7. Декември   (24. Ноември)

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТАТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЧКА ЕКАТЕРИНА

Во времето на незнабожниот римски цар Максимин, во градот Александрија живееше девојка по име Екатерина, ќерка на малиот цар Конста. Екатерина беше необично убава, висока и многу добро школувана. До своите осумнаесет години одлично ги беше изучила грчката философија, медицината, реториката и логиката. Ги познавала одлично делата на Хомер, Аристотел, Платон и другите философи, а и познатите лекари Асклипиј, Хипократ, Галин. Покрај тоа знаеше и многу јазици и наречја. Затоа сите се восхитуваа на нејзината ученост и знаење. Многу богати и угледни луѓе се обидуваа да ја испросат од нејзината мајка, која беше потајна христијанка заради лутото гонење на христијаните во тоа време од страна царот Максимин. Роднините и мајката често ја советуваа Екатерина да се омажи, за царското наследство на нејзиниот татко да не премине во рацете на некој туѓинец. Но, мудрата девојка цврсто беше решила до крајот на животот да ја сочува својата девствена чистота. А бидејќи роднините упорно настојуваа, таа им рече:

- Ако сакате да се омажам, тогаш најдете ми момче, кое ги има четирите дарби, со кои, како што самите тврдите, јас ги надминувам сите останати девојки, и тогаш ќе се согласам да го земам за сопруг. Не сакам човек, кој во нешто би бил полош и понизок од мене. Потрудете се да најдете момче, кое ќе биде слично на мене по знаменитиот род, по богатството, по убавината и по мудроста. Само такво момче е достојно за мене.

Роднините видоа дека не можат да најдат, бидејќи имаше многумина учени, и побогати од неа, но по убавината и мудроста никој не можеше да се спореди со неа. Таа им говореше дека не сака да има за маж човек, кој не ѝ е рамен по ученоста.

Кога ја виде одлучноста на Екатерина, нејзината мајка реши да испроба уште едно средство, односно да се посоветува со својот духовен отец, кој беше свет и богоугоден и живееше надвор од градот, во сокриено место. Таа ја поведе Екатерина кај него. Кога ја виде благоликата и пристојна девојка и ги чу нејзините мудри скромни зборови, реши да ја приведе кон спознанието на Христа, Царот небесен, и ѝ рече:

- Јас познавам едно прекрасно момче, кое неспоредливо те надминува во сите дарови што ги спомена. Неговата убавина е поблескава од сончевата светлина. Мудроста Негова управува со сите вештествени и духовни створенија. Богатството од ризниците Негови се раздава на целиот свет и тоа никогаш не се намалува, туку напротив, колку повеќе се раздава толку повеќе се умножува. Возвишеноста на родот Негов е неискажлива и незамислива.

Екатерина помисли дека старецот зборува за некој земен кнез, па се збуни и промени во лицето, и го праша дали е вистина тоа што го зборува. Тој ѝ потврди и додаде дека тоа момче поседува и други многубројни големи дарови, кои со зборови не можат да се искажат.

Девојката праша:

- А чиј син е момчето, кое толку многу го фалиш?

Старецот ѝ одговори:

- Тоа нема татко на земјата, туку се роди на неискажлив и натприроден начин од една највисокородна Пресвета и Пречиста Дева. Таа се удостои да роди таков Син, заради својата преголема чистота и светост. И Дева стана бесмртна со душата и телото, и е вознесена над небесата и Ѝ се поклонуваат сите свети Ангели како на Царица на секоја твар.

Екатерина го праша старецот:

- Можам ли да го видам Момчето, за Кое што ми зборуваш толку чудесни работи?

- Ако сториш што ќе ти речам, - одговори старецот, - тогаш ќе се удостоиш да го видиш пресветлото лице Негово.

Екатерина на тоа му рече:

- Гледам дека си паметен и честит човек и верувам дека ја зборуваш вистината. Затоа ќе сторам сѐ што ќе ми наредиш, само да го видам Оној Кого ти многу Го фалиш.

Тогаш старецот ѝ даде икона на Пресвета Богородица, Која во прегратките го држи Божественото Детенце, и ѝ рече:

- Еве ја сликата на Девата и Мајка на Оној за Кого ти раскажував толку прекрасни работи. Земи ја оваа слика и однеси ја дома, па заклучи се во својата соба и со стравопочитување принеси Ѝ срдечна молитва. Таа се вика Марија. Измоли ја да ти го покаже Својот Син. Јас се надевам дека Девата, ако со вера Ѝ се помолиш, ќе ти даде да Го видиш Оној Кого го сака душата твоја.

Екатерина ја зеде иконата и се врати во својата палата. Ноќта се затвори во својата соба и започна да се моли, како што ја поучи старецот. За време на долгата молитва заспа и во видение ја виде Небесната Царица, онаква каква што беше изобразена на иконата, заедно со светото Детенце, Кое сјаеше посилно од сонцето. Но, не можеше да го види Неговото лице, зашто го свртуваше од неа. Екатерина се сврте на другата страна за да го види, но Христос повторно го сврте Своето лице од неа. Тоа се повтори три пати. Потоа слушна како Пресветата Богомајка Му рече на својот Син:

- Погледни Чедо, во слугинката Твоја Екатерина, колку е прекрасна и добра.

А Богодетенцето одговори:

- Не! Оваа девојка е многу помрачена и толку грда, што не можам да ја погледнам.

Тогаш Пресвета Богородица повторно му рече на Господа:

- Зарем оваа девојка не е помудра од сите философи? Зарем таа со своето богатство и благородност не ги надминува сите девојки?

На тоа Христос Ѝ одговори:

- Повторно ти велам, Мајко Моја, дека оваа девојка е безумна и бедна и од лош род. Нема да погледнам во неа, ниту сакам таа да го види Моето лице, додека не го остави своето незнабожие.

Тогаш Преблагословената Мајка Му рече на Господа:

- Те молам, преслатко Чедо Мое, не презирај го створението Свое, туку вразуми ја и научи што треба да прави, за да вкуси од сласта на славата Твоја и да го види пресветлото и многупосакувано Лице Твое, кое Ангелите сакаат да го гледаат.

Господ Христос одговори:

- Таа нека појде кај старецот кој ѝ ја даде иконата, и нека постапи како што ќе ѝ нареди, па потоа ќе ме види Мене и ќе најде благодат кај Мене.

Екатерина се разбуди и многу се чудеше на сето тоа. Кога самна со неколку робинки отиде во ќелијата кај светиот старец, падна пред неговите нозе со солзи, му го раскажа своето видение, и го молеше да ѝ каже што треба да прави, за да го види и да ја стекне љубовта Христова.

Преподобниот старец подробно ѝ ги изложи сите тајни на вистинската вера христијанска, започнувајќи од стварањето на светот и праотецот Адам, па сѐ до второто доаѓање на Господа Христа. Исто така ѝ раскажа и за неискажаната рајска слава на праведниците и за себолните бескрајни маки на грешниците. Учената и мудра Екатерина брзо го сфати сето христијанско учење, од сесрце поверува во Исуса Христа и од старецот прими свето крштение, Потоа тој ѝ нареди повторно со голема срдечност да се помоли на Пресвета Богородица Таа уште еднаш да ѝ се јави како и првата ноќ. Така соблекувајќи го стариот човек и облекувајќи се во облеката на обновениот дух, Екатерина се врати дома и цела ноќ се молеше гладна со солзи, додека повторно не заспа. И тогаш повторно ја виде Небесната Царица со Божественото Детенце на рацете. Богодетенцето гледаше во Екатерина со голема благост и кроткост. А Богомајката го праша Својот Син:

- Дали ти е по волја, Сине Мој, оваа девојка?

Господ Ѝ одговори на Својата Пречиста Мајка:

- Многу ми е по волја, зашто сега таа е прекрасна и славна, а не грда и срамна, каква што беше порано. Сега е богата и мудра, а не бедна и неразумна, каква што беше порано. Сега ја засакав и толку ми е по волја, што сакам да ја свршам за Своја бесмртна невеста.

Тогаш Екатерина падна на земјата и рече:

- Не сум достојна, преславен Владико, да го видам царството Твое, туку удостој ме да бидам со робинките Твои.

Во тоа време Пресвета Богородица ја фати нејзината десна рака и Му рече на Својот Син:

- Чедо мое, дај ѝ прстен, како знак на Твоето свршување со неа, уневести ја за Себе, за да ја удостоиш на Царството Свое.

Тогаш Владиката Христос ѝ даде прекрасен прстен на Екатерина и ѝ рече:

- Ете, Јас денес те примам за Своја невеста, бесмртна и вечна. Затоа со голема ревност чувај го овој сојуз, без да го нарушиш, и никако не земај за себе земен младоженец.

По овие зборови на Господа Христа, видението заврши. Кога се разбуди, Екатерина навистина виде на својата десна рака прекрасен прстен. Таа почувствува во своето срце таква радост, така што од тој момент тоа ѝ беше заробено со Божествената љубов. Во неа се случи толку чудесна промена, што повеќе не помислуваше на ништо земно, туку деноноќно непрестајно размислуваше само за премилиот Младоженец свој, Него единствено го посакуваше и за Него само се поучуваше и на јаве и на сон.

Наскоро по нејзиното обраќање во христијанството, во Александрија допатува незнабожниот цар Максимин, полн со безмерна неразумна ревност за своите бездушни богови, при тоа самиот страшно неразумен и нечувствителен. Сакајќи за своите големи богови да подготви голем празник, тој распрати по околните градови и краеви наредба, сите поданици да дојдат во Александрија за да принесат жртва на боговите. И се собра огромен број на луѓе, при што секој според своите можности водел за принесување на жртва вол, овца, птица.. А кога дојде денот на тоа одвратно славење, безумниот цар принесе сто и тресет телци. Велможите и кнезовите принесоа помалку, а секој човек колку што можеше. И по целиот град се слушаше рик на кланите животни и се исполни со смрдеа од чадот на жртвопринесувањето, и насекаде имаше турканици и врева.

Додека се случуваше сето тоа, побожната и прекрасна Екатерина многу страдаше, тагувајќи поради измамата и гибелта на толку многу човечки души. Од Божествена ревност, таа поведе со себе неколку слугинки и појде во тој храм. Кога застана на вратата го сврте вниманието кон себе со својата необична убавина, која сведочеше за нејзината внатрешна убавина на душата. Таа нареди, та го известија царот дека има нешто важно да му каже. Царот нареди да му пријде. Екатерина му се поклони, укажувајќи му го должното почитување, па потоа рече:

- Царе, види ја измамата со која ве лажат ѓаволите. Вие на трошните и бесчувствени идоли им служите како на богови. Навистина е голем срам да се биде толку слеп и безумен, та да се поклонуваш на такви гадости. Поверувај му барем на својот мудрец Диодор, кој вели дека вашите богови некогаш биле луѓе и нечесно го завршиле својот живот, но поради нивните славни дела луѓето им подигнале споменици и идоли. А пак наредните поколенија, без да ги знаат мислите на своите претци, кои само заради сеќавање им ги подигнале тие споменици, мислејќи дека се побожна и долична работа, започнале да им се поклонуваат како на богови. И знаменитиот Плутарх Херонејски се гадел од тие богови и ги презирал. Верувај им, царе, барем на овие ваши учители, и не биди виновник за гибелта на толку многу души, заради кои ќе паднеш во вечни маки. Ајде, познај го единствениот вистински Бог, секогаш постоечки, себеспочетен и бесмртен, Кој во последно време стана човек заради нашето спасение. Со Него царевите царуваат. Со Него се управува земјата, и сиот свет на Него се држи. Со еден Негов збор сѐ беше создадено и постои. Овој семоќен и преблаг Бог не бара жртви како што се овие вашите, нити се умолува со колење на невини животни, туку единствено бара Неговите заповеди да ги исполнуваме цврсто и непоколебливо.

Царот страшно се разјари, но долго молчеше. Потоа, бидејќи не беше во состојба да ѝ возврати, проговори:

- Остави нѐ сега да си го извршиме принесувањето на жртвите, па потоа ќе те сослушаме.

Откако го изврши своето одвратно славење, незнабожниот цар нареди Екатерина да ја доведат во неговите царски палати и ѝ рече:

- Кажи ни, девојко, која си ти, и повтори ни го тоа што порано го рече.

- Јас сум царска ќерка, - одговори таа, - и се викам Екатерина. Порано со голема љубов се занимавав со разни науки. Ги изучив реториката, философијата, геометријата и другите науки. Но, сето тоа го презрев како ништовно и некорисно, и станав невеста на Господа Христа, Кој преку пророкот Свој Исаија вели:

„Ќе ја погубам мудроста на мудрите, и разумот на разумните ќе го отфрлам“ (Ис. 29, 14).

Царот се восхити на нејзините зборови и разум, но уште повеќе беше поразен од нејзината исклучителна убавина и красота, и помисли дека таа не е родена од смртни родители туку од некоја богиња и боговите што тој ги почитува. И одвај, согласувајќи се да верува дека девојка со таква неопислива убавина е родена од земјородни, тој, поразен од нејзината убавина, започна да ѝ зборува соблазнително, Светителката ги прозре неговите грешни мисли и му рече:

- Ѓаволите што ги почитувате како богови, ве лажат и влечат во безмислени желби. А јас знам дека сум земја и кал. Бог ме створи по слика и прилика Своја и ме обдари со ваква убавина, за луѓето да се восхитуваат на премудроста на Творецот, Кој на така ништовното и од кал лице, можел да му подари таква мудрост и убавина.

Овие зборови го навредија царот, и тој ѝ рече:

- Не зборувај лошо за боговите, кои имаат бесмртна слава.

Светителката му возврати:

- Обиди се барем малку да ја растераш маглата и помраченоста со измамата, сфати ја сета ништовност на твоите богови и познај Го вистинскиот Бог. Самото изговарање на името Негово, или само крстот изобразен во воздухот, ги прогонува твоите богови и ги уништува. Ако сакаш, јас таа вистина ќе ти ја докажам лично.

Кога виде дека слободно зборува, царот го прекина разговорот, за да не го посрами и победи со своите мудри зборови, па ѝ рече:

- Не му доликува на царот да разговара со жените. Ќе ги соберам најмудрите философи, тие да разговараат со тебе, па тогаш ќе ја познаеш ништовноста на своето мислење и ќе поверуваш во нашите учења.

И нареди светата девојка најстрого да ја чуваат. Лично веднаш распрати по сите градови од своето царство, ваков распис:

„Јас, царот Максимин, на најмудрите философи и говорници во мојата област им посакувам радост! Сите, кои му служите на семудриот бог Хермес и кои ја призивате наставничката на разумот музата, дојдете кај мене да ја затворите устата на една мудра девојка, која се појави деновиве и ги навредува големите богови, нарекувајќи ги сите нивни дела басни и будалаштини. Затоа дојдете да ја покажете сета своја мудрост, за луѓето да ве прослават, и од мене да добиете награда и слава за својот труд“.

И се собраа педесет луѓе, најодбрани и најмудри говорници, остроумни и многу речити. Царот им се обрати со вакви зборови:

- Најгрижливо и највнимателно подгответе се за јуначка борба со една девојка, за во препирките околу боговите да ја победите со своите докази. Не мислете дека ќе ви биде лесно, затоа што е девојка, туку настојувајте со сите свои сили и покажете мудрост како да се борите против најсилниот и најмудар говорник, бидејќи таа, како што внимателно истражив, ја надминува мудроста на самиот голем Платон. Затоа ве молам, во препирките со неа покажете ревност, како да се борите со самиот Платон. Ако ја победите ќе ви дадам огромни подароци. а ако ве победени, страшно ќе се посрамите и наместо подароци ќе завршите со горка смрт.

Најславниот и најмудар од присутните мудреци одговори:

- Не плаши се, царе, и да е необично паметна, сепак таа како жена не може да биде во мудроста совршена и во говорништвото потполно искусна. Нареди да дојде, па ќе видиш дека уште кога ќе нѐ види во толкав број, веднаш ќе се засрами.

На овие фалбаџиски зборови царот многу се расположи и израдува, надевајќи се дека смелите и погани јазици ќе ја победат девојката исполнета со кроткост и Божествена мудрост. Затоа нареди веднаш да ја доведат. При тоа се собра многу народ. Но, пред пратениците да стигнат кај Екатерина, кај неа дојде од небото Архангел Михаил и ѝ рече:

- Не плаши се, девојко Господова, зашто Господ ќе ја умножи твојата мудрост и ти ќе ги победиш тие педесет говорници. И не само тие, туку и многу други ќе поверуваат преку тебе. Сите ќе примите маченички венци.

Ангелот си отиде.

Царевите пратеници дојдоа и ја одведоа во театарот пред царот, философите и народот. И веднаш оној арогантен философ, кој пред малку се фалеше, надмено ѝ се обрати со прашање:

- Ти ли си таа што бесрамно и безумно ги навредува нашите богови?

Светителката му одговори:

- Да, јас сум, но не бесрамно и безумно, како што рече ти, туку кротко и вистинољубиво зборувам дека вашите богови се ништо.

На тоа философот ѝ рече:

- Големите стихотворци ги нарекуваат највисоки богови. А како ти со таква дрскост изговараш хули на оние, од кои самата си примила мудрост и си ја вкусила сласта на нивните дарови?

Екатерина одговори:

- Не од вашите богови, туку од мојот единствен вистински Бог јас ја добив мудроста. Он Самиот е мудрост и живот. И секој што Му се плаши и ги исполнува Неговите Божествени заповеди, навистина е философ. А пак делата на вашите богови и раскажувања за нив се достојни за потсмев и презир и се преполни со соблазна. Всушност, кажи ми, кој од твоите големи стихотворци ги нарекува нив богови, и како?

Мудрецот одговори:

- Најмудриот Хомер, обраќајќи се со молитва кон Зевс, прво вели вака: „Најславен Завсе, преголем Боже, и вие останати бесмртни богови“. Исто така и преславниот Орфеј, принесувајќи му благодарност на Аполон, вели вака:

„О, сине Латонов, кој стрелаш од далеку! Силни Фебе, кој надгледуваш и царуваш над смртните и бесмртните, сонце носено на златни крилја. Ете како, продолжи незнабожечкиот философ, најпрвите и најславни стихотворци ги почитуваа боговите и јасно ги нарекуваа бесмртни. Затоа и ти не залажувај се, нити Му се поклонувај на Распнатиот како на Бог. Него никој од древните мудреци не го нарече Бог, ниту некој знаеше дека Он е Бог.

На тоа света Екатерина одговори:

- Но, тој ваш ист Хомер на друго место за твојот најголем бог Зевс вели дека е лукав и лажлив измамник, и дека боговите Хера, Посејдон и Атина сакале да го врзат ако не успеел да побегне и да се сокрие. И многу други дела, слични на тоа се опишани во вашите книги, стварајќи презир кон вашите богови. Но, ти рече дека ниту еден од древните учители не го признавал Распнатиот за Бог. Иако не треба да се бараат многу докази дека Он е вистински Бог и недостижен, недоловлив и неискажлив Создател на небото и земјата и морето, месечината и сиот род човечки, сепак, за што поголема убеденост јас ќе ви наведам сведоштва од вашите книги. Чуј што за Него велат вашите премудри Сибили, сведочејќи за Неговото Божествено овоплотување и спасително распнување:

„Во најдоцни времиња ќе дојде Некој на оваа земја и ќе земе на Себе човечко тело, без гревот. Со безграничната семоќност на Божеството Он ќе ја разори распадливоста на неисцеливите страсти, и Нему ќе Му завидуваат неверните луѓе, и Он ќе биде обесен на високо место, божем како заслужен за смрт“.

Сети се и на вашиот мудрец Аполониј, кој без да сака исповеда дека Христос е вистински Бог, принуден на тоа од Неговата Божествена сила. Тој вели:

„Еден Небесен ме поттикнува да Го исповедам Него. Он е Трисветла светлина; постраданиот е Бог, но самото Божество не пострадало. Зашто Он е и едното и другото. И смртен со телото и туѓ на распадливоста. И овој Маж, Кој сѐ трпи од смртното: крст, понижување, погребение, - е Бог“.

Тоа го рекол Аполониј за вистинскиот Бог, Кој е себеспочетен и совечен со Оној Кој Го родил. Он е почеток и основа на сите создадени богатства. Он го создаде светот од небитие во битие, и го одржува. Едносуштен со Отецот, Он стана човек заради нас, и одеше по земјата учејќи ги луѓето, раководејќи ги и добротворејќи им. Потоа Он прими смрт за нас неблагодарните, за да нѐ ослободи од древната осуда и да ни ги дари првобитното блаженство и радост. На тој начин Он нам повторно ни ги отвори рајските врати, кои ние ги бевме заклучиле со гревот. По три дена Он воскресна и се вознесе на небото, од каде што беше слегнал и го испрати Духот Свет над Своите ученици. А тие се разотидоа по целиот свет и го проповедаа Неговото Божество, во кое треба да веруваш и ти, философе, за да Го познаеш вистинскиот Бог, и да станеш слуга на Оној Кој е милостив и жалостив и ги повикува сите грешни, говорејќи:

„Дојдете кај Мене сите кои сте уморни и оптоварени, и Јас ќе ве одморам“ (Мт. 1, 28). Затоа, поверувај им барем на своите учители и богови: Платон, Орфеј и Аполониј, кои чисто и јасно, макар и против своја волја, Го признаа Христа за Бог.

И многу други вистини зборуваше премудрата Екатерина, и толку го восхити философот, така што едноставно занеме и не можеше ништо да ѝ одговори. Кога виде дека философот е победен и запрепастен, царот им нареди на останатите да разговараат со светата девојка. Но, тие се откажуваа, говорејќи:

- Ние не можеме да ѝ се спротивставиме на вистината. Кога најучениот меѓу нас замолкна победен, тогаш што да речеме ние?

Царот страшно се разгневи и нареди среде градот да се запали силен оган и во него да се запалат сите философи и говорници. На ваквата пресуда и наредба тие паднаа пред Екатерина, молејќи ја да се помоли за нив на единствениот вистински Бог, да им прости сѐ што згрешиле во незнаење и да ги удостои на свето крштение и даровите на Светиот Дух. Светителката многу се израдува и им рече:

- Навистина сте блажени и среќни вие, зашто ја оставивте темнината и ја познавте светлината на Вистината. Го презревте смртниот земен цар и пристапивте кон бесмртниот Цар небесен. Затоа цврсто надевајте се во милоста Негова, и верувајте дека огнот, со кој ве плашат незнабошците, ќе ви биде крштение и лествица, која води кон небото. Во тој оган ќе се очистите од секоја нечистотија на телото и духот и ќе излезете пред Царот на славата светли и чисти како ѕвезди, и ќе Му станете мили пријатели.

Таа го осени секого од нив со крсниот знак и тие радосни појдоа на мачење. Војниците ги фрлија во огнот. Тој ден, на зајдисонце, дојдоа некои благочестиви и христољубиви луѓе да ги погребаат остатоците од светите маченици, но ги најдоа нивните тела потполно цели. Огнот не се беше допрел дури ни до нивната коса. Преку ова чудо многу незнабошци се обратија кон познанието на вистината, а моштите на светите маченици беа чесно погребани.

Меѓутоа царот Максимин одлучи сета своја грижа да ја насочи кон обраќањето на света Екатерина во неговото безбожие. Бидејќи немаше никаков успех преку философските препирки, тој започна со ласкања и лукавства да ја прелестува. Ја повика и ѝ рече:

- Послушај ме, добра ќерко. Како чедољубив татко те советувам да им се поклониш на големите богови, особено на Хермес, покровителот на науките, кој те украси со такви филосовски дарови. Ако ме послушаш, ќе го поделам со тебе моето царство и мојата власт, и ќе живееш со мене во постојана веселба.

Но, премудрата Екатерина ја виде неговата намера, лукавството и измамата, и му рече:

- Остави го, царе, своето лукавство, и не биди лисица. Јас веќе еднаш засекогаш ти реков дека сум христијанка и дека се заневестив за Христа. Он е мој единствен Младоженец и Наставник и Украс на мојата девственост. Облеката на мачеништвото ја сакам повеќе од секоја царска порфира.

Царот повторно рече:

- Ме присилуваш, иако не сакам, да му нанесам срам на твоето достоинство и твоето прекрасно тело да го покријам со многу рани.

Светителката одговори:

- Прави што сакаш. Со привремениот срам ќе ми издејствуваш вечна слава, и многу луѓе, се надевам, преку мене ќе поверуваат во мојот Христос. И од твоите палати многумина ќе тргнат со мене во светите небесни дворови.

Така прорече светителката. А Бог, гледајќи од небесните висини, го спроведе во дело нејзиното пророштво.

Страшно разбеснет, царот нареди да ја соблечат и немилосрдно да ја тепаат со воловски жили. Слугите полни два часа толку ја тепаа по плеќите и по стомакот, така што девственото тело ѝ го здробија и изобличија од рани, а крв како река течеше и ја натопуваше земјата. Сите тие мачења светителката ги поднесуваше со таква храброст, што сите беа многу запрепастени. Потоа ѕверскиот цар нареди да ја затворат во темница и да не и даваат ни храна ни вода, додека не смисли со какви маки да ја погуби.

Но, царевата сопруга Августа многу сакаше да ја види света Екатерина. Додека слушаше за нејзините доблести, за мудроста и храброста, таа многу ја засака. Особено заради едно видение на сон, срцето на Августа гореше со таква љубов кон Екатерина, што таа не можеше да заспие. А кога царот по некоја работа замина од градот на неколку дена, царицата постапи вака:

На дворецот имаше еден велможа, верен царев пријател, по чин војвода, на име Порфириј, многу благоразумен човек. Нему царицата му ја откри својата тајна желба. Притоа му рече:

- Овие денови една ноќ ја видов на сон Екатерина, која седеше среде мноштво прекрасни момчиња и девојки, облечени во бели облеки. Од нејзиното лице блескаше таква светлина, што не можев да гледам во неа. Таа ме постави покрај себе и ми стави на главата златен венец, говорејќи:

- Владиката Христос ти го испраќа овој венец.

Од тогаш јас имам толку голема желба да ја видам, што едноставно не наоѓам мир во срцето. Затоа те молам, уреди како што знаеш да ја видам тајно.

Порфириј и вети дека ќе ѝ ја исполни желбата.

Кога се стемни, тој поведе двесте војници и отиде со царицата во темницата. Му дадоа на стражарот пари и влегоа кај светата маченица. Кога ја виде светителката, таа беше поразена од блесокот на нејзиното лице, кое цветаше со Божествената благодат. Падна пред неа и со солзи започна да ѝ зборува:

- Сега сум среќна и блажена царица, зашто се удостоив да те видам. Како што жедната кошута бара потоци, така и јас неизмерно сакав да те видам, и чезнеев да го чујам твојот медоточив јазик. Сега повеќе нема да тагувам, макар да бидам лишена и од животот и од царството. О, колку ми се преполни срцето и душата со радост што те гледам. Блажена си ти и достојна на пофалба, што си Му се предала на семоќниот Владетел, Кој излева врз тебе толку големи дарови.

Светителката ѝ одговори:

- Блажена си ти, царице, зашто гледам венец над твојата глава, кој Ангели го држат во своите раце. Ќе го добиеш по три дена, после краткото мачење што ќе го претрпиш заради Христа, за да отидеш кај вистинскиот Цар вечно да царуваш.

Царицата на тоа ѝ рече:

- Се плашам од мачењето, а особено од мојот сопруг, зашто е страотно свиреп и бездушен.

Светителката ѝ возврати:

- Не плаши се. Во срцето ќе Го имаш Христа, Кој ќе ти помага никаква мака да не се доближи до твојата душа. Единствено телото ќе те заболи малку, па и тоа ќе добие вечен покој.

Кога светителката го изговори тоа, војводата Порфириј ја праша:

- Што им дарува Христос на оние што веруваат во Него? И јас сакам да верувам во Него и да бидам Негов војник.

Маченичката му одговори:

- Зарем ти не си го читал или не си слушнал за Светото Писмо христијанско?

Порфириј одговори:

- Од рана младост се занимавам со воени работи, и за ништо друго не сум се грижел.

Светителката му рече:

- Човечкиот јазик не може да ги искаже богатствата, кои преблагиот и човекољубив Бог ги подготви за оние што Го љубат и ги исполнуваат заповедите Негови.

Тогаш Порфириј, неизмерно радосен поверува во Христа, а со него и двестете војници и царицата. Тие со стравопочитување се простија со маченичката и заминаа.

Милостивиот и човекољубив Господ Христос не ја остави својата света невеста незгрижена толку денови, туку како чедољубив Татко промислуваше за неа и ѝ испраќаше секој ден храна по една гулабица. Најпосле и самиот Подвигоположник Господ наш Исус Христос ја посети, опкружен со голема слава и сите Небесни Чинови, и уште повеќе го зајакна нејзиното јунаштво и ја исполни со бестрашност, говорејќи:

- Не плаши се, мила моја невесто, Јас сум со тебе, и никакво мачење нема да се допре до тебе. Со твоето трпение ти многумина ќе обратиш кон Мене и поради тоа ќе се удостоиш на многу несвенливи венци.

Откако ја утеши со ваквите зборови, Господ замина. Утредента царот седна на судиштето и нареди да му ја доведат Екатерина. Таа влезе кај него, блескајќи со духовна благодат и онаа слатка светлина, та и присутните беа озарени со блесокот од нејзината красота. Царот многу се чудеше и мислеше дека некој ѝ давал храна во темницата, та затоа не ослабела ниту се променила убавината на нејзиното лице во текот на толку денови. Тој сакаше да ги казни стражарите, но света Екатерина, за други да не бидат мачени заради неа, му ја кажа целата вистина, велејќи:

- Знај, царе, дека никаква човечка рака не ми даваше храна, туку мојот Владика Христос, Кој се грижи за слугите Свои. Христос ме хранеше.

Царот, восхитувајќи се на нејзината необична убавина, посака повторно со ласкање и лукавство да ја придобие и ѝ рече:

- Ти сонцезрачна девојко, со својата убавина ја надминуваш и самата Артемида. Ти си родена да царуваш, ќерко моја. Затоа ајде, принеси им жртва на боговите, па ќе царуваш со нас и ќе водиш живот преполн со радост. Те молам, не погубувај ја со мачење својата чудесна убавина.

Светителката одговори:

- Јас сум земја и кал, а сета убавина како цвет свенува и како сон исчезнува од најмалата болест, или од староста, а по смртта целосно гние. Затоа, царе, немој да се грижиш за мојата убавина.

За време на овој разговор еден велможа, на име Хурсаден, свиреп и немилосрден мачител, сакајќи да покаже љубов и расположение кон царот, му рече:

- Царе, јас измислив едно мачење, со кое ќе ја победиш девојката. Нареди на една осовина да се направат четири тркала и во нив наоколу да се начичкаат разни железни острила, клинци, куки. Двете тркала нека се вртат на десната а двете на левата страна. Среде нив нека биде врзана девојката и додека тркалата се вртат ќе го здробат нејзиното тело. Но, претходно таа нека ги види, за да се исплаши и да ти се покори. Ако остане упорна, безмилосно усмрти ја.

На царот му се допадна овој предлог, и нареди да се подготви сето тоа. Кога ја доведоа светата девојка, на почетокот многу бучно ги вртеа тркалата пред неа, за да ја исплашат. Мачителот ѝ рече:

- Гледаш ли какви мачења се подготвени за тебе? Ако не им се поклониш на боговите, ти претстои најужасна смрт.

Екатерина му одговори:

- Јас многу пати ти ја кажав мојата одлука дека останувам христијанка. Затоа не губи си го времето залудно.

Кога виде дека не може да ја исплаши и од Христа да ја одврати, мачителот нареди да ја врзат за тркалата и силно да ги вртат, за да ја раскинат на парчиња и така да умре во најлута смрт. Но, само што пристапија кон ова мачење, ненадејно ангел Господов слезе од небото, ја одврза и тркалата ги искрши на парчиња. При тоа, од силното кршење парчиња летаа и смртно повредија многу незнабошци. Додека го гледаше ваквото преславно чудо, сиот народ викаше:

- Голем е Богот христијански! Царот се помрачи од бес и смислуваше нови маки за неа. Царицата Августа слушна за чудото, излезе од својата палата и го изобличи царот, викајќи:

- Навистина си луд и неразумен. Се осмелуваш да се бориш со Живиот Бог и неправедно ја мачиш слугинката Негова! Кога ги слушна овие неочекувани зборови, царот страшно се разлути од бес и стана посвиреп од секој ѕвер.

Ја остави света Екатерина и сиот бес го истури врз својата сопруга. Заборавајќи дури и на природната љубов кон неа, нареди да се донесе голем сандак и да се наполни со олово, за да биде неподвижен. Потоа заби клинци во капакот од ковчегот, ги стави дојките на својата жена меѓу ковчегот и поклопецот, и толку страшно ги притискаше, што болките ѝ беа неискажливи. Од таквиот притисок дојките ѝ отпаднаа. А блажената Августа трпеше и се радуваше што страда за вистинскиот Бог, и Му се молеше да ѝ ја испрати Својата помош од небото. Кога дојките отпаднаа, крв течеше како река и сите присутни беа потресени и ја сожалуваа царицата. Но, бездушниот крвопиец не се сожали на својата сопруга туку нареди главата да ѝ ја отсечат со меч. Кога ја слушна пресудата, таа радосно ѝ рече на света Екатерина:

- Слугинко на вистинскиот Бог, помоли се за мене!

Света Екатерина ѝ рече:

- Оди со мир, со Христос да царуваш вечно!

Блажената царица беше обезглавена надвор од градот, на 23 ноември.

Војводата Порфириј го зеде ноќе нејзиното тело и чесно го погреба. Утредента со војниците кои поверуваа во Христа, излезе пред царот и му рече:

- И ние сме христијани, војници на големиот Бог!

Немајќи сили да го слуша тоа, царот длабоко воздивна и вресна:

- Тешко мене, пропаднав! Се лишив од прекрасниот Порфириј!

Потоа им се обрати на војниците:

- И вие, мили мои војници, се прелагавте и од боговите отечки отстапивте. Што ви згрешија, та ги оставивте?

Но, тие ни збор не му проговорија. Само Порфириј му рече:

- Зошто ја заобиколуваш главата и ги прашуваш нозете? Разговарај со мене!

- Зла главо! - викна Максимин, - ти си виновен за нивната гибел.

И не можејќи повеќе да зборува од бес, нареди на сите да им ги отсечат главите. Сите маченички завршија. Се исполни пророштвото на света Екатерина изречено на царот, дека мнозина од неговата палата ќе поверуваат во Христа Бога.

Следниот ден мачителот ја изведе Екатерина на суд и ѝ рече:

- Ти ми зададе голема болка и ми нанесе огромна штета. Ти си ја измамила мојата жена. А мојот јуначки војвода, кој беше сета сила на мојата војска, го погуби. И многу други зла ти ми причини. Требаше без милост да те погубам. Но, јас ти простувам, не сакам да те погубам, зашто си преубава и премудра. Затоа, премила моја, исполни ми ја волјата. Принеси им жртва на боговите. Јас ќе те направам своја царица и никогаш нема да те навредам, ниту без твој совет ќе извршам некаква работа, и ќе живееш со мене весело и блажено, како што никогаш ниедна царица не живеела.

Така ѝ зборуваше препредениот, со намера да ја прелести невестата Христова, но не успеа со своите ласкања да ја раздели од Христа, со Кој цврсто беше врзана со врската на вистинската љубов. Кога увиде дека ни со ласкање, ни со ветувања, ни со закани, ни со маки не може да ја придобие светата девојка, цврста како дијамант, донесе одлука да биде обезглавена надвор од градот. Војниците ја поведоа. По неа одеше многу народ, и мажи и жени. Сите плачеа што толку убавата и мудра девојка ќе биде погубена. Многу угледни и благородни жени меѓу нив, со солзи ѝ говореа:

- О, преубава и пресвета девојко! Зошто си толку немилосрдна кон себе, та ја претпочиташ смртта пред преслаткиот живот? Зошто така прерано и бесцелно го погубуваш цветот на својата младост? Зар не е подобро да го послушаш царот и да уживаш во богатствата на овој живот, отколку да умреш бедно?

Светителката им одговараше:

- Оставете го својот бескорисен плач! Подобро радувајте се што сега Го гледам милиот Младоженец Исус Христос, Творецот и Спасител мој, Кој е красота и венец и слава на мачениците. Он ме призива кои неискажаната рајска убавина, да царувам со Него и да блаженствувам низ бесконечните векови. Затоа не плачете за мене туку за себе. За своето неверие вие ќе отидете во вечниот оган на бесконечно мачење.

Кога стигнаа на местото на посекувањето, света Екатерина ја изговори оваа молитва:

-Господи Исусе Христе, Боже мој! Ти благодарам што моите нозе ги постави на каменот на трпението и ги исправи чекорите мои. Протегни ја сега раката Своја, некогаш на крстот изнаранета, и прими ја душата моја, која ти ја принесувам на жртва од љубов кон Тебе. Сети се, Господи, дека сум тело и крв, и немој да дозволиш на денот на страшниот Твој суд, лутите измачувачи да ги обелоденат согрешенијата мои, извршени во незнаење. Измиј ги, Господи, со мојата крв, што ја проливам за Тебе, и направи ова тело, заради Тебе изнарането и со меч посечено, да биде невидливо за моите непријатели и гонители. Погледни од висините Свои, Господи, и на овде присутните луѓе, и води ги кон светлината на познанието Твое. И молбите на оние, кои пресветото име Твое го повикуваат преку мене, исполни ги за корист, за од сите да се слави големината и величественоста Твоја за навек.

Откако заврши со молитвата, светата маченичка му рече на џелатот:

- Изврши го нареденото.

Џелатот замавна со мечот и ја отсече нејзината чесна глава. Од раната наместо крв потече млеко. Нејзините чесни мошти, како што видоа некои од достојните христијани, во тој час ги зедоа свети Ангели и ги пренесоа на Синајската Гора, во слава на Христа Бога, Кој со Отецот и Светиот Дух, во Едното Божество царува за навек. Амин.

СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК МЕРКУРИЈ

Римските незнабожни цареви Декиј и Валеријан ги свикаа своите кнезови и велможи и заседаваа за распространувањето и почитувањето на своите погани богови и за истребувањето и уништувањето на светата христијанска вера. Тие едногласно ја донесоа и од римскиот Капитол ја објавија следната одлука и наредба:

„Римските цареви, непобедливите победници, високопочитуваните, големи и верни Декиј и Валеријан со велможите:

Бидејќи ги познавме доброчинствата и даровите на нашите богови, и се науживавме во победите што ни ги даруваа над непријателите, и бидејќи ние и покрај тоа, ги добиваме изобилно од нив сите плодови преку благорастворување на воздухот, и ги знаеме како наши добротвори и градители на општата благосостојба, затоа, по заседанието со велможите, еднодушно наредуваме луѓето од секоја функција, слободни и робови, војници и невојници, да им принесуваат жртви на боговите и срдечно да им се молат. Ако пак некој се дрзне да не ја послуша нашата божествена наредба, издадена од нас на заедничкото заседание, таквиот наредуваме да биде врзан и во темница фрлен, а потоа да се предаде на разни мачења. Истиот, ако се покае и се покори на наредбата, да биде удостоен на голема чест, а ако се спротивстави, по многуте мачења да биде посечен со меч или фрлен во море, или даден на птиците и кучињата да го изедат. Но, особено треба така да се казнуваат христијаните, ако се најдат некои во нивната вера. А покорните на нашата наредба ќе добијат големи почести и подароци. Ви посакуваме здравје и среќа!“

Кога беше издадена оваа царска наредба, се вознемири цел Рим. Во тоа време се кренаа варварите против Римското царство. Царевите ги подготвуваа своите војници и наредија војничките полкови од сите градови да се соберат во Рим. Тогаш дојде и полкот во кој беше војник Меркуриј. Тој полк се викал Мартензес, од прва Ерменија, под старешинство на трибунот Сатурнин. По заминувањето на Декиј во војна, Валеријан остана во Рим.

Кога во таа војна меѓу римјаните и варварите настана голема и долготрајна битка, на Меркуриј му се јави Ангел Господов во обличје на висок човек, облечен во бела облека, со меч во раката, и му рече:

- Не плаши се, Меркуриј, јас сум испратен да ти помогнам, да те сторам победник. Прими го овој меч и јуришај кон варварите. Кога ќе ги победиш, немој да го заборавиш твојот Господ Бог.

Наоѓајќи се како во некој занес, Меркуриј мислеше дека кај него дошол некој од римските кнезови. Тој го зеде понудениот меч, многу храбро тргна против непријателите и покажа чудо од јунаштво, сечејќи ги со мечот како трева. Пробивајќи се низ варварските полкови, тој стигна лично до варварскиот цар и го уби со мечот. Заедно со него порази и огромно мноштво храбри војници, та од крвта мечот му се прилепи за раката. Така варварите беа победени од римјаните и се здадоа во бегство.

Кога дозна за големата храброст на Меркуриј, Декиј го повика, го награди со подароци и го назначи за војвода, старешина над целата војска. Сметајќи дека непријателите се победени со помош на боговите, тој многу се радуваше, па им раздаде на војниците многу злато и ги отпушти по домовите. Лично одејќи со Меркуриј кон Рим, приредуваше по градовите големи гозби. Но, една ноќ, кога војводата Меркуриј спиеше, дојде кај него Ангел, на ист начин како првиот пат, го потчукна во ребрата и го разбуди. Кога го виде Ангелот тој се исплаши, и просто занеме од страв. Ангелот му рече:

- Меркуриј, не се сеќаваш ли што ти реков во војната? Внимавај, не заборавај го твојот Господ Бог, зашто треба да пострадаш за Него и да добиеш венец на победата во преславното царство Негово, со сите Светии.

Откако го рече тоа, Ангелот стана невидлив. А тој си дојде на себе, се сети на христијанската вера, за која слушал од својот дедо и од татка си и започна да му благодари на Бога. Неговиот татко, на име Гордијан, кој бил војник во истиот полк, често говорел:

„Блажен е оној што е војник на Царот небесен, зашто ќе добие од Него награда во Небесното Царство. Тој Цар со збор створил сѐ видливо и невидливо, и Он ќе им суди на живите и мртвите, и ќе му даде секому според делата негови“.

Кога се сети на овие зборови и размисли за јавувањето на Ангелот, во срцето му се разлеа умиление, и започна да плаче и рида, говорејќи:

- Тешко мене, грешниот! Јас, гранката од зеленото дрво, се исушив сам, немајќи го сега коренот на познанието на Бога.

Додека така зборуваше и ридаше, дојдоа царските слуги да го повикаат кај царот на некое советување. Меркуриј одби, правејќи се болен. Царот го одложи советувањето за наредниот ден, зашто не сакаше без него да се советува за ништо, толку го сакаше и ценеше. Утредента го повика и се посоветува со него за работи корисни за Римското царство. Потоа му рече:

- Ајде да појдеме заедно во храмот на Артемида, да ѝ принесеме жртви.

Но, Меркуриј тајно замина во својот дом. Некои од велможите го обвинија, говорејќи:

- Голем царе, непобедлив победнику, избран од боговите да владееш со царството, благоволи да нѐ сослушаш кротко. Оној што доби одликувања од вашата царска десница, кого вашата власт го прослави и подигна, токму тој не дојде во храмот на големата богиња, да ѝ принесе жртва за вашата држава.

Царот праша:

- А кој тоа не сака истомислено со нас да ѝ принесува жртви на почитуваната Артемида?

Советникот Катул одговори:

- Меркуриј, кого го возвелича вашата царска милост, тој одбива да им се поклони на нашите богови.

На тоа царот рече:

- Не го клеветите ли од некоја завист? Не ви верувам додека лично не истражам и проверам. Ако не е вистина страотно ќе бидете казнети а ако е така достојно ќе бидете наградени за верноста кон боговите и царството.

Царот веднаш испрати по Меркуриј, чесно да го повикаат. Кога дојде му рече:

- Кога те поставив за војвода, зарем не те одликував за старешина на сите мои кнезови, зашто со помош на боговите ги победи напријателите? А ти, зошто си неблагодарен за таквите добра, ја презираш власта и мојата наредба и не им оддаваш долична чест на нашите богови, како што слушнавме од некои наши верни луѓе?

А сјајниот војник Христов, го соблече според зборовите на Апостолот, стариот човек со делата негови и се облече преку крштението во новиот, создадениот според Бога, и бестрашно одговори:

- Твоите одликувања нека останат со тебе, зашто јас ги победив непријателите, не со помошта на вашите немоќни богови, туку со силата на Христос, мојот Бог. Земи од мене сѐ што си ми дал, зашто гол излегов од утробата на мојата мајка и гол ќе заминам.

Тој го симна од себе војничкиот појас и војводската облека и ги фрли пред царевите нозе, силно викајќи:

- Христијанин сум, слушнете сите! Христијанин сум!

Декиј се запрепасти, и молкум го набљудуваше светителот, и се восхитуваше на неговата бестрашност. Се восхитуваше и на неговата убавина, зашто беше висок, со убаво лице и самите негови очи зрачеа со јунаштво.

Потоа нареди да го затворат во темница, говорејќи:

- Овој човек не ги сфатил својата чест и достоинство, но кога ќе ги искуси бесчестењето и срамот, тврдам дека ќе се промени.

Во темницата светителот Го славеше и Му благодареше на Бога. Ноќе му се јави Ангел Господов, говорејќи:

- Не плаши се, Меркуриј! Верувај во Господа, Кого Го исповедаше, и Он ќе те избави од секоја неволја. Од јавувањето на Ангелот тој многу се поткрепи. Утредента царот седна на судиштето. Кога го изведе Меркуриј пред себе, му рече:

- Поради своето безумие доживеа таква чест, да стоиш на суд како осуден.

Светителот одговори:

- Навистина ми доликува ваква чест заради мојот Господ. Ти си го зел она што брзо пропаѓа, а јас ќе го примам она што вечно останува.

Царот рече:

- Кажи ми го своето потекло и татковина.

Светителот одговори:

- Ќе ти ги кажам. Мојот татко се викаше Гордијан, по потекло Скит, и бил војник во полкот на Мартензес. А моја татковина, кон која итам со сето срце, е Небесниот Ерусалим, градот на Царот небесен (сп. Евр. 12, 22).

Царот на тоа рече:

- Зошто не се покоруваш на нашата волја и не ја извршуваш наредбата што ја издадовме за сите луѓе? Зошто не им се поклониш на боговите, за да ти биде вратен чинот? Или сакаш да умреш во маки? Одговарај брзо! Затоа си повикан!

Светителот одговори:

- Јас дојдов овде за да те победам тебе и твојот татко ѓаволот, виновникот за секое зло, па ќе добијам венец на победата од Подвигоположникот Исус Христос, мојот Господ. Затоа не двоуми се и прави со мене што сакаш. Ги имам оклопот и штитот, со помош на кои ќе ги победам сите маки што ќе ми ги зададеш.

Царот се разгневи и рече:

- Бидејќи велиш дека имаш оклоп и штит на верата, наредувам гол да те обесат и да те растегнат меѓу четири столба.

Кога беше сторено тоа, мачителот го праша:

- Каде е сега оружјето за твојата борба?

Свети Меркуриј погледна во небото и рече:

- Господи Исусе Христе, помогни ми, мене, слугата Твој!

Царот нареди да донесат остри мечеви и ножеви, да сечат каиши од неговото тело и под него да запалат оган, та одозгора сечен а одоздола горен, страшно да страда. Од неговото тело течеа потоци од крв, така што дури и огнот згасна од неа, а тој јуначки трпеше. Потоа Декиј нареди да го одврзат, за да не умре брзо, па да го затворат во темница. Слугите го однесоа, бидејќи беше одвај жив и не можеше да оди, па мислеа дека веднаш ќе умре. Лежеше како мртов, одвај по малку дишејќи од лутите рани. А кога падна ноќта, Ангел Господов дојде кај него и му рече:

- Мир на тебе, сјаен страдалнику! - и го исцели од раните.

Светителот почувствува во себе сила, стана здрав и Му благодареше на Бога.

Утредента царот повторно нареди да го извадат пред него. Војниците отидоа по него и го доведоа. Кога го виде здрав и без ничија помош оди, царот рече:

- Оној, кого вчера го однесоа мртов од нас, сега оди како никогаш да немал никакви рани врз себе.

Слугите го прегледаа мачениковото тело и му рекоа на царот:

- Се колнеме во целокупноста на твојата држава, телото на Меркуриј е потполно здраво, без никакви повреди, како да не се допрела никаква мака до него.

На тоа царот рече:

- Тој секако ќе рече дека Христос го исцелил. Но, вие да не сте довеле случајно некој лекар кај него во темницата?

Тие одговорија:

- Се колнеме во вашата власт, која управува со целиот свет, дека никој не му обрна внимание, зашто мислевме дека веднаш ќе умре. А како се исцелил и сега е здрав, не знаеме.

Царот рече:

- Видете ги христијанските магии. Оној, кој вчера беше како мртов, денес стои пред нас здрав!

И бесно викна кон светителот:

- Кој те исцели? Кажи ни ја вистината. Мислам дека не си можел да се исцелиш поинаку освен со вражбини.

Светителот одговори:

- Како што ти против своја волја рече, така е. Господ Исус Христос, вистинскиот Лекар на душите и телата ме исцели. Господ, Кој со неразврзливи синџири ќе ги врзе сите вражачи и гатачи заедно со идолопоклониците, и ќе ги предаде на пеколниот оган, зашто не го познаа вистинскиот Бог, Кој ги создал.

Царот на тоа рече:

- Јас повторно ќе го здробам твоето тело со рани, и ќе видам дали ќе те исцели Христос, Кого ти Го исповедаш.

Светителот одговори:

- Верувам во мојот Господ Исус Христос, дека ти нема да ме победиш со никакви маки, зашто ни најмалку не се плашам, крепен од зборовите на мојот Господ, Кој рекол: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат“ (Мт. 10, 28). По убивањето, Господ ќе ме воскресне повторно во страшниот ден на праведниот Суд.

Царот нареди повторно да го мачат со оган и рани. А кога го тепаа и гореа, од неговото тело излегуваше прекрасен мирис наместо смрдеа. Маченикот трпеше толку јуначки, што ниту вресна ниту воздивна, и сите се восхитуваа на неговото трпение.

Меѓутоа царот, потсмевајќи се, рече:

- Каде е сега твојот лекар? Нека дојде ваму и нека те исцели, зашто велиш дека Господ може и по смртта да те издигне.

Светителот одговори:

- Прави што сакаш, ти имаш власт над моето тело, а над душата Бог. И да го погубиш моето тело, сепак душата ќе ми остане бесмртна за навек.

Тогаш царот нареди да го обесат со главата надолу, за вратот да му врзат голем камен, за давен од тежината на каменот да умре. Но, маченикот, крепен со благодатта Божја, многу часови висеше во таквите маки и остана жив. Потоа го одврзаа каменот и царто нареди да го тепаат со бичеви, чии краеви беа оковани со железо. Толку бездушно го тепаа, така што земјата се обли со крв. А тој, цврст како дијамант, јуначки трпеше, говорејќи:

- Ти благодарам, Господи, што ме удостои да страдам за светото име Твое.

Кога виде дека никако не може да го победи и придобие, и немајќи уште време за да го мачи, бидејќи брзаше да оди во Рим, изрече ваква конечна пресуда:

„Меркуриј, кој нашите богови не ги смета за ништо и ја презре чесната заповед на нашата кротост, нашата власт наредува да биде одведен во Кападокиската област, и таму да му се отсече главата, за вразумување на многумина, зашто секој, кој се противи на царот, по многуте мачења ќе биде обезглавен“.

Војниците го зедоа светиот маченик, го ставија врз кожи, цврсто го врзаа, бидејќи од поднесените мачења беше многу раслабен, и го одведоа во Кападокија. Кога стигнаа во Кесарија, Господ му се јави и му рече:

- Меркуриј, дојди со Мене и одмори се! Подвигот го заврши, верата ја одржа, и затоа прими го венецот на својот подвиг. Овде треба да се упокоиш.

Многу поткрепен од ова видение на Спасителот, и сакајќи што побрзо да се разреши од телото и да живее со Христа, маченикот им рече на војниците:

- Иввршете го нареденото и повеќе не одложувајте го. Господ, Кој сите ги повикува на покајание, нека ви ја подари Својата благодат. Богат со милост, Он изобилно ги дарува оние што доаѓаат кај Него. Потоа му беше отсечена главата за исповедањето на Спасителот наш Исус Христос, во дваесет и четвртиот ден на месец Ноември. Утредента неговото тело беше бело како снег и од него се ширеше прекрасен мирис на миро и темјан. Од ова чудо многумина поверуваа во Христа. Неговото свето тело чесно беше положено на знаменито место, давајќи им многу исцеленија на болните.

Овој војник, кој со душата веќе триумфираше на небото, избраната Војвотка Пресвета Богордица, по извесно време го искористи за следната чудесна воена служба:

Кога свети Василиј Велики се молеше пред иконата на Пресвета Богородица, покрај која беше иконата на светиот великомаченик Меркуриј со копје како војник, лошиот цар Јулијан Отстапник, голем гонител и искоренувач на православните христијани, да не се врати од војната со персијците на истребување на христијанската вера, виде дека ликот на свети Меркуриј, изобразен покрај иконата на Пресвета Богородица, стана невидлив за некое време, па потоа се појави со крваво копје. И токму во тоа време Јулијан Отстапник во Персиската војна бил прободен со копје од непознат војник, кој веднаш после тоа станал невидлив. А пак бедниот Јулијан, фрлајќи ја високо кон небото крвта, која бликала од раната, исфрлал хули против Христа, говорејќи:

- Победи Галилеецу! - и ја исфрли својата гадна душа.

Со ова чудо тогаш јасно се потврди дека лично Пресвета Богородица, по молитвите на свети Василиј Велики, го испрати угодник Божји, свети великомаченик Меркуриј, да го казни богопротивниот отстапник Јулијан и да ја заштити Светата Вера и православните христијани. Со неговото свето посредување и заштита нека бидеме сочувани и ние од богопротивните непријатели, победувани со негова помош, та заедно со него да Ги славиме Господа Бога и Пресвета Богородица низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНА МАСТРИДИЈА

Во Александрија Египетска живееше една света девојка, на име Мастридија, која, грижејќи се за својата душа, го минуваше времето во молитвено тихување, во пост, во бдеење, во молитви, вршејќи при тоа многу милостиња. Меѓутоа ѓаволот, кој секогаш војува против луѓето, не можејќи да ги поднеси таквите доблести кај девојката, се крена против неа. Стави во срцето на едно момче нечиста желба кон неа и тоа постојано доаѓаше кај нејзината куќа или испраќаше некого за да ја привлече, но не добиваше никаков одговор. Кога Мастридија одеше во црквата да се помоли на Бога, момчето ни тогаш не ја оставаше на мира туку ѝ причинуваше голема мака. При тоа ѝ зборуваше такви зборови, кои што сакаат да ги слушаат само гревољубивите луѓе. Тоа ја натера Мастридија никогаш да не излезе од дома, па дури ни во црква да не оди.

Еден ден таа ја испрати својата робинка кај момчето, да го повика да дојде кај неа. Тоа радосно појде, надевајќи се дека ќе се согласи со неговата нечиста желба. Кога влезе кај неа, ја затекна како ткае на разбојот. Мастридија го праша:

- Зошто, брате, ми задаваш толку јадови и маки, што не ми даваш дури ни во црква да одам?

Момчето ѝ одговори:

- Госпоѓо, јас навистина многу те сакам, и кога ќе те видам, сиот горам.

- А што толку многу те привлекува кон мене? - праша таа.

Момчето одговори:

- Твоите прекрасни очи. Тие ме занесоа.

Кога слушна дека нејзините очи ги соблазнуваат луѓето, светата девојка ја зеде иглата со која шиеше и си ги избоде очите.

Момчето се запрепасти, го обзеде страв Божји и со сето срце се покаја. Потоа отиде во манастир, се облече во црна риза и стана многу строг монах, подржувајќи ги светите Отци во молитвените подвизи и воздржанието.

Света Мастридија го помина својот живот служејќи Му на Господа, кај Кого се претстави.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МЕРКУРИЈ СМОЛЕНСКИ

Тешки неволји ја снајдоа Руската земја во почетокот на тринаесеттиот век. Со Божјо допуштање, а заради мноштвото наши гревови, врз рускиот народ се нафрлија лутите непријатели - Татарите. Многу жители беа испоубиени и во ропство одведени. Голем пустош настана по целата Руска земја. Многу Руски кнезови загинаа тогаш, бранејќи ја татковината. Светите цркви и манастири незнабошците ги опљачкаа и многу свештенослужители убија и претепаа. Киев беше изгорен од варварите и лежеше во урнатини, а татарскиот кан Батај продолжи да ги освојува и другите градови. Стигна и до Москва, та и неа ја освои. Потоа се упати кон Смоленск со огромна војска. Во неговата војска се одликуваше со необична сила еден многу крупен, јуначен војник со неговиот син. И многумина веќе загинаа од раката на овој насилник. Тој стоеше на чело на првиот полк. Страв и трепет ги обзеде жителите на Смоленск. Им се заканувала неминовна пропаст. Сета нивна надеж беше во небесната Царица Пресвета Богородица и Нејзината заштита. Првиот полк, на чело со делијата, веќе бил недалеку од Смоленск, во местото викано Долгомост.

Во тоа време во Смоленск живееше свети Меркуриј. Роден на Запад од побожни православни родители, тој во млади години се пресели во Смоленск и стапи во служба кај тамошниот кнез. Како војник, Меркуриј се одликуваше со сила и висок раст. Но, тој не беше помалку голем и со духовната сила. Од рано детство паѓаше во очи неговиот побожен живот. Тој се подвизуваше во пост, целомудрие и молитви. Секоја ноќ тајно од сите му принесувал благодарно славословење на Господа. А кога слушна за наближувањето на овој зол непријател и како тој ги руши храмовите Божји, свети Меркуриј тагуваше и страдаше душевно, и во него секој ден сѐ повеќе се разгоруваше божествена ревност и желба да пострада и душата да ја положи за верата Христова.

Една ноќ, во соборната црква пред иконата на Пресвета Богордица се молеше црковникот на таа црква. Тој со солзи се молеше на Пречистата Богомајка да го избави градот од непријателите. И одеднаш слушна глас, кој доаѓаше од иконата:

- Појди кај мојот слуга Меркуриј во Подоње.

При тоа Пресветата Богомајка му ја покажа вратата каде живееше свети Меркуриј и продолжи:

- Појди кај него и тивко речи му: Меркуриј, те вика Владичицата. Тргни вооружен против непријателот.

Црковникот се восхити на овој глас од иконата. И веднаш отиде во таа куќа. Го затекна свети Меркуриј во дворот како се моли, со раце кренати кон небото. Светиот подвижник веќе беше во својата воена опрема. Во моментот кога црковникот го слушна гласот од иконата на Пречистата Богомајка, и свети Меркуриј на чудесен начин беше известен дека кај него ќе дојде црковникот. Тој му пријде и му рече:

- Меркуриј, веднаш тргни. Те вика Владичицата.

Светителот заедно со црковникот отиде во црквата на Пресвета Богородица. Во црквата видоа како гори свеќа пред Нејзината икона. Свети Меркуриј падна пред иконата и започна со солзи да се моли на Пресветата Владетелка за помош и заштита. И одеднаш се разлеа глас од иконата:

- Слуго мој, Меркуриј, те испраќам да го одбиеш непријателот од овој град и да ја заштитиш оваа црква. Непријателите тајно одлучиле ноќва да го нападнат градот и да го разорат. Но, јас нема да дозволам. Заради Моите молитви нема да биде предаден во рацете на непријателите. Веднаш тргни, слуго мој, против непријателот. Појди во местото Долгомост. Таму е вооружената војска на варварите. Не плаши се. Ти ќе го победиш непријателскиот војвода. Јас нема да те оставам. Ќе победиш и ќе добиеш од Господа венец на победата и вечно блаженство.

Од овој глас свети Меркуриј се исполни со преголема радост. Лично небесната Царица му го вети она за кое веќе одамна чезнееше неговата душа, зашто постојано беше обземен од желбата да пострада за своите браќа и за верата Христова. Откако ѝ заблагодари на Пресвета Богородица, тој излезе од црквата и со Божествена ревност веднаш тргна кон посоченото место.

Беше веќе глуво доба од ноќта. Граѓаните цврсто спиеја, бидејќи не очекувале близок напад од страна на непријателот. Тивко и незабележително помина свети Меркуриј покрај стражата на градската капија. Кога стигна во Долгомост, тој го извлече својот меч и со зборовите: „Пресвета Богородице, помогни ми“, јурна кон татарската војска. Гордиот делија, арогантен поради својата снага, падна прв под мечот на светителот. Снагата, со која тој толку многу се фалеше, го издаде штом пред него застана војникот Христов. И многу други војници од првиот полк загинаа од мечот на светителот. Останатите непријателски војници панично побегнаа, а свети Меркуриј се повлече настрана и започна да се моли и да ѝ благодари на Пресвета Богородица за Нејзината чудесна и славна заштита:

- Пречиста, преславна и преблагословена Владетелко! Ти со своето посредство го спаси овој град и не допушти Твоите луѓе да паднат во рацете на злобниот непријател. Сега повторно Те молам, Пресвета Богородице, немој да ме отфрлиш ни мене грешниот, и недостоен Твој слуга. Јас знам дека треба да се овенчам со славниот венец на мачеништвото и да ја пролијам својата крв за Светата Вера. Тоа не ме плаши, зашто веќе одамна сакам да се разрешам од телото и да бидам со Христа. Помоли се за мене, славна Заштитнице на нашиот град, кај Синот Твој и Бог наш, да ме вброи во избраното стадо Свое и да ме удостои вечно да Го славам пресветото име Негово.

Тогаш одекна глас:

- Нека ти биде според молбата твоја!

Меѓутоа непријателот доби засилување и повторно се нафрли. Но, војникот Христов, повикувајќи го името Господово, повторно ги порази. Отстапувајќи посрамени, непријателите викаа:

- Тешко нам! Не можеме да се одржиме пред овој војник. Заедно со него не тепаат молњевидни луѓе, а над нив гледаме блескава Жена.

Во тоа време синот на убиениот делија, за да се освети за смртта на својот татко, подмолно го нападна свети Меркуриј и со мечот му ја отсече главата. Тогаш сите непријатели ги обзеде страв и ужас. Го фрлија оружјето и гонети од невидлива сила бегаа од градот, под кој загинаа многу сјајни борци и исчезнаа од краиштата на Смоленск.

На самнување граѓаните го видоа делото на чудесната заштита на Пресвета Богородица. Пред нив се простираше поле покриено со трупови. Тие со благодарност го зедоа чесното тело на славниот заштитник на градот свети Меркуриј и чесно го погребаа во црквата на Пресвета Богородица, крај левата певница.

Наскоро по својот маченички крај, свети Меркуриј му се јави на сон на гореспоменатиот црковник и му рече:

- Кажи им на граѓаните да го наредат моето оружје над мојот гроб, во спомен на славната заштита и помошта на Пресвета Богородица.

При тоа светителот ја вети својата помош на сите, кои ќе го повикуваат на помош. Тогаш граѓаните го наредија оружјето на светителот над неговата гробница.

Кога Полјаците во 1611 година го зазедоа Смоленск, ја срушија соборната црква и на нејзино место изградија римокатолички манастир. Што сториле тие со кивотот и светите мошти на свети Меркуриј и со оружјето над гробницата, останало тајна.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СИМОН СОЈГИНСКИ

Преподобниот Симон беше родум од градот Солвичегодск. Тој од рана младост ги остави родителите и домот и отиде во манастир кај преподобниот Корнилиј Комелски. Провидувајќи во него иден угодник Божји, преподобниот Корнилиј го прими и замонаши. Угледувајќи се на својот богоугоден учител, преподобниот Симон строго се подвизуваше во пост и молитва, исполнувајќи ги смирено и ревносно сите послушанија. По претставувањето на својот духовен раководител, тој се оддалечи на устието на реката Сојга, среде диви шуми, и тука подигна обител и храм, кој беше осветен во 1541 година. Воздржливоста и молитвеното бдеење на преподобниот беа навистина ретки. Околу него брзо се собраа доста луѓе, желни за подвижничкиот монашки живот. И како вистински пастир, тој со својот пример им го покажуваше патот што води кон спасението и вечното блаженство. Цели дваесет години преподобниот Симон се подвизуваше во својата пустина, и на 24 ноември 1562 година, со мир ја предаде својата света душа во рацете Господови. Неговите свети мошти почиваат во неговата обител, во храмот на светата великомаченичка Екатерина.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА АВГУСТА ЦАРИЦА

За неа видете под денешниот датум во Житието на светата великомаченичка Екатерина.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПЕДЕСЕТ ФИЛОСОФИ

Тие преку светата великомаченичка Екатерина поверуваа во Христа и поради тоа беа запалени. Некаде се наведува број од сто и педесет маченици.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПОРФИРИЈ, и двесте војници со него

За овие свети маченици видете под денешниот датум, во Житието на света великомаченичка Екатерина. Некаде се споменуваат на 25 ноември.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОДОР АНТИОХИСКИ

Овој свет маченик живеел во Антиохија, за време на Јулијан Отстапник. Кога Јулијан слушна како христијаните при преносот на моштите на свети Вавил од Антиохија во Дафна (предградие на Антиохија) пеат псалми, завршувајќи го секој псалм со зборовите: „Нека се посрамат сите кои се поклонуваат на идолите“, - му заповедаше на епархот Салустиј да го фати младиот Теодор, кој беше меѓу певците. Храброто момче беше обесено и тепано со воловски жили, стругано со железни нокти, и во окови фрлено во темница, каде претрпе многу неволји. Според некои по тешките мачења бил ослободен, а според други посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР

Пострадал за Господа Христа во Коринт, за време на гонењето од царот Јулијан Отстапник.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ МАРКО ТРИГЛИН

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ФИЛУМЕН и ХРИСТОФОР

Пострадале за Господа Христа посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВГЕНИЈ

Се упокоил фрлен во длабока провалија.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ПРОКОПИЈ и ХРИСТОФОР

Овие свети маченици беа со меч посечени за Христа Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ХРИЗОГОН

Пострадал за Господа Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ХЕРМОГЕН

Бил епископ Акрагантиски. Се претставил во мир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ

По потекло беше од Исток, од Азија. Основал манастир во Хрисипетр, во Понт. Неговите свети мошти почивале во тој манастир.

СПОМЕН НА СВЕТИ МАЛХ

Се претставил кај Господа во мир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ РУФ

Неговиот спомен е на 22 октомври.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ КАРИОН

Се упокоил во мир кај својот Господ.