30. Декември  (17. Декември)

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ПРОРОК ДАНИИЛ и со него светите тројца младенци АНАНИЈ, АЗАРИЈ И МИСАИЛ

Светиот  пророк Даниил беше од Јудиното царско племе. Кога Навуходоносор го разори и го плени Ерусалим, тогаш и Даниил, како дете, заедно со Јудејскиот цар Јоаким и со мноштво други израелци беше одведен во ропство во Вавилон. Таму тој уште во младоста се прослави со Божји дарови; особено кога мудро ги изобличи неправедните и беззаконитите Еврерјски судии и од смрт ја избави невината Сузана.

Во тоа време Евреите кои се наоѓаа во вавилонското ропство имаа двајца старци - судии кои самите ги избраа за да им ги расправаат меѓусебните препирки. Во одредени денови овие старци доаѓаа во домот на угледниот и богат човек Јоаким и ги пресудуваа размириците помеѓу браќата. Јоаким имаше жена по име Сузана, ќерка на Халкиј која беше многу убава и богобојажлива. Нејзините родители, луѓе праведни, ја беа воспитале својата ќерка по законот на Мојсеј. А овие двајца старци беа луѓе беззакони: под видот на суд, тие твореа неправда, па на нив се исполни Господовото слово: „Беззаконието е излезено од Вавилон од старешините  - судии, кои се сметаа за управници на народотˮ.

Овие старци секој ден ја набљудуваа Сузана како влегува во градината на мажот ѝ и излегува од таму, и во нив се појави похота кон неа. И си ги развратија умовите свои и ги свртеа своите очи да не гледаат во небото и да не ги спомнуваат праведните судови. Но не си ја откриваа својата страст еден на друг, бидејќи се срамеа тоа да го обелоденат. Секој од нив бараше згодна прилика да си ја задоволи својата срамна страст. И настојувајќи секој ден да ја видат си велеа еден на друг: „Ајде дома зашто е време за ручекˮ, и излегуваа. При враќањето пак се среќаваа на истото место и тогаш распитувајќи се еден еден друг си ја признаа својата страст. Тогаш се договорија заедно да вребаат згодна прилика и да ја најдат Сузана сама. И третиот ден, како и обично, Сузана влезе во градината само со две слугинки, со намера да се искапе бидејќи беше многу топло. Во градината немаше никого освен двајцата старци кои беа скриени и набљудуваа. Сузана им кажа на служавките: Донесете ми масло и сапун и затворете ја вратата на градината за да се искапам.

Служавките така и постапија: ја затворија вратата и отидоа без да ги забележат скриените старци. Кога се оддалечија, старците станаа ѝ пријдоа на Сузана и ѝ рекоа: Ете вратата од градината е затворена и никој не нѐ гледа, а ние тоа го сакаме. Затоа прифати го нашиот предлог и биди со нас. Ако ли не прифатиш, ние ќе сведочиме против тебе дека кај тебе било момче и дека заради тоа си ги испратила од тебе своите слугинки. Сузана заплака и рече: Во страшна тескоба сум: ако го направам тоа што ми го предлагате, смрт ми е; ако не го направам нема да им избегам на вашите раце. За мене е подобро да не го направам тоа и да паднам во ваши раце, отколку да згрешам пред Бога.

И свика Сузана со целиот глас; исто така свикаа и старците против неа. И едниот истрча и ја отвори вратата од градината. А кога го слушнаа викањето тие што беа во куќата, дотрчаа во градината преку задната вратичка, да видат што ѝ се случило на Сузана. А кога старците го кажаа своето, слугите на Сузана многу се посрамија, бидејќи никогаш такво нешто не се беше рекло за Сузана.

Утредента кога народот се собра кај Јоаким, мажот на Сузана, дојдоа и двајцата старци полни со зли мисли против Сузана: да ја предадат на смрт. И рекоа пред народот: Повикајте ја Сузана, ќерката на Халкиј, а жена на Јоаким. - И ја повикаа. И дојде Сузана, и родителите нејзини, и децата нејзини, и сите роднини нејзини. А Сузана беше многу млада и многу убава. Беззакониците наредија да ѝ го откријат лицето, бидејќи ѝ беше покриено, за да се нагледаат на нејзината убавина. А роднините и сите кои ја познаваа плачеа. Но и двајцата старци, станувајќи сред народот, ги положија рацете на нејзината глава. А таа, плачејќи погледна кон небото, зашто срцето ѝ се надеваше на Господа. Тогаш старците рекоа: „Кога одевме низ градината, оваа жена влезе со две служавки, ја затвори вратата на градината и ги отпрати служавките. И дојде кај неа момче кое се беше сокрило таму, и легна со неа. А ние бидејќи бевме во аголот на градината и видувајќи го таквото беззаконие, притрчавме и ги затекнавме на дело, но момчето не можевме да го задржиме, бидејќи беше појако од нас и отварајќи ја вратата на градината, побегна. Но ние ја фативме оваа и ја прашавме: кое беше тоа момче? - Но таа не сакаше да каже. Ние тоа го сведочимеˮ. - И им поверуваа сите, како на старешини народни и судии, и ја осудија на смрт.

Тогаш со силен глас Сузана почна да запомага, и рече: „Вечен Боже, Ти знаеш сѐ што е сокриено, и тебе однапред Ти е познато она што треба да биде! Ти знаеш дека тие лажно сведочат против мене, и еве, јас умирам не сторувајќи ништо од она што овие злобни луѓе го измислија против менеˮ. - И го услиша Господ гласот нејзин.

Кога Сузана ја водеа на смрт, Бог со духот го потстрекна младенецот на кого името му беше Даниил, та тој со силен глас викна:

-Чист сум јас од крвта нејзина!

 -Тогаш целиот народ се сврте кон него и го праша:

-Што значи зборот што го кажа?

Тогаш Даниил станувајќи сред нив рече:

-Толку ли сте безумни, синови Израилеви, та не испитувајќи ја работата и не доаѓајќи до вистината за неа, вие ја осудивте ќерката Израилева? Вратете се на судот, зашто тие старци лажно сведочеа против неа.

И веднаш целиот народ брзо се врати, и народните старешини му рекоа на Даниил:

- Ајде седни маѓу нас и објасни ни ја работата зашто Бог ти даде старешинство.

- И му рече Даниил на народот: Раздвојте ги еден од друг и јас ќе ги испитам.

- А кога ги раздвоија, Даниил го повика едниот и му рече:

- Остарен во зли дни! Сега се обелоденија гревовите што ги чинеше изрекувајќи неправедни пресуди: осудуваше невини, а правдаше криви. Меѓутоа Господ вели: невин и праведен не убивај. Затоа ако си ја видел оваа жена, кажи под какво дрво ја виде дека разговара со момчето.

- Тој одговори: Под мастиковото дрво. 

Даниил на тоа рече:

- Точно излага на своја глава, зашто еве, ангел Божји кој прими одлука од Бога ќе те расече на пола.  

Отстранувајќи го овој, Даниил нареди да му го приведат другиот старец, и му рече:

- Племе Хананино, а не Јудино! Тебе те заведе убавината, и похотата ти го разврати срцето. Така постапувавте вие со ќерките на Израил, и тие од страв живееја со вас; но сега ќерката Јудина не го поднесе вашето беззаконие. Ајде, кажи ми, под какво дрво ја виде дека разговара со тоа момче.

Он одговори:

- Под зелениот даб.

Даниил на тоа му рече:

- Точно излага на своја глава, зашто ангел Божји чека да те расече на пола, за да ве уништи.

Тогаш целиот собор повика громогласно и Го благослови Бога Кој ги спасува оние кои се надеваат во Него, и им се впушти на обата старци, оти Даниил со нивните усти ги избличи за она што лажно го сведочеа. И со нив постапија според законот на Мојсеја: ги убија поради страшното зломислие против ближните. И во тој ден беше спасена невина крв. А Хелкиј и неговата жена го прославија Бога заради својата ќерка Сузана, заедно со мажот нејзин Јоаким и со сите роднини, бидејќи во неа не се најде ништо срамотно. Даниил пак, од тој ден натаму, стана голем пред народот поради мудроста своја и поради Божите дарови што беа во него.

Во тоа време царот Вавилонски Навуходоносор му рече на Асфеназ, старешината на неговите дворјани, меѓу заробените синови на Израил да доведе и од царскиот род, и од кнезовите, момчиња без никакви телесни недостатоци, убави на лик, и научени на секаква мудрост, вешти во знаењето и разумни и кои може да бидат на царскиот двор, па да ги учи на книга и на Халдејскиот јазик. И нареди царот секој ден да им се дава храна од царската трпеза и од виното кое тој го пие, да се хранат три години, за потоа да го дворат царот.  А меѓу нив, од синовите Јудини беа Даниил, Ананиј, Мисаил и Азариј. И старешината над дворјаните им ги промени имињата: На Даниил му го даде името Валтасар, на Ананиј - Седрах, на Мисаил - Мисах, на Азариј - Авденаго. Даниил со своите тројца другари одлучија во срцето да не се сквернават со јадењата од царската трпеза и со вино, и затоа го замоли старешината на дворјаните да не ги сквернави. И даде Бог на Даниил та најде милост и љубов кај старешината над дворјаните. И му рече старешината на Даниил:

- Се бојам од господарот својот цар кој ви одреди јадење и пиење; зашто кога царот  ќе ги види вашите лица полоши од оние на останатите момчиња, вашите врсници, ќе бидам одговорен пред царот со својата глава. А Даниил му рече на Амелсар кого старешината на дворјаните го постави над Даниил, Ананиј, Мисаил и Азариј:

- Загледај ги слугите свои за десет дена; нека ни се дава зеленчук за јадење и вода за пиење. И тогаш нека ни се видат лицата пред тебе и оние на момчињата кои јадат царско јадење, па како ќе видиш, така чини со слугите свои.

И ги послуша Амелсар, и ги одгледуваше десет дена. А кога пројдоа десет дена лицата им дојдоа полични и појадри отколку кај сите момчиња кои се хранеа со царски јадења. И го земаше Амелсар јадењето нивно и виното, и им даваше зеленчук. И им даде Бог на сите четворица момчиња знаење и разум во секоја книга и мудрост; а на Даниил му даде да го разбира секое привидение и сон. И кога помина времето по кое царот рече да ги изведат, ги изведе старешината на дворјаните пред Навуходоносор. И разговараше царот со нив и не се најдоа меѓу сите нив ниту еден како Даниил, Ананиј, Мисаил и Азариј; и стоеја пред царот. И во сѐ на што му требаше мудрост и разум, за што царот ќе ги запрашаше, наоѓаше дека се десет пати подобри од сите магови и ѕвездари кои беа по целото негово царство.

Во втората година на своето царување Навуходоносор  сони сон, му се вознемири духот и сонот му пројде. И нареди царот да ги повикаат маговите и ѕвездарите и бајачите и Халдеите за да му го кажат на царот неговиот сон. И тие дојдоа и застанаа пред царот. И царот им рече:

- Сонив сон и ми се вознемири духот; сакам да дознам што сонив.

А Халдеите му рекоа на царот:

- Царе, да си жив до века! Раскажи им го сонот на слугите свои и ние ќе ти кажеме што значи.

А царот одговори и им рече на Халдејците:

- Заборавив; ако не ми кажете што сонив и што значи, веројатно имате некоја намера. Затоа ќе бидете заклани и куќите ваши ќе бидат претворени во урнатини.

Халдејците му одговорија на царот и рекоа:

- На земјата нема човек кој би можел да му го каже на царот тоа што го сака; затоа ниту еден цар ни кнез, ни земјопоседник никогаш не барал нешто такво од врачарите или ѕвездогатачите или халдејските свештеници. И она што царот го бара е многу тешко; нема кој би можел тоа да му го каже на царот сем боговите , кои не живеат меѓу луѓето.

Царот страшно се налути на тоа и заповеди да се погубат сите вавилонски мудреци. А кога заповедта излезе и мудреците ги убиваа, почнаа да го бараат и Даниил со другарите за да ги убијат. Тогаш Даниил мудро му се обрати на Ариох, заповедникот на стражарите на кого му беше наредено да ги убива вавилонските мудреци, и го запраша зошто царот издал таква ужасна заповед. Ариох му раскажа сѐ на Даниил. Тогаш Даниил отиде и го замоли царот да му остави време, па ќе му каже на царот што значи сонот. Царот му ја исполни молбата и Даниил се врати во својата куќа, им раскажа сѐ на своите другари Ананиј, Азариј и Мисаил и да се молат на Бога за милост заради таа тајна, за да и тие четворица не загинат со останатите вавилонски мудреци. И тајната му беше откриена на Даниил во ноќно видение, и Даниил Го прослави Бога. Тогаш отиде кај Ариох, кого царот го беше одредил да ги погуби мудреците вавилонски и му рече:

- Не убивај ги мудреците вавилонски; изведи ме пред царот да му кажам што значи сонот.

Ариох веднаш го изведе Даниила пред царот, и му рече:

- Најдов човек меѓу робовите од Јудеа, кој ќе му каже на царот што значи сонот.

А царот му рече на Даниил:

- Можеш ли да ми го кажеш сонот што го сонував и што значи?

Даниил му одговори:

- Тајните за кои прашува царот не можат да му ги кажат на царот ни мудреците, ни ѕвездарите, ниту врачарите, ниту гатачите.  Но, има Бог на небото кој ги открива тајните и му јавува на царот Навуходоносор што ќе биде во последните денови. Снисходлив према нашето смирение, Он и на нас ни го откри твојот сон; зашто тоа јас не го дознав со помош на некоја своја  исклучителна мудрост, туку со помош на откровенијата на Божјата милост.  Сонот твој и што видела главата твоја на постелата твоја е ова: Ти, царе, на постелата твоја размислуваше што ќе биде потоа, кој ќе царува по тебе; и, Оној Кој ги открива тајните ти покажа што ќе биде. Ти, царе, го виде ова: пред тебе стоеше голем, огромен лик, со силна светлост, и со срашен изглед. Главата на тој лик беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, додека стомакот и бедрата негови беа од бакар, потколениците железни, а нозете делумно железни, делумно глинени. Додека го гледаше, еден камен се откачи од планината сам, удри во идолот, во неговите железно- глинени нозе и го скрши. Тогаш заедно, сѐ се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го раздроби идолот стана голема планина и ја исполни целата земја.

Тоа е твојот сон царе! А тој значи ова: златната глава - тоа си ти царе и вавилонските цареви кои беа пред тебе; среброто означува дека по теба ќе настане друго царство, помало од твоето; потоа ќе биде трето царство - бакарно, кое ќе владее по целата земја; потоа ќе дојде четврто царство кое ќе биде тврдо како железо, и како што железото сотира и троши сѐ, така и тоа сѐ ќе сотре и сокрши. А што ги виде прстите на стопалата, кое од кал, кое од железо, тоа значи дека тоа царство ќе биде разделено, нешто во него ќе биде силно, нешто трошно. А во деновите на тие цареви Небесниот Бог ќе подигне царство кое до века нема да се растури, и тоа царство нема да се остави на друг народ; тоа ќе ги сотре и укине сите тие царства; а самото ќе остане во век. Тоа царство ќе биде духовно. Ете што значи сонот, и толкувањето е верно.

Тогаш царот Навуходоносор падна ничкум, му се поклони на Даниил и заповеда да му принесат дарови и кадива. И му рече царот на Даниил:

- Навистина вашиот Бог е Бог над боговите и господар на царевите.. кога можеше да ти ја открие оваа тјна.

И го возвиши царот Даниил и му даде многу големи дарови, и го направи господар на целата вавилонска земја и поглавар на сите мудреци вавилонски. Исто така, на Данилова молба, царот ги одликува со големи почести и другарите на Даниил: Седрах, Мисах и Авденаго, поставувајќи ги над работите на земјата вавилонска.

Во осумнаесеттата година од вавилонското ропство, царот Навуходоносор направи златен идол со височина од шеесет лакти, ширина шест лакти; и го смести во полето Дура во земјата вавилонска. И нареди царот да се соберат кнезовите, управителите и војводите, старешините, ризничарите, судиите, локалните управители, да дојдат на свеченото откривање на идолот. И сите се собраа и застанаа пред идолот. А на тоа исто поле Навуходоносор направи огнена и вжарена печка за погубување на оние кои нема да ѝ се покорат на неговата царска наредба.Тогаш гласникот повика на глас:

- Народи, племиња и јазици, вам ви се објавува: кога ќе чуете рог, свирала, китари, гусли, псалтири, пеење и секакви свирки, паднете и поклонете му се на златниот кип кој го пстави царот Навуходоносор. А ако некој не се поклони, во истиот час ќе биде фрлен во вжарената печка.

Затоа кога луѓето го чуја рогот и свиралата, китарите, гуслите и секаквите свирки, попаѓаа сите народи, племиња и јазици, и му се поклонија на златниот кип. А некои Халдејци тогаш дојдоа и на царот му ги тужакаа Ананиј, Азариј и Мисаил зборувајќи:

- На твоите богови, царе, тие не им служат, и на златниот идол што си го поставил тие не му се поклонуваат.

Тогаш царот  ги повика оптужените да му кажат дали е вистина тоа што го кажуваат за нив, па ако е вистина да знаат дека веднаш ќе бидат фрлени во вжарената печка и ќе нема кој да ги избави од неговата рака.

А тие одговорија:

- Нашиот Бог, на Кого му служиме, е силен да нѐ избави од печката вжарена, па и од твојата рака, царе, ќе нѐ избави. А и кога не би го сторил тоа, знај царе, дека на твоите богови нема да им служиме, ниту ќе му се поклониме на златниот идол што си го поставил.

Тогаш Навуходоносор се исполни со јарост и заповеда печката да ја вжарат седум пати посилно отколку што обично ја угоруваа. Притоа на најјаките луѓе во својата војска им нареди да ги оковаат Седрах, Мисах и Авденаго и да ги фрлат во вжарената печка. Војниците го извршија нареденото: ги врзаа облечени во своите облеки, со капи на главата и со другите алишта и беа фрлени во печката огнена што гореше. Бидејќи царската заповед беше строга, и печката вжарена необично многу, пламенот од огнот ги умрвти луѓето што ги фрлија Седрах, Мисах и Авденаго.

А тројцата - Седрах, Мисах и Авденаго - паднаа во вжарената печка врзани. И одеа меѓу пламенот, славејќи Го Бога и благословувајќи Го Господа. А царевите слуги не престануваа да ја распалуваат печката со нафта, смола, коноп и со суварки; па се креваше пламен над печката четириесет и пет лакти; и се одделуваше и ги изгоруваше оние Хајдејци што ќе ги досегнеше околу печката. Ангел пак Господов слезе во печката, го исфрли пламенот на огнот од печката, и направи, та во средината на печката вееше влажно ветре; и огнот не ги допре, ниту ги повреди, ниту ги вознемири. Тогаш тие тројцата, како со една уста, запеаја во печката, благословувајќи Го и славејќи Го Бога:

- Благословен си Ти, Господи, Боже на татковците наши и фален и прославуван во векови...

Царот Навуходоносор  слушна дека тие пет, се стаписа, брзо стана и им рече на своите големци:

- Нели беа тројца врзани што ги фрливме во огнот?

Тие му одговорија:

- Да царе.

На тоа царот рече:

- Еве јас гледам четворица како одат неврзани среде огнот и ништо не им се случува; четвртиот личи на ангел.

Тогаш Навуходоносор се приближи до отворот на распалената печка со оган и рече:

- Седраху, Мисаху и Авденаго, слуги на севишниот Бог, излезете и дојдете.

Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот. И се собраа локалните управители, намесниците, воените началници и советници на царот, видоа дека огнот немал никаква сила врз телата на тие луѓе, дури ни косата на главата не им беше подгорена, а и облеките нивни не им беа изгорени, па дури и мирис на изгорено немаше на нив. И се поклони пред нив царот на Бога, и рече:

- Нека е благословен Бог на Седрах, Мисах и Авденаго, Кој го испрати Својот ангел и ги избави слугите Свои што се надеваа на Него и не ја послушаа царската заповед, па ги предадоа своите тела на огнот за да не служат и да не се поклонат на друг Бог, освен на својот Бог! И еве, јас давам заповед, ако некој од народите, племињата и јазиците изговори хула против Бога на Седрах, Мисах и Авденаго, да се исече на парчиња и куќата да му се претвори во урнатини, зашто нема друг Бог, Кој може така да избавува.

Потоа царот ги опсипа со голема чест Тројцата Млади, возвишувајќи ги над сите и ги удостои со старешинство над сите Евреи што беа во неговото царство.

Меѓутоа Навуходоносор уживајќи на својот престол, многу се возгордеа, и по не многу време сони сон кој му го претскажуваше неговиот пад и смирение. Во тој сон среде земјата виде дрво. Дрвото беше големо и силно, и висината му досегаше до небото, и се гледаше сѐ до крајот на сите земји. Лисјата му беа прекрасни и родот обилен, толку што сите можеа да се прехранат од него; полските ѕверови се одмараа во неговата ладовина, и на гранките негови живееја небесни птици, и од него се хранеше секое тело. И глеј, се симна од небото ангел, буден како стражар. Извика силно и рече вака:

- Исечете го тоа дрво,искастрете ги гранките негови, истресете ги лисјата од него и расфрелете ги плодовите негови; нека избегаат ѕверовите од под него и птиците од под гранките негови; но коренот  оставете го во земјата, со вериги бакарни и железни околу него, меѓу полската трева врз него нека паѓа росата небеска и со животните нека се дружи. Срцето човечко ќе му се одземе и ќе му се даде срце ѕверско и така ќе минат седум години.

Овој сон го вознемири царот Навуходоносор, и тој пак ги собра мудреците вавилонски, и сите ѕвездари и гатачи, им го раскажа сонот и побара од нив да му објаснат што значи. Но ниту еден од нив не умееше да му го објасни сонот, додека Навуходоносор не го повика Даниил, на кого почиваше Светиот Дух Божји. Слушнувајќи го сонот и размислувајќи во себе, Даниил му рече на царот:

- Господару, нека овој сон биде за твоите завидливци, а значењето негово за твоите непријатели. Дрвото што го виде, тоа си ти царе, кој си голем и силен, и величината твоја е висока и досега до небото и власта твоја до краиштата на земјата. Но наскоро ќе го изгубиш царството: ќе бидеш пргонет: ќе бидеш одведен од луѓето, и го го минуваш животот со ѕверовите полски, и ќе те хранат со трева како вол, и росата небесна ќе те накиснува,  и седум времиња ќе поминат преку тебе додека не познаеш декаВишниот владее со царството човечко и го дава на кого сака. А тоа што е наредено да се остави трупот со жилите од дрвото, значи дека царството ќе ти биде вратено кога ќе разбереш дека небесата владеат. Затоа, царе, нека ти биде угоден мојот совет: искупи си ги гревовите со правда, и своите беззаконија со милостиња кон тие што се во неволја, па Бог да ти ги прости гревовите.

Така му го протумачи свети Даниил сонот на царот. И збидна сѐ што кажа. Оти кога поминаа дванаесет месеци, одејќи по царскиот двор во Вавилон, царот рече:

- Зар не е величествен овој Вавилон, што го изградив како дом на царството со силата на мојата моќ и за слава на моето величие?

Уште му беа зборовите во устата на царот, а дојде глас од небото:

- Тебе ти се зборува, царе Навуходоносоре: ти се одзема царството! И ќе бидеш протеран, и ќе живееш со полските ѕверови, и ќе те ханат како вол, и ќе поминат седум времиња преку тебе додека да познаеш дека Вишниот владее со човечкото царство и го дава кому сака.

И во тој час се исполни овој збор над Навуходоносор: умот му се помрачи и тој полуде; затоа во ланци го оковаа; и оти немаше мир под покривот на дворецот, го оставија под отворено небо; и беше изгонет од луѓето, и јадеше трева како вол, и росата небеска му го киснеше телото. Та косата му порасна како пердуви на орел и ноктите како кај птици. А по истекот на седумте години, во чиј тек никој не смееше да го прими неговото царство, Навуходоносор ги подигна своите очи кон небото, и умот му се поврати; и Го благослови тој Вишниот, и Го пофали и прослави Вечноживиот, Чија власт е вечна и Чие царство е од род во род. - И сите живи на земјата не значат ништо спрема Него - размислуваше царот - и Он прави што сака со војската небеска и со живите на земјата, и нема некој кој може да ѝ се спротивстави на раката Негова и да Му каже: што правиш?

Во тоа време на царот му се поврати умот, и на слава на царството негово му се врати величието и неговиот претходен углед; и дворјаните негови и велможите го побараа, и се зацврсти во царството свое, и величието негово уште повеќе се зголеми.

И живееше Навуходоносор фалјќи Го, величајќи Го и славејќи Го Царот Небесен. Царуваше четириесет и три години, и умре во мир. По смртта на Навуходоносор, Вавилонското царство го наследи неговиот син Евилмеродах. Тој го ослободи заробениот цар Јудејски, Јехониј, кој беше таму во окови. И беседеше со него пријателски, и му даде престол повисок од престолите на царевите кои беа кај него во Вавилон. И му ги промени затворските алишта и тој секогаш обедуваше со него, во сите денови на својот живот.

По смртта на Евилмедорах се зацари зетот на Навуходоносор Набонид, кој за свој соцар го направи својот син Валтазар. За време на неговото царување, пророкот Даниил беше удостоен со мнгу виденија во кои под вид на разни ѕверови му беше укажано на натамошните цареви и царства, на Антихристот, на свршетокот на светот и на Страшниот суд.

„Видов - вели  Даниил - како се поставија престоли, и Стариот по денови, седна: облеката Му беше бела како снег, и косата на главата како чиста волна; и престолот  Му беше како огнен пламен, тркалата му беа како разбуктан оган. Огнена река излегуваше и течеше под Него; илјади илјади Му служеа, и илјади илјади стоеја пред Него; судот седна, и книгите се отворија“.

И други страшни и ужасни откровенија виде Даниил; за тоа доволно пишува во неговата книга.

Еднаш царот Валтазар приреди голема гозба на илјади свои великодостојници, и пиеше вино пред нив. Вкусувајќи од виното Валтазар заповеда да му се донесат садови, златни и сребрени, кои неговиот дедо Навуходоносор ги беше однел од Ерусалимскиот храм, та од нив да пијат царот и великодостојниците, и жените негови, и наложниците негови. И ги донесоа садовите златни и сребрени, пиеја од нив царот и големците негови, и жените негови, и наложниците негови. Пиеја вино и ги величеа боговите златни и сребрени и бакарни и дрвени и камени; а Бога Вечниот, кој има власт над нив, не Го прославија. Во тој час се појавија прсти на човечка рака и пишуваа спрема светилникот, по варосаниот ѕид на царскиот дворец, и царот ја виде раката која пишуваше. Тогаш му се промени лицето на царот, и неговите мисли се вознемирија, и појасот му се распојаса и колената негови почнаа да се удираат едно со друго. Пoвика царот без глас, та доведоа маѓесници, волшебници и гледачи; и им рече царот на мудреците вавилонски: 

- Кој ќе го прочита ова писмо и ми објасни што значи тоа, ќе биде облечен во скерлет, ќе носи златно ланче околу вратот, и ќе биде трет господар во царството.

Тогаш се појавија сите мудреци на царот, но не можеа да ги прочитаат писмата ниту да му објаснат на царот што значат. Заради тоа царот вавилонски многу се вознемири и лицето сосема му се измени; и великодостојниците негови се испреплашија. Затоа во палатата каде што беше гозбата дојде царицата - бабата на Валтазар, а жена на Навуходоносор, и му раскажа на царот за Даниил, дека во себе го има Духот Божји, и дека царот Навуходоносор го постави за поглавар на сите јасновидци, волшебници и гледачи, поради неговиот висок дух, знаење и разум и умеење да ги толкува соновите и виденијата и да расплеткува заплеткани работи.

Тогаш беше доведен Даниил пред царот, и царот му рече:

- Ти ли си Даниил еден меѓу заробените синови Јудејски, кои мојот дедо, царот Навуходоносор ги доведе од Јудеја? Чув за тебе дека Духот Божји е во тебе, и дека и светлина и разум и мудрост голема  има во тебе. Затоа прочитај ми го напишаното на ѕидот со прстите на невидлива рака и кажи ми што значи; а тоа не можеа да го сторат мнозина мудреци и магесници. Значи, ако можеш да го прочиташ ова писмо и да ми кажеш што значи, ќе бидеш облечен во скерлет, и златно ланче ќе носиш околу вратот, и ќе бидеш трет човек во моето царство.

Тогаш одговори Даниил и му рече на царот:

- Даровите твои нека ти останат  тебе, и почестите свои дај ги на друг; а напишаното ќе му го прочитам на царот и ќа му протумачам што значи.

Кажувајќи му го тоа на царот, свети Даниил му го спомна неговиот дедо Навуходоносор, како заради неговата гордост беше казнет од Бога, го изгуби човечкиот облик, беше прогонет од луѓето, и се хранеше со трева. Потоа Даниил го изобличи царот Валтазар, говорејќи му:

- А ти, Валтазаре, не покажа понизност иако го знаеше сето ова. Ами се подигаше на Господа Небесниот, и садовите на Неговиот дом ги осквернивте пиејќи вино од нив, ти и големците твои и жените твои и наложниците твои. Поред тоа, ти ги пофали боговите сребрени и златни, бакарни и железни, дрвени и камени, кои ниту гледаат ниту слушаат ниту разбираат; и не Го пофали Бога, во чија рака е душата твоја и сите патишта твои.

Откако така го изобличи царот, Даниил се сврте кон ѕидот и почна да чита. А беше напишано ова: „Мене, Текел, Парсин“. Овие зборови Даниил ги протолкува вака: „Мене“ значи: Бог го изброи царувањето твое и му одреди крај; „Текел“: измерен си на кантар и најдено е дека си многу лесен; „Парсин“: се раздели твоето царство и им се даде на Мидијците и на Персијците.

Слушнувајќи го тоа, царот го опсипа Даниил со почести како што вети, иако беше вознемирен поради тажното претскажување. Валтазар заповеда, та го облекоа Даниил во скерлет, и му ставија златно ланче околу вратот; и царот објави за Даниил  дека тој е трет господар во царството.

И се оствари претскажувањето на Даниил: таа иста вечер беше убиен царот вавилонски Валтазар, а Дариј мидиецот заедно со Кир персиецот го презедоа царството. Дариј тогаш имаше шеесет и две години.

За време на своето царување, Дариј постави сто и дваесет гувернери за да бидат управители на целото царство, а над нив тројца кнезови, од кои еден беше Даниил. Гувернерите беа должни да им поднесуваат извештаи на овие сарешини за да не му досадуваат на царот.

Даниил ги надминуваше другите кнезови и гувернери, бидејќи во него имаше висок дух, и царот веќе си мислеше да го постави над целото царство. Тогаш и кнезовите и гувернерите се договорија да го обвинат Даниил во управувањето со царството, но никако не можеа да најдат повод, ниту грешка, оти Даниил беше верен. Тогаш тие луѓе рекоа: Нема да најдеме причина против Даниил, ако не најдеме против него нешто во законот на неговиот Бог.

Тогаш тие кнезови и гувернери отидоа кај царот и му рекоа вака:

- Царе Дариј, жив да си до века! Сите кнезови во царството, намесниците, гувернерите, советниците и воените началници се согласија помеѓу себе да се издаде царска наредба и да се објави заповед: секој што во текот на триесет дена ќе се моли на кој и да било бог или човек, освен на теба, царе, него да го фрлат во лавовска јама. И така, утврди го царе тоа решение и потпиши ја наредбата за да биде неотповиклива како непроменлив закон мидиски и персиски (Даниил гл. 6. 6-8).

Царот Дариј, не насетувајќи ја лукавоста на нивната намера, донесе одлука и издаде наредба. А Даниил кога дозна дека наредбата е издадена, отиде во својата куќа каде што прозорите беа отворени кон Ерусалим, и трипати на ден паѓаше на колена и се молеша и го славеше својот Бог, како што правеше и порано. А оние луѓе скришно го следеа и го видоа како се моли и се поклонува на својот Бог. Па отидоа и му рекоа на царот:

- Нели, царе, издаде наредба, секој кој во рок од триесет дена ќе се моли на било кој бог или човек, освен тебе царе, да биде фрлен во лавовска јама.

 Тогаш му рекоа на царот:

- Даниил, еден од заробените синови јудејски, не му е грижа за тебе, царе, ниту за наредбата која ја издаде, ами трипати на ден се моли со своја молитва.

Кога го слушна ова, царот се нажалости многу, и во срцето науми да го избави Даниил, и до залезот на сонцето се обидуваше да го избави. Но тужителите му пристапија на царот и му рекоа:

- Знај царе, закон е кај мидијците и персијците, никоја забрана или наредба која царот ќе ја издаде, да не се менува.

Тофаш царот нареди и го одведоа Даниил и го фрлија во лавовската јама. При тоа, царот му рече:

- Твојот Бог, кому без престан му служиш, нека те избави.  

И донесоа огромен камен, го ставија на вратата од јамата, и царот го запечати со својот прстен и со прстените на своите велможи, за непријателите на Даниил да не му приредат нешто уште полошо, оти во крвожедните ѕверови имаше повеќе доверба, отколку во злобните луѓе. Потоа царот си отиде во дворецот, и легна без вечера, не допуштајќи ништо да му се донесе од храна; и сонот побегна од него. А Бог им ја затвори устата на лавовите, и не го допреа Даниила.

Утредента царот стана рано наутро и веднаш отиде кон лавовската јама и викна со силен глас:

- Даниил, слуго на Бога живиот, на твојот Бог, кому без престан Му служиш, можеше ли да те избави од лавовите?

Даниил му рече на царот:

- Царе, да си жив до века! Мојот Бог ми го испрати својот Ангел и им ја затвори устата на лавовите, та не ми нашкодија, оти се најдов чист пред Него, а и пред тебе царе не направив зло.

Царот многу му се израдува на тоа, и заповеда да го извадат Даниил од јамата. И го извадија, и не најдоа никаква повреда на него, зашто му веруваше на својот Бог. И нареди царот, та ги доведоа луѓето кои го беа оптужиле Даниил и ги фрлија во лавовската јама нив, нивните деца и нивните жени. И уште не беа дошле до дното на јамата, а лавовите ги зграбија и сите коски им го здробија.

После тоа царот Дариј им напиша на сите народи и племиња и јазици кои живееја по целата земја:

- Мирот да ви се умножи! Од мене се издава оваа заповест: Во секоја област од моето царство секој да трепери и да се плаши од Богот на Даниил, зашто е Бог жив и вечен, и царството Негово нема да се развее, и власта Негова е бескрајна. Он избавува и спасува, и прави знаци и чудеса на небото и на земјата; Он го избави Даниил од силата на лавовите.

И беше Даниил во преголема чест кај царот Дариј, како никој друг, и царот го имаше за свој најблизок пријател. Исто, во голема чест кај царот беа и Данииловите тројца другари: Ананиј, Азариј и Мисаил.

Еврејскиот историчар Јосиф Флавиј пишува за Даниил дека како прв великодостојник имал голема власт во персиското царство, и дека во градот Екбатан подигнал прочуена кула, која во времето на спомнатиот историчар, неколку стотини години по ѕидањето, изгледала нова, како да е тој час ѕидана. Во таа кула ги погребувале мидиските и персиските цареви; а чувањето на кулата било доверувано на еден од еврејските свештеници.

По царот Дариј, светиот Даниил, исто, беше во голема чест и кај царот Кир, зашто Кир го прими за свој најблизок соработник и посредник во народот. И живееше Даниил заедно со царот и беше пославен од сите негови пријатели.

Во Вавилон имаше идол по име Вил на кого секојдневно му принесуваа по дваесет големи мери пченично брашно, четириесет овци, и од виното шест мери.  И царот многу го почитуваше и секој ден одеше да му се поклони. А Даниил се поклонуваше на својот Бог. И го праша царот:

- Не ти изгледа ли дека Вил е жив бог? Зарем не гледаш колку јаде и пие секој ден?

Даниил се насмевна и рече:

- Не лажи се себеси царе, зашто од внатре е иловица, а од надвор бакар, и никогаш нити нешто изеде, ниту се напи.

Тогаш царот, гневејќи се, ги повика жреците и им рече:

- Ако не ми кажете кој ја јаде сета таа храна, ќе бидете убиени. Ако пак ми докажете дека неа ја јаде Вил, тогаш Даниил ќе биде убиен оти изговори хула на Вил.

На тоа Даниил му рече на царот:

- Нека биде по твојот збор.

А виловите жреци беа седумдесет на број освен жените и децата. И отидоа царот и Даниил во Виловиот храм, и жреците вилови рекоа:

- Еве, ние ќе излеземе од храмот, а ти царе, постави го јадењето и виното, па заклучај ја вратата и запечати ја со твојот прстен. И кога ќе дојдеш утре, ако не најдеш изедено  сѐ, нека бидеме убиени ние, ако ли пак не, тогаш Даниил кој излага и нѐ наклевети.

Говорејќи го тоа, жреците беа сосем спокојни, зашто беа направиле таен подземен ходник и влез под трпезата, редовно доаѓајќи и јадејќи го јадењето.  И кога тие излегоа, царот ја постави храната пред Вил, а Даниил им нареди на слугите и тие донесоа пепел и го нафрлија во присуство само на царот; потоа на излегување ја заклучија вратата, ја запечатија со царскиот прстен, па отидоа. А жреците по својот обичај, дојдоа ноќе со своите жени и деца и сѐ изедоа и испија.

Утредента царот порани, и Даниил со него. И праша царот:

- Цели ли се печатите, Данииле?

- Цели се, царе - одговори Даниил.

И штом ја отворија вратата, царот фрли поглед кон трпезата и воскликна со громок глас:

- Велик си Виле! И нема никаква измама во тебе!

А Даниил, насмевнувајќи се, го задржа царот да не влегува и му рече:

- Погледни го подот и разгледај чии се овие стапки.

Царот одговори:

- Ова се стапала луѓе, жени и деца.

Се разгневи царот, нареди, та ги испофаќаа жреците, нивните жени и деца, и го покажаа тајниот ходник и вратата во него, низ кој доаѓаа и јадеа од трпезата. Тогаш царот нареди и ги погубија, а Вил го предаде на Даниил, и Даниил го разби, и храмот негов го разори.

Во тоа место имаше голема ламја, и вавилонците ја почитуваа. И му рече царот на Даниил:

- Може и за ламјата ќе речеш дека е бакар? Ете, таа е жива, и јаде и пие; не можеш да речеш дека овој бог не е жив; затоа поклони му се.

Даниил рече:

- На Господ Бог мој Му се поклонувам, оти Он е Живиот Бог. Но ти царе, дај ми дозвола и јас ќе ја убијам ламјата без мач и без стап.

Царот одговори:

- Ти давам дозвола.

Тогаш Даниил зеде смола, маст и волна, ги свари зазедно, од тоа направи грутка, и ја фрли во устата на ламјата; оваа ја изеде, и препукна.

И рече Даниил:

- Ете ја вашата светиња!

Но, кога вавилонците чуја за тоа, многу проревнија и востанаа против царот и рекоа:

- Царот стана евреин: го разби Вил, ја уби ламјата, ги истепа жреците.

И доаѓајќи кај царот му рекоа:

- Предај ни го Даниил, инаку ќе те убиеме и тебе и твојот дом.

И кога царот виде дека упорно настојуваат на тоа, беше принуден и им го предаде Даниил. А тие го фрлија во лавовска јама. Таму помина шест дена. Во јамата имаше седум лава на кои секојдневно им даваа по две телиња и по две овци. Но, во овој случај не им ја даваа вообичаената храна, за да го изедат Даниил. Меѓутоа, Бог им ја затвори устата на лавовите, како и порано; и Даниил седеше со нив во јамата како со кротки јагниња.

А пак во Јудеа беше пророкот Авакум: Тој свари чорба, надроби леб во неа и појде да им ја однесе на жетварите на нивата. Но Ангел Господов му рече на Авакум:

- Однеси го обедот кој го имаш во Вавилон, кај Даниил во лавовската јама.

Авакум рече:

- Господине, Вавилон никогаш не сум го видел, а јамата не ја знам.

Тогаш Ангелот Господов го фати за темето, и држејќи го за косата го остави во Вавилон над јамата со силата на својот дух. И викна Авакум:

- Даниил! Даниил! Земи го обедот кој Бог ти го испрати.

И рече Даниил:

- Ти си спомна за мене Боже, и не ги остави оние кои Те сакаат.

И стана Даниил и јадеше. А Ангелот Божји додека Авакум трепна, го остави на неговото место.  

Во седмиот ден дојде царот да го исплаче Даниил. И приоѓајќи кон јамата, погледна во неа и, чудо, го виде Даниил како седи. И кликна царот со громок глас, и рече:

- Велик Си, Господе, Боже Даниилов, и нема друг освен Тебе!

И нареди царот , па го извадија Даниил од јамата, а виновниците за неговото страдање ги фрлија во јамата, и лавовите во истиот час, во присуство на Даниил, ги изедоа.

Даниил и тројцата негови другари доживеаја длабока старост.

Светиот Кирил Александриски, а и други, пишуваат дека по смртта на Навуходоносор и останатите цареви, кај кои Даниил и неговите пријатели беа во чест, на престолот седнал цар по име Камбиз. Дознавајќи за нивната верба ги извел на испитување. Но кога тие го изобличиле поради неговото зловерие, он наредил да им се отсечат главите, најпрво на Ананиј. Азариј пак, ја разгрнал наметката и во неа ја пречекал отсечената глава на Ананиј. Отсечената глава на Азариј ја примил Мисаил. Главата пак на Мисаил, ја примил Даниил, подметнувајќи ја својата наметка. На крајот му ја отсекле главата и на Даниил. Се раскажува дека по колењето, секоја од главитте му се прилепила на своето тело и Ангел Господов, земајќи им ги телата, ги однел на гората Гевал, каде ги положил под камен. По четири стотини години, на денот на воскресението на нашиот Господ Исус Христос, воскреснаа и тие заедно со некои други, им се јавија на мнозина, и пак заспаа. А светите отци одредија нивниот помен да се празнува на седум дена пред Христовото Раѓање, бидејќи и тие беа од Јудиното племе од кое и нашиот Спасител води потекло по тело, па на тој начин се јавува како сродник по тело на овие светители.

По молитвите на овие светители, во мир нека го устрои нашиот живот  Христос, Нашиот Бог, кому слава со Оца и со Светиот Дух во веки. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ ЃАКОНОТ АВАКУМ, ИГУМЕНОТ ПАЈСИЈ и останатите со нив

Црквата Божја, втемелена на Апостолите и Пророците и залиена со крвта на светите Маченици,    како разгрането дрво со многу гранки, ја покрила целата вселена. Од првиот ден на своето постоење Црквата била, е и ќе биде маченичка. Страдањата и гонењата на Божјата Црква е атмосферата во која таа непрестајно живее. Во разни времиња гонењето било различно: некогаш јавно и отворено, некогаш подмолно и прикриено. На неа постојано се исполнуваат зборовите на нејзиниот основач и Глава, Господ Исус Христос: „Во светот ќе имате неволји“; зошто, поинаку и не може да биде, бидејќи царството Негово (Црквата) не е од овој свет. Господ отсекогаш е во овој свет како во своја шарена градина, ги зема како најмирисни цветови и ги собира во небесните амбари најјадрите и најдобрите плодови на Црквата, токму во видот на светите Маченици. Колку побогоносен бил некој народ, толку попрекрасни плодови давал во лицето на своите најдобри чеда; и пак, колку еден народ праќал повеќе плодови во амбарите на Небесниот Домаќин, како свети Маченици, дотолку тој народ станувал побогоносен и на Бога помил.

И многустрадалниот српски православен народ, насаден како „Дрво крај воден извор“(Пс. 1, 3), давал изобилни плодови „во свое време“. Низ вековите ги полнел небесните амбари со скапоцени плодови. Крвта на христијанските маченици обилно се лиела од денот на просветувањето со светото Крштение, па до денес. Цели јата на свети души, некогаш поголеми, некогаш помали, се воздигале на Небото, обелени со крвта на Јагнето и со својата крв. Нивниот број бил особено голем во време на општонародните страдања, да речеме во петте века на турското ропство, кога Бог, поради гревот, ги предал во рацете на агарјаните, да се мачат телата за да се очистат душите. Тој период е накитен со многуценети скапоцени камења од маченици и новомаченици, пополнувајќи го така „недостигот на Христови маки на своите тела“. Нивниот полн број познат Му е единствено на севидниот и сезнајниот Господ, исто како и сета разновидност на маките кои тие храбро ги поднеле за својот Господ. Малку од нив ги знаеме по име, а уште помалку се оние чии маченички подвизи се опишани во мартирологијата. Еден од оние, последните, на чиј подвиг смерно се поклонуваме и чиј спомен со радост го празнуваме, е денешниот свет преподобномаченик, ѓаконот Авакум, кој маченички настрадал од турците за време на Хаџи-Продановата побуна во 1814 година, заедно со останатите свети новомаченици.

Оваа прекрасна фиданка на српскиот народ и украс на Божјата Црква, е роден во Кнез Поле под Козара, во 1794 година од татко Гаврил и мајка Божана. Просветен со светото Крштение го добил името Лепоје, што веројатно ја навестило неговата телесна, а уште повеќе, душевна убавина. Првите поими за Бога и за светата Православна вера ги добил од својата благочестива мајка. А кога поднараснал, и млад останал без татко, мајка му го одвела манастирот Моштаница за да учи книга, оти сакала својот единец да го посвети на служење на Бога. Манастирската врата им ја отворил отец Генадиј, духовникот на таа света обител, кој порано бил мирски свештеник со име Ѓорге, и бил оженет со сестрата на Гаврил, таткото на Лепоје. Но бидејќи млад останал вдовец, стапил во манастир, се замонашил и го добил името Генадиј. Со себе, во манастирот го довел и својот син единец Стојан, кој на години бил со Лепоје. Така, кога отец Генадиј го видел младиот кого го довела мајка му, долго не можел да ги одвои своите очи од него оти бил „прекрасен и достоинствен како Аполон“, а со душата убав и чеден како прекрасниот Јосиф, додека добрината и целомудрието му биле испишани на лицето. Веднаш го примиле во светата обител, а неговата добра мајка, вдовица, никако не сакала да се одвои од својот единец, та останала во манастирот  да послужува.

Младенецот, бидејќи надарен и просветен од Бога, набргу го научил писмото и ги изучувал божествените книги, насладувајќи се со вечната Вистина, која Бог има ја откри на луѓето поради нивно спасение. При тоа го научил и црковното пеење, и со својот милозвучен глас го славел  Бога ден и ноќ, оти со својата чиста и невина душа ја засакал  таа света обител и богослуженијата во неа, та на него во потполност можат да се применат зборовите на Псалмопеачот: „Само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да се поучувам во Неговиот свет храм“ (Пс. 26. 4). Заради таквото напредување во доблестите и во светото послушание, момчето наскоро се украси со ангелски лик и го доби монашкото име Авакум. А кога наполни осумнаесет години беше ракоположен за ѓакон од страна на пакрачкиот митрополит Јосиф. Тогаш, со солзи младиот ѓакон Му благодареше на Бога за удостојувањето да служи света служба со духовникот на обителта, да стои пред светиот Престол во олтарот и со  свои раце да ги допира Светите Божествени Тајни. И одеше право по Господовиот пат вршејќи ги со љубов и со срдечност своите монашки завети, за на него да се исполнат зборовите на светиот Апостол: „Никој нека не ја презира твојата младост, туку на верните да им служиш како пример во слово, поведение, љубов, дух, вера и чистота!“ (I Тим. 4. 12)

Но, како што често, по тивок  и сончев ден наидува страшна бура, така и тука, по Божјо допуштение, настанаа тешки искушенија како за младиот ѓакон, така и за целата света обител.

Во 1809. Бунтовни срби од Босанска Краина и од Поткозарјето, под влијание на Караѓоргевото востание во Србија, и самите дигнаа востание, познато под името Јанчиќева буна, кое свирепо било загушено. Тешката и неподнослива состојба потоа натерала многу срби да побегнат во шумата или да пребегнат во Србија, Хрватска и Славонија. И игуменот на манастирот Моштаници, Генадиј, кој зел видно учество во побуната заедно со останатите свештеници и калуѓери, цели три години се криел од турските очи и најпосле, 1811 година морал да ја напушти Босна и манастирот околу чии гламји доаѓал и повремено на нив служел Божја служба... Поминал повеќе од една година во Славонија, земајќи го со себе и својот единец Стојан и осумнаесетгодишниот Авакум, кој штотуку бил заѓаконет, како и неговата мајка Божана. Од Славонија тргнале да бараат помирно засолниште. Одејќи од манастир во манастир стигнале до портата на манастирот Благовештение во Трнава близу до Чачак. Портата им ја отворил просед монах и сите ги примил со голема љубов. Тоа бил игуменот Пајсиј, роден тука, во Трнава. Со него тогаш во манастирот била и неговата стара мајка Сингелија и неговиот најмлад брат Стефан на околу 17 – 18 години, додека средниот негов брат живеел во куќа недалеку од манастирот. Бидејќи Пајсиј немал братство кое многу го посакувал, од сѐ срце ги примил прогонетите од манастирот Моштаница. И веднаш оживеа таа света обител со складното пеење и со велелепието на Богослужењето, зашто сега често, света Служба служеа тројца свештеници: игуменот Пајсиј, отец Генадиј и трнавскиот парох Радован со ангелоподобниот млад ѓакон Авакум, додека на службата со своите ангелски гласови одговараа врсниците на ѓаконот, Стојан и Стефан. Но, таквиот блажен и Богоугоден живот траеше кратко.

По пропаѓањето на Караѓоргевото востание во есента 1813 година, турските зулуми ја надвишија секоја мерка. Српски глави косени се како снопови. Планините се преполниле со збегови од немоќни и изнемоштени, кои од таму гледале крвави гаврани како во својата презаситеност ги надлетуваат труповите, кои црнееле од Дрина до Краина и до Делиград, бидејќи немало кој да ги откупи и погреба. Многу од повидните луѓе одбегнале во горите и станале ајдуци. Народот лелекал под товарот и неволјите. Тоа ги приморало војводите и кнезовите кои останале во Србија да го положат оружјето пред нозете на турците. Некои од нив со турска помош дури и го смирувале народот да не се бунтува. Најдолго по горите останал Хаџи-Продан Глигоријевиќ, но најпосле и тој му се предал на чачанскиот муселим Латиф-аги со кого до некаде бил и пријател. Предавајќи се, се населил во Трнавскиот манастир. Честитиот духовник, игуманот Пајсиј, бил многу почитуван поради своето родољубие, па и турците го почитувале и уважувале. Доаѓањето на Хаџи-Продан, докажан и славен војвода, необично го израдувало, а истоветноста на мислите и на чувствата набрзо ги сродиле. Тие се договориле и одлучиле повторно да дигаат востание, и само чекале погодна прилика за тоа.

На измачениот народ поред неволјата од турците, дошла уште потешка. Од распаѓањето на непогребаните лешови, кои турците насекаде ги сееја, се зарази земјата и завладеа тешка и опасна болест од која немало лек. Пустошела преку целата зима, па продолжила да коси и целата идна година. Од чумата особено страдале градовите во кои турците пак се населиле. Трнавскиот манастир, осамен во планината бил поштеден од оваа опасност, та и неговите жители биле спокојни, за жал, не за долго. На нивна несреќа, на чачанскиот муселим Латиф-ага му дошла идеја и тој со своите луѓе, со своето богатство и оружје,  да побара прибежиште од болеста во Трнавскиот манастир.

Игуменот Пајсиј и Хаџи-Продан сега биле под непосредна присмотра на турците, што воопшто не им било пријатно. Сепак, во почетокот на септември 1814. Година, над Трнава, во манастирот Стјеник, каде што имало голем збег, понастрана од очите на чачанскиот муселим Латиф и неговата телесна гарда, кои сѐ уште седеле во Трнавскиот манастир, се состанале сите кнезови, војводи и духовници на пожешката нахија (нахија - слично на општина), меѓу кои биле: Хаџи-Продан, игуменот Пајсиј, отецот Генадиј и други свештени и цивилни лица. На тој состанок се одлучило народот да се дигне на востание. За водач на востанието бил избран кнез Милош од рудничката нахија, а за негов помошник Хаџи-Продан. Заклетвата над востаниците ја извршил многу популарниот игумен Пајсиј кого го задолжиле на најбрз и најдобар начин да јави за востанието кое требало да пламне на Крстовден, на 14. Септември 1814 година. Од собирот , на кнез Милош му е упатено послание со кое го известуваат за договорот и дека го молат да им се придружи како водач.

Тие денови Латиф-ага го превзел патот од Трнавскиот манастир по Драгачево и кон Жича за да ја смири побунетата раја. Латиф-ага во придружба на Хаџи-Продан, Аврам Лукиќ, Бока Протиќ, поп Никола и уште некои други, ги обиколувале селата на планината Јелица и одел кон Жича. Ова му одговарало на игуменот Пајсиј за да може да ја изврши Стјеничката завера. Во очи на Крстовден, игуменот Пајсиј, Хаџи-Продановиот брат Михајло и други наоружени луѓе, кои веќе ги имало низ планината, нападнале осмина луѓе на Латиф-ага кои останале во манастирот да го чуваат богатството и оружјето, ги разоружале и го зеле големото благо на муселимот. За случката во Трново веднаш му е јавено на Хаџи-Продан, кој ноќе се искрал од Латифовата дружина во Трнава, а утредента на Крстовден, насред Трнава, е развиено востаничкото знаме околу кое се собрале меѓу две и четири илјади востаници.

Така, значи, во Трнава, во манастирот Благовештение, Хаџи-Продан, игуменот Пајсиј, Михајло и други го дигнале востанието на празникот на Чесниот Крст, во ист ден во кој пропаднало пред една година. Така востанието поврзано со празникот на Чесниот Крст и страдањата, на тој начин ја добил својата символика и таинственост. Да се понесе крстот на својот народ, и својот, на тоа Крстовден повикувал повеќе од било кога. Хаџи-Продан бил свесен за тоа и затоа сега, тој го понел тој крст, заедно со сите кои биле покрај него.

Вистина, кога стигнал во Трнава, Хаџи-Продан ги ослободил луѓето на Латиф-ага и ги упатил од манастирот да отидат во Чачак, а го задржал богатството и оружјето. Потоа веднаш испратил луѓе по останатите нахии и ги известил тамошните војводи за случувањара во Трнава, канејќи ги да му се придружат на востанието. Истовремено, Хаџи-Продан ја предосеќал опасноста и блискиот напад на турците. Уште повеќе што кнезот Милош одбил да се придружи и да застане на чело. Зимата била на прагот, лисјата паѓале. Немало храна, исто и муниција. Немало спремни збегови за жените и за децата. А во Белград на изградба работеле стотина срби кои можеле да бидат земени за заложници, или да ги истепаат, и што е тогаш направено? Така мислел тогаш Милош Обреновиќ, кога некој поп Симо му ја донел пораката од Хаџи-Продан. И одлучил онака како што Хаџи-Продан не посакувал. Одбил да им се придружи на востаниците. Говорел дека сѐ уште не дошло времето за востание. Кога Хаџи-Продан и луѓето собрани околу него разбрале за пораката на кнезот Милош, на што не се надевале, тоа одекнало како гром од ведро небо. Востаниците почнале да се разијдуваат секој на своја страна и оружјето да го скриваат по пештери и шупливи буки.

 Во почетокот, по повиците на Хџи-Продан, а и без нив се слушна за востатнието во Трнава. Некои кнезови, војводи и угледни луѓе почнале да се дигаат. Востанието се ширело како трева по обилен дожд. Ги зафатил пожешката и јагодинската нахија како и некои села од крагуевачката нахија. Изгледало дека востанието никој не може да го угасне. Отпорот на турците бил слаб. Никаде немало поголема битка, никаде да се соберат и да дадат отпор. Милош бил во недоумица. Толку му ветувал на Сулејман паша во Белград дека во Србија ќе биде мирно, дека тоа е единствената народна желба, а пушките на големо пукаат и паѓаат турски војници. Затоа отиде кај Ашинбег, муселимот на рудничката нахија, и му рече:

- Јас за таа буна не знам, допушти ми да го смирам народот!

Се согласил Ашин-бег и кажал дека и тој ќе испрати војска на Хаџи-Продан и дека побуната заеднички ќе ја загушат. Така, кон Трнава крена војска за да го загуши восттанието. Од Белград, исто тргнала војска под команда на Наја-паша, заменик на белградскиот везир. Кај Чачак се слегнала голема војска. Хаџи-Продан во Трнава имал малку војници и не можел да ги дочека турците. Особено го погодило тоа што и Милош кренал на него. Затоа ја напуштил Трнава и пошол кон рудничката нахија.

До единствена поодлучна битка дошло кај Книџа во Гружа. На едната страна биле бројните турци и луѓето на Милош, а на другата страна Хаџи-Продан со само неколку стотини востаници, но одбрани. Битката траела цел ден, па војските ги нашла ноќ на боиштето. Но бидејќи востаниците биле малку на број, а повеќето водачи и повидни луѓе од порано биле фатени, и бидејќи и самиот народ бил поделен меѓу себе, тоа, ноќе, востаниците го напуштиле боиштето, зашто во тие услови не можело да се војува со турската сила. Со мал број на луѓе, Хаџи-Продан од Остружница преминал во Срем, со што, практично, востанието пропаднало. Но со тоа маките на народот не прстанале. Таа побуна ги опоменала турците дека Србија не се смирила. Народот требало само да биде повикан, и за час би се собрале многу чети со оружје, и спремни за бој. Затоа турците се потрудиле, и оваа буна ја искористиле за повод да го обезглават народот.  Ги испофатиле скоро сите народни првенци и видни луѓе, особено духовните водачи, кои на било кој начин биле замешани во Хаџи-Продановата побуна, или пак на турците би им биле сомнителни.

Хајката е извршена најпрво во Чачак, каде што мнозина биле фатени на измама. Од Чачак, Каја-паша водел необична колона. Сите тие заробени луѓе ги оковал во синџири и ги водел кон Крагујевац. Се зборувало во народот дека сѐ ќе им биде простено, бидејќи тоа била и пораката на Сулејман-паша од Белград. Наја-паша се состанал со Милош кај Крагујевац. Народот од околните села дошол во Крагујевац и донел храна, како пред неколку дена во Чачак. И тука се повторила страшна слика. Многу луѓе паднале во синџири и ѝ се придружиле на изморената и измачена колона на луѓе доведени од Чачак. Наја потоа отошол во Јагодина која го доживеала истото што и Чачак и Крагујевац. При фаќањето на робовите, турците не ги врзувале со синџири сите ами многумина убивале на лице место. Така турците во Драгачево отсекле шеесет човечки глави, додека рамно сто лица во синџири повеле за Белград, колејќи го попат секого кого ќе го стигнат, како и немоќните кои оделе по врзаните родители. Исто така во крагуевачката нахија турците фатиле осумдесет и шест угледни лица, ги затвориле во темницата во Крагујевац и по неколку дена сите ги заклале.

Окованите робови, турците ги воделе кон Белград во неколку „штафети“, као што ги нарекле колоните. Кон Белград се движела првата колона од 115 луѓе оковани во синџири, бледи и уморни; а поред нив чекореле турски војници носејќи му трофеи на Сулејман-паша. Во таа штафета бил и игуменот Пајсиј како и неговиот млад ѓакон Авакум. Игуменот, Наја го пратил како „најубава јаболка“ на подарок на својот везир. По колоната, измачени и преморени се тетеравеле и мајката на ѓаконот Авакум, Божана и мајката на игуменот Пајсиј, Сингелија, кои не можеле да се одвојат од своите синови. Кога колоната минувала низ села, жените побудувани од христијанското милосрдие, кришум има давале леб на заробените, додека луѓето шепотеле: „сите ќе ги убијат“! Најпосле колоната стигнала во Белград и сите се нашле во казаматите- затвори во Небојша кулата. Започнале тешки денови на темничарење и исчекување на грозна смрт.

Додека овие темничареле, Наја-паша и Ашин-бег со Милош „го смирувале“ народот и фаќале нови робје кои исто ги воделе во Белград, или тука и таму ги убивале. Ковани синџири со остри алки кои се запивале во вратовите од кои течела крв, тажно ѕвечкале по намачената Србија. Невоедначениот од, подзастанувањето на изнемоштените, проследено со камшикување и пцуење од спроводниците, ја зголемувало болката и лелекот на робјето. Во синџири не биле само мажи, ами и жени и слаби деца.

- Студено ми е, ѝ вели една петнаесетгодишна девојка на мајка си, па тресејќи се ги собираше рацете час на градите, а час триејќи ги прстите.

- Ене ан, ќерко, ќе свратиме да се загрееме, ја теши мајката ќерка си.

Пред анот има трем со дрвени греди на кои ги заврзаа робовите, а спроводниците влегоа внатре да се одморат и да се загреат. Пред анот настана потскокнување од зимата и од мразот, а спроводниците помислија дека робјето се обидува да ги искине ланците и да бега. Така патувале од Јагодина до Белград, радувајќи им се на мрачните темници во чии дебели ѕидови, колку - толку, ќе можат да се згреат.

Додека робјето темничарело во мрачните ѕидини и копнеело од слабата храна (добивале само парче леб и малку вода на ден), дотогаш Сулејман Скопљак-паша се преумувал со какви маки да ги убие „бунтовниците“. Не сакал брзо да ги лиши од живот, ами што повеќе да ги намачи, за од нив, останатиот народ „да се научи на памет“, и да се согласи да биде покорна раја.  Затоа смислил сите живи да ги набие на колец на Стамбол капија.

Осамнал 17. Декември 1814 година. Скопљак поранил и удирајќи со дланка од дланка, го повикал сеизот. Кога сеизот влегол, прописно го поздравил везирот со длабок поклон, застанал мирно и везирот го прашал:

- Жив ли е оној злочинец кого од Чачак на подарок ми го испратија?

- Жив е и здрав честит господаре.

- А, му давате ли по нешто да јаде?

- Парче леб и малку вода на ден.

- Многу е! Од денес и тоа не, рече строго заповеднички везирот, наредувајќи да се спреми добар дабов колец и да се стави пред вратата на Небојша кулата.

Кога на везирот му соопштија дека заповедта е извршена, издаде наредба да ја изведат онаа, „најубавата јаболка“:

- Ќе му го дадете дрвото да го носи до Стамбол капија. Со него поведете што повеќе робје да ја гледа веселбата -  заповедал везирот, поаѓајќи и самиот кон Стамбол капијата со својата свита.

Додека везирот издавал наредби, и додека сеизите брзо ги извршувале, ѓаконот Авакум во темницата на Небојша кулата, на глас, со својот умилен глас ја пееше преубавата црковна песна:

„С нами Бог! Разумјејте, јазици, и покарјајтесја, јако снами Бог.

Услишите до последњих земли, јако с нами Бог...“

Во непосредната близина на ѓаконот Авакум, во еден мрачен агол, коленопреклоно, допирајќи ја час со чело земјата, час дигајќи ги рацете во вис, игуменот Пајсиј ја шепотел следната молитва:

- О Господе Исусе Христе, Сине Божји, го благословувам денот кога во храмот на Благовештение на Пречистата Твоја Мајка, во кого Ти служев Тебе и на Твојот народ, го спушти мојот благослов на напатениот и намачен народ  да востане на непријателот, кој ги погази сите светињи, ги уништи и ги запали.  Верувам, Господи, дека на Твојот српски народ, со Твоја помош, мојот грешен и недостоен благослов, по милоста Твоја, ќе му биде благовештение и блага и радосна вест во слободата, која Ти ќе ја дадеш и донесеш, за во неа сенародно да Те прославува. Ти, Господи, виде и знаеш дека срцето мое е далеку од земните блага по кои никогаш не се лакомев, и Ти, Господи, виде и Ти знаеш дека моето срце е врзано единствено за народот, како најголемо мое богатство после Тебе. Помогни му, Господи, на народот Твој.

Помогни ми, Господи, и мене, зашто ме удостои со ангелски образ во свештен чин. Помогни Господи, да го сочувам тој образ, тоа ангелско подобие, во Твоја слава, а во чест на родот мој и на достоинството Твое.

Колебањето и сметеноста отфрли ги од мене, и нека, Господи, биде волјата Твоја.

Не давај ме, Господи, во рацете на непријателите за да не ликуваат над немоќта и слабоста моја, ами низ мене Твојот слуга прослави го народот Твој, децата мои и целиот српски род.

Господи, маките кои во Твое име и за мојот род доброволно ги носам и примам како најголем и најскапоцен дар Твој, направи во срцето мое да бидат слатки како нектар, а за душата моја, жедна за Тебе, да бидат спасоносни и целебни како мелем.

Удостој ме Господи и со второ и најголемо крштение, со крв и со мачеништво кое си го дал и го даваш на избраниците Твои.  Но, Господи, само за едно Те молам: крвта на ова крштение нека падне на непријателите на Црквата Твоја света и родот српски.

Ѓаконот Авакум беше завршил со песната, низ која ја пеел победничката молитва, му пријде на својот игумен и клекнувајќи поред него, ги сослуша последните зборови на молитвата, на кои само изусти: „Амин и Боже дај“; во тој момент ѕвекотот на бравата и шкрипањето на тешката врата ги прекина во молитвата.

Еден сејмен ја отвори вратата барајќи го со очи игуменот Пајсиј. Кога го виде, влезе, го фати за рамето, па пцуејќи го и буткајќи го пред себе го изведе од темницата. Ѓаконот Авакум потрча по игуменот до пред вратата, го фати за десната рака на која го даде својот последен целив. Игуменот Пајсиј имаше толку време, колку да го целива во лицето мокро од топли солзи.

Стариот игумен чекорејќи кон Стамбол-Капијата, со колецот на рамо, во друштво со останатите срби затвореници, знаејќи каква смрт го очекува, не се исплаши, зашто верата и духовната моќ која Бог му ја подари, му ја исполнија душата и тој чувствуваше радост што ќе пострада за Христос, за неговата црква и за својот народ.

Таму каде што до скоро се наоѓала Коларчевата пивница, кај споменикот на кнез Михаил, била Стамбол-Капијата. Пред нејзиниот влез имало подвижен мост преку кој се влегувало во неа. Под мостот се заезерила голема бара со замрзната жабокречина. На самата капија турските сејмени чувале стража, а по сводовите, на железни ченгели виселе неколку српски глави.

Везирот излегол и застанал на посебно место спремено на самата капија и набљудувал како низ неа врват, напред неколку сејмени, а по нив игуменот Пајсиј со дабов колец на раме, а зад него чекорат робје пробрани од темницата и изврзани со синџири. Кога сите го преминале дрвениот мост, везирот дал знак да застанат и да се започне со работата. Сејмените застанале. Застанал и игуменот Пајсиј спуштајќи го колецот долг околу два метра, кој му беше натежнал, а чиј врв беше благо изведен од неговата средина. Потпирајќе се на дебелиот колец, игуменот Пајсиј мирно набљудувал како еден сејмен копа дупка од која друг ја разгрнувал земјата. Кога дупката била готова, сејмените се исправиле и погледнале кон везирот кој плеснал со рацете и со тоа им дал знак да продолжат. Еден сејмен му пришол на игуменот му го зел колецот од раце, а други двајца го зграбиле и го испружиле по стомак на земјата и цврсто го врзале. Џелатот потоа со нож му го засекол месото меѓу нозете за колецот полесно да помине, па врвот му го вовлекол во зарезот. Неговите помошници со дрвени чекани, полека, му го забивале колецот  во телото, а џелатот го придржувал за да не склизне на страна, ами право да оди поред  р`бетот и да избие под тилот. За сето ова време игуменот јачел, а кога го исправиле колецот во дупката и земјата околу него добро ја набиле, тој гласно изустил: „Слава Му на Бога“.

„Боооже“, се слушнал малку подоцна пригушениот лелек на Пајсиј, а везирот задоволно плеснал со шаките и им ги покажал на сејмените робјето од кои некои биле испопаѓани на земја од ужас, а други ги биле свртиле очите на страна за да не го гледаат стравичниот призор кој бил спремен и за нив. Потоа везирот се свртел и со својата свита се вратил во градот, а сејмените ги извадиле сабјите и по ред заклале четириесет и осмина и мртви ги набиле на колци.

Денот беше ведар. Сонцето тежнееше кон запад и со своите румени зраци ја опсипуваше Стамбол - Капијата, а јагодниското робје токму тогаш поминуваше пред оваа ужасна касапница на која испаруваше топлата крв на игуменот Пајсиј и останатите трнавски Маченици. Отец Генадиј, кој беше во оваа штафета и кој беше изнемоштен од патувањето, гледаше преку мостот на влезот на Капијата. Одеднаш се стаписа и се запрепасти кога на колецот го препозна својот брат во Христа и старешина, игуменот Пајсиј. Застанаа и спроводниците со целата „штафета“, укажувајќи им на заробените каква судбина ги чека. Отец Генадиј и останатото робје стоеја во синџири пред овој призор со наведнати глави, топејќи ја земјата со врели солзи.

Тој ден Сингелија како и обично пошла да ги посети синовите во Небојша кулата. Пред Стамбол-Капија се вкопала во место препознавајќи го својот син Пајсиј. Горко заридала ударајќи се во градите, а потоа потрчала кон Небојша, да види дали е таму нејзиниот друг син – Димитриј.

Кога Ибшир се одмори од долгиот пат, побара од везирот да му го даде Теофил Поповиќ, оној кој пишуваше писма и повикуваше на востание, да се насладува на неговите маки. Везирот со задоволство му дозволи на својот верен служител. Непосредно до Пајсиј лелекаше Теофил, а Ибшир грозно и гласно се смееше на истото место од каде и везирот го набљудуваше погубувањето на Пајсиј.

Вакви и слични призори се повторуваа речиси секојдневно повеќе од еден месец. Белград, по пропаста на Србија, беше бедно и тажно гратче. Тогаш тој беше човечка касапница, гнездо на ужаси и стравотии. Губилиштето не било одредено за постојано, тоа било насекаде, во градот и вон од него, па и на аглите на чаршијата. На ѕидините и на градските караули штрчеле стапови и колци со отсечени глави околу кои се собирале гаврани; близу до чаршијата, особено покрај главниот пат од Стамбол-Капија кон Теразија, и од Баталџамија кон Ташмајдан незакопани и унакажани лешеви околу кои се грабаат кучиња, или сѐ уште живи Маченици на колови, кои по два-три дена се борат со душата и зборуваат со роднините. „На врачар, од Ташмајдан до Стамбол-Капија, кажува еден очевидец, на двете страни од патот стои парада, луѓе набиени на колци... ги има 60 или 70 што се набиени во Јагодина и Ќуприја; меѓу овие ...има попови и калуѓери и мнозина кучињата одоздола ги изеле, до кај што можеле да дофатат...“ По некој имал доволно сили да грди или преколнува, за во мракот некој му ги прекине маките со пиштол. Скопљак паша секое утро го вјавнувал својот коњ и избивајќи на Стамбол-Капија шетал околу градот по бедемите и по Калемегдан. Вршел смотра над луѓето кои умирале на колците мачејќи се по два три дена и со задоволство ги гледал неискажливите маки на мачениците.

Турците особено сакале во секоја група робје кое ги воделе на губилиште да има и по некој свештеник. Затоа и штедливо ги ваделе од темницата, за секогаш да ги има. На свети Сава (1815 год) на колец набиле 20 свештеници, меѓу кои и поп Симо Сјеничанин, поп Радован Вујовиќ парохот Трнавски, поп Мијаило од Љутовница и други.

За поп Радован се раскажува дека кога со останатите го повеле на колец, турците го терале да оди побргу говорејќи:

„Ајде побргу, невернику“!

„Не сум неверник, туку поп“, одговори Радован.

„А што значи тој збор поп? Тоа што и дервиш или оџа? Праша еден турчин.

„Изговарај ги првите букви на овие зборови: П-(пастир) на О-(овците) П-(православни)“.

Турчинот изговори: ПОП.

Пред да им го земат животот на србите, турците се обидувале најпрво да им ја земат душата. Тие, научени од таткото на секоја лага - ѓаволот, обично, на сите кои ги воделе на губилиштето им нуделе да ја примат нивната погана вера, за да се спасат од лутите маки. Свесно оделе на колец, говорејќи: „подобро е од колец да се лае отколку со турчин да се клања“. Сепак имало и такви кои прифаќале да ја изневерат својата вера.

Кога отец Генадиј минувајќи поред сѐ уште живиот, на колец набиен, игумен Пајсиј, стигна во темницата, него го озари среќа, и заборави на себе кога во белградската темница го затекна жив својот единец Стојан, кого со игуменот Пајсиј и со ѓаконот Авакум го потераа од Трнава во Белград. Стојан беше заедно со ѓаконот Авакум. Но, на отец Генадиј срцето почна да му се пара, зашто го опфати страв од претстојните маки, здружен со мислите во кои го гледаше синот Стојан како се витка заедно со него на колец. Затоа реши да ја прифати понудата од турците и да се потурчи. Тоа му го кажа на син му Стојан. Рече дека ова го прави во преголема неволја, а најмногу заради него единецот, ветувајќи му дека еден ден, во првата прилика, пак ќе се врати во својата света православна вера.. Тој разговор помеѓу нив, отприлика течел вака:

Стојан: - Бабо, на Лепоје дабов клец му спремаат.

Генадиј: - На сите нас судено ни е да го носиме, некој порано, некој покасно. Ни нема спас од никоја страна. Можеби честитото дете ќе премине во кучешката вера за колецот да не го намрси.

Стојан: - Богами нема, бабо, добро го знам јас него. Тврда е верата негова. Тој од смртта не се плаши. - Знае тој како треба да се сака Бога и оваа света земја.

Генадиј: - Знам дете, но добро памти што ќе ти кажам: Маки се тоа преголеми, треба да се истрае. Јас од животот немам ништо. Сеедно ми е кога ќе го понесам колецот, но затебе ми е жал, за твојата младост, за твојата убавина. Послушај го ти својот бабо, не треба да се забразди. Турското време минува. На оваа земја ѝ требаат мишки.

Стојан: - Знам бабо, но што ќе речат...

Генадиј: - Нема тука - но. Ќе ја примиме оваа погана вера додека не пројде оваа кланица, па после, во име на Господа пак ќе бидеме тоа што бевме.

Стојан: - Ама, бабо, како помеѓу останатите наши браќа?

Генадиј: - Лесно, синко. Турците нека си го чинат своето, а ние ќе чиниме по нашето. Верата ќе ја носиме во срцето. И Лепоје ќе прифати да се потурчи.

Стојан: - Нека биде како што велиш!

Така значи, со навалување и убедување, Стојан се согласи на ова. За одлуката, отец Генадиј го извести и Авакум предлагајќи му потурчување. Ѓаконот Авакум не сакаше ни да слуша за предлогот. Ги одвраќаше од нивната намера, укажувајќи му го на игуменот двојното достоинство: и свештеномонашкиот ангелски образ и српското национално достоинство. Отец Генадиј остана на своето и за својата и за желбата на син му ги извести турците, дека сакаат да се потурчат. Им ја уважија турците молбата, и двајцата ги изведоа од темницата, му ги предадоа на Ибшир, и тој свечено ги потурчи. Од отец Генадиј стана Мула-Салија, а од Стојан-Реџеп.

Турците му нудеа и на Димитриј, братот на Пајсиј, да се потурчи простувајќи му ја сета кривица. Тој тоа го одби. Еден ден и него го изведоа од темницата вон градските ѕидини, му ја отсекоа главата и му ја наденаа на колец.

Од сите затвореници кои турците ги фатија во Хаџи-Продановата побуна, најмноги ги интересираше младиот и бестрашниот ѓакон Авакум.

 Со својата убавина ѓаконот Авакум беше сличен на крин кој штотуку се расцветува и турците восхитени од неговата убавина и младост, сакаа на било кој начин да го потурчат, да би останал жив. Дојде редот и на него. Требаше сега и тој да ја испие горката и тешка чаша која пред него ја испи неговиот голем учител, игуменот Пајсиј. Турците го убедуваа да се потурчи, но ниту молбите, ниту заканите не можеа да го натераат на тоа. На сите навалувања и убедувања од турцита да се потурчи, презирајќи ги сите земни богатства кои му ги нудеа, одговараше со молитва кон Христос, Кој невидливо го крепеше и како на вистински војник, му даваше сила. 

Не го убедуваа Авакум само турците да се потурчи. Неговиот некогашен игумен и духовник Генадиј, а сега Мула-Салија и Реџеп, го посетуваа во темницата , но со нив не сакаше ниту збор да прозбори. Му зборуваше Мула-Салија: „Синко, Бог нека ти е на помош. Потурчи се, не треба залудно да се умира. Ете, Стојан и јас ...“. Не оче, јас сум Христов војник. Смртта за сите нас е олеснување. Да ѝ се радуваме на смртта.

Кога сите понуди да се потурчи останаа безуспешни, чукна часот и за ѓаконот Авакум. Еден ден кога се раѓаша сонцето и со златни лачи го облеваше врвот на Авала и поробената Шумадија, се отвори тешката затворска врата и турците го изведоа Авакума од Небојша, давајќи му го колецот на кој, за некој час ќе биде набиен. Оваа тажна поворка, која ја следеа и во која уживаа турците, се упати кон Калемегдан. По ѓаконот одеше и неговата мајка Божана, скршена од болка, плачејќи и полугласно изговарајќи молби да се потурчи. Две - три солзи се сронија низ ангелското лице на овој млад Христов војник и прекрасен српски младенец, не поради страв од смртта, туку тоа беа солзи на сожалување, кои истовремено беа и одговор на ужаснатата мајка која со нив ја опоменуваше да се откаже од залудното преколнување. Ѓаконот колецот го носеше храбро и весело и по целиот пат од Небојша до местото на погубувањењто гласно пееше:

„Нема вера подобра од христијанската!

Србинот е Христов, ѝ се радува на смртта;

Страшниот Суд Божји и турците ги чека,

па правете по волја, што ви е драго!

Скоро и вие ќе завршите.

Бог е сведок, и Неговата правда“.

Пред Калемегдан, неговата, од болка скршена мајка, гласно закука за својот единец, кој мирно како и Христос на својот голготски пат со Крстот на грбот, го носеше наострениот колец. Мајката не можеше да ѝ одолее на својата мајчинска болка, и во родителски грч, со очи полни со солзи, му пристапи и му ја изрече последната молба, да се потурчи и да си го спаси младешкиот живот.  „Бог, синко, ќе ти прости зашто тоа го чиниш во неволја“, му зборуваше таа. И на оваа, преполна со болка и ужас мајчина молба, ѓаконот Авакум одговори низ песна вдахновена од Бога:

                „За млекото, сполај ти мајко моја!

                Но за наука ваква, не!

                На синот ќе му се зарадуваш скоро!

                Пред Божјото Лице додека излеземе!

                Од секоја беда, смртта избавува!

                Само по зима, пролетен цвет доаѓа,

                Блазе си кој порано умре,

                Помалку маки и гревови,

                Па на кого, што, Бог и верата му даде,

                А по светот браќа има“.             

Стигајќи на губилиштето, турците пак започнаа да го советуваат ѓаконот Авакум да се потурчи, та да не умре така млад и пред време.

                „А, вистина, умираат ли и турци понекогаш?“ Праша младиот смешкајќи се.

                „Секако дека умираат“

                „Тогаш сеедно е порано или подоцна. Умрам ли порано, помал ќе ми е гревот“ одговори тој одлучно.

И најпосле, во последниот момент, кога сејменот  на пашата се приближи за да го обави овој страшен и трагичен чин, во кој турците уживаа, му се приближи везировиот гласник и му ја кажа пораката на својот господар, кој сето ова со уживање го набљудуваше:

                „Авакуме, српски сине, ти верен Пајсиев ученику,

                Само уште трен имаш - одречи се од својот Христос?

                Не посакаш ли - добро ја знаеш црната судба на Пајсиј!

                И тебе иста црна судба ќе те покоси“.

                “Смртта избавува од сите беди; блазе си му кој порано умре,

                Помалку маки минал, порано кон Бога се вознел.

                Од христијанската вера убава, поубава вера нема,

                Што ви е мило турци чинете, и така мора да се умре“!

               

Бурен џагор, „прекрасно дете“, со чудо кадaните се чудат! „Зарем на колец таа убавина? Не сме ли турци во криво“! И душевен, еден турчин, - да го поштеди од маки, му го прободе со јатаган маченичкото срце живо“.

И се изврши последниот чин на драмата на Христовиот маченик во кој турците не ја остварија својата желба, оти младиот ѓакон Авакум ја испи чашата на смртта со радосна надеж на нетрулежниот живот во воскреснатиот Христос Бог.

Мајка му долго лелекаше кај колецот кој со нејзиниот син единец беше исправен мегу другите колци на кои издивнуваа другите маченици. Му ги милуваше и љубеше рацете и нозете, додека не се сруши под колецот, заривајќи со главата во крвта на својот единец која беше разлеана по земјата. Некаде во текот на ноќта се освести, се прекрсти и се изгуби во мракот.

Колецот на кој тој ден беше набиен младиот маченик, ѓаконот Авакум, исправен беше на истото место каде точно десет години порано беше погубен архимандритот Хаџи Рувим. Таму, шеесетгодишниот архимандрит, на 29 јануар 1804 година со старечки и треперлив глас сам на себе си ја читал молитвата за исход на душата, и по неа ги кажал последните зборови: „Готов сум, чинете го турци своето“!

Значи по десет години, на истото место, ѓаконот Авакум ги повторил речиси истите зборови: „Правете по волја, што ви е драго“!

И така Калемегдан навистина стана место на добри мегдани, на кое овие преподобномаченици го покажаа своето неустрашливо  јунаштво, извојуваа невенлива победа и добија венци на славата од својот Господ и Подвигоположник, за вечно да се радуваат во Неговото царство, молејќи се за сите оние кои верно го почитуваат нивниот спомен. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ДИОНИСИЈ,

архиопископот на Егина

Се родил на островот Закинтос; син на знаменити, богати и племенити родители, Мокиј и Павлина. Школуван, добро ги изучил светите книги, ја презрел суетата на овој минлив свет и се замонашил. Како монах, целиот им се предал на духовните борби на монашкиот живот, постејќи, молејќи се, стражарејќи и воопшто, спроведувајќи ги сите доблести. Така подвизувајќи се, ги надмина сите отци на својата обител, дури и највонредните старци. Поради своите доблести беше удостоен на презвитерски чин.

Замолен од Атинскиот архиепископ, блажениот Дионисиј прими епископски чин и беше поставен за архиепископ на Егина. Неговата љубов кон Бога и ближните беше преизобилна. Во таа љубов, тој го спаси убиецот кој го уби неговиот сопствен брат и му го исповеда тој грев: го прикри убиецот од гонителите, го испрати на сигурно место и така го спаси од судот.

Заради светоста на својот живот, блажениот Дионисиј од Бога беше удостоен на дарот на чудотворството. Поред другите чуда, еднаш го запре текот на надојдената река, и така, по суво го премина нејзиното корито заедно со својот ѓакон. Сем тоа, од Бога го доби и дарот на проѕорливоста и предвидувањето.

Така светејќи со својот свет живот, ја предаде својата света душа во Божји раце на седумнаесетти декември (30-ти декември, нов стил) 1624 година. Неговите мошти по кратко време беа откриени сосема нетлени: од нив течеше миро; и се случуваа, и се случуваат многу чуда кај оние кои им пристапуваат со вера. Денес се наоѓаат на неговиот роден остров Закинтос (во Јонското море).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈАКХ

Овој свет маченик за Христос настрада заклан со мач.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ

СТЕФАН ИСПОВЕДНИКОТ

Преподобниот отец наш, Стефан, пред замонашувањето се викал Дунало (или Данило). Прво беше големец и гувернер на островот Ниверта, кај Кадикс во Шпанија. Согледувајќи ја сета суета на овој свет, тој ја напушти славата и богатството и дојде во Рим каде што се замонаши. Потоа отиде во Цариград каде што разговараше со царевите Константин и Роман Порфирородниот, па се упати во Ерусалим. Во Ерусалим прими голема схима од патријархот Христодул, кој му го даде името Стефан. Мачен и тепан од сарацените кои го приморуваа да ја избричи брадата, се оддалечи во Египет. Таму беше фатен и фрлен во темница; темничареше со двајца свештеници шест месеци, угнетуван со глад и жед и со секакви маки. Потоа блажениот отец Стефан беше изведен пред египетскиот Амир кој го окова во тешки ланци и го тераше да се одрекне од Христа. Но светителот остана непоколеблив и неустрашливо исповедаше дека Господ наш Исус Христос е единствениот вистинит Бог. Затоа беше ставен на различни и страшни маки од кои изнемоште и умре. Се пресели  во царството Христово на крајот на десеттиот век.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ

ПАТЕРМУТИЈ, КОПРИЈ и АЛЕКСАНДАР

Овие угодници настрадаа во времето на Јулијан Отстапникот (361-363). Најпрво водеа живот во молитвено тихување во некое пусто место во Египет. Кога Отстапникот тргна во војна против персијците, слушна за овие преподобни и испрати да ги доведат пред него. Прво го праша Патермутиј колку години има. Кога овој одговори дека има 45, ги избрка надвор. Потоа го повика преподобниот Коприј и со разни вештини и ласкања, овој сѐ зол, го убеди, леле, да се откаже од Христа. Подоцна Патермутиј потсетувајќи го на постите, молитвите и на другите подвизи кои ги правеше додека се подвизуваше, пак го поврати во Христовата вера. Кога го дозна тоа Отстапникот, нареди да му го отсечат јазикот на Коприј и да го спростат на вжарена леса. Кога го носеа кон лесата и виде како скокаат искри се уплаши, но пак храбрен од светиот Патермутиј беше заедно со него положен на лесата. Но со благодатта Христова и двајцата останаа неповредени.

Потоа, двајцата беа фрлени во вжарена печка, а во печката заедно со нив влезе и монахот Александар и храбро Го исповеда Христа. Бидејќи сите тројца останаа неповредени, по наредба на тиранинот им ги отсекоа главите, и така, блажените примија венци на мачеништво.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ НОВОМАЧЕНИЦИ

НЕКОЛКУ СТОТИНИ СРБИ

Сите тие настрадаа луто мачени за верата во распнатиот Христос Спасот, во времето на Хаџи-Продановата побуна 1814 година, на разни места низ Србија. За нив поопширно се говори во житието и страдањето на светите преподобномаченици, ѓаконот Авакум и игуманот Пајсиј, под денешен датум.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК НИКИТА

Овој свет маченик настрада за Господа во поново време, но по страдањата за верата е рамен на древните маченици.