9. Декември  (26. Ноември)

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АЛИМПИЈ СТОЛПНИК

Христовиот слуга, светиот Алимпиј, е роден во Пафлагонискиот град Адријанопол. Господ го избра да Му служи Нему уште од утробата на мајката. Уште како бремена и пред самото породување, неговата мајка имаше ноќно видение. Ѝ се сторило дека држи во рацете многу убаво јагне, кое на своите рогови имало запалени свеќи.

А кога дојде време да се роди Алимпиј, силна Божествена светлина ја исполни собата. Тоа беше предзнак на идната светлина на неговите доблести, зашто требаше да стане светилник на светот. А кога по породувањето мајка му заспа, во сонот имала видение во кое сите жители од градот се собирале во нејзината соба и го опкружувале новороденчето, пеејќи псалми и свештени песни.

Ова видение мајката го чуваше во своето срце и се прашуваше што ли ќе се случи со нејзиното дете.

По некое време умре нејзиниот сопруг, и таа не сакаше повторно да се мажи, туку своето вдовство започна да го минува во пост и молитви, живеејќи според Христа во чистота и предавајќи се себеси и сина си на промислата Негова, зашто Он е татко на сирачињата и вдовиците. А кога го одгледа, таа, како некогаш Ана Самуил, го одведе во црквата и го предаде во служба на Бога, врачувајќи му го на Адријанополскиот епископ, блажениот Теодор. Провидувајќи ја со Духот благодатта Божја во момчето, епископот многу го засака и започна да го учи на Светото Писмо. Кога порасна, Алимпиј ги надмина сите свои врсници во мудроста и знаењето. И беше сакан од Бога и од луѓето заради своето добро однесување и големите доблести. Беше полн со страв Божји, смиреност и кроткост. Уште во своите млади години покажуваше старечка мудрост и беспрекорен живот. Пради тоа беше поставен за црковен економ, а потоа ракоположен и за ѓакон. Беспрекорно Му служеше на Бога.

По извесно време во него се јави желба за осаменички живот. Да живее во молитвено тихување, срдечно да Му служи на единствениот Бог и да се насладува на непрестајното богомислие. Таа своја желба ѝ ја откри на својата праведна мајка, која, слично на пророчицата Ана, не заминуваше од црквата, со постот и молитвата служејќи Му деноноќно на Бога. Одамна сиот свој имот го беше раздала на сиромасите, се заневести за Христа и беше поставена за ѓакониса. На таа богоугодна слугинка Господова, а мајка своја, свети Алимпиј ѝ ја кажа својата намера, велејќи ѝ:

- Сакам да одам на исток, зашто слушам дека таму во пустините живеат во молитвено тихување многу свети Отци. Ќе се населам со нив, и ќе се потрудам, со Божја помош, да ги поддржувам нивните доблести. А ти, мајко моја, моли се за мене, Господ да го исправи мојот пат според Својата света волја и да Му биде угодна мојата намера.

Ни најмалку растажена од разделбата со синот, мајката ги крена рацете кон небото. Срдечно се помоли на Бога за него, па го благослови и го отпушти со мир.

Без никому да каже освен на мајка си, Алимпиј го напушти Адријанопол, и со Божествена желба иташе по патот, како елен кон извор вода. Веста за неговото заминување многу ги ожалости епископот Теодор, клирот и мирјаните. Се лишија тие од таквиот добар сожител, кој со примерот на своите добродетели и рамноангелското живеење ја красеше Црквата Божја и им беше од голема корист на верните, поттикнувајќи ги на подвиг. Епископот веднаш испрати луѓе на сите страни да го бараат, и по долго барање го најдоа во Евхаит, на празникот на светиот маченик Теодор. Но, со голема мака, одвај успеаја да го вратат во татковината. На Бога не му беше угодно Пафлагонија да се лиши од таквиот свој светилник, преку кој многумина се изведуваа од темнината и гревот во светоста на богоугодниот живот. Кога се врати меѓу своите, блажениот Алимпиј многу тагуваше што патувањето му беше попречено и желбата не му се оствари. Но Господ, Бог на секоја утеха, го утеши со Божествено видение. Еден прекрасен човек, подобро речено ангел Божји, му се јави и му рече:

- Не тагувај Алимпиј, што си вратен од посакуваниот пат. Добро знај дека е свето секое место, што човекот кој Го сака Бога ќе го одбере за побожно и богоугодно да живее.

Утешен од видението, Алимпиј престана да тагува и го продолжи својот монашки живот, срдечно подвизувајќи се и служејќи Му на Бога. Сепак, не го напушташе мислата да се повлече и осаменички да живее во некое пустинско место. Поради тоа многу пати излегуваше од ќелијата и ги обиколуваше околните гори, полиња и шуми, барајќи место, погодно за богомислие. И еднаш, кога се качи на една планина, јужно од градот, најде на неа високо и живописно место, сосем оддалечено од градската врева. Тоа место многу му се допадна. Потоа донесе алат за копање и ископа бунар. При тоа не толку копајќи со мотиката колку од срце молејќи се на Бога, извади вода од земјата, па побара дозвола од епископот да живее таму и да изгради црква. Но, епископот, иако немаше ништо против, сепак испрати тајно да го затрупаат бунарот, зашто не сакаше светиот да живее на високата планина, при тоа далеку од градот и речиси непристапна за да се посетува угодникот Божји. Сакаше да се насели близу градот и на подостапно место. Кога блажениот виде дека бунарот му е затрупан, ја напушти таа планина и започна да бара друго место во околината на градот.

Пред градот имаше една пустина, полна со древни незнабожечки гробови, притоа населен со легиони нечисти духови.

Сите се плашеа од тоа место и никој не можел да помине од стравотиите што ги вршеле демоните. Кога виде дека сите ја одбегнуваат таа пустина, се насели таму во еден незнабожечки гроб. На врвот на тој гроб имаше столб, а на столбот идол. Откако го скрши идолот како глинен сад, на неговото место преподобниот постави чесен крст. И така, без страв од демонските страшила и напади, започна да живее таму, со оружјето на крстот и стрелите на молитвите свои, бркајќи ги далеку од себе демонските полкови.

Еднаш на сон виде двајца чесни мажи, облечени во свештенички ризи, кои му рекоа:

- Зошто, човеку Божји, нѐ остави да те чекаме толку долго овде? Ако си Алимпиј, кој е од Бога предназначен да го освети ова место и да го умножи во него славословието Божјо, тогаш веднаш започни со работата што треба да ја извршиш.

Кога се разбуди, преподобниот се зачуди на зборовите од јавените мажи, не знаеше кои се тие, и што треба да прави на тоа место, за да се умножи славословењето на Бога.

Наскоро потоа требало адријаниополскиот епископот Теодор да оди по некоја работа кај царот, и блажениот Алимпиј беше должен да го придружува како клирик. Покорувајќи се на волјата на својот архијереј, тој појде и го следеше сѐ до Халкидон, каде епископот имал намера со кораб да замине за Цариград. За тоа време Алимпиј влезе во една црква на морскиот брег, и додека се молеше задрема, при што во видение му се јави прекрасна девица, блескава како сонце, и му рече:

- Стани брзо, Алимпиј!

А тој, вохитувајќи се на нејзината убавина, ја праша:

- Која си ти, госпоѓо, и зошто ми наредуваш брзо да станам?

- Јас сум Ефимија, слугинка Христова и маченичка - одговори таа. - Стани, и ако сакаш, ајде да појдеме во твојата татковина. Волја Божја е да ти бидам сопатничка и помошничка.

Алимпиј се разбуди и не виде никого пред себе, само своето срце го најде преполно со духовна радост. Му беше јасно дека Бог сака тој да се врати во своето осаменичко молитвено тихување. Затоа го остави епископот, се врати во својата татковина, имајќи ја како сопатник и невидлива помош и молитви светата великомаченичка Ефимија, чиј лик и слатка беседа цело време ги чуваше во срцето и духовно се радуваше.

Кога дојде во Адријанопол, во своето пустинско место, намисли да изгради црква во име на света Ефимија, но ги немаше потребните средства за тоа, зашто го раздаде својот имот и беше сиромашен заради Христа. Тогаш ги замоли своите познаници и соседи да му помогнат. Тие му даваа сѐ што беше потребно, и за кратко време меѓу незнабожечките гробови беше изградена црква во име на света Ефимија. Кога ги копаа темелите, на свети Алимпиј повторно му се јавија оние двајца мажи во ерејски одежди. Едниот од нив држеше во раката кадилница и ги кадеше темелите, означувајќи со тоа колку ќе биде голема црквата, а другиот пееше: „Осана на ова место!“

Кои беа тие двајца мажи не е познато. Но, по извесно време, таму беа пронајдени нетлените и благомирисни мошти на тие двајца мажи, кои два пати му се јавија на преподобниот во видение. Со негова наредба беа положени во црквата што ја изгради.

Уште при осветувањето на црквата, демонските легиони, кога видоа дека нивното живеалиште станува населба на светци, и онаму каде што имаше привиденија и страшила сега настапува Божјата благодат, јурнаа со страотни викотници и врескање кон новоизградената црква и светителовата ќелија, за да ги срушат до темел и да го исплашат светителот да побегне од таму. Бесно викаа како разјарени ѕверови, но Христовиот војник веднаш застана на молитва, се вооружи со неа како со победоносно оружје, и веднаш ја победи демонската сила, та демоните побегнаа посрамени, развеани како прав од ветрот.

Откако црквата беше осветена, започнаа да доаѓаат од градот луѓе да Го славословат Бога и да ги слушаат душекорисните поуки на светителот. Тогаш преподобниот уште посилно се вооружи против невидливите непријатели, искачувајќи се на столб, слично на свети Симеон, првиот столпник, и застана како на стража. Од далеку ги забележуваше демонските полкови и јуначки се бореше со нив деноноќно. Иако постојано беа победувани, демоните не престануваа со своите безочни напади врз него.

Еднаш ноќе злите духови започнаа да фрлаат камења по него, задавајќи му тешки повреди. Трпејќи го каменувањето, тој им велеше:

- Што сакате од мене, човекомразители и погубни демони? Зошто залудно се возбудувате и пакосно се кревате пртив слугите Божји? Камењата што ги фрлате по мене ќе сведочат пред Христа во денот на второто доаѓање Негово за вашата бесрамна дрскост и злоба. Знајте дека тие не претставуваат ништо за мене и се како детска играчка. Еве, јас ќе ги тргнам овие тенки штицички што ми служат како кров над главата, за непречено да ме каменувате и да го претрпам заради Господа она што го претрпе светиот првомаченик Стефан. Вие го убивте него со рацете еврејски, и со тоа евреите ќе го наследат огнениот пекол.

Демоните сфатија дека непобедливиот страдалник е подготвен сѐ да претрпи заради Бога и се разбегаа на сите страни.

Тоа го слушнаа некои минувачи и ги видоа и демоните, кои во разни обличја бегаа од местото и викаа:

- Алимпиј нѐ истера од нашето живеалиште! Каде да одиме? Нема никаде место за нас!

Преподобниот ја симна од столбот малата настрешница над неговата глава и стоеше, имајќи го небото за покривка и јуначки ги поднесуваше студот и горештината, дождот и градот, снегот и мразот, и сите воздушни промени. И беше тој доброволен маченик цели педесет и три години, страдајќи на својот столб, како прикован на крст. Кај него се собираше многу народ. Доаѓаа мажи и жени, млади и стари, да ги слушаат неговите корисни поуки и да се исцелуваат од сите душевни и телесни болести. А многу од нив одбраа да останат да живеат покрај него. Затоа светителот нареди да се изградат два манастира, машки и женски, едниот од едната страна на столбот а другиот од другата. Тој стоеше на столбот во средината како свеќа на свеќник, просветувајќи ги двата манастира и со своето учење и со својот пример на ангелскиот живот, и заштитувајќи ги со своите молитви.

Преподобниот им даде закони и устави на монашкиот живот, со наредба будно да се чуваат од демонските стапици. При тоа особено на жените им заповедаше никогаш да не им излегуваат пред очи на мажите.

Во женскиот манастир живееше и мајката на блажениот Алимпиј со својата ќерка, а негова сестра Марија, и други многу угледни жени на градот Адријанопол, а меѓу нив и Ефимија и Евула, кои ги оставија своите имоти, децата, роднините и сета ништовност на овој свет, се облекоа во ангелскиот лик и со својот живот се уподобија на ангелите.

Мајката на преподобниот беше ѓакониса и иако живееше монашки, сепак не сакаше да се облече во монашкиот чин, говорејќи:

- Едно и исто е да се биде ѓакониса или монахиња.

Но, нејзиниот син ја молеше да се облече во монашкиот лик. Таа не го послуша за тоа, додека не беше упатена со едно видение, после кое самата го замоли да ја замонаши. Во тоа видение видела необично убави палати, од кои чула преслатко и преумилно пеење и славење на Бога. А кога сакала да влезе таму, ѝ забранил некој чесен и блескав човек, кој стоел и стражарел на влезот на таа палата. Притоа ѝ рекол:

- Ти не можеш да влезеш, зашто таму блаженствуваат слугинките Господови, кои Му послужија во монашкиот чин. Немаш врз себе монашка облека и не можеш да имаш удел во нивната радост.

Овие зборови многу ја посрамија мајката на светителот. Штом се разбуди, таа веднаш започна да го моли да ја замонаши. По постригот ги удвои своите подвизи, додавајќи труд врз труд. Така долги години се подвизуваше во монаштвото. Му угоди на Бога и отиде кај Него. А нејзиниот син толку Му угоди на Бога, што уште за време на животот беше озаруван од небесна светлина. Многу пати над неговата глава се јавуваше огнен столб, кој досегнуваше до облаците и го озаруваше целото место. А тоа се случувало често, некогаш дење, но најчесто ноќе. И кога имало грмотевици и молњи, таа небесна светлина се јавувала над светителот, над неговиот столб. Многу од верните и оние што свето живееле биле удостоени да го видат тоа. А други, на кои им се случувало таа светлина да ја гледаат од далеку, мислеле дак столбот на светителот гори со вистински оган. Достојните јасно го гледаа тоа неискажано знамение на небесната слава. Така Бог го прославуваше угодникот Свој.

Свети Алимпиј изврши многу чудеса со благодатта Христова. Болни исцелуваше, ѓаволи истеруваше, иднината ја претскажуваше... Во четиринаесеттата година пред смртта неговите нозе беа поразени со лута болест и за тоа време не можеше да стои туку лежеше на една страна. И кога неговите ученици сакаа понекогаш да го свртаат на другата страна, тој не им дозволуваше туку трпеше како втор Јов, благодарејќи Му на Бога, кај Кого со радост отиде.

По неговото претставување многу исцеленија им се даваа на болните од неговите свети мошти, во слава на Христа Бога, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СТИЛИЈАН

Преподобниот Стилијан беше од Пафлагонија, сонародник и современик на свети Алимпиј Столпник. Уште од утробата на својата мајка осветен, тој стана живеалиште на Светиот Дух. Го раздаде сето свое богатство на сиромашните и стана монах. Од голема љубов кон Господа Исуса, тој се оддаде на големи подвизи и ги надмина сите тогашни монаси со строгото и напорно подвижништво. Потоа отиде во пустината и се насели во пештера. Подвизувајќи се таму, тој добиваше храна од Ангел Божји.

Вршеше големи чудеса. Стана лекар на неизлечивите болести. Еднаш наиде помор меѓу децата. И на оние родители, кои доаѓаа кај свети Стилијан со вера, или го повикуваа неговото име, или ја имаа неговата икона, децата им оздравуваа од болеста. Пред смртта Ангели се јавија да му ја земат душата, и лицето му заблеска како сонце. Беше голем чудотворец и пред и по смртта. Им помага особено на болните деца и бездетните родители.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈАКОВ ОТШЕЛНИКОТ

Блажениот Јаков беше од Сирија, ученик на свети Марон и современик на свети Симеон Столпник. Се подвизувал во планината под отворено небо. Немал ни пештера, ни ќелија, ни колиба, ни постела, ни покривка. Небото му беше и кров и покривка. Се хранел со неквасена леќа. Под власеницата носел тешки синџири. Боледувал од тешка стомачна болест. Заради големите богоугодни подвизи и совршенството во доблестите, го добил од Бога дарот на чудотворството. Вршел големи чуда. Дури и мртви воскреснувал со името Христово. Еднаш дојде кај него еден татко, носејќи го мртвото синче. Ридајќи, тој му зборуваше на светителот:

- Јас знам, слуго Божји, дека за тебе сѐ е возможно, само ако сакаш да се помолиш на Бога.

Свети Јаков, потресен од солзите на родителот, ги преклони колената, повика кон Бога, го воскресна детето и го предаде на таткото. И многу други чудеса створи преподобниот Јаков. Царот Лав него го прашувал за мислење за Халкидонскиот Собор.

Така подвизувајќи се и чудотворејќи, блажениот Јаков мирно се упокои и со радост отиде кај Господа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НИКОН „ПОКАЈАНИЕ“

Преподобниот Никон беше од Ерменија, син на еден големец. Поттикнат од зборовите Господови: „Секој, кој ќе остави татко или мајка, ќе прими стократно и ќе наследи живот вечен“, Никон навистина остави сѐ заради Христа и отиде во еден манастир, каде се замонаши. Во манастирот ревносно се подвизуваше во секоја доблест, и ги надминуваше сите монаси со крајната строгост кон себе.

Кога се усоврши во сите доблести го напушти манастирот и тргна да го проповеда Евангелието меѓу луѓето. Тој непрестајно повторувал: „Покајте се!“, поради што и бил наречен „Покајание“. Како проповедник ги посети цела Анатолија и Пелопонез, Најпосле се задржа во градот Лакон. Изврши во него разни чуда и изгради црква, во име на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Монахувајќи така до крај, тој мирно премина кај својот сакан Господ, да го прими од Него венецот на подвижништвото. Тоа се случи во 998 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ИНОКЕНТИЈ ИРКУТСКИ

Свети Инокентиј се родил во благородното семејство Кулчицки од многу побожни родители, околу 1680 година. Се школувал во Братското училиште при Киевскиот Богојавленски манастир. Со голема љубов и ревност со задоволство ги читал и изучувал делата на светите Отци и Учители на Црквата. Во 1706 година ја завршил Киевската Духовна Академија и се замонашил во Киево Печерската лавра со името Инокентиј, наместо дотогашното Јован. Во 1721 година бил поставен за епископ Перејаславски, потоа назначен за член на Руската Пекингска мисија во Кина. Но, Кинеската влада не сакаше да го прими, и тој помина три години во Селенгинск, проповедајќи им го Евангелието на инородците. Во 1727 година беше одреден за епископ Иркутски, и многу се потруди околу обраќањето во христијанството и просветувањето на незнабошците Бурјати и Тунгузи. Суровата клима на Сибирот, ревносните трудови и разните тешкотии и незгоди, брзо го нарушија здравјето на свети Инокентиј. Се претстави на 27 ноември 1731 година и беше погребан на пет километри од Иркутск, во Вознесенскиот манастир кај Тихвинската црква. Околу 1766 година, при некои работи во црквата, неговиот гроб беше отворен и во него сандакот беше потполно целосен, дури и сомотот околу сандакот бил неоштетен. А пак неговите свети мошти беа цели целички, и необично благомирисни. Тие се прославија со чуда и исцеленија што се случуваа од нив и непрестајно се случуваат. Свеченото откривање на чесните мошти на свети Инокентиј е извршено на 1 декември 1804 година, откако претходно од страна на Светиот Синод биле проверени многуте чудеса што се случиле од нив. Тогаш е востановено свети Инокентиј да се празнува на 26 ноември, бидејќи на 27 ноември, денот на неговото претставување, во Вознесенскиот манастир свечено се празнува празникот Знамение на Пресвета Богородица.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ГЕОРГИЈ ХИОСКИ

Маченикот Христов Герогиј Нови се родил на островот Хиос. Татко му се викал Параскевас, а мајка му Ангела. Мајка му умре девет месеци по неговото раѓање и го остави сираче. Кога имаше осумнаесет месеци, татко му повторно се ожени, така што го одгледа маќеата. Кога потпорасна родителите го дадоа на даборезбачкиот занает, кај некој даборезбач Висезиј. Во тоа време се градел храмот на свети Никола на островот Псара. Повикан да го изработи иконостасот, Висезиј го поведе со себе и својот помошник. За време на престојот таму Георгиј се запознал со некои свои врсници, со кои замина за Кавала без знаење на родителите. Како што непромислено побегна од островот, исто така во детската незрелост ги минуваше и деновите во Кавала. Додека така еднаш со своите другари крадел овошје во една бавча, го фати градинарот и го предаде на судијата. Тогаш тој, сѐ уште дете, се исплаши, се одрече од Христа и го прими исламот. Беше примен од некој агарјанин, па по извесно време предаден на друг. Додека се случуваше тоа со Георгиј, неговите родители и роднини ниту знаеле каде се наоѓа нити што се случува со него. Се случи еден ден да дојде во Хиоското пристаниште бротче натоварено со лубеници, од кое излезе Георгиј. На пристаништето во тоа време се беше затекнал еден негов роднина, кој, кога го виде му се израдува и го поздрави. Но, додека разговараа, слушна од неговите другари дека го викаат Ахмед. Роднината се запрепасти и го праша зошто така го викаат, а тој ништо не одговори туку молкум се врати на коработ. Еднаш дојде кај своите родители, но не го најде татка си, зашто беше на пат. Тогаш се качи на истиот брод и замина. По кратко време повторно дојде на Хиос, на друг брод и во христијанска облека, и се сретна со татка си. Како што раскажуваат, неговиот татко плачел кога го видел и говорел:

„Помило ќе ми беше да слушнев за неговата смрт, отколку што го гледам во таква срамна состојба“.

Десетгодишното момче се покаја за својот грев и остана неколку дена во родителскиот дом. Неговиот татко, кој беше морнар, знаел дека неговото дете не може да остане на Хиос. Затоа, на совет од својот духовник го префрли во Кидонија, каде што никој не го познаваше. Тука го довери на еден побожен христијанин, кој, кога дозна за неговиот пад го засолни на својот имот надвор од градот, изложувајќи се на голема опасност, во случај турците да дознаат за тоа.

Георгиј остана тука сѐ до својата дваесетта година, верно служејќи му на овој побожен човек и трудејќи се да живее христијански. Во дваесеттата година се охрабри и дојде во Кидонија, каде се запозна со мештаните и со многумина од нив се спријатели. Меѓу останатите се спријатели и со една старица, која се грижела за него како помајка и му помагала. А пак неговиот татко постојано плачел (според сведоштвото на свештеникот од нивното село Питуис) и многу се грижел што ќе се случи со неговото дете. Таа мисла не му давала мир и покој. На совет од истиот духовник отиде со чамец кај синот, со намера да го качи на руски брод и така да го засолни во некој непознат крај, каде што живеат христијани. Но, Георгиј одби, говорејќи дека тој е тука безбеден, бидејќи никој не знае што се случило со него.

Со текот на времето тој толку се спријатели со таа старица, така што ѝ раскажа за тајната на своето одрекување од Христа. Потоа дојде време да се ожени со една девојка. Нејзините роднини, при разговорот со старицата за него, дознаа за неговото потурчување, но бидејќи беше во сѐ добар, не се откажаа од веридбата и венчавката. По некое време дојде до кавга помеѓу него и братот на неговата жена, кој, лут на него поради некој долг, отиде кај турскиот управник и го предаде дека станал муслиман па се вратил во христијанската вера. Некои Георгиеви пријатели дознаа за предавството и го посоветуваа веднаш да побегне и да се сокрие. Но, тој ниту побегна ниту се сокри, туку остана онаму каде што беше. Најверојатно уште од порано го мачела совеста поради својот пад, па сакал јавно да го испере од себе.

И навистина, Георгиј беше уапсен и фрлен во темница. Потоа беше изведен на судење и на прашањето од судијата зошто се одрекол од исламот и се вратил во христијанската вера, храбро одговори:

- Јас ниту сум се одрекол од својата вера, ниту сум ја примил вашата, која што е лажна. Како дете насилно ме измамиле, но јас секогаш бев и останав христијанин.

Судијата на лукав начин се обиде да го наведе да го каже своето турско име, но момчето постојано повторуваше:

- Се викам Георгиј и како Георгиј сакам да умрам.

На заканите дека го очекува смртта, храбро одговори:

- Со радост ќе ја примам.

Тогаш судијата нареди повторно да го фрлат во затвор, каде остана 17 дена. Народот топло се молел на Бога да му подари сили да издржи до крај, а еден мештанин, кој по промисла Божја се затекна во затворот, го храбрел и крепел. Турците постојано му досадувале и му се заканувале дека ќе го усмртат со страшни маки. На 24 ноември се пронесе вест дека е донесена одлука Георгиј да биде убиен. Христијаните тајно го известија за тоа и го прашаа дали би сакал да се причести со Телото и Крвта Господови. Тој бестрашно ја прими веста за смртта, желен за мачеништвото, и замоли да биде удостоен на Светата Причест.

Приквечер дојде духовникот во затворот, го исповедаше и го причести со Светите Тајни. Од тој момент небесен мир ја исполни неговата душа и сите нечисти и лоши помисли, кои дотогаш ужасно го мачеле и го бркале сонот од него исчезнале без трага, под дејство на благодатта Божја. Тој за прв пат после толку денови спокојно заспа. Христијанинот, кој беше со него, се зачуди на таквата нагла промена и утрото го праша:

- Брате, што се случи ноќеска со тебе? Толку ноќи не можеше да заспиеш а ноќеска, и тоа кога дозна за смртната казна, заспа толку спокојно и мирно!

- Тоа е затоа што останатите ноќи ме мачеа сатански помисли, а ноќеска ги избрка Божествената благодат на Светата Причест, така што мојот ум и срцето се здобија со чудесно спокојство и мир - одговори маченикот.

Христијанинот го замоли за време на своето мачеништво да не го заборави во своите молитви, Бог да му ги прости гревовите и да го удостои да го види маченикот и во Рајот.

Помина денот и дојде ноќта одредена за смртната казна. Свештениците одлучија заедно со побожниот народ да држат сеноќно бдение таа ноќ, за поткрепа на маченикот. Се собра мноштво народ во храмот и на градскиот плоштад. Едни со солзи се молеа Бог да му дари сили да го издржи крстот на мачеништвото до крај, а други, полни со немир, очекувале што ќе се случи. Турците се исплашија од буна, па наредија на двајца војници со големи сабји да го растераат насобраниот народ. Народот во храмот и понатаму се молел, очекувајќи го триумфот на силата на Крстот во слабото тело на блажениот Георгиј. Пред да почнат да го читаат „Спаси Боже Људи Твоје“ на Литијата, дотрча човекот одреден на скришно место да набљудува што ќе се случи со маченикот и довикна кон насобраните во храмот:

- Се сврши!

Кога дознаа дека маченикот го завршил својот земен живот, народот истовремено и плачеше и се радуваше што Бог Ѝ дари на Црквата ново светило, овенчано со венецот на славата.

А блажениот крај на овој нов маченик Христов се случи вака:

Кога овие двајца војници го растераа насобраниот народ, судијата нареди Георгиј да го извадат од темницата и да го одведат на губилиштето. Маченикот одел спокојно, како јагне на колење. Попат барал прошка од христијаните, кои повторно започнале да се собираат пред блиските продавници. Го следеле двајца слуги на агата, еден агарјанин и еден христијанин. Христијанинот, трогнат од неговата младост, му се обрати по пат и му рече:

- Брате Георгиј, земи го моето оружје и остани да му служиш на агата, а јас ќе појдам наместо тебе да умрам за името Христово.

Но, маченикот одлучно му одговори на овој честит човек:

- Не брате, никако не. Зар ти невин да умреш за Христа, а јас, кој се одреков од Него, да побегнам? Јас треба со својата крв да го исперам својот грев.

И молејќи се на својот Господ, стигна на губилиштето.

На местото на погубувањето дојде и судијата заедно со други агарјани и му се закануваа со страшни маки, за да го поколебаат. Но, бидејќи сѐ беше залудно, судијата му нареди да клекне. Тој веднаш го стори тоа. Тогаш застана пред него џелатот со нож во устата и репетирана пушка во рацете, додека турците и понатаму диво викаа и бараа да се врати во нивната лажна вера. Но, маченикот со храбар глас им одговори:

- Не, и не! Сакам да умрам како христијанин!

Тогаш џелатот го застрела со пушката. Додека од раната течела крвта на маченикот, Георгиј и понатаму клечел неподвижно на колена. Тогаш џелатот, рикајќи со дивјачки глас, викна:

- Наведни ја главата долу!

Тој покорно го стори тоа, чекајќи го ударот со ножот. Џелатот го удри еднаш, но го погоди во вратната коска, па го повлече ножот и повторно го удри малку пониско. Но, маченикот и понатаму стоеше на колена неподвижен, а усните му шепотеа:

„Господи Исусе Христе...“

Џелатот, полн со демонски бес, го избриша ножот, го остави настрана, па го удри со ногата отпозади и го собори ничкум. Тогаш почна да го коле како јагне, дивјачки и немилосрдно. И отпаѓаа парчиња од мачениковото тело, како иверици од сирово дрво од ударите на секирата. Откако долго го измачи, му ја отсече светата глава. И се случи навистина чудесна работа. До последниот здив неговите усни го шепотеа името Христово и ја споменуваа Пресвета Дева Марија. Овој прекрасен маченик ја пролеа својата крв за Христа во 1807 година, на 26 ноември, во дваесет и втората година од својот живот. Судијата нареди неговото свето тело да се фрли на едно пусто островче. Подоцна беше погребано во олтарот на храмот „Свети Георгиј“, од десната страна на светата Трпеза. Така и тој беше вграден во темелот на Црквата, како што и песната вели: „Божествениот собор на маченици е темел на Црквата, исполнување на Евангелието“.

По неговите молитви, осоли ги Господи и нашите души со солта на маченичката природа. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПРОКОПИЈ ПЕРСИСКИ

Ја исмеал идолската заблуда и ги погазил наредбите на тиранинот. Поради тоа претрпел тешки маки, бичување, бодење со копје и на крајот го примил маченичкиот венец.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ПЕТАР, епископот Ерусалимски

Се спомнува само во Ерусалимската Канонарија.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СИЛА

Бил епископ во Персија, во местото Коринт.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ХЕРЕМОН Ги засакал целомудреноста и чедноста. Живеел во пустината со дивите ѕверови, поднесувајќи ги студот и горештината. Го поминал својот живот во воздржание и се претставил кај Господа. Се спомнува во Парискиот Кодекс 1621.