2. Декември (19. Ноември)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРОРОК АВДИЈА
Светиот пророк Авдија беше од селото Витахарам од пределите Сихемски. Тој служеше на дворецот на царевите Израилски и беше домоуправител кај царот Ахав. Од својата младост беше многу богобојазлив. Кога сиот Израил отстапи од Бога и започна да му се поклонува на поганиот Ваал, тој тајно Му служеше на единствениот вистински Бог на претците свои, Кој го спаси Израилот од Египет и го преведе преку Црвеното Море како по суво. А кога беззаконата језавела ги убиваше пророците Господови, Авдија зеде сто пророци и ги сокри, по педесет во една пештера. Ги хранеше со леб и вода за време на гладот, кој настапи во деновите на пророкот Илија. Еднаш Ахав го повика Авдија и рече:
„Појди по земјата на изворите и на сите потоци, да најдеме трева за да ги зачуваме живи коњите и мулињата, да не ни загине добитокот“.
И ја поделија меѓу себе земјата, кој каде да оди. Ахав тргна по еден пат сам, а Авдија отиде по друг пат сам. Кога Авдија беше на патот го сретна пророк Илија. Тој го препозна, падна ничкум и рече:
„Ти ли си, господару мој Илија?“
А тој му рече:
„Јас сум. Оди и кажи му на господарот свој: Еве го Илија“.
А Авдија рече:
„Што сум згрешил, та слугата свој го предаваш во рацете на Ахав да ме убие? Во името на Господа, твојот Бог, нема народи, ни царства, каде што не испраќал господарот мој да те бараат. И кога му говореа дека те нема, тој ги заколна царствата и народите, со заклетва да потврдат дека не можеле да те најдат. А ти сега велиш: оди и кажи му на господарот свој: еве го Илија. А кога јас ќе заминам од тебе, Духот Господов ќе те однесе, а јас нема да знам каде. Ако го известам Ахав и тој дојде и не те најде, ќе ме убие, а слугата твој се бои од Господа уште од младоста своја. Не ли му е кажано на господарот мој што сторив кога Језавела ги убиваше пророците Господови? Како сокрив стотина пророци Господови, по педесет во една пештера, и ги хранев со леб и вода? А ти сега велиш: оди и кажи му на господарот свој: еве го Илија. Ќе ме убие“.
А Илија рече:
„Ти се колнам во живиот Господ над војските, пред Кого стојам, денес ќе му се јавам“.
Така отиде Авдија на средба со Ахав и го извести за свети пророк Илија. И Ахав отиде пред Илија. И кога Ахав го виде Илија, пророкот Божји го изобличи што наведува несреќи над Израилот со оставањето на заповедите Господови и пристапувајќи кај Ваал, при лажните богови. Потоа светиот пророк изврши големо чудо: пушти од небото оган над жртвата и вода, како што за тоа пишува во Книгите за царевите. Гледајќи го тоа, Авдија се радуваше на семоќната сила на Богот свој, и гореше од љубов кон него, и гореше од ревност за Него, и Му служеше посрдечно одејќи по заповедите Негови. Потоа, кога умре Ахав и на престолот стапи неговиот син Охозија, Авдија во тоа време ја извршуваше војничката служба. И тој, според сведоштвото на свети Доротеј и блажениот Јероним, беше од оние тројца педесетници, кои Охозија ги испраќаше кај пророкот Илија, од кои двајца оган ги спали, кој падна од небото според зборовите на пророкот, а третиот педесетник, кој беше Авдија, беше помилуван: зашто тој со смерност му пристапи на свети пророк Илија, клекна на колена пред него, и молејќи го, му рече:
„Човеку Божји, поштеди ја мојата душа и душите на овие педесетмина слуги твои“.
И го поштеди Илија, и стана и отиде со него кај царот „(4. Цар. 1, 9-15). Од тоа време Авдија ја напушти царската служба и појде по светиот пророк Илија, и доби дух на пророштво, како оној кој пророците Господови ги сочувал и прехранил и по пророкот одел. А кога умре, тој беше погребан со своите претци.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ: ВАРЛААМ и ЈОАСАФ Индиски
На истокот постои многу простана земја, наречена Индија, населена со многу народи, полна со најразлични богатства и плодови, а со своите граници се доближува до Персија. Таа земја беше некогаш просветена од свети апостол Тома, но потполно не го остави служењето на идолите, зашто многумина, закоравени во незнабоштвото, не го примија спасоносното учење и се држеа до демонската измама. Со текот на времето незнабоштвото израсна како трње и започна да го задушува доброто семе на Светата Вера, та во Индија има неспоредливо повеќе незнабошци отколку верни.
Во таа земја на престолот стапи еден цар, на име Авенир, голем и славен со силата и богатството, но многу беден со духот, зашто беше незнабожец и им служеше на демоните, а не на Бога. Жестоко ја гонеше Црквата Христова, особено учителите црковни, презвитерите и монасите. Некои од неговите дворјани поверуваа во Христа, ја видоа минливоста на овој свет, оставија сѐ и станаа монаси. Поради тоа царот многу се разбесни, многумина фати и уби, и нареди сите христијани да им се поклонуваат на идолите. Испрати тој и по сите свои потчинети земји писмена наредба на кнезовите и властелините, со мачења и најразлични убиства да ги погубуваат сите кои веруваат во Христа и одбиваат да им се поклонат на идолите. Поради тоа многу од верните се поколебаа. Оние што не беа во состојба да ги поднесат мачењата, отпаѓаа од верата. Други пак, сами се предаваа на мачење и цврсто страдаа за својот Господ, ги полагаа душите свои за Него. Меѓутоа мнозинството поради опасноста ја криеја својата вера и тајно Му служеа на Господа, исполнувајќи ги заповедите Негови. Други пак, особено монасите, бегаа во пустините и, криејќи се по горите и недостапните места, живееја во Бога.
Во тоа време на царот му се роди син, на кој му го дадоа името Јоасаф. Детенцето беше необично убаво, и таа необична телесна убавина како да ја предназначуваше неговата идна душевна убавина. Царот собра многу волшебници и ѕвездари, и ги распрашуваше што го очекува детенцето кога ќе порасне. По многу разгледување, тие му рекоа дека ќе биде поголем од сите цареви пред него. А пак еден од тие ѕвездари, најмудриот меѓу нив, не според движењето на ѕвездите туку како некогаш Валаам, според Божествено откровение, му рече на царот:
- Детенцето ќе порасне, не во твоето царство, туку во друго подобро и неспоредливо поголемо. Исто така мислам дека ќе ја прими христијанската вера што ти ја гониш. Се надевам дека ова мое пророштво нема да испадне лажно.
Кога слушна дека неговиот син ќе биде христијанин, царот многу се натажи и размислуваше што да стори за таквото пророштво да не се исполни. Тој смисли вака: изгради засебна прекрасна палата со мноштво светли простории, за таму да биде однегуван Јоасаф. А кога порасна со телото и разумот, му одреди воспитувачи и слуги, млади и убави. Им нареди да не дозволат никој однадвор да доаѓа кај принцот и да не се гледа со никој освен со нив. Покрај тоа им рече ништо жално или тажно од овој живот да не му зборуваат. Ни за смртта, ни за староста, ни за болести, ни за други слични неволји, кои би можеле да ја пореметат неговата веселост. Напротив, да му зборуваат само за убави и весели работи, за неговиот ум, постојано зафатен со наслади и задоволства, да може да размислува за иднината. Нареди тој и никој да не се осмели никогаш да го спомне името Христово пред него. Повеќе од сѐ, царот сакаше да го сокрие од принцот тоа име, од страв да не се исполни пророштвото за него. Кога се случувало некој од слугите на принцот да се разболи, царот наредувал таквиот веднаш да се отстрани од кај него и на негово место да дојде друг, млад и убав, за принцовите очи да не видат ништо тажно.
Кога царот дозна дека во неговата земја има уште неколку монаси, кои останале живи, зашто сметал дека веќе воопшто ги нема, страшно се разлути и веднаш испрати гласници по сите краишта и градови, да објават негова наредба: во рок од три дена во неговото царство да не остане повеќе ниту еден монах. Ако после тоа се најде некое монашко лице, да биде изгорено или со меч посечено, зашто според него, тие ги учат луѓето Распнатиот да го почитуваат како Бог.
И така, царскиот син безизлезно живееше во својата палата и како млад ја изучи сета индиска и египетска мудрост, и беше многу умен и разборит и со секое добро украсен. Но, тој често размислуваше зошто неговиот татко го чува затворен и за тоа праша еден свој воспитувач. Гледајќи дека е многу умен и добар, тој му раскажа сѐ подробно, и за тоа што беше претскажано за него, и дека неговиот татко ги гони христијаните, особено монасите, од кои многумина уби, а останатите ги протера од својата земја, зашто се плаши тој да не станеш христијанин. Принцот молчеше и размислуваше за сѐ што слушна.
Царот често го посетуваше синот, зашто многу го сакаше, Еден ден Јоасаф му рече на татка си:
- Би сакал, татко, од тебе да дознаам нешто за она поради што сум постојано тажен и нажален.
Таткото, болно трогнат од овие зборови, одговори:
- Кажи ми, чедо премило, каква жалост те мачи, и јас ќе се потрудам веднаш да ја претворам во радост.
Тогаш Јоасаф го праша:
- Зошто си ме затворил овде, и ме чуваш меѓу ѕидови и врати, и никој не може да ме види?
Таткото одговори:
- Не сакам, чедо, да видиш нешто што би можело да те ожалости и да ти ја одземе радоста, зашто сакам сиот живот да го поминеш во непрекинати задоволства, во секоја радост и веселие.
На тоа синот му рече на таткото:
- Добро знај, татко, дека овој затвор не ми причинува радост и веселост. Напротив, ми прави таква тага и жалост, така што ни самата храна и пијалок не ми се вкусни туку горчливи. Јас сакам да видам сѐ што има зад овие врати. Ако не сакаш да умрам од тага, дозволи ми да излезам и да одам каде што сакам, и да си ја насладувам душата со она што досега не го видов.
Царот се сневесели и замисли, дека ако му забрани да излегува ќе го фрли во уште поголема тага. Затоа му рече:
- Нека биде, чедо, како што сакаш.
И веднаш нареди да се доведат одбрани коњи, и да се подготви сѐ што му доликува на царското достоинство, и од тогаш не му бранеше на синот да оди каде што сака. При тоа им заповедаше на придружниците да не дозволат да сретне ништо грдо и тажно, туку да му го покажуваат само убавото и доброто, што ги весели очите и срцето. Уште нареди и насекаде патем да се приредуваат игри и пеење, а пред него да оди музика од секој вид, и да се даваат разни театарски претстави, за со тоа да се насладува духот на принцот.
Принцот често излегуваше со такви почести и радости, и еден ден, бидејќи неговите придружници нешто се беа занеле, тој виде двајца мажи, од кое едниот беше губав а другиот слеп. Тој ги праша придружниците:
- Кои се овие? Зошто се такви?
Не можејќи да ја затајат човечката немоќ, тие му рекоа:
- Тоа се страдања човечки, кои обично им доаѓаат на луѓето од гнилежната природа и од лошото устројство на нашето тело.
Принцот ги праша:
- Дали тоа се случува со сите луѓе?
Тие одговорија:
- Не со сите, туку со оние, чие што здравје ќе се поремети од злоупотребата на земните богатства.
Тогаш принцот праша:
- Ако тоа обично не се случува со сите луѓе, туку само со некои, тогаш знаат ли тие кого ќе го снајдат тие зла, или доаѓаат ненадејно и неочекувано?
Тие одговорија:
- Кој од луѓето би можел да ја знае иднината?
Принцот престана да прашува, но срцето го заболе од необичноста на тоа што го виде, и се промени во лицето. По неколу дена, кога повторно беше на прошетка, тој сретна изнемоштен старец, со збрчкано лице, раслабени нозе, подгрбавен, потполно сед, без заби, кој одвај зборуваше. Принцот се потресе, нареди да му го доведат старецот и ги праша:
- Кој е овој? Зошто е таков?
Придружниците му одговорија:
- Овој човек има многу години, и бидејќи силите постепено му се намалувале и телото ослабело, тој стигнал до таква старост и исцрпеност, каква што гледаш.
Младиот принц праша:
- А што ќе се случи со него, кога ќе поживее уште многу години?
Тие му одговорија:
- Ништо друго, освен што смртта ќе го земе.
Принцот праша:
- Дали тоа им претстои на сите луѓе или се случува само со некои?
Тие одговорија:
- Ако смртта не го снајде човекот во младоста, тогаш тој, после многу години, невозможно е да не стигне до ваква старост.
Принцот праша:
- А во кои години тоа го стигнува човекот? И ако смртта е неминовна за сите, без исклучок, тогаш не постои ли некакво средство таа да се одбегне и да не се падне во ваква неволја?
Му одговорија:
- На осумдесет или на сто години, луѓето доаѓаат до ваква старост и потоа умираат. Поинаку не може да биде, Смртта е природен долг на човекот, и нејзиното настапување е неизбежно.
На сѐ што виде и слушна, ова умно момче длабоко воздивна и рече:
- Ако е така, тогаш овој живот е тежок и полн со најразлични страдања. И како човекот може да не биде тажен, кога постојано се наоѓа во исчекување на смртта, чие што доаѓање не само што е неизбежно туку и неизвесно, како што рековте?
И се врати принцот во дворецот, и беше многу тажен, непрестајно размислувајќи за смртта и говорејќи си:
- Ако сите умираат, тогаш и јас ќе умрам. Па дури и не знам кога ќе умрам. А кога ќе умрам, кој ќе се сети на мене? Ќе помине многу време, и сѐ ќе падне во заборав... Не постои ли некој друг живот после смртта и друг свет?
И беше многу збунет од таквите мисли. Но, ништо не му рече на својот татко, туку само многу го распрашуваше својот гореспоменат воспитувач, познава ли тој некого, кој би можел да му го објасни сето тоа и да го утврди неговиот ум, кој изнемоштува во размислувањето.
Воспитувачот му рече:
- Јас порано ти реков дека оние мудри пустиници, кои постојано размислуваат за таквите работи, твојот татко едни од нив уби а други протера, и сега не познавам никого од нив во нашите краишта.
Младиот принц го обзеде голема тага, душата му се исполни со болка, и го минуваше животот во постојано страдање. Од таа причина сите сласти и убавини на овој свет во неговите очи беа нечистотија и гадост. А Бог, Кој сака сите да се спасат, и да дојдат до спознание на вистината, според Своето вообичаено човекољубие и милост, го упати ова момче на правиот пат на следниот начин.
Во тоа време имаше еден мудар и во доблестите совршен монах, на име Варлаам, по чин свештеник, кој живееше во пустината Сенаридска. Со Божествено откровение тој дозна сѐ за царевиот син Јоасаф. Раководен од тоа откровение, тој излезе од пустината, се преоблече како трговец, се качи на кораб и тргна во Индиското Царство. Кога стигна во градот каде што се наоѓаше дворецот на принцот, остана таму многу денови, собирајќи податоци за него и за неговите луѓе. Кога дозна дека неговиот воспитувач му е најблизок, се упати кај него и му рече:
- Господине мој, јас сум трговец. Допатував од далечна земја. Имам кај себе скапоцен камен, на кој никогаш и ништо не му било слично и кој на никого до сега не сум го покажал. Сега ти зборувам тебе за него, зашто гледам дека си паметен и разборит човек. Затоа те молам, одведи ме кај царевиот син и јас ќе му го дадам тој камен, чија што вредност никој не може да ја одреди, зашто неспоредливо ги надминува сите прекрасни и најскапоцени работи. Тој им дава на слепите вид, на глувите слух, на немите јазик, на болните здравје, истерува ѓаволи од луѓето, во сѐ ги опаметува безумните, и на оној што ќе го стекне му дарува сѐ што е добро и пожелно.
Воспитувачот рече:
- Гледам дека си стар, но ми се чини дека безмерно се фалиш. И јас сум имал и сум видел многу драгоцени камења, но камен со таква сила, за каква што зборуваш ти, не видов и не слушнав. Впрочем, покажи ми го, и ако е така, веднаш ќе те одведам кај принцот а тој ќе те удостои на почести и награди.
Варлаам на тоа рече:
- Добро рече дека не си видел и не си слушнал за таков камен никаде, но сепак верувај ми дека јас го имам. Не се фалам, ниту пак лажам во староста своја, туку вистината ја зборувам. Ти побара да го видиш. Еве што ќе ти речам: мојот скапоцен камен, покрај споменатото делување и чудотворење го има и својството да не може да го види оној што нема здрави очи и потполно чисто чедно тело. Ако некој осквернет ненадејно го види, тогаш ги губи видот и умот. А јас, како познавач на лекарската наука, гледам дека очите ти се нездрави, па се плашам да ти го покажам, за да не станеш виновник за своето слепило, Но, за царевиот син сум слушнал дека води чеден живот и има здрави и чисти очи, па затоа и сакам да му го покажам. А ти не биди неодговорен, за да не го лишиш својот господар од толку важното купување.
Воспитувачот му одговори:
- Ако е така немој да ми го покажуваш, зашто сум осквернет со многу нечистотии, и како што рече, имам нездрав вид. Ти верувам и ќе го известам господарот.
Отиде во дворецот, му раскажа сѐ на принцот, а тој, откако внимателно го сослуша, почувствува во срцето некоја радост и духовна веселост, и му нареди веднаш да го доведе тој трговец.
Варлаам влезе кај принцот, му се поклони, и го поздрави со мудри и пријатни зборови. Принцот му рече да седне. А кога воспитувачот се оддалечи, Јоасаф му рече на старецот:
- Покажи ми го скапоцениот камен, за кој што си му зборувал на мојот воспитувач толку големи и прекрасни работи.
Варлаам започна вака да му зборува:
- Сѐ што ти е речено за мене, принцу, е несомнена вистина. Не ми доликува да зборувам лаги пред твоето величество. Но јас, пред да ги познаам твоите мисли, не можам да ти откријам големи тајни, зашто мојот Владика рече:
„Излезе сејачот да сее. И кога сееше едни зрна паднаа покрај патот, и дојдоа птици и ги исколваа. А други паднаа на каменити места, каде што немаше многу земја, и откако изникнаа овенаа, зашто немаа влага. Трети паднаа во трње, и трњето ги задушија. Некои пак паднаа на добра земја, и дадоа род стократно“ (Мт. 13, 3-8). Значи, ако јас најдам во твоето срце добра плодоносна земја, нема да се колебам да го посеам во тебе Божественото семе и да ти откријам голема тајна. Ако пак таа земја биде каменита и полна со трње, или покрај пат, газена од минувачите, тогаш е подобро да не се става во неа спасоносното семе, за да не го разграбат птиците. Да се фрла бисерот, мене строго ми е забрането. Но, јас се надевам во тебе да најдам најдобра земја, за да го примиш семето на зборовите, да го видиш сескапоцениот бисер, да се просветиш со зраците на светлината и да донесеш стократен род. Заради тебе јас зедов на себе голем труд и поминав долг пат, да ти покажам што не си видел и да те научам на она што никогаш не си го чул.
Јоасаф му одговори:
- Јас, почитуван старче, сум обземен од неискажлива желба да чујам нови и добри зборови и во моето срце гори оган кон познание на некои важни и неопходни работи, и до денес не најдов човек, кој може да ми го разјасни она што го мачи мојот ум и да ме упати на правиот пат. Кога би нашол таков човек, тогаш неговите зборови не би ги предал ни на птиците ни на ѕверовите, ниту би се покажал камен и полн со трње, како што рече ти, туку со благодарност би ги примил и сочувал во своето срце. Ако знаеш такво нешто, не криј го од мене туку кажи ми, зашто слушнав дека си дошол од далеку. И веднаш почна да се радува мојата душа, и почнав да се надевам дека со твоја помош ќе го добијам саканото. Затоа веднаш те пуштив кај мене и со радост те примив, како познаник или врсник.
Тогаш Варлаам ја отвори својата уста, полна со благодатта на Светиот Дух, и започна да му зборува за единствениот Бог, Кој сѐ створил и за сѐ што се случило од почетокот на светот. За престапот Адамов и за истерувањето од рајот, за праотците и пророците, потоа за овоплотувањето на Синот Божји од Пречиста Дева, за доброволното страдање Негово, и за Воскресението; за Света Троица, за крштението и за сите тајни на Светата Вера. Варлаам беше многу мудар и искусен во Светото Писмо. Изложувајќи му го учењето во приказни и споредби, украсувајќи го словото со прекрасни раскази и изреки, тој како восок го растопи срцето на принцот, кој сѐ повнимателно и порадосно го слушаше. Најпосле принцот сфати дека тој скапоцен камен е Христос Господ, зашто заблеска светлина во неговата душа и ги отвори очите на умот негов, та тој поверува без никаков сомнеж, во сѐ што му зборуваше Варлаам. Тој стана од престолот, му пријде на премудриот старец, радосно го прегрна и рече:
- О, најдрагоцен меѓу луѓето! Мислам дека всушност тоа е скапоцениот камен, што ти во тајност го имаш и не го покажуваш на секој што сака да го види, туку само на достојните, во кои има здрави душевни чувства. Штом мојот слух ги прими твоите зборови, влезе слатка светлина во моето срце, и веднаш исчезна тешката покривка на тагата што долго време лежеше врз мојот ум. Затоа кажи ми, дали јас правилно расудувам за ова. А ако знаеш нешто подобро, кажи ми.
Тогаш Варлаам продолжи да му зборува за добрата и лошата смрт, за сеопштото воскресение, за вечниот живот, за наградата на праведниците и за маките на грешниците. Со тоа во неговото срце створи такво умиление и скрушеност, така што сиот беше во солзи и долго плачеше. Освен тоа Варлаам му зборуваше и за суетата и непостојаноста на овој свет, и за одрекувањето од него, и за монашкиот и пустински живот.
Сите негови зборови Јоасаф ги ставаше во срцето како скапоцени камења во ризница. Неговото битие се исполни со таква сладост, што толку го засака Варлаам и посака да не се разделува од него и постојано да го слуша неговото учење. Го распрашуваше тој и за пустинскиот живот, за храната и за облеката, говорејќи:
- Кажи ми, со што се храниш ти и оние што живеат со тебе во пустината? Од каде имате облека и каква е таа?
Варлаам одговори:
- Се храниме со овошјето од дрвјата и билките што растат во пустината. А ако некој од верните ни донесе малку леб, ние го примаме како испратено од Божјата Промисла. Нашата облека е од власеница и закрпи, една иста и зиме и лете. А оваа горна облека врз мене, ја зедов од еден христијанин мирјанин, за да не ме препознаат дека сум монах. Ако дојдев во својата облека, немаше да ме пуштат кај тебе.
Јоасаф го замоли старецот да му ја покаже обичната монашка облека. Варлаам ја соблече горната позајмена и Јоасаф виде страшна глетка. Телото на старецот беше цело исушено и поцрнето од горештината, кожата одвај се држи на коските, од бедрата до колената, телото опашано со некои партали од многу остри влакна, а и мантијата на плеќите беше слична на тоа. Восхитен од така тешкиот подвиг и запрепастен од огромното трпение на старецот, тој воздивна и заплака, и започна да го моли да го поведе со себе во пустината, за и тој така да живее. Но, Варлаам му рече:
- Не барај го тоа сега, за да не се разгневи царот и да се нафрли врз нашите браќа, туку прими крштение и остани овде, а јас ќе заминам сам. Кога Господ ќе сака, ќе дојдеш и ти кај мене. Верувам во Бога, дека во овој и во и дниот век, јас и ти заедно ќе живееме.
Ронејќи солзи, Јоасаф рече:
- Ако е таква волјата на Господа Бога, тогаш дај ми свето крштение, и земи од мене што повеќе злато, да однесеш кај своите браќа во пустината за храна и облека.
Варлаам на тоа рече:
- Богатите им даваат на бедните, а не бедните на богатите. Како ти сакаш да ни дадеш нам, кога самиот си беден? Та и најпоследниот меѓу нас е неспоредливо побогат од тебе. Се надевам дека и ти наскоро, според милоста Божја, ќе се збогатиш со таквото богатство. А кога ќе се збогатиш ќе станеш скржав и недарежлив.
Јоасаф не ги разбра овие зборови, па Варлаам му ги објасни вака:
- Оној кој заради Христа остава сѐ земно, се збогатува со небесното богатство; а најмалиот небесен дар е поскапоцен од сите богатства на овој свет.
При тоа додаде:
- Златото често станува виновник за гревот. Ние го отфрламе како змија од пазувите, а ти сакаш јас на моите браќа да им ја однесам змијата, која тие ја згазиле.
Го посоветува да се подготви за свето крштение, му заповеда да помине во пост и молитва многу денови, па замина и на осамено место се молеше за него на Бога. Утредента повторно дојде и долго му зборуваше за Господа. И така, многу денови по ред, старецот доаѓаше кај принцот и му го излагаше учењето на Пророците и Апостолите и светоотечките преданија. Дента кога требаше да го крсти, му изговори ваква поука:
- Ете, ти сакаш да го примиш печатот Христов, да се осветлиш со светлината на лицето Божјо и да станеш син Божји и храм на Светиот и Животворен Дух. Затоа верувај сега во Отецот и Синот и Светиот Дух, во Светата и Животодавна Троица, славена и во Три Ипостаси и во Едно Божество, делива по Ипостаси и ипостасните својства, но соединета со суштеството. Значи, верувај во Едниот Бог - Отецот нероден, и Едниот Господ наш Исус Христос, Светлина од Светлината, богот Вистински од Бога Вистинскиот, Родениот пред сите векови; зашто од Себлагиот Отец се роди Себлагиот Син, од неродената Светлина заблеска Светлината вечна, од Вистинскиот Живот произлезе Животворниот Извор, од самата Сила Очева се јави Силата Синова, која е Сјаење на славата и Логос Ипостасен, одискона во Оца и во самиот Бог, беспочетен и вечен, од Кој постана сѐ видливо и невидливо. И верувај во Едниот Дух Свети Кој од Отецот исходи, Бога совршениот, и животворниот, осветувачкиот, Кој има иста волја, семоќниот, сечесниот, Кој пребива во својата Ипостас. Значи, поклонувај се на Отецот и Синот и Светиот Дух, во Три Ипостаси со разни својства, но во едно Божество. Зашто на овие Тројца заедничко им е Божеството, и имаат една природа, и едно суштество, и една слава, едно царство, една сила, една власт; заедничко на Синот и Светиот Дух е тоа што тие се од Отецот; својствено пак на Отецот е нероденоста, раѓањето на Синот, исходењето на Светиот Дух. Така верувај во тоа; но не обидувај се да го сфатиш начинот на раѓањето или исходењето, зашто тоа е несфатливо, туку со право срце, без никакво испитување примај: дека Отецот и Синот и Светиот Дух по сѐ се едно освен по нероденоста, раѓањето и исходењето; и дека Единородниот Син и Логос Божји и Бог, заради нашето спасение слезе на земјата, со благоволението на Отецот и содејството на Светиот Дух бессемено се зачна во утробата на Света Дева и Богородица Марија и нетлено се роди од Неа и стана совршен човек, бидејќи Он како што е совршен Бог така стана и совршен човек, од двете природи, односно Божеството и човечанството, и во двете природи разумни, доброволни и активни, и кои во сѐ имаат совршенство, според својството на секоја природа, кои ги содржат во себе и волјата и словото и власта, според Божеството значи, и според човечанството во едната Ипостас, и сето тоа го примај без да испитуваш со умот, и не обидувај се да го дознаеш начинот на кој сето тоа се случило: како Синот Божји се смали Себе и стана човек од девствената крв без семе и нетлено, или на кој начин настана соединувањето на двете природи во една Ипостас. Ние сме научени да го држиме со вера сето она што ни е предадено во Светото Писмо, но да ја разбереме и изразиме самата суштина не можеме. Верувај во Синот Божји, Кој од милосрдие станал човек и ги примил сите својства на човечката природа освен гревот: зашто Он и гладувал, и жеден бил, и спиел, и се изморувал, и тагувал со човечката природа и заради беззаконијата наши бил предаден на смрт, распнат и погребан, откако вкусил вистинска смрт, додека во тоа време Божеството Негово останало нестрадално и непроменливо. Оттука ние и ништо страдално не Ѝ припишуваме на Неговата бесмртна Божествена природа, туку исповедаме дека Он пострадал и бил погребан во човечката природа што ја примил на Себе, а со Божествената сила воскреснал од мртвите негнилежен и се искачил на небесата, и повторно ќе дојде со слава да им суди на живите и мртвите, и на секого да му даде според делата негови со права мера: зашто ќе воскреснат мртвите и ќе станат сите што се во гробовите. При тоа, оние што ги исполниле заповедите Христови и преминале во правата вера ќе наследат живот вечен, а оние кои се оскверниле со гревовите и отстапиле од правата вера ќе отидат во вечните маки. Не верувај дека постои некое беспочетно лошо суштество или царство на злото, и не замислувај дека тоа само од себе настанало и дека е самостојно или дека својот почеток го добило од Бога. Неразумно е да се мисли така. Всушност, злото влегло во нас под дејсто на ѓаволот, а преку нашето нестражарење над себе. Бидејќи поседуваме слободна волја, можеме по свој избор да го одбереме доброто или злото. Покрај тоа исповедај едно крштение од водата и Духот за отпуштање на гревовите. Примај причест со Пречистите Тајни Христови, со вера дека тоа навистина се Телото и Крвта на нашиот Бог Христос, кои Он им ги даде на верните за отпуштање на гревовите. Ноќта, во која беше предаден, Он јасно им остави завет на Своите свети ученици и апостоли, и на сите кои во иднина ќе веруваат во Него, велејќи:
„Земете, јадете, ова е телото Мое, кое за вас се прекршува за отпуштање на гревовите. Така ја зеде и чашата, им даде и рече: Пијте од неа сите, оваа е Мојата крв на новиот завет, која се пролива за вас и за мнозина за отпуштање на гревовите. Ова правете го во Мој спомен (Кор. 11, 23-24); Мт. 26, 26-28).
Така само Словото Божјо со делотворната и сетворечка сила Своја, делува и ги претвора преку Божествените свештени зборови и преку слегувањето на Светиот Дух предложените леб и вино во тело Негово и Крв и ги дава на осветување и просветување на оние што се причестувааат со вера. Поклонувај се исто така со вера и целивај ја чесната слика на Бога Словото, Кој се вочовечил заради нас, замислувајќи дека во таа слика Го гледаш самиот Творец: зашто „почитувањето што ѝ го укажуваме на сликата, вели свети Василиј Велики, преминува на Прволикот“. А прволикот е оној чие што лице се слика и тој е причина за сликата; така, додека го гледаме на иконата изобразениот лик, ние со духовните очи преминуваме на гледање на оној кого таа икона го изобразува; и побожно поколонувајќи ѝ се на иконата на Оној Кој го примил на себе телото наше, ние не ја обоготворуваме самата насликана икона туку ликот на Овоплотениот Бог, Кој се понижил Себе заради нас до обличје на слуга, желно и со љубов ја целиваме. Исто така целивај ја и иконата на Пречистата Мајка Негова и сите Светии. Поклонувај се со вера и на изобразението на Чесниот и Животворен Крст и целивај го заради Распнатиот на него со тело, за спасение на човечкиот род, Христа Бога и Спасител на светот, Кој нам ни го дал обличјето на крстот за победа над ѓаволот, зашто ѓаволот се плаши и трепери од силата на крстот. Ете во што треба да веруваш и со таква вера да го примиш светото крштение. Така држи ја верата без никакви измени и еретички додатоци, сѐ до последниот здив. А пак сите учења, спротивни на оваа беспрекорна вера, ти сметај ги за непријателски на Бога, зашто светиот Апостол вели: „Ако дури и ангел од небото ви благовести нешто поинаку од како што ние ви благовестевме, нека биде анатема!“ (Гал. 1, 8).
И навистина, нема друго Евангелие, нема друга вера, освен проповеданата од Апостолите и утврдената од богоносните Отци и предадени на Соборната Црква.
Откако го рече тоа и го научи царевиот син Јоасаф на Символот на верата, изложен на Никејскиот собор, Варлаам го крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух во водениот базен, кој се наоѓаше во градината. И слезе над него благодатта на Светиот Дух. Потоа во Јоасафовата ложница Варлаам отслужи света служба и го причести Јоасаф со Пречистите и Животворни тајни. И двајцата духовно се радуваа и Му принесуваа пофалба на Бога. Потоа Варлаам го научи принцот како треба да живее по крштевањето, му ги изложи сите доблести и замина.
Меѓутоа, Јоасафовите слуги и воспитувачи забележаа дека старецот често го посетува и се чудеа. Најстариот меѓу нив Зардан, кого царот поради неговата верност и предаденост го постави за надзорник на принцовиот дворец, еднаш му рече:
- Ти добро знаеш, господару, колку го почитувам твојот татко и колку сум му верен. Затоа и ме одреди да ти служам. Сега гледам како овој непознат човек често доаѓа и разговара со тебе, и се плашам да не е можеби од христијанската вера, која твојот татко многу ја мрази, па поради тоа би можел да бидам осуден на смрт. Затоа, или кажи му на царот за него, или престани воопшто да разговараш со него, или мене отпушти ме, за да не бидам одговорен.
Принцот одговори:
- Зардане, еве што најпрвин ќе сториме. Ти седи тајно зад завесата и слушај го неговиот разговор со мене, а потоа јас ќе ти кажам што треба да правиме.
И кога еднаш Варлаам дојде во дворецот, Јоасаф претходно го сокри Зардан зад завесата и му рече на старецот:
- Повтори ми го накратко твоето учење, за што посилно да се вкорени во моето срце.
И Варлаам многу му зборуваше за Бога, за побожноста, за идното блаженство и вечните маки. Откако долго така му благовестеше, стана, се помоли и си замина. Зардан излезе и принцот му рече, искушувајќи го:
- Слушна ли што сѐ ми изнараскажа овој лажлив старец? Се обидува да ме заведе со своето учење, да ме лиши од моите радости и уживања, и да ме приведе кон туѓ Бог.
Зардан одговори:
- Господару, немој да ме искушуваш. Добро знам дека зборовите на овој старец длабоко навлегле во твоето срце, и ние знаеме дака неговата проповед е вистинита. Но, откако твојот татко крена луто гонење против христијаните, нивната вера е осудена на пропаст. Сепак, ако таа му станала мила на твоето срце, и ако можеш да ги примиш врз себе нејзините тешкотии и страдања, тогаш нека се исполни твојата добра желба. Но, што да правам јас? Не сум во состојба да ги гледам таквите страдања и таквото тешко живеење. Стравот од царот ме убива и не знам што да му одговорам за доаѓањето на тој човек кај тебе.
На тоа принцот му рече:
- За твојата голема предаденост и верна служба на мене, јас не наоѓам подобра награда освен да се потрудам да ти откријам неискажливи богатства: познанието на Творецот твој и верата во Него. Се надевав дека кога ќе го чуеш вистинското учење, веднаш ќе го засакаш и ќе го следиш заедно со мене. Но гледам, ме измамила надежта, зашто срцето ти е закоравено и не сакаш да ја познаеш вистината. Сепак, исполни ми една желба. Немој да му кажеш ништо на мојот татко за извесно време, зашто нема да постигнеш ништо со тоа, освен што само ќе ми ги зголемиш болката и страдањата.
Наредниот ден Варлаам дојде кај принцот и му кажа дека сака да си замине.
Јоасаф, не можејќи да ја поднесе разделбата, тагуваше и горко плачеше. Старецот долго разговараше со него, зајакнувајќи го во верата и молејќи го да не плаче за него. При тоа му прорече дека двајцата наскоро ќе бидат заедно засекогаш. Тогаш Јоасаф, за да не му причинува тешкотии на старецот и од страв Зардан да не го извести царот за него, со солзи му рече:
- Оче мој и учителу добар, бидејќи сакаш да останам овде во суетниот свет, а ти да заминеш во својот духовен покој, не смеам повеќе да те задржувам. Оди, чуван со мирот Божји, и постојано спомнувај ме мене, јадниот, во своите молитви, за со текот на времето и јас да можам да дојдам кај тебе и постојано да го гледам твоето чесно лице. Стори ми љубов, остави ми ја овде својата искината и ветва мантија за сеќавање на твоето монашко живеење и учење и за одбрана од секое сатанско дејство.
Старецот му ја даде својата мантија, која Јоасаф ја ценеше повеќе од царската порфира. Потоа Варлаам застана на молитва и со умиление се молеше на Бога за него, предавајќи го на Божјата промисла и заштита. По молитвата му се обрати на принцот:
- Чедо на Небесниот Отец, мир на тебе и вечно спасение!
Потоа излезе од дворецот и замина радосен, благодарејќи Му на Бога што го насочи неговиот пат на добро.
По заминувањето на Варлаам, блажениот Јоасаф се оддаде на усрдна молитва и строг подвижнички живот. Зардан многу се нажали од тоа, па се преправи болен и си отиде дома. Кога царот дозна дека е болен, испрати кај него најискусен лекар да го излекува. Лекарот внимателно ја иследи неговата болест и на царот му рече:
- Јас во Зардан не можев да најдам никаква друга причина за болеста, освен некоја тага со која е ранета неговата душа и тој боледува.
Царот помисли дека можеби принцот нешто му се налутил, па тој се разболел од тага. Намисли лично да го посети и од него да ја дознае причината за болеста, Но, Зардан самиот поита кај царот, падна пред него и се обвинуваше себеси како заслужен за својата казна, зашто немарно го чувал принцот. Тој му раскажа на царот сѐ што се случило со Јоасаф.
- Еден лукав човек, му зборуваше тој на царот, волшебник и измамник, на име Варлаам, дојде од пустината и често разговара со твојот син за верата христијанска, и тој му поверува на неговото кажување. Сега принцот веќе целосно е Христов.
Царот се стресе од тага, па го обзеде неопислива јарост, и веднаш нареди да му го повикаат најглавниот велможа, на име Арахиј, мудар советник и искусен во пророкувањето според ѕвездите. Нему му раскажа сѐ по ред. Тешејќи го царот, Арахиј му рече:
- Не тагувај, царе, зашто сосем лесно можеме да го одвратиме принцот од христијанската вера, ако го добиеме Варлаам. Ако не го најдеме, јас познавам друг старец од нашата вера, кој се вика Нахор. Тој живее во пустината и се занимава со пророкување според ѕвездите. Кај него се учев и јас. По надворешност потполно личи на Варлаам, кој лично го познавам, зашто порано сум го сретнал. Ќе го повикаме Нахор од пустината, ќе му наредиме да се престори како Варлаам, па ќе расправаме со него за верата. Нахор ќе се направи како победен и ќе изјави дека христијанската вера е лажна. А твојот син, кога ќе го види тоа ќе се одрече од христијанството и ќе ни се врати.
Царот го прифати советот и малку се утеши. Така потпрен на празна надеж, итно го испрати самиот Арахиј со многу војници во потрага по Варлаам. По долг пат, најпосле стигна во пустината Санаридска. Тука помина низ многу беспатни места, гори и непроодни долови, и под една гора најде мала чета пустиници и ги фати. Меѓу нив имаше еден како старешина. Носеше вреќа од козина, полна со коски од порано преминати свети Отци, за постојано да го потсетуваат на смртта. Арахиј ги праша пустиниците:
- Каде се наоѓа измамникот што го прелага царевиот син?
Оној со вреќата одговори:
- Тој не е меѓу нас, ниту ќе биде. Бега од нас, гонет од силата Христова, а живее меѓу вас.
Арахиј праша:
- Го познаваш ли?
Пустиникот одговори:
- Го знам тој лажливец. Тој е ѓавол. Живее меѓу вас а вие му угодувате.
Арахиј рече:
- Јас те прашувам за Варлаам.
Пустиникот одговори:
- Ако прашуваш за Варлаам, тогаш треба вака да кажеш: каде е оној што го одврати царевиот син од измамата? Е, тој е наш брат, и сопственик на нашето монаштво, но еве веќе многу денови не сме го виделе.
Арахиј праша:
- А каде живее тој?
Пустиникот одговори:
- Ја знаеме неговата ќелија во пустината, но не можеме да ви кажеме каде се наоѓа.
Арахиј се разјари, па им се закануваше и со смрт, на што тие многу се израдуваа. Страотно ги изнатепа, ги подложи на лути мачења, барајќи од нив да кажат каде е Варлаам, но тие молчеа. Потоа пак внимателно го бараше Варлаам насекаде, но празен се врати кај царот, водејќи ги со себе споменатите пустиници, седумнаесет на број. Царот насилно ги приморуваше да кажат каде е Варлаам и да се одречат од Христа. Но, тие не само што не го послушаа туку и го прекорија за неговото безбожие. Тогаш тој нареди, та им ги отсекоа јазиците, им ги избодеа очите и им ги отсекоа рацете и нозете. Така се упокоија овие блескави страдалници.
По нивната смрт Арахиј со царска наредба ноќе отиде кај волхвот Нахор, кој во пустината со демоните живееше и се занимаваше со волшепства, му раскажа сѐ подробно и го умоли да се престори во Варлаам, па се врати кај царот. А утредента со одред војници повторно пушти глас дека оди да го бара Варлаам. Додека одеше низ пустината се појави Нахор од еден дол. Војниците побрзаа по него, го фатија и го доведоа пред Арахиј, кој божем не го препозна и го праша кој е. Нахор одговори дека е Варлаам, на што сите се израдуваа и го поведоа кај царот врзан. Но, насекаде се пронесе глас дека Варлаам е фатен, па Јоасаф падна во голема тага за него и горко плачеше. А Богот на секоја утеха со едно откровение го извести Јоасаф дека не е фатен Варлаам туку Нахор волхвот наместо него.
Царот најпрвин отиде во дворецот кај сина си и го советуваше час со благи час со лути и жестоки зборови, да ја остави христијанската вера и да им се врати на отечките богови. Но, не можеше со ништо да го одврати од љубовта Христова. На сите негови зборови Јоасаф му одговараше со голема мудрост, докажувајќи му ја ништовноста на незнабожечките богови, а прославувајќи го единствениот вистински Бог, Творецот на сѐ, и изјавувајќи ја својата подготвеност за овој Бог да оди на мачење и смрт, Природната љубов на царот спрема својот син не му дозволи да го мачи, при тоа и самата совест го изобличуваше, зашто ја слушна вистината од него, па му рече:
- Требаше, сине мој, во сѐ да се покориш на мојата родителска волја, но ти си груб и непокорен и упорно се противиш, вообразувајќи си дека си помудар од сите. Затоа, да го оставиме залудното препирање и да ѝ дадеме место на правдата. Еве, јас ќе подготвам голем собир, ќе ги свикам сите мудреци од целото наше царство, а ќе повикам и христијани. При тоа ќе им наредам на моите гласници насекаде громогласно да објавуваат, христијаните да не се плашат да дојдат, за заедничко да расудиме и разгледаме чијата вера е подобра. Во мои раце се наоѓа и Варлаам, кој те прелести, окован во синџири, зашто немав мир додека не го фатив. Него ќе го доведам на собирот, за тој со своите христијани да застане против нашите мудреци и да спори со нив за верата. Ако вие со Варлаам победите, тогаш ќе добиете што сакате. А ако бидете победени, ќе бидете должни во сѐ да им се покорувате на моите наредби.
Блажениот Јоасаф одговори:
- Нека биде волјата Господова, и нека биде како што ќе наредиш. Вистинскиот Бог нека ни помогне да не заталкаме од правиот пат.
Тогаш царот распрати на сите страни писмени наредби и гласници по сите градови и села, громко објавувајќи ја царската волја, сите идолослужители и христијани да се соберат на едно место, и при тоа христијаните да не се плашат да дојдат, заради решавање на прашањето за вистинската вера, по пат на расправи помеѓу христијаните на чело со Варлаам од една страна и незнабожечките жреци и волхвови од друга. При тоа царот ги повика сите најмудри персиски и халдејски жреци, волшебници и волхвови, кои се затекнале во неговата земја, за да ги надвладее христијаните. И се собраа кај царот многу идолопоклоници, мудри и злобни и препредени во лажни учители, кои, градејќи се како мудри, избезумеа (Рм.1, 22), А пак христијаните, од кои некои беа убиени од страна на неверниците, а други се беа разбегале по горите и пустините и се криеја, се собраа во многу мал број, и меѓу нив се најде само еден одличен познавач на Светото Писмо, по име Варахиј. Тој бестрашно му притекна на помош на божемниот Варлаам, без да знае дека всушност е Нахор волхвот.
Царот седна на висок престол, а му нареди и на синот да седне до него. Но принцот, од почит спрема татка си, не седна покрај него туку на подот до него. Тогаш дојдоа сите незнабожечки мудреци, а беше доведен и Нахор, божемниот Варлаам. Царот им се обрати на своите мудреци и философи и рече:
- Ете, вам ви претстои голем подвиг и од вас очекувам или во расправата да го победите Варлаам со неговите истомисленици, христијаните, и да се удостоите на големи почести од мене, или пак како победени, да доживеете срам, потсмев и лута казна, зашто сите безмилосно ќе ве погубам и телата ќе ви ги фрлам на ѕверовите, а децата ќе ви ги заробам во вечно ропство.
Кога го изговори тоа, принцот воскликна:
- Сега изрече праведен суд, царе! И јас нешто слично ќе му кажам на својот учител.
И му се обрати на Варлаам, односно Нахор, и рече:
- Добро знаеш Варлааме, во каква слава ме затекна. Но, со своите долги беседи ме придоби да отстапам од боговите и од законите на моите предци, да Му служам на непознат Бог и да се разлутам на мојот татко и господар. Затоа сега замисли дека стоиш на вага: ако победиш во расправата и докажеш дека твоето учење е вистинито, ќе се прославиш како проповедник на вистината а јас ќе му останам верен на твоето учење, служејќи му на Христа до последниот здив. Ако, пак, бидеш победен и ме посрамиш, со двете нозе ќе ти застанам на градите и со свои раце ќе ти ги искорнам јазикот и срцето и заедно со останатото тело ќе ги фрлам на кучињата, за сите, поучени од твојот пример, да не мамат царски деца.
Нахор страотно се преплаши, гледајќи се фатен во својата мрежа, и од страв од неизбежната смрт, одлучи да ја брани христијанската вера. И кога отпочна расправата Нахор проговори како во дамнина Варлаам, кој, испратен од царот Валак да го проколне Израил, наместо проклетство го благослови со многу благослови. Така и Нахор ја продолжи расправата од утрото до ноќта, зборувајќи како од Духот Свети. Зашто понекогаш благодатта Божја знае да дејствува и во нечистите садови, заради светата слава Своја. И Нахор толку мудро ја изобличи ништовноста и лажноста на незнабожечките богови и толку убедливо докажа дека христијанската вера е единствена вистинска, така што никој ниту збор не можеше да му противречи. За тоа препирање на Нахор со идолопоклоничките жреци опширно и прекрасно пишува свети Јован Дамаскин во својата повест за свети Варлаам и Јоасаф.
Така значи, сите незнабожечки мудреци, философи, жреци и волхвови, стоеја пред Нахор потресени и молчеа како неми, посрамени, така што не можеа ни збор да изговорат. Принцот се радуваше и Го славеше Господа, Кој како некогаш Савле, така сега и Нахор, од гонител го направи учител и проповедник на вистината. А пак царот и Арахиј, запрепастени од неочекуваната промена кај Нахор, многу се разгневија и посрамија. Царот сакаше да го мачи заедно со останатите христијани, но не можеше да го погази својот царски збор, бидејќи ги беше повикал христијаните слободно и без страв да дојдат на расправата. Затоа нареди собирот да се распушти и утре повторно божем да се соберат, за да продолжат.
На тоа принцот му рече:
- Царе, на почетокот ти изрече праведен суд, па така и на крајот држи се до правдата. Нареди мојот учител ноќта да ја помине кај мене, за заедно да размислиме што треба да зборуваме утре, а ти земи ги своите кај себе и стори го истото. Или пак, своите мудреци остави ги ноќва кај мене а ти земи го мојот учител кај себе, зашто ако и двете спротивставени страни останат кај тебе, тогаш мојот учител ќе биде тажен и исплашен, а твоите мудреци радосни и спокојни. Во таков случај тоа ќе биде насилство над потчинетите и кршење на ветувањето дадено на христијаните.
Царот, победен од мудрите зборови на својот син, ги поведе со себе своите жреци, а на сина си му го остави Нахор, сѐ уште имајќи во себе надеж дека тој ќе го исполни своето ветување, дека ќе го врати Јаосаф во идолопоклоничката вера. Принцот отиде во својот дворец со Нахор, радосен во Господа. Кога влегоа внатре му рече:
- Мислиш ли дека не знам дека си Нахор, а не Варлаам? Во секој случај добро стори, докажувајќи ја вистинитоста на христијанската вера. Затоа, верувај во Господа, за Чие што име денеска прекрасно се држеше.
Потресен од неговите зборови, Нахор се покаја за сите поранешни свои злодела и искрено сакајќи да Му пристапи на единствениот Бог, го молеше Јоасаф да му дозволи тајно да побегне во пустината, да им се придружи на пустиниците, кои се кријат таму, и да прими свето крштение. Јоасаф го поучи во верата и го отпушти со мир. Тој побегна во пустината, најде таму еден ереј со свет живот, прими од него свето крштение и започна да води живот во покајание.
Утредента царот, кога дозна што се случило со Нахор, падна во очајание што му се сруши надежта положена во него. Кога увиде дека сите мудреци конечно се победени, и дека се наоѓа во безизлезна состојба, многу се разгневи на нив, па ги предаде на страшни подбивања, а некои и на безмилосен ќотек. Потоа лицата им ги премачка со црнило и ги избрка од себе. Од тогаш повеќе не ги почитуваше жреците, ниту им принесуваше жртви на идолите, туку хулеше на нив. Во таква состојба, а истовремено и без да ја прими христијанската вера, тој беше во голема недоумица и многу растроен. Меѓутоа кај Јоасаф доаѓаа некои од незнабошците, се насладуваа на неговите спасоносни зборови и се обраќаа кон Христа. А жреците, како исмеани и отфрлени од царот, итно испратија пратеници кај еден знаменит волхв, на име Тевда, кој живееше во пустината со демоните, го известија за сѐ и многу го молеа да им притекне на помош. Тевда поведе со себе огромна демонска војска, смело отиде кај царот, кој лично го познавал и сакал, и со своите вешти и заводливи зборови повторно го привлече кон идолопоклонството и уреди со него голем празник на идолите односно демоните. Трудејќи се и блажениот Јоасаф да го одврати од Христа, тој лукаво го посоветува царот да ги оддалечи од него сите слуги, и да одреди убави жени и волшебни девојки да му служат. При тоа му рече дека лично ќе испрати кај принцот еден демон, кој ќе запали во него стадострастие и ќе го наведе на блуд. А кога принцот само еднаш ќе падне во гревот на блудот, тогаш сѐ ќе биде како што треба.
Царот го послуша лукавиот совет. Собра мноштво убави девојки и млади жени, ги облече во раскошни фустани, ги украси со злато и накити, и ги внесе во дворецот кај синот, а сите слуги ги отстрани од таму. Така во дворецот не остана ниту едно машко, и сите работи ги извршуваа само жени и девојки. Таму невидливо наидоа и зли духови, испратени од волхвот Тевда, и започнаа да му внесуваат лоши помисли за блуд и телесна страст. Беше блажениот Јоасаф на мака и големо искушение и борба. Особено кога една девојка, најубава од сите, поттикнувана не само од царот туку и од бесовите, ја фрли врз него мрежата на својата убавина. Таа беше ќерка на еден цар, земена во ропство и доведена од својата татковина, и предадена на царот Авенир како голем подарок. Потпирајќи се на нејзината необична убавина, таткото ја испрати кај синот за соблазна. Кога влезе во неа, демонот заводник ја научи на мудри зборови и заводливи разговори, а истовремено внесе во срцето на момчето и љубов кон неа, без никаква страст, трудејќи се постепено да го улови во својата мрежа. И навистина, Јоасаф ја засака поради нејзината мудрост и добрина; освен тоа тој чувствуваше и сожалување кон неа, затоа што е царска ќерка, а паднала во ропство и е лишена од својата татковина и високиот статус; тој размислуваше како да ја стори христијанка.
Со такви помисли, без да чувствува во себе некаква страст кон неа, тој започна разговор со неа:
- Познај Го, девојко, Бога Кој живее за навек, за да не загинеш во заблуда. Познај го Создателот, и ќе бидеш блажена кога ќе се заневестиш со Бесмртниот Младоженец.
И многу слични работи ѝ зборуваше тој, при што нечистиот дух ја научи да почне да го соблазнува и да ја влече кон падот невината душа. Девојката рече:
- Ако ти, господине мој, се грижиш за моето спасение и сакаш мојата душа да ја избавиш од идолопоклонската заблуда, тогаш исполни ми една молба, па јас веднаш ќе се одречам од своите отечки богови и ќе му пристапам на твојот Бог, ќе Му служам до последниот здив, и ти секако ќе добиеш награда за моето обраќање.
Светото момче ја праша:
- Во што се состои твојата молба, девојко?
А таа заводнички го гледаше и сладострасно му зборуваше:
- Ожени се со мене, па ќе ја исполнам секоја твоја наредба.
Принцот ѝ рече:
- Како се осмелуваш да ми се обраќаш со таква молба? Иако го сакам твоето спасение, јас нема да се осквернам!
А таа, трудејќи се да му го олесни патот кон гревот, рече:
- Зошто ти, господине мој, преполн со секоја мудрост, зборуваш такви работи, нарекувајќи го бракот осквернување? Јас ги знам христијанските книги, многу сум ги читала во мојата татковина, и многу пати сум разговарала со христијаните. Зар во вашите книги не стои напишано: „Бракот да го држите сите во чест, и постелата брачна да биде чиста“ (Евр.13, 4, 4); „Подобро е да се ожениш отколку да се возбудуваш“ (Кор. 7, 9). Зарем не го познаа бракот древните патријарси, пророци и праведници, како што за тоа сведочат вашите Писма? Зар Писмата не кажуваат дека Петар, кого вие го нарекувате врховен апостол, имал жена? Тогаш кој, господине мој, те научи бракот да го нарекуваш осквернување? Всушност, ти си отстапил од вистината на вашето учење.
Блажениот ѝ одговори:
- Иако во Светото Писмо се наоѓа сето тоа, и навистина за секого е слободно да стапи во брак, сепак се изземаат оние што Му ветиле на Христа дека ќе го чуваат своето девство. А јас, штом го примив светото крштение, дадов завет дека себе ќе се приведам кон Христа чист, во беспрекорно девство. Како ќе се осмелам да ја нарушам заклетвата дадена на Бога?
Заводничката на тоа му рече:
- Ако не ме земеш за жена, тогаш исполни ми барем една мала и ситна желба. Ако сакаш да ја спасиш мојата душа, помини ја со мене ноќва. Ако го сториш тоа, ти ветувам дека утре ќе ја примам христијанската вера. Тоа ќе ти биде не само за отпуштање на гревовите, заради твојата грижа за моето обраќање, туку и голема награда ќе добиеш од Бога: „Зашто голема радост настанува на небото за еден грешник кој се кае“ (Лука 15, 7), вели твоето Свето Писмо. А ако настапува радост на небото заради обраќањето на грешникот, тогаш нема ли да биде и голема наградата за оној што ќе го обрати грешникот и со тоа ќе предизвика радост меѓу ангелите? Нема сомнеж дека е така, зашто и началниците на вашата вера, Апостолите, многу нешта правеа според свое убедување, престапувајќи мала Божја заповед заради големите заповеди. Не го обреза ли апостол Павле Тимотеј (сп. Д.А. 16, 3), иако обрезанието не е задолжително за христијаните? Сепак, тој не се исплаши да постапи така, заради поголем успех во проповедањето на Евангелието. И многу слични работи ќе најдеш во своите книги. Затоа, ако навистина сакаш да ја спасиш мојата душа, исполни ја мојата мала желба.
Додека таа го зборуваше тоа, душата на блажениот Јоасаф започна да се колеба од разни помисли меѓу доброто и злото, цврстината на одлуката да се сочува девството започна да слабее, и волјата и разумот да омекнуваат. Сејачот на злото, ѓаволот, гледајќи го неговото срце расколебано се радуваше и воскликна кон своите другари:
- Гледајте, оваа девојка ќе успее да го стори тоа што ние не можевме. Да го нападнеме сега момчето и да ја исполниме желбата и наредбата на оној што нѐ испрати.
Нечистиот силно се нафрли со своите пси врз Христовиот војник, му ги смутија душевните сили, запалија во него нечиста љубов кон девојката и силна похота. Тогаш момчето се удри во градите, воздивна кон Бога од дното на срцето и итно прибегна кон молитвата, леејќи потоци од солзи и повикувајќи кон Оној Кој може да го спаси од бури и невремиња, и говореше:
- Во Тебе, Господи, се надевам; немој да ме оставиш под срам довека; не дозволувај да ми се насмеат непријателите (Пс. 30, 2; 24, 1), зашто се држам за Десницата Твоја; притекни ми на помош сега и според волјата Твоја исправи ги патеките мои, за да се прослави врз мене, слугата Твој, страшното и славно име Твое.
Долго така се молеше низ солзи и многу метанија, па се фрли на земјата и заспа.
Во сонот се видел себеси како го зеле некои непознати луѓе и тој минувал низ некои прекрасни места, па го довеле на едно големо поле, покриено со прекрасни и необични миризливи цвеќиња.
Тука видел и многу најразлични и прекрасни дрвја, полни со непознати и чудесни плодови, пријатни за гледање и вкусни за јадење. Лисјата од тие дрвја весело шумолеле од некој нежен развигор и тивко се лелееле, неприканато ширејќи од себе благомирис. Под дрвјата стоеле престоли од чисто злато и од други скапоцени камења, кои многу блескале; имало таму и златни постели, покриени со најразлични покривки со неискажлива убавина и сјај. По средината пак течеле води, чисти и прекрасни, мили за гледање. Споменатите необични мажи го воделе Јоасаф преку целото тоа поле и го внеле во градот, кој блескал со неискажлива светлина. Ѕидовите му биле од чисто злато и од скапоцени камења, какви што никој никогаш не видел, а столбовите и вратите од едноставни бисери... Но, кој би можел да ја искаже сета убавина и сјај на тој град? Светлината, која богато сјаела одозгора, ги исполнувала сите улици, и некои крилести и светлосни војници оделе по градот и пееле милозвични песни, какви што никогаш не чуло човечкото уво. И Јоасаф чул глас, кој говорел:
- Тоа е покојот на праведните! Тоа е веселбата за оние, кои за време на животот му угодија на Господа.
Тие мажи го извеле Јоасаф од градот, за да го вратат назад. Но, тој, сиот обземен од убавината и разновидноста на виденото, говорел:
- Ве молам, не лишувајте ме од оваа неискажлива радост, туку дозволете ми да живеам во кој било агол од овој град.
Тие му одговориле:
- Сега е невозможно да останеш овде. За многуте подвизи и напори во дадено време ти ќе дојдеш овде, ако се присилуваш и ги искористиш сите свои сили, зашто упорните го добиваат Царството Небесно (Мт. 1,12).
Тие повторно го пренеле преку тоа поле и го внеле во места темни, полни со секоја жалост и тага, и според сѐ спротивни на светлината и радоста, кои претходно ги видел. Таму темнината била непроѕирна и помрачено густа, и сѐ било полно со тага и немир. Таму горела огнена печка, и лазеле црви кои јадат човечки тела, и наоколу стоеле духови на одмаздата. Некои луѓе биле луто горени од огнот, и се слушал глас:
- Ова е местото за грешниците! Ова е местото за осквернетите со срамни дела!
Потоа водачите го извеле Јоасаф од таму, и тој се разбуди и си дојде на себе, но сиот трепереше и река од солзи му се лееше по лицето. Тогаш сета убавина на младата заводничка и останатите жени и девојки за него станаа посмрдливи од измет и гној. Сеќавајќи се на виденото, тој ту биваше обземен од желбата за светлиот град, ту опседнат од стравот на видените маки, и лежеше на постелата исцрпен и не можеше да стане.
Известен дека неговиот син е болен, царот веднаш дојде и започна да го распрашува за причината за неговата болест. Јоасаф му раскажа сѐ што виде во видението и додаде:
- Зошто си ја распнал мрежата на моите нозе, за да ме фатиш и душата да ми ја фрлиш во гибел? Ако Бог не ми помогнеше, мојата душа за кратко време ќе се најдеше во пеколот. Но, колку е добар Бог Израилев, Кој мене, ништовниот, ме избави од челуста на лавовите! Во збунетоста јас заспав. Но, од висините ме посети Бог, Спасителот мој, и ми покажа од колку богатства се лишуваат оние што Го гневат и какви маки си подготвуваат за себе... Оче, бидејќи си ги затнал своите уши и не сакаш да ме чуеш, иако ти зборувам за вистинското добро,тогаш барем сега немој да ми браниш да одам по правиот пат. Само една желба имам. Да оставам сѐ и да заминам онаму каде што живее угодникот Божји Варлам, и со него да го поминам остатокот од својот живот. Ако се обидеш насилно да ме задржиш, наскоро ќе ме видиш мртов од тага и жалост. Тогаш без мене повеќе нема да се нарекуваш татко.
Царот го обзеде страшна тага и си замина во својата палата ожалостен. Злите духови го оставија непобедливиот војник Христов, и се вратија посрамени кај Тевда, кој започна да ги прекорува, говорејќи:
- Зарем сте толку немоќни, бедници, та ни едно момче не можевте да победите?
А тие, приморани со силата Божја, неволно ја кажаа вистината:
- Не можеме да се спротивставиме на силата Христова. Не можеме дури ни да погледнеме во крстниот знак, со кој момчето се оградува себе си.
По некое време царот го поведе со себе Тевда и отиде кај принцот. Тевда разговараше со блаженото момче, бранејќи ги своите богови, но не можеше да го надговори оној, на кого му беше дадена уста и премудрост одозгора, премудрост на која никој не можеше да се спротивстави. Победен и посрамен, Тевда долго молчеше како нем. Најпосле одвај се прибра и му рече на царот:
- Нема сомнеж, царе, дека Духот Свети живее во твојот син. Ние навистина сме победени и немаме што да му одговориме... Навистина е голем Богот христијански, голема е нивната вера, големи се и тајните нивни!
И обраќајќи се кон принцот, праша:
- Кажи ми, осветена душо, дали Христос ќе ме прими мене, ако отстапам од лошите дела и се обратам кон Него?
Свети Јоасаф започна да му зборува за покајанието на грешниците и за милоста Божја, која брзо ги прима оние кои вистински се кајат. Трогнат до дното на срцето, Тевда веднаш отиде во својата пештера, ги запали сите свои книги за волхвувањето и волшепствата и појде по стапките на Нахор. Се удостои на свето крштение, и го минуваше животот во големо покајание.
Меѓутоа царот повеќе не знаеше што да прави со својот син. Тогаш Арахиј го посоветува да го раздели царството на две половини, па едната да ја даде на сина си. Тој му говореше:
- Царе, ако решиш да го мачиш, ќе станеш непријател на самата природа и ќе се наречеш не татко туку мачител на сопствениот син, а со тоа и синот ќе го погубиш и без пород ќе останеш, па и себеси ќе се симнеш. Ти преостанува само да го поделиш царството меѓу тебе и синот и да му наредиш тој да царува со својата половина. Зафатен со животните грижи, тој постепено ќе се навикне на таквиот живот и сѐ ќе биде како што треба, бидејќи вкоренетите навики во душата полесно се менуваат со љубов отколку со насилство. Ако тој дури и остане во христијанската вера, сепак донекаде ќе ти биде утеха во тагата и самиот факт дека не си без деца туку дека имаш син цар.
Царот постапи според неговиот совет. Го раздели царството на две половини, и над едната половина го постави за цар сина си. А Јоасаф, желен за пустиничкиот монашки живот, не ни помислуваше на царската власт, но расудуваше дека сето ова ќе биде за добро, па ја прими дадената половина од царството, стапи на престолот, и пред сѐ се погрижи да го искорени незнабожечкото многубожие и да ја рашири верата во единствениот вистински Бог. По целата своја земја ги сруши идолите и до темел ги разори нивните одвратни идолишта, а на нивно место изгради свети цркви и ја ширеше верата Христова. Кога слушнаа за тоа христијанските епископи, презвитери и монаси, кои се криеја, слегуваа од планините, излегуваа од пустините и се собираа кај него. Царот со радост ги примаше и заедно со нив се грижеше за спасението на човечките души. За кратко време тој ги просвети и крсти своите поданици, и постојано со солзи Му се молеше на Бога за обраќањето на својот татко.
И милосрдниот Бог не ја презре неговата срдечна молитва и солзите, туку со светлината на Својата благодат се допре до срцето на Авенир, та од неговиот ум падна дебелата завеса на темнината. Тој ја спозна ништовноста на лажните богови. Царот ги свика своите советници и им откри дека сака да ја прими верата на својот сии. Сите ја пофалија оваа намера, зашто по молитвите на Јоасаф сите нив ги посети Исток од висините (Лк. 1, 78). Царот веднаш со писмо го повика својот син, за од него да се поучи во верата и побожноста... О, со каква радост и веселие се исполни срцето Јоасафово кога виде дека неговиот татко се обраќа кон вистинскиот Бог! Доволно го поучи татка си во верата, како некогаш него преподобниот Варлаам, и го приведе кон светото кршение и самиот го прими од светата купел.
Дело, навистина ново и прекрасно. Синот стана отец на својот татко и посредник на духовниот препород на оној што по тело го родил. И не само царот Авенир туку и сите негови големци, и војници, и робови, со еден збор целата Индиска земја го прими светото кршение. И настана тогаш радост голема и на земјата и на небото. На земјата се радуваа верните заради обраќањето на неверните, а на небото се радуваа ангелите, не за еден туку за безброј покајни грешници.
Во четириесеттиот ден по претставувањето на царот Авенир, Јоасаф, вршејќи помен на својот татко, ги свика своите велможи, советници, воени старешини и сите важни носители на власта, и им ја објави тагата на своето срце, дека сака да го остави земното царство и сѐ световно, и да замине во пустината да монахува. Тоа ги ожалости и растажи сите. Сите плачеа и горко ридаа, зашто многу го сакаа заради неговата кротост, смирение и добротворство. На свое место за цар сакаше да им постави еден свој велможа, на име Варахиј, дамнешен христијанин, оној единствен што ја застапуваше страната на божемниот Варлаам, за време на расправата за верата со незнабожечките индиски мудреци. Јоасаф знаел дека Варахиј е многу цврст во верата и дека има голема љубов кон Христа. Но Варахиј се одрекуваше од царството, говорејќи:
- Сакај го, царе, ближниот свој како самиот себе си. Ако е добро да се царува, тогаш царувај лично. А ако е лошо, зошто мене ми го предаваш царството? Зошто ме натовараш со товарот од кој самиот бегаш?
Тогаш сите срдечно со солзи започнаа да го молат свети Јоасаф да не ги остава. Меѓутоа тој ноќе напиша грамота за сиот Сенат и сите власти, доверувајќи ги на Бога и наредувајќи им да не поставуваат никој друг за цар, освен Варахиј. Ја остави таа грамота во својата спална, па кришум излезе и побрза кон пустината. Утредента пукна глас за неговото заминување. Народот се вознемири и ожалости. Многумина плачеа и ридаа. Најпосле сите жители од престолнината тргнаа во потера по него, и го најдоа во еден пресушен поток како се моли, со кренати раце кон небото. Тие го опкружија и со големо ридање го молеа да се врати во својот дворец и да не ги напушта. Принуден, Јоасаф се врати. Но, наскоро потоа ги свика сите и им рече:
- Залудно се противите на волјата Господова и ме задржувате. Од сега ни ден повеќе нема да останам цар.
И врз Варахиј, без тој да сака, го стави својот царски венец, го постави на престолот, му ги даде потребните поуки како да царува, се прости со сите и излезе од дворецот и од градот, брзајќи кон пустината. А сиот народ, заедно со Варахиј и со сите власти, се убедија дека одлуката на Јоасаф е непроменлива и дека не можат да го задржат, па одеа по него плачејќи, и далеку го испраќаа. Тој ги молеше да не му пречат и да го остават сам. Некои го следеа и ридаа сѐ додека денот не ѝ отстапи место на ноќта и мракот не го сокри од нив саканиот господар.
Така Варахиј го прими скиптарот на Индиското царство, а Јоасаф сѐ отфрли како безвредно, само Христа да го добие. Првата ноќ од своето патување тој сврати во куќата на еден сиромав и му ја даде својата облека, па тргна во подвигот на пустинското живеење во груба власеница, која некогаш му ја беше дал Варлаам. При тоа со себе немаше ни леб, ни вода, ниту некаква храна. Сиот се беше предал на промислата Божја, и гореше од сесрдна љубов кон својот Господ. Кога стигна во пустината, ги подигна очите кон милиот Христос и воскликна:
- Нека очите мои повеќе не ги видат богатствата на овој свет, и нека срцето мое не се насладува повеќе на ништо друго освен на Тебе, надеж моја! Ти управувај со мојот пат, и води ме кон Твојот угодник Варлаам! Покажи ми го посредникот на моето спасение, да ме научи на пустинскиот живот, оној кој ме научи на познанието Твое, Господи!
Две години одеше Јоасаф низ пустината сам, барајќи го Варлаам. Се хранеше тој со трева и често гладуваше заради недостаток на трева, бидејќи земјата во таа пустина беше сува и неплодна. Покрај тоа тој доживеа многу напасти од ѓаволот. Го напаѓаше смутувајќи му го умот со разни помисли а понекогаш му се јавуваше црн и чкрташе со забите. Понекогаш пак налетуваше на него со меч да го посече а понекогаш го заплашуваше јавувајќи се во обличје на ѕверови, змии, аспиди... Но, храбриот и непобедлив војник Христов сите тие искушенија ги победуваше и бркаше со мечот на молитвата и оружјето на крстот.
Кога наврши втората година, Јоасаф најде во Сенаридската пустина една пештера, и во неа монах кој се спасува, молитвено тихувајќи во осаменост. Од тој монах дозна каде живее Варлаам. Тој радосно побрза по посочената патека. Кога стигна до Варлаамовата пештера, застана пред влезот и тропна на вратата, говорејќи:
- Благослови оче, благослови!
А Варлаам излезе и со вдахновение одозгора го препозна Јоасаф, иако било невозможно да го препознае според надворешниот изглед. Тој сиот беше поцрнет од горештината, обраснат во влакна, со суви образи и длабоко пропадната очи. Старецот, откако застана со лицето кон исток, Му принесе благодарна молитва на Господа. А по молитвата се прегрнаа со љубов и од радост си ги миеја лицата со своите топли солзи. Откако седнаа, започнаа разговор. Прв почна Варлаам:
- Добро си сторил што си дошол, чедо мило, чедо Божјо и наследнику на Небесното Царство! Нека Господ ти даде вечни богатства наместо времените и наместо пропадливите непропадливи! Но, те молам, мил мој, раскажи ми како дојде овде, што се случи со тебе по моето заминување? Дали твојот татко го позна Бога или сѐ уште се наоѓа во поранешната заблуда?
Блажениот Јоасаф му раскажа сѐ што се случи по заминувањето на Варлаам и што стори Господ со Својата семоќна помош. А старецот, откако го сослуша, многу се радуваше и восхитуваше, и најпосле рече:
- Ти благодарам, Христе Боже, што си благоволил семето на зборовите Твои, посеано од мене во душата на слугата Твој, така да израсне и плод да донесе.
При тоа падна ноќта и откако ги извршија вообичаените молитви, дури тогаш се сетија на храна. И Варлаам постави скапоцена трпеза, богата со душекорисен разговор, полн со духовни јадења, но оскудна во телесната храна, која се состоела само од сирово неварено зелје, малку урми и вода од блискиот извор. Поткрепени со таквата трпеза, тие Му заблагодарија на Бога, Кој ја отвора раката Своја и го нахранува секое живо суштество со Своето благоволение. Потоа ги извршија ноќните молитви, па повторно започнаа духовен разговор, сѐ до утрената.
Водејќи така прекрасен и рамноангелски живот, Јоасаф и Варлаам поминаа заедно многу години. Најпосле преподобниот Варлаам се приближи до својот крај, па го повика својот духовен син Јоасаф, кој со Евангелието го роди, и му рече:
- Чедо мое, одамна сакав да те видам пред својот крај. Еднаш, додека се молев за тебе ми се јави нашиот Господ Исус Христос и ми вети дека ќе те доведе кај мене. И ете, Господ веќе ја исполнил мојата желба. Те гледам тебе како си се одрекол од светот и сѐ световно и си се соединил со Христа. И бидејќи времето на моето заминување веќе дојде, ти покриј го моето тело со земја, предај ја правта на земјата, па остани на ова место и држи се до духовното живеење и сеќавај се на мене, смирениот.
Јоасаф горко ридаше поради разделбата. Старецот одвај успеа со своите духовни зборови малку да го утеши, па го испрати кај некои од браќата, кои живееја во таа иста пустина, да донесе сѐ што е потребно за отслужување на Божествена Литургија. Јоасаф веднаш појде, зеде сѐ што е потребно и брзо се врати, од страв неговиот духовен отец да не се упокои без него, па да биде лишен од неговиот последен благослов. Преподобниот Варлаам отслужи Божествена Литургија, па и двајцата се причестија со Светите Тајни. Потоа долго разговараше со својот ученик за душекорисни работи, па со умиление започна да се моли на Бога за себе и својот ученик. По долгата молитва тој татковски го прегрна Јоасаф, му даде последен целив и благослов, се прекрсти, легна, и лицето му стана светло и радосно, како да му дошле некои пријатели. Така замина кај Господа, откако помина во пустината седумдесет а поживеа сто години.
Со многу солзи Јоасаф го заливаше телото на својот духовен отец, целиот тој ден и цела ноќ пееше псалми над него. Кога самна ископа гроб близу пештерата, го закопа телото на својот свет старец, седна крај гробот и плачеше горко, сѐ додека не изнемоште од плачење и заспа. Во сонот видел тој необични луѓе, кои некогаш ги беше видел за време на она искушение со девојката. Тие дошле кај него, го повеле повторно низ она големо поле, кое и порано го виде и во блескавиот град. А кога влегувал на градската капија, го сретнале Ангели Божји, кои носеле два венци со неопислива убавина. Јоасаф прашал чии се тие блескави венци а ангелите му одговориле дека и двата се негови, затоа што спасил многу души и заради Бога го оставил земното царство и се посветил на монашкиот живот. Но, дека еден од нив треба да му дадат на неговиот татко, затоа што тој со негова помош го оставил патот на гибелта, од срце се покајал и се помирил со Господа. Јоасаф прашал како е возможно неговиот татко само поради едно покајание да добие награда иста како него, кој толку трудови поднел. Кога го рекол тоа го видел Варлаам, кој му рекол:
- Нели ти реков, Јоасафе, дека ќе станеш скржав и недарежлив, кога ќе се збогатиш? Зошто сега не сакаш наградата на твојот татко да биде еднаква со твојата? Не треба ли, напротив, да се радуваш што ти е услишана молитвата за него?
Јоасаф му одговорил на Варлаам онака како што имал обичај да му одговора за време на животот:
- Прости, оче, прости!
И го прашал каде сега живее тој, а Варлаам одговорил:
- Во овој прекрасен и голем град добив прекрасна палата.
Јоасаф започнал да го моли да го земе со себе во својата палата и со љубов да го прими како свој гостин, а Варлаам одговорил:
- За тебе, кој носиш телесен товар, сѐ уште не дошло времето да бидеш овде. Но, ако јуначки издржиш до крај во монашките подвизи, како што ти заповедав, тогаш брзо ќе дојдеш овде, и ќе се удостоиш на овој живот овде, на овдешната слава и овдешните радости, и вечно ќе бидеш со мене.
Јоасаф се разбуди со душа сѐ уште полна со видение на светлината и нескажаната слава. Многу воодушевен, тој Му принесе благодарна песна на Господа, славејќи Го. И остана до самиот свој крај на местото каде што заеднички се подвизуваше со преподобниот Варлаам, водејќи ангелски живот. Тој во својата дваесет и петта година го остави овоземното царство и влезе во испосничкиот подвиг. Помина во пустината триесет и пет години и се претстави кај Господа.
Еден свет пустиник, кој живеел недалеку, со откровение дознал за претставувањето на свети Јоасаф, дојде во самиот час на неговото претставување, со солзи на љубов го отпеа неговото чесно тело и го положи покрај моштите на преподобниот Варлаам, за телата на оние што беа неразделни со духот, да почиваат заедно. По погребението на тој пустиник му беше откриено од Бога со наредба, да оди во Индиското царство и да го извести царот Варахил за претставувањето на свети Јоасаф. Отецот пустиник постапи така. Известен за тоа, царот со многу луѓе тргна кон пустината, дојде во пештерата, го отвори гробот на преподобните и ги најде нивните мошти негнилежни, при што од нив излегуваше прекрасен благомирис. Царот ги зеде светите мошти на преподобните Варлаам и Јоасаф, чесно ги пренесе во својата татковина и ги положи во црквата, која свети Јоасаф ја беше изградил за време на својот живот, славејќи Го Бога во Троица, Кому и од нас нека е чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАРЛААМ
Светиот маченик Варлаам беше родум од Антиохија Сириска. На стари години беше фатен и изведен на суд пред незнабожечкиот кнез заради исповедањето на името Христово. Присилуван да им принесе жртва на идолите тој одби и затоа беше подложен на многу страшни мачења. Најпрвин бездушно го тепаа со воловски жили, па го стругаа со железни нокти. Потоа незнабошците го одведоа во идолскиот храм и таму, со наредба на мачителот, додека на жртвеникот горел оган, му ги испружија рацете над жртвеникот, му ставија жар на дланката и темјан врз жарта, од неподносливата болка да ги фрли пред идолите и така барем неволно да ги покади. Ако така направеше тие би му рекле: „Еве, ти веќе им принесе жртва на нашите богови“. Меѓутоа незнабошците не го доживеаја саканото. Маченикот Христов стоеше непоколеблив како столб, држејќи ја жарта на дланката. Се покажа посилен од железото и челикот. Ја држеше жарта со темјанот сѐ додека дланката не му изгоре и прстите не му паднаа на земјата, заедно со жарта. При сето тоа, тој не мрдна со раката и не фрли жар со темјан на жртвеникот пред идолите.
Истакнувајќи се така силен и непобедлив, храбриот страдалник и војник Христов свети Варлаам во блескавото исповедање на верата ја предаде својата душа на Господа.
Пострада во 304 година, во Кесарија Кападокиска.
СЛОВО НА СВЕТИ ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ ЗА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАРЛААМ
Секогаш, во дамнешни времиња, смртта на Светиите била почитувана со тага и солзи. Јосиф горко плачеше за умрениот Јаков, синовите Израилеви плачеа за Мојсеј триесет дена“, а кога умре Самуил сиот Израил горко плачеше за него. А сега ние се радуваме на смртта на Светиите. По Крстот Господов се промени природата на жалоста и тагата. Ние претставувањето на Светиите веќе не го пропратуваме со ридање, туку со помош на Божествени песни воодушевено ликуваме крај нивните гробови. Зашто смртта на праведниците е сон или поточно премин во добар живот. Затоа мачениците се радуваат кога ги убиваат. Желбата за преблажениот живот го умртвува во нив чувството за болка. Маченикот не гледа на опасноста туку на венците. Не се плаши од раните туку ги пресметува наградите. Не ги гледа мачителите, кои го убиваат овде на земјата, туку ги замислува Ангелите, кои радосно го поздравуваат од небото. Ги има во предвид вечните награди, а не минливите маки. И од нас мачениците веќе добиваат прекрасен залог на славата, зашто славени од сите со божествени песни, тие од гробовите враќаат и привлекуваат безброј затвореници.
Тоа токму сега се исполнува со јуначки храбриот Варлаам. Затруби воената маченикова труба и како што гледате, ги собра војниците на побожноста. Објавен е доверлив и дефанзивец Христов, и се воодушеви соборот на Црквата. И како што Господ рече за верниците: „Кој верува во Мене и да умре ќе живее“ (Јн. 11, 25), така јуначкиот Варлаам умре и свикува свечени собири. Проголтан од гробот, тој повикува на гозба.
Сега е време да воскликнеме: Каде е премудриот? Каде е книжникот? Каде е препирачот на овој век? (Кор. 1, 20). Денес нам прост човек ни предлага неоспорливо учење на побожноста. Него мачителот го фати како лесен и корисен лов, но подоцна во него препозна непобедлив борец. Нему мачителот му се смееше како на простак и глупак, но брзо се исплаши од него, кога го виде крепен од Ангелската сила. Душата на овој човек со простотата на речникот беше возвишена, и разумот без недостатоци. Тој беше како втор Павле, говорејќи со него: „Иако сум прост во проповедта, во знаењето не сум“ (2 Кор. 11, 6). Мачителите кои го тепаа малаксуваа а маченикот стануваше сѐ посилен. Рацете на стругачите малаксуваа, но умот на струганиот беше непоколеблив, јазлите на жили од ќотек попуштаа, но крепоста на верата стануваше сѐ посилна. Прободените ребра свенуваа, но мудрувањето на умот цветаше; поголемиот дел од телото беше умртвен, но маченикот беше бодар како сѐ уште да не го започнал подвигот. Кога љубовта кон верата ќе ја обзеде душата на човекот, тогаш сите видови на напади ѝ стануваат смешни, и сите што ја мачат заради саканиот предмет ѝ причинуваат уште повеќе радост отколку жалост. Сведок за тоа ни е љубовта на светите Апостоли, кои со радост примаа тепање од Евреите. Зашто е речено: „Апостолите ги натепаа и им се заканија да не зборуваат во името Исусово и ги отпуштија. А тие тогаш отидоа од собирот радосни што се удостоија да примат срамотење за името на Господа Исуса“ (Д. А. 5, 41).
Таков е и борецот, кого ние сега го прославуваме. Тој маките ги сметаше за радост, а раните за рози со кои го даруваа. Помрачувањето на верата го одбегнуваше како стрелите, а гневот на судијата го сметаше за сенка од чад; на свирепите чети од оружјеносци се потсмеваше; газеше на заплашувањата радосно како по цвеќе; на раните се радуваше како на високи одликувања; во најлутите маки се однесуваше како да прима најславни почести; на исуканите мечеви плукаше; рацете на мачителите ги чувствуваше како помеки од восок; дрвото за мачење го прегрна и го бакнуваше како дрво за спасение; на затворот во темницата му се радуваше како на зелена ливада; на најразличните мачења им се насладуваше како на најразлични цветови. Неговата десна рака беше посилна од огнот, кој неговите непријатели го употребија против него како последно средство. Кога го наложија на жртвеникот огнот за принесување на жртви на демоните, мачителите го поставија пред него маченикот и му наредија да ја држи десната рака испружена, со раширена дланка нагоре, употребувајќи ја како железна кадилница, со лукава намера ставајќи му во неа жар со темјан. Тие се надеваа дека раката, совладана од огнот, брзо ќе биде приморана запалениот темјан да го истресе на жртвеникот.
О, какви сѐ лукавства не употребија незнабошците! Бидејќи, зборуваа тие, безбројните мачења не ја поколебаа неговата волја, сега со огнот ќе ја поколебаме барем раката на упорниот борец; бидејќи со најразличните маки не ја потресовме неговата душа, тогаш барем неговата десница да ја потресеме со оган. Но, овие бедници и таа надеж ги предаде. Иако жарта му ја гореше раката, сепак таа продолжи да ја држи на себе како пепел; тој не отстапи пред бесниот оган, како што тоа го прават малодушните бегалци; напротив, раката стоеше неподвижно, јуначки борејќи се со пламенот и му даде на маченикот повод, јуначки да рече со пророкот: „Нека е благословен Господ, Карпата моја, Кој ги учи рацете мои за борба и прстите мои за војна“ (Пе. 143, 1). Зашто огнот се бореше со раката, но огнот беше победен. Борба водеа меѓу себе пламенот и десната рака на маченикот и раката однесе неверојатна победа; кога пламенот очигледно низ раката минуваше, сепак таа сѐ уште беше испружена за борба. О, рака, која однесува победа над огнот! О, оган, научен да претрпи пораз од рака! Железото омекнува од силата на огнот, бакарот отстапува пред неговата моќ, и цврстината на каменот бива победена. Меѓутоа таа сепобедна сила на огнот, горејќи ја испружената рака на маченикот, не ја поколеба. И навистина му доликуваше на овој маченик да воскликне кон Господа: „Секогаш сум со Тебе, Ти ме држиш за десната рака; по Своја волја ме водиш, и ќе ме одведеш во Твојата слава“ (Пс. 72, 23-24).
Како да те наречам, сјаен војнику Христов? Да те наречам кип? Но, со тоа многу ќе ја понижам твојата трпеливост. Зашто огнот, кога ќе го прими кипот, го омекнува; а твојата десна рака тој не можеше да ја принуди да се мрдне. Дали да те наречам железен? Но, наоѓам дека и таа споредба не го изразува потполно твоето јунаштво.
Единствено ти го убеди пламенот дека раката не врши насилство; единствено ти си ја имал раката како кадилница; единствено ти со десницата која горела си ги шамарал демоните; и тогаш, раката претворена во жар, ги растопи главите нивни, а сега, со десницата претворена во пепел, ги сотираш и ги ослепуваш нивните полкови. Но, зошто со детска шармантност го смалувам сјајниот победоносец? Да им препуштиме на красноречивите јазици да му плетат венци на пофалба; да ги повикаме за тоа громогласните труби на учителите. Станете сега вие, славни животописци, и изработете совршен лик на овој водач! Со цветовите на вашата мудрост, изобразете го блескаво венценосниот страдалник! Нека бидам победен со вашето живописање на сјајните дела на маченикот; поранлив сум да ја признаам над себе и сега таквата победа на вашето јунаштво. Вгледајте се внимателно во таа веродостојно изобразена од вас борба на раката со огнот. Вгледајте се во тој борец, поживо претставен на вашата слика. Нека плачат демоните и сега поразувани меѓу вас со мачениковите победи! Повторно нека им биде покажана победната рака која гори! Нека биде изобразен на слика и самиот Подвигоположник во борбите, Христос, Кому слава низ сите векови! Амин.
СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ ЗА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАРЛААМ
За ова свето славење и празничен собор нѐ свика блажениот Варлаам, не само да го величаме и да се угледаме на него, не само да бидеме слушатели на пофалбите за него туку да бидеме поддржувачи на неговите славни подвизи. Луѓето, поставувани на високи световни функции, не сакаат да видат други да учествуваат со нив во иста чест, зашто таму натпреварувањето и зависта ја нарушуваат љубовта. А пак во духовните работи не бива така, туку сосем спротивно: мачениците особено чувствуваат чест кога ќе видат дека слуги слични на нив, имаат удел во нивното богатство. Затоа, кој сака да ги фали мачениците, нека ги следи; кој сака да ги слави поборниците на побожноста, нека ги подржува нивните подвизи. Тоа на мачениците ќе им причинува задоволство, не помало од нивните добри дела. А за да се убедиш дека тие навистина посилно ги чувствуваат своите богатства, кога ќе нѐ видат во безопасност, и тоа го сметаат за своја најголема чест, чуј го Павле кој вели: „Ние сме сега живи, кога вие стоите во Господа“ (1Сол.3, 8). А пред апостол Павле Мојсеј Му говореше на Бога: „Ако им го опростиш гревот, опрости им; ако не сакаш, избриши ме од книгата Своја, во која си ме запишал (2Мојс.32, 32); небесни почести не сакам да примам заради нивните маки“. Собранието на верните е некако составено и поврзано тело: каква е користа на главата од круната, кога нозете се мачат?
Како е возможно, ќе кажеш, сега да ги следиме мачениците кога не е време на гонење? О, да! го знам тоа и јас, дека сега не е време на гонење, но време на мачеништво е; не е време на такви борења, но време за венци е; нѐ гонат луѓето, нѐ гонат демоните; нѐ злоставуваат мачители, нѐ злоставува ѓаволот, посвирепиот од сите мачители; ти не ја гледаш жарта послана пред тебе, но го гледаш разгорениот пламен на похотата. Мачениците ја трпеа жарта, а ти трпи го огнот на природата; тие се бореа со ѕверовите, а ти зауздувај го гневот, тој див и нескротлив ѕвер; тие цврсто се држеа среде неподносливите маки, а ти победувај ги лошите и нечисти помисли, кои излегуваат од твоето срце. Така ќе ги следиш мачениците. Нашата војна не е со крвта и телото, туку со поглаварите и властите и со управниците на темнината на овој свет, со духовите на злото во поднебесјето (Еф. 6, 12). Похотата на природата е оган, оган незгаслив и секојдневен, пес лут и бесен; дури и илјада пати да го избркаш, тој илјада пати напаѓа и не престанува да напаѓа. Нема сомнеж дека пламенот на огнот е опак, но пламенот на похотата е уште полош; никогаш во таа војна немало примирје, никогаш во таа борба немало одмор, сѐ додека сме во овој живот; непрекината борба, за и венецот да биде блескав. Поради тоа апостол Павле и нѐ вооружува постојано: зашто војната постојано трае, зашто непријателот постојано бдее. Сакаш ли да дознаеш дека похотата гори не помалку од огнот? Чуј го Соломон кој вели: „Сака ли некој да оди по жив оган, а нозете да не си ги изгори? Така се случува со оној кој оди кај жена омажена; нема да остане без вина оној што ќе се допре до неа“ (Изреки Сол. 6, 28-29). Ете, гледаш како природата на похотата е слична на природата на огнот. Како што е невозможно да не се изгори оној што се допира до оган, така и погледот во убавите лица побрзо од огнот ја зграпчува душата која бесрамно гледа; и тоа што за огнот е согорливата материја, тоа за бесрамните очи е телесната убавина. Затоа не треба на огнот на похотата да му даваме храна - гледање на надворешноста, туку на сите можни начини да се воздржуваме од тоа и да го гасиме со богоугодно размислување, спречувајќи го понатамошното ширење на пожарот и не дозволувајќи му да ја руши цврстината на нашиот дух. Зашто секоја наслада, во часот на страсното возбудување и збрканост, обично посилно од огнот ја гори душата, ако човекот храбро, со трпение и вера, не се бори против секое такво страстно возбудување и збрканост, како што блажениот и храбар борец Христов Варлаам постапи со својата рака. Тој го држеше во својата рака огнот, но не се предаде на болката, и толку јуначки стоеше како да е бесчувствен камен, недостапен за болката. Се разбира, тој чувствуваше болка и страдаше, зашто имаше тело, а не железо, но чувствувајќи болки и страдајќи, тој ја покажуваше во смртното тело философијата на Бестелесните Сили.
Но, за оваа повест да биде појасна, еве, јас ќе раскажам за неговото мачеништво а ти обрни внимание на ѓаволската злоба. Некои од Светиите ѓаволот ги ставаше на вжештени тави, некои фрлаше во казани со врела смола, на некои ребрата им ги кршеше, некои во море потопуваше, некои на ѕверови предаваше, некои во печка фрлаше, на некои зглобовите им ги разглобуваше, на некои сѐ уште живи кожата им ја дереше, на некои под искрвавените тела им ставаше жар, и искрите кои паѓаа врз раните ги кинеа пострашно од секој ѕвер, за некои измислуваше други најтешки маки. Но, кога ѓаволот виде дека сето тоа е исмеано, и дека страдалниците го победија тоа доста лесно и со големо трпение, и дека тие нивни подвизи служеа како извонреден поттик за бестрашност на оние кои по нив одеа по нивните стапки, што тогаш тој превзема? Тој измислува нов вид на стапица, за со неочекуваноста и необичноста на мачењето да ја преобрати душата на маченикот и да ја исплаши, бидејќи тоа што го знаеме и за кое што сме слушале, макар и да е неподносливо, по пат на расудувањето бива лесно пренебрегнато, а она неочекуваното, макар и да е лесно, станува понеподносливо од сѐ. Затоа, нека има нова борба, нека има необичен изум, за новината и необичноста лесно да го преобратат смутениот подвижник. И што прави врагот? Ги вади од темниците светителите оковани. И тоа е дело на неговото лукавство: во самиот почеток да не употребува тешки орудија за мачење, нити да става на страшни маки, туку да започне борба со најмалку. Зошто така? За, ако подвижниците бидат победени, поразот нивен да биде срамен, бидејќи не им одолеале на малите искушенија; а ако одолеат и победат, тогаш, истрошувајќи ја нивната сила со мали маки, би можеле да бидат полесно совладани со големи маки. Од таа причина ѓаволот прво употреби мали маки, за победил тој или не, сепак сѐ да испадне според неговиот план; ако победам, тогаш ќе ги исмеам; и ако не победам, тогаш ќе ги измачам за нови маки. Значи, тој го извади маченикот од темницата; а тој се јави како храбар борец, долго школуван во воена школа: зашто мачениковата темница беше воена школа, и таму, насамо разговарајќи со Бога, се научи од Него на секоја борба, на секое војување, зашто каде што се такви уздите таму е и Христос.
И така, маченикот се појави и стана појак од многу долгиот престој во темницата. А кога ѓаволот преку служителот на своето беззаконие го извади на средината, тој не го врза веднаш за мачилишниот столб, нити го опкружи со мачители, бидејќи виде дека тој тоа го сака, а и однапред беше смислил казна, но употребува против оваа тврдина едно необично, ново, неочекувано оружје, кое би можело да ја сруши, зашто тој повеќе од сѐ сака светителот да го собори со поголема измама отколку со болка. А какво е тоа ново оружје? Му наредија на маченикот над жртвеникот да ја држи испружена раката, со дланката испружена нагоре, му ставија на дланката жар со темјан, за ако под притисокот на болката ја сврте раката, тие тоа да го сметаат како принесување на жртва и одрекување од верата христијанска. Гледаш ли колку е препреден ѓаволот? Но, погледни како Оној Кој „ги фаќа мудрите во нивните лукавства“ (Кор. 3.19) ги развеа неговите замки и сите човекоубиствени препредености негови ги сврте на уште поголемо прославување на маченикот. Зашто кога ѓаволот, откако употреби безброј лукавства, најпосле побегна победен, поборникот на верата се појавува уште пославен, како што беше случај и овде. Блажениот Варлаам отстоја без да мрдне и да ја сврти раката, како да е од железо искована. Меѓутоа, ако раката и се свртела, и во тој случај тоа не би била маченикова вина.
Сега внимателно слушајте ме сите, за да се убедите дека, ако десницата на маченикот дури и се свртела, тоа не би било пораз. А зошто? Затоа што, како што ние расудуваме за оние на кои им ги стругаат ребрата или ги мачат на било кој друг начин, така е потребно и во овој случај да го изложиме своето расудување. Ако тие не издржат и принесат жртва, виновна е нивната слабост, зашто не го издржале страдањето до крај и принеле жртва; ако пак го претрпеле мачењето до крај, и се разболат од тие мачења но не отстапат од верата, тогаш никој не ги обвинува за таа болест, туку уште повеќе ги фалиме и величаме што тие, изнемоштувајќи од страдањата, истрпеа и не се одрекоа од верата. Така и овде: ако блажениот Варлаам не можел да го поднесе горењето на дланката и ветил да принесе жртва, тогаш би бил победен; а ако раката без никаква негова согласност би се свртела, тоа веќе не би било вина на мачениковата волја. Тоа би се случило според немоќта, не на волјата туку на природата на жилите, лишени од своите си ли, зашто и против волјата на светителот раката би паднала од огнот. Тоа е исто како и ова: на оние што им ги стругаат ребрата ние не им го земаме за вина тоа што им отпаѓа месото. Но, еве појасна споредба: како што оние што боледуваат од треска или грчеви, никој нема да ги обвинува што рацете им стануваат искривени, зашто тоа доаѓа не од нивната небрежност туку од огнометот кој ги суши соковите и влагата i природно ги стега и затегнува жилите и нервните јазли, така и овој светител никој не би можел да го нарече виновен ако раката би му се свртела. Зашто кога треската, без болниот да сака, обично ги стегнува и свиткува екстремитетите, тогаш дотолку попрво тоа би можела да го стори жарта, ставена на мачениковата дланка, макар тој и да не го сакал тоа. Но жарта не го стори тоа, за ти потполно да не се убедиш дека таму беше присутна благодатта Божја, која го крепеше маченикот и ја исправуваше немоќта на природата; затоа и самата негова рака не го чувствуваше она што е својствено, туку остануваше неподвижна како да е од дијамант. Кој, додека го гледа тоа не би се восхитил? Кој не би се запрепастил? Набљудуваа од небото Ангелите, гледаа Архангелите: глетката беше чудесна и очигледно ја надминуваше човечката природа. И навистина, кој не би сакал да види човек, кој се бори на боиштето и не го преживува она што им е својствено на луѓето? Кој самиот истовремено е и жртвеник и жртва и свештеник? Поради тоа и двојно кадење се издигнуваше: едно од запалениот темјан, а друго од растопеното тело. И оној вториот кад беше попријатен од првиот, оној вториот мирис беше поблагомирисен од првиот. И се случи овде истото што се случи со капината: како што таа капина гореше и не согоруваше, така и овде раката гореше но душата не се изгоруваше; телото се распаѓаше но верата не исчезнуваше; телото малаксуваше но ревноста на душата не изнемоштуваше; жарта, откако ја прегоре дланката долу паѓаше, но јунаштвото на духот не опаѓаше; раката изгоре и се стопи, зашто беше од месо, а не од дијамант, но душата бараше и друга рака, за и врз неа да го покаже своето трпење. И како што храбриот војник, кога ќе влета меѓу непријателите и ги сече и лево и десно и кога ќе си го скрши мечот се свртува и бара друг меч, за и понатаму да ги коси непријателите, така и душата на блажениот Варлам, кога раката настрада додека ги сечеше демонските полкови, бараше друга десница, за и со неа да ја покаже својата ревност. Немој да ми велиш: „та тој дал само една рака!“ но пред сѐ помисли: оној кој ја дал раката би ја дал и главата, би ги дал и ребрата, би му се спротивставил и на огнот, и на ѕверовите, и на морето, и на провалиите, и на крстот, и на тркалото, и на сите познати мачења, и сѐ би претрпел, ако не со самиот опит тогаш секако со намерата на душата. Зашто мачениците одат не на одредени маки туку се подготвуваат за непознати мачења. Тие немаат власт над волјата на нивните мачители, ниту им пропишуват начин и граници на мачењата, туку какви зла и да измисли нечовечниот и ѕверски ум на нивните мачители, тие на сето тоа излегуваат со решеност да го претрпат, освен кога среде мачењата телото ќе им изнемоште, та желбата на нивните мачители останува неисполнета. И така, телото на маченикот Варлаам се топеше, но волјата негова стануваше сѐ поревносна, надминувајќи го со својот блесок самиот жар и блескајќи посилно од него, зашто внатре во маченикот гореше духовен оган, далеку појак од оној оган. И светиот маченик ни најмалку не го чувствуваше надворешниот пламен, затоа што внатре во него гореше претоплиот и сепламен оган на љубовта Христова.
Сето ова, драги мои, треба не само да го слушаме туку и да го поддржуваме. Како што на почетокот реков, велам и сега: секој нека го прославува светиот маченик и сега и кога ќе отиде во својот дом да го поведе со себе и да го внесе дома, односно во срцето свое преку сеќавање на зборовите изговорени овде. Прими го него, како што реков, и во срцето свое постави го со испружената рака; прими го овенчаниот победник и никогаш немој да дозволиш да ти се тргне од умот. Поради вас ве доведовме и на самите гробови на светите маченици, за самиот поглед кон нив да ве поттикне на доблест и да се вооружите со иста ревност. Војникот го возбудува и самото раскажување за некој славен храбар војник, а далеку повеќе лицето негово и погледот кон него, особено кога војникот, откако ќе влезе во самиот шатор на јунакот и ќе го здогледа окрвавениот меч, отсечената глава на непријателот, пленот, свежата крв на рацете на победникот, насекаде копја и штитови и стрели и секое друго оружје. Поради тоа и ние се собравме овде. Гробот на маченикот е војнички шатор; и ако ти ги отвориш очите на верата, ќе видиш дека овде лежи оклопот на правдата, штитот на верата, шлемот на спасението, обувките на благовестието, духовниот меч, и самата глава на ѓаволот, фрлена на земјата. Кога крај мачениковиот гроб гледаш бесомачен како се грчи и кине, тогаш не гледаш ништо друго освен отсечената глава на нечестивиот. Тоа оружје и сега сѐ уште лежи крај Христовите војници. И како што царевите своите најхрабри војници ги погребуваат со нивното оружје, така постапи и Христос со мачениците; ги погреба со нивното оружје, за и пред воскресението да ја покаже сета слава и сила на Светиите. Затоа познај го нивното духовно оружје, и ќе си заминеш одовде со голема добивка. Голема е, мил мој, и во тебе борбата со ѓаволот, голема, силна е непрекината. Затоа изучувај ги начините на војување, за да наследиш победи: презирај го богатството, парите и сите останати слави на овој свет; не сметај ги за блажени богаташите, туку сметај ги за блажени мачениците; не оние во сластите туку оние на вжештените тави; не оние на раскошните трпези туку оние во врелите казани; не оние во телоугодните бањи туку оние во вжештените печки; не оние што на парфем мирисаат туку оние што во оган горат и испуштаат од себе чад и смрдеа. Ова е далеку помирисно и покорисно од она. Зашто тоа ги води во маки оние што ги употребуваат, а ова води до наградите и небесните венци. А за да се убедиш дека раскошот е големо зло, како и парфимирањето, и пијанството, и неумереното користење на виното, и раскошната трпеза, чуј што вели пророкот: „Тешко вам, кои спиете на одри од слонови коски и се разнежувате на своите постели, и јадете јагниња од стадата и телиња угоени; кои пиете вино во големи чаши и се мачкате со скапоцени мириси“ (Амос 6, 3.4.6). А кога тоа се забранувало во Стариот Завет, тогаш толку попрво во Новата Благодат каде што е севишната Премудрост. Ова го зборувам како на мажите така и на жените; боиштето е заедничко: во Христовата војска нема разлика помеѓу машкиот и женскиот пол, туку сите сочинуваме еден собор. И жените можат да се облечат во оклоп, да се оградуваат со штит и да употребуваат стрели, како за време на мачења така и во друго време, кога се бара голема храброст. Како што доличниот стрелец, кога вешто ќе ја затегне стрелата, го доведува до забуна сиот непријателски строј, така и светите маченици и сите поборници за вистината, кои војуваат против лукавствата и напастите на ѓаволот, вешто пуштаат од својот јазик зборови, и тие, летајќи како стрели, паѓаат врз невидливите полкови од демони и ствараат конфузија во целата нивна војска.
Истото се случи и со блажениот Варлаам. Со зборовите на вистината како со стрели тој предизвика немир во ѓаволската војска. Ајде да го поддржуваме и ние таквото вешто стрелање. Не гледате ли како гледачите на театарските претстави некако се променуваат кога се враќаат од тие претстави? Причината за тоа е што тие будно го следат она што се случува таму и оттука заминуваат носејќи во своите души впечатоци и слики од превртување со очите, и движења на рацете, и кружења на нозете, и најразлични движења на телото. Не е ли жално што тие покажуваат толкава внимателност за она што ја убива душата и постојано го имаат во сеќавање она што се случувало во театарот, а ние, кои треба да сме ревносни како ангели, не ја поддржуваме нивната внимателност во сеќавањето и држењето на она што овде ни е речено? О, јас со сета душа ве молам и преколнувам: немој да бидеме така немарни и неодговорни кон своето спасение, туку сите да ги имаме во душите мачениците со нивните вжештени тави, врели казани и останатите маки. А како што сликата на сликарот, поцрнета од чадот, исчадена од долгото време, често ја исчистуваат, така и ти, мили, искористувај го сеќавањето на светите маченици. Кога животните грижи ќе ја помрачат твојата душа, ти очистувај ја со сеќавањето на мачениците. Ако го имаш тоа сеќавање, тогаш нема ни на богатството да се восхитуваш, ни поради сиромаштија да се жалиш, ни славата и власта да ги фалиш, нити нешто земно и човечко да сметаш за големо, туку ќе се издигнеш над сето тоа и тоа сеќавање ќе го имаш како учител на секоја добродетел. Кој секој ден ги гледа војниците кои се борат во војните и битките, тој никогаш нема да посака раскош, ниту ќе се воодушевува на сластољубивиот и мекушав живот, туку на строгиот, тежок и борбен живот. Та има ли нешто заедничко помеѓу чревоугодието и јунаштвото, помеѓу мирисите и оружјата, помеѓу војната и славењето? Ти си, мил мој, војник Христов: вооружи се и не кинџури се! Ти си храбар борец. Затоа биди јунак и немој да се гиздиш!
Така да ги следиме овие светители, така да им укажуваме почитување на овие храбри војници, овенчаните победоносци, Божјите пријатели. И кога ќе одиме со нив по истиот пат, ние ќе добиеме исти венци со нив, на кои нека се удостоиме сите, со благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, со Кој слава на Отецот заедно со Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ИЛИОДОР
За време на царувањето на Аврелијан во Памфилискиот град Магида, со кој управуваше игемонот Аециј, бестрашно Го проповедаше Христа еден благочестив човек, на име Илиодор. Поради тоа беше фатен и доведен пред игемонот на суд. При иследувањето тој долго го убедуваше Илиодор да се одрече од Господ Христос и да им принесе жртва на идолите. Но, светителот бестрашно и непоколебливо Го исповедаше Христа Бога. Тогаш судијата нареди да го обесат на мачилишното дрво, да му го стругаат телото со железни нокти и да го горат со факели. Во страшните маки, светиот маченик силно викна:
- Господи Исусе Христе, помогни ми!
И дојде глас од небото:
- Не плаши се, Јас сум со тебе!
Овој глас го слушнаа извршителите на казната, и при тоа видоа четири Ангели, кои ги спречија да продолжат да го мачат светителот. Од ова видение тие поверуваа во Господа Христа и го изобличуваа игемонот. Тој многу се разлути и веднаш нареди да ги фрлат во морето. Заедно со тоа нареди да се вжешти бакарен вол и во него да се фрли маченикот. Кога го фрлија внатре, Илиодор започна да се моли. И одеднаш волот се олади, а маченикот одвнатре Му принесуваше благодарствени песни на Бога.
Од тоа игемонот се запрепасти. Се доближи до бакарниот вол и од присутните очевидци се убеди дека за миг се оладил. Обраќајќи се кон светителот, тој рече:
- Безбожна главо! Твоите магии го победија и самиот оган! Светителот одговори:
- Мои магии е Христос!
Откако го рече тоа побара три дена, за да одлучи што е добро да направи. Мачителот му даде три дена.
Светиот маченик отиде тајно во идолопоклоничкиот храм, наречен Пантеон, бидејќи во него се наоѓаа идолите на сите богови. Откако се помоли на Бога настана земјотрес, од кој сите идоли испопаѓаа и се сокршија. Кога дозна за Тоа игемонот, нареди повторно да го доведат на суд. Преполн со гнев, игемонот нареди да го обесат и да му забијат во главата три вжештени клинци. Чувствувајќи страшна болка, маченикот повторно го повика Бога на помош и веднаш болките престанаа. Кога виде дека никакво мачење не може да го совлада, нареди да го оковаат во тешки синџири и да го одведат кај управникот на блискиот град Аталеја. Управникот долго разговараше со светиот Илиодор и го наговараше да им принесе жртва на идолите. Кога виде дека е непоколеблив, нареди и рацете и нозете да му ги стават во четири расцепени мачилишни дрва, па потоа го ставија на вжештена тава. Во тавата маченикот се молеше и ги повикуваше присутните да дојдат кај него и да видат дека тавата нема да му наштети. И многу од присутните влегоа кај него во вжештената тава, и навистина огнот ни најмалку не ги повреди. Сите тие поверуваа во нашиот Господ Исус Христос, говорејќи:
- Навистина е голем Богот христијански!
Кога управителот виде дека многумина поверуваа во Богот на Илиодор, се исплаши тие да не му го земат од раце светиот маченик, па нареди да го одведат назад во Магида. Војниците го поведоа, а маченикот по целиот пат се молеше на Бога и пееше. Кога стигнаа повторно беше изведен на суд. Игемонот Аециј повторно се обидуваше да го наговори да им принесе жртва на идолите. Но, бидејќи одби, нареди та му го отсекоа јазикот. Потоа го обесија и полни два часа го тепаа со стапови, па му ставија узда во устата и го тераа како неразумно животно до губилиштето надвор од градот. Светиот маченик му даде со раката знак на мачителот да му биде дадено време да се помоли на Бога. По молитвата му ја отсекоа главата. Така блажениот Илиодор го доби венецот на мачеништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: АНТИМ, ТАЛАЛЕЈ, ХРИСТОФОР, ЕФИМИЈА, и нивните деца и свети ПАНХАРИЈ
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АГАПИЈ
Свети Агапиј пострада за Господа Христа растргнат од ѕверови.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ВАРЛААМ ПЕЧЕРСКИ
Во времето кога нашите преподобни отци Антониј, Теодосиј и Никон блескаа во киевските пештери со своите сјајни подвизи како три светилника, достојни да стојат пред престолот на Пресвета Троица, кај нив доаѓаше често да се насладува на нивните медени поуки Варлаам, синот на благородните и христољубиви родители Јован, првиот меѓу болјарите на кнезот Изјаслав и Марија, а внук на славниот и храбар Вишат, правнук на војводата Остромир.
Од својата младост Варлаам блескаше и со телесната убавина и со душевната чистота. Тој многу ги засака споменатите преподобни отци и посака да живее заедно со нив и да го остави животот во светот, презирајќи ги славата и богатството. Него особено го исплашија зборовите Господови, кои меѓу останатото му беа речени од преподобните:
„Полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши отколку на богатиот да влезе во царството Божјо“ (Мт. 19, 24). И еднаш, кога беше дојден кај преподобниот Антониј, му ја откри својата намера, говорејќи:
- Би сакал, оче, ако Му е угодно на Бога, да бидам монах и да живеам со вас.
Старецот му одговори:
- Добра е твојата желба, чедо, и намерата е полна со благодат; но внимавај богатството и славата на овој свет да не те вратат назад, според зборовите Господови: „Никој, што ја ставил својата рака на плугот и погледнува назад не е достоен за царството Божјо“ (Лк. 9, 62).
И многу други корисни работи за душата му зборуваше старецот. И во срцето Варлаамово сѐ повеќе се разгоруваше љубовта кон Бога. Во такво расположение се врати дома.
Наредниот ден тој ги остави не само родителите туку и својата свршеница, седна на коњот, облечен во светла и раскошна облека и опкружен со мноштво слуги, кои одеа пешки и ги водеа накитените коњи, и свечено стигна кај пештерата. Кога преподобните Отци излегоа му се поклонија до земја, како што тогаш било обичај да им се поклонуваат на велможите, а им се поклони и тој, бидејќи се беше симнал од коњот. Потоа ја соблече од себе својата болјарска облека и ја стави пред нозете на преподобниот Антониј, а ги постави пред него и коњите, говорејќи:
- Еве ги, оче, суетните богатства на овој свет. Прави со нив што сакаш. Сето ова за мене е безвредно, сакам Христа да го добијам, сакам со вас да живеам во оваа пештера, и дома не се враќам.
- Внимавај, чедо, Кому се ветуваш, и Чиј војник сакаш да бидеш, зашто овде е невидливо присуството на ангелите Божји, кои го примаат твоето ветување. Чувај се твојот татко да не дојде овде со војска, па насилно да те врати назад, а ние не ќе можеме да ти помогнеме. Но, тогаш ти пред Бога ќе испаднеш лажго и отстапник.
На тоа блажениот Варлаам рече:
- Верувам во мојот Бог, оче, дека ако мојот татко и се обиде да ме мачи, јас нема да се вратам во световниот живот. Затоа те молам брзо пострижи ме.
Тогаш преподобниот Антониј му нареди на преподобниот Никон да го постриже Варлаам и да го облече во монашка риза.
Бојаринот Јован дозна дека неговиот сакан син се замонашил и многу се разгневи, па со многу слуги го нападна светото стадо во пештерата и сите ги избрка од таму. Сина си насилно го извлече, му ја искина мантијата и ја фрли во потокот. Потоа го облече во светла скапоцена облека, која што им доликува на велможите. Но, блажениот Варлаам ги фрли од себе на земјата, без да ги погледне.
Така постапи неколку пати. Тогаш татко му нареди да му ги врзат рацете, насилно да го облечат и така да го одведат дома. Но Варлаам, сиот горејќи од љубов кон Бога, по пат здогледа бара крај патот, се стрча, ја фрли облеката од себе во неа и ја згази со нозете, како да ги гази стапиците на лукавиот. Кога дојде дома таткото му нареди да седне со нив на трпезата. Тој мораше да седне, но не вкуси ништо, туку седеше со наведната глава. По трпезата му дозволи да се повлече во неговите простории, и постави слуги да го чуваат да не побегне. Потоа ѝ нареди на неговата свршеница што поубаво да се дотера за да го прелести. Но, Варлаам влезе во една од собите и седна во аголот на подот. Свршеницата го молеше да дојде во постелата, а тој сфати дека татко му ја испратил, и тајно во срцето започна да се моли на Бога да го спаси од искушението. Остана на тоа место три дена, без да стане ниту нешто да вкуси, облечен само во власеница. Преподобниот Антониј и останатите со него во пештерата многу тагуваа за него и се молеа на Бога. Бог ја услиша нивната молитва, и гледајќи го смирението и трпението Варлаамово, го смилостиви татковото сурово срце кон сина си. Слугите го известија дека веќе четврт ден ништо не јаде, ниту се облекува, па тој се сожали и плашејќи се да не умре од глад и студ го повика, го бакна и го испрати во пештерата. Тогаш се случи нешто многу необично: во домот се слушаше плач и лелек и силно ридање како за мртовец. Плачеа сите. Таткото и мајката плачеа горко за синот, свршеницата за младоженецот, слугите и слугинките за својот добар господар. А блажениот Варлаам, како птица побегната од ловечка стапица, веднаш отиде во пештерата. Тамошните преподобни отци многу му се израдуваа и Го прославија Бога што ја услиша нивната молитва за него. Кога бројот на браќата во пештерата се зголеми на дванаесет, преподобниот Антониј поради јуначкото подвизување и напредување во доблестите на Варлаам, многу Му благодареше на Бога што момчето во цветот на младоста раѓа духовни плодови, својствени на старците, и има таква благодат да може целосно да биде водач на останатите. Затоа, откако се посоветува со сите браќа од пештерата, го постави за игумен наместо себе, а самиот навикнат да живее во осаменост и не поднесувајќи никаква врева и разговори, се пресели на другиот рид, под новиот манастир. Си ископа пештера таму и живееше во неа предаден на молитвеното тихување и постојан разговор со Бога единствениот. Таму лежи неговото чесно тело и до денес.
Кога го прими старешинството над браќата, преподобниот Варлаам започна да се подвизува со уште поголеми подвизи, Бројот на монасите значително се зголеми, а во пештерата за време на соборното служење можеле да застанат само дваесетина луѓе, па преподобниот доби благослов од преподобниот Антониј и направи над пештерата мала дрвена црква, во чест на Успението на Пресвета Богородица, за таму да одат на богослужење браќата што не може да ги собере пештерата. На тој начин доби видливо обележје и самото место на пештерата, кое дотогаш беше незабележливо. По неколку години великиот кнез Изјаслав Јарославич, во светото крштение наречен Димитриј, изгради камена црква во име на светиот великомаченик Димитриј и при неа основаше манастир. А пак преподобниот Варлаам, како свој роднина и човек искусен во монашките доблести, кнезот го постави за игумен во тој манастир. Тука тој продолжи да води подвижнички живот на кој беше навикнал во пештерата и добро и богоугодно го пасеше стадото Христово; особено ги учеше сите браќа и ги молеше со секоја ревност да се трудат за спасението на душите и постојано да имаат чиста и беспрекорна совест пред Бога и ближните. А Бог, гледајќи ја неговата љубов кон браќата и неговата грижа за нив, им помагаше да се усовршуваат во сите доблести.
На многуте свои подвизи преподобниот Варлаам го додаде и уште овој најнов: начека погодно време и отиде во светиот град Ерусалим, и откако ја посети светата земја се врати во својот манастир. По некое време отиде во Цариград, ги посети сите тамошни манастири, купи се што му е потребно за манастирот и се врати назад. На враќање по пат тешко се разболе и кога стигна до градот Владимир сврати во тамошниот манастир близу градот, наречен Света Гора, и таму заспа со мир во Господа, во 1065 година. Пред смртта остави завет неговото тело да биде пренесено во Киев, во Печерскиот манастир, а иконите и останатото што го беше купил за манастирот да му го врачат на преподобниот Теодосиј. Сѐ беше сторено како што сакаше и неговите чесни мошти до денес лежат во пештерата нетлени.
По молитвите на свети Варлаам да се удостоиме и ние на исполнување на земниот пат на заповедите Господови, и да станеме наследници на нашата небесна татковина во Христа Исуса Господа, Кому слава со Отецот и Светиот Дух за навек. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ИЛАРИОН ЧУДОТВОРЕЦ
Преподобниот Иларион беше родум од Кахетија. Од младоста се подвизувал како монах во Гареџискиот манастир на гората Олимп, потоа седумнаесет години во Јорданската пустина и најпосле во градот Солун. Бил удостоен од Господа на дарот на чудотворството. Се упокоил во 882 година
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АЗА ЧУДОТВОРЕЦ
Светиот маченик Аза беше војник во Исаврија, во времето на царот Диоклецијан. Но, желен да биде војник на Царот Небесен, тој ја напушти војничката служба и се повлече во пустината. Таму правеше многу чудеса. Како ревносен следбеник Христов беше фатен и доведен на суд кај управителот на Исавриската област Аквилин. Кога војниците, сто и педесет на број, кои беа испратени да го фатат светителот, го водеа на суд, по пат ожеднеа, свети Аза изврши чудо. Од земјата се појави вода и тие ја згаснаа жедта. При тоа светителот ги поучи во Христовата вера и војниците поверуваа во Господа Христа. И бидејќи сакаа да примат свето крштевање, свети Аза се помоли на Бога, и од земјата потече вода и тој ги крсти. При тоа ги убеди дека се должни да ја извршат својата должност и да го одведат кај управникот на суд. На судот заедно со свети Аза и војниците изјавија дека се христијани. Тогаш Аквилин, за да ги исплаши војниците, нареди свети Аза да го подложат на свирепи мачења, да му го кинат телото со железни нокти, па да го врзат за тркало и под него да запалат оган. Но, светителот со помош Божја во сите тие маки остануваше неповреден. Кога го видоа тоа, жената и ќерката на управителот поверуваа во Христа и ја исповедаа својата вера. Тогаш тој, многу разгневен, нареди веднаш да ги обезглават и жената и ќерката и сто и педесетте војници. Потоа свети Аза беше подложен на нови страшни мачења, па најпосле му ја отсекоа главата. И така сите овие блажени јунаци добија несвенливи венци на мачеништвото.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СИМОН
Овој преподобен отец беше родум од Калабрија, монах на голем прекрасен манастир. Еднаш од манастирот тргна група монаси по работа на морскиот брег. Тука ги фатија гусари турци и ги одведоа во Африка. Тогаш игуменот на манастирот го испрати овој Симон во Африка, за да ги откупи заробените браќа. Тој успеа да ги пронајде и сиот радосен започна да разговара со нив. При тоа му се приближи еден агарјанин и крена рака да го удри, но таа веднаш му се исуши. Истото се случи и со другиот, кој дојде по него. Тогаш останатите го фатија Симон и го одведоа кај кнезот на тоа место и му раскажаа што се случило. Кнезот беше восхитен и го замоли преподобниот да се помоли на Бога за оздравување на рацете на двајцата војници и тој го стори тоа. Потоа кнезот нареди тој и заробените монаси со чест да бидат вратени во нивното место. По пат свети Симон со молитвата ја претвори морската вода во слатка вода за пиење. Овој чудотворец Божји се упокоил во мир.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАНАЕСЕТ МАЧЕНИЦИ
Овие свети маченици пострадаа за Господа Христа посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: СОПРУГАТА и ЌЕРКАТА НА ЕПАРХОТ АКВИЛИН
Овие свети маченици пострадаа заедно со светиот маченик Аза.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ СТО И ПЕДЕСЕТ ВОЈНИЦИ