11. Декември   (28. Ноември)

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ 15 ТИВЕРИОПОЛСКИ МАЧЕНИЦИ: епископите: ТИМОТЕЈ и ТЕОДОР; свештениците: ПЕТАР, ЈОВАН, СЕРГИЈ, ТЕОДОР, и НИКИФОР; ѓаконите: ВАСИЛИЈ и ТОМА; монасите: ЈЕРОТЕЈ, ДАНИИЛ, ХАРИТОН, СОКРАТ, КОМАСИЈ, ЕВСЕВИЈ и ЕТИМАСИЈ.

Псалмопевецот и пророк Давид опеал: „По сета земја се разнесе нивниот глас и нивните зборови дури до краиштата на светот“ (Пс. 18, 5). Ова е проречено и за овие свети луѓе, чии што имиња се запишани на небесата. Откако царот Константин Велики ја предаде својата блажена душа во рацете на Господа, неговите синови уште поревносно ги продолжија неговите христољубиви дела. Но, во 361 година, по смртта на Констанциј на негово место дојде неговиот внук Јулијан, кој потоа стана голем Христов противник и го доби прекарот Отпадник или Отстапник. Тој беше син на Јулиј Констант, брат на Константин Велики. Но, злочестивиот тиранин Констанциј дозволи да се убие неговиот чичко Јулиј Констант (Јулијановиот татко) и целото негово семејство, освен двата сина: Гал, кој умре од природна смрт и надарениот Јулијан, кој уште од младоста го подготвуваше за духовен водач. На крајот од својот живот, бидејќи немаше свој наследник, Констанциј го постави за престолонаследник Јулијан. Се разбира дека Јулијан во своето срце тајно го мразел Констанциј и сите негови постапки. За задоволување на својот гнев, утеха наоѓал во грчката митологија и философија, и многу ѝ се восхитувал. Неговите учители незнабошци во него ја подгревале љубовта кон класичното паганство и му всадувале омраза спрема новиот поредок, односно против христијанството и Божјата Црква.

По ненадејната смрт на Констанциј, тој во својата триесетта година дошол на престолот. Само што станал цар, Јулијан ја симнал маската и започнал да се противи на поредокот основан и утврден од Константин Велики и неговите христољубиви наследници. Започнал да го обновува паганството, оспособувајќи го за борба против христијанството, чија што моќ не ја потценувал. Пред сѐ, тој незнабоштвото го чистел од сѐ што е неморално во него и му внесувал христијански елементи. Започнал да го издига култот на жреците, при што собрал доста истомисленици и приврзаници. Меѓу нив имало и христијани, алчни за овоземната власт. Бил лукав и не ги прогонувал христијаните како неговите претходници Трајан, Диоклецијан, Нерон и други, бидејќи знаел дека пролиената крв станува семе за нови христијани. Сепак, индиректно систематски се трудел да го уништи христијанството. Христијаните, кои биле на јавни служби, ги заменувал со свои истомисленици и им забранувал да бидат учители по класична литература и философија, велејќи им:

„Вашиот Павле рекол дека човечката мудрост пред Бога е лудост“.

Им ги одземал на црквите имотите и сите нивни привилегии. Им се потсмевал дека не треба да имаат богатства на земјата, зашто со нив тешко се влегува во царството Божјо. Ако пак христијаните се жалеле по судовите, го добивале одговорот:

„Блажени се оние што поднесуваат неправда оти ќе се наситат“.

И тој, како и останатите, за време на Великиот Пост, сета храна по пазарите и лебот по фурните ги попрскувал со идоложртвена крв. Христијанството го прогласил за јудејство кое се откажало од своето потекло. Христос го нарекол лекар, Кој ни од далеку не му е рамен на Ескулап. Христијанскиот поредок и уредување велел дека не се полезни за човештвото и говорел: „Читав, се осознав и осудив“. За поткрепа на своето непријателство напишал една списа-апологија против Христа, со наслов „Против Галилеецот“, во три книги. За да му наштети на православното учење ги повикал сите еретици од прогонство и им ги вратил функциите. И не само тоа, туку и јудеите ги поттикнувал против христијаните, ги советувал да го оспоруваат доаѓањето на Христа и пророштвата за Него. Им дозволил и им помагал да си го обноват Ерусалимскиот храм, во што не успеале. Еднаш бура го разрушила изграденото, втор пат земјотрес го урнисал, а третиот пат од оган изгорел, така што до ден денешен останале само ѕидини. Во втората година од своето владеење Јулијан во битката со Персијците бил убиен од непознат војник (од свети Меркуриј по молитвите на свети Василиј Велики, а со наредба на Пресвета Богородица). Додека умирал својата пролиена крв ја фрлал кон небото, и од омраза кон Христа на крајот извикал:

„Победи, Галилеецу!“

Во своето житие, блажениот Теофилакт пред да започне да пишува за светите Петнаесет Тивериополски Маченици, опишува случаи на жртви од Јулијановиот гнев. Тој зборува за измачувањето на еден христијанин Марко од Аретуса, кој разрушил идолски храм, и бил подложен на тешки измачувања, така што најпосле бил даден на децата за играчка. Јулијан бил непријателски расположен спрема христијанските епископи. Особено голема омраза имал кон Александрискиот архиепископ Атанасиј, поради неговата ревност во заштитата на Православието. Потоа зборува за двајца мажи од Македонија, Теодул и Татјан, кои влегле во идолскиот храм и го обезличиле. Тамошниот началник под сомнение заробил многу христијани и ги измачувал. Но, Теодул и Татјан сфатиле дека е неблагодарно и погубно за душата ако се кријат, а други за нив да страдаат. Затоа се пријавиле како сторители на делото и неправедно осудените биле ослободени. Мачителите се чуделе како христијаните, од жал за своите браќа, доброволно се пријавуваат на страдање. Се прашувале какво ли е тоа учење. Истите биле подложени на усвитени железни легла. Но, без страв од маките за Христа, тие им рекле на тираните:

„Началници, ако сакате добро да ви биде испечено месото, подобро би било да го свртите и на другата страна, оти не ќе ви биде доволно вкусно“.

На друг христијанин стомакот му го распрале и со жито му го наполниле. Патем пуштиле изгладнети свињи да се нагостат од таквата трпеза.

Таквите потресни глетки и случувања биле секојдневна појава во Јулијановата империја. Началникот на градот Никеја разгласил по целиот град, сите кои што Му се поклонуваат на Распнатиот да ја сменат верата и да им принесат жртви на идолите, зашто во спротивно ќе бидат подложени на најразлични и неподносливи измачувања. Следниот ден началникот ги собрал сите граѓани во театарот. Пред строго да им се закани, употребил ласкав говор:

„О мажи и жени, гледам дека сите сте сериозни и благоразумни луѓе, и не верувам дека ќе тргнете по малоумноста на Галилеецот и ќе Му се поклоните на човекот, кој пред неколку години, во времето на Понтиј Пилат, беше осуден на смрт и распнат. Туку чујте и сфатете ја царската наредба и еден по еден сите принесете им жртви на човекољубивите богови. Така ќе станете пријатели со богољубивиот цар“.

Многу од собраните го послушале царот и биле удостоени со почести и подароци. Но, оние што одбиле, исповедајќи Го Христа, извикале:

„Ние не се одрекуваме од вистинскиот Бог. Нашиот Бог е над сѐ, низ сѐ и во сѐ, еден на небото и на земјата“.

Одговорот на тираните биле силната омраза, невоздржливиот гнев и ужасните страдања, маки и смрт, на кои што ги подложувале. Од тоа едни се разбегале по горите и пустините, други се распрснале по разни места и откако ја презреле својата родина, ги оставиле имотите, домашните и пријателите, за да Го стекнат Христа, Царот над царевите.

Среде тој благословен народ се наоѓале славните мажи Тимотеј и Комасиј (Етимасиј). Тие повеќе не можеле да го гледаат идолопоклонството, па ја напуштиле Никеја и се населиле во Солун. Во Тивериопол слободно го сееле словото за Христа во душите на граѓаните. Тимотеј станал епископ на Тивериополската црква и со тоа свеќата била поставена на свеќникот (Лк. 11, 13). Комасиј бил војник, кој ја оставил војничката облека и се облекол во монашката риза, односно облеката на светлината (Рим. 13, 12). Негова задача било да го проповеда Евангелието по Тивериополските села. Евсевиј бил вброен во црнорисците и како монах водел чист и праведен живот во Христа Бога. Се чувал од среброљубието како од оган и тоа малку што го имал им го раздавал на сиромашните. Затоа со право бил наречен „Татко на сиромасите“. Епископот Теодор бил еден од 318 блажени богоносни Отци од Никеја. И така се исполнило реченото од Господа Христа:

„Не може да се сокрие градот што е изграден на врвот на планината“.

Струмичките Светители се труделе да живеат тивко и незабележително. Но, се случувало спротивното. Тие им станувале познати на љубителите на добрината. Многу гладни нахраниле и многу жедни напоиле. Меѓу луѓето што поитале кај Светителите од Тивериопол биле и месните граѓани Петар, Јован, Сергиј, Теодор и Никифор. Тие биле ракоположени за свештеници. По нив пристапиле и Еротеј, Данил и Харитон. А пак Сократ бил одличен војник, кој им го оставил војничкиот појас на своите другари и станал еден од тивериополските ѕвезди. Петнаесетте благочестиви проповедници, собрани на едно место, живееле вистински ангелски живот. И дење и ноќе се поучувале во законот Господов. Толку сложно живееле, така што ги исполниле зборовите на пророкот Давид: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат еднодушно“ (Пс. 132,1). Откако ги просветиле непросветлените во Тивериопол и околината, ги исцелиле и нивните душевни болести, исполнувајќи ги Христовите зборови: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Мт. 10,8).

Но, нема ништо тајно што не ќе стане јавно. По некое време веста за нив се разнела на сите страни. За нивниот благочестив и богоугоден живот се зборувало насекаде, па дури и во Солун. За тоа дознале и Јулијановите намесници Валент и Филип. Слушнале дека благочестивите свештеници го придобиле цел Тивериопол заедно со селата, облекувајќи ги луѓето во облеката Христова. Слушнале дека не се исполнува царската заповед, идолите не се почитуваат и жртви не им се принесуваат. Отпрвин Валент и Филип мислеле да испратат полк беспримерни војници, заповедници и мачители, но се предомислиле и решиле лично да појдат во Тивериопол и да ја изразат својата ѕвероподобност и дивјаштво на дело. Штом стигнале во градот, веднаш се упатиле кон светата обител, каде што светите Петнаесет свештенослужеле, тихувале и се подготвувале за големиот ден на нивниот овоземен живот, односно за мачеништвото. Валент и Филип наредиле да им се подготват литострони, за со царска чест да седат и да судат, и погледот кон нив да биде застрашувачки, а нивниот збор чуен до меѓите од ѕидините на градот. За кратко време свештениците биле донесени. Началниците ги прашале:

- Знаете ли дека има царска наредба, целата вселена да им се покорува на идолите и ним служба да им принесува? И како тоа само вие се правите многу мудри и не ја почитувате најголемата царска заповед? Почитувате човек, роден во Палестина од сиромашна жена, кој потоа настрада како разбојник на крст, и со тоа мислите дека сте побожни?

Без најмало двоумење, светите им рекоа:

- О, началници и судии, нели требаше пред непристрасни судии да одговараме на вашите прашања? Но, бидејќи вие сте и обвинители и судии, јасно е дека лагата ќе стане вистина. Иако е така, ние велиме вака: целата вселена ја прими и ја призна чистата и непорочна вера во Христа, а науката и религијата на Елините ја смета за лажноимена, ја смета за потсмев и плука на неа и се гнаси од неа. Зевс бил прељубодеец и грабач, бил измамник и измамуван, бил врзан и плачел, па и покрај сето тоа вие му се поклонувате како на бог. А вашите философи учеа дека од поетите богови се наречени: огнот, земјата, сонцето и месечината. Зарем ним да им се поклонуваме? Вие, на кого повеќе би му се поклонувале, на створението или на Творецот? А за царот, што да кажеме. Тој се откажа од Христа, вистинскиот Бог, и стана отстапник од верата. Тој повеќе не е достоен да го почитуваме. Како што тој отстапи од Господа Христа, така и ние отстапуваме од него. Тој се откажа од Бога и Бог се откажа од него. Ние и само еден ден да живееме, никој не ќе може да не раздели од љубовта кон Христа, оти преку Него живееме и се движиме (Д.А. 17, 28). Христос е нашиот вистински Цар и кога ќе помислиме на Неговата закана, во ужас стоиме и страв нѐ обзема, зашто Бог рече: „Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен и пред Неговите свети ангели“ (Мт. 10,33).

Тогаш тираните ги прекинале нивните кажувања и ги прашале:

- Ќе им принесете ли жртви на боговите или не?

Светите одговориле:

- Не. Никако.

Од таквиот краток одговор ѕвероподобните Валент и Филип веднаш ги осудиле на смрт, сечејќи им ги главите како созреано класје. Додека мачителите безмилосно го вршеле тоа, Петар им се противстави и извика:

- О, непријатели на вистината, тирани и ѕверови, ние радосно одиме кај Христа, но каде ќе одите наскоро вие и вашиот цар?

Кога го слушнале тоа, мачителите наредиле да го соблечат, да го положат на земјата и да го тепаат со стапови, да му ги отсечат рацете и најпосле со меч да го прободат. Кога било извршено тоа, рацете му ги фрлиле на кучињата. Но, една жена христијанка, која била слепа од раѓање, додека собирала суви гранки во близина, наишла на раката од преподобниот Петар, ја зела, ја завиткала во својот скут, ја однела дома, ја целивала, ја прегрнувала, се молела, ја допирала до своите очи, барајќи исцеление за нив, и одеднаш видот ѝ се отворил и та прогледала. Солзи радосници потекле од нејзините очи и таа за прв пат во својот живот ја видела сончевата светлина и со висок и храбар глас сето тоа го објавила пред Тивериополскиот народ. По неколку дена таа ја зела раката и отишла во големиот град Солун. Имала намера оваа скапоцена светиња да ја положи на чесно место. Го нашла сечесниот храм на преподобната маченица Анастасија и таму ја положила. Истата чудотворна рака подоцна пак е вратена во Тивериопол, и сѐ до 1913 година се наоѓала во храмот на светиот великомаченик Димитриј во Струмица. Истата година, со повлекувањето на дел од народот во Солун и Кукуш, раката била однесена во Кукуш, каде што има изградено храм, посветен на светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици и засега чудотворната рака се наоѓа таму.

Постои предание дека еден од светителите е убиен во близина на селото Куклиш, каде што исто така постои импровизиран гроб и над него е изграден мал храм, посветен на светите Петнаесет Свештеномаченици.

По завршувањето на својот живот, на 28 ноември 362 година, нивните тела многу денови стоеле расфрлани, за да бидат изедени од ѕверовите и кучињата, без достојното погребение, пропишано во христијанските обреди. Но, семоќната десница на Оној Кој сѐ гледа, сѐ слуша и сѐ знае, ги сочувал неповредени и недопрени. Оние што ги надгледувале многу Му се восхитувале на Христа Бога. Сепак, никој не се осмелувал да пристапи и да ги удостои со погребение, плашејќи се од жестоките гонители Валент и Филип. Откако тие си заминале за Солун, христијаните се охрабриле, се собрале, ги зеле со почести чесните тела на светите Маченици и како што му доликува на законот Господов, ги извршиле сите служби над нив. Со запалени свеќи и кадилници ги положиле во Тивериопол, секого во посебен ковчег, на кој што било напишано името на секого од нив, каков живот живеел и каков лик имал во Христа.

По изминати долги години еден насилнички народ на име Авари (Обри), доаѓајќи од југ во Тивериополските краишта, опустошиле многу други градови, без да го поштедат и градот на светите Свештеномаченици.

Многу од жителите тогаш пострадале, така што едни со меч биле убиени, други заробени а пак убавите згради и храмови биле срамнети со земјата. Тогаш за среќа ковчезите останале затрупани со земја, така што останале непознати за извесно време.

Непосредно со заминувањето на Обрите, во тие краншта започнал да напаѓа бугарскиот хан Крум. Во еден од тие напади, покрај останатите ромејски градови бил освоен и Тивериопол. Кога го делеле пленот од освоените градови, на крумовиот син Обратак му се паднало едно момче на име Кинамон. Тоа момче сите го посакувале, бидејќи по надворешната и внатрешната убавина било многу возљубено од својот господар и останатите, зашто сите ги надминувало во сѐ.

Но, на господарот му причинувало жалост тоа што момчето било христијанин. Затоа варваринот на сите можни начини се трудел да го одврати од Христа. Еднаш подготвил весела трпеза, на која што го поканил и Кинамон. Но, тој, поучен од свети апостол Павле дека Христос и Велијар не се во согласност, одбил да јаде од приредената идолска трпеза. Господарот бил настојчив во својата намера, но Кинамон отворено открил и исповедал дека е човек кој не ги почитува боговите, па дури и дека ги смета за демони. Господарот не можел да го поднесе тоа и разбеснет наредил да го тепаат безмилосно и да го фрлат во темница. Таму момчето останало сѐ до смртта на Орбитак. Но, како и сите смртници дошол денот и Орбитак да умре. Го наследиле неговите три сина Енраволта, Звиница и Маломир. Маломир ја наследил власта од татка си. А пак Енраволта, кој бил истакнат воин, по Божја промисла испратил до братот Маломир порака да се грижи за христијанинот Кинамон. Тој подоцна го извадил од темницата и го испратил кај брата си Енраволта, кој не можел да го препознае од затворските измачувања. Кинамон му рекол:

- Ако телото така ми се распаѓа и е подложно на гниењето и станува храна за црвите, тогаш колку повеќе гние надворешниот човек толку повеќе се обновува внатрешниот и полесно може да лета кон небесата.

Енраволта го прашал:

- Зошто беше ставен во затвор?

Тој му одговорил:

- Причината, господару, за моите страдања е верата во Господа Христа, а тоа што го претрпев за верата не го сметам за страдање туку за големо задоволство и радост.

Тогаш Енраволта, погоден од стрелата на љубовта кон Христа и привлечен од смирениот Кинамон, поверувал, се крстил и се предал на пост и молитва. Но, кога дознал за тоа брат му Маломир, веднаш го повикал кај себе, со закани веднаш да се откаже од Христовата вера. По упорното одбивање Енраволта бил обезглавен, при што изрекол неколку пророштва: дека наскоро по целата бугарска земја ќе се слави името на Севишниот и дека наскоро неговиот брат Маломир ќе биде обезглавен од српот на Божјата правда. Така и се случило. По неговото тригодишно владеење престолот го превзел Звиница.

По извесно време на престолот дошол благочестивиот Борис. Во тоа време државата страдала од многу неволји. Од една страна била напаѓана од Франките, а од друга земјата ја зафатил голем глад. Но, сето тоа благоразумниот Борис го сфатил како опомена на Божјиот камшик. Така Борис испратил послание до цариградскиот император Михаил, со намера да склучи договор за мир и да заживеат тивок и безгрижен живот во секое благочестие и чесност. А како гаранција ветил дека тој и неговиот народ ќе се покрстат. Побарал од Михаил свештеници, кои што ќе го извршат покрстувањето. Новокрстениот цар решил да го прими името на неговиот соперник Михаил. Таа вест од цариградскиот кнез била примена со изненадување и радост.

Од тогаш биле поставени епископи и многу свештеници. Биле ракоположени за просвета на јазичниците и за спасение на народот, кој дотогаш лежел во сенка смртна, а сега ја видел светлината Христова. Од тогаш старите разрушени храмови започнале да се обновуваат и со царувањето на Михаил завладеал спокој. Поживеал така триесет и шест години и тешко се разболел. Сепак, тој не престанал да Му благодари на Бога, велејќи:

„Добро ми е што пострадав, за да се научам на Твоите заповеди“ (Пс. 118, 81).

Во тоа време се појавиле „две несогорливи капини“. Едната бил свети Герман а втората светите Петнаесет Чудотворци. За вторите гласот стигнал и до благочестивиот цар Михаил. Тој, како ревносен за Бога и божествените работи, му заповедал на својот набожен болјарин Тарадин да изгради храм за светите Петнаесет светила. Тарадин го сторил тоа. Дошле во Тивериопол и откако застанале на местото на кое се случувале чудесата од Светите, со солзи се помолиле и започнале да ја раскопуваат земјата. По долго копање стигнале до ковчезите. Биле покриени со мермерни плочи на кои било испишано името на секој од Светиите, нивниот надворешен изглед, начинот на живот, чинот и цртите на лицето. Кога ги откриле ги понеле за да ги однесат во Брегалница и повторно да ги покријат, Ги завиткале во чисти плаштаници, ги положиле во нови сандаци, и повторно долго и срдечно се помолиле на прекрасниот во светиите Бог, просејќи од Него милост.

Додека се молеле и се подготвувале да ги понесат светите мошти, еден од чтеците, чиј што јазик од болест бил врзан долго време, се приближил до народот за да види што се случува. И тогаш му се разврзал јазикот, па се стрчал како избезумен и исплашено силно викнал:

- Јас прозборев, браќа! Јас зборувам!

Кога народот видел дека преку моштите се пројавува Божјата сила, се нафрлиле врз ковчезите, целивајќи ги и прегрнувајќи ги, и не сакале да се разделат од нив. Понесувањето и преместувањето на светите мошти од страна на болјарот и епископите предизвикало страшен револт кај граѓаните на Струмица. Тие со сите сили настојувале да го спречат нивното изнесување. Доброволно се предавале на разни казни, па дури и на смрт, но не дозволувале да им се одземе ова скапоцено богатство.

Тие говореле:

- Нема да дозволиме пред наши очи да се разграбува нашата духовна ризница. Ние немаме друго посвето место од ова.

Додека го зборувал тоа, народот станувал сѐ подрзок и нетрпението растело, како оган запален од мала искра. Болјарот со епископите одвај успеале да го смират, велејќи:

- Браќа, христољупци, внимавајте со вашата дрскост да не го разгневите досега кроткиот и благ цар. Не правете од ова Божјо и свето место гробница на пролиена крв и бесмислено осквернување.

Но, кога виделе дека нема добра волја да се предадат светите мошти, туку само минувало времето, се согласиле да земат само три Светии од поважните: Тимотеј, Комасиј и Евсевиј, а останатите ги оставиле.

На околу десетина километри пред Баргала, ги пресретнал еден хром човек со искривени нозе, кој на сиот глас извикал:

- Смилувајте се на мене, угодници Божји, ве чекам да ве пресретнам за да си спомнете за мене, бидејќи многу страдам од оваа болест!

Откако го рекол тоа хромиот со силен плач и големо ридање, во истиот час, благодатта Божја слегна врз него. До тогаш ковчезите со Светиите биле лесни за носење, но при таа случка тие толку отежнале, така што носачите повеќе не можеле да ги носат. Човекот со искривени нозе се наведнал над нив и додека со умиление ги прегрнувал, за момент почувствувал дека нозете му добиваат природна сила и движење. Штом оздравел, тој започнал да Го слави и благословува Бога, велејќи:

- Господи, Ти ја покажа својата чудна милост, спасувајќи ги оние кои се надеваат на Тебе (Пс. 16, 7).

Откако свештениците и овде Му принели долги молитви на Господа Христа, повторно се зафатиле да ги носат ковчезите. Сега тие пак биле лесни како и порано. По славословието и молебното благодарење, стигнале во Брегалница. Откако ги извршиле сите потребни служби, ги поставиле Божествените ковчези на десната страна од храмот, посветен на светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици. За тој Божествен храм биле одредени специјални презвитери (клир) што го познавале славјанскиот јазик.

По четири години синот на Борис, Симеон, му заповедал на болјарот Дистрос да ги пренесе моштите во храмот на свети Сократ и Теодор. Така тие биле положени таму. На останатиот дел од светите мошти им се губи секаква трага.

Всушност за создавање и издигнување на епископален и духовен центар во тогашната бугарска држава несомнено голем придонес дал македонскиот првосвештеник свети Климент Охридски. За таа цел претходеле осмислени и организирани подготовки. Таков центар во тој временски период требало да стане градот Брегалница. Во 893 година епископската катедра ја возглавил свети Климент. Но, за епископијата да почива на цврсти основи било потребно во градот да има храм, во кој ќе почиваат свети Мошти на Божјите угодници. Познато е дека култот на маченикот (мачениците) се чува и негува во градот во кој маченикот пострадал. По правило тој е многу почитуван од христијаните. Струмичките маченици загинале во втората половина на четвртиот век, како проповедници на Христовата вера. Тие биле чесно погребани на гробиштата надвор од градот. Нивните гробови биле одбележани и многу почитувани од народот. По нивната смрт била изградена голема црква базилика или мартириум, во чиј централен дел се наоѓа големата гробница со претставите на светите Петнаесет Светители, која претставува жив сведок и археолошки белег на тоа време.

Големото значење на струмичките маченици се гледа од големото царско залагање моштите да бидат пренесени од Струмица во Брегалница, а со тоа да биде соѕидана и осветена нова катедрална црква. Струмица во доцниот антички период претставувала едно од поголемите епископски седишта северно од Солун и мошне значаен центар за покрстувањето на областите југоисточно од реката Вардар. А сето тоа придонело Струмица во словенскиот период да ја продолжи старата традиција на градот како мошне значајно епископско седиште.

По ова се гледа дека градот Струмица според примерот на големите христијански центри станал град на Мартирите. Во таквите центри во прв ред се славеле мачениците кои загинале во тој град или во неговата блиска околина, а над нив се подигнале храмови мартириуми. Меѓутоа во ваквите центри се почитувале и славеле и реликвиите на прочуените мартири загинати за верата и за нив често пати се подигале посебни цркви. Понекогаш храмот бил подигнат на Господов празник, а го носел името на моштите чиј светител почивал таму. Ваквите реликвии или прочуени маченици претставувале голема драгоценост за самата црква, за градот и за целото епископско седиште, по што постоело големо интересирање за поседување на таквите свети мошти, каков што е случајот со моштите на светите Петнаесет во Струмица и новата епископија Брегалничка.

На светите Петнаесет, загинати за Христовата вера, во Струмица им се давало особено значење, бидејќи пострадале во самиот град каде што се и погребани нивните тела. Според преподобниот Теодорит, за славењето на маченикот поголемо значење има неговото сочувано тело и познавањето на неговото житие, отколку поседувањето на реликвии од помала вредност. Тоа го потврдуваат свети Григориј Назијански, свети Павлин и други, укажувајќи дека некои цркви поседуваат само честици од некои маченици, прогласени од црквата за Светители.

Пренесувањето на светите мошти од Струмица во Брегалница и поставувањето во новиот храм, Брегалница ја збогатило и афирмирало пред Соборната и Апостолска Црква. Со тоа Брегалница станала голем црковен центар, и средиште на поклоници од Македонија и сета православна икумена. Со овој обмислен потфат се поставени темелите на самостојната црковна организација на словените, и е поттикнат понатамошниот процес на христијанизација на македонските простори. И разбирливо со ова Брегалница станала репрезентативен црковен центар, збогатен со името Мартириоподис. А тоа ја покажува големината на црквата, раскошниот план на објектот и нејзиното внатрешно уредување. Со тоа во брегалничкиот регион отпочнува нова епоха. Започнува интензивно покрстување на словените и нивното образование со словенските букви. За тоа дека било така подоцна сведочи одржувањето на црковниот собор од Стефан Душан во Крупиште, во 1355 година. Значи, покрај Охрид и Струмица, Баргала станала трет црковно мисионерски центар во христијанизацијата и просветлувањето со вода и Дух Свети, и останатите нехристијанизирани словени се преобратиле во граѓани на небесниот Ерусалим.

Несомнено богослужењето во катедралниот храм било извршувано на словенски јазик. Со тоа било полесно и сосема разбрано евангелското учење. Тој принос го изведувал исклучиво клирот, обучен во првиот словенски универзитет на свети Климент во Охрид.

Свети Теофилакт Охридски во житието напишано за време на своето архиепископство во Охрид опишува повеќе од дваесетина чуда. Секое за себе е веродостоен чин и Божјо дело извршено по заслугите на светите Божји угодници и како лек и утеха за нашите духовни и телесни немоќи. Интересни се чудата при допирот до моштите, кои се случувале кај телесно болните, а особено кај душевно болните. Преку големата благодат Божја и по молитвеното застапништво на светите Тивериополски Светии, во времето на Источното Римско царство градот доживеал ретко голема божествена слава. Секој што ќе дојдел во нивниот храм и град не останувал без духовно и исцелително дарение. Традицијата на таа Божја благодат до денешен ден почива и се чувствува. Иако народот заради неговата грешност тоа не го заслужува, Бог не го остава осамен и сирак.

И денес верниот тивериополски народ со благодарност зборува: останавме недопрени во двете балкански војни, во двете светски војни, а пак во атеистичкото време чувствувавме како благодатта Божја лебди над Струмица. Пророчки се зборовите на блажениот Теофилакт дека градот и храмот се „кула на ѕвезди која отсекаде се гледа“. Не само постарите Отци и побожни браќа, туку и ние, децата на последните пост-модернистички и неверни времиња сведочиме за чудата на светите Петнаесет, секојдневно присутни на местото каде што е пролиена нивната крв за Господа Христа. Атеистите какви ли сѐ методи не применуваа за да го одбијат народот од светите Петнаесет, но насилствата им остануваа попусти. Кога го бркаа дење, народот одеше ноќе. На дожд, по снег, по какво и да е невреме, се среќаваат побожни струмичани на поклонение и на молитва.

Како триумф на сето тоа на 2 декември 1997 година Собранието на општина Струмица донесе едногласна одлука празникот на надалеку познатите свети Петнаесет Струмички Маченици да биде патронен празник на градот Струмица.

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК СТЕФАН НОВИ, ИСПОВЕДНИКОТ

Престолнината на византиското царство Цариград е родното место на светиот преподобномаченик Стефан. Родителите му беа побожни и сиромавољубиви. Тие имаа две ќерки, но тагуваа што немаат син, зашто сакаа наследник да им биде машко чедо. Од срце Му се молеа на Бога и вршеа многу милостиња, за Господ да им ја исполни желбата. Особено мајката Ана, во тоа слична на мајката на свети пророк Самуил, ревносно излеваше од своето срце солзни молитви кон Бога, просејќи да ѝ подари машко чедо.

Еден петок, додека стоеше во црквата Влахерна на молитва, таа ги впери очите во иконата на Пречиста Богородица, и низ солзи, како на жива Ѝ зборуваше и Ја молеше да Ѝ подари син. При тоа Ѝ ветуваше дека таа, ако биде удостоена на таквиот дар, ќе го принесе детето на Единородниот Син и Логос Божји, од Пречистата Овоплотениот. Долго така се молеше и многу солзи лееше, па задрема малку и во сонот Ја виде Владичицата наша Пресвета Богордица, Која блескала со неискажлива убавина и ѝ рекла:

„Оди си со мир, жено, ете, имаш син во утробата, според молбата твоја“.

Откако го рекла тоа, Владичицата станала невидлива. Ана се разбуди како исплашена, но премногу радосна се врати дома и по извесно време навистина зачнала.

Во тоа време, додека царуваше Анастасиј II, беше избран и поставен на патријаршискиот престол свети Герман. На денот на востоличувањето на новиот патријарх, толпи народ се собираа во црквата Света Софија, за да го видат новоизбраниот патријарх. Поита со својот маж и Ана, веќе бремена. И додека стоеше во црквата, се случи патријархот да помина покрај неа и таа воскликна кон него:

„Благослови го, оче, зачнатото во утробата моја!“

Патријархот ја погледна, ја провиде иднината, па рече:

„Господ нека го благослови, по молитвите на светиот Првомаченик!“

Со тие зборови светиот патријарх претскажа дека Ана ќе роди машко дете, и дека ќе се вика Стефан, по првомаченикот Стефан. Ова пророштво беше посведочено со чудо. Кога патријархот ги изговараше овие зборови, од неговата уста излегуваа и огнени јазици, што јасно ги виде Ана, и потоа го раскажуваше тоа со заклетва.

Кога се наврши времето таа роди машко дете, на кое му го дадоа името Стефан, според пророштвото на патријархот Герман, кој го крсти на Велика Сабота. Во денот на своето очистување мајката го однесе новороденчето во црквата на Пресвета Богородица во Влахерна, го остави пред сечесната икона на Пречистата Владичица, пред која порано се молеше, и рече:

- Прими го, Богомајко, мојот мил син што Ти ми го подари. Прими го оној, кого пред зачнувањето го ветив на Тебе и на Единородниот Твој Син. Тебе, после Бога ти го доверувам. Ти биди му мајка, хранителка и промислителка.

Тоа и многу други зборови изрече во долгата молитва пред светата икона Ана, па се врати дома и многу внимателно го одгледуваше својот син.

Меѓутоа по Анастасиј II на царскиот престол стапи Теодосиј, а по него Лав Исавријанин. За тоа време блаженото момче Стефан растеше со телото и јакнеше со духот, изучувајќи ги Божествените Писанија. Помаган со благодатта Божја, тој многу напредуваше во разумот и мудроста Божја. Беше многу ревносен во читањето на светите книги, а особено во читањето на делата на свети Јован Златоуст, и деноноќно се поучуваше во законот Господов.

Но, настанаа големи бранувања во Црквата Божја од иконоборната ерес, чиј челник беше лично царот Лав Исавријанин. Тој стана иконоборец под влијание на еврејските магови. За тоа постои ваква историја:

Неколку години пред да стапи на царскиот престол Лав, некои евреи од Лаодикија Финикиска дојдоа кај Изит, еден од арабиските кнезови. Тие лажно пророкуваа и правеа магии и му ветија дека четириесет години ќе владее над Арапите, ако во целото кнежество од христијанските цркви ги исфрли и уништи сите Икони. Изит ги послуша и издаде наредба светите Икони насекаде да се исфрлаат од црквите и да се горат. Но, удрен од Божјата казна, тој наскоро умре и не поживеа ни една година. На престолот го наследи неговиот син. Лут на тие евреи, лажни пророци, тој намисли да ги погуби со страшна смрт. Но, тие побегнаа во Исаврија. Таму, додека се одмораа крај еден извор, наиде едно момче, на име Лав, крупно и убаво, кое скршна од патот за да се одмори. Седна крај еврејските магови и тие започнаа да гледаат во него и да му претскажуваат дека ќе стане цар во грчката држава. Лав не им поверува, зашто знаеше дека е од ниско потекло, и прост, и толку сиромашен што одвај се издржува со некое ништовно ракоделие. Но, евреите упорно тврдеа дека тој ќе стане цар, ако со заклетва им вети дека кога ќе стане цар ќе го стори тоа што ќе го побараат од него. И тој им се заколна во блиската црква на свети Теодор, дека ќе го исполни нивното барање. Така се разијдоа.

Набрзо потоа момчето Лав го зеде во војската патрицијот Сисиниј и набрзо потоа беше произведен за спатариј. Потоа царот Анастасиј II му ја даде титулата патрициј и го назначи за управник на областа во Мала Азија. По смртта на Анастасиј за цар беше прогласен Теодосиј, но Лав не го призна и крена буна. Со Божјо допуштање тој успеа да го исфрли од престолот Теодосиј и да го зазеде. На почетокот царот Лав беше побожен и православен, но подоцна се расипа, зашто набрзо му дојдоа евреите кои што со помош на вражбини му претскажаа дека ќе стане цар. Тие го потсетија на ветувањето и побараа да го исполни. Царот ги праша што сакаат од него, а тие, како непријатели на Христа, не побараа ни злато ни сребро, туку од светите цркви да ги исфрли светите Икони и зборуваа:

- Царе, ако го сториш тоа, Бог ќе ти даде долго да царуваш, а ако не, набрзо ќе ги изгубиш и царството и животот.

Свесен дека се исполни нивното пророштво за него, Лав се плашеше и ова второто да не се исполни, ако не ги послуша. Затоа издаде наредба светите Икони да се исфрлаат од храмовите Божји и од домовите и да се газат, нарекувајќи ги идоли, а оние што им се поклонуваат, идолопоклоници.

И настана голем немир во Црквата Христова. Едни се покоруваа на царската наредба, а други јуначки се спротивставуваа и многу маки поднесуваа. Цариградскиот патријарх свети Герман исто така не се согласи со таа ерес и многу му се спротивстави на безбожниот цар, поради што срамно беше протеран, а на негово место поставен царев истомисленик, некој Анастасиј еретик. Тогаш многу епископи и клирици страдаа и поднесуваа мачења за поклонувањето на светите Икони.

Во Цариград, при црквата Света Софија имаше еден огромен дом, наречен градина на знаењељубието. Во него од дамнешно време биле собрани многу книги, околу триста илјади. Поради нив во тој дом престојуваа многу учени и мудри луѓе. Царот се обидувал да ги придобие за својата иконоборна ерес, но не успеал. Тогаш им нареди на војниците околу домот да наредат многу суви дрва и да го запалат. Така беше изгорен домот со книги, заедно со учените луѓе во него. А пак новопоставениот патријарх еретик Анастасиј, за да му угоди на царот, нареди да се фрли на земјата иконата на Спасителот, која се наоѓала на железната кација од тој дом. Додека ја извршуваше оваа наредба, еден војник стави скала и започна да се качува, но некои побожни жени му ја извлекоа, та тој падна и умре. Жените веднаш отидоа во црквата, каде во тоа време се наоѓаше патријархот еретик и започнаа да викаат по него, нарекувајќи го наемник и волк, разорувач на светите догмати, а не пастир. При тоа фрлаа и камења по него. Посрамен и исплашен, патријархот побрза да го извести царот, за срамот што го снајде од жените. Царот се разгневи и веднаш испрати војници да се одмаздат за нанесениот срам на еретикот. Така тие жени беа искасапени со мечеви, за ревноста изразена од побожноста.

Тогаш настапи голема неволја за православните. Многу од нив беа држани по темниците и во окови. Други беа немилосрдно мачени и убивани. А огромен број ги напуштаа своите домови, села и имоти, и заминуваа во пусти и зафрлени места, од страв од мачителите.

Во тоа време и родителите на блажениот Стефан сакаа да го напуштат својот крај, за да ја сочуваат беспрекорна својата вера. Но, чекаа да им порасне синот, за да го посветат во служба на Бога во монашкиот чин, како што Ѝ ветија на Мајката Божја. При тоа не сакаа да го дадат сина си во византиските манастири, кои беа преполни со бегалци, гонети од иконоборните еретици. Затоа го дадоа во Авксентиевата Гора, која се наоѓаше во Витинија, а е наречена така по преподобниот отец Авксентиј, кој прв таму се населил и го минувал животот во молитвено самување и тихување. Тоа место било осамено и оддалечено од светската врева и метеж. На врвот на таа гора имаше пештера, во која светите Отци се подвизувале еден по друг. По свети Авксентиј овде се подвизувал Сергиј, неговиот ученик и поддржувач на светиот живот, а по Сергиј прекрасниот во доблестите Вендијан. Потоа блажениот Григориј, а по него преподобниот Јован. Кај него родителите и го доведоа својот шеснаесетогодишен син Стефан, и кога му го предадоа го замолија да го облече во ангелскиот образ и да го научи да Му служи на Бога. Старецот го погледна Стефан и со своите проѕорливи очи ја провиде во него благодатта Божја, па рече:

- Навистина Духот Божји почива врз ова дете.

И со љубов го прими, го замонаши и започна да го воведува во подвизите на монашкиот живот.

Кога го прими ангелскиот лик, блаженото момче Стефан го зеде на себе и ангелскиот живот, и на самиот почеток се истакна како совршен монах. Неговото постење беше големо. Молитвата непрекината, со кроток карактер, молчалива уста, смирено срце, мил дух, тело со душа, чисто, девство беспрекорно, сиромаштвото вистинско, нестекнувањето пустиничко. Неговата послушност беше безропотна, покорноста внимателна, делувањето стрпливо, трудот од срце. Меѓу останатото водата за пиење беше многу далеку од нив. Блажениот Стефан секој ден одеше по вода, минувајќи долг пат. Со голема мака ја носеше, искачувајќи се на високата планина. И не само водата, туку и сѐ што им беше потребно го носеше од далечни места. Така се измачуваше себе си со трудот. При тоа никогаш не се растажи, ниту изропта. Спрема својот наставник имаше искрена и нелицемерна љубов. А за останатите доблести, подвизи и трудови, кои уште од младоста ги имаше, кој би можел да раскаже?

Преподобниот Јован многу му се радуваше, и како ветер, кој ја разгорува жарта што тлее, со своите боговдахновени зборови и поуки разгоруваше во срцето на блажениот ученик сѐ поголема љубов кон Бога, за сѐ посрдечно служење на Бога и за сѐ почист страв од Бога. А и самиот преподобен Јован беше совршен маж во доблестите, полн со благодатта на Духот Божји и награден од Бога со пророчкиот дар.

Еднаш, кога блажениот Стефан се врати од некое послушание, го затекна својот свет Старец како со допрена глава на прозорчето од пештерата горко плаче. Тој застана до прозорчето со очекување на вообичаениот благослов и долго стоеше молчејќи и чудејќи се на горкото ридање на старецот, но не смееше ништо да праша. Тогаш старецот му рече:

- Мили сине, ти си причина за мојот плач. Поради тебе горко плачам. Господ ми откри дека ова место ќе процвета со тебе и ќе се прослави, но иконоборците брзо ќе го разорат и опустошат.

Блажениот Стефан длабоко воздивна и го праша:

- Чесни оче, што ти откри Господ за мене? Што ќе се случи со мене? Ќе пропаднам ли и јас, заведен од погубното еретичко учење на иконоборците?

Старецот одговори:

- Не, чедо мое, никогаш тоа нема да се случи со тебе. Сепак, со Апостолот те предупредувам: внимавај добро како ќе живееш тогаш (сп. Еф. 5, 15). А напишано е: Кој ќе претрпи до крај ќе се спаси (Мт. 24, 13).

И многу други работи му изговори старецот Јован, укажувајќи му на Стефан сѐ што ќе му се случи во иднина.

Во тоа време умре родителот на преподобниот Стефан, кој со благослов на својот духовен отец отиде во Византија, му ја укажа потребната почит на својот телесен родител и чесно го погреба. Потоа го продаде сиот свој имот и парите ги раздаде на сиромашните. Ги поведе мајка си и втората сестра, бидејќи едната веќе се беше замонашила и монахуваше во еден женски манастир во Византија, и ги смести во женски манастир, изграден и осветен лично од гореспоменатиот преподобен Авксентиј, кој го нарече „Трихинарија“, односно „Власеница. Го нарече така, од една страна затоа што патот кон манастирот бил многу тежок и незгоден, а од друга затоа што монашкиот живот во него бил тежок и строг и монахињите што се подвизувале во него носеле груби фустани од власеница. Во тој манастир ги замонаши својата мајка и сестра си, па се врати кај својот преподобен наставник и живееше во своите вообичаени подвизи и трудови.

По кратко време неговиот духовен отец и наставник Јован премина кај Господа. Стефан долго плачеше над него, па ги повика пустиниците во близина. Се собраа сите, па со плач и ридање и со долични богослуженија го погребаа чесното тело на светиот отец Јован. Преподобниот Стефан остана сам во пештерата. Тогаш имаше над триесет години.

Кога ја наследи пештерата на својот преминат свет учител и останатите преподобни отци пред него, стана наследник и на нивниот совршен во доблестите живот. Поради тоа кај него започнаа да доаѓаат пустиници од блиските места, со желба да живеат со него и да им биде наставник и учител. Меѓу таквите беа и Марин, прекрасен и добар човек, потоа Јован, Христофор и благочестивиот маж Захариј. А и двајца злобници Сергиј и Стефан, за кои ќе стане збор подоцна. Потоа кај него дојдоа уште шест други луѓе, чии што имиња се запишани во книгата на оние што работат за Христа Господа. На тој начин кај пештерата се створи манастир. Браќата живееја во Бога, а преподобниот им беше игумен. Храна заработуваа од потта на лицата свои, со трудот на рацете свои. Преподобниот Стефан беше одличен препишувач на книги. Со нивното продавање се хранеше и себе и останатите. И Бог, Кој го прехранил Израилот во пустината, им испраќаше и на овие Свои слуги сѐ што е потребно, та со нив се исполнуваа зборовите на Светото Евангелие: Барајте го најнапред царството на Бога и правдата Негова, и сѐ друго ќе ви се придодаде (Мт. 6,33).

Со зголемувањето на бројот на учениците, блажениот Стефан виде дека му се нарушува молитвеното самување и тихување. Вознемирен од тоа, тој го повика гореспоменатиот Марин и му го предаде старешинството и грижата над манастирот, и се засолни на другиот брег од истата гора, си направи многу мала ќелија без покрив и се затвори во неа, во својата четириесет и втора година. Во таквата осаменост живееше во побожно тихување, и беседеше со Бога со непрестајната молитва. Но и тука не можеше да се сокрие од оние што сакаа да добијат душевна корист од него. Како што не може да се сокрие град на врв планина, и човек кој мириси носи, така не може да се сокрие и затаи доблесниот човек, кој се искачил на врвот на совршенствата, како на гора, и мириса со добрите дела како со благомириси. Од таа причина преподобниот не можеше да се ослободи, а славата за него бруеше на сите страни и се собираа многу верни како пчели на мед, и многу корист добиваа од неговите поуки и строгиот живот и тргнуваа по тесниот пат, кој води во вечниот живот. И тоа ги води не само мажите туку и жените. Од таквите беше и една високородна и позната вдовица, на име Ана. Таа, кога по смртта на својот маж остана млада и бездетна, го продаде сиот свој имот и го раздаде на сиромашните. Потоа дојде кај преподобниот Стефан и тој ја потстрижа во монашкиот лик и ја испрати во женскиот манастир Трихинариј.

Во тоа време умре царот Лав Исавријанин. На престолот стапи неговиот син Константин Копроним. Тој уште пострашно од својот татко се крена против Црквата Божја, ги отфрлаше светите Икони и ги гореше. Изобличен за ереста од многу славни и мудри монаси, и со нивните разобличувања сотрен, Копроним со невидена лутина се нафрли врз монасите. Страотно ги гонеше, ги навредуваше на сите можни начини, го нарекуваше монашкиот лик облека на темнината, а самите монаси идолопоклоници, затоа што многу срдечно се држеа до молитвеното почитување на светите Икони. За таа цел, беззакониот цар собра многу неразумни луѓе, покорни на неговите наредби, изнесе пред нив чесни крстови, свети Евангелија и Божествените Тајни на Христовото Тело и Крв, и на сите им нареди да се заколнат дека нема да се поклонуваат на Иконите, дека Иконите ќе ги нарекуваат идоли, дека нема да општат со монасите и дека од нивните раце нема да ги примаат Пречистите Тајни. И секој, кога ќе сретне монах да фрла камења по него и да го нарекува мрачен, син на темнината, лудак и идолопоклоник.

Додека се случувало тоа, умре злочестивиот цариградски патријарх Анастасиј, кого Лав го постави на престолот по свети Герман. А Копроним по Анастасиј на престолот го постави својот истоименик и истомисленик, монахот Константин, и тоа, го постави самовласно, без никаков собор и избор. Лично го качи на амвонот, лично и омофор му стави, објавувајќи дека е достоен на патријаршискиот чин. Потоа царот и новиот патријарх се договорија, та испратија грамота во сите градови и краишта, повикувајќи ги епископите во царската престолнина на собор, заради осудување и уништување на иконопочитувањето. И тогаш во Цариград јавно се вршеа безбожни, дрски, срамни, беззакони дела. Свештените садови, во кои се извршуваа Божествените Тајни, беа газени, затоа што на нив беа насликани икони. Светите Икони се фрлаа во кал, во море, во оган. Ги сечеа со секири на парчиња. А прекрасните Икони, насликани на ѕидовите по црквите, злочестивите иконоборци со железо ги стругаа или со вар ги премачкуваа. Беззакониците не ја поштедија ни знаменитата и преубава црква на Пресвета Богородица во Влахерна, која беше неискажливо убава и раскошно украсена. Внатре, на нејзините ѕидови, во златен мозаик беа изработени икони, кои го отсликувале целиот земен живот на Спасителот, сите Негови чудеса, и сите настани од Неговиот живот, започнувајќи од Раѓањето, па сѐ до Распнувањето и Воскреснувањето. Беззакониот цар Копроним нареди во оваа света црква потполно да се уништат сите икони, од првата до последната, иако блескале од злато и скапоцени камења, и наместо нив на ѕидовите да се насликаат дрвја, ѕверови и птици. И во тоа време се исполнија зборовите на царот и пророк Давид: „Боже, незнабошците дојдоа во достојанието Твое; ја осквернија светата Црква Твоја, Ерусалим го претворија во ѕидини. Труповите на слугите Твои ги дадоа на птиците небесни да ги јадат, телата на светителите Твои на ѕверовите земни“ (Пс. 78, 1-2). Тогаш и нетлените мошти на светителите иконоборците ги исфрлаа од црквите и ги фрлаа или во оган, или во провалии и мочуришта. А оние што храбро стоеја за почитувањето на светите Икони и Моштите, злобните еретици немилосрдно ги мачеа и на горка смрт ги предаваа, проливајќи ја нивната крв како вода и телата нивни ги оставаа непогребани на птиците и ѕверовите. Тогаш настана голема неволја за сите православни, каква што не била од постанокот на светот. Но, еретиците особено се беа насочиле кон монасите, та многу од нив го напуштаа Цариград и заминуваа на Авксентиевата Гора и се засолнуваа кај преподобниот Стефан, барајќи од него добри совети и душекорисни поуки. Угодникот Божји ги тешеше и ги учеше цврсто да стојат за побожноста, без страв дури и крвта своја да ја пролијат за светите Икони. Помалку храбрите и плашливи од мачењето ги советуваше да бегаат во други земји, каде што нема гонење. Тогаш опустеа византиските манастири, та немаше монах во царската престолнина. Оние што цврсто стоеја за Православието беа убиени, а другите, сакајќи со правата вера да го сочуваат и животот, побегнаа и се расеаја по целата вселена.

Во 754 година по Раѓањето Христово, додека царуваше Копроним, во Цариград беше свикан иконоборен собор, на кој присуствуваа 338 источни епископи, но немаше ниту еден патријарх, освен лажниот цариградски Константин, еретикот и царски истомисленик. За место на одржување на тој собор беше избрана познатата Влахернска црква на Пресвета Богородица, која, лишена од своите прекрасни Икони наликуваше на пустина и разбојничка пештера. Во таа црква се собраа сите дојдени епископи, заедно со царот и лажниот патријарх. По долгите разговори и препирања, царот ги убеди сите епископи да се согласат со него и неговото богохулство, а при тоа на многумина од нив им беа јасни царевата и патријарховата заблуда. Но, од страв за православните да не настанат нови неволји, тие молчеа и се согласија. Подоцна, на вистинскиот Седми Вселенски Собор, одржан за време на царувањето на Константин Младиот и неговата мајка Ирина, тие со покајание се одрекоа од иконоборната ерес. Но, сега тргнаа по нечестивиот цар и патријархот, согласувајќи се со нивното еретичко умување. И таму беа составени вакви злочестиви и богомрски догмати:

1) Светите икони треба да се нарекуваат идоли;

2) Сите што им се поклонуваат на Иконите нека е анатема, а на прво место поранешниот патријарх Герман нека биде проклет;

3) Секој е должен да исповеда дека не само светителите по својата смрт, туку и самата Мајка Божја не можат ништо да ни помогнат со своето посредување;

4) Никој да не се осмелува да ги нарекува свети Апостолите, Мачениците, Преподобните, и сите што Му угодиле на Бога;

5) Овој собор треба да се смета и нарекува Седми Вселенски Собор, и секој што не го признава овој собор нека е анатема, како Арија, Несториј, Евтихиј и Диоскор.

На овој собор најбитните епископи по патријархот беа Теодосиј, епископот Ефески, Константин Никомидиски, Николиј Николијски, Сисиниј и Василиј.

Тие ги потпишаа составените одлуки, та врз нив се исполнија зборовите на Светото Писмо: „Беззаконието е излезено од Вавилон од старешините судии, кои се сметаат за управници на народот“ (Дан. 13, 5). „Многу пастири го растурија моето лозје, го изгазија со нозе делот Мој: Мојот драг дел го направија гола пустелија“ (Ерем. 12, 10). По завршувањето на соборот го поттикнаа народот весело и славенички да вика:

- Денес е спасението на светот! Со твоето залагање, царе, се спасивме од идолите!

Но, Копроним дозна дека преподобниот Стефан се подвизува на Авксентиевата Гора, дека е голем во доблестите, дека е мудар во Светото Писмо, дека славата негова се пронела насекаде, дека сите го сметаат за еден од древните свети Отци, дека е ревносен за светите Икони и од сѐ срце ги учи другите да им се поклонуваат, и намисли да го прелести и да го придобие, мислејќи дека ако него го привлече ќе го зајакне своето зловерие, За таа цел повика еден свој најблизок патрициј, на име Калист, кој беше прва личност во државниот совет, при тоа многу искусен и слаткоречив говорник. Нему му нареди да појде кај преподобниот Стефан и да му ја соопшти царската наредба: да се одрече од почитувањето на иконите и со своја рака да стави потпис под оние пет одлуки од гореспоменатиот иконоборски собор. При тоа му испрати по Калист и најразлични подароци. Се разбира не злато и сребро, зашто знаеше дека тоа нема да го прими, туку најразлично овошје: урми, бадеми и смокви.

Кога отиде кај преподобниот Стефан, Калист му ги предложи подароците и потоа му се обрати со вешто составен говор, долго убедувајќи го да му се покори на царот и да ги потпише одлуките на иконоборниот собор. Во долгиот разговор, угодникот Божји мудро одговараше на сите негови зборови и најпосле бестрашно рече:

- Одлуките на вашиот собор, полни со лаги и празнословија, јас нема да ги потпишам, ниту некогаш горчливото ќе го наречам благо и темнината светлина, за да не си го навлечам на глава пророковото проклетство. Од царските закани не се плашам а за светите Икони сум подготвен да умрам.

Потоа преподобниот ги испружи рацете, ја свитка шаката и рече:

- Кога во мене би останало и толку малку крв, и неа нема да ја поштедам, туку ќе ја пролијам за иконата Христова. Подароците од царот врати ги назад. Неговите богатства не ми се потребни. Јас сакам да постапам според Светото Писмо: „Не давај миро на грешник да ја намачка мојата глава, и еретичката храна да го заслади грлото мое“ (сп. Пс. 140, 5).

Од овие зборови Калист се засрами, па се врати и му раскажа на царот сѐ што чу од Стефан. Царот безмерно се разгневи и веднаш повторно го испрати Калист со лути војници, за да го извлечат преподобниот од неговата ќелија, да го одведат во манастирот Трихинарија, во подножјето на гората и таму да го затворат во темница. Калист и војниците така постапија. Ја нападнаа ќелијата на светителот, ја сокршија вратата со нозете, немилосрдно го извлекоа блажениот и го одведоа со сите негови ученици во манастирот Трихинарија и сите ги затворија таму во темница. Војниците чуваа стража пред вратите, очекувајќи од царот понатамошни наредби.

Во темницата блажениот Стефан со учениците громогласно пееше:

„На пречистата Твоја икона се поклонуваме Благи“.

Останаа во неа шест дена. На седмиот дојде наредба од царот, Стефан да се врати во неговата ќелија, зашто тогаш доби извештај за нападот на Скитите над неговото царство. Со намера да ја одбие наездата на Скитите, тој привремено го прекина гонењето на преподобниот.

Но Калист, полн со иста злоба и гнев кон него, тајно повика еден од учениците на блажениот, гореспоменатиот Стефан, го прелести со ласкави зборови и голема количина на злато и сребро, и го убеди да измисли разни клевети против него. Како втор Јуда, Сергиј го намрази својот учител и започна многу усрдно да размислува како да го клевети. Но, во беспрекорниот негов живот, како во пресветлото сонце, тој не можеше да најде ниту едно петно. Затоа се здружи со еден царски чиновник Авкликалама, кој собираше царски данок во Никомидија. Со негова помош собираа лажни обвинувања против светителот Божји. Се договорија и напишаа опширна клевета, во која говореа дека божем Стефан го презира царот и се гнаси од него како од еретик, и го бунтува народот и сите што му доаѓаат ги потикнува на востание. И многу други клевети подготвија тие, кои поради нивните безочни лаги не сакаме да ги изложиме.

Напишаа беззакониците и за онаа гореспомената Ана, која беше замонашена од преподобниот, дека божем ноќе се состанувала со него. За оваа клевета се потрудија да најдат и сведок, робинката на блажената Ана. За тоа лажно сведоштво ѝ ветија не само слобода, многу злато и сребро, туку и дека ќе ја омажат за висок чиновник на царскиот двор. Кога на тој начин составија цела книга од клевети и обвиненија против преподобниот и го приложија и лажното сведоштво, сето тоа му го испратија на царот, кој во тоа време беше во Скитската земја.

Кога ја прочита испратената книга, царот многу се израдува и веднаш му испрати писмо на својот намесник Антит во Цариград, со наредба итно да појде во женскиот манастир, во подножјето на Авксентиевата Гора, да ја поведе од таму монахињата Ана и веднаш да ја испрати кај него. Намесникот веднаш се упати кон манастирот со многу војници со исукани мечеви. Во тоа време монахињите беа во црквата и го читаа Третиот час. Кога ги видоа војниците, тие многу се исплашија, па некои побегнаа во олтарот и се сокрија под светиот престол, а други се стрчаа кон гората. Но, војниците сите ги фатија. Тогаш остарената игуменија излезе пред нив и бестрашно им рече:

- Што правите вие, христијани? Зошто ги нападнавте посветените на Бога невести Христови, кои ништо лошо не ви сториле?

Тие ѝ одговорија:

- Дај ни ја Ана, блудницата на Стефан. Неа ја бара царот од вас.

Тогаш игуменијата ја повика Ана и со неа монахињата Теофана и им даде корисни совети будно да се чуваат од вражјите искушенија и бестрашно да стојат за невиноста на светиот отец и учител свој Стефан. Потоа ги довери на Божјата заштита и ги предаде на војниците.

Тие веднаш ги одведоа кај царот, кој нареди да ги разделат и да ги чуваат посебно. Потоа ја повика Ана и започна да ѝ зборува:

- Без никаков сомнеж верувам дека сѐ што слушнав за тебе е вистина. Те повикав лично да ми раскажеш сѐ, а особено за тоа како оној волшебник и лукав човек те прелести и измами да го оставиш огромниот имот, да го згазиш своето благородно потекло и да ја навлечеш на себе таа црна риза? Очигледно е, а така сум слушал и од некои, дека го сторил тоа за да му бидеш блудница. Но, каква убавина најде во него, та вршиш блуд со него?

Кога слушна од царот такви погани зборови, блажената и целомудрена Ана рече:

- Не, царе! Јас не го оставив родителското наследство и благородност и сета убавина на овој свет за душата своја да ја заробам со телесните страсти и блуд, како што велиш ти. Оние што ме наклеветиле пред тебе, според Давидовите зборови го изостриле јазикот свој како змии и имаат отров аспидин во устите нивни (Пс. 139, 3), Еве, телото мое е пред тебе, мачи го со железо, рани го со оган, но јас нема да ја изневерам вистината. Додека е духот во моето тело, ти нема да чуеш ништо друго од мене освен дека Стефан е свет и праведен човек и заслужен за моето спасение.

Царот се восхити на ваквите зборови, и молчеше цел еден час. Потоа нареди да ја одведат под стража, а Теофана да ја вратат назад во манастирот. Кога се врати, таа им раскажа на игуменијата и на преподобниот Стефан сѐ што се случило.

По кратко време царот се врати од војната во Цариград. Тука нареди Ана да ја затворат во една мрачна и страшна темница, а потоа го испрати кај неа својот кувикулариј. Кога дојде, тој започна да ѝ зборува:

- Сожали се на себе, жено, соблечи ја од себе црната риза и одбери го чесниот живот, па ќе живееш со царот во дворецот, доколку утре пред сите ја признаеш вистината за себе и за Стефан. Тука има една твоја робинка, подготвена во очи да ти каже што си сторила со Стефан. И ако сакаш нешто да сокриеш, таа ќе те изобличи. А јас, праведниот судија и заштитник на правдата, ќе го здробам на парчиња твоето тело, и ќе направам да дознаеш што може царот, а што Стефан. Ако го послушаш мојот добар совет и пред сите ги обелодениш Стефановите блудни дела, ќе бидеш удостоена на големи почести од нас.

Блажената Ана длабоко воздивна, заплака и рече:

- Царот нека прави што сака. Јас нема да лажам и да зборувам невистина за праведниот и свет отец. Нека биде волјата Господова!

Утредента царот излезе од својот дворец, седна на гледалиштето, каде што се беше насобрал многу народ, нареди да ја извадат целомудрената Ана, пред сите да ја разголат, и пред неа да стават нарам стапови и до нив нејзината робинка, како лажен сведок.

Невината жена стоеше гола пред сите, облечена во срамот како во фустан. Прашана зошто е наклеветена таа молчеше, угледувајќи се на својот Господ, на неправедните судии свои не им даде одговор (Јн. 19, 9: сп. Мт. 27, 12-14; Мк. 14, 61; 15,5; ЛК. 23, 9). Но, нејзината бесрамна робинка лажно сведочеше дека обвинието е вистина. Потоа започнаа да ја приморуваат да признае дека Стефан имал грешни врски со неа. Но таа, како нема овца пред стрижачите, не ја отвори својата уста (Ис. 53, 7).

Тогаш разбеснетиот мачител бесно погледна во неа, ја нарече блудница и нареди да ја налегнат на земјата и немилосрдно да ја тепаат со стапови. Четири силни војници долго ја тепаа по плеќите и по стомакот. Блажената ништо не говореше, освен:

- Не е вистина тоа што го зборувате! Не е вистина! Господи помилуј!

И толку беше тепана, што за малку ќе умреше.

Кога виде дека одвај дише, а не сака ништо лошо да каже за Стефан, царот мачител стана од престолот и посрамен се врати во дворецот. Потоа нареди да ја одведат во еден од градските манастири, кој беше пуст и таму да ја затворат. Тука света Ана по некое време се упокои и премина кај Господа.

За тоа време царот постојано размислуваше како да го обвини Стефан, за да може да му суди како на злосторник. Најпосле смисли вака. Повика кај себе едно момче, на име Георгиј, кој верно му служеше во дворот и му беше многу мил, па насамо го праша:

- Георгиј, колкава е твојата љубов кон мене?

Момчето одговори:

- Неизмерна.

Царот го праша:

- А можеш ли од таа љубов да појдеш на смрт за мене?

Момчето одговори:

- Подготвен сум усрдно да умрам за тебе!

Тогаш царот го бакна и рече:

- Еве го новиот Исак!

Потоа му рече:

- Јас не ти наредувам да умреш, и дури не сакам ни ништо лошо да претрпиш за мене. Само едно те молам, појди во Авксентиевата Гора кај оној, недостојниот и да се спомене Стефан, и умоли го да те потстриже во монашкиот чин и да те вброи во своите монаси. Штом ќе го стори тоа, ти веднаш врати се кај нас.

Момчето му вети на царот дека со радост ќе изврши сѐ. Царот му даде многу вешти и лукави упатства, и момчето се упати кон Авксентиевата Гора. Ноќта стигна пред манастирот на блажениот Стефан и започна потресно да бара помош:

- Смилувајте ми се, христијани! Смилувајте се! Заталкав од патот и не знам на која страна да појдам, за да не паднам во некоја провалија или меѓу ѕверови!

Жалостивиот и човекољубив Стефан се сожали на заталканиот, и му рече на монахот Марин да го внесе во манастирот. Кога го доведе, Георгиј падна пред нозете на преподобниот, просејќи благослов од него. Преподобниот забележа дека пред него не стои прост човек и започна да го распрашува кој е и од каде е. Георгиј не сокри дека служи на царскиот двор, но рече дека службата ја напуштил затоа што царот скршнал од правиот пат и сите ги води кон гибелта. Јас пак, рече момчето, одвај се освестив и поитав пред нозете на твојата светост, да ме облечеш во ангелскиот лик, за кој многу чезнеам. Те молам оче, не отфрлај ме како недостоен.

Блажениот одбиваше да го прими, за да нема непријатности од страна на царот. Но, момчето на сите можни начини го уверуваше дека царот нема да се налути и многу усрдно го молеше да го замонаши, велејќи му дека пред Бога ќе даде одговор за неговата душа ако денес не го потстриже.

Овие зборови го трогнаа и тој не го забележа ѓаволското лукавство, па му рече:

- Чедо, гледам дека си дошол со сета душа, па нема да одам против Божјите заповеди и ќе те примам.

Потоа му изговори многу корисни поуки, го облече во искушеничка облека и му нареди да се подготви за целосниот монашки лик. По три дена го замонаши. Но, штом го прими ангелскиот чин, овој лажливец побегна кај царот во Цариград.

Кога го виде во монашка облека, царот многу се израдува, не затоа што го сакаше монаштвото, туку што доби повод да го обвини Стефан дека божем го одвлекол неговиот слуга. И утредента излезе на плоштадот со новопострижаниот монах, и започна пред насобраниот народ да се жали од монасите воопшто, а особено од Стефан, обвинувајќи го дека со своето учење ги мами луѓето, како што го измамил и овој негов сакан слуга. На тоа народот започна да вика:

- Смрт за одвратниот лажливец!

Царот нареди Георгиј да ја соблече монашката облека и да ја фрли на земјата. Народот започна да ја гази, навредува и исмева. Потоа нареди да донесат вода и да го измијат Георгиј од монашкиот чин како од кал, па го облече во војничка облека, му стави шлем на главата и му го даде чинот ипоком. И веднаш испрати мноштво војници во Авксентиевата Гора, да го разрушат манастирот на свети Стефан.

Војниците нападнаа на манастирот како волци на стадо, ги растераа сите монаси, манастирот заедно со црквата го запалија, а свети Стефан разбојнички го извлекоа од неговата ќелија и со бесчестење го поведоа кон Халкидонското пристаниште. Попат го навредуваа и немилосрдно злоставуваа. Едни бездушно го влечеа, други со стапови го тепаа по грбот и главата, трети му плукаа во очите и вршеа неискажани пакости. Кога стигнаа на морскиот брег, војниците го качија на кораб и го одведоа во Филипиковиот манастир во Хрисопол, недалеку од Цариград. Во тој манастир го држеа под стража седумдесет дена, окован во синџири, и за сето тоа време тој ништо не вкуси. Иако царот му испраќаше многу јадења, тој сите ги враќаше назад.

Потоа царот и патријархот испратија кај него најпознати еретици и тоа: Теодосиј, епископот Ефески, Константин Никомидиски, Николај, Сисиниј и Василиј, со веќе споменатиот Калист и други вешти говорници, за да се препираат со него за верата и да го придобијат за иконоборството. Кога пратениците дојдоа во Филипиковиот манастир, наредија да се доведе пред нив блажениот Стефан. Окован во тешките синџири, тој не можеше ни да стои ни да се движи. Одеше меѓу двајца, кои го придржуваа и на кои се потпираше.

Прв започна ефескиот епископ Теодосиј да му зборува вака:

- Врз основа на што, човеку, ти нѐ сметаш за еретици и се ставаш себе над царевите, патријарсите, епископите и сите останати христијани? Зарем ние заталкавме и одиме кон пропаст?

На тоа светителот кратко одговори:

- Почујте што се зборува во Светото Писмо за пророкот Илија, како тој му одговори на Израилскиот цар Ахав: „Не го развраќам јас Израилот, туку ти и домот на таткото твој“ (ЗЦар. 18,18). Така и сега: не создавам конфузија во Црквата јас, туку оние што ги нарушија преданијата на древните свети Отци и внесоа во Црквата нови догмати. Василиј Велики вели: „Сѐ што е во дамнина предадено од светите Отци, достојно е да се почитува. Новотариите пак се многу неумесни и не можат да имаат важност“. Такви се и вашите одлуки против почитувањето на светите Икони. Одлуки составени не од синови на Црквата Вселенска туку од прељубодејци. Затоа во вистински момент ми дојдоа на ум пророковите зборови: „Царевите земни заедно со лажните пастири и наемници се кренаа против Христа и чесната икона Негова“ (сп. Пс. 2, 2).

Тогаш никомидискиот епископ Константин скокна од својот стол, јурна кон преподобниот, кој седеше на земјата и го удри со ногата во лицето. Исто така и еден разлутен оружјеносец го удри светителот со ногата во стомакот и тој падна на грбот, па започна да го гази и по градите.

Тогаш патрицијот Калист негодуваше против таквата бесрамна и безочна постапка и нареди сите да молчат, па му се обрати на светителот:

- Пред тебе се, Стефане, два излеза. Или да ги потпишеш одлуките на неодамна одржаниот собор, или да умреш како отфрлач на законот на Отците, од Бога научени. Одбери го едното.

Боговдахновениот Стефан на тоа со повишен глас рече:

- Обрни внимание на моите зборови, господине патрициј! Ова со големиот апостол Павле го изјавувам и јас: „За мене животот е Христос, а да умрам за чесната Икона Негова е придобивка!“ (Флп. 1, 21). Веќе еднаш ти реков, и пак ќе повторам, дека кога во себе би имал и само една шака крв, јас и неа би ја пролил за светите Икони Христови. Сепак, нареди да ми се прочитаат одлуките на вашиот собор, да ги знам причините поради што ги отфрлате Божествените Икони.

И веднаш Константин Никомидиски зеде книга и започна да чита. Книгата имаше наслов „Предание на светиот вселенски седми собор“. Штом овој наслов беше прочитан, блажениот Стефан замавна со раката, барајќи тишина и со силен глас рече:

- О, необични лаги! На колку несигурен темел ја засновате својата трошна градба! Врз основа на што вие својот собор го нарекувате свети? Та вие називот свети го одзедовте од сите Светители, и наредивте никој да не се осмелува да ги нарекува свети ни Апостолите, ни Пророците, ни Мачениците. Како тогаш вашиот собор може да биде свет, кога гази и осквернува сѐ што е свето? Вие вашиот собор го нарекувате вселенски. Но, како тој може да биде вселенски, кога на него не присуствуваше ниту еден патријарх, ниту имаше негови пратеници, ниту упатија послание во кое би дале своја согласност за свикување на собор. Не може вашиот собор да се нарекува вселенски, бидејќи е лажен. Уште го нарекувате и седми. Но, како тој може да биде седми, кога ги отфрлате првите шест Собори? Ако сакал да биде седми тогаш требало да ги следи Шестиот, Петтиот и останатите пред него одржани Собори. Без Првиот, Вториот, Третиот, Четвртиот, Петиот и Шестиот, како може да има седми? Вака вашиот собор не е седми туку прв, зашто ги отфрла преданијата на претходните шест Собори!

На овие зборови епископите возвратија:

- Кое предание, предадено на Шестиот Собор ние го отфрламе? Не, ние не ги отфрламе претходните Собори и нивните преданија туку сето тоа го примаме.

Светителот одговори:

- Зарем претходните Собори не се одржани во светите цркви? Несомнено во црквите, кои беа украсени со свети Икони. Првиот Собор беше одржан во Никеја, во огромната црква на тој град. Вториот во Цариград, во црквата на света Ирина. Третиот во Ефес, во црквата на свети Јован Богослов, Четвртиот во Халкидон, во митрополиската соборна црква. Петиот и Шестиот повторно во Цариград, и тоа Петиот во храмот Света Софија, а Шестиот во дворскиот храм наречен Трул. Сите тие цркви нели беа украсени со свети Икони? И ниту еден од споменатите Собори не ги отфрли, а вашиот ги отфрла. Одговорете ми на тоа.

Восхитени од неговите зборови, тие молчеа.

Само еден од нив рече:

- Навистина е така, Стефане.

Преподобниот ги впери очите кон небото, ги крена рацете, длабоко воздивна и силно воскликна:

- Дко некој не Го почитува Господ Исус Христос, изобразен според човечката природа на иконите, нека биде анатема! И нека има удел со оние кои викале: „Земи земи, распни Го, распни Го“ (сп. Јн. 19, 15).

Тогаш нечестивите еретици увидоа дека не се во состојба со ништо повеќе да му се спротивстават на светиот исповедник и наредија да го одведат до темницата, па посрамени се вратија кај испраќачите. Кога дојдоа кај царот, и ги праша што сториле, епископите сакале да го сокријат својот срам, но Калист му ја кажа сета вистина. Тој говореше:

- Победени сме, царе, победени сме! Голем е оној маж во мудроста, голем и во зборовите. Неспоредлива е силата негова и бестрашно срцето. Тој не се плаши ни од смртта, а камоли од заканите.

Царот многу се разгневи и нареди да го испратат на заточение во Хелеспонтските краеви, на островот Приконис. На тргнување блажениот Стефан со допирот на своите раце и молитвата го исцели и подигна од болничката постела игуменот на Филипиковиот манастир, кој беше тешко болен и веќе на умирање.

Потоа се качи на веќе подготвениот кораб за него и отплови во местото на своето прогонство. На островот Приконис започна да крстари по пустите и зафрлени места, и најде една прекрасна пештера од жителите наречена Кисуда. Во неа имаше мала црква на света Ана, мајката на Пресвета Богородица. Многу ѝ се израдува на таа пештера и си направи ќелија крај неа. И тука живееше во Бога, хранејќи се со корењата од зелјето што растело тука. Но, учениците на преподобниот Стефан, избркани од неговиот манастир на Авксентиевата Гора, се разотидоа по разни краишта. А кога дознаа каде е нивниот отец, радосни отидоа кај него, освен двајца од нив, кои отпаднаа. Тие беа Сергиј, кој ја состави книгата со клевети и обвинувања против преподобниот, и Стефан, кој најпрвин беше мирски свештеник, а потоа пострижен за монах од блажениот Стефан. Потоа се одрече од монашкиот чин и од Бога, па отиде кај царот и му рече:

- Со твоето залагање, царе, јас се спасив од челуста на сатаната, ја соблеков од себе мрачната облека и се облеков во светла.

Царот многу му се израдува, го засака, и го постави за управник на софиските палати, каде што често одел. При тоа царот, наместо да го оплакува заради неговата гибел, го нарекуваше татко на веселбата.

Значи овие двајца, Сергиј и Стефан, отпаднаа од стадото на преподобниот Стефан, пропаднаа, а останатите се собраа околу него и изградија манастир. Кај него дојдоа и неговата мајка со едната ќерка, сестра му Теодотија, и близу неговата пештера останаа да живеат во доблестите, насладувајќи се на медоточивите зборови на својот наставник. Потоа преподобниот си направи столб и на него тесна колиба. Се качи на столбот и се затвори во таа колиба. Тогаш имаше четириесет и девет години. За неговите големи подвизи Бог му го даде дарот на чудотворството. Така блажениот Стефан ги отвори очите на еден слеп, ослободи бесомачно момче од злиот дух, крвоточива жена исцели со молитвата, многу пати ја стишуваше бурата по морето и многу кораби спаси од потопување. Освен тоа морнарите понекогаш го гледале како оди и управува со коработ или ги развива едрата.

Додека така блескаше со чудата на островот Приконис, во втората година од неговото заточение, неговата чесна и света мајка отиде кај Господа. Нејзината ќерка плачеше крај неа, а таа ѝ рече:

- Нема зошто да плачеш. И ти со мене ќе појдеш кај Господа Христа.

Така и се случи. Во седмиот ден по смртта на блажената Ана, се претстави и Теодотија.

Во тоа време на островот Приконис имаше еден војник Стефан, родум Ерменин. Тој доаѓаше од европските краеви и попат се разболел од тешка болест, од која целата половина од телото му се исушила. Кога слушнал дека преподобниот Стефан исцелува најразлични болести, тој со тешка мака дојде кај него, падна пред него и со солзи го молеше да се смилува да го исцели. Преподобниот му нареди да се поклони на иконите на Господ Христос и Пресвета Богородица. Тој сесрдно го стори тоа и веднаш оздраве. Кога се врати кај своите другари, тие го распрашуваа како оздравел и тој не ја сокри милоста што Бог му ја укажа и им рече:

- Кога се поклонив на иконите на Господ Христос и Пресвета Богородица, како што ми нареди монахот Стефан, кој се наоѓа на Приконис, јас веднаш оздравев.

Војниците го известија за тоа својот старешина, управник на Тракија. Тој го повика, го распраша како оздравел и веднаш го испрати кај царот, кој подробно го испита за неговото оздравување, па кога дозна дека се исцелил откако им се поклонил на светите Икони, започна да го нарекува идолопоклоник и јаросно го караше како да извршил многу тешко и безбожно дело. Тогаш исцелениот војник, од срам од царот се покаја и пред сите јавно започна да го одрекува почитувањето на Иконите, ветувајќи дека никогаш повеќе нема да го стори тоа. Царот го засака и го награди со чинот стотник. Но, кога бедникот излезе од царскиот двор и го оседла својот коњ, коњот ненадејно се разбесни, го фрли од себе и започна да го гази со нозете, сѐ додека не ја испушти душата. Таква казна доби тој неблагодарен отстапник.

И многу други чудеса што ги вршеше блажениот Стефан, предизвикаа кај лошиот цар голем гнев и јарост. Тој знаеше дека преподобниот на Приконис врши славни чуда и го учи народот да им се поклонува на светите Икони. Затоа намисли да го убие, поради што и нареди да го доведат од заточение. Изведен пред него, нареди најпрвин да го оковаат во синџири, нозете да му ги забијат во клада и да го затворат во тесна и мрачна темница, наречена Фаилска.

По неколку дена царот со своите двајца главни доглавници беше во еден од своите дворци надвор од градот, каде нареди да му го доведат блажениот. Попат светиот измоли од еден богољубец паричка, која на себе го имаше ликот на царот, и кришум ја стави во својата камилавка. Кога стигнаа и го виде, царот почна да вика;

- О, неволји! О, беди! О, што трпам јас! Овој ја исмева мојата царска власт! Овој не ме смета за ништо! Светителот стоеше молкум и гледаше во земјата, а царот јаросно му изговараше многу прекорни и навредливи зборови. Потоа рече:

- Зошто ништо не ми одговараш, одвратна главо?

Тогаш блажениот Стефан започна кротко да му зборува:

- Царе, ако си наумил да ме убиеш, убиј ме веднаш. Ако сакаш да ме прашаш нешто, тогаш треба да го скротиш својот гнев и спокојно да разговараш.

На таквите зборови царот го праша:

- Кажи ни, на кои тоа отечки преданија ние не се покоруваме, та нѐ нарекуваш еретици?

Преподобниот одговори:

- Вие го отфрлате почитувањето на светите Икони, што од дамнина ни е предадено од светите Отци.

Мачителот на тоа возврати:

- Не нарекувај го тоа свети Икони. Иконите не се свети, туку се изобразени идоли. И каква заедница имаат идолите со светињата?

На тоа светиот маж одговори:

- Кога им се поклонуваме на Иконите, ние не му се поклонуваме на предметот туку поклонувањето преминува на Прволикот, како што вели свети Василиј Велики.

Мачителот му рече на преподобниот:

- Зарем е можно да се изобразува со помош на вештачки бои она што во себе има многу темнина, та не може ни со умот да се достигне ни со зборови да се објасни? И дали е умесно преку вештачкото да им се поклонуваме на оние, чија што природа не е позната на никого?

Преподобниот одговори:

- Кој разумен вели дека со вештачки бои може да се изобразува невештествената природа на Божеството, Кое го надминува секој ум? Изгледот на таа природа не може да се опише со умот, а камоли со бои да се наслика. Но, кога ние на иконата го насликуваме Христа, не ја изобразуваме Неговата Божествена природа, туку неговиот Богочовечки изглед, или лик, сличен на нашиот, Кој Апостолите го видоа и допираа, како што свети Јован Богослов рече: „Она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што со рацете наши го опипавме“ (Јн.1,1). А ако ти ме предупредиш на Мојсеевите зборови: „Не гради за себе лик изрезбан нити некакви слики од она што е горе на небото или долу на земјата“ (Мојс. 20.4), тогаш ќе ти речам дека лично Мојсеј направи од злато изобразени два херувима, за што Божествениот Апостол вели вака: „херувими на славата, кои го осенуваа олтарот“ (Евр. 9,5). Но и самиот олтар, и скинијата, и Светињата над Светињите, изобразуваа обличје на небесните работи, како што вели истиот Апостол: „служат во облик и сенка на небесните“ (Евр. 8, 5). Тогаш што незаконско вршиме ние, кога човечкиот лик Христов го изобразуваме на икони, и му се поклонуваме Нему? Или кога ние му се поклонуваме на крстот, изработен од некој материјал, зарем на материјалот му се поклонуваме? Исто така, кога ги почитуваме свештените садови, на нашата совест нема никаков грев, бидејќи знаеме дека садовите се осветуваат со призивањето на Христовото име. Зошто вие се кревате против сето тоа? Потоа ќе посакате да ги отфрлите Светото Тело и Крв, Кои таинствено се предлагаат под вид на леб и вино, Кои го изобразуваат она тело Христово кое страдало на крстот, а сега е на небото и на Кои и ние се поклонуваме, и причестувајќи се со нив наследуваме вечни богатства. А вие, не правите никаква разлика меѓу светото и несветото, ја нарекувате идол иконата Христова паралелно со изобразението на Аполон, и иконата на Пресвета Богородица паралелно со кипот на Артемида, и ги газите и спалувате.

На тоа царот одговори:

- О, ти, со слеп ум! Најнедостоен, неспоменат меѓу неспоменатите, зар ти мислиш дека газејќи ги законите ние Христа Го газиме?

Тогаш богомудриот Стефан, сакајќи според обичајот на искусните борци да го победи непријателот со неговото сопствено оружје, ја извлече од камилавката онаа паричка со изобразен лик на злочестивиот цар Копроним на неа, му ја покажа и го праша со Христовите зборови:

- Чиј е овој лик и натпис (Мт. 22, 20)?

Зачуден, царот одговори:

- На никој друг, освен на царот.

Тогаш светителот праша:

- А што би се случило кога некој со презир би го фрлил царевиот лик на земјата и започне да го гази со нозете? Нема ли да биде казнет за тоа?

Присутните одговорија:

„ Да! Голема казна би искусил таквиот, затоа што му нанел навреда на царскиот лик.

Тогаш преподобниот длабоко воздивна, и со болка во срцето рече:

- О, колку страотно сте слепи и безумни! Кога за навредата нанесена на ликот на царот овоземен, смртен и гнилежен, казнувате со голема казна, на каква тогаш казна подлегнувате вие, кои ликот на Синот Божји и Неговата себеспрекорна Мајка ги газите и во оган фрлате?

Откако го рече тоа плукна во парата, ја фрли на земјата и започна да ја гази. Присутните бесно му се нафрлија со намера од палатата да го фрлат во морето, зашто таа палата се издигала над морето, но, царот, иако срцето му вриеше од бес, преправајќи се кроток, им забрани и нареди окован да го затворат во народната темница. Кога влегуваше во темницата, светителот рече:

- Оваа темница ќе биде одморалиште на мојот сегашен живот. Тука треба да останам до последниот здив. Ова место го избрав заради почитувањето на светите Икони.

Заклучен во најзафрлената просторија од темницата, блажениот најде таму триста четириесет и два монаха, кои од разни покраини и манастири беа доведени и затворени поради почитувањето на светите Икони. На некои од нив им беа отсечени носевите, на некои откинати ушите, на некои избодени очите, на некои отсечени рацете, особено на оние кои составувале и пишувале книги во одбрана на иконопочитувањето. Некои беа цели во рани од тепање, на некои лицата им беа намачкани со смола и изгорени, на некои главите острижани за потсмев. Кога го виде сето тоа, преподобниот го пофали нивното трпение и подвизи и започна многу да тагува што и тој не се удостои да претрпи такви маки за светите Икони. А сите тие свети Отци, кога го видоа со љубов го опкружија и го избраа за свој наставник и учител. Така таа темница стана како манастир, и во неа се вршеа вообичаените служби и молитви, според манастирскиот поредок и устав.

Во темницата преподобниот добиваше храна од некоја богољубива жена, сопруга на еден од стражарите на темницата. Таа секоја сабота и недела носеше во темницата малку леб и вода и кришум му даваше. На почетокот тој не сакаше да прима од нејзините раце, бидејќи не знаеше дали е побожна и дали се поклонува на светите Икони. Тој се гнасеше од еретиците и не сакаше да земе ништо од нивните раце.

Но, таа жена, за да ја докаже својата побожност, му донесе свети икони на Пресвета Богородица и светите првоврховни апостоли Петар и Павле, кои тајно ги чувала кај себе.

Кога им се поклони пред преподобниот Стефан, таа ги бакна, па му ги предаде, за и тој, имајќи ги кај себе да ја спомнува во своите свети молитви.

Еден ден светиот отец разговараше со останатите свети отци затвореници за многу и најразлични мачења, на кои побожните христијани ги подложуваат царските намесници, антипати и игемони. Меѓу останатото еден од затворениците, на име Антониј од Крит, раскажа за маченичката смрт на кипарскиот монах Павле. Епархот на Крит Теофан, наречен Лардотир, ставил на земјата пред него од едната страна икона на Распетието Христово, а од другата орудија за мачење и му рекол:

- Павле, одбери го едното од двете. Или иконата Христова згази ја со нозете за да останеш жив или умри мачен со лута смрт, ако одбиеш.

Храбриот Павле силно викнал:

- Никогаш нема да се случи тоа, Господи Исусе Христе, Единороден Сине Божји, јас Твојата света икона да ја згазам со нозете.

Откако го рекол тоа, Павле ги преклонил колената и побожно ја целивал светата икона на Христовото Распетие, покажувајќи со тоа дека не се плаши од заканите на мачителот и дека е подготвен да умре за Христовата икона. Тоа страшно го разјарило мачителот и наредил најпрвин телото да му го стегнат меѓу две железни штици, па го обесиле со главата надолу, му го одрале целото тело со железни гребени и најпосле запалиле оган под него. Така храбриот Павле го завршил животот изгорен во огнот и станал благомирисна жртва на Бога.

Кога Антониј го раскажуваше тоа, сите отци ронеа топли солзи. Потоа започна да зборува друг затвореник, по име Теостирикт, човек стар и удостоен на презвитерскиот чин, на кого за светите Икони носот му беше отсечен и целото лице изгорено со врела смола. Еднаш, раскажуваше тој, во нашиот манастир Пеликита на Велики Четврток се вршеше Бескрвно Жртвопринесување. Манастирот ненадејно беше нападнат од мачителот Лаханодракон со војниците. Кога дрско влегоа во црквата и во светиот олтар, тој нареди да се прекине богослужењето и да се фрлат на земјата светите и животворни Христови Тајни. Потоа избра четириесет и двајца монаси, ги окова во синџири, а на останатите, на некои им нанесе лути рани кинејќи им ги телата, на некои лицата и брадите им ги премачка со смола и изгоре, на некои носевите им ги отсече, меѓу кои бев и јас. Потоа ја запали црквата и целиот манастир. А оние четириесет и двајца најодбрани монаси, оковани во синџири, ги испрати на заточение во Ефеската област, ги затвори таму во некоја стара бања и го соѕида влезот. Таму тие беа усмртени со глад.

Додека со солзи го слушаше ова раскажување, преподобниот Стефан ги советуваше браќата на слично јунаштво и трпење. При тоа и самиот се сети на некој Петар, кој живеел во Влахерна. Изведен пред царот на испрашување, тој за верноста кон иконопочитувањето долго бил тепан безмилосно со воловски жили, при што се истакнал со такво трпение што ни глас не пуштил, како да не чувствувал никакви болки. Дури не се исплашил ни царот да го изобличи со остри зборови, нарекувајќи го нов Јулијан Отстапник. Блажениот Стефан исто така спомена и некој Јован, кој царот не успеал да го примора да ги гази иконите на Христа и Пресвета Богородица, па веднаш наредил да го сошијат во мев, да врзат тежок камен за мевот и да го фрлат во морето светиот исповедник.

Раскажувајќи си такви примери, преблажените отци и затвореници заради Христа стануваа уште поревносни јуначки да страдаат за светите Икони.

Блажениот Стефан помина во таа темница единаесет месеци, Потоа Бог му го откри времето на неговата смрт, четириесет дена однапред. Кога по тоа откривање дојде кај него гореспоменатата жена на стражарот на темницата, која му носеше храна, тој ѝ рече:

- Господ нека те награди за доброто што ми го правеше. Ти доста ми послужи. Отсега повеќе немој да ми ја носиш таа гнилежна храна и пијалок.

Жената многу се нажали, мислејќи дека светителот се гнаси од неа. Кога ја виде таква, тој ѝ рече:

- Дојде времето на моето заминување од овој свет, и по четириесет дена ќе умрам. Затоа сакам во текот на овие четириесет дена да ги засилам своите монашки подвизи и да ги поминам без храна и вода, за да се подготвам за смртта.

И така ја отпушти стражаревата жена, па се оддаде на молитвените подвизи, пребивајќи во молитва и ден и ноќ. Доаѓаа кај него луѓе кои тајно се држеа до правоверието, само преоблечени во искината облека и се насладуваа на неговите душекорисни и богомудри поуки и добиваа благослов од него.

Во триесет и осмиот ден преподобниот ја повика истата жена и во присуство на сите отци во темницата ѝ рече:

- Бог стократно нека ти возврати за милостињата со која ми послужи, и нека погледне на тебе од висините со Своето милостиво око, зашто си станала вистинска ученичка на Оној Кој рекол: „Кога ќе му го направите ова на еден од моите најмали браќа, Мене сте ми го направиле“ (Мт. 25, 40), „кој го прима праведникот во име праведничко, ќе прими плата праведничка“ (Мт. 25, 41). „кој ќе ве напои со чаша вода во Мое име, нема да му пропадне наградата „(Мк. 9, 41). Ти сето тоа го исполни, служејќи ми мене. Затоа Господ нека не те лиши од наградата твоја.

Потоа светителот и ги врати светите икони што му ги беше донела и ѝ рече:

- Прими го назад ова скапоцено богатство свое. Тоа ќе ти биде заштита од секое зло и сведоштво за твоето правоверие во сегашниот и идниот век.

Откако го рече тоа, преподобниот воздивна и рече:

- Задутре ќе излезам од овој живот и ќе преминам во другиот свет, каде ќе застанам пред Небесниот Цар.

На овие зборови жената горко заплака. Потоа ги зеде иконите и откако доби благослов од светителот се врати дома, плачејќи поради разделбата со големиот отец и свој учител. Преостанатото време до смртта преподобниот го помина со своите созатвореници во пеење на свештени песни и славење на Бога.

Во триесет и деветиот ден, царот со својата трета жена Евдокија го празнуваше незнабожечкиот празник Врумалиј, зашто покрај многуте свои на Бога одвратни злодела, не ги оставаше ни незнабожечките празнувања. За време на тој празник некои од зловерните го обвинија кај царот преподобниот Стефан дека темницата ја претворил во манастир и со своето учење примамува многумина, та им се поклонуваат на Иконите. Царот се разлути и веднаш испрати џелати да го изведат надвор од градот и да го обезглават. Кога окован го водеа, царот се покаја што го осуди на толку лесна смрт и рече:

- Шко би било попожелно за Стефана од брзата смрт преку посекување?

И сакајќи да го усмрти со најлута смрт, нареди повторно да го вратат во темницата. Тој ден приреди голема вечера за своите големци и истомисленици, и тие играа и се веселеа. Но, среде веселбата царот се сети на преподобниот Стефан, па насамо повика две дворски момчиња, два родени брата, кои беа многу убави и храбри, и им рече:

- Појдете во народната темница и кажете му на Стефан: вака вели царот: Гледаш ли колку се грижам за тебе? Ете, те вратив од челуста на смртта и ти го подарив животот. А ти, до кога ќе се противиш на мојата волја? Кажете му го тоа. Јас знам дека нема да ми се покори, туку уште повеќе ќе ме навредува. Тогаш фатете го и силно тепајте го, додека не го убиете.

Момчињата отидоа во темницата. Но, кога го видоа лицето Стефаново блескаво како лице на ангел, тие се засрамија од неговата светост, паднаа пред неговите нозе и просеа благослов и молитви. Потоа се вратија кај царот и му рекоа:

- Тој монах беше непокорен, па го тепавме безмилосно и го оставивме одвај жив. Толку силно го тепавме, што нема да ја доживее зората.

Царот се израдува и весело продолжи да се забавува со своите истомисленици.

Преподобниот Стефан таа ноќ ја престоја на молитва, подготвувајќи се за смртта. На самнување ги собра преподобните отци и им рече:

- Последна желба за мир и последен целив ви давам, отци и браќа. Дојде часот на мојот крај и ме очекува маченичкиот венец.

Вие до крај останете цврсти во Православието.

Отците горко плачеа, со топли солзи ги заливаа своите лица, Свети Стефан започна да ја соблекува облеката од себе а тие му рекоа:

- Оче, ќе биде подобро смртта да ја сретнеш во светата монашка облека.

Но, боговдахновениот Стефан им рече:

- Борецот треба да појде во борба гол. Покрај тоа, не е убаво светиот монашки чин да биде газен од беззаконите луѓе.

Ја соблече сета облека од себе и се завитка само во една кожена мантија, и седеше со светите отци, очекувајќи го својот смртен час.

Нокта, кога царот по прославата спиеше, ѓаволот, кој постојано беше покрај него, го извести дека оние две момчиња не го претепаа Стефан во темницата, туку напротив, му се поклонија и зедоа благослов од него. Тој се разбуди и веднаш излезе од внатрешната одаја на едно крило од палатата и започна како лав да рика, говорејќи:

- О, неволји! О, мое големо понижување! Немам помошник, немам верен слуга! Никој не ме смета за ништо, и не знам што да правам со оние непоменици (така ги нарекуваше тој монасите, сметајки дека не се достојни ни да ги спомене).

Од царскиот вик сите во дворецот се вознемирија и возбудија и потрчаа кај него. Тој погледна во нив и рече:

- Каде одите и кого барате?

Тие пристојно му рекоа:

- Дојдовме кај тебе, нашиот благ господар и цар.

- Не сум јас ваш господар, - силно викна царот, - не сум ваш цар! Вие си имате друг цар, друг господар, пред чии што нозе паѓате и од кого благослов и молитви просите. Никој не ме слуша и никој верно не ми служи, за да го уништам мојот непријател и да си го утешам духот!

Дворјаните со болка во душата започнаа да се распрашуваат кој е тој негов непријател, кого тие го почитуваат повеќе од него, Тогаш Копроним одговори:

- Стефан од Авксентиевата Гора е ваш цар а не јас.

Само што го изговори тоа, сите со страотна врева и викотници се стрчаа кон народната темница, и обраќајќи се на стражата викаа:

- Дајте ни го Стефан Авксентиецот!

Но, преподобниот самиот излезе со весело лице и радосна душа и им рече:

- Јас сум оној што го барате.

Тие како волци го зграпчија, го фрлија на земјата, му ги раскинаа оковите, и немилосрдно го влечеа кон централниот плоштад, клоцајќи го и тепајќи го со стапови. Во близина на црквата на свети Теодор тој се потпре на земјата, па онака влечен ја подигна главата колку што можеше и последен пат му се поклони на светиот великомаченик пред неговата црква. Тоа го виде еден од крвопијците што го влечеа, на име Филоматиј, па зеде еден стап и силно го удри по главата и му ја разби. Во тој момент преподобниот го предаде својот дух во рацете Божји. Неговиот убиец веднаш беше нападнат од ѓаволот и со страшен глас почна да вика, падна на земјата грчејќи се со целото тело, исфрлајќи пена и чкртајќи со забите. Така страшно го мачеше ѓаволот, сѐ додека не ја исфрли својата бедна душа.

Не осврнувајќи се на тоа, хајката разјарени крвопијци што го влечеа блажениот Стефан не престана да се изживува над неговото тело. И над мртвото тело тие ја истураа својата ѕверска лутина, влечејќи го по улиците и тепајќи го со камења. И отпаѓаа делови од светото тело и се тркалаа по патот: онде прсти, онаму раце, тука внатрешни органи. Еден од беззакониците зеде огромен камен, го удри преподобниот по стомакот и му ја истури утробата. Така улиците од градот се облија со светителската крв, пролиена како вода. Па не само мажите туку и жените и децата излегуваа и фрлаа камења по мртвото тело на светителот, зашто од царот имаше наредба, секој што нема да фрли камен по Стефан, ќе се смета за противник на царот и ќе биде казнет.

Затоа сите, од мало до големо, го каменуваа убиениот. Кога телото беше довлечено до прекрасниот полоштад, еден кафеџија, кој во тоа време готвеше риба, кога виде како го влечат телото и, мислејќи дека светителот е жив, зеде запалена гламја, силно го удри со неа по главата и му го истури мозокот.

По ова скандалозно насилство, кое се извршуваше над телото на преподобниот, одеше еден православен маж, на име Теодор, кој сакал да види каде ќе го фрлат многустрадалното тело. Кога го виде истурениот мозок од главата, тој божем како да се сопна падна на земјата, кришум го собра во чиста марама, го сокри во пазувите и продолжи да оди со толпата.

Во тоа време уште беше жива најстарата сестра на преподобниот, монахиња во еден од женските манастири во Цариград. Кон тој манастир и го влечеа телото, за и сестрата негова да фрли камен по него. Но, таа побегна од својата ќелија и се сокри во еден гроб. Насекаде ја бараа, но не можеа да ја најдат. Тогаш телото го одвлекоа од таму на местото наречено Пелагиини гробишта. Таму порано имало црква на светата маченица Пелагија, која од дотраеност се срушила. Злочестивиот нареди та ѝ ги раскопаа темелите, и на тоа место ископаа длабока јама, во која започнаа да ги фрлаат труповите на убиените незнабошци. До таа јама го довлекоа светото тело и го фрлија во неа, ставајќи го праведникот меѓу беззакониците.

Така го заврши својот живот нашиот преподобен отец Стефан, на дваесет и осми ноември, во педесет и третата година од својот живот. Тој ден, уште од утрото беше многу ведар, и сонцето силно грееше. Но, во девет часот од исток, каде што се наоѓаше Авксентиевата Гора, ненадејно се појави огнен облак над врвот на кој се наоѓаше манастирот. Потоа над градот за миг падна темен мрак и денот се претвори во ноќ, настана силно невреме и падна ужасен град, кој усмрти многумина.

Но, сите тие видливи знаменија Божји не го вразумија злочестивиот цар. Тој дури со смрт ги казни двете момчиња што ги испрати во темницата да го убијат преподобниот, а тие не го послушаа. Потоа на разни начини ги погуби и преподобните отци, кои беа заедно со преподобниот Стефан во народната темница.

А Теодор, кој го собра истурениот мозок на светиот, отиде во манастирот на свети Диј и тајно го предаде на игуменот, откако подробно му раскажа сѐ што знаеше за смртта на светителот. Игуменот со воздишки и солзи го сослуша и го проколнуваше царот како еретик и отстапник. Мозокот на светителот го прими како скапоцено богатство, го положи во чист сад и го сокри во црквата на светиот првомаченик Стефан. Но и тоа не можеше да се сокрие од злобниот цар.

Кога игуменот го стави мозокот во садот и го сокри во црквата, тука беше присутно едно момче, кое живееше во тој манастир. По некое време тоа започна да го моли игуменот да му даде ѓаконски чин. Но игуменот, сметајќи го за недостоен, ја одби неговата молба. Момчето се налути, па отиде кај царот и му раскажа сѐ што знаеше за мозокот на свети Стефан. Царот веднаш нареди да му се однесе тој сад и да се отвори пред него. Кога го донесоа и го отворија, се најде дека е потполно празен, зашто по промисла Божја беше невидливо земен и сокриен на место кое никому не му е познато до денес. Царот се разгневи и тоа момче го испрати во прогонство како клеветник.

Треба да ја споменеме и необичната казна Божја што ја стигна онаа девојка робинка на монахињата Ана, која ги наклевети Ана и блажениот Стефан и лажно сведочеше пред царот, дека тие божем тајно се состанувале ноќе. Таа беше омажена за некој чиновник, собирач на царскиот данок во Витинија, и роди близнаци. Една ноќ, додека со децата спиела, тие ненадејно се вознемириле и добивајќи некоја необична сила ги дофатиле дојките на мајка си и започнале да ги цицаат, не како деца туку како лавчиња или мечиња, така што несреќната жена не можела да ги оттргне од себе. Така ѕверски цицајќи ја, тие ја усмртиле. Потоа и самите деца, како пород аспидин, умреле заедно со неа. Таква казна ја стигнала бедната и лажна сведокиња. А пак блажениот преподобномаченик Стефан, како невин и чист по срце, Го гледа Бога, во Троица Едниот, Отецот и Синот И Светиот Дух, Кому слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КОИ ПОСТРАДАЛЕ ЗА СВЕТИТЕ ИКОНИ со свети Стефан Нови, меѓу кои: ВАСИЛИЈ, ГРИГОРИЈ, АНДРЕЈ, ГРИГОРИЈ, ПЕТАР, ЈОВАН и останатите

За време на Константин Копроним многу православни војници ја напуштија својата служба и го примија монаштвото. Многу од нив беззакониот цар подложуваше на страшни маки, па потоа ги убиваше. Така еден, на име Василиј, тој најпрвин го ослепе. Акога свети Василиј и по ослепувањето продолжи да им се поклонува на светите Икони, царот лично му зари нож во стомакот и му ја истури утробата. Така блажениот страдалник ја предаде својата душа во рацете Божји. Во тоа време за светите Икони пострада во Цариград и свети Стефан Нови. Освен него беа испратени во заточение и Григориј, уште еден Григориј, со неколкумина други, каде што и се упокоија. Исто така за светите Икони пострадаа во тешки маки Андреј и Петар, заедно со свети Стефан. Најпосле свети Јован беше прогонет во Дафна, каде со царска наредба често беше тепан и така убиен. Така сите тие се здобија со маченичките венци.

ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОДОР, архиепископот Ростовски

Свети Теодор беше внук на преподобниот Сергиј Радонежски, син на неговиот постар брат Стефан. Световното име му беше Јован. Кога наполни седум години, неговите побожни родители го дадоа да се учи на книга. Напреден во учењето, Јован беше напреден и во побожноста. По смртта на својата мајка беше покрај татка си, кој се замонаши, и строго се подвизуваше во монашките подвизи во својот манастир. Слушајќи за животот на својот стрико, големиот Радонежски подвижник Сергиј, кој тогаш ја градеше својата нова обител, Јован гореше од желба да го види и да го следи. По Божја промисла, татко му тргна кај својот брат во Радонежската област и го поведе Јована со себе. Во Радонежскиот манастир Стефан го внесе својот син во црквата и го предаде во рацете на својот брат, игуменот Сергиј. Иако имаше само дванаесет години, преподобниот го прими, провидувајќи во него вистински подвижник, и веднаш го замонаши, на 20 април, на денот на преподобниот Теодор Трихин, чие што име и му го даде при монашењето. Во тоа време имаше обичај при постригот да се дава на пострижникот името на светителот во чиј ден се врши потстригот.

Новопострижаниот монах Теодор се оддаде на монашкиот живот во Троицкиот манастир под раководството на неговиот оснивач, големиот свети Сергиј. Тој водеше живот во воздржание, целомудреност, чистота, молитви; усрдно ги посетуваше богослуженијата, внимателно го слушаше Божественото Писмо, и самиот често читаше свети книги. На својот наставник свети Сергиј во сѐ му служеше со смирение, кротост и молчание. Ревноста за црковната и ќелијната молитва, постот и бдението, срдечното читање на Псалтирот и солзите на умиление на младиот монах, предизвикуваа восхит кај сите. Особено е важно тоа што тој ништо не криеше од преподобниот Сергиј, откривајќи му ги постојано сите свои помисли.

Кога ги наврши потребните години, монахот Теодор беше ракоположен за свештеник, и продолжи ревносно да се усовршува во монашките подвизи и духовниот живот. Кога служел света Литургија со преподобниот Сергиј и својот татко Стефан, некои монаси, удостоени на посебна благодат Божја, гледале како со овие свети служители крај престолот служи и ангел Божји.

Во тоа време кај преподобниот Теодор се јави мисла за основање на нов, свој манастир. Таа мисла му ја изложи на својот учител и му ја повторуваше повеќе пати. Преподобниот го виде во тоа прстот на Божјата промисла. Теодор по обичај непрестајно се предаваше на ноќната молитва. И така еднаш, додека стоеше на молитва, слушна глас:

„Теодоре, појди во пустината. Таму ќе изградиш обител, ќе собереш во неа многу подвижници, луѓе со духовен стремеж, и ќе добиеш голема награда на небесата“.

Блажениот ги прими овие зборови како откривање од небото и никому не кажа за нив. Но, по доста време големиот прозорливец свети Сергиј му рече:

- Чедо, јас се надевав дека ти ќе ги предадеш моите коски на гробот и по мене ќе бидеш игумен на ова место. Но, бидејќи сакаш сега да го започнеш остварувањето на својата замисла, тогаш нека ти бидат на помош Бог и Пресвета Богородица.

Откако го благослови својот внук и ученик, свети Сергиј го отпушти заедно со браќата, кои изразија желба да појдат со него.

Преподобниот Теодор замина со своите сопатници од манастирот и започна да бара погодно место за манастир. И најде прекрасно место, наречено Симоново, недалеку од градот Москва, на левиот брег на реката Москва. Известен за тоа, свети Сергиј дојде лично да го види местото и утврди дека е погодно за манастир и го благослови Теодоровиот потфат.

Кога доби одобрение од надлежниот архиереј, изгради на избрано место црква, во име на Пресвета Богородица, ги изгради потребните згради за манастир, собра многу манастирски браќа и основаше манастир со строг поредок на општожителен манастир. Им беше личен пример на строгиот подвижнички живот, и блескаше со внатрешните добродетели, мудроста и разумот. Московскиот митрополит Алексиј го постави преподобниот Теодор за игумен на новоизградениот манастир, а великиот кнез Димитриј, високо ценејќи го преподобниот поради неговиот подвижнички живот, го избра за свој духовник. Како игумен неуморно се трудеше манастирот да го уреди според примерот на Троицкиот манастир на преподобниот Сергиј, со сите правила на строгото општожитие. Но, бидејќи во близина на манастирот минуваше голем пат, и тоа ја нарушуваше манастирската тишина и молитвеното тихување, кое преподобниот многу го сакаше, тој во 1379 година го пренесе манастирот на ново, попогодно место, близу до брегот на реката Москва, каде што постои и денес. Новото место привлече уште повеќе браќа на монахување. И преподобниот Сергиј неколку пати доаѓал кај својот внук и се радуваше на успесите на неговите побожни потфати.

Во 1383 година преподобниот со наредба на великиот кнез го придружуваше во Цариград архиепископот Дионисиј Суздалски и таму беше произведен за архимандрит од страна на патријархот Нил. И како архимандрит се држеше до своите строги монашки подвизи. И во својата ревност за светото делување, тој наоѓаше време да се занимава и со иконопис. Некои од неговите икони се сочувани до денес.

Многу од потстрижниците и ученици на преподобниот Теодор станаа игумени и архимандрити на други манастири. Некои станаа и епископи. Особено заблескаа со светоста на својот живот преподобните Кирил и Терапонт.

Во 1387 година архимандритот Теодор повторно патувал по работа во Руската митрополија кај патријархот во Цариград. Избран од великиот кнез и Руската црква за архиепископ Ростовски, во оваа пригода беше хиротонисан за епископ.

Кога се врати од Цариград, архиепископот Теодор со сета душа се посвети на своите архиерејски должности, без да ги намали своите монашки подвизи. Како архиепископ го основаше во Ростов Рождественскиот женски манастир. Но, истоштен од многуте ангажирања и подвизи, кратко управуваше со Ростовската епархија. Се упокои на 28 ноември 1395 година. Неговите свети мошти, прославени со многу чуда, почиваат под столбот во Ростовско Успенската соборна црква, во југозападниот агол.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ РОМАН, епископот Македонски

Неговиот спомен е забележан во Парискиот Кодекс 1578. Во другите Синаксари не се споменува.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ИРИНАРХ и СЕДУМTE СВЕТИ ЖЕНИ

Свети Иринарх беше од градот Севастија. Како момче тој стана џелат по занимање, кој соработуваше во мачењето на светите маченици, по наредба на гонителите на христијанската вера. Но, кога зе време на Диоклецијановото царување, севастискиот кнез Максимијан ги мачеше седумте свети жени, Иринарх виде како тие, иако слаби жени, јуначки го поднесуваат мачењето заради Христа и го посрамуваат мачителот, та и тој, озарен со благодатта Божја, бестрашно Го исповедаше Христа и гласно објави дека е христијанин. Затоа со наредба на кнезот го фрлија во езеро. Потоа го ставија во вжештена печка. Но, тој со чудо Божјо остана неповреден. Најпосле му ја отсекоа главата со меч, во 303 година. Така го доби венецот на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОДОР, епископот Теодосиополски

Овој свет пастир на стадото Христово живеел во времето на царот Маврикиј (582-602). Бил епископ во Ерменскиот град Теодосиопол.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЈОВАН ПЕРСИСКИ

За него во Минеите се вели дека е родум од Дамаск. Не е познато времето на неговото страдање во Персија.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ МАРКО

Преподобниот Марко ги оставил заради Христа сопругата, децата и роднините и го примил ангелскиот монашки чин. Постојано одел низ пустините, градовите и селата. Најден е мртов во еден храм во Египет, опашан со железен појас. Оние што го најдоа се восхитуваа на неговиот подвиг, па го ставија во дрвен сандак заедно со железниот појас.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДВЕ ДЕЦА

Се упокоија натерани да трчаат во оган. Нивниот спомен е на 13 октомври.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ БЛАГОВЕРЕН цар МАВРИКИЈ

Овој благоверен кроток цар беше погубен со своите пет синови од царот Фока во 602 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША АНА

Нашата преподобна мајка Ана беше благородна жена, која по смртта на својот сопруг беше замонашена од свети Стефан Нови и се подвизувала во еден женски манастир. Царот Копроним ја наговарал да изјави дека божем имала недозволени телесни врски со свети Стефан, за на тој начин да може да го понижи светителот пред народот. Но, оваа света жена по никоја цена не сакала да влезе во таа царева сплетка против светителот, кого го почитувала како свој духовен отец. Поради тоа била бичувана, а потоа фрлена во темница, каде што ја предаде својата света душа на Бога.