12. Декември (29. Ноември)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАРАМОН, и со него 370 маченици
Додека царуваше незнабожниот Декиј, во Витинија Азиска имаше еден кнез Аквилин, кој ужасно ги гонеше христијаните. Еднаш собра тој во темницата триста и седумдесет христијани, и на тргнување кон Валсатиските топли води нареди со него да ги поведат и мачениците, зашто имаше намера попат да сврати во идолиштето на Посејдон и да ги присили да принесат идолски жртви. Кога стигнаа до идолиштето, тој долго ги присилуваше светите маченици да му принесат жртви на идолот на лажниот бог Посејдон, но не успеа да ги натера ни милум ни силум. Се случи тогаш од тука да минува еден благочестив човек, на име Парамон, по вера христијанин. Кога виде толку многу свети маченици, осудени на смрт, тој застана пред идолиштето и силно викна:
- О, колку многу праведници убива нечестивиот кнез без вина, затоа што не сакаат да им се поклонат на неговите бездушни и неми идоли!
Откако го рече тоа на сиот глас за сите да чујат, Парамон си го продолжи патот. Но, од неговите зборови кнезот многу се разлути и им нареди на слугите да го стигнат и веднаш да го убијат. Нечестивите слуги на нечистиот кнез го стигнаа блажениот Парамон, кој си одеше по патот и не знаеше за наредбата на кнезот, и го фатија. Прво му го извлекоа јазикот од устата, кој го изобличи и укори кнезот, и го прободеа со остри трње. Потоа по целото тело му набодеа остри трње, па најпосле го избодеа со копја. Така светиот маченик Парамон ја предаде својата благочестива душа во рацете Божји. Истовремено и гореспоменатите свети маченици, триста и седумдесет на број, за исповедањето на Христа беа посечени со меч, пред идолиштето на Посејдон.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АКАКИЈ СИНАЈСКИ
Блажениот Јован Лествичник во својата славна книга „Лествица“ за овој преподобен монах Акакиј пишува:
„Големиот Јован Саваит ми раскажа вистинска работа и достојна за раскажување. Имаше еден старец, многу мрзелив и лош. Зборувам, не за да го осудувам, туку за да го обелоденам трпението на светителот. Тој старец имаше млад ученик, на име Акакиј, прост по карактер и со целомудрен ум. Акакиј трпеше од старецот толку многу зла, што на мнозина ќе им изгледаат дури и неверојатни. Тој го кинеше не само со прекори и навреди туку и го тепаше секој ден. Сепак, трпението на Акакиј не беше неразумно. Со своето безропотно трпење и незлобиво страдање ја стекнуваше во себе благодатта Божја, која го ослободуваше од вечното мачење.
- А јас, му вели Јован Саваит на свети Јован Лествичник, - гледајќи го секој ден таков, како да е купен роб или заробеник, кој страотно се мачи, специјално го сретнував и го прашував:
- Што ти е, брате Акакиј? Како го минуваш денешниот ден?
А тој ми одговараше:
- Како да сум пред Господ Бог, толку ми е добро.
И ми ги покажуваше понекогаш модринките на очите, понекогаш на вратот, понекогаш раните на главата. Јас пак, знаејќи дека тој е творец на доблестите, му велев:
- Добро, добро, трпи брате, за да ти биде за спасение.
И помина блажениот Акакиј кај тој немилосрден старец девет години, и пред смртта боледуваше малку и отиде кај Господа. И беше погребан во гробницата на Отците. А по пет дена неговиот старец отиде кај еден тамошен голем старец и му рече:
- Оче, брат Акакиј, мојот ученик, умре.
Кога го слушна тоа, отецот му рече:
- Не ти верувам, старче. Акакиј не е умрен.
Старецот на тоа возврати:
- Оче, ако не ми веруваш, тогаш ајде со мене и види го неговиот гроб.
Големиот отец веднаш стана и отиде со него на гробот на блажениот Акакиј, и обраќајќи му се како на жив, извика:
- Брате Акакиј, навистина ли си умрен?
А пак благоразумниот послушник, и по смртта послушен, одговори:
- Не сум умрен, оче. За послушниот е невозможно да умре.
Кога го слушна тоа Акакиевиот старец, се запрепасти, и со солзи падна на земјата. Потоа измоли од игуменот ќелија покрај гробот на Акакиј, се затвори во неа, и поживеа добродетелно работејќи на спасението на својата душа. По многуте подвизи отиде кај Господа Бога, Кому слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЈОВАН
За својата вера во Господа Христа пострадал во Персија.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АВИВ
Бил епископ Некрески во Кахетија. Ученик е на преподобниот Јован Зедазнијски. Многу се потрудил во проповедањето на Евангелието на огнопоклониците, и искоренувањето на грубата заблуда и суеверие кај својата паства. На Персијците им ги згаснал идолопоклоничките свештени огнови, и затоа најпрвин бил мачен, па потоа со камења затрупан во населбата Рехи, близу Мцхет, за време на царувањето на Бакур III (941-545 г.). Моштите на свети Авив сега почиваат во градот Мцхет.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФИЛУМЕН
Свети Филумен живееше во времето на царот Аврелијан во Ликаонија. Се занимаваше со продажба на жито во Галатија и градот Анкира. Обвинет кај игемонот Феликс и изведен пред него, тој изјави дека е христијанин. Поради тоа беше обесен и струган. Потоа го фрлија во вжештена печка, но со благодатта Христова остана неповреден. Му забија и клинци во главата, во рацете и нозете, и така го тераа да оди долго. При тоа изнемоште, падна и ја предаде својата света душа во рацете на Бога, од Кого и доби несвенлив венец на мачеништвото.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПИТИРУН
Нашиот преподобен отец Питирун или Питирион бил ученик на свети Антониј Велики. Им бил наставник и на пустиниците, кои се подвизувале на високата Тиваидска Гора, над реката Нил. Таа гора беше висока, дива и каменита, опколена со провалии и пештери, во кои живееле овие пустиници. Спаѓал меѓу најдобрите ученици на свети Антониј. Ги лекувал болните и како ретко кој истерувал демони, со силата на својата молитва. Кога ги наследи великиот Антониј и чудниот Амониј, стана приемник и на нивните дарови на Светиот Дух, на Кој се беа удостоиле тие. Се хранеше со малку брашно помешано со вода и тоа само два пати неделно, во недела и четврток. Овој прекрасен подвижник Питирион им предаде на своите ученици и им остави прекрасни поуки. Меѓу останатото им го зборувал и следното: „Знајте, чеда мои, дека секоја човечка страст има и свој демон, кој ја следи и надгледува. Што значи, постои зол дух на гордоста, дух на среброљубието, страстољубието и чревоугодието, и така по ред за секоја страст. Затоа, оној што сака да ги избрка овие демони, најпрвин мора да ги искорени страстите од своето срце, во кое тие растат, хранети со лошите помисли“.
Така советувајќи ги и учејќи ги своите ученици, и до крај јуначки подвизувајќи се, мирно се упокои во Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК, ДИОНИСИЈ, епископот Коринтски
Беше знаменит пастир и учител. Посечен е за Христа во 182 година.
СПОМЕН НА СВЕТИ ТИРИДАТ, царот Ерменски
Бил современик на Диоклецијан. Најпрвин грозно ги гонел христијаните. Но, го стигнала казната Божја и полудел, та станал како скот, како некогаш Навуходоносор. Од лудилото го исцели чудесниот свети Григориј. Од тогаш па до смртта, Тиридат го помина животот во покајание и побожност. Мирно се упокои во четвртиот век.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АПОЛОНИЈ
Бил Римски сенатор. Обвинет за верата во Господа Христа, тој ја исповедал својата вера пред целиот Сенат, поради што бил посечен со меч, во Рим 186 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ УРВАН
Бил епископ во Македонија. Се упокоил во мир.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ВИСАРИОН ЧУДОТВОРЕЦ
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАЛЕРИЈАН
Пострадал за Христа посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФЕДАР
Овој светител бил фрлен во врела смола. Така се упокоил.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ШЕСТ МАЧЕНИЦИ
Биле гонети и ги примила карпата што се отворила пред нив.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НИКОЛАЈ, архиепископот Солунски
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПАНКОСМИЈ
Се упокоил во мир во својот Господ.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НЕКТАРИЈ ПЕЧЕРСКИ
Се подвизувал во Киево Печерската обител во дванаесеттиот век, и се одликувал со необична послушност. Неговите свети мошти почиваат во Антониевата пештера.