28. Ноември   (15. Ноември)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ГУРИЈ, САМОН и АВИВ

Кога Црквата Божја беше страотно гонета од властодржните слуги на ѓаволот Диоклецијан и Максимијан, и како кораб нишана од неволјите по морето на овој свет, во тоа време близу градот Едеса живееја во осаменост, како во тивко пристаниште, двајца побожни и доблесни мажи Гуриј и Самон. Одгледани во градот, тие не сакаа да живеат во него поради вревата и градските беззаконија. Бегајќи од светот и световните лошотии, го напуштија градот и оддалечувајќи се од безбожните луѓе му се доближуваа на единствениот Бог, верувајќи во Него и служејќи Му срдечно во пост, молитви и исполнување на светите заповеди Негови. И не само што тие верно Му служеа на Господа, туку и други упатуваа, и многу незнабошци одвраќаа од безбожното идолопоклонство и ги приведуваа кон вистинскиот Бог. Кога дознаа за тоа претставниците на римските цареви, војводата Антонин нареди веднаш да ги фатат, заедно со сите нивни следбеници. Исповедниците Христови Гуриј и Самон, и со нив мноштво христијани, беа држани под стража некое време. Потоа Антонин ги повика и им нареди да ѝ се покорат на царската наредба и да им принесат жртви на идолите, но никој не сакаше да биде отстапник од својот Господ. Тогаш војводата нареди да ги подложат на тепање, па откако малку размисли одлучи дека е подобро прво наставниците да ги придобие, па потоа и останатите лесно ќе тргнат по нив. Со таа намера ги остави на истезавање само предводниците на Христовото стадо Гуриј и Самон, а останатите ги изнатепа и ги ослободи, правејќи се милосрден.

Кога започна да им суди им рече:

- Нашите големи цареви наредуваат да отстапите од христијанската вера, да му се поклоните на големиот бог Диј и да му принесете кадење во храмот негов.

На тоа Самон одговори:

- Да не даде Бог да отстапиме од вистинската вера, поради која очекуваме да добиеме бесмртен живот. Нема да се поклониме на дело на рацете човечки.

Војводата рече:

- Вие во секој случај сте должни да ја извршите наредбата на царевите!

Гуриј одговори:

- Ние никогаш нема да се одречеме од светата и беспрекорна наша вера, ниту ќе се согласиме со лошата и погубна човечка волја, туку ја исполнуваме волјата на нашиот Господ, Кој вели: „Оној што ќе ме признае Мене пред луѓето, и Јас ќе го признаам него пред Отецот Свој Кој е на небесата“ (М1.10, 32-33).

Тогаш судијата започна да им се заканува со смрт ако не ѝ се покорат на царската волја. Но, свети Самон смело му одговори:

- Мачителу! Со исполнувањето на волјата на нашиот Создател ние нема да умреме, туку напротив ќе живееме вечно. А ако ја извршиме царската наредба, и да не нѐ убиеш ти, ние сами ќе загинеме.

Војводата Антонин нареди светителите веднаш да ги фрлат во мрачна темница.

Во тоа време во Едеса допатува царскиот намесник Музониј, специјално испратен од незнабожните цареви за убивање на христијаните. Тој ги извади од темницата и им рече:

- Според наредбата на царевите на целата земја, принесете вино и кадење на олтарот на Диј. Во спротивно ќе ве усмртиме со најразлични мачења. Телата ќе ви ги здробиме со ќотек, за нозете и рацете ќе ве обесиме, сите зглобови ќе ви ги сокинеме. Ќе измислам за вас нови и нечуени мачења, што не ќе можете да ги поднесете.

На тоа свети Самон одговори:

- Ние повеќе се плашиме од црвот неспалив и огнот незгаслив, подготвен за сите отстапници од Господа, отколку од маките што ти ги наброи, зашто Оној на Кого Му принесуваме духовна жртва ќе нѐ поткрепи во поднесувањето на маките и ќе нѐ направи непобедливи. Потоа ќе нѐ спаси од вашите раце и ќе нѐ насели во светли живеалишта, каде што е живеалиштето на сите вечно радосни. Значи, ние не се плашиме од твоите закани, зашто ти се вооружуваш само против телото, но не можеш да ѝ наштетиш на душата, која додека живее во телото сѐ повеќе се очистува и просветува со маките, задавани на телото. Колку што нашиот надворешен човек се распаѓа, толку внатрешниот се обновува секојдневно (2 Кор. 4,16). Затоа со трпение трчаме во одредената битка (Евр. 12,1).

Намесникот повторно рече:

- Оставете го вашето безумие, послушајте го мојот совет и извршете ја царската наредба, зашто не ќе бидете во состојба да ги издржите маките што ви претстојат!

Свети Гуриј одговори:

- Не сме во заблуда како што мислиш ти, и нема да те послушаме ниту ќе се потчиниме на царската волја. Нема да бидеме толку малодушни и безумни, та да се исплашиме од твоите маки и со тоа да Го разгневиме нашиот Господ. Не се плашиме зашто сме слуги на Оној Кој јавувајќи ни го богатството на добрината Своја, ја положи душата Своја за нас. Зарем не сме должни и ние да стоиме за Него против гревот, сѐ до смртта? Стоиме цврсто, крепени со Христос Исус! Стоиме непоколебливо, при сите вражји напади на лукавиот! Стоиме, додека не го сотреме непријателот, кој се крева против нас!

Кога ги виде непоколебливи, мачителот одлучи да ги мачи. Нареди, та ги обесија врзувајќи ја раката на едниот за раката на другиот и им врзаа за нозете тежок камен. Така висејќи, тие трпеа од девет часот претпладне до два часот попладне. За тоа време намесникот ги судеше другите. Потоа ги праша светите маченици дали се предомислиле, па да ги ослободи. Но, тие продолжија да ја исповедаат вистинската вера, па нареди да ги одврзат и да ги фрлат во крајно ужасна темница, во која никогаш не продираше светлина ниту влегуваше ветер. Во таквата темница останаа од први август до девети ноември. Со нозете во клада, тие поднесуваа и глад и жед и Му благодареа на Бога.

По така тешкото и долго темничење, повторно беа изведени на суд пред царскиот намесник. Свети Гуриј беше одвај жив, истоштен од страшното темнување и долготрајните жед и глад; а свети Самон изгледаш крепок. Намесникот ги праша:

- Нели ви здосади долгиот престој во темницата, не ги променивте ли вашите скаменети срца за да го послушате здравиот совет и да им укажете почит на нашите богови, па да се ослободите од сегашната тешка состојба?

Светителите одговорија:

- Пак ќе ти повториме. Нема да отстапиме од нашиот Господ Исус Христос, а ти мачи нѐ колку што сакаш.

Тогаш нареди свети Гуриј како болен да го одведат во темницата, за да не ја забрза неговата смрт ако го мачи таков, и така да ја изгуби можноста да го привлече во своето безбожие. А пак свети Самон нареди да го обесат за едната нога, а за другата да му врзат тешко железо. Во таква состојба тој остана од осум часот претпладне до три часот попладне. Од сожалување, присутните војници го советуваа и молеа да се покори, но тој молчеше и гледајќи кон небото се молеше на Бога и сеќавајќи се на неговите чудеса од памтивека, говореше: „Господи Боже мој, без Твоја волја ниту една птица не паѓа во мрежа“ (сп. Мт. 10, 29). „Ти на срцето Давидово си му дал простор во притеснетоста“ (сп. Пс. 4, 2) и пророкот Даниил си го покажал посилен од лавовите, и на Трите Момчиња си им дарил победа над мачителот и пламенот. Сега Ти, Господи, знаејќи ја немоќта на нашата природа, види ја борбата што се води против нас. Непријателот упорно се труди да го оттргне од тебе делото на рацете Твои и да го лиши од славата Твоја. Погледни кон нас со Своето милостиво око, сочувај го во нас незгасливиот светилник на заповедите Твои, со својата светлина исправи ги стапките наши и удостој нѐ на насладување со блаженството Твое, зашто си благословен низ сите векови. Амин.

Додека страдалникот така се молеше, еден брзописец ги запишуваше неговите зборови. Потоа намесникот нареди да го одврзат. Тој не можеше да стои на нозе, бидејќи зглобовите од колената и колковите му беа излегле од своите места. Тогаш мачителот нареди да го однесат во темницата и го положија покрај Гуриј.

На 15 ноември намесникот Музониј стана за време на петлите и се упати кон палатата во која се извршуваше судењето. Пред него одеа свеќоносци и оружјеносци. Со голема гордост седна и нареди да му ги доведат Гуриј и Самон. Свети Самон одеше меѓу два војника, потпирајќи се на нив со двете раце, бидејќи нозете му беа извлечени од зглобовите додека висеше обесен. А свети Гуриј го носеа бидејќи воопшто не можеше да оди, зашто нозете постојано му беа држани во клада и му беа гнили и целосно во рани. Намесникот ги погледна и рече:

- Имавте доволно време за размислување да ги одберете животот или смртта. Затоа кажете ми што одлучивте? Ви здодеаја ли досегашните мачења и намисливте ли да ја извршите царската наредба, за да останете живи и да уживате во богатствата на овој свет?

На тоа светителите одговорија:

- Размисливме и го избравме корисното за нас. Ја одбравме смртта заради Христа и го отфрламе животот во суетниот свет. Доста ни е времето поминато во гледањето на згасливата светлина на денот, а сега нашите души сакаат да преминат кај незалезниот ден.

Намесникот рече:

- Тешко ми е да слушам такви зборови. Еве, кратко ве советувам, положете темјан на олтарот на Диј, па одете си дома. Во спротивно веднаш ќе наредам да ви се отсечат главите.

Светителите одговорија:

- Не се потребни многу зборови. Ете, ние сме пред тебе. Што сакаш прави со нас без одлагање. Нема да престанеме да тврдиме дека сме слуги на Едниот Бог, нашиот Господ Исус Христос и Нему Единствениот Му се поклонуваме, а идолопоклонството го отфрламе.

Тогаш намесникот изрече пресуда да бидат посечени со меч. Светителите се израдуваа што ќе појдат кај својот Господ, а намесникот им нареди на џелатите да ги натоварат и надвор од градот да ги обезглават.

Така беа извадени од градот низ северната капија, тајно од граѓаните, зашто во тоа време сите спиеја. На гората Ветилавикл, во околината на Едеса, војниците застанаа и мачениците измолија малку време за молитва, па откако се помолија рекоа:

- Боже и Оче, Господи наш Исусе Христе, прими ги во мир нашите души!

Потоа свети Самон му се обрати на џелатот и му рече:

- Изврши го нареденото!

И така беа посечени пред јавувањето на денот. Кога дознаа, верниците ги зедоа нивните свети тела и чесно ги погребаа.

По доста години незнабожниот цар Ликиниј се раздели од Константин Велики, дојде во Никомидија и крена гонење против христијаните, на тој начин нарушувајќи го договорот склучен со него. Откако ја омажи за него својата сестра и го одреди за свој соцар во римската држава, Константин склучи со него спогодба, иако е незнабожец по вера, да не ги угнетува христијаните, туку да дозволи секој да живее според својата вера и непречено да се држи до неа. Но, Ликиниј не ја испочитува спогодбата, се крена против христијаните во источните покраини и голем број убиваше на разни начини. Во тоа време во гореспоменатиот град Едеса, во кој порано пострадаа светите маченици Гуриј и Самон, живееше еден ѓакон, на име Авив. Одејќи по целиот град од куќа во куќа, тој ги поучуваше луѓето во Светата Вера и ги бодреше јуначки да Го исповедаат Христа. Со својата проповед ѓаконот Авив многу незнабошци обраќаше, а верните ги советуваше да живеат побожно. Штом дозна за тоа, градоначалникот го извести царот Ликиниј за него и го праша што ќе нареди. Всушност Ликиниј му напиша на царот, за од него да добие право да ги мачи христијаните, бидејќи сѐ уште не му беше наредено. Царот веднаш му одговори на Ликиниј да го казни Авив со смрт. Откако ја доби наредбата, нареди веднаш да му го доведат Авив, кој во тоа време со мајка си и роднините живееше во еден крај од градот во непозната куќа, трудејќи се многу околу ширењето на Светата Вера, која што тајно ја ширеше онаму каде што не можеше јавно. Додека војниците го бараа по целиот град, тој дозна за тоа и наместо да се сокрие тргна да се предаде. Го сретна военоначалникот, по име Теотекн, и му рече:

- Еве го оној што го барате. Јас сум Авив. Водете ме кај оној што ве испратил.

Теотекн кротко го погледна и рече:

- Сѐ уште никој не знае дека сам се пријави. Човеку, бегај од мене и сокриј се, за некој од војниците да не те види.

Авив одговори:

- Ако не ме сфаќаш, тогаш јас сам ќе појдам кај градоначалникот и ќе го исповедам мојот Христос пред царевите и владетелите.

Теотекн го одведе кај Ликиниј. Овој го праша за потеклото и името. Светителот пред сѐ изјави дека е христијанин, потоа го кажа своето име и рече дека е од селото Телсеј. Ликиниј го приморуваше да им принесе жртви на идолите и се трудеше милум или силум да го одврати од Христа, но тој, непоколеблив како столб и тврд како камен, остана цврст во верата Христова. Тогаш мачителот нареди да го обесат, па телото да му го стругаат со железни нокти. При повторното советување да им се поклони на идолите и да принесе темјан на олтарот на незнабожечките богови, светителот јуначки одговараше:

- Ништо нема да ме раздели од мојот Бог, па макар да ме ставиш и на илјадници маки.

Мачителот го праша:

- Каква ви е користа од маките што ги поднесувате за вашиот Бог? Каква е придобивката од тоа што вашите тела на парчиња се сечат и доброволно ја избирате смртта?

Маченикот одговори:

- Кога ти, мачителу, би сакал да ја прегрнеш надежта во ветената награда од нашиот Бог, тогаш без никаков сомнеж би рекол со апостолот Господов некогаш: „Страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата што ќе ни се јави“ (Рм. 8,18).

Мачителот се насмеа на овие зборови како на безумни, иако самиот беше безумен и беден. Кога виде дека страдалникот никако не може да го одврати од единствениот вистински Бог, го осуди на запалување.

Надвор од градот беше подготвен силен оган и го поведоа на губилиштето. Тој одеше радосен што ќе биде жртва на Бога. По него одеа неговата мајка и роднините. Светиот ги тешеше и советуваше да не тагуваат и да се радуваат што заминува кај Христа и што Него ќе го моли за нив. Кога стигнаа, маченикот се помоли на Бога, се поздрави со мајка си и познаниците, влезе во огнот, и веднаш го предаде духот на својот Господ. Кога огнот згасна, мајката со останатите го најде телото на својот син неповредено од огнот, го зеде, го помаза со миро и солзи и го погреба покрај гробот на порано постраданите свети маченици Гуриј и Самон, зашто и свети Авив пострада во истиот ден, во кој пострадаа и тие, само пред многу години.

Кога гонењето престана и Православната Вера блескаше, христијаните изградија црква во име на овие тројца свети маченици, и во неа ги положија во еден кивот нивните свети мошти, кои точат исцеленија за болните и творат многу чудеса. Од нив ќе спомнеме само едно.

Еднаш се крена од исток против Грчкото царство еден незнабожен варварски народ, кој живееше во близина на Персија, наречен Еталити, и откако освои и заплени многу градови, стигна да самиот град Едеса, со намера да го заземе и сруши, како што ги сруши и останатите градови. Грчките цареви во заштита собраа многу војници и ги испратија во Едеса на помош. Војската остана во градот подолго време, штитејќи го од варварите. Меѓу војниците имаше и еден војник по потекло Гот. Се случи тој во Едеса да престојува во домот на една целомудрена вдовица, на име Софија, која имаше ќерка единица, на име Ефимија. Ја чуваше таа како зеница во окото, учејќи ја да ја чува девственоста, благиот карактер и стравот Божји. Софија се трудеше својата ќерка да ја сокрие од човечките очи, бидејќи беше многу убава. Ја чуваше во специјална одаја, за машко око да не ја види. Во текот на својот долг престој во домот на оваа вдовица, се случи овој Гот да ја види девојката и восхитен од нејзината убавина започна да размислува како да ја прелести. Ја замоли мајка ѝ да му ја даде за жена, а всушност несреќникот во својот крај имаше и жена и деца, но сокри, и се правеше неженет, за да го добие саканото. Сепак мајката го одби, говорејќи:

- Нема да ја дадам својата ќерка единица во туѓа земја. Ти си дојденец, ќе ја одведеш, а јас многу ќе тагувам, зашто немам други деца за утеха. Само неа ја имам и не можам да ја дадам. Не можам да живеам без да го гледам нејзиното лице.

Готот се разбесни и започна страшно да ѝ се заканува, говорејќи:

- Ако не ми ја дадеш нема да ја напуштам твојата куќа додека не ти наштетам и те фрлам во крајна мака. Како војник можам многу лесно да ти напакостам.

Но, вдовицата, иако беше сама и беспомошна, бестрашно му се спротивставуваше.

Потоа војникот повторно час љубезно ја молеше час беснееше, трудејќи се да ја убеди да му ја даде ќерката за жена. Така ѝ досадуваше постојано. Ѝ нудеше и подароци, зашто не беше сиромав. Им купуваше златни наките и скапоцени фустани, за да го добие саканото. Но, вдовицата не ги примаше подароците и го одбегнуваше, а ќерката многу вниматено ја криеше да не ја види. Еднаш таа му рече:

- Слушнав дека во твојот крај имаш жена и деца.

А тој, сиот обземен од желба за девојката и немајќи страв Божји, започна да се колне и преколнува, говорејќи:

- Никогаш не сум се женел, и сакам твојата ќерка да ја имам за жена и да ја сторам господарка над сите имоти што ги поседувам во мојата татковина.

Вдовицата Софија најпосле му поверува на овој лажлив војник и се согласи да му ја даде Ефимија, па ги крена рацете кон небото и рече:

- Владико Господи, Ти си Татко на сиротите и Судија на вдовиците; погледни милостиво на Твоето создание, и не оставај ја девојката, која влегува во брак со непознат човек. Немој да го презреш моето сиротство и не оставај ме беспомошна, зашто со надеж во Твојата блага промисла, ја давам својата бедна ќерка на човек странец. Тебе те имам за сведок и гарант на неговите заклетви и ветувања.

Девојката беше омажена за тој Гот. По склучувањето на бракот живееја мирно. Ефимија забремени, и пред да се породи непријателите отстапија од градот, зашто не можеа да го освојат, бидејќи грчката војска јуначки ги бранеше градските бедеми и водеше жестока борба со непријателот. Но, градот особено го заштитуваа молитвите на светите маченици Гуриј, Самон и Авив. Кога непријателите отстапија, грчките војници мораа да се вратат во своите домови. Така и оној Гот се подготвуваше да се врати, но не можеше да го раскине брачниот сојуз потврден со закон. И кога лукавиот зет веќе сакаше да тргне со сопругата на пат, Софија ги одведе и двајцата во црквата на светите маченици Гуриј, Самон и Авив, ги застана пред нивниот кивот и му рече на зетот:

- Јас нема да ти ја доверам својата ќерка, ако не ми ги дадеш како гарант овие светители, кои пострадале за Христа. Затоа фати се за светиот кивот и заколни ми се дека на ќерка ми нема да ѝ сториш ништо лошо туку ќе ја чуваш со долична љубов и почитување.

А Готот, сметајќи го тоа за ситница, веднаш без никаков страв се фати за чесниот кивот на светите Маченици и рече:

- Од вашите раце, Светители, ја примам оваа девојка, и вас ве имам за гаранти и сведоци на нејзината мајка, дека никакво зло нема да ѝ сторам, ниту некогаш ќе ја навредам. Со љубов и почитување ќе ја чувам до крај.

Така зборуваше беззаконикот, па дури во Бога се колнеше, без страв дека Бог е Господ на осветата, и ќе му возврати според делата негови и ќе го погуби за неговата лошотија. А мајката, откако ја сослуша заклетвата на својот зет, со лелек им рече на светите Маченици:

- На вас после Бога, о свети Маченици, ви ја доверувам својата ќерка, и преку вас ја предавам на овој непознат човек.

Откако така се помолија, тие се поздравија и разделија. Вдовицата се врати дома, а Готот со Ефимија тргна на пат. При тоа тој го отпушти својот роб, за да не дознаат во неговиот дом за неговата тајна.

Кога стигнаа и беа во близина на неговата куќа, тој со страотна свирепост се нафрли врз Ефимија како непријател. Заборавајќи на љубовта кон неа и отфрлајќи ја заклетвата, ги соблече од неа скапоцените фустани и златни накити и ја облече во бедни закрпи како заробеничка, го извлече мечот и ѝ се закани, говорејќи:

- Ако сакаш да останеш жива, откако ќе влезеш во мојот дом, никому немој да кажеш ништо за сѐ што било меѓу нас, туку кажи дека си заробеничка, зашто јас во мојот дом имам жена и деца. На мојата жена ќе ѝ бидеш робинка и ќе ѝ се покоруваш во сѐ, како на своја госпоѓа. Ако пак на некого кажеш дека сум се оженил со тебе, овој меч ќе го видиш во своите гради и ќе умреш.

Кога виде дека е измамена и изиграна од овој зол варварин, и ја слушна неговата закана, Ефимија се исплаши и рече:

- Тоа ли е твојата љубов? Тоа ли е исполнувањето на твоите ветувања? Такви ли се заклетвите твои? Таква ли беше твојата намера, да ме направиш заробеничка и слугинка? Заради тебе ја оставив мајка ми, роднините и татковината, и ти се прилепив со нелицемерна љубов, верувајќи им на зборовите што ги потврди со заклетва. А ти со омраза ми возвраќаш за љубовта, и наместо сопруг и пријател ми стана варварин, непријател и мачител, кој ме завел во туѓа земја и сака да ме погуби.

Таа ги крена очите кон небото, ги издигна рацете и од дното на срцето, горко плачејќи и ридајќи, повика кон Бога:

- Боже на моите родители, погледни на мојата неволја, чуј ги воздишките мои, чуј го гласот на молитвите мои! Гледај што прави со мене овој кривоклетник и спаси ме, по молитвите на светите угодници Твои, кои пострадаа за Тебе. О, свети маченици Гуриј, Самон и Авив, помогнете ми, паднав во неочекувана опасност, зашто надевајќи се на вас, јас тргнав со овој Гот! Затоа вие одмаздете се за мене, и спасете ме од оваа неволја.

Додека таа така горко ридаше и тајно во срцето се молеше на Бога, влегоа во домот на Готот. Кога неговата жена ја виде Ефимија и нејзината убавина се вознемири од љубомора, зашто се посомнева дека нејзиниот маж има врска со неа, па го праша:

- Која е оваа девојка и од каде си ја довел?

Тој одговори:

- Таа е заробеничка. Ја доведов од Едеса да ти биде робинка.

Жената рече:

- Нејзината убавина не вели дека е робинка.

Мажот одговори:

- Иако во својата земја беше слободна, како што тоа го покажува нејзиното лице, сепак сега таа е твоја робинка.

Ефимија не смееше ништо да одговори, и ѝ се покоруваше на жената, служејќи ѝ како робинка. Не знаеше што да стори, за да се спаси од злото што ја снајде. Живееше таа како робинка, постојано имајќи ги на ум светите Маченици и со солзи повикувајќи кон нив:

- Побрзајте да ми помогнете, Светители! Побрзајте да ми покажете милост и обрнете внимание на срамот и измамата што ги доживеав.

Нејзината господарка ѝ беше љубоморна и затоа беше сурова и немилосрдна кон неа. Ја тераше да ги извршува најтешките работи и ја мачеше на разни начини. Но, најлошо беше тоа што никогаш не сакаше да зборува со неа. Ефимија не го знаеше готскиот јазик и не можеше да ѝ каже ништо за себе, а се плашеше и од Готот да не ја убие ако ѝ раскаже.

По извесно време жената забележа дека Ефимија е бремена. Тоа уште повеќе ја зголеми нејзината љубомора и својот бес започна да го истура врз неа. Ја тераше да ги врши најтешките и најнечисти работи, за така да ја усмрти. А кога дојде време, Ефимија роди машко дете, кое многу личеше на Готот, кој всушност и му беше татко. Кога го забележа тоа, жената многу се разгневи и започна да размислува како да го убие новороденчето. Таа постојано му зборуваше на мажот дека детето е негово иако одрекува.

Готот постојано ја одрекуваше вистината.

Тогаш оваа лоша жена намисли да го отруе детето. Подготви смртоносен отров, ја испрати Ефимија надвор по некоја работа и кога остана сама го истури отровот во устата на детето. Тоа веднаш умре. Кога се врати и го виде мртво, кутрата многу се натажи и срцето ѝ се кинеше од болка. Не знаеше од што умрело ненадејно, зашто немаше никој во собата освен нејзината господарка. Но, додека го подготвуваа за погребение, Ефимија забележа како од устата му тече отров и се сети дека еднаш господарката ѝ се заканувала дека ќе ги убие и неа и детето. Тогаш ѝ стана јасно кој е виновникот за неговата смрт, но мораше да молчи. Потоа зеде малку волна, го избриша отровот кој течеше од детската уста и таа волна ја сокри кај себе. Детето беше погребано.

По неколку дена Готот повика свои пријатели на вечера и Ефимија служеше околу трпезата. Кога дојде време да ја принесе чашата на госпоѓата, таа ја накваси волната во неа и ѝ ја принесе. Жената ја испи чашата и истата ноќ умре. Така падна во јамата што сама ја ископа. Кога утредента Готот стана и ја виде својата жена мртва, ужас го обзеде и целиот дом се исполни со плач. Се собраа роднините, пријателите и соседите и плачеа за неа. Потоа ја положија во свечен мртовечки сандак и свечено ја погребаа.

По седум дена роднините на покојната се сетија на Ефимија и започнаа да си зборуваат:

- Никој не е виновен за смртта на нашата роднина освен робинката од Едеса, која постојано беше непријателски расположена кон неа.

Така сите се кренаа против Ефимија и сакаа да ја дадат на суд кај царскиот намесник, но бидејќи во тоа време намесникот не беше дома, тие решија жива да ја закопаат покрај мртвата госпоѓа. Го отворија гробот, ја положија Ефимија до нејзиниот смрдлив леш, кој вриел од црви и се распаѓал, дотркалаа голем камен на гробот и поставија стража.

Кој ќе може да ги искаже тогашните маки на Ефимија, нејзиниот јад, нејзината исплашеност и трепет, нејзиниот страв и ужас, ридање и плач? Само претставете си ги стравот и ужасот и маките на жив човек, погребан во гроб покрај смрдлив леш. Стравот од мртовецот, смрдеата од лешот, темнината и теснотијата гробна, црвите отсекаде, живата смрт и неискажливото мачење. Наоѓајќи се во толку крајна притеснетост, Ефимија во својата тага повика од гробот кон Господа, како некогаш пророкот Јона од утробата на китот, и се молеше, говорејќи:

- Господи, Боже на Силите, Ти седиш на херувимите и ги надгледуваш бездните! Ти ја гледаш тагата на моето срце во овој смрдлив гроб. Ти знаеш дека заради името Твое бев дадена на овој свиреп човек, кој во името Твое се колнеше кога ме земаше. Затоа смилувај ми се, заради светото име Твое. Ти убиваш и оживуваш, носиш во пеколот и изведуваш. Спаси ме од горката смрт, извади ме од овој гроб како од пеколот, зашто Си силен и мртви да воскреснуваш, па попрво можеш од челуста на смртта да ме спасиш мене живата. Помилуј ме Владико, заради светите маченици Гуриј, Самон и Авив, чие што проливање на крвта за Тебе и смртта си ги примил како чиста жртва. О, свети Маченици, вас мојата мајка ве одреди за гарант на мојот непријател. Затоа сега спасете ме!

Додека таа така се молеше, ѝ се јавија тројца блескави мажи, кои блескаа како три сонца. Тоа беа светите маченици Гуриј, Самон и Авив. Во тој миг исчезна од гробот смрдеата и Ефимија почувствува прекрасен силен мирис, кој се лиеше од јавените свети Маченици. Тие ѝ рекоа:

- Биди храбра, ќерко, не плаши се, брзо ќе бидеш спасена!

Кога го рекоа тоа срцето на Ефимија се облажени од нивната пресветла појава и утешните зборови. Радосна, таа се занесе и заспа во сладок сон. За време на тој сон беше земена од гробот со невидливата и семоќна сила Божја и за еден час пренесена во Едеса, во црквата на светите маченици Гуриј, Самон и Авив, и положена крај нивниот чесен кивот. Беше ноќ кога таа беше пренесена и во црквата се служеше вообичаеното утринско богослужење. Кога се разбуди, таа повторно ги виде светите Маченици, кои ѝ рекоа:

- Радувај се, ќерко, и погледни каде си сега. Ете, ние го исполнивме ветеното. Оди си со мир кај својата мајка.

Откако го рекоа тоа, тие станаа невидливи.

Ефимија стана, разгледа наоколу, чудејќи се каде ли се наоѓа. Кога ги виде ѕидовите на црквата, иконите, свеќите и чесниот кивот на светите Маченици, и при тоа го слушна пеењето на клириците, таа се увери дека се наоѓа во Едеса, во црквата на своите гаранти. Тогаш се исполни со неискажлива радост и веселост и прегрнувајќи го со љубов кивотот на светите Маченици, со солзи Му благодареше на Бога и светителите Негови за укажаната милост. Таа говореше:

- Богот наш на небото и на земјата, сѐ што сакаше створи (Пс. 113,11), испрати кај мене од небото и ме спаси. Благословен си, Господи, Кој ги спасуваш оние што се надеваат во Тебе. Со вечерта доаѓа плачот, а со утрото радоста (Пс. 29, 6).

Кога таа со радосни солзи го зборуваше тоа, нејзините расплакани зборови ги слушна и презвитерот, па ѝ пријде и ја праша:

- Која си ти и зошто така плачеш?

Таа започна да му раскажува сѐ подробно: како мајката ја дала кај Готот пред кивотот на светите Маченици, што доживеала од тој кривоклетник, како вчера била жива закопана во гробот, како за време на молитвата ѝ се јавија светите Маченици и за еден час ја пренесоа од готската земја во нивната црква. Презвитерот се запрепасти, восхитувајќи се на големата сила Божја. Но сепак, не сакајќи потполно да верува на сѐ што таа зборуваше, ја праша:

- А која е твојата мајка?

И кога дозна дека вдовицата Софија е нејзина мајка, презвитерот веднаш испрати по неа да дојде во црквата. Мајката без да знае ништо, веднаш дојде. Кога ја виде својата ќерка како стои покрај чесниот кивот на светите Маченици, облечена во бедни закрпи, многу се запрепасти од така неочекуваната глетка, па ѝ притрча, ја прегрна и плачеше. Плачеше и Ефимија и од плачот не можеа ни збор да проговорат. Потоа мајката ја праша:

- Како се најде овде, ќерко моја слатка? Зошто си облечена во тие бедни закрпи?

Тогаш Ефимија ѝ раскажа сѐ подетално: како настрада во туѓата земја од расипаниот маж, како била жива закопана во гробот и чудесно спасена и пренесена од страна на јавените свети маченици Гуриј, Самон и Авив. Додека го слушаше сето тоа, мајкиното срце се топеше од жалост. И сите кои се затекнаа во храмот многу се восхитуваа и ја фалеа семоќната сила Божја и милоста. Мајката падна пред кивотот на светите Маченици и со силен глас Му благодареше на Бога и на светителите Негови. Целиот ден го поминаа тие во црквата, со љубов и срдечност прегрнувајќи го кивотот на светите Маченици. Доцна навечер мајката ја поведе својата ќерка дома, славејќи Го Бога.

Утредента гласот за ова чудо се пронесе по целиот град. Отсекаде се собираа луѓе и со страв се восхитуваа на раскажувањето на Ефимија. Сите го славеа името Господово, и ја величаа и славеа помошта на светите Маченици.

Софија со својата ќерка ги минуваше останатите денови од својот живот богоугодно, раскажувајќи им на сите за силата Божја, која што Бог милостиво ја јави врз нив. Ефимија говореше:

- Десницата Господова дава сила (Пс. 117, 16), десницата Господова ме пренесе од гробот во Едеса. Нема да умрам туку ќе бидам жива, и ќе ги раскажувам делата Господови (Пс. 117, 17).

А пак на кривоклетникот Бог му се одмазди на следниот начин.

По извесно време, оној ист незнабожен народ, кој порано војуваше со Грците, се здружи со Персијците и повторно ја нападна грчката земја и се обиде да го зазеде градот Едеса. Поради тоа грчките цареви повторно испратија војска да го брани. Со таа војска дојде и оној Гот, кој со лукавство и измама ја зеде од Софија ќерка ѝ Ефимија. Тој не знаел ништо за чудото што се случило, и мислел дека Ефимија е мртва, жива закопана во гробот со неговата мртва жена. Затоа спокојно отиде кај нејзината мајка Софија. А таа, кога го виде кај доаѓа, ја сокри Ефимија во собата и го прими како свој зет, преправајќи се како да се радува на неговото доаѓање. Потоа ги повика своите соседи и роднини и пред нив започна да го прашува:

- Како со Бога патувавте одовде? Не се разболе ли мојата ќерка попат, бидејќи беше бремена? Како се породи? Јас многу тагував за неа. Се плашев да не ѝ се случи нешто лошо.

Тој одговори:

- Заради твоите молитви, Бог ни помогна и патувавме без тешкотии. Твојата ќерка е здрава и роди синче. Таа многу те поздравува. И ако ненадејно не бев повикан на пат, и таа ќе дојдеше со мене заедно со детето, за да те израдува. Сепак, ќе дојде во погодно време.

Од овие зборови Софија многу се разгневи на лошиот човек, го раскина својот фустан и силно викна:

- Лажливецу! Препреденику и убиецу! Каде ја однесе мојата ќерка?

И ја извади Ефимија од собата пред него и го праша:

- Ја познаваш ли оваа девојка? Која е таа? Знаеш ли каде си ја закопал кривоклетнику, и си ја предал на смрт, беззаконику?

А тој, кога ја виде Ефимија се затресе и не можеше ни збор да изусти, како да е мртов. Тогаш сите го фатија, го затворија во собата и чуваа стража пред вратата. Мајката и ќерката повикаа писар, кој запишуваше сѐ што им се случило, без да пропуштат нешто од ова прекрасно чудо, па отидоа кај епископот на тој град, блажениот Евлогиј, и му го дадоа напишаното. При тоа го известија дека кај нив дошол тој зол и итар Гот. Епископот веднаш го свика клирот, отиде кај војводата и нареди пред војската да се прочита напишаното. Војводата се запрепасти, восхитувајќи се на преславното чудо. Сите присутни ги обзеде страв. Тој веднаш нареди да му го доведат Готот. Беа повикани и вдовицата Софија со ќерката Ефимија. Војводата нареди овој запис да се прочита пред сите. Потоа го праша дали е вистина а тој потврди дека е така. Тогаш војводата му рече:

- Беднику! Убиецу! Како не си се исплашил од Бога и страшниот суд Негов? Како не си се исплашил од заклетвата што си ја дал пред кивотот на светите Маченици, кои си ги сторил гаранти и сведоци на своите ветувања? Зошто не си се сожалил на девојката, која си ја прелестил со своето лукавство? Затоа сега прими ја заслужената казна.

И веднаш нареди да му ја отсечат главата, а телото да го спалат. Но, богољубивиот епископ срдечно го замоли да го помилува, за тој да ја прослави големината Божја. А војводата му одговори:

- Се плашам да помилувам човек, кој извршил толку големо злосторство, за да не ги разгневам светите Маченици, кои ги навреди овој кривоклетник.

И Готот беше обезглавен со наредба на војводата. На молба на епископот, телото не му беше спалено туку погребано. Таква одмазда доживеа овој беден човек. А Бог се прослави во светителите Свои. Нему и од нас грешните нека е слава, чест и поклонение, сега секогаш и низ сите векови. Амин.

ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ ПАЈСИЈ ВЕЛИЧКОВСКИ

Преподобниот Пајсиј (Величковски) се научил на духовното занимање на Света Гора, родината на Руското монаштво, лулката на аскетското просветување, кое што му недостасувало на старецот во руските манастири и молдавските скитови.

Но и Света Гора во тоа време минувала низ период на назадување. Посетувајќи ги монасите, преподобниот си барал духовен отец раководител, но не нашол таков и живеел во осаменост, минувајќи го животот во голема строгост.

Постепено околу него започнале да се собираат монаси, желни за строгиот аскетски живот. На совет од браќата, тој ја купил од светиот манастир „Пантократор“ старата ќелија „Свети пророк Илија“, и го возобновил истоимениот скит. Монасите изградиле таму црква, трпезарија, пекарница, страноприемница и шеснаесет ќелии - по тројца во ќелија. Славејќи Го Бога, тие со радост се префрлиле во новото прибежиште. Животот започнал да им тече непречено. Мнозина светогорски браќа и новодојденци, додека го гледале добродушниот живот на Пајсиевото братство, срдечно го молеле старецот да ги прими во своето стадо. Бил принуден да ги прими. За тие дојденци немало ќелии, но тие преградувале ќелијки до камениот ѕид до првите ќелии, за по двајца-тројца монаси. Сите се труделе заедно, а самиот старец преку денот изработувал лажици, а ноќе спиел не повеќе од три часа, бидејќи се занимавал со преведување на светоотечки книги од грчки на славјански јазик и со поправање на древни славјански текстови. Од еден од браќата, на име Макариј, тој го научил не само разговетниот новогрчки јазик туку и древниот книжевен (катаревуса). Освен скитското братство, мнозина светогорски монаси од други манастири биле духовни чеда на преподобниот. Дури и свјатјејшиот патријарх Серафим, кој живеел во светиот манастир „Пантократор“, често го посетувал за духовна беседа, при што ту доаѓал пешки ту пристигнувал на магаренце. Патријархот и постарите браќа од „Пантократор“ често го канеле старецот да служи Божествена Литургија.

Старец Пајсиј служел секогаш со длабоко смирение, стравопочитување и солзи. Неговото служење стварало такво умиление кај сите, што некои од преизобилни чувства и солзи не можеле да останат до крајот на службата и излегувале на кратко од храмот, за да се смират. Речиси сите плачеле. Плачел и старецот патријарх и со преисполнето срце говорел:

„Слава Му на Бога! Слава Му на Бога!“

Братството на преподобниот сѐ повеќе се зголемувало и скитот веќе станувал тесен. На совет од светогорските монаси преподобниот Пајсиј половината од браќата ги вселил во запустениот манастир Симоно-Петар, но турците го принудиле да замине од таму. Тие зеле од него пари, како помирување на долговите што ги имал манастирот. Сакале да земат уште и затоа старецот останал таму само три месеци. Тој настан бил причината која што го натерала заедно со учениците да ја напушти Света Гора и да премине во Молдо-Влахија, прво во Драгомирна, а по Руско-Турската војна, кога дел од Молдавската земја преминала кон Австрија, преминал во Намецкиот манастир.

Времето на живеење во Молдо-Влахија било периодот во кој старецот веќе јавно за сите се јавил со целото свое величие на старечкиот опит, и во кој што светлината на Намецката Лавра започнала да ја осветува цела Русија.

Околностите поради кои што се преселил во Молдавија, а не во Русија се лесно објасниви. Преподобниот многу ја сакал Русија и често се потпишувал „Полтавски“ (коренјак полтавец), но да се пресели во Русија за него би означувало да го погуби целото свое дело. Тогаш и во Рус било мрачно време, од Екатерина I до Екатерина II. Царувањето на Екатерина II било ознаменето со воведувањето на манастирските држави, кои што погубиле многу манастири. Биле затворени три четвртини од руските манастири. А Молдавија била слободна од слични опити за зголемување на средствата на државата на сметка на разорување и затворање на манастирите. И незгодите што требало да ги претрпи таму преподобниот Пајсиј не претставувале ништо во споредба со тоа што би ја очекувало Русија. Затоа мудро си одбрал место надвор од Русија. Треба да се одбележи и дека митрополитите Платон и Гавриил и другите најдобри ерарси од таа епоха, пројавувајќи љубов и внимание кон старецот, не го ни канеле во Русија.

Личноста на старецот имала силно влијание врз сите, па дури и самото негово присуство веќе воодушевувало кон подвизи. Бил преисполнет со благодатните дарови на Духот на премудроста и разумот, на совет и цврстина, на знаење и благочестие - Дух на Божји старец. Преисполнет со голема љубов кон ближниот, тој бил тивок и мирен, кроток, долготрпелив и незлобив како новороденче.

Неговиот смирен изглед сјаел со чистотата на целомудрието и лицето му блескало со одблесок на небесната слава. Пред неговиот очистен поглед се откривало и таинственото. Тој ја предвидел смртта на својот благодетел, војводата Григориј Гика. Често на сон гледал меч, кој виси непосредно до главата на војводата, кој наскоро бил егзекутиран од турскиот султан. Старецот со солзи молел двајца неодговорни монаси да го поправат својот живот, но тие не го послушале. И ете, едниот набрзо се удавил, а другиот починал за време на патување. Со неговата огнена молитва во тоа време се случувале многу чуда од Намецката икона на Божјата Мајка.

Целиот живот на старецот бил посветен во служба на монаштвото. Неговата заслуга се состои во тоа што со својот и со примерот на своето братство, тој го обновил древниот устав на монашкиот живот, врз кој што процветал тој и со чие што забранување паѓал сѐ пониско. Тој устав се Исусовата молитва и целиот чин на молитвениот подвиг, духовното, аскетското просветување, општожитието и старечкото раководство на почетниците со откривање на помислите. Врз тие основи било создадено од страна на отец Пајсиј и братството од неколку стотини души. Давајќи личен пример, тој го раководел тоа братство во текот на долги години и решил да воспита хор од подвижници, кои длабоко го усвоиле неговиот дух и по неговата смрт станале обновување на монаштвото во цела Русија.

Но, огромната заслуга на старецот не се исцрпува со тој подвиг. Тој носел и друг, подвигот на создавање на аскетска литература на руски јазик, односно на самиот извор на монашкото просветување. Навистина, и пред преподобниот Пајсиј имало преводи на аскетски дела на древните отци на монаштвото, но тие преводи веќе биле реткост. Освен тоа биле направени хаотично, и најважното - биле заборавени во практичниот живот.

Многу труд, сили, здравје, време и средства вложил во тоа преподобниот Пајсиј, откако за таа цел научил и старогрчки јазик. Времето поминато на Света Гора било време првенствено на собирање на ракописи, а животот во Молдавија било време на преводи и на примена на учењето на светите Отци во животот. Од преводите на старецот се составени и почетните книги на монахот: „Добротољубие“, „Лествица“, и „Поуки на преподобниот Исак Сирин“.

Со своите преводи и со применувањето на светоотечкото аскетско учење во животот, старецот го обновил руското монаштво.

Тој го носел подвигот на преведување на светоотечки книги, како и подвигот на лично раководство на животот на монасите дури до својот крај. Кога веќе изнемоштел од староста, се трудел, седејќи на постела, сиот затрупан со книги, и ноќе, на светлина од свеќа пишувал, пишувал и пишувал, без да обрне внимание на тоа дека телото му било покриено со отворени рани од постојано истата работна положба и од напреднатата возраст.

Неколку дена пред својата смрт сѐ уште препрочитувал и поправал преводи.

Како водач на монаштвото, преподобниот Пајсиј, кога бил во можност им служел и на мирјаните. Храмов празник на Намецката Лавра е Вознесение Господово. Од старо време на тој празник се собирале многу луѓе, не само од Молдавија и Влахија туку и од славјанските земји. И старецот пријателски ги примал сите богомолци, им се заблагодарувал за трудот вложен за да го посетат манастирот и укажувајќи им радосен прием и гостопримство, му служел на секого со сѐ што можел. Во тие четири дена, вратата од неговата ќелија била постојано отворена и дење и ноќе.

Старецот уште за време на животот уживал голема слава во православна Русија, како во високите слоеви на општеството така и меѓу обичниот народ. Санкт Петербургскиот митрополит Гавриил водел кореспонденција со него и го издал „Добротољубието“. Кога бил заедно со кнезот Потомкин во Јаш, Екатеринославскиот архиепископ Амвросиј, на Валахската митрополија, пристигнал специјално во Намецката Лавра на четири дена, и времето таму го поминал во беседи со старецот, кого што по службата во неговата обител го издигнал во чинот архимандрит (во 1790 г). Славата на старецот меѓу обичниот народ привлекувала стотици луѓе во неговиот манастир. Но, таа слава не само што не го возгордеала старецот туку уште повеќе го смирувала.

Откако го исполнил својот голем призив и стигнал до длабока старост, старец Пајсиј се приближил до својот крај, претходно боледувајќи четири дена. Починал на 15 ноември 1794 година.

Од духовните поуки на преподобниот Пајсиј (Величковски)

Живеј како секодневно да умираш. Твојот живот наскоро ќе помине како сенка од облак пред сонцето.

***

Во однос на луѓето не предавај се на тагата, не смутувај се, не бегај, но сметај се себе си за прашина под нивните нозе. Без тоа не можеш да се спасиш и да ги одбегнеш вечните маки.

***

Невозможно е да ја избавиме нашата душа од гибелта, ако го чуваме своето тело од непријатности.

***

Ако сакаш, душо моја, кога ќе преминеш по оној порано посочен претажен пат, да се спасиш, да влезеш во Небесното Царство, да добиеш вечен живот, истенчи го своето тело, вкуси доброволна горчина, понеси тешки страдања, како што вкусиле и претрпеле сите Светии.

***

Дојди мислено на гробот, погледни го таму починатиот пред четири дена покојник: како поцрнува тој, како се подува, испушта неподнослива смрдеа, бива изеден од црви, го загубил надворешниот изглед и убавина. Погледни на друго место - таму лежат во гробот коски на млади и стари, на благообразни и безобразни, и размисли: кој бил благообразен или безобразен, кој бил постник, воздржувач и подвижник или неодговорен, и дали на богатите им донело полза тоа што се одморале и се насладувале во овој свет?

***

Спомни си за бескрајните маки, за кои што зборуваат светите книги, за геенскиот оган, надворешната темнина, чкртањето со заби, адот на подземјето, незаспивливите црви. И претстави си како грешниците викаат таму со горчливи солзи и никој не ги спасува. Ридаат, се оплакуваат себе си и никој не ги сожалува. Длабоко воздивнуваат, но никој не сострада со нив. Молат за помош, се жалат од страдањето, но никој не им обрнува внимание.

***

Првата добродетел е верата, бидејќи со верата и планини се преместуваат и сѐ што ќе посакаат верните ќе добијат, - рекол Господ. Секој се утврдува во сите славни и чудни дела преку верата. Со наш избор верата или намалува или се зголемува.

Втората добродетел е нелицемерната љубов кон Бога и кон луѓето. Љубовта ги опфаќа и сврзува во едно сите добродетели. Само преку љубовта се исполнува целиот закон и се живее богоугоден живот. Љубовта се состои во тоа - да ја полагаш душата за непријателот свој и да не му го правиш на другиот она што не сакаш тебе да ти го прават.

Третата добродетел е постот.

Четвртата добродетел е воздржанието - мајката и обединувањето на сите добродетели. Ако го зауздаш својот стомак ќе влезеш во рајот, зашто воздржанието е убиство на гревот, оддалечување од страстите, почеток на духовниот живот и покров за вечни богатства, Обратно, презаситувањето го лишува човекот од духовните дарови, зашто ситоста на стомакот го влече кон сон, и ствара во него нечисти помисли и тој не може да врши бдение, ниту да се занимава со ракоделие, ниту пак да врши некое друго добро дело.

Петата добродетел е бдението. Бдението, придружено со расудувањето, го очистува умот од расеаноста на помислите, го прави лесен и го воведува во молитвата.

Шестата добродетел е Исусовата молитва. Таа е заедничко дело на човекот со ангелите. Преку таа молитва луѓето брзо се доближуваат до ангелскиот начин на живот. Молитвата е извор на секое добро дело и на добродетелите и го брка од човекот мракот на страстите.

Седмата добродетел е смирението и смиреномудрието. Срдечното смирение без труд го спасува стариот, болниот, кутриот, бедниот и необразованиот човек. Поради срдечното смирение се простуваат сите согрешенија. Тоа го вади човекот од длабоката гревовна бездна. Преку смиреномудрието се рушат сите непријателски мрежи и замисли. Тоа го вкоренува духовниот живот и чува од падови.

Осмата добродетел е безмолвието, односно оддалечувањето од секоја житејска грижа и смутеност или неодговорно молчание среде мноштво луѓе. Заузданиот и воздржливиот јазик ќе го воздржи и целото тело. Воздржаниот во однос на јазикот ќе го одбегне и секое зло, кое произлегува од него. Јазикот е незадржливо зло. Мнозина паднале од остриот меч, но не така, како од својот јазик, бидејќи јазикот е меч со две острици, невидливо убивајќи ги душата и телото на оние што постојано празнословат на суетни собири.

Деветата добродетел е тврдоглавоста во однос на работите, недостатокот на грижа за предметите и крајната сиромаштија.

Десетата добродетел е благоразумното расудување во сѐ. Зашто недостигот на расудување го доведува и доброто до зло и затоа е недобро.

Без тие десет добродетели е невозможно да се спасиме.

Светите Отци ги објаснувале во најразлични опширни беседи, а овде за нив е речено само накратко. Трите од тие добродетели: постот, односно благоразумното и постојано воздржание, непрестајното практикување во поучувањето од Божественото Писмо е благоразумно бдение, односно според совеста, силата и бодроста на секого, и разумната Исусова молитва, односно со внимание на умот во зборовите на молитвата и со внатрешно чување на срцето. Тие три добродетели се основните, треба да се извршуваат разумно, пред лицето на Бога и заради Него, без било какво лицемерие, човекоугодништво и славољубие. Во спротивно, оној што ја врши по ништо не се разликува од оној што не ја врши. Подобро е да ја оставиме добродетелта преку која што произволно одиме кон високоумие. Наградата се дава не толку за трудовите колку за смирението.

***

Пред секој гревопад бесовите ги носат кај човекот следните страсти: мрачна забава, жесток гнев, односно нечовечка и ѕверска злоба, и незнаење, како непросветена темнина. Тие три страсти му претходат на секој грев.

Човекот не ќе изврши ниту еден грев ако претходно не е предиспониран кон секое зло или преку заборавање, или преку гнев, или преку незнаење. Од нив се раѓа душевна нечувствителност, односно умот - душевното око - се помрачува и тогаш сите страсти го заробуваат.

***

Најнапред се раѓа маловерието. А маловерието го раѓа самољубието - почетокот и крајот, коренот и родоначалникот на секое зло. Тоа е бесмислена љубов кон сопственото тело, кога некој насекаде и во сѐ го избира тоа што е полезно само за него. Тој лош корен на страстите се искоренува преку љубовта, милосрдието и одрекувањето од своеволието. Самољубието ги раѓа немилосрдноста и среброљубието - ненаситна утроба, исто корен и причина на секое зло.

Од тие девет - самољубието и среброљубието на секое место ја ствараат секоја несреќа и тешките злосторства. Како кај мирјаните така и кај монасите, среброљубието раѓа гордост, преку која што бесовите отпаднале од светата слава и се симнати од небото.

Гордоста го раѓа славољубието, од кое што се прелестил Адам, кој посакал да стане Бог, и не станал, и со тоа донел страдање и проклетство на целиот човечки род.

Славољубието го раѓа сластољубието, преку кое што Адам паднал и бил истеран од рајот. Сластољубието го раѓа чревоугодието и најразличните блудни дела.

Блудството го раѓа гневот, кој ја гаси срдечната топлина и е погубен за секоја добродетел.

Гневот го раѓа злопамтењето - изладувањето на духовната топлина.

Злопамтењето раѓа мрачна и злобна хула против нашиот брат.

Хулата раѓа предвремена тага, која го разјадува човекот,

Тагата раѓа безумна наглост.

Наглоста го раѓа славољубието, кое ги вади на површина добродетелите и преку тоа ги остава трудовите без награда.

Славољубието го раѓа невоздржаното многусловење. Многуречието го раѓа празнословието, заробувањето.

Унинието раѓа мрачен сон.

Ако некој ги победи тие страсти, ќе му се покорат и останатите, како што се страшливоста, ужасот, зависта, омразата, лицемерието, ласкањето, роптањето, неверието, лихварството, пристрасноста, дотерувањето, малодушноста, жолчноста, самодовербата, властољубието, човекоугодништвото, дрскоста, смеата, целосното паѓање, неизразливата пропаст и гибел преку очајанието - состојба во која што човекот самиот се закоравува, не познавајќи го Божјото човекољубие и милост, дека Бог дошол на земјата за да ги спаси грешниците, и дека на земјата не постои грев, кој не може да се прости.

Од следниве седум страсти самољубието, среброљубието, гордоста со славољубието, злопамтењето, осудувањето, самодовербата, очајанието, се состои крајот на сите страсти.

Ако некој не се чува себе си од тие страсти и не ги отфрла, тој ќе ги погуби следните десет добродетели: верата, љубовта, постот, воздржанието, бдението, молитвата, смирението со смиреномудрието, безмолвието со молчаливоста, искреноста и расудувањето, а заедно со тоа ќе им наштети и на сите останати добродетели.

Ако некој поседува дури и само една од тие главни страсти, таквиот не ќе преуспее ни најмалку, макар и да се подвизува против другите страсти, да извршува некоја добродетел или пак дури и да ја пролее својата крв за Христа. И молитвата на таквиот Му е непријатна на Бога.

***

Секоја вечер треба да се испитуваме себе си како сме го поминале денот, и секое утро исто така треба да видиме како сме ја поминале ноќта.

И не само во одреденото, но и во секое време, на секое место и за секое нешто, треба да си даваме отчет и да расудуваме за добродетелите и страстите, во каква состојба на животот се наоѓаме, на почетокот, во средината или на крајот. Достојно за награда ли се трудиме и ги извршуваме добродетелите или само се трудиме, а не добиваме награда. Кога ќе согрешиме во нешто, да го надополниме недостигот на добродетели со солзи и плач.

***

Царскиот дом најпрвин треба да си исчисти од секоја нечистотија и да се украси со секоја убавина и дури потоа царот може да влезе во него. На ист начин најпрвин треба да ја исчистиме земјата на нашето срце и да ги искорениме трњето на гревовите - страсните дела, и да ја направиме ровка преку страдањата и тешкотиите, да го посееме во неа семето на добродетелите, да ја полееме со плач и солзи. И дури тогаш ќе израсне плодот на бестрастието и вечниот живот.

Зашто Светиот Дух нема да се всели, додека човек не се очисти од душевните и телесните страсти. Само еден може да живее внатре во човекот - или Светиот Дух или страстите. Таму каде што е Светиот Дух, таму страстите не се доближуваат, а каде што се страстите, таму не живее Светиот Дух туку лукавиот.

***

Смирението никогаш не паѓа, поради тоа што лежи најниско од сите. Исто така е потребно да ја смириме и нашата плот, која што ја измачуваме со подвизите на добродетелите и страдања без одмор – и телесните страсти ќе замолкнат.

***

Треба да го воздржуваме јазикот, како извор на секое зло и уништувач на доброто. Така сите душевни и телесни страсти ќе престанат и ќе се смират. Човекот ќе стане бестрастен и ќе започне да придобива вечен живот. А ѓаволот ќе биде победен, ќе стане бессилен, и сите негови оружја и ѕверови ќе се обессилат.

***

„Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!“ Стоиш ли, седиш ли, јадеш ли, патуваш ли, или што и да правиш, постојано кажувај ја оваа молитва, срдечно принудувај се на неа, зашто таа ги поразува невидливите непријатели, кои војуваат против нас. Запечати ја и во своите мисли. Не смутувај се да ја кажуваш тајно дури и во бањата. И кога јазикот и устата ти се изморат, тогаш моли се со умот.

Произнесувај ја Исусовата молитва на глас, тивко, така што само ти да ја слушаш. За време на молитвата не треба да талкаш со мислите по житејските работи, а треба без мрзливост да пребиваш во неа, зашто молитвата не е ништо друго освен отуѓување од видливиот и невидливиот свет. Каде што е телото, таму и умот треба да биде со нас и да нема никаква помисла за време на молитвата.

***

Ако некој целосно не Му се предаде на Бога и при неопходност и во секоја несреќа не вели: „Како што Му е угодно на Бога“ - не може да се спаси... Кога боледуваме, добиваме рани, и сме блиску до смртта и умираме, или имаме недостиг од неопходни нешта и немаме никого да нѐ помилува, и ако при тоа кажеме: „Бог нека постапи со нас како што сака“, - тогаш дури само со тоа ѓаволот, нашиот непријател, ќе биде посрамен и победен.

***

Оној што не го презира секој раскош и славата, и телесниот спокој, а со тоа и самооправдувањето во било што, не може да се спаси.

***

Во денешно време нема подобар пат кон спасението од овој: биди глув, нем, слеп, и нечувствителен кон сѐ житејско, оддалечувај се како безумен од луѓето и осамувај се, и сметај се себеси за неспособен за ништо, како јуродив заради Бога. Оној што сака, макар и неразумен пред Бога, да биде мудар и разумен во овој свет, нека им биде слуга на сите.

***

Кога си критикуван од некого, немој да се правдаш и да противречиш туку со смирение вели: „Прости ми, заради Господа“, а за останатото молчи.

***

Не барај од никого нешто, што не ти е неопходно. Навикни да зборуваш добро за секој човек, а себе понижувај се. Во тоа има големо смирение, кое ја извлекува душата од адот, отсекување на страстите и голема победа и оружје против ѓаволот. Господ Бог да нѐ поткрепи трпеливо да ги поднесуваме болестите.

***

Ако некој навикнал да бега или да се спасува од страдањата, или да оди од место во место, и кога ќе започнува да се подвизува, таквиот во сите дни од својот живот не ќе најде место и време за да добие полза.

***

Зарем е возможно човек да се храни обилно, да се предава на сон, лежење и постојано да се теши, и при тоа да добие спасение?

***

Неумерениот сон, мрзливоста, ненавременото земање на храна, стануваат причина за влегување на бесовите. Кога ќе дојдат, тие најнапред чукаат на срдечната врата, односно тајно, како крадци, внесуваат помисли и гледаат дали има стража, односно дали помислата ќе биде примена или не. Ако биде примена, тогаш започнуваат да ствараат страст, да поттикнуваат кон неа и да го грабаат духовното богатство.

***

Барај ја во себе причината за секоја страст, и штом ќе ја најдеш, вооружи се и искорени ја со страдалниот меч. Ако не ја искорениш, пак ќе пушти фиданки и ќе израсне. Без тоа средство не можеш да ги победиш страстите, да стигнеш до чистота и да се спасиш.

***

Ако во душата немаш умиление, тогаш знај дека имаш гордост или гнев против некого, или многу јадеш, пиеш, спиеш или си се предал на расеаност и грижи и тоа не ѝ дозволува на душата да дојде до умиление.

***

Ако некој долго време останува во мрзеливост или паднал во голем грев, или не се грижи за страста во која што се наоѓа, Светиот Дух си заминува од таквиот.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ЕЛПИДИЈ, МАРКЕЛ и ЕВСТОХИЈ

Блажениот Елпидиј за време на царувањето на Јулијан Отстапник бил сенатор. Изведен пред него на суд како христијанин и наговаран да се одрече од Христа, тој одби. Јулијан нареди да му облечат власеница начичкана со клинци и премачкана со врела смола. Потоа го тепаа по целото тело и клинците му се забија во телото. Блажениот јуначки ги поднесуваше маките и не се согласуваше да се одрече од Господа. Потоа го фрлија во јама и го полеваа со топла вода и телото му се покри со пликови и рани. За да му ги зголеми маките, бездушниот цар нареди да се направи смеса од врела смола, лој, вар и други запаливи материи, па со тоа му ги поливаа раните и во устата му истураа врела смола. Потоа со него и Евстохиј и Маркел ги врзаа за диви коњи и бикови, за да ги растргнат. Но, под дејство на силата Божја, дивите животни не се помрднаа од местото. Потоа со стапови страотно ги тепаа, така што сите коски им ги сокршија, па такви ги фрлија во оган, во кој блажените маченици ги предадоа своите души во рацете на живиот Бог.

Чесните тела на овие свети маченици беа погребани на гората Кармил. Но, веднаш настанаа грмотевици и молњи, и дојде таму Господ Христос со Ангелските Сили и им даде целив. Притоа Господ ги пренесе Евстохиј и Маркел на друго место, а чудесниот Елпидиј го воскресна и испрати на нови подвизи и повторно мачеништво. Гласот за неговите нови подвизи допре и до Јулијан, кој веднаш нареди да му го доведат. Кога го виде здрав, нареди да го растегнат меѓу четири столба и немилосрдно да го тепаат и стругаат со остри тестери. Го полеваа со оцет и сол и го стругаа со остри крпи. Потоа царот бездушник нареди, та го положија на жар и дури и главата му ја посипаа со жар. Кога и тоа го претрпе, го обесија на мачилишното дрво, му допреа до телото вжештен штит со отвор во средината и му ставаа вжештена пепел, за телото да му изгори. Згора на тоа и со чекан го удираа по главата. За време на тоа страшно мачење се случи прекрасно чудо: со своите молитви маченикот ги претвори во прав идолите што беа во близина. И откако со силата Божја остана неповреден, незнабошците, шест илјади на број, се обратија во верата Христова. По сето тоа свети Елпидиј беше фрлен во вжештена печка, каде што ја предаде својата света душа во рацете на својот Господ.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДИМИТРИЈ

Свети Димитриј беше од селото Доада (или Давудиј), близу градот Амапас во Тракија. Пострада за време на царувањето на Максимијан Галериј. Обвинет како христијанин, тој беше изведен на суд пред царскиот намесник Публиј. На сослушувањето смело Го исповедаше Христа како вистински Бог, им зборуваше на присутните за Духот Свети и ги учеше за овополотувањето на Господа Исуса Христа, за Неговата благост, човекољубивост и домостројот на спасението. Потоа ја изобличи душегубната лага на идолопоклонството, покажувајќи дека идолите се неми, глуви и слепи, како и оние што ги почитуваат. Со тоа многу го разбесни намесникот, кој нареди да му се отсече главата. Така се упокои, добивајќи од Господа небесен венец. Чесните мошти на свети Димитриј беа погребани од верните и богобојазливи луѓе, и им даваат исцеленија на сите кои прибегнуват кај нив.

ПРАЗНИК НА ИКОНАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „КУПЈАТИЦКА“

Оваа икона прво му се јавила на едно девојче на име Ана, во селото Купјатич, во Минската губернија, во 1182 година. Додека го чувала стадото, Ана забележала некаква светлина во шумата. Кога се доближила видела на дрвото крст со ликот на Пресвета Богородица. Ана го зела тој крст и го однела дома, и повторно се вратила кај стадото. Но, за нејзино големо чудо, повторно на истото место го видела истиот крст. Таа пак го зела, го ставила во пазувите и го однела дома. Кога сакала да му го покаже на својот татко, ја вовлекла раката во пазувите, но крстот го немало. Тогаш му раскажала сѐ на татка си, па отишла со него, го нашле крстот во шумата и го однеле дома. Утредента крстот повторно го немало. Тие го известиле целото село и сите селани отишле, та го виделе крстот на дрвото и му се поклониле. Набрзо луѓето тука изградиле црква. Многубројни чуда се пројавиле тука од овој чудесен крст со ликот на Богомајката. Таа икона сега се наоѓа во црквата Света Софија во Киев.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ КИНТИОН, (КИНТИЈАН) епископот

Бил епископ на Селевкија. Живеел и се упокоил во четвртиот век. Еден е од 318 Отци на Првиот Вселенски Собор. Се истакнал со својата ревност во борбата против Аријанската ерес. За својот подвижнички живот Бог му дал дар на чудотворство.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ЗАХАРИЈ

Бил фрлен во море заради Христа. Се празнува и на 21 октомври.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ЕВПСИХИЈ, НЕАРХ ни КАРТЕРИЈ

Овие тројца свети Маченици со нивната дружина се спомнуваат во Парискиот Кодекс 1578 и во Патмоскиот 266. Судејќи по сѐ, тоа се различни свети Маченици од оние што се празнуваат на 5 ноември под исти имиња, но без Неарх.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ФИЛИП РАБАНСКИ

Го основал манастирот Спасо - Преображенски на реката Рабанга, на 35 километри од градот Вологда. Се претставил во 1457 година.