4. Декември (21. Ноември)
ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од Своето раѓање, нејзините свети и праведни родители Јоаким и Ана одлучија да ја предадат во служба на Бога, според своето ветување. Затоа ги собраа во Назарет, каде што живееја, сите свои сродници од царскиот и архијерејскиот род, зашто праведниот Јоаким беше од царски род, а неговата сопруга, света Ана, од архијерејски, а исто така и хор од беспрекорни девици. При тоа тие подготвија многу свеќи и ја дотераа Пречиста Дева Марија со царско благолепие, како што за тоа сведочат светите Отци.
Архиепископот Ерусалимски свети Јаков, од името на свети Јоаким зборуваше вака:
„Повикајте ги беспрекорните ќерки Еврејски, тие да земат запалени свеќи“.
А пак од името на праведната света Ана, патријархот Цариградски свети Герман, вели вака:
„Го исполнувам пред Господа заветот што го изрече мојата уста во тагата моја, и поради тоа собрав хор од девици со свеќи, свикав свештеници, ги собрав сродниците, на сите говорејќи им: радувајте се со мене сите, зашто денес се покажав и како мајка и како родителка, приведувајќи ја својата ќерка, не на царот земен туку на Бога, Царот небесен“.
А пак за царската украсеност на Богодевицата, свети Теофилакт, архиепископот Охридски, зборува:
„Било потребно воведението на Себожествената Девица да биде достојно на Неа, за така пресјајниот и скапоцен Бисер да не се допре до бедна облека; било потребно да ја облечат Неа во царска облека, на слава и најголема красота“.
Кога уредија така сѐ што е потребно за свеченото и славно воведение, тие тргнаа на тридневно патување од Назарет до Ерусалим.
Во Ерусалим свечено влегоа во храмот и го воведоа во него одуховениот храм Божји, тригодишното девојче, Пречиста Дева Марија. Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, како што сведочи свети Тарасиј, патријархот Цариградски, кој става во устата на света Ана вакви зборови: Тргнете девици со свеќите и одете пред мене и пред Богородица.
А пак нејзините свети родители, таткото од едната, а мајката од другата страна, ја водеа нежно и богобојазливо својата од Бога дарувана Ќерка. По нив радосно одеа мноштвото роднини и пријатели, сите со запалени свеќи, опкружувајќи ја Пресвета Дева, како ѕвездите сјајната месечина, на восхитување на цел Ерусалим. Тоа свети Теофилакт го опишува вака:
„Ќерката го заборава домот на таткото и се води кај Царот, желен на нејзината красота; се води, не без почести и не без слава, туку со свечена свита. Се изнесува таа од родителскиот дом со сеопшто ракоплескање; по нејзините родители одеа роднините, соседите и сите кои ги сакаа; татковците се радуваа со таткото, мајките со мајката; а девиците со свеќи во рацете одеа пред Богодевицата, како венец од блескави ѕвезди; и се слеа цел Ерусалим да го набљудува овој невиден настан, ова невидено испраќање, и да ја види тригодишната Девица, опкружена со толкава слава и почестена со таква свита. И не само граѓаните на земниот Ерусалим туку и на небесниот Ерусалим, светите Ангели, се собраа да го видат преславното воведение на Пречиста Дева Марија. И додека гледаа се восхитуваа. За тоа Црквата зборува:
„Ангелите, додека го гледаа влегувањето на Пречистата, се восхитија како Дева влезе во Светињата над Светињите“.
Кога се спои со видливиот хор на чедни девици, невидливиот хор на Бестелесни Умови невидливо одеше, сововедувајќи ја Пречиста Дева Марија во Светињата над Светињите и, со наредба Господова, ја опкружија како избран сад Божји. За тоа свети Григориј, архиепископот Никомидиски, вели вака:
„Родителите веќе ја водеа кон дверите на храмот Дева, опкружена од Ангелите, со заедничко радување на сите Небесни Сили. Зашто Ангелите, иако не ја знаеја силата на тајната, сепак како слуги, со наредба Господова служеа при Нејзиното влегување во храмот. Значи, како прво, тие се восхитуваа додека гледаа дека Таа е скапоцениот сад на доблестите, и дека Таа ги носи знаците на вечната чистота, и има такво тело, до кое никогаш нема да се доближи никаква гревовна нечистотија; а како второ, исполнувајќи ја волјата Господова, тие ја извршуваа наложената служба“.
Така, со чест и слава Себеспрекорната Девица беше воведена во храмот Господов, не само од луѓето туку и од Ангелите. И тоа со потполно право, зашто кога старозаветниот Ковчег, кој во себе носел мана, и бил самиот праобраз на Пресвета Дева, со голема чест беше внесен во храмот Господов, во присуство на сиот Израил, толку попрво со најголема чест, со учество на Ангелите и луѓето, требало да се објави воведувањето во храмот на оној вистински одухотворен ковчег, кој требало да ја носи во себе манната - Христос, Преблагословената Дева, однапред избрана за Мајка на Бога.
При внесувањето на старозаветниот Ковчег во храмот Господов, пред него одеше земниот цар, кој тогаш царуваше над Израилот, Богоотецот Давид; а при воведувањето во храмот Божји на овој одухотворен ковчег, Пречиста Дева, пред него одеше не земниот туку небесниот Цар, на Кого ние секој ден Му се молиме: „Цару небесен, Утешителу, Духу на вистината... Дека токму тој Цар ја предводел оваа Царска Ќерка, за тоа сведочи светата Црква во денешните песни, говорејќи:
„Во Светињата над Светињите се воведува со Светиот Дух Светата и Беспрекорна. При внесувањето на Ковчегот имаше музика и пеење, зашто Давид им нареди на старешините левитски да одредат пејачи кои ќе свират на органи, псалтири, кимвали, и гусли и да пеат радосни песни“.
При воведението на Пресвета Дева, веселба ствараа не земната музика и пеење туку пеењето на Ангелите, кои невидливо присуствуваа на овој настан. Зашто тие, при нејзиното влегување во Светињата над Светињите за служење на Господа, пееја со небесни гласови, на што Црквата денес и потсетува, пеејќи во Кондакот:
„Благодатта на Божествениот Дух ја сововедува; на Неа Ѝ пеат Ангелите Божји; Таа е живеалиште небесно“. Сепак, воведението на Пречистата во храмот не се случува без човечки песни. Праведната Ана (во словото на свети Тарасиј) им вели на девите кои одат напред: „Опевајте ја Неа со пофална песна; пејте Ѝ со звуците на гуслите; воскликнете Ѝ песна духовна; прославете Ја на десетожичниот Псалтир“.
Истото го спомнува и Црквата, говорејќи:
„Јоаким и Ана се радуваат со духот, и хоровите од девојки Му пеат на Господа, псалмски припевајќи и почитувајќи Ја Мајката Негова“ .
Тоа покажува дека хорот од девици, кои оделе тогаш пред Пречиста Дева, пеел некои песни од псалмите Давидови. Во тој дух и составувачот на сегашниот канон им зборува на тие девици: Започнете, девојки, и пејте песни, држејќи во рацете свеќи.
А пак светите и праведни Јоаким и Ана, според сведоштвото на свети Тарасиј, во своите усти ја имаа оваа песна на праотецот Давид:
„Чуј, Ќерко, и види, и обрати го кон мене увото свое, и заборави го народот свој и домот на таткото свој, и на Царот ќе му омиле убавината твоја“ (Пс. 44, 11-12).
Во пресрет на ова славно Воведение на Богодевицата, според кажувањето на свети Теофилакт, излегоа свештениците кои служеа во храмот, и со песни ја пречекаа Пресвета Дева, Која требало да стане Мајка на Архиерејот, Кој ја надминал небесата. Водејќи ја до црковните врати света Ана, како што пишува свети Тарасиј, говореше вака:
„Ајде, ќерко моја, кај Оној Кој тебе ми те подари мене! Ајде, Кивоту осветен, кај милостивиот Владика! Ајде, Врато на Животот, кај милосрдниот Дародавец! Ајде Ковчегу на Логосот, кон храмот Господов! Влези во Црквата Господова, радост и веселие на светот!“
А на Захариј, како пророк, архиереј и свој сродник, таа со Јоаким му рече:
„Прими ја, Захариј, чистата Сеница; прими го, свештенику, беспрекорниот Ковчег; прими ја, пророку, Кадилницата на невештествениот жар; прими го, праведнику, духовниот Темјан!“
И праведната Ана, како што вели свети Герман, му рече на архиерејот:
„Прими ја, пророку, мојата од Бога дарувана ќерка; прими ја, и внеси ја, и постави ја на горите на светињата, во подготвеното живеалиште Божјо, биз ништо да испитуваш додека Бог, Кој Ја повика ваму, не ја открие Својата конечна намера за Неа“.
Пред храмот имаше, пишува блажениот Јероним, скала со петнаесет скалила, според бројот на петнаесетте скалила на псалмите, зашто на секое од тие скалила се пееле од страна на свештеникот и левитите по еден посебен псалм. Праведните родители ја подигнаа Дева на првото скалило, а потоа таа сама брзо се искачи до врвот, крепена со невидлива сила Божја. И сите се восхитија кога го здогледаа тригодишното девојче, како по скалата така брзо се искачи само. Особено на тоа се восхити големиот првосвештеник Захариј, и како пророк, со откровение Божјо, однапред ја предвидуваше иднината на оваа Дева, зашто тој, како што вели Теофилакт, бил обземен од Духот. Исто така и свети Тарасиј зборува за тоа дека Захариј, исполнувајќи се со Светиот Дух, воскликна: „О, Девице чиста! О, Дево, несоблазнива! О, Девице прекрасна! О, Украсу на жените! О, убавино на ќерките! Ти си благословена меѓу жените! Ти си сепрославена со чистотата! Ти си запечатена со девственоста! Ти си разрешување на Адамовото проклетство!“ Захариј ја зеде девицата за рака, вели свети Герман, и радосен со душата ја внесе во Светињата над Светињите, зборувајќи Ѝ вака: „Дојди, на моето пророштво исполнување! Дојди, на ветувањата Господови извршување! Дојди, печату на заветот Господов! Дојди, на советот Господов обелоденување! Дојди, полното на тајните Господови! Дојди, на сите Пророци огледало! Дојди, на полните со гревови обновување! Дојди, светлино на оние што во темнина седат! Дојди, најбожествен и најнов дару! Влези во радоста, во храмот на твојот Господ: во долниот дел од храмот, достапен на луѓето, а по кратко време и недостапен за нив!“
И Девицата, весела и многу радосна, влезе во домот Господов како во двор. Иако беше мала по возраст, имаше само три години, сепак Таа беше совршена со благодатта Божја, како однапред позната и однапред избрана од Бога, пред стварањето на светот.
Така Пречистата и Преблагословена Дева Марија беше воведена во храмот Господов. При тоа првосвештеникот Захариј стори необична и за сите чудна работа: тој ја внесе Девицата во самата скинија, наречена Светиња над Светињите, која се наоѓала зад втората завеса и во која беше Ковчегот на заветот, окован отсекаде со злато, и херувимите на славата кои го осенуваа олтарот, каде не било дозволено да влегуваат не само жените туку дури ни свештениците, а каде што можел да влегува единствено првосвештеникот, и тоа еднаш во годината. Таму првосвештеникот Захариј Ѝ додели на Пречиста Дева место за молитва. А пак на сите останати девици, кои живееја во храмот до одредена возраст, им доделувал, според сведоштвото на свети Кирил Александриски и свети Григориј Ниски, место за молитва помеѓу црквата и олтарот, каде подоцна Захариј и беше убиен. Ниту една од тие девици никако не смеела да пристапи кај олтарот, зашто тоа им било најстрого забрането од страна на првосвештеникот. А пак на Пречиста Дева, од времето на нејзиното воведение, ниту еден момент не Ѝ беше забрането да влегува во внатрешниот олтар, зад втората завеса и да се моли таму. Тоа го стори првосвештеникот според таинствено поучување од Бога, за што свети Теофилакт зборува вака:
„Првосвештеникот, станувајќи тогаш надвор од себе, обземен од Духот Божји, сфати дека оваа Девица е живеалиште на Божествената благодат и дека Таа е подостојна од него постојано да стои пред лицето Божјо. Сеќавајќи се на она што е речено во законот, веднаш беше јасно дека тој пропис се однесува на оваа Девица. Затоа без никакво двоумење и одложување тој се осмели, спротивно на законот, да ја воведе во Светињата над Светињите“.
Како што вели блажениот Јероним, праведните родители Јоаким и Ана принесоа со преблагословената своја Ќерка и подароци, жртви и паленици, и откако добија благослов од првосвештеникот и светиот свештенички собор, се вратија со своите сродници дома и приредија голема гозба, веселејќи се и благодарејќи Му на Бога.
А пак Преблагословената Дева на почетокот од своето живеење во домот Господов беше сместена во домот за девици. Зашто Ерусалимскиот храм, изграден од Соломон, а по разрушувањето обновен од Зоровавел, имаше многу домови за живеење, како што пишува Јосиф, древниот историчар Еврејски. Надвор, покрај ѕидовите на храмот наоколу беа изградени триесет камени градби, одвоени една од друга, пространи и многу убави; врз нив имаше други градби, и врз нив трети, така што ги имаше деведесет на број, снабдени со сите удобности за живеење во нив. Нивната висина беше рамна на висината на храмот. И тие беа како кули кои однадвор ги потпираат ѕидовите на храмот. Значи, во тие зданија имаше станови за разни лица: одвоено живееја вдовиците кои дале завет на Бога дека до смртта ќе ја чуваат својата чистота, како пророчицата Ана, ќерката Фануилова; посебно живееја луѓето наречени назореи, кои слично на монасите живееја безбрачно. Сите тие лица Му служеа на Господа при храмот и добиваа издршка од приходите на храмот. А останатите зданија беа одредени за престој на патниците и гостите, кои доаѓале од далеку во Ерусалим на поклонение.
Тригодишното девојче, Пречиста Марија Дева, како што е речено, беше сместена во домот за девојчиња, при што на Неа Ѝ беа доделени девојчињата, постари по години од Неа и искусни во пишувањето и рачната работа, за Богородица од мала да се научи и на пишувањето и на рачната работа истовремено. А нејзините свети родители Јоаким и Ана ја посетуваа често. Особено Ана, како мајка, доаѓаше многу често да ја види својата ќерка и да ја поучи. Според сведоштвото на свети Амвросиј и историчарот Георгиј, Дева брзо и одлично го изучи Еврејското старозаветно Писмо. И не само Писмото туку одлично ја изучи и рачната работа, како што за тоа зборува свети Епифаниј; Дева беше остроумна и полна со љубов кон учењето; Дева не се поучуваше само од Светото Писмо туку се вежбаше и во предењето на волна и лен и шиењето на свила. Со својата благоразумност Дева ги восхитуваше сите; се занимаваше првенствено со такви работи, кои им биле потребни на свештениците за нивното служење во храмот; а споменатите рачни работи Дева ги изучуваше, за подоцна, при Синот свој, да се издржува себе си: Дева со свои раце Му изработи на Господа Исуса хитон, не шиен туку целиот исткаен, од почеток до крај.
На Пречиста Дева, вели свети Епифаниј, како и на останатите девици Ѝ е давана обична храна од храмот, но неа ја јаделе просјаците и патниците, зашто Таа, како што пее Црквата, беше хранета со небесен леб. Свети Герман за Неа говори, дека Дева обично престојуваше во Светињата над Светињите, примајќи слатка храна од ангел. А свети Андреј Критски вели:
„Во светињата над Светињите, како во палата, Дева примаше необична и бесмртна храна“.
Преданието го вели и ова:
„Пречиста Дева најмногу престојуваше во внатрешната скинија, која се наоѓала зад втората завеса и се нарекувала Светиња над Светињите, а не во обичниот дом за девици при храмот, зашто, иако местото за престој Ѝ беше одредено во тоа здание, на Неа не Ѝ беше забрането на молитва да оди во Светињата над Светињите. А бидејќи Таа порасна и го изучи Светото Писмо и рачната работа, уште повеќе се занимаваше со молитвата, и обично по цела ноќ и најголемиот дел од денот го минуваше во молитва. На молитва одеше во Светињата над Светињите, а за рачна работа се враќаше во својот стан, зашто според законот, не беше дозволено ништо да се работи во Светињата над Светињите, ниту пак нешто да се внесе таму. И Дева времето на својот живот најмногу го минуваше во храмот зад втората завеса, во внатрешната скинија на молитва, а не во доделениот стан за рачна работа. Поради тоа сите учители на Црквата сложно говорат дека Пречиста Дева до својата дванаесетта година сиот свој живот го помина во Светињата над Светињите, бидејќи од тука ретко одеше во својот стан“.
Какво беше живеењето на Пречиста Дева во нејзиното детство, тоа блажениот Јероним го опишува вака:
„Блажената Дева уште во своето детство, кога беше при храмот со останатите девици, свои врснички, својот живот го минуваше според строг поредок: од рано утро па сѐ до девет часот Таа стоеше на молитва; од девет па до три часот попладне се занимаваше со рачна работа или читање на книги; а од три часот попладне повторно ја отпочнуваше својата молитва, и не престануваше да се моли додека не Ѝ се јави ангел, од чии што раце навикна да прима храна. И така Дева сѐ повеќе и повеќе непрестајно растеше во љубовта кон Бога“.
Таков беше начинот на живот на Пречиста Дева во нејзиното детство, кога сѐ уште живееше со девиците, свои врснички. Во тоа време, кога од ден во ден растеше и јакнеше со духот, Дева се усовршуваше во подвизите, и преку нејзиното трудољубие се зголемуваше и нејзината молитва, зашто одеше од сила во сила, додека не ја осени силата на Севишниот. А дека Ѝ се јавувал ангел и Ѝ носел храна, тоа со свои очи го видел првосвештеникот Захариј, за што соопштува свети Григориј Никомидиски, говорејќи:
„Во тоа време, додека Дева од ден во ден растеше, растеа во Неа и даровите на Светиот Дух, и Таа живееше со ангелите. Тоа го дозна и Захариј. Кога тој според својот свештенички обичај беше во олтарот, виде дека некој со необичен изглед разговара со Дева и Ѝ дава храна. Тоа беше јавениот ангел. И се восхити Захариј и размислуваше во себе: Каква е оваа нова и необична појава? Наизглед Ангел, и зборува со светата Девица!? Бестелесен по обличје донесува храна која храни тело; невештествен по природа Ѝ дава на Дева вештествена кошница. Јавувањето на ангелот овде бива само кај свештениците, и тоа не често; а на женскиот пол, па уште и на толку млада Девица, доаѓање на ангел, очигледен сега, претставува нешто сосем необично. Да е Таа мажена па при тоа неротка, и се молела на Бога да Ѝ даде пород, како што некогаш се молела Ана, јас не би се чудел на глетката што ја гледам. Но, Девицата не се моли за такво нешто; меѓутоа ангелот постојано, како што и сега гледам, Ѝ се јавува. Поради тоа ме обзема уште поголемо чудење, и ужас, и недоумица. Што ќе биде од ова? Каква благовест ќе објави Ангелот? И каква е храната што тој ја донесува? Од какво хранилиште се зема таа? И кој ја подготвува? Каква рака го измесила овој леб? Зашто на ангелите не им е својствено да се грижат за телесните потреби; и иако многумина се хранети од нив, сепак таа храна ја подготвила човечка рака. Ангелот, кој му служел на пророкот Даниил, иако можел со силата на Севишниот самиот, а не преку друг, да го изврши нареденото, сепак за тоа го испрати Авакум со садови, за необичната појава на ангелот и необичната храна да не го исплашат хранетиот Даниил. Овде пак, кај Девицата доаѓа лично ангел: работа полна со таинственост и предизвикува во мене недоумица: Таа во детството се удостои на такви дарови, да Ѝ служат бестелесните. Што е тоа? Да не се исполни врз Неа претскажувањето на пророците? Да не е Таа цел на нашето очекување? Да не ќе прими од Неа природа Оној што доброволно ќе дојде да го спаси родот наш? Зашто оваа тајна е претскажана уште порано, и Логосот ја бара Онаа Која би можела да ѝ послужи на тајната; и зарем друга не е предизбрана да ѝ послужи на оваа тајна, туку токму оваа Девица што ја гледам? Колку си блажен доме Израилев, од кој никнало такво семе! Колку си блажен, корену Јесејев, од кој израснала оваа фиданка, која ќе го произведе за светот цветот на спасението! Колку е славен споменот на оние што ја родиле Неа! Колку сум блажен и јас, кој се насладувам на ваквите виденија и таквата Девица ја подготвувам за невеста на Логосот!“
Тоа е словото на Григориј Никомидиски. Но и блажениот Јероним зборува слично:
„Секој ден Неа ја посетуваа ангели. И ако некој ме праша како Пресвета Дева го минувала таму времето на својата младост, јас би одговорил: Тоа Му е познато единствено на Бога, и нејзиниот неотстапен чувар, свети Архангел Гаврил, кој со други ангели често доаѓал кај Неа и со љубов разговарал со Неа“.
Живеејќи така со ангелите во Светињата над Светињите, Пречиста Дева посака вечно да живее во ангелска чистота и чедна девственост. Според сведоштвото на светите учители Григориј Ниски, Јероним и останатите, оваа Дева ја заветува својата девственост на Бога, зашто во Стариот Завет беше необично девојките да не стапуваат во брак, бидејќи бракот беше повеќе почитуван од девственоста. Меѓутоа, Пресвета Дева, прва во светот ја претпочиташе девственоста пред бракот, и ветувајќи се себе си на Бога, Му служеше и ден и ноќ во својата чиста девственост; а Пресветиот Дух, според благоволението на Бога Отца, подготвуваше во Неа живеалиште на Бога Логосот. Затоа на Пресветата Единосуштна и Неразделна Троица слава и благодарност, а на Пречистата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија чест и благодарност од сите генерации за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ БЛАГОВЕРЕН кнез ЈАРОПОЛК - ПЕТАР ИЗЈАСЛАВИЧ
Беше син на Изјаслав и правнук на свети Владимир. Свети Петар се одликувал со необична кротост, смиреност и побожност. Во сплетките на кнезовите Ростиславич, тој бил подмолно убиен, кон крајот на единаесеттиот век.