28. Декември  (15. Декември) 

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕЛЕФТЕРИЈ, епископот Илирски и неговата мајка АНТИЈА

Во времето на царувањето на Елиј Адријан во Рим (117-138 год), големиот ревнител за идолопоклонството, како ѕвезда засветли прекрасниот Елефтериј. Се роди во Рим од прочуени и богати родители. Татко му три пати беше царски антипат (Антипат – царски намесник, проконзул - управител на област во која се наоѓале неколку региони), а мајка му беше удостоена со уште поголема слава и чест, бидејќи, просветена од светиот апостол Павле, таа поверува во Христа и од него прими свето крштение; името ѝ беше Антија. Раѓајќи дете го нарече Елефтериј; и ревносно го воспитуваше во побожноста. Рано останувајќи вдовица, таа, кога Елевтериј подрасна, го посвети на Бога, давајќи го на служба кај римскиот апископ Анаклет (римски епископ од 79 до 91 година), како дар навистина достоен за Бога. Гледајќи го Елефтериј од Бога надарен и со Божјата благодат просветлен, епископот го прими во својот клир и, во петнаесеттата година го ракопожи за ѓакон, во осумнаесеттата за презвитер, а во дваесеттата за епископ на Илирија (Илирија го опфаќала источното приморје на Јадранското море, денешна Далмација, Босна и Албанија).

Светиот епископ Елефтериј, како свеќа на свеќник светеше со Христовото слово и многумина приведуваше кон познанието на Единиот Бог. Но завидливиот ѓавол не можеше да го поднесе тоа и се крена на светителот со својата убиствена злоба, крвнички дишејќи против побожноста. За таа цел го поттикна злочестивиот цар Адријан да се дигне против вистината и да започне да ги гони христијаните, а пред сѐ, да го убие Елефтериј. Исто така имаше намера на секој начин да ги уништи сите најдобри учители на побожноста и така, да ги истргне најдобрите класје на Христовата нива. Царот веднаш со писмо полно со закани испрати некој војвода Феликс, со сила да го доведе Елефтериј на царскиот суд. Кога стигна во Илирија, Феликс најде прилика кога добриот пастир во храмот Господов ги хранеше своите духовни овци со небесната храна на Божјото слово, говорејќи му на народот поука. Тој ја опколи црквата со војска, па самиот влезе во црквата дишејќи со јарост и гледајќи крвнички. Но набљудувајќи го Елефтерија како милно и слатко ги поучува своите слушатели на побожност, и самиот  почна внимателно да слуша, и почна да ѝ се восхитува на Христовата сила која ја проповедаше епископот. Тогаш во него јароста се измени во кротост, бидејќи нивата на неговото срце беше погодна за примање на Божјото семе: и, од волк стана овца, од гонител - ученик Христов; и заборавајќи го сето минато, тој од разбојник стана добар и верен слуга на Господа Христа, Кого Го гонеше. Затоа, отфрлајќи ја царската наредба, припадна кон нозете на светиот епископ, просветувајќи се со неговата проповед и зацврстувајќи се во побожноста.

Така Феликс од безбожноста се преобрати во побожноста, и веќе не помислуваше да се врати кај оној кој го испрати. Светиот пак Елефтериј, огнено сакајќи да пострада за светата Христова вера, брзаше на пат. Со него тргна и Феликс, но не како војник кој го води својот заробеник, ами како јагне кое го следи својот пастир. А кога при патувањето наидоа на вода, Феликс стана како втор евнух на царицата Кандакија, беше крстен од божествениот Елефтериј и ја соблече од себе темнината на идолодемонијата како некои гнили ризи.

Кога стигнаа во Рим, христијаните дознаа дека Феликс ѝ се присоединил на Христовата црква; а тој им раскажа сѐ за епископот Елефтериј. И, по царска наредба, Елефтериј беше изведен на суд. Стапи таму храбро и неустрашливо, како да е повикан на празник, а не на суд. Царот, погледнувајќи го и гледајќи дека е млад и убав и ведар и украсен со сите природни дарови, го праша: Елефтерие, зошто ја остави верата на прадедовците и го презре почитувањето на боговите, а почитуваш некој нов бог, кој не само што умрел на очиглед на сите, но притоа со најстрашната смрт умрел? - Елефтериј не сакаше да одговори ништо на овие безумни зборови, угледувајќи се на Христа кој сред страдањата молчеше пред Пилат, и ништо не му одговараше на Ирод. - Тогаш, царот пак проговори: Одговарај, зошто си станал безумен и на безумната христијанска вера си ѝ се присоединил? Покори ми се и принеси жртва на нашите непобедливи богови. Ако ме послушаш и постапиш по мојата заповед, ќе те одликувам со голема чест; во спротивно, ќе те ставам на тешки маки.

Елефтериј го призва Господа кој рекол: Не грижете се како и што ќе зборувате, бидејќи јас ќе ви дадам премудрост на која не ќе можат да ѝ се противат (Мт. 10, 19; Лк. 21, 15), и одговори: Како можам да им служам на такви богови и да се согласам со оние кои им служат? Не е ли подобро да ве советувам да отстапите од нив? Но бидејќи вие нема да ме послушате, тогаш треба да се плаче поради вашето безумие, бидејќи вие, иако обдарени од Бога со разум, станавте толку полоши од дрвјата и камењата, та ги сметате за свои богови, оставајќи Го Вистинскиот Бог, Кој со премудроста ја создаде целата вселена: бидејќи и небото и земјата се дела на рацете Негови; а меѓу сето што Он створил, ние луѓето сме најпрекрасната и најскапоцената творба. Но, ние лутаме во незнаење, талкајќи како во ноќ и, не знаејќи што Му е угодно, а што не, ние војуваме против Него. Оние пак кои се вистинските наши непријатели, а тоа се ѓаволите, ние - о, безумие! - ги сметаме за богови и Господи, и им укажуваме почести и им принесуваме жртви! Што се однесува до мене, јас се прилепив до мојот Господ и ќе Му бидам верен секогаш, и ќе Му послужам на мојот Христос. А сѐ ваше: и чест и ругање и маки, - сето тоа го сметам за дечји играчки и дечји плашила. Оти, како што кажува мојот учител, свети Павле: за мене светот е распнат, а и јас за светот (Гал. 6, 14), и да се умре за Христа - за мене е уживање и радост.

Овие зборови царот го исполнија со гнев, и тој нареди да се донесе железен кревет и под него да се нафрли многу жар, а маченикот да се испружи на креветот гол, а одоздола постојано да се додава жар, така сѐ додека маченикот не издивне. Кога креветот беше спремен, маченикот сам легна на него и се испружи со целото тело. Присутните му приговараа на царот заради таквото мачење, и говореа: Зошто овој честит, племенит и знаменит по својата мудрост човек, да биде погубен на таков страшен начин како да е злочинец. - Меѓутоа, одозгора, Бог му ја олеснуваше болката  на маченикот, и тој се радуваше како со роса разладуван и како да лежи на меки трендафили.

По таквото мачење, царот малку ја скроти својата јарост, и нареди да го симнат телото на маченикот од креветот, мислејќи дека е тој веќе мртов. Но, маченикот стана од креветот жив и здрав, ниту малку повреден од огнот: весел и озарен, тој пееше: Ќе Те возвисувам Боже мој, Царе мој, и ќе Го благословувам Твоето Име во веки; ќе Го фалам Бога Која ја весели мојата младост. Од род во род ќе ги фалат делата Твои Господи, и ќе ја кажуваат Твојата сила и ќе ги јавуваат чудесата Твои (Псал. 144, 1. 4. 6) .

Откако Го прослави Бога на таков начин, свештеномаченикот Елефтериј уште понеустрашливо застана пред мачителот и му рече: Царе, погледни на мене, за кого мислеше дека изгорев во огнот, и познај го Христа Бога Кого Го проповедам, и познај ја немоќта на твоите богови.

Посрамен  и победен со ваквите смели и слободни зборови на маченикот, царот почна да смислува уште потешки маки. Така, на средината повторно беше изнесена железна решетка; под неа беше наложен страшен оган, притоа заливајќи го со зејтин што правеше огромен пламен. Но ниту тука Божјата благодат не го остави маченикот. Зашто, штом на решетката го положија маченикот, огнот веднаш се угасна , жарот остина, а железната решетка стана студена, како да ја заливале не со зејтин, ами со вода; и маченикот пак остана неповреден. Но што се случи? Дали со тоа се угасна и царевата јарост? Ниту најмалку. Понесен од  стравотна лутина, тој не стана подобар: како слеп, имаше само една намера: мачејќи го светителот, да им угоди на своите богови, кои всушност беа самите ѓаволи - човекоубијците.

Потоа царот нареди да донесат голема тава, да растопат во неа восок, смола и лој, да наложат голем оган под неа, па на неа да го положат светиот маченик. Кога сето тоа беше сторено, тавата вжештена и смесата во неа зовриена, маченикот стапи на неа со намера да ја поднесе и таа мака. Но царот му рече: Елефтерие, се наоѓаш меѓу животот и смртта, избери го она што е корисно за тебе. Еве, многу се грижам за тебе лута смрт да не те однесе, а те сакам како сопствен син. Се колнам во боговите, не сакам така племенит маж, толку добар, речит и прекрасен, неразумно да се стропоштува во бесмислена гибел, и тоа од горда, суетна и некорисна непокорност. - Но, стоејќи пред царот, маченикот почна да зборува неустрашливо; одговарајќи му на лукавата љубезност, тој по заслуга му враќаше нарекувајќи го волк кој ги напаѓа овците Христови. Притоа додаде: Што и да правиш нема да ме убедиш да го оставам моето побожно живеење.

Тогаш Адријан се разбесни, ги остави зборовите и прејде на дело. Повторно нареди маченикот да го положат на тавата. Кога го сторија тоа, се случи она што и порано: огнот се претвори во роса, и некој свеж ветер го освежуваше светиот јунак. Адријан гледајќи дека сето тоа се случува против неговата волја, не знаеше што да прави, па седна и почна да размислува.

Во тоа време поред царот се наоѓаше градскиот епарх Корив; тој беше богоизбран човек: тој делумно веќе беше запознаен со христијанското учење; знаеше на кој начин војводата Феликс стана христијанин, и воопшто, тој веќе, како некое семе ги беше примил зачетоците на христијанската вера, но сеуште држејќи се до многубожното незнабожје, многу му угодуваше на царот. И кога го виде царот многу сметен и збунет поради тоа што веќе не знаеше што да прави со маченикот, го посоветува царот да нареди: да се усвити бронзена печка од внатре целата начичкана со клинци, па да го фрлат во неа Елефтериј.

Кога печката беше страотно усвитена, маченикот ги подигна своите телесни и духовни очи кон небото, и вперувајќи го сиот свој ум во небото, се исполни со боговдахновена радост и говореше: Ти благодарам Господи Исусе Христе, Боже мој, што ме удостои со толкаво богатство, што ме опаша со силата Своја, и што ме укрепи за толку да страдам за светото име Твое. И сега погледни од небото и види што смислија против мене овие пакосници, и избави ја душата моја од замките нивни и од луѓе крвопијци, оти си добар; сочувај ме, за сите да Те познаат Тебе Единиот Бог на целата земја. - Потоа слично на светиот првомаченик Стефан кој се молеше за оние кои го засипуваа со камења, светиот Елефтериј почна вака да се моли за своите непријатели: О, семилостив Господи, допри го нивното срце и направи да го познаат светото име Твое, и приведи ги кон светата волја Твоја, за да Те познаат Тебе Единиот вистинит Бог и да го напуштат убиственото клањање на идолите, бидејќи си благословен во веки, амин.

Додека маченикот се молеше така,Корив внимателно ги прислушкуваше зборовите на неговата молитва, и веднаш му се загреа срцето и почетоците на верата кои порано ги беше примил, се разгореа како жар и тој наполно се промени. И, како да не беше оној ист човек кој на царот му го предложи ваквото мачење на Елефтериј, му пристапи на царот и му рече: Зошто невиниот Елефтериј се става на такви маки, како да извршил некој злочин? И заради каква кривица се осудува на така лута смрт?

Кога царот ги слушна од Корив зборовите што не ги очекуваше, целиот се вознемири, па разјарено погледнувајќи го рече: Ти ли си тоа, познанику наш Кориве? Што се случило со тебе? Да не се опрелести со златото кое го зеде од неговата мајка и тоа направило неочекувано да се промениш? Малку ли ти се моите дарови, и богатствата, и славата, и честа, преку кои те направив познат во целиот Рим? А ако сакаш нешто повеќе од мене, и тоа не ти го бранам, ете, сите мои ризници се отворени пред тебе: со две раце земај колку ти е волја, само не дозволувај тајно да бидеш поткупен со малку злато.

Корив пак, целиот исполнувајќи се со света ревност и просветен од молитвата на маченикот, воскликна: Златото твое нека ти биде за гибел, бидејќи од него се запалува вечен оган! Зошто доброволно се ослепуваш себеси и со сите сили се трудиш да го поколебаш непоколебливото? Та, тебе ти е добро познато дека ниту еден од твоите богови  не може никого од присутните да сочува неповреден од огнот. А Бог Кого Елефтериј Го почитува, го направи Елефтериј посилен од огнот и го воздигна над секоја друга мака.

Овие зборови неискажливо го разбеснија мачителот, бидејќи навистина, понекогаш големо пријателство раѓа голема омраза. И тој нареди да го фрлат епархот во печката која тој ја нарача за Елефтериј. Кога Корив дојде близу до печката, кликна кон Елефтериј: Помоли се за мене, и наоружи ме со Христовото оружје со кое го наоружа и војводата Феликс.

Откако светиот Елефтериј го благослови Корив со крсниот знак, Корив беше фрлен во печката, но во неа остана неповреден и по еден час излезе од неа здрав, славејќи Го Бога. Царот пак, Адријан, веќе малаксан од мачителскиот бес, нареди на Корив да му ја отсечат главата. И така Корив прими маченичка крв, и за кусо време стекна ризница, по која многумина копнеат.

По него, и Елефтериј беше фрлен во истата печка; во неа почнаа да го влечат по острите железни клинци, но огнот како и порано се угасна, печката остина, а острите клинци се испокршија, како да му укажуваа чест на телото на маченикот, а изобличувајќи го душевното слепило на мачителот, и привлекувајќи ги присутните кон познание на Бога, Кој прави такви преславни чуда. И сите присутни воскликнуваа: Голем е христијанскиот Бог Кого Го проповеда Елефтериј! - Повторно, мачителот се најде во голема недоумица, и не знаејќи што да прави, нареди да го стават во темница. Самиот пак, ги повика своите советници и целиот ден го помина во советување со нив, на кој начин да го погуби Елефтериј.

Меѓутоа, во темницата светиот маченик беше многу дни мачен со глад. Но Оној Кој некогаш го хранеше пророк Даниил преку Авакум и пророкот Илија преку гавранот (Дан.14, 37; Цар. 17, 6), Тој не допушти и Елефтериј да умре од глад: го хранеше со ангелска храна, праќајќи му ја во темницата по гулаб.

Најпосле, мачителот нареди да доведат диви коњи за да го врзе за нив маченикот и, влечен и черечен, да умре. И кога тоа почна да се спроведува во дело, Ангел Господов слезе од небото, го одврза маченикот, и грабнувајќи го од рацете на мачителите, го одведе на една гора во близина на градот: во место пусто- живеалиште на ѕверови. Таму, вознесувајќи Му слава на Бога, светиот Елефтериј, со ѕверовите живееше како со овци. Го опкружуваа лавови и мечки и му се умилкуваа; и како да му го познаваа гласот, насекаде одеа по него како слуги по господарот, служејќи му и чувајќи го. Но, по доста време, за светителот дознаа ловџиите и гласот за тоа дојде до царот Адријан. Тој веднаш испрати војници за да го фатат. Кога војниците дојдоа до Елефтериј, ѕверките веднаш се нафрлија на нив како на непријатели на својот господар и за малку ќе ги растргнеа, да не им се заканеше свети Елефтериј и не ги испрати во пустината. А пак самиот појде со војниците радувајќи се, небаре е поканет на гозба, патем разговарајќи со нив за Царството Божјо и за пеколот кој е подготвен за идолопоклониците.  И по пат ги просветли со Христовото учење и ги крсти, а со нив и други, околу петстотини кои поверуваа во Господа Христа.

Кога стигнаа во Рим, царот го осуди свети Елефтериј: да биде изеден од ѕверови. За извршување на пресудата, светиот Елефтериј беше воведен во циркус - место на погубување. Прво пуштија лавица на него, а по неа, лав. Но тие станаа кротки како овци и почнаа да му ги лижат нозете на маченикот. Зашто, како можеа да го допрат него, кому, по Божје благоволение, во пустината му служеа толку многу ѕверови како на свој господар? Кога виде што се случува, народот почна да вика: Велик е Богот на Елефтериј! - Некои пак хулеа, нарекувајќи го вражач и магесник. Но нив ненадејно ги стигна Божја казна: неколкумина од тие хулители онемеа. - А мачителот, не знаејќи што да прави, нареди на маченикот да му ја отсечат главата со меч. И кога тоа се изврши, мајката на светиот Елефтериј, блажената Антија, која за целото тоа време со радост го следеше подвигот на својот син, прегрнувајќи го мртвото тело, почна да го целува. Ликувајќи и благодарејќи Му на Бога, што од неа примена крв се проли за Христа, и таа, и самата заклана со меч од незнабошците, падна мртва над телото на синот свој. А христијаните кои беа овде, некои од Илирија, некои од Рим, ги зедоа светите тела на Божјите угодници и чесно ги погребаа, фалејќи го Бога, на Кого слава во веки. Амин.

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ СТЕФАН ИСПОВЕДНИКОТ, архиепископот Сурожски

Преподобниот наш отец Стефан, по род беше од Кападокија (Кападокија – источната област на Мала Азија, со главен град – Кесарија), од христијански родители, кои го одгледаа во добро воспитание. Како дете беше добар по природа и ги избегнуваше обичните детски забави. На седум години родителите го дадоа да учи книга. Бидејќи беше способен, тој брзо покажа голем напредок во изучувањето на Светото Писмо. На петнаесет години го напушти родниот крај и дојде во Цариград сакајќи таму да го доврши своето образование. Тоа беше во времето на царувањето на Теодосиј Адрамитен (Теодосиј III – византиски цар од 715-та до 716-та година) и патријархувањето на светиот Герман (Свети Герман – Цариградски патријарх од 715-та до 730-та год.).

Во Цариград, Стефан ревносно го продолжи своето школување; и изучувајќи ги философските науки, со својата мудрост надмина многумина, па дури и своите учители, така што сите ѝ се восхитуваа на мудроста негова. Кога слушна за него, цариградскиот патријарх, свети Герман, го повика, и благословувајќи го, го запраша од каде е. Стефан му раскажа сѐ за себе. На светиот патријарх му се допадна неговата блага природа, смиреноста и мудроста, па го задржа да живее во патријаршијата. Блажениот Стефан таму помина неколку години, ревнувајќи за светата Црква и живеејќи во воздржание и чиста совест. Потоа, тајно, никој да не знае, го напушти Цариград и дојде во некој манастир, се потстрижа во монах, и добро се подвизуваше. Потоа, обземен од желба за молитвено тихување во целосна осаменост, тој се оддалечи од манастирот, и наоѓајќи едно сосема зафрлено место, непознато за другите, остана таму доста време, служејќи Му на Бога во пост и молитви.

Во тоа време се претстави епископот кој беше во градот Сурож (Сурож – древен град на јужниот брег на Крим, сега Судок) и неговите жители допатуваа во Цариград кај светиот патријарх Герман, барајќи епископ за Сурож. При тоа избија несогласици, бидејќи едени бараа еден, други друг. Сурожјаните го молеа царот и светиот патријарх да им даде епископ кој е во состојба добро да ја управува црквата, бидејќи - велеа тие - се намножија ереси во нашиот град.

Еднаш, кога свети Герман ноќе стоеше на молитва, му се јави ангел Господов и рече: „Утре испрати човек во пустото и зафрлено место каде што живее избраникот Божји Стефан; него постави го за епископ во Сурож, бидејќи тој добро ќе го пасе Христовото стадо, и зловерните од зловерие ќе ги приведе кон вистинската вера. Јас и кај него сум испратен да му наредам, во ништо  да не ти се противи “. Патријархот праша: Господине, како да го познаам местото каде што живее избраникот Божји Стефан? - Тогаш Ангелот, земајќи еден од слугите на патријархот, му го покажа живеалиштето на светителот, и слугата кога беше вратен, го извести патријархот.

А пак на светиот Стефан, кој во тоа време се молеше на Бога во своето зафрлено место, му се јави истиот Ангел Господов, во бела облека. Свети Стефан се исплаши, се растресе и од страв падна на земјата. Но Ангелот го зеде светителот за рака и го успокои велејќи: „Јас сум Ангел Господов, испратен сум од ХристаСпасителот да ти јавам радост, и да ти наредам да одиш во градот Сурож да ги научиш луѓето на Христовата вера. Утре патријархот ќе те повика, ќе те посвети и ќе те испрати таму за архиепископ. А ти, да не се оглушиш од него за да не Го разгневиш Бога“.- Потоа давајќи му мир, се вознесе на небото.

Утредента патријархот со слугата, по свети Стефан испрати двајца презвитери; и тие со голема чест го доведоа светителот кај патријархот. Патријархот со радост го дочека светиот Стефан, го посвети и го постави за епископ на Сурож, и со лаѓа го упати во епархијата која му беше одредена.

Кога стигна во градот Сурож и стапи на архиепископскиот престол, свети Стефан почна да ги учи луѓето на вистините на светото писмо. И, за пет години го крсти целиот град Сурож и целата негова околина.

Во тоа време во Цариград се зацари Лав Исавријанин и се запали со бесот на иконоборството, научен на тоа од двајца евреи. Најпрво, нареди светите икони да ги поставата високо, велејќи: Кој е чист нека ги целива. - Поотоа нареди иконите да ги бесат во воздух, говорејќи дека иконите не  треба да са заковуваат на ѕид. Бедникот и многу други работи правеше против почитувањето на светите икони. Светиот патријарх Герман многу го советуваше да се откаже од ова злодејствие, разговарајќи со него врз основа на свештените книги. При тоа патријархот Герман одби да ја потпише царевата заповед против иконопочитувањето, говорејќи дека не може да се воведе ништо ново во работите на верата без Вселенски собор.

Разгневувајќи се поради тоа, проклетиот иконоборец отворено го покажа својот отров кој, очигледно дотогаш го имал скривано во своето срце, и почна силно да ги гони светите икони, да хули на нив и да ги сотира. И испрати Лав наредба по целиот град, и по многу од околните места, дека сите така мора да постапуваат со светите икони, и зборуваше:  Ако некој ми се спротивстави, ќе го мачам со разни маки и ќе го предам на смрт.

Во царскииот град тогаш можеа да се видат најразлични мачења на православните христијани. А пак патријархот Герман, злочестивиот цар го испрати во заточеништво, а на неговото место го постави за патријарх својот еретички истомисленик Анастасиј, по род сириец. Потоа царот и патријархот ги упатија своите пратеници во Сурож кај светиот архиепископ Стефан со злочестива, безбожна наредба: да не им се поклонува на иконите и на крстот. Свети Стефан им одговори на пратениците: Не дај Боже! Не им допуштам на своите луѓе да отстапат од Христовиот закон; не ги слушам наредбите ниту на царот, ниту на бедниот патријарх.

Ноќта светиот архиепископ дојде кај пратениците на лаѓата и заедно со нив отпатува во Цариград. Облекувајќи се во одеждата на својот архиерејски чин, тој се појави пред царот. Царот го запраша: кој си ти? - Светителот одговори: Јас сум Стефан, Сурожскиот архиепископ. И рече царот: Го  гледаш ли соборот кој во голема чест заседава со мене? Тие ги запалија и ги исекоа иконите; затоа послушај ме и ти, па ќе бидеш и ти во голема чест со нас. - Свети Стефан одговори: Не дај Боже! И  да ме изгориш, и на прчиња да ме исечеш или со кои било други маки да ме убиеш, јас сум готов сѐ да истрпам за иконите и за крстот Господов. - Потоа светителот му рече на царот: Во книгите  ние најдовме вакво пророштво: дека во Цариград ќе се појави злочестив цар, иконоборец кој ќе ги пали светите икони. Но не дај Боже тоа да биде во твоето царување! - Царот го запраша: А го  најдовте ли и името на тој цар? - Неговото име е Коноп, одговори светителот. - Во право си Стефане, забележа царот, ти го најде моето име, бидејќи татко ми и мајка ми го дадоа името Коноп. - На тоа Стефан рече: О, царе нека тоа не биде во времето на твоето царување! А ако ти го сториш тоа, тогаш ќе бидеш претеча на антихристот!

Кога го слушна тоа од светителот, бедниот цар го изнаудира по лицето, устата и забите со железна ракавица, викајќи: Како смееше да ме наречеш претеча на антихристот! - Нареди царот да го фатат светителот за косата и брадата, да го удираат, да го влечат по земјата и да го фрлат во темница.  Влечен, светителот Му вознесуваше благодарност на Бога. И беше затворен во темница, во која се наоѓаа и други епископи.

Потоа повторно царот нареди да го изведат Стефан пред него; и зборуваше: Како се дрзна сурошкиот епископ да ме нарече онака! Доведете го ваму со ќотек! - Светителот се појави пред  царот со седумте епископи. А царот, држејќи ги во рацете иконите на Господа, на Богородица и на Јован претечата, го запраша светителот: Зошто ме нарече претеча на антихристот? - Светителот  одговори: Затоа што ги чиниш неговите дела. Така те нареков; и ете, сега пак така те нарекувам.

Тогаш царот плукна на иконата, ја изгази, и му рече на Стефана: Направи го и ти истото со оваа икона. - Светителот се расплака и рече: Непријателу Божји, недостоен за царството! Како не  ослепија очите твои безумни, како не се исушија рацете твои беззакони? Нека Бог многу брзо ти го одземе царството и нека го прекрати животот твој!

Кога го чу тоа, во гнев, царот нареди да го бијат свети Стефан. Потоа го врзаа за опаш на коњ и го одвлекоа во темница. А светителот Му вознесуваше благодарност на Бога. И сите кои беа во темницата Го молеа Бога, и по молитвите на светите набрзо умре царот зол, а на престолот стапи неговиот син Константин Копроним. Сопругата пак негова, слушајќи за доблеста и чудесата на светиот Стефан, измоли од својот маж, царот Константин, да го пушти светителот да си оди на својот епископски престол. Во тоа време на царот му се роди син, и него го крсти свети Стефан. Опсипувајќи го светителот со подароци, царот со голема чест го отпушти при неговата паства. Заземајќи го повторно својот престол, добриот пастир, долго време, добро го пасеше стадото кое му беше поверено. Потоа, провидувајќи го своето заминување при Бога, тој на своето место го постави за Сурошки епископ, клирикот Филарет, па се претстави пред Бога во вечниот живот, во петнаесеттиот ден од месецот декември (Свети Стефан се упокоил во половината на осмиот век).

Во Сурож имаше некој човек по име Ефрем, слеп од утробата на мајка си, на кого свети Стефан му помагаше со храна и облека. Кога слушна за смртта на својот добротвор, заплака говорејќи: Кој ќе се грижи за мене сега? Водете ме да ги целивам светите нозе негови. - Кога беше приведен кај  телото на починатиот, тој припадна кон неговите нозе, плачејќи и ридајќи, и веднаш прогледа. Со ова чудо, Бог објави дека угодникот негов Стефан е вброен во светителите, кон ликот на чудотворците и исповедниците. Неговото пак свето тело од страна на епископите и од сиот народ на Сурож, со многу солзи, беше чесно погребано, во слава на Бога од сите славениот и величениот во век. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ПАВЛЕ НОВ ЛАТРИСКИ

Преподобниот Павле се родил во градот Елеја  (Елеја – град во Мизија, северозападна област на Мала Азија, близу до Пергам). Неговите родители, побожни и богољубиви, Антиох и Евдокија, беа од родот на преподобниот и богоносен отец наш Јоаникиј велики. Уште како дете, Павле остана сирак, бидејќи му умреа родителите. Немајќи од што да живее, стана чувар на свињи, и така се издржуваше. Неговиот постар брат Василиј беше монах во манастирот на гората Латра. Тој испрати некого по Павле и го повика кај себе во манастирот. Во манастирот, Василиј го предаде брата си на старецот Петар, многу голем подвижник, да го научи на подвизување. Раководен од старецот, Павле ревносно се подвизуваше со секоја послушност кон својот старец и многу напредуваше во духовниот живот. Особено, старецот настојуваше да го научи на непрестајна молитва и непрестајно бдеење. Умртвувајќи го своето тело, Павле никогаш не легна на постела или рогозина за да спие, туку потпирајќи се на ѕид или дрво, или на камен, по малку би отспивал. Често, за да го совлада сонот, тој би натоварил на својот грб два тешки камења, и така цела ноќ одел околу манастирот до утрената; или би одел на блиската рекичка, и во сенката на дрвјата би се предал на солзна молитва и на богомислие.

Кога божествениот старец Петар се претстави пред Господа, братството многу го молеше да го прими старешинството и да стане игумен. Но блажениот Павле тоа одлучно го одби, со желба за поголеми подвизи и се оддалечи во една зафрлена пештера на висовите на гората Латра. Тука тој се подвизуваше во осаменост, минувајќи го времето во непрекината молитва, пост и бдение. Се хранеше со жирови. Тој доживуваше многу и тешки искушенија од злобните демони, кои тој со благодатта Божја така ги победи и ги обезоружа, што не ги сметаше за ништо.

За своите подвизи, блажениот Павле, од Бога доби благодат на чудотворење и прозорливост.  Така, на безводно место, со молитва изведе вода. На него се симнуваше оган од небото и тој целиот блескаше со небеска светлина. Кога се молеше, прстите му пламтеа како на факел, и пламенот искреше од нив до под небото. Тој имаше ангел кој постојано беше со него, непрекинато го чуваше, видливо разговараше со него поради неискажливата чистота на неговата душа и со драга волја ја исполнуваше секоја негова желба. Еданш светителот спомна младо сирење; ангелот веднаш му донесе такво сирење. Друг пат блажениот напомна за салата; ангелот му донесе. Еднаш на светителот му се скрши стапот што го имаше и го чуваше, ангелот тогаш му донесе друг и му го даде.

Од безбројните чуда на блажениот Павле, еве уште некои. Само со името негово далеку се одгонуваа цели војски демонски, болестите бегаа од болните, слепите очи се исцелуваа, сите страдања се лекуваа. Исто така, со името на светителот, страстите на душата се исцелуваа пред страстите на телото. Душите кои страдаа од непознавање на вистинитиот Бог и беа нечисти, стануваа здрави и чисти со молитвите на светителот. Овој чудесен отец беше преполн со секоја Божја благодат. Мил и ведар, беше особено милостив кон грешниците кои се каеја. Творејќи доблести и во сѐ живеејќи богоугодно, тој се удостои со премногу и преголеми откровенија и виденија.

Славата на неговите необични подвизи и свет живот, кон преподобнот Павле привлече многубројни подвижници кои се населија во подножјето на неговата карпеста пештера и изградија манастир. Царот Константин Порфиророден (Константин VII Порфирородниот – византиски цар од 912та до 959та година) често му праќал писма на блажениот Павле, молејќи го за молитви и совети.

За време на својот отшелнички молитвен подвиг, вознемируван од многубројните посетители, преподобниот Павле двапати се оддалечуваше на островот Самос (Самос – еден од главните острови во Егејското море), каде што основал лавра и обновил три манастири, разрушени од агарјаните. По своето второ враќање на Латра, си го претскажа часот на својата смрт. Потоа, се симна од гората и, благословувајќи ги браќата, овој блажен старец во мир го предаде својот дух на Господа, одејќи во небесното блаженство (Преподобниот Павле Латриски се упокоил на 15-ти декември 955та година).

И по смртта, блажениот Павле беше прославен од Бога чинејќи преголеми чуда со мирото кое течеше од неговиот гроб.

СПОМЕН НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЧКА СУЗАНА која се подвизувала под машкото име Јован

Светата Сузана се родила во Пелестина, од татко незнабожец и мајка еврејка. Но, го отфрли неверието и прими Христова вера и свето крштение од епископот Силван. Кога ѝ умреа родителите, блажената Сузана го раздаде имотот на сиромашни, им даде слобода на своите робови и робинки, си ја отстрижа косата, се преоблече во машка облека, па отиде во машки манастир во Ерусалим, под име Јован. Поради многуте свои доблести, стана и архимандрит на манастирот. По поминати полни дваесет години во манастирот, неа ја снајде ужасна клевета: една монахиња која беше дојдена во посета на манастирот, мислејќи дека таа е маж, се обиде да ја наведе на грев; но бидејќи преподобната го одби тоа, монахињата ја наклевети како да сакала да ја силува.

Оваа клевета светителката ја прими со благодарност, и побара епитимија за стореното недело. Кога дознал за тоа, Елефтерополскиот епископ дојде во манастирот го изруга игуменот што допуштил такви недела во манастирот. И игуменот сакаше оптужениот Јован да го расчини. Наоѓајќи се во таков безизлез, блажената Сузана повика две девојки и две ѓакониси, се издвои со нив насамо и ги увери дека е жена. Кога тоа го дозна епископот се изненади и ја произведе во ѓакониса. Од тогаш блажената Сузана, со името на Господа изврши многу чуда.

Во тоа време, во Елефторопол пристигна царскиот намесник Александар и им принесе жртва на идолите. Тоа ја поттикна светата Сузана, и таа доброволно отиде кај него, со молитва ги сруши идолите и ја исповеда својата вера во Христа Бога. Заради тоа царскиот намесник нареди да ѝ ги отсечат градите. Но со дејство на силата Божја, градите веднаш ѝ станаа цели и здрави. Кога го видоа тоа чудо сите џелати кои ѝ ги отсекоа градите поверуваа во Христа, поради што им ги отсекоа главите и тие примија венци на мачеништво. А пак во устата на блажената Сузана, низ инка ѝ истурија врело олово кое се разли во нејзината утроба. Но со благодатта Божја светителката остана неповредена. Тогаш ѝ ја одраа кожата, па ја фрлија во оган, каде што ја предаде својата душа. И така отиде кај многуљубениот женик свој - Господ Исус.

СПОМЕН НА ПЕРПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ПАРД ОТШЕЛНИКОТ

По род, преподобниот Пард беше римјанин, и во младоста своја беше арабаџија. Еднаш, со своите камили тргна во Ерихон и таму се смести во една гостилница. Но, по Божје допуштение, по дејство на ѓаволот, а и по Пардово невнимание, се случи, под нозете на камилите да падне едно мало дете: камилите го изгазија и тоа умре. Овој ненамерен грев толку го ожалости Парда, што тој се оддалечи на гората Арион, во Палестина. Таму се потстрижа во монах и постојано запомагаше, и со ридање повторуваше: Јас убив дете, и треба да бидам осуден како убиец.

Недалеку од местото каде што живееше Пард, во долината, живееше лав. Пард често одеше во неговото легло и го удираше лавот со копје за да го разлути, за овој да го растргне. Маѓутоа, лавот никако не му наштетуваше. Тогаш старецот гледајќи дека не може да ја постигне целта, одлучи да легне на патот по кој лавот одеше на поење, надевајќи се дека ѕверот наоѓајќи го на патот ќе го растргне, та, настрадувајќи во овој свет  за убиство на дете, да се избави од мачење на оној свет.  Така направи: го соблече рувото, легна на патот и рувото го стави поред себе. И - лавот проаѓајќи по таа патека постапи како човек: го прескокна светителот во тишина и не го допре. Тога старецот разбра дека Господ му го опростил тој грев, и се врати во своето живеалиште на гората. И остана таму сѐ до крајот на својот живот, служејќи им на сите како образец за добродушен човек (Преподобниот живеел во Палестина во шестиот век).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕЛЕФТЕРИЈ КУВИКУЛАРОТ

Овој свет маченик, наречен Кувикулариј, беше од Цариград. Блескаше со православие, богатство и слава и ги натфрли сите, во она време, славни велможи, бидејќи од мал беше негуван во царските дворови. Меѓутоа ранет од љубовта кон нетлените и вечни добра, блажениот сите земни добра ги сметаше за ништо. Затоа повеќе сакаше да отфрли сѐ привремено , да биде на најниското место во Господовите дворови, отколку прв во шаторите на грешниците, како што вели божествениот Давид (Пс. 84, 10). Оттука, имајќи ги своите духовни очи прилепени за Бога, секојдневно Го славеше Бога со славословија и ја спроведуваше секоја доблест.

Меѓутоа уништувачот на нашите души, ѓаволот, не можеше да поднесе гледајќи го сето тоа, та го искористи слугата на овој свет човек, кого го поттурна да отиде кај, тогаш безбожниот цар (веројатно Јулијан Отстапникот /361-363) и да го обвини светиот говорејќи дека неговиот господар Елефтериј, крстен со христијанско крштение, подигајќи храм, во него го прославувал распнатиот, и дека мрзејќи ја и одвраќајќи се од царската наредба, има куќа скриена длабоко во земјата (значи, имал вон градот катакомба, како што имале обичај тогашните христијани, каде што одел на молитва), во која на Христа му принесувал сеноќни бденија, мачејќи го своето тело со пост, солзи и плач. Од тоа се разгневи царот и испрати да го доведат светиот и кога тој застана пред него, правејќи се кроток и додворувајќи му се го праша: „Зошто нѐ напушти Елефтерие, толку време презирајќи ја нашата голема љубов и моите царски дворови“? А светиот одговори: „Имам царе тело измачено од многу болести, па сакав да искористам место погодно за моето здравје“. Му рече царот: „а зошто сам го уживаш благодетот на чистиот воздух  на она прекрасно место? Или можеби би сакал и ние да ги уживаме со тебе овие добра“? Светителот на тоа не одговори ништо.

Попладнето, царот, преминувајќи ја реката Сагар, тргна кон куќата на светиот и најде скриен влез, преку него откри дупка направена во вид на бунар, низ кој симнувајќи се, најде украсен храм. Безбожникот се разгневи, но не го исплаши светиот, па оставајќи ги заканите, почна да му се умилкува со привлечни зборови, сакајќи да ја омекне цврстата волја на маченикот. Но, тоа изгледаше како да се тепа со ветер, како што кажува поговорката, убедувајќи го нескршливиот. На крајот нареди на светиот да му ја отсечат главата, а неговото свето  тело да го фрлат на птиците и псите. Така обезглавен блажениот Елефтериј ја предаде душата во Божјите раце, а неговото свето тело, најдено незгрижено, го зеде некој побожен и богољубив христијанин, украсен со чинот на свештенството, кој откако го помаза со мириси чесно го погреба.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ВАКХ НОВИ

Свети Вакх беше по род од Палестина: живееше во времето на царевите Константин и Ирина (Константин Порфирородниот /780-797; Ирина /797-802). Родителите му беа христијани, од христијански претци. Мајка му беше прекрасна христијанка, но татко му, заведен со суетата на овој свет, се одрече, леле! од вистинитата прадедовска вера и прејде во клетата вера агарјанска. Подоцна му се родија пет деца, кои ги одгледа во незнабожната муслиманска заблуда. Умре тој во муслиманската вера и синовите останаа заедно со мајка им. Третиот од неговите синови, Дахак, уште пред смртта на својот христоотпаднат татко намисли да ја прими христијанската вера, што и го направи кога умре татко му. Таа своја намера ѝ ја откри на мајка си, која го охрабри во тоа и го поддржа.

Тогаш Дахак отпатува во Ерусалим. Таму еден монах го одведе во лаврата на свети Сава, каде прими свето крштение, и на крштевањето го доби името Вакх. Потоа Вакх ги молеше монасите и беше облечен во монашка схима. Како монах долго живееше во пост и воздржување, украсувајќи се и со останатите доблести. Потоа по наредба на игуменот тој го напушти манастирот, бидејќи игуменот се боеше за Вакх да не дознаат агарјаните, кои во тоа време владееја во Ерусалим. Кога Вакх дојде во Ерусалим, по Божја промисла таму ја сретна мајка си и ѝ раскажа сѐ за себе. Притоа не ја сокри својата тага поради тоа што браќата му останаа во неверието.

Кога мајка му им го раскажа тоа на своите синови, тие пристапија кон Христовата вера и станаа христијани. Кога агарјаните дознаа за тоа, го побараа Вакх. Кога го најдоа го однесоа кај амирот на Светиот Град. Овој го испрати кај војводите и судиите. Пред сите, светиот Вакх неустрашливо го исповедаше Христа, вистинскот Бог, и ја осуди агарјанската вера како штура и лажна и ја исмеа. Поради тоа му ја отсекоа главата. Така го прими невенливиот венец на мачеништвото.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТРИФОН КОЛСКИ

Во светот се викаше Митрофан. Беше син на свештеник кој живееше близу до градот Торжок, во Новгородската област; се роди околу 1485-та година. На книга научен од родителот, Митрофан со љубов одеше во црквата, пееше и читаше во неа. Воспитан во побожност, одвреме на време се повлекуваше од светската суета на едно пусто место, за насамо да се моли и беседи со Господа. Огнено сакајќи засекогаш да остане на тоа пусто место, тој еднаш за време на молитва слушна необичен глас: „Не е ова твоето место, тебе те чека земја ненаселена и жедна“. - Овој глас го прими како упатство од небото и Трифон реши да се посвети себеси на проповедање на Евангелието  меѓу оние кои не знаат за вистинитиот Бог - Господа Христа. И тргна во непозната земја; и по долго лутање по пусти предели, воден од Бога, стигна во западниот дел на Лапландија, населен со номадски племиња незнабошци - Лопари. И веднаш ја започна својата апостолска дејност: дваесет години непрестано патуваше по расштрканите населби на Лопарите; минуваше огромни пространства, преку тундри, мочуришта и гори, и тоа без средства и без надеж дека ќе го примат; грубите идолопоклоници многупати му нанесуваа големи маки, го тепаа, плукаа, по земја го влечеа, со смрт му се закануваа. А светиот ревнител на Небесната Вистина сето тоа го поднесуваше кротко и великодушно; и понекогаш би се повлекувал во горите и пештерите додека не стивне гневот на незнабошците. И пак се враќал кај нив, и пак им ја проповедал Христовата благовест. И Господ го чуваше слугата свој. По дваесетгодишни апостолски напори на човекољубивиот Трифон, значителен број идолопоклоници поверува во Христа и беа готови да примат свето крштение. Затоа Трифон отпатува во Новгород и издејствува од архиепископот Макариј благослов да изгради црква и да добие свештеник. Кога се врати, на реката Печењга подигна црква во 1532 година. Јеромонахот Илија ја освети црквата и ги крсти Лопарите, а самиот Трифон го потстрижа во монаштво. Помогнат од јеромонахот Илија, преподобниот Трифон поред црквата започна да гради манастир во име на Светата Троица. Набргу наиде не мал број на братија; и за дваесет години беше изграден огромен манастир со многубројно братство. За тоа време сите лопарски племиња на западна Лапландија примија свето крштение. Во 1556-та година свети Трифон отпатува во Москва кај царот Иван Грозни, од кого доби богати дарови, и по враќањето, за Лопарите изгради нова црква на реката Пазрјеки, во чест на кнезовите Борис и Глеб, која и денес стои на границата на Русија према Норвешка. Под искусното раководење на преподобниот Трифон, манастирот процвета, као расадник на верата и побожноста и како кула светителка го осветлуваше и оживуваше целиот тој крај. Наполно уредувајќи го манастирот, преподобниот Трифон последните години од својот живот повеќето ги минуваше во осаменост поред првата црква - Успение на Божјата Мајка, на своето омилено место. Поминувајќи во Лапландија седумдесет години и достигајќи длабока старост, преподобниот Трифон тешко се разболе. Пред своето претставување ги утеши братијата, се причести со Светите тајни и ја предаде својата душа на Господа, на 15-ти декември 1583-та година, во својата деведесет и осма година. Беше погребан на местото кое сам го одреди, во пустинката каде и сега почиваат неговите свети мошти.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КОРЕМОН

По чин епарх. Кога поверува во Христа и се крсти, настрада заклан со меч.

СПОМЕН НА ДВАТА ЏЕЛАТИ

Поверуваа во Христа и со меч беа заклани.