10. Декември (27. Ноември)
СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈАКОВ ПЕРСИЕЦ
Светиот маченик Јаков е роден во Персија, во градот Елап, од христијански родители и воспитан во христијанската вера. Живееше во големо богатство и чест и ја уживаше големата љубов на персискиот цар Издегард и неговиот приемник Варахран, кој го постави за управник на својот двор. Но, сите тие благодети и царски почести го соблазнија Јаков како човек, та ја остави христијанската вера и заедно со царот им принесе жртви на идолите и им се поклони. Кога дознаа за тоа неговата мајка и сопругата, му упатија вакво писмо: „Беднику, зошто заради човечката слава Го остави Бога, Царот Небесен? Угодувајќи му на земниот минлив цар, ти го изгуби бесмртниот живот. Служејќи му на распадливото, ти се одрече од нераспадливото. Ти Вистината ја промени за лага, кога ја остави верата Христова и ја прими ѓаволската измама. Кога му се покори на смртниот цар, ти го презре Судијата на живите и мртвите. Кога се докопа до човечката љубов, ти стана недостоен за љубовта Божја и се лиши од небесните богатства. Ние плачеме и тажиме за тебе, зашто ти, довчерашниот син на светлината, се стори син на темнината и пеколот. Ако не се одвратиш од таа ѓаволска измама, нема да имаш удел со нас. Не сакаме ни да те видиме, идолопоклонику. И кога гневот Божји ќе го стигне царот, пријателите негови и тебе, тогаш ќе нема враќање, и горко ќе плачеш, мачен во огнениот пекол. Затоа со солзи те молиме, обрати се кон Христа, за да го одбегнеш гневот Божји. Послушај нѐ, бидејќи ќе биде доцна“.
Ова писмо му беше предадено кога тој со царот се наоѓаше надвор од градот. Кога го прочита беше трогнат и си помисли: Кога дури и мајка ми и сопругата се одрекуваат од мене затоа што сум се одрекол од Христа, и не сакаат да ме видат, што ли тогаш ќе биде со мене во идниот век, кога ќе дојде Бог да им суди на живите и мртвите и на секого да му даде според делата негови? Повторно го прочита писмото внимателно, горко заплака и започна да рида, каејќи се за својот грев. Потоа си рече: Знам што ќе сторам, за душата да не ми пропадне целосно. Ќе тропам постојано на вратата на милосрдието Божјо, сѐ додека не ми отвори. А знам дека Бог ќе ми отвори, зашто е жалостив и милостив, и не ја сака смртта на грешникот, туку со радост го прима оној што се кае.
Додека Јаков така плачеше и си зборуваше со себе, некои од незнабошците го видоа, препознаа дека е христијанин, па го известија царот Варахран. Тој го повика и му рече:
- Кажи ни ја вистината! Дали навистина си Назареец?
Јаков одговори:
- Да, Назареец сум.
- Значи ти си волхв? - праша царот.
- Не, јас не сум волхв туку христијанин - одговори Јаков.
Тогаш царот рече:
- Беднику и неблагодарнику. Зарем од мене и од мојот татко не доби многу подароци и почести?
Јаков одговори:
- Каде е сега твојот татко? Ете, со телото тој гние во гробот, а душата му е фрлена во пеколот.
Царот многу се разгневи и му рече:
- Со таква ли благодарност ми возвраќаш за мојата досегашна љубов кон тебе, на чии што плодови се насладуваше до сега? Ти ми се противиц, и мојот татко го спомнуваш. Заслужуваш сигурна смрт. Но, нема да те погубам со меч, за да не умреш брзо. Напротив, ќе те ставам на многу и долготрајни маки, па ќе те предадам на најгорка смрт.
Јаков одговори:
- Што сакаш да правиш, царе, прави го брзо. Знај дека нема да ме исплашат твоите зборови, кои се слични на ветрот кој дува во ѕид, ниту ќе ме заплашат твоите закани. Јас не се плашам од смртта. Привремената смрт не е смрт туку сон, зашто како од сон ќе станат од своите гробови сите луѓе во времето на страшното второ доаѓање на мојот Господ Христос.
Царот на тоа рече:
- Назареецу, нека не те залажуваат оние што смртта ја нарекуваат сон и учат да не се плашиме од смртта, од која дури и царевите се плашат.
Светителот одговори:
- За праведниците смртта е покој, а за вас, неверните и грешни, почеток на вечните маки.
Тогаш царот ги свика своите советници и пријатели и се советуваше со нив со какви маки да го погуби Јаков. Потоа, за заплашување на останатите идолопоклоници, за и тие како Јаков да не отпаднат од својата вера, смисли ваква казна за него. Секој дел од неговото тело засебно да биде отсечен и дробен.
Тогаш џелатите го поведоа на местото на мачењето, а по него одеа многу негови познаници, достоинственици и војници, за да го видат неговото страдање и крај. Кога стигнаа, светителот ги замоли своите џелати да му дадат малку време за молитва. Тој ги крена очите кон небото и се молеше:
- Господи, Боже мој, услиши ме мене, слугата Твој! Погледни од Своите свети висини, и дај ми сила да ги претрпам мачењата и со својата крв да ги искупам своите согрешенија, зашто се одреков од Тебе, Творецот и Владика мој. Сега тагувам поради тоа и се обраќам кон Тебе, мојот Бог, го исповедам Твоето свето име, и својата душа ја полагам за Тебе. А Ти, Господи, испрати ми помош во страдањата мои, да видат Твоите непријатели и да се засрамат, затоа што Ти, Господи, си ми помагал и си ме утешил.
Додека така се молеше му пристапија џелатите, го соблекоа и му ги растегнаа рацете и нозете, говорејќи:
- Што ќе правиш сега, Јакове? Ти нема веќе помош. Наредено ни е да ти го исечеме телото на парчиња. Прстите, рацете, нозете и целото тело од главата до петите, најпосле и самата глава. Затоа размисли што е подобро за тебе. Да се покориш на царската наредба и да останеш жив и здрав или страдалнички да умреш во страшни маки?
Исто така со плач му зборуваа и некои од неговите пријатели:
- Зошто залудно ја погубуваш својата душа? Сожали се, не убивај ја својата прекрасна младост. Исполни ја царевата волја, поклони им се на нашите богови, за да останеш жив. А на својот Бог, ако сакаш служи му тајно.
На тоа светителот рече:
- Не плачете за мене туку за себе и своите деца. Јас заминувам во вечниот покој, а вие ќе отидете во вечните маки. Со касапењето на моето тело ќе ми подготвите неискажано блаженство на небото, а за вас ужасно мачење во пеколот, каде што ќе горите заедно со демоните, на кои сега им се поклонувате.
Еден од царските надзорници тогаш започна да ги тепа џелатите, говорејќи:
- Што стоите и го гледате? Пристапете кон наредбата.
И веднаш еден од џелатите ја фати десната рака на светителот и му го отсече палецот. А блажениот Јаков гледаше во небото и рече:
- Помош моја и надеж моја, Господи Боже! Голем во крепоста, Ти со својот Божествен прст ги бркаш демоните, прими го како гранка од дрво овој мој прст, отсечен со силата демонска и биди милостив кон мене. Зашто од коренот се режат лози, за да се подмладат и кога ќе пораснат многу род раѓаат.
Царскиот надзорник го сожалуваше светителот и му рече:
- Поштеди се, Јакове, и послушај ја царската наредба. Поклони им се на боговите за да останеш жив. Гледаш дека на сите ни е жал за тебе. А за отсечениот прст немој да жалиш. Лекарите ќе те излечат. Само немој повеќе да си наштетуваш и да си ја уништуваш младоста.
Блажениот му одговори:
- Зарем не знаеш дека кога се реже лозата, штом сонцето започне да грее, отсечените места распупуваат и потоа започнуваат да растат и да носат род? Така бива и со верните синови Божји. Насадени во лозјето Божјо и накалемени на вистинската Лоза Господ Исус, Кој рекол: Јас сум лозата а вие прачките (Јн. 15,5), тие сега се обрезуваат со привремената смрт и воскреснуваат во идниот век, каде зеленеат, се украсуваат со неминлива слава и носат плодови на вечната награда.
Само што светиот маченик го заврши својот збор, џелатот повторно му пријде и му го отсече вториот прст. Светителот трпеливо ја поднесуваше болката и рече:
- Прими ја, Господи, и втората прачка од твојата лоза, што ја засади десницата Твоја.
Лицето му беше светло и преполно со радост, како да доживува најголема наслада.
Тогаш му го отсекоа и третиот прст. А тој рече:
- Ослободен од трите искушенија во светот (желбите на телото, желбите на очите и гордоста на животот), јас го благословувам Отецот и Синот и Светиот Дух, и со Трите Момчиња, спасени од огнот, Те исповедам Тебе, Господи, и заедно со ликот на мачениците ќе го воспевам името Твое, Христе.
Кога му го отсекоа четвртиот прст, тој воскликна:
- Ти, Кој примаш пофалба од четири животни, прими го како жртва Твоја и страдањето на мојот четврти прст, отсечен за исповедањето на светото име Твое.
Кога му го отсекоа и петтиот прст, тој извика:
- Настана веселба за мене, како на свадбата на петте мудри девојки. Тогаш мачителот, пред да започне со сечењето на прстите од левата рака, започна да го советува:
- Јакове, поштеди ја твојата душа, исполни ја царската наредба за да останеш жив.
Зарем не е подобро да останеш неповреден и жив, отколку да ги трпиш овие маки и да умреш? Не тагувај што ја изгуби едната рака. Во светот има многу луѓе со една рака, а изобилуваат со богатство и почести и ги уживаат сите богатства на овој свет.
Светителот на тоа одговори:
- Кога пастирите ги стрижат овците, зарем кога ќе ја острижат десната страна ја остваат левата неострижана? Јас сум овца од стадото Христово, која се предала во ваши раце заради Господа. Кога веќе десната рака ми е отсечена, зарем да ја штедам левата? Не, нема да поштедам ниту еден дел од моето тело, и ќе го симнам целото мое гнилежно тело, за да се облечам во негнилежност.
Потоа погледна во небото и рече:
- Јас сум мал и ништовен пред Тебе, Господи! Ти, великиот Бог, си се смалил Себе облекувајќи се во нашето обличје и Си претрпел за нас распнување и крст; а јас, Владико мој, не можам да ги поддржувам Твоите страдања, но сепак се предавам на маки и смрт, за Ти, во времето на општото воскресение да ме подигнеш жив и цел.
Мачителот повторно му пристапи и му го отсекоа првиот прст од левата рака. А тој рече:
- Ти благодарам, сефален Господи, што ме удостои и шестиот прст да ти го принесам Тебе, Кој во шестиот ден и час си ги раширил на крстот пречистите раце Свои.
Потоа му го отсекоа и седмиот прст. Тогаш воскликна:
- Порано мојата уста заедно со пророкот Давид те фалеше седум пати на ден за судовите на правдата Твоја, а денес со седумте прсти отсечени за Тебе, ја прославувам милоста Твоја кон мене.
И му го отсекоа на светиот страдалник и осмиот прст и тој викна кон Господа:
- Господи, Ти според законот прими обрезание во осмиот ден, а јас го примам отсекувањето на осумте прсти, за одвојувајќи се од лукавите и погани луѓе, да се соединам со Тебе, Спасителот мој, и кога ќе преминам од телото, да го видам Твоето пресветло Лице, кое мојата душа толку многу сака да го види, како што жедната кошута брза кон водените извори.
Потоа му го отсекоа и деветиот прст. А тој, воскликна:
- Христе мој, Ти во деветиот час си го предал на крстот духот Свој во рацете на Отецот, а сега јас, со во болки отсечениот мој деветти прст, Ти принесувам благодарност што ме удостои да бидам налегнат заради отсекувањето на моите делови за светото име Твое.
Потоа му го отсекоа и десетиот прст. А тој, фалејќи Го Господа, гласно изговори:
- На десетоструниот псалтир Те опевам Боже, и Ти благодарам што ме удостои да го претрпам отсекувањето на десетте прсти мои, за десетте заповеди на Заветот Твој, испишани на две таблици.
Тогаш некои од присутните царски велможи, пријатели на свети Јаков, горко плачејќи започнаа да му зборуваат:
- Мил наш пријателу, те молиме послушај нѐ, исполни ја царската волја, за да не умреш во страшни маки. За своите прсти немој да жалиш. Искусни лекари можат да те излечат. Само поштеди се, за да не бидеш лишен од овој сладок свет. Имаш огромен имот и можеш да живееш во мир. Да си сиромав би можеле да помислиме дека немаш надеж и корист од животот, кога не можеш да работиш за да се издржуваш. Но, ти си богат и имаш многу злато. Само ако сакаш, можеш преубаво да живееш во сластите на овој свет, и да се веселиш со својата сопруга и мајка си, и милите пријатели. Зошто сакаш душата залудно да си ја погубиш? Кажи само еден збор, покори се на царската наредба и веднаш ќе бидеш ослободен.
Блажениот Јаков погледна во нив и рече:
- Никој не може да им служи на двајца господари, и никој, кој ќе ја стави раката на плугот, па се свртува назад не е подготвен за Царството Божјо. Мојот Господ рекол: Кој сака татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене. И кој не го земе својот крст и не појде по Мене, не е достоен за Мене. Затоа нема да го послушам вашиот совет кој води кон гибелта. Ве молам, не штедете ме, туку постапете со мене како што ви е наредено.
Тогаш мачителите се разгневија, па му го отсекоа палецот на десната нога. А маченикот воскликна:
- Слава Тебе, Христе мој! Тебе не само рацете туку и нозете Ти биле прободени и од нив течеше крв. Те молам, удостој ме и мојата десна нога, на која ѝ пострада отсечениот палец, да застане макар со последните од Твојата десна страна.
Тогаш му го отсекоа и вториот прст, а блажениот продолжи да Го слави Бога:
- Во овој ден, Господи, врз мене се удвоија Твоите милост и сила, зашто со отсекувањето на вториот прст ќе појдам кај Тебе, семоќниот и животворен Бог, Кој ме избавува од вечната смрт.
Кога му го отсекоа третиот прст, го фрлија пред него. Блажеиот со насмевка го погледна и рече:
- Оди, во името на Света Троица, кај своите собраќа и ти, трети прсте. Ти како пченично зрно што паднало на земјата и умрело за Христа, воскреснатиот во третиот ден, ќе добиеш со другите членови од моето тело голема награда на страшниот Суд.
Потоа му го отсекоа и четвртиот прст. Тогаш гласно извика:
- Што се обесхрабри душо моја, и зошто си жалосна? Надевај се во Бога, Кој ме спасува со силата на четворокракиот крст, зашто го исповедам светото име Негово.
Му го отсекоа и петтиот прст и тој продолжи да Го слави Господа Бога, воскликнувајќи:
- Господи, сега ќе започнам да Ти благодарам Тебе, Кој си претрпел на крстот пет рани, и ќе прославувам со Твоја помош, зашто Ти ме правиш достоен на уделот со верните слуги Твои, кои пострадале за Тебе и ги умножиле дадените им пет таланти.
Потоа мачителите започнаа да му ги сечат прстите на левата нога. Кога му го отсекоа малиот прст, светиот маченик извика:
- Биди храбар и ти, мали прсте, шести по ред меѓу отсечените, зашто се надевам во милостивото крепење на мојот Бог, кој во шестиот ден те створи тебе, малиот, заедно со големите, па и тебе ќе те воскресне како нив. Кога ниту едно влакно од главата на човекот нема да загине без волјата Божја, толку попрво ти нема да се разделиш од другите поголеми прсти, туку подеднакво со нив ќе се прославуваш како што и подеднакво страдаш со нив. И му го отсекоа и седмиот прст, а тој гласно викна:
- Разорете ја оваа стара куќа, во која се крие седмоглавата змија, а за мене се подготвува од Творецот, Кој во седмиот ден се одморил од делата свои, куќа неразорлива, неракотворена, вечна на небесата.
Кога му го отсекоа осмиот прст, тој рече:
- Оној, Кој во Ноевиот ковчег спасил осум души од водата, ќе ме спаси и мене, кој ја проливам својата крв како вода. Ете, ми го отсекоа и осмиот прст. И како што наковалната под ударот на чеканот не чувствува болка туку станува уште потврда и поцврста, така и јас не чувствувам болки при сечењето на моите делови. Зашто благиот Лекар, самиот Творец, ме крепи и ми ги олеснува страдањата. Бог, после сите седмици од мојот овоземен живот, кога ќе настане себлажениот осми ден од вечноста, целосно ќе ме возобнови.
Тогаш му го отсекоа и деветиот прст. А тој се молеше:
- Те молам, Боже вистински, утврди ме во трпението, зашто мојата душа се надева во Тебе, Кој си ги утврдил во благодатта Своја и во непогрешливоста Деветте Чинови Ангелски. Удостој ме на стоење со нив пред Тебе и мене, кој претрпев отсекување на овие девет прсти од нозете.
И му го отсекоа на блажениот и десетиот прст. Тој гласно викна:
- Исусе Христе, совршен Боже и совршен човеку, еве, Ти ги принесувам на жртва двете десетки од моите прсти.
Потоа додаде:
- Пресуди ми, Боже, и расправи ја тужбата моја против безбожниот народ (Пс. 42, 1), зашто безбожниците не го поштедија Твоето створение, туку како немилосрдни волци ги растргнаа сите мои делови.
Таму стоеја многу мажи и жени, стари и млади, го посматраа мачењето на свети Јаков и се восхитуваа на неговото трпение. А страдалникот Христов погледна во мачителите и им рече:
- Што стоите залудно? Сечете го дрвото, чии што гранки веќе ги отсековте!
Мачителите му ја отсекоа десната нога, а тој кликна:
- Сега ги принесувам на подарок на Царот Небесен орудијата на моето стоење пред Него, и од љубов кон Него го трпам ова мачење, за мојата отсечена десна нога да стои во Царството Негово.
Потоа му ја отсекоа левата нога. Тој погледна во небото и рече:
- Услиши ме, Господи, зашто е блага милоста Твоја. Ти си Бог, Кој чини чудеса. Направи со мене знамение на добро. Избави ме од стоењето од левата страна.
Потоа му ја отсекоа и десната рака. Тој воскликна, пеејќи:
- Господи, ќе ја опевам милоста твоја за навек; ќе ја јавувам вистината Твоја од поколение на поколение, зашто јасно се исполнија врз мене зборовите Твои: Ако те соблазнува твојата десна рака отсечи ја и фрли ја од себе (Мт. 5, 30).
Тогаш му ја отсекоа и левата рака. А тој рече:
- Нема да Те слават мртвите, Господи, ни оние што слегуваат во адот и се држат на животниот пат од левата страна, односно до неправедните дела, туку ние живите, кои ја отфрламе левата страна, односно неправдата, ќе Те благословуваме Тебе, Господи, од сега и довека.
Потоа му го отсекоа десното рамо. А тој рече:
- Фали Го, душо моја, Господа! Ќе Го фалам Господ додека сум жив; ќе Му пеам на мојот Бог додека постојам (Пс.145, 1-2). Зашто Оној, Кој ја нашол изгубената овца ја кренал на Своето рамо, и ја поставил од десната страна на Себе.
И му го отсекоа и левото рамо. А тој рече:
- Непријателите ме опколија од сите страни. Но, Господ е помошник мој и пофалба моја. Негова е власта на рамото, Бог е мој Спасител. Бог нема да допушти јас, кој го претрпев отсекувањето на левото рамо да скршнам на лево, во власта на темнината.
Потоа му ги отсекоа колената. Од страшните болки светителот викна:
- Господи, Боже мој, Ти им помагаш на оние што Ти се бојат и на Тебе се надеваат. Помогни ми и мене, слугата Твој, зашто ме обзедоа смртни болки.
Кога го слушнаа тоа, мачителите му рекоа:
- Нели ти велевме дека ќе доживееш страотни мачења и ужасни болки? Но, ти не ни поверува.
А храбриот страдалник им одговори:
- Зарем не знаете зошто почувствував болки? За да се обелодени дека сум телесен. До сега, со помош Божја, јас не ги чувствував мачењата, како да сум бестелесен, а сега, чувствувам природни болки и се покажувам телесен. Но, Господ наскоро ќе ме облече во ново тело, кое вашите орудија за мачење нема да можат ниту да го сечат ниту да го мачат.
Сите овие мачења на свети Јаков од страна на неговите мачители траеја од утрото до три часот попладне, и за тоа време од неговото тело излегуваше силно благоухание. Кога најпосле престанаа да го мачат војникот Христов, кој со своето страдање го победи ѓаволот, воскликнуваше кон Бога:
- Свет си, Свет, Свет, Боже Седржителу, Оче, Сине и Свети Духу, фален од Херувимите, славен од Серафимите, прославуван од сите Небесни Војски и обожуван од секое живо суштество. Погледни на мене, Боже на живите и мртвите, и услиши ме мене, одвај живиот. Ете, отсечени ми се сите делови, и моето тело лежи како мртво со сосем малку живот во себе. Јас немам нозе, на кои би можел да стојам пред Тебе, Господи; немам раце, кои би ги пружил на молитва кон Тебе, Владико; немам колена, на кои би паѓал со метанија пред Тебе, Творецу мој; отсечени ми се рацете, нозете, рамењата, колената и јас сум фрлен пред Тебе, Севидливиот, како растурена куќа, како дрво без гранки. Затоа те молам, Човекољупче, не оставај ме до крај, туку извади ја душата моја од темницата.
Додека светиот маченик така се молеше, еден од присутните зеде нож и му ја отсече чесната глава. Така свети Јаков го заврши својот подвиг на мачеништвото и ја предаде својата света душа во рацете Божји. А неговото чесно тело, распарчено лежеше на земјата до ноќта. Тогаш дојдоа благоверни луѓе, ги собраа сите делови од искасапеното тело и ги погребаа заедно со преостанатото тело, славејќи го Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ: СЕДУМНАЕСЕТ ИНДИСКИ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ
Овие свети Преподобномаченици беа христијански монаси. Пострадаа од индискиот цар Авенир. Разлутен на старецот Варлаам што му го крсти синот Јоасаф, царот Авенир испрати потера по Варлаам. Потерата не успеа да го фати него, но успеа да фати други седумнаесет монаси, кои ги доведоа пред царот. Тој ги осуди на смрт, но најпрвин им ги избодеа очите, им ги отсекоа јазиците, им ги сокршија рацете и нозете и ги посекоа со меч. Но, со крвта на овие витези Христови уште повеќе се утврди верата Христова во Индиското царство.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ РОМАН
Блажениот Роман се родил во градот Рос, близу Киликија. Кога тана полнолетен, тој се затвори во мала ќелија, во околината на Антиохија. Во својата ќелија никогаш не палел оган ни свеќа. Се хранеше само со леб, сол и вода, и тоа во сосем мали количини, колку да се одржи во живот. Носел само власеница, а под неа тешки синџири. Заради таквите подвизи преподобниот Роман се удостои од Бога на дарот на чудотворството. Со благодатта Божја исцелувал од разни болести. Многу заблудени извел на патот на спасението, кој води во Царството Божјо. Доживеал длабока старост и мирно отишол кај Господа. Бил чудотворец и за време на животот и по претставувањето. Им помага на неплодните жени кога му се молат.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПИНУФРИЈ
Татковина на преподобниот Пинуфриј беше Египет. Беше свештеник и игумен на општожитието близу градот Панеф. Современик е на свети Јован Касијан и голем египетски подвижник. Живеел во четвртиот век и се подвизувал на разни места, постојано бегајќи од човечките пофалби. Прво се сокрил во Тавенитскиот манастир, облечен во световна облека, но по три години го препознал еден негов ученик и тој се вратил во својот манастир. Повторно побегнал во Палестина од истите причини. Од таму се вратил во својот манастир и се подвизувал пристојно. Се прослави со длабокото смирение, послушноста и духовната мудрост. Имал многу ученици, кои се труделе да го поддржуваат возвишениот пример на својот учител. Се упокоил во мир.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НАТАНАИЛ
Бил монах отшелник, се подвизувал на Нитриската Гора во Египет. Деноноќно Му се молел на Бога и просветувал на размислување за Божествените работи. Не излегол од својата ќелија, дури не го пречекорил ни прагот, полни триесет и осум години. Се упокоил во Господа во втората половина на четвртиот век, околу 375 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈАКОВ, епископот Ростовски
Свети Јаков беше родум од Ростовската област. Рано се замонашил и заради својот подвижнички живот беше избран и поставен за епископ Ростовски, при митрополитот Пимен и великиот кнез Димитриј Јоанович Донски. Кратко време беше епископ во Ростов и го напушти местото од следната причина.
Една жена беше фатена во грев. Ростовскиот кнез и бојарите ја осудија на смрт. Во својата неволја таа прибегна пред нозете на ростовскиот архипастир Јаков, молејќи го да ја спаси од смрита. Свети Јаков се сожали на неа, според примерот на Господ Христос, Кој не ја осуди доведената пред него блудница, не ја предаде жената осудена на смрт, да се изврши смртната казна над неа, туку ѝ одреди специјално место за покајание, до крајот на нејзиниот живот. Поради таа постапка ростовскиот кнез и граѓаните многу се разлутија и го избркаа својот добар пастир од престолот.
Свети Јаков го напушти градот и дојде на брегот на Ростовското Езеро, ја соблече архиерејската мантија, ја положи врз водата, се прекрсти, застана на неа и тргна по езерото. Помина така околу два километри надвор од градот и излезе на брегот, на местото каде денес се наоѓа Јоковлевскиот манастир.
Ова необично чудо ги запрепасти кнезот и народот. На сите им стана јасно дека неправилно постапија со својот архиереј. Затоа го молеа да им прости, и со солзи го молеа да се врати. Незлобив и кроток, светителот им го прости тешкиот грев, но одлучно одби да се врати на престолот.
Крај езерото, на местото каде свети Јаков излезе на брегот, си направи една колиба и живееше во неа. И сите што го почитуваа, а ги имаше многу, се собираа околу него, за да живеат покрај него под неговото духовно раководство. Затоа изгради ќелии за браќата, а потоа и црква во име на зачнувањето на света Ана. Во тој манастир свети Јаков и ги заврши деновите на својот живот.
За време на неговото епископство, во Ростов се појави еретик по име Маркијан, кој учеше дека не треба да им се поклонуваме на светите Икони, нарекувајќи ги идоли. При тоа тој сееше и други безбожни мисли. Со својата красноречивост и книжевна ученост го привлече вниманието на Ростовскиот кнез, бојарите и народот. Меѓутоа светителот ростовски Јаков, во присуство на кнезот и народот, одржа со еретикот јавна расправа и ја обелодени и изобличи лагата на неговото учење, така што еретикот посрамен го напушти градот.
Чесните мошти на свети Јаков почиваат во манастирот основан од него, кој во негова чест се нарекува Јаковлевски.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ДИОДОР ЈУРЈЕГОРСКИ
Роден е во Олонецкиот округ. Во младоста се замонашил во Соловецкиот манастир. Многу ја сакал осаменоста и често се повлекувал од манастирот на еден пуст остров и останувал таму по неколку дена. Еднаш преподобниот Диодор помина на островот осамен 40 дена, а не беше понел со себе ни облека ни храна. Тогаш толку се беше истоштил и браќата го најдоа одвај жив. Кога го пренесоа во манастирот, тој се причести со Светите Тајни и неговото здравје се подобри. Подоцна преподобниот Диодор основаше манастир во име на Света Троица, на триесетина километри од градот Олонц, крај гората Јурјев. Се упокои во 1633 година. Неговите свети мошти почиваат во неговиот манастир.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПАЛАДИЈ
Беше родум од Солун. Се подвизуваше во Александрија кон крајот на шестиот и почетокот на седмиот век.