29. Декември  (16. Декември)

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРОРОК АГЕЈ

Светиот пророк Агеј е роден во Вавилон за време на робувањето на Израил. Од племето e на Левиј. Пророкувал 470 години пред Христа. Како млад го посетил Ерусалим. Ги поттикнувал Зоровавел и Исус, синот на Јоседек, свештенички поглавар, да го обноват Господовиот храм во Ерусалим пророкувајќи му на тој храм поголема слава од претходниот на Соломон: Славата на овој дом последен, ќе биде поголема од онаа на првиот, вели Господ над војските (Аг.2, 9), бидејќи во новиот храм ќе се јави Господ Спасителот. Доживеал да види еден дел од храмот соѕидан од Зоровавел. Умрел на старост и им се придружил на своите претци.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРИН

Светиот Марин живееше во времето на царот Карин; од висок род; уште како млад беше член на царскиот Сенат, сенатор. Оптужен поради верата во Христа, како христијанин беше предаден на суд и принудуван да им принесе жртва на идолите. Но бидејќи одби, го обесија и го сечеа со мачеви. Потоа го положија на вжарена леса; потоа го испружија на усвитена тава, па го фрлија во казан со врела вода. Но, чуван од благодатта Божја, во сето тоа остана неповреден. Потоа беше фрлен во оган, но огнот на чудесен начин се претвори во роса. После го ставија меѓу диви ѕверови да го раскинат, но тие не го допреа. По сето тоа беше решено маченикот на сила да го воведат во идолски храм и да го натераат да принесе жртва. При тоа маченикот му рече на царот: Сакам да им принесам жртва на боговите. На тоа царот и неговата свита многу се израдуваа. Но, кога сите влегоа во идолиштето, Марин со молитва Му се обрати на Господ Христос и идолите попаѓаа и се испокршија. Тоа многу го огорчи  царот, кој нареди, и на маченикот му ја отсекоа главата.

Така свети Марин ја предаде својата душа на Господа, а неговото свето тело беше побожно погребано од богобојажливи христијани.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ НИКОЛА ХРИСОВЕРГ, патријархот цариградски

Овој свет патријарх управувал со црквата од 980 до 995 година. Тој го ракоположил за презвитер големиот Симеон Нов Богослов, тогаш кога овој духовен големец бил избран за настојател на манастирот на светиот маченик Мамант во Цариград. Во негово време се случило чудесното јавување на Архангелот Гавриил, кој при тоа ги научил монасите да ја фалат Пресветата Богородица со песната „Достојно јест“ пишувајќи ја таа песна со прст на камена плоча во една ќелија, која од тогаш е наречена ќелијата „Достојно“. Значаен и голем ерарх. Се упокоил мирно и преминал во Божјото Царство.

ЖИТИЕТО НА СВЕТАТА ЦАРИЦА ТЕОФАНИЈА

Блажената Теофанија е родена во Цариград од знаменити родители, Константин и Ана, кои беа сродници на неколку цареви. Татко ѝ, по чин илустриј, и мајка ѝ, живееја во чесен брак и долго време немаа пород. Поради тоа многу тагуваа. Чезнеејќи за чедо, ѝ се молеа на Пречистата Владичица наша Богородица; и често одејќи во нејзиниот сечесен храм во Форакија, тие ги излеваа пред Неа своите срца во срдечни молитви. И зборуваа: Нека, о Господарке на светот, со Твоето милосрдие се разреши нашата бесплодност и нека со Твоето посредување добиеме пород од Создателот!

И бидејќи бараа со вера, тие го добија бараното со благодатта на Онаа која срдечно Ја молеа: добија разрешување на својата бесплодност и родија женско дете на кое му го ставија името Теофанија.

Кога Теофанија наполни шест години, почнаа да ја учат на книга и да ја упатуваат кон секое добро дело. И уште во детските години кај неа можеа да забележат знаци на подоцнежните големи доблести и светост. И многу се радуваа нејзините родители гледајќи ја нејзината добродушност и памет и се надеваа дека подоцна ќе уживаат во нејзиниот пород. Затоа почнаа да погледнуваат на момче на неа слично по знаменитоста на родот, по добродушноста и паметта, за, по закон, да ја удомат, оти веќе пристигаше за мажење, а со сите свои дарови беше поукрасена од своите врснички.

Во тоа време царот Василиј Македонецот на сите страни бараше убава и со доблести украсена девојка за сопруга на својот син Лав Мудриот. Гледајќи дека Теофанија е подобра од сите останати девојки, го ожени со неа својот син кој веќе беше прогласен за наследник на престолот. Свадбата се направи на сеопшта радост и веселба.

По некое време, лукавиот враг во домот меѓу таткото и синот посеа какол, па таткото со голем гнев востана на синот: го затвори со неговата сопруга Теофанија во затвор и постави силна стража. А ова беше направено под влијание на тајната злоба и нечесното лукавство на Евхаитскиот епископ Теодор Сантаварина, волх, кого царот Лав не го сакаше.

Нештата почнаа вака: кога умре првенецот на царот Василиј, а брат на царот Лав, Константин, царот Василиј неутешно плачеше и тагуваше по него, оти многу го љубеше. Тогаш спомнатиот волх, гледајќи го царот во голема тага и сакајќи да го утеши, со помош на своите мегепсништва му го покажа на царот неговиот син жив како јава на коњ и му доаѓа вʼпрестрет. Гушкајќи го синот со рацете и со љубов целивајќи го, го изгуби од вид, зашто вражјото привидение и авет исчезна. Царот се восхити и се ужасна и сметајќи го привидението за стварност почна многу да го уважува Сантаварина и во сѐ да го слуша како свој искрен пријател. А пак младиот принц Лав, човек паметен и богобојажлив, се згади од овој волх и мразејќи го како Божји непријател, го презираше. Теодор, размислувајќи како да му се освети на Лав за тој презир, смисли вакво подло лукавство: во згодна прилика насамо му пристапи на принцот Лав и божем добронамерно и пријателски  расположен кон него, му рече:  Ете ти царе млад си и со татко ти одиш во лов. За секој случај треба тајно да носиш нож во чизмата: за некогаш да го употребиш против ѕвер, некогаш во згодна прилика да му го подадеш на татко ти, а некогаш, ако одненадеж  го нападне некој од домашните непријатели кои ги има доста, ти веднаш би го извлекол тој нож, би ги поразил непријателите и би го одбранил животот на твојот татко.

Послушно прифаќајќи го лукавиот совет на својот непријател и не сфаќајќи ја опасноста од тоа, Лав почна тајно да носи нож во чизмата секогаш кога би одел на лов со татко му или на некоја друга страна.  А лукавиот Сантаварин по извесно време кришум му рече на царот Василиј: Син ти Лав сакада те убие одненадеж, за да царува сам. Како доказ на оваа зла замисла нека ти послужи ова: кога ќе тргнеш со него во лов, тој носи скриен нож во чизмата, спремен во погоден момент да те удри и да те убие. Ако сакаш да се увериш, самиот провери го тоа: тргни во лов со него, па кога ќе излезете на поле нареди да го претресат и да видат што има во чизмата; и лично ќе се увериш во вистинитоста на ова што ти го кажувам.

Набрзо потоа царот Василиј го зеде младиот цар, својот син, со себе и тргна на лов. Кога беа на полето, царот нареди да се провери што има Лав во чизмата. И беше најден остар нож од двете страни. Тоа веднаш го запали царот Василиј со оган на неискажлив гнев кон својот син, бидејќи сметаше дека е вистина тоа што му го говореше Сантаварин, дека сака да го убие. При тоа рече: Затоа тој спремил нож. А Лав, наполно невин, го уверуваше дека носи нож не да го убие ами да му го чува животот. Но силно разгневениот татко, не сакајќи да чуе ни збор од синот, веднаш го затвори и него и неговата сопруга, блажената Теофанија, во една тајна и мрачна одаја на царскиот дворец и постави силна стража.

Така, лукавиот волх Сантаварин му се освети на принцот Лав. Но најстрашно беше тоа, што по наговор на Сантаварин, таткото сакаше да му ги ископа очите на синот. И тоа секако и би го направил да не го спречеше патријархот и целиот сенат.

Невиниот цар Лав и блажената Теофанија, ни криви ни должни, во мрачниот затвор поминаа повеќе од три години. Таму ништо друго не правеа, единствено молитва и пост, тагувајќи поради затворот и повикувајќи кон Бога како сведок на својата невиност. Сенатот повеќе пати сакаше да го моли царот  за синот, но немало згодни прилики. Најпосле, таква можност се укажа и сенатот се обрати со молба. А тоа се случи на следниот начин.  

Во царската палата имаше папагал научен да изговара човечки зборови и со тоа го забавуваше царот и другите гости. Еднаш царот, на празникот на светиот пророк Илија ги беше повикал големците во дворецот на гозба. За време на веселбата папагалот - дали научен од некого или случајно, не се знае, многу пати ги изговори зборовите: „леле, леле, господине Лаве!ˮ - Слушнувајќи го ова, сите големци престанаа да јадат и да пијат, и седеа сметени. Гледајќи дека сметени, големците ниту јадат ниту пијат, царот ги праша зошто се така нерасположени. Тогаш тие, сметајќи дека тоа е згодна прилика, станаа преполни со солзи и кажаа: Кога птицата која нема разум, тагува поради невино страдалниот господар, и ридајќи и барајќи го говори: „леле, леле, господине Лаве!ˮ како тогаш да се веселиме, да јадеме и да пиеме ние, разумните и словесни битија, кои за сигурно знаеме дека твојот син, а наш господин, невино страда, и дека заради човечка злоба и клевета го трпи твојот родителски гнев? Не сме ли ние уште повеќе должни да тагуваме поради тоа? О, царе! Ако син ти нешто ти згрешил, тебе на својот татко, и сакал да дигне рака на тебе, дај ни го ваму, да го исечеме на прчиња. Ако пак во ништо не е крив, како што сите сигурно знаеме, тогаш зошто ја мачиш својата крв?

Овие зборови силно го потресоа царот, срцето му се разнежи и му се потресе од жалост и умиление и веднаш нареди да го изведат царот Лав од мрачниот затвор, да му ја потстрижат косата порасната за време на затворот, да го облечат во царски одежди и со почести да го доведат кај него. И кога сето беше сторено, стана царот целиот облеан во солзи, го прегрна сина си и го целива, и му го поврати царското достоинство.

Потоа царот Василиј поживеа уште малку, се разболе и умре оставајќи ја царската власт на својот син. А Лав, по смртта на татка си, нареди, та го фатија волхот Сантаварина, го претепаа, му ги избодеа очите и во градот Атина го испратија на заточение. Така злобата на овој волх се сруши на неговата глава. А овој Сантаварин по вера беше манихеец, по учење волх, по лицемерието христијанин, по чин епископ, а по мислењето на царот Василиј светец, поради чудата кои ги чинеше со помош на вражбини.

А пак блажената Теофанија, по затворот стапувајќи во царски живот, срдечно работеше на спасението на својата душа, сметајќи ја царската слава за ништо и презирајќи ги како ѓубре и сон сластите и суетата на овој свет. И дење и ноќе, непрестајно на устата ги имаше псалмите, духовните песни и молитвите, и целиот свој живот го врвеше угодувајќи му на Бога и барајќи Го со делата на милосрдието. Таа не се грижеше за царски да го украси своето тело. Иако, надворешно, беше облечена со извесно благолепие, тајно под фустаните, на телото носеше груба багреница со која мачено, се умртвуваше нејзиното тело. Живееше испоснички: се хранеше со прост леб и сушено зелје, а обилните трпези сосема ги отфрли. Сите богатства и драгоцености кои ѝ доаѓаа до рака, ги раздаваше на ништите и сиротите, на сираците и вдовиците; им ги даваше и скапоцените носии и накити. Обновуваше бедни монашки келии и манастири снабдувајќи ги со имоти и со сите потрепштини.

Таква беше грижата и негата на оваа христољубива царица кон сите. На своите слуги и робинки таа гледаше како на браќа и сестри; и никого не го викаше просто, по име, ами сите ги величаше со звање во Господа, укажувајќи почит на името, чинот и должноста на секого. И со својот јазик не изрече клетва, и не излезе лажен збор од нејзината уста, ниту озборување, ни клевета, ниту било каков непотребен збор. И кон сите беше добра: плачеше со расплаканите, се радуваше со радосните. Иако нејзината постела беше покриена со висон (драгоцена ткаенина во древноста) и украсена со златни украси, таа не спиеше на неа, ами си спростираше на земјата рогозина од изврзана слама преку остри коски и заби од животни, легнуваше да спие на неа и таа таква постела со давидовски солзи ја натопуваше, и по кратко спиење стануваше да го славослови Бога.

Поради таквиот суров испоснички живот блажената Теофанија падна во тешка телесна болест. Но не занеможе со духот од непрестајната молитва, ниту пак престана да се поучува на Божјите закони, читајќи свештени книги и извршувајќи го читаното. Сета нејзина радост беше: да им помага на неволните, да ги штити вдовиците, да се грижи за сираците, да ги теши тажните, да им ги брише солзите на плачните. И им беше мајка на сите оние кои немаа засолниште и помош.  Живеејќи во светот, отфрли сѐ што е светско; живеејќи во брак, таа го засака благиот Христов јарем, и земајќи го на рамето крстот Христов, го понесе; и така Му угоди на Бога.

Предосеќајки го скорото излегување на својата душа од телото, блажена Теофанија наложи сите да дојдат кај неа за прошка. Потоа, давајќи им го последниот целив, таа прејде од земното кон небесното царство и Му се претстави на Царот на славата украсена со своите многубројни доблести. И беше вброена во редот на светите, со својата извонредност угодувајќи му на Бога; а нејзиното чесно тело беше свечено погребано.

Мажот на блажената Теофанија, царот Лав Мудриот, уште додека таа беше жива, гледајќи ја нејзината голема светост и почитувајќи ја, не како сопруга, туку како своја госпоѓа и посредничка пред Господа, намисли пред време да подигне храм во нејзино име. А светителката дознавајќи го тоа, не само што не се согласи, ами и строго му забрани да го прави тоа. Затоа храмот кој беше почнат во нејзино име беше преименуван во името на Сите Свети. И од овој цар, по советување со целата црква беше установено празникот на Сите Свети да се празнува во првата недела по педесетницата. Царот говореше: „Ако Теофанија е света, нека и таа се празнува заедно со Сите Свети, во слава на Бога славен од Сите Свети!ˮ Нему нека е и од нас слава во век и веков. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ МЕМНОН, архиепископот ефески

Овој свет отец учесвувал на Третиот Вселенски Собор, 431 година, заедно со свети Кирил Александриски, а против еретикот Несториј. Ја бранел православната вера во овоплотувањето на Богочовекот Христос од Пресвета Богородица. Се претставил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ СИМЕОН, архиепископот Антиохиски

Се спомнува заедно со Мемнон, ефескиот архиепископ, кој пак често се меша со Модест, ерусалимскиот патријарх (за кого видете под 18. декември).

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПРОМ И ИЛАРИЈ

Овие свети маченици пострадале за Христос заклани со меч.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША СОФИЈА

Во светот кнегиња Соломонија, сопруга на великиот кнез Василиј Јоанович. Била разведена од својот сопруг поради јаловоста и против своја волја била замонашена во Рождественскиот, а потоа испратена во Суздаљскиот Покровски женски манастир. Во борбата со себе, преподобната Софија со свети подвизи ја очисти и ја освети својата душа. И по 17, Богоугодно поминати години, се претстави во 1542 година. Од нејзиниот гроб се случуваа многу чуда и исцеленија. Нејзините свети мошти почиваат во Суздаљскиот манастир.