6. Декември   (23. Ноември)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ АМФИЛОХИЈ, епископот Икониски

Свети Амфилохиј беше сонародник, другар и пријател на свети Василиј Велики, Григориј Богослов и други големи светители од четвртиот век. Се родил во Кесарија Кападокиска. Татко му исто така се викал Амфилохиј и бил роден брат на блажената Нона, мајката на свети Григориј Богослов. Тој беше човек со голем ум и многу образуван; притоа имаше многу добра душа, и како побожен и красноречив им беше од голема помош на сродниците и нивен наставник во многу нешта. Грижејќи се за своите деца, тој им даде прекрасно образование и ги воспита во духот на христијанската вера и побожност. Неговиот помлад син Амфилохиј, откако стана полнолетен најпрвин беше ритор и адвокат. Но, бидејќи во рана младост Го беше засакал Бога повеќе од сѐ, тој на совет од свети Григориј Богослов го остави светскиот метеж и суета и се повлече во пустината, во една пештера, каде што започна да води монашки, строго подвижнички живот, срдечно служејќи Му само на единствениот Бог. Тука го минуваше времето во молитва, читање на Светото Писмо и пост. Така тој во светите подвизи на самоумртвување и себеобестрастување проживеа четириесет години. Тогаш Господ го извади на друг подвиг, подвигот на архијерејското служење на Црквата.

Кога умре епископот на Икониската црква Јован, ангел Господов му се Јави ноќе и му рече:

- Амфилохиј! Појди во градот и спаси ги духовните овци.

Но, тој не сакаше да оди. Наредната ноќ повторно му се јави ангелот и му рече:

- Амфилохиј! Појди во градот и паси ги овците, кои Бог ти ги врачува.

Но, тој и овојпат не го послуша ангелот, зашто мислеше дека тоа е прелест од злиот дух, и си велеше во себе: „и сатаната понекогаш знае да се претвора во ангел на светлината“.

Меѓутоа, во третата ноќ, ангелот дојде кај него и му рече:

- Амфилохиј, стани од постелата!

Тој стана брзо, и малку исплашен, рече:

- Ако си ангел Божји, тогаш да застанеме двајцата на молитва.

И откако ја наведна главата, започна да пее:

„Свет е, Свет, Свет Господ Саваот, полни се небото и земјата со славата Негова“... но и ангелот пееше заедно со него. Потоа ангелот го фати за десната рака и го поведе во црквата во близина. Пред нив црковните врати сами се отворија. Кога влегоа внатре, Амфилохиј виде голема светлина и многу луѓе во бели одежди, кои го зедоа, го внесоа во олтарот и му дадоа во рацете Свето Евангелие, говорејќи:

- Господ е со тебе!

А еден од нив, изгледа најстариот, силно викна:

- Да се помолиме сите!

Потоа почна да зборува:

- Светата благодат го поставува нашиот брат Амфилохиј за епископ на градот Иконија. Да се помолиме сите за него, благодатта Божја да биде врз него.

По молитвата сите се простија со Амфилохиј и станаа невидливи. А тој стоеше сам, чудејќи се на чудесното видение и на своето необично посветување за епископ, и се молеше на Бога, предавајќи се на светата волја Негова. Штом започна да се разденува, Амфилохиј излезе од црквата и се упати кон својата пештера. На патот го сретнаа седум епископи, кои од околните градови се беа собрале во Иконија за избор и поставување на епископ на тој град. Ним им беше наредено од Бога да го пронајдат црноризецот Амфилохиј. Затоа излегоа од градот и насекаде го бараа тој блажен отец и кога најпосле го сретнаа на патот, го прашаа:

- Ти ли си Амфилохиј? Кажи ни ја вистината, зашто секоја лага е од нечестивиот.

Тој пристојно им одговори:

- Јас сум грешниот Амфилохиј.

Тогаш чесно го поведоа во црквата да го хиротонисаат, но тој им рече:

- Бидејќи на Бога Му било угодно да ви укаже, мене, недостојниот, да ме изберете за епископ, тогаш не треба и понатаму да се кријат и да се премолчат чудесните дела Негови, туку сме должни да ги објавиме и за сѐ да Му се заблагодариме на Бога.

И им раскажа сѐ од почеток, како изминатата ноќ од ангел беше посветен за епископ. Епископите многу се восхитија и Му благодареа на Бога за таквото чудесно посветување. Не се осмелија повторно да го посветуваат, туку со страв и почитување му се поклонија и со љубов го целиваа, па го поставија на архиерејскиот престол, за време на царувањето на Валентијан и Валент.

Свети Амфилохиј многу години го пасеше стадото Христово, зашто неговиот живот се продолжи сѐ до царувањето на Теодосиј Велики и неговите синови. Како учител на православната вера, тој се бореше против Аријанската ерес, претрпе многу гонења и маки од еретиците, беше соподвижник на светите Отци во борбата против богохулството на Евномиј, и на Вториот Вселенски Собор многу војуваше против духоборецот Македониј и приврзаник на аријанската ерес. Поради таквата ревност за верата и заради високиот доблесен живот, свети Амфилохиј беше славен насекаде и сакан од светите Отци, особено од свети Василиј Велики и свети Григориј Богослов, кои го сметаа за свој најблизок пријател и взаемно се допишуваа.

За време на царувањето на благочестивиот цар Теодосиј Велики, свети Амфилохиј отиде кај него и го молеше во сите градови да го забрани молитвеното собирање на аријанците. Царот не сакаше да го стори тоа, за во очите на народот да не испадне насилник. Тогаш светителот си замина од дворецот потиштен. Меѓутоа, по неколку дена, тој повторно дојде во царската палата, и како мудрец изврши работа достојна за сеќавање: му се поклони на царот, кој седеше на престолот укажувајќи му ја должната почит, а неговиот син Аркадиј, кој неодамна беше станал соцар на татка си и седеше покрај него не го ни погледна, ниту му се поклони. Царот Теодосиј помисли дека Амфилохиј заборавил и му нареди да му го укаже должното почитување и на Аркадиј.

- Доволно е, зашто му е укажано должното почитување на царот, - одговори Амфилохиј.

Тоа многу го разгневи царот. Тој не дозволуваше непочитување на сина си, и нареди блажениот со бесчестење да го истераат од дворецот. Тогаш светителот му рече:

- Гледаш ли, царе, како ти не го поднесуваш непочитувањето на твојот син и како се гневиш на мене? Така и Бог Отец не го поднесува непочитувањето кон Синот Негов и се гневи на оние што се дружат со следбениците на нивната проклета ерес.

Тогаш на царот му стана јасно зошто свети Амфилохиј не му ја укажа должната почит на неговиот син, за на тој начин да покаже дека на Бог Синот Му доликува подеднакво почитување со Отецот. Восхитен од мудроста на свети Амфилохиј, царот стана од престолот, му се поклони и побара прошка од него. И веднаш распрати по целото царство наредба од сите градови да се протераат сите аријанци, па макар и со сила и закана. Така свети Амфилохиј ја исчисти Црквата Христова од еретиците.

Во тоа време продре во Ликаонската област ереста на месалијаните.

Свети Амфилохиј ревносно ја бранеше Црквата своја и од оваа зараза. Тој ги изобличуваше еретиците и лично, и со силата на своите богомудри слова; потоа учествуваше на Сидскиот собор во Памфилија, каде што таа ерес била осудена. Во тоа време свети Амфилохиј достигна такво совршенство, така што со својата молитва ги исцелуваше болните.

Достигна длабока старост и со мир се упокои во Господа, околу 395 година. Остави многу најразлични богословски дела: пишувал книги, стихови, писма, беседи. Особено се важни неговите апологетски дела: во одбрана на православното учење и изобличување на еретиците. Таква е книгата против евхитите, и книгата за раѓањето на Господа по тело. На негова молба свети Василиј Велики го напишал познатото дело: „За Светиот Дух“, во 27 глави. Блажениот Јероним во „Каталог на црковните писатели“ вели дека свети Амфилохиј според светоста и образованието бил рамен на свети Василиј Велики и Григориј Богослов, со кои тој бил и близок пријател. За неговите книги истиот Јероним вели: „Не знаеш на што попрво да се восхитуваш во нив: на световното знаење или на познавањето на Божествените Писма“.

ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ, епископот Акрагантиски

Свети Григориј се родил на островот Сицилија во селото Преторија, близу градот Акрагант, од побожни и добродетелни родители Харитон и Теодотија. Неговите родители беа многу богати, но и многу милостиви. Тие им вршеа доброчинства на сите сиромаси. Кога Григориј беше крстен, кум му беше блажениот Потамион, епископот Акрагантиски. Во неговата осма година родителите го дадоа кај еден искусен учител, на име Дамјан, да учи книга; и за две години тој научи одлично да чита и пишува, и да пее црковни песни. Во својата дванаесетта година од страна на блажениот Потамион беше поставен за клирик и доверен на архиѓаконот Донат да го раководи во духовните подвизи и доблесниот живот. И се занимаваше момчето со молитвата и непрестајното читање, зашто и ден и ноќ седеше над книгата, читајќи го Светото Писмо и Житијата на светите Отци, и срцето му гореше од желба да ги поддржува и да оди по нивните стапки.

Кога наполни дваесет и две години, Григориј намисли да оди во Ерусалим да се поклони на Светите Места, и срдечно Му се молеше на Бога да му го уреди тој пат. Една ноќ, додека спиеше во домот на архиѓаконот близу неговата постела, некој го повика по име и тој рече: „Еве ме!“

И стана и го праша архиѓаконот зошто го вика, но тој му одговори дека не го повикал. Григориј повторно легна и заспа. Но, оној глас и по втор пат го повика и тој повторно ми пријде на архиѓаконот и го праша зошто го бара. Тогаш тој сфати дека Григориј го бара самиот Бог, затрепери од страв и му рече:

- Ако уште еднаш те повика тој глас, ти одговори му:

- Што е, Господи? Што му наредуваш на слугата Твој?

Григориј повторно заспа и по трет пат му дојде истиот глас, велејќи: „Григориј“ Тоа беше ангел Господов, кој го повикуваше. Григориј се одзва како што беше поучен. Тогаш Ангелот му рече:

- Услишана е твојата молитва. Затоа појди на морскиот брег и таму ќе најдеш луѓе, кои ќе те одведат во Светите Места.

Григориј веднаш стана, и без некому да каже нешто, рано во зори поита кон морето, најде кораб и ги праша морнарите каде пловат. Тие му рекоа дека одат во Картагена. Тој ги замоли да го поведат. Го качија на бродот и за три дена стигнаа во Картагена. Останаа неколку дена таму и Григориј често одеше во црквата на светиот маченик Јулијан. Еднаш додека беше во црквата и го читаше Светото Писмо, влегоа тројца чесни и благолики црноризци и се молеа. Кога завршија со молитвата едниот од нив седна, а другите двајца застанаа покрај него. Кога ги виде, Григориј им се поклони. А монахот што седеше погледна во него и рече:

- Што правиш овде, слуго Божји Григориј, кој си го одбрал добриот дел што нема да се одземе од тебе, според зборовите Господови?

Кога слушна дека му се обраќа по име, Григориј се запрепасти и му се поклони на старецот до земја:

- Прости ми, старче, и моли се за мене грешниот.

Старецот одговори:

- О, кога јас би ги имал твоите гревови, чедо!

Потоа додаде:

- Знај, чедо, дека милосрдниот Бог ни откри сѐ за тебе. Радувај се, зашто Он нѐ испрати да те одведеме во Светите Места, како што сакаш, зашто и ние одиме таму.

Трогнат, Григориј на тоа рече:

- Благословен е Бог, Кој сѐ уредува за наше добро.

Потоа сите четворица тргнаа на пат. За време на патувањето, еднаш старецот за да го искуша го праша:

- Чедо, зарем не тагуваш за своите родители?

Григориј одговори:

- Нашиот Господ рекол: Кој сака татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен на Мене (Мт. 10, 37). Но, сепак, помоли се на Бога, оче, Он и на моите родители да им подари блага утеха, а и мене грешниот да ме сочува од вражјите стапици.

По повеќедневно патување тие наближија до Светиот Град и свратија во еден манастир, на кој наидоа патем. Меѓутоа настапи постот Света Четириесетница, и затоа не го продолжија патот туку останаа во тој манастир сѐ до Велика Недела. Тука Григориј го виде строгото постење на монасите и нивното бдеење. Некои од нив по цела седмица не земаа храна и не спиеја. Виде и луѓе кои живеат слично на ангелите и непрестајно Го слават Бога, како што го слават на небесата. Виде и монаси кои леат потоци од солзи, и ден и ноќ стојат на молитва. Виде тој и многу други нивни трудови и неискажливи подвизи, и беше запрепастен, се удираше во градите и велеше:

- Тешко мене! Што сум јас? Што ќе правам јас, унилиот и мрзлив? Како ќе излезам пред лицето Божјо? Како и ден и ноќ ќе стојам пред светите луѓе?

Но, не сакајќи целосно да се потопи во бездната на очајанието, тој си велеше: ако е Господ, како што вели Давид, близу до оние со скрушени срца и ги спасува смерните по дух (сп. Пе. 33, 19), тогаш може да ме спаси и мене, како што ги спасил и дојдените во единаесет часот, кои немаа никаква заслуга.

Кога го видоа нажален и потиштен, монасите го тешеа, мислејќи дека тагува за својот роден крај и за родителите. Тие му говореа:

- Немој да жалиш, чедо, што со нас си дошол толку далеку. Ние се надеваме во Бога дека ти повторно ќе се вратиш во својот крај и ќе ги видиш своите родители живи.

А тој им одговараше:

- Во Бога нема туѓа земја. Сѐ е негово и секаде Он допира со Своето севидливо око. Јас не тагувам што дојдов овде, ниту жалам за родителите. Напротив, се радувам што ги оставив и го најдов Бога, Кој се грижи за мене. Но, друга е тагата на моето срце. Ве молам, свети Отци, помолете се на Господа за мене, ништовниот.

Црнорисците замолчеа.

На празникот Воскресение Христово патниците отпатуваа во Светиот Град Ерусалим, и откако се поклонија на Светите Места отидоа за благослов кај светиот патријарх Макариј. Кога ги виде, патријархот им рече:

- Радувај се во Господа, ава Марко! Од каде ни го доведе богоугодното момче Григориј?

Старецот одговори.

- Не го доведовме ние, владико, туку Господ, Кој сака сите да се спасат, а и твоите свети молитви.

Григориј се запрепасти од тоа што патријархот и старецот и него ги нарече по име и се израдува што го дозна старчевото име. Иако помина толкав пат во нивно друштво, тој не го знаеше неговото име, ниту на другите двајца сопатници, и не се осмели да ги праша од каде се и како се викаат. Толку беше молчалив и нељубопитен блажениот Григориј. Потоа патријархот ги погледна другите двајца монаси и рече:

- Добро ни дојдовте, господине Серапионе и оче Леонтиј. Му благодарам на Бога што ви даде сила да дојдете овде и да го доведете момчето кое гори со духот, кое на Господа Му служи, кое со надеж се радува, кое постојано во молитва пребива, како што Господ ми откри за него.

Патријархот отиде во црквата да служи Света Литургија и сите патници се причестија со Светите Тајни. Утредента ава Марко и двата брата зедоа благослов од патријархот и тргнаа да ги посетат браќата кои живеат на Сионската Гора. Григориј не знаеше за нивното заминување и многу тагуваше што заостанал. Патријархот го тешеше, велејќи му дека Отците нема да си заминат во својот крај, без да свратат повторно кај нив.

Григориј му се поклони и се осмели да праша од каде се тие тројца мажи. Му одговори дека се од Рим. А кога црнорисците се вратија во Ерусалим, ава Марко го фати Григориј за рака, и наведнувајќи го пред нозете на патријархот, рече:

- Оче свети, и овој е од стадото Христово. Тој ќе прими власт во црквата, и како со весло ќе ја упати со духовното учење на добро. А ти, оче, погрижи се за него, убавината на својата душа да ја сочува во полн сјај и да не ја оскверни со помислите, својствени на младоста.

Патријархот одговори:

- Бог го избра за Себе од утробата мајчинска и го огради со стравот Свој. Он ќе го сочува до крај.

Потоа го подигна момчето и забележа дека плаче, па му рече:

- Чедо мое, ако ти е убаво овде остани со нас и Господ Христос сѐ ќе уреди на добро. Ако пак сакаш да појдеш со браќата, тогаш оди со мир.

Григориј одговори:

- Не, свјатјејши оче, јас не сакам да заминам одовде туку само Го молам Бога да ме удостои уште еднаш во овој живот да се видам со овие свети Отци.

Тогаш црнорисците измолија од патријархот благослов и молитви за пат и заминаа од Светиот Град, а блажениот Григориј остана во Ерусалим кај патријархот Макариј.

На пат за Рим се случи ава Марко со Серапион и Леонтиј да пловат покрај Акрагант. Тие застанаа тука, влегоа во градот, го поздравија епископот Потамион и се одморија во неговата епископија, бидејќи настапи празникот на светите апостоли Петар и Павле. По празникот, кога се подготвуваа да заминат и бараа благослов за пат од епископот, дојдоа од селото родителите на Григориј, Харитон и Теодотија, за да му извршат помен на својот син на први јули, бидејќи во тој ден ја напушти својата татковина. Теодотија горко плачеше за синот, и никој не можеше да ја утеши. Ава Марко го праша епископот:

- Поради што, оче, овие луѓе толку многу плачат?

Епископот длабоко воздивна, заплака и рече:

- Овие луѓе имаа едно чедо, на кое јас му бев кум. Кога наполни осум години, родителите го доведоа кај мене, и јас заповедав да учи книга; и Бог му подари такви способности, така што за две години научи прекрасно да чита и пишува и да пее во црквата. А пак во дванаесеттата година родителите го посветија на Бога преку моите грешни раце, и јас го вброив меѓу клириците, и го доверив на својот архиѓакон, тој да го учи на патот на заповедите Господови. Момчето го изучи Светото Писмо, така што денес нема сличен на него во цела Сицилија. Меѓутоа, ние не знаеме што се случи со него, каде отиде, зашто ненадејно исчезна без трага. Долго го баравме по целиот остров, по градовите и селата, по горите, пештерите и пустините, но не можевме да го најдеме; не знаеме дали некој го уби па го закопа или некој го украде и го одведе во туѓа земја. И ете, сите ние многу жалиме за него, а родителите веќе започнаа да му даваат помен, во денот во кој исчезна.

Ава Марко се загледа во лицето на Харитон, виде дека е татко на Григориј, зашто многу си личеа, и им рече на расплаканите родители:

- Зошто толку безмерно тагувате за својот син? Напротив, вие треба да се радувате и да Му благодарите на Бога, Кој уреди сѐ на добро.

И му се обрати на епископот да нареди да дојде неговиот архиѓакон.

Ава Марко му се обрати со овие зборови:

- Кажи ни, човеку, каде го сокри довереното момче, и зошто на епископот не му ги откриеш големите дела Божји, кои што се однесуваат на момчето?

Поразен од овие зборови, архиѓаконот му се поклони на старецот и побара прошка. Потоа започна да раскажува:

- Една ноќ, додека спиев недалеку од момчето, некој неочекувано го повика и тоа ми пријде и ме праша зошто го викам. Јас му одговорив дека не сум го викал. Кога си легна гласот повторно го викна и тоа повторно дојде кај мене и ме праша зошто го барам. Тогаш ми стана јасно дека не го бара човек туку самиот Бог, и му реков: Чедо, ако уште еднаш те повика тој ист глас, тогаш одговори му: Еве ме, Господи! Што му наредуваш на слугата Свој? А кога тоа си легна, јас повторно го чув тој ист глас, и момчето како му одговори. Тогаш гласот му рече: Григориј! Услишана е молитвата твоја. Појди на морскиот брег и таму ќе најдеш луѓе, кои ќе те поведат со себе. Тој глас го слушнав, но не разбрав за што зборува и заспав. А кога утредента станав, Григориј го немаше. Од тогаш не е најден. А за гласот што го слушнав не кажав никому, зашто се плашев да не помислат дека лажам и да не започнат да зборуваат дека јас сум го убил или сум го продал.

Епископот и родителите се утешија и Му благодареа на Бога. А блажениот Марко рече:

- Ете, како што во Книгата на царевите читаме за Самуил (1 Цар. 3, 3-10), така се случи и во наши дни со Григориј. Како што на момчето Самуил, кое спиеше во Скинијата, ангел Господов три пати му викна:Самуил, Самуил, Самуил! На таков повик се удостои и блаженото момче Григориј. Навистина тој ќе биде еднаков со пророкот Самуил! А сега чујте што ќе ви речам за вашето момче. Кога бев во Рим, појдов еднаш со овие мои браќа и преноќевавме кај еден монах. Таа ноќ во видение ми се јавија двајца пресветли мажи, слични на светите Апостоли и ми рекоа: Стани брзо со Серапион и Леонтиј. Качете се на кораб и појдете во градот Картагена. Таму ќе најдете едно момче поклоник од островот Сицилија, на име Григориј, од црквата Акрагантиска; поведете го со себе и одведете го во светиот град Ерусалим, кај патријархот Макариј. Ние веќе зборувавме со патријархот за него и му наредивме да го прими, зашто врз него почива духот наш, како духот на Илија врз Елисеј. И јавените станаа невидливи. Јас станав и постапив според нареденото. Така го оставивме Григориј кај патријархот во Ерусалим.

Сите слушатели беа восхитени и Му благодареа на Бога, а Харитон и Теодотија од возбуда се онесвестија и паднаа на земјата. Блажениот Марко ги подигна и рече:

- Заблагодарете Му на Бога што вашиот син е жив и води доблесен живот.

Тогаш тие престанаа да тажат и заедно со епископот и присутните Му принесоа благодарност на Бога. Му заблагодарија и на ава Марко за трудот околу Григориј и за веста за него, и повеќе не тагуваа.

Блажениот Григориј живееше во Ерусалим кај свјатјејшиот патријарх Макариј и беше поставен од него за ѓакон. По некое време тој го замоли патријархот да го отпушти на Елеонската Гора, да ги посети тамошните отци. Помина една година, посетувајќи одлични подвижници таму и добивајќи ја од нив секоја духовна корист. Потоа намисли да оди во внатрешната пустина и таа своја намера им ја откри на светите Отци и просеше од нив молитви. Тие се помолија за него и го отпуштија говорејќи:

- Оди, чедо, со мир. Верата и љубовта, што ги имаш кон Христа, ќе те спасат.

Од Елеонската Гора Григориј навлезе во пустината, и по три дена, по промисла Божја најде еден црноризец, кој се молеше во шестиот час од денот. Тој виде дека младиот Григориј бара спасение, па го повика кај себе и го праша каде оди. Григориј му одговори:

- Каде што ќе ме поведе Христос по оваа пустина.

На тоа монахот му рече:

- Ајде со мене, чедо.

И по дваесет дена патување стигнаа на едно место, од кое црноризецот му покажа во далечината ќелија, со две урмини палми пред неа, и му рече:

- Во оваа ќелија живее голем Отец. Ако сакаш да се спасиш, чедо, оди кај него, а јас одам на друга страна.

Се поклонија еден на друг и се разделија.

Григориј дојде до ќелијата на големиот старец и слушна пеење на огромен хор. Кога исчекори поблиску, слушна глас само на тројца како пеат. Кога пак стигна пред вратата од ќелијата, слушна глас само на еден старец, кој го завршуваше Деветиот час. Григориј не се осмели да затропа и со страв стоеше пред вратата. Кога светиот старец го заврши правилото погледна низ прозорчето и го виде момчето. Тој го препозна со духот и го повика по име, говорејќи:

- Чедо Григориј, влези ваму!

Кога слушна дека старецот го повикува по име, Григориј уште повеќе се исплаши. Потоа влезе, виде само еден старец и се чудеше како можел да чуе пеење на огромен хор. Од тоа заклучи дека заедно со старецот пееле свети ангели. Григориј му падна пред нозете и низ солзи му рече:

- Смилувај се на мене, оче, и моли се за мене, грешниот, Бог да ја спаси мојата душа.

- Бог нека се смилува на тебе, чедо, - одговори старецот, - и нека те награди за твоите трудови.

Григориј остана четири години кај светиот старец и се научи од него на голема духовна мудрост и монашкиот начин на живеење и однесување, ги изучи тајните и толкувањето на Светото Писмо, и стана одличен философ и богоречит говорник. Додека го гледаше совршен во разумот и доблестите, и провидувајќи дека ќе биде големо светило за светот, старецот не сакаше повеќе да го задржува во пустината и му нареди да ѝ притекне на помош на Црквата, која се бори во светот. Притоа му прорече дека ќе доживее големи маки од завидливи луѓе и го поучи да биде трпелив е незлобив. Потоа се помоли за него, го благослови и го отпушти од себе.

Блажениот Григориј повторно се врати во Ерусалим и патријархот со радост го прими. Остана тука една година, па отиде во Антиохија, а од таму во Цариград. Таму живееше во манастирот на светите маченици Сергиј и Вакх. Кога игуменот ги виде неговите подвизи и постење, зашто по цела седмица не вкусуваше храна и сето време го минуваше во читање и пишување книги, го извести патријархот Евтихиј за него, велејќи:

- Во мојот манастир дојде необичен ѓакон, прекрасен на изглед и начин на живот, голем во постот и ревносен во сите монашки подвизи, одличен познавач на Светото Писмо. Изгледа му нема рамен во цел Цариград.

Патријархот многу се израдува и го повика Григориј со почит, и разговараше со него. Кога ја виде неговата голема мудрост, Му благодареше на Бога што им испрати таков човек во време на големите немири и бури во Црквата од еретиците.

Набрзо потоа беше свикан во Цариград Петтиот Вселенски Собор, за време на благочестивиот цар Јустинијан. На тој Собор блажениот Григориј се истакна како голем поборник и заштитник на Православната Вера. Им ги затвори устите на еретиците и не можеа да му се спротивстават на зборовите изговарани од светите книги. И сите Отци се восхитуваа на таквата мудрост и благодатта на Духот Свети во Григориј. Многумина од слушателите се прашуваа од каде е оној што зборува како ангел или како некој од древните големи свети Отци. Му се израдува и благочестивиот цар Јустинијан, и сите високодостојници. Го целиваа сите свети Отци, присутни на Соборот, и го опсипаа со многу пофалби. Од тогаш царот многу го почитуваше и неговата слава одекнуваше на сите страни.

Затоа блажениот Григориј не сакаше повеќе да остане во Цариград, и за да ја одбегне славата замина за Рим. Таму се поклони на гробот на светите Апостоли и на останатите свети места, па се насели во манастирот на свети Сава и го минуваше животот во осаменичко молитвено тихување.

Во тоа време се претстави Акрагантискиот епископ Теодор, сотрудник на блажениот Потамион. Меѓу граѓаните настана голема неслога и раздор. Едни го сакаа за епископ презвитерот Савин, а други некој Крискент, трети тамошниот архиѓакон Евпл, а некои тоа го оставаа на волјата Господова.

По тој повод се собраа сите црковни претставници, градските власти и граѓани, па отидоа кај папата во Рим. Меѓу нив беше и Григориевиот татко Харитон. Тие излегоа пред папата во три групи. На чело на едните беше Савин, на вторите Крискент, а на третите Евпл и Харитон. Првите го бараа Савин за епископ, вторите Крискент а третите му рекоа на папата:

- Кого Бог ќе му го открие на твојата светост, тој нека ни биде епископ.

Кога го виде нивниот раздор, папата им нареди да го остават. Нему, кој беше многу загрижен поради тоа, ноќе му се јавија во видение двјца чесни мажи, во вид на Апостоли, и му рекоа:

- Зошто толку се грижиш? Оние што тие ги доведоа се недостојни за епископскиот чин. Но, во овој град има еден дојденец, на име Григориј, кој сега живее во манастирот на свети Сава. Кога слушна за доаѓањето на Акрагантинците побегна од тој манастир и се крие во манастирот на свети Меркуриј. Него повикај го и постави им го за епископ. На овој град му е потребен епископ врз кој особено почива Духот Божји.

Откако го рекоа тоа, јавените станаа невидливи. Папата веднаш ги повика презвитерите и ава Марко, кој во тоа време случајно беше дојден во Рим од својот манастир, им го раскажа своето видение, и веднаш испрати два епископа со други клирици да го пронајдат и доведат Григориј. Тие отидоа во манастирот на свети Сава и прашаа за него, но им рекоа дека пред два дена заминал во манастирот на свети Меркуриј. Тие се упатија таму. Тој само што се беше подготвил да го напушти и тој манастир, но ги виде епископите, ги препозна, бидејќи ги беше сретнал на соборот во Цариград, па се сокри во манастирската бавча. Епископите се распрашуваа за него, а монасите одговорија дека имало кај нив некој странец, но не знаат каде заминал. Епископите го притиснаа игуменот и строго му се заканија дека ако не го пронајде и не го доведе, строго ќе биде казнет. По внимателно барање, игуменот го пронајде Григориј во бавчата сокриен во тревата, гневно го фати и го караше, велејќи:

- Од каде си дошол ваму, човеку? Какви се твоите гревови, и што си сторил та толку угледни луѓе те бараат? Му навлече неволја на нашиот манастир! Ајде тргнувај, одговарај за своите гревови!

Блажениот молчеше и воден за рака одеше по игуменот. Доведен пред епископите, тие веднаш го препознаа, зашто го знаеја од Соборот каде сите свети Отци го фалеа, а и самиот цар му укажуваше особено почитување. Епископите станаа, му се поклонија и со љубов го прегрнаа. А тој падна пред нивните нозе и рече:

- Простете ми, свети Отци, јас сум грешен. Зошто ме барате мене, ништовниот?

Тие го подигнаа од земјата и прегрнувајќи го, говореа:

- Свјатјејшиот отец папа те вика.

Игуменот се зачуди и збуни кога виде какво почитување му укажуваат епископите на Григориј, за кого тој мислеше дека извршил некои злодела. Тие со чест го поведоа кај папата.

Кога влезе кај него и му се поклони до земја, папата му рече:

- Добро ни дојде, чедо Григориј. Благословен е Бог, Кој ни те откри.

И стана и го целиваше со свет целив, па продолжи:

- Чедо Григориј, нашиот Господ Исус Христос те повикува на епископството во црквата Своја во Акрагант, преку тебе да се спасат тамошните луѓе.

Григориј одговори:

- Прости ми, владико, не сум достоен на таквиот чин.

Папата на тоа рече:

- Не биди непослушен, чедо, туку бој се од Бога, и сети се дека многумина со непослушноста го разгневиле Севишниот.

Тогаш Григориј рече:

- Сечесен оче, дај ми малку време за размислување, па ќе ѝ одговорам на твојата светост.

Папата го предаде Григориј на ава Марко на некое време. Тој со солзи падна пред него, говорејќи:

- Му благодарам на Бога што ме удостои уште еднаш во овој живот да те видам тебе, милиот мој отец.

Ава Марко отиде со него во една соба и целата ноќ ја поминаа во духовен разговор. Притоа Григориј сакаше да побегне во Шпанија, особено кога дозна дека неговиот татко Харитон допатувал во Рим. Но, ава Марко го задржа, говорејќи:

- Чедо, не гневи го Бога, и наместо неговиот благослов не навлекувај си проклетство.

Од тогаш Григориј се откажа од таа намера.

Наскоро папата ги повика кај себе Акраганците и ги праша дали најпосле се сложиле кого го сакаат за епископ. Тие молчеа. Тогаш архиѓаконот Евпл и Харитон одговорија:

- Владико, нема што да ти кажеме. Оставивме сѐ на Бога и на твоите свети молитви, па на кого Бог ќе ти укаже, тој постави го и ние ќе го прифатиме со љубов.

Папата се загледа во Харитон и препозна дека е татко на Григориј, па рече:

- Ајде во црквата да се помолиме на Бога, да ни јави кого го смета за достоен.

И кога сите се молеа во црквата на свети Петар и Павле а и Григориј беше таму со нив, се појави гулаб кој леташе над светиот престол и се спушти на главата на свети Григориј. Сите се восхитија на ова прекрасно чудо. Папата тогаш рече:

- Ете, Бог ни јави кого го избрал за достоен на епископскиот чин.

И го посвети Григориј за епископ на Акрагантиската црква.

Сите граѓани се радуваа и со љубов го примија, како избран од самиот Господ. Тогаш и Харитон го препозна својот син и со сето срце Му благодареше на Бога што го удостои да го види жив, па дури и во таков висок чин.

По кратко време Акрагантијците зедоа благослов од папата и се вратија со новоназначениот епископ во својот град. Кога минуваше покрај Панормија, го пречека епископот на тој град со клирот и сиот народ, и со љубов го прими, зашто многу беше слушал за неговиот доблесен живот. Тој го замоли да влезе во црквата и да го благослови народот. Кога епископот Григориј влегуваше во црквата, му се доближи еден страотно губав монах и силно викаше кон него:

- Помилуј ме, слуго Христов, и помоли се на Бога за мене, да ми ја олесни тешката болест.

Светителот му рече:

- Во името Господово, исцели се од својата болест.

И во тој миг монахот се исцели и очисти од губата и целото тело му стана како кај мало дете. И сите Го славеа Бога, говорејќи:

- Благословен е Бог, Кој врши чудеса преку угодникот Свој.

Кога отпатува со сопатниците од Панормија и наближи до Акрагант, ги сретна игуменот на манастирот на Пресвета Богородица, кој се наоѓаше пред градот. Кога свети Григориј влезе во тој манастир, пред неговите нозе падна еден глувонем монах. Игуменот започна да го влече, но тој му рече:

- Остави го, брате, да ни објасни што му е потребно.

Игуменот на тоа рече:

- Владико, тој е налудничав, а заедно со тоа и нем и глув.

Светителот воздивна, ги крена рацете и се помоли, па го подигна монахот од земјата и му рече:

- Во името на нашиот Господ Исус Христос, Кој му заповедал на глувиот и нем ѓавол да излезе од створението Божјо, проговори, брате, и прослушај, па слави Го Бога, Кој те створил!

И во тој момент монахот проговори, и силно воскликнуваше:

- Големи се делата Твои, Господи, кои ги вршиш заради Твојот праведен човек.

Блажениот го праша монахот:

- Колку години има откако си престанал да зборуваш?

Исцелениот монах одговори:

- Не се сеќавам, владико, дека некогаш сум зборувал или слушал.

Тогаш игуменот рече за него:

- Изминаа дваесет години, владико, откако го пострижавме, а имаше осум години при постригот, и до денес беше нем и глув. Сега се исцели со твоите молитви.

И побожен страв ги обзеде сите од ова чудо, и сите Му заблагодарија на Бога што им даде епископ чудотворец.

Во тој манастир свети Григориј остана до утредента, па тргна кон Акрагант. Кога слушнаа дека доаѓа новиот епископ, жителите се прашува кој од Савин, Крискент и Евпл е избран. Кога дознаа дека не е ниту еден од нив, туку некој непознат човек, на име Григориј, многу се зачудија. Но, кога слушнаа дека е чудотворец, И дека веќе исцелил глувонем, ги обзеде стравопочитување. И сиот народ излезе да го пречека и да земе благослов од него. Тој ги благословуваше сите, а меѓу останатите излезе и неговата мајка Теодотија, без да знае дека новиот епископ е нејзиниот син. Таа веднаш го препозна и рече:

- Навистина овој е мојот син. Изгубен беше и се најде (Лк. 15, 24).

Григориј ја здогледа својата мајка и рече:

- Радувај се, госпоѓо Теодотија, мајко моја!

Таа со неискажлива радост одговори:

- Благословен е Бог, Кој те избра тебе да го пасеш стадото Негово и ме удостои да те видам, чедо мое слатко.

Потоа сите луѓе, пеејќи влегоа во црквата. А кога свети Григориј служеше Божествена Литургија во црквата, некои од достојните ја видоа благодатта на Светиот Дух како слезе врз него во вид на гулаб и го осени, како што се случи и при неговото посветување. Кај црквата беа донесени многу болни, и свети Григориј им даваше здравје, полагајќи ги своите раце на нив, така што сите се восхитуваа и говореа:

- Овој навистина е сличен на свети Григориј, Неокесарискиот Чудотворец.

И настапи голема радост во градот.

Кога започна да управува со Црквата Божја, свети Григориј многу се грижеше за сиротите, ги исцелуваше болните и ги истеруваше демоните. Неговиот татко Харитон не излегуваше од црквата, со пост и молитва Му служеше на Бога и ден и ноќ. Исто така и неговата мајка Теодотија, ги отфрли сите животни грижи. Работеше единствено на своето спасение, им служеше на болните и сиромашните, хранејќи ги и облекувајќи ги со сопствени средства. Така свети Григориј со своите родители беше украс на Црквата Христова, служејќи им на сите како пример на доблесниот живот.

Еднаш блажениот излезе во градот да ги посети болните и сиромашните. И сите граѓани, кои имаа болни ги изнесуваа и ги оставаа на патот по кој требаше да помине, и светителот со допирот на раката ги исцелуваше сите од секоја болест.

Презвитерот Савин имаше раслабена ќерка, која лежеше во постелата без никаква сила, така што не можеше ни да се помрдне без нечија помош. А кога нејзината мајка слушна дека епископот ќе помине покрај нивната куќа, ја изнесе својата ќерка и ја остави на патот. Кога пријде свети Григориј, таа падна пред неговите нозе, плачејќи и говорејќи:

- Помилуј ме, слуго Божји, и сожали се на мојата раслабена ќерка.

Светителот ја праша чија сопруга е таа. При тоа излезе од куќата презвитерот Савин, му се поклони и рече:

- Господине мој, таа е слугинка твоја, а жена моја. Светителот ги праша:

- Одамна ли боледува вашата ќерка?

Тие одговорија:

- Девет години поминаа владико, откако се фати.

Откако прочита молитва, светителот го осени девојчето со крсниот знак и рече:

- Во името на Исуса Христа, девице, стани и застани на нозете.

И веднаш стана девојчето потполно здраво и му благодареше на својот исцелител.

А народот, кој одеше по светителот, се восхитуваше на славните чудеса кои биваа од него.

Меѓутоа, по неколку години ѓаволот се крена против светителот, со намера да го лиши од престолот, и тоа преку презвитерот Савин, чија што ќерка ја исцели и со помош на Крискент. Тие двајца беа презвитери во Акрагант, и во свое време, како што веќе спомнавме, и двајцата сакаа да бидат епископи, поради што беа во меѓусебно непријателство. Но, сега се здружија и заедно започнаа да роварат против свети Григориј, и поттикнати од ѓаволот говореа:

- До кога ќе му се потчинуваме на овој вражач, кој со помош на вражбини врши чудеса и ги восхитува простите луѓе? Зарем не знаеме дека некогаш побегнал од нашиот град и живеел кај некој вражач и од него се научил на вражбини? А сега се вратил и ги лаже луѓето дека е Божји човек. Всушност, тој е сличен на ѓаволот, зашто ниту јаде ниту пие, исто како него.

Такви хули и клевети исфрлаа тие против праведникот од завист. Привлекоа на своја страна и некои од клириците и граѓаните, и се заколнаа дека нема да се смират, сѐ додека епископот Григориј не го протераат од градот. На негово место сакаа да постават некој Елевсиј, еретик, лишен од презвитерството и од Лаодикијскиот Собор предаден на проклетство. Тој Елевсиј во тоа време дојде тајно во Акрагант и се криеше кај еден човек, на име Теодор. Порано свети Григориј го имал видено на Исток, се препирал со него за овоплотувањето Христово и го победил. Тој Елевсиј, за време на својот тримесечен таен престој во Акрагант ги поттикна Савин, Крискент и некои други злобни луѓе на завист и непријателство кон светиот Григориј.

Непријателите се договорија и поткупија една млада жена, убава на лице, но бесрамна и развратна по карактер, таа пред целиот народ да му каже на епископот во лице дека згрешил со неа. На почетокот жената не се согласуваше, од страв дека граѓаните нема да ѝ веруваат, зашто го сметаат епископот за ангел Божји, па ќе ја каменуваат, но ја убедија дека ништо нема да ѝ се случи и со огромна количина на злато ја поткупија и чекаа погодна ситуација за тоа. И една ноќ, кога свети Григориј беше во црквата на Полуноќницата, Савин и Крискент тајно ја одведоа поткупената развратничка до епископијата. На вратарот му дадоа многу злато за да молчи и Евдокија ја внесоа во спалната на епископот, ја затворија и заминаа. Епископот остана во црквата до утредента. Кога самна излезе со народот од црквата и се упати кон својот двор, а народот по својот обичај го испраќаше до капијата. Светителот тука започна да ги поучува и благословува сите. Тука беа и Савин и Крискент со останатите заверници. Тие отрчаа во спалната, ја доведоа жената и викнаа:

- Гледајте луѓе, што прави нашиот епископ! Така ли треба да живее тој? Сите зборувавме дека е светец! А еве, тој бил блудник! Отсега е недостоен за епископскиот престол!

Народот се скамени од запрепастување, а со него и самиот епископ, и сите молчеа. Потоа започнаа да ја распрашуваат жената дали бил со неа, а таа потврди дека бил. Прашана во кој час од ноќта било тоа, таа, претходно поучена што да зборува, рече дека бил по Повечерието.

- Оо, Господи! - Извикаа блиските на епископот. - Оваа жена зборува невистина!

На тоа непријателите рекоа:

- Вие сте блиски на епископот и не треба да ви се верува, зашто ги криете неговите злодела.

На тоа еден млад ѓакон, на име Филаделф, возврати со зборовите од псалмот:

„Нека онемат устите лажливи, кои зборуваат лошо против праведникот, злобно, горделиво и со презир“ (Пс. 30, 19).

Крискент му притрча на Филаделф и започна да го удира по образите. Мнозина од народот се соблазнија и поверуваа на клеветата, гледајќи како жената излегува од спалната и во лице му зборува на епископот дека бил со неа. Но, другите не поверуваа. Сепак, противничката страна надвладеа. Ставија раце врз епископот, го извадија од епископијата и го фрлија во темница, во која некогаш свештеномаченикот Григориј, епископот Ливијски, страдал за Христа. Таму го затворија сега и свети Григориј, му ги ставија нозете во окови, ја заклучија вратата и поставија стража. Потоа итно му испратија писмо на папиниот егзарх, кој во тоа време бил во Сицилија, известувајќи го за она што се случило и молејќи го да дојде во Акрагант, за судење на Григориј.

Но, не само по цел Акрагант туку и по околните градови и села, па и по цела Сицилија, се пронесе глас дека епископот Григориј е затекнат со блудница. И се собраа кај темницата сите почитувачи на светителот, кои не ѝ веруваа на клеветата, седеа и плачеа. А пак свети Григориј во темницата Му благодареше на Бога што го удостои невино да страда. На полноќ, додека се молеше, огромна светлина ја осветли темницата, се јави ангел Господов, му ги разреши оковите, го поткрепи на трпение и стана невидлив а темничката врата сама се отвори. Кога луѓето го видоа ова чудо, влегоа внатре и му се поклонија на светителот, говорејќи:

- Сега знаеме дека Бог е со тебе и дека сѐ што се зборува против тебе е лага и клевета.

Тие сакаа да појдат да ги убијат Савин и Крискент, но светителот ги спречи и им забрани никако да не прават раздор и да не проливаат крв, туку да го чекаат судот што ќе се изврши над него.

Егзархот дојде во градот, го свика градското собрание, седна на судискиот стол и нареди да го доведат епископот. Застанаа пред судот и противниците на Григориј заедно со блудницата Евдокија. Егзархот ја праша дали е вистина тоа што се зборува дека епископот бил со неа, а таа одговори:

- Да, владико, вистина е дека тој беше со мене.

Само што го изусти тоа, ѓаволот ја нападна, ја фрли на земјата и таа се тркалаше барајќи помош, ужасно мачена од злиот дух. Страв ги обзеде сите. Добронамерните говореа:

- Григориј е невин, еве, казната Божја ја стигна клеветничката.

Меѓутоа неговите противници бесрамно говореа:

- Нели ви рековме дека е вражач и магепсник? Тој со своите вражбини направи жената да ја обземе ѓаволот.

Кога слушна за тоа, сопругата на Савин, со ќерката која свети Григориј ја исцели од фатеноста, веднаш дотрча на собирот и луто започна да вика кон својот маж:

- Беднику! Нечеснику! Си ја заборавил добрината на овој свет човек, кој ја исцели нашата ќерка и го клеветиш невиниот! Затоа оди си од мојата куќа, повеќе не сакам да живеам со тебе! Потоа падна пред нозете на светителот и плачејќи рече:

- Помилуј не, слуго Божји, и немој да го памтиш злото што ти го сторија овие несреќни завидливци!

Меѓу народот настана метеж и врева. Едни викаа дека е невин други дека со своите вражбини го наведе ѓаволот врз онаа што блудничела со него.

А пак егзархот, поткупен од Савин и Крискент, ја застапуваше нивната страна. Но, кога ја виде големата вознемиреност меѓу народот се исплаши и замина, изјавувајќи дека оваа работа треба темелно да се испита. Блажениот Григориј доброволно повторно отиде во темницата. И седеше во неа како виновен, чекајќи го исходот од случајот.

Но егзархот, кога виде дека не може да стори ништо против светителот, одлучи да го упати кај папата во Рим, и нареди да се подготви за него засебен кораб. При тоа му напиша писмо на папата, во кое ја изложуваше неговата вина. Слично писмо му напишаа на папата и неговите клеветници. А кога падна ноќта и народот се разотиде, егзархот со Савин и Крискент го поведоа свети Григориј кон коработ. По него одеа неговите родители и домашни, плачејќи и ридајќи за него. Тој ги тешеше и советуваше да не плачат, тврдејќи дека набрзо повторно ќе го видат здрав и на епископскиот престол. Го качија противниците на коработ и го доверија под надзор на господарот на коработ, на име Прокопиј, на кого му ги предадоа и своите писма за папата. Архиѓаконот Евпл со другите ѓакони му пристапи на егзархот и го молеше да им дозволи и тие да појдат со својот отец и учител. Но, тој не сакаше ни да чуе. Само на еден од нив, ѓаконот Платоник, му дозволи да појде. Најпосле коработ тргна. Родителите и домашните долго плачеа по него на брегот, па тажни се вратија во своите домови.

Утредента се собра кај темницата многу народ со презвитерите. Кога не го најдоа својот пастир, тие се вознемирија и започнаа да плачат и жалат за неправедниот суд. Потоа отидоа кај егзархот, го опкружија и го прашуваа каде го одвеле нивниот отец и добар пастир, и дали можеби го убиле.

Егзархот им одговори:

- Не, браќа, никакво зло не му сторивме, туку со мир го упативме кај папата, бидејќи самиот бараше.

Тогаш народот ги повика ѓаконот Евпл и другите ѓакони и ги праша:

- Вие вчера бевте кај него во темницата! Кажете ни, каде е сега?

Тие рекао дека егзархот ноќе го испратил во Рим кај папата. Кога виде дека меѓу народот настана буна, егзархот се исплаши и побегна од градот. Вознемирениот народ им ги запали куќите на расипаните презвитери Савин и Крискент и ги бараа за да ги убијат, но тие побегнаа во црквата. Народот побрза по нив, но Харитон застана на црковната врата и ги молеше разгневените луѓе да не пролеваат крв заради неговиот син, говорејќи:

- Ако е вистина тоа што го зборуваат за вашиот епископ, а мој син, а вие ги убиете, тогаш и самите ќе бидете виновни пред судот.

Народот го послуша и сите се разотидоа. Но, приврзаниците на свети Григориј сепак му испратија писмо на кнезот на Сицилија, кој живееше во градот Сиракуза, и на епископот на тој град, и ги известија за сѐ што се случи со нивниот епископ Григориј. Тие многу се зачудија и го сожалуваа, бидејќи многу добро го знаеја неговото непорочно живеење. Како одговор на тоа, управувањето со црковните работи му беше доверено на архиѓаконот Евпл, додека свети Григориј биде оправдан пред папата и се врати назад.

По извесно време противниците на свети Григориј повторно се собраа и бараа начин како да го убијат Евпл. Кога ја виде нивната нескротлива злоба, тој побегна од градот и се криеше до доаѓањето на свети Григориј. А пак Савин и Крискент на престолот го поставија порано споменатиот еретик Елевсиј. Градските власти и презвитери, замолени од Харитон, не превзедоа ништо против тоа и молчеа. Така во тоа време Црквата Божја ја пасеа не пастири туку диви ѕверови, како што ќе посакаа. Еретикот Елевсиј ги изнесе светите мошти од олтарот и сакаше да ги запали, но огнот не се допре ни до нив. Тогаш нареди ноќе тајно да ги фрлат во морето, за никој да не знае за тоа.

Кога свети Григориј стигна во Рим, господарот на коработ Прокопиј му ги предаде на папата писмата од егзархот и од клеветниците. Кога ги прочита, папата страшно се разгневи на Григориј и не дозволи ни пред очи да му излезе, ниту го праша дали се чувствува за виновен, туку нареди да му ги оковаат и рацете и нозете и да го фрлат во темница. Додека светителот седеше во темницата и се молеше, ноќе го осветли светлина, вратата сама се отвори и кај него влегоа дајца пресветли мажи во вид на апостоли и му рекоа:

- Радувај се, слуго Христов и нам мил Григориј! Господ нѐ испрати да те ослободиме од оковите, и ние се радуваме додека гледаме како јуначки и трпеливо ги поднесуваш неволјите. Бог сака и во овој град да изврши многу чуда преку тебе.

Откако го рекоа тоа, тие ги допреа неговите окови, и веднаш паднаа синџирите од него, па им се поклони до земја а тие го целиваа и станаа невидливи. Исто така му се јавија и на ѓаконот Платоник, го изведоа од неговата темница и го доведоа кај Григориј. Тие заедно Го славеа и благословуваа Господа.

Стражарот на темницата имаше син единец, од дваесет и шест години, кого зол дух веќе шест години луто го мачеше и го бркаше по патиштата и пустините. Многу пати тој го ставаше во окови и затвораше во одаја, но тој секогаш ги кинеше оковите, ја кршеше вратата и бегаше. Се случи во тие денови, кога Григориј седеше во темницата ослободен од оковите, и Платоник со него, таткото да го фати синот и цврсто да му ги прикове со синџири на еден столб рацете, нозете и вратот. Но, ѓаволесаниот на полноќ ги раскина железните окови, побегна, ја најде вратата од темницата отворена, па влезе, падна пред нозете на свети Григориј и се тркалаше. Светителот ги крена рацете кон небото, се помоли на Бога и потоа му рече на ѓаволот:

- Нашиот Господ Исус Христос ти наредува тебе, нечист духу, да излезеш од Неговото створение.

И ѓаволот веднаш излезе од него.

Стражарот долго го бараше својот исчезнат син, и при барањето ја здогледа темницата отворена. Од тоа смртно се преплаши, зашто помисли дека затвореникот побегнал. Но, кога влезе внатре ги виде свети Григориј и Платоник како стојат и Му пеат на Бога света песна, а заедно со нив стои и синот потполно здрав. Тој падна пред нозете на светителот, говорејќи:

- Ти навистина си човек Божји! Прости ми што ти згрешив и кренав рака на тебе!

Од тогаш стражарот со страв му служеше на светителот и ден и ноќ, почитувајќи го како ангел Божји.

Во тоа време една жена имаше згрчена ќерка. Бидејќи слушна дека свети Григориј го исцелил синот на стражарот од темницата, таа дојде кај него со ќерката, падна пред него на земјата и го молеше да ја исцели. Тој ѝ рече:

- Тоа не е моја работа, жено, туку на Бога Единствениот, Кој може сѐ да стори со Својот збор. Но, таа упорно го молеше, па светителот се помоли, ги стави рацете врз згрчената девојка и во тој момент таа се исправи. Мајката и ќерката им заблагодарија на Бога и светителот и радосни се вратија дома. Прашана од соседите кој ѝ ја исцелил ќерката, таа одговори:

- Еден не овдешен епископ, туку од Сицилија, за кого велат дека е осуден поради некоја вина и седи во темница. Тој прво го исцели синот на стражарот, а сега и мојата ќерка.

Гласот за чудесните исцеленија на свети Григориј само со збор над бесомачниот и згрчената девојка се разнесе по Рим, и кај него започнаа да носат многу болни. Тој сите ги исцелуваше. По една година од неговото доаѓање во Рим, папата се сети на него и испрати по ава Марко, кого веќе го споменавме. Ава Марко дојде од својот манастир и папата го праша:

- Знаеш ли, брате, дека акрагантискиот епископ Григориј е доведен ваму врзан и седи затворен во темницата затоа што извршил блуд?

Ава Марко воздивнувајќи одговори:

- О, кога би го имал неговиот удел на Страшниот Суд!

Од тие зборови папата се промени во лицето и рече:

- Види што ми пишува за него мојот егзарх на Сицилија.

Ава Марко го прочита писмото, се насмеа и гласно рече:

- О, Господи, тоа е клевета над невиниот и чист човек, кој, како што и самиот знаеш, владико, со својот живот и чудотворства е рамен на древните големи Отци.

- Јас знам, - возврати папата, - дека благодатта Божја била врз него до неговиот пад. Но, кога согрешил благодатта се одзеде од него.

Ава Марко на тоа рече:

- Бог ги знае оние што се Негови.

- Што ќе правиме со него тогаш? - праша папата.

Ава Марко му одговори:

- Сослушај ме, владико, и прими го советот на својот слуга, Свикај собор, повикај ги епископите, не само западните туку испрати известување и на исток. Немој да го судиме Григориј без знаење на благочестивиот цар и Цариградскиот патријарх, туку и тие нека испратат свои луѓе. А испрати и во Сицилија и доведи ги тужителите и таа жена, па тогаш ќе го сториме тоа што Бог ќе покаже.

Папата го прифати советот и веднаш испрати послание до благочестивиот цар Јустинијан и свјатјејшиот патријарх Цариградски, со известување за сѐ и молба да испратат одбрани луѓе на соборот. Исто така папата му напиша и на својот егзарх на Сицилија, како и на властите и граѓаните во Акрагант, наредувајќи им веднаш да ги испратат кај него во Рим сите тужители до еден, а и жената која, како што тие велат, паднала во грев со Григориј.

Царот и патријархот, кога ги примија посланијата од папата, се чудеа на клеветата изнесена против Григориј, и ни најмалку не поверуваа и жалеа што невиниот толку време седи во темницата. Тие брзо испратија угледни луѓе во Рим: царот еден великодостојник, на име Маркијан, а патријархот тројца епископи: Анкирскиот, Кизичкиот и Коринтскиот, и хартофилаксот Константин.

Сите пратеници, како тие од Цариград така и оние од Сицилија, се собраа во Рим во третата година од затворањето на свети Григориј во темницата. Но Маркијан, на осумнаесет стадии пред Рим, тешко се разболе и животот му висеше на конец, поради што неговите сопатници епископи беа многу загрижени. Одвај стигна во Рим, и сите многу се грижеа за него, но ниту еден лекар не можеше да му помогне во неговата болест. Но, една ноќ се случи покрај куќата во која лежеше Маркијан да минува жената чија што ќерка ја исцели свети Григориј. Кога го слушна плачот на Маркијановите слуги и дозна зошто плачат, таа им рече:

- Ако сакате вашиот господин да биде жив и здрав, тогаш понесете го по мене и јас ќе ви го покажам лекарот, кој ќе го исцели со еден збор. Тој лекар исцели многумина во овој град, а и мојата ќерка, и нема болен кој се вратил од кај него неисцелен.

Слугите ѝ поверуваа на жената, го кренаа својот господар заедно со постелата и тргнаа по неа. Маркијан и не знаеше што прават неговите слуги со него, зашто гореше од температура и беше во бессознание. И кога жената ги доведе до темницата, им рече:

- Еве, овде е лекарот, кој со збор ги исцелува болестите.

Слугите го внесоа својот господар во темницата, го спуштија пред нозете на свети Григориј и со солзи го молеа да го исцели. Светителот двапати му викна на Маркијан, но тој не можеше да му одговори. Блажениот светител заплака и ја стави раката врз болниот, и тој веднаш заспа, иако дваесет дена дотогаш немаше спиено. На полноќ слугите му пријдоа, го допреа и видоа дека повеќе нема температура и Му благодареа на Бога. На самнување, кога светителот веќе го беше отпочнал утринското богослужење, Маркијан се разбуди, стана и се чудеше каде ли се наоѓа. Кога го виде свети Григориј го препозна и падна пред неговите нозе, зашто му беше јасно дека тој со своите молитви го исцелил од болеста. А кога се раздени, епископите сопатници на Маркијан дојдоа да го посетат, но не го најдоа во станот. Дознаа дека го однеле во темницата кај Григориј, отидоа таму и го видоа здрав, како седи и разговара со Григориј, на што многу се изненадија и му рекоа на светителот:

- Благословен си, ти, оче Григориј, зашто си се удостоил на благодатта Божја и дарот на исцелување на човечките болести.

Потоа со љубов го целиваа и го прашаа колку време веќе седи во темницата. Тој им одговори дека е тука веќе две години и четири месеци. Епископите многу се разгневија на папата што толку време држи невин човек, без да изврши внимателно иследување. Тие сакаа да го извадат надвор, но тој им забрани, говорејќи:

- Јас не можам да излезам одовде без суд и наредба на папата.

Тогаш епископите отидоа и го известија папата за сѐ. Тој многу се восхити и го обзеде голем страв. Потоа нареди соборот да заседава во црквата на свети Иполит, во близина на темницата. На соборот дојдоа сто педесет и четири епископи со папата и огромен број римски монаси и граѓани, така што сите не можеа да се сместат во црквата. На соборот беа приведени и тужителите, со Савин и Крискент на чело, а беа сто и десет на број. Потоа испратија по свети Григориј тројца епископи, пет презвитери и ава Марко, и тие го доведоа со чест. Источните епископи и хартофилаксот, кога го видоа свети Григориј кај седи на судот смирено како да е веќе осуден, заплакаа од жал.

Папата започна да ги сослушува сведоците:

- Каква е вината на вашиот епископ? Поради што го тужите? А тие без никаков срам одговорија:

- Владико, ние го затекнавме во грев со жена.

- Дали со свои очи го видовте или тоа жената ви го кажа? - продолжи папата со сослушувањето.

Тие одговорија:

- Владико, ние по обичај влеговме да му се поклониме на епископот, и затекнавме жена кај спие во неговата постела, ја фативме и таа пред егзархот и пред сите луѓе призна дека навистина извршила грев со него.

Тогаш источните епископи рекоа:

- Нека се доведе жената и нека пред целиот собор го изобличи Григориј.

На тоа тужителите возвратија:

- Како може да го изобличи кога е бесомачна? Откако согреши со него, ја стигна казната Божја и неа ѓаволот ја мачи.

Сепак испратија по неа и ја доведоа. Ја држеа двајца, и таа не знаеше каде се наоѓа, зашто од болеста го беше изгубила умот. Тогаш папата им се обрати на тужителите и им рече:

- На суд не се сослушуваат бесомачни и луди, туку вие несреќници, сте должни да ја кажете вистината.

Тие одговорија:

- Ние веќе ја рековме вистината. Сега сослушајте го лично обвинетиот, тој нека каже за себе. Свети Григориј воздивна длабоко од душата и рече:

„Се кренаа против мене злобни сведоци, и за она што не го знам ме сослушуваат. Ми враќаат зло за добро“ (Пс. 34, 11-12).

Само што светителот ги изговори овие зборови од псалмот, жената падна мачена од ѓаволот и се тркалаше пред нозете на светителот, исфрлајќи пена и вкочанувајќи се. Од таа глетка сите присутни се згрозија. Но, свети Григориј се помоли во себе и рече:

„Во името на нашиот Господ Исус Христос, и заради светите Отци овде собрани, нечист духу излези од створението Божјо, и жената нека си дојде на себе и нека ја каже вистината за мене!“

И веднаш духот ја стресе жената и излезе од неа. Таа лежеше како мртва. Светителот ја фати за рака и ја подигна. Кога застана пред сите и ја прашаа како се вика, таа рече: „Евдокија“.

Тогаш хартофилаксот ја праша:

- Го познаваш ли овој епископ?

Таа одговори:

- Да, многу добро го познавам, зашто многу пати сум го гледала како оди по градот и ги посетува страдалните, болните и сиротите и им дава обилна милостиња. И лично јас, бедната, се удостоив повеќе пати да добијам милостиња од неговите раце.

Уште ја прашаа:

- А дали вашиот епископ некогаш извршил грев со тебе?

Таа длабоко воздивна, заплака, го крена гласот и рече:

- Се колнам во Господа, тој воопшто и не ме познаваше, туку овие двајца лоши луѓе, кои што стојат пред вас, Савин и Крискент, ми ветија многу пари и ме натераа да го наклеветам праведникот. Бог нека им плати и за гревот на мојата душа, затоа што ме вовлекоа во таква беда. Откако ме измамија овие расипани луѓе и јас ги послушав, ѓаволот влезе во мене и ме мачеше до сега.

Откако го рече тоа, таа се фрли пред нозете на светителот, и плачејќи говореше:

- Смилувај се на мене, слуго Божји, и прости ми мене, бедната, која тешко згрешив пред тебе! Се колнам во Господа дека нема да станам одовде додека не ми простиш!

Светителот ѝ одговори:

- Не е наше да простуваме гревови туку само на милосрдниот Бог, а наша должност е да Го молиме Него за прошка на согрешенијата. Јас ќе ја молам Неговата добрина за тебе, да ти ги прости гревовите.

Откако го рече тоа, епископот ја крена жената од земјата. Присутните ги обзеде страв и восхит и сите Го благословуваа Бога и вокликнуваа:

- Благословен е Господ Бог, Кој ја обелодени невиноста на слугата Свој и ја изобличи клеветата и лагата!

Папата и сите епископи многу се разгневија на тужителите клеветници, и почнаа да ги караат и срамотат. Потоа наредија, та ги поделија на две групи: клириците со Савин и Крискент на една страна, а мирјаните на друга. Клириците беа триесет а мирјаните осумдесет. А пак Евдокија, која лажеше против невиниот праведник, судот ја ослободи од казната, како веќе казнета од Бога, бидејќи неа ѓаволот, со наредба Божја ја мачел две години и шест месеци. Виновниците за злосторството ги осудија на прогонство, Савин беше протеран во Тракија, Крискент во Шпанија, а останатите клирици во Равена, таму да го минуваа животот по темниците во оскудевање и срам. А мирјаните, противници на свети Григориј, ги предадоа да им суди царскиот пратеник, великодостојникот Маркијан. Тој нареди сите да ги одведат во темница, со намера подоцна да ги подложи на тешки маки. Но, кога војниците дојдоа да ги поведат, сите тие заридаа, и силно повикаа кон светителот:

- Смилувај се на нас, слуго Христов, и не предавај нѐ на лути маки!

И свети Григориј, навистина крајно незлопамтив, падна на колена пред папата и целиот собор, и со солзи ги молеше за непријателите свои, да ги помилува да не бидат казнети заради него. И не престана да ги моли и да плаче, и метанија пред нив да прави, додека сите не се расплакаа и рекоа:

- Ако ти им простуваш и молиш за нив, тогаш ние сме разоружани.

И им наредија на војниците да ги остават на мира.

Меѓутоа, додека клеветниците сѐ уште стоеја пред соборот, ненадејно зафати страшна бура, и земјата се затресе, и воздухот се помрачи, и сите ги покри темнина, сите на соборот ги обзеде ужас и мислеа дека земјата ќе зине и ќе ги проголта, па ги кренаа рацете и се молеа кон Господа да се смилува. Кога невремето се смири и темнината исчезна, веднаш се јави казната Божја врз клеветниците. На сите лицата им беа црни како чад. А пак на Савин и Крискент не само што лицата им беа поцрнеле туку и усните им висеа, така што не можеа да ги состават и да зборуваат. Таква одмазда Божја ги снајде. Кога сиот собор го виде ваквото чудо, сите воскликнаа:

„Сега видовме дека Господ го спаси помазаникот Свој; го услиша од светите Свои небеса, со силата на Неговата победоносна десница“ (Пс. 19, 7).

Потоа папата им рече на клеветниците:

- Чујте вие, бедници! Ете, со своите поцрнети лица станавте слични на одамна поцрнетиот ваш татко ѓаволот, зашто го наклеветивте праведниот и свет маж. Затоа ви наредувам од денес да му бидете робови на Акраганскиот епископ и неговите преемници, вие, и децата ваши, и целото ваше потомство довека. Никој од вашето потомство никогаш да не биде свештеник ниту клирик воопшто. Секој епископ, кој ќе се осмели да постави било кој од вашето племе за свештеник, ѓакон, или воопшто клирик, знаејќи за оваа ваша сегашна постапка, тој епископ нека биде проклет.

Со овој напишан суд се согласи сиот собор. А жената, која го беше наклеветила светителот, падна ничкум на земјата, и со солзи викаше кон епископите:

- Смилувајте се на мене, свети отци, и дајте ме во женски манастир. Јас повеќе нема да се вратам во својот град!

Нејзината молба беше исполнета. Беше дадена во манастирот на светата маченичка Кикилија и облечена во ангелскиот лик, во кој помина дваесет и две години, подвизувајќи се ревносно и се претстави откако вистински се покаја за сите свои гревови.

Правдата во корист на свети Григориј предизвика општа радост. Настапи деветиот час од денот и папата му нареди на свети Григориј да отслужи Божествена Литургија. Додека светиот служеше, многу од епископите, оние најдостојните, ја видоа благодатта на Светиот Дух како го озарува. А пак по Литугијата папата предложи обилна трпеза и сите јадеа и пиеја во слава Божја.

Во тоа време во Рим се случи следното чудо. Десет огромни прекрасни дрвја, одредени за украсување на храмот на светите апостоли Петар и Павле, допловија по реката Тибар и застанаа среде реката како вкопани или со железо приковани, а при тоа испречени ја зазедоа речиси целата река, така што им пречеа на корабите да минуваат. Многу пати граѓаните се обидуваа со заедничка сила да ги извлечат, но не можеа, бидејќи некаква невидлива сила ги држеше. Најпосле самиот папа го замоли свети Григориј, тој со молитвата да ги поткрене од местото. Светителот го послуша и појде кај реката, придружуван од многу народ. По пат виде вжештена печка, собра жар во скутот од својата мантија и така ја носеше. А кога дојде до споменатите дрва, тој стави темјан врз жарта. И додека се молеше, како со кадилница кадеше од скутот на својата мантија, полна со жар, и мантијата, слично на капината на Мојсеј, гореше и не согоруваше. По молитвата им нареди на луѓето да ги извлечат дрвата на брегот, при што тие веднаш се кренаа и станаа необично лесни, та без мака ги извлекоа од реката. На нив најдоа ваков натпис:

„Пет дрва на свети апостол Петар и пет дрва на свети апостол Павле“.

Потоа папата повторно ги собра епископите. Тие го осудија на прогонство гореспоменатиот еретик Елевсиј, а свети Григориј со чест го испратија во Акрагант. Но, свети Григориј прво отиде во Цариград. Таму чесно беше примен од царот и патријархот, па потоа се врати во Сицилија. Жителите на Акрагант радосно го пречекаа со псалми и песни. Светителот не влезе во црквата осквернета од еретиците, ниту во епископијата. Тој брзо изгради нова прекрасна црква, во име на светите апостоли Петар и Павле и нова епископија. И поживеа уште многу години, одлично пасејќи го стадото Христово. Напиша многу поучни слова и безброј чуда створи. Потоа во длабока старост го остави земниот живот и го отпочна вечниот небесен со Христа Господа, Кому слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СИСИНИЈ

Светиот маченик Сисиниј беше од градот Кизик. Пострада за време на царувањето на Диоклецијан од игемонот Александар. Обвинет кај него како христијанин, тој за исповедањето на Христа беше врзан за диви коњи и присилен да трча. Потоа безмилосно беше тепан, па му ставаа лут оцет во ноздрите. Претрпе и многу други мачења, и створи големи чудеса среде собирот. Потоа со меч му ја отсекоа главата.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОДОР

Свети Теодор живееше во Антиохија и се занимаваше со трговија. По наредба на царот Јулијан Отстапник, тој од страна на епархот Салустиј беше фатен на пазарот и затворен, и тоа од следната причина. Безбожниот Јулијан нареди моштите на светиот маченик Вавил и останатите свети маченици да се пренесат во Дафна. Меѓу христијаните што ги пренесуваа беше и свети Теодор Додека ги носеа светите мошти, тие пееја стихови од псалмите Давидови, често повторувајќи го стихот: „Нека се посрамат оние што им се поклонуваат на идолите“ (Пс. 69, 3)

Поради тоа свети Теодор беше фатен. Го обесија на мачилишното дрво, го тепаа со воловски жили по плеќите, ребрата ми ги кинеа со куки, па го оковаа во железни синџири и го фрлија во темница.

Утредента Јулијан дозна од епархот дека младиот Теодор се истакнал со големо јунаштво и трпение во страдањето. Покрај тоа го дозна и тоа дека христијаните трпеливо до крај ги поднесуваат сите мачења, па и самата смрт. Гонителите и мачителите на христијаните ја сметаа смртта за пораз и срам, а христијани за победа, слава и радост. Кога дозна за тоа, царот Отстапник нареди свети Теодор да го пуштат од темницата. При тоа некои го прашуваа дали воопшто чувствувал болки додека го мачеле со страшните маки. Тој им одговорил дека на почетокот чувствувал мала болка, но потоа се појавил некој човек, кој со бело, меко, миризливо марамче му ја бришел потта од лицето и го бодрел храбро да издржи. Затоа, кога мачителите престанале со мачењето, тој не се радувал туку бил тажен, зашто со престанувањето на мачењето престанувало и јавувањето на човекот, кој всушност бил небесен ангел со својата помош и бодрење.

И навистина, мачителите го гледале Ангелот, кој го чувал светиот маченик и го бодрел.

Безбожниот Јулијан за својата свирепа нечовечност беше казнет со горка смрт во војната со персијците, а свети Теодор, откако претрпе мачеништво за Господа, радосно отиде кај Него, вечно да блаженствува на небото.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ БЛАГОВЕРЕН КНЕЗ АЛЕКСАНДАР НЕВСКИ

Беше син на кнезот Јарослав, и уште од мал со срцето свртен кон Бога. Правдољубив, жалостив, вистински побожен. Ја презираше суетата на овој свет. Од рана младост Го засака Христа. Постојано беше жеден за светата мудрост на светите Отци. Негово најмило занимање беа сеноќните бденија и тајните молитви кон Бога. Во 1236 година стана кнез Новгородски. Ги победи Швеѓаните на реката Нева, на 15 јули 1240 година, поради што и е наречен Невски. Силен, не толку со војската, колку со верата во помошта Божја. Пред битката им зборувал на војниците:

„Бог не е во силата туку во правдата“.

Во таа пригода му се јавиле светителите Борис и Глеб на еден од Александровите војводи и му ја ветиле својата помош на великиот кнез, нивниот сродник. Кога стана голем Владимирски кнез во 1250 година, Александар многу се потруди околу издигнувањето и уредувањето на Руската земја, која во тоа време страдала од татарското насилство.

Не беше само заштитник и чувар на Православието, туку бестрашен исповедник на Светата Православна Вера. Во татарската Златна Орда не сакал да се поклони на идолите ниту да помине низ огнот, туку му рекол на канот Батих:

- Тебе ќе ти се поклонам, зашто Бог те почестил со царството, а на тварите, идолите, нема да им се поклонам. Јас сум христијанин и не се поклонувам на твари. Му се поклонувам на Бога, Едниот во Троица славениот, Кој ги створил небото и земјата. Нему Му служам и Него го почитувам.

Поради неговата мудрост, храброст, телесна сила и убавина, го обожавал и татарскиот кан. Градел многу цркви и вршел безбројни дела на милостињата. Дваесет и седум години кнезувал благоверниот кнез Александар, трошејќи го целото свое битие во христољубивите подвизи и трудови. Најпосле, чувствувајќи дека му се ближи заминувањето од овој свет, тој, со неодолива желба на своето срце, секогаш насочен кон Бога, го прими монаштвото и монашкото име Алексиј, се причести со Светите Тајни и блажено се упокои, на 14 ноември 1263 година, во својата четириесет и трета година. Беше погребан во манастирот Рождество на Пресвета Богородица, во Владимир. При погребението, кога митрополитот сакаше да му стави во раката проштална грамота, тој како жив ја отвори раката и ја зеде.

Во 1381 година моштите на светиот кнез беа откриени и положени во соборната црква на манастирот. А пак во 1547 година, за време на царот Јован IV, на светиот кнез му беше составена служба и беше одредено неговиот спомен да се празнува на 23 ноември, денот на неговото погребение. Во 1724 година, со наредба на царот Петар Велики, чесните мошти на светиот кнез беа пренесени во Петроград, во Александро - Невската Лавра, каде што почиваат и денес.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ МИТРОФАН, епископот Воронежски

Роден е од благочестиви родители во 1623 година, во Владимирската губернија. Родителите одлично го воспитале во духот на Православната Вера. Првата половина од својот живот ја поминал како парохиски свештеник во селото Сидоровско. Во својата четириесетта година тој остана вдовец. Тогаш го остави светот, отиде во Золотниковскиот манастир „Успение на Божјата Мајка“, близу градот Суздал и се замонаши. Ревносен во монашките подвизи, тој набрзо се прочу. Во 1666 година беше назначен за игумен на блискиот Јахромско-Козмински манастир, а во 1675 за игумен на Унженскиот манастир, во областа Галич. Како игумен, преподобниот Митрофан ја стекна сеопштата почит, и му стана познат и на самиот патријарх. А кога се основаше нова епархија во Воронеж, свети Митрофан беше избран за нејзин прв епископ и ракоположен на 1 април 1682 година.

Како епископ, блажениот Митрофан разви голема евангелска дејност во својата епархија. Многу се трудеше кај свештениците да ја подигне духовноста и да ја зајакне пастирската ревност, а кај мирјаните да им омили животот според Светото Евангелие. Како старешина свети Митрофан беше многу достапен, и неговиот епископски дом беше прибежиште на неволните и тажните, гостоприемница на патниците, лечилиште на болните. Многу често светителот го обиколуваше градот, ги посетуваше болните по домовите, ги згрижуваше сирачињата и ги тешеше со верата и надежта на милоста и помошта Божја.

Тој беше многу ценет и почитуван од царот Петар Велики, кој често доаѓал во Воронеж и секогаш го посетувал и си заминувал од него со ново духовно богатство. Но, еднаш дојде до расправија помеѓу силниот цар и смирениот епископ. Престојувајќи еднаш во Воронеж, царот Петар го повика кај себе свети Митрофан. Кога светителот влезе во дворот од царскиот дворец, виде статуи на грчките богови и богињи, со царска наредба наредени како украси, па веднаш се врати во епископијата. За тоа беше известен царот, и тој, без да знае зошто се вратил, повторно испрати по него, повикувајќи го да дојде. Но, светителот му одговори:

- Додека господарот не нареди да се отстранат идолите што го соблазнуваат народот, јас не можам да влезам во неговиот дворец.

Царот многу го разгневи и му испрати ваква порака:

- Ако не дојдеш, тогаш со твојата непослушност ќе се подложиш на смртна казна.

На заканата светителот му испрати ваков одговор:

- Господарот има власт над мојот живот. Но, не им доликува на христијанските владетели да поставуваат незнабожечки идоли и со тоа да ги соблазнуваат простите срца.

Откако царот длабоко размисли за оваа работа, нареди, та статуите беа отстранети.

Водејќи живот полн со свети подвизи и тешки трудови, светиот угодник Божји Митрофан во своите осумдесет години, на 2 август 1703 година, тешко се разболе. По осум дена, на 10 август, тој прими голема схима со името Макариј. А на 23 ноември истата година мирно се претстави во Господа. И свечено, во присуство на царот Петар, беше погребан во Воронежската црква. Многу чуда се случуваа на светителовиот гроб. Неговите свети мошти свечено беа откриени како нетлени и чудотворни, на 6 август 1832 година. На почетокот светите мошти се чуваа во црквата на светите Архангели, а на 25 јуни 1833 година беа пренесени во Благовештенската црква, каде и сега почиваат, откриени во кивот, од десната страна крај самиот иконостас.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ДИОНИСИЈ, патријархот Цариградски

Бил родум од Пелопонез, од Филипопол, ученик на свети Марко Ефески. Два пати бил поставуван за патријарх Цариградски (1467-1472 г., 1489-1491 г.), под заштита на госпоѓа Мара. По поднесувањето на оставката на патријаршискиот престол, живеел и се подвизувал во манастирот Икосифиниси во Драма каде што и се упокоил во Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ИСХИРИОН

Светиот епископ Исхирион се упокоил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЕЛЕН

Нашиот свет отец Елен беше епископ во Тир (или Тарс), и во мир се упокоил.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА МЕРОПА

Нејзиниот спомен се врши во црквата на света Ирина, близу морето. Црпејќи свето миро од моштите на светите Апостоли и Маченици, света Меропа со благомирисен повик се занимаваше, помазувајќи ги со мирото на Божјата љубов сите кои ја почитуваат.