5. Декември   (22. Ноември)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА КИКИЛИЈА (СЕСИЛИЈА) и со неа светите маченици: ВАЛЕРИЈАН, ТИВУРТИЈ и МАКСИМ

Света Кикилија (Сесилија) е родена во Рим, од богати и познати родители. Кога ја слушна проповедта на Светото Евангелие, таа поверува во Господа Христа и полна со срдечна љубов кон Него, донесе одлука да не се мажи туку својата девственост да ја сочува чиста заради нескверниот Младоженец. Меѓутоа, спротивно на нејзината волја, родителите ја свршија за еден благороден млад незнабожец, на име Валеријан. Тогаш започнаа да ја присилуваат да носи скапоцени фустани и златни накити. Но, таа под скапоцените фустани носеше груба власеница, а во срцето Христа, и непрестајно топло Му се молеше, Он самиот, со Својата Божествена промисла да ја сочува чиста, беспрекорна и слободна од брачните врски. Кога настапи денот на свадбата и настана веселба, таа длабоко воздивнуваше, тајно повикувајќи кон Господа: „Срцето мое нека биде беспрекорно во заповедите Твои, Господи, да не се посрамам“ (Пс. 118, 80). И се молеше на Господа со сесрдни солзи, да ѝ испрати ангел Свој, за да ја сочува нејзината девственост. А кога падна ноќта и младоженците беа внесени во брачната соба, Кикилија му рече на својот младоженец Валеријан:

- Мило момче, сакам да ти откријам една тајна. Јас покрај себе имам ангел Божји, чувар на моето девство, кого ти не го гледаш. Ако ме допреш, тој веднаш ќе те убие. Стои овде, подготвен да ме заштити од секое насилство.

Валеријан се исплаши, бидејќи навистина покрај Кикилија невидливо стоеше Ангел, испратен од небото да ја сочува невестата Христова од нечистотијата на незнабожното момче. Валеријан започна да ја моли да му го покаже ангелот да го види. Девицата одговори:

- Има еден старец, на име Урван, епископ христијански. Тој знае да ги очистува незнабошците со свето крштение и да ги направи способни да ги гледаат ангелите. Ако сакаш да се очистиш и да го видиш ангелот Божји, тогаш појди кај него и раскажи му сѐ што слушна од мене. А кога ќе те очисти врати се, и ќе го видиш ангелот и ќе добиеш од него сѐ што ќе посакаш.

Валеријан праша:

- А каде да го најдам тој старец?

- Оди по Апиевиот пат и таму на патот ќе сретнеш просјаци, па кажи им дека јас сум те испратила кај нив да те одведат кај старецот, зашто сакам преку тебе да му соопштиш една тајна.

Валеријан појде, и на Апиевиот пат, како што му рече Кикилија, сретна просјаци, на кои таа им беше добро позната, бидејќи често им давала милостиња. Тие го доведоа Валеријан кај блажениот епископ Урван, кој се криел од гонителите по гробовите и пештерите и срушените бедни храмови. Кога Валеријан му ги пренесе зборовите на света Кикилија, епископот многу се израдува, ги преклони колената на земјата, ги крена рацете и со солзи рече:

- Ете, таква е слугинката Твоја, Господи Исусе. Како трудољубива пчела, таа ѝ носи мед на Црквата Твоја! Ова момче таа го прими во својата соба како лав, а кај мене го испрати како јагне, Ако не ѝ веруваше на зборовите, тоа не би дошло кај мене. Затоа, Господи, целосно отвори го неговото срце, да те познае Тебе, Бога вистинскиот, и да се одрече од сатаната и делата негови.

Додека тој така се молеше, ненадејно се појави еден чесен старец во облека бела како снег, со книга во раката. Застана пред Валеријан и му ја отвори книгата да чита. А тој, исплашен од видението, падна на земјата, но чесниот старец го подигна и рече:

- Читај го, сине, напишаното во оваа книга, за да се удостоиш да бидеш очистен и да го видиш ангелот, кој ти го вети твојата свршеница.

Валеријан погледна во книгата и ги прочита со злато испишани овие зборови:

„Еден е Господ, една е верата, едно е крштението; еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сѐ, и преку сите, и во сите нас. Амин“ (Еф. 4, 5-6).

Кога ги прочита овие зборови, старецот го праша:

- Веруваш ли, чедо, дека тое е вистина, или сѐ уште се сомневаш?

Валеријан одговори:

- Навистина нема под небото ништо повистинито.

И во тој миг јавениот старец исчезна. А блажениот епископ Урван, започнувајќи од прочитаните зборови на Валеријан, доволно го поучи, го крсти и го испрати кај неговата света свршеница.

Кога се врати дома ја најде света Кикилија во нејзината одаја на молитва, и го виде ангелот Божји како стои покрај неа во голема светлина и неискажана красота. Во своите раце ангелот држеше два венци, исплетени од црвени рози и бели лилјани, кои чудесно мирисаа. Едниот венец ангелот го стави врз главата на Валеријан, говорејќи:

- Сочувајте ги овие венци во чисто срце и неосквернето тело. Јас ви ги донесов од рајот Божји, и тие имаат таква сила што никогаш нема да свенат, ниту благомирисот свој ќе го изгубат, и никој не може да ги види освен оние што ја сакаат чистотата како вие. А ти, Валеријане, затоа што го прифати предлогот на твојата свршеница да ја чуваш чистотата, Бог ме испрати кај тебе да добиеш сѐ што ќе замолиш од Него.

Валеријан на тоа му се поклони на ангелот и рече:

- На овој свет ништо не ми е помило од мојот брат Тивуртиј. Затоа го молам Господа, мојот брат да го избави од гибелта и власта на ѓаволот, како што ме избави мене, да го обрати кај Себе, и на двајцата да ни подари да станеме совршени во исповедањето на светото име Негово.

Ангелот со радосно лице му рече:

- На Бога му е пријатна твојата молба, и Он ќе ја исполни желбата на твоето срце. Твојот брат ќе го спаси преку тебе, како што те спаси тебе преку девицата, па и двајцата ќе појдете на маченичкиот подвиг.

Откако го рече тоа, ангелот стана невидлив. А блажениот Валеријан и светата девица Кикилија радосни во Христа го минуваа времето во душекорисни разговори.

Во тоа време кај нив дојде братот на Валеријан и рече:

- Многу се чудам, зашто почувствував прекрасен мирис на рози и лилјани. Од каде доаѓа таквиот благомирис, кој ми е толку пријатен, та се чувствувам како сиот да сум обновен?

Валеријан му одговори:

- Ти навистина си осетил прекрасен мирис, мили брате, зашто јас Го молев Бога за тебе, и ти да се удостоиш на несвенливиот венец и да го засакаш Оној, Чија што крв е како црвена роза а телото како бел лилјан.

- Брате, - воскликна Тивуртиј, - дали сонувам или ти ја зборуваш вистината?

Валеријан одговори:

- До сега ние навистина сме живееле како во сон. Сме се поклонувале на лажни богови и нечистите бесови, а сега живееме во вистината и благодатта Божја.

Тивуртиј праша:

- Кој те научи на тоа?

- Ме научи ангел Божји. И ти ќе бидеш во состојба да го видиш, ако се очистиш од идолската нечистотија.

Тивуртиј посака да го види ангелот, но Валеријан му рече дека прво мора да поверува во единствениот Вистински Бог и да прими свето крштение, па потоа да ја очекува појавата на ангелот. А пак света Кикилија ја отвори својата полна со благодат уста и започна да го поучува во Светата Вера, докажувајќи му ја од една страна лажноста на незнабожечките богови и немоќта на бездушните идоли, а од друга покажувајќи му ја силата и семоќноста на вистинскиот Бог, нашиот Господ Исус Христос. Богомудрото учење на светата девица остави толку голем впечаток врз Тивуртиј, така што тој веднаш премина во верата и рече:

- Верувам дека не постои друг Бог освен христијанскиот, и отсега единствено Нему сакам да Му служам.

Блажената Кикилија многу се радуваше и уште посрдечно започна да го поучува Тивуртиј, раскажувајќи му за овоплотувањето на Синот Божји, за чудесата Негови, и за доброволното страдање и смрт, кои Он ги претрпе од љубов кон човечкиот род. Срцето на Тивуртиј се топеше од умиление и во него сѐ посилно гореше љубовта кон Господа. Гледајќи ја топлината на неговата вера, девицата му рече:

- Ако веруваш во нашиот Господ Исус Христос, тогаш појди со својот брат кај нашиот христијански епископ и од него прими свето крштение. Очистен со светото крштение, ќе станеш достоен да видиш ангели.

Тивуртиј погледна во брата си и го праша:

- Кај кого сакаш да ме водиш?

Валеријан одговори:

- Ќе појдеме кај Божјиот човек Урван. Тој е епископ христијански, стар, мудар и праведен човек. Неговото лице е како лице на ангел и сите негови зборови се вистинити.

На тоа Тивуртиј рече:

- Зарем не зборуваш за оној Урван, за кого сум слушал дека два пати бил осудуван на смрт и сега некаде се крие за да се спаси? Ако појдеме кај него ќе се изложиме на опасност а можеби и ќе бидеме убиени.

На тоа света Кикилија започна да му зборува за вечниот живот на небото, за наградата на светите маченици, кои поднесуваат смрт заради Христа. Тогаш во Тивуртиј пламна желба да пострада за верата Христова и рече:

- Безумните луѓе нека го сакаат овој привремен живот, а јас го сакам вечниот. Затоа, брате, брзо одведи ме кај епископот, тој да ме очисти и направи заедничар на вечниот живот.

Валеријан го одведе брата си кај епископот и сѐ му раскажа. Многу израдуван од обраќањето на Тивуртиј, Урван со љубов го прими, го крсти, и го задржа кај себе седум дена, додека целосно не го научи на светите тајни на Светата Вера.

По крштението Тивуртиј се удостои на таква благодат, така што гледаше свети ангели и разговараше со нив, и сѐ што молеше од Бога добиваше. И многу чудеса вршеше тој заедно со брата си, исцелувајќи ги болните. Своите имоти тие ги раздаваа на бедните христијани, на сирачињата и вдовиците. Откупуваа затвореници и чесно ги погребуваа телата на светите маченици, кои тогаш во голем број беа убивани за Христа.

За сето тоа дозна градоначалникот Алмах, кој според царската наредба безмилосно ја проливаше крвта на христијаните, и издаде заповед веднаш да бидат фатени и доведени пред него. Тој ги праша:

- Зошто вие го срамотите своето високо потекло, ги погребувате оние што според царската наредба беа убиени поради многу злосторства и ги раздавате своите имоти на отфрлените луѓе? Да не се држите и вие до истата заблуда со нив, и сакате да бидете како нив?

Тивуртиј, како постар брат, одговори:

- О, кога Бог би нѐ удостоил да бидеме вброени кон слугите Негови, кои го отфрлија она што наизглед постои, а всушност не постои, и го најдоа она што наизглед не постои, а всушност постои.

Градоначалникот го праша:

- Што значат твоите зборови? Не те разбирам.

Тивуртиј му објасни вака:

- Сѐ што овој краткотраен свет има и нуди и ветува да им даде на луѓето, наизглед постои, но всушност сето тоа е ништо, зашто брзо пропаѓа. А пак идниот живот, според мислењето на луѓето приврзани за светот, не постои, бидејќи не го гледаат. Но, тој сигурно постои и непроменливо ќе постои за навек, и во него добрите и верните луѓе ќе добијат голема награда, а лошите и неверните - оган и вечни маки.

Градоначалникот се впушти во долг разговор со нив, го чу од нив благодатното учење за Светата Вера и за одрекувањето од светот, но не сакаше да го прими, туку им нареди да им принесат жртва на боговите. А кога одбија нареди Валеријан жестоко да го тепаат со стапови. Тепан, светителот радосно говореше:

- Ова е времето што одамна го сакав! Ова е мој празник! Ова е ден на мојата веселба!

Гласникот викаше:

- Не омаловажувај ги боговите и богињите!

Но и Валеријан силно довикнуваше кон присутните:

- Римски граѓани! Немој моите маки да ве одвратат од вистината! Бидете јунаци и сокршете ги своите камени и дрвени богови, зашто сите што им се поклонуваат ќе горат во вечен оган!

Притоа на градоначалникот му пристапи еден велможа, на име Тарквиниј, и тивко му рече:

- Ако не ги погубиш овие христијани, сиот нивен имот ќе биде раздаден на бедните и за тебе нема да остане ништо.

Епархот го послуша советот и нареди да ги одведат мачениците на местото наречено Паг, крај Јупитеровото идолиште, каде тие морале да му принесат жртва на Јупитер, за да не бидат обезглавени. Со џелатите и војниците го испрати својот постелник, на име Максим, за под негов надзор да се изврши нивното посекување. Но, Максим попат, додека ги гледаше светите страдалници, плачеше и говореше:

- О, драгоцени цветови на младоста! О, сојуз на братската љубов! О, прекрасни високородни и честити момчиња! Зошто така доброволно итате во смрт, како на голема гозба?

Свети Тивуртиј му одговори:

- Кога не би биле сигурни во вечниот живот, кој нѐ очекува по оваа смрт, тогаш не би се радувале на лишувањето од овој живот.

Максим на тоа праша:

- Каков живот постои после овој?

Тивуртиј одговори:

- Како што нашето тело се облекува во облека, така и душата се покрива со телото. А по смртта телото ќе се претвори во прав, но, како птицата феникс, ќе оживее кога ќе дојде време. И ако душата се покаже света и праведна, веднаш ќе биде внесена во рајските блаженства, и таму ќе пребива во радоста и ќе го очекува општото воскресение.

Потресен од овие зборови, Максим рече:

- И јас би се одрекол од овој временски живот, кога со сигурност би дознал дека ќе се удостојам на животот за кој ти зборуваш.

Тогаш се вмеша Валеријан и рече:

- Ако сакаш да се увериш за вечниот живот, тогаш вети ни дека искрено ќе се покаеш, и откако ќе се одречеш од незнабоштвото ќе се обратиш кон Бога, Кој ние Го проповедаме. Ти ветуваме дека Бог, кога ние посечени ќе излеземе од телото, ќе ги отвори твоите очи, и ти ќе ја видиш славата на вечниот живот што ќе ни биде дадена.

Максим со заклетва вети, говорејќи:

- Нека изгорам во оган ако од овој час не поверувам во единствениот Бог, Кој дава живот вечен по овој привремен, само вие исполнете го своето ветување.

Светителите на тоа му рекоа:

- Тогаш нареди им на своите слуги да не ни бранат накратко да свратиме во твојот дом, а ние ќе се погрижиме да повикаме кај тебе таков човек, кој ќе ја просвети твојата душа, и ти ќе можеш јасно да го видиш ветеното.

Максим со радост ги внесе во својот дом, бидејќи никој од војниците не смееше да му се противи. Тука светителите започнаа да го излагаат своето спасоносно учење и го учеа во верата во нашиот Господ Исус Христос. Сите во домот внимателно слушаа сѐ до ноќта. И поверува Максим со сиот свој дом, а поверуваа и многумина од војниците. Таа ноќ дојде кај нив света Кикилија со свештеници, и сите што поверуваа беа крстени. Ноќта ја поминаа во молитва и разговор за вечниот живот. А кога зазори, света Кикилија им рече на Христовите страдалници:

- Бидете јаки и бестрашни, војници Христови! Еве, ноќната темнина заминува и доаѓа светлината! Затоа и вие облечете се во оружјето на светлината и излезете да го извршите својот подвиг. Вие добра војна војувавте, верата ја одржавте; затоа дојдете да го примите венецот на правдата, кој ќе ви го даде Господ.

И светителите веднаш се упатија кон споменатото место. Кога минуваа покрај Јупитеровиот храм, жреците ги присилуваа да прислужат темјан на жртвеникот на Јупитер, бидејќи никој не можел да помине покрај него ако не принесе жртва. Затоа и нив ги принудуваа да принесат темјан на жртвеникот. Но, тие, не само што не ги послушаа жреците туку и го исмеаја нивното безумие. Поради тоа веднаш им ги отсекоа главите.

Штом светите маченици беа посечени, Максим со заклетва тврдеше пред сите присутни, говорејќи:

- Гледам ангели Божји, блескави како сонце, како од посечените тела на светите маченици ги вадат душите како прекрасни девици и ги носат со голема слава на небото.

Од тие зборови многу незнабошци поверуваа во Христа. А кога градоначалникот дозна дека Максим ја примил христијанската вера, нареди со стапови безмилосно да го тепаат, сѐ додека не ја предаде својата душа во рацете Господови. Неговото свето тело го зеде света Кикилија и го погреба со телата на светите маченици Тивуртиј и Валеријан. Притоа нареди на гробот на свети Максим да се наслика птицата Феникс, сакајќи со тоа да означи дека тој поверувал во идното воскресение на мртвите, како во нешто слично на оживувањето на Феникс од пепелта.

Потоа градоначалникот нареди да се пронајде сиот имот на Тивуртиј и Валеријан. Но, не најдоа ништо од огромните имоти, бидејќи света Кикилија веќе беше успеала сѐ да раздаде на сиромашните. Поради тоа испрати свои службеници да ја фатат. Кога дојдоа кај неа, таа им рече:

- Чујте ме, мои сограѓани и браќа! Иако сте службеници на градоначалникот, сметам дека не го фалите неговото безбожие. Јас сакам за мојот Христос да страдам и умрам, зашто ни најмалку не ми е важен овој краткотраен земен живот. Го барам вечниот живот. Водете ме, за побрзо да преминам во него, и без да ја штедите мојата младост, мачете ме и на смрт предајте ме.

Службениците се нажалија што толку прекрасна, благородна и мудра девојка сака смрт за себе. Тие ја молеа да не ја погубува својата убавина, но таа им рече:

- Не ја погубувам својата прекрасна младост туку ја менувам за подобра: давам кал за злато, глина за скапоцен камен, земјената куќа односно телото за пресветлите палати небесни. Зарем е лоша таквата замена? Ви ја посакувам и вам.

И долго им зборуваше таа за наградата што ги очекува праведниците, така што сите нејзини слушатели беа трогнати. А во нејзиниот дом се беа собрале многу мажи и жени. Најпосле светителката со силен глас ги праша сите:

- Верувате ли дека е вистина тоа што ви го зборувам?

И сите како еден одговорија:

- Да, веруваме и исповедаме дека Христос, Кого ти го проповедаш, е вистински Бог а ти вистинска слугинка Негова.

Израдувана до дното на душата од овој одговор, светата девојка веднаш испрати по епископот Урван. Тој дојде и крсти до четиристотини мажи и жени, кои беа поверувале во Христа. И домот на света Кикилија стана црква Божја.

Кога се случи тоа така, градоначалникот Алмах нареди праведната слугинка Христова да ја доведат пред него на суд. Кога ја праша во однос на верата, тој го слушна од неа бестрашното исповедање на светото име Христово и ја праша:

- Од каде во тебе таква смелост?

- Од добрата совест и нелоколебливата вера.

- Зарем ти, бедничке, не знаеш дека јас од царевите имам власт над животот и смртта на граѓаните?

- Лажеш дека имаш власт над животот. Треба да нагласиш дека имаш власт само над усмртувањето, а не и да даруваш живот, затоа што можеш да убиваш но не можеш да оживуваш.

- Принеси им на боговите жртва и одречи се од Христос, па ќе бидеш пуштена на слобода.

Но, светителката изјавуваше и покажуваше дека е подготвена веднаш да умре за Христа.

Тогаш мачителот нареди да ја одведат во нејзиниот дом и таму да ја усмртат во презагреана бања. Три дена и три ноќи ја усмртуваа со топлина и чад, но благодатта Божја ја разладуваше и оживуваше. Кога дозна дека маченичката толку време во прегреаната бања останува жива, мачителот нареди таму да ја посечат со меч. Џелатот отиде кај неа, три пати ја удри со мечот по вратот, но не ѝ ја отсече главата целосно и оставајќи ја така замина. Верните ја собраа нејзината крв во сунгер и убрус, а таа остана жива уште три дена, расудувајќи потполно здраво и утврдувајќи ги присутните верни христијани во верата. Најпосле, за време на молитвата света Кикилија го предаде својот дух во рацете Божји. Беше чесно погребана од страна на верните.

СПОМЕН НА СВЕТИ АПОСТОЛ ФИЛИМОН

Беше родум од Колос и ученик на свети апостол Павле, на кој му го испратил со Тимотеј познатото Послание. Кога го ракоположил за епископ го испратил во Газа, која што ја просвети со својата проповед. Од таму дојде со Апфија да проповеда во Колос. Тука беше фатен и подложен на разни маки, од кои се упокои за Господа Христа, заедно со светите апостоли Онисим и Архип.

СПОМЕН НА СВЕТА АПФИЈА АПОСТОЛКА

Пострадала заедно со апостолите Филимон, Архип и Онисим (кои припаѓаат на бројот на Седумдесетмината), за време на Нерон (54-68 г) во Колос. Месниот кнез Андрокл ја фати и ја приморуваше да им принесе жртва на идолите. Бидејќи го одби тоа, беше тепана, мачена и почина на мачилиштето. (Според ракописот на Големата Лавра била жена на апостол Филимон).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ АРХИП

Беше ученик на апостол Павле и живееше во Колос, За него Апостолот го пишува следното: „Кажете му на Архип: гледај службата, која си ја примил во Господа да ја извршуваш“ (Кол. 4, 17). Кога тој се молеше во Колос со пристигнатите апостоли Филимон, Онисим и Апфија, го нападнаа почитувачите на Артемида и го фатија. Бидејќи одби да принесе жртва на идолите беше тепан, фрлен во јама и убиен со камења.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ КАЛИСТ КСАНТОПУЛ, патријархот Цариградски

Наречен е Ксантопулос според ќелијата Ксантопули на Атонската Гора, каде долго се подвизувал со својот другар Игнатиј. Со овој Игнатиј свети Калист го напишал својот сопствен опит за безмолвниот живот во 100 глави. Ова дело завзема видно место во подвижничката книжевност. Калист бил под големо влијание на својот учител свети Григориј Синаит, чие што житие го напишал тој. Како патријарх Цариградски свети Калист еднаш отишол во Србија и на тоа патување се разболел и умрел во градот Сер.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПРОКОПИЈ

Овој светител го посвети својот живот на подвижничката и борбена философија. Така со своето подвижништво и борба го стекна секој вид на доблестите. Беше родум од Ерусалим. Поставен за чтец на црквата Кесариска, и поседувајќи дар на разбирање на Светото Писмо, Прокопиј им го објаснуваше на верните Словото Божјо. Освен тоа се занимавал и со превод на Светото Писмо на сириски јазик. Исто така од бесомачните истеруваше бесови. Еднаш, патувајќи кон Скитопол, тој го читаше словото Божјо по црквите христијански и при читањето толкуваше. Кога за него чу управителот на Кесарија, нареди да го фатат како христијанин. Во тоа време беше гонењето на христијаните. Управителот бараше од него да им принесе жртва на незнабожечките идоли и да им оддаде поклонение на царевите, кои царуваа тогаш во царството. Но светителот бестрашно одговори на тоа:

- Христијаните не треба да почитуваат и да се поклонуваат на многу богови и владетели. Кај нас има само еден Владетел, еден Цар и Господ, Творец и Создател на сѐ.

Кога го слушна тоа, управителот на Кесарија се разбесни и нареди со меч да му ја отсечат главата. Така свети Прокопиј го најде краткиот пат кон небото, добивајќи маченички венец од Христа Бога.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МЕНИГНОС

Свети Менигнос беше од градот Парија, хелеспонска област, а по занимање беше влачар. Вршејќи ја својата работа крај реката, свети Менигнос два пати слушна глас од небото, кој го повикуваше на подвиг заради името Христово. Тоа било за време на царувањето на жестокиот гонител на христијаните Декиј.

Според царската наредба во градот каде што живееше Менигнос беа фатени многу христијани и фрлени во темница на измачување. На сите им ги ставија нозете во тешки пранги. Вратата на темницата беше запечатена и поставена стража. А кога падна ноќта, сите овие затвореници повикаа кон Бога, говорејќи:

- Господи, Владетелу, Ти свети апостол Петар преку ангел Свој си го разрешил од оковите и извадил од темницата тивко и нечујно. Ти сега притекни ни и нам на помош, ослободи ги нашите нозе и извади нѐ од мрачната темница, за и самите незнабошци, кои го мразат светото име Твое, да познаат дека си Ти единствен Бог и вечен Цар.

Додека светите затвореници така се молеа, меѓу нив застана Господ, мракот исчезна и небесна светлина ја осветли темницата. И Господ им рече:

- Не плашете се, Јас сум со вас!

Во тој миг оковите им се стопија како восок, вратата сама се отвори, затворениците излегоа од темницата, а Господ се вознесе на небото.

Кога самна дојдоа војниците, на вратата од темницата ги најдоа печатите недопрени, но внатре не најдоа никого. Тоа ги запрепасти. Ги распрашуваа стражарите, но тие не можеа ништо да им кажат, бидејќи вратите беа затворени и печатите врз нив недопрени. Настана тревога меѓу незнабошците, и војниците пронесоа глас по градот дека Исус Назареецот ноќе дошол во темницата и ги извадил затворениците од неа.

Тоа кажување Менигнос го чу од војниците, и во него се разгоре ревносна љубов кон Господа Христа, а се сети тој и на оној небесен глас, кој го повикуваше на подвиг. Размислувајќи за сѐ, тој на своите муштерии им ги врати нивните здолништа, кои требало да ги бојоса. И се подготвуваше очекувајќи да се појави кнезот на судиштето. По неколку дена кнезот седна на судиштето и ја прочита царската наредба, со која царот наредуваше сите христијани да се мачат и убиваат. Тогаш храбриот Менигнос, со божествена бестрашност излезе пред кнезот, му ја грабна царската наредба од рацете, ја искина на парчиња, ја фрли на земјата и ја згази. При тоа говореше:

- Во името на Исуса Христа, мојот Бог, згазнувам на змија и аспида, ја газам беззаконата наредба на царот Декиј.

Кога го видоа тоа беззаконите слуги на беззакониот цар, го фатија блажениот Менигнос, го фрлија на земјата, го газеа и бездушно го тепаа, па полумртов го довлекоа пред кнезот. Разгневен, тој му рече на светиот страдалник:

- Зла главо, во кого се надеваше кога одлучи да постапиш така?

Светителот одговори:

- Во мојот Христос.

Тогаш кнезот нареди:

- Овој лудак и безочник обесете го на мачилишното дрво, па кинете му го телото.

И со железни гребени толку бездушно му го стругаа телото, така што утробата му се гледаше. Така мачен, тој трпеше и сѐ молеше на Бога, а кнезот исфрлаше хули на Христа Господа. На тоа маченикот со потсмев започна да се изразува за лажните богови. Тоа го разбесни кнезот и тој викна:

- Наредувам да се исечат на ситни парчиња прстите кои ја искинаа царската наредба.

И веднаш ги отсекоа прстите од светителовите раце, а од нив наместо крв истече млеко.

Потоа светиот страдалник беше фрлен во темница. Но, по два дена повторно го изведоа на суд. Наговаран да им принесе жртва на идолите, тој напротив јуначки Го исповедаше Христа Бога пред сите, го проколна царот и го исмеа кнезот. Поради тоа кнезот нареди да му се отсече главата. Кога го одведоа на губилиштето и му ја отсекоа главата, присутните видоа прекрасно чудо: од устата на блажениот маченик излезе чиста гулабица и излета на небото. Восхитени од тоа, сите говореа:

- Навистина е голем богот на Менигнос.

Така, покорувајќи се на небесниот повик, свети Менигнос го изврши својот подвиг за Христа, и душата негова излета на небото, за од Господа да прими маченички венец.

По посекувањето, христијаните тајно ноќе дојдоа на губилиштето и го зедоа неговото тело, а главата остана таму. Неа потоа ја пронајде еден христијанин, на кој ноќе му се јави во видение светиот маченик и тој ја пронајде, според светлината на ѕвездата која блескаше над светата глава.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АГАВ (АВА)

Преподобниот Агав беше по потекло Исмаилќанин. Тој ги остави родителите, татковината и богатството, и тргна по еден монах, од кој прими монашка схима. Потоа заедно со него отиде кај големиот подвижник, преподобниот Евсевиј и станаа негови ученици. Од големиот Евсевиј Агав брзо научи долго време да биде во молитвено бдеење. По неговата смрт преподобниот Агав остана во неговата ќелија и помина таму триесет и осум години. Тој постојано напредуваше во доблестите. Секој ден се трудеше како повторно да го започнал монашкиот живот. Никогаш не носеше обувки. Јадел толку малку, само за да го одржи телото во живот, а пиењето на вода го сметал за непотребно. Носел врз себе тешки вериги. Ретко кога седнувал. Поголемиот дел од денот и ноќта ги поминувал стоејќи и молејќи се, или клечејќи ги принесувал своите молитви на Господа. Во постела никогаш воопшто не легнал. Него никој никогаш не го видел да лежи. А и кога стана игумен и старешина на тамошните монаси, тој на сите потчинети им беше модел и пример на мудрољубието и доблестите. Така подвизувајќи се, преподобниот Агав во длабока старост мирно се упокои во Господа.

Се подвизувал во петтиот век. Во синаксарот на Виктор Матеј се наведува под името Ава.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ И ПРАВЕДЕН МИХАИЛ ВОЈНИКОТ

Свети Михаил живееше во времето на царот Михаил III. По потекло беше од градот Потук, кој тогаш му припаѓал на грчкото царство. Неговите угледни родители беа меѓу првите христијани. Таков христијанин од детството беше и Михаил. Заради неговата побожност родителите и роднините го нарекуваа свето дете. Од своите детски години се одликуваше со чистотата на животот, секогаш беше полн со страв Божји, живееше во пост и молитва, делеше милостиња на сиромашните и ги посетуваше болните, беше кроток и смирен и украсен со најразлични добродетели.

Кога наполни дваесет и пет години стапи во војска и стана старешина на голем воен одред. Во тоа време тргнаа во војна против Грчкото царство Етиопјаните и Агарјаните, односно Арапите од муслиманска вера, и се упатија кон престолнината на Грчкото царство. Во заштита на татковината истапи огромна грчка војска и се судри со далеку посилната агарјанска. Кога видоа дека ќе бидат поразени, грците побегнаа во горите и се криеја по зафрлени места. Во христијанска војска беше и Михаил Војникот со својот одред. Тој не се исплаши од непријателот и постојано ги бодреше своите луѓе. Кога виде дека сите војници бегаат, Михаил заплака, падна ничкум на земјата и се молеше на Бога за спасение на христијаните. По молитвата со својот одред храбро јурна кон непријателот и упадна во самиот нивен центар, жестоко разбивајќи ги, при што не изгуби ниту еден свој војник. Во тоа време ненадејно настана невреме и им помогна против непријателите. Молњите и громовите уште повеќе го исплашија непријателот и сите започнаа да бегаат. Со помошта Божја Михаил ги растера сите непријатели, а неговиот одред остана целосен, без никаков губиток.

Откако Му принесе благодарност на Бога за подарената победа, Михаил ја распушти војската и со неколку слуги тргна назад во својот крај. За време на тоа патување се случи вакво чудо. Михаил застана на едно место да се одмори. Таму имаше големо езеро, од кое излегувала чудовишна змија, која голтала луѓе и добиток. Еден од михаиловите војници здогледа во близина на езерото чад, зеде со себе малку храна и се упати таму. И најде тој девојка во солзи, која седела и нешто очекувала. Слугата започна да ја распрашува и толку се занесе од нејзината приказна за страшната змија, така што му загоре јадењето што го беше ставил да се вари. Кога се врати кај својот господар, Михаил го праша зошто толку се задржал и зошто му загорело јадењето. Тогаш слугата му раскажа сѐ што слушна од онаа девојка за змијата.

Тој одлучи да појде таму и ги повика своите слуги. Но, тие се исплашија и не смееја да тргнат, па тој се помоли на Бога, го осени со крсниот знак своето лице, седна на коњот и се упати кон езерото, земајќи го со себе само најстариот слуга. Кога стигна на местото започна да ја распрашува девојката зошто дошла таму. На почетокот таа го советуваше да замине, за чудовишната змија да не го изеде, но на негово барање му раскажа сѐ за востановениот обичај во градот, по ред да се даваат деца на змијата, за да ги проголта.

Запрепастен од приказната на девојката, Михаил му нареди на својот слуга со коњот малку да се оддалечи, па падна на земјата и започна да се моли на Господа Бога. Кога светителот заврши со молитвата и стана, среде езерото се појави змијата, високо ја подигна главата и удирајќи со опашот по водата, започна со отворена челуст да се приближува до брегот. Светителот ги зеде мечот и штитот и Ѝ ја отсече главата. А таа го свитка опашот и го удри по десниот образ и левата рака и го рани. Михаил падна во несвест, но брзо си дојде на себе и стана. А кога неговиот слуга го виде ваквото чудо, побрза во градот и раскажа што се случило. Граѓаните излегоа и свечено го дочекаа својот спасител, а девојката ја предадоа на родителите. На Бога Му беше угодно да го прослави Михаил Војникот со такво чудо, какво што во дамнина изврши свети Георгиј Победоносец. Потоа им изговори на граѓаните поука цврсто да се држат до христијанската вера, па си го продолжи патот и се врати во својот дом. По кратко време со мир ја предаде својата блажена душа на Господа и премина во Небесното Царство. На гробот на Свети Михаил се случуваа многу знаменија, чудеса и исцеленија од болестите, за оние кои со вера прибегнуваа кај него. По многу години, во времето на второто бугарско царство, бугарскиот цар Калојан, војувајќи во границите на Грчкото царство, чија престолнина тогаш ја држеа латините, го зазеде градот Потук и реши да ги пренесе моштите на свети Михаил Војникот во својата бугарска престолнина, градот Трново. Кога слушна за приближувањето на светите мошти, бугарскиот патријарх Василиј излезе со целото свое свештенство и граѓаните во литија да ги пречека. Бугарскиот цар и патријархот ги зедоа светите мошти на своите рамења и со свои раце ги однесоа и положија во соборниот патријаршиски храм.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АГАПИОН РИМЈАНИНОТ

Бил фрлен на ѕверови, но се упокоил неповреден од нив.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: МАРКО, СТЕФАН и МАРКО

Овие маченици беа од Антиохија Писидиска. Пострадаа за време на царот Диоклецијан и игемонот Магн. Наговарани да се одречат од верата Христова и да им принесат жртви на идолите, тие одбија и бестрашно ја исповедаа својата вера во единствениот вистински Бог Господ Христос. Поради тоа ги ставија на најразлични маки. Потоа им ги отсекоа главите. Така овие блажени примија венци на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ БЛАГОВЕРЕН голем кнез МИХАИЛ ТВЕРСКИ

Во сплетките меѓу московскиот кнез и татарските орди, овој свет кнез беше наклеветен. Потоа беше страшно мачен и злоставуван. Иако му била дадена можност да ја одбегне смртта, тој не сакал да бега. Напротив, на денот на своето погубување се исповедал и причестил. Потоа ѕверски бил погубен, на 22 ноември 1318 година. Телото на светиот кнез се наоѓало во степите околу татарските орди, но над него се јавиле два светли облаци, кои блескале како сонце во текот на ноќта и го штителе светото тело од дивите ѕверови. Затоа било пренесено во Москва, а по една година во Твер. Во 1632 година чесните мошти на светиот кнез беа најдени нетлени. И сега почиваат во Тверската соборна црква.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ХРИСТОФОР и ЕФИМИЈА

Со меч биле посечени за својот Господ.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ТАЛАЛЕЈ и АНТИМ

Пострадале за Господ Христос посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТАДЕЈ

Се упокоил за Господа врзан за тркало.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АГАПИЈ КАПАДОКИСКИ

Пострадал за Господа посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК СИСИНИЈ

За верата Христова со меч бил посечен.