13. Декември   (30. Ноември)

ПОДВИЗИТЕ И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ АНДРЕЈ ПРВОПОВИКАНИОТ

Апостолот Христов свети Андреј Првоповиканиот беше син на еден евреин, на име Јона, а брат на светиот врховен апостол Петар, по потекло од градот Витсаида. Тој ја презре суетата на овој свет и претпочитајќи го девството пред бракот, не сакаше да се жени. Кога слушна дека свети Јован Претеча проповеда покајание на Јордан, остави сѐ, отиде кај него и стана негов ученик. Кога светиот Претеча, укажувајќи на Исуса Христа, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!“ (Јн. 1, 36), свети Андреј заедно со вториот Претечин ученик, за кој се смета дека бил свети евангелист Јован, го остави Крстителот и Го следеше Христа. Го најде својот брат Симон (Петар) и му рече: „Ние Го најдовме Месијата Христос“, и го доведе при Исуса (Јн.1, 41-42). Потоа, кога заедно со Петар ловеа риби покрај Галилејското Море, и Исус ги повика говорејќи: „Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе“, Андреј на повикот Господов веднаш ги остави мрежите и со својот брат Петар појде по Христа (Мт. 4, 18-20). Андреј беше наречен Првоповикан затоа што прв, пред сите Апостоли станал следбеник на Исуса Христа. А кога по Господовите страдања, воскресението и вознесението, свети Андреј како и останатите Апостоли го прими Светиот Дух, Кој слезе над него во вид на огнен јазик и кога со коцка се одредуваше кој каде да проповеда, нему му се паднаа земјите Витинија и Пропонтида со Халкидон и Византија, Тракија и Македонија, кои се простираат до самото Црно Море и Дунав а исто така и Тесалија, Елада, Ахаја, Аминтин, Трапезунт, Ираклија и Амастрида.

Овие покраини и градови свети Андреј ги пропатува проповедајќи Го Христа и во секој град претрпе многу неволји и страдања. Крепен со семоќната помош Христова, тој со наслада ги трпеше сите маки за Него. Но, особено во градот Синоп, доживеа тешки маки. Таму на земјата го фрлаа, за рацете и нозете го влечеа, со стапови го тепаа, го каменуваа, му ги извадија забите, му ги извлекоа прстите. Но, тој со благодатта на својот Спас и Учител веднаш беше исцелен од раните, и стана повторно неповреден и здрав.

Кога замина од таму, Апостолот минуваше низ други краишта: Неокесарија, Самосат, Алан, татковината на Абаските, родниот крај на Зигите, покраината на Босфорините. Потоа отиде во Тракискиот град Византија, каде што прв го проповедаше Христа, и откако многумина поучи, постави презвитери на Црквата. За епископ на Византија го ракоположи Стахија, кого свети апостол Павле го споменува во посланието до Римјаните (Рм.16, 9). А тој пак, носејќи ги во благовестењето Христово апостолските подвизи и страдања, ги обиколуваше Понт, Црноморското приморје, Скитија и Херсоните. По промисла Божја дојде и до реката Дњепар, во Руската Земја и застана кај Киевските планини и преноќеваше тука. Кога утредента стана, им рече на своите ученици:

- Ги гледате ли овие планини? Верувајте ми, на нив ќе заблеска голема Божја благодат, и овде ќе има голем град, и Господ ќе издигне многу цркви тука, и со светото кршение ќе ја просвети сета Руска земја.

Кога се искачи на планините, светиот Апостол ги благослови и забоде крст, претскажувајќи дека народот што живее тука ќе ја прими верата од неговиот апостолски престол, основан во Византија. Кога ги помина и горните Руски градови, каде денес се наоѓа Велики Новгород, а го посети и Рим, тој се врати во грчката краина Епир и повторно дојде во Тракија, утврдувајќи ги христијаните и поставувајќи им епископи и учители.

Минувајќи многу земји, свети апостол Андреј стигна на Пелопонез, и кога влезе во Ахајскиот град Патра, се задржа кај еден честит човек, на име Сосија. Тешко болниот Сосија Апостолот го крена од болничкиот одар и го оздраве, и потоа го обрати кон Христа сиот тој град. Во тоа време поверува во Христа и жената на царскиот намесник, антипатот Егеат, по име Максимила, кога се ослободи од тешките окови на болеста и доби брзо исцеление. И мудриот Стратоклиј, брат на антипатот и многу други најразлични болни оздравеа со полагањето на рацете врз нив, од страна на светиот Апостол.

Поради тоа антипатот Егеат го обзеде страотен бес и го фати, го распна на крст, за што презвитерите и ѓаконите на земјата Ахаја, напишаа вака:

„Ние, сите презвитери и ѓакони на Црквата на Ахаја, пишуваме за страдањата на свети апостол Андреј, што со свои очи ги видовме, за сите цркви што се на исток, запад, север и југ. Мир вам, и на сите што веруваат во единствениот Бог, во Троица совршениот, вистинскиот Отец нероден, вистинскиот Син роден, вистинскиот Дух Свети, Кој исходи од Отецот и почива на Синот. На таа вера ние се научивме од светиот апостол Андреј, апостолот на Исуса Христа, на чие што страдање бевме очевидци, и еве го опишуваме:

Кога антипатот Егеат дојде во Патра, започна да ги присилува верните во Христа да им принесуваат жртви на идолите. Свети Андреј истапи пред него и рече:

- Ти, судијо на луѓето, требаше да Го познаваш својот Судија, Кој е на небото, и познавајќи Го да Му се поклониш, и кога ќе Му се поклониш на вистинскиот Бог да се одвратиш од лажните богови.

Егеат му рече:

- Ти ли си тој Андреј што ги руши храмовите на боговите и ги привлекува луѓето кон магепсничката вера, појавена неодамна, која римските цареви наредија да се искорени?

Светиот Апостол одговори:

- Римските цареви сѐ уште не познале дека Синот Божји, кога дојде заради спасението на родот човечки, јасно покажа дека тие идоли не само што не се богови, туку се нечисти бесови, и непријатели на човечкиот род, кои ги учат луѓето да го разгневуваат Бога и да Го одвраќаат од себе, за Он да не ги слуша. А кога разгневениот Бог ќе се одврати од луѓето, тогаш бесовите ги заробуваат и ги прелажуваат, сѐ додека нивните души не излезат од телото разголени, без да носат со себе нешто друго освен своите гревови.

Егеат рече:

- Кога тие бабини и штури зборови ги проповедаше вашиот Исус, евреите го распнаа на крст.

Свети Андреј одговори:

- О, кога ти би посакал да ја познаеш силата на Крстот! Создателот на родот човечки, од љубов кон нас доброволно претрпе крст, зашто Он и времето на своето страдање го знаеше, и тридневното воскресение Свое го прорече, и на последната вечера, седејќи со нас нѐ извести за својот предавник, кажувајќи ја иднината како минато, и доброволно отиде на местото каде што требаше да биде предаден во рацете на Евреите.

Егеат рече:

- Ти се чудам, како ти, како мудар човек, го следиш Оној за Кого признаваш дека бил распнат на крст, небитно дали доброволно или неволно.

Светиот Апостол одговори:

- Голема е тајната на светиот Крст! И ако сакаш да ја чуеш, јас ќе ти ја кажам.

Егеат возврати:

- Тоа не е тајна туку казна за злосторниците.

Свети Андреј одговори:

- Таа казна е тајна за обновување на човекот, само ако сакаш стрпливо да ме сослушаш.

Егеат одговори:

- Ќе те сослушам стрпливо, но ако не го извршиш нареденото, таа иста тајна на крстот ќе ја искусиш врз себе.

На тоа Апостолот одговори:

- Кога би се плашел од крсната смрт, никогаш не би го славел крстот.

Намесникот возврати:

- Како што го фалиш крстот како безумен, така дрско не се плашиш и од смртта.

Светиот Апостол одговори:

- Не се плашам од смртта не од дрскост туку според верата, зашто смртта на преподобните е драгоцена, а смртта на грешниците е лута. Затоа сакам да сослушаш што ќе ти речам за тајната на крстот и кога ќе ја познаеш вистината да поверуваш и да ја најдеш својата душа.

Егеат на тоа рече:

- Се наоѓа нешто што е изгубено, што пропаднало. Зарем душата моја пропаднала, та бараш да ја пронајдам со вера, не знам каква?

Свети Андреј одговори:

- Тоа треба да го научиш од мене. Јас ќе ти покажам во што се состои гибелта на душите човечки, за да можеш да го познаеш спасението нивно, извршено со крстот. Првиот човек ја вовел смртта преку престапот со дрвото, и за родот човечки било потребно преку страдањето на дрво смртта да биде уништена. И како што првиот човек, кој со престапот со дрвото ја воведе смртта, беше создаден од чиста земја, така било потребно и од чиста Дева да се роди Христос, совршениот човек, истовремено и Син Божји, Кој го создал првиот човек, за Он да го обнови вечниот живот, изгубен од сите луѓе. И како што првиот човек згреши кога ги рашири рацете кон дрвото на спознанието на доброто и злото, така било потребно за спасението на луѓето Синот Божји да ги рашири на крстот своите раце, за невоздржливоста на рацете човечки, и заради вкусната храна од забранетото дрво да вкуси горчлива жолчка. И за Он, кога ја зеде на Себе смртта наша, да ни ја подари Својата бесмртност.

Егеат на тоа рече:

- Тоа зборувај им го на оние што ќе те послушаат. Но, ако не ја послушаш мојата наредба, и ако не сакаш да им принесеш жртви на боговите, јас најпрвин со стапови ќе те тепам, па потоа ќе те распнам на крстот што го фалиш.

Светиот Апостол одговори:

- Јас секој ден Му принесувам на единствениот вистински и семоќен Бог не чад на вашето кадење, не воловско месо, не крв од јарци, туку пречисто Јагне кое се принело Себеси на жртва на крстниот олтар. Сите верни луѓе се причестуваат со пречистото Тело Негово и ја пијат Крвта Негова. Сепак, ова Јагне пребива целосно и живо, иако вистински се коли. И сите вистински го јадат Телото Негово и ја пијат Крвта Негова, па сепак, како што велам, Тоа секогаш пребива целосно и пречисто и живо.

Егеат праша:

- Како е возможно тоа?

Свети Андреј одговори:

- Ако сакаш да дознаеш, стани ученик и ќе дознаеш сѐ.

Егеат на тоа рече:

- Јас тоа учење ќе го изнудам од тебе преку мачење.

Светиот Апостол одговори:

- Ти се чудам, како можеш да зборуваш бесмислици, и дали можеш со продолжувањето на маките да ги дознаеш од мене тајните Божји? Ти си слушнал за тајната на крстот, си слушнал и за тајната на жртвите. Ако поверуваш дека Христос, Синот Божји, распнат од евреите е вистински Бог, тогаш ќе ти објаснам како Он, иако убиен живее, и како Он, иако принесен на жртва и јаден, пребива целосен во царството Свое.

Егеат на тоа зебележа:

- Ако е убиен и од луѓето јаден, тогаш како Он може да биде жив и целосен.

Свети Андреј одговори:

- Ако веруваш со сето свое срце, тогаш ќе можеш да ја дознаеш оваа тајна. Ако не поверуваш, никогаш нема да ја дознаеш.

Тогаш Егеат се разгневи и нареди да го фрлат Апостолот во темница. Кај него во темницата од целата таа земја се собра многу народ, со намера да го убијат Егеат и да го ослободат. Но, тој ги задржа и започна да им зборува, советувајќи ги:

- Не претворајте го мирот на нашиот Господ Исус Христос во ѓаволски метеж. Нашиот Господ, предаден на смрт, го покажа секое трпение без да противречи. Он ниту се жалеше, ниту се чу Неговиот глас по улиците. Затоа молчете и вие, и бидете мирни. Не попречувајте го моето мачеништво, туку како добри подвижници и војници Христови, подгответе се трпеливо да ги поднесете врз своите тела најразличните мачења и рани. Ако треба да се плашиме од маките, тогаш треба да се плашиме и од бескрајните маки, а човечките заплашувања и закани се слични на чад. Ненадејно се појавуваат и исчезнуваат. Ако треба да се плашиме од страдањата, тогаш треба да се плашиме и од оние што започнуваат и немаат крај. Временските страдања, ако се мали лесно се поднесуваат. Ако пак се големи, ја бркаат брзо душата од телото и завршуваат. Но, лути се вечните страдања, таму каде што има плач непрестаен, и лелек, и ридање, и бесконечни маки. Затоа бидете подготвени на тоа, преку временските маки да преминете во вечната радост, каде што ќе се веселите, секогаш ќе цветате и секогаш ќе царувате со Христос.

Така поучувајќи ги луѓето, свети Андреј ја помина целата ноќ. Утредента царскиот намесник седна да му суди и го праша:

- Одлучи ли да го оставиш своето безумие и да не Го проповедаш Христа, за да можеш да се веселиш со нас во овој живот? Големо безумие е да се оди доброволно на мачење и оган.

Свети Андреј одговори:

- Јас ќе можам да се веселам со тебе кога ќе поверуваш во Господ Христос и ќе ги отфрлиш идолите. Христос ме испрати во оваа земја, во која Му стекнав не малку луѓе.

Егеат рече:

- Јас те присилувам да принесеш жртви, за прелажаните од тебе да го остават твоето бесмислено учење и да им принесат угодни жртви на боговите, зашто нема во Ахаја град, во кој не опустеле нивните храмови. Сега преку тебе треба да се обнови почитувањето на боговите, и оние што ги разгневи да ги умолиш, та и ти да живееш во пријателска љубов со нас. Во спротивно ќе бидеш многу мачен и распнат на крстот што го величаш.

На тоа свети Андреј одговори:

- Чуј, сине на смртта, и сламо подготвена за вечниот оган! Послушај ме мене, слугата Господов и апостол на Исус Христос! До сега разговарав со тебе кротко, сакајќи да те научам на Светата Вера, за како разумен човек да ја спознаеш вистината, да ги отфрлиш идолите и да Му се поклониш на живиот Бог на небесата. Но, бидејќи остануваш во својот срам и сметаш дека се плашам од твоите мачења, тогаш измисли најстрашни мачења за мене, зашто колку потешки маки ќе претрпам за Мојот Цар, толку помил ќе му бидам Нему.

Тогаш Егеат нареди да го налегнат и да го тепаат. И кога седум пати се променија по тројца од оние што го тепаа, светиот Апостол беше кренат и приведен кај Егеат, кој му рече:

- Послушај ме, Андреј, и не проливај ја залудно својата крв. Ако не ме послушаш, ќе те распнам на крст.

Свети Андреј одговори:

- Јас сум слуга на крстот Христов и сакам крсна смрт. А ти можеш да ги одбегнеш вечните маки, ако поверуваш во Христа кога ќе го испиташ моето трпение. Мене повеќе ме боли твојата вечна гибел отколку моите страдања, кои ќе завршат за ден или два, а твоите маки и по илјада години не ќе имаат крај. Затоа не умножувај си ги маките и не пали си вечен оган за себе.

Разгневен, Егеат нареди свети Андреј да го распнат на крст, со врзани раце и нозе. Тој не сакаше да го приковаат со клинци, за да не умре брзо, туку така врзан што повеќе да се мачи. Кога слугите го водеа кон распетието се собра многу народ, кој викаше:

- Што згреши овој праведен човек и пријател Божји? Зошто го водат на распнување?

Светителот го молеше народот да не му го попречува страдањето. Весело одеше на мачење и не престануваше да проповеда. И кога приближи до одреденото место, од далеку го виде крстот и со силен глас воскликна:

- Радувај се, Крсту, осветен со телото Христово, и со Неговите делови како со бисери украсен! Додека Господ не беше распнат на тебе, ти беше страшен за луѓето, а сега си мил и со желба приман, зашто верните знаат каква веселба ти содржиш во себе и каква е наградата подготвена за тебе. Затоа бестрашно и со радост одам кај тебе. Ти весело прими ме, зашто сум ученик на Оној Кој висел на тебе. Прими ме, бидејќи секогаш те сакав и чезнеев да те прегрнам. О, добри крсте, ти од телото Господово си стекнал красота и благолепие. Одамна за тебе чезнеам, од срце те сакам, непрестајно те барам. И еве, одвај те најдов, подготвен според мојата желба. Ајде, земи ме од луѓето и предај ме на мојот Учител, за преку тебе да ме прими Оној Кој ме искуша со тебе.

Додека зборуваше, тој се расоблече и облеката им ја даде на мачителите. Тие го подигнаа на крстот, му ги врзаа со јаже рацете и нозете, го распнаа и обесија. Околу него стоеше многу народ, околу дваесет илјади души. Меѓу нив беше и братот на Егеат Стратоклиј, кој заедно со народот викаше:

- Неправедно страда овој свет човек!

А свети Андреј ги крепеше христијаните и ги советуваше да ги трпат временските мачења, учејќи ги дека секое мачење е ништо во споредба со наградата што се добива за него.

Потоа сиот народ јурна кон домот на Егеат, викајќи и говорејќи:

- Не треба така да страда овој свет, честит, благ, кроток и мудар човек и добар учител. Веднаш треба да се симне од крстот, зашто веќе втор ден виси и ги поучува луѓето на правдата.

Тогаш Егеат се исплаши од народот, и веднаш поита да го симне светителот од крстот. Кога го виде, Апостолот рече:

- Зошто си дошол, Егеат? Ако сакаш да поверуваш во Христа, како што ти ветив, ќе ти се отвори вратата на благодатта. Ако пак си дошол само за да ме симнеш од крстот, знај дека не сакам дури сум жив да бидам симнат од него. Веќе го гледам мојот Цар, веќе Му се поклонувам, веќе стојам пред Него, но поради тебе страдам, зашто те очекува вечната гибел. Затоа погрижи се за себе ако можеш, за да не посакаш кога ќе биде доцна.

Кога слугите сакаа да го симнат од крстот, не можеа да се допрат до него. И многу луѓе се обидуваа да го одврзат, но не можеа. Рацете им се умртвуваа. Потоа свети Андреј воскликна со силен глас:

- Господи Исусе Христе, не дозволувај да ме симнат од крстот, на кој висам заради името Твое, туку прими ме, Учителу мој. Тебе Те засакав, Тебе Те познав, Тебе Те исповедам, Тебе сакам да Те видам, тоа што сум со Тебе сум. Господи Исусе Христе, прими го во мир духот мој, веќе е време да дојдам кај Тебе и да Те гледам Тебе, за Кого многу чезнеам! Прими ме, Учителу благ, и направи да не бидам симнат од крстот пред да го примиш мојот дух!

Додека го изговараше тоа, го осветли светлина од небото како молња, пред очите на сите, и блескаше околу него така што смртното човечко око не можеше да гледа во неа. Таа небесна светлина го осветлуваше околу половина час. И кога светлината замина, светиот Апостол го испушти духот и отиде во блескавата светлина да застане пред Господа. А жената на судијата Максимила, која веруваше во Христа и живееше целомудрено и свето, дозна дека свети Андреј отиде кај Господа, па го симна со голема чест неговото тело од крстот, го помаза со скапоцени мириси и го положи во својот гроб, во кој таа требало да биде погребана.

Разгневен на народот, Егеат смислуваше како да му се освети и јавно да ги казни оние што се кренаа против него, а Максимила сакаше да ја обвини кај царот. Додека го смислуваше тоа, одненадеж го нападна ѓаволот и мачен од него умре среде градот. Кога го известија за тоа неговиот брат Стратоклиј, кој веруваше во Христа, нареди да го закопаат, и не сакаше да земе ништо од неговиот имот, говорејќи:

- Не давај ми, Господи мој Исусе Христе, да се допрам до било што од богатството на мојот брат, за да не се осквернам со гревовите негови. Тој го сакаше минливото богатство и се осмели да го убие апостолот Господов.

Тоа се случи во последниот ден на ноември, во Ахаја, во градот Патра, каде по молитвите на светиот Апостол им се даваат многу добра на луѓето сѐ до денес. Страв ги обзеде сите, и не остана ниту еден, кој не би верувал во Спасителот наш Исус Христос, Кој сака сите луѓе да се спасат и приведат кон спознание на вистината, Кому слава низ сите векови. Амин.

Еве, сѐ до овде е описот на страдањето на светиот апостол Андреј, даден од презвитерите и ѓаконите Ахајски.

По многу години моштите на свети апостол Андреј се пренесени во Цариград од маченикот Артемиј, по наредба на великиот цар Константин, и беа положени заедно со свети евангелист Лука и свети Тимотеј, ученикот на свети апостол Павле, во пресветлиот храм на светите Апостоли, внатре во свештениот жртвеник.

По молитвите на Твојот апостол, Христе Боже, утврди ги во православието верниците Свои, и спаси нѐ. Амин.

ПОФАЛНО СЛОВО НА СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ ЗА СВЕТИОТ АНДРЕЈ ПРВОПОВИКАНИОТ

Цврста е мрежата на апостолскиот лов, прекрасен е споменот на Андреј и прекрасно сеќавањето на мрежата, која тој ја употреби за ловење и привлекување на народот кон Христовата вера. Мрежата што ја употребија овие бесмртни мртовци, никогаш не може да биде скината од заборавот. Не стареат со текот на времето орудијата за ловење, направени не од човечки занает туку со благодатта Божја. Иако и самите рибари заминаа од нас, сепак орудијата што ги употребуваа, или мрежата со која го опфатија светот, никогаш не станаа ветви. Кога тие ги фрлаат и извлекуваат мрежите се невидливи, но мрежите нивни ги гледаме полни. Не зедоа тие трска што гние од времето, ниту ставија во водата ленени нитки што гнијат од дотраеност. Не направија тие јадица што рѓата ја расипува, ниту ставија на јадицата мамка, со која би ловеле риби. Не седеа тие ни на камен, заплискуван од водата, не се возеа тие ни во чамец што бура го разбива. Уловија тие не риби, твар неразумна, туку како што е прекрасна уметноста што ја употребија, така и орудијата нивни беа нови и необични. Наместо трски ја користеа проповедта, наместо конец - помнењето, наместо јадица - сила, наместо мамка - чуда, наместо камен - небесата. Со помош на тоа, тие вршеа такво ловење. Наместо чамец тие го имаа олтарот, наместо риби ги ловеа и самите цареви. Наместо мрежа го распростираа Евангелието, наместо занаетските вештини ја применуваа Божествената благодат. Наместо море управуваа со животот човечки, наместо мрежи тие навикнаа да го користат крстот како мрежа.

И кој некогаш видел мртвите рибари да ловат живи луѓе како риби? О, големи сили на Распнатиот! О, ненадминлива красота на Божествената возвишеност! О, преголемо апостолско добротворство! Ништо во животот не може да биде такво, каква што е висината на апостолската благодат. Човечкиот живот видел многу, навистина многу чудесни и надумни работи. Ја видел пролиената крв како повикува, и убиство кое без јазик зборува, и природа која од завист се разделила против себе, и брат кој на родениот брат смрт му нанесува, и вратата на смртта отворена од зависта. Го видел човечкиот живот и ковчегот на Ное непотопен во времето на потопот на светот и гибелта на родот човечки. Видел тој и старец, кој според верата се вооружил против срцето свое, тоест против синот, и како жртва го принесува оној кој не беше убиен. Го видел тој и благословот добиен со кражба, и борбата на Создателот Бог со слугата. Ја видел тој и зависта настаната меѓу браќата, и робувањето кое довело до царување. Го видел тој и престолот подготвен за соништата, и продавачите на братот привлечени од гладот. Го видел тој и стапот кој чудеса чини, и капината залиена од огнот како со роса. Го видел тој и Законодавецот Мојсеј како им заповеда на стихиите. Видел тој води, направени тврди како камен, длабокото море разголено, пат - ненадејно подготвен, и столб од облаци дење, а огнен столб ноќе, даден на мноштво луѓе за водач. Ја видел тој и палката која процвета без земја. Ја видел тој и маната која наместо леб се испраќа од небото. Го видел тој и сонцето застанато со човечката молитва како со некоја узда, и зачнувањето на пророкот, измолено со молитвите на нероткињата. Видел тој и грст брашно, поголемо од житница, и барде масло поизобилно од извори. Видел тој и огнена кочија, носена во воздухот, и пророкот носен на неа, а видел понатаму и дека коските на мртвиот станаа лек за живот.

Многу такви големи и чудесни работи видел животот човечки. Но, сите тие работи поминаа како трева, и згаснаа како ламба кога сонцето ќе се роди. Никогаш немало ништо слично на Апостолите. Тие, служителите на Бога Словото, имаа заедница со овоплотениот Кој како Бог нема обличје. Тие го следеа Оној што оди и е секаде присутен. Тие седеа на трпезата заедно со Оној Кого никакво место не може да го опфати. Тие го слушаа гласот на Оној Кој сѐ створил со збор. Тие го опфатија светот со својот јазик како со мрежа. Тие со своите патувања ги посетија сите краишта на земјината шара. Тие ја искоренија заблудата како плевел, ги исекоа идолите како трње, ги погубија идолите како диви ѕверови, ги избркаа демоните како волци. Тие ја собраа Црквата како стадо, ги собраа православните како пченица. Тие ги исфрлија ересите како плевел; го исушија еврејството како трева; елинските кипови ги запалија како гранки. Тие ја обработија човечката природа со крстот како со плуг, и го посеаја словото Божјо како семе. Најпосле, сите нивни делувања заблескаа како ѕвезди. Поради тоа Господ јасно им рече: „Вие сте светлината на светот“ (Мт. 5, 14). На човекот христијанин исток му е Оној Кој е роден од Дева. Утро за него е Оној Кој го постави почетокот на крштението. Блесок му е благодатта на распнатиот Христос, зраци - оние чудесни јазици, ден - оној иден век, пладне - времето во кое Господ беше на самиот крст, запад - престојот во гробот, вечер - онаа кратка смрт, греењето на сонцето - воскресението од мртвите. Вие сте, рече, светлината на светот. Гледај ги тие ѕвезди и запрепасти се од греењето нивно. Затоа денес празнуваниот Андреј, кога го најде Господа на сите, како ризница на заедничка светлина, воскликнуваше обраќајќи му се на својот брат Петар: „Ние Го најдовме Месијата“ (Јн. 1, 41).

О, возвишена братска љубов! О, пресврт на поредокот! Андреј по Петар се родил во живот, а прв го приведе Петар кај Евангелието и како да го улови: Ние го најдовме, рече, Месијата! Тоа беше речено од радост; тоа беше соединето со веселата благовест за најдената работа: Ние ја најдовме, рече, онаа ризница: Одбегнувај ја, Петре, бедноста на обрезанието, извлечи се од закрпите на Законот, фрли го од себе јаремот на пишаното, сето тоа сметај го како ситници, гледај на сегашното како на сон, и згади се на Витсаида како на некое тешко и отфрлено место. Остави ја мрежата како орудие на немаштијата, чамецот како чардак на потопот, ловењето риби како занает подложен на морските бури, рибите како роба на стомакоугодувањето, народот Еврејски како роптање против Бога, Кајафа како татко на расипаното збориште. Ние го најдовме Месијата, Кого Го претскажаа Пророците, Кого нам Законот ни го објави со своето учење како со труба. Ние ја најдовме ризницата на Законот. Бегај, Петре, од гладот за пишаното. Ние го најдовме Месијата, Кого од дамнина го прасликуваа знаменија, Кого Михеј Го виде на престолот на славата, Кого Исаија Го гледаше на серафимите, Кого Језекил Го виде на херувимите, Кого Даниил Го набљудуваше на облаците, Кого Навуходоносор Го виде во онаа печка, Кого Авраам Го прими во шаторот, Кого Јаков не Го отпушти пред да добие благослов, на Кого Мојсеј Му го виде грбот. Него ние Го најдовме, Беспочетниот, Оној Кој се јави во последните дни. О, огромни ризници, чие што богатство не може да се исцрпи! Тоа се богатства кои не подлегнуваат на законите на природата; нивната природа не знае за почеток: нивното пронаоѓање е новост. Ние Го најдовме Месијата, што значи: Христос. Има многу христоси, но сите тие се смртни. Авраам беше христос, но изгни во гробот; Исак исто така беше христос, но коските негови лежат во гробот; Јаков беше христос, но на смртта подложен; и Мојсеј беше христос, но во кое место е погребан не знаеме; слично на тоа и Давид беше христос. Но, сите тие ѝ станаа плен на смртта, заробеници на смртта. Единствено Христос е вистински по природа Бог, но Кој од милосрдието Свое кон луѓето се роди од Дева и овие рибари ги направи извори на Своите исцеленија. Негова е моќта, царството, славата и поклонувањето, со Единосуштниот Отец и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АНДРЕЈ

Подвижник, кој живеел во ќелија близу Влахерна, соборец на свети Стефан Нови. Пострадал за светите Икони. Го убиле иконоборците, влечејќи го по земјата.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ФРУМЕНТИЈ РАМНОАПОСТОЛЕН, просветителот на Абисинија

Додека царуваше Константин Велики, еден философ христијанин Меропиј, од Тир, тргна во Индија и други приморски земји долж Црвеното Море да ги истражи. Меропиј ги поведе со себе и двајцата свои внуци Фрументиј и Едесиј, со желба да ги запознае со тие земји, нивните народи и обичаи.

За време на пловидбата нивниот кораб го зафати силна бура и ги примора да се симнат на брегот на Етиопија, населена со диви варвари, кои ги фатија сите патници, па некои убија, други во морето фрлија, а трети во ропство одведоа. Меропиј беше убиен, а неговите внуци Фрументиј и Едесиј беа испратени во градот Авксум, како подарок на етиопскиот цар. На царот му се допаднаа и двете момчиња и ги задржа на својот двор. Им одреди специјални учители и воспитувачи, за да ги подготват за служба на дворот. А тие, уште од детството просветени со Христовата вера, брзо ги надминаа и со умот и со образованието сите царски доглавници и станаа многу важни лица и влијателни на дворецот.

По смртта на царот, Фрументиј и Едесиј се удостоија на уште поголема чест, кога на престолот на Етиопија стапи царевиот малолетен син Ајзан. Меѓу воспитувачите на Ајзан беше избран и Фрументиј. Сега тие, имајќи големо влијание врз целата земја, можеа слободно да ја исповедаат својата вера. Во тоа време некои римски и грчки трговци, мнозинството христијани, воспоставија трговски врски со Етиопија. Едесиј и Фрументиј се запознаваа со тие трговци, приредуваа со нив заеднички богослужбени собири, поради што изградија мала црква. Напоредно со тоа и етиопјаните постепено се запознаваа од нив со христијанската вера и по малку ја усвојуваа нејзината вистина и наравственост.

Но, Ајзан порасна. Тогаш тие започнаа да го молат да ги пушти во својата татковина. По извесно колебање, тој им дозволи да ја напуштат Етиопија. Штом добија дозвола, Фрументиј и Едесиј со првиот кораб заминаа за Грција. Кога стигнаа, Едесиј се упати во својот роден крај, во Тир, да ги најде своите родители, и до крајот на животот да не се разделува од нив. Меѓутоа, Фрументиј уште додека беше во Етиопија имаше друга намера. Со душата беше врзан за таа земја, која, по промисла Божја, му стана втора татковина. Тој огнено сакаше да му стане родена по вера. Затоа радоста при средбата со своите родители ја стави под возвишената духовна радост да ја уневести за Христа новата Црква Абисиниска.

Со такви свети мисли, тој наместо во Тир се упати во Александрија, каде тогаш епископ беше свети Атанасиј Велики, ревносниот поборник на Црквата Христова. Во Александрија Фрументиј подробно му раскажа на свети Атанасиј сѐ што доживеа со Едесиј во Абисиниската земја и за чудесната промисла Божја за нив, кога варварите ги убија сите христијани, на чело со Меропиј. Тој му објасни на големиот светител дека тие варвари, по некое време престанаа да им бидат туѓи на христијаните, дури и започнаа да се вдлабочуваат во нивниот живот и учење, и сега веќе би можеле да бидат просветени со светлината на Христовата вистина. Земјиштето е веќе подготвено за семето на Христовата вистина, и целата земја чезнее за тоа, само треба да се појави сејач, му рече тој, и топло го молеше веднаш да испрати во Етиопија епископи и клир. Свети Атанасиј виде во судбата на овие два брата прекрасно промислување Божјо, заради обраќање на Етиопјаните кон Христа. При тоа му дојде мисла дека е најдобро да го постави за епископ во Етиопија лично Фрументиј, кој успеал длабоко да ги изучи карактерот, обичаите и јазикот на жителите на таа земја, и таму стекнал почитување и љубов, па му рече:

- Кој од нас може подобро од тебе да ја растера од Етиопија маглата на незнабоштвото и да ја однесе таму светлината на Божествената благовест?

Потоа го ракоположи за епископ. Фрументиј со апостолска ревност се упати во Етиопија да ги просветува незнабошците. Пред сѐ започна да го убедува царот Ајзан да прими свето крштение. Младиот цар, кој имаше навика да ги користи советите на Фрументиј, и од дното на душата склон да ја прими верата на својот учител, со сето свое срце ја прифати неговата проповед за воскреснатиот Господ Исус и се крсти во името на Господа и Бога Исуса Христа. По него се крстија и многу негови доглавници.

Овој Свој рамноапостолен угодник Господ го удостои на дарот на чудотворството. Свети Фрументиј со силата на името Христово исцелуваше бесомачни и други најразлични болни. Оние пак, кои со своето мудрување го одрекуваа Христовото учење и не сакаа да веруваат во благовеста на Фрументиј, тој ги предаваше под власта на сатаната, за духот да се спаси (1 Кор. 5, 5). Тврдоглавите ги поразуваше со сушење на целото тело, а на други наведуваше слепило. При таквите ненадејни страшни знаменија што се случувале според зборовите на угодникот Божји, дури и тврдоглавите меѓу незнабошците се наведнуваа пред него и, исповедајќи Го Христа, Синот Божји, добиваа од Фрументиј исцеление и примаа свето крштение.

Народот се вохитуваше на силата на благовеста на рамноапостолниот проповедник и самиот цар неволно воскликна:

- Толку години ти си живеел со нас, а ние не видовме од тебе ниедно чудо! А сега, од каде ти беше дадена таква благодат за толку кратко време?!

Блажениот Фрументиј му одговараше на царот и сите блиски свои пријатели и познаници:

- Не е тоа мој дар, почитувани пријатели Христови, туку дар на благодатта на свештенството од самиот Господ Христос. Јас одамна ја забележав вашата добра намера, и расположение за примање на Христа. Затоа ја оставив својата татковина, и без грижа за роднините, покорувајќи се на гласот Господов, се упатив во Александрија и му раскажав за вашата духовна жед лично на свети Атанасиј Велики, свештеномаченикот на Црквата Александриска. Тој ме удостои на светото ракополагање, ме просвети со апостолска благодат, и со молитва и благослов ме испрати кај вас. Ете, тој свештен дар Божји, преку мене ги врши меѓу вас, кои со вера сте ги примиле зборовите на благовестието, чудесата кои ги гледате.

Поставувајќи го на тој начин почетокот на Црквата Христова во Етиопија, свети Фрументиј започна ревносно да се грижи за нејзиното внатрешно и надворешно благоустројство. По целата земја градеше храмови за новообратените и насекаде уредуваше богослужење. Заедно со тоа многу грижа посвети и на преведувањето на Светото Писмо на етиопски јазик. Потоа проповедта на Евангелието се ширеше во Етиопија уште поуспешно.

Многу години поживеа така богоугодно свети Фрументиј, утврдувајќи ги верните со својот пример и слово во држењето на заповедите Божји, па мирно отиде кај Господа, во 370 година. Ја остави Црквата Етиопска одлично уредена. Од светите мошти на светителот Божји изобилно се даваа разни исцеленија на сите кои со вера и молитва прибегнуваа кај него, во слава на вистинскиот наш Господ Христос. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ АЛЕКСАНДАР ЛЕЗВИСКИ

На непристапно место, оддалечено час и половина од селото Лафион на Митимниската област, на островот Лезвос, во долината отворена кон морето, денес се наоѓаат остатоци од древни манастири. Овде за време на Агарјаните била исламската текија, во која живееле дервишите сѐ до ослободувањето на Лезвос од турското ропство (1912 г.). Денес тоа место е пусто, а некогаш, во древни времиња, тука се собирале безбројни поклоници и се случувале прекрасни чуда на гробот на некој чудесен светител Божји, Александар. Некогаш се мислело дека тој слуга Божји Александар бил оној што го наследил свети Атанасиј Велики на Александрискиот престол. Постојат исто така и нови преданија дека тој бил прв епископ Митимниски, еден од учесниците на Првиот Вселенски Собор. Но, неговото потекло и живот остануваат за нас покриени под велот на смирението и тајните. Едно е сигурно, бил девственик монах и епископ и големо светило на Црквата со своите доблести и подвизи, кои, иако сокриени од луѓето, на Бога не Му останале непознати. Затоа и народот се собирал пред неговиот чудотворен гроб со векови наназад, сѐ додека тоа место не го покри агарјанската темнина. На тоа, сега пусто место, до денес се чува камениот кивот, кој потекнува од петиот или шестиот век, ако не и од порано, со врежан крст на него и краток духовен животопис на Христовиот слуга Александар, кој бил погребан во него:

„Проповедник на Света Троица, чувар на девственоста и Христов пријател, почива овде и се моли за нас“.

Нема сомнеж дека тој е најстариот и некогаш најпочитуваниот светител на овој остров, а денес пак признат како застапник пред Бога и заштитник на Митимниската митрополија.

По молитвите на смирениот светител Твој, Господи, просвети нѐ и нас грешните, со светлината на смирението Твое и негово. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ НАШИ ОТЦИ: НЕСТОР и ЕФТИМИЈ, подвижниците Дечански