1. Декември   (18. Ноември)

СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПЛАТОН

Братот на светиот маченик Антиох, свети Платон, беше од градот Анкира Галатиска, роден од христијански родители и побожно воспитан. Уште во млади години достигна совршенство во сите доблести. И како момче тој имаше зрел разум. Предвечниот Бог Христос Го проповедаше бестрашно меѓу безбожните идолопоклоници и ги учеше прелестените луѓе да ја познаат вистината и да се обратат кон Бога. Поради тоа беше фатен од неверниците и суден од обласниот управител Агрипин, во храмот на Зевс. Тој погледна во Платон и рече:

- Сиот свет ги почитува своите богови. А зошто ти, заблуден, се одвраќаш од нив?

Светителот одговори:

- Вие сте заблудени што го оставивте Бога, Кој ги створил и небото и земјата и сите нивни убавини, а се поклонувате на камења и гнили дрвја, дела на рацете човечки.

Агрипин рече:

- Твојата младост те прави дрзок и непристоен. Но, кажи ми како се викаш и од кој град си?

Светителот одговори:

- Христијанин сум.

. Управникот рече:

- Кажи ми го името дадено од родителите. Знам дека си христијанин.

А царот беше заповедал никој да не се дрзне да се нарече христијанин.

Светителот одговори:

- Водителите ме нарекоа Платон. Од утробата на мајка ми јас сум слуга Христов. Граѓанин сум на овој град. Сега заради верата стојам пред твојот неправеден суд и невин ја очекувам смртта, која за мојот Господ ревносно ја сакам. Прави што си наумил.

На тоа Агрипин рече:

- Не ти доликува да учиш за Распнатиот, па ни самото Негово име да го имаш во умот, зашто царската власт наредува да се предаваат на горка смрт оние што Го исповедаат, а оние што се одрекуваат од Него да се одликуваат со големи почести. Затоа те советувам да се покориш на царскиот закон, за да ја одбегнеш смртта.

Свети Платон одговори:

- Јас Му се поклонувам на мојот Цар, Бог, за Него и војувам, времената смрт со задоволство ја примам, за да станам наследник на вечното Царство.

Судијата на тоа рече:

- Размисли Платоне, што е подобро за тебе, да останеш жив или горко да умреш?

Платон одговори:

- Господ ќе промисли што е добро за мене.

Агрипин возврати:

- Зарем не ги знаеш царските закони? Како тогаш се осмелуваш да ги газиш, а и други да наведуваш на тоа?

Светителот одговори:

- Јас ги знам законите на мојот Бог и го правам тоа што го наредуваат Неговите свети и животворни заповеди. Тие наредуваат да ги отфрламе демонските жртви, и да Му служиме на единствениот вистински Бог. Затоа и јас Му служам Нему Единствениот, а вашите богови се ништовни. Мачи ме како што сакаш. Не е некоја новина да ги мачите христијаните и тие да страдаат за Христа.

Игемонот Агрипин, човек со ѕверски карактер, кога види дека е непокорен и се противи, веднаш нареди да го положат на земјата и одреди дванаесет војници наизменично да го тепаат. Долго го тепаа, така што војниците се изморија, но светиот страдалник не се измори, трпејќи и исповедајќи го името Господово.

Потоа игемонот, како божем да го сожалува, му рече:

- Платоне, пријателски те советувам, сврти се од смртта кон животот.

Маченикот одговори:

- Добро ме учиш. Та јас токму тоа го правам.

Агрипин налутено рече:

- Кажи ми, беднику, колку смрти има?

Светителот одговори:

- Има две, временска и вечна. Исто така има и два живота, краткотраен и вечен.

Игемонот на тоа тече:

-Остави ги своите басни и поклони им се на боговите, за да се спасиш од страшното мачење.

Светителот одговори:

- Ни оган, ни ќотек, ни јаросни ѕверови, ни кинење на телото нема да ме разделат од живиот Бог. Јас не го засакав сегашниот век туку мојот Христос, Кој за мене умрел и воскреснал.

Тогаш игемонот нареди да го одведат во темница. По него одеше народот, кој го гледаше неговото страдање како да е театарска претстава. Меѓу нив имаше и мноштво христијани. Кога наближија до темницата, непоколебливиот маченик му се обрати на народот да молчи и силно започна да зборува:

- Луѓе, кои ја сакате вистината, знајте дека го зедов на себе овој подвиг на страдање само заради Бога, Кој ги створил небото и земјата и сѐ што е во нив.

А вас, кои сте Христови, ве молам да не се збунувате поради тоа што се случува. „Многу неволји имаат праведниците, но од сите Бог ги избавува“ (Пс. 33, 20). Затоа сите заедно да прибегнеме кон тоа тивко пристаниште и кај Каменот, за Кој големиот Апостол вели: „а Каменот беше Христос“ (1 Кор. 10, 4). Да не малаксуваме во неволјите за верата Христова, според зборовите: „Страдањата на сегашното време не се ништо според славата која ќе ни се јави“ (Рим. 8, 18).

Откако го рече тоа влезе во темницата, ги преклони колената и се молеше на Бога:

- Господи Исусе Христе, Творецу и Промислителу за сите, Ти на Своите слуги им даваш трпение и победа. Дај ми и мене, смирениот и непотребен Твој слуга, до крај долично да претрпам за светото Име Твое, и испрати ангел Твој, кој ќе ме избавува од лошиот Агрипин, за сите да видат дека не се богови оние што човечка рака ги прави, туку дека си Ти единствен вистински Бог, долготрпелив и многумилостив и препрославен за навек. Амин.

По седум дена мачителот повторно седна да му суди во храмот на Зевс. Најпрвин нареди пред него разни орудија за мачење, за да го исплаши. Потоа започна да му зборува:

- Драги Платоне, кога ја гледам твојата младост и благородноста на твоите родители, и штедејќи ја убавината на твоето тело, пред повторно да започнам да те мачам, те советувам да вкусиш од жртвите на боговите наши и биди едно со нас, зашто добро знаеш дека секој што се спротивставил не останал жив, а пак покорниот не бил лишен од почестите и подароците, ветени од мене. Прекрасен Платоне, ако ме послушаш ќе ти ја дадам за жена ќерката единица на мојот брат со големо богатство, и ќе те наречам свој син.

Но, блажениот Платон со потсмев му рече:

- Беден и човекомрзен син на ѓаволот и слуго на сатаната! Да сакав да се врзам за животните сласти, и да сакав да имам жена, зарем не би нашол подобра од ќерката на твојот брат? Попрво би се оженил со робинка отколку со неа! Та зарем сега да ја земам, кога се соединувам со Христос?

Разјарениот мачител нареди гол да го положат на железен кревет и да запалат под него силен оган, на огнот да додаваат зејтин, восок и смола, и така да го печат. При тоа да го тепаат со тенок стап, за од тепањето и печењето уште повеќе да му се зголемат маките. Долго го мачеа така, при што Агрипин му рече:

- Беднику, смилувај се на себе! Ако не сакаш да им се поклониш на боговите, тогаш барем изговори ги зборовите: Голем е богот Аполон!, и јас веднаш ќе престанам да те мачам и ќе си заминеш дома.

Но, светителот одговори:

- Во никој случај нема да го поштедам своето тело, а душата да ја фрлам во огнениот пекол.

По три изминати часа во таквото мачење го симнаа од одарот, при што неговото тело беше целосно здраво, без никаква трага од рани и изгореници, како да излегол од бања. При тоа прекрасен мирис излегуваше од него, така што сите присутни се восхитуваа и говореа:

- Навистина е голем Богот христијански!

Игемонот му рече на светителот:

- Ако не сакаш да им принесеш жртва на нашите богови, барем одречи се од твојот Христос и ќе те ослободам.

На тоа светителот одговори:

- Безумнику! Безбожнику! Што зборуваш? Да се одречам од својот Спасител? Зарем сакаш да станам сличен на тебе, несреќнику? Зарем не ти е доволна твојата гибел, па сакаш да ги вовлечеш во неа и оние што се во редот на Христовите војници? Отстапи од мене, беззаконику! Јас верувам во мојот Бог, дека Он нема да ме остави и нема да дозволи да паднам во твојата гибел.

Тогаш Агрипин стана и започна лично да го мачи. Зеде вжештена железна тула и му ја стави под мишките и му ги изгоре ребрата. Потоа две многу вжештени стави на неговите гради, така што му излезе чад од ноздрите, зашто огнот досегнуваше до неговата внатрешност. Многумина мислеа дека веќе умрел. Но, по кратко време тој му рече на мачителот:

- Малку се овие мачења, крвопиецу!

Потоа ги крена очите кон небото и рече:

- Своите плеќи ги дадов на оние што ме тепаа и образите свои на оние што ме шамараа, а лицето свое не го засолнив од презир и плукање. Не оддалечувај се од мене, Господи, зашто неволјата е близу, да не речат безбожниците: каде е нивниот Бог. О, Исусе Христе, дај ми мене, слугата Твој, откако ќе го надвладеам ова мачење, смело да застанам пред страшниот суд Твој, по овој прекрасен подвиг. Зашто Твоја е власта на секое место и Тебе ти доликува слава, чест и моќ, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

А кога рече „амин“, храмот се затресе и сите се исплашија. Единствено тврдоглавците не сакаа да ја видат силата Божја.

Потоа мачителот нареди кожата да му ја исечат на каиши и така да ја одерат. Светителот откина еден таков каиш од себе и го фрли во лицето на Агрипин, говорејќи:

- Нечовечен и посвиреп од сите ѕверови, не сакајќи да Го познаеш Бога, Кој нѐ створил според ликот Свој, како не се сожалуваш на исто такво тело, во какво што самиот си облечен, туку уживаш да го гледаш кршењето на моите делови. Сепак, мачи ме уште полуто, за јасно да се видат и твојата нечовечност и моето трпение. Јас со радост трпам заради мојот Христос, за со благодатта Негова да најдам за себе покој во идниот век.

Агрипин на тоа возврати:

- Зошто си толку безумен, та не го жалиш своето тело и не се грижиш што и внатрешноста веќе ти излегува низ ребрата, туку пак не престануваш да хулиш на боговите и ме гневиш?

Потоа нареди да го обесат и неговото одрано тело да го тепаат, додека остатокот од месото не му отпадне од коските и му истече сета крв. А неговото свето лице толку му го одра со железни нокти, што ни трага не остана од човечкиот лик, туку само една гола коска. Но, светителот со слободен јазик го прекоруваше мачителот за бездушноста и ги проколнуваше идолите и идолопоклониците. Тогаш мачителот рече:

- Кога не би бил толку жесток и непокорен, би бил сличен на премудриот Платон, царот на философите, кој напиша божествени учења.

На тоа светителот одговори:

- Иако имам исто име со него, немам исти сфаќања. Името не може да ги соедини оние што ги разделува верувањето. Затоа, ниту јас сум сличен на Платон ниту пак тој на мене, освен по името. Јас јја учам философијата Христова, а тој е учител на философијата, која е безумие пред Бога. Пишано е: „Ќе ја погубам мудроста на мудрите, и ќе го отфрлам разумот на разумните“ (Кор, 1, 19; сп. Ис. 29, 14). Учењето на Платон, кое ти го нарекуваш божествено, се лажни басни кои со вешти зборови ги расипуваат умовите на наивните.

Кога светителот престана да зборува, замолкна и Агрипин. Не знаеше што понатаму, па нареди да го одведат во темницата и на никого да не дозволат да го посети. Но, за да не умре, нареди секој ден да му даваат по малку леб и вода, не знаејќи бедникот дека „не живее човекот само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата Божја“; (Мт. 4, 4). Маченикот Христов не примаше ништо од рацете на идолопоклониците и помина без храна и вода осумнаесет дена, та така се исполнија врз него зборовите од Светото Писмо: „Праведникот од верата ќе биде жив“ (Авак. 2, 4). Светиот маченик се надеваше дека Оној Кој го прехрани пророкот Давид меѓу лавовите во јамата и него ќе го прехрани во темницата со непропадливата храна. Стражарите го убедуваа да јаде, за да не умре, па тие да бидат во неволја поради тоа, но блажениот им одговори:

- Не мислете браќа, дека ќе умрам затоа што не ја примам вашата храна. Вие се храните со леб, а јас се хранам со зборот Божји, кој останува за навек. Вие се ситите со месо, а јас се ситам со светите молитви. Вас ве весели виното, а мене ме весели Христос, вистинската лоза.

Откако игемонот Агрипин виде дека не може да го разубеди Платон и да го одврати од Христа, го осуди на посекување со меч. Беше изведен надвор од градот, каде измоли време за молитва, ги крена рацете кон небото и рече:

- Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што со Твоето свето име ме заштити мене, слугата Твој, од измамите вражји и ми даде благодат добро да го завршам подвигот, кој заради Тебе го зедов на себе. И сега Те молам, прими ја во мир мојата душа, зашто Си благословен за навек. Амин.

Потоа ја подаде својата глава и му рече на војникот:

- Пријателу, изврши го нареденото.

И веднаш беше посечен.

Така се борел светиот маченик Платон и умрел за Христа, за да живее и царува со Него за навек.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: РОМАН и детето ВАРУЛ

Светиот маченик Роман, родум од Палестина, беше ѓакон на Кесариската црква. За време на гонењето на христијаните од страна на незнабошците, тој живееше во Антиохија, проповедајќи го учењето и утврдувајќи ги верните, за да останат непоколебливи во исповедањето на верата Христова. А кога незнабожниот епарх Асклипијад сакаше да ја сруши тамошната христијанска црква до темел, свети Роман ги поттикна христијаните да се спротвстават и да не дозволат, говорејќи:

- Нам сега ни претстои борба за олтарите Божји. Непријателот Асклипијад сака да ни го одземе Бога, и ние треба да ги браниме олтарите Божји, макар да паднеме ранети на прагот на својот храм. Како и да заврши борбата, ние како христијани ќе бидеме победници. Ако не дозволиме да се сруши домот Божји, ќе ликуваме во Црквата на земјата. Ако паднеме убиени крај светиот олтар, ќе запееме победничка песна во Црквата на небото.

Така светиот ѓакон ги поттикнуваше до смрт да се борат во одбрана на светиот храм и да не му дозволат на епархот да влезе во храмот и да го сруши.

Во тоа време настапи еден незнабожечки празник и многу незнабошци со жените и децата се туркаа во незнабожечкиот храм. Тоаш свети Роман ревносно истапи меѓу нив и громогласно започна да ја изобличува нивната заблуда. Асклипијад влегуваше во храмот, па тој го застана и му рече:

- Во заблуда си, началнику, кога одиш кај идолите. Тие не се богови туку Христос е единствениот вистински Бог. Епархот веднаш нареди, та го фатија и многу го тепаа по устата. Потоа седна да му суди и го присилуваше да се одрече од Христа.

Кога увиде дека е непокорен, нареди да го мачат. Го обесија и со разни орудија го мачеа и со железни нокти го стругаа. Тој јуначки ги поднесуваше маките и Го исповедаше единствениот Бог, Творецот на сите, и го осудуваше епарховото безумие што не сака да ја познае вистината. Додека светиот маченик така страдаше и јуначки во маките Го проповедаше Христа, таму имаше многу незнабошци и христијани, кои го набљудуваа неговиот подвиг. Имаше таму и едно христијанско дете на име Варул. Маченикот погледна во него и му рече на мачителот:

- И ова мало дете е поразумно од тебе, иако си стар. Тоа го знае вистинскиот Бог, а ти не го знаеш. Епархот го повика дететето и го праша:

- Во кој бог веруваш ти?

Детето одговори:

- Верувам во Христос.

Епархот го праша:

- Што е подобро, да веруваш во еден Бог или во повеќе?

Детето одговори:

- Подобро е да веруваш во едниот Бог Исус Христос.

Епархот го праша:

- По што Христос е подобар од останатите богови?

Детето одговори:

- Христос е подобар со тоа што е вистински Бог и нѐ створил сите нас, а вашите богови се демони и не створиле никого.

И многу други работи зборуваше детето, како да беше мудар богослов. Духот Свети дејствуваше во него, вршеше слава на посрамување на незнабожниот епарх и сите идолопоклоници.

Мачителот и сите присутни се восхитуваа на неговата мудост и се чувствуваа многу посрамени што не беа во состојба да ги побијат неговите зборови. Затоа мачителот нареди безмилосно да го тепаат со стапови. По долгото тепање, Варул изнемоште и побара вода. Но, неговата мајка, која стоеше меѓу народот и радосно го набљудуваше неговото страдање, налутено му довикна и му нареди јуначки да трпи до крај. Кога мачителот нареди да го обезглават, мајката го зеде на раце и го понесе на местото на посекувањето. Го прегрнуваше, го бакнуваше и го бодреше да не се плаши кога ќе го види мечот над својата глава, велејќи:

- Не плаши се, сине мој! Не плаши се, слатко чедо мое! Не плаши се од смртта, зашто нема да умреш туку вечно ќе живееш. Штом ќе бидеш обезглавен, веднаш ќе отидеш кај Христос и ќе ја видиш славата Негова. Он ќе те прими со љубов и ќе живееш покрај Него во радост неискажлива, и ќе се насладуваш на блаженствата со светите Ангели Негови.

Така тешејќи го своето чедо, мајката го донесе до одреденото место и тоа беше посечено. Таа ја собра неговата крв во чист сад, го зеде телото, го изми со солзи радосници и слатко го бакнуваше и се радуваше што ја пролеа крвта за Христа, крвта која ја примило од неа. Чесно го погреба телото на своето синче.

По посекувањето на свети Варул, свети Роман беше осуден на спалување. Врзан и од сите страни опкружен со дрва, пред да биде запален огнот и го очекуваше последниот збор од судијата, тој силно викна кон мачителот:

- Каде е огнот? Зошто не го запалите? Запалете го! Опкружете ме со пламен од сите страни!

Кога огнот се разгоре ненадејно падна силен дожд и го згасна а свети Роман остана жив и неповреден. Потоа за неговите смели зборови, зашто ги исмеваше незнабошците, го осудуваше нивното безумие, ги проколнуваше нивните богови, а Го величаше едниот Бог Христос, мачителот нареди да му се отсече јазикот. Тој веднаш го исплази јазикот и му го отсекоа, но сепак не замолкна туку на натприроден начин зборуваше јасно како и порано, прославувајќи Го единствениот Бог. Потоа го фрлија во темница, во која остана долго време, со нозете забиени во клада. А кога му раскажаа на Максимијан дека маченикот и по отсекувањето на јазикот зборува добро, нареди да го задават. Војниците влегоа во темницата, му ставија јамка околу вратот и го задавија. Тоа се случи во 303 година.

Така светиот маченик Роман го заврши својот подвиг на страдање за Христос, во Чие Царство сега се прославува, славејќи ја Света Троица низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ЗАКХЕЈ и АЛФЕЈ

Во Кесарија Палестинска, пред прославата на дваесетгодишнината од царувањето на царевите, било објавувано вообичаено помилување на затвореници по темниците. Така се случи и за време на царувањето на Диоклецијан. При тоа обласниот управник ослободи дури и најголеми злосторници, а христијаните ги подложи на најстрашни мачења. Во тоа време беше фатен ѓаконот на Гадаринската црква Закхеј. Со тешки синџири на вратот, Закхеј беше изведен на суд пред областниот управник. Прашан за верата, тој бестрашно Го исповедаше Господа Христа. Поради тоа беше подложен на страотно и бездушно мачење. Го тепаа со стапови, му го кинеа телото, нозете му ги ставија во клада и го фрлија во темница. Остана во темницата четири дена и ноќи, јуначки поднесувајќи ги маките.

Во тоа време беше доведен на суд уште еден исповедник на верата Христова, свети Алфеј, родум од палестинскиот град Елевхеропол, човек од познато потекло и сродник на ѓаконот Закхеј. Почетокот на Диоклецијановото гонење го затекна Алфеј како чтец на Кесариската црква. Гонењето беше застрашувачко. Многу христијани, не можејќи да ги поднесат маките отпаѓаа од верата Христова и веќе беа подготвени да им принесат жртви на идолите. Тогаш свети Алфеј, полн со Духот Свети, ревносно отрча во толпата отпаднати од верата и ги одврати од принесувањето на идолските жртви. За тоа беше фатен, окован и во темница одведен. По неколку дена го подложија на мачење, како претходно неговиот сродник Закхеј. Го тепаа со стапови, му го кинеа телото, па го ставија во клада заедно со праведниот Закхеј. Така тие поминаа едно деноноќие. Но, бидејќи и понатаму не престануваа да Го исповедаат Христа Бога, и на двајцата им ги отсекоа главите, во 303 година.

Така се упокоија двајцата блажени маченици Алфеј и Закхеј и примија венци на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АНАСТАСИЈ ПАРАМИТИСКИ

Новиот Христов маченик Анастасиј беше родум од Парамитија Епирска. Еден ден тој тргна со својата сестра и други христијани во полето на жетва. Се случи во тоа време да наиде синот на месниот паша турчин, викан Муса, заедно со други агарјани. Кога тие безбожници ја видоа неговата сестра, која беше многу убава, ја нападнаа за да ја изнасилат. За да ја заштити, Анастасиј започна да се расправа со насилниците и ѝ овозможи да побегне и да се спаси.

Навредени и налутени на него и на другите христијани, кои му притрчаа на помош, агарјаните го наклеветија кај пашата дека ги нападнал и изразил желба да ја прими турската вера. Налутениот паша испрати војници и му го доведоа врзано невиното момче. Кога го виде млад, убав и храбар, пашата посака милум или силум да го прими исламот. Анастасиј одлучно и храбро одговори:

- Никогаш не сум рекол такво нешто. Христијанин сум се родил и како христијанин ќе умрам, со помошта на мојот Господ Христос.

За време на неговото сослушување беа присутни и неговите тужители, кои го повторија обвинението, но тој одлучно ја одби таа лага:

- Ниту сум го рекол тоа, ниту некогаш сум го помислил. За мојата вера сум подготвен да умрам. Сето тоа е лага и клевета. Христијанин се родив и како христијанин ќе умрам.

Тогаш пашата нареди да го тепаат и да го затворат во темница.

По неколку дена пашата беше посетен од еден негов пријател, кој го посоветува да се обиде со добро, а не насилно да го привлече Анастасиј кон исламот, зашто христијаните се многу упорни и тврдоглави. Пашата го послуша, го извади маченикот од затворот и му ветуваше богатства и слава. Неговиот пријател на тие ветувања додаде и дека тој има убава ќерка, па ќе му ја даде за жена, а со неа и многу подароци, само да стане муслиман. Но, Анастасиј повторно со одвратност ги одби сите нивни ветувања, така што повторно беше вратен во темницата.

Додека го гледаше сето тоа синот на пашата Муса, се замисли и започна да се прашува каква е таа христијанска вера, кога тие се во состојба за неа да ги жртвуваат сите земни богатства и уживања и да го претрпат секое страдање. Сакајќи да најде објаснување за тоа, тајно отиде во темницата кај Анастасиј. Бог ја виде неговата добра намера и направи едно чудо, за уште повеќе да ја разбуди неговата совест. Всушност, кога влезе во темницата и стражарот му отвори, виде две молњевито блескави момчиња покрај Анастасиј. Заслепен од таа светлина, тој падна на земјата во страв и трепет. Овие блескави момчиња на знакот на Анастасиј се оддалечија, а Муса му се доближи и го запраша кои се. Кога слушна дека биле ангели чувари, кои ги имаат сите христијани, праша дали и муслиманите имаат такви и зошто христијаните толку ги презираат богатствата на овој свет, без да се плашат дури и од смртта.

Маченикот му одговори:

- Ние христијаните имаме по еден таков ангел, кој нѐ чува додека сме во светот, а кога ќе умреме ја зема нашата душа и ја носи во рајот. А кај вас и кај останатите народи, целиот народ има само по еден таков. А причината да ги одбијам понудените богатства од страна на твојот татко е таа што сѐ земно е сенка и сон, а јас чезнеам за она што е вечно и небесно, и што Бог го подготвил за сите кои Го љубат.

Сето ова длабоко допре до срцето на Муса, така што тој, просветлен со Божјата благодат, падна пред нозете на Анастасиј, молејќи го да го стори христијанин. Маченикот му рече:

- Сега е невозможно тоа. Кога ќе дознае твојот татко ќе ги убие сите христијани. Ти верувај тајно во Господа Христа, моли Го да те удостои на светите тајни на просветлувањето, па Бог ќе се погрижи за тебе.

Тогаш маченикот го научи како да става на себе знак на чесниот крст и го отпушти со мир.

Безбожниот татко на богопросветлениот Муса го извади Анастасиј од темницата, и кога виде дека никакви ветувања не помагаат, нареди да го одведат надвор од градот и да му ја отсечат главата. Тоа беше сторено во близина на еден манастир. Неговите свети останки останаа на местото на погубувањето непогребани, зашто тиранинот со страшни закани им забрани на христијаните да му се доближат и да го погребаат. Многумина гледале како ноќе слегува од небото светлина над неговите свети мошти. Една ноќ маченикот му се јави на сон на пашата и со закани му нареди да го даде неговото тело на манастирот во близина. Исплашен, пашата ги извести монасите и тие дојдоа ноќе со свеќи и пеење на погребни песни и го погребаа телото во манастирот.

По маченичкиот крај на Анастасиј, синот на пашата Муса стана многу тажен и ја одбегнуваше секоја светска веселба. Тој се каеше и тајно се молеше на Бога да го удостои на Неговата благодат. Премудриот Бог му овозможи да ја оствари својата желба на следниот начин. Неговиот татко беше повикан во некое друго место на свадба кај својата сестра, но го испрати својот син Муса. Пред да тргне на пат, Муса некако успеа да отиде во манастирот каде што беше погребан Анастасиј, падна ничкум на неговиот гроб и со солзи се молеше сѐ до почетокот на службата. И одеднаш го фати лесен сон и тој го видел Анастасиј облечен во светла облека и слушнал како вели: „Не плаши се, брате, тргни на пат, и ќе го добиеш посакуваното“.

Утешен и израдуван, Муса отиде на свадбата, со само една мисла во главата.

Една ноќ после свадбата, во собата во која што спиел му се јавило на сон светло блескаво момче и му рекло: „Стани и појди со мене“.

Тој послушно станал и онака бос и необлечен излегол од куќата. По прилично долг пат стигнале двајцата кај еден извор, каде нашле некој пустиник. Тогаш повторно му се обратило она чудно момче, всушност ангелот чувар на неговата душа, и му рекло: „Следи го него, и тој ќе ти го даде саканото“.

Во тој момент ангелот станал невидлив, а Муса тргнал по пустиникот. Така двајцата стигнале на Пелопонез. Во Патрас старецот го качил на брод и го испратил кај православните христијани во Венеција, со препорака. Во Венеција го примија тамошните христијани со љубов, и се крсти и го доби името Димитриј. По некое време, кога слушна за светиот чудотворец Спиридон на Крф, новопросветениот Димитриј отиде да се поклони на неговите свети мошти, влезе во еден манастир, го прими монашкиот чин и го доби името Данил.

Во срцето на монахот Данил пламна оган за мачеништвото и желба да тргне по стапките на својот учител Анастасиј. Тоа беше причината да појде во Цариград, каде се удостои на видение за ослободувањето на христијаните од агарјанското ропство, кое што го запиша. Цариградските христијани го одвраќаа од мачеништвото, од страв тоа да не предизвика нивни општи прогони и гонења. Данил ги послуша и се врати „на Крф, но желбата за мачеништвото не го напушташе. Повторно отиде во Лакедомонија, со намера повторно да оди во Цариград. Таму се запозна со еден побожен христијанин, на кого му го раскажа својот живот. Тој христијанин ја виде во неговите раце и иконата што му ја поклони оној пустиник, кога го испраќаше за Венеција, а која христијаните ја беа посребриле. На истиот христијанин Данил му раскажа дека го има опширно опишано мачеништвото на свети Анастасиј, со сите прашања и одговори.

Постои и втор запис, во кој се вели дека монахот Данил се вратил од Цариград на Крф и тука се упокоил во Господа, откако претходно го изградил храмот на Пресвета Богородица, кој до денес се нарекува „Миртја“, во кој до денес се чуваат описот на мачеништвото на свети Анастасиј и видението на Данил, со неговата рака напишани“. Светиот новомаченик Анастасиј беше посечен на 18 ноември 1750 година, во слава на името Божјо и од љубов кон Господа Христа. По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе Боже наш, спаси нѐ и просвети нѐ. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ВАСИЛИЈ