26.  Ноември  (13. Ноември)

 

ЖИТИЕТО НА СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ,

патријархот Цариградски

Светилото на светот, учителот на вселената, земниот ангел, небесниот човек, ненадминливиот благовесник на вечното Евангелие Спасово, проповедникот на покајанието, Херувимскиот молитвеник, сежалостивиот милосрдник, Христочезнивиот подвижник, богохвдахновениот поет, богомудриот философ, столбот и тврдината на Црквата свети Јован Златоуст е роден во сирискиот главен град Антиохија, околу 347 година од угледни и богати родители. Татко му Секунд бил војвода, а мајка му се викала Антуса. Татко му многу рано се упокоил и сета грижа околу Јован остана на неговата побожна и просветена мајка Антуса, која имаше околу дваесет години кога остана вдовица. Целосно посветена на детето, таа не сакаше повторно да се мажи. Го воспитуваше сина си во христијанскиот дух, учејќи го да живее во светите евангелски добродетели.

Откако го утврди во христијанската вера, Антуса го даде во училиште, да ги изучи световните науки кај тогашниот познат софист Ливаниј и философот Андрагатиј. Изучувајќи ја грчката философија, Јован го отфрли грчкото незнабоштво и со сето битие ја усвои верата христијанска, како единствена и искрена вистина, која на човекот му ја открива вечната смисла на неговото постоење и божествено неизмерно му дава сѐ што му е потребно за вечниот живот во двата света. Според тогашниот обичај Јован беше крстен во зрели години од антиохискиот патријарх Мелетиј. Надарен и ревносен, Јован покажа извонреден успех во науките, така што неговиот учител Ливаниј, во тоа време најпознат ритор, прашан на смртниот час кого го смета за најдостоен за свој наследник, рекол:

- Јован, ако христијаните не ни го грабнеа.

Потоа Јован отиде во Атина за усовршување во науките. Таму брзо ги надмина своите врсници и многу философи, бидејќи ги изучи сите грчки книги и науки и стана мудар философ, красноречив говорник. Во Атина тој имаше многу завидлив противник, философот Антимиј. Тој го мразеше, работеше против него и го оговараше. Меѓутоа Јован пред сите го надговори со боговдахновените зборови и го убеди со премудрите факти, и така го приведе во верата Христова, а и многу други со него. Тоа се случи на следниот начин.

Кога Антимиј во спорот со Јован започна да изговара хулни зборови за нашиот Господ Исус Христос, ненадејно го нападна нечист дух и започна да го мачи. Тој падна на земјата, грчејќи се и превиткувајќи се, при што исфрлаше пена. Присутните многу се исплашија и разбегаа, а останатите го молеа Јован да се смилува и да го исцели. Тој одговори:

- Ако не се покае и не поверува во Христа Бога, нема да се исцели.

Тогаш Антимиј извика:

- Исповедам дека на небото и на земјата нема друг бог освен Оној Кого премудриот Јован Го исповеда!

И нечистиот дух веднаш излезе од него и тој стана здрав. Од таквото чудо сите присутни викаа:

- Голем е Богот христијански! Единствено Он прави чудеса!

Тогаш Јован му се закани на Антимиј да не хули на Синот Божји и откако го поучи во Вистинската Вера го испрати кај епископот на Атина, каде се крсти со сиот свој дом. Заедно со него поверуваа и се крстија и многу други угледни граѓани. Кога епископот дозна дека ова обраќање на незнабошците кон Христа се случи преку Јован, одлучи да го ракоположи за свештеник и да го задржи во Атина, за по неговата смрт, бидејќи веќе беше многу стар, тој да го завземе архиерејскиот престол. Блажениот Јован го забележа тоа и веднаш тајно замина во Антиохија. Христочезнивиот Јован ја презираше ништовната слава на овој суетен свет и сите светски почести, и реши да го прими смирениот монашки живот, во ангелски чин да Му служи на Бога. На тоа го поттикнуваше и неговиот близок пријател Василиј, исто така роден во Антиохија. Тие од деца беа другари. Заедно учеле кај исти учители и имале голема взаемна лубов, бидејќи имаа сродни души и исти сфаќања. Василиј најпрво лично го прими монашкиот чин, по го посоветува и Јована за тоа. Јован сакаше веднаш да се повлече во манастир и да се замонаши, но беше задржан од мајка си, која низ солзи му говореше:

- Чедо, радоста моја со твојот татко беше кратка. По неговата смрт со промисла Божја ти стана сираче, а јас вдовица. Но, никаква мака не успеа да ме натера на друг брак и друг маж да внесам во домот на твојот татко. Со Божја помош трпеливо ги поднесував бурите на маката и огнот на вдовството, наоѓајќи големо олеснување и утеха во твоето лице, кое ме потсетува на лицето на твојот татко. Притоа не го потрошив имотот негов, туку сиот го сочував за потребите на твојот живот. Затоа те молам, чедо, немој да ме фрлаш во второ вдовство и немој со своето заминување повторно да ја обновуваш тагата во мене, туку почекај до мојата смрт, на која наскоро се надевам. Кога ќе ме погребеш кај коските на твојот татко, прави што сакаш. Сега остани покрај мене, остани уште малку додека сум жива.

Под влијание на таквите молби од мајка си Јован остана дома, но своите светли облеки ги промени со бедни и започна да води пустинички живот и да го минува времето во молитви и изучувања на Светото Писмо. Во тоа време се зближи со светиот по живот Антиохиски архиепископ Мелетиј, кој го произведе за чтец. На таа должност Јован остана три години. При тоа сестрано го изучуваше Светото Писмо, под раководство на учителите Картериј и Диоскор, епископот Тарсиски.

Во меѓувреме се упокои Јовановата мајка Антуса. Откако ја погреба, Јован веднаш го раздаде сиот свој имот на неволните, ги ослободи робовите, замина во манастир и се замонаши. Му служеше на Господа и ден и ноќ во многуте трудови и подвизи, под раководството на еден старец. Во манастирот ја напиша книгата „За свештенството“, „За скрушеноста на срцето“ и „Послание до паднатиот Теодор“.

Христољубивиот Јован го имаше од Бога дарот на поучување и благодатта на Светиот Дух, која делувала во Апостолите. Тоа му беше откриено на монахот Исихиј, кој се подвизуваше во истиот манастир. Стар по години и совршен во доблестите, Исихиј го имаше дарот на проѕорливоста. Една ноќ, додека се молеше беше вознесен со умот и имаше вакво видение. Двајца прекрасни мажи, облечени во бела облека и блескави како сонце, се симнале од небото и влегле кај блажениот Јован додека тој стоел на молитва. Едниот од нив држел испишан свиток, а другиот клучеви. Јован се исплашил и веднаш им се поклонил до земја. Тие го фатиле за рака и го кренале, говорејќи му:

- Имај самодоверба и не плаши се. 

Јован ги прашал кои се, а тие му одговориле:

- Не плаши се, мажу на добрите желби, нови Данииле. Во тебе, заради чистотата на твоето срце, благоволи да живее Светиот Дух. Испратени сме кај тебе од Големиот Учител и Спас наш Исус Христос.

Го рекле тоа и веднаш првиот ја испружил раката и му го дал на Јована свитокот, говорејќи:

- Прими го свитокот од моите раце. Јас сум Јован, кој на тајната вечера легна на градите Господови и од таму нацрпи Божествени откровенија. А Господ и тебе ти дарува знаење на сите длабочини на премудроста, за да ги храниш луѓето со непропадливата храна на учењата Христови и со својата уста да ги затвораш устите на еретиците и евреите, кои зборуваат хули на Бога.

Тогаш вториот ја испружил својата рака и му ги подал клучевите на Јован, говорејќи:

- Прими ги овие клучеви, зашто јас сум Петар, кому му се доверени клучевите на Царството. Господ и тебе ти ги предава клучевите на светите цркви, за оној што ќе го сврзеш да биде сврзан, а оној што ќе го разврзеш да биде разврзан.

Тогаш блажениот Јован повторно ги преклонил колената и им се поклонил на јавените Апостоли, говорејќи:

- Кој сум јас, грешниот, и најлош од сите луѓе, да се осмелам да примам и носам толку голема и страшна служба?

Но, светите Апостоли повторно го фатиле за десната рака и го подигнале, говорејќи:

- Застани на нозе, биди јунак, јакни и врши што ти се наредува. Не сокривај го дарот даден од нашиот Господ Исус Христос, за осветување и утврдување на Неговите луѓе, заради кои Он ја пролеа крвта Своја да ги спаси од прелест. Јавувај го словото Божјо без двоумење. Сети се на Господа, Кој рекол: „Не плаши се мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лк. 12, 32). Така и ти, не плаши се, зашто нашиот Христос Бог благоволи преку тебе да освети многу души и да ги приведе кои познание на Бога. Ќе наидат на тебе многу неволји и маки заради правдата, но ти претрпи ги како цврст дијамант. Така ќе го наследиш Царството Божјо.

Апостолите го осениле Јована со крстниот знак, го целивале во Господа и заминале.

Преподобниот Исихиј им го раскажа видението на некои искусни во подвизите браќа монаси и тие се восхитуваа и Го славеа Бога, Кој има тајни Свои слуги. Притоа им се закани никому да не зборуваат за тоа, за да не дознае Јован и да замине од нив, та да се лишат од присуството на толку големиот угодник Божји.

Блажениот Јован ревносно работеше на своето спасение и се трудеше и на дело и со збор. Подвизувајќи се и други поттикнуваше на подвиг, и мрзеливите ги тераше да итаат кон небото, да го умртвуваат своето тело и да го потчинуваат на Духот. Во манастирот створи многу чуда во тоа време.

Еден жител на Антиохија, богат и благороден, боледуваше од силна главоболка така што му испадна десното око и му висеше на образот. Многу имот беше потрошил на искусни лекари, но не му помогнале. Кога слушна за свети Јован, отиде кај него во манастирот, му ги прегрна нозете и целивајќи ги го молеше да го исцели. Свети Јован му рече:

- Такви болести ги снаоѓаат луѓето поради нивните гревови и маловерие. Ако со сета своја душа веруваш дека Христос е во состојба да те исцели и ако се откажеш од своите гревови, ќе ја видиш славата Божја.

Болниот одговори:

- Верувам, оче, и ќе сторам сѐ што ќе ми наредиш.

Болниот се фати за облеката на блажениот, ја стави на својата глава и на болното око. И веднаш престана болеста, и окото се врати на своето место, и човекот стана здрав, како никогаш да не боледувал. Си замина дома, славејќи Го Бога.

Така и друг човек, на име Архелај, старешина на градот Антиохија, кој имаше губа на своето чело, дојде кај свети Јован и го молеше да го исцели. Откако го поучи, преподобниот му нареди да го измие своето чело со водата од која што пијат браќата во манастирот. Болниот го стори тоа и веднаш се очисти од губата, па го остави светот и веднаш стана монах.

Некој Евклиј, од детството слеп на десното око, дојде во манастирот на блажениот Јован и се замонаши. Преподобниот му рече:

- Бог нека те исцели, брате, и нека ги просвети твоите душевни и телесни очи.

И веднаш неговото десно око прогледа, а браќата се восхитуваа и говореа:

- Јован навистина е слуга Божји и Духот Свет живее во него.

Една жена, на име Христина, беше крвоточива и го молеше својот маж да ја одведе кај свети Јован. Мажот ја качи на магаре, ја остави пред манастирската капија, па самиот влезе кај светителот и започна да го моли да му ја исцели жената од болеста. Свети Јован му рече на тој човек:

- Кажи ѝ на својата жена да го промени својот лош карактер. Нека престане да биде сурова према своите робови и да се сети дека и самата е створена од истата кал од која што се и тие. Нека се погрижи за својата душа, нека дели милостиња на сиротите и да не ги остава потребните молитви. Исто така, воздржувајте се и чувајте се чисти во празничните и посните денови, па Бог ќе ѝ подари исцеление на твојата жена.

Мажот излезе и ѝ раскажа на жената сѐ што слушна од светителот. Таа од срце даде ветување дека до последниот здив ќе исполнува сѐ што ѝ е наредено. Мажот се врати кај светителот и му кажа за нејзиното ветување, а тој му рече:

- Оди си со мир! Господ веќе ја исцели.

Кога се врати кај жената ја најде исцелена, и радосни се вратија дома, славејќи Го Бога.

Се случи во тоа време недалеку од манастирот да се појави многу лош лав, кој по патиштата ги убиваше луѓето и добитокот. Многу пати жителите на околните населби се собирале и со оружје и стрели го демнеле ѕверот, за да го убијат. Но, тоа не им појде од рака. Ѕверот бесно и силно ги напаѓал. Едни убиваше, други раскинуваше, трети живи ги одвлекуваше во своето легло и таму ги јадеше. За тоа селаните го известија свети Јован и го молеа да им помогне со своите молитви. Тој им даде дрвен крст и им нареди да го забодат на местото од каде што се појавува ѕверот. Тие постапија така и си заминаа. Изминаа неколку дена, а зверот не се појавуваше. Селаните се собраа, отидоа кај крстот и таму го најдоа лавот кај лежи мртов. Избавени од таквата несреќа со силата на крстот и молитвите на свети Јован, тие се израдуваа и Го прославија Бога.

Христочезнивиот Јован остана во тој манастир четири години. Потоа, желен за поголема осаменост и целосно молитвено тихување, тајно го напушти манастирот и отиде во пустината. Таму се насели во една пештера и живееше сам во Бога две години. Поради неискажливите подвизи потоа се разболе, особено од тешка настинка, така што мораше да се врати во Антиохија. Тоа се случи со Божјо провидување и промислување за Црквата, за таквиот светилник да не биде сокриен, туку да им свети на сите. Господ му ја допушти болеста, за да го однесе меѓу луѓето, да им биде од корист на другите.

Кога дојде во Антиохија, свјатјејшиот патријарх Мелетиј радосно го прими и го смести кај себе. Наскоро потоа го ракоположи за ѓакон и во таа служба помина пет години, украсувајќи ја Црквата Божја со својот доблесен живот и душекорисните списи. Како ѓакон ги напиша следните списи: „Утеха на подвижникот Стагириј“ во три книги, „За скрушеноста“ во две книги, „За девството“, „Младата вдовица“, „За неповторувањето на бракот“; „Против Јулијан“.

Во тоа време свети Мелетиј замина за Цариград поради поставувањето за патријарх на свети Григориј Богослов. Таму тој набрзо се упокои во Господа. Штом слушна за смртта на својот патријарх, богочезнивиот Јован ја напушти Антиохија и отиде во манастирот во кој најпрвин живееше. Монасите многу се израдуваа на неговото враќање, приредија духовна веселба, примајќи ги од него вообичаените поуки. Блажениот остана таму три години.

По претставувањето на свети Мелетиј, на престолот на Антиохиската Црква застана Флавијан. Додека една ноќ стоеше на молитва му се јави ангел Господов и му рече:

- Утре појди во манастирот во кој живее Божјиот угодник Јован, доведи го во градот и постави го за презвитер, зашто е избран сад Божји и Бог сака преку него да приведе многу луѓе кај себе. Истовремено ангел му се јави на свети Јован, додека ги извршуваше своите вообичаени ноќни молитви и му нареди да појде со Флавијан во градот и да го прими посветувањето од него.

Кога се раздени, патријархот дојде во манастирот. Го пречекаа сите монаси заедно со блажениот Јован, му се поклонија, зедоа благослов и со должните почести го внесоа во црквата. Откако отслужија Света Литургија и се причестија со Светите Тајни, патријархот го поведе со себе Јован, а монасите неутешно ридаа поради разделбата со него.

Утредента, при неговото посветување за презвитер, кога патријархот ја полагаше раката на неговата глава, ненадејно се појави бел блескав гулаб, кој леташе над него. Патријархот и сите присутни го видоа тоа, беа запрепастени и долго се восхитуваа. Гласот за ова чудо се пронесе по цела Антиохија, по околните градови и цела Сирија. Сите се прашуваа што ли ќе се случи со Јован, зашто на самиот почеток се јави над него славата Господова.

Како презвитер Јован започна уште посрдечно и погрижливо да се труди за спасението на човечките души. Еднаш или два пати во неделата, а понекогаш и секој ден, го поучувал народот во црквата, изнесувајќи проповед од амвонот. Се случувало после поуката во црквата да оди во Соборната црква, каде што служел патријархот. И тој, според желбата на сите, го терал и тука да му изговара поука на народот. За време на своето презвитерство свети Јован одржал многу беседи и тоа повеќето во Соборната патријаршиска црква. При тоа во вид на беседа дал ненадминливо толкување на Светото Писмо, првенствено на Новиот, па потоа и на Стариот Завет. Црквата во која што служел и проповедал секогаш бивала преполна со народ. Сите го слушале со восхитување, возбуда и трепет. Секој негов збор бил полн со небесна сила, воскресителен здив и апостолски замав; не постоела мака, која можела да го снајде човекот во овој свет, а боговдахновениот учител да не му го покаже спасоносниот излез од неа; не постоел грев, кој можел да го снајде човекот, а чудесниот благовесник да не му даде евангелска сила да го совлада тој грев. Не постоел пекол, во кој човекот може да го фрли страста, а богомудриот проповедник со чудотворната сила на својата благодатна красноречивост да не го излече човекот од него. Со силата на својата богодадена речитост, тој луѓето ги грабнувал од ѓаволот и ги приведувал кон Бога, ги вадел од пеколот и внесувал во рајот, ги спасувал од гревот и смртта и ги предавал на доблесноста и бесмртноста. Поради тоа во храмот често се слушал плач и вик, а одекнувале и бурни одобрувања и радосни ракоплескања. Граѓаните особено ги восхитувало тоа што нивниот надарен проповедник не ги читал своите проповеди, туку ги изговарал усно, ги излевал од своето преполно срце и едноставно водел живи усни разговори со своите слушатели. Никогаш порано во Антиохија тоа не се видело ни чуло. Магепсаните граѓани не можеле да се нагледаат и наслушаат на својот слаткопоен славеј на евангелската животворна речитост. Затоа многу брзописци ги запишувале во црквата проповедите на богоречитиот Јован, па ги препишувале и преписити ги давале и продавале на многубројните баратели. За неговите проповеди се зборувало насекаде. Тие се читани и на гозбите и на плоштадите. Многумина и на памет ги научиле. Кога ќе се расчуело дека богосилниот беседник ќе зборува во црквата, сиот град го обземала возбуда. Трговците ги оставале своите дуќани, занаетчиите својата работа, адвокатите - судниците, службениците - канцелариите и сите итале кон црквата да го чујат својот омилен учител, кој како небесен громобран кара и како евангелски родител милува. Го кара и осудува гревот, го милува и поправа грешникот. Да го чуеш богомудриот Јован се сметало за исклучителна среќа, да не го чуеш за исклучителна штета. Воодушевени, слушателите сесрдно го величале и со сета душа го фалеле. Едни го нарекувале „Божја и Христова уста“, други „Слаткоречив“, трети „Медоточив“. Се случувало длабокомислениот благовесник Јован, особено во почетокот на своето презвитерство, говорејќи во своите проповеди за најтаинствените вистини на христијанската вера, да се нурне во такви богословски длабочини, така што обичните слушатели не можеле да го следат, ни многу нешта да разберат. Во една таква пригода, една проста жена, не можејќи да ја сфати смислата на милозвучните зборови од проповедникот, го кренала својот глас меѓу народот и извикала кон него:

- Учителу духовен, или подобро да речам: Јоване Златоусти, твојот кладенец на светото учење е многу длабок, а јажињата на нашиот ум се кратки и не можат да досегнат до неговата длабочина!

Народот го прифатил овој назив на жената и рекол:

- Преку устата на оваа жена самиот Бог така го нарече Јован. Затоа од сега нека се нарекува Златоуст.

И навистина од тогаш до денес целата Црква го нарекува Свети Јован Златоуст.

Овој настан не остана без влијание врз самиот Јован. Размислувајќи за тоа, тој дојде до убедување дека не е од корист за народот да му зборува со „превисоки зборови“. Оттогаш се трудеше своите беседи да не ги украсува со префинета красноречивост, туку со прости и морално поучни зборови, за и најпростиот слушател да ги разбере и да има корист.

Но, свети Златоуст беше силен маж, не само на збор туку и на дело. Тој правеше чуда, исцелувајќи ги болните со силата Христова. Така една жена, по име Евклија, имаше син единец, кој тешко болен од треска беше на умирање. Таа го замоли свети Златоуст да ѝ го исцели синот. Светителот зеде вода, ја прекрсти три пати во името на Света Троица и го попрска болниот со неа. И температурата веднаш го остави болниот и тој стана здрав и му се поклони.

Имаше во Антиохија епарх, заслепен од маркионитската ерес, кој им вршеше многу лошотии на православните. Неговата жена западна во тешка болест и никакви лекови не можеа да ја излечат. Од ден на ден болеста се влошуваше. Епархот ги повика еретиците дома и ги молеше да се молат за нејзиното здравје. Се молеа тие постојано по три и повеќе денови, но не ѝ помогнаа. Тогаш жената му рече на својот маж:

- Слушам за некој презвитер Јован, кој живее кај епископот Флавијан, дека е ученик Христов, и што и да побара од Бога, Бог му дава. Одведи ме кај него, тој да се помоли за мене, зашто врши многу знаменија. Од Маркионитите немам никаква помош. Тоа значи дека нивната вера е лоша. Ако верата им е вистинска, Бог ќе ги слушнеше нивните молења.

Мажот ја одведе во Православната црква, но не се осмели да ја внесе внатре бидејќи беше еретик, туку ја остави пред црковните врати, па го извести епископот и презвитерот Јован дека ја довел, тие да се помолат на Господ за неа. Епископот отиде заедно со Јован кај неа и ѝ рече:

- Ако се одречете од ереста и се присоедините кон светата соборва апостолска Црква, ќе добиеш исцеление од Бога.

Тогаш свети Јован нареди да донесат вода и го замоли епископот Флавијан да ја осени со крсниот знак, па да ја попрска со водата и таа веднаш стана здрава, како никогаш да не боледувала и Му заблагодари на Бога. Од таквото чудо епархот заедно со неа се одрече од ереста и се присоедини кон светата Црква.

И настапи голема радост за епарховото обраќање. Еретиците многу се вознемирија и разгневија. Започнаа на сите страни да сеат хули и клевети против светителот, нарекувајќи го магионичар и волшебник. Но, Бог набрзо им ги затвори лажливите усти и им нафрли лута казна. Во Антиохија се случи силен земјотрес, го сруши еретичкиот храм во кој се собираа и при тоа во урнатините загинаа многу еретици, а никој од православните не настрада. Од тоа чудо не само преостанатите еретици туку и незнабошците ја препознаа во тоа силата Христова. Ги рушеа своите идоли и со поуките на свети Златоуст се обраќаа кон вистинскиот Бог.

Во 387 година, пред Великиот пост, поради новиот голем војнички данок, задолжен од царот Теодосиј I, во Антиохија избувна народна буна. Разјарениот народ ги сокрши статуите на царот и царското семејство. И кога бунтовниците всушност видоа што сториле, ги обзеде страв и ужас од последиците што ќе ги снајдат, заради навредите нанесени на царот. Градскиот епарх веднаш превзеде строги мерки против бунтовниците. Темниците се наполнија, судовите имаа премногу работа, а утврдениот духовник свети Златоуст, возбуден и тажен, ги посети затворените по темниците и виновниците по судниците. Од голема болка, како некогаш пријателите за Јов, тој седум дена молчеше, преживувајќи ги со своето сомилостиво родителско срце маките на својата паства. Тогаш ридајно проговори златната уста од богомудрото срце:

- Што да речам или за што да зборувам? Сега е време на солзи, а не на зборови, на ридање, а не на говор, на молитва, а не на проповед. Стореното дело е толку стравично, раната е така неизлечива, несреќата е толку тешка, што е над секое лекарство и бара небесна помош. Молчев седум дена, како пријателите на Јов. Дајте ми сега да ја отворам устата и да ја исплачам оваа општа несреќа. Кој ни посакал зло, мили мои? Кој ни позавидел? Од каде таква промена? Ништо не беше пославно од нашиот град. А сега нема ништо пожалосно од него. Народот, толку тивок и кроток, одеднаш побеснел и извршил такви лудости што е срамно и да се зборува за нив. Плачам и ридам сега, не од страв од можната казна, туку поради крајно безумното извршено дело...

Во црквата се прекрши лелек и плач, особено од жените и децата, заглушувајќи ги потресните зборови на свети Златоуст. Тогаш цврстиот духовен отец започна да ги теши сите, бришејќи ги горките солзи, храбрејќи ги со надеж во милосрдието Божјо и поттикнувајќи ги во сѐ и секогаш да се потпираат на Бога:

- Христијанинот мора да се разликува од неверникот и бодрејќи се самиот со надеж во иднината, да стои над нападите на човечките зла. Затоа, мили мои, престанете да очајувате. Ние самите толку не се трудиме за своето спасение колку што за нас се грижи Бог, Кој нѐ створил.

Утешен, народот со олеснување во срцето се разиде по домовите. Престарениот патријарх Флавијан, за да го отстрани од својот град Антиохија можниот гнев на царот, одлучи лично да оди кај него во Цариград и да посредува за помилување. Притоа свети Златоуст го остави во градот да ги теши и лечи напатените души. Во меѓувреме настапи Великиот пост, за граѓаните вистинско време за покајание, тага и солзи. Свети Златоуст секој ден му се обраќаше на народот од црковниот амвон со својот силен збор за утеха и поука. Херувимски неболетен, тој човечките души, мачени во земниот пекол, со радост ги издигнуваше во небесните височини и рајската милина. Час ја подржувал верата во народот и нејзината бестрашна храброст, час бодрел на покајание и неговата преобразлива сила, час разгорувал евангелска љубов и ја распалувал во незгаслив пожар. Ги изобличувал пороците на сограѓаните, нивната скржавост, расипништво, лицемерство, нечувствителност, несострадалност, суеверие. Час повикувал на самопрегорно бичување на себе си, на газење, распнување, воскреснување, преобразување. Никогаш Великиот пост не е држан со таква строгост, со такво покајничко расположение, со такво потребно умиление и тоа од страна на сите жители на Антиохија. Народот во толпи брзал во црквата, ги слушал зборовите на својот свет благовесник, христочезнивиот Златоуст, и го миел своето срце во светлината на неговата благодатна љубов. За тоа време грижливиот архипастир свети Флавијан поминал далечен пат од Антиохија до Цариград, потресно и сомилосно го изложил пред царот гревот на својата паства, го молел за милост, за помилување. И измолил. Добриот и мудар цар го простил гревот, ги помилувал грешниците. Таа прекрасна благодат ја донел свети Флавијан пред самото Воскресение. И на првиот ден на Воскресение, светиот златоусти Јован му ја објави на народот таа радосна вест, велејќи на крајот:

- Радувајте се духовно! Благодарете Му на Бога, не само што ги прекратил нашите маки, туку и што ни ги беше испратил. Ни ги даде за да нѐ разбуди на покајание и поттикне на обновување на духовниот живот.

По смртта на Цариградскиот патријарх Нектариј, кој беше наследник на свети Григориј Богослов, долго не можеле да најдат човек, достоен на патријаширскиот престол. Тогаш свети Јован Златоуст му го претставија на царот Аркадиј, зашто неговата слава беше пренесена насекаде. Царот веднаш испрати грамота до патријархот Флавијан, со наредба Јован да го испрати во Цариград. Но, народот се собра кај црквата и не сакаше да биде лишен од него. Се спротивстави на царските пратеници, не сакаше да го послуша својот патријарх и не дозволи да го одведат. А и самиот угодник Божји, смирениот Јован, сметајќи се за недостоен на таквиот чин, не сакаше да оди во Цариград. Царот многу се зачуди и уште повеќе посака да го види и да го има на патријаршискиот престол. Затоа му нареди на царскиот намесник на Истокот, Астериј, кришум од народот да го извади Јован од Антиохија. Тоа беше сторено. Излезе да го пречека целиот град со многу велможи испратени од царот, кој со светиот собор на ерарси свечено го дочека и сите се радуваа на таквиот светилник на Црквата. На тоа единствено не се радуваше александрискиот патријарх Теофил со своите истомисленици. Тој ѝ завидуваше на славата Јованова и го мразеше, зашто сакаше на патријаршискиот престол да го постави својот презвитер Исидор. Но, тоа не пречело да се свика собор, на кој свети Јован беше избран за патријарх. Блажениот беше поставен на патријаршискиот престол на дваесет и шести февруари, 398 година. Дојде и царот и со него кнезови и велможи, за да земат благослов од новоназначениот патријарх Јован. Тој се помоли за царот и народот, ги благослови сите, па ја отвори својата богоглаголива уста и изговори душекорисно поучување, во кое го советуваше царот неотстапно да се држи до Православието, да стои настрана од еретиците, често да оди во црква и да биде праведен и милостив. Притоа говореше:

- Нека знае твојата побожност дека нема да се плашам кога ќе биде потребно да изговорам поуки и изобличувања, корисни за твојата душа, како што и пророкот Натан не се исплаши да ги изобличува гревовите на царот Давид.

Ги советуваше златоустиот патријарх и сите духовни и мирски властоносци, како и сите под него потчинети, секој совесно да ја извршува својата должност. И ова долго поучно слово за сите беше голема духовна наслада. Додека зборуваше, еден бесомачен меѓу народот нечистиот дух ненадејно го стресе и го фрли на земјата, и тој со морничав глас залелека, та сите ги обзеде ужас. Блажениот нареди да го доведат кај него, го прекрсти, го истера нечистиот дух и го стори здрав. Царот и сиот народ се израдуваа и Го прославија Бога, Кој им подари такво големо светило, лекар на душите и телата.

Откако ја прими црковната управа, свјатјејшиот патријарх кај сите луѓе од сите функции започна ревносно да ги искоренува лошите обичаи, нечистотата, зависта, неправдата и секое небогоугодно дело. Особено се трудеше околу свештенството. Притоа ги засадуваше чистотата, љубовта, правдата, милосрдието, вкоренувајќи ја секоја доблест и со својот златен јазик ги упатуваше сите на покајание. Човечките зла длабоко го потресуваа сомилосниот и човекољубив благовесник, а искреното покајание на грешникот правеше тој со солзи радосници сѐ да простува.

Не само во Цариград, туку и во околните градови и покраини, светиот угодник Божји многу се трудеше за спасението на човечките души. Од своите клирици испраќаше искусни, богобојазливи и свети мажи, со проповедта на зборовите Божји да го утврдуваат Православието, да ги искоренуваат безбожието и ересите и да ги изведуваат заблудените на патот на спасението. Во Финикија, која во тоа време сѐ уште беше еден од главните бедеми на незнабоштвото, тој до темел ги сруши древните идолопоклонички храмови. Келтскиот народ, заразен со аријанската ерес, мудро го излечи и обрати кон Православието, откако на избрани презвитери и ѓакони им наложи да го изучат келтскиот јазик, па ги испрати меѓу Келтите, за на нивен народен јазик да им ја проповедаат Православната вера. На ист начин ги просвети и Скитите. Тој ја избрка и Маркионитската ерес од источните покраини и со своето учење го озари сиот свет.

Свети Златоуст особено се грижеше за сиротите и болните, хранејќи ги гладните, облекувајќи ги голите, згрижувајќи ги сирачињата и вдовиците. Изгради многу болници и страноприемници за негување на болните и згрижување на бездомните и намерниците, кои немаа каде глава да засолнат. Сите ги издржуваше и снабдуваше со секоја потреба и им даде лекари и послуга. А за надзорници одреди двајца богобојазливи свештеници. Само во две свои болници во Цариград, свети Златоуст издржуваше редовно седум илјади и седумстотини сиромаси. Истовремено Христољубивиот светител многу ревносно се грижеше за црковното управување. Добрите ги сакаше и утврдуваше, а лошите ги советуваше и изобличуваше. За време на неговото патријархување во Цариград имаше уште многу аријанци, кои непречено ја исповедаа својата еретичка вера и вршеа свои богослуженија. Блажениот патријарх размислуваше како да го исчисти градот од таа ерес. И еднаш начека погодно време и му рече на царот:

- Благочестив, царе. Ако некој на твојата круна меѓу скапоцените камења стави прост, темен и нечист камен, нема ли со тоа да ја посрами целата круна?

Царот одговори:

- Несомнено дека ќе ја осрамоти.

Светителот продолжи:

- Така е осрамотен и овој град, кој, иако е православен, сѐ уште има во себе неверни аријанци. И како што ти, царе, би се разгневил поради срамотењето на твојата круна, така и семоќниот Бог се гневи за овој град, осквернет од аријанската ерес. Затоа треба еретиците или да ги присоединиш кон Православната вера или да ги протераш од градот.

Царот веднаш нареди да му ги доведат сите аријански водачи и им заповеда пред патријархот да ја исповедаат својата вера. Тие изговараа зборови полни со зловерие и хули на нашиот Господ Исус Христос. Тогаш царот издаде наредба да ги протераат од градот.

По некое време аријанците, имајќи на царскиот двор меѓу големците помошници и заштитници, започнаа повторно да доаѓаат во градот во недела, одејќи со литија кон својот соборен храм и пеејќи ги своите еретички песни, со кои хулеа на Пресвета Троица. За тоа дозна свјатјејшиот патријарх, па од страв некој од простиот народ да не земе учество со нив, му нареди на својот клир да прават литија по градот со чесни крстови, свети икони, запалени свеќи и пеење во слава на Пресвета Троица богопофални песни, составени против аријанските богохулни песни. Во тие православни литии учествувала и царицата Евдоксија. Понекогаш се сретнуваа и настануваа големи кавги меѓу правоверните и аријанците. Свечените литии на православните го привлекуваа народот од аријанските јавни богослужења што тие ги вршеа на плоштадите. Разгневени поради тоа, аријанците еднаш ја нападнаа православната литија и во пресметката загинаа неколку луѓе и од двете страни. На царскиот евнух Врисон, кој беше во православната литија, му ја разбија главата. Царот многу се разгневи на аријанците и им забрани да вршат литија и да влегуваат во градот. Така еретичкото богохулство конечно беше протерано од престолниот град.

Во Цариград живееше еден војвода Гаин, по потекло варвар, храбар во војните и многу почитуван од царот, но прелестен од аријанската ерес. Тој усрдно го молеше царот да им даде на аријанците некоја црква во градот. Не знаејќи што да му одговори, зашто не сакаше со одбивање да ги огорчи, бидејќи се плашеше Гаин, како лош и свиреп човек, да не предизвика некоја буна во царството, царот го извести светиот патријарх, кој му рече:

- Повикај ме кога Гаин ќе бара црква од тебе, па јас ќе му дадам одговор.

Наредниот ден, кога патријархот беше повикан во царските палати и седеше со царот, Гаин започна да моли од царот црква во Цариград за аријанците. И тоа бараше како природен надоместок за маките што ги поднел во војните и за покажаната храброст. Големиот Јован на тоа му забележа:

- Ако царот сака да биде богобојазлив, тогаш нема право да располага со црквите Божји, во кои постојат духовни власти, поставени од Бога. А ти, Гаине, ако сакаш да се молиш во црквата, влези во која што сакаш и моли се. Знај дека сите цркви во градот се отворени за тебе.

На тоа Гаин рече:

- Но, јас сум од друга вероисповед и затоа сакам со моите едноверни да имаме засебен храм во градот. Сега го молам царот, зашто многу маки сум поднел војувајќи за царството, проливајќи ја својата крв и полагајќи ја душата за царот.

Патријархот одговори:

- За твоите трудови и маки, како награда си добил големо почитување, слава, чин и подароци од царот. Треба да размислиш кој си бил порано, а кој си сега. Порано си бил беден и неславен, сега си богат и славен. Во каков чин си бил, живеејќи од онаа страна на Дунав, а во каков си сега? Тогаш си бил еден од простите и бедни селани, облечен во бедна облека и одвај си имал леб и вода да се прехраниш, а сега си почитуван и прославен војвода, облечен во скапоцена облека, имаш многу злато и сребро и безбројни имоти. И сето тоа си го добил од царот. Ете, каква награда си добил за своите трудови! Затоа биди благодарен и продолжи верно да му служиш на царот, а Божествени награди за световното служење не барај.

Посрамен од ваквите зборови, Гаин замолкна и од тогаш престана да бара црква. Царот се восхити на премудроста на патријархот, кој со малку зборови успеа да му ја затвори устата на лошиот и незауздан свиреп варварин.

Една година потоа Гаин се одметна од царот, собра силна војска и тргна во поход на Цариград. Царот немаше подготвена војска, се загрижи и го замоли свети Јован да појде да го скроти. Иако свесен дека го разлутил Гаин со спречувањето во градот да има аријанско собиралиште, сепак, светителот подготвен душата своја да ја положи за верните, отиде кај гордиот варварин. Бог му помогна на Својот слуга. Златоустиот патријарх со своите златни зборови го скроти ѕвероликиот човек, од волк го претвори во овца, и откако го помири со царот се врати.

Потоа, во зимата на 401 година, свети Златоуст без оглед на своето слабо здравје отпатува во Мала Азија, за да ги среди тамошните црковни состојби. Таму многу златољубиви епископи ја продаваа благодатта на Светиот Дух, земајќи пари за хиротонијата. Таков беше Ефескиот митрополит Антониј. Свети Златоуст го симна овој митрополит и шесте епископи, кои тој ги беше посветил за пари и на нивно место постави нов митрополит и епископи. Така постапи и со многу други, кои беа виновни за симонија. Во Лидија симна седум епископи и ги лиши од должноста, како оние што посветувале за пари така и посветените и постави достојни. Три месеци помина свети Златоуст во Мала Азија, средувајќи ги црковните состојби. Кога го воспостави поредокот се врати во Цариград. Додека живееше среде светот на така висока функција, блажениот Јован никогаш не ги остави своите први монашки подвизи, туку сето слободно време од црковните работи го минуваше или на молитва или во читање на Божествените книги, откако ќе се затвореше во својата осаменичка ќелија. Неговиот пост беше постојано строг и воздржанието неизмерно. Јадеше само јачменов леб и вода. Спиеше многу малку и тоа не на постела, туку стоејќи. На гоштевки и гозби никогаш не одеше. Сиот свој ум го посвети на запознавање и изучување на Светото Писмо. При тоа особено ги сакаше посланијата на свети апостол Павле, чија што икона имаше во својата ќелија. Во тоа време му ги објаснуваше на народот апостоловите посланија до Колосјаните, Филипјаните, Солунјаните и Евреите. Пишувајќи ги толкувањата на овие Посланија, во него се јави недоумица и се прашуваше дали тоа Му е угодно на Бога, дали ја сфатил силата на Светото Писмо или не.

И започна да се моли да биде известен за тоа. Бог набрзо му го даде следното известување. Една ноќ, затворен во ќелијата, свети Златоуст на запалена свеќа пишуваше Толкување. Во тоа време неговиот ќелијник Прокл, на молба на еден човек, кој имал потреба од итна помош од свети Златоуст, сакаше да влезе кај него, но претходно ѕирна низ клучалката и го виде патријархот како седи и пишува, а зад него стои човек, стар и многу величествен, и наведнат тивко му зборува на увото на патријархот. Тој човек во сѐ беше сличен на апостол Павле, насликан на иконите, која пред свети Златоуст висела на ѕидот од неговата ќелија. Прокл многу се зачуди и не можеше да сфати кој е човекот и како влегол внатре, кога сите врати се заклучени и чекаше да излезе. Меѓутоа, дојде време да се клепа за утрената и човекот стана невидлив. Таа иста глетка Прокл ја виде и во наредните две ноќи. Потоа се осмели лично да го праша патријархот:

- Владико, кој е оној што разговара со тебе ноќе?

Свети Златоуст одговори:

- Кај мене не бил никој.

Тогаш Прокл му раскажа сѐ, како низ клучалката го видел стариот почитуван човек, кој му шепоти на увото кога тој пишува. Притоа го опиша изгледот и лицето на јавениот. Свети Златоуст многу се чудеше, а Прокл погледна кон иконата на свети апостол Павле и рече:

- Таков беше оној што го видов.

Тогаш му стана јасно дека Прокл го видел свети апостол Павле. Така се увери дека неговата работа Му е пријатна на Господа, па падна на земјата и долго со солзи се молеше на Бога и Му благодареше. Од тогаш со уште поголема срдечност и ревност пишуваше Божествени книги кои ѝ ги остави зад себе на Црквата, како скапоцена ризница.

Големиот учител на целиот свет свети Јован Златоуст без никакво колебање ги изобличуваше сите неправди и кривини, а царот и царицата ги советуваше никому да не вршат неправда, туку да бидат праведни. На велможите и високите достоинственици кои приграбуваа туѓи имоти и злоставуваа сироти, тој им се закануваше со судот Божји. Затоа многу клирици и световни властоносци започнаа да негодуваат против него. Клириците затоа што од нив бараше да живеат свето според светиот евангелски закон, а световните властоносци бидејќи не сакаа да се откажат од своите пороци. Во нивните непокајани срца се јави гнев, кој постепено прерасна во пожар на омраза против светиот угодник Божји. Незаузданите започнаа на сите можни начини да го оговараат и клеветат дека божем во своите проповеди не поучува туку навредува, не советува туку прекорува, не воспитува туку хули дури и на самиот цар и царицата и на сите власти. Го нарекоа дури и немилосрден, од следната причина.

Во царскиот двор имаше еден евнух Евтропиј, старешина на царските постели. Вмешан, тој му се додвори на царот и стана негов миленик, па го наговори да издаде закон, со кој се укинува древниот обичај, според кој, човек осуден поради некоја вина од граѓанските власти на смрт, ако се сокрие во некоја црква, како некогаш Израилците во градот засолниште, се спасува од смртна казна. Со укинувањето на овој обичај на граѓанските власти им се дало право, ако осудениот на смрт побегне во црквата, насилно да го извлечат и да го усмртат. Укинувањето на овој обичај многу го здоболе свети Златоуст и го изобличуваше Евтропиј поради таквото насилство над Црквата. Но, по кратко време Евтропиј падна во јамата што самиот ја ископа за други и се закла себе си со мечот, кој го наостри за други. Поради некоја важна вина царот многу се разгневи на него и беше осуден на смрт. Тогаш тој побегна во црквата и се сокри во олтарот под престолот. А блажениот Јован, строг ревнител за црковните права и обичаи, одржа проповед во која го осуди неправедниот Евтропиев закон, кој ете сега со право се применува лично врз оној што го измисли и пропиша. И непријателите на Златоуст се фатија за овие негови зборови и меѓу народот започнаа да го осудуваат како немилосрден и нечовекољубив. Така ги поттикнуваа луѓето против него, но тој Му угодуваше на Бога, а не на луѓето и продолжи мудро и ревносно да управува со Црквата Божја.

Меѓу незадоволните имаше и многу клирици, всушност многу го сакаа добрите, а го мразеа лошите. Особено некои од клириците, кои водеа порочен живот, не го сакаа затоа што ги изобличуваше нивните злодела и некои од Црквата одлачуваше. Затоа многу беа гневни на него, а особено ги раздразни постапката со ѓаконот Серапион. Овој ѓакон благоверно му служеше на патријархот и живееше побожно. Еднаш тој во присуство на сите клирици му рече на светителот:

- Владико, не можеш сите да ги поправиш ако не ги потераш со жезолот.

Овие зборови раздразнија многумина и тие започнаа лошо да зборуваат меѓу народот, навредувајќи го достојниот за секоја пофалба. Незадоволството и непријателството спрема свети Златоуст најде место и кај високите претставници на Црквата. Во кругот на тие епископи беше и Северијан, митрополитот Гевалски. На почетокот тој ја уживаше љубовта на свети Златоуст, кој, одејќи во Мала Азија за средување на тамошните црковни состојби, му ја довери управата на својата паства. Управувајќи со Цариградската црква во отсуство на угодникот Божји, Северијан започна да работи против свети Златоуст и да сее незадоволство против него. Со помош на сплетки тој и на дворот најде свои согласници, надевајќи се дека на тој начин ќе го завземе неговото место. Со тоа ја надмина својата власт и дозволи во управата некои нереди. Кога се врати од Мала Азија, свети Златоуст ја согледа нискоста и лукавството на Северијан и за сторените нереди сакаше да го отстрани од престолнината. Но, за него се застапи царицата Евдоксија и на нејзина молба свети Златоуст му прости и се помири со него. Северијан остана ист во душата и продолжи тајно да работи против светителот.

Иако знаел за пакосната и клеветничка работа на своите непријатели, свети Златоуст не обраќаше внимание на тоа. Напротив, колку што тие повеќе го клеветеа и оговараа, толку повеќе растеше и се ширеше славата за него. Тој се прочу и во далечните земји и многумина доаѓаа од далеку да го видат и да го слушнат неговото учење.

При таквата слава злобата на сите негови непријатели не би била опасна за него ако меѓу нив не се наоѓала лично царицата Евдоксија. Таа беше најопасниот и најупорниот непријател на светиот угодник Божји. Сите зборови за среброљубието и приграбувањето на туѓото, кои свети Златоуст во своите проповеди ги упатуваше до сите, царицата сметаше дека се упатени само кон неа и дека тој неа ја изобличува и осудува. Таа беше многу среброљубива и ненаситно златољубива. На многумина им стори неправда, приграбувајќи им го имотот. Лута поради тоа на блажениот угодник Божји, започна да смислува како да го исфрли од патријаршискиот престол.

Во тоа време во Цариград имаше еден угледен човек, на име Теодорих, по чин патрициј, кој поседуваше големо богатство. Царицата му завидуваше и сакаше да се докопа до неговиот имот. Се трудеше да му најде некаква вина, за да му го одземе, но не најде, зашто беше добар и праведен човек. Затоа измисли ваква измама. Го повика Теодорих кај себе и му рече:

- Добро ти е познато дека секојдневно многу се троши од царските благајни на издржување на царската војска и на прехранување на безбројните луѓе. Од таа причина нашата благајна оскудева, па затоа дај ни на заем еден дел од својот имот. Со тоа ќе ти бидеме наклонети, а своевремено ќе ти биде вратено даденото.

На Теодорих му беше јасно дека царицата всушност сака да го задоволи своето ненаситно среброљубиво срце. Затоа отиде кај блажениот Јован, му раскажа сѐ и го молеше да го заштити од неа. Светителот веднаш ѝ напиша писмо, во кое ја советуваше со кротки зборови да не му врши неправда на Теодорих. Иако лута на патријархот, таа овој пат го послуша, засрамена од неговите премудри зборови.

Потоа Теодорих, слушајќи ги златните зборови на светителот за милостињата и за собирањето на богатства, не на земјата туку на небото, каде што никој нема ни да завидува ни да граба, одлучи своето богатство да го даде на Небесниот Цар. Остави мал дел од својот имот за себе, а останатиот огромен имот го подари на црковната гостоприемница за странците, бедните и болните. Царицата многу се огорчи и му испрати ваква порака на блажениот Јован:

- Според твојот совет, свет патријарху, јас ништо не зедов од патрицијот Теодорих за потребите на нашето царство, а ти си го приграбил неговиот имот за свое збогатување. Нели би било подолично да го земевме ние, а не ти? Теодорих се збогатил од царската служба. Зошто не се угледа на нас? Како што ние не зедовме ништо, така требаше и ти да не го земеш неговиот имот.

Свети Златоуст вака ѝ возврати:

- Сметам, дека ти е познато, дека ако сакам богатство ништо нема да ме спречи да го имам. Моите родители беа многу богати, високородни, многуимотни. Но, јас добороволно се одреков од богатството. Зарем сега не е срамно да го барам она што самиот го оставив и други учам тоа да го презираат? Ти тврдиш дека Теодориховиот имот сум го зел за свое богатење. Знај дека Теодорих ништо не ми дал мене. И да ми давал јас не би примил. Своето богатство тој Му го даде на Христа, вршејќи милостиња на ништите и бедните. И добро сторил, зашто стократно ќе прими од Христа во идниот век. Јас би сакал и ти како него да собираш имот за себе на небото, за кога ќе осиромашиш да бидеш примена во вечната обител. Ако пак имаш намера од Христа да го земеш тоа што Теодорих Му го дал, што можеме ние тука? Како што самата ќе видиш, ти нема да нѐ навредиш нас, туку самиот Христос.

Од ова писмо царицата уште повеќе се разгневи и размислуваше како да му се освети. Во тоа време во Цариград од Александрија дојде една вдовица, на име Калитропа, по следната работа. Кога во Александрија управуваше војводата Павликиј, кој имаше чин августалиј, некои завидливи луѓе му доставија дека таа божем има многу злато. А пак Павликиј беше многу златољубив. Затоа лажно ја обвини таа вдовица и ја присилуваше да му даде петстотини златници. Таа немаше толку пари, заложи кај своите соседи сѐ што имаше, одвај собра петстотини златници и му ги даде. Но, тој наскоро беше сменет од должноста поради неправилно работење и беше одведен на суд во Цариград. По него тргна и таа кутра вдовица, падна пред царот и со солзи се жалеше од Павликиј дека насилно и ги зел златниците. Царот му нареди на цариградскиот градоначалник да ја иследи оваа работа, да пресуди, и да ѝ врати на вдовицата сѐ што ѝ зел Павликиј. Но, градоначалникот беше на негова страна, пресуди дека е невин, а вдовицата ја отпушти празна. Уште повеќе навредена со тоа, вдовицата прибегна кон царицата и побара помош од неа. Златољубивата царица се израдува, зашто се надеваше дека ќе извлече многу злато. Таа веднаш го повика Павликиј, гневно го изобличи за грабеж и за неправдата извршена над бедната вдовица и го стави под стража, додека не даде сто литри злато. Притеснет, Павликиј испрати во својот дом да донесат злато колку што бара царицата и ѝ го даде. Таа ѝ даде на вдовицата само триесет и шест златници а останатото го задржа за себе. Вдовицата си замина расплакана од неправдата. Кога слушна дека свети Златоуст се застапува за обесправените, прибегна кај него и му раскажа сѐ што ѝ сторија. Свети Златоуст ја утеши, го повика Павликиј во црквата и му рече:

- Знаеме какви неправди си вршел со угнетувањето на бедните и насилното грабање на туѓите имоти и како си постапил со оваа кутра вдовица, без страв од Бога, Кој е Татко на сиротите и Заштитник на вдовиците. Те повикав да ги вратиш петстотините златници на неправедно оштетената, за таа да се помири со своите доверители и да не умре во крајна беда со своите деца. Тогаш и ти ќе се ослободиш од својот грев и ќе Го смилостивиш Бога, Кого си го разгневил и Кој ќе ти се одмазди ако не се покаеш.

Павликиј одговори:

- Владико, оваа вдовица ми стори неспоредливо поголема неправда. Жалејќи се на царицата од мене, таа ми зеде сто литри злато. Што повеќе сака од мене? Нека појде кај неа и нека го земе своето.

Светителот му рече:

- Ако царицата зела од тебе толку злато, сепак оваа вдовица сѐ уште не го добила своето. Таа не е виновна за неправдата што ти ја сторила царицата. Зела од тебе толку многу злато, не за неправдата што си ја нанел на вдовицата, туку за другите твои гревови и грабежи, извршени додека си бил на власт. Немој да се правдаш зборувајќи против царицата. Ти велам, нема да излезеш одовде додека не ѝ вратиш на вдовицата сѐ што си зел од неа, до последниот златник. А оние триесет и шест златници што ѝ ги даде царицата нека ѝ бидат за патни трошоци.

И свети Златоуст не го пушташе Павликиј од црквата. Кога дозна за тоа царицата му испрати ваква наредба:

- Пушти го Павликиј. Јас веќе зедов од него доста злато за тој долг.

На нејзините пратеници светителот им одговори:

- Павликиј нема да биде ослободен додека не ѝ го врати на бедната жена одземеното.

Царицата по втор пат упати барање да го ослободи Павликиј, но светителот одговори:

- Ако царицата сака да го ослободам, тогаш нека ѝ испрати на вдовицата петстотини златници. Тоа за неа не е многу, зашто многу повеќе зела од Павликиј, сто литри злато.

Царицата многу се ралути и веднаш испрати два капетана со по сто војници, насилно да го извадат Павликиј од црквата. Но, кога војниците сакаа да влезат, одненадеж се појави ангел Господов, кој со меч стоеше на вратата и не им дозволуваше да влезат. Војниците се исплашија од страшниот Ангел, побегнаа кај царицата преплашени и ја известија за јавениот ангел. Таа се запрепасти и не се осмели повеќе да испраќа кај светителот по Павликиј. Кога виде дека царицата не му помогна, ѝ врати на вдовицата петстотини златници и беше пуштен од црквата. Така вдовицата радосна се врати во својот град.

Царицата не престануваше да се гневи на блажениот Јован и во нејзиното срце сѐ повеќе се зголемуваа бесот и злобата против незлобивиот и праведен угодник Божји. По кратко време таа испрати кај свети Златоуст свои слуги, строго и љубезно да му ја соопштат оваа нејзина наредба:

- Престани да ни се противиш и не мешај се во нашите царски работи, зашто и ние не се мешаме во црковните, туку оставаме ти сам да ги уредуваш. Престани во црквите да правиш од мене приказна за сите, зборувајќи за мене и изобличувајќи ме. Досега те сметав за татко и те почитував, но ако не се поправиш и не започнеш добро да се однесуваш со мене, знај дека тоа повеќе нема да го трпам.

Блажениот Јован многу се нажали, длабоко воздивна и им рече на пратениците:

- Царицата сака јас да бидам како мртов: да не ја гледам неправдата што се врши, да не го слушам гласот на угнетените, расплаканите, натажените, да не ги изобличувам оние што грешат. Бидејќи сум епископ и ми е доверена грижата за душите, јас сум должен со будно око да внимавам на сите, да ги сослушувам, поучувам и упатувам сите, и да ги изобличувам непокајаните. Знам дека е сигурна пропаст да не се изобличува беззаконието и да не се опоменуваат беззакониците. Се плашам и врз мене да не се применат зборовите на пророкот Осија: „Свештениците се здружени разбојници, тие убиваат по патот на Сихем, срамни работи вршат (Ос. 6, 9). Божествениот Апостол наредува: „Пред сите да го караме оној што греши, за и другите да имаат страв“ (1 Тим. 5, 20). Тој уште учи: „Проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, изобличувај, запретувај, умоли, советувај со голема долготрпеливост и поука“ (2 Тим. 4, 2). Јас го карам беззаконието, а не беззакониците. Никаде не зборував во лице за некое беззаконие, никого не понижив, нити некогаш го споменав нејзиното име за нејзино изобличување. Јас воопшто ги поучував сите и поучувам да не прават зло и да не го навредуваат ближниот. Ако пак некои, од оние што ги слушаат моите поуки, ги осудува совеста за сторените лоши дела, тогаш не треба да се гневат на мене туку на себе, нека бегаат од злото и нека вршат добро. Ако царицата знае дека не сторила никакво зло, нити некого навредила, зошто тогаш се лути на мене, кој ги учам луѓето да ја одбегнуваат секоја неправда? Подобро би било таа да се радува што не сторила никаква неправда и што јас ревносно ги учам на спасение луѓето над кои таа царува. Ако ги сторила гревовите кои што јас со своите поуки се трудам да ги искоренам од човечките срца, тогаш нека знае дека не јас, туку самите нејзини дела ја изобличуваат и на нејзината душа ѝ нанесуваат голем срам. Затоа нека се гневи кој како сака, но јас нема да престанам да ја зборувам вистината. За мене е подобро да ги разгневувам луѓето, а не Бога. Кога би им угодувал на луѓето, тогаш не би бил слуга Христов (Гал 1, 10).

Така свети Златоуст ги отпушти. Тие се вратија кај царицата и ѝ пренесоа сѐ што слушнаа. Тоа уште повеќе ја разбесни и уште повеќе непријателски се настрои спрема свети Јован. И не само таа, туку и многу други, кои живееја неправедно и без покајание, му беа непријатели на светителот. Такви имаше не само во Цариград туку и во далечните земји. Меѓу нив беа александрискиот патријарх Теофил, кој од самиот почеток не го сакаше и не сакаше тој да биде патријарх; Акакиј, епископот Беријски, Северијан Гевалски и Антиох Птоломаидски, а во Цариград два презвитера и пет ѓакони, многумина од царските палати и три познати и богати вдовици со развратен живот, Марса, Кастриција и Евграфија. Сите тие го мразеа свети Јован, се договараа меѓу себе, се трудеа да му створат некаква вина, за да можат да протуркаат меѓу народот лош глас за него. Пред сѐ, тие испратија во Антиохија специјални луѓе, за таму да дознаат дали Јован сторил некакво зло, макар и во детството. Но нивните истражувања беа залудни, не најдоа ништо. Потоа испратија во Александрија кај Теофил мајстори, вешто да сковаат лага. Но, ни тој не можеше за ништо да го обвини свети Јован, кој како сонце блескаше со доблестите. При сето тоа Теофил, подучуван од самиот сатана, ревносно се трудеше Јован да го симне од престолот. И го стори тоа, имајќи ја за помошник царицата и останатите лоши луѓе. Прогонството на свети Златоуст се случи на следниов начин:

Во Александрија имаше еден угледен презвитер Исидор странопримец, односно хранител на странците, човек со свет живот и мудар, познат по своите доблести и богомудрост. Тој беше веќе стар, имаше осумдесет години. За презвитер беше поставен од свети Атанасиј Велики. Теофил беше непријателски расположен спрема овој Исидор поради александрискиот презвитер Петар, кого Теофил сакаше без вина да го лиши од чинот и да го одлачи од Црквата, а Исидор го штитеше Петар и докажуваше дека обвинувањата против него се неправедни. Затоа Теофил беше гневен на Исидор. Кога без причина го одлачи Петар од Црквата, започна да бара вина кај Исидор, за и него да го одлачи.

Во тоа време една вдовица Теодотија му даде на Исидор илјада златници, за да ги облекува во Александрија просјаците, сирачињата и бедните вдовици. Притоа го замоли за тоа да не му зборува на патријархот Теофил, за да не го земе златото и да го потроши на градби. Исидор постапи според нејзината молба, но Теофил потоа дозна за златниците, многу се разгневи и невиниот и целомудрен старец го обвини за противприроден грев. За доказ на своето клеветничко обвинување купи лажни сведоци со злато. Но, лагата на Теофил беше обелодената и невиниот Исидор беше ослободен. При сето тоа патријархот Теофил во својата незауздана злоба сепак го лиши Исидор од презвитерскиот чин, го извади од клирот со ќотек и бесчестење невиниот угодник Божји. Невино настраданиот ја напушти Александрија и се оддалечи на молитвено тихување во Нитријската Гора, во која како млад се подвизувал. И живееше таму во една колиба, молејќи се на Бога и трпеливо поднесувајќи ја својата несреќа.

Во тоа време во египетските манастири живееја четири браќа, доблесни и богобојазливи, кои целиот свој живот го минуваа во пост и монашки трудови. Се викаа Диоскор, Амониј, Евсевиј и Евтимиј, а прекар им беше „Долги“, бидејќи сите се одликуваа со висок раст. Овие браќа поради нивниот доблесен живот ги почитуваа не само жителите на Александрија, туку и Теофил. Еден од нив, и тоа Диоскор, без да сака Теофил го постави за епископ Хермополски, а неговите двајца браќа Амониј и Евтимиј ги замоли да се населат со него во патријаршијата и ги принуди да примат свештенички чин. Додека живееја покрај Теофил, тие видоа дека тој не живее според Бога, дека повеќе го сака златото отколку Бога и врши многу неправди. Затоа го оставија и повторно се вратија во своето пустиничко молитвено тихување. Кога ја сфати причината за нивното заминување, Теофил многу се навреди, љубовта кон нив ја претвори во јарост и размислуваше како да им се освети. За таа цел најпрвин пушти глас дека божем Долги заедно со симнатиот Исидор ја почитуваат Оригеновата ерес и дека со таа ерес соблазниле многу монаси. Потоа им испрати на најблиските епископи наредба, веднаш да ги избркаат најстарите монаси од Нитриската пустина, без да им ја објасни причината за тоа. Кога епископите ги избркаа од гората и од пустината сите благочестиви и богоугодни подвижници, тогаш сите тие се собраа, отидоа заедно во Александрија кај патријархот и го молеа да им каже поради што се осудени и прогонети од своите живеалишта. А патријархот, избезумен од гнев, се стрча кон нив и како бесомачен го замота омофорот околу вратот на Амониј и го тепаше и викаше:

- Еретику, проколни го Ориген!

Потоа ги натепа и останатите, ги раскрвари, и без да им дозволи збор да кажат, сите со срам ги избрка од себе. А тие, кога не добија одговор на своето прашање, се вратија во своите колиби со доза на јарост и бес кон него.

Теофил ги собра блиските епископи и ги предаде на анатема четирите невини монаси: Амониј, Евсевиј и Евтимиј, браќата на Диоскор, и гореспоменатиот блажен Исидор, без да ги повика и да ги испраша за нивната вера. Но, неговата јарост не се скороти со тоа. Лично напиша против нив многу лажни обвинување, обвинувајќи ги за ерес, за волшепства и за многу други тешки гревови. Потоа најми за пари клеветници и лажни сведоци, им ги врачи тие лажни обвинувања и им нареди кога тој на празникот во црквата ќе го поучува народот да му пристапат, да му го предадат напишаното против монасите и да приложат лажни сведоци. Кога сѐ беше сторено, патријархот нареди лажните обвинувања да се прочитаат во црквата. Потоа му ги приложи тој на градоначалникот, зеде од него околу петстотини војници и се упати со нив во Нитриската Гора, со намера да ги избрка од Египет, Исидор, Диоскоровите браќа и сите нивни ученици, како еретици и магепсници. Со помош на војската Теофил најпрвин го симна од епископскиот престол Диоскор, а потоа ги опи војниците, ја нападна ноќе Нитриската Гора, и ги бараше пред сите Исидор и Диоскоровите браќа Амониј, Евсевиј и Евтимиј. Откако не ги најде, бидејќи се беа сокриле во една длабока јама, им нареди на војниците да ги нападнат тамошните монаси, да им ги запалат живеалиштата и да го разграбат нивниот беден имот, облека и храна. Пијаните војници се растрчаа на сите страни по пештерите низ пустината, и погубија и задушија во чадот до десет илјади постници, во десетиот ден на месец јули, кога во светата Црква се врши нивниот спомен. Останатите монаси се разбегаа, криејќи се кој каде што може. Потоа Теофил се врати во Александрија.

Преостанатите монаси по овој колеж се собраа, ги оплакаа своите убиени отци и браќа, па се разидоа кој каде што сака. Диоскор со браќата, блажениот Исидор и многу други монаси, кои заблескале во постот и останатите добродетели, прекрасни чудотворци, многу ожалостени се оддалечија во Палестина. При тоа ним не им беше тешко тоа што се намачени и прогонети, туку што без никаква причина се одлачени од страна на Теофил од Црквата и вброени во еретиците. Но и во Палестина тој не ги остави на мира, туку веднаш им испрати на палестинските епископи ваква порака:

„Не треба без моја согласност да ги примате одлачените и избегани од мене“.

Тогаш прогонетите, не знаејќи каде да се обратат, отидоа во Цариград, кај свети Јован Златоуст, како кај сигурно пристаниште, паднаа пред него и со солзи го молеа да им помогне. Кога ги виде во таква неволја педесетте луѓе остарени во добродетелите, свети Златоуст се сожали и расплака. Откако дозна поради што доживеале такви напасти од Теофил, ги утеши и успокои, па ги смести при црквата свети Анастасиј. А за издржување покрај свети Златоуст им помагаше и света Олимпијада ѓаконисата, која од свои средства ги снабдуваше со секоја потреба. Оваа ѓакониса целото свое богатство го користеше за згрижување и издржување на сиротите и странците. Таа навистина беше света. Нејзиниот спомен се празнува на дваесет и петти Јули. Навистина беа свети и тие монаси, од кои споменот на некои Црквата започна да го празнува подоцна. Меѓу нив особено се издвојуваше еден по име Јеракс, кој многу години помина во пустината. Еднаш кај него дојдоа ѓаволи и му говореа:

- Старче, ти ќе живееш уште педесет години, а не ќе можеш да издржиш толку долго време во пустината.

А тој, сфаќајќи го нивното препредено искушување, им рече:

- Вие ме ожалостивте со претскажувањето на толку краткотраен живот, зашто јас се подготвував во оваа пустина да трпам уште двесте години.

Кога го слушнаа тоа, ѓаволите побегнаа посрамени.

Ете таков отец, кого ѓаволите не можеа да го расколебаат, избрка Теофил Александриски. Меѓу светите монаси беше и Исак презвитерот, ученик на свети Макариј Велики, чист од утробата на својата мајка, зашто беше донесен во пустината како петгодишно дете и таму израсна. Тој беше голем познавач на Светото Писмо и многу начитан. Воопшто, сите тие од Теофил прогонети монаси, беа свети и преподобни. Блажениот Јован многу ги почитуваше, не им бранеше да одат во црквата, но до Светата Причест не им даваше пристап, додека целосно не ја расветли причината за нивното одлачување и не ги помири со Теофил. Тој ги задржа да не се жалат на царот од Теофил, ветувајќи им дека со своите писма ќе го помири со нив. И навистина, свети Златоуст веднаш му испрати писмо на Теофил, молејќи го да им дозволи на овие монаси мирно да живеат во своите ќелии во Египет и повторно да ги прими во крилото на Црквата Христова.

Теофил го доби Златоустовото писмо. Но, покрај тоа, тој од некои клеветници беше слушнал дека светителот божем им дозволува света Причест на прогонетите монаси, што не беше вистина. Многу разгневен поради тоа, Теофил сурово му отпиша, обвинувајќи го за нарушување на црковните правила. Свети Златоуст по втор пат му упати на Теофил мирољубиво писмо, молејќи го да престане со гневот и да не им брани на монасите да се вратат. Но, тој му возврати уште погрубо и беше полут на светителот отколку на самите монаси. Кога видоа дека останува упорен во својата злоба, дури тогаш прогонетите монаси напишаа жалба до царот, во која ги опишаа своите маки од Теофил и му ја предадоа кога беше во црквата. Царот се сожали на овие честити и доблесни монаси, и веднаш му испрати наредба на Александрискиот епарх, Теофил дури и принудно да го испрати во Цариград на суд, за пред патријархот Јован и соборот од епископи да одговара за својата злоба и да биде осуден за своите дела. Царот исто така му напиша и на римскиот папа Инокентиј, молејќи го од своја страна да ги повика епископите во Цариград на собор, за судење на Теофил. Папата веднаш им нареди на своите епископи да бидат подготвени за пат и очекуваше вести од царот Аркадиј, дали веќе се собрале источните епископи. Но, царот не напиша повторно и западните епископи не отпатуваа во Цариград. А Теофил го поткупи Александрискиот епарх, та тој му дозволи да остане во Александрија додека не донесе од Индија наубави мириси, слатки и колачи, кои со кораб би ги испратил во Цариград. Во тоа време Теофил го придоби свети Епифаниј, епископот Кипарски, откако го наклевети Златоуст дека божем е еретик, бидејќи ги примил кај себе Оригеновите следбеници и се причестува со нив. Незлобивиот Епифаниј не го прозре Теофиловото лукавство и ревносен за побожноста ги проколна Оригеновите книги на помесниот собор на Кипар, а потоа му напиша на свети Златоуст, препорачувајќи му да го стори истото. Но, свети Златоуст не брзаше со оваа работа, туку продолжи да го изучува Светото Писмо, и со сета душа се трудеше во црквата да го поучува народот и да ги приведува грешниците на покајание. Кога Теофил се подготвуваше за Цариград, го замоли и Епифаниј да појде. Притоа му зборуваше дека таму ќе одржат собор против оригенистите.

Свети Епифаниј веднаш тргна и пред Теофил стигна во Цариград. А во меѓувреме се случи следното:

Во Цариград живееше еден велможа на име Теогност, добар и богобојажлив човек. Тој беше наклеветен кај царот од некој завидлив и зловерен великодостојник, дека божем го навредувал царот, а царицата ја нарекувал златоненаситна и зборувал дека таа неправедно присвојува туѓи имоти. Царот се налути на Теогност и нареди да го испратат во Солун на заточение и да му се одземе сиот имот и богатство, а на неговата сопруга и децата да им се остави само едно лозје надвор од градот, за издржување. На пат за Солун Теогност се разболе од мака и тага и умре. Неговата сопруга од преголема болка отиде кај свети Златоуст и со солзи му раскажа сѐ. Светителот ја тешеше со мудри зборови и ја советуваше сите грижи да му ги остави на Господа. При тоа ѝ дозволи секојдневно да зема за себе и за децата храна од црковната гостоприемница, а самиот бараше погодно време кога би можел да го замоли царот да нареди на оваа вдовица и нејзините деца да им се врати неправедно одземениот имот. Но, тоа го попречи злобата на царицата, и таа им зададе големи тешкотии и на вдовицата и на блажениот Златоуст.

За време на бербата на грозјето, кога сите луѓе одеа во своите лозја, тргна и царицата Евдоксија во своите. Но, кога минуваше покрај лозјето на Теогност, кое беше недалеку од нејзиното, тоа многу ѝ се допадна. Таа влезе во него, скина еден грозд и го изеде. А постоеше царски пропис според кој, ако царот или царицата влезат во туѓо лозје и изедат грозд, тогаш сопственикот на тоа лозје го губи правото над него и тоа станува царско, а на сопственикот или парично му се надоместува или му се дава друго лозје во замена. Согласно со овој пропис, царицата Евдоксија нареди Теогностовото лозје да се прогласи за царско. Таа постапи така за да ѝ наштети на вдовицата и нејзините деца, и барала барем нешто со што би можела да го обвини свети Златоуст и да го протера од црквата. Се рабира, таа знаела дека ако светиот патријарх дознае за тоа нема да молчи туку ќе ја заштити кутрата вдовица. Со тоа ќе пламне раздор, та таа ќе ја оствари својата замисла.

Така и се случи. Оштетената вдовица навистина прибегна кон блажениот Златоуст и низ солзи му раскажа дека царицата и го одзела лозјето, таа последна надеж за прехрана на децата. Свети Златоуст веднаш ѝ испрати писмо по архиѓаконот Евтихиј, молејќи ја за милосрдност, потсетувајќи ја на доблесниот живот на нејзините родители и претходните цареви, влевајќи ѝ во срцето страв Божји, укажувајќи ѝ на страшниот Суд Божји, и молејќи ја да ѝ го врати лозјето на бедната вдовица. Но, непокорната царица се оглуши на неговите поуки и како навредена, арогантно изјавуваше дека повеќе нема да трпи такви навреди. Таа му напиша:

- Ти, без да ги знаеш царските прописи, ме осудуваш како неправедна и многу ме навреди. Повеќе нема да ги трпам твоите навредувања, ниту пак тебе, кој не престануваш да ме омаловажуваш.

Откако го прочита нејзиното писмо, свети Златоуст отиде кај неа во дворецот и започна со благи зборови да ја советува, молејќи ја да го врати лозјето. Но, таа му одговори:

- Јас веќе ти пишував што пропишале поранешните цареви во однос на лозјата. Вдовицата во замена нека си избере друго лозје или нека прими паричен надоместок.

На тоа светителот ѝ рече.

- Таа не бара друго лозје и не сака надоместок во пари, туку моли да ѝ се врати одземеното.

Царицата одговори: 

- Немој да се противиш на древните царски закони. Тоа не ќе ти е за добро.

Светиот угодник Божји ѝ рече:

- Немој да ги оправдуваш своите постапки со древните прописи и закони, пропишани од незнабожечките цареви. Тебе, благочестива царице, ништо не те попречува да го укинеш неправедниот закон и да воведеш праведен. Врати ѝ го лозјето на оштетената вдовица, да не те наречам втора Језавела,и да не паднеш под проклетството под кое што падна таа нечестива царица Израилска.

Царицата многу се разгневи и со своето викање го исполни целиот дворец, обелоденувајќи го својот прикриен јад и викајќи:

- Лично ќе ти се осветам за сѐ! На жената не само што нема да ѝ го вратам лозјето, туку нема да ѝ дадам ни замена за него, ниту ќе ѝ го исплатам! А тебе ќе те казнам за навредата!

И нареди свети Јован насилно да го исфрлат од палатата.

Така срамно исфрлен од царицата, свети Златоуст на многу строг начин му ја издаде на својот архиѓакон Евтихиј оваа наредба:

- Кажи им на црковните вратари, кога ќе дојде царицата да ги затворат вратите пред неа, и да не ѝ дозволат да влезе во црквата ниту таа ниту нејзината придружба. И да ѝ кажат дека Јован така наредил.

На Крстовден сиот народ се собра во црквата. Дојде и царот со своите големци. А кога стигна царицата со сета своја свита, вратарите ги затворија вратите пред неа, согласно со наредбата на патријархот. Кога нејзините слуги викаа да ѝ отворат на госпоѓата царица, вратарите одговорија:

- Патријархот нареди да не ја пуштаме!

Многу посрамена и огорчена, царицата силно викаше:

- Гледајте и сфатете сите, каков срам ми нанесува овој гневлив човек! Сите непречено влегуваат во црквата, а само мене не ми се дозволува! Зарем јас не можам да му се одмаздам и да го тргнам од престолот?

Додека царицата така викаше, еден од нејзината свита го извлече мечот и замавна да удри во вратата, но во тој миг раката му се вкочани и исуши како мртва. Царицата и сите со неа многу се запрепастија и се вратија назад. А човекот со исушена рака влезе во црквата и застана меѓу народот, со силен глас молејќи:

- Помилуј ме, Владико свети, и исцели ја мојата исушена рака, која се крена против светиот храм. Згрешив, прости ми!

Кога ја сфати причината за неговата несреќа, свети Златоуст нареди да му ја измијат раката во олтарниот мијалник, и за миг се исцели. Сето тоа не беше сокриено од царот. Но, тој, знаејќи го незгодниот карактер на царицата, молчеше како да не знае ништо. Тој многу го сакаше и почитуваше свети Златоуст и со задоволство го слушаше. Но, царицата на сите можни начини лукаво се трудеше да го протера, што наскоро ѝ појде од рака.

Во тоа време во Цариград допатува Епифаниј, епископот Кипарски, носејќи со себе книги напишани против Ориген. Тој влезе во црквата на свети Јован Претеча, отслужи света Литургија и ракоположи еден ѓакон, спротивно на каноните, кои што му забрануваат на епископот без дозвола на епархискиот архијереј да посветува било кого во туѓата паства. Потоа влезе во градот и отседна во една приватна куќа. За сето тоа дозна свети Златоуст и не се разгневи, бидејќи знаеше дека Епифаниј е свет и незлобив човек. Тој дури и испрати кај него да го повикаат да дојде и да живее со него во патријаршискиот дом, како што прават сите епископи. Но, Епифаниј не се согласи, па дури не сакаше ни да се види со него, а на пратениците им одговори:

- Ако Јован не го протера од градот Диоскор со неговите монаси, и ако не се потпише против Оригеновите книги, јас нема да имам заедница со него.

На тоа свети Јован му одговори преку пратеникот:

- Пред соборното расудување не треба да се прави ништо произволно.

Непријателите на свети Златоуст дојдоа кај Епифаниј; го замолија да појде во црквата на светите Апостоли, пред целиот народ да ги проколне Оригеновите списи, да ги одлачи како оригенисти сите монаси прогонети од Египет, заедно со Диоскор, и да го изобличи свети Јован што прима оригенисти и го дели нивното мислење. Ревносен за верата, Епифаниј утредента отиде во црквата, а свети Златоуст му испрати ваква порака:

- Епифаниј, ти правиш многу противканонски работи. Пред сѐ, си вршел Литургија и си ракополагал во мојата паства без моја согласност, а потоа одби да живееш со нас. А сега удираш врз Црквата на мојата епархија, и се осмелуваш без соборски суд да вршиш одлачување. Внимавај да не предизвикаш бунт меѓу народот и да се најдеш во опасност.

Епифаниј се поколеба, излезе од црквата, и реши да го чека доаѓањето на Теофил. Меѓутоа Господ не допушта меѓу неговите угодници да има и најмало непријателство, и на таинствен начин му откри на Епифаниј дека Јован е чист како сонце и дека од завист е наклеветен. Тој навистина од многумина слушал за неговите големи добродетели, за беспрекорната вера, за неговиот совршен живот, и се чудел што многумина се креваат против него и му подметнуваат најразлични обвинувања. Затоа кипарскиот светител започна стрпливо да очекува како ќе се заврши таа работа.

Но, кога царицата Евдоксија дозна дека Епифаниј го одбегнува Јована и не се согласува со него, претпостави дека не се во добри односи. Таа го повика Епифаниј и му рече:

- Оче Епифаниј, ти знаеш дека целото царство е во наши раце. Еве, денес целата црковна власт ќе ја дадам во твоите раце, ако ме послушаш, ако ја исцелиш тагата на моето срце и го извршиш тоа што сум го смислила.

Епифаниј одговори:

- Зборувај чедо, и ние според нашите можности ќе се потрудиме да го сториме корисното за спасението на вашата душа.

Тогаш царицата, мислејќи дека со измама ќе го придобие за својот план, започна вака да му зборува:

- Ете, оној Јован стана недостоен за црковната управа и толку големата функција, зашто се крена против царот и не ни го оддава потребното почитување. Освен тоа, многумина зборуваат дека одамна е еретик. Затоа сакаме да свикаме собор, да го лишиме од патријаршискиот чин и да поставиме друг, кој би можел добро да управува со Црквата.

Додека така му зборуваше, царицата сета трепереше од силниот гнев. Потоа продолжи:

- Меѓу останатото, не е потребно да се замараат толку многу отци да доаѓаат овде на собор. Подобро е, свети оче, ти лично да го отстраниш од Црквата и да назначиш друг, на кого Бог ќе ти укаже, а јас ќе уредам сите да те послушаат.

Епифаниј ѝ одговори:

- Чедо, смири се и сослушај го својот отец. Ако Јован е еретик, како што вие тврдите, и не се покае за својата ерес, тогаш е недостоен и ќе постапиме со него како што ќе наредиш. Но, ако сакаш да го протераш затоа што те искарал, тогаш јас нема да се согласам со тоа, бидејќи царевите не треба да бидат злопамтиви туку добри, кротки и да ги простуваат навредите. И вие имате над себе Цар на небесата и барате од Него простување на вашите гревови, па така постапувајте и со останатите. Спасителот рекол: „Бидете милостиви како што е Милостив вашиот Отец небесен“ (Лк. 6, 36).

Царицата на тоа му рече:

- Оче, ако не го протераш Јован, јас ќе отворам идолски храмови, ќе направам многумина да отстапат од Бога и да им се поклонат на идолите, та тогаш ќе биде полошо.

Тоа царицата го зборуваше гневно и низ солзи. Зачуден од нејзиниот безумен гнев, Епифаниј ѝ рече:

- Јас сум чист од таквата осуда на праведникот.

И си замина. Но, по целиот град се пронесе глас дека царицата го наговорила големиот Епифаниј против Јован, и дека тој во царските палати се договара со неа за симнувањето на патријархот. Тој глас допре и до Златоуст, и тој му изговори на народот во црквата поука, во која ја спомнува од Светото Писмо злобата на разни жени. Многумина од народот, додека го слушаа неговото излагање за жените, помислиле дека тој зборува конкретно за царицата, а неговите непријатели запишаа сѐ што изговори и ѝ го предадоа. Таа сметаше дека овие зборови се однесуваат само на неа, и со солзи отрча кај царот, жалејќи му се дека Јован ја навредува во црквата пред целиот народ и низ солзи му зборуваше:

- Знај дека кога ме навредуваат мене истовремено те навредуваат и тебе, и кога Јован ме обезличува мене те обезличува и тебе. Мојот срам е и твој срам!

И го молеше царот да се свика собор и Јован да го осуди на прогонство. Истовремено таа му напиша и на Теофил Александриски, брзо да дојде во Цариград, без да се плаши, велејќи:

„Јас ќе го измолам царот за тебе и ќе им ги затворам устите на сите твои противници. Само дојди веднаш и доведи многу епископи, да го протераш мојот непријател Јован.

Охрабрен, Теофил веднаш тргна, со кораби натоварени со индиски мириси, овошје, скапоцени ткаенини, свилени и златоткајни, за многумина да прелести и придобие за својот план.

Во тоа време блажениот Јован му напиша на свети Епифаниј:

- Брате Епифаниј, слушнав дека си дал согласност за мое прогонство. Знај дека својот престол повеќе нема да го видиш.

А Епифаниј му отпиша вака:

- Страдалниче Јоване, со трпење на неправдата победувај! Но, знај дека и ти нема да стигнеш до местото на прогонството.

И се исполни пророштвото и на двајцата. Епифаниј се задржа во Цариград уште некое време и увиде дека сакаат неправедно да го осудат свети Јован. За да нема удел во разбојничкиот суд над праведникот, тој со својата придружба тајно замина и по пат со коработ се претстави кај Господа, пред да стигне во својот град и престол. Исто така и свети Златоуст, за време на своето второ прогонство, не стигна до местото одредено за заточение, туку заспа во Господа. За тоа ќе стане збор подоцна. Сега да се вратиме на настанот.

Со надеж на помош од царицата, Теофил бестрашно итно пристигна во Цариград со многу епископи, кои вешто ги придоби на своја страна. Царот не сакаше да разговара со Теофил додека од кај папата Инокентиј не стигнат римските епископи, зашто не знаел дека Римјаните очекуваат од него второ писмо, кое би ги известило дека источните епископи се собрале на собор, па потоа да тргнат за Цариград. Но, царицата кришум од царот го повика Теофил и сите епископи дојдени со него, им ја соопшти својата намера во однос на патријархот Јован и ги молеше да го симнат од престолот. Тие ѝ ветија, а таа богато ги награди. Потоа царицата ги повика сите монаси, презвитери и епископи, кои се жалеле на Теофил. Беа шест епископи и дваесет презвитери и ѓакони, кои отстапиле од Теофил, и изнесуваа разни негови вини и бараа да му се суди. Царицата ги молеше да не бараат судење на Теофил и да му простат сѐ што им сторил. Некои од нив ја послушаа, и полагајќи ја во Господа својата мака, замолкнаа. Други пак, меѓу кои беа Исидор и Еракс (Диоскор неодамна се беше претставил), силно се спротивставија. Оние што замолкнаа царицата богато ги награди, а спротивставените ги испрати во Солун на заточение. Така Теофил, откако се ослободи од сите свои противници, можеше слободно да отпочне борба против патријархот Јован.

Во тоа време свети Јован, според својот обичај проповедајќи го во црквата словото Божјо, една одломка од Светото Писмо од Третата книга Царства ја изложуваше вака:

- Соберете ги кај мене пророците лажни, кои јадат на трпезата Језавелина, за јас да им речам како што рече Илија: До кога ќе стоите на двете страни? Ако е Господ Бог, одете по него. Ако пак трпезата Језавелина е Бог, додека јадете ќе повраќате.

За тоа непријателите на свети Златоуст ги известија Теофил и неговите епископи. Тие го запишаа тоа и го толкуваа злонамерно, а додаваа и свое, и зборуваа дека Јован јавно пред сите царицата ја нарекува Језавела, а нив лажни пророци. Тој запис им го предадоа на царот и царицата. Тогаш таа започна да лелека и да го моли царот да го осуди Јован. Царот, од жал за неа, сиот гнев насочен кон Теофил го сврте кон Јован, и му нареди на Теофил да свика собор против Јован. Теофил најде двајца ѓакони, кои Јован ги беше одлачил од Црквата, едниот поради убиства, а другиот поради прељуба, и им вети епископски чинови, под услов лажно да сведочат против патријархот. Властољубивите бедници веднаш се согласија. Теофил напиша многу лажни обвинувања против свети Јован и ги предаде на ѓаконите, за лично да ги приложат на соборот, кој требаше да се одржи во предградието на Халкидон, каде што се наоѓал царскиот дворец и големата црква на свети Петар и Павле. Епископите заседаваа таму заедно со Теофил. А блажениот Јован заседаваше во својот патријаршиски дом со четириесет законски епископи. И многу се чудеше како Теофил, за кого што било наредено поради многуте обвиненија насилно да се изведе на суд, толку брзо ги придоби царот и неговите доглавници, и од обвинет се претвори во судија. Свети Златоуст започна да им зборува на епископите:

- Браќа, молете Го Бога за мене, и ако Го љубите Христа не оставајте ги црквите свои. За мене дојде време за страдања, и по многуте неволји јас ќе заминам од овој живот кај Господа. Гледам дека сатаната, бидејќи не може да ја поднесе мојата наука, свикал против мене нечестив собор. Но, не тагувајте, туку спомнувајте ме во своите молитви.

Од неговите зборови сите се потресоа и заплакаа. Светителот ги тешеше. Во меѓувреме дојдоа пратениците од Теофиловиот собор, повикувајќи го свети Златоуст на суд, да даде одговор на обвинувањата поднесени против него. Епископите што заседаваа со свети Златоуст, преку тие пратеници му испратија ваква порака на Теофил:

„Не викај го светителот како Каин некогаш Авел во полето, туку ти дојди кај нас, да се оправдуваш пред нас, зашто ние имаме писмени докази за беззаконијата што си ги извршил. Дојди, бидејќи нас, со благодатта Божја собрани, не за разорување на Црквата туку за мир, нѐ има многу повеќе отколку на вашиот собор“.

А пак свети Златоуст им рече:

- Не можам да појдам кај моите отворени непријатели.

И не отиде. И по трет пат повикан на овој незаконски суд, светиот угодник им рече на пратениците:

- Кај кого да одам? Кај моите непријатели или кај судиите? Јас сум подготвен да излезам на суд пред целиот свет, но под услови моите противници да излезат со мене на суд, но судии да ни бидат други. Меѓутоа, сега моите противници се и мои судии, и сега тие сакаат, не да се судат со мене туку да ми судат. Затоа, на таков суд јас нема да појдам. Нека се соберат епископите од сите цркви и тогаш ќе излезам на суд.

Откако го рече тоа, свети Златоуст испрати тројца епископи и двајца презвитери, тие да зборуваат наместо него. Но, Теофиловиот собор, кога ги виде пратениците на Јован, не им дадоа ни збор да изговорат, туку ги фатија и ги тепаа, а едниот од нив го оковаа во оковите подготвени за свети Златоуст. Потоа учесниците на тој собор започнаа да ги читаат обвинувањата, напишани против невиниот и со чисто срце Јован, приведоа лажни сведоци и така му судеа.

Во тоа време свети Златоуст со своите епископи беше во патријаршиската црква и им се обрати со вакви зборови:

- Огромни се брановите, жестока е бурата, но ние не се плашиме од потопување, зашто стоиме врз карпа. Нека се пени морето и нека беснее, но тоа не може да ја скрши карпата. Нека се креваат бранови, но Исусовиот кораб не ќе го потопат. Кажи ми, од што да се плашам? Дали од смртта? Но, за мене живот е Христос а смртта добивка (Флп. 1,21). Дали од прогонство да се плашам, кажи ми? Но, Господова е земјата и сѐ што е во неа (Пс. 23,1). Дали да трепериме затоа што ќе ни го одземат имотот? Но, ние ништо не донесовме на овој свет. Очигледно е дека и ништо не можеме да изнесеме. Не се плашам од она што е страшно во овој свет, ниту се грижам за она што претставува среќа. Не се плашам од сиромаштвото, не сакам богатства, не се плашам од смртта, туку молам да напредувате во доброто.

Меѓутоа Теофил со соборот на своите епископи го осуди свети Јован како заслужен за симнување и го лиши од престолот, без ни лицето да му го види, ни гласот да му го чуе. Така за еден ден го извршија злото што одамна го подготвуваа, па му го упатија на царот следното писмо:

„Бидејќи Јован е обвинет за многу престапи и како свесен за своите обвинувања не сакаше да се појави на суд, сега веќе е разрешен. Таквиот каноните го исфрлаат, па и ние го исфрливме. Веќе ништо не е потребно, освен твојата моќ да нареди да биде тргнат од престолот“.

Царот Аркадиј ни обвинувањата против свети Златоуст не ги прочита, ниту посака да го слушне одговорот негов. Без да се колеба им поверува на зборовите на неправедниот собор и нареди веднаш да го истераат од црквата светиот патријарх. За таа цел испрати кај него еден велможа со војска. Народот многу се разгневи, се собраа крај црквата и не отстапија цели три дена, штитејќи го светителот. При тоа сите гласно викаа против царот, царицата, Теофил и неговите истомисленици, што неправедно го осудија угодникот Божји. Но, за да не му измислат некое ново обвинување дека божем не му се покорува на царот, се сокри од народот и ноќе им се предаде на војниците, кои го одведоа кај морскиот залив и отпловија со него во Пренет, во правец на Никомидија. Народот крена голема буна, во која многумина беа убиени, а уште повеќе ранети. Меѓу побунетите имаше и такви кои сакаа да го убијат Теофил со камења. Кога дозна за тоа, тој кришум побегна од градот и веднаш отплови во Александрија. Исто така се разбегаа и неговите истомисленици. Метежот го зафати сиот народ на сите страни. И по црквите, и по пазарите народот силно викаше против неправедниот суд, кој го симна големиот светилник на светот. Побунетите го опколија и царскиот дворец и со силна врева и лелек молеа да го вратат на престолот. Додека се случувало тоа, една ноќ настана страшен земјотрес, од кој сите се исплашија, а особено царицата, бидејќи дворецот се тресел посилно од другите објекти и дел од него се срушил, а народот силно викал:

- Ако свети Јован не биде вратен, целиот град ќе се сруши!

Царот се исплаши од Божјата казна и народната буна и веднаш го испрати евнухот Врисон по Јована. Сега веќе и таа го молеше царот да нареди да го вратат, бидејќи беше преплашена. И потекоа пратеници едни по други да го молат светителот да се врати во градот, и Тракијското море беше преплавено од чамци со пратеници. Светителот се согласи да се врати, па граѓаните со запалени свеќи излегоа да го пречекаат. Морето беше преплавено со кораби. Но, свети Златоуст не сакаше да влезе во градот додека на големиот собор не се изврши иследување за неговото прогонство. Народот упорно бараше да не остане надвор од својот престол и со навреди викаше по царот, па светителот влезе во градот и со чест и пеење на псалми беше внесен во црквата. Светиот угодник Божји по молитвата седна на својот престол и им изговори поука на луѓето. И сите му се радуваа а противниците се разбегаа и замолкнаа.

Свети Златоуст, според милоста Божја вратен со народната љубов на својот престол, управуваше со Црквата Христова во длабока тишина, хранејќи го своето стадо со своето медоточиво учење. И целата Црква се радуваше. Но, тоа не потраја долго. По два месеци повторно настана бура против блажениот. Со наредба на царицата Евдоксија на централниот плоштад на престолнината, недалеку од соборната црква Света Софија беше поставен огромен столб, со сребрена статуа на царицата на врвот на столбот. По повод откривањето на таа статуа, со денови се приредуваа бурни свечености и игри околу тој столб. Викотниците и вревата допирале до црквата и многу му пречела на Богослужењето. Тогаш светителот упати барање до градоначалникот да го прекине тоа недолично веселење. Но, тој не превзеде ништо. Тогаш херувимски ревносниот светител ја изговори во соборната црква Света Софија познатата беседа, која започнува со зборовите:

„И повторно беснее Иродијада, повторно лудува, повторно игра и повторно ја бара од Ирода главата на Јован Крстителот“.

Доставувачите и непријателите веднаш ја известија за тоа царицата, толкувајќи ги неговите зборови дека тој ја споредува со Иродијада. Таа многу се разлути и со солзи го молеше царот повторно да свика собор против него. И веднаш беа испратени царски грамоти до сите епископи, да дојдат во Цариград на собор и да му судат. И дојдоа сите од порано, само Теофил Александриски не дојде, зашто претходниот пат одвај се спаси од народот, па во свое име испрати тројца епископи со потребните упатства, врачувајќи им ги одлуките кои што источните ги донесоа против свети Атанасиј Велики, за врз основа на нив повторно да го обвинат и осудат свети Златоуст, бидејќи иако е симнат повторно самоволно седнал на престолот. Соборот од четириесет и пет архиереи, под претседателство на Павле Ираклијски, постапи според упатствата на Теофил и свети Златоуст беше осуден, но со право не ја признаваше законитоста на овој собор. На таа одлука вака возврати:

- Јас не бев на суд, ниту се расправав со моите противници, ниту видов обвиненија напишани против мене, ниту одлука судска примив, туку царот и царицата ме прогонија и тие повторно ме вратија. А канонот, врз основа на кој вие ме судите не е донесен од православните туку од аријанците, со цел да го симнат Атанасиј Велики.

Но, нечистивиот собор не му обрна внимание и го осуди и симна свети Златоуст.

На нивна страна застана и слабоволниот цар Аркадиј, кој беше под силно влијание на царицата Евдоксија и нејзините богоборни советници, на чие што чело беше Теофил Александриски, чии што раце беа извалкани со злато и крв. На Божик, во 403 година, царот не се појави во Соборната Црква, со изјава дека не може да општи со епископот кој е осуден од соборот. А кога во 404 година настапи Великиот пост, царот по наговор на епископите му испрати на свети Златоуст ваква порака:

- Оддалечи се од Црквата, бидејќи си осуден на два собора и јас не можам да влезам во неа додека си ти таму.

Свети Златоуст вака му возврати:

- Јас ја добив Црквата од Христа Спасителот мој, и не можам да ја напуштам доброволно, освен ако насилно не бидам исфрлен. Градот е твој и сите ќе те послушаат. Ако сакаш да ме разделиш од Црквата Христова, испрати ги своите слуги да ме извлечат од неа и јас ќе имам оправдување пред Бога дека сум заминал од црквата како прогонет од царската власт.

Царот се поколеба, но потоа наговорен од Златоустовите противници го испрати големецот Марин, управник на имотите на царицата, насилно да го извлече од храмот славниот учител на Црквата. На Велика Сабота, тој влезе во црквата со војниците за време на богослужбата и започнаа да ги тепаат верните и го извлекоа светителот, а сиот народ го напушти храмот. Му беше дозволено некое време да остане во патријаршискиот дом и тој без да излезе од својата ќелија остана тука два месеци, додека да излезе наредбата да биде испратен во заточение.

Во текот на тие два месеци свети Златоуст претрпе многу маки и неволји. Непријателите отидоа толку далеку што најмија човек да го убие и за да се сокрие лошата намера најмениот се преправи како бесомачен и со скриен меч започна да се вртка околу патријаршискиот двор, демнејќи да го убие. Сепак верниот народ дозна за тоа, па го фатија, му го најдоа мечот и го одведоа кај градоначалникот на иследување. Но, свети Златоуст го спаси од истрагата овој злонамерник. Потоа слугата на некој презвитер Елпидиј бил најмен за педесет златници да го убие свети Златоуст. Еден ден, тој итно дојде кај патријаршискиот двор со намера да влезе, но чуварите го застанаа и го прашаа кај брза. Тој го удри со мечот човекот, а другиот се развика, па и него го прободе, а и третиот кој се стрча. Настанаа викотници и повици за помош, и убиецот започна да бега, мавтајќи со мечот наиде на човек кој само што беше излегол од бањата и се обиде да го фати, но убиецот го прободе и уби. Кога најпосле разјарениот разбојник беше фатен, се дозна дека е поткупен за педесет златници да го убие свети Златоуст. Од тогаш народот започна уште побудно да го чува домот на својот сакан архипастир, деноноќно да стражари во смени, за да го заштитат.

Најпосле, на деветти јуни 404 година, во петтиот ден по Духови, на настојување на епископите, противници на свети Златоуст, царот издаде наредба за негово заточение. Еден големец му предложи тајно да го напушти патријаршискиот двор, за народот да не се судри со војниците и притоа му рече:

- Во спротивно ти ќе бидеш виновен за крвопролевањето, зашто е наредено да те одведеме. А ако народот се спротивстави ќе настане колеж.

Свети Јован повика некои од своите возљубени епископи и клирици, и блажената ѓакониса Олимпијада, ги поучи да бидат цврсти во верата и им нареди во интерес на црковниот мир да го признаат неговиот наследник на цариградскиот престол за законски архипастир. Потоа се прости со нив. Сите горко плачеа по него. Плачеше и свети Златоуст и беше многу тажен од разделбата со нив, та излезе низ малата врата и народот не го забележа неговото заминување. Кај морето го чекаа војниците, го качија на мало бротче и го одведоа во Витинија, а од таму на далечен пат. Денот кога започнало второто прогонство на свети Златоуст од Цариград бил 20 јуни 404 година.

Во истиот ден избувна пожар во Соборната Црква во Цариград, како очигледен израз на гневот Божји. Пожарот со молскавична брзина ја зафати целата црква, пламенот од силниот ветер се крена високо и како мост се спушти врз палатата во која се одржувале договорите против свети Златоуст и целосно ја уништи. Пред очите на сите се случуваше необично чудо. Огнот како разумно суштество се виткаше како змија и ги палеше оддалечените куќи, а ги оставаше недопрени оние близу Црквата. Од тоа на сите им стана јасно дека таквиот пожар не беше случаен, туку од гневот Божји, заради прогонството на свети Златоуст. И за три часа, од дванаесет напладне до три попладне, во прав се претворија многу прекрасни древни градби, неискажани украси на престолнината и безбројни богатства. При сето тоа не загина ниту еден човек и сите говореа дека Бог со пожарот го казнува градот поради неправедното прогонство на светиот угодник Божји. А пак неговите непријатели го тврдеа спротивното: дека истомислениците на Јован ја запалиле црквата. Поради тоа многумина беа фатени од градоначалникот незнабожец и подложени на најразлични мачења, при што некои умреа. Сепак не можеше да се пронајде виновник за пожарот и сите се уверија дека се јавил од гневот Божји.

Воден на заточение, блажениот Јован претрпе многу маки од војниците по пат. Царицата беше наредила да го злоставуваат на сите можни начини, за што побрзо да умре. Тие го наседнуваа на неоседлано муле и го бркаа, и за еден ден минуваа пат кој може да се помине за два три дена. Не му даваа ни малку да одмори, ниту да здивне. Преноќеваа по прости и нечисти гостилници, понекогаш и по еврејски куќи и во негово присуство вршеа многу гадости. Никогаш не му дозволуваа да влезе во црква, туку и го навредуваа, исмеваа, караа, со глад го измачуваа, ги присвојуваа парите за негова прехрана.

Со такви злоставувања беше воден во заточение свети Златоуст! А кога се случувало да минуваат покрај градовите во кои живееја епископите, негови непријатели, а Теофилови пријатели, тие епископи страотно го исмеваа и притоа некои не му дозволуваа да влезе во градот, а некои ги поттикнуваа војниците со закани или подароци уште полошо да постапуваат со него. А пак некои свети отци пустиници, кога ќе чуеја дека свети Златоуст го водат на заточение му излегуваа во пресрет и плачеа за неправедно прогонетиот учител. За тоа самиот светител спомнува во своето послание од Кукуз до епископот Киријак, говорејќи:

„Многу неволји ми се случија по патот, но јас не обрнував внимание на нив. Кога ги минувавме Кападокија и Таврокиликија, цели роеви од свети отци и многу монаси девственици ни излегуваа во пресрет и гледајќи како нѐ водат во заточение многу солзи ронеа, горко плачеа и зборуваа: Подобро би било сонцето да ги сокрие своите зраци отколку да замолкне устата Јованова.

Овие зборови ме возбудија и многу ожалостија, зашто видов дека сите плачат за мене, а сѐ што се случуваше со мене не ми задаваше ниту најмала грижа“.

Така пишува за себе свети Златоуст.

Кога беше доведен во Мала Ерменија, во селото Кукуз, љубезно го прими во својот дом тамошниот епископ Аделфиј, на кого пред доаѓањето на свети Златоуст Бог преку видение му укажа да го прими. Тука свети Јован со своето учење приведе кон Христа многу идолопоклоници. Славата за него се пронесе надалеку и од сите страни доаѓаа многу луѓе, желни да го видат и да ги чујат неговите поуки. Доаѓаа и многу од неговите почитувачи и познаници од Антиохија. Гласот за сето тоа допре до Цариград и неговите непријатели се вознемирија. Тој беше опасен за нив дури и во заточението, па затоа решија да го протераат уште подалеку. И ете, во Кукуз стигна од царицата наредба да го протераат во далечното пусто место наречено Питуинт, на брегот на Понтијското Море, во соседство на грубите варвари. Војниците го поведоа и по пат на разни начини го злоставуваа како и порано, за што побрзо да го усмртат. Го водеа и по дожд и по горештина без засолниште, не му дозволуваа да влезе во градовите и селата и брзо ја тераа маската, така што претежок беше патот што го минуваше светителот. На тој пат се упокои. Неколку дена пред неговиот крај, кога по обичај стоеше ноќе на молитва, кај него дојдоа свети апостол Петар и Јован, кои му се јавуваа и порано додека живееше во манастирот Антиохиски. Тие му рекоа:

„Радувај се, добар пастиру на словесните овци Христови, цврст страдалнику. Испратени сме кај тебе од нашиот Господ Исус Христос, да ти помогнеме и да те утешиме во неволјите и трудовите што си ги зел на себе, заради чистотата на својата совест. Зашто ти, угледувајќи се на Јован Крстител, изобличувачот на законопрестапниците, ги изобличи беззаконите цареви. Јакни и биди бодар. Подготвена ти е голема награда во Царството Небесно. Ти носиме радосна благовест. По неколку дена ќе отидеш кај твојот Господ Бог и вечно ќе блаженствуваш со нас во Царството Небесно. Си ги победил непријателите, си ги посрамил мразителите и си го совладал ѓаволот. Евдоксија ќе врие во црви, па ќе те вика на помош, но помош нема да најде и во маки ќе умре од страшната болест. Таа страшно ќе се мачи без момент на олеснување, зашто таква казна ќе ја снајде од Бога“.

Потоа светите Апостоли му дадоа некое јадење и му рекоа:

„Изеди го тоа и повеќе нема да имаш потреба од друга храна во овој живот. Тоа ќе ти биде доволно додека душата своја не ја предадеш во рацете Божји“.

Свети Златоуст го изеде тоа што му го дадоа и се израдува. А тие си заминаа од него.

Со свети Златоуст имаше двајца презвитери и еден ѓакон, кои од Цариград одеа со него во прогонство и не се одделуваа од него но страдаа со него, зашто љубовта ги врзуваше. Тие со свои очи ги видоа Апостолите кои дојдоа кај него, ги слушнаа нивните зборови и многу се радуваа и Го благословуваа Бога што ги удостои да страдаат со големиот угодник Божји, кој ќе има удел со светите Апостоли.

По неколку дена стигнаа до Коман, во чија што близина имаше црква на светиот свештеномаченик Василиск, епископот Комански, кој за време на незнабожниот цар Максимијан пострада за Христа во Никомидија, заедно со антиохискиот презвитер Лукијан. Преноќеваа во таа црква. Наредниот ден беше празникот Крстовден. Таа ноќ на блажениот Јован му се јави светиот маченик Василиск и му рече:

„Брате Јоване, имај надеж. Утре ќе бидеме заедно“.

Истиот свет маченик му се јави и на презвитерот на својата црква, говорејќи:

„Подготви место за братот Јован, зашто и тој доаѓа кај нас“.

Кога самна свети Златоуст ги замоли војниците да се задржат тука до единаесет часот, но тие го продолжија патот, трудејќи се да патуваат што побрзо. Сега патуваа со кораб, кој пловеше брзо како птица. И за кратко време изминаа триесет стадии. Но, по промисла Божја повторно се најдоа крај брегот, кај црквата на свети Василиск, на што многу се чудеа. Свети Јован повторно започна да ги моли војниците да причекаат малку на тоа место, додека тој да се помоли на Бога во црквата. Кога видоа дека невидлива сила Божја ги врати повторно назад, тие му ја исполнија желбата. Светителот влезе во црквата, побара свети црковни одежди и ја промени на себе целата своја облека, па дури и обувките. Потоа ја раздаде на оние што беа со него, а облечен во црковните одежди отслужи света Литургија и се причести со Пречистите и Животворни Тајни на Телото и Крвта Христови, Му принесе благодарствени молитви на Бога, ги благослови сите присутни, им даде последен целив, па откако се прекрсти легна, говорејќи: „Му благодарам на Бога за сѐ!“

И го предаде својот дух во рацете Божји.

Тоа се случи на самиот празник Крстовден. Така светиот угодник Божји, кој целиот свој живот го носеше својот крст, распнувајќи се себе си за светот и сораспнувајќи се со Христа, се претстави на овој празник. Беше положен во истата црква, во која се претстави близу гробот на светиот маченик Василиск. Така се исполни пророштвото на свети Епифаниј Кипарски, речено на свети Златоуст:

„Но и ти нема да стигнеш до местото на твоето прогонство“.

И навистина свети Златоуст го водеа во Питуинт на заточение, но се претстави во Коман. Не успеа да стигне во Питуинт.

Ете, така згасна светилникот на Црквата, така замолкна златната уста, така заврши подвигот и се оконча течењето на сјајниот подвижник и страдалник, кој поживеа шест години на патријаршискиот престол и помина три години во прогонство, воден од место во место.

Кога се претстави овој голем учител на вселената, двајцата презвитери и ѓаконот кои беа со него, од душа го оплакаа својот отец, па заминаа во Рим кај папата и подробно го известија за сѐ што претрпе свети Јован Златоуст и поради што. Му раскажаа тие и за неговото претставување и за тоа дека пред преставувањето му дојдоа светите апостоли Петар и Јован Богослов, му кажаа и сѐ што му рекоа тие и како му се јави светиот маченик Василиск. Папата многу се восхити, жалост му ја обзеде душата за неправедното прогонство и смртта на големиот учител и столб на Црквата и за тоа го извести западниот цар во Рим, Хонориј, братот Аркадиев, а тие и двајцата жалеа поради тоа. Веднаш и двајцата му напишаа на царот Аркадиј, при што папата од своја страна напиша:

„Крвта на мојот брат Јован повикува кон Бога против тебе, царе, како што некогаш крвта на праведниот Авел повикуваше против братоубиецот Каин. Таа крв несомнено ќе биде осветена, бидејќи во мирно време си кренал гонење против Црквата Божја. Си го прогонил вистинскиот пастир на Црквата, а заедно со него си Го прогонил и Христа Бога, а паствата негова си ја предал во раце на наемници“.

Царот Хонориј од своја страна му напиша на брата си Аркадиј:

„Јас не знам, брате, какво искушение и вражјо дејство те прелести да тргнеш по жена и да ја послушаш, и да извршиш работи кои ниту еден благочестив христијански цар не би ги извршил. Овдешните епископи и преподобни отци викаат против тебе и царицата, затоа што без суд и спротивно на каноните сте го симнале од престолот големиот архиереј Божји Јован и измачувајќи го со ужасните маки на свирепите заточенија насилно сте го турнале во смрт“.

На крајот на ова писмо Хонориј го советува Аркадиј да се покае пред Бога и да им се одмазди на виновниците за таквото прогонство на свети Јован и немирот во Црквата.

Аркадиј многу се загрижи и преплаши. Ги пронајде во градот оние што се кренаа против патријархот Јован и ги казни на разни начини. Едни обезглави со меч, други лиши од чинот со обезличување. Некои од епископите, кои му суделе на свети Златоуст и тогаш се нашле во Цариград, царот нареди да ги фатат и со срам да ги затворат. Меѓу нив беше и Исхирион, синот на Теофиловиот брат. А на Теофил царот му напиша многу строго писмо, со наредба да биде подготвен да излезе пред него на суд во Солун и да прими казна достојна на неговата злоба. Аркадиј не ја поштеди ни својата жена, царицата Евдоксија. Ја оддалечи од себе, ја затвори во засебен дворец и нареди никој да не доаѓа кај неа, освен робинките. А пак нејзините роднини, помошници на нејзината злоба, ги протера во заточение, откако им ги одзеде имотите. Други фрли во темница и подложи на маки. Потоа Аркадиј му напиша на папата Инокентиј, со известување за сѐ што сторил и смирено со покајание молеше за прошка. Му напиша исто така и на брата си Хонориј, молејќи го да го умоли папата да го разреши од одлачувањето. Наскоро молбата му беше исполнета. Папата го прими неговото покајание и му напиша на блажениот Прокл, кој тогаш беше епископ Кизички, да го разреши царот од одлачување и да го удостои на Светите Тајни, а блажениот Јован да го запише меѓу светителите.

Додека сето тоа така се случувало, Бог, Господ на одмаздата, лично им се одмазди на непријателите на Својот угодник Јован. Ги подложи на лути казни уште на земјата, та сите изумреа на разни начини. При тоа оние епископи, клирици, световни чиновници и воопшто сите луѓе кои неправедно се креваа против свети Јован, беа нападнати од страотни чиреви и рани гнојници, од кои телата им изгнија и станаа робови на смртта. На некои им се исушија рацете и нозете. На некои им загноија интимните органи и во нив црви им провреа, та неподнослива смрдеа се ширеше од нив со денови. Еден од неправедните судии, кои го осудија блажениот Јован на прогонство, падна од коњот и веднаш умре, откако си ја скрши десната рака, со која ги потпишувал неправедните обвинувања против невиниот Јован. Другиот онеме и рацете му се исушија, та не можеше да ги донесе ни до устата и така се упокои. На еден пак, кој зборувал погрдни зборови за свети Јован, му отече јазикот и му ја исполни целата уста, та не можеше да зборува. Тогаш тој го исповедаше својот грев, испишувајќи го на хартија. И воопшто можеше да се види страшниот гнев Божји, кој на разни начини ги казнуваше виновниците за Златоустовите прогонства. Александрискиот патријарх Теофил го одбегна човечкиот суд, но не побегна од судот Божји, зашто наскоро се претстави и излезе на суд пред лицето Божјо. На Халкидонскиот епископ Кирин му изгнија нозете. Лекарите неколку пати му ги потсекуваа, за сиот да не изгние, но гниењето на телото не престана. Кога му ги отсекоа нозете до колената, тој умре. Страшниот суд Божји ја стигна и бедната царица Евдоксија. Сотрена од јад и срам, таа се разболе од страотно крвотечение и телото ѝ зовре од црви, како што му претскажаа Апостолите на блажениот Јован. И таа цела засмрде, та не можеше да се помине покрај неа од ужасната смрдеа. Ја лекуваа многу најискусни лекари и ја кадеа со сите можни најмиризливи мириси, но сѐ беше залудно. Тогаш ги праша лекарите зошто не можат да ја излечат од болеста, но тие не се осмелуваа да ѝ објаснат. Таа им рече:

- Ако вие не ја знаете причината, тогаш јас ќе ви ја кажам. Оваа болест ме снајде од Божјиот гнев, заради патријархот Јован.

Таа им го врати лозјето на децата на Теогност, и на многу други им врати сѐ што им беше одзела неправедно. Сепак не се исцели и во таквата болест умре во горка смрт. Потоа за изобличување на нејзиното беззаконие, ковчегот во кој што беше положена, постојано се тресеше во текот на триесет и две години, сѐ до пренесувањето на чесните мошти на свети Јован Златоуст од Коман во Цариград. Така Господ ги испоказни непријателите на свети Златоуст, а самиот многу страдален праведник Свој го прослави на следниот начин. Епископот Аделфиј, кој со љубов го прими свети Златоуст во својот дом во Кукуз, кога слушна за неговото претставување многу се нажали и во својата преголема тага со солзи Го молеше Бога да му покаже во кој чин на светители се наоѓа свети Јован. И еднаш, додека се молеше за тоа, се најде надвор од себе и видел светло и радосно момче, кое го фатило за рака, го одвело на светло место и му го покажало ликот на светите учители на Црквата. Свртувајќи се наоколу со желба да го види саканиот Јован, тој не го нашол. А светлото момче му ги покажувало на Аделфиј сите учители и патријарси Цариградски и го повело од таму. Одејќи по него, тој многу се натажи што не го виде блажениот Јован меѓу светите Отци. Но, на излегување од тоа светло место го фатил за рака некој што стоел на вратата и му рекол:

- Зошто така тажен заминуваш одовде? Ако некој влезе ваму нажален, одовде се враќа весел. А ти постапуваш обратно.

Аделфиј му одговорил:

- Жалам што меѓу црковните учители не го видов мојот мил Јован.

А тој го прашал:

- Мислиш ли на Јован, проповедникот на покајанието?

- Да, - одговорил Аделфиј.

Тогаш тој му рекол:

- Него не може да го види човек што се наоѓа во тело, зашто тој стои пред Божјиот престол кој го опкружуваат Херувими и Серафими.

На таквото известување за свети Јован Златоуст, Аделфиј се израдува и Му заблагодари на Бога, Кој му ја откри оваа тајна.

Така свети Златоуст, после многуте страдања, бури и неволји претрпени заради правдата, пристигна во тивкото пристаниште небесно, каде радувајќи се со ангелите Го слави со Отецот, Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бог, Кому и од нас нека е слава, чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ГРСТ БИСЕРИ ОД РИЗНИЦАТА НА СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ

Благовест е сѐ што рекол свети Златоуст. Толкувајќи ги четирите свети Евангелија, тој всушност напишал петто Евангелие. Толкувајќи го свети апостол Павле, тој всушност станал втор апостол Павле. Сѐ во него е боговдахновено и со тоа сѐ богомудро. Неговиот ум е полн со богоумие, неговото срце полно со небото, неговиот дух полн со Светиот Дух. Кога зборува, тој за Бога зборува и Божјото го зборува. Со право за себе вели: „Не е наше тоа што го зборуваме, туку тоа благодатта на Духот ни го вдахновува... Ние не зборуваме свое туку Божјо“. А христобарателните луѓе, одамна, многу одамна ја изрекле за богоречитиот благовесник оваа севистинита вистина: свети Златоуст е - „сезлатна уста на Светиот Дух“.

Би сакал нешто - нешто да одберам од свети Златоуст и да го испишам овде од неговата биографија. Но, со возбудлива радост признавам: многу е тешко и речиси невозможно, да се прави избор од свети Златоуст. Во него сѐ е одбир, сѐ е вистински небесен бисер, со кој и Херувимите можат да се гордеат а камоли ние луѓето, ние земните занемени. Кога на човечкото суштество му се дало да се преобрази во најречито Божјо слово, Божји логос, тогаш се добил свети Златоуст. Господ Христос е Бог Логос, Бог Слово по природа. А човекот е повикан да стане бог логос, бог слово по благодат. Ако во родот човечки за некого од луѓето може да се каже дека станал бог по благодат, тогаш тоа со најголемо право може да се каже за свети Јован Златоуст. Преку него вечниот Бог Логос, Господ Исус Христос, најлесно зборувал за Себе и Своите богочовечки тајни и непрестајно им ги зборува на Своите следбеници.

За верата

За свети Златоуст предметите на верата се надвор од досегот на човечкиот разум и човечките сетила. Да се верува значи: да се прима она што на никој начин не може да се сфати со никакви размислувања. Да се биде задоволен со малото е знак на слабата душа; при малку да се сметаш себеси за богат, својствено е на болната и бедна душа; верата е ненаситна. Ако би посакал сите Божји дела да ги сфатиш со разумот, тогаш со што Бог би бил поголем од човекот? Делата Божји се недостижни за разумот. Бог не е толку немоќен да го ствара и прави само она што е сфатливо за твојот слаб разум. Прашуваш, како расте верата? Верата расте кога поради неа поднесуваме неволји.

Каде што има вера, таму не е потребно истражување. Истражувањето ја разорува верата. Оној што истражува нешто, тој сѐ уште не нашол. Оној што истражува, тој не може да верува. Да не се занимаваме со истражување, зашто ако истражуваме, тоа веќе не е вера. Верата го успокојува умот. Ние и затоа се нарекуваме верни, зашто без никаков сомнеж веруваме во она што ни е речено. Кога тоа што ни е речено би доаѓало од луѓето, ние би биле должни да го подложиме на истражување, но, бидејќи тоа доаѓа од Бога, ние сме должни да се однесуваме со стравопочитување и да веруваме,

Вистинската вера секогаш Му благодари на Бога за сѐ. Што? Зарем треба да се зааблагодаруваме за сѐ што ќе се случи? Да, да! Макар тоа да е болест, макар да е сиромаштво. Благодари, макар и да не ја сфаќаш причината за нешто, Токму во тоа и се состои благодарноста. Ништо големо, ништо особено, ако благодариш и кога си во добро, кога си здрав, кога си напреден и среќен. Но, од тебе се бара да благодариш кога си во неволји и жалости. Немој да изговараш ништо освен зборовите: Ти благодарам, Господи! Но што, јас зборувам за неволјите кои биваат овде на земјата! Та за самиот пекол треба да Му благодариме на Бога, за казната во пеколот, за маките во пеколот. Зашто ако внимателно размислиме несомнено многу ќе ни користи и ова работа: стравот од маките во пеколот ќе го зауздаат нашето срце... Да, кога ќе нѐ снајде болест, несреќа, беда, токму тогаш и треба да Му благодариме на Бога. И тоа да благодариме не со зборови, не со јазикот, туку со постапките, со делата, со мислите и срцето. Со сета душа треба да Му благодариме. Зашто Бог нѐ љуби повеќе отколку нашите родители; и љубовта Божја толку се разликува од љубовта на нашите родители, колку доброто од злото.

За љубовта

Еве што е достојно за восхитување кај љубовта: кај останатите добродетели се прикрадува злото: некористољубивиот често се гордее со својата некористољубивост; смиреноумниот често со самото тоа се гордее во својата совест; меѓутоа љубовта е слободна од слични зарази, и никој никогаш нема да застане да се издигнува над љубениот. Замисли ги љубениот и оној што љуби, но љубениот онака како што треба да љуби. Тој живее како на небото, постојано насладувајќи се на спокојство и плетејќи си за себе илјада венци. Таквиот човек ја чува својата душа чиста од омразата и гневот, од зависта и гордоста, од суетата и лошите желби, од секоја срамна љубов и секој порок. Уште на земјата тој стои напоредно со архангелите на небото... Кога би ја исполнувале Господовата заповед за љубовта кон Бога и ближниот, тогаш не би имало ни роб ни слободен, ни старешина ни потчинет, ни богат ни сиромав, ни мал ни голем, и самиот ѓавол не би бил познат; и не само еден туку и друг, па макар биле и стотина и илјади, тие не би можеле да сторат ништо кога би била љубовта. Попрво тревата ќе го издржи силниот оган отколку ѓаволот пламенот на љубовта. Таа е појака од ѕидот, поцврста од дијамантот; според јачината, таа надминува сѐ. Љубовта не може да ја победи ни богатството ни сиромаштвото; или подобро: не би имало ни сиромаштво ни одвишок богатства, кога би имало љубов, и би постоело само доброто, кое произлегува и од едното и од другото. Од богатството би имале задоволство, од сиромаштвото безгрижност... љубовта е како вредна пчела: од секаде собира добро и го става во душата на љубениот. Љубовта ја менува самата суштина на работите и ги носи со себе сите богатства. Таа е понежна од секоја мајка, подарежлива од секоја царица. Тешкото го прави лесно и удобно, добродетелта ја претставува како привлечна, а порокот одвратен.

Евангелски љуби оној што на љубениот му го посакува најкорисното и најдоброто. Љубовта прави така да и оние што љубат и љубените сочинуваат не две личности туку еден човек; а тоа освен љубовта никаква сила не може да го стори... Оној што љуби никогаш не може да мрази, макар што и да се случи; во тоа и се состои најголемото богатство на љубовта. Што, ќе речеш, зарем не треба да ги мразиме ни непријателите или незнабошците? Треба да ги мразиме, но не нив туку нивното учење, не човекот туку порочниот живот и расипаната волја. Човекот е дело Божјо, а заблудата дело на ѓаволот. Затоа немој да го мешаме Божјото со ѓаволите. Ако почнеме да ги мразиме беезбожниците и незнабошците, тогаш, продолжувајќи така, ние ќе започнеме да ги мразиме и грешниците; а одејќи по таквиот пат, ние малку по малку ќе се одвоиме од мнозинството браќа, или поточно, од сите, зашто никој не е без грев. Ако треба да ги мразиме непријателите Божји, тогаш треба да ги мразиме не само безбожниците туку и грешниците. Во таков случај ние ќе бидем полоши од ѕверовите, гнасејќи се од сите и издигнувајќи се со гордоста како фарисеи... Евангелието наредува да го мразиме лошото во човекот, а не човекот. Работата на ѓаволот е да нѐ разделува еден од друг. Тој упорно се труди да ја искорени љубовта, за на човекот да му го пресече патот кон поправањето и да го држи во заблуда, а тебе во непријателство и на тој начин да го затвори патот кон спасението. Ако лекарот ги мрази и одбегнува болните, а болниот се страни од лекарот, тогаш може ли болниот да оздрави? Кажи ми, зошто се страниш од него и го одбегнуваш? Затоа што е безбожник ли? Но, токму од таа причина треба да одиш кај него и да го лекуваш, за на болниот да му го вратиш здравјето. Макар да боледува од неизлечива болест, тебе ти е наредено да ја вршиш својата работа. Јуда исто така боледувал од неизлечива болест, но Бог не престанал да го лекува. Затоа и ти не малаксувај.

Според своето неизмерно човекољубие, Господ Христос не само што нѐ избави од гревовите, туку и нѐ направи возљубени, мили на Себе. Да замислиме како некој, откако зел кај себе шугав покриен со рани и сотрен од болеста, староста, сиромаштијата и гладот, одеднаш го преобразил во убаво момче, чија убавина би ги пленила сите, образите му блескаат, а очите гледаат како две мили сонца; потоа за навек го оставил во тој цвет на младоста, па уште го облекол во порфира, круна и сите царски украси. Ете, токму така ја преобрази Бог нашата душа, правејќи ја и убава, и привлечна, и мила, та во неа многу сакаат да гледаат Ангелите, Архангелите и сите останати Небесни Сили. Така Бог нѐ направи мили и многупожелни за Себе.

Оној што има љубов за Христа, се радува на секое страдање заради Христа. Затоа ништо не е пославно од оковите заради Христа. Да се биде затвореник заради Христа е пославно отколку да се биде апостол, или учител, или евангелист. Оној што Го сака Христа ги сфаќа овие зборови. Оној што лудува и согорува за Господа, ја знае силата на оковите. Затвореништвото заради Христа апостол Павле повеќе би го сакал отколку животот на небесата. Неговите оковани раце се поблескави од секое злато, од секоја царска круна. Венецот од скапоцени камења на главата не блеска повеќе од железните окови заради Христа. Тогаш темницата станува посветла од царските палати. Зошто велам од царските палати? Таа е посветла и од самото небо, зашто го има во себе затвореникот Христов. Оној што Го сака Христа ја знае оваа вредност, ја знае оваа добродетел, знае колку богатства му донело на родот човечки затвореништвото заради Христа... Оној што ја знае љубовта Христова, срамотењето заради Христа го смета за блаженство, поголемо од сите блаженства. Ако некој ми го дава целото небо или Павловите окови, јас би ги претпочитал оковите. Ако некој би сакал да ме смести или со Ангелите на небото или со Павле, окованиот во темница, јас би ја одбрал темницата. Ако некој би сакал да ме стори еден од Силите, кои го опкружуваат небото и престолот Божји или ваквото затвореништво, јас повеќе би сакал да станам таков затвореник. И со право, зошто нема ништо поблажено од тие окови. Нема ништо подобро од тоа да се страда заради Христа. Јас го величам Павле, не толку поради тоа што бил вознесен во рајот, колку поради тоа што бил затворен во темница. Го величам, не заради неискажливите зборови што сум ги чул за него, колку заради тоа што бил во окови. Го величам, не затоа што бил вознесен до третото небо, туку заради оковите. А дека оковите се повисоки од сето тоа, тој самиот добро го знаел тоа. Еве слушни, тој не рекол: Ве молам јас, кој сум слушнал неискажани зборови, туку рекол: „Ве молам јас, затвореникот во Господа“ (Ефес 4, 1).

Да се страда за Господа навистина е најголем дар, поголем од сите останати. Поголем од дарот да можеш да ги застанеш сонцето и месечината и од дарот да го поместиш светот. Тоа е поголемо отколку да имаш власт над ѓаволите, отколку да истеруваш ѓаволи. Патат ѓаволите не толку кога ги бркаме со верата, колку кога гледаат како ние заради Христа страдаме и сме во окови. Тоа ни дава голема слобода кај Христа. Добро е да се биде во окови заради Христа, не затоа што ни го доставуваат Царството, туку затоа што тоа бива заради Христа. Ги величам оковите, не затоа што пренесуваат на небото, туку затоа што биваат заради Господарот на небото.

Оној што љуби со Христовата љубов, добива од Бога разгорено, пламено срце. Таа љубов е ненаситно богатство, зашто и саканиот и оној што сака сѐ повеќе чезнеат да бидат сакани. Мерата на таа љубов е никогаш да не престане: „Се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува преку знаењето и разбирањето на сѐ“ (Флп. 1, 9). Апостолот ја цени не просто секоја љубов, туку љубовта која произлегува од знаењето, односно не подеднаквата љубов спрема сите, зашто таквата љубов не би била љубов, туку рамнодушност. Што значи „во знаењето“? Значи: со расудување, со размислување, со разборитост. Зашто има и такви кои сакаат неразумно, на дофат, поради што нивното пријателство и не е постојано.

Ништо не му е толку недолично и туѓо на христијанинот од тоа да бара за себе одмор и почивка: ништо не е толку туѓо на неговиот повик и војување, од тоа да се биде силно приврзан за овој живот. Твојот Господ беше распнат, а ти бараш одмор? Твојот Господ беше прикован, а ти на задоволства се предаваш? Зарем тоа е дело на благородниот војник? Затоа и светиот Павле вели: „Многумина одат, за кои ви зборував многу пати, а сега и плачејќи говорам: непријателите на крстот Христов“. Светиот Апостол го зборува тоа затоа што имало луѓе кои лицемерно биле христијани, а живееле во раскош и задоволства, што е спротивно на крстот. Зашто крстот ја сочинува принадлежноста на душата која стапила во борба, готова е на смрт и никаков одмор не бара за себе. А тие живеат токму спротивно. Затоа, иако се нарекуваат христијани, сепак се непријатели на крстот. Кога би го сакале крстот, тие би се труделе да го живеат животот на Распнатиот. Нели беше распнат твојот Господ? Ако на ист начин не можеш да се распнеш, ти поддржувај Го на друг начин. Распнувај се себе си, не за да се уништиш (да не даде Бог, тоа е безбожно), туку според зборовите на Павле: „Светот се распна за мене и јас за светот“ (Гал. 6,14). Ако го сакаш својот Господ тогаш умри со Неговата смрт: дознај колку е огромна силата на крстот, колку добра извршил тој, што прави и какво осигурување е тој за животот. Со крстот се извршува сѐ и сешто: крштевањето - со крстот, ракополагањето - со крстот, и воопшто каде и да се наоѓаме: на пат, или дома, или на било кое друго место, крстот е големо богатство, спасоносно оружје, несовладлив штит против ѓаволот. Значи, кога војуваш против ѓаволот, ти веќе носиш крст, не просто правејќи го крсниот знак, туку претрпувајќи крстни страдања. Христос обично страдањата ги нарекува крст, како кога вели: „Кој не го земе крстот свој и не оди по Мене“ (Мат.0, 24), односно кој не е готов на смрт. А луѓето ниски, кои го сакаат животот и телото, се непријатели на крстот. Така и секој што ги сака уживањата и земното спокојство е непријател на крстот.

Верата ни ја открива вистината и од искрената вера се раѓа љубовта. Оној што вистински верува во Бога никогаш нема да престане да се оддалечува од љубовта. Навистина, човекот кој не ја познава љубовта не може, навистина не може да има благородни и великодушни чувства. Основа на секое добро не е ништо друго освен љубовта. На љубовта се крепат целиот закон и пророците (Мт. 22, 40). Како што огнот, кога ќе ја зафати шумата обично исчистува сѐ, така и жарта на љубовта, ако се разгори во некого, очистува и искоренува во него сѐ што е штетно за божественото семе и ја прави земјата чиста за примање на тоа семе. Кај што е љубовта таму се искоренува злото, таму го нема ни среброљубието - коренот на сите зла, ни користољубието, ни гордоста. И може ли некој да се гордее пред личноста што ја сака? Ништо не може да нѐ направи толку смирени како љубовта. На суштествата кои што ги сакаме ние им служиме како робови и не се срамиме, туку дури и им благодариме за таквото ропство, за нив ние не ги штедиме нашите пари, а понекогаш и телесните сили. Онаму каде што е љубовта нема ни завист ни оговарање. Таму сѐ е тивко, сѐ е спокојно, нема ни трага од неслоги и расправии, сѐ е полно со мир. Зошто? Затоа што самите гревови, како што се крадењето, зависта, оговарањето, надменоста, кривоклетството, лагата, сетоа тоа исчезнува онаму каде што е љубовта.

За доблестите

Јас тврдам, благовести свети Златоуст, дека сите се способни за добродетели... Очигледно е дека во нас луѓето се наоѓа можноста за добродетелите. Затоа да не зборуваме оној е добар по природа, а овој е лош. Ако некој би бил добар по природа, тогаш никогаш не би можел да стане лош. А ако би бил лош по природа тогаш никогаш не би можел да стане добар. Меѓутоа, ние гледаме брзи промени кај луѓето. Тие час паѓаат во една состојба, час во друга и преминуваат од еден кон друг. Тоа се гледа во Светото Писмо: цариниците стануваат апостоли, учениците - предавници, блудниците - целомудрени, разбојниците - добри, волхвовите поклоници, безбожниците - побожни. А многубројни примери за тоа и самите гледаме секој ден. Кога доброто и злото би биле природни, тогаш би ги немало таквите промени. Оној што сака да биде добар ништо не може да го спречи во тоа, па макар пред тоа да бил еден од најпорочните луѓе. Доблеста е согласна со природата, а порокот е спротивен на природата, како што болеста е спротивна на здравјето. На пример, каква тоа неопходност нѐ присилува да лажеме и да се колнеме? Никакви неопходности нема, никакви неволји. Ние тоа го правиме според сопствената волја.

Кажи ми, зошто велиш дека добродетелта е тешка? Таа е тешка за нашата мрзливост, а сама по себе е лесна и удобна. Еве што за тоа вели Христос: „Јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Мт. 1, 30). Ако не чувствуваш дека добродетелта е лесна, значи немаш јака ревност. Како што при ревноста тешкото станува лесно, така без неа лесното станува тешко. Ако ја насочиш својата душа како што треба, тогаш ќе ја почувствуваш леснотијата на добродетелта... Ти си најнесреќниот од сите луѓе ако се отуѓуваш од добродетелите. Нам ни е важно доблесното и без тоа сѐ останато е потполно некорисно. Корисни за нас се добродетелта и философијата, односно светиот евангелски живот.

Љубовта е виновник за секоја добродетел. Затоа, да ја засадуваме најгрижливо во нашите души, за таа да ни донесе богатства и постојано да ги собираме нејзините обилни плодови, кои секогаш цветаат и никогаш не свенуваат. Сите добродетели сочинуваат еден цврст синџир, кој е поцврст и поубав од секој златен синџир. Секоја добродетел има таква сила да ствара друга добродетел и самата од неа да се ствара, да подржува друга добродетел и самата од неа да се подржува. Никој никогаш со помош на злото не може да дојде до доброто, ни со помош на блудот до целомудрието, ни со помош на зависта до добронамерноста... Наредувајќи ни да се исполниме со секоја полнота Божја (Еф. 3, 19), светиот Апостол нѐ поттикнува на подвизи, со помош на кои можеме да се исполниме со такви добродетели, со какви што е исполнет Бог.

Распеана со чудесната благовест Спасова, христочезнивата душа на свети Златоуст благовести: Светиот Апостол вели: „Секогаш благодарете Му на Бога за сѐ“ (Ефес. 5, 20). Што - зарем треба да благодариме за сѐ што ќе се случи? Да, да! Макар тоа да е болест, макар да е сиромаштво. Благодари, макар и да не ја сфаќаш причината за нешто. Токму во тоа и се состои благодарноста. Ништо големо, ништо особено ако благодариш кога си во добро, кога си здрав, кога си напреден и среќен. Но, од тебе се бара да благодариш кога си во неволји или во жалости. Немој да изговараш ништо освен зборовите: Ти благодарам, Господи! Но, зошто јас зборувам за неволјите кои биваат овде на земјата? За самиот пекол треба да Му благодариме на Бога, за казните во пеколот, за маките во пеколот. Ако внимателно размислуваме, несомнено многу ќе ни користи и оваа работа: стравот од маките во пеколот ќе го зауздаат нашето срце... Да, кога ќе нѐ снајдат болести, несреќи, беди, токму тогаш и треба многу да Му благодариме на Бога. И тоа да благодариме не со зборови, не со јазикот, туку со постапките, со делата, со мислите и срцето. Од сета душа треба да Му благодариме. Бог не љуби повеќе од нашите родители и љубовта Божја толку се разликува од љубовта на родителите, колку доброто од злото.

За богатството

Да бидеме задоволни со малку и секогаш ќе бидеме богати. Да се грижиме единствено за облеката и обувките, и ќе го добиеме и тоа, и многу повеќе од тоа... Не според количината на имотот туку според расположението на душата треба да се суди за богатството и сиромаштвото. Најсиромашен е оној што постојано сака повеќе од она што го има и никогаш не може да ја запре својата лоша желба. Затоа да бегаме од среброљубието, тој виновник за сиромаштвото, упропастувач на душата, пријател на пеколот, непријател на Небесното Царство, изворот на сите зла воопшто. Да го презираме имотот за подобро да го користиме и со негова помош да ги добиеме и ветените нам богатства... Ако сакаш да бидеш богат, тогаш презирај го богатството. И навистина, богатството не се состои во имањето на богатство, туку богатството всушност е да не се грижиме да стекнуваме богатство. Ако така се раководиме себеси, тогаш и овде на земјата ќе бидеме побогати од сите богаташи, и таму на небото ќе ги наследиме небесните богатства... Богат е, не оној на кого многу му е потребно туку оној на кого ништо не му треба.

Бог сака никогаш да не посакуваме да имаме многу, но исто така и да не тагуваме кога имаме малку. Во овој свет сите живееме едно одредено време и сите сме облечени во подеднакво тело. Затоа ни богаташот нема никаква добивка од одвишокот на имотот ни сиромавиот никаква штета од сиромаштијата. Тогаш, зошто се плашиш од сиромаштијата? А ти, зошто трчаш по богатството? Се плашам, одговараш ти, потребата да не ме натера да одам на туѓа врата и да просам. Често слушам дека многумина дури и се молат на Бога да не дозволи некогаш да им биде потребна човечка помош. Додека го слушам тоа се смеам, зашто таквиот страв им доликува само на децата. Всушност, нам секојдневно во сѐ ни е потребна меѓусебната човечка помош. Зарем не гледаш дека сите ние сме си потребни еден на друг? Војникот на занаетчијата, занаетчијата на трговецот, трговецот на земјоделецот, робот на господарот, господарот на робот, сиромавиот на богатиот, богатиот на сиромавиот, просјакот на давателот на милостиња, милостивиот на просјакот. Да, примателот на милостиња ја задоволува најголемата потреба, поголема од сите потреби. Кога не би бил просјакот, многу би било изгубено за нашето спасение, бидејќи не би имале на што да го трошиме својот имот. На тој начин и просјакот, кој наизглед најнекорисен од сите, всушност е најкорисниот од сите. Ако се срамиш што ти е потребен другиот, тогаш ти преостанува единствено да умреш, зашто оној што се срами од тоа не може ни да живее.

Ако сакаш да се збогатиш стани сиромав. Такви се чудесните дела Божји. Не сака Бог ти да станеш богат со свои сопствени напори туку според Неговата милост. Препушти ми го тоа Мене, вели Бог, а ти грижи се за духовното, за да ја познаеш и Мојата моќ. Бегај од ропството и јаремот на богатењето. Ти си сиромашен сѐ додека си врзан за богатењето. Та да се биде богат не значи да се стекне многу, туку да се нема потреба од многу. Ако и царот има таква потреба, тогаш ни тој по ништо не се разликува од просјакот... Ако сакаш да стекнеш земни богатства, тогаш барај го небото. Ако сакаш да уживаш во земното, тогаш презирај го. Барајте го најпрвин Царството Божјо и сѐ друго ќе ви се придодаде (Мт. 6, 33). Зошто се восхитуваш на она што има мала вредност? Зошто чезнееш за она, за кое што не вреди ни да се зборува? До кога ќе останеш сиромав? До кога просјак? Погледни во небото, помисли на богатството таму, исмеј го златото, научи како да го употребиш. Ние го користиме само во земниот живот, кој, во споредба со идниот, е исто што и капка вода споредена со бескрајната морска шир. Тоа не е вистински имот. Затоа, штом ќе се најдеш на умирање, други земаат сѐ што имаш, сакал ти или не сакал, па тие повторно го предаваат на други, а тие пак на трети. Сите ние сме дојденци и наемници. Сопственоста постои само на име, а всушност сите ние сме сопственици на туѓото. Нам ни припаѓа само она што ќе го испратиме пред нас во оној свет. Овдешното не е наше и за време на нашиот живот тоа заминува од нас. Ни припаѓа само она што го сочинуваат нашите душевни подвизи: милостињата и човекољубието. Да се потрудиме нив да ги стекнеме и тие да станат наш внатрешен духовен имот. Не можеме на заминување од овој свет да понесеме со нас пари, но можеме да понесеме милостиња. Пред сѐ, милостињата треба да ја испраќаме пред нас на оној свет, за да си подготвиме живеалиште во вечните населби. Единствено добродетелта е способна да нѐ следи во оној свет, единствено таа преминува во идниот живот.

Сѐ што имаме, сме го добиле од Христос. Од Него го имаме и самото постоење, и животот, и дишењето, и светлината, и воздухот, и земјата. Ако Бог би нѐ лишил од едно од овие, ние би пропаднале и изгниле, бидејќи сме дојденци и патници. Изразите мое и твое се само празни зборови, бидејќи всушност не е така. На пример: ако ти куќата ја нарекуваш своја, тоа е празен збор, не одговара на вистината, бидејќи на Творецот му припаѓаат и воздухот, и земјата, и граѓата, и самиот ти, кој си ја изградил куќата, и сѐ останато. Дури и при користењето на куќата таа не е твоја, не само поради смртта која те загрозува, туку и пред смртта заради минливоста на работите. Имајќи го тоа постојано на ум, да бидеме богомудри и кога добиваме и кога губиме, и да не им робуваме на предметите минливи и кои не ни припаѓаат нам. Кога Бог н  лишува од имотот, тогаш Бог го зема своето. Кога нѐ лишува од честа, телото, душата, или од твојот син, тој го зема не твојот син, туку Својот слуга, зашто го створил Бог, а не ти. Ти си само припомогнал за неговото појавување, а сѐ извршил Бог. Да бидеме благодарни што сме се удостоиле да Му припомогнеме во Неговото делување... Кога ние самите не сме свои, како тогаш останатото може да биде наше? Ние двојно му припаѓаме на Бога. И по создавање и по вера. Пророкот Давид вели: „Суштеството мое е од Тебе“ (Пс. 38, 8); исто така и свети апостол Павле: „Преку Него живееме, и се движиме и постоиме“ (Д.А.17, 28); а расудувајќи за верата, вели: „Не сте свои, скапо сте купени“ (Кор. 6,19). Сѐ е Божјо. Затоа, кога Бог бара и сака да земе назад, да не се противиме како неблагодарни слуги, и да го присвојуваме за себе она што му припаѓа на Бога. Душата твоја не е твоја. Како тогаш имотот може да биде твој? И како ти го бараш она што не треба, она што не е твое? Зарем не знаеш дека ќе бидеме осудени затоа што лошо го употребуваме она што ни е дадено? Она што не е наше туку Божјо, треба да го користиме на сличните на нас слуги. Затоа богаташот и бил осуден што не постапувал така, како и оние кои не Го нахраниле Господа. Немој да изговараш: јас го трошам своето и уживам во своето. Ни тоа не е твое туку туѓо е. Велам туѓо, зашто ти самиот така сакаш. Бог сака она што ти е врачено тебе заради браќата, да стане твое. Туѓото станува твое кога ти го употребуваш за другите. А кога неумерено го користиш на себе, тогаш твоето станува туѓо. Ти немаш сострадалност и зборуваш дека со право го употребуваш своето за да уживаш. А јас пак токму затоа велам дека тоа е туѓо. Сѐ твое е заедничко за тебе и твојот ближен. Како што ни се заеднички сонцето, воздухот, земјата и сѐ останато. Да бидеме појасни: Телесната храна, одредена воопшто за сите органи на телото, ако биде приграбена само од еден орган, тогаш таа станува туѓа и за него. Таа не може да се свари и да храни - и оттука станува туѓа и за него. А кога ќе стане заедничка, станува сопственост и негова и на останатите органи. Така е и со имотот. Ако само ти како единка го користиш, тогаш ќе доживееш штета, зашто нема да добиеш награда. Ако го делиш со другите тоа повеќе ќе биде твое, и ќе добиеш корист од него. Зар не гледаш како рацете служат, устата џвака а желудникот ја прима храната? И желудникот не вели: јас ја примам и затоа треба сета да ја задржам кај себе. Не зборувај го тоа ни ти во однос на имотот. Оној што прима е должен и да дава. Како што за желудникот е лошо ако ја задржи сета храна во себе а не ја распредели, зашто тоа би му наштетило на целото тело, така и за богатите е лошо својот имот да го задржуваат кај себе, зашто тоа ги упропастува и нив самите а и другите. Исто така, единствено окото ја прима светлината, но не ја задржува кај себе туку го осветлува целото тело, зашто за него е неприродно да ја задржува светлината во себе додека тоа останува око. Ноздрите чувствуваат мирис, но не го задржуваат во себе туку го предаваат на мозокот, го соопштуваат мирисот и на желудникот и доставуваат пријатност на целиот човек. Нозете само одат, но при тоа тие не се преместуваат само себе туку и целото тело. Така и ти, не задржувај го само за себе она што ти е доверено, зашто на тој начин ќе им наштетиш на сите а најмногу на самиот себе. Тоа може да се види не само на деловите на телото туку на пример и: ковачот, ако не сака со својот занает да им користи на другите, тој ќе нанесе штета и на себе и на другите занаети. Исто така и чевларот, земјоделецот, пекарот и секој друг занаетчија, ако не сака на другите да им ги дава производите на својот занает, ќе наштети не само на другите туку преку другите и на самиот себе.

Чудесен и единствен пример на збогатување со вечното богатство на човечкиот род преку сиромаштвото претставува Господ Христос. Светиот Апостол благовести: „Ја знаете благодатта на нашиот Господ Исус Христос дека, иако богат заради вас осиромаши, за вие со Неговото сиромаштво да се збогатите“ (2Кор. 8, 9). Со тоа светиот Апостол вели: претставете си ја благодатта Божја, размислете за неа, влдабочете се во нејзината величина и огромност, и тогаш нема да поштедите ништо од својот имот. Господ Христос ја потрошил славата Своја, за вие да се збогатите не со богатство туку со сиромаштвото Негово. Ако не веруваш дека сиромаштвото го создава богатството, тогаш сети се на својот Господ и повеќе нема да се сомневаш. Всушност, ако Бог не осиромашил, ти не би станал богат. Навистина е достојно за восхитување: сиромаштвото го збогатило богатството. А богатство светиот Апостол овде ги нарекува познанието на верата, очистувањето на гревовите, оправдањето, осветувањето и останатите безбројни добра, кои нам Христос ни ги дарувал, и ветил дека ќе ни ги дари. И сето тоа е стекнато за нас со помош на сиромаштвото. Какво сиромаштво? Вакво: Бог прими тело, стана човек и претрпе страдања: иако Бог со ништо не ти беше должен тебе, туку ти му беше должен Нему.

Потопен молитвено во Евангелието на свети апостол Павле, свети Златоуст благовести: До кога ќе бидеме телесни? До кога ќе ползиме по земјата? Сѐ мора да ни биде споредно во однос на грижата за децата и нивното воспитување во науката и советите Господови. Кој од мал ќе се научи да биде богомудар, тој со тоа стекнува богатство поголемо од секое богатство и најголема слава. Не е толку корисно да се одгледува синот, учејќи го на занает во надворешната наука со помош на која се стекнуваат пари, колку да го научиш да ги презира парите. Ако сакаш да го направиш богат, ти постапувај така. Богат е не оној на кого му треба многу имот и поседува многу, туку оној на кого ништо не му е потребно, Така воспитувај го својот син, на тоа учи го; тоа е најголемото богатство. Немој да се трудиш својот син да го направиш познат по световната ученост и да му обезбедиш слава, туку учи го да ја презира славата на овој живот; тоа ќе го направи пославен и попознат. Ова можат да го постигнат и сиромавиот и богатиот. Тоа можеш да го научиш не од учителите и од науките, туку од Светото Писмо. Немој да бараш твојот син да живее долго на земјата, туку на небото да се удостои на животот безграничен и бесконечен. Дај му го она што е големо а не она што е мало. Вдлабочи се во зборовите на светиот апостол Павле: „Негувајте ги во науката и советите Господови“. Не труди се да го направиш ритор туку научи го да богомудри. Ако не стане ритор нема да има никаква штета, а ако му недостига богомудрост, илјада риторства нема да му користат. Потребно е добро владеење, а не остроумност, морал, а не говорничка вештина, дела, а не зборови. Тоа е она што го носи Царството, тоа дарува вистински богатства. Не остри го јазикот туку очистувај ја душата.

За Црквата

Името Црква не е име на поделби туку на единство и слога. Црквата разделените ги собира во едно, бидејќи името Црква е име на слога и еднодушност... Црквата е востановена не за оние што се собираат во неа да се делат меѓусебно, туку разделените да се соединат. Црквата не знае за разлика помеѓу господарот и робот. Таа ги разликува и едниот и другиот според добродетелите.

Христос е глава на Црквата, а ние телото. Помеѓу главата и телото може ли да има некакво растојание? Христос е темелот, ние граѓата; Христос е лозата, а ние прачките; Христос е Младоженецот, ние невестата; Христос е пастирот, ние овци; Христос е патот, ние патниците; ние сме храмот, Христос населеникот; Христос е првенецот, ние браќата; Христос е наследникот, ние сонаследниците; Христос е животот, ние оние што живеат; Христос е воскресението, ние оние што воскреснуваат; Христос е светлината, ние оние што се просветлуваат. Сето тоа означува единство и не допушта никаква поделба, дури ни најмала, зашто оној што малку ќе се одвои, истиот потоа и многу ќе се одвои. Така телото, ако добие и мала рана од мечот, се расипува. Градбата, дури и малку ако распукне, ќе се сруши. Лозата, ако и малку се открши од коренот ќе стане неродна. На тој начин тоа мало веќе не е мало, туку е речиси сѐ. Затоа, кога ќе погрешиме во било што мало, или почувствуваме мрзливост, да не го занемаруваме тоа мало, зашто ако не му обрнеме внимание набрзо ќе стане големо. Така е и со облеката. Ако почне да се кине а ние не ја закрпиме, таа цела ќе се сокине. Исто и покривот. Ако паднат од него неколку ќерамиди и биде оставен така, ќе се сруши целата куќа. Затоа секогаш да бидеме будни према малите гревови, за да не западнеме во големи.

Како што телото и главата сочинуваат еден човек, така се едно Црквата и Христос. Како што нашето тело е нешто едно, иако се состои од многу делови, така и ние во Црквата сите сочинуваме нешто едно. Иако Црквата се состои од многу членови, сепак тие се едно тело. Еден Дух составил од нас едно тело и нѐ препородил, зашто со еден Дух не е крстен еден, а со друг другиот. И не е само Духот кој нѐ крстил еден, туку и она во што нѐ крстил, односно поради што нѐ крстил е едно, бидејќи сме се крстиле не за да сочинуваме разни тела, туку сите точно да сочинуваме едно тело еден спрема друг, односно сме се крстиле за сите да бидеме едно тело.

До овоплотувањето на Бога Логосот, вели свети Златоуст, небесното и земното биле разделени едно од друго и немале една глава. Но, со овоплотувањето на Господа Христа, Бог постави една глава за сите, за ангелите и луѓето, односно даде едно врховно начело и за ангелите и за луѓето. На едните Христа по тело, а на другите Бога Логосот. Како кога некој би рекол за куќата дека во неа е нешто гнило, а нешто јако, па би ја обновил куќата, односно би ја зацврстил појачувајќи ѝ го темелот, така и овде сѐ наведнал под една глава. Единствено така е возможно соединувањето, единствено тогаш и ќе има совршен сојуз, кога сите, имајќи некоја неопходна врска горе, ќе биде наведнато под една глава.

Гледаш ли, прашува понатаму свети Златоуст, што сторил Бог? Го воскреснал Христа. Зарем тоа е малку? Но, види понатаму. Го поставил од десната страна на Себе. Каков збор може да го изрази тоа? Оној Кој е од земја, Оној Кој е побезгласен од риба, Оној Кој бил играчка на демоните, одеднаш го издигнал во висините. Навистина е неизмерна големината на моќта Негова! Обрни внимание каде го издигнал. Го поставил на небесата над секоја створена природа, над секое поглаварство и власти. Затоа навистина е потребен Дух, потребен е просветен ум, за да Го познаат. Навистина е потребно откровение. Замисли колкаво е растојанието помеѓу човечката и божествената природа! Меѓутоа, Бог човечката природа од нејзината ништовност ја издигнал во достоинството на Божествената. За ова е потребно да се преминат не еден, не два, не три степена. Затоа и Апостолот не рекол едноставно: Горе туку над.

А над вишните Сили е единствено Бог. И на таква висина Бог го издигнал човекот од најниското понижување во највисокиот степен на власта, зад која не постои некое повисоко достоинство. Сето тоа Апостолот го зборува за Воскреснатиот од мртвите, што е и достојно за восхитување. Но, во никој случај тоа не го зборува за Бога Логосот, зашто тоа што се комарците во однос на луѓето, тоа е сета твар во однос на Бога. И што велам јас: комарци? Та кога сите луѓе се пред Бога како капка или прашина (Исаија 40, 15) тогаш Невидливите Сили можеш да ги сметаш за комарци. Значи, не зборува за Бога Логосот, туку за Оној Кој е од нас. Тоа всушност е големото и чудесното, што Го издигнал од земјиното подземје. Кога сите народи пред Бога се како капка, тогаш еден човек колкаво делче е од капката? Меѓутоа Бог Него го издигна над сѐ, не само во овој свет туку и во оној, и сѐ покори под нозете Негови... О, навистина прекрасни и запрепастувачки дела! Со тоа што Бог Логосот стана човек, на човекот сета создадена сила му стана робинка. Но, можеби постои некој кој е над Него, кој иако нема потчинети, сепак поседува поголемо достоинство. Овде ни тоа не може да се претпостави, зашто Апостолот тврди: „Сѐ покори под нозете Негови“, и тоа покори не просто, туку покори до потполна потчинетост, така што поголема потчинетост не може да има. Затоа Апостолот и рекол: „Под нозете Негови, и Него го даде за глава на Црквата над сите“. Гледај, и Црквата колку ја издигнал! Како со некоја дигалка ја издигнал на огромна висина и ја поставил на истиот престол, зашто каде што е главата таму е и телото. Нема никаков прекин меѓу главата и телото, зашто кога нивната врска би се прекинала, тогаш не би биле ни телото ни главата. Апостолот вели: над сите. Што значи: над сите? Значи, или дека Христос е над сѐ видливо и со умот замисливо, или дека од сите добротворства извршени од Него на нас, најголемо е тоа што Синот Свој Го сторил глава на Црквата, без при тоа да остави никој повисок: ни од Ангелите, ни од Архангелите, ниту никој друг. Бог нѐ почестил не само со таа предност што човекот Христос го издигнал горе, туку и со тоа што подготвил сиот човечки род воопшто да оди по Него, да се држи до Него, да Го следи Него. „Која е тело Негово“. За ти, кога ќе го чуеш зборот „глава“, тој збор да не го сфатиш само во смисла на власт, туку и во буквална смисла, и Христос да не Го сметаш само како началник, туку да Го гледаш како вистинска глава на телото, Апостолот додава: „Полнотата на Оној Кој сѐ исполнува во сѐ“. Што значи тоа? Значи дека Црквата е полнота на Христа. Зашто полнота на главата е телото и полнота на телото е главата. Гледаш, апостолот не пропушта никакво споредување, само за да ја изрази Божјата слава. Тој вели „полнота“, односно како што главата се дополнува со телото, зашто телото е составено од сите органи и секој орган е неопходен. Гледаш, Апостолот покажува дека на Христа како глава му се потребни сите органи воопшто, зашто кога многумина од нас не би биле - еден рака, друг нога, трет некој од останатите органи, тогаш телото Негово не би било потполно. Значи, телото Негово се составува од сите членови. Тоа значи дека тогаш се исполнува главата, тогаш телото станува потполно, тогаш кога сите ние ќе бидеме цврсто соединети и поврзани.

Гледаш ли „богатство на слава на наследството?“ Гледаш ли „неизмерна величина на моќта на оние што веруваат?“ Гледаш ли „Надеж на титула?“ Да имаме стравопочитување спрема нашата Глава: да размислиме на каква Глава ние сме тело, на Која што сѐ ѝ е покорено. Имајќи го тоа во предвид, ние треба да бидеме подобри од Ангелите и поголеми од Архангелите, бидејќи сме удостоени на поголема чест од сите нив. Како што Апостолот вели во Посланието до Евреите: Бог прими природа не од Ангелите, туку од семето Авраамово (Евр. 2, 16). Не природа на Поглаварствата, ни Властите, ни Господствата, нити на никоја друга Сила, туку нашата природа Он ја зеде на Себе и ја постави горе. И што зборувам јас: постави? Ја направи Своја облека; и не само тоа, туку и сѐ покори под нозете Негови... Со трепет да ги цениме блискоста и сродството наше со Бога. Да се плашиме некој да не се отсече од ова тело, некој да не отпадне, некој да не се покаже недостоен. Кога некој би ни ставил на главата царска круна, златен венец, кажете ми, што сѐ не би сториле за да се покажеме достојни на тие мртви камења? А овде нашата глава ја покрива не царска круна, туку Самиот Христос станал наша Глава, што е неспоредливо поголемо. Меѓутоа, ние на тоа не му придаваме никаква важност. Та Ангелите, Архангелите и сите Небесни Сили со побожно стравопочитување ја чествуваат нашата Глава, а ние, телото Нејзино, зарем нема со молитвено стравопочитување да ја чествуваме? И каква тогаш надеж потоа ни останува за спасение? Размислувај за тој царски престол, размислувај за таа преголема чест. Tоа треба да нѐ плаши повеќе отколку пеколот. Кога и не би бил пеколот, тогаш за нас, кои сме удостоени на толкава чест, а потоа сме се покажале недостојни за неа и лоши, лишувањето од оваа чест би требало да биде наша најголема казна, неискажана мака. Замисли, блиску до Кого е твојата Глава? Од десната страна на Кого се наоѓа? Таа се наоѓа над секое Поглаварство и Власти и Сили. А телото Нејзино и демоните го газат? Но, да не се случи тоа! Кога би било така, тогаш веќе не би било ни телото. Но, бидејќи станува збор за телото Господово, тогаш да се сетиме и на Телото кое било распнато, приковано, на жртва принесено. Ако си тело Христово, тогаш носи го крстот, зашто и Он го носел. Поднесувај плукања, поднесувај шлаканици, поднесувај и клинци. Такво било Неговото тело, иако било безгрешно. И бидејќи зборуваме за телото Негово, тогаш причестувајќи се со него и пиејќи ја крвта Негова, да имаме на ум дека во тајната Причест ние се причестуваме со Телото, кое по ништо не се разликува од Телото кое седи горе, на кое Ангелите му се поклонуваат, кое се наоѓа близу непропадливите Сили, - тоа Тело токму ние и го јадеме. О, колку патишта ни се откриени кон спасението! Господ Христос нѐ направил Свое тело, ни го дал нам Своето Тело, и сето тоа нѐ одвраќа од злото. О, помрачување! О, длабока бездна! О, нечувствителност! Заповедано ни е: „Да мислиме за она што е горе, каде што Христос седи од десната страна на Бога“ (Кол. 3, 2.1). Меѓутоа, едни се грижат за богатството, други пропаѓаат во страстите.

Толкувајќи ги боговдахновените зборови на првоврховниот Апостол: „Какво е богатството на славата на оваа тајна (Црквата) меѓу незнабошците“ (Кол.1, 26), свети Златоуст вели: Луѓето, понечувствителни од камења, одеднаш ги издигнува во достоинството на Ангелите, и тоа едноставно со помош на голите зборови и самата вера, без никаков труд, - навистина е тоа слава и богатство на тајната; слично на тоа е кога некој гладен и шугав пес, гаден и одвратен, кој исфрлен воздивнува и повеќе не е во состојба да се движи, ненадејно го направи човек и го постави на царски престол. Обрни внимание: незнабошците се поклонувале на камења и на земјата, биле заробеници и затвореници на ѓаволот, и ете, одеднаш згазнаа на главата негова и започнаа да господарат над него и да го бичуваат; слугите и робови на демоните станаа тело на Господарот на Ангелите и Архангелите; оние, кои дури и не знаеле дека постои Бог, одеднаш станаа сопрестолници Божји. Сакаш ли да ги видиш безбројните степени што тие ги прескокнаа? Требало тие прво да дознаат дека камењата не се богови, дека не само што не се богови, туку дека ни земјата, ни животните, ни растенијата, ни човекот, ни небото, ни она што е повисоко од небото, исто така не е Бог. Исто така, дека ни камењата, ни животните, ни билките, ни стихиите, ни она што е горе, ни она што е долу, ни човекот, ни демоните, ни Ангелите, ни Архангелите, нити некоја друга од тие Вишни Сили - природата човечка не треба да ги обожува. Како да црпат од некоја длабочина, тие требало да познаат дека Господарот на сѐ е Бог; дека само Него треба да го обожуваме; дека чудесното уредување на животот е богатство; дека сегашната смрт не е смрт; дека сегашниот живот не е живот; дека телото ќе се крене, ќе стане негнилежно, ќе се издигне на небото, ќе се удостои на бесмртноста, ќе се насели со Архангелите. Човекот, кој стоел толку ниско, бидејќи сите тие степени ги прескокнал, Господ Христос го постави на небесата на престол; човекот, кој бил понизок од каменот, Он го постави над Ангелите и Архангелите и Престолите и Господствата. Навистина светиот Апостол прекрасно рекол: Какво богатство е славата на оваа тајна!

Христос нека биде за вас сѐ: и вредност, и род, и во сите вас Он. Зашто сите вие станавте еден Христос, бидејќи сте тело Негово. Црквата е место на Ангелите, место на Архангелите, царство Божјо, самото небо. Зошто вратите пеколни не ѝ одолеале на Црквата? Затоа што Христос постојано живеее со нас. Кога Христос не би бил со нас, тогаш Црквата не би ја однела победата.

МОЛИТВА НА СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ

Најпочитуван во родот човечки молитвениче Божји, свети оче Јоване Златоусти, еве нѐ кај тебе со пелтечивите молитви наши. Не отфрлај нѐ, зашто во секоја наша пелтечива молитва, еве го целото наше срце, еве ги воздишките наши, еве го викот наш! Ти се молиме, преголем Светителу, сомилосно спушти се од небесните висини свои во отровните низини наши, и исцели нѐ од сите душевни болки, за со здрави души ревносно да Му служиме на твојот и наш Господ. Исцели нѐ и од секоја телесна болка, ако тоа ни е за спасение, за со здрави души во здраво тело да можеме да се подвизуваме и со твојата сепомош за спасението на нашите души да се бориме, за воскресение од мртвите совеста наша да се бори, за спасение на гревољубивото срце наше да се бориме, за обожување на ѓаволесаната волја наша да се бориме, за да може нашата волја, управувана од тебе, да го бара и сака само она што е Христово, евангелско, небесно, вечно.

О, прекрасен светителу Божји, светите мошти твои се далеку од нас, но со Христољубието свое ти си сиот покрај Господа Христа, а со човекољубието свое целиот покрај нас, и затоа од сесрце те молиме: со љубовта своја симни се кај нас, и со огнот на своето христољубие запали ги душите наши, вечно да горат со христољубието твое во двата света, да горат и никогаш да не согорат; дај ни ја твојата света љубов кон луѓето, за и ние единствено со света љубов да се љубиме еден со друг и сета земна и поднебесна твар.

Свети златоуст Евангелисту, петти Евангелисту, те молиме и те преколнуваме, со светото Евангелие свое води ги и раководи ги душите наши, и изведи нѐ на патот кој низ Вистината вечна води во Животот вечен. Умот наш, болен и заболен, замаглен и помрачен од нечисти помисли, лоши мисли, гревољубиви страсти, ти сомилосно исцели го, просвети го и преобрази го во ум Христов, како што ти уште за време на животот на земјата умот свој со своите свети подвизи си го преобразил во ум Христов, и со тоа најречито од сите луѓе си ни ги објаснил сите чудесни тајни Христови, посеани и разлеани по сите твари Божји, видливи и невидливи.

Христочезнив и Христомоќен оче наш Златоусте, низ векови и векови ти безброј човечки души си воскреснал од мртвите со своите свети книги и своите свети молитви. Воскресни ги со нив и нашите души, зашто водени и раководени од тебе, ние ќе бидеме во состојба да ја победуваме секоја духовна смрт што никне во нас од нашето внатрешно гревољубие, или се нафрлила врз нас од надворешниот свет. О, знаеме, знаеме ние, пресвет Духовнику небесен, дека ти си посилен од секоја смрт. Ти се молиме, стори нѐ победници над секоја смрт, откако најпрвин ќе нѐ сториш победници над секој грев и секоја страст, зашто гревовите и страстите се единствените нанесувачи и заканувачи, и никулцоносци и виновници на сите духовни смрти. Затоа ти, сакале ние или не, според својата бескрајна сомилост, секогаш сотирај ги во нас, и така осигурувај ни победа над секоја смрт, за уште во овој свет со радост да поживееме со воскресната благодат на воскреснатиот Господ, која од тебе обилно се излева врз сите, кои со сето срце те повикуваат на помош.

Семилостив и сепобедлив оче Златоуст, смилувај ми се, симни се од небото во бездната на мојата душа, во тоа мое дувло од ѕверови, зашто секоја страст е лут ѕвер, а мојата душа е полна со духовни ѕверови. Симни се меѓу дивите лавови мои и во јагниња претвори ги! Симни се меѓу крвожедните волци мои и претвори ги во овци.

Побрзај ми на помош, разнеси ги разбеснетите ѕверови мои - страстите мои, секогаш гладни за душата моја.

Ненадминлив златоуст Благовеснику, облаговести ме многугрешниот: со своите трисолнечни благовести симни се во моите ледени санти и растопи ги, и стопли ме со небесната топлина. Мојата мрзливост, таа е првиот мој мраз; во него замрзнува сѐ што влече кон Бога, кон небото. Те молам, симни се, стопли ме целосно и подигни ме кон небото, кон Господа! Безделничењето мое, еве ја мојата втора санта мраз, пресвети оче мој и богомудар духовнику мој. Спушти се во неа, сите мисли се заледиле, сите чувства, и јас во неодговорност и безработност умирам на мразот без сонце. Те молам, со сонцето на ревноста своја влези во душата моја, во мразот мој, и згреј ме за вера, за ревност, за Вистината и за секоја добродетел. Влези и растопи ги мразовите мои со огнот на верата твоја, и љубовта твоја и сомилоста твоја. И така кревај ме сѐ повисоко кон небото, кон небото, кон небото, кон чудесниот Господ Твој и мој! Иако со гревовите мои заталкав далеку од Господа, и ѓаволот ме брка по пустините на лудите желби мои, сепак верувам дека себлагиот Господ ќе ги услиша светите молитви на премилиот угодник Свој за мене грешниот, и со чудотворната милост Своја ќе ми го врати небото, Себе, Царството Свое небесно. Зашто иако многупати паднав, јас од Господа не отпаднав. Се држам до Него макар со здивот, макар со солзите, макар со лелекот.

О, семилостив оче Јоване Златоуст, сожали се на мене, сегрешниот. Прими ме за навек во светите молитви свои! Прости ми и помогни ми мене, многугрешниот! Подигни ме паднатиот и пропаднатиот! Измоли ми простување на гревовите! Исцели ми ја душата од сите страсти! Исцели ми го умот од сите болести! Исцели ја мојата волја од сите слабости! Огради ме со светите молитви свои како со огнен оклоп, за ниедна страст да не ме фрли во духовна смрт! Утврди го мојот ум во Христомислието твое! Утврди го срцето мое во Христочувствието твое! Обестрасти ме сестрасниот со помош на светите добродетели! Удостој ме да чувствувам со тебе, да мислам со тебе, да дејствувам со тебе, да верувам со тебе, да љубам со тебе, да живеам со тебе, да бесмртствувам со тебе! Охристољуби ме со твоето Христољубие! Дај ми смирение и трпение! Ти во мене моли за мене и наместо мене! Преобрази ме на спасение, на охристовување, на обожување! Охристови ме оѓаволениот! Умилостиви ме, бесчувствениот и нечувствителниот! Оседоблести ме, порочниот! Секогаш управувај со мојата душа, со мојата волја, со мојата совест, со моите мисли, со моите чувства, со мојот живот и во овој и во оној свет! Та и јас сегрешниот, заедно со тебе, Христољубени оче Златоуст, незамолчливо да Го славам чудесниот и незаменливиот Господ и Бог и Спас наш Исус Христос, Кому Му доликува секоја слава, чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин! Амин! Амин!

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:

АНТОНИН, НИКИФОР, ГЕРМАН и МАНЕТА

Свети Антонин, Никифор и Герман еднаш виделе како незнабошците за некој свој празник им се поклонувааат на идолите со врева и игри, па излегле бестрашно пред толпата и започнале да Го проповедаат едниот Бог во Троица. Управителот на Кесарија Палестинска, каде што се случи тоа, на име Фирмилијан, толку се раздразни од постапката на овие христијани, што нареди веднаш да им ги отсечат главите.

А пак Манета беше девица христијанка. Кога одеше по мачениците додека ги водеа на губилиштето, таа беше фатена. На потсмев и презир ја водеа гола низ градот, па потоа ја подложија на разни мачења, од кои со Божја помош остана неповредена. При тоа светата маченичка изврши многу чуда, многумина одврати од идолопоклоничкото безбожие, ги поучи во вистинската вера и ги приведе кон Христа Бога. Поради тоа беше осудена на спалување. Таа сама влезе во печката, каде што ја предаде својата душа во рацете на Господа, Кому и од нас чест и слава за навек. Амин.

Овие свети маченици пострадаа во 308 година, за време на царувањето на Максимијан Галериј.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ДАМАСКИН

Блажениот Дамаскин пострада за време на царувањето на султанот Мехмед IV, при цариградскиот патријарх Јаков. Роден е во Галат Цариградски, во парохијата на Пресвета Богородица Елеуса (Милостива), од побожни родители Киријак и Киријакија. Световното име му беше Дијамандис. Уште како дете остана сираче. Без раководството и надзорот на родителите, Дијамандис, по занает кројач, во младоста живееше неморално. Тој беше фатен од турските власти во едно злосторство и за да ја одбегне казната се одрече од христијанската вера. Кога созреа и стана свесен за својот страшен грев на одрекување од Христа, одлучи да се повлече на Света Гора и таму да го оплакува својот тежок грев. Стапи во лаврата на свети Атанасиј Атонски. Дванаесет години го оплакуваше својот убиствен пад на одрекување од Христа, измачувајќи се со најразлични подвизи: молитвата, постот, бдението, воздржанието и останатите доброволни страдања, раководен од својот духовен старец, на кого на самиот почеток му го исповедаше својот кобен грев, и на кого му беше целосно и безусловно послушен. Тука ја доби и светата ангелска схима со името Дамаскин.

Меѓутоа, иако со својот живот и добродетелите надминуваше многу тогашни монаси, совеста постојано го мачеше поради одрекувањето од Христа, и сметаше дека сите негови подвизи се ништо во споредба со неговиот пад. Единствено го смируваше мислата да страда и умре за Господа, Чии што зборови постојано му беа на ум: „Кој ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Отецот Свој, Кој е на небесата“ (Мт. 10, 32-33). Си мислеше дека ако не Го исповеда Христа пред луѓето, Господ Христос при Своето второ страшно доаѓање ќе се одрече од него пред Отецот Свој.

Кога откри дека сака да оди на смрт за Господа Христа, никој од монасите не му одобруваше, имајќи ја во предвид немоќта на човечката природа, плашејќи се да не се врати назад, та да биде полошо од падот. Во тоа време во лаврата се наоѓаше тогашниот патријарх цариградски Дионисиј, кој требало да патува за Цариград. Дамаскин му ја откри својата желба. Патријархот го благослови и го поведе со себе во Цариград. Јас повторно ќе се вратам на Света Гора, му рече патријархот, а ти ќе стапиш на подвигот на мачеништвото и ќе умреш за Христос. Затоа помоли Му се Нему за мене, да биде милостив при моето излегување од овој свет.

Во Цариград ја соблече од себе монашката облека, ја острижа косата, се облече како морнар, за да не го навлече гневот на муслиманите кон монасите, кога тие ќе чујат дека монах хули на Мухамед. Сличен случај на гонење на монасите се случил неколку години порано, кога како маченици пострадаа двајцата монаси Кипријан и Гаврил. Потоа, откако се причести со Светите Тајни во храмот на свети Никола во Галат, Дамаскин отиде во црквата Света Софија, одамна претворена во џамија, и започна да се моли крстејќи се. Муслиманите се зачудија, но помислија дека е лудак и не му обрнуваа внимание. Кога виде дека не се вознемирија, по молитвата излезе од црквата. На улицата го сретна имамот, кој читаше книга, и го праша дали во неговата книга има нешто за Христос. Имамот му одговори:

- Да не сакаш да станеш муслиман?

Дамаскин го праша:

- А што е тоа муслиман?

При тоа пријдоа и го опкружија некои муслимани и додека го слушаа му се потсмеваа како на лудак. Исповедникот ги праша:

- Сакате ли да ви кажам нешто корисно за вас?

- Сакаме, кажи, - му одговорија тие.

Маченикот им рече:

Христос е вистински Бог и Творец на сѐ видливо и невидливо.

- Ти си луд - му возвратија тие.

- Јас не сум луд, туку вие сте неразумни и прелестени, бидејќи не верувате дека Христос е вистински Бог.

Тогаш турците, сметајќи го за чукнат го оставија.

Од таму светиот исповедник отиде во џамијата на султанот Мехмед и исти работи им искажа на тамошните оџи, но и тие го избркаа како нездрав. Потоа се упати кај местото викано Кабана, и откако застана среде муслиманите, силно викна:

- Луѓе муслимани! Единствено Христовата вера е вистинска, и Христос е Бог вистински, а вашата вера е лажна.

Избезумените турци го фатија и немилосрдно го претепаа, па како луд го избркаа. Третиот ден исповедникот отиде во џамијата викана Сејизаки, близу јаничарските касарни. А кога турците по своите вообичаени молитви излегуваа од џамијата, тој силно викаше:

- Луѓе муслимани! Кого божествено почитувате? На што се надевате од вашиот лажен пророк? Единствена вистинска вера е верата христијанска!

Но, тие го сметаа за умно пореметен и луд и не му обрнаа внимание.

Многу ожалостен што ни тука не ја постигна својата цел, тој се врати во Галат и ноќта ја помина во молитва, смирено викајќи кон Господа:

- Не гади се од мене, ништовниот слуга Твој, единороден Сине Божји! Вброј ме во Мачениците Свои! Удостој ме да ја пролијам својата крв и да го положам својот живот за Тебе, мојот Господ!

А утредента, во недела, отиде во џамијата во Топхан, во која како мал се одрече од Христа. Џамијата беше полна со агарјани, собрани на утринска молитва. Исповедникот застана среде турците и извика:

- Бедници! Поради што се собирате? Во кого се надевате? Тешко вам, несреќници, ве очекуваат вечни маки! Единствено Христос е вистински Бог!

Турците се разгневија, му се нафрлија и безмилосно го тепаа, па го одвлекоа кај кадијата на Галат. Тука маченикот го проколна Мухамед и неговото одвратно учење. Судијата го упати кај везирот, со писмен извештај за навредите и презирот нанесени на Мухамед и неговото учење. Везирот го праша:

- Вистина ли е тоа што го пишува судијата за тебе?

- Да ефендијо, сѐ е гола вистина.

- Ти простувам - му рече везирот кротко. - Ти си наш поданик и твоја должност е да плаќаш данок. Затоа царството ти го подарува животот. Но, можеби си сиромав, па затоа ја сакаш смртта.

Маченикот одговори:

- Јас не сум сиромав. Напротив, побогат сум од тебе, бидејќи во своето срце ја имам ризницата на верата, која блеска како сонце. Ти го имаш богатството на овој свет, што си го собрал. Денес господариш со него, а утре друг ќе го земе. А богатството на мојата вера, која ја стекнав, останува за навек со мене. Со него ќе отидам во Царството Небесно.

Везирот виде дека маченикот е цврст во својата вера и никако не може да го придобие, па донесе одлука да му се отсече главата. Џелатите го врзаа и го одведоа во Фанар. Таму, пред вратите на патријаршијата, маченикот клекна и благодарејќи Му на Бога што му ја исполни желбата, ја наведна својата глава под мечот и беше обезглавен. Крвта прсна и нејзините свети капки паднаа на вратата од најблискиот трговски дуќан. Игуменот на манастирот Мавромол Макариј, кој тогаш се затекна таму, ја купи таа врата и ја однесе во својот манастир, заради благослов и осветување од капките света маченикова крв. А неговите свети мошти, по наредба на турците лежеа цели три дена пред патријаршијата. Тогаш христијаните ги поткупија стражарите, па ги зедоа и ги однесоа, за со кајче да ги пренесат на островот Халка, во манастирот Света Троица. Меѓутоа отците на обителта Пресвета Богородица, која се наоѓа на истиот остров, ги испреварија, ги зедоа и чесно ги погребаа зад олтарот. По молитвите на светиот преподобномаченик Дамаскин, нека Спасителот нѐ удостои и сите нас на Царството Свое. Амин.