3. Декември   (20. Ноември)

ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ ДЕКАПОЛИТ

Преподобниот Григориј е роден во градот Иринопол во Декапол, од благочестиви и знаменити родители Сергиј и Марта. Кога имаше осум години, родителите го дадоа да се учи на книга. Уште во младоста добро го изучи Светото Писмо и срдечно ја посетуваше црквата заради молитва. Стремејќи се кон небесното, тој презре сѐ земно. Не јадеше вкусни јадења туку користеше едноставна и груба храна. Не сакаше да носи богата и мека облека. Се издржуваше со своето ракоделие, раздавајќи го остатокот на сиромашните. Често се повлекуваше во осамено молитвено тихување, и насамо се молеше на Бога да го удостои да биде Негов верен слуга.

Кога стана полнолетен неговите родители сакаа да го оженат, но тој кришум побегна во еден пустински манастир. Тука се замонаши и ревносно се подвизуваше во пост и воздржание, во молитвите и сеноќните бденија, наложувајќи си на себе најразлични тешкотии на најстрогото монашко живеење. Меѓутоа наскоро почина неговиот татко, и неговата благочестива мајка, по долго трагање, го пронајде и не само што не го прекори што се замонашил туку и ја одобри неговата решеност да им се посвети на монашките подвизи. При тоа таа само го замоли да премине во друг манастир, каде што се наоѓал и неговиот брат. Покорувајќи се на волјата на својата мајка, тој отиде таму. Но, кога дозна дека настојателот на тој манастир е иконоборец, веднаш како огнен ревнител за Православието го изобличи пред сите браќа. Страотно разлутен, настојателот бездушно го претепа. Потоа Григориј отиде во друг манастир, во кој настојател беше еден роднина на неговата мајка, на име Симеон. Преподобниот Григориј поживеа тука околу четиринаесет години, и сите го почитуваа како доблесен и свет човек. Длабоко смирен и сакајќи да стане совршен монах, тој измоли од настојателот дозвола да се насели во осамена ќелија, за без житејски грижи да го минува времето во осамено молитвено тихување. Настојателот ја провиде неговата благотворна намера и му даде за подвизување една пештера во длабока стрмна провалија. И започна преподобниот со уште поголема ревност да се подвизува во таа пештера. Но тука, невознемируван од човечката врева, тој доживеа големо вознемирување од демоните, кои му ги вршеа сите можни пакости и му ствараа искушенија, трудејќи се да го избркаат. Му се заканувале бркајќи го, му се нафрлале во вид на шкорпии, но тој останувал неповредлив и бестрашен. Додека стоел на молитва, демоните му нанесувале рани и по рацете и по нозете, но тој не обрнувал внимание на тоа и не им придавал никаква важност. Така заминувале посрамени. Еднаш му се јавиле во вид на војници, заканувајќи му се со смрт. Но, тој се прекрстил и тие исчезнале. Потоа му се јавиле во блескава светлина, говорејќи дека се светите Четириесет Маченици и дошле да му дадат благодат и сила против демоните, но тој ги согледал нивните стапици, им се заканил и тие повторно исчезнале. Исто така и другите искушенија беа немоќни, зашто благодатта Божја соработуваше и ги уништуваше во него сите напади на телото.

Наскоро потоа Господ го удостои својот верен угодник на прекрасна посета. Го обзеде некое восхитување и му се јави од небото блескава светлина со неискажлив благомирис, ја исполни сета пештера и остана во неа во текот на многу денови. Светителот почувстува дека му е должност за ова чудо да го извести својот настојател, и како искусен човек во духовниот живот да го праша дали ова видение е од Бога или не, и да не е дело на ѓаволот, испратено за да го соблазни и прелести. Откако внимателно го ислуша Григориј, настојателот го смири и му рече ни најмалку да не се сомнева дека тоа е Божествена светлина, која со својот благомирис ја избркала смртоносната злосмрдеа на злиот дух. Труди се во подвигот колку што можеш, заврши старецот, надевајќи се во Бога, Кој ти е помошник.

И навистина, блажениот Григориј од тоа благодатно видение се исцели и ослободи од своите мачни телесни болести и од душевните, односно од телесните соблазни, со кои демоните сакале да го прелестат, и од сите негови подмолни искушенија. Од тогаш уште повеќе ги засили своите подвизи и молитви, непрестајно повикувајќи кон Господа од дното на душата. Откако на тој начин ги победи ѓаволските лукавства, за своето свето и беспрекорно живеење се удостои од Бога на благодатниот дар на чудотворството. И бидејќи не е добро таквиот божествен светилник на Црквата да остане под капак, Господ еднаш викна кон него од небото, како некогаш кон патријархот Авраам:

- Григориј! Ако сакаш да достигнеш совршенство, излези од својата земја и од родот свој и странствувај за свое добро.

Покорувајќи се на овој божествен глас, преподобниот Григориј ја напушти пештерата и се упати кон Ефес, за од таму со кораб да замине за Цариград. Во тоа време Цариградската Црква ја вознемируваше иконоборната ерес. А свети Григориј, ревносен за чистотата на Православието и славата Божја, имаше намера да стапи во заштита на Православието и да го изобличи лажното учење на еретикот. Меѓутоа, промислата Божја одлучи поинаку: соодветно на Божествениот повик, требало сиот свој останат живот да го помине во туѓинување, „немајќи овде град во кој ќе остане, туку барајќи го оној што ќе дојде“, слично на нашиот Господ Исус Христос, Кој на земјата бил туѓинец и немал каде глава да засолни.

Тој тргна од Ефес за Цариград и попат се задржа во Проконис, каде што еден сиромав и покрај строгите наредби на царевите иконоборци, кои забранувале да се примаат монаси во домовите, срдечно го прими во својот дом, заради Господа. Поради тоа Господ и го збогати за кратко време. Од таму светителот тргна во Византија, но искрснаа некои пречки и тој по тоа препозна дека не е волја Божја да оди таму, и затоа се упати во Енос. Тука тешко беше претепан од еден коњаник, поттикнат од ѓаволот. Но праведникот, трпејќи ги ударите, се молеше на Бога да му прости на напаѓачот. Кога ја виде неговата кротост тој се покаја, замоли за прошка и доби поука од преподобниот во иднина да не врши неправди. Од таму со кораб пристигна во Христопол, па оттука се префрли во Солун.

Во Солун остана кратко, па се упати на Коринт. Од таму со кораб отиде во Рим а попат се задржа некое време во Регија. Тука некои луѓе, кога видоа дека преподобниот нема ништо, му дадоа извесна количина злато. Но светителот, иако не ги познаваше дародавците, со благодатта Божја прозре дека тоа злато е стекнато неправедно. Сакајќи да ги научи да се воздржуваат од неправдата, тој го изобличи виновникот, го врати неправедно стекнатото злато и си го продолжи патот за Рим. Но, за време на пловидбата еден патник падна од коработ во морето, покрај брегот, каде што требало да се симне на копното, па да оди понатаму во Рим. И се случи чудо, кое јасно посведочи дека врз преподобниот почива благодатта Божја. Тој со една молитва го изнесе паднатиот на брегот и го спаси од неминовната смрт.

Кога стигна во Рим, три месеци помина во осамено молитвено тихување во една осамена ќелија, така што никој не знаел ништо за него. Но, еден бесомачен го обелодени неговиот престој во градот, зашто светителот го исцели, истерувајќи го нечистиот дух од него. И сите започнаа да го сметаат за светец. Тој веднаш замина од Рим и отиде во Сицилија. Таму се заклучи во една кула и го минуваше времето во молитвено молчење. Тука го нападнаа демоните, му ја уништија рогозината на која спиеше, му уфрлаа најразлични искушенија и му вршеа разни пакости. Но, тој со молитвата ги избрка. Тука исто така спаси од вечна гибел една жена грешница, која со најразлични заводнички лукавства ги намамувала луѓето, особено морнарите, на блуд. Со своите поуки и предочување на вечните маки, свети Григориј ја доведе таа жена дотаму што таа се одрече од светот, се замонаши и местото на гадната телесна наслада се претвори во манастир. Потоа кај преподобниот во кулата дојде една бесомачна жена, и тој со својата молитва го избрка демонот од неа. И други многубројни чуда изврши преподобниот на тоа место. А кога сите дознаа за тоа и започнааа да го почитуваат, веднаш замина и од таму. Еднаш додека патуваше сретна војска Сарацени. Еден од нив ги поеше на бунарот коњите, и кога светителот се доближи, тој впери копје да го убие. Но, одеднаш раката му се вкочани во воздухот и не можеше да ја спушти. Тогаш тргна по светителот и го молеше да го исцели. Светителот со својата рака ја допре неговата и ја исцели. Понатаму по патот сретна еден страотно мачен бесомачник, се сожали на него, се помоли на Бога и демоните го оставија страдалникот.

Најпосле повторно допатува во Солун и се насели во манастирот на свети Мина. При тоа живееше во таква сиромаштија што немаше никаква храна, ни со што да се покрие, а постојано носеше само една наметка. Кога ќе почувствуваше силен глад, тој излегувал од црквата и ако видел дека некој јаде влегувал, па и самиот јадел малку со него. Но, потоа почувствува дека не треба да се храни од туѓиот труд, и донесе одлука да живее во храмот без храна, сѐ додека Господ не му испрати помош одозгора. И Господ, Кој некогаш го прехранил пророкот Илија преку гавранот и многу други доблесни слуги Свои на чудесен начин, не го остави без помош својот верен слуга. Со укажување одозгора една богољубива вдовица секојдневно му доставуваше храна. Наскоро преподобниот со своите чудеса се прослави по целата околина. Така еднаш дојде кај него една сиромашна жена и бараше помош од него да ја обнови својата мала куќичка, која започнала да пропаѓа. Во одговор на нејзината молба светителот ѝ рече:

- Оди, започни со работа, и Бог, таткото на сиротите, ќе ти испрати помош.

Жената со вера отиде и започна да копа, за да постави темели, и од тоа место накопа многу смола. Ја продаде таа смола и за добиените пари не само што ја изгради куќичката туку и се издржуваше од нејзината продажба и ги задоволуваше своите останати потреби.

На еден монах, кој во близина на манастирот на свети Мина се подвизуваше на столб, преподобниот му ја претскажа блиската смрт, бидејќи тоа Духот Свети му го откри. Истото им го претскажа и на други лица. Неуморно работејќи над себе, свето чувајќи ја чистотата на својата душа и усовршувајќи се во христијанските добродетели, преподобниот имаше голема слобода пред Господа и се подготвуваше за живеалиште на Светиот Дух. Со Божествената љубов одеше по тесниот пат на смиреноумниот подвиг. Со непрестајното стражарење далеку ги бркаше секоја небрежност и вражјите напади, та врагот ни на сон не можеше да му влијае со неговата вообразеност и помисли; соодветно на своето име, тој навистина беше „буден“, „стражарејќи“, во однос на сите свои дела и помисли и ги очисти душата и телото од сите страсти. Ракоположен во чинот јереј, тој вршеше богослужење со скрушено срце и смирен дух. Надменоста и суетата целосно ги искорени. Но, најмногу од сѐ ја чуваше чистотата на Православието и во зборовите и во делата. Поразувајќи ги еретиците колку што може, тој со словото и списите учеше да се поклонуваат на светите Икони и молитвено да ги почитуваат според преданието на Црквата; многу градови исчисти од иконоборството и ги убедуваше христијаните ако е потребно и крвта да ја пролијат за светите Икони. Лично беше подготвен за таквата смрт како доброволен маченик. Над сите доблести тој ја имаше непрекинатата света молитва, постојано насочувајќи го умот кон Бога. Песнословејќи и прославувајќи Го Бога со светите Ангели, тој уште овде доби залог на неискажлива радост на вечното блаженство. Еднаш ноќе му се јави во видение Ангел Господов и му даде огнен меч, за поразување на секоја демонска сила и отсекување од Црквата на еретичките измислици, а од срцата гревовните страсти. Понекогаш, зафатен со богоразмислувањето, слушал ангелсеко пеење. Тој им беше толку мил на Бога и Ангелите, така што уште во смртното тело веќе се удостојувал на бесмртните, божествените наслади, се удостојувал да слуша ангелско пеење, какво уво не чу (Кор. 2, 9), и неискажливо да ужива во нив.

Минувајќи во Солун неколку Години, преподобниот со еден од своите ученици тргна за Бугарија, која во тоа време беше незнабожечка, но не стигна до неа и се врати. Кога ученикот го праша зошто така брзо ја променил својата намера, му одговори:

- Сакав да останам некое време, но гледам дека таму сонцето не грее.

Со овие зборови тој пророчки ги предвиде нередите кои наскоро настанаа таму и за чие време се пролеа многу крв и сета земја беше исцедена. Потоа од Солун патуваше во Византија и од таму на гората Олимп, па повторно се врати во Солун.

Така се подвизуваше на земјата и размислуваше за небесното. Најпосле се наближи времето на неговото заминување од овој живот. Тој тешко се разболе од епилепсија, лежеше неподвижно на одарот и огнено се молеше на Бога да го ослободи од оваа болест и да ја замени со друга, односно со водена болест. Бог му ја услиша молитвата, го ослободи од епилепсијата и му ја даде водената болест. Неговото тело толку се поду, што личеше на мев, наполнет со воздух. Во таква состојба го остави Солун и со голема мака отиде во Цариград, за таму да ја побие иконоборната ерес. Со себе поведе двајца свои ученици и соподвижници Јосиф и Јован. На молба на православните монаси, набрзо го испрати Јосиф во Рим, кај папата Лав III, да бара помош против гонителите на светите Икони. Но, на тој пат Јосиф беше фатен од морски разбојници, поткупени од иконоборниот цар Лав Ерменин и заточен на островот Кипар.

На Јосифа не му било судено уште еднаш да го види меѓу живите својот голем учител. Преподобниот Григориј наскоро потоа ја предаде на Господа својата чиста душа. На дванесет дена пред своето претставување му беше откриен денот на неговото заминување, и нареди да го пренесат во гостоприемницата, каде на 20 ноември тивко се упокои. За време на погребението, до него со вера се приближи еден тешко болен, кој не можел да стои исправен туку лицето постојано му било наведнато кон земјата. На овој болен му се сторило дека некој ја ставил врз него раката отпозади и тој се свртел и го прашал оној покрај него дали тој го допрел. Кога одговорил дека не е, му станало јасно дека преку светителот го допрела силата Божја и му подарила исцеление, па стоеше исправен, потполно исцелен од својата болест.

Друг човек, мачен од нечист дух, штом се приближи до сандакот на преподобниот, демонот го напушти.

Еден монах, многу измачуван од телесна страст и близок пад, со солзи бараше помош и телесната страст престана, и тој го прослави светителот и му принесе благодарност на Бога.

Така, по странствувањето на земјата, преподобниот Григориј достигна вечен покој на небесата меѓу светите Ангели, кои се удостои да ги гледа и слуша уште во својот земен живот, а сега заедно со нив Го прославува со трисвети славопои Едниот во Троица Бог за навек. Амин.

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ПРОКЛ, патријархот Цариградски

Свети Прокл беше ученик на свети Јован Златоуст. Тој се удостои да види како свети апостол Павле во чудесно видение тајно му зборува на свети Златоуст на увото. Еден цариградски големец беше наклеветен од завидливци пред царот Аркадиј, избркан од дворецот и лишен од својот висок чин. За да побара помош од свети Златоуст, тој преку посредник го замоли светителот да го прими ноќе, за некој од непријателите да не го види, па уште повеќе да го наклевети пред царот. Тогаш свети Златоуст го повика својот прислужник Прокл, маж побожен и самиот украсен со доблестите, и му нареди да го прими тој велможа. Послушанието на Прокл кај свети Златоуст се состоело во тоа да му ги пријавува посетителите и да ги внесува кај него. Кога падна ноќта велможата дојде, па свети Прокл стана, пријде до вратата на патријархот, ѕирна низ клучалката и го виде свети Златоуст како седи и пишува, а свети апостол Павле, наведнат над него му зборува на десното уво. По изглед Апостолот беше сличен на пророк Елисеј, без коса над челото, и со голема широка брада. Што зборувал Апостолот свети Прокл не можел да слушне. Тој отиде кај големецот и му рече да се стрпи и да почека малку, бидејќи има некој што пред него влегол кај патријархот, па треба да почека да излезе.

Всушност Прокл беше запрепастен, зашто не можеше да си објасни кој тоа можел да влезе кај патријархот. Освен него никој не би можел да влезе, а дека тоа е апостол Павле тој не можел да знае.

Велможата долго седел и најпосле започнал да го моли блажениот Прокл да го пријави кај патријархот. Тој му одговорил:

- И самиот гледаш колку и јас чекам да излезе оној што разговара со него. Еве, ќе одам да видам низ клучалката дали завршиле со разговорот.

И отиде, ѕирна и виде дека посетителот уште зборува. Потоа се врати и седна. По некое време и по трет пат ѕирна и го виде истото.

Велможата му рече:

- Требало, оче, никого да не пушташ пред мене, бидејќи знаеш дека сум во голема неволја и од ден во ден ја очекувам смртта.

Прокл му одговори:

- Верувај ми, брате, јас не сум го внел, и не знам кој е и кога влегол, ниту постои друг влез од каде би можел некој да влезе. Сепак, причекај уште малку.

При тоа се слушна клепањето за утрената и Прокл му рече на велможата:

- Сега оди си со мир. Од овој момент патријархот повеќе не разговара со никого, и во времето одредено за молитва не мисли за ништо друго, туку со сиот ум потопен во молитвата останува до самнување во разговор со Бога. А ти дојди наредната ноќ, и јас секако ќе те внесам кај него пред сите.

Велможата многу се натажи и расплакан си замина.

Следната ноќ повторно дојде и Прокл постапи како претходната. Појде да го пријави велможата, но пак го виде истиот Апостол како му зборува на увото на блажениот Јован, па се врати без да смее да га прекине разговорот. А кога клепалото удри за утрената, велможата повторно се врати дома плачејќи.

Прокл многу се чудеше и никако не можеше да сфати кој е тој што влегува кај патријархот, и кога влегува. И се зарече дека нема ни да јаде, ни да пие, ни да спие, ниту ќе се помрдне од вратата додека несреќниот велможа не го внесе кај патријархот и не дознае кој е човекот, кој влегува на необјаснив начин. Наредната ноќ големецот повторно дојде. Прокл знаеше дека никој не влегол и му рече:

- Поради тебе, господине мој, јас не се помрднав од вратата. Еве, веднаш одам да те пријавам кај патријархот. И кога отиде и ѕирна, повторно го виде Апостолот како му зборува на увото. Тогаш му пријде на големецот и му рече:

- Оди си, брате, и моли Го Бога да ти помогне. Како што гледам, оној што зборува со патријархот се испраќа од Бога, бидејќи на невидлив начин влегува кај него. Низ оваа врата не влегол никој, освен патријархот.

Големецот си замина со солзи и целосно ја изгуби надежта во помошта од свети Златоуст.

Меѓутоа кога самна, блажениот Јован се сети на него, го повика Прокл и го праша:

- Дојде ли човекот за кого ти реков веднаш да го внесеш кај мене?

- Да, оче, - му одговори Прокл, - тој веќе трета ноќ доаѓа, но ти со некој друг разговараш насамо и јас не се осмелив да влезам и да го пријавам.

- Со кого сум разговарал? - праша Јован. - Оваа ноќ никого немаше кај мене.

Тогаш Прокл го опиша оној што беше кај него и како наведнат му шепоти на увото. Потоа случајно погледна во иконата на свети апостол Павле на ѕидот, и извика:

- Еве, токму овој го видов како разговара со тебе, оче! Оваа е неговата вистинска слика!

Така и двајцата, Јован и Прокл, сфатија дека на патријархот му се јавувал свети апостол Павле, па Му благодареа на Бога: едниот што во своето пишување тајно бил вдахновуван од светиот Апостол, а другиот што се удостоил да види таков небесен жител, светиот апостол Павле.

Потоа свети Јован му ја укажа потребната помош на гонетиот големец, а блажениот Прокл, раководен од својот свет учител и духовен отец, напредуваше во доблестите и се усовршуваше во богоугодниот живот.

По прогонството и претставувањето на свети Јован, блажениот Прокл од страна на цариградскиот патријарх Сисиниј беше поставен за епископ на градот Кизик. Но, не беше примен од тамошните клирици, паднати во ерес, и затоа се врати во Цариград и проживеа таму една година. По смртта на патријархот свети Миксимијан, уште додека неговите чесни мошти лежеа во црквата непогребани, свети Прокл беше избран за патријарх Цариградски и на Свети Велики Четврток произведен во овој висок чин.

Како патријарх мудро го пасеше стадото Христово до крајот на својот живот. Меѓу останатото тој го посоветува царот Теодосиј, синот на Аркадиј, да ги пренесе моштите на свети Златоуст од Коман во Цариград.

За време на неговото патријархување во Византиското Царство се случи голем земјотрес, кој траеше шест месеци. Од тој земјотрес се срушија многу величествени градби, цркви, палати, а и камените градски бедеми. Многу села и мали градови ги проголта земјата. Некои острови целосно исчезнаа. Некои извори и реки ненадејно пресушија, а по сувите и безводни места потекоа води. Овој страшен земјотрес го зафати целото царство, но особено Витинија, Хелеспонт и Фригија. Кога во Цариград се рушеа најубавите и најцврсти градби, царот Теодосиј и царицата Пулхерија со свјатјејшиот патријарх Прокл и сите жители, излегоа од градот и вршеа литија во полето, со солзи молејќи Го Господа да се смилува на своите луѓе. И се случи големо чудо. Додека преплашениот народ го исполнуваше воздухот со молитвени восклици: „Господи помилј!“, ненадејно едно дете од народот беше земено од невидлива сила и кренато високо, недостижно за човечкото око, и по кратко време повторно спуштено долу. Тоа дете раскажа пред царот, патријархот и сиот народ, дека чуло Ангели кои пееле на небото песна: „Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни“.

Сиот народ веднаш започна да ја повторува таа Трисвета песна, додавајќи ѝ на молитвата: „помилуј нас“. И земјотресот престана. А детето што ја донесе Трисветата песна од небото во тој час го предаде својот дух на Бога, и чесно беше погребано во црквата на света Ирина. Од тоа време во целата христијанска Црква започна да се пее Трисветата песна.

Свети Прокл служеше како патријарх дваесет години и пет месеци и мирно отиде кај Господа.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ЕВСТАТИЈ, ТЕСПЕСИЈ и АНАТОЛИЈ

Светите маченици Евстатиј, Теспесиј и Анатолиј беа родени браќа од Никомидија, од родители Филотеј и Евсевија. Филотеј беше родум од Галатија, од градот Гангра. Тој ја остави својата татковина, се пресели во Никомидија и таму се ожени со Евсевија. Со неа ги доби во бракот овие тројца блажени жители на небесниот град. Најпрвин тие беа незнабожци. Најстариот свој син Филотеј го даде на изучување на незнабожечката философија, а Теспесиј и Анатолиј ги подготвуваше за трговија, бидејќи и самиот беше трговец, и тоа многу богат. Но, еднаш тој со својот најмлад син Анатолиј тргна за Галатија по трговија и на враќање го сретна свети Лукијан, презвитерот Антиохиски, и патувајќи со него заедно со синот, се поучија во христијанската вера и се крстија во една река. Кога се врати дома, Филотеј започна да го бара епископот Никомидиски Антим, кој се криел од незнабошците, зашто во тоа време на Максимијан и Диоклецијан се спроведуваше големо гонење на христијаните, и многу верни се криеја од мачителите. Кога го најде свети Антим, Филотеј ноќе го доведе во својот дом, та тој ги крсти сите во домот. Отслужи таму Божествена Литургија и ги причести новокрстените со Светите Тајни и го посвети Филотеј за презвитер, а неговиот најстар син Евстатиј за ѓакон. Потоа свети Антим замина, криејќи се од гонителите, а Филотеј со својот дом тајно Му служеше на вистинскиот Бог и водеше благочестив живот. По неколку години Филотеј замина кај Господа, а и неговата чесна сопруга набргу се претстави. Така останаа трите благочестиви момчиња Евстатиј, Теспесиј и Анатолиј, браќа по тело и дух, зашто еднодушно Му служеа на Бога, горејќи со духот и напредувајќи во доблестите.

Еден царски дворјанин, на име Акилин, го испрати еден ден својот слуга да му купи некои работи. Тој слуга знаел дека тројцата браќа се трговци и имаат најразновидна скапоцена роба, па отиде во нивниот дуќан. Кога влезе внатре и не најде никој, тргна по скалите кои воделе на третиот кат, и го слушна блажениот Евстатиј како чита Давидови псалми. Качувајќи се тивко по скалите, слугата влезе молкум внатре и го виде Евстатиј како во рацете го држи Псалтирот и чита: „Нека се засрамат сите, кои се поклонуваат на кипови, кои се фалат со своите идоли. Поклонете Му се сите Ангели“.(Пс. 96, 7). Освен тоа и на ѕидовите виде крстови и свети икони. Без нешто да каже, тој веднаш се врати кај својот господар и му раскажа сѐ што виде и слушна. Акилин веднаш отиде кај царот Максимијан и го извести. И веднаш беа испратени војници со слугата, да ги фатат Евстатиј и неговите браќа. Кога стигнаа кај дуќанот, го најдоа затворен. Во тоа време сите дома бев во големо молчење, причестувајќи се со Светите Тајни Христови, бидејќи беше недела. Војниците тропаа на вратата, викаа, но одговор немаше.

Меѓутоа свети Евстатиј дозна со духот дека војниците се испратени да ги фатат и им рече на браќата:

- Бидете јунаци, не плашете се, зашто нашиот Владика нѐ вика кај венецот... Оваа ноќ јас видов како нѐ водат на незнабожен суд пред Максимијан, и некаков црнец, голем и страшен, излезе по нас, и плачејќи, ридајќи и тепајќи се по лицето, говореше:

- Тешко мене! Сега ме победуваат!

А пак пред нас одеше едно многу блескаво момче, кое држеше во рацете три венци и три книги и ми говореше:

- Евстатиј, ѓакону Христов, ова ви го подготви Отецот на милосрдието и Богот на секоја утеха. Затоа не плашете се од мачителите, како што не им се исплаши ни првомаченикот Стефан...

- Откако го рече тоа, светлото момче се искачи на небото, а црнецот ридајќи замина на запад.

Кога им го раскажа ова видение на браќата, Евстатиј ги соколеше, говорејќи:

- Да не се одречеме, мили мои, од нашиот Господ Христос пред луѓето, за и Он да не се одрече од нас пред Отецот Свој и пред светите Ангели Свои.

А Теспесиј и Анатолиј одговорија:

- Брате, ние сме подготвени да умреме за нашиот Творец, и ништо нема да нѐ раздели од љубовта Негова.

Додека тие така разговараа, војниците силно удираа по вратата и на цел глас викаа:

- Отворете ја вратата, отворете ја!

Теспесиј и Анатолиј излегоа и отворија. Војниците влетаа внатре и прашуваа дали има уште некој со нив, па предводени од слугата на Акилин се качија на третиот кат. Кога влегоа во молитвената соба го видоа Евстатиј со Свето Евангелие во рацете. Тој го отвори Евангелието и прочита: „Не плашете се од оние што го убиваат телото но душата не можат да ја убијат“ (Мт. 10, 28). Старешината на војниците викна кон Евстатиј:

- Остави го тоа што го имаш во рацете! Не смееш да се допираш до Светото Евангелие, бидејќи не си син на христијански родители.

Евстатиј го притисна на градите Светото Евангелие, го целиваше и го стави на масата. А еден од војниците рече:

- Гледаш ли како христијаните ги сакаат книгите во кои се напишани сите нивни магии!

Војниците го поведоа Евстатиј, а тој се сврте кон светите книги и им рече:

„Ние ви се ветуваме!“

Потоа погледна во многубројната скапоцена роба и воскликна:

„Се одрекувам од вас и од сѐ минливо и одам по Христа“.

Кога излегоа надвор, војниците ја затворија и запечатија вратата од куќата, а тројцата свети браќа ги врзаа заедно и ги поведоа кај Максимијан, кој се насмевна и рече:

- Кој ви нареди да ги врзете овие три момчиња? Убеден сум дека тие се пријатели на нашите богови.

И нареди веднаш да бидат одврзани и им се обрати:

- Пред секој разговор и испрашување секој од вас нека си го каже името и од каков род е.

Ѓаконот Евстатиј, како најстар брат, одговори:

- Најмилото и најславно наше име е Христијанин; при раѓањето јас го добив името Евстатиј, брат ми од десната страна Теспесиј, а овој од левата Анатолиј; ние сме браќа по тело, родени сме овде од исти мајка и татко; нашиот татко, родум од Галатија, беше христијански презвитер.

Максимијан праша:

- Кој го направи презвитер вашиот татко?

Евстатиј одговори:

- Оној, кого ти неодамна неправедно го уби. Свети Антим, епископот на нашиот град. Тој и мене ме постави за ѓакон, да им служам на Божјите јереји, кога тие ги вршат Пресветите и Пречисти Тајни Христови.

На тоа царот рече:

- Престани да зборуваш глупости! Подобро заедно со браќата поклони им се на нашите богови, а јас ќе ви дадам почести и славни функции на мојот дворец! Во спротивно со меч ќе ве погубам!

Но, светителите во еден глас одговорија:

- Прави што сакаш. Ние сме христијани и Му се поклонуваме само на единствениот Бог, Кој ги створил небото и земјата, и Синот Негов Господ Исус Христос, и Светиот и Животворен Дух. На вашите погани и одвратни идоли никогаш нема да им се поклониме!

Разгневен од овој одговор, Максимијан нареди да ги положат на земјата и да ги тепаат со стапови. По долгото тепање, тие како со една уста воскликнаа кон Бога:

- Ти благодариме, Господи, што нѐ удостои да бидеме мачени за светото име Твое.

Свети Евстатиј го додаде и ова:

- Многумина се бореа со мене од младоста моја, но не ме совладаа. На плеќите мои орачи ораа, долги бразди повлекуваа на своето беззаконие (Пс. 128, 2-3). Помогни ни Боже, Спасителу наш.

Бидејќи и понатаму светите маченици страотно ги тепаа, Максимијан им нареди на мачителите да престанат и им рече:

- Безбожници! До кога ќе ги трпите ваквите маки? Принесете им жртва на боговите, не погубувајте се залудно поради верата во некаков човек, кој тепан како вас, умре со принудна смрт.

Светителот одговори:

- Нема да се одречеме од Христос, Спасителот наш, зашто познавме дека е Он вистинскиот Бог, и пострада на крст заради нашето спасение.

Тогаш мачителот нареди да ги одведат во темницата, нозете цврсто да им ги забијат во клада, без храна и вода. Додека така седеа во темницата, една ноќ ги осветли светлина, им се јави Ангел Господов, им ги разреши оковите, ги исцели, им даде мана да јадат и им рече:

- Борете се јуначки за Христа, а јас нема да отстапам од вас и во сите страдања ќе бидам со вас, зашто сум испратен од Христа Господа да ве чувам.

Ангелот стана невидлив, а светителите ги обзеде неискажлива радост, и Му благодареа на Бога, при што свети Евстатиј говореше:

- Господ ги крши оковите на затворените, Господ им ги отвора очите на слепите, Господ ги подига соборените, Господ ги сака праведниците, Господ ги чува дојденците (Пс, 145, 7-9).

По извесно време мачителот Максимијан седна да им суди и нареди да ги доведат. Војниците отидоа и ги најдоа разврзани од оковите, потполно здрави, како спокојно спијат. Тие започнаа да викаат, да го караат стражарот и да прашуваат кој ги одврзал, а тој со заклетва ги уверуваше дека никој ниту ги одврзал ниту пак влегол кај нив, ниту им давал храна и вода. Тогаш повторно ги врзаа и ги одведоа кај царот. Кога ги виде здрави и весели, тој се чудеше како е можно тоа, па им рече:

- Бедници, размислете што е подобро за вас, па принесете им жртви на боговите и јас со почит ќе ве ослободам.

Но, свети Евстатиј одговори:

- Немој да се надеваш дека ќе нѐ предомислиш со ласкави зборови или со мачење. Ние со ништо не сме приврзани за овој живот, зашто голи сме излегле од утробата на нашата мајка и голи треба да излеземе од овој суетен живот.

Царот нареди да ги предадат на ѕверовите. Ги поведоа кон гледалиштето, а по нив одеа сите жители на Никомидија. Сите сакаа да го видат крајот на мачениците. Пуштија на нив два лава и три мечки, и сите ги обзеде ужас од рикот на ѕверовите. Но, свети Евстатиј пееше псалми:

„Спаси нѐ, Господи, од устата на лавовите и од биволските рогови, за да го објавуваме името Твое на браќата наши и да Те славиме среде собранието“.

Теспесиј и Анатолиј се исплашија од ѕверскиот рик, па Евстатиј им рече:

- Браќа, зошто се плашите од ѕверовите? Зар не знаете дека нашиот Владика е моќен да ги скроти, како што ги скроти во јамата Даниилова? Зар не се сеќавате на зборовите на Ангелот, кој ни вети дека ќе биде со нас во сите наши страдања и ќе нѐ чува?

Додека Евстатиј зборуваше, лавовите им се нафрлија, но застанаа до нив и започнаа да мавтаат со опашите, како кучиња кога ќе го препознаат својот господар. Евстатиј ги погали и целосно ги скроти. Мечките започнаа да си играат меѓу себе, а до светите маченици дури не се ни доближија. Тогаш народот започна да вика:

- Тие се волшебници! Со магии ги скротија ѕверовите!

А христијаните воскликнуваа:

- Голем е Богот христијански, Кој ги затвори челустите на ѕверовите, да не им наштетат на Неговите верни слуги!

Најпосле царот нареди да ги фрлат во темница, во која ги посети Ангелот, ги утеши и ги поткрепи со манна.

Во тоа време тешко се разболе царевиот син Максенциј. Загрижен и очаен поради тоа, царот ги предаде мачениците на Никејскиот комит Антониј, велејќи му:

- Води ги овие христијани во својот град, и таму присили ги да им се поклонат на боговите. Ако послушаат со почести врати ги назад, а ако одбијат прво многу мачи ги, па потоа заколи ги како диви ѕверови.

Комитот ги поведе затворениците и тргна кон Никеја. Кога стигна дома ја затекна својата жена болна. Нареди мачениците да ги затворат во темница, па утредента седна да им суди и започна:

- Многу се грижам за вас, млади луѓе, и сакам да ви укажам милост и да ве упатам кај царот, за да примите од него најразлични почести. Верувајте ми како на пријател и послушајте ме. Принесете им жртва на боговите.

Светителите одговорија:

- Ние Му се молиме на нашиот Господ Исус Христос, да нѐ сочува беспрекорни во верата на која нѐ научи. Подготвени сме да умреме и да не дозволиме да отстапиме од Него и да паднеме во гибелта ваша.

Комитот се разлути и разбесни и нареди да ги обесат со главите надолу и да ги стругаат со железни нокти.

Долго стругани така, крвта им течеше како потоци, месо им отпаѓаше, коските им се гледаа... Најпосле светите страдалници го кренаа својот глас кон Бога, говорејќи:

- Царе и Боже на вековите, погледни од светото живеалиште Твое кон нас, недостојните слуги Твои, кои страдаме заради светото име Твое.

Додека зборуваа, одозгора им дојде невидлива помош, јуначки да ги поднесат страотните маки.

Сверепиот мачител, гледајќи го непобедливото трпење на страдалниците, нареди да ги симнат од дрвото и да ги водат во темницата. Бидејќи не можеа да одат, како предмети ги однесоа и фрлија внатре.

Таму, како и порано, им се јави ангел Господов, во голема светлина, ги утеши со радосни зборови и ги исцели од раните. Светите маченици Го славеа Бога, говорејќи:

- Ти благодариме Боже, што не ги оставаш оние што во Тебе се надеваат и за Тебе страдаат! Со што да Ти возвратиме, Господи, за сите добра што си ни ги сторил? Кој бог е толку голем како Богот наш? Ти си Бог Кој чудеса прави.

По некое време мачителот повторно ги извади од темницата да им суди. Пред нив нареди идоли и со закани ги тераше да им се поклонат, говорејќи:

- Ако не ја извршите царската наредба, со меч ќе ве исечам и телата ќе ви ги фрлам на ѕверовите.

Светите маченици во еден глас му одговорија:

- Нема да отстапиме од нашиот Бог Христос, ниту ќе им се поклониме на поганите идоли, неми и глуви, кои очи имаат, а не гледаат, уши имаат, а не слушаат. Такви се оние што ги прават и сите кои се надеваат во нив (Пс. 113, 13).

На овие зборови мачителот од силен гнев рикна како лав, и нареди да ги изведат надвор од градот, да ги заколат со меч како диви ѕверови, а телата да им ги фрлат непогребани, за да ги растргнат ѕверовите и птиците. На губилиштето имаше маслиник и мачениците беа врзани за дрвјата. Во тој маслиник дојдоа и двајца нивни блиски пријатели, христијаните Паладиј и Акакиј. Тие паднаа пред нозете на слугите, кои требаше да ги заколат светите маченици, им дадоа многу злато и ги молеа:

- Господа, причекајте малку, за да поразговараме со осудените христијани. Треба нешто да им кажеме, па потоа колете ги.

Слугите го зедоа златото и се тргнаа настрана. Паладиј и Акакиј пријдоа кај светите маченици, со љубов ги целиваа и со плач и многу солзи ги молеа да се помолат за нив. Додека се молеа, дојде глас од небото, кој ги повикуваше на вечен покој и во тој момент тие ги предадоа своите души во рацете на Бога. Кога слугите видоа дека веќе умреле, сепак, од страв од мачителот, ја извршија неговата наредба над мртвите тела. Евстатиј и Теспесиј ги заклаа на грлото а Анатолиј го прободеа во ребрата. Кога телата лежеа на земјата, тие им ги отсекоа главите, па ги оставија непогребани и заминаа. Тогаш од небото слегоа шест Ангели, во вид на орли, и кружеа над телата додека Паладиј и Акакиј чесно ги погребаа.

Во истиот ден, комитот Антониј на зајдисонце се разболе, а утредента најпрвин умре неговата жена, па по неа и тој, откако падна врз неа и ја исфрли својата душа во маки. Сега тие се мачат во пеколот, а светите Страдалници се радуваат во царството на Христа Господа, Кому слава низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДАСИЈ

За време на царувањето на Диоклецијан и Максимијан, во градот Доростол живееше овој свет маченик. Во тој град имаше обичај, секоја година на триесет дена пред празникот на незнабожечкиот бог Кронос, да изберат меѓу војниците што поубаво момче за принесување на жртва на овој бог. Во текот на тие триесет дена избраното момче го облекувале во царска облека, му ја исполнувале секоја желба и го подготвувале за жртвата. На празникот му го принесувале на Кронос. Еднаш оваа тажна задача му се падна на храбриот и многу убав војник Дасиј. Дотогаш тој беше потаен христијанин. А кога му се случи овој несреќен избор, одлучи да се објави за христијанин, отколку да го даде животот за смилостивување на одвратниот незнабожечки бог.

- Ако треба да умрам - им рече тој на своите другари војници, - тогаш подобро е да умрам како христијанин за Христа Господа.

Од таа причина свети Дасиј ги презре сите богатства и наслади на овој свет, во кои можеше да ужива во текот на тие триесет дена, според незнабожечкиот обичај. Тој ги отфрли сите раскошни ветувања на незнабошците, цврсто држејќи се до светиот Апостол: „Сѐ сметам за бесмислено, само Христа да Го придобијам“ (Флп. 3, 8). Наместо веселби и гозби, свети Дасиј започна да го изобличува безумното служење на идолите и бестрашно го проповедаше Христовото Евангелие. Вдахновен со благодатта на Светиот Дух, исповедникот Христов ревносно ги убедуваше сите да веруваат во единствениот вистински Бог и единородниот Син Божји Исус Христос. Кога гласот за тоа допре до незнабожечките владетели Диоклецијан и Максимијан, наредија веднаш да биде изведен на суд пред управникот на мизиската област Васа. На судот свети Дасиј храбро го изобличуваше безумието на идолопоклониците и Го исповедаше Господа Христа. Поради тоа беше подложен на страшни мачења, па потоа посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ: НИРС и ЈОСИФ

Свети Нирс беше епископ во Персија и го имаше за соподвижник својот ученик Јосиф. Како вистински слуги Христови, тие имаа страв Божји и се трудеа да водат доблесен живот, исполнувајќи го законот Христов.

Гледајќи го доблесниот живот на својот ученик Јосиф и неговото богочезниво трудољубие, свети Нирс го произведе за епископ. Нивните сонародници персијци му се поклонуваа на сонцето и се оддаваа на разни пороци. Свети Нирс и Јосиф многу тагуваа поради тоа и беа ревносни за Црквата Христова. Крепени со благодатта Божја, тие ревносно го проповедаа Евангелието Христово, и многу незнабошци обратија кон верата во вистинскиот Бог и ги научија на побожното живеење.

Во тоа време персискиот цар Сапор крена луто гонење против христијаните, присилувајќи ги да им се поклонат на сонцето и огнот. Кога слушна дека епископите Нирс и Јосиф многумина обраќаат кон Христа, царот нареди да ги фатат и да му ги доведат. Пред царот излезе осумдесетгодишниот старец со својот ученик и соподвижник. Тој им нареди да му се поклонат на огнот или да се подготват за маки и смрт, а светителите на тоа бестрашно одговорија:

- Ако ти, царе, би можел по нашата смрт и седум пати да нѐ воскреснуваш за мачење, ни со тоа не би можел да нѐ разделиш од нашата љубов кон Христос.

При таквиот одговор на исповедниците, цврсто решени да пострадаат за Господ Христос, разгневениот гонител нареди веднаш да им се отсечат главите.

Така овие свети маченици примија несвенливи венци на небесата.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ: ЈОВАН, САВЕРИЈ, ИСАКИЈ, ИПАТИЈ и останатите со нив

Светите маченици Јован, Савериј, Исакиј и Ипатиј беа епископи во разни градови на Персија. А кога незнабожниот персиски огнопоклоник цар Сапор започна да ги присилува христијаните да се поклонуваат на сонцето и огнот, овие светители ги бодреа верните да бидат цврсти следбеници Христови, и ги обраќаа кон Христа незнабожните персијци. Тие ја изобличуваа заблудата на огнопоклониците, убедувајќи ги дека сонцето и огнот не се богови туку само творби, создадени за прославување на Творецот и за служење на луѓето.

Кога гласот за нивното учење дојде до царот Сапор, тој испрати војници и свои велможи во градовите каде светителите проповедаа и нареди да ги фатат. Фатени, тие без никаков страв излегоа на суд и царот многу строго ги праша:

- Зарем не ви е познато дека јас водам потекло од боговите, се молам на сонцето и го обожавам огнот? А вие? Кои сте вие, што се кревате против моите наредби, и ги понижувате и омаловажувате сонцето и огнот?

Светителите едногласно ја исповедаа верата во едниот Бог. Притоа говореа:

- За наша корист, Бог наредил да постојат сонцето и огнот. А вистинскиот Бог е еден. Он створил сѐ и единствено Нему Му доликува поклонување и слава.

На тоа царот извика:

- Кој Бог е пославен од Ормузд или пострашен од Ариман? Кој може да се нарече мудар, ако не му се поклонува на сонцето?

Епископот Савериј повторно, од името на сите, го потврди исповедањето на верата:

- Ние, царе, не знаеме за друг Бог освен за Оној Кој ги створил небото и земјата, сонцето и месечината и сѐ видливо и невидливо; и веруваме во Синот Негов Исус Назареецот.

Тогаш царот нареди да го тепаат светителот по устата, и тоа толку бездушно, така што му ги извадија забите.

И на тоа со потсмев дофрли:

- Повикај го Исус да ти ги стави забите!

А кога Савериј поради тоа го нарече безбожник, страшно го бичуваа, па полумртов го фрлија во темница.

Потоа мачителот го повика Исакиј и со закани го праша:

- И ти ли си истомисленик со Савериј, та ќе треба и твојата крв да ја пролијам?

Воодушевен од цврстиот пример и исповедање на верата на Савериј, свети Исакиј му одговори:

- Нашата истомисленост е највисока мудрост, која ти не можеш да ја достигнеш.

Раздразнет од цврстината на христијаните, царот му се закануваше на Исакиј дека ќе му го отсече јазикот ако продолжи да зборува. Потоа премина на обвинувањата на персискиот маг против Исакиј, и побара објаснување од него, зошто гради христијански храмови. На тоа Исакиј одговори:

- Ако престанам да го правам тоа, како би се славело името Божјо и меѓу незнабошците?

Тогаш царот се обрати кон угледните граѓани, кои пред тоа, гледајќи ја царевата свирепост, се одрекоа од христијанството. Тој многу ги навредуваше и им се закануваше со смрт, ако се вратат во христијанската вера и се колнеше дека додека царува тој, нема да трпи во своето царство ниту еден христијанин. Потоа им нареди на отпадниците, кои трепереа од страв, Исакиј да го убијат со камења. И велможите, вероотстапници, го засипаа со камења својот епископ, надвор од градот.

Потоа сите персијци, особено угледните граѓани и началници, се кренаа против христијаните. Така селевкискиот епископ Јован, кој темнуваше во темницата во замокот Бет-Гасцит, бил усмртен со наредба на гадиапскиот началник. А пак свештеникот Гулсал Исак бил каменуван. Исповедникот Савериј по два дена умре во темницата од нанесените рани. Кога за тоа го известија злобниот цар, тој не му поверува на извештајот и нареди да му ја отсечат главата на мртвиот епископ и да му ја донесат.

Без оглед на вероотстапниците велможи на царот Сапор, исплашени од неговата бездушност, многу христијани од мирјаните се истакнаа цврсти во верата и според примерот на своите пастири, храбро одеа на мачења заради Христа Господа. Така Азат, евнух на намесникот Гадиапски, со останатите христијани бил одвлечен во идолиштето. Но, тој од детство воспитан во христијанската вера, заедно со останатите христијани ги изобличи незнабошците и одби да му принесе жртва на сонцето, знаејќи дека: “незнабошците на бесовите им принесуват жртва, а не на Бога“ (1Кор.10, 20). Затоа ги подложија на најразлични мачења. Потоа Азат беше задавен од еден вероотстапник. Заедно со него беше мачен и убиен Сасаниј. На еден христијанин, на име Авраам, очите му беа извадени со помош на вжештени клинци, од што тој по два дена умре во страшни маки, без да престане да го повикува името Христово. А христијанинот Симеон персијсците го закопаа жив во земјата до градите, па со стрели го изрешетаа делот од телото над земјата.

За време на ова гонење во Персија, заблескаа со венците на мачеништвото и многу жени и девојки христијанки, натпреварувајќи се со споменатите свети мажи, во љубовта кон Христа. Така, девиците Текла и Ана, и со нив благородната жена Ваута (Богута), Мамија, Мама, Нана и многу други, кои бестрашно го изобличуваа безбожието, беа искасапени со мечеви. Од земјата наросена со крвта на овие маченички никна исцелителна смоква, како осуда за гонителите. А еретиците и манихејците, по извесно време, не можејќи да го поднесат чудото со кое земјата сама речито зборуваше за вистинитоста на верата на исповедниците Христови, ја отсекоа таа смоква. Поради тоа беа казнети со страшна болест.

Така и во Персија Бог одгледа многуброен собор од Маченици и Исповедници, кои пострадаа за Господа Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ГЕИТАЗЕТ, САСАНИЈ, НОИЛМАРИЈ и ЗАРУАНДИН

Овие свети маченици пострадаа за Господа Христа избодени со копја. Со нив пострадаа и светите маченици Текла, Ваута и останатите (под денешниот датум).

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ: ТЕКЛА, ВАУТА и ДЕНАХИСА, ТЕНТУА, МАМА, МАЛОХИЈА, АНА, НАНА, АСТА и МАЛАХА

Пострадале за верата во Господа. Живееле во Персија како деви подвижнички. Персискиот цар ги присилувал да им се поклонат на огнот и сонцето. Тие одлучно одбиле. Тој нареди, та некои со меч посекоа, а други со ножеви исекоа, заедно со евнухот Геитазет (Азет) и други маченици (под денешниот датум).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОКТИСТ ИСПОВЕДНИКОТ

Беше патрициј по функција. Се претставил во времето на царицата Теодора, во првата половина на деветтиот век.