греши до денешен ден или веќе се покајал.
За поука им ја раскажа оваа повест:
По улиците на градот Тир минуваше еден монах. Го забележа познатата блудница на тој град Порфирија и започна да вика по него:
- Спаси ме, оче, како што и Христос ја спаси блудницата!
А монахот, без да обрнува внимание на мислењето на луѓето, ѝ рече:
- Ајде со мене.
Ја фати за рака и ја изнесе од градот пред очите на сите. И се пронесе низ градот глас дека монахот ја зел за жена блудницата Порфирија. Додека ја водеше во женски манастир, Порфирија најде на патот оставено дете и го зеде со себе, за да го одгледа наместо син. По некое време се случи некои жители на Тир да дојдат во градот каде што живееја старецот и Порфирија. И кога забележаа дека има дете, со потсмев ѝ рекоа:
- Убаво дете си родила, Порфирија.
Кога се вратија во Тир разгласија насекаде дека таа од монахот родила дете. И зборуваа дека со свои очи го виделе детето и дека многу личи на монахот. А кога старецот го предвиде своето заминување кај Господа, ѝ рече на Пелагија (тоа име и го даде на Порфирија пред монашењето):
- Да појдеме во Тир, бидејќи таму имам многу важна работа. Сакам и ти да појдеш со мене.
Пелагија не можеше да не го послуша старецот и појде. Го поведоа со себе и детето, кое веќе имаше седум години. Кога стигнаа во градот старецот се разболе и многу граѓани дојдоа да го посетат. Тогаш тој им рече да му донесат кадилница, и сета жар од неа ја истури врз своите гради. Ја држеше сѐ додека жарта потполно не изгасна, при што не ја изгоре ниту облеката, ниту неговото тело. Потоа старецот рече:
- Благословен е Бог, Кој некогаш ја сочувал капината несогорлива од огнот. Бог ми е сведок, како што оваа жар не го изгоре моето тело и огнот не се допре ни до мојата облека, така и јас не го познав телесниот грев откако се родив.
Откако го рече тоа ја предаде својата душа на Господа. Сите присутни се восхитија и Го прославија Бога, Кој има тајни слуги Свои.
Со оваа повест свети Јован им даде ваква поука на присутните:
- Затоа, браќа и чеда мои, не бидете брзи на осудување. Ние често го забележуваме гревот на човекот кој греши, а неговото покајание што тајно го твори не го гледаме.
Додека овој добар пастир така ги учеше своите духовни чеда и управуваше со Црквата Христова, Персијците ја нападнаа нивната земја. Тогаш свети Јован одлучи на некое време да се засолни во Цариград. Кога со коработ тргна од Александрија, по пат се разболе, при што имаше видение на блескав маж, кој држел златен скиптар и му зборувал:
- Царот над царевите те вика кај Себе.
По ова видение светителот дозна дека му дошол крајот. Кога доплови до својот роден град Кипар не беше во состојба да го продолжи патот, и во своето родно место, градот Аматунт, во мир се претстави кај Господа. На умирање говореше:
- Ти благодарам, Господи Боже мој, што си ме удостоил да Ти го принесам Тебе Твоето, и што од богатствата на овој свет не ми остана ништо освен третина од еден сребреник. Па и тоа, еве ветувам, нека се даде на ништите. Кога бев поставен за Александриски патријарх затекнав во мојата епископија близу осум илјади литри злато. А пак од прилозите на богољубивите луѓе собрав повеќе од десет илјади литри. Сето тоа Му го дадов на Христа. Сега и душата своја Му Ја предавам Нему.
Блажениот патријарх Јован беше погребан во својот роден град Аматунт, во црквата на свети Тихон Чудотворец, помеѓу телата на двајцата епископи кои таму од порано почиваа. Но, кога сакаа покрај нив да го положат свети Јован, нивните тела како живи се поместија и направија меѓусебно место за неговото тело. Тоа чудо го видоа сите присутни и восхитени Го прославуваа Бога.
Не треба да го премолчиме и чудото што се случи по погребот на свети Јован. Една жена, која паднала во тежок грев и од срам не можела да го исповеда пред својот духовен отец, со вера дојде кај свети Јован уште додека беше жив, но веќе болен и близу смртта. Таа падна пред неговите нозе и горко плачеше и говореше:
- О, преблажени! Јас сум страшна грешница и мојот грев е толку ужасен што не можам никому да го откријам. Но, знам дека ако сакаш, ти можеш да ми простиш, зашто Господ ви рекол:
- Тоа што ќе го разрешите на земјата, ќе биде разрешено и на небото. На оние што ќе им го простите гревот ќе им се прости (Мт. 16, 19; Јн. 20, 23).
Блажениот ѝ одговори:
- Ако си дошла со вера, тогаш исповедај го својот грев пред мене.
На тоа жената рече:
- Владико, не можам, многу се срамам.
Преподобниот ѝ рече:
Тогаш напиши го на хартија, па донеси ми ја.
- Ни тоа не можам да го сторам, - рече таа.
Светителот ѝ рече да го напише, да го запечати и да му го предаде. Жената го заколна да не го отпечатува писмото и да не го чита. Откако го прими, светителот по пет дена се претстави, а за него никому ништо не рече. Во тоа време жената не беше во градот. Дента по неговиот погреб, таа дојде и кога дозна дека се упокоил и веќе е погребан, премногу се натажи, мислејќи дека по неговата смрт го зеле нејзиното писмо и прочитале за нејзиниот грев. Веднаш отрча на светителовиот гроб и викаше кон него како да е жив:
- Човеку Божји! Јас не се осмелив пред тебе, едниот, да го исповедам својот грев, и ете, сега им е познат на сите. Подобро да не ти ја дадев таа хартија со моите гревови! Тешко мене, бедната! Се срамев од тебе, а сега ме стигна далеку поголем срам и станав потсмев за сите! Но, нема да се помрднам од твојот гроб, угоднику Божји, додека не ме известиш каде си го ставил писмото, зашто ти не си умрен туку и сега живееш!
Така викајќи, таа остана три дена кај светителовиот гроб. Ноќта во третиот ден, свети Јован излезе од својот гроб на јаве со двајцата епископи помеѓу кои лежеше, и ѝ рече на расплаканата жена:
- Жено, до кога нема да ни даваш мир и со своите солзи ќе ги натопуваш нашите облеки?
Откако го рече тоа ѝ го даде запечатеното писмо, говорејќи:
- Земи го своето писмо, отвори го и види.
По тие зборови покојниците повторно легнаа во своите гробови. А жената, кога го виде својот печат цел на писмото, го отвори и најде дека е избришано сѐ што напишала, а наместо тоа стоело:
- Поради слугата мој Јован избришан е твојот грев.
Откако доби чудесно отпуштање на своите гревови, жената многу се израдува и се врати дома, славејќи Го и фалејќи Го Бога, и величајќи го Неговиот угодник свети Јован Милостив, по чии што молитви нека Господ и врз нас ја јави Својата милост, нека ги избрише сите наши гревови и нека нѐ запише во книгата на животот, низ сите векови. Амин.
ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ ИЛАРИОН,
духовник на Саровската пустина
Старецот Иларион е еден од најблиските ученици на Валаамскиот игумен старец Назариј.
Бил замонашен во Валаамскиот манастир во 1797 година.
Живеел во манастирот педесет години и станал заеднички духовник на браќата во Саровската пустина. Старецот бил многу познат по чистотата на својот живот меѓу луѓето, кои што ги поучувал и тешел со своето чудно слово и со беспримерната љубов кон сите. Дарот на неговиот збор во беседите бил толку утешителен, што секој што го слушал наоѓал душевна полза за себе. Целиот живот на овој старец бил посветен на подвизите на добротворството, на молитвата за спасението на ближните, на милосрдно лекување на гревовните болести, на душеспасителни поуки и воопшто на најстрого благочестие.
Неговите беседи се одликувале со љубов и кротост. Кој и да дојдел кај него, и со каков грев и да бил оптоварен, тој никогаш не го прекорувал, не носел строги пресуди и никого не натоварал со тешко бреме, самиот носејќи го Христовиот крст со неговите жалости. Ако некого изобличувал, старецот тоа го правел секогаш тивко и кротко, соединувајќи го поттикот со смирение и љубов, и трудејќи се да го поттикне дејството на совеста преку посочување на патиштата кон спасението. Ниту богатите, ниту сиромашните, ниту обичните луѓе или велможите, не заминувале од него без поука. За сите имало жива вода од устата на смирениот старец, сите ја чувствувале кротката сила на неговата љубов. А специјално се грижел за оние, кај кои што гледал расположение кон доброто.
Починал во Саровската пустина на 12 ноември 1841 година, на 70-годишна возраст.
Од духовните поуки на старец Иларион
Старецот ги поучувал браќата што доаѓале кај него: На духовната ќелија основа ѝ е смирението, ѕидови и ограда ѝ е трпението, а покрив ѝ е љубовта. Искушението е времено, а наградата е вечна.
***
За она за коешто ќе го осудиш ближниот, самиот ќе пострадаш од истото. Ако видиш човек како греши не го осудувај туку помоли се за него на единствениот Човекољубец Бог, Господ Бог да го поправи, а тебе од гревопад да те избави.
***
Секого сметај го за свој татко и благодетел, а себе си за подножје на сите.
***
Оди каде што сакаш, живеј каде што сакаш, но каде и да живееш, крстот на трпението нема да го одбегнеш.
***
Постојано имај ја на ум мислата: „Секој човек е подобар од мене“. Зашто без таа мисла, дури некој и чудеса да изврши, ќе биде далеку од Бога.
***
Глава и почеток на секоја добродетел е молитвата на Апостолот: „Молете се постојано“, односно секогаш да го повикуваме Божјото име -и кога беседиме, и кога седиме, и кога одиме, и кога работиме, и кога јадеме или пак правиме нешто друго. Во секое време и на секое место треба да го повикуваме името Божјо, зашто на тој начин се отфрлаат ѓаволските искушенија -пишува свети Златоуст.
„Одбивај ги непријателските напади со Исусовото име -зборува Лествичник, - не ќе најдеш помоќно оружје од тоа ниту на небото ниту на земјата“.
Молитвата е прогонување на тагата и унинието, расцвет на кротоста и негневењето, јавување на радоста и благодарноста, и придобивање и преумножување на безброј богатства.
***
Треба да се учиме на самопрекорување, односно во умот постојано да се обвинуваме себеси, а не луѓето, да се укоруваме себе си, а не другите, да се нарекуваме себе си луди и безумни, сонливи и неодговорни, мрзеливи и небрежни.
***
Оној што се самопрекорува има спокој, - пишува ава Доротеј - и никогаш не се смутува. Ако на таквиот му се случи да се разболи, да биде навредуван, раздразнет или го снајде некаква друга несреќа, тој го припишува тоа на своите гревови и Му благодари на Бога. И ако игуменот го казнува таквиот или го кара, тој го прима сето тоа за добро и го смета за Божествено дело. Гордоста се вселува во човекот кога тој сѐ уште воопшто не се познава себе си. Затоа, познај се себе си и со сите сили чувај се од гордоста и славољубието како од огромна душевна штета. Не можеш да ги избркаш од себе со ништо друго освен со непрестајното самопрекорување и понижување на самиот себе си.
***
Самопознанието означува да се сметаш себе си за неподобен и недостоен за сите високи должности. Да се познаваш себеси значи да се сметаш за неразумен, сонлив, неодговорен, мрзлив... Да не обраќаш внимание на туѓите гревови, а да гледаш во своите и секогаш да се каеш за нив. За себе да расудуваш и себе да се осудуваш и во ништо надворешно, освен во својата должност, да не се мешаш. Испитувајте се самите себеси, дали сте во верата (2Кор. 13,5) - пишува Апостолот.
***
Самиот Господ нѐ учи на кротост и смирение, кога вели: Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокој за своите души (Мт. 11,29); не од Ангели, ниту од луѓе, туку од Мене - вели - научете се, односно од небесната Премудрост. Надворешната кротост нека се пројавува во сѐ - одењето да ти биде кротко, седењето исто така, погледот да ти биде кроток, зборовите да ти бидат кротки; сите тие нешта во тебе да бидат кротки, зашто преку нив ќе се види дали си вистински христијанин. Зашто облеката на мажот, неговата насмевка и одот зборуваат за него. Душевната, односно кроткоста на внатрешниот човек е: воздржување од гнев, скротување на јароста, и кога некој, откако бил повреден од некого, има можност да му се одмазди но не се одмаздува, и кога е навредуван не навредува. Кроткост е да не причинуваш раздразливост во никого ниту со збор ниту со дело, ниту со заповед, туку да го насладуваш со својот карактер срцето на секој човек, според Господовите зборови: Ете на кого ќе погледнам - на кроткиот и молчаливиот (Ис. 66,2). И според пророчките зборови, Господ ги насочува кротките кон правда (благоразумност) и ги учи понизните на Своите патишта (Пс. 24, 9). Зашто Господ го сака Својот народ и ќе ги издигне кротките, спасувајќи ги (Пс. 149, 4). Кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир (Пс. 36, 1).
***
Најмногу труди се да придобиеш смирение. Смирението претставува вистинско познавање на себе си. И кога некој, кој ја познава својата немоќ, гревовност и недостојност, не се превознесува ни најмалку со својот ум, а се смета за најлош од сите, за најгрешен и најпоследен од сите и дека е под нозете на сите, тој е смирен. Дури и да поседува некоја добродетел, смирениот не ја припишува на сопствените сили туку на Божјата помош, соодветно на зборовите на Исус Христос, Кој вели: Кога ќе исполните сѐ што ви заповедав, велете: ние сме слуги недостојни (Лк. 17,10). Зашто без Мене - вели Господ - не можете да вршите ништо (Јн. 15,5). Смирение е да се сметаш себе си и да мислиш за себе си дека си ништо.
***
Смирението е основа на христијанството. Внимавај многу и на следното. Ако започнеш долично да се однесуваш според таа поука, завидливиот бес не ќе го поднесе тоа и ќе ти донесе искушенија од началникот, за да го испита твоето смирение и сила, или ќе крене против тебе лажливци или луѓе кои живеат несовесно. И тие ќе почнат да те прекоруваат, да те караат, а можеби и да ти удираат шлаканици, да те презираат, да те мразат, и со тоа да ти причинуваат многу неволји, но ти, во таков случај, уште повеќе прилепи се кон молчанието и смирението. Чувај ја постојано молитвата кон Господа Исуса во својата уста и во длабочините на срцето, така што ни најмалку да не изропташ против нив за тоа и ни најмалку да не се ожалостиш, а примај сѐ со благодарност, и мисли си во себе: „Како можам јас, окајаниот, да се гневам напразно на брата си?“ И при тоа непрестајно сеќавај се на своите гревови. Зашто и ти, иако не си удрил шлаканица, тогаш си прекорувал, си злословел, си исмејувал и си го повредувал со навреди својот ближен и преку навредите кон ближниот си се кревал против Христа Спасителот и си го повредувал. Затоа и треба со сета своја душа да се признаеш за достоен за уште повеќе навреди од оние што ги трпиш. Сети се на зборовите, кои Христа Спасителот ги кажал за вршењето на добро на ближниот и кои во ист степен треба да се однесуваат и на секој навредлив збор или дело против ближниот: Тоа што сте му го сториле на ближниот -велел - Мене сте ми го сториле. При тоа сети се и на Неговите страдања, дури и смрт, Неговата преголема благост и Неговата љубов кон нас, која ги поднесува нашите неправди, и размисли дека нема да ти е тешко да поднесеш заради него малку неволји, и при тоа со Неговата несомнена помош, ако несомнено ја посакаш. Ако добро расудуваш на тој начин и со љубов ги претрпиш искушенијата, брзо ќе добиеш помош и утеха од Спасителот Христос.
***
Некогаш ќе бидеме судени, не според книгата на знаењето и разбирањето, туку според книгата на чистата совест. Возљубени, внимателно испитувајте се себе си и својата совест. Виновен си, ако не за еден тогаш за друг грев, ако не за голем тогаш за мал, ако не за грев, извршен на дело, тогаш за грев со збор и помисла. Не ги гледаш помислите на братот што согрешил, ниту пак неговата срдечна скрушеност. Како тогаш можеш да судиш? Сметам, дека понекогаш е подобро самиот да паднеш и да станеш, отколку да го осудиш ближниот, зашто оној што згрешил се поттикнува кон понижување на себеси и кон покајание, а осудувачот закоравува во мечтаењето за себеси во својата гордост. Сѐ што ќе згрешиш преку денот, ако е возможно, неодложно исповедај го. По вечерната трпеза појди кај духовниот отец да му се поклониш како на самиот Христос, падни на колена, откриј му ја состојбата на својата душа во текот на изминатиот ден, откако ќе се анализираш себе си во сѐ што си извршил на дело или со помисли, или си рекол нешто лошо, или си дозволил нешто што ѝ противречи на совеста, или си го ожалостил ближниот, или самиот си се ожалостил од него, или си изроптал, или си го осудил ближниот. Труди се да ги забележиш и да ги изобличиш и најмалите помисли што ја нарушуваат чистотата на твојата совест. Ако не можеш да се сетиш на сѐ, запишувај си го на хартија тоа што треба да го исповедаш. По таквата подробна и исцрпна вистинска исповед, и откако ќе ги бакнеш иконата и крстот, поклони му се до земја на својот духовен отец, замини молкум во својата ќелија и благодари Му на Бога што те удостоил со исповед и помирување на совеста. Ако немаш духовен отец, можеш да го исповедаш тоа што ти ја вознемирува совеста и на некој брат од манастирот или на друг за тебе близок човек, кој живее богоугодно и има духовен разум, и да ги побараш неговите молитви и благослов. А ако немаш во близина ни таков, тогаш на глас пред Ангелите и Архангелите исповедај се пред Бога со солзи, со самоизобличување и самопрекорување, и со големо срдечно жалење удирај се во градите. Ако совеста те изобличува или осудува за нешто, наложи си некоја духовна казна, и прави така додека добиеш можност да го исповедаш сето тоа на својот духовен отец. А кон духовниот отец или наставник, пред кого треба да ги исповедаш делата и помислите, имај љубов, непоколеблива вера и таква почит, така што за ништо да не го осудуваш и да не се смутуваш ако некои го оговараат или го осудуваат. Дури и да ти се стори дека тој греши, не се смутувај и не намалувај ја верата кон него. И прекорувај се себе си колку што е возможно, а не него, и кажувај си ги следните зборови: „Јас, грешниот, го погледнав отецот со нечисто око и судам за него според мојата нечистотија, и затоа не ја гледам неговата непорочност“. Изобличи се така себе си и моли се усрдно на Господ Бог за негово поправање. Ако тој и навистина се сопнал, за тоа мисли така: „Господ Бог допуштил да му се случи искушение, а како можам јас, грешниот, да му судам, без да ги знам неговите дела, ниту пак неговото покајание? Можам ли да проникнам во неговата душа? Дури и да согрешил, можеби веќе се покајал потполно и добил од Бога совршено очистување. Не ги испуштај од срцето и помислата и следните зборови: Пред својот Господар стои тој или паѓа (Рим. 14,4); та зарем јас сум судија?“
***
Труди се, колку што е возможно, со Божја помош да придобиеш трпение во поднесувањето на лишувања и неволји. Сакај, барај, тропај ден и ноќ, и ќе добиеш од Христа Спасителот помош и јачина во трпението, ако тоа го сакаш од душа и срце. Треба да се обучуваме на великодушно трпение, безропотно да трпиме сѐ што ни се случува. Ќе имаме трпение само кога ќе примаме како од Божјата рака сѐ што ни се случува, без да правиме разлика меѓу радосното и тажното. Со трпението спасувајте си ги душите (Лука 21,19) - нѐ поучува Христос. Трпи, слуга Господов, и ќе си ја придобиеш душата што си ја изгубил преку гревовите. Во трпението се собрани сите добродетели, преку кои се спасуваат нашите души -вели свети Ефрем. Оној што се здобил со трпение се допира до секоја добродетел - се радува во неволјите и е благоискусен во неволјите, се весели при неволји, готов е за послушание, исполнет е со љубов, при жалостење прославува, при укори се смирува, во несреќи е неразнишлив. Оној што придобил трпение, придобил надеж и е украсен со секакви добри дела.
А за многуте други добродетели, како на пример за верата, за надежта и љубовта, читај самиот од светите книги и слушај ги поуките, преку кои ќе станеш мудар и ќе наследиш вечни богатства во Христа Исуса, нашиот Господ, кои да ги добиеме и сите ние со Неговата помош и според Божествената благодат. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НИЛ СИНАЈСКИ
Преподобниот Нил е роден во Цариград. Таму се здоби со прекрасно воспитание, ја изучи сета книжевна мудрост и стана одличен оратор. Како полнолетен се ожени со доблесна девојка и во бракот доби син и ќерка. Заради своето благородно потекло и личните доблести, Нил беше поставен за епарх на престолнината Цариград.
Додека живееше богоугодно и гледајќи ја суетата на овој свет, кој во зло лежи, тој се убеди дека во светот ништо не е постојано, ништо не е вечно и праведно, туку сѐ е испревртено и полно со неправда и минливо, Нил започна да чезнее за вечниот живот. Исполнет со вистинска и непроменлива веселба и бесконечно блаженство. Тој и својата сопруга ја убеди да се согласи со неговиот спосоносен предлог да се повлечат од светот. Тогаш сиот свој имот го раздадоа на бедните, ги ослободија робовите, па сопругата ја зеде со себе ќерката а тој синот, кој се викаше Теодул. Така заминаа од Цариград, оставајќи го светот и сѐ во него. Сопругата со ќерката отиде во Египет и таму во еден манастир го прими монаштвото, а блажениот Нил со синот Теодул отиде на Синајската Гора, и се насели во пустина меѓу светите Отци, се замонаши и подржувајќи го нивното живеење постеше и се подвизуваше, минувајќи го времето во молитви и бдеење, умртвувајќи се себеси со најразлични монашки трудови. Тука живееше во пештера што ја ископа со сопствените раце. Гласот за него брзо се пронесе на сите страни. А многу лица од сите функции и сталежи започнааа да му се обраќаат за поуки и молитви.
Кога слушна за прогонството на свети Јован Златоуст во заточение, тој смело и бестрашно, од длабокото молитвено пустинско тихување го крена својот глас и веднаш го изобличи царот Аркадиј со послание, во кое строго ја осуди неговата неправда над големиот светител и учител на вселената.
Додека го минуваше пустиничкиот живот во деноноќни монашки подвизи, преподобниот Нил доживеа големо искушение. Неговата љубов кон Господа беше ставена на тежок испит. Во Синајската пустина ненадејно упаднаа варвари, како диви ѕверови, и многу свети отци убија, а други во ропство одведоа. Тогаш беше одведен во ропство и неговиот син Теодул. Нил горко плачеше за синот, особено кога слушна дека бил принесен за жртва на незнабожечките богови. Но, Бог го сочува Теодул жив и неповреден, зашто од варварите го откупи епископот на градот Емес и го постави за црковен клирик. Кога дозна за тоа преподобниот лично отиде во Емес и чесно беше примен од епископот, кој, иако Нил се противеше, го ракоположи за презвитер и го молеше да остане да живее кај него. Но, бидејќи блажениот Нил настојуваше да се врати на Синај, епископот му го даде синот и ги отпушти со мир. Свети Нил поживеа тука уште многу години, па во мир се претстави кај Господа, околу 450 година. На Синај се подвизуваше полни шеесет години.
Свети Нил напиша прекрасни книги за духовниот живот, полни со божествена мудрост, светлина и сила. Тие всушност се превод во зборови на неговото благодатно подвижничко искуство во борбата за очистувањето, осветувањето, охристовувањето, обожението на душата. Со еден збор, борбата за спасението. Неговото свето слово е: „Телесните страсти водат свое потекло од телесните потреби и против нив е потребна воздржливост, а душевните страсти се раѓаат од душевните потреби и против нив е неопходна молитвата“.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НИЛ МИРОТОЧИВ
Откако заблеска во подоцнежно време, светиот и блажен Нил со своите подвизи надмина многумина, па дури и древните подвижници како нов доказ дека доблестите, побожноста и љубовта кон Бога не ги ограничуваат времињата и годините, туку имаат своја основа во нашата волја и слобода.
Како син на побожни и православни родители, свети Нил е роден во Мореја, денешна Грција, во местото наречено свети Петар Кинуријски, околу 1601 година, во Закониската епархија. Тука израснал и се воспитувал. Световното име му беше Никола Терзакис.
Уште во млади години остана без родители, кои ги замени неговиот вујко, Јеромонахот Макариј. Вујкото будно и ревносно ги надгледуваше сите движења на умот и срцето на внукот, идниот сад на благодатта на Светиот Дух. Надарениот внук под неговото мудро и неуморно раководство брзо напредуваше во учењето и доблестите. Како полнолетен, младиот Нил го прими монашкиот постриг и како достоен беше ракоположен прво за јероѓакон, а потоа и за јеромонах во манастирот „Успение на Богородица Малевијска“, каде што се подвизувале. Така еднодушно се подвизуваа во добар подвиг, но нивните возвишени и девствени души, ранети со сеопфатната љубов кон преслаткиот небесен Младоженец, имаа желба за поголеми подвизи. Затоа отидоа во Света Гора, каде ги посетија манастирите, скитовите и пустините, за да најдат погодно место за осамено молитвено тихување. Најпосле избраа едно пусто, ненаселено, диво и безводно место, наречено Свети Камења, во пределите на денешните Кавсокаливии. Откако го расчистија местото, со многу ревност и пот изградија свет храм во чест и слава на небесниот Цар. Крај него изградија и ќелии за земните ангели монаси, за ден и ноќ да Го славословат Господа. Наскоро потоа блажениот Макариј мирно заспа во Господа.
Блажениот Нил продолжи да се подвизува ревносно и богоугодно. Желен за потешки и посурови подвизи, тој започна да бара погодно место за остварување на својот христочезнив стремеж и наскоро пронајде едно многу недостапно место на Света Гора, и тука се насели, за со сето срце, душа, ум, и сила да Му служи на незаменливиот Бог и Господ Христос. Му служеше на Господа самопрегорно и трпеливо. Беше суров кон себе си и со евангелска радост до крајот на животот јуначки ги поднесуваше сите неволји и проблеми. Какви сѐ подвизи видела пештерата во која постел овој гигантски подвижник. Какви потоци од топли солзи ја натопувале, лиејќи се од душата и очите на молитвено разнежениот испосник, кој деноноќно повикувал кон Бога за себе и за сиот свет! На какви се борби со демоните и какви победи над нив била сведок таа! И по победата над мрачните сили, колку се осветила со прекрасните небесни виденија и хоровите од Ангели, кои се јавувале да го утешат рамноангелниот монах! Сето тоа Му е познато само на сезнајниот Господ. Но, за нас и самото место на неговите подвизи е незамолчлива и громогласна проповед за нивната големина. Не мал сведок на тоа се и неговите свети чудотворни мошти, кои по неговото претставување восхитувачки го прославиле.
Низ многуте и долги христочезниви подвизи преподобниот Нил најпосле стигна до своето заминување од овој свет. Така, оној што во сите денови од земниот живот го умртвуваше своето тело, мирно го предаде својот дух во рацете на Господа, за Кого што од младоста чезнееше неговата душа. И неудобната, но со толку прекрасни подвизи осветена пештера, се исполни со Ангели, кои со песнопеења ја носеа светата душа на угодникот Божји на небото. Неговото многутрпеливо и многупобедно тело браќата со побожност и стравопочитување го погребаа покрај неговата пештера.
Чудесниот Господ, Кој ги прославува оние кои Него Го слават, го прослави Својот прекрасен угодник Нил со тоа што од неговото тело потече толку изобилно миро, така што од врвот на планината се сливаше во морето. Тоа чудотворно миро започна да привлекува луѓе од сите страни. Со тое целебно свето миро се исцелуваа луѓе од сите телесни и душевни болести. Така свети Нил беше наречен Мироточив. Но, неговиот ученик, вознемируван во своето осаменички молитвено тихување и подвижничко живеење од зголемувањето на бројот на посетителите, се пожали во молитвата на својот духовен отец свети Нил. Тогаш мироточењето одеднаш престана. А кога на седми мај, 1815 година, врз основа на видението на некој монах Ехмалот, кого преподобниот го беше исцелил, започна да се гради црква крај пештерата на свети Нил, при копањето беа најдени неговите мошти нетлени и мирисаа со неискажлив рајски мирис. Црквата наскоро беше изградена и осветена. А светите мошти на самопрегорниот угодник Божји и понатаму чудотвореа. Тогаш беа пренесени во Големата Лавра, со исклучок на вилицата, која остана во црквичката, исцелувајќи ги од душевните и телесните болести оние што со вера пристапуваа. А пак на небото сега свети Нил со сите Светии и Ангелите се насладува на незалезната светлина и неискажливата красота на Тирипостасното Божество. По молитвите и посредството на преподобниот наш отец Нил да стигнеме и ние до мерата на растот на висината Христова, и да се удостоиме заедно со Него да се насладуваме на блажениот и неостарлив живот. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АРСАКИЈ
Светиот маченик Арсакиј пострада за Христа посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ МАРТИН ТУРСКИ
СПОМЕН НА СВЕТИ ПРОРОК АХИЈА
Пророкот Божји Ахија беше од градот Силом. Пророкувал на илјада години пред Христа, за време на царевите Соломон, Јеровоам и Авиј. На Соломоновиот слуга Јеровоам му прорекол дека ќе зацарува над десет колена Израилеви (1 Цар. 11, 29).
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:
АНТОНИЈ, ЗЕВИН, ГЕРМАН и НИКИФОР, и девојката МАРАТА
Светите маченици пострадаа кон крајот на третиот век, додека царуваше Максимијан. Антониј беше старец, а останатите тројца беа момчиња. Како христијани беа фатени и изведени на суд во Кесарија Палестинска. Тие бестрашно Го исповедаа Христа, вистинскиот Бог и беа обезглавени. А пак девојката Марата беше од градот Скитопол во Сирија. Заради верата во Христа беше мачена, гола водена низ градот, па фрлена во оган каде што се упокои. Така сите се здобија со венците на мачеништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК САВА НИГДЕЛИН
Беше посечен за исповедањето на верата во Христа, во 1726 година во Цариград. Беше родум од местото Мид во Мала Азија. Турците го затворија од завист, за да му го одземат имотот. Страдал на местото наречено Кучук Караман (според некои е посечен во 1721, а на тоа место се погребани неговите свети мошти во 1726 г).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НИКОЛАЈ
Пострадал во Цариград, во 1832 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЛАВ,
патријархот Цариградски
Угодникот Божји свети Лав се упокоил во мир.