27.  Ноември  (14. Ноември)

 

ЖИТИЕТО НА СВЕТИ АПОСТОЛ ФИЛИП

Крај Галилејското Море во близина на Хоразин и Капернаум се наоѓаше градот Витсаида. Во тој град се родија тројцата апостоли Петар, Андреј и Филип. Петар и Андреј беа рибари и со тој занает се занимаваа додека Господ Христос не ги повика со Себе. А Филип уште во младоста родителите го дадоа да ја учи книжевната мудрост. Срдечно читајќи го и изучувајќи го Светото Писмо, Филип стана негов одличен познавач и добро ги знаеше сите пророштва за очекуваниот Месија. Гореше од љубов кон Него и многу сакаше да Го види лично, иако сѐ уште не знаел дека веќе е дојден на земјата, Оној, Кого многумина сакаа да Го видат, очекувајќи го Неговото доаѓање.

Додека во Филип гореше таква љубов кон Месијата, ете, многупосакуваниот Месија Христос дојде во Галилеја и кога го најде Филипа, му рече: „Ајде по Мене“ (Јован 1, 43).

Овој Господов повик Филип го слушна не само со телесните уши, туку и со сето свое срце, и веднаш поверува дека Он е вистинскиот Месија, ветениот од Бога преку Пророците и тргна по Него. Внимателно набљудувајќи го пресветиот живот на Господа Христа.

Филип се трудеше да Го подражува и се учеше од Него на божествената премудрост, со која подоцна требаше да го победи незнабожечкото безумие. Радосен за пронаоѓањето на таквата Ризница, со која сиот свет требаше да биде искупен, Филип не сакаше само тој да се збогатува со неа, туку и други да имаат удел во тој дар. Затоа, го најде својот пријател Натанаил и со радост му соопшти:

„Ние Го најдовме Оној за Кого Мојсеј во законот пишува, а и пророците - Исус, Синот Јосифов од Назарет“ (Јн. 1, 45).

Кога го слушна тоа Натанаил не можеше да поверува дека од малиот град и од простиот род може да произлезе Месијата, Царот Израилски, и рече:

„Од Назарет може ли да биде нешто добро?“

А Филип, без да зборува многу, го посоветува Натанаил само да Го види Исуса, велејќи му:

„Дојди и види“ (Јован 1, 46).

Филип постапи така зашто знаел дека штом Натанаил ќе Го види Исуса и ќе ги чуе Неговите спасоносни зборови, веднаш ќе поверува дека Он е Месијата. Всушност, така и се случи. Кога Филип одеше со Натанаил кај Исуса, Господ, Кој ги испитува срцата и ги чита сокриените човечки мисли, кога го виде Натанаил како Му приоѓа, го препозна и рече за него:

„Еве вистински Израилец во кого нема лукавство“.

Кога ги слушна тие зборови Натанаил многу се зачуди и Му рече:

„Од каде ме познаваш? Ниту Ти некогаш си ме видел мене, ниту Јас Тебе“.

Господ му одговори:

„Пред да те повика Филип, Јас те видов кога беше под смоквата“ (Јован 1, 4748).

А кога Натанаил беше под смоквата размислуваше за божествениот Месија, во Чие што очекување беше сета радост и веселие на верните слуги Божји. И му подари Бог во тоа време срце скрушено и топли солзи, со помош на кои тој срдечно се молеше на Бога да го исполни ветеното од памтивека на Отците и да го испрати на земјата Спасителот на светот. Севидливото око Божјо го виде во тоа време Натанаил, кој се наоѓаше во дух на умиление и затоа и му рече Господ:

„Те видов кога беше под смоквата“.

Овие зборови уште повеќе го запрепастија Натанаил. Тој се сети за што размислувал под смоквата и со какво умиление се молел на Бога да Го испрати Месијата. А знаеше дека таму немаше никој, кој би можел да го види и дека мислите негови никој освен Бога не може да ги знае. Затоа Натанаил веднаш поверува дека Исус е Месијата, Кого Бог вети да Го испрати за спасение на човечкиот род и исповедаше дека во Исуса Христа е божествената природа, со која Исус ја дозна тајната на неговото срце, па поради тоа и воскликна:

„Учителу! Ти си Синот Божји, Ти си Царот Израилев“ (Јн. 1, 49).

О, колку огромна благодарност Натанаил чувствуваше и изразуваше кон Филипа што го извести за дојдениот на земјата Спасител и што го одведе кај саканиот Месија. А се радуваше и свети Филип што луѓето ја најдоа Божествената Ризница, сокриена во земјата на човечката природа и уште со поголема љубов гореше кон својот Господ. Но свети Филип, гледајќи го во својот божествен Учител совршениот по сѐ Човек, сепак не Го познаваше сѐ уште во Него совршениот Бог. За да го поправи тоа во него, Господ Христос му притекна на помош. Еднаш Господ, наоѓајќи се со пет илјади луѓе од онаа страна на Тивериадското Море и сакајќи толку многу Свои слушатели да нахрани на чудесен начин, му рече на Филип:

„Каде ќе купиме леб за да јадат овие?“

Го рече ова искушувајќи го, зашто знаеше дека нема од каде да најдат толку леб, а однапред знаеше и што ќе му одговори Филип. Поради тоа и го праша, за Филип подобро да се познае себе си, и откако ќе се засрами поради своето маловерие да се поправи во верата. И навистина Филип не се сети на семоќноста Божја и не рече:

„Ти Господи сѐ можеш, не ти е потребно никого да прашуваш за тоа, само посакај и веднаш сите ќе се наситат: Ја отвораш раката Своја и сите се наситуваат со блага“ (Пс. 103, 28).

Филип не го рече тоа, туку помислувајќи за својот Господ како за човек, а не како за Бог, Му рече:

„Не ќе им биде доволно за двесте денарии леб, па да добие секој од нив по малку“ (Јн. 6, 7).

Потоа со останатите ученици рече:

„Отпушти го народот нека оди во околните села, за да си купи леб“ (Мк. 6, 36).

Меѓутоа, кога Господ раскрши пет лебови и две риби за пет илјади луѓе (Лк. 9, 16), Филип виде дека од рацете Господови како од неисцрпна житница им се даваше на сите доволно храна, додека сиот народ не се насити. Тогаш Апостолот се засрами за своето маловерие, се утврди во верата и заедно со останатите ја прослави силата Божја што е во Христа Исуса.

Подоцна Филип како достоен беше од Господа вброен меѓу Дванаесетте најизбрани Апостоли. И имаше благодат од Него и слобода на пријателска љубов пред Него. Еднаш во Ерусалим, некои елини дојдени за празникот, бидејќи како неверни не можеа лесно да дојдат до Исуса, му пристапија на Филипа и го молеа, говорејќи:

„Господине, ние би сакале да Го видиме Исуса“.

А тој му го соопшти тоа најпрвин на Андреј, па потоа со него се осмели да Го извести Исуса за желбата на тие елини, радувајќи се што и незнабошците бараат да Го видат и чујат неговиот Господ и Учител. Тогаш тој слушна од Господа Исуса прекрасно учење и пророштво за незнабошците: дека тие ќе поверуваат во Него не сега, туку по Неговата смрт. Ако зрното пченично, рече Господ во таа пригода, откако ќе падне на земја не умре, тогаш едно ќе остане. Ако пак умре многу род ќе роди (Ји. 12, 24). Со тоа Господ како да рекол:

„Додека Јас живеам на земјата имам само дел на домот Израилев, кој верува во Мене. А кога ќе умрам, тогаш не само домот Израилев, туку и многу незнабошци ќе поверуваат во Мене.

Уште еднаш свети Филип по Тајната Вечера се осмели да Го праша Господа за големата тајна на Божеството, кога Го замоли да им Го покаже Отецот, говорејќи:

„Господи, покажи ни Го Отецот и ќе ни биде доволно“ (Јован 14, 8).

Тоа Филипово прашање ѝ беше од огромна корист на Црквата Христова, зашто од тоа научивме да ја знаеме Единосушноста на Синот со Отецот и да ги затвораме устите на еретиците, кои ја отфрлаат таа Божествена вистина. На тоа Господ одговори со благ прекор:

„Толку време сум со вас и не ли си Ме познал, Филипе? Кој Ме гледа Мене Го гледа и Отецот; па како ти зборуваш, покажи ни го Отецот? Зарем не веруваш дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене? Зборовите кои ви ги зборувам не ги зборувам од себе, туку Отецот, Кој пребива во Мене, Он ги твори делата. Верувајте дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене“ (Јн. 14, 9-10).

Овој одговор на Господа Исуса го научи свети Филип, а со него и сета Соборна Апостолска Црква, правилно да верува во еднаквоста на Божеството на Синот со Отецот и да го изобличува богохулството на Арија, кој вели дека Синот Божји е створение, а не Творец.

По доброволното страдање и воскресение на Синот Божји, свети Филип Го виде со останатите Апостоли својот Господ веќе во бесмртното и прославено тело, доби од Господа мир и благослов, го виде и вознесението Негово. Се удостои тој и на благодатта при слегувањето на Светиот Дух и стана проповедник Христов меѓу незнабошците, зашто на коцка му падна делот да оди на проповед во Мала Азија. Но, најпрвин проповедаше во Галилеја. Таму еднаш го сретна една жена, која во прегратките го носеше своето починато детенце и лелекаше неутешно. Апостолот Христов се сожали на неа, ја протегна раката кон мртвото дете и рече?

„Стани! Ти наредува Христос, Кого Го проповедам!“

И детенцето веднаш оживеа. А мајката, кога го виде своето чедо живо и здраво, падна пред нозете на Апостолот, му благодареше за воскресението на својот син и молеше од него крштение, зашто поверува во Господа Христа, Проповеданиот од него. Апостолот ги крсти мајката и детенцето и отпатува во незнабожечката земја. Додека го проповедаше Евангелието во Грција, тој со силата Христова вршеше многу чудеса исцелувајќи болни, а воскресна и еден мртовец. Овие чуда многу ги восхитија тамошните евреи и тие испратија извештај во Ерусалим, кај поглаварите свештенички и кнезовите еврејски, дека кај нив дошол некој непознат човек, по име Филип, кој со името Исусово бесови истерува и секоја болест ја исцелува, па со тоа име Исусово дури и еден мртовец воскреснал и веќе многумина поверувале во Исуса. Наскоро од Ерусалим во Грција пристигна еден свештенички поглавар со книжниците, бесен на Филип. Откако се облече во својата архијерејска облека, тој надмено и гордо седна на судиското место, во присуство на многу евреи и незнабошци. Таму беше доведен и светиот апостол Филип и поставен во средината на собирот. Архијерејот го погледна налутено и започна гневно да зборува:

- Нели ти беше доволно во Јудеја, Галилеја и Самарија да ги мамиш простите и неуки луѓе? И тука си дошол, кај мудрите елини да ја шириш измамата на која си се научил од Исуса, противникот на Законот Мојсеев, поради што Он беше осуден, распнат на крст и умрен со срамна смрт. И поради празникот Пасха, кој се падна во тоа време, Он беше погребан, а вие, учениците Негови, Го украдовте тајно и за измама на многумина разгласивте на сите страни дека Он воскреснал од мртвите.

Кога архијерејот го изговори тоа, толпата започна да вика кон Филип:

- Што ќе речеш на тоа, Филипе?

И настана меѓу народот страотен метеж: едни сакаа Филип веднаш да биде убиен, а други предлагаа да се одведе во Ерусалим и таму да се погуби. Тогаш светиот Апостол му рече на архиерејот:

- Човеку, зошто ја сакаш суетата и зборуваш лаги? Зошто срцето ти е скаменето и не сакаш да ја зборуваш вистината? Зарем вие не удривте печат на гробот и не поставивте стража? И кога нашиот Господ воскресна, без да го сокрши печатот од гробот, не им дадовте ли вие злато на војниците да излажат дека божем додека спиеле, учениците Исусови го украле мртвиот Исус? Како сега не ти е срам да ја обезличуваш вистината! Самите гробни печати се сведоци на вистинитото воскресение Христово и тие се изобличувачи на вашите лаги, а и во денот на судот тие ќе ве изобличат.

Овие Апостолови зборови страотно го разбеснија архиерејот и тој јурна кон него за лично да го зграпчи и убие, но во тој момент ослепе и сиот поцрне. Присутните слученото го препишаа на магии и многумина се стрчаа кон Филипа да го погубат како магепсник, но и нив ги снајде истата казна. Покрај тоа и земјата страшно се поколеба и сите трепереа од страв и ја познаа големата сила Христова.

Меѓутоа, кога светителот ја виде бедата на ослепените и телесно и духовно заплака за нив. И се обрати со молитва кон Бога, да им ги просвети и телата и душите. И по неговата молитва на сите им беше испратено исцеление од небото. Ова чудо направи многумина да се обратат кон Христа и да поверуваат во Него. Но архиерејот, сѐ уште заслепен од злобата, не само што не сакаше по казната што го снајде да се опамети, туку повторно започна да исфрла многу хули на нашиот Господ Исус Христос. Тогаш го стигна уште поголема казна. Земјата ненадејно се отвори и го проголта, како некогаш Датан и Авирон.

По загинувањето на архиерејот, свети апостол Филип многумина крсти таму и за епископ постави еден честит и достоен човек, на име Наркис, па отпатува во Парт. По пат молеше од Бога помош во трудовите свои. Кога ги преклони колената на молитва, му се јави на небото слика од орел со позлатени крилја, раширени слично на Христовото Распетие. Поткрепен од тоа јавување, свети Филип повторно тргна на проповед и ги помина арабиските и кандакиските градови, па отплови кон Сирискиот град Азот. Ноќта настана голема бура и сите стравуваа за својот живот. Тогаш светиот Апостол застана на молитва и веднаш се појави на небото блескав крст, кој ја осветли ноќната темнина, морето ненадејно се смири и неговите бранови замолкнаа. Кога коработ пристигна на брегот на Азот, свети Филип излезе и беше примен во домот на еден гостољубив човек, на име Никоглид, кој имаше ќерка Харитина, болна на едното око. Апостолот започна да им го проповеда словото Божјо на присутните во домот и сите со радост го слушаа. Харитина толку беше восхитена од апостоловата проповед, што заборави на својата болест. Кога ја виде нејзината голема срдечност, Апостолот се сожали на неа и ѝ нареди да ја стави раката на своето болно око и да го повика името на Исуса Христа. Штом го стори тоа, окото веднаш ѝ се исцели, целиот дом поверува во Христа и сите се крстија.

Од Азот светиот Апостол отпатува во Јерапол Сириски, каде додека го проповедаше Христа предизвика голем гнев меѓу народот и сакаа да го каменуваат. Но, со застапувањето на еден угледен граѓанин, по име Ир, беше спасен од погубување.

- Граѓани, - извика Ир кон народот, - послушајте го мојот совет. Не вршете му никакво зло на овој странец, додека не испитаме дали е вистинито неговото учење. Ако не е, тогаш ќе го погубиме.

Народот не се осмели да му противречи на Ир, а тој го одведе Филипа во својот дом, каде по обичај одржа втора проповед за Христа, и го обрати во Светата Вера со сиот негов дом, а и соседите негови и ги крсти. Но, штом граѓаните дознаа дека Ир се крстил, се собраа ноќе, го опколија неговиот дом со намера да го запалат, за сите да изгорат заедно со Апостолот, кој, штом дозна излезе бестрашно, а тие како диви ѕверови го зграпчија и го одведоа во своето собрание. Старешината на собранието Аристарх, го фати Апостолот за косата, но во тој миг раката му се исуши, очите му ослепеа, ушите оглувеа. Кога се случи тоа се промени расположението меѓу народот. Гневот се претвори во восхит и започнаа да го молат Апостолот да го исцели нивниот старешина. Филип им говореше: 

- Ако не поверува во Богот Кого Го проповедам, нема да се исцели.

Додека зборуваше наиде поворка и луѓето со потсмев му рекоа:

- Ако го воскреснеш овој мртовец, Аристарх и сите ние ќе поверуваме во твојот Бог.

Апостолот ги крена очите кон небото и долго се молеше. Потоа му се обрати на мртвиот со кроток глас:

- Теофиле!

- И во тој момент мртвиот се крена на носилата, седна и ги отвори очите.

Филип му рече:

- Христос ти наредува, стани и разговарај со мене!

Мртовецот стана од својот одар и падна пред нозете на Апостолот, говорејќи:

- Ти благодарам, свети слуго Божји, што ме избави од страшното зло. Два црни и злосмрдливи ѓавола немилосрдно ме влечеа. Ако ти не побрзаше и не ме спасеше од нив, јас сега ќе бев фрлен во страшниот пекол. 

Тогаш сите едногласно Го прославија единствениот вистински Бог, Кој Филип Го проповеда. Апостолот му даде знак на народот да молчи и му нареди на Ир со својата рака да ги прекрсти повредените делови на Аристарх. Штом го стори тоа, веднаш исушената рака се исцели, очите прогледаа, ушите прослушаа и тој потполно оздраве.

Поради таквите чуда што Филип ги вршеше со силата Христова, сите жители на градот Јерапол поверуваа во Господа Христа и ги уништија своите идоли. Првиот кој поверува беше родителот на Теофил. Тој ги сокрши своите дванаесет златни идоли и златото го раздаде на сиромасите. Светиот Апостол ги крсти сите и им го постави Ир за епископ. 

Откако на тој начин ги постави темелите на Црквата во Јерапол и ги утврди во Светата Вера новопросветените, свети Филип тргна на проповед во други земји. Минувајќи ги Сирија и планинската Асија, тој дојде во Лидија и Мизија и патувајќи низ нив ги обраќаше кон вистинскиот Бог заблудените незнабошци. Таму му се придружи светиот апостол Вартоломеј, кој во тоа време проповедаше во соседните градови и беше од Бога испратен да му помага на Филипа. Покрај тоа, својот брат Филип, го следеше и неговата сестра девицата Маријамна и сите заедно служеа за спасението на човечкиот род. Минувајќи ги Лидија и Низија и благовестејќи го Евгангелието, тие поднесуваа од неверниците многу зла и маки, тепани и во темница затворани и со камења затрупувани. Но, во сите тие гонења и страдања, со благодатта Божја тие остануваа живи и итаа кон претстојните трудови во проповедањето на Евангелието Христово. Во една од Лидиските населби го сретнаа возљубениот ученик Христов, Јован Богослов, и со него отидоа во Фригија и во градот Јерапол Го проповедаа Христа. Овој град беше преполн со идоли на кои им се поклонуваа сите негови жители. Меѓу тамошните лажни божества имаше и едно огромно змииште. Таа змија граѓаните како бог ја почитуваа и специјален храм ѝ изградија, ја чуваа заклучена и ѝ принесуваа многу и најразлични жртви и ја хранеа. Тие безумни луѓе почитуваа и некои други ползавци и змии. Свети Филип најпрвин со своите придружници се вооружи со молитвата против тоа змииште. Во тоа им помогна и свети Јован Богослов. Со молитвата тие како со копје го заклаа и со силата Христова го усмртија. Потоа свети Јован Богослов се раздели од нив и отиде во други градови, насекаде ширејќи ја Благовеста. Свети Филип со Вартоломеј и Маријамна остана во Јерапол. Се трудеа да го искоренат идолопоклонството таму и да го воведат познанието на вистината. Деноноќно се трудеа во проповедањето на словото Божјо.

Во градот Јерапол живееше еден човек, на име Стахиј, кој веќе четириесет години беше слеп. Светите Апостоли со молитвата ги отворија неговите телесни очи, а со проповедта Христова му ги просветија и душевните. Откако го крстија Стахија, живееја во неговиот дом. По целиот град се пронесе гласот дека слепиот Стахија прогледал и многу народ започна да се собира во неговиот дом. Светите Апостоли сите ги поучуваа во верата Христова. Донесуваа таму и многу болни и сите ги исцелуваа со молитвата и ги истеруваа ѓаволите од луѓето. Поради тоа многу луѓе поверуваа и се крстија.

Жената на Јераполскиот началник Никанора беше касната од змија и лежеше тешко болна на умирање. Кога слушна за светите Апостоли, таа во отсуство на својот маж им нареди на слугите да ја однесат кај нив, при што доби двократно исцеление, и телесно од каснувањето од змијата, и душевно од демонската измама, зашто поверува во Христа. А кога градоначалникот се врати дома и слугите му раскажаа дека неговата жена поверувала во Христа од некои туѓи луѓе, кои престојуваат во домот на Стахија, страшно се разгневи и нареди веднаш да ги фатат Апостолите, а домот Стахиев да го опожарат. Наредбата беше извршена. Се собра многу народ, ги фатија светите апостоли Филип и Вартоломеј и светата девојка Маријамна, ги влечеа по градот, ги тепаа и исмеваа, па потоа во темница ги фрлија. Потоа градоначалникот седна да им суди на проповедниците Христови. Притоа се собраа кај него сите идолски жреци и жреците на погубеното змииште и се жалеа од светите Апостоли, говорејќи:

- Градоначалнику, одмазди се за срамотењето на нашите богови. Откако овие туѓинци дојдоа во нашиот град, опустеа олтарите на нашите големи богови и народот заборави да им ги принесува вообичаените жртви. Загина и нашата позната богиња змија. Затоа усмрти ги овие волшебници. Тогаш градоначалникот нареди да го соблечат свети Филип, говорејќи дека во неговата облека има магии, но не најдоа ништо. Го соблекоа свети Вартоломеј, но и во неговата облека немаше ништо. А кога ѝ пријдоа на света Маријамна, за да го разголат нејзиното девствено тело, ненадејно таа пред нивните очи се претвори во огнен пламен и незнабошците исплашени побегнаа од неа. Градоначалникот ги осуди светите Апостоли на распнување. Прв пострада свети Филип. Нему му ги продупчија петите, му провлекоа низ нив јажиња и го распнаа на крст, со главата надолу, пред вратата на храмот на змииштето, па фрлаа камења по него. Потоа го распнаа свети Вартоломеј, покрај храмовиот ѕид. И ненадејно настана голем земјотрес, земјата се отвори и ги проголта градоначалникот, сите змиини жреци и многу неверен народ. Тогаш голем страв ги обзеде сите, и верните и незнабошците кои останаа живи, и повикаа кон светите Апостоли да се сожалат на нив и да Го умолат единствениот вистински Бог свој и нив земјата да не ги проголта. И веднаш се фрлија на работа, започнаа да ги симнуваат од крстовите распнатите Апостоли. Свети Вартоломеј не беше високо распнат и брзо го симнаа а свети Филип не успеаја, бидејќи беше распнат високо, Таква била волјата Божја, апостолот Негов преку овие страдања и крстна смрт да премине на небото, кон кое целиот негов живот биле свртени неговите нозе. Додека висеше на крстот Го молеше Господа за непријателите свои, да им ги прости гревовите и да ги просветли да ја познаат вистината. Господ ја услиша молитвата негова и веднаш ѝ нареди на земјата, та сите проголтани луѓе ги исфрли живи, освен градоначалникот и жреците на змииштето. Тогаш сите громогласно ја исповедаа и прославија силата Христова и изразија желба да се крстат. А кога им остана уште малку за да го симнат свети Филип од крстот, тој ја предаде својата света душа на Христа Бога и го симнаа мртов. Неговата родена сестра света Маријамна, која цело време го набљудуваше страдањето и смртта на својот свет брат Филип, со љубов го прегрнуваше и целиваше неговото тело и се радуваше што добро го заврши својот подвиг на страдања за Христа. Свети Вартоломеј ги крсти сите што поверуваа во Христа Бога и им го постави Стахиј за епископ. Потоа го погребаа чесното тело на свети апостол Филип. На местото каде што истече неговата крв, по три дена израсна винова лоза, како знак дека свети апостол Филип, бидејќи ја пролеа својата крв за Христа, се насладува на вечното блаженство со својот Господ во Царството Негово. По погребувањето на свети Филип, свети Вартоломеј со блажената девица Маријамна остана неколку дена во Јерапол, па откако добро ја утврди во верата Христова новоосновата Црква, отиде во градот Албан, во Велика Ерменија, каде што беше распнат. Света Маријамна се упати во Ликаонија и таму обрати многумина во Светата Вера и мирно се упокои. За сето тоа слава Му на нашиот Бог, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ФИЛИП ИРАПСКИ

За време на големиот кнез Московски и на цела Русија, Василиј Јоанович, во Вологодската област близу манастирот на преподобниот Корнилиј, се појави едно момче на име Теофил. Тоа се насели кај еден човек, кој се викаше Василиј. Момчето имаше обичај секој ден да ги посетува богослуженијата, ноќите да ги минува во молитви, непрестајно бдеејќи. Поради неговото смирение, кротост и љубов кон молитвата, сите започнаа да му се восхитуваат. Никој никогаш не го виде да си игра со децата или да се смее. За него го известија преподобниот Корнилиј, кој нареди да го доведат, па тивко и благо го праша кој е и од каде. Момчето заплака, се поклони до земја на светителот и рече:

- Прости ми, чесен оче, јас не се сеќавам на своите родители, сум останал по нив како мало дете, а ми имаат раскажувано дека биле селани. Се викам Теофил. Скитав, хранејќи се со името Божјо. Не знам како сум дошол овде и сега живеам тука кај својот домаќин. Те молам, дозволи ми да се потрудам во твојата обител колку што можам.

Свети Корнилиј провиде дека момчето ќе биде избран сад Божји, и нареди да го примат во манастирот и го довери на ризничарот. Тогаш Теофил имаше дванаесет години.

Откако стапи во манастирот, тој започна срдечно да им служи на браќата и се одликуваше со голема послушност и смиреност. Три години служеше така и за неговата ревност и кротост ризничарот го извести преподобниот Корнилиј, а сите монаси го сакаа. Кога наполни петнаесет години, преподобниот го повика и му рече:

- Мило мое чедо, ти си потполно достоен да го примиш монашкиот постриг.

Теофил радосно одговори:

- Мојата душа го сака тоа најмногу од сѐ. Те молам, свети оче, веднаш изврши го ова добро и богоугодно дело.

Преподобниот го подготви со потребните поуки блажениот Теофил и го замонаши со името Филип. Малиот монах беше даден под духовното раководство на многу искусниот и благочестив монах Клавијан, кој најпрвин го научи Филипа на писменоста. Господ му помогна на Својот верен слуга и за кратко време се описмени и можеше брзо да го чита Светото Писмо. Многу години се подвизуваше тој, извршувајќи ги сите послушанија, и во црквата и во пекарата. Носел вода и дрва. Дење вршел најразлични работи за браќата, а ноќе се молел. Со исклучителна строгост го држел постот и давал пример за вистинско воздржание. Браќата му се восхитуваа и го молеа преподобниот Корнилиј да им го постави Филип за презвитер. Молбата им беше исполнета, па Филип ги удвои своите подвизи, та монасите уште повеќе се восхитуваа на неговиот доблесен живот. Но, тој се вознемири од тоа и започна да тагува, мислејќи си каква награда би можел да очекува од Господа во денот на судот, кога веќе добива награда од луѓето, и дека човечката пофалба му носи маки.

За да ја одбегне славата намисли да замине и да оди каде што ќе го упати Господ. За тоа му раскажа на блажениот Корнилиј, кој му ги даде потребните совети, го благослови и го отпушти со мир. Преподобниот Филип започна да се моли на Пресвета Богородица:

- Слушни ме, брза Помошнице, избави ме од маките што ми го смутуваат срцето.

И додека ноќе стоеше по својот обичај на молитва и го читаше канонот „Одигитрија“, одеднаш слушна глас:

- Мил Мој слуго, излези и оди кај што ќе ти укажам.

Преподобниот погледна низ прозорчето од ќелијата и на јужната страна виде голема светлина. Се исплаши од тоа видение и истрча од ќелијата, па си помисли дека тоа место всушност му е посочено од небото и рече:

- Нека биде волјата Господова.

Потоа се врати во ќелијата, ја заврши својата молитва и долго размислуваше за видението. Кога утредента тргна кон црквата, повторно се удостои да го слушне гласот:

- Излези од оваа обител и оди каде што ќе те упатам.

Наредната ноќ Филип излезе од манастирот, без да понесе нешто со себе и тргна на пат. Патувајќи бараше погодно место за молитвено тихување и монашки подвизи. Притоа ја хранеше својата душа со вакво размислување:

- Да бегаме од телесниот живот како што некогаш народот еврејски бегал од ропството египетско. Да се оградиме од среброљубието, оти тоа е корен и почеток на секое зло. Господ нека биде мој водач и наставник.

Така одејќи, тој стигна на Бело езеро и започна да го разгледува тој крај во шумата. На левиот брег на реката Андога најде прекрасно место, тивко и осамено:

- Еве ја мојата тишина. Овде ќе се населам, - воскликна и Му принесе благодарна молитва на Господа.

Изморен од долгото патување, преподобниот легна под еден разгранет даб и заспа. Во сонот му се јави ангел Господов и му рече:

- Филипе, овде Господ ти подготвил место.

Блажениот веднаш се разбуди и започна да се моли на Пресвета Троица. Утредента се упати кај управникот на областа, кнезот Андреј Василевич Шелеспански, и го замоли за местото од видението. Кнезот појде со него и со стап го одбележа просторот од реката Андога до Мали Ирап и му дозволи тука да живее. Преподобниот го огради тоа место, си направи на брегот од реката мала ќелијка, мала пештеричка и започна да се моли на Господа за спасение на својата душа.

Кнезот Андреј имаше брат, кнезот Јован. Кога Андреј му кажа дека во нивната област се населил блажениот Филип, тој многу се разгневи и во присуство на народот и свештениците започна да го прекорува својот брат:

- Си го пуштил овде тој човек, а тој мене не ме ни прашал. Одам да го избркам оттаму!

Залудно кнезот Андреј со свештениците и народот го молеше братот да не му наштетува на светиот човек. Кнезот Јован уште повеќе се разлути, скокна врз коњот и одјури во пустината. Кога се приближи до Мал Ирап, коњот застана и не сакаше да го помине потокот. Кнезот го удри, но коњот се стрча назад, брзо го донесе во селото каде што живееше и кај црквата „Свети Никола Чудотворец“ го фрли од себе, па отрча и на третиот километар издивна. При падот кнезот удри на еден камен и умре.

Кнезот Андреј го погреба својот брат и отиде кај преподобниот Филип. Тој започна да му нуди сребро за покој на душата на својот брат, но преподобниот не го прими среброто, туку ја побара земјата помеѓу голем и мал Ирап. Кнезот со задоволство му ја исполни молбата и од тогаш и тој и многу други негуваа голема вера кон него и ги бараа неговите молитви и поуки. Блажениот подигна црквичка и ќелија, па потоа намисли да изгради храм, во име на Пресвета Троица. Многумина доаѓаа кај него да се помолат во неговата црквичка. Преподобниот им даваше душекорисни поуки и им говореше:

- Отци и чеда, да извршиме добро и корисно дело за нашите души. Да изградиме црква во име на Светата и Животодавна Троица.

Народот со задоволство му помагаше на светителот. Набрзо со Божја помош се изгради црква, која ја украсија според своите можности. Кнезот Андреј ги подари за црквата црковните книги и останатите потребни работи. Најпосле таа беше осветена и во неа започнаа да се принесуваат молитви и славословија на Господа. Овој нов манастир го нарекоа „Красноборска пустина на Филип Ирапски“. Гласот за светиот подвижник започна да се шири и многумина доаѓаа кај него за молитви и поуки. Блажениот сите ги поучуваше, на сите корисни совети им даваше, за сите се молеше, сите ги бодреше и тешеше. Сите посетители ги поучуваше да живеат мирно и кротко, да ги сакаат своите родители и да ги почитуваат:

- Нека Богот на мирот ве сочува во секој мир и тишина. Имајте љубов спрема сите ваши сродници, спрема сите сиромаси и бедни, зашто тие се наши ближни. Да се сетиме дека самиот Господ ги сакал сиромасите. Браќа, да не се гордееме, туку да бидеме кротки и смирени, „бидејќи Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат“ (1 Петр. 5, 5).

Така поучувајќи, свети Филип сѐ поревносно ги удвојуваше своите подвизи, постојано ги пееше боговдахновените псалми Давидови, точно исполнувајќи ги сите правила на монашкиот живот. Особено ги советуваше сите да ги читаат Псалмите и говореше:

- Внимавајте, чеда, ништо така не ги брка ѓаволите од нас, како читањето на псалмите Давидови.

Еднаш додека стоеше на молитва во својата ќелија, одненадеж слушна трубење на труби и викотници како на бојно поле. И многу се зачуди. Меѓутоа нечистиот дух, кој ја предизвика оваа врева, му се приближи и му рече:

- Војната постои. Таа се води против тебе. Ако не сакаш да војуваш оди и спиј и ние нема да војуваме против тебе.

Светителот се помоли, се прекрсти и извика:

- Нека се крене Бог, и да се распрснат непријателите Негови, нека се разбегаат пред лицето Негово оние што Го мразат. Како што исчезнува чадот, така нека исчезнат (Пс. 67, 23).

И веднаш исчезна сета сила демонска и блажениот Филип воскликна:

- Моќен е и силен Господ!

Од тогаш блажениот започна уште повеќе да се подвизува во пост и молитва. А нечестивиот не можеше веќе сам да му досадува, па започнал да наговара лоши луѓе против него. Тие се кренаа и сакаа да го избркаат од тоа место, а светителот, гледајќи дека луѓето му вршат зло со поттикнување на ѓаволот, се молеше за нив и говореше:

- Не земај им го ова за грев, Господи, и прости им ги сите прегрешенија.

Другите луѓе, гледајќи ја неговата незлобивост и трпение, си велеа:

- Навистина е свет човек. Не ја памети злобата и навредите, туку само се моли за своите навредувачи.

Еднаш ѓаволот во вид на монах се довлечка до светителовата ќелија и започна да тропа. Блажениот рече:

- Помоли се.

- Одговори ѓаволот:

- Сега и секогаш и низ сите векови. 

Светителот повторно побара монахот да изговори молитва, но ѓаволот го повтори истото. Светителот и по трет пат му нареди да се помоли, но го доби истиот одговор. Тогаш му рече:

- Кажи: слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

Тогаш ѓаволот веднаш исчезна како изгорен од оган. А свети Филип го обзеде двоумие и дури намисли да го напушти местото, но слушна глас:

- Не смутувај се, слуго Божји, и живеј овде како што ти наредив, па ќе се удостоиш со свои очи да ја гледаш славата Божја и ќе најдеш покој за својата душа. 

Блажениот Филип живееше како осамен пустиник во Красноборската пустина и додека слушаа за неговиот подвижнички живот, многу благочестиви луѓе, монаси и мирјани доаѓаа од разни страни кај него и го молеа за совет како да ги спасат своите души од гревот. Блажениот со љубов ги поучуваше сите со просто и кротко, но силно и срдечно слово. На монасите им зборуваше за трите добродетели, кои им даваат власт над нечистите сили: за сиромаштвото, постојаното бдеење и напорната молитва. Им напоменувал дека монашкиот јарем е тежок и мачен, и дека се должни да Му служат на Бога со строг живот и молчание. Мирјаните ги советувал да ги сакаат ближните, од срце да им помагаат на сиромасите и бедните, да живеат праведно, да ги поднесуваат неволјите со надеж во Бога, да внимаваат на своите мисли, да мислат за вечното и неминливото. На прашањето од некои, зошто ние ги осудуваме другите, блажениот одговорил:

- Оној што ги осудува другите сѐ уште не се познал себе си, сѐ уште не водел борба со самиот себе.

Блажениот Филип го минуваше денот во манастирските телесни работи, а ноќе се молеше сѐ до утрената. Еднаш еден селанец, на име Мелетиј, дојде кај блажениот за поука. Со длабока вера кон светителот, Мелетиј често го посетувал манастирот, а овој пат остана да преноќи. До доцна во ноќта разговараше со него. Најпосле преподобниот започна да ги врши своите вечерни молитви, а Мелетиј го зафати дремка и набрзо заспа. На полноќ се разбуди и го повика блажениот, но тој не беше во ќелијата. Тој го отвори прозорчето и го виде светителот како клечи во црквата и се моли со кренати раце. Рацете му беа светли како огнени свеќи. И веднаш го затвори прозорчето и започна да се моли на Пресвета Троица, восхитувајќи се на видението. Потоа на многумина им раскажуваше за тоа.

Така преподобниот Филип живееше петнаесет години во својата пустина, очекувајќи го блажениот покој и заминување на душата кај Господа и бодрејќи се со зборовите:

- Трпи, Филипе, биди јунак и јакни. И се молеше непрестајно и повикуваше од дното на својата чиста душа:

- Боже Седржителу, смири го светот. Помилуј и спаси ги сите православни христијани, дај им спокојство и напредок и очисти ги од сите гревови. Господи, Ти си милостив и долготрпелив, чекаш покајание од нас и не ја сакаш смртта на грешниците. Голема е милоста Твоја и милосрдието Твое е безгранично. И Ти, Милостива Госпоѓо, Пресвета Богородице, брза наша Помошничке и Заштитничке, постојано моли Го за нас Синот Твој.

Во тоа време кај преподобниот дојде монахот Герман од Спасокамениот манастир и го молеше да остане кај него.

- Тежок и мачен е животот овде, брате, - му одговори светителот.

А Герман му рече:

- Оче, трпението е почеток на спасението. Ќе потрпам заради Христа колку што можам.

Од тогаш започнаа заедно да се подвизуваат и гледајќи ги големите подвизи на блажениот Филип, Герман го распрашуваше за неговиот поранешен живот и сѐ што ќе му кажеше тој запишуваше. Долго се подвизуваа заедно. Провидувајќи го својот брз крај, преподобниот еднаш му рече на Герман:

- Те молам, мил мој брате, не оставај ме, зашто уште малку ќе бидам со тебе.

Од тогаш ги удвои своите молитви и се упокои во ноќта, пред 14 ноември 1537 година. Герман се разбуди на полноќ и се зачуди на необичниот мирис со кој беше исполнета целата ќелија. Кога погледна кон постелата на преподобниот, виде дека веќе ја предал својата душа на Господа. Лицето на блажениот Филип блескаше со необична светлина. Бидејќи Герман не беше во свештенички чин, не можеше сам да го погребе телото на блажениот. Но, по Божја промисла утредента пристигна во пустината свештеномонахот Јов. Двајцата богобојазливо го погребаа.

Такво беше житието на преподобниот Филип, богатиот со смиреноста и големиот во подвизите, во слава на Пресвета Троица. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИ ЈУСТИНИЈАН I,

царот Византиски

Свети Јустинијан бил по потекло македонец од околината на Скопје. Се викал Управда. Го наследил престолот од својот стрико Јустин и владеел од 525 до 565 година. Целосната големина на овој цар е врзана неразделно со неговото длабоко православно верување. Верувал и живеел според верата. Во чесниот пост не јадел леб, ниту пиел вино, туку се хранел со зеленчук и пиел вода, и тоа секој втор или трет ден.

Завојувал против варварите Дунавски само затоа што овие ги кастрирале заробениците. Тоа го покажува неговото возвишено чувство на човекољубие. Бил среќен и успешен и во војните и во работата. Изградил голем број прекрасни храмови меѓу кои е најубавиот меѓу  најубавите, „Света Софија“ во Цариград. Ги собрал и издал римските закони. Лично издавал и многу строги закони против неморалот, распуштеноста и развратноста. Го востановил празникот Сретение. Пишувал и богословски дела. Ја составил црковната песна „Единородни Сине и Слове Божји“, која започнала да се пее на Литургијата од 536 година. Го свикал Петтиот Вселенски Собор во 553 година. Се упокоил мирно на 14 ноември 565 година, во осумдесетата година од својот живот и се преселил во Царството на Царот небесен.

СПОМЕН НА СВЕТА ТЕОДОРА

Света Теодора на почетокот била грешница. Потоа се покајала и станала верна сопруга на царот Јустинијан I. Го минувала животот во чистота и побожност. Била заштитничка на Православието. Се упокоила во 548 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК КОНСТАНТИН,

од островот Идра

Светиот маченик Константин е роден на островот Идра. Татко му се викал Михалаки а мајка му Марина. Во својата осуманесетта година Константин отиде на островот Родос и таму стапи во служба кај родовскиот поглавар Хасан. Со својата подвижност, честитост и вредност го сврте вниманието на својот господар, кој реши да го приведе во Мухамеданската вера.

Помогнат од ѓаволот, Хасан успеа во својата намера. Го повика кај себе и многу љубезно и пријателски поразговара со него, а потоа со разни подароци го убеди и тој се одрече од Христа и го прими Исламот, при што му го дадоа името Хасан. Со промената на верата се промени и неговата положба во домот на поглаварот на Родос. Му доверија висока функција, му ставија пари на располагање и сите што служеа во Хасановиот дом започнаа да го почитуваат. Но, сето тоа привремено и минливо, брзо му здосади на отпадникот и постепено започна да си доаѓа на себе. Совеста започна да го изобличува, започна да тагува, тајно да плаче и лелека за својот тежок гревопад. Така поживеа три години. Господ Бог, гледајќи го неговото искрено мачење, му внесе мисла да се обрати кај духовникот и да се покае за својот пад. Константин го стори тоа и духовникот го посоветува да замине од Родос во некое друго далечно место и со покајание да ги лекува душевните рани. При тоа му рече дека Господ Бог нема да задоцни со Својата милост. Кога замоли за благослов да не заминува од Родос туку веднаш да се одрече од Мухамеданската вера и повторно да ја исповеда својата вера во Господа Христа, духовникот одби, зашто се плашеше како млад и зелен по втор пат да не се одрече од Христа. Затоа го посоветува прво да се подготви за подвигот со пост, бдение и молитви, па потоа да оди на мачеништво, ако е волја Божја. Константин послуша, отиде во Хасановиот дом, си ги собра своите работи и парите, па сето тоа го раздаде на сиромашните и по неколку дена го напушти својот злосреќен дом и отиде на Крим.

На Крим помина три години во покајание. Но, неговото срце страдаше за посакуваниот мир, а во душата му бруеле страшните зборови на Спасителот: „Оној што ќе се одрече од Мене пред луѓето и Јас ќе се одречам од него пред Отецот Свој, Кој е на небесата“ (Мт. 10, 33).

Затоа реши да се бори со ѓаволот и со маченичко страдање да го испере својот срам, па веднаш замина за Цариград. Таму му ја откри својата намера на еден искусен духовник и му раскажа сѐ што му се случи. Духовникот не му даде благослов за страшниот подвиг, туку го одведе кај познатиот цариградски патријарх Григориј и му раскажа за него. Владиката се израдува на неговото покајание, но му укажа дека маченичкиот подвиг е опасен пат и го посоветува претходно да појде на Света Гора и таму да се подвизува во духовните подвизи со искусните подвижници Христови, па дури кога старците ќе видат дека е подготвен, тогаш да појде. Константин отиде на Света Гора и стапи во Иверскиот манастир. Тука ревносно и со љубов ги минуваше послушанијата и притоа често со солзи се молеше на тамошната чудотворна икона на Пресвета Богородица наречена „Портаитиса“ и ја молеше Пречистата да го смири неговото срце и да го удостои да пострада за Христа, од Кого се одрече, прелестен од блесокот на богатството и славата. Така во неговото срце сѐ посилно гореше љубовта кон Господа, за Кого беше готов да поднесе не само страдање, туку и илјади смрти. Мислите започнаа да го тераат да се предаде на мачење. Во возбудена состојба им ги откри своите мисли на духовникот на Претечиниот скит јеромонах Сергиј и старците. Тие не му препорачаа да појде и му зборуваа дека може и без мачеништво да ја спаси својата душа. Но Константин, обземен од желбата да пострада за Христа, не ги послуша и наскоро ја напушти Света Гора и отиде на Родос, за да го исповеда името Христово.

Се исповедаше пред духовникот, се причести со Светите Тајни и му ја откри својата намера, но тој го одвраќаше и го советуваше да се врати на Света Гора. Сепак, Ковстантин цврсто беше решен.

Откако се помоли на Бога отиде во домот на својот поранешен господар Хасан и му рече:

- Биди здрав, господару мој. Еве го твојот поранешен слуга, кој ти пред три години со ласкави, лажливи и лукави зборови го убеди да се одрече од Господа, својот Исус Христос. Еве, сега јас Го исповедам Него како вистински Бог, а вашиот лажен пророк Мухамед го проколнувам како лажливец и упропастувач на човечките души.

- Несреќнику! - викна Хасан, - Јас не те признавам тебе за свој поранешен слуга, бидејќи си облечен во монашка облека. Соблечи ја од себе таа црна и плачна облека, па ќе наредам да те облечат во најскапоцени и разнобојни и тогаш ќе те признаам за свој слуга и ќе те збогатам со поголеми почести и богатства од порано.

- Господару, - одговори исповедникот Христов, - Јас те советувам ти да го оставиш своето безбожие, а за злото што ми го стори, поради кое што совеста ме пече и мачи толку време, ти простувам само ако поверуваш во Исус Христос, вистинскиот Бог. Затоа не губи време и премини во христијанската вера.

- Хулнику! - викна налутено Хасан, - кој те научи да ми предлагаш такво нешто? Јас ти дадов среќа и имав намера да ти ја дадам и својата ќерка за жена, а ти сѐ си презрел и ми нанесуваш таква навреда!

Притоа, еден од Хасановите слуги го удри по образот. Константин ги крена очите кон небото и Му заблагодари на Бога што го удостои да добие шлаканица за исповедањето на името Негово.

Потоа Хасан нареди да го фрлат во темница. По три дена пак го изведоа пред него, па го праша дали се предомислил и како се осмелил да го советува, тој да поверува во Христа. Константин му одговори:

- Залудно ми се лутиш, господару. Јас ти ја зборував вистината и те советував да поверуваш во Исуса Христа, вистинскиот Бог, Кој сѐ створил и Кој со сѐ управува и без вера во Него е невозможно да се добие Царството Небесно. А вашиот пророк Мухамед е лажливец. Тој пропаднал, па и вас како следбеници ве влече во пропаста. Затоа те молам, одречи се од проклетиот Мухамед, поверувај во Господа и ќе го наследиш Царството Небесно.

Многу разбеснет, Хасан викна:

- Тепајте го! Искорнете му ја косата! Телото искинете му го на парчиња! Здробете му ги вилиците со камења, за да знае како треба да зборува и да се однесува пред властите!

Хасановите слуги како диви ѕверови му се нафрлија и едни му ја корнеа косата, други му удираа шлаканици, трети го тепаа со камења и му го кинеа телото. Страдалникот Христов јуначки трпеше, непоколебливо велејќи кон Христа:

- Спомни ме, Господи, во Царството Свое.

По сите ѕверски мачења го оковаа во тешки синџири, па го фрлија во мрачна темница, во која го посети лично Господ Христос, му ги исцели раните и нареди, та косата на главата и ноктите на нозете повторно му израснаа.

Утредента, повторно изведен пред Хасан и прашан дали се покајал, светителот му рече да не му се обраќа со Хасан, зашто го проколнува, и дека неговото вистинско име на светото крштение е Константин.

Тогаш незнабожниот Хасан нареди да го тепаат со стапови по грбот и нозете, така што месо му отпаѓаше од коските и од истоштеност падна на земјата и лежеше како мртов. Мислејќи дека умрел, мачителите го фрлија во темницата. По три дена мачителот Хасан нареди да го исфрлат од темницата лешот на страдалникот Христов, мислејќи дека почнал да се распаѓа, но слугите многу се запрепастија кога го видоа здрав и со светло лице. Тие веднаш го известија за тоа својот господар, кој исто така многу се зачуди и нареди да го доведат кај него. Кога го виде, наместо да поверува во Господа Христа, започна пак да го наговара да се одрече од христијанската вера, ветувајќи му големи почести и богатства. Гледајќи го неговото душевно слепило, маченикот Христов му рече:

- Чуј, господине! Многу добро ти е познато што се случи пред твоите очи пред три дена. Иако го здробивте моето тело, еве гледај, јас сум здрав. Затоа прослави Го мојот Господ, Кој не се згади да дојде кај мене во смдрливата темница и да ги исцели моите рани. Кога е така, зарем е возможно да се одречам од Изворот на животот и да поверувам во лажниот пророк Мухамед, учителот на секоја нечистотија. Јас со сета душа те советувам и преколнувам да поверуваш во Исус Христос во Кого родителите твои веруваат, а и ти си верувал некогаш.

Кога слушна дека маченикот го изобличува за отстапништво од Христа, а мислел дека тоа овде никој не го знае, Хасан се збуни и нареди веднаш да го оковаат во железни синџири и да го фрлат во темница. Три дена и три ноќи помина во неа и со него беа заклучени уште осум христијани од местото Сорона, и двајца свештеници со нив, како и четири турчина. Во една од овие три ноќи Бог, Кој ги прославува светителите Свои, посака да го утеши Својот слуга и да го просвети среде затворениците, за тие потоа заради утврдување на христијанската вера и посрамување на непријателите на крстот, насекаде да раскажуваат за следното чудесно јавување. Точно на полноќ одеднаш заблеска светлина, слична на сончевата, и паднаа тешките синџири од светиот маченик. Кога се виде слободен, светиот страдалник веднаш застана на молитва. Свештениците и останатите христијани, потресени од таквото необично чудо и самите започнаа да се молат, а турците од страв паднаа ничкум на земјата. Но, стражарите помислија дека избувнал пожар во темницата, па влегоа и останаа запрепастени, зашто беше сѐ во ред, а маченикот стоеше на молитва. Тие веднаш го известија Хасан за ова чудо. Тој, за да го заташка чудото нареди да не се зборува за тоа меѓу народот, а на затворениците со закани им нареди да не го разгласуваат. Потоа тие затвореници ги ослободи и нареди светиот маченик секојдневно да го тепаат во темницата. Но, Господ не дозволи повеќе да го мачат. Кога еден турски имам замавна да му удри шлаканица, веднаш му поцрне раката како јаглен.

Од тоа чудо турците повеќе не се осмелуваа да го допрат, од страв да не пострадаат како имамот. Светиот маченик помина во темницата пет месеци во глад, жед и студ. Но Господ, Кој се грижи за светите Свои, поттикна еден богољубив христијанин да му носи Света Причест, со која затвореникот Христов го крепеше својот дух и слабото тело.

Хасан толку долго го држеше светиот маченик во темницата и не се осмелуваше да го осуди на смрт, затоа што се плашел од Идријците кои имале голема власт и сила кај Портата, а маченикот бил од островот Идра. Затоа му напиша писмо на капетанот Георгиј, родум од Идра, кој тогаш се наоѓал во Александрија, известувајќи го за него. Додека го чекаше одговорот од него, одлагаше да го осуди на смрт. Но, светиот затвореник дозна за Хасановото писмо и од страв капетанот да не го попречи во извршувањето на својот маченички подвиг, лично му напиша писмо да не се застапува за него. Кога ја виде неговата огнена желба да пострада за Христа, капетанот му напиша на поглаварот на Родос дека не го познава и дека може да постапи со него како што сака.

На таквиот одговор Хасан го повика светиот страдалник и почна да му предлага да се одрече од Христа. Но, кога ја виде неговата цврстина и презир спрема сите ласкави почести што му ги нуди, нареди да го вратат во темницата и таму да го задават.

Така светиот маченик Константин јуначки го заврши својот подвиг и неговата света душа, очистена со сопствената крв, отиде чиста во рацете Божји, во единаесет часот ноќта, на 14 ноември 1800 година. Неговото тело христијаните со долична чест непречено го зедоа од темницата и го погребаа во црквата на Пресвета Богородица во Варусион. При погребот преблагиот Господ го прослави Својот угодник со чудеса. Најразлични болни од допирот до него добиваа исцеленија.

Наскоро по маченичката смрт на свети Константин, неговата мајка дозна дека чесно пострадал за исповедањето на името Христово и сакаше неговите свети мошти да ги пренесе од Родос во својот крај и го стори тоа со помош на споменатиот капетан Георгиј.

При преносот на светите мошти на островот Идра исто така се случија многу чудеса. Од нив ќе спомнеме само две. Еден родоски христијанин, при удар од гром се лишил од слухот и гласот и останал со пореметен ум. Но, кога го приведоа кај моштите на светиот маченик и тој ги целиваше, веднаш стана здрав. Исто така беше исцелен и еден друг ѓаволесан бедник, кој три години бил мачен од ѓаволот, па бегал од луѓето и лутал по горите гол и бос. Штом овој бедник го приближија до светите маченикови мошти, ѓаволот веднаш излезе од него и тој започна гласно да Го слави Бога и да му благодари на светиот угодник Негов.

Така благоволи Бог да го прослави маченикот кој пострада за Него и да ги посрами мачителите. Амин.

ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ ПАЛАМА,

архиепископот Солунски

Свет Григориј Палама, синот на Божествената незалезна светлина, вистинскиот човек од вистинскиот Бог, служител и вршител на прекрасните тајни Божји, е роден во престолниот град Цариград од благородни и побожни родители. Татко му беше дворјанин, висок службеник на дворот на царот Андроник II Палеолог. Неговиот татко Константин уживал толку голем углед на византискиот двор поради неговиот добродетелен живот и разборитост, што царот го избрал за учител и воспитувач на својот внук, наследникот на тронот Андроник III. Дури и самиот цар не се срамел да го има за советник и наставник во добродетелите. Кога ќе се разгневел на некого од дворјаните, единствен кој имал смелост да го прекори и вразуми бил Константин. Иако живеел на дворот, тој се одликувал со молитвена трезвеност на умот и се трудел својот живот да го минува во духовно стражарење и богољубиво бдеење. Му се случувало понекогаш толку да се занесе во умната молитва дури и за време на заседавањето на царскиот совет, така што бил како отсутен за време на царевото излагање и говор. Царот знаел дека тоа не се случува од немарност или презир, туку поради неговата молитвена собраност во Бога и не му замерувал. Затоа беше почитуван од сите и познат како заштитник на обесправените и неволните. Така еднаш, кога младиот царев син Константин ѝ одзел на некоја вдовица триста златника, користејќи ја својата функција, тој го потсети на праведниот закон Божји и дека треба да биде заштитник на сиротите, а не нивен угнетувач. Царевиот син посрамен ѝ го вратил на вдовицата одземеното.

Родителите на овој прекрасен Григориј не се труделе само за својот духовен напредок, туку и своите деца од мали нозе ги носеле кај учителите, духовните отци и побожните монаси, на кои им се доверувале и себе си, за и во нивните незлобиви души да се врежат светите зборови и срцето се подготвувало за светлината на богопознанието и духовниот препород.

Родителите се трудеа Григориј да ги изучи не само светските науки, туку и Божествената евангелска наука и секоја христијанска добродетел. Но, тој во рана младост го изгуби својот татко, кој пред смртта се замонаши и мирно отиде кај Господа. А неговата мајка и понатаму се трудеше Григориј и останатите свои деца духовно и добро да ги воспита во духот на законот Господов и Светото Писмо. Не само надарен туку и вреден, во средината на мудрите учители, Григориј брзо напредуваше и во светските и во духовните науки. Но, немајќи доверба во своето помнење, си даде правило пред секој час да прави по три метании со молитва пред иконата на Пресвета Богородица. И Пресветата Богомајка му помагаше и тој брзо напредуваше во науките, со што го сврте вниманието кон себе. Самиот цар земаше живо учество во школувањето и воспитувањето на надарениот Григориј, подготвувајќи го за дворската служба. Толку напредна во знаењето на физиката и логиката, и воопшто во Аристотеловата философија, така што големиот логотет, кога еднаш пред царот започна разговор за Аристотеловата логика и слушна од Григориј такви длабоки мисли за тоа, му се обрати на царот со восхитувачки зборови:

- Кога би можел да го слушне, Аристотел многу ќе го пофалеше. А јас велам дека таквите души и природи треба да се занимаваат со науката.

Тоа уште повеќе ја зацврсти во царот надежта и ги поткрепи неговите планови за Григориј.

Но, тој беше полн со љубов спрема Бога, срцето му чезнееше за вишниот живот, за небото, за вечната Вистина. Сакаше да Му служи на Бога со сета своја душа, со сето свое битие во светост и правда. Затоа имаше чести средби со светогорските монаси, се распрашуваше за монашкиот живот, бараше од нив совети и упатства и се испитуваше дали е за монах. За да се провери и на дело, дали може да биде вистински монах, својата скапоцена облека ја замени со бедна и испокината и започна постепено да ги менува своите поранешни навики и начинот на однесување, напуштајќи ги прописите на световното однесување. Тоа го забележаа сите дворјани и многумина го сметаа за лудак. Во такво строго живеење помина неколку години и на тој крстен пат кон небото не можеа да го попречат ни срдечните молби на искрените пријатели, ни советите на самиот отец, ни исмевањето на околината.

Така Григориј, откако ги заврши светските науки и успешно се испита себе си, во својата дваесетта година одлучи да го прими монашкиот чин и да се повлече во пустината. За тоа ја извести својата богољубива мајка, на која на почетокот ѝ беше жал, но потоа го благослови и боговдахновено се радуваше. Па и таа реши да се замонаши, а и останатите свои деца, со помош Божја, ги посоветува да се замонашат, за да може со пророкот да рече: „Еве ме мене и децата кои ми ги дал Бог“ (Ис. 8, 18). Григориј го раздаде сиот свој имот на сиромашните, ги презре сластите на овој свет и појде по Христа, водејќи ги со себе на истиот пат и мајка си и браќата и сестрите. Мајка си и сестрите ги остави во еден женски манастир, а браќата ги одведе со себе на Света Гора и стапи во пустинскиот манастир Ватопед. По пат се задржа на Папикијевата Гора, помеѓу Тракија и Македонија, да презими кај тамошните монаси со браќата. Подвижниците на тоа место се восхитуваа на неговата младешка мудрост. Тоа се случи и по промисла Божја, зашто за време на тој престој успеа да ги врати во црквата монасите еретици, наречени Меселијанци, кои живееле на блиската гора. Во Ватопед се потчини под целосна послушност на знаменитиот облагодетен старец Никодим, кој порано се подвизувал на Авксентиевата Гора наспроти Цариград, од кого подоцна беше замонашен. Од својот свет старец научи да ги спроведува во дело заповедите Божји и сите добродетели.

Во втората година од своето живеење кај старец Никодим, Григориј беше удостоен на Божествено јавување. Еден ден, додека беше потопен во размислување за Бога, ненадејно пред него застана блескав и благолик маж, свети Јован Богослов, и умилно гледајќи во него, го праша:

- Зошто додека се молиш на Бога постојано повторуваш: „Просвети ја мојата темнина, просвети ја мојата темнина?“

Григориј одговори:

- Што друго би барал, освен да се просветам и да дознам како да ја творам светата волја Негова?

Тогаш светиот Евангелист му рече:

- По волја на Владичицата на сите, Богородица, од сега јас ќе бидам постојано со тебе.

По три поминати години во безусловна послушност и подвижнички живот под мудрото раководство на божествениот старец Никодим, Григориј се лиши од него. Во длабока старост тој се пресели кај Господа. Тогаш Григориј отиде во големата Лавра на свети Атанасиј, каде отците го примија со голема чест, бидејќи се беше прочул со својот доблесен живот. Игуменот му одреди послушание да им служи на браќата во заедничката трпезарија и да биде певец во црквата. Проживеа таму неколку години во страв Божји, во послушност на сите и целосно ги скроти и задуши во себе телесните страсти, давајќи си утешен пример на евангелска бестрасност и божествена чистота. Па не само тоа, туку тој и најбитните потреби на природата ги сведе на најмала мера, како ништо овоземно да не му е потребно. На пример сонот, без кого човекот не може, тој го победи борејќи се со него три месеци, без да си даде ни дење ни ноќе покој и одмор, освен што по ручекот си дозволувал кратко и лесно дремење. А и тоа си го дозволи од внимателност да не го снајдат убиствени последици од долгото измачување со неспиењето. Со својата смиреност, кротост и подвизите ги стекна љубовта и почитта на сите. Но, одбегнувајќи ја славата и чезнеејќи за уште построг и молитвен живот, кришум ја напушти Лаврата и отиде во зафрлената пустина, во скитот наречен Глосија.

Во тој скит живееја многу пустиници под раководството на смерниот и богомудар старец Григориј, кој исто така беше родум од Цариград. Григориј се довери на раководството на овој прекрасен старец, и водеше строг соѕерцателен живот, горејќи со безмерна љубов кон Бога, на Кого Му ги беше посветил и душата и телото. Со непрестајната молитва ги победи сите лукавства на ѓаволот и се удостои на благодатните дарови да ги исцелува болните и со душата и со телото и да врши знаменија и чудеса. Потопувајќи се во длабочините на молитвениот дух и озарувајќи се со него, тој доаѓаше до таков степен на умиление и срдечен плач, така што потоци од солзи течеа од неговите очи, како од непресушен извор.

Но, молитвеното осаменичко тихување на христочезнивиот Григориј и неговите соподвижници во Глосија беше нарушено од нападите на агарјаните над монасите, кои тихуваа надвор од манастирите. Тоа ги натера да ја напуштат пустината и да отидат во Солун. Од таму Григориј намисли да појде во Ерусалим, за да се поклони на Светите Места и ако Му е угодно на Бога, таму да го заврши својот живот. За да дознае дали е тоа волја Божја, се молеше да Му открие и во сонот му се јави светиот великомаченик Димитриј. Се видел тој себе си и своите соподвижници во некој царски дворец, пред престол на прекрасен цар, опкружен со безбројни велможи и телохранители. Еден од царската свита, како некој голем кнез се издвоил, му пришол, го прегрнал и обраќајќи им се на неговите собраќа, рекол:

- Јас Григориј го задржувам кај себе. Таква е волјата на Царот, а вие одете кај што сакате.

Григориј им го раскажа своето видение на браќата и сите се сложија дека всушност му се јавил свети великомаченик Димитриј, па одлучија да не го напуштаат Солун, каде што почива овој голем угодник Божји. Тука започнаа да го молат божествениот Григориј да го прими свештеничкиот чин. Најпосле тој се согласи, под услов да дознае дали е таква волјата Божја. Поради тоа одредија строг пост и молитви. Молитвата им беше услишана. Го прими свештеничкиот чин.

По ракополагањето со своите браќа се повлече во скитот што се наоѓал на една гора, во близина на Верија, каде започнаа повторно да се подвизуваат. Начинот на живот на свети Григориј беше ваков: пет дена во седмицата воопшто не одел никаде, нити примал некого. Единствено во сабота и недела по богослужението и примањето на Божествените Тајни влегувал во духовно општење со браќата, градејќи ги и утешувајќи ги со својата трогнувачка поучна беседа. Тој како ангел Божји служеше света Литургија и со своето свештено служење ствараше кај присутните умиление и плач. Во тие часови, а особено по светата Литургија, неговото лице сјаеше со прекрасна Божествена светлина. Многу големи свети мажи се восхитуваа на неговиот доблесен живот, за кој се удостои од Бога на дарот на чудотворството и го нарекуваа богоносец и пророк.

Во тоа време замина кај Господа големата во доблестите мајка на свети Григориј. Нејзините ќерки соподвижнички, сестри на свети Григориј, го замолија да ги посети и утеши во тагата со духовни поуки. Тој отиде во Цариград, ги утеши, ги поведе со себе во Верија и ги остави тука во еден женски манастир, (каде постарата од нив Епихарис наскоро умре), па тој повторно се врати во својата мила пустина кај браќата. Тука се запозна и пријателски се зближи со еден прост старец, пустиникот Јов. Еднаш, во разговорот со него, божествениот Григориј го изрази и застапуваше мислењето дека не само подвижниците туку и сите христијани се должни постојано да се молат, како што заповеда светиот Апостол. Старецот Јов не се согласи со тоа и тврдеше дека непрестајната молитва е должност само на монасите, а не и на мирјаните. За да не го навреди и да го одбегне многуречието, свети Григориј замолкна. Но, штом старецот се врати во својата ќелија и застана на молитва, му се јави во небесна слава ангел и му рече:

- Немој да се сомневаш, старче, во вистинитоста на Григориевите зборови. Тој ја зборувал и ја зборува вистината. Така мисли и ти и другите учи ги на тоа.

Најпосле, по пет години осамено молитвено тихување во Верискиот скит, поради честите упади на албанците, блажениот Григориј беше принуден повторно да се повлече на Света Гора, во лаврата на свети Атанасиј, каде со голема љубов и радост беше примен од тамошните отци и браќа. И таму се осамуваше надвор од манастирот во молчалничката ќелија на свети Сава. Освен во сабота и недела никаде не излегуваше, со никого не се гледаше и никој не го гледал, освен ако било во прашање некое свештенослужење. Сите негови останати денови и ноќи протекуваа во молитвениот подвиг и богоразмислувањето. Дојде еднаш за празникот во лаврата. Додека богослужението течело, некои од монасите разговарале меѓу себе, а тоа многу му пречело. Но, наместо да ги осуди, тој по својот обичај потона молитвено во себе и преку својот ум во Бога. И одеднаш го осветли небесна светлина и со своите зраци му ги просвети и очите и душата и телото. Притоа го виде економот на лаврата Макариј во чудни архиерејски одежди. Тоа навистина подоцна и се случило. Макариј првин бил избран за игумен на манастирот, а потоа за Солунски митрополит, каде и се упокоил.

Еднаш, во ќелијната молитва пред Пречистата Богомајка, преподобниот Ја молеше Таа да отстрани од него и неговите собраќа сѐ што им пречи во нивното осамено тихување и совршен монашки живот и да благоволи Таа да ја зеде врз себе грижата и промислувањето за сите нивни животни потреби. Семилостивата Владичица ја услиша неговата срдечна молитва. Му се јави придружувана од многу блескави мажи. Кога му пристапи, Пресветата им се обрати на блескавите мажи и им рече:

- Од сега па натаму вие грижете се за потребите на Григорији неговите браќа.

Од тогаш, раскажувал за тоа самиот блажен Григориј, тој постојано секогаш, каде и да се наоѓал, имал очигледни докази за специјалното Божествено промислување за него. Еднаш за време на молитвата го зафати лесен сон и му се сторило како во рацете да држи сад со чисто млеко, толку полн што се преливал. Потоа млекото добило изглед на миризливо вино, кое преливајќи се преку садот ги наквасило неговите раце и облеката, ширејќи наоколу прекрасен мирис, на кој многу се радувал. Притоа му се јавило блескаво момче и му рекло:

- Зошто и на другите не им даваш од тој чудесен напиток што намерно го расипуваш? Или не знаеш дека тоа е непресушен дар на благодатта Божја?

Свети Григориј одговорил:

- Ако во денешно време нема луѓе кои чувствуваат потреба за таквиот пијалок, тогаш на кого да го давам?

Момчето му возвратило:

- Иако денес нема жедни за таков пијалок, сепак ти си должен да ја исполнуваш својата должност и да не го занемаруваш дарот Божји, за кој Господ ќе бара сметка од тебе.

При тие зборови видението завршило. Григориј се разбуди и остана да седи тука цел ден и цела ноќ, осветлен од неопислива Божествена светлина. Ова видение подоцна му го објасни на својот пријател и ученик Доротеј, вака:

- Млекото го означува дарот на обичните зборови, сфатливи за срцето на простите, желни за морални поуки. А претворањето на млекото во вино означува дека со текот на времето ќе бараат поуки од него за највозвишените вистини на верата Христова и вистините догматски и небесни.

Послушен на Божествениот призив, тој од тогаш ја отвори својата медоточива уста и цела Света Гора се восхитувала на длабочините на неговите мисли. Тогаш го напиша и своето прво дело „Животот на преподобниот Петар Атонски“, а потоа и „Слово за влегувањето на Пресвета Богородица во Светињата над Светињите“.

Наскоро потоа беше избран за игумен на Есфигменскиот манастир, во кој имаше двесте монаси. Еднаш во манастирот снема зејтин, а беше многу потребен. Свети Григориј со браќата влезе во подрумот, каде обично ги чувале намирниците, се помоли на Бога, го благослови празниот сад и одеднаш тој пред очите на сите се наполни со зејтин. А кога дозна дека недостигот се јавил зашто маслините не родиле, отиде во маслиникот, ги благослови дрвјата и од тогаш тие секогаш добро раѓале.

Свети Григориј беше кратко време игумен. Желбата за пустинска тишина и молитвено тихување го одвлече повторно во ќелијата на свети Сава, близу лаврата на свети Атанасиј. Тука достигна такво духовно совршенство што и многу свети подвижници се восхитувале на неговите рамноапостолни доблести и чудотворства. Но не ги одбегна разните и чести искушенија, според зборовите Божји: „Сите што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса ќе бидат гонети“ (2 Тим. 3, 12). Сето тоа тој го трпеше со радост за искушувањето на неговата вера, повредна од злато, да биде на пофалба, чест и слава на Господа Исуса Христа (сп. Петар 1, 7).

Многу маки поднесе свети Григориј во борбите со ересите, кои во тоа време започнаа да ја вознемируваат Црквата Божја. Особено голема услуга тој ѝ стори на Црквата со изобличувањето на лажните учители, кои го отфрлаа православното учење за духовната благодатна светлина, која го осветлува внатрешниот човек, а понекогаш се јавува и видливо како на Тавор и на лицето на Мојсеј по неговиот разговор со Бога на Синај. Во тоа време на Света Гора Атонска дојде од Калабрија еден учен монах, на име Варлаам, кој со своите следбеници на богохулното учење го наруши мирот во Црквата Христова и спокојството на светогорските монаси. Во текот на цели дваесет и три години овој доблесен пастир јуначки се бореше со Варлаам и многубројните маки што ги поднесе е тешко да се опишат. За Таворската светлина Варлаам учел дека е нешто вештествено, природно створено, нешто што се јавувало во пространството и се плашело од воздухот, бидејќи се дала да се види со телесните човечки очи на луѓето, сѐ уште неосветени со благодатта. За нешто такво створено Варлаам ги сметал сите дејства Божји, па дури и даровите на Светиот Дух: духот на премудроста и разумот..., без да се плаши да го сведе Бога во редот на тварите, зашто ги сведуваше на твар светлината и блаженството на праведниците во Царството на Отецот Небесен, силата и дејството на Триипостасното Божество. На тој начин Варлаам и неговите следбеници го расекувале едното и исто Божество на створено и нестворено, а оние кои оваа Божествена светлина и секоја сила, секое дејство Божјо со побожно стравопочитување го сметале за нестворено, туку за вечно, ги нарекувале двобошци и многубошци. Верата на светогорските пустиници во соѕерцанието на Божјата светлина и подготовката за тоа соѕерцание, сметајќи ги за заблуда, Варлаам се крена јавно и против нив и против молитвата, и против нивното таинствено соѕерцание. Но, пред овие Варлаамови клевети против светогорските монаси да станат јавни, кога прв пат дојде во Цариград, тој од Калабрија успеа да ја стекне довербата на царот и патријархот, така што им стана советник за разни прашања. Така беше одреден да разговара со претставниците на папата за единството на западните и источните христијани. По тој повод напиша и некои книги, со намера да го изложи православното учење за Светиот Дух и неговото исходење. За истото прашање напиша свети Григориј и две списи, побивајќи ја латинската ерес за исходењето на Светиот Дух и од Синот. На прашањето на пријателите од Солун дали тие негови дела се сложуваат со Варлаамовите, тој одговори потврдно, но кога подоцна ја доби неговата списа и ја прочита, најде дека тој по многу нешта е неправославен, за што и напиша писмо од испосницата Свети Сава, каде што се подвизуваше. Светителот уште тогаш почувствува дека овој философ од запад, иако православен по крштевање, проповеда некој далечен и туѓ бог, а не Живиот и Секадеприсутниот и Сепроникливиот Бог Авраамов, Исаков и Јаковов и сите свети Пророци, Апостоли и Маченици. Затоа тој, на молба од своите пријатели и се крена против овој волк во јагнешка кожа, бранејќи го начинот на молитвата на светогорските монаси, нападнат од овој ист Варлаам, и божествената вечна Светлина со која Бог му ја открива на човекот Својата непристапна суштина. Налутен и огорчен, Варлаам отиде во Солун, и таму продолжи да ги шири своите клевети против атонските монаси. За да се одбранат од ова зло, солунските пријатели на вистинската побожност го повикаа од Света Гора богомудриот Григориј Палама, кој, кога дојде на почетокот дејствуваше во духот на кротоста и лично го советуваше Варлаам да се откаже од нападите против молитвеното тихување, кое не го разбира, и да се занимава со она што го научил. Но, кога увиде дека тоа нема никакво влијание врз лажниот учител, започна да го изобличува овој еретик не само усно, туку и пишувајќи одлични книги, полни со возвишени вистини и божествени докази. Тоа го примора Варлаам со сета сила да се нафрли врз светителот Божји и Атонските монаси, нарекувајќи ги „бубачки“. Но кога и тоа не му помогна, посрамениот Варлаам отиде во Цариград и усно и писмено се жалеше на цариградскиот патријарх Јован XIV од свети Григориј и Атонските монаси.

Во тоа време свети Григориј цели три години во Солун усрдно се занимаваше со изложувањето на вистините на Православието, моќно бранејќи ја нивната чистота. Тука напиша девет прекрасни списи во одбрана на светите тихуватели и вечната божествена Светлина, со која заблеска Христовото лице на гората Тавор. И тука, како и порано, срдечниот плач, целосната повлеченост и молитвеното тихување беа неговото омилено занимање во слободните часови. Но, бидејќи среде луѓето не можеше да ги има сите предности на пустинската тишина, сепак на сите можни начини се трудеше да ги одбегне и односите со светот. Затоа во најоддалечениот крај од куќата во која што живееше си направи мала ќелија и таму пустинички молитвено тихуваше, колку што имаше време за тоа. Еднаш на празникот на свети Антониј Велики, кога останатите монаси, ученици на блажениот Исидор, вршеа сеноќно бдение, а блажениот Григориј осаменички молитвено тихуваше во својот ќелијски затвор, го осветли Божествена светлина и ненадејно му се јави свети Антониј и му рече:

- Добро е и целосното осаменичко молитвено тихување, но и општењето со братството понекогаш е неопходно, особено во деновите на заедничките молитви и богослужења. Затоа и ти треба сега да бидеш со браќата на бдението.

Божествениот Григориј веднаш отиде на бдението кај браќата, кои со радост го дочекаа. Сеноќното бдение беше отслужено многу свечено.

Кога ги заврши своите писмени богословски трудови во заштита на Светогорските монаси и за одвратноста на еретичките Варлаамови умувања, свети Григориј се врати на Света Гора, и им покажа на тамошните пустиници и старци сѐ што напишал за побожната вера против Варлаамовите заблуди. Општиот пофален одзив јавно и јасно ја посведочи правилноста на мислите на свети Григориј. Во тоа време се упокои неговата втора сестра, преподобна Теодота, која живееше како монахиња во Солун.

Наскоро потоа настапи време кога свети Григориј пред очите на целиот свет требаше да војува против арогантниот еретик Варлаам и неговите богохулни размислувања и за својот исповеднички подвиг да добие бесмртна слава во Црквата Христова. Во тоа време Варлаам успеа да го придобие цариградскиот патријарх Јован XIV и работата ја доведе дотаму што патријархот со грамота ги повика на Црковен суд свети Григориј и неговите соподвижници. Придружуван од своите верни пријатели и соподвижници: Исидор, Марко и Доротеј, светиот Григориј дојде во Цариград на суд. Со себе го носел и Светогорскиот Томос, потпишан од Светогорските старци. И тука, полн со Духот Свет, светителот бестрашно истапи во заштита на Православието и старците Светогорски, побивајќи го Варлаамовото аријанско учење, кое се заканувало да ги поткопа темелите на христијанското вероучење и карактерност. Тогаш патријархот увиде дека Варлаам е отворен непријател на вистината, а Григориј нејзин учител и поборник, во сѐ согласен со светите Отци на Црквата. Но, бидејќи работата била необично важна за Црквата, патријархот во договор со царот Андроник Палеолог свика во Цариград собор, на кој дојде и Варлаам со своите ученици и следбеници. На соборот дојдоа и многу тамошни знаменити пустиници, меѓу кои особено се истакнувале Давид и Дионисиј, кои беа од Тракиската околина каде што се подвизувал преподобниот Григориј Синаит (во Парорија северно од Адријанопол). На Дионисиј претходно му било откриено од небото за тоа какви ќе бидат последиците од тој собор и за триумфот на свети Григориј. Соборот беше одржан во црквата „Света Софија“ под претседателство на патријархот. Свети Григориј, облечен во непобедлива сила од висините, ја отвори својата богомудра уста и со своите огнени боговдахновени зборови и Божественото Писмо ја развеа сета ерес како прав, ја согори како трње и конечно ги посрами еретиците. Така на соборот беше изобличена и осудена еретичката заблуда на Варлаам, неговиот следбеник Акиндин и другите слични лажни учители.

Поразен и посрамен, со тоа и презрен, Варлаам се извлече од Цариград и отиде во својата татковина Италија, каде премина во римокатоличката вера. Меѓутоа во Византија се појавија некои негови јавни и тајни пријатели и следбеници, кои тој ги подржуваше со своите писма, проповедајќи им ги истовремено спротивните на Православието учења на Римокатоличката црква. Плевелот на Варлаамовата ерес започна особено да го сее и негува неговиот следбеник, монахот Акиндин. Против него во Цариград беше одржан нов собор, на кој свети Григориј уште поочигледно ја обелодени заблудата на Варлаам и Акиндин за Божествената светлина, наведувајќи притоа докази од Светото Писмо и светите Отци. На тој собор Акиндин се одрече со потпис од Варлаамовата ерес, но неговото одрекување не беше искрено. Тој и понатаму го напаѓаше преподобниот Григориј. И патријархот подоцна го подржуваше Акиндин, а го обвини свети Григориј како виновник за сите црковни немири и збрки во тогашните времиња. Па не само тоа, туку тој Акиндин го ракоположи за ѓакон, а свети Григориј со негова наредба го фрлија во темница, во која невиниот страдалник се мачеше четири години.

Таквата патријархова неправедност не остана неказнета. Кога благочестивата царица Ана дозна за постапките на патријархот и неговата приврзаност кон Акиндин, на два собора осуден како еретик и непријател на Црквата, најде дека е недостоен за свештеничкиот чин и црковната заедница и нареди да го исфрлат од Црквата. А пак патријархот Јован лично го искуси врз себе гневот Божји. Воодушевен од Никифор Григорас за еретичките размислувања на Варлаам и Акиндин, тој самиот падна во ерес и како еретик беше лишен од престолот и црковното општење. На тој начин беше воспоставен црковниот мир и ослободен невиниот страдалник свети Григориј.

Новиот патријарх Исидор и царот Јован Кантакузен високо ги ценеа заслугите на свети Григориј за Православната Црква и го убедија, иако долго се противеше, да го прими архиерејскиот чин. Така свети Григориј беше ракоположен за архиепископ Солунски. Тогаш се случија нереди во Солун и народот не сакаше да го прими новиот архиепископ. Затоа се повлече во неговата омилена Света Гора. Во меѓувреме настапи празникот Раѓање на Пресвета Богородица. Во тоа време еден богобојазлив солунски свештеник, подготвувајќи се да служи Божествена Литургија, пристојно Го молеше Господа да благоволи да му открие дали Григориј навистина, како што некои мислат, е во заблуда во своите размислувања и верувања во однос на монашкиот живот и Таворската светлина и има ли слобода пред Господа. Јерејот Го молеше Господа да му го открие тоа преку неговата болна ќерка, која веќе три години лежела неподвижна.

- Господи - зборуваше тој - ако Григориј е вистински слуга Твој, тогаш по неговите молитви исцели ја мојата кутра ќерка.

И во тој час неговата ќерка стана од постелата потполно здрава, како никогаш да не боледувала.

Ова чудо го прослави Григориј, но црковните нереди и понатаму продолжуваа во Солун. За време на овој престој на свети Григориј на Света Гора, таму пристигна царот Стефан, кој, знаејќи ги неговите доблести и заслуги за Црквата Божја, срдечно го замоли да појде со него во неговата земја. Се обидувал исто така и да го придобие, да биде негов придружник кај царот во Цариград. Тогаш всушност Света Гора беше припоена кон царството на Стефан Душан. Душан знаел каков углед ужива свети Григориј во својата земја, па не е ни чудо што таквиот маж сакал да го придобие за себе. Затоа му укажувал како со непочитување се однесуваат неговите кон него, па дури не му дозволуваат да влезе во Солун и да ја прими својата епископска катедра. А јас, му зборувал царот Душан, ќе ти дадам и земја и цркви и богатства. Покрај останатото човекот Божји Григориј му одговори на царот:

- Мене воопшто не ме интересираат ни власта, ни имоти, ни даноци, нити било какви скапоцени работи. Сето тоа за мене не претставува ништо. Дали сунѓерот кој во себе може да прими чаша вода, фрлен среде ова пред нас Егејско Море, би бил во состојба да ги смести во себе сите води на морските длабочини? Секако дека не може. Би впил во себе чаша вода, а до брановите и огромните води не би се ни допрел. Така и јас. Одамна сум навикнал да живеам со малку и да се задоволам со најнеопходното. Тоа за мене е најприродна работа. Затоа, царе, кога би ме поставил над сите злата што постојат на земјата и под земјата, или да ме фрлиш во златната река на митскиот Пактил, и самиот би видел дека од сите тие минливи богатства и потреби за мене ништо нема да се прилепи. Затоа откажи се од своите ветувања и подароци...

Ова одлучно одбивање на понудата не го разгневи царот Душан, туку напротив тој уште повеќе го почитуваше, жалејќи што таквиот светилник не може да го постави на свеќникот на својата земја. Григориј особено го почитуваа и чесните монаси на манастирот Хилендар, со кои секако доаѓал во допир како игумен на блиската Есфигменска обител. Тоа јасно се гледа и од тоа што на „Светогорскиот Томос“, во кој светителот ги изложил своите и на целата Црква учења за молитвените тихуватели и вечната божествена Светлина, се наоѓа и потписот на игуменот на Хилендарската обител. Најверојатно на некого од Хилендарските монаси му го должиме и првиот превод на странски јазик на едно од делата на свети Григориј (станува збор за неговото познато Слово за овоплотувањето на Бога Логосот).

Меѓутоа свети Григориј ни на Света Гора не го најде поранешното спокојство и тишина. Потребите на Црквата набрзо го повикаа назад во Цариград. Бидејќи состојбата во Солун не се промени, од таму тој беше испратен на островот Лемнос. Таму како архиереј изврши многу знаменија и чудеса и незамолчливо го проповедаше словото Божјо. Остана на Лемнос сѐ додека самите Солунјани не почувствуваа потреба од него, духовно осиромашени и изнамачени од туѓите влијанија врз нивните црковни и народни работи. Тогаш претставниците на клирот и највисоките достоинственици на Солун отидоа на Лемнос и се вратија назад со својот пастир многу свечено. Народот со неискажлива радост го пречека својот архипастир. Солунската Црква, како вдахновена од небото, сета ликуваше во свето одушевување. И наместо највообичаените благодарствени песни, свештенството и народот пееја воскресни песни и воскресен канон, целосно предавајќи се на своите чувства и восхитувачка радост. Така свети Григориј најпосле го зазеде својот архиерејски престол.

Три дена потоа светителот Божји во присуство на многуброен народ изврши литија и отслужи света Литургија, на која Бог го прослави со ново чудо Својот голем угодник. Гореспоменатиот богобојазлив свештеник имаше син, болен од епилепсија. Кога дојде време за причестување, свештеникот падна пред нозете на својот архипастир и пристојно го молеше со своите архиерејски раце да го причести неговото болно дете. Потресен од смиреноста на свештеникот и страдањата на неговиот син, божествениот Григориј ја исполни неговата молба.

Во друга пригода, на празникот Рождество на Пресвета Богородица, свети Григориј служеше света Литургија во женскиот манастир. За време на светата Литургија монахињата Илиодора, слепа на едното око, незабележително се доближи до светителот и со крајот од неговата одежда кришум го допре своето слепо око и во тој момент прогледа.

И многу други чудеса изврши свети Григориј. Со неговото мудро управување Црквата Солунска се насладуваше на мирот и тишината. Но, светителот Божји го очекуваа нови подвизи и тешки неволји. Во тоа време следбениците на Варлаам и Акиндин не престануваа да ја смутуваат Православната Црква во Цариград. Тогаш свети Григориј повторно стапи во борба со лошите еретици во заштита на Православието. Тој водеше борба со нив и усно и писмено со своите богомудри книги. Царот и патријархот, за да ја смират големата вознемиреност предизвикана од еретиците во Црквата Христова, најдоа за неопходно да свикаат нов собор во Цариград. Пред останатите, тие го повикаа на соборот свети Григориј и тој дојде. Овој собор (во 1351 г.) беше многу голем, многу поголем од претходните, свикан по истиот повод. На него учествувале не само архиереји со патријархот и царот на чело, туку и сите царски роднини и учени советници, како и учени луѓе на Црквата. Зеле учество и многу монаси и пустиници, сиот свој живот посветени на Божјата мудрост и нејзиното барање. Се собрал и многу побожен народ, желен да чуе зборови на вера и мудрост. Народот бил толку многуброен што не можел да се смести во големиот царски дворец со целата негова околина. На соборот непријателите на вистината, како и порано, беа посрамени и понижени. И личните говори на свети Григориј и неговите догматски дела, читани на соборот, им ги затворија устите на еретиците. Придружуван од почитувањето на царот и благословот на патријархот и Црквата, свети Григориј со чест тргна кон Солун, но Јован Палеолог, кој во тоа време беше таму, го спречи светителот да влезе во градот (заради некој договор што го склопил со царот Душан), та тој беше принуден да се упати на Света Гора. Но, по три месеци светителот од истиот Палеолог со чест беше повикан на својот Солунски престол.

Една година потоа свети Григориј тешко се разболе и долго боледуваше, така што сите стравуваа за неговиот живот. Но, Бог му го продолжи животот за нови подвизи. Сѐ уште не се беше опоравил, кога му стигна писмо од Јован Палеолог, во кое срдечно го повикуваше да дојде во Цариград и да ги прекине расправиите и несогласувањата во царското семејство помеѓу него и неговиот тест Јован Кантакузен. Свети Григориј веднаш тргна за Цариград, но по пат беше фатен од агарјанин (Ахименид) и однесен во Азија како заробеник. Таму светителот помина цела година како роб. Но, не остануваше безработен. Продаван од град во град, тој го проповедаше Евангелието Христово, утврдувајќи ги православните во верата, тешејќи ги заробените христијани и крепејќи ги со надеж да го носат крстот и да ја чекаат наградата по смртта, и на сите им ги објаснуваше тајните на мудроста Божја во спасението на луѓето. Со света бестрашност свети Григориј стапуваше во спорови за верата со агарјаните и отпаднатите од Црквата еретици јудејци, секогаш дејствувајќи како вистински апостол Христов. Неговите противници му се восхитуваа на премудроста и благодатта што излегуваше од неговата уста. А некои, во својата немоќна злоба, го ставаа на страшни маки и можеби и би го убиле ако самите агарјани не го чувале, со надеж за него да добијат голем откуп. И навистина, по една година беше откупен и вратен на Солунската Црква од некои побожни трговци. Така откупен, свети Григориј како маченик на бескрвно мачеништво, радосно дојде кај своите верници. Полн со најразличните дарови Божји, овој избран сад Христов, како големиот апостол Павле делуваше со тивкоста, кротоста и пристојноста, но истовремено и понатаму бестрашно истапуваше против непријателите на Бога и верата Православна, изобличувајќи ги еретиците и со мечот на словото Божјо убедувајќи ги. Благ и незлопамтив, тој возвраќаше на злото со добро и усрдно се трудеше злото да го победи со добро. Никогаш не ги слушаше оние што зборуваа за клеветите на неговите непријатели против него. Беше великодушен и трпелив во сите неволји и тешкотии. Гладот и жедта ги сметаше за наслада, сиромаштвото за богатство, маките и неволјите за радост, гонењето и понижувањето за чест и слава. Како вистински ученик Христов, јаремот Христов му беше благ и бремето лесно. Поради тоа му се восхитуваа сите, не само христијаните. Блажениот имаше постојана болка во очите од молитвените солзи, кои непрестајно му течеа. Откако ги умртви сите страсти и го потчини телото на духот, свети Григориј целиот свој живот добро се подвизуваше и ги избрка од Црквата еретиците и од Христа отстапниците, со боговдахновените зборови и списи верата Православна ја утврди, со своето премудро учење догматите на светите Отци ги објасни, со својот живот ангелски Житијата на преподобните како со царски печат ги запечати и како еден од апостолите Христовото стадото тринаесет години богомудро и богоугодно го раководеше.

Во текот на последната година по враќањето од агарјанското ропство, свети Григориј изврши многу чудеса исцелувајќи ги болните. Така неговиот пријател, јеромонахот Порфириј, со молитвата два пати го подигна од болничката постела. Пред својот блажен крај, со крсниот знак и молитвата го исцели петгодишното дете на некоја кројачка, кое страотно страдало од крварење и било на умирање.

Наскоро потоа свети Григориј се разболе, но и понатаму го проповедаше словото Божјо, сѐ додека не легна на постела. Како што болеста напредувала, тој во беседите сѐ почесто зборувал за смртта. Така, во беседата на први август зборува за причините на болестите и страдањата: демонот и гревот кои ги вовеле во светот. Во една од неделите пред смртта повеќе не беше во состојба да стане од креветот, така што беседеше лежејќи. Откако го протолкува дневното Евангелие, светителот им зборуваше на присутните за вистинската опасност што им се заканува на христијаните. Таа опасност не е телесната смрт, туку вечната пропаст и на телото и на душата. Кога го почувствува својот близок крај, на присутните им го претскажа и денот на своето заминување во вечниот живот. Пријатели мои, им зборуваше тој утредента по празникот на свети Златоуст, денес јас ќе заминам кај Господа. Го знам тоа, зашто во видение ми се јави божествениот Златоуст и со љубов, како свој пријател, ме повика кај себе.

И навистина, во тој ден, на 14 ноември, свети Григориј отиде кај Господа во Неговите вечни рајски живеалишта. На умирање оние што биле околу него виделе како неговата уста шепоти нешто, но од тоа одвај ги разбрале само зборовите:

„Кон небесата! Кон небесата!“

Со тие зборови неговата света душа тивко и мирно се раздели од телото и одлета на небото. Тогаш неговото лице заблеска и целата соба ја озари светлина, на што сведок беше сиот град, кој се собра крај неговите мошти за збогување. Така благоволи Бог со ова чудо да го прослави Својот верен угодник, кој за време на својот живот беше светло живеалиште на благодатта и син на Божествената светлина.

Какво место зазел во Црквата и пред Бога овој вистински сад на Божествената светлина, сведочи прекрасното и чудно видение, на кое што се удостои еден монах од лаврата на свети Атанасиј на Света Гора, во која светителот долго време се подвизуваше. Монахот, за кого станува збор, бил еден од ретките молитвени тихуватели. Обично молчел повлечен од сите во молитвена тишина. Тој деноноќно се молел Бог да му открие на какво место на небото се удостоил свети Григориј и во чие друштво се наоѓа. Една ноќ имал видение додека се молел, како да се наоѓа во Цариград, во храмот на Божествената Премудрост, кој никогаш го немал видено, бидејќи немал одено во Цариград. Во храмот видел собор на свети Отци, меѓу кои биле свети Атанасиј Велики, Василиј Велики и Григориј Богослов, со нив и Григориј Ниски и Кирил Мудриот, а со нив многу други богослови и светии. Собраните Отци живо расправале за нешто, но монахот и покрај сиот напор не бил во состојба да сфати за што зборуваат. Кога дошло време по обичај да се донесе одлука, слушнал како сите како со една уста велат:

- Ние не можеме да го потврдиме учењето и да изгласаме одлука ако не дојде и не биде присутен на гласањето и солунскиот митрополит Григориј.

Тогаш испратиле еден прислужник веднаш да го повика. Прислужникот отишол, но брзо се вратил и рекол:

- Не може никој да му се доближи, зашто стои покрај самиот царски престол и насамо разговара со Царот.

Тие му заповедале повторно да појде и да причека додека да завршат со разговорот, па повторно да го повика. Тој така и сторил, и му јавил на Григориј дека соборот не може да ја потврди одлуката што ја донел без негово присуство. Кога дошол и Отците го виделе, сите станале и го примиле љубезно, го поставиле меѓу тројцата врвни Богослови, рамни по слава и чест. Така соборот во негово присуство ја завршил својата работа, ја потврдил својата одлука и ги споредиле своите зборови со неговите, а сѐ во слава на Соборната Црква Христова. Сите присутни богослови му се обраќале со благодарност и неопислива радост, говорејќи:

- Сето она што тие во разни околности и времиња го богословствувале, тој го собрал во еден сад во последните времиња со Божествената сила и благодатта и добро го соединил, и обработил, и ги прославил нив преку себе со Духот Свети. Така новите ереси славно ги победил и направил неговите зборови да бидат еден вид на заклучок и развој на нивните свети зборови и мисли. Откако така сите заедно го прославија Григориј и секој богослов поединечно, светите Отци на крајот станале. Така завршил соборот. Тука били крајот на ова прекрасно видение на светогорскиот пустиник, на кого Бог му ја откри небесната слава на овој проповедник и заедничар на вечната божествена Светлина.

Од посмртните чуда на свети Григориј Палама особено е значајно следното чудо, кое особено силно ја посведочува вистинитоста на Православието и силата на благодатното учење на светителот Божји. На островот Сатурнин, за време на празникот на свети Григориј, во втората недела на Великиот Пост, некои пијани латини поседнале со дечињата во чамци и тргнале по морето. Времето било прекрасно, морето тивко и мирно. Весели и палави, тие се задевале и демонот им уфрлил лоша и погубна мисла. Ракоплескајќи, тие заедно со дечињата започнале како луди да викаат:

- Анатема на Палама! Анатема на Палама! Ако Палама е свет, нека нѐ потопи!

И Бог им ја исполнил желбата. Морето се отворило и несреќниците заедно со чамците потонале и се удавиле.

Кога му го остави на своето стадо како богато наследство и голема ризница своето тело, кое денес се наоѓа во Соборниот храм на Солунската митрополија посветен нему, кое со ангелска чистота преславно заблеска при исходот на душата, свети Григориј обилно дава и до денес исцеленија на сите болни и слаби, кои отсекаде доаѓаат со вера кај неговите свети мошти, во слава на Христа Бога, Кому со беспочетниот Отец Негов и со пресветиот, благ и животворен Дух Му доликува секоја слава, чест и поклонение, сега секогаш и низ сите векови. Амин.

НЕКОЛКУ НЕБЕСНИ МИСЛИ НА СВЕТИ ГРИГОРИЈ ПАЛАМА ЗА ВЕЧНИТЕ ВИСТИНИ

Свети Григориј живеел и работел во четиринаесеттиот век, сиот со ист дух, ист живот, иста мудрост и богомудрост со светите Отци пред него. За своето расудување за вечните евангелски вистини, тој секогаш е со сите Светии (Еф. 3, 18): секогаш еден дух со нив - Христовиот дух, еден ум со нив - Христовиот ум (1 Кор. 2, 16), еден живот со нив - Христовиот живот. Сиот со нив, тој боговдахновено ни ги пренесува и апостолски ни ги благовести, и светоотечки ни ги толкува, и исповеднички опстојува и маченички ја посведочува светата вистина на нашето спасение и обожување, нашето осветување и прославување. Светите вистини тој ги проповеда и исполнува, ги објаснува и брани со својот свет ум, свет јазик, свет живот, свето страдање, свети зборови. Кога мисли, тој со Духот Свет мисли; кога чувствува, кога зборува, кога твори, тој сето тоа со Духот Свет го врши. Затоа е со сите свети Апостоли, и свети Отци, и свети Маченици, и свети Исповедници, наш бесмртен и непогрешлив водач, наш вечен и бестрашен војсководец низ сите бури и невремиња на нашиот земен живот, низ сите пустини и прашуми на нашите земни заблуди, исто така за сите православни од сега па до Страшниот Суд.

Вистината за човекот е главната мака со која свети Григориј се мачи. Тој вели:

„Адам е створен од Бога безгрешен и млад. Адам доброволно му се потчинил на ѓаволот, се свртел кон телесните наслади, потпаднал под духовна нечистотија и упаднал во противприродност. До нарушувањето на заповедта Адам бил заедничар со Божествената светлина и блесок. Како вистински облечен во облеката на славата не бил гол, нити чувствувал срам за голотијата. Со гревот се лишил од славата со која што Творецот го украсил, а која потоа Спасителот ја покажал на Тавор при Преображението. Со Таворското чудо Господ покажал каква ќе биде облеката на славата, во која во идниот век ќе се облечат блиските на Бога, и каква била облеката на безгрешноста, од која се лишил себеси со гревот. Адам се видел себе си дека е гол и се засрамил.

На Тавор била дадена праслика на идната слава на воскресението; а воскресението Христово ја јавило таа слава во полна мера, се повторило таворското чудо пред Марија Магдалена, која дошла на гробот. Пештерата на гробот Господов била преполна со светлината на воскресението, која се излеала врз Марија, која стоела крај гробот.

Овоплотувањето на Бога Логосот нам ни донело неискажливи богатства, па и самото Царство Небесно. Свети Григориј пишува:

„Колку што до вочовечувањето на Бога Логосот небото било далеку од земјата, толку далеку било од нас Царството Небесно... Синот Божји станал човек, за да ни покаже на каква висина ќе нѐ искачи; да не си вообразиме дека божем самите себе сме се ослободиле од робувањето на ѓаволот; за Он, како двоен по природа, да стане посредник, усогласувајќи ги својствата на двете природи; за да ги разреши оковите од гревот; за да ни ја покаже љубовта на Бога кон нас; за да покаже во каква бездна на зла сме паднале, било потребно воплотувањето на Бога; за да стане за нас пример на понижувањето, кое е поврзано со телото и страдањата; за да стане лек против гордоста; за да ни покаже дека Бог ја створил нашата природа добра; за да стане Началник на новиот живот, да го потврди воскресението и да ја прекине безнадежноста; за кога ќе стане Син Човечки и ќе земе удел во смртта да ги направи луѓето синови Божји и учесници на Божествената бесмртност; за да покаже дека човечката природа, за разлика од сите суштества е создадена според ликот Божји; дека таа е толку сродна за Бога, така што може да се соедини со Него во една Ипостас; за да нѐ почести со тело, и тоа смртно тело; за гордите духови да не би смееле да се сметаат себе си и да мислат за себе си дека се поскапоцени од човекот и дека можат да се обожат по својата бестелесност и привидна бесмртност; за да ги соедини разделените по природа луѓе и Бога, самиот Христос станува посредник во двете природи.

Со Својата Божествена благодат Бог се ставил Самиот Себе во човечко суштество, стварајќи го по Своја слика и прилика, и издигнувајќи го на земјата човекот како самосвесно суштество... Човекот повеќе од ангелот е создаден по слика Божја... Бог ја украсил нашата природа како Свое идно обличје, во кое Он сакал да се облече... Човечката природа е толку чиста, што може да биде соединета со Бога по Ипостас и неразделно да пребива со Него во вечноста.

Животот на душата е соединување на душата со Бога, како што животот на телото е соединување на телото со душата. И како што со престапот на заповедта, одвојувајќи се од Бога, душата се умртвила себе, така со послушноста на заповедта се соединува повторно со Бога, таа се оживува себеси... Како што разделувањето на душата од телото е смрт за телото, така разделувањето на Бога од душата е смрт за душата. Токму смртта на душата е смрт во вистинска смисла на зборот. Како што смртта за душата е вистинска смрт, така и животот на душата е вистински живот... Ние пред телесната смрт сме умреле, подложувајќи се на душевната смрт, односно разделувајќи се од Бога... Разделувањето на душата од Бога преку гревот е вечна смрт.

Нашиот живот треба да биде подржување на Христа, учи свети Григориј. Почеток на нашето подржување на Христа е светото Крштевање, знакот на Господовото погребение и воскресение; средина е - доблесниот живот и владеење според еввангелските заповеди; а крај - победата над страстите со помош на духовните подвизи... Како што земјата, ако не се обработи не носи корисни плодови, така и душата, без духовните подвизи не може да стекне за себе ништо богољубиво и спасоносно... Срцето и помислите треба да се обработуваат. Времето на животот е време за покајание; во денешниот живот слободната волја е насекаде во сила, и затоа нема место за очајание... Почетокот на покајанието се состои во самопрекорувањето, исповедта и воздржувањето од лоши постапки... Бог го создал човекот со големиот дар на благоразумноста, со тоа што човекот правилно користејќи ја својата слободна волја да тежнее кон доброто, а не кон злото... Сите телесни страсти не се лечат со ништо друго освен со умртвувањето на телото преку разумното воздржување од храна, во соработка со молитвата, која доаѓа од смиреното срце.

Но, телесните страсти водат потекло од духот, се зачнуваат во духот, растат во него, па се пренесуваат на телото. Затоа треба, учи свети Григориј, да го чистиме умот од лошите помисли и да водиме борба со нив. Зашто на гревовите корените им се наоѓаат во помислите. Преку помислите се води мислена борба во нас самите, далеку поопасна отколку борбата со учество на сетилата. Таа е секогаш во тек и за извршување на злото таа нема потреба ни од материја, ни од време, ни од место. Сетилната борба, која води кон грев, започнува од нешта од она што сме го слушнале, виделе, допреле, вкусиле, додека мислената борба во нас се случува со непосредно влијание на духовите на злото, од нивните напади и поттикнувања. Затоа, ако и некој победи во таа сетилна борба, тоа сѐ уште не значи дека ќе остане непобедлив и во мислената борба. Меѓутоа, оној што ќе победи во внатрешната борба, тој го победува и надворешниот непријател... Доколку телесните страсти имаат свој почеток во страсниот ум, тогаш од него и треба да се започне нивното лекување. Зашто ако некој сака да згасне пожар, нема да го згасне ако го пресекува пламенот одозгора, туку ако го отстрани материјалот што гори. Така е и во однос на блудните страсти. Ако внатрешниот извор на помисли не се исуши со молитвата и смиреноста, туку борбата се сведе на пост и умртвување на телото, тогаш тоа ќе биде неуспешна борба“.

Секој што е крстен, вели свети Григориј, ако сака да го придобие ветеното вечно блаженство и спасение, ќе се труди да живее слободен од секој грев.

Свети Григориј Палама:

ЗА МНОГУ СМЕРНАТА МЕЃУ МОНАХИЊИТЕ КСЕНИЈА ЗА СТРАСТИТЕ И ДОБЛЕСТИТЕ И ЗА ПЛОДОВИТЕ НА УМНОТО ТИХУВАЊЕ

За оние што сакаат целосно да ѝ се предадат на молитвената осаменост, не само што им е непријатно разговарањето и општењето со многу луѓе, туку и со оние што живеат на ист начин како нив. Тоа е така затоа што со тоа се прекинува постојаниот и омилен разговор со Бога, а собраноста на умот, со кој се одликува внатрешниот и вистински монах се крши на два, а понекогаш и на повеќе делови. Затоа, еден од Отците, запрашан зошто ги одбегнува луѓето, одговорил:

„Затоа што е невозможно да бидам истовремено и со Бога и со луѓето“ (ава Арсениј).

А пак еден друг отец, зборувајќи за тоа од лично искуство, вели дека не само општењето, туку и самата средба со човекот е во состојба да ја поремети цврстината на умниот мир и спокојството на оние што молитвено тихуваат (ава Исак Сирин).

Ако работата уште повнимателно се испита, тогаш и самото сеќавање на приближувањето, исчекувањето на нечие доаѓање и на средбата со него е доволно да го вознемири умниот дел на душата. Дотолку повеќе и оној што се занимава со пишување го оптоварува својот ум со грижи. Ако се случи оној што се занимава со пишување да спаѓа во духовно напредните и во оние кои поради душевното здравје ја придобиле љубовта Божја, таквиот, иако пишува, љубовта Божја сепак дејствува во него, иако не непосредно и чисто. Ако пак оној што пишува е од оние што се подложни на многу душевни страсти и болести, а јас сум токму еден од таквите, и кој би требало непрестајно да повикува кон Бога: Излечи ме, Ти згрешив! - тогаш е неразумно таквите да се предаваат на пишување пред да се исцелат, да ја напуштаат молитвата и доброволно да се занимаваат со било што друго. Покрај тоа, таквиот доаѓа преку своите списи во допир и со отсутните луѓе; неговите списи, кои остануваат и по неговата смрт, во разни времиња паѓаат во рацете на многу луѓе, стигнувајќи дури и таму каде што тој не би сакал.

Токму тоа била причината многу отци тихуватели да не сакаат ништо да пишуваат, иако биле способни да напишат многу важни и корисни работи. Меѓутоа јас, кој во сѐ заостанувам во точноста и строгоста зад отците, имав обичај да пишувам, навистина по потреба. Но, сега ме онерасположија спрема пишувањето оние што со завидливо око гледаат на некои од моите списи, барајќи во нив повод да ги злоупотребат. Тие се закачија, според големиот Дионисиј, за буквите и неразбирливите знаци, за непознатите слогови и зборови, за кои што нивниот ум не е дораснат. А навистина е неразумно, и ниско, и несвојствено за оние што навистина сакаат да ги сфатат Божествените вистини, да се задржуваат на зборовите, а на смислата и целта на реченото да не обрнуваат внимание.

Знам дека сум ги заслужил нивните клевети, но не поради тоа што не сум пишувал согласно со светите Отци. Тоа, со благодатта Христова, ќе може да се заклучи од она што сум го напишал, поради тоа што сум пишувал за она, за што не сум бил достоен, обидувајќи се можеби како втор Оза со слабото слово да ја подржам кочијата на вистината (сп. 2 Цар. 6, 6-7). Но, сепак, не се излеа врз мене гневот Божји, туку само умерена казна, та не беше дозволено противниците да ме совладаат. Се разбира и тоа се случило поради мојата недостојност, зашто не сум бил достоен, а се разбира ни способен да пострадам за вистината и така со радост да станам заедничар со страдањата на Светиите.

А што? - зарем дури и златоустиот Отец, кој додека сѐ уште во тело бил вброен во Црквата на првородените на небесата, и кој подобро од кој било друг пишувал точно, јасно и умилно за побожноста, зарем и него, иако толку голем, не го исфрлија како оригенист од Црквата, и зарем не беше осуден на прогонство? А Петар, челникот на врховниот собир на учениците Господови, вели дека тогашните незнајковци го испревртувале уште тогаш тешко разбирливото во Посланијата на големиот Павле на своја сопствена пропаст (2 Петар 3, 6). Јас повторно заради незнајните тешкотии од страна на оние што ме напаѓаа, иако соборно биле осудени, сум имал намера во иднина целосно да прекинам со пишувањето. Но еве, сега ти, света Старице, започна да ме молиш, служејќи се со молбени писма и пораки, повторно да ти испратам поучни зборови, иако немаш многу потреба од поуки. Заедно со староста по години, со благодатта Христова поседуваш и зрел ум, законот на светите заповеди си го прочитала со долгогодишната пракса и искуство, разделувајќи ги деновите на својот живот на послушание и молитвено тихување. Си го украсила со него садот на својата душа, си го подготвила да ги прими во себе и да ги задржи Божествените особини. Но, таква е душата кога еднаш силно ќе се разгоре со жед за духовната наука: станува незаситна. Затоа мудроста и вели за неа: „Оние кои ме јадат повторно ќе огладнат“ (Прем. Сирах. 24, 21). А Господ, Кој таа жед ја всадува во душата, вели за Марија која овој „добар дел“ го избрала, „дека нема да се одземе од неа“ (Лука 10, 42).

На тебе овие поуки ти се веројатно потребни и заради ќерките на големиот Цар, кои ти се доверени на воспитување; особено поуките за расудувањето врз основа на кои ти уште од раѓање чезнееш да се венчаш со Давателот на негнилежноста. Како што Он примил заради нас вистинско наше тело, така еве и ти, угледувајќи се на Него, си облекла врз себе лик на почетник и на оние на кои што им се потребни поуки. Затоа и јас, иако не сум многу богат, што се однесува до знаењата, особено знаењата од овој вид, но заради послушание и заради извршување на заповедите да даваме на оној што бара (Матеј 5, 42), ќе ти оддадам почест на љубов кон Христа, врз основа на тоа што го имам, покажувајќи барем добра намера.

Знај, о, света Старице, подобро речено нека преку тебе научат девите, кои избрале да живеат во Бога, дека постои и смрт на душата, која по природа е бесмртна. Тоа го вели и возљубениот ученик Христов Јован Богослов: Има грев кој води во смрт..., а има грев кој не води во смрт“ (Јов. 5, 16-17), мислејќи овде секако на смртта на душата. Исто така вели и големиот Павле: „Светската тага носи смрт“ (2Кор. 7, 10), се разбира смрт на душата. И повторно: „Стани ти, кој спиеш и воскресни од мртвите и ќе те осветли Христос“ (Ефес. 5, 14). Од кои мртви заповеда да се стане? Без сомнеж од умрените во телесните желби, кои војуваат против душата. Затоа Господ и ги нарекол мртовци оние што живеат во овој суетен свет. Зашто кога му побарал еден од неговите ученици да отиде да го погребе својот татко, не му дозволил, туку му заповедал да врви по Него, а да „остави мртовците да ги погребуваат своите мртви“ (Лука 9, 60-61). Овде Господ ги нарекува мртовци и оние кои (телесно) биле сѐ уште живи, но духовно биле мртви. Зашто, како што е разделувањето на душата од телото смрт за телото, исто така и разделувањето на Бога од душата е смрт за душата. А тоа е и вистинската смрт: духовната смрт.

На таа смрт укажал Бог и преку заповедта во Рајот, кога му рекол на Адам: „Во денот кога ќе вкусиш од забранетото дрво ќе умреш со смрт“ (Пост. 3, 17). Душата Адамова е усмртена кога со престапот се разделила од Бога. Тој потоа телесно живеел деветстотини и триесет години. Меѓутоа, смртта која се вовлекла во душата заради престапот, не само што ја оштетила душата и навлекла проклетство врз човекот, туку и самото тело, правејќи го многустрадално, многустрастно и гнилежно, на крајот го предала на смрт. Зашто земниот Адам дури по умртвувањето на внатрешниот човек со престапот, слушнал: „Земјата нека е проклета во делата твои. Трње и плевел ќе ти раѓа и со пот на лицето ќе го јадеш лебот свој, додека не се вратиш во земјата од која си земен; зашто си прав и во правта ќе се вратиш“. (Пост. 3, 17-19).

Иако за време на тоа повторно идно раѓање, кога ќе воскреснат праведниците, ќе станат и телата на беззакониците и грешниците, тоа ќе биде за да се предадат на втората смрт, на она вечно мачење, на незаспивливиот оган, чкртањето со заби, крајната и допирлива темнина, мрачниот и огнен незгаслив пекол, за кој вели пророкот: „Ќе бидат горени беззакониците и грешниците заедно и ќе нема кој да гасне“ (Исаија 1, 31). Тоа всушност е „втората смрт“, согласно со Јовановото учење  во Откровението (Откр. 20, 14). Чуј што вели и големиот Павле: „Ако по тело живеете, ќе умрете; ако пак со духот делата телесни ги умртвувате, ќе живеете“ (Рим. 8, 13). Овде Апостолот зборува за животот и смртта на идниот век. Под живот го подразбира уживањето во вечното Царство, а под смрт овековечувањето на она мачење.

Тоа значи дека газењето на Божјите заповеди станува причина на двојна смрт, и духовна и телесна: било да се работи за смртта во овој живот или за онаа во бесконечното мачење. А пак вистинската смрт се состои во разделување на душата од Божествената благодат и во нејзиното присоединување кон гревот. Тоа е смртта од која бегаат и од која се плашат сите кои имаат барем малку ум. За оние кои што имаат разум е поморничава и од пеколните маки. Затоа и ние да бегаме од неа колку што силите ни дозволуваат. Сѐ да отфрлиме, сѐ да оставиме, од сѐ да се одречеме. И од врските, и од предметите и од желбите, односно од сѐ што нѐ разорува и разделува од Бога и од што се состои таквата смрт. Оној што се чува и плаши од таа смрт, за него телесната смрт не е страшна, зашто во него има вистински живот, кој токму преку смртта станува неодземлив. Како што смртта на душата е вистинска и главна смрт, така и нејзиниот живот е вистински живот. А пак животот на душата е нејзино соединување со Бога, како што и животот на телото е негово единство со душата. И како што преку газењето на заповедите се умртвува душата која се разделила од Бога, така таа повторно се соединува со Бога преку послушание на заповедите, оживува. Затоа и Господ вели во Евангелието: „Зборовите кои ги говорам дух се и живот се“ (Јн. 6, 63). Познавајќи го тоа од сопствено искуство, апостол Петар говорел: „Зборовите на животот вечен ги имаш“ (Јн. 6, 68). Но, тие се „Зборови на вечниот живот“ само за послушните; за непослушните оваа заповед за животот им е за смрт (сп. Рим. 7, 10). Така и Апостолите, кои биле благомирис Христов, на едните им биле мирис смртен за смрт, а на другите мирис животен за живот (2 Кор. 2, 16).

Од друга страна, тој живот не ѝ припаѓа само на душата туку и на телото. Зашто тој и телото го обесмртува со воскресението, избавувајќи го не само со смртноста, туку со тоа и од бесконечната смрт, односно од она идно мачење. Он и на телото му дарува вечен живот во Христа, во кој нема ни болка, ни тага, и кој навистина е бесмртен. И како што по духовната смрт, односно по престапот и гревот дошла телесната смрт и распаѓањето во земја, и претворањето во прав, а по телесната смрт повторно осуда на душата во адот, исто така и по воскресението на душата, што значи враќање кај Бога преку послушание на Божествените заповеди, ќе дојде до воскресение на телото, кога тоа повторно ќе се соедини со душата. На тоа воскресение ќе му следи вистинска негнилежност и вечно заедничко живеење со Бога, на сите што ќе се удостојат со Бога: оние кои ќе станат наместо телесни - духовни и кои ќе живеат како ангели Божји на небото. Еве што за тоа вели Апостолот: „Ќе бидеме земени во облаците за средба со Господ на небото и така постојано ќе бидеме со Господа“ (1 Сол. 4, 17).

Како што Синот Божји, станувајќи човек од човекољубие, умре телесно, при што душата му се одвои од телото, но не и Божеството, па Он затоа, воскреснувајќи Го Своето тело, го вознесе на небото во слава, така се случува и со оние кои овде на земјата живеат според Бога. Разделувајќи се од телото, но не одвојувајќи се од Бога, тие во моментот на воскресението ќе го вознесат и телото кај Бога и ќе влезат во неискажаната радост онаму каде што веќе влезе нашиот претеча Исус (сп. Евр. 6, 20), и така ќе станат заедничари Христови на славата која ќе се открие. Тоа значи дека тие ќе станат не само заедничари на воскресението Господово, туку и на Неговото вознесение и сѐ што е богоподобно на животот Негов. Меѓутоа, тоа не се однесува на оние што овде живееле телесно и кои смртниот час ги затекнал надвор од било која заедница со Бога. Бидејќи, иако сите ќе воскреснат, сепак според зборовите на Апостолот: Секој ќе воскресне „во својот чин“ (Кор. 15, 25). Оној кој овде ги умртвил со духот телесните дела, ќе живее таму со Христос божествен и навистина вечен живот. Оној, кој овде на земјата го убил духот со телесните желби и страсти, ќе биде, о мака, во оној живот осуден заедно со творецот и причината на злото (ѓаволот), и предаден на неподносливото и вечно мачење. Тоа всушност е „втората“ и последна смрт.

Каде се зачнала вистинската смрт, која ја створила и предизвикала привремената и вечната смрт на душата и телото? Зарем тоа не се случило во земјата на животот? Затоа и човекот, штом се случило тоа, бил осуден на прогонство од рајот Божји, зашто ја стекнал смртноста и за божествениот Рај недоличниот живот. Истото ќе се случи и со вистинскиот живот, кој е причина на бесмртниот и вистински живот на душата и телото. Тој ќе го има својот почеток во ова место на смртта. Затоа, оној кој не брза овде да го всели во душата, нека не се залажува со празна надеж дека горе ќе биде примен. И нека не се надева дека на судниот час ќе се удостои на Божјото човекољубие, зашто тогаш ќе биде часот на награди и казни, а не на сожалување и човекољубие. Време на откривање на строгоста, и гневот и праведниот суд Божји, часот во кој ќе се покаже силната и моќна рака, насочена за мачење на непослушните. Тешко на оној што ќе падне во рацете на Живиот Бог! Тешко на оној што горе ќе го искуси гневот Божји, кој не го искусил уште овде, преку стравот Божји, силината на гневот Негов, и кој не стекнал однапред, преку добри дела, залог и ангажман на Неговата човекољубивост. Зашто тоа всушност и е смислата на сегашниот живот. Токму затоа Бог и ни го доделил овој живот, давајќи ни можност за покајание. Кога не би било така, тогаш човекот во моментот кога погрешил би бил лишен од животот. Инаку каква корист би имал од него? Затоа е неумесно луѓето да се предаваат на очајание, иако лукавиот го подметнува на најразлични начини, и тоа не само на оние кои живеат немарно и лекомислено, туку понекогаш и на подвижниците.

Значи, бидејќи времето на овој живот е време на покајание, тогаш и самиот факт дека грешникот, кој сака да се врати кон Бога е уште жив, е сведоштво дека Бог го прима. Во овдешниот наш живот секогаш е присутна слободната волја, која како основа ја има можноста на примање или отфрлање на горе укажаниот пат на животот и смртта. Човекот може да го одбере она што го сака. Тогаш каде е овде местото за очајание, ако секогаш и за сите е возможно, се разбира ако тоа го сакаат, да го добијат вечниот живот? Гледаш ли колкаво е Божјото човекољубие? Бог не нѐ казнува во почетокот заради нашата непослушност со праведна казна, туку според Својата долготрпеливост ни остава време за враќање. Во тоа време на долготрпеливост Бог ни дава власт да Му се восиновиме, се разбира ако сакаме. Што, зарем само можност за восиновување? И повеќе од тоа: ни дава моќ да се соединиме со Него, да станеме со Него еден дух. Дури и тогаш, кога во ова време на долготрпеливост ние ќе тргнеме по спротивниот пат и повеќе ќе ја засакаме смртта отколку вистинскиот живот, Бог ни тогаш не ни ја одзема подарената власт. И не само што не ни ја одзема, туку повторно нѐ повикува: обиколува барајќи нѐ и враќајќи нѐ на делата на животот, од утрото до ноќта на нашето битисување, соодветно на онаа приказна за лозјето (сп. Мт. 20, 1-10).

Но, Кој е Оној, Кој нѐ вика и ни ветува плата? Тоа е Отецот наш Господ Исус Христос и Бог на секоја утеха. Што е лозјето во кое нѐ повикува на работа? Тоа е Синот Божји, Кој рекол: „Јас сум лозата“ (Јован 15, 1). Зашто никој не може да дојде кај Христа, како што Христос Самиот рекол во Евангелијата, ако Отецот не го привлече. А што се прачките? Тоа сме ние. Чуј повторно што Христос Самиот вели: „Вие сте прачките, а Отецот Мој е лозата“ (Јн. 15, 1. 5; 6, 44). Значи, Отецот Кој преку Синот нѐ помирува со Самиот Себе, пренебрегнувајќи ги нашите прегрешенија, нѐ повикува, но не како оние што вршат лоши дела, туку како невработени. Навистина и неработењето е грев, зашто и за секој празен збор ќе дадеме одговор (Мат. 12, 36). И како што реков, пренебрегнувајќи ги гревовите што секој од нас ги извршил, Бог постојано повторно нѐ повикува. Зошто нѐ повикува? Да го обработуваме лозјето. Тоа значи да се грижиме за лозите, односно за себе самите. А потоа - о, несфатливо Божјо човекољубие! Ни ветува дури и плата и ни ја дава, нам кои работиме за самите себе. Дојдете, вели Он, примете го животот вечен, што ви го нудам пребогато! Ќе го наградам и уморот од патот и самата желба да го добиете од Мене, како да сум ви лично должен. Кој е тој што не Му должи за откупот на Искупителот од смртта? Кој не Му благодари на Давателот на животот? Меѓутоа Бог дури ветува однапред и плата и тоа неопислива! Зашто, вели Он, „Јас дојдов да имаат живот во изобилие“ (Јован 10, 10). Што значи тоа изобилие? Значи дека Господ не само што се наоѓа и живее со нас, туку нѐ прави и Свои браќа и сонаследници. Се чини дека токму тоа „изобилие“ е онаа плата што им ја дава на оние што побрзале кај животворниот Корен, кои биле лозите Негови и кои се трудат за себе и работат на себе.

Што прават таквите? Најпрвин го потсекуваат сето она што е одвишно и непотребно и што го спречува созревањето на плодовите, достојни на Божествените житници. Што спаѓа овде? Богатството, уживањето, суетата, славата, сѐ што пропаѓа и е минливо, секоја нечиста и лукава страст на душата и телото, сета вообразеност и горда збрканост на умот, секое слушање, глетка и секој збор што е во состојба да ѝ нанесе штета на душата. Ако човекот со големо внимание и труд не го потсечува и не го чисти сето она што никнува и расте во неговото срце, никогаш нема да го роди плодот на вечниот живот.

Оваа чистота, за која станува збор, можат да ја придобијат и оние што се во брак, но со голем напор и труд. Затоа сите, кои од младоста се удостоиле на милоста Божја, кои со проникливото око на умот го почувствувале и виделе вечниот живот и се заљубиле во неговите добра, го одбегнуваат бракот на дозволен начин, бидејќи според зборовите Господови и во воскресението: „Нити се женат, нити се мажат, туку се како ангели Божји“ (Мт. 22, 30). Значи, оној што сака да биде како ангел Божји, тој уште овде на земјата, според примерот на синовите на воскресението, со право се издигнува над телесното општење. Впрочем, во самиот почеток жената била повод за изговор за гревот. Според тоа, оние кои не сакаат од своја страна да му даваат на ѓаволот било каков повод, нека се откажат од бракот. Ако се земе во предвид и непокорноста на нашето тело и тешкотиите околу неговото насочување кон доблестите, подобро речено тоа што го носиме како по природа бунтовно, зошто тогаш да се согласиме да ги зголемиме препреките за доблесниот живот, врзувајќи се за многу и разни тела? Како може да стекне слобода, кон која ветила дека ќе се стреми, онаа која е врзана со природните врски за мажот и за децата и за сродниците по крв? Како може безгрижно да Му служи на Господа онаа која примила на себе грижи за толку од нив (сп. 1 Кор. 7, 32-34)? Како да стекне спокојство онаа која општи со толку многу луѓе?

Затоа секоја вистинска девственичка, слична на Девственикот и од Дева Родениот Младоженец на душите, која во девственоста богоугодно живеела, не само што го одбегнува телесниот брак, туку и воопшто секое светско друштво, одрекувајќи се од сите роднини, за да може смело да каже кон Христа заедно со Петар: „Ние сѐ оставивме и тргнавме по Тебе“ (Лука 18, 28). Што има чудно во тоа што, како што земната невеста ги остава мајката и таткото заради смртниот младоженец и му се прилепува според Писмото, тоа истото го прави и оваа, и ги напушта заради небесниот Младоженец и ложницата? Зарем е дозволено да имаат сродство на земјата оние чие што живеење е на небесата? Како онаа која не е чедо на телото, туку на духот, може да има телесен татко, или мајка, или крвни сродници? Како онаа која се оттуѓила од своето сопствено тело и која колку што е возможно постојано го одбегнува, како онаа која се одрекла од телесниот живот, смее да има било каков однос со туѓите тела? Ако, според поговорката, сличното го сака на себе сличното и се прилепува до сѐ она што му сличи, тогаш и девата ќе стане слична со оние кои ги сака и повторно ќе падне во ропство на болната љубов кон светот. А „љубовта кон светот“ според зборовите на чертогоукрасителот на духовните ложници Павле, „непријателство е спрема Бога“ (Рим. 8, 6). И така, не само што таа се наоѓа во опасност да се раздели од небесниот Младоженец, туку и да стане негов непријател.

Но, нека не те чуди и нека не ти пречи тоа што Светото Писмо не ги осудува оние што се во брак и се грижат за световното, додека на оние што Му ја ветиле на Господа девственоста - им се забранува дури и да се допрат до било што световно и воопшто не им се дозволува да го минуваат животот во удобности. Навистина, апостолот Павле им се обраќа на оние во брак: „Времето е кратко, така што отсега и оние кои имаат жена да бидат како оние кои немаат, и кои се служат со овој свет, како да не се служат“ (1Кор. 7, 29-31). Јас лично сметам дека ова е потешко од подвигот на девственоста. Искуството сведочи дека и постот е полесен отколку воздржувањето од уживањата и јадењата. Ќе речам праведно и вистинито: На оној кој не се интересира за своето спасение немам што да му кажам, а оној кој се грижи нека знае дека животот во девственоста (монашкиот живот) е многу покорисен и полесен од брачниот живот.

Но, да го оставиме сега ова, девице и невесто Христова, лозо на Чокотот на животот, па да се вратиме на она за што зборувавме. Господ вели: „Јас сум чокотот, а вие лозите, Отецот мој е лозарот. Секоја лоза, која во Мене плод донесува ја чисти за уште повеќе да роди“ (Јован 15, 1). Ова нека ти е пример на грижата за себе, која е плод на твојата девственост и Христовата љубов кон тебе. Уште повеќе радувај се и возврати Му со својата послушност. Едно е вистина: кога златото ќе се помеша со бакар, тогаш тоа се нарекува лажно злато, а кога бакарот ќе се позлати тогаш изгледа многу посјаен отколку што е, а и поубав. Така е и со тебе, о дево! Кога омажените чезнеат за тебе и за твојот начин на живот, тоа е за нив слава и украс. Меѓутоа, кога ти ќе почнеш да чезнееш за она што е нивно, се обесчестуваш и срамотиш, зашто желбата повторно те враќа во светот. Те враќа, од една страна со тоа што имаш врска со оние што се во светот и живееш со нив иако си умрела за светот, а од друга страна со тоа што го стекнуваш она што и тие го сакаат за себе и своите роднини: изобилие на материјални добра, богатство, почести, слава и во сето тоа уживање. Тоа ќе биде причина да ја изгубиш љубовта и да ја погазиш волјата на својот Младоженец. А сето тоа Он го изобличува во Евангелијата, говорејќи: „Тешко на оние што се богатат! Тешко на оние што се смеат! Тешко на ситите! Тешко на вас кога сите луѓе зборуваат добро за вас“ (Лука 6, 26)! Како и зошто ги изобличува? Зар не како духовни мртовци? А какво сродство може да постои помеѓу невестата на животот и мртовците? Каква врска и односи со оние што одат по патиштата на пропаста? Широк е и простран патот по кој одат тие, и ако не застанат, за да земат и стекнат малку од златото на твоите доблести, ќе отидат во сигурна пропаст. Што се однесува до тебе, ти влегуваш во животот низ тесна врата и тегобен пат. Оној кој влегува низ тесна врата и оди по тесен пат, не може да помине ако е натоварен со товарот на славата, ако е разгален со уживања и оптоварен со товарот на парите и имотите. Кога ќе чуеш дека тој пат е широк, немој случајно да помислиш дека е и без неволји. Преполн е со жалости и несреќи. Се нарекува широк и простран, зашто многумина одат по него, и тоа секој натоварен со товарите на минливата светска суета. А твојот пат, девственице, навистина е тесен: двајца не можат да се разминат на него. Многу од оние кои биле обземени од светските грижи, кога останале без мажи, го засакале твоето небесно живеење и тргнале по твојот пат, одрекувајќи се од светот, за да станат заедничари и на твоите венци. Апостол Павле заповеда дека таквите треба да се почитуват, како оние кои пребиваат во молитвата и молењата, со надеж во Бога (сп. Тим. 5, 3). Иако добродетелниот живот има тешкотии, сепак, тоа се тешкотии што носат утеха и награда, го даруваат Царството Небесно и завршуваат со спасение. А радостите и жалостите на животот, кој му е спротивен -смртоносни се. Зашто е речено: „Жалоста за светот раѓа смрт, а жалоста по Бога покајание за спасение“ (2Кор. 7, 10).

Од таа причина Господ го нарекува блажено спротивното на светските добра, говорејќи: „Блажени се сиромашните по дух, зашто нивно е Царството Небесно“. Зошто на зборовите: „блажени се сиромашните“, го додава зборот „дух“? За со тоа да покаже дека Он ја прима и смета за блаженство смерноста на душата. Зошто не рекол: блажени се оние со сиромашен дух - и така би се покажала смерноста на духот, туку вели -„сиромашните по дух?“ Со тоа сака да нѐ научи дека и телесното сиромаштво е достојно на блаженство, дека и со него се придобива Царството Небесно, но само кога се врши поради духовно смирение, кога со него е соединето и кога тоа му е почеток и повод. Нарекувајќи ги блажени „сиромашните по дух“, Господ на чудесен начин покажал што е коренот и причината на видливото сиромаштво на светите. Што? - Нивниот дух.

Тој и таквиот дух, усвојувајќи ја благодатта на евангелската проповед, станува сам по себе извор на сиромаштвото, кој го наводнува целото лице на земјата, односно нашиот надворешен човек, претворајќи го во рај на добродетелите. Тоа е сиромаштвото кое Бог го нарекува блажено. Давајќи Господ, според пророкот, „концизен збор“ на целата земја (Ис. 10, 22) ја опфатил со него причината на доброволното и најразличното сиромаштво, покажал која е неговата причина и го нарекол блажено, како и тоа дека многу нешто од него исчезнува. За сето тоа Господ дава кратка поука. Зашто може да се случи некој да биде сиромашен и воздржлив, и тоа доброволно, но поради светска слава. Се разбира дека тој не спаѓа во сиромашните по дух. Тоа е од причина што лицемерието се раѓа од гордоста, а таа пак е спротивна на духот на сиромаштвото. Оној пак, кој има скрушен, смерен и смирен дух, не може а да не се радува и на надворешната сиромашност и скромност. Таквиот се смета себеси за недостоен за слава, богатства и удобности. Токму таквиот „сиромав“ Бог го нарекува блажен: оној кој се смета себеси за недостоен на тие добра. Всушност токму тоа и претставува вистински сиромав - оној кој не го присвојува за себе тоа име врз основа на половичноста. Затоа и божествениот Лука вели: „Блажени се сиромашните“ (Лука 6, 20), без она „дух“. А тоа се оние кои слушаат, следат и целосно се уподобуваат на Синот Божји, Кој вели: „Научете се од Мене, зашто Сум смирен по срце, и ќе најдете спокој за вашите души“ (Мат. 11, 29). Нивно е Царството Небесно токму затоа што тие се сонаследници Христови.

Човечката душа е троична и се состои од три дела: разум, волја и чувства. Бидејќи сето тоа во неа заболело, сосем природно е што Христос, сакајќи да ја излечи, започнува со терапија од последниот дел, односно од чувствата (желбите, страстите). Зашто основа за гневливоста (лошата волја) и нејзин извор, всушност е незадоволената желба; а нивната болна состојба го разорува и

Ако се задлабочиме во нештата, ќе најдеме дека првиот пород на лошата желба е жедта за поседување. Нагонот и желбата за одржување на животот не се за осуда, зашто ни се вродени, постојат во нас од самото раѓање. Но среброљубието се појавува нешто подоцна, веќе во детската возраст. Тоа покажува дека тоа нема свој почеток во природата туку во слободната волја. Со право светиот апостол Павле среброљубието го нарекува почеток на секое зло (Тим. 6, 10). Некои од злата среброљубието ги раѓа самото од себе, како на пример: скржавоста, грабањето, ограбувањето, крадењето; со еден збор секој вид на алчност и лакомство, кои Апостолот ги нарекува „второ идолослужење“ (Кол. 3, 5). Другите зла не никнуваат непосредно од среброљубието, но тоа речиси на сите им дава храна и услови за настанување.

Сето ова што се раѓа од земјољубието, спаѓа во страстите на душата во која не пламнал огнот за творење на добродетели. Едно е вистина: полесно можеме да се ослободиме од страстите што настануваат според слободната волја, отколку од оние што имаат свој зачеток во самата природа. Страстите кои се раѓаат од среброљубието стануваат непобедливи дури тогаш, кога ќе се изгуби верата во Божјата промислата. Зашто оној кој нема вера се надева на парите. Таквиот, кога ќе ги чуе Господовите зборови дека „на камилата ѝ е полесно да помине низ иглени уши отколку богатиот да влезе во Царството Небесно“ (Мк. 19, 24,), сметајќи го Царството Небесно за безвредно, без оглед што се работи за Царството небесно и вечно, и понатаму чезнее за богатството, земното и минливото. Оние што чезнеат за таквото богатство можат и да не го стекнат, но самата желба им нанесува огромна штета, зашто според зборовите на Апостолот, оние што сакаат да се збогатат паѓаат во искушенија и во ѓаволски стапици (1Тим. 6, 9). Дури и да го наследат, тоа им изгледа мало и ништовно, така што оние кои ни искуството не можело да ги опамети, и понатаму чезнеат за него како воопшто да го немаат. Оваа бедна заљубеност и алчност не се раѓа од немаштијата. Попрво е обратно: немаштијата се раѓа од таа лакомост и желба, а таа од безумието. Затоа со право Господ го нарекува безумник оној што ги срушил старите житници и изградил поголеми (сп. Лк. 12, 18). Како не би бил безумник оној кој заради она што не може да му помогне, зашто „никој не живее од тоа што е премногу богат“ (Лука 12, 15), - го жртвува она што му е неопходно?! Наместо да биде мудар трговец и колку што е возможно да ги смалува своите потреби, а да го умножува вистинското богатство, со вистинска трговија или жетва, кои донесуваат голема заработувачка и изобилие на плодови! Таквиот вид на жетва стократно го умножува посеаното семе, дури и пред да дојде време за жетвата. Со тоа како однапред да се укажува на идното изобилие, за време на неискажливата и несфатлива жетва. И што е најчудно од сѐ, доколку сејачот е сиромашен, дотолку повеќе плодовите се поизобилни.

 Според тоа, склоноста кон богатење не може да се оправда ни со божемната желба за вршење добро на луѓето. Среброљупците воопшто не веруваат во Оној Кој ветил дека сѐ останато ќе им се придодаде на оние што најпрвин ќе го бараат Царството Божјо (Мт. 6, 33); затоа се плашат од сиромаштвото и него секогаш го наведуваат како изговор, па дури и тогаш кога со сѐ ќе се збогатат, постојано прикривајќи ја својата болна и погубна желба за богатење. Постојано така собирајќи, тие товараат врз себе бескорисен товар, подобро речено уште за време на животот се закопуваат во чуден гроб. Зашто додека мртвите едноставно ги закопуваат во земјата, дотолку умот на живиот среброљубец се закопува во злато, кое што исто така е земја. А гробот од таков вид е уште посмрдлив од оној вистинскиот, барем за оние кои имаат здрави сетила. И толку повеќе смрди, колку што повеќе таквиот човек ја трупа таа земја врз себе. Гадната рак - рана го разорува организмот на така закопаните бедници и нејзината смрдеа стигнува до небесата, до ангелите Божји и до Бога. Така тие стануваат достојни за презир, и луѓе од кои Бог го свртува лицето Свое, зашто, како што вели пророкот Давид: „од безумие засмрдеа“ (Пс. 37, б).

Од оваа смрдлива и убиствена страст луѓето можат да се ослободат само со доброволно сиромаштво и немаштија, ослободени од човекоугодувањето. А тоа значи сиромаштво со духот, кое Господ го нарекува блажено. Инаку монахот, кој боледува од оваа страст, никогаш не може да го исполни заветот на послушанието. Ако пак, заедно со тоа биде и упорен во среброљубието, постои голема опасност дека ќе го снајдат тешки телесни болести и неволји. Доволен пример за тоа се Гиезиј во Стариот, а Јуда во Новиот Завет. На првиот целото тело му станало губаво, како сведоштво на неизлечивоста на неговата душа (2 Цар. 5, 27), а вториот, бидејќи се обесил на Крвната нива, „пукна на средина и му се истури сета утроба“ (Д. А. 1, 18). Ако одрекувањето му претходи на послушанието, како тогаш може да се придобие она што следува пред она што му претходи? Ако одрекувањето од светот е почеток и темел на монашкиот живот, како може да напредува во другите добродетели и во подвизите оној што најпрвин не се одрекол од парите? Што тогаш? Зарем може оној, кој сеуште не се научил ни на послушание, да тихува сам во ќелијата, да живее осамено и да се занимава со молитвата? Но, Господ вели: „Каде што е богатството ваше таму е и умот ваш“ (Матеј 6, 21). Како тогаш може оној што собира на земјата, умно да Го гледа Оној Кој седи „од десната страна на величеството на висините“ (Евр. 1, 3)? Како да го наследи Царството оној, на кого страста не му дозволува ни да помисли чисто на него? Затоа, навистина се „блажени сиромашните по дух, зашто нивно е Царството Небесно“.

Јасно ли ти е сега колку страсти Господ само со едно блаженство од корен отсекол? Но, не се работи само за страстите на земјољубието, кое сме го нарекле прв пород на лошите и лукави желби. Постои и втора страст, која уште повеќе треба да ја одбегнуваме, и трета, по зло ништо помала. Која е таа втора страст? Тоа е суетното славољубие. Заедно со растењето, додека сѐ уште сме млади, се сретнуваме со оваа страст, која се јавува пред појавата на страста на телољубието, како некој вид лоша подготовка за неа. Под славољубие овде се подразбира подарување на внимание и украсување на телото, и раскошноста на облеката. Овој вид Отците го нарекуваат и световна суетност. Вториот вид на суета, која ги води со себе гордоста и лицемерието, ги напаѓа оние кои поседуваат добродетели. Преку нив непријателот се обидува да им го украде и уништи духовното богатство.

Сите овие страсти потполно можат да се излечат со свесното чувство и желба за повисоко достоинство, споено со чувството на чезнивата душа дека таа е недостојна на тоа достоинство и чест. Затоа е потребно и стрпливо поднесување на понижувањата од страна на луѓето и мислење дека сме ги заслужиле. Покрај тоа треба и својата слава да ја сметаме за слава Божја, според зборовите на Псалмопевецот; „Не нам, Господи, не нам туку на името Свое дај му слава“ (Пс. 115, 1). Ако човекот забележи дека нешто добро направил, тој успех треба да го припишува на Бога, и Нему а не на себеси да си оддава благодарност. Така доблеста која ја примил на дар ќе биде за него извор на радост, а не гордост, бидејќи човекот сам по себе нема ништо. Така ќе стекне смирение со умствените очи деноноќно свртен кон Бога, како што се „очите на слугинката“ свртени кон рацете на господарката нејзина (Пс. 122, 2), а сето тоа во страв, за разделен од Единствениот Кој го дава доброто и одржува во него, да не потоне во пропаста на злото. А токму тоа го снаоѓа оној што им служи на гордоста и суетата.

Во лекувањето на овие страсти многу помага и осаменото живеење, било во осаменост, било во својата ќелија. Се разбира, доколу тој збор на осамеништво се заснова врз чувството на сопствените немоќи и признанието на својата недостојност за општење со луѓето. Сето ова, што друго е освен „сиромаштво на духот“ кое Господ го нарекува „блажено“? Ако човекот го има во предвид и срамот, кој неминовно ја придружува оваа страст на суетата, ќе бега од неа колку што може повеќе. Зашто оној што чезнее за човечка слава бива срамотен од истите средства што ги употребува за нејзино постигнување. Грижејќи се за убавината и гордеејќи се со славата на своите претци, и со шаренилото на своето руво, човек покажува дека има детски ум. Што е сето тоа заедно, ако не прав и пепел? А има ли нешто победно од правта?

Од тука, оној на кого рувото не му служи само за покривање и заштита на телото, туку и за разнеженост и украсување, не само што со тоа им открива на оние што го гледаат дека душата му е бесплодна, туку пројавува и блудна бесрамност. Затоа треба над сѐ да се имаат на ум зборовите Христови: „Кој мека облека носи по царските дворови е“ (Матеј 11, 8) и апостолските зборови: „А нашето живеење е на небесата“ (Фил. 3, 20). Да не се случи поради лудоста во облекувањето да бидеме фрлени од небото во шаторите на кнезот на темнината на овој свет и век.

Истото ги снаоѓа и оние кои покажуваат доблести заради човечка слава. Оние кои разбрале дека живеалиштето им е на небесата (Фил. 3, 20) ја населувааат, не дај Боже, славата нивна во прав (Пс. 7, 6), навлекувајќи го на себе Давидовото проклетство. Молитвата на таквите не се крева до небото и секој нивен труд паѓа долу, затоа што останале без крилјата на Божјата љубов, која ги крева на небото нашите дела извршени на земјата. Таквите и страдаат и повторно без награда остануваат. Што, зарем единствена награда им е залудниот труд? Не, и уште нешто заработуваат: срамота, неприбраност и талкање на помислите, заробеност на умот и немир во душата. Затоа и се вели во Псалмите: „Ги расфрла Господ коските на човекоугодникот. Се посрамија зашто Бог ги истреби“ (Пс. 53, 5).

Оваа страст на суетното славољубие е попрефинета од сите други страсти. Затоа не е доволно оној што се бори со неа да го одбегнува само поврзувањето и согласувањето со неа. И самиот напад треба да го смета како согласување и како таков да се чува. Само ако така постапува ќе биде во состојба да го одбегне поразот. Ако така трезвено и внимателно се однесува, тогаш нападите на страстите ќе станат извор на умиление за него. Ако не постапува така, тогаш е неминовно подготвувањето на местото за гордоста. А оној, кого гордоста ќе го рани, тешко може да се поврати, подобро речено станува неизлечив од неа. Во тоа всушност е сржта на демонскиот пад. Но, и пред сето тоа да се случи, сама по себе страста на човекоугодувањето им нанесува толкава штета на оние што ја стекнале, што тие дури и во верата трпат бродолом, соодветно на Христовите зборови: „Како можете да верувате во Мене, примајќи слава од луѓето, а славата која е од единствениот Бог не ја барате“? (Јн. 5, 44).

Што ќе ти е, човеку, човечката слава, односно празното име „слава“? И тоа не само што е празно туку има моќ и да лиши од вистинската слава! И не само тоа. Таа меѓу останатото е причинител на зависта. Зависта, која е потенцијално убиство и причина, прво на крвожедното братоубиство, а потоа и на богоубиството.

Значи, каква корист има човекот од суетата? Таа можеби го собира или чува, или кога греши го враќа кон себе и лечи. Секако дека никој не може ништо слично да тврди. Лично сметам дека во неа се откриваат и под вид на доблест извршени злоупотреби. Ако некој добро го проучи суетното славољубие, ќе најде дека тоа на многу лукав начин ги предизвикува и пројавува многубројните недостатоци од најтежок вид. Понекогаш тоа уште овде ја симнува од себе бесрамната маска и ги посрамува оние што се заљубени во него, без оглед на тоа што елинските мудреци сметаат дека без него не може ништо да се постигне во животот. Каква заблуда! Не се срамат да тврдат такво нешто! Меѓутоа ние, кои го носиме името на Оној Кој на човекољубив начин ја помазал преку Себе нашата човечка природа, не сме така научени туку го имаме Него, Христос, за мерило на сѐ што правиме. Ние, кои според Него се раководиме, сѐ најдобро што постигнуваме го правиме со Негова помош и за Негова љубов, сѐ работејќи во слава Божја, без никаква желба да им угодиме на луѓето. И навистина не им угодуваме, според зборовите на Павле, големиот тајник на Законоположникот (Христос) и наш законодавец, кој вели: „Зашто ако би им угодувал на луѓето, не би бил слуга Христов“ (Гал. 1, 10).

А сега да видиме дали и третата појава на овие зли страсти (желби, похоти), може да се искорени со сиромаштвото, кое е наречено „блажено“. Таа трета појава на похотата на заболената душа е угодувањето на стомакот, чревоугодието, од кое се раѓа секоја телесна нечистотија. Зошто угодувањето на стомакот го ставаме на трето и последно место, иако тоа ни е всадено во природата од самото раѓање? И не само тоа туку и детеродниот природен нагон се забележува уште кај децата, додека тие сѐ уште се доенчиња. Зошто тогаш ја ставаме болеста на телесната страст на последно место? Токму затоа што тоа ѝ припаѓа на нашата природа; а она што ѝ припаѓа на природата не подлегнува на осуда, зашто е створено од добриот Бог, за ние преку Него во добрите дела да живееме. Оттука, тоа не се знаци на заболеност на душата. Тие стануваат тоа кај оние што ги злоупотребуваат. Тоа значи дека кога се грижиме за телото за задоволување на желбите, тогаш страстољубието станува лоша страст, корен на телесните страсти и болест на душата. Тука најпрвин страда умот. Затоа што прво од умот извираат лукавите страсти, Господ и вели дека од срцето излегуваат лошите помисли, и дека тие се оние што го сквернават човекот (сп. Мт. 15, 19). Уште пред Евангелието за тоа сведочи Мојсеевиот закон: „Внимавај на себе, за скриените зборови во твоето срце да не се претворат во беззаконие“ (Пов. Зак. 15,9)

Но, иако умот е тој што прв стекнува лошо расположение, сепак поттикот доаѓа одоздола преку чулата: тој, впивајќи ги во себе претставите на сетилните предмети, се поставува во страстен однос кон нив. Умот подлегнува на таа злоупотреба особено преку очите, кои се први во состојба уште од далеку да ја привлечат и впијат нечистотијата. Очигледен доказ за тоа е нашата прамајка Ева. Таа прво видела дека плодот е милина да се гледа, и дека е многу драг заради знаењето, па дури тогаш, согласувајќи се во срцето, го допрела и вкусила од забранетото дрво (Пост. 3, 6). Значи, добро рековме дека на нечистите страсти им претходи и служи како припрема поразеноста од сетилата на телото. Оттука и отечката заповед: „Убавината на туѓите тела да не се запознава“ (Прем. Ис. Сирах. 9, 8) и да не се биде заљубен во сопственото тело.

Значи, иако нагоните се забележуваат уште во детската природа, тие не поттикнуваат на грев пред помислата да стане огревовена, туку му помагаат на одржувањето на животот. Затоа како такви тие не се ништо лошо. А бидејќи телесните страсти го имаат својот зачеток во огревовеноста на умот, тогаш треба прво него да го излечиме. Тука важи истото што важи и за пожарот. Оној што сака да го згасне, ако мисли одозгора да го разбие пламенот, залудно ќе се труди. Пожарот ќе биде совладан дури тогаш кога ќе се отстрани запаливиот материјал. Истото важи и за блудните страсти. Ако човекот се вооружи само со постот и измачување на телото, а не го исуши внатрешниот извор на помисли со молитвата и смирението, ништо нема да постигне. А ако, како што рековме, го осветува со смирението и молитвата самиот корен, тогаш ќе стекне и осветување на својата надворешност. Мислам дека токму тоа го означуваат и зборовите на апостол Павле, кој вели: „Препашајте ги своите бедра со вистината“ (Еф. 6,14). Тоа е богомудро мислење и на еден од Отците: дека со силата на умот се „препашува“ страсниот дел во човекот и се совладуваат подбедрените и ниски страсти. Но, за да не биде телото нескротливо и посилно од разумот, неопходно е и страдање на телото и умерено воздржување од храна.

Значи, ништо друго не е во состојба да нѐ излечи од телесните страсти, освен телесниот труд и молитвата, кои дејствуваат од смиреното срце, односно „сиромаштвото на духот“, кое Господ го нарекува блажено. Затоа, ако некој (од монасите) сака да се збогати со осветувањето, без кое никој нема да го види Господа (Евр. 12, 14), нека не излегува од својата ќелија, и нека го минува својот живот во смирениот подвиг и молитвата. Ќелијата на оној што добро монахува е пристаниште на целомудреноста. А секаде надвор од неа, особено по плоштадите и пазарите, преполно е со блуден немир, кој се раѓа од непристојните разговори и глетки, кои ја заробуваат бедната душа на монахот, присутен на таквите места.

Светот на злото би можел да се нарече „оган кој гори“, кој наместо дрва ги гори оние што доаѓаат во допир со него и во пепел ја претвора секоја нивна добродетел. Пламенот кој не согорува може да се најде само во пустината (сп. Изл. 3, 3). Затоа тебе ќелијата нека ти биде како пустина, криј се во неа малку, додека не те одмине зимата на страсноста и страстољубието (сп. Ис. 26, 20). А кога таа ќе помине, тогаш престанува да биде штетно и општењето со надворешниот свет. Тогаш ќе бидеш навистина сиромашен со духот, ќе придобиеш царување над страстите, па и Господ ќе те нарекува блажен, говорејќи: „Блажени се сиромашните по дух, зашто нивно е Царството Небесно“ (Мат. 5, 3). Зар не е праведно да се наречат блажени оние што целосно се надеваат во Него, а не во парите? Кои не чезнеат да се допаднат на никој друг освен на Него? Кои на вака смирен начин одат пред лицето Негово? Затоа и ние да стекнеме сиромаштво, откако ќе се смириме со духот и подвизувајќи се со телото, и откако ќе се ослободиме од земните богатства, за царството Божјо да стане наше, и откако ќе станеме наследници на Небесното Царство, да ги оствариме блажените надежи.

Господ, откако го поставил ова блаженство како некое сиже и наслов на Евангелието на нашето спасение, не само што со еден збор опфатил толку добродетели и толку зло исфрлил од Своето блаженство, туку оние кои добро го обрезуваат со покајание похотливиот дел на душата од тие зла, ги благословил. Господ со него опфатил и уште многу нешта, што се споредливи не со обрезанието, туку со неволјите кои настануваат од големите студови, снегови, мразеви и ветришта, односно со неволјите што ги поднесуваат билките во текот на летото и зимата, изложени на мразот и горештината. Тоа се неволји без кои ништо што на земјата расте не може плод да донесе. Што всушност е тоа? Тоа се разните искушенија што нѐ снаоѓаат, кои што треба со благодарност да ги поднесува секој што мисли да Му однесе плод на Одгледувачот на душите. Кога некој на пример, од сомилост ќе ги заштити билките од временските непогоди, ќе ги огради и покрие со кров, и со тоа ќе спречи до крај да го издржат она што ги снаоѓа, колку и грижливо да се труди таквиот за нив, да ги подрежува и да ги чисти, сепак од нив никаков плод нема да добие. Треба да се остават растенијата сето тоа да го претрпат, та дури по зимските непогоди, кога ќе дојде пролетта, тие ќе распупат, ќе расцветаат и богато ќе разлистат, и ќе зачнат прекрасни плодови. Тие плодови потоа растат во допир со сончевите зраци, созреваат и стануваат погодни за берба и јадење.

Истото важи и за човекот. Оној кој јуначки нема да го претрпе тегобниот товар на искушенијата, никогаш нема да вроди плод, достоен на вечните Божествени житници, па макар да ги поседува и сите останати добродетели. Вистинскиот подвижник достигнува духовно совршенство само преку трпење на посакувани и непожелни тешкотии. Некои од нив му се наметнуваат однадвор, а други доаѓаат одвнатре. Она што на билките им го наметнува природата, одгледувачите кои ги обработуваат и временските промени, тоа ние, разумните лози Христови, послушни на Лозарот на душите, го поседуваме со слободна согласност, доброволно трудејќи се. А без трпение на она што нѐ снаоѓа без наша волја, ни она што доброволно ќе го сториме нема да го придобиеме Божјиот благослов. Љубовта кон Бога најдобро се испробува преку неволјите кои доаѓаат од искушенијата. Затоа душата прво треба да поднесе неволни тешкотии, па кога преку тоа ќе се навикне да ги презира сласта и славата, ќе ѝ биде многу полесно да ги поднесува и доброволните страдања.

Оној што ќе ги презре уживањата и славата заради духовното сиромаштво и смета дека му се потребни уште посилни лекови на покајание, тој секогаш ќе биде спремен да ја претрпи секоја неволја. Таквиот го прифаќа секое искушение како нешто што го заслужил и се радува кога ќе му се случи, примајќи го како нешто со што се чисти душата. Тоа му станува повод за скрушената и многу корисна молитва, која е давател и чувар на душевното здравје. Тој не само што незлобиво им простува на оние кои што го искушуваат и понижуваат, туку дури и им благодари и се моли за нив, како за свои добротвори. Затоа не само што и самиот тој добива простување на своите гревови и ветената награда, туку го придобива и Царството небесно и благословот Божји, нарекуван е блажен од Господа заради смирената долготрпеливост.

Бидејќи накратко ги допревме тајните на духовното обрезание, во продолжение ќе кажеме нешто и за неговите плодови. По оние, кои преку сиромаштвото на духот го стекнале неодземливото богатство, единствениот Блажен ги прави во продолжение заедничари на Своето блаженство оние кои плачат: „Блажени“, вели Он, „се оние кои плачат, зашто ќе се утешат“ (Мт. 5, 4). Зошто Христос го споил плачот со сиромаштвото? Затоа што тој вечно оди со него. Но, постојат два вида на плач: еден е плачот поради сиромаштвото во овој свет, за кој Апостолот вели дека е причина за духовната смрт; а вториот, заради сиромаштвото по Бога, кој дава покајание за спасение на душите (сп. Кор. 7, 10). На првото, несакано сиромаштво, му следи и несаканиот плач, а на вториот доброволен – саканиот. Плачот кој овде е наречен блажен е поврзан со сиромаштвото по Бога. Поради него неопходно настанува, од него зависи како од своја причина и од него добива свој доброволен и духовен карактер.

Да видиме сега, на кој начин блаженото сиромаштво го раѓа блажениот плач. Како што се гледа од она што накратко го рековме, постојат четири вида на духовно сиромаштво: сиромаштво на умот, телесно сиромаштво, материјално сиромаштво и сиромаштво во искушенијата кои ни се наметнуваат однадвор. Но, нека никој не мисли дека ако сме го поделиле сиромаштвото на делови, тоа и во пракса е поделено. Својство на сите четири негови видови е нивното заедничко остварување. Затоа и се вклучени во едно блаженство, кое на прекрасен начин укажува токму на нашиот дух, како на некој корен и причина на останатите видови на сиромаштво. Затоа, кога нашиот дух ќе ја прифати благодатта на евангелската проповед, станува, како што е речено, извор на сиромаштвото, кое ја натопува сета наша земја (Пост. 2, 6), односно надворешниот човек, кого го преобразува во вистински доблесен Рај.

Од сите четири постоечки видови на духовно сиромаштво, од секое од нив се раѓа својствениот плач, со утехата што му одговара. Од доброволното телесно сиромаштво и смирение, во кое спаѓаат гладот, жедта, бдеењето и воопшто телесното страдање и подвизување, како и трезвената собраност на сетилата, се раѓа не само духовна тага туку и солзи. Како што е нормално од уживањата, претераната разнежнетост и благосостојбата да се роди нечувствителноста, скаменетоста и скржавото срце, така и од воздржливиот и скромен начин на живот се раѓа скрушеноста на срцето и умилна жалостивост, која ја брка секоја горчина и дарува слатко радување и спокојство. Со право е речено дека без таа скрушеност на срцето е невозможно да се ослободиме од злото. А за да стане срцето скрушено и смерно, потребно е тројно воздржание: од сон, од храна и од телесни уживања. Кога душата преку оваа скрушеност ќе се ослободи од злобата и горчината, тогаш придобива духовна радост. Токму тоа и е утехата поради која Господ ги нарекува блажени оние кои плачат. Тоа го потврдува и свети Јован Лествичник со зборовите во описот на духовната лествица: „Жедта и бдението го омекнуваат срцето: кога срцето ќе омекне навираат солзите. Оној што ќе го испроба тоа, ќе се насмее. И тоа, како што Господ ветил, со блажена насмевка ќе биде утешен“ (сп. Мт. 5, 4).

Значи, настанува плач од телесно богољубиво сиромаштво, кој им дарува блажена духовна утеха на оние што ќе го стекнат. Но, како тој настанува од собраниот ум и обоженото смирение на душата? - Постојан придружник на смирените души е самоосудувањето. Тоа најнапред влева силен страв од пеколот, ги изнесува пред очи заедно сите оние страшни казни, будејќи во душата трепетно сознание дека пеколот е неопислив и многу потежок од она што за него може да се каже. Колку е страшно само сознанието на неговата бесконечност! Зашто и горештината и мразот, и темнината и огнот, немирот и скаменетоста, оковите и стравотиите и каснувањата на вечноживите ѕверови - сето тоа заедно се собира во моментот на осудата (на пеколните маки). И повторно сето тоа е малку, за да можеме да си ја претставиме големината на маките, која според зборовите на Светото Писмо е толкава, што ни на ум на човекот не може да му падне (сп. 1. Кор. 2, 9). Тој бескорисен, неутешен и непрестаен плач се јавува кај оние што Му згрешиле на Бога, од сознанието за нивните престапи. Тука во пеколот, каде што сите се погодени и е изгубена надежта за спасението, неволната грижа на совеста го умножува во секој поединец плачот соединет со страдањето. Овој плач, како непрестаен, станува вечно повторно повод за другиот плач; ѝ додава на темнината уште полута темнина и горештина без освежување и неопислива бездна на понижување.

Меѓутоа, ако тој плач се разбуди овде на земјата, тогаш е од непроценлива корист. Зашто Бог нас милостиво нѐ услишува. Он се спуштил до нас и нѐ посетил, и ветил утеха за оние што така плачат. Всушност, самиот Он е таа утеха, зашто е Утешител и бидејќи така се нарекува (Јн. 14,16). Дали сега ти е јасно што е тоа плач на смирената душа и што се подразбира под утеха? Но и самоосудувањето само по себе, кога ќе остане долго време натоварено како некој духовен товар на свесниот дел на душата, го притиска и разбудува и го исцедува од него виното на спасението, кое го весели срцето човеково (Пс.103,15), односно нашиот внатрешен човек. Тоа е вино на духовното умиление. Со помош на плачот, тоа истовремено ги искоренува и страстите и ги исполнува душите со блажена радост, ослободувајќи ја од лутите тешкотии. Затоа навистина блажени се оние кои плачат, зашто ќе се утешат (Мт. 5, 4).

Немањето, односно материјалното сиромаштво е поврзано, како што веќе рековме, со духовното сиромаштво, а дури тогаш, кога тие двете одат заедно, се совршени и богоугодни. Како преку тоа сиромаштво придобиваме плач и во него утеха, ќе сфатиш ако внимателно слушаш. Кога човекот ќе се збогува со сѐ што е во светот: кога ќе се одрече од парите и имотите, ќе ги отфрли и раздели на сиромашните (Лк. 14, 33), ослободен така од грижата за нив, тогаш душата е во состојба да се предаде на набљудување на самата себе, како ослободена од сѐ што ја привлекува однадвор и ја расејува. А кога умот ќе се одвои од сѐ што е сетилно, и се издигне над растргнатоста од многуте грижи и го види внатрешниот човек, прва работа му е да ја испере со плачот одвратната маска што ја стекнал од приземните страстни талкања и заблуди. Откако ќе ја симне од себе таа безоблична покривка, тогаш, кога душата повеќе не е апсорбирана од разни предмети, спокојно влегува во своите внатрешни ризници и во тајност се моли на Отецот (Мт. 6, 6). Он тогаш најпрвин им дарува живеалиште на сите други дарови: мир и тишина на помислите. Потоа го усовршува со смирението, родителката и собирната леќа на сите доблести. Овде не се работи за лесно стекнатато смирение, кое се состои од вешти зборови и лицемерно однесување, туку за она што е посведочено со благиот и божествен Дух: кои самиот Дух ги гради во човекот, обновувајќи го во длабочините неговото суштество (Пс. 50,11). А во тие длабочини, како во некоја безбедна ограда или умен рај, никнуваат најразлични дрвја на вистинските доблести. Во самата средина никнуваат свети царства на љубовта, а во нивното предворје цвета неискажлива и неодземлива радост, првина и залог на идниот век.

Немањето, сиромаштвото, е мајка на безгрижноста, безгрижност на духовната будност (внимание) и молитвата, а овие две - на плачот и солзите. Духовниот плач и солзите чистат од заблуда; а кога заблудата ќе биде отфрлена, тогаш е лесно, бидејќи препреките се отстранети, и може да се оди по патот на добродетелите. Тогаш и совеста станува беспрекорна. Од сето тоа извира радост и блажена смеа на душата. Тогаш и болната солза се претвора во слатка, а зборовите Божји стануваат сладост на јазикот и за устата се послатки од мед (Пс. 118, 103). Молитвените желби се претвораат во благодарење, а проучувањето на Божествените заповеди стануваат радост за срцето, која што ја прати непосрамна надеж. Таа надеж има улога на почеток, зашто преку неа сето ова на опит се испробува и делумно го запознава преизобилното богатство на благодатта Господова (Еф. 2, 7). Тоа го потврдува и пророчкото слово: „Вкусите и видите колку е благ Господ“(Пс. 33, 9). Господ, Кој е радост за праведниците, веселба за добрите, смерност за смирените и за оние кои заради Него плачат - утеха.

Што, значи ли тоа дека тоа е врвот на утехата? Зарем се само овие даровите на духовните ангажирања? Зар Женикот не им се открива Себе почисто на оние што се усовршуваат со блажениот плач, кои се очистиле и невестински украсиле со доблестите? Без сомнеж, ова не е сѐ. Но, тоа што сега ќе го речам, ќе ме изложи на обвинувања од завидливците, кои како да ми велат: „Не пророкувај во името Господово“ (сп. Ер. 11, 21), инаку „ќе го исфрлиме името твое како лошо“ (сп. Лк. 6, 22), со тоа што ќе те клеветиме и лажни обвинувања против тебе ќе составуваме и шириме. Но, јас не се осврнувам на тоа, туку ја продолжувам својата мисла, имајќи доверба во светоотечкото учење и изнесувајќи го, на него угледувајќи се и со него други просветувајќи. Зашто Светото Писмо вели: „Верував, затоа зборував“ (Пс. 115, 1). Така „и ние веруваме и затоа зборуваме“ (2Кор. 4, 13).

Значи, кога секоја населена страст во душата се отстрани од неа, а умот, како што веќе рековме, ќе се врати на себе, собирајќи ги целосно и сите други душевни сили, тогаш тој со вршењето на доблестите ја одобротољубува душата, напредувајќи кон сѐ поголемо совршенство, расположен и за понатамошно дејствително издигнување (сп. Пс. 84, 5). Дотолку повеќе, чистејќи се и перејќи се себеси со Божја помош, умот не само што се чисти од демонските наноси, туку отстранува и сѐ друго дополнително стекнато, макар да се работи и за нешто повредносно и позначајно. А кога ќе се превознесе над сѐ што е духовно (разбирливо) и над фантазирачките поими за него, и се одрече од сѐ што е богољубиво и побожно, тогаш како што е речено, „глув и безгласен“ застанува пред Бога. Во тој момент ја совладува законот материјата и непречено се обликува во својот највозвишен облик како слободен од сѐ надворешно. Тоа му овозможува благодат одвнатре, која преобразува на добро, и што е уште почудно, неискажлива светлина ја осветлува внатрешноста на душата и го усовршува внатрешниот човек. А „кога ќе осамне денот и ѕвездата Деница ќе се појави во срцата наши“ (2Петр. 1, 19), според зборовите на врховниот меѓу Апостолите, тогаш излегува, согласно со пророкот, „вистинскиот човек на својата вистинска работа“ (Пс. 104, 23), и служејќи се со светлината како со пат, излегува или се води на „вечните гори“ (сп. Пс. 75, 5). Во таа вечна светлина тој станува визионер, о чудеса! Надземни работи. Дали при тоа се разделува или не се разделува од материјата со која на почетокот е створен, тоа останува тајна на самиот пат. Тоа искачување не се врши на фантазирачките крилја на разумот, кој по сѐ кружи и талка и кој не е во состојба да постигне точно и сигурно сознание, ни преку отсутните сетилни предмети, ни преку оностраните (трансцедентни) поими. Овде се работи за вистинско качување: со неискажливата сила и енергијата на Духот и духовното и неискажливо знаење, душата слуша неизречиви зборови и гледа невидливи работи; па и кога оттука ќе се врати, сета е потопена во чудо и се натпреварува со неуморните певци, станувајќи навистина како Ангел Божји на земјата и приведувајќи ја кај Бога преку себе сета твар.

Бидејќи и самиот е во општење и заедница со сѐ што постои, сега умот станува заедничар и со Оној Кој е над сѐ, за и она што му припаѓа на човекот, како лик Божји, целосно да се оствари. Затоа и вели божествениот Нил: “Чистата состојба на умот е духовна висина, слична на бојата на небото, која за време на молитвата ја осветлува светлината на Света Троица“. Истиот светител на друго место вели: „Ако некој сака да ја види вистинската состојба на умот, нека се ослободи од сите помисли и тогаш ќе го види сличен на бојата на сафир или на небото“. Но, тоа е невозможно да се постигне без стекнување на бестрасноста. За тоа е потребна помошта Божја и изливање на умот светлина која му е сродна. И свети Диадох вели: „Две работи ни дава благодатта преку светото Крштение, од кои едната е повозвишена од другата. Таа нас прво нѐ обновува со водата и ни ја дарува првобитната чистота на она што е во нас, според образот Божји, чистејќи ја од нас секоја нечистотија на гревот, а потоа, дава согласност да соработува со нас. Значи, кога умот ќе започне да се храни со добротата на Пресветиот Дух и тоа живо ќе го чувствува, треба да знае дека тогаш благодатта започнува како да слика на она што е „според образот“ Божји, она што е „по подобие“. А совршенството на подобието (богосличноста) ќе го дознаеме преку просветлувањето“. Истиот Диадох вели „дека духовната љубов не може да се придобие сѐ додека човекот навистина не доживее просветлување со Светиот Дух“. Ако умот преку Божествената светлина не стекне совршеност „по подобие“, сепак ќе биде лишен од совршената љубов, макар да ги поседува сите други доблести.

Исто така и преподобниот Исак Сирин вели дека облагодатениот ум преку целото време на молитвата ја гледа својата чистота, слична на небесната боја, која израилските Старци ја нарекле „Божјо место“, кога на Синајската Гора им се јавил Бог. Исто така го вели и ова: „постои чистота на умот, која за време на молитвата ја осветлува светлината на Света Троица“.

Умот кој се удостоил на оваа светлина му предава и на телото, кое со него е соединето, многу знаци на Божествената убавина, посредувајќи помеѓу благодатта Божја и телесниот состав и давајќи му сила на она што е по себе немоќно. Оттука настанува богоподобното и со ништо неспоредливото доблесно расположение и целосната неподвижност на злото и неприемчивоста за него. Оттука Логосот Божји, разоткривајќи ги законите на суштествата и откривајќи ги одвнатре тајните на природата преку чистотата, го издигнува преку нив, по пат на аналогија, разумот на верните набљудувачи, кон сфаќање на натприродното; разбирање во кое со Своите допири се населува самиот Отец Бог Логос.

  

Од сето ова настануваат и други разноврсни чудотворења: видовитост, проѕорливост и знаење за она што некаде далеку се случува, како да е пред нашите очи. И што е најголемо од сѐ, тие блажени души воопшто не си го поставуваат тоа за своја цел. Како што некој кога гледа во сончевите зраци ја гледа и прашината во воздухот, иако тоа не му била целта, така е и овде: оние кои чисто општат со Божествените зраци, на кои по природа им припаѓа откривањето на сѐ што постои, и не само на тоа што е и што било, туку и на тоа што ќе се случи, - таквите патем го стекнуваат вистинското знаење за сето тоа, според мерата на чистотата на својата душа. За нив од голема корист е и враќањето на умот во себе си и неговата собраност. Дотолку повеќе, не само умот туку, иако е чудно и да се каже, и собраноста на сите душевни сили во умот, и нивно дејствување по умот и Бога. Исправени од тоа дејство, тие правилно се насочуваат кон својот Прволик, со тоа што благодатта повторно им ја враќа нивната исконска и неопислива убавина. Ете, тоа е висината на која искачува блажениот плач на смерните по срце и бедните по дух (Мт. 5, 3 и понатаму).

Но, бидејќи тоа ги надминува нашите сили, заради мрзеливоста на која сме подложни, да се вратиме повторно на темелот на сето ова, и да се позанимаваме уште малку со плачот. Тој ги следи и сите видови на неволно и по светот сиромаштво. Како е возможно да не тагува оној што останал без пари и кој под влијание на околностите гладува, како и оној што е понижен и притиснат од несреќите? Но, овој вид плач е безутешен, доколку сиромаштвото се  зголемува и трае, подобро речено, доколку оној што страда од него е сѐ поодалечен од вистинското знаење. Зашто тој не им ги потчинува сетилните задоволства и страдања на разумот, туку попрво тие него го заробуваат; а со злоупотребата на разумот, тој за жал бескорисно страдањата уште и ги намножува. Јасен знак и изобличување на таквиот човек е неговото неверие во Евангелието Божјо, и во Пророците пред него, и во оние кои според Евангелието и од него биле научени да благовестуваат: дека со сиромаштвото се стекнува непотрошливо богатство; со бедата - сокриена слава; со воздржанието - безболно уживање; со трпението на искушенијата кои надоаѓаат - ослободување од вечните маки и таги, кои ги очекуваат оние што го засакале незаузданиот овоземен живот и кои не сакале да влезат во животот низ тесната врата и тегобниот пат (сп. Мт. 7,14). Затоа добро вели апостол Павле дека тагата по светот води во смрт (2 Кор. 7,10).

Од сѐ што рековме се гледа дека таквата тага е грев што доведува до смрт. Ако вечната Божествена светлина е вистински живот на душата, која таа ја стекнува со плачот по Бога, за што сведочат и светите Отци, кои погоре ги наведовме, тогаш смртта на душата е лоша темнина, која се јавува во душата од тагата по светот. Тоа е онаа темнина, за која свети Василиј Велики вели: „Гревот, кој добива свое суштество од недостатокот на добра, се вовлекува и се врежува во душата преку неправедните дела како духовна темнина“. Истото го вели и преподобниот Марко Подвижник: „Како може оној со кого загосподариле нечисти помисли, да го види лицето на гревот покриено од нив, што е темнина и магла на душата, вселена во неа преку нечистите помисли, зборови и дела? И пак, оној кој не го забележал севникнатиот грев, кога ќе се исчисти од него со молитвата? А ако не се исчисти, како ќе биде во состојба да најде „место“ на чиста природа? Ако не го најде тоа „место“, како ќе може да го види внатрешното живеалиште Христово?“

Неопходно е значи, упорно да тропаме со молитвата и да го бараме тоа живеалиште, и тоа не само да го придобиеме, туку и да го сочуваме. Зашто постојат и такви кои го нашле, па потоа го изгубиле. Обичното познавање на молитвата и случајниот допир до неа го поседуваат можеби и оние кои доцна се запознале со неа, како и момчиња. Но, стрпливото и упорно молитвено дело и труд тешко може да се сретнат дури и кај многуискусните и побожни старци. Со ова е согласен и преподобниот Макариј Египетски, озарениот од небото, како и сиот собор на преподобните Отци.

Како што оваа темнина настанува и се раѓа од сите престапи, така, ако ја проучиме тагата по светот, ќе најдеме дека таа настанала од сите страсти и дека тие ѝ даваат сила. Како таква таа носи во себе слика и еден вид зачеток на подготовката и залогот на бесконечниот плач, кој допрва треба да ги снајде оние што одбиле да го примат плачот, од Господа наречен блажен. Овој другиот, не само што донесува утеха како награда и како плод го има залогот на вечното радување, туку ја зајакнува и добродетелта, исцелувајќи ја душата од променливоста и од похотливоста кон злото. Ако некој стане сиромашен и се смири, и почне да живее според Бога скромно, но при тој напредок не стекне духовен плач, таквиот останува превртлив и лесно се враќа на она што еднаш го напуштил, чезнеејќи за она од што се одрекол на почетокот, и јавувајќи се така како престапник. Ако остане упорен и истраен во расположението на блаженото сиромаштво и преку тоа придобие плач, тогаш ќе остане цврст во творењето добра и повеќе нема да се враќа на старото зло. Зашто според зборовите на Апостолот, тагата по Бога предизвикува во душата покајание за спасение, за кое не се кае (2 Кор.7,10). Затоа и еден од Отците говорел дека плачот го „делка и го чува“ (човекот). И користа од плачот не е само во тоа што тој речиси го прави човекот имун на злото и непревртлив кон она што во минатото го згрешил; тој дури тие минати гревови ги претставува како и да не се случиле. Бидејќи човекот токму поради нив тагува и плаче, Бог му ги зема како да ги извршил несакајќи. А за она што е несакајќи не се сноси одговорност. Така и оној што тагува оти е сиромашен, покажува дека сиромаштвото не го прифаќа доброволно, па затоа ќе падне во ѓаволските стапици, заедно со оние кои чезнеат за богатството или се богатат. Затоа, ако таквиот не се промени и не побрза да се извлече од тие стапици, ќе заврши заедно со демонот во вечниот пекол. А оној што греши пред Бога, ако плаче и тагува заради своите гревови, Бог праведно ќе му ги смета како неволни, та непречено ќе оди по патот што води во животот вечен, заедно со оние кои не згрешиле.

Ете, тоа е користа од почетокот на плачот, кој е доста мачен, затоа што со себе го има соединето и стравот Божји. Понатаму плачот на прекрасен начин се спојува со љубовта и придобива слатка и света утеха, така што преобразениот со плач се храни со добрината на Утешителот. Таа утеха, по природа неискажлива, просто е несфатлива за оние кои лично не ја вкусиле. Како што не може да им се објасни сладоста на медот на оние што никогаш не го вкусиле, така не може да им се објасни ни уживањето во радоста и благодатта Божја на оние кои тоа не го искусиле и доживеале!?

Почетокот пак, на овој блажен плач, наликува на барање на венчавање со Бога, кое изгледа речиси невозможно. Затоа оние што плачат и тагуваат од желба за непристапниот Младоженец, Му се обраќаат како со некои предбрачни зборови. Тажно плачат и Го повикуваат лелекајќи, како некој што е отсутен и кој можеби никогаш нема да дојде. А крајот на таквиот плач е чудно младенечко совршено соединување. Токму затоа апостол Павле, нарекувајќи ја „голема тајна“ станувањето на сопружниците едно тело, додава: „А јас мислам на Христос и Црквата“ (Еф. 5, 32). Како што оние кои се венчаваат стануваат едно тело, така и оние кои Му припаѓаат на Бога - се еден дух со Него. Тоа го потврдува истиот Апостол на друго место: „Кој со Господ се соединува еден дух е со Него“ (Кор. 6, 17).

Каде се тогаш оние кои што тврдат дека благодатта која престојува во светителите Божји е создавање? Нека знаат дека со тоа го навредуваат Светиот Дух, Кој преку своето дарување престојува во Светите. А ние во овој плач ќе наведеме уште еден појасен пример. Почетокот на плачот наликува на враќањето на блудниот син. Затоа на враќањето е толку понизен, па оттука и зборовите што ги упатува кон Отецот: „Оче, згрешив пред небото и пред Тебе, и повеќе не сум достоен да се наречам Твој син“ (Лк. 15, 21). Крајот пак на плачот е сличен на средба со небесниот Отец и прегрнувањето со Него. Во моментот на таа средба, синот, примајќи го богатството на неискажливото милосрдие, и стекнувајќи преку него неизмерна радост и смелост, го целива Отецот и бива целиван од Него. И кога влегува заедно со Него, заедно со Него и јаде, уживајќи заедно со Отецот во небесната радост.

Затоа ајде и ние, во блажено сиромаштво да паднеме и да заплачеме пред нашиот Господ Бог, за и нашите минати гревови да ги избришеме, и да ја уништиме во себе секоја склоност кон гревот. И да го здобиеме Утешителот, од Него тешени и Нему слава да Му вознесуваме со беспочетниот Отец и единородниот Син, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

 

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ТОМА НОВИОТ, патријархот Цариградски

Најпрвин бил ѓакон и хартофилакс на Големата црква (Света Софија). Со текот на времето напредувал во службата, додека не бил избран за Цариградски Патријарх како наследник на Петар (663 г), како што за тоа сведочи Никифор Калист. Останал на тронот три години, побожно и богољубиво управувајќи со Божјиот народот. Се упокоил во мир. (Според еден Париски Кодекс се празнува на 15 ноември).