8. Декември   (25. Ноември)

ЖИВОТОТ И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КЛИМЕНТ, папата Римски

Во славниот и голем древен град Рим живееше еден познат и благороден човек, на име Фауст, по потекло од родот на древните римски цареви. Жена му Матидија исто така беше од царски род, роднина на римските цареви Август и Тибериј. И двајцата беа незнабошци и им се поклонуваа на идолите. Тие најпрвин добија близнаци Фаустин и Фаустинијан, а потоа им се роди третиот син Климент.

Фауст имаше брат, кој беше лош и бесрамен блудник. Гледајќи ја исклучителната убавина на Матидија, тој се занесе и сакаше да ја наведе на грев. Но, целомудрената не сакаше да го изневери својот сопруг и да го посрами достоинството на својот царски род. Затоа на сите можни начини се трудеше да го отстрани од себе овој блудник. Не сакаше јавно да го изложи на потсмев, па никому не кажа за тоа, дури ни на сопругот, за да не се расчуе и да се нанесе срам на нивниот дом. Но, овој бесомачен долго време настојуваше и со молби и со закани, така што Матидија сфати дека може да се спаси само ако е далеку од него. Затоа еден ден му рече на својот маж:

- Ноќеска имав прекрасен сон. Видов чесен и стар човек, како еден од боговите, кој ми рече: „Ако ти и твоите близнаци не заминете од Рим на десет години, ќе умрете од ненадејна смрт“.

Фауст се исплаши и по долго размислување одлучи сопругата и двата сина да ги испрати од Рим на десет години. Мислеше дека е подобро неговата мила сопруга со децата да бидат живи, макар и во туѓа земја, отколку наскоро да умрат овде од ненадејна смрт.

Затоа ја испрати во Атина со синовите, со многу робови и робинки и многу богатство. Притоа ѝ нареди да ги даде синовите во Атина на изучување на грчката мудрост. Така се разделија неискажливо тажни и со многу солзи. Тие отпатуваа, а Фауст со Климент остана во Рим.

Но, морето го зафати силна бура, брановите и ветрот го однесоа коработ во непознат крај и на полноќ коработ се разби и сите потонаа. Носена од брановите, Матидија беше исфрлена на еден остров, недалеку од Асиската покраина. Таа неутешно ридаше за своите деца и сакаше од тага да се фрли во морето. Но, луѓето од тој крај, кога ја видоа гола и како многу лелека и тажи, ја однесоа во својот град и ја облекоа. Некои гостољубиви жени дојдоа кај неа и ја тешеа. Секоја од нив ѝ ги раскажуваше своите несреќни настани и со своето сочувство донекаде ѝ ја олеснија тагата. Една од нив ѝ раскажа вака:

- Мојот маж беше морнар. Уште како многу млад тој се удави во морето и јас останав млада вдовица. Многумина сакаа да се оженат со мене, но јас многу си го сакав сопругот и решив да останам вдовица. Ако сакаш, ајде во мојата куќа, да живееме заедно. И двете ќе работиме и со сопствените раце ќе се издржуваме.

Матидија се согласи и се насели кај неа. Работејќи, заработуваше за храна. Во таква сиромаштија помина таа дваесет и четири години.

Нејзините деца Фаустин и Фаустинијан, по Божја промисла, исто така останаа живи при бродоломот. Кога беа исфрлени на брегот, ги најдоа морски разбојници, ги однесоа во Кесарија Стратониска и таму ги продадоа на една жена, на име Јуста. Таа ги одгледа и ги даде на школување. Но, кога ја слушнаа евангелската проповед за Христа, тие примија свето крштение и го следеа апостол Петар.

Нивниот татко Фауст живееше во Рим со синот Климент и не знаеше ништо за нив. По една година испрати свои робови во Атина, за да дознаат како живеат тие таму. По нив им испрати и многу работи. Но, робовите не се вратија. Во третата година, немајќи никакви вести од нив, Фауст многу се растажи, па испрати други робови со потребните работи. Тие никого не најдоа и се вратија и го известија дека таму дури никој и не слушнал за нив, па не може ни да им се влезе во трага.

Фауст уште повеќе се натажи и започна горко да плаче. Тој ги посети во римската покраина сите приморски градови и пристаништа, распрашувајќи ги морнарите за својата сопруга и децата. Но, од никого ништо не дозна. Потоа си направи кораб, поведе со себе неколку робови и малку богатство и тргна лично да ги бара, а Климент го остави со верните робови да учи книга. Го помина тој речиси целиот свет, и по море и по копно, барајќи ги своите најмили, но не ги најде. Најпосле, целосно очаен, потона во длабока тага и не сакаше дури ни да се врати, сметајќи дека не е правилно да се насладува на добрините на овој свет, без својата мила сопруга, која многу ја сакаше заради нејзината целомудреност. Одрекувајќи се од сите почести и славата на овој свет, тој талкаше по туѓи места како просјак, без некому да каже кој е.

Климент стана зрел човек и одлично ги беше изучил сите философски науки. Но, постојано го тиштеше тоа што нема ни татко ни мајка. Беа изминале веќе дваесет и четири години откако неговата мајка замина од дома и дваесет години откако исчезна татко му. Тој изгуби надеж дека се живи и тагуваше по нив како да се мртви.

Заедно со тоа помислуваше и на својата смрт, бидејќи добро знаеше дека мора да умре, но не знаел каде после смртта ќе се најде, и постои ли друг живот зад овој краткотраен или не. Додека размислуваше за тоа постојано беше расплакан, и не сакаше да се утеши со никакви сласти и радости на овој свет. Беше крајно потиштен и невесел.

Во тоа време слушна за доаѓањето Христово во светот и започна да се труди точно да дознае сѐ за тоа. Се случи да стапи во разговор со еден благоразумен човек, кој му раскажа дека Синот Божји дошол во Јудеја, дарувајќи им живот вечен на сите, кои ја исполнуваат волјата на Отецот Негов, Кој Го испратил. Во Климент пламна желба што подробно да дознае за Христа и за сето Негово учење. Затоа реши да појде во Јудеја, во која се ширеше благовеста Христова. Ги остави куќата и големиот имот, поведе со себе верни робови, понесе голема количина злато, се качи на кораб и отплови кон Јудејската земја. Но, за време на бурата што ги снајде по морето, тој беше однесен од ветрот во Александрија и таму го најде апостол Варнава, чие што учење за Христа го сослуша со уживање. Потоа отплови во Кесарија Стратониска и го најде светиот апостол Петар. Прими од него свето крштение и го следеше со останатите ученици, меѓу кои беа и неговите два брата Фаустин и Фаустинијан. Но, Климент не ги препозна, ниту тие него, бидејќи беа многу мали кога се разделија и не се сеќаваа еден на друг. Апостол Петар на тргнување за Сирија ги испрати пред себе Фаустин и Фаустинијан, а Климент го остави кај себе и со него тргна со кораб. За време на пловидбата Апостолот го праша Климента за неговото потекло. Тој подробно му раскажа сѐ, и како неговата мајка поради некаков сон заминала од Рим со двете мали деца, а како и неговиот татко по четири години тргнал во светот да ги бара и повеќе не се вратил. При тоа нагласи дека веќе дваесет години ништо не знае за своите родители и браќа и мисли дека се мртви.

Тоа го потресе светиот Апостол. Во тоа време, по промисла Божја, коработ застана на еден остров, на кој се наоѓаше Климентовата мајка Матидија. Тогаш некои од бродот отидоа во градот да купат намирници. Излезе и апостол Петар, а Климент остана. Одејќи низ градот, свети Петар виде крај градската капија старица кај седи и проси милостиња. Тоа беше Матидија, која поради слабоста повеќе не можеше да се храни од трудот на своите раце, па просеше за да се прехрани и себеси и старицата што ја прими кај себе. Таа лежела болна на постела. Свети Петар дозна со духот дека е странкиња и ја праша за нејзината татковина. Воздивнувајќи длабоко, Матидија се расплака и рече:

- О, тешко мене, странкињата! Во светот нема победна и понесреќна жена од мене.

Свети Петар внимателно ја распраша сѐ за неа и од разговорот дозна дека е мајка на Климент, па започна да ја теши, говорејќи:

- Јас го познавам твојот најмал син Климент. Тој е овде близу.

Матидија се онесвести од запрепастување и радост и беше како мртва.

Апостолот ја подигна од земјата и ѝ нареди да појде со него на коработ, говорејќи:

- Не тагувај, старице, веднаш ќе дознаеш сѐ за својот син.

Додека одеа кон коработ ги пречека Климент и се зачуди кога ја виде жената. Таа се загледа во него, зашто по цртите на лицето многу личел на татка си, и го праша свети Петар:

- Нели е овој мојот син Климент?

Апостолот одговори:

- Да, тој е.

Матидија се фати за вратот на сина си и заплака. А Климент, бидејќи не знаеше која е и што се случува, ја оттурна од себе, Тогаш Апостолот му рече:

- Не туркај ја од себе жената што те родила!

Климент се расплака, падна пред нејзините нозе, ги бакнуваше и плачеше. И беа многу радосни што се најдоа. Свети Петар се помоли за неа на Господа и ѝ ги исцели рацете, а таа го замоли да ја исцели и старицата, кај која што живееше. Светиот Апостол влезе во нејзината куќа и ја исцели од болеста. Климент ѝ даде доволно пари за прехрана на својата мајка. Потоа заедно со мајка си и исцелената старица се качија на коработ и тргнаа. По пат Матидија го праша сина си за својот сопруг Фауст и кога слушна дека пред дваесет години тргнал во светот да ја бара и од тогаш нема никакви вести за него, горко ридаше без надеж дека е жив. Кога стигнаа во Антадрос го продолжија патот по суво. Во Лаодикија ги сретнаа Фаустин и Фаустинијан, кои пред нив беа стигнале. Тие го прашаа Климента која е непознатата жена покрај нив со другата старица, а тој им одговори:

- Мојата мајка. Ја пронајдов во туѓина.

И започна по ред да им раскажува колку време не се видел со мајка си и како таа заминала од дома со двајцата близнаци.

Тие веднаш сфатија дека Климент е нивниот брат, а жената нивната мајка. Сите плачеа од радост и воскликнаа:

- Навистина оваа е нашата мајка, а ти си нашиот брат Климент, зашто ние сме близнаците Фаустин и Фаустинијан, кои со мајка си го напуштивме Рим.

Сите се прегрнаа, долго плачеа и со љубов се бакнуваа. Глетката беше трогнувачка. Мајката се радуваше на децата, кои неочекувано ги најде здрави и тие раскажуваа како промислата Божја ги спаси од потопување и сите радосни Го славеа Бога. Само една тага им ги тиштеше душите. Тагата што ништо не знаат за својот татко.

Потоа го замолија свети Петар да ја крсти нивната мајка. Утредента кај морето Апостолот ги крсти Матидија и нејзината старица во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, ги испрати со синовите во станот и замина по друг пат.

И ете, на патот стоеше еден благоразумен маж, со седа брада, бедно облечен и го очекуваше Апостолот. Кога наиде, благоразумниот маж со почитување го поздрави и рече:

- Гледам дека си странец и не си прост. Твоето лице покажува дека си благоразумен. Сакам малку да поразговарам со тебе.

Апостолот на тоа рече:

- Зборувај господине, кажи ми што сакаш?

И започна човекот да раскажува вака:

- Јас денес те видов на сокриено место кај морето како се молиш, па се засолнив и те почекав овде, за да ти го кажам ова: залудно се трудите, молејќи се на Бога, зашто нема никаков Бог ни на небото ни на земјата, и нема никаква промисла Божја за нас, туку сѐ на овој свет бива случајно. Затоа, не залажувајте се со принесување на молитви кон Бога, Кој не постои.

Кога го слушна ваквото расудување, свети Петар му рече:

- Врз основа на што мислиш дека сѐ се случува случајно, а не по Божјо уредување и промисла, и со што ќе докажеш дека Бог не постои? Ако нема Бог, тогаш кој го створил небото и го украсил со ѕвезди? Кој ја створил земјата и ја облекол со цвеќиња?

А човекот длабоко воздивна и одговори:

- Ја знам јас, господине, астрономијата донекаде, а на боговите толку срдечно им служам, како никој друг. И увидов дека сѐ е измама и нема никаков Бог. Кога би го имало на небото, Он би ги чул воздишките на оние што плачат, би обрнал внимание на молитвите на оние што се молат, би погледнал на страдањата на срцата, кои изнемоштуваат од тага. Но, бидејќи не постои Оној Кој би нѐ слушнал и утешил во неволјите, јас заклучувам дека нема Бог. Кога би Го имало, Он би ме слушнал мене, кој со јадно срце дваесет години и повеќе се наоѓам во горка мака, и би знаел колку многу сум се молел на сите богови! Колку многу жртви сум им принел! Колку многу солзи сум пролил! И ниту еден од боговите не ме чу и сиот мој труд беше залуден!

На тоа светиот Апостол му рече:

- Ти толку многу време не си услишан, затоа што се молиш на многу богови, ништовни и лажни, а не на единствениот вистински Бог, во Кого ние веруваме и Му се молиме.

Така долго разговарајќи со тој човек и препирајќи се за Бога, светиот апостол Петар според неговото кажување сфати дека тој е Фауст, таткото на Климент и браќата негови, а маж на Матидија, и му рече:

- Ако поверуваш во единствениот вистински Бог, Кој ги створил небото и земјата, веднаш ќе ги видиш здрави и жената и децата свои.

На тоа тој одговори:

- Та зарем мојата жена и децата ќе станат од мртвите? Лично јас според ѕвездите дознав, и од премудриот ѕвездочитач Анувион се уверив, дека мојата жена и двете деца се удавиле во морето.

Тогаш Апостолот го одведе Фауст во својот стан. Кога влезе таму и ја виде Матидија, тој се запрепасти, и вџашено наблудувајќи ја со чудење, молчеше. Потоа рече:

- Какво е ова чудо? Кого гледам Јас?

Ѝ пријде поблиску и воскликна:

- Навистина оваа е мојата мила сопруга!

И веднаш и двајцата од ненадејната радост занемеа, така што ни збор не можеа да изустат. Кога одвај си дојде на себе, Матидија рече:

- О, мили мој, Фаусте! Како се најде жив, кога ние слушнавме дека си мртов?

Тогаш настана неопислива радост за сите, и од радоста огромен плач, зашто и сопружниците се препознаа еден со друг, и децата ги препознаа своите родители, и се прегрнуваа и плачеа, и се веселеа и Му благодареа на Бога. И сите кои се затекнаа таму и ја видоа нивната средба после долгата разделба, плачеа и Му благодареа на Бога. А Фауст падна пред нозете на Апостолот и го молеше да го крсти, зашто искрено поверува во единствениот Бог. Кога беше крстен, тој со солзи Му принесуваше благодарствени молитви на Бога. Потоа сите заминаа за Антиохија.

Кога во Антиохија учеа за верата во Христа, игемонот Антиохиски дозна сѐ за Фауст, неговата жена и децата, и за нивното царско потекло, како и за тоа што го доживеале, и веднаш испрати весник во Рим и го извести царот. Тој му нареди на игемонот што побрзо со голема чест да ги испрати во Рим. Царот многу се радуваше на нивното враќање. А кога дозна што им се случило, им укажа големо почитување. Наредниот ден им даде голем имот и робови и робинки. И тие уживаа големо почитување од сите. Живееја многу побожно, вршејќи многу милостиња на бедните. Откако така долго поживеаја и раздадоа сѐ на неволните, Фауст и Матидија во длабока старост отидоа кај Господа.

А пак нивните деца, кога свети апостол Петар дојде во Рим, се подвизуваа во апостолското учење. Особено блажениот Климент беше нераздвоен ученик Петров и учесник во сите негови патувања и трудови и страдања за Христа, и проповедник на учењето Христово. Затоа светиот апостол Петар го постави за епископ пред своето распнување, што го доживеа од Нерон. По смртта на светите апостоли Петар и Павле, а по нив и епископот Лин, па по него епископот Анаклет, Климент во Рим управуваше мудро со Црквата Христова, среде бурата која тогаш ја ствараа мачителите, и го пасеше стадото Христово со огромен труд и трпение, од сите страни опколен со лути гонители, како разјарени лавови и крвожедни волци, кои бараат да ја проголтаат и уништат Христовата вера. Во таквата опасност, тој не престануваше да се грижи со најголема ревност и за спасението на човечките души, и обрати кон Христа многу неверни, не само од обичниот народ туку и од царскиот двор, благородници и големци, меѓу кои беше и некој големец Сисиниј, и не мал број од родот на царот Нерва. Со својата проповед свети Климент еднаш на Воскресение обрати кон Христа четиристотини дваесет и четири благородни лица и сите ги крсти. Својата братучетка Домицила, која беше верена за Аврелијан, син на првиот римски големец, тој ја посвети на чување на девственоста. Освен тоа го подели Рим меѓу седум брзописци, да ги опишуваат страдањата на светите Маченици, кои тогаш беа убивани за Христа.

И кога со неговото учење и труд, и чудесните дела негови и доблесниот живот започна да се зголемува Црквата Христова, мразителот на христијанската вера, комитот Торкутијан, кога го виде безбројното мноштво на оние што под влијание на Климент поверувале во Христа, поттикна луѓе против него и против христијаните. И настана метеж и тревога. Побунетите дојдоа кај епархот на градот Мамертин и започнаа да викаат против Климент, зборувајќи:

- До кога тој ќе ги понижува нашите богови?

Други пак, бранејќи го Климента, говореа;

- Што лошо сторил овој човек? Или какво добро не сторил тој? Секој болен, кој дошол кај него го исцелил. Секој ожалостен го утешил, никогаш никому не сторил ништо лошо, туку на сите им извршил многу добра.

Но, останатите злобно викаа:

- Сето тоа го стори со помош на вражбини, и го искоренува служењето на нашите богови. Тој Зевс не го нарекува бог. Херкул, нашиот покровител, го нарекува нечист дух. За чесната Афродита вели дека е блудница. За големата Веста вели дека треба да се запали, а исто така и Атина, Артемида и Хермес. А пак на Хронос и Ареј хули. Воопшто, сите наши богови и нивните храмови непрестајно ги срамоти и осудува. Затоа, или нека им принесе жртва на боговите или нека биде уништен.

Тогаш епархот Мамертин, под влијание на метежот и тревогата меѓу граѓаните, нареди да го доведат свети Климент кај него и започна да му зборува:

- Ти по потекло си благородник, како што сведочат за тебе сите граѓани на Рим, но си паднал во заблуда, па поради тоа не можат да те трпат и да молчат. Неизвесно е каков Бог ти почитуваш, некаков нов, нарекуван Христос, противник на нашите богови. Затоа треба да ја оставиш секоја заблуда и измама и да им се поклониш на боговите, на кои ние им се поклонуваме.

Свети Климент одговори:

- Го молам твоето доброумие, послушај ме мене, а не безумните, кои се креваат против мене. Иако многу пси лаат на нас, сепак не можат да ни го земат тоа што сме. Ние сме разумни и паметни луѓе, а тие се пси без разум, кои неразумно лаат на добрата работа. Метежи и побуни постојано настанувале од неразумни и невоспитани толпи. Затоа, најпрвин нареди им да замолкнат, па тогаш нека зборува разумен човек за важноста на спасението, и нека укаже на вистинскиот Бог, на Кого треба со вера да Му се поклонуваме,

Тоа и многу други работи му зборуваше светителот на епархот, и тој не најде никаква вина во него и испрати извештај кај царот Трајан, дека против Климент се кренал народот заради боговите, но нема веродостојни сведоштва дека е виновен. Царот Трајан му одговори дека Климент мора да им принесе жртви на боговите или ќе биде испратен на заточение во пустото место Понт, близу Херсонес. Кога доби таков одговор од царот, епархот Мамертин се нажали за Климента и го молеше да не го одбере доброволното прогонство, туку да им принесе жртва на боговите, за да го одбегне. Светителот го уверуваше дека не се плаши од прогонството туку напротив, многу го сака. Во неговите зборови имаше таква сила на благодатта, дадена од Бога, така што епархот, трогнат од неговите зборови, заплака и рече:

- Бог, на Кого ти со сето срце Му служиш, нека ти помогне во прогонството на кое што си осуден.

И подготви кораб и сѐ што беше потребно за светителот и го отпушти.

Со свети Климент тргнаа во заточение и многу благочестиви христијани, сакајќи повеќе со својот пастир да страдаат во прогонството отколку без него да живеат на слобода. Кога светителот стигна на местото на заточението, затекна таму повеќе од две илјади христијани, осудени на сечење на камен во тамошните планини. На истата работа беше одреден и свети Климент. Кога го видоа христијаните, сите еднодушно му пристапија со солзи и тага, говорејќи:

- Помоли се за нас, светителу, да станеме достојни на ветувањата Христови.

Светителот на тоа рече:

- Не сум достоен на таква благодат од мојот Господ, Кој ме удостои да бидам заедничар со вашиот венец.

И работејќи со нив, ги тешеше и надградуваше со своите корисни совети. А кога дозна дека многу страдаат за вода, и дека на плеќите ја носат од огромна далечина, им рече:

- Да се помолиме на нашиот Господ Исус Христос, на исповедниците Свои да им отвори извор жива вода, како што му отвори на жедниот Израил во пустината, кога удри во каменот и потече вода, за откако ќе ја добиеме таквата благодат Негова, да се радуваме.

И сите започнаа да се молат. По молитвата свети Климент здогледа јагне како стои и ја крева десната нога, како да го покажува местото. Веднаш му беше јасно дека тоа е Господ, Кој се јавил и Кого не го виде никој освен тој. Појде на тоа место и рече:

- Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, копајте овде.

И сите се собраа наоколу и започнаа да копаат, но не им успеа. Не го погодија местото на кое што стоело Јагнето. Потоа свети Климент зеде мотика и започна да копа на местото каде што стоеле нозете на Јагнето и веднаш бликна извор вода, многу чиста и вкусна, и од изворот се образуваше река. Тоа сите ги израдува, а свети Климент рече: „Потоци го веселат градот Божји“ (Псал. 45, 3).

Гласот за ова чудо се пронесе по целиот крај, и започнаа да доаѓаат таму луѓе од сите околни градови и села, да ја видат реката, која неочекувано и чудесно се образувала по молитвите на светителот, а и да го чујат неговото учење. И многумина поверуваа во Христа и свети Климент ги крштеваше во таа вода. Толку многу незнабожен народ доаѓаше кај него и толку многу од нив се обраќаа кон Христа, така што секојдневно се крштеваа по петстотини души па и повеќе. За една година толку се зголеми бројот на верните, што беа изградени седумдесет и пет цркви. Беа срушени сите идоли и нивните споменици, и разорени сите идолски храмови во целата таа земја, бидејќи сите жители ја примија христијанската вера.

Кога царот Трајан дозна дека во Херсонес безброј луѓе поверувале во Христа, веднаш испрати таму еден достоинственик, на име Афидијан. Штом стигна, тој многу христијани веднаш усмрти, а кога виде дека сите радосни одат на мачење за Христа, не сакаше повеќе да го мачи народот, туку со сите сили се трудеше само Климент да го натера да им принесе жртви на идолите. Кога увиде дека е непоколеблив во верата и цврсто стои за Господа Христа, нареди да го стават во чамец, да го однесат среде морето и таму, со камен за вратот, да го фрлат во морските длабочини, за христијаните да не го најдат неговото тело. Додека се извршуваше тоа, верните стоеја на брегот и многу плачеа по него. Потоа неговите двајца најверни ученици Корнилиј и Фив им рекоа:

- Да се помолиме еднодушно, Господ да ни го покаже чесното тело на Својот маченик.

Додека народот се молеше, морето се повлече назад, и луѓето, како некогаш Израилците во Црвеното Море, одеа по суво и најдоа мермерна пештера, во вид на црква Божја, и во неа телото на светителот, и крај телото каменот со кој беше потопен. Кога сакаа да го земат телото од таму, им беше откриено на споменатите ученици да го остават тука, зашто секоја година морето ќе се повлекува од брегот на седум дена, за да им даде пат на оние што сакаат да дојдат и да се поклонат на светото тело на маченикот. И се случуваше така долги години, започнувајќи од царот Трајан, па сѐ до царувањето на Никифор, царот грчки, а таму по молитвите на светителот се случуваа и многу други неискажливи чудеса, зашто Господ го прославуваше угодникот Свој.

Една година, кога морето во спомен на светителот се повлече во вообичаеното време и многу народ дојде кај моштите на светителот, се случи едно мало дете да остане во црквата, зашто неговите родители при заминувањето заборавија на него. Во тоа време морето започна да се враќа на своето место и да ја покрива црквата, и сите итаа што побрзо да заминат, за водата да не ги покрие. Итаа и родителите на детето, кое остана во црквата, мислејќи дека тоа излегло пред нив со останатите луѓе. Разгледувајќи на сите страни, тие го бараа меѓу народот, но не го најдоа, а да се вратат назад беше невозможно, морето веќе ја беше покрило црквата. Ожалостените родители неутешно плачеа за детето. Се вратија дома во огромна болка и тага.

Наредната година морето повторно се повлече, и родителите на споменатото дете повторно според својот обичај тргнаа да му се поклонат на светителот. Кога влегоа во црквата, тие го најдоа детето живо и здраво, како седи крај светителовиот ковчег. Неописливо радосни, родителите го прегрнаа и го прашуваа како останало живо. А детето, покажувајќи со прстот кон кивотот на светиот маченик, говореше:

- Овој светител ме сочува жив. Тој ме хранеше, и сите морски стравотии ги бркаше од мене.

Ова преголемо чудо беше на голема радост на родителите и сиот народ, дојден на празникот, и сите Го славеа Бога и светиот угодник Негов. Радосни се вратија родителите дома со своето живо и здраво дете.

Во времето на царувањето на Никифор, за празникот на свети Климент морето се повлече, како што се случуваше години наназад. Така тоа потраја повеќе од педесет години. А кога во Херсонес стана епископ блажениот Георгиј, тој многу тагуваше што морето не се повлече и моштите на таквиот угодник Божји се покриени со вода. Во негово време дојдоа во Херсон двајцата христијански учители свети Методиј и Константин (Философ), односно македонските просветители свети Кирил и Методиј. Тие патуваа на проповед кај Хазарите, и попат се распрашувале за моштите на свети Климент. Кога дознаа дека се наоѓаат во морето, тие го поттикнуваа епископот Георгиј да се потруди да ја пронајде таа духовна ризница, моштите на свештеномаченикот.

Епископот Георгиј отиде во Цариград и го извести за тоа тамошниот цар Михаил III и свјатјејшиот патријарх Игнатиј. Царот и патријархот испратија со него одбрани луѓе и сиот клир од Света Софија. Кога стигнаа во Херсонес, епископот го собра сиот народ, па со псалми и песни отидоа на морскиот брег, со надеж дека ќе го добијат саканото, но водата не отстапи. По зајдисонце се качија на кораб, и на полноќ одеднаш заблеска светлина од морето. Најпрвин се појави главата, па потоа и целокупните мошти на свети Климент излегоа од водата. Епископите со стравопочитување ги зедоа, Ги сместија на коработ, па свечено ги внесоа во градот и ги положија во црквата на светите Апостоли. А кога отпочна светата Литургија се случија многу чуда. Слепи прогледаа, хроми проодеа, и најразлични болни оздравеа, а злите духови од бесомачните беа истерани, по молитвите на свети Климент, а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек. Амин.

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПЕТАР, архиепископот Александриски

Александрискиот архиепископ, свети Петар, во својата младост бил воспитан од блажениот Теона, архиепископот на истиот град Александрија и по него бил издигнат на епископскиот престол, во времето на лутото и страотно гонење на христијаните од страна на незнабожните римски цареви Диоклецијан и Максимијан. Тогаш сите темници беа преполни со христијански маченици, и со нивната крв беа залиени сите улици, градови и околни полиња. Во таквите страшни времиња, полни со стравови и маки, со Божјата Црква управуваше свети Петар, во трпение и неискажани трудови. Со своето учење и непобедливо јунаштво за верата, тој многу малодушни и плашливи охрабри, многу од отпадништвото и падот одврати, и огромен број на верни приведе кон маченичкиот венец. А кога беше прогонет заради Христа, тој во Тир, Финикија и Палестина со своите посланија ги утврдуваше верните и ги крепеше со силата на Светиот Дух. Од страв некој да не се исплаши од маките и отпадне од Христа, деноноќно се молеше за нив на Бога. А кога повторно се врати во Александрија, свети Петар им служеше на затворениците по темниците, кои беа шестотини и педесет, при што меѓу нив имаше и многу презвитери и клирици. И сите со разни мачења беа усмртени. Кога го гледаше нивното страдање и трпение до крај, тој многу се радуваше.

Во времето на мудрото управување на светиот архиепископ Петар со Христовото стадо, во Александрија се појави крвожедниот волк во овчја кожа, еретикот Ариј, кој започна среде пченицата да сее плевел на проклетото ѓаволско учење, хулејќи на Божеството на нашиот Господ Исус Христос, и со таквото хулење Ѝ штетеше на Црквата Божја. Добриот пастир често му ја затвораше устата на тој волк, зауздувајќи го, казнувајќи го, и заканувајќи му се, да не го разорува доброто исповедање на Света Троица, беспрекорно предадено на Црквата Христова. Но, бидејќи Ариј, тој втор Јуда, остануваше непоправлив, и неговата богопротивна злоба не сакаше да ѝ се покори на вистината, тогаш свети Петар го проколна богохулникот, и одлачувајќи го од Црквата го отсече како гнил дел. А волкот Ариј, избркан од стадото Христово, се криеше како темнина од светлината, зашто е напишано: „Секој што прави зло ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела оти се лукави“ (Јн. 3, 20). Беззаконикот не се осмелуваше да му пријде на овој буден пастир, кого со никакви лукавства не можеше да го прелести.

А пак светата Црква во Александрија растеше и се множеше, иако тие беа опки времиња. Никакви мачења не можеа да им го попречат и затворат патот кон Христа на луѓето желни за спасение, кои не само своите имоти туку и животот свој го полагаа, итајќи кон Петровото учење и кон светото крштевање, напуштајќи го служењето на идолите.

Незнабожниот цар Максимијан, кој тогаш владееше со источните земји и живееше во Никомидија, кога дозна дека многумина со учењето на светиот архиепископ Петар се обраќаат од идолопоклонството кон Христа, го испрати трибунот со војници да го фатат и врзан да му го доведат. Го најдоа во црквата во Александрија со мноштво верни како врши служба со Светите Тајни, го фатија и го оковаа во тешки окови. Поради тоа настана голем метеж и голема тревога. Едни плачеа за светителот, други прашуваа зошто го земаат од нив, и така се собра цела Александрија, сакајќи душата да ја положат за својот учител. Народот викаше и негодуваше против царот и неговите пратеници. При таквиот големиот метеж и тревога, трибунот нареди да го чуваат светителот во темницата во близина на црквата и му испрати писмен извештај на царот, на што тој многу се налути и испрати наредба веднаш да му се отсече главата на архиепископот и да се погубат сите што ќе се спротивстават. Трибунот се потруди да го изврши нареденото и да го извади Петар на посекување. Но, многубројниот народ, кој ја беше обиколил темницата, не дозволуваше да го извадат на смрт. Тука имаше безброј мажи и жени, стари и млади, монаси и монахињи, кои, врзани со љубовта кон архиерејот Божји, не се поместуваа од темницата. Кога ги видоа војниците како доаѓаат кон нив, сите еднодушно извикаа:

- Прво нас убијте нѐ, ако имате наредба од вашиот цар, па потоа земето го нашиот отец. Ние нема да отстапиме од нашиот пастир, ниту ќе допуштиме да пострада учителот и лекар на нашите души.

Кога го слушна тоа и го виде многубројниот народ, трибунот не сакаше да изврши големо и страшно крвопролевање, туку се трудеше тајно да го обезглави Петар и така да ја изврши царската наредба.

Додека се случуваше тоа, Ариј дозна дека архиепископот, кој го одлачи од светата соборна апостолска Црква седи во темницата во окови и треба да биде убиен за Христа. Тој отиде кај него со преправање и лицемерно покајание, надевајќи се по него да стапи на престолот и да стане архиепископ Александриски. Дојде божем молејќи за прошка и каејќи се за својата богохулна ерес. И умоли некои презвитери, особено Ахил и Александар, да го замолат свети Петар да му ги прости согрешенијата и да го прими во црковната заедница. Но, Бог, Кој ги знае помислите на срцата човечки, знаејќи го и злото на срцето Ариево, му се јави ноќе на блажениот Петар, му го откри сето лукавство на проклетиот еретик и му заповедаше да не го прима во светата Црква. Утредента многу благоверни угледни граѓани на чело со презвитерите Ахил и Александар дојдоа во темницата и го молеа светиот архиепископ, паѓајќи пред неговите нозе да му прости на Ариј и да го разреши од проклетството. Но, блажениот Петар, плачејќи и воздивнувајќи, рече:

- Мили мои, вие не знаете за кого ме молите. Ме молите за оној што ја раскинува Црквата Христова. Вие знаете дека јас ги сакам моите овци, и не би сакал некоја од нив да загине. Особено Го молам Бога на сите да им подари простување на гревовите и спасение. Само Ариј го отфрлам, зашто е отфрлен и од самиот Бог и одлачен од светата Црква, не толку од мојот суд колку од Божјиот, бидејќи тој согреши не на човек туку на Бога, хулејќи на тајната на Света Троица, во која херувимите и серафимите не смеат да погледнат и само непрестајно пеат: „Свет, Свет, Свет Господ Саваот“, а Небесните Сили говорат: „Полни се небото и земјата со славата Твоја“. Бесрамниот еретик се осмелува со својата хула да прави поделба помеѓу Отецот и Синот и Светиот Дух. Како тогаш да му простиме на оној, на кого што е лута сета твар заради Отецот свој? Затоа, нека биде проклет Арија и во сегашниот и во идниот век! Тогаш сите што го молеа за Арија паднаа пред неговите нозе и повеќе не се осмелуваа да го вознемируваат. Тој ги повика насамо презвитерите Ахил и Александар и им рече:

- Јас сум грешен човек, но знам дека мојот Господ Бог ме повикува кон маченичкиот венец, и пред да умрам ќе ви ја објавам вам, столбовите на Црквата, тајната Божја, која Господ ноќеска ми ја откри: ти честит Ахиле, по мене ќе стапиш на архиепископскиот престол, а по тебе овој достоен презвитер Александар. А пак што се однесува до Ариј, не сметајте ме за немилосрден и спрема оние што грешат суров, зашто гревот извршен според човечката немоќ и да е најголем, помал е од злобата на Ариј. На оние што грешат според слабоста може да им се прости, а на тој проклетник, за кого ме молите, како можам да му простам кога душата му е преполна со измами и хули? Од неговото срце тече река на хулење на семоќниот Син Божји. Тој го нарекува створение Оној Кој е Творец на сѐ видливо и невидливо, и Кого пророците, апостолите и евангелистите Го проповедаа. Како можете да барате од мене да ја прифатам вашата молба и да му простам на Ариј, кога тој не сакаше да го послуша мојот совет и да си дојде на себе? А тоа што го проколнав, не го сторив од себе туку по волјата на мојот Христос Бог, Кој ноќеска ми се јави. Додека по обичај се молев, силна светлина ненадејно ја осветли темницата и Јас го видов мојот Господ Исус Христос, како дванаесетогодишно момче, на Кое лицето му блескаше посилно од сонцето, така што не можев да гледам во неискажаната слава на Лицето Негово. Беше облечен во бела риза, но раскината од едниот до другиот крај. Придржувајќи ја со двете раце на градите, Он Ја покриваше Својата голотија. Кога го видов сето тоа, мене ме спопадна трепет и ужас. И со голем страв молејќи Му се, прашав:

- Кој ти ја раздра ризата, Спасе?

Господ одговори:

- Ми ја раздра безумниот Ариј, зашто ги одвои од мене моите луѓе, кои ги стекнав со Мојата крв. Внимавај и не примај го во црковната заедница: тој смислува зло и непријателство против Мене и против Моите луѓе. Ете, сакаат да те молат тебе за него, да му простиш. Но, ти немој да ги послушаш и немој да го примаш во стадото волкот како овца. Заповедај им на Ахил и Александар, кои по тебе ќе станат епископи, да не го примаат туку пред сите да го проколнат.

- Ете, ви кажав што ми е наредено. Јас нема да бидам виновен ако не ме послушате.

Потоа ги преклони колената и се молеше. Сите се молеа со него. По молитвата рече:

- Помолете се за мене, браќа.

Присутните се помолија и рекоа „амин“.

Ахил и Александар му ја целиваа раката и плачеа, зашто им рече дека повеќе нема да го видат.

Овие презвитери им пренесоа на луѓето сѐ што им рече блажениот Петар за Арија, и тоа што им заповедаше да не го примаат во црковната заедница, бидејќи е волк и непријател на Божјиот Син.

Потоа свети Петар, кога виде дека христијанскиот народ од ревност не му дозволува на царскиот пратеник да го извади од темницата на смрт, и од страв да не избие битка меѓу христијаните и царските војници и да настане крвопролевање, а и самиот сакаше да се разреши од телото и да отиде кај Господа, одлучи кришум да се предаде на мачителите. Затоа тајно испрати кај трибунот еден свој верен слуга, со ваква порака:

„Ако сакаш да ја исполниш волјата на Максимијан, ноќва дојди доцна кај темницата, пробиј го ѕидот и земи ме“.

Така и се случи. Кога падна ноќта многуброен христијански народ се туркаше околу вратата од темницата, во која се наоѓаше светиот пастир на Христовото стадо, и не пушташе никој кај него. Тогаш трибунот дојде тајно со војниците, го проби ѕидот отпозади и го извлекоа. Ноќта беше студена и ветровита и никој не го слушна звукот од пробивањето. Светителот рече:

- Подобро е еден човек да умре, отколку сите луѓе да загинат.

И излезе без некој од верните да знае. Трибунот и војниците се восхитуваа на неговото радосно итање кон смртта. Го одведоа на местото каде свети апостол Марко прими маченичка смрт и таму му ја отсекоа чесната глава.

Во близина на гробот на свети Марко имаше една девојка, која живееше во доброволен затвор. Додека таа Му се молеше на Бога ноќта кога беше посечен свети Петар, слушна глас од небото:

- Петар, почетокот на Апостолите, Петар свршетокот на Александриските маченици.

Кога самна и луѓето дознаа дека нивниот пастир тајно е изваден од темницата и посечен крај гробот на свети Марко, со плачење побрзаа таму, го зедоа неговото тело и го внесоа во црквата. Ја прилепија неговата чесна глава кон телото и го поставија на престолот, односно на горното место, од следната причина: овој свет архиереј никогаш за време на своето пастирско служење не седел на горното место туку во неговото подножје. Поради тоа сите луѓе и клирици често негодувале и го молеле да седи на горното место, но тој никогаш не се согласувал на тоа. Еднаш по Божествената Литургија, го свика сиот клир и им рече:

- Знаете ли зошто не седам на горното место? Затоа што кога ќе се доближам гледам небесна светлина и некоја Божествена Сила пребива на него. Тогаш ме обзема ужас и не се осмелувам да седнам таму, чувстувајќи се недостоен, туку седам во подножјето и тоа со страв. Ова ви го велам за повторно да не ме терате да го правам тоа.

Од таа причина, по неговата смрт луѓето мртов го ставија на горното место и сите воскликнуваа кон него:

- Моли се за нас, свети угоднику Божји!

Потоа чесно го погребаа, славејќи ја Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот Бог, Кому и од нас нека е чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ КЛИМЕНТ, архиепископот Охридски

Видете го неговото Житие под 27 јули, кога е денот на неговото блажено претставување. Некаде се спомнува и на 22 ноември. Во некои ракописи (Кодекс 24, 378 на Британскиот музеј) се вели дека на овој ден (25 ноември) се празнува неговото раѓање.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПАФНУТИЈ

Никогаш не пиел вино, но еднаш бил фатен од разбојници и арамбашата го присили да испие чаша вино. Кога ја виде добродушноста на Пафнутиј, арамбашата се покаја и се откажа од своето разбојничко занимање.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПЕТАР МОЛЧАЛНИКОТ

Нашиот свет отец Петар е роден во Понт од побожни родители, со кои проживеа само седум години. Останатото време од својот живот го помина во философијата односно подвижништвото (испосништвото), најпрвин во Галатија а потоа отиде во Палестина. Таму ги посети сите свештени и свети места, во секое поминувајќи долго време во молитви. Од Палестина отиде во Антиохија. Таму се затвори во една ќелија, и работејќи на својата душа го минуваше времето во непрестајни молитви. Не јадеше ништо освен леб и вода и тоа многу малку на секој втор или трет ден. Поради таквите доблести доби од Бога власт над демоните. Така свети Петар ослободи од демонот еден човек, на име Даниил. Откако го научи исцелениот Даниил на вистините на Светата Вера, свети Петар го направи свој соиспосник и соревнител. Овој угодник Божји им ги отвораше очите на слепите и исцелуваше разни болести. Советите и поуките ги даваше или писмено или усно. Со својот свет живот стана познат и славен во цела Антиохија и нејзината околина. Поживеа деведесет и девет години и мирно отиде во вечните небесни обители, околу 429 година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ШЕСТОТИНИ И СЕДУМДЕСЕТ

Пострадаа за Христа посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ВАСИЛИСА

Беше жена на царот Максенциј. Поверувала во Христа преку светата великомаченица Екатерина. Била посечена со меч.