31. Декември (18. Декември)
ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СЕВАСТИЈАН,
и другите со него
Светиот Севастијан е роден во Италија, во градот Нарбони, а воспитан и школуван во градот Медиолан. Незнабожните цареви Диоклецијан и Максимијан толку го засакаа што го поставија за началник на својата дворска гарда и му наредија постојано да биде пред нивните лица, зашто тој беше маж храбар и паметен, мудар, вистинит во зборот, праведен во судењата, внимателен во советувањата, верен и храбар во работата и службата кои му беа доверени, познат по добрина, извонредно честит и полн со сите доблести. Војниците го почитуваа како татко, и сите дворјани го уважуваа и го сакаа, зашто беше вистински побожен. Така и треба да биде: сите луѓе да го љубат и уважуваат оној, кого Бог го опсипал со своите дарови.
За сето време Севастијан Му служеше на Христос, молејќи се и извршувајќи ги Неговите заповеди. Но, сето тоа тој го чинеше тајно, за незнабожните цареви да не дознаат за неговата вера во Христа. А под плаштот на земната власт, во себе тој криеше војник Христов, не затоа што се плашеше од смртта или што го сакаше богатството, па се плашел да не го изгуби, ами само затоа, да би им помагал на христијаните кои во тоа време беа страшно гонети и мачени. Оние меѓу нив, на кои не можеше да им издејствува ослободување од оковите и мачењата, или да им ги олесни маките, тој ги закрепнуваше со мудри совети, јуначки да го положат својот живот за Господа со Чија крв се искупени и својата крв да ја пролијат за Него, очекувајќи вечна награда по привремените маки. Така тој се трудеше да ги придобие за Бога душите кои ѓаволот сакаше да ги отргне од Бога и да ги вовлече во својата погибел. Постапуваше по зборовите на светото писмо: ги закрепнуваше малаксаните раце и изнемоштените колена на верните, а слабодушните кои се сомневаа и се плашеа од маките тој ги храбреше и ги поттикнуваше на подвиг. Гледајќи пред себе многумина христијани кои со добар подвиг се подвизуваа, страдања поднесуваа, во лути маки верата непоколебливо ја држеа и кон овенчување со венците на вечниот живот итаа, Севастијан и самиот се распалуваше со желба да пострада за Христа, и чекаше, кога Господ ќе му укаже згодна прилика за тоа. И најпосле настана таков час, кога тој веќе не можеше да го сокрива огнот на Божествената љубов и ревност кои пламтеа во него, и на сите им објави кој е тој: зашто светлината повеќе не можеше да се сокрива во темнина.
Во тоа време, двајца честити и благородни мажи, Маркелин и Марко, родени браќа, беа фатени поради исповедањето на Христа и беа долго држани во темница. Блажениот Севастијан често доаѓаше кај нив, ги тешеше разговарајќи со нив за светата вера и ги советуваше да се одречат од минливите земни богатства и да не се плашат од привремените маки. Тие го послушаа неговиот здрав совет: останаа непоколебливи во верата, јуначки ги поднесоа мачењата и беа осудени на посекување со меч. Но токму во тоа време, кога тие, подготвени да умрат ги приклонија главите под мечот, стигна наредба да ги пуштат дома кај своите родители, жени и деца. Нивните остарени родители Транквилин и Маркија сеуште беа живи. И нивните родители и сите домашни го молеа римскиот градоначелник Хроматиј да им го продолжи животот за триесет дена за да можат за тоа време да ги убедат да им се поклонат на незнабожните богови, бидејќи и нивните родители и нивните жени и сите нивни роднини беа незнабожни. Градоначалникот им ја исполни молбата. Тогаш, родителите, жените, децата, роднините и сите нивни пријатели ги опкружија Маркелин и Мрко и со плач ги молеа да се смилуваат на себе и на нив, да се откажат од своите намери и да постапат по волјата на царевите. Татко им, покажувајќи им ја својата седа коса, остареноста и телесната болест, ги молеше да ја чуваат својата прадедовска вера додека е жив и да го погребат по обичајот, бидејќи очекуваше блиска смрт и не можеше да оди сам, туку му помагаа или го носеа. Мајка им, покажувајќи на градите со кои ги доела, го бараше од нив должното почитување и синовска послушност, и ги молеше заради неа да си го поштедат животот и да не се предаваат на доброволна смрт. А пак малите дечиња ги протегаа рацете кон нив, им ги гушкаа нозете, и плачеа молејќи ги да не ги оставаат сираци. А доенчињата кои беа во пелени и сеуште не зборуваа, со самиот свој изглед потсеќаа на сираци и кај родителите побудуваа жалост. Жените зборуваа за своето вдовство, и леејќи топли солзи ги молеа со себе да не ги погубуваат и нив, бирајќи за себе смрт, а нив стропоштувајќи ги во неволјите на вдовството. Роднините пак, со солзи ги советуваа да не ѝ нанесуваат таков срам на својата куќа и на роднините, а и ругање од комшиите, предавајќи се себе си на срамна смрт. И сите многу плачеа и силно кукаа. И што можеа да прават непобедливите срца на овие двајца браќа? Ниту едно мачење не можеше да ги поколеба така како ова искушение, бидејќи совладувани со природната љубов кон престарените родители и жените и децата и роднините, и кршени со сожалувањето, тие започнаа да се сомневаат и да се колебаат како трска на ветер, и срцата да им се топат како восок од оган. Тие и самите плачеа заедно со роднините, и веќе беа речиси готови да попуштат на нивните молби и да се одречат од светата вера.
Тогаш Севастијан, кој во тоа време се најде таму, гледајќи дека тие се речиси спремни да се одречат од верата и да си ги погубат душите, се сожали над нив и, чувствувајќи дека дошло времето и самиот да ја исповеда својата вера, па така и на другите да им помогне, и самиот се впушти во подвигот на страдањето, застана сред присутните, даде знак сите да замолчат и почна да им зборува на Маркелин и Марко вака:
„О, сјајни војници Христови! О, прекалени воини на Божјата војска! Со својата голема храброст вие јуначки веќе се приближивте до славата, а сега заради бедни жалопојки на вашите ближни сакате да го отфрлите вечниот венец. Не правете го тоа! Ами со својот подвиг научете ги Христовите војници на јунаштво; научете ги да се наоружуваат повеќе со вера отколку со железо; не отфрајте ги знамињата на вашите победи заради женски солзи, и не давајте ѝ здив на враговата глава која е под вашите нозе, за да не би врагот, добивајќи сила, пак заподене борба против вас. Зашто, кога неговиот прв напад на вас беше немилосрден, тогаш повторно раздразнет, уште побесно ќе нападне на вас. Затоа славното знаме на вашиот подвиг подигнете го над сите земни љубови и не оставајте го заради некорисните детски солзи. Овие кои ги гледате како плачат, би се радувале кога би го знаеле она што вие го знаете, оти тие сметаат дека живот постои само на земјата и кога тој ќе заврши и телото умре, нема да остане ниту делче од живата душа. Но кога тие би знаеле дека постои друг живот, бесмртен и безболен, во кој царува непрестајна радост, тие носомнено би посакале да влезат во него со вас и презревајќи го привремениот живот, би се потрудиле да го добијат вечниот. Зашто, сегашниот живот минува брзо и толку е непостојан и неверен, што дури и луѓе приврзани за него, губат верба во него. Уште од почетокот на светот тој ги погубувал оние кои се надеваат на него, ги измамувал оние кои го сакаат, им се наругал на оние кои се гордеат со него, ги излажал сите, ја посрамил секоја надеж и поверение, и, се покажа како многу лажлив. О, кога таа лага би била само во мечтите, а не би воведувала во горчливи заблуди! Но уште полошо е тоа што овој привремен живот ги води своите љубители во секое беззаконие: лакомите ги насладува со прејадување и пијанство, страстољупците ги вовлекува во блудочинство и секакви гадости, крадецот го поднаговорува да краде, гневливиот да се лути, лажливиот да измамува; тој го разведува мажот од жената, сее непријателство меѓу пријателите, кавга меѓу кротките, неправда меѓу праведниците, соблазна меѓу монасите; тој на судиите им го одзема правосудството, на чистите целомудреноста, на уметниците уметноста, и на сите, добриот карактер. Да ги спомнеме и најужасните злочини, во кои ги воведува своите љубители: кога брат убива брат, или син татко, или пријател погубува пријател, - по чие наговарање бива тоа? На што се надеваат и на што се потпираат оние кои чинат такви беззаконија? Не е ли тоа заради овој, толку многу сакан живот, та луѓето се мразат еден со друг, секој стремејќи се што подобро да го уреди своето постоење? Оти, зошто разбојникот го убива патникот, богатиот го угнетува сиромашниот, горделивиот го навредува смирениот и виновниот го гони невиниот? Без сомнение, сите овие зла ги чинат оние кои му служат на сегашниот живот и сакаат долго време да останат во љубов кон него и да уживаат. Тој пак, учејќи ги своите љубители и служители на секое зло, им ги предава на својата ќерка – вечната смрт, во која беа стропоштени и првите луѓе, затоа што, иако беа создадени за да стекнат вечен живот, тие се впуштија во љубовта кон привремениот живот и му служеа на стомакот, на сластите и на желбите на очите, а од таму паднаа во пеколот, со себе не носејќи ништо од земните богатства. И точно овој земен живот, мили пријатели, така ве лаже и вас, та со своите неправедни совети сакате да ги вратите назад кон него вашите пријатели кои се приближија кон вечниот живот. Тој вас, честити родители, ве наговара со своето безумно лелекање да ги одвлечете назад вашите синови кои итаат кон небесната војска, кон неминливата слава и кон пријателството со Вечниот Цар. Тој и вас, о, целомудрени жени на светите! ве убедува со своите умилкувања да ги развратите умовите на мачениците и да ги одвратите од нивата добра намера, им советувате смрт наместо живот и ропство наместо слобода. Зашто ако ги прифатат вашите совети, ќе поживеат некое време со вас, а потоа ќе мора да се разделат од вас, и тоа така да се разделат што нема да можете да се здогледате еден со друг освен во местото на вечните маки каде што пламен ги гори душите на неверниците, каде пеколни змии ги гризат устите на богохулниците, каде аспидите им ги кинат градите на идолопклониците, каде се разлева горчлив плач, длабоки воздишки и непрестајно лелекање во маки. Затоа допуштете им на овие да ги избегнат тие маки и погрижете се и самите да се избавите од нив; не пречете им пак да тргнат кон венецот на небото приготвен за нив. Не плашете се: не се делат од вас, туку одат на небесата да ви приготват светли обиталишта, каде заедно со вашите деца ќе уживате во вечните блага. Кога вие сега уживате во убави градби, колку повеќе ќе уживате во убавината на небесните обиталишта каде што трпезите блескаат со чисто злато, каде палатите се создадени од драги камења, украсени со бисери и сјаат со слава, каде градините секогаш цветаат со невенливо цвеќе, каде прекрасни потоци ги наводнуваат зелените полиња, каде воздухот е постојано благотворен, каде животворните ветрови со неискажливо ухание ги насладува чувствата, каде денот не заоѓа и каде светлината е незаодна и радоста е неминлива; таму нема воздишки, ниту плач, ниту тага, ниту некоја неубост или нешто гревовно; таму не се чувствува никаква смрдеа, не се слуша никаков тажен, плачлив и страшен глас, туку е сѐ сушта убавина, сѐ е мирис, сѐ е радост; таму непрестајно пеат ангелски и архангелски хорови кои сложно Го слават Бесмртниот Цар. Како тогаш таквиот живот може да се презира, а привремениот да се сака? Заради богатството ли? Но нив бргу ги снемува. А оние кои сакаат вечно да ги имаат кај себе, нека чујат што им кажуваат нивните богатства: „Вие нас толку нѐ сакате, велат тие, како да нема да се разделите од нас. Кога ќе умирате, ние не можеме да дојдеме со вас, а додека сте живи ние можеме да одиме пред вас, но само ако ни наредите или ако нѐ испратите пред себе. Нека за пример ви послужат лихварот и трудољубивиот земјоделец: првиот на човекот му дава злато на заем, за од него да добие два пати повеќе; вториот сее во земјата различни семиња, за да добие сто пати повеќе; значи, должникот му враќа на заемодавецот два пати повеќе злато, а земјата на сеачот му го враќа семето стократно. Меѓутоа, нема ли Бог да ви ги врати мнгукратно умножени вашите богатства, само ако Му ги доверите Нему? Затоа, испратете ги таму пред себе своите богатства и самите погрижете се да отидете таму. Зашто, каква е користа од овој привремен живот? Нека човек поживее и сто години; но кога ќе настапи последниот ден, нема ли да му се чини како да ги нема тие сто години и сите животни задоволства? Не останува ли само нејасна трага, како од патник странец кој со нас поминал само еден ден? Навистина, само безумен човек кој не ги препознал вистинските богатства може да не го посакува прекрасниот иден живот! Само вистински неразумен човек може да се плаши да не го изгуби привремениот, брзо минливиот живот, за да го добие оној, вечниот, во кој уживањата, богатствата и радоста така започнуваат, што никогаш не завршуваат, туку вечно постојат. Оној кој кој не е љубител на вечниот живот, тој бесмислено го погубува и привремениот живот и паѓа во вечна смрт, и окован е во пеколот каде е огнот незгаслив, тагувањето непрекинато, маките вечни, каде што живеат злите духови на кои има маши, змиски глави, од очите им излетуваат огнени стрели, забите им се големи како на слон и касаат како бодило на шкорпија, гласовите им се како рика на лавови, нивниот изглед сее голем страв, нанесува лута болест и горка смрт. О, зарем не е страшно да се умре сред такви стравотии и маки? Но уште пострашно е тоа што тие живеат за тоа, непрестајно да умираат, не гнијат за да се мачат без крај, остануваат цели за да бидат јадени од змии, а изедените краци пак се обновуваат за пак да им послужат за храна на отровните змии и црвјата кои не заспиваат. О, пријатели! О, родители! О, честити жени на светите! Не посакувајте овие двајца да ги одвоите од бесконечниот живот и да ги турнете во така страшна и вечна смрт! Не одвлекувајте ги од радоста во лелекања! Не советувајте ги да одат од светлина во темнина! Не повикувајте ги од сладок спокој во горки маки! О, свети двајца, Маркелине и Марко, не давајте да ве прелаже лукавиот, кој преку вашите домашни ви приредува такво искушение! Не фрлајте се себеси во бесконечните маки! Не предавајте се во рацете на демоните! Не залажувајте се со љубовта на привремениот живот, со убавините на видливиот свет и со празните житејски задоволства! Не допуштајте да ве победат молбите на родителите, ридањата на жените, солзите на децата, нежноста на роднините и пријателите! Сетете се на зборовите на нашиот Господ Христос: Непријатели на човекот се неговите домашни (Мт. 10, 36). Бидејќи, оние кои од Бога нѐ одвојуваат не ни се пријатели, туку непријатели; и нивната љубов кон нас не е вистинска, туку лажна, зашто нѐ лишуваат од така големи блага и ни ја одземаат Божјата љубов и Царството Небесно, приготвено за оние кои Го љубат Бога. Не допуштајте од рацете да ви ја грабнат наградата за која толку се трудевте: зашто навистина, вие во рацете речиси го држите тоа богатство, за вас припремено, и веќе стоите пред вратата на Небесниот Дворец. Ете, вашите венци се веќе исплетени и подвигостроителот Христос чека де ве овенча и да ве прослави пред светите ангели. Ете, крајот на вашиот подвиг веќе се гледа: затоа не свртувајте се наназад како жената на Лот, за да не се претворите во бездушен столб, зашто со тоа ќе ги погубите своите души. Не оддавајте се на пресилна љубов кон родителите, жените и децата, та да станете недостојни за Христа кој рекол: Кој љуби татко или мајка, син или ќерка повеќе од мене, не е достоен за мене (Мт. 10, 37). Не бидете така неразумни, та почнувајќи со дух, да завршите со тело. О, кога Христос Бог би ми подарил да ја пролијам својата крв за него пред вашите очи, да го видите моето страдање, та мојата смрт да ви послужи за пример како да ги положиме душите за Господа, вашиот и мој.“
Кога светиот Севастијан го зборуваше тоа и многу други слични поуки, одненадеж го опсипа Божествена светлина од небото и неговото лице заблеска како лице на ангел и неверните се исплашија од славата на лицето негово. Некои пак, видоа седум ангели кои го облекуваа блажениот во светла облека, и Прекрасно Момче кое го благословуваше и говореше: „Ти секогаш ќе бидеш со мене“.
Сето ова се случуваше во домот на протоскринијариот (дворски ризничар, личност со голема власт поред епархот, кој уживал големо поверение кај царевите и му биле доверувани важни задачи), по име Никострат, кај кого Маркелин и Марко беа под стража. А неговата жена по име Зоја, која веќе шест години беше онемеана од тешка болест, но со неповредени разум и слух, слушна сѐ и добро го разбра тоа што го зборуваше Севастијан, а кога потоа го виде и светењето на неговото лице, таа припадна кон неговите нозе и со знаци го молеше да ѝ го разврзе јазикот. Блажениот Севастијан рече: Ако сум вистинит Христов слуга, и ако е вистинито сето она што оваа жена го чу и во што поверува, тогаш нека Господ мој нареди устата нејзина да се отвори и јазикот нејзин да се разврзе, како некогаш на пророкот Захариј, таткото на Јован Претечата.
Откако го кажа тоа, ја осени устата на жената и таа проговори громко и кажа: „Блажен си ти, и благословено е словото од твојата уста, и блажени се оние кои преку тебе веруваат во Христа Синот на живиот Бог, оти со свои очи видов седум ангели кои од небото се симнаа кон тебе и пред тебе држеа отворена книга од која го читаше сето она што го рече. Затоа благословени се оние кои веруваат во сето она што го рече, а проклети сите кои ќе се посомневаат макар и во еден збор изговорен од тебе. Оти, како што зората наутро ја изгонува ноќната темнина и им дава светлост на очите, така светлоста на твоите зборови го растера целиот мрак на моето незнаење и слепило, и ми го дарува светлиот ден на вистинитата вера и ми ја отвори, по шестгодишна немоќ, устата за славење на Бога.
Доживувајќи такво чудо, сите присутни поверуваа во Христос. И Никострат, мажот на Зоја, гледајќи ја големата сила на Христос, исто така припадна кон нозете на светителот молејќи го за прошка оти , по царска заповед, ги држеше во окови Маркелин и Марко; и симнувајќи им ги железните окови од рацете, тој им ги прегрнуваше колената и ги молеше слободно да си одат. И зборуваше: О, какво блаженство би било за мене кога би доживеал окови заради вашето ослободување! Проливајќи ја својата крв за вас, јас би си ги исчистил своите гревови, и избегнувајќи ја вечната смрт би го здобил оној живот кој благоволи да ни го објави Бог преку устата на господинот Севастијан.
И кога Никострат ги молеше светите да појдат дома, тие му рекоа: „Чашата на нашето страдање ние не сакаме да ти ја оставиме тебе; богат е и милосрден Христос, нашиот Господ, и на сите кои доаѓаат кај Него, Он им ја дарува Својата небеска милост; Он е моќен да те удостои и тебе со таква чаша, ако искрено ја сакаш. Зошто кога вам, на неверните, ви се дарува светлоста на познанието на вистината, во толку, сега кога верувате ќе ви се даде сѐ што ќе посакате, оти добрината Господова секогаш е спремна да им ја укаже на луѓето бараната помош, особено на оние кои цврсто веруваат во Него. Вашата вера се зачна пред малку од денешното поучување, и вие за еден час се научивте на она што едвај за една година може понекој да се научи, и ништо, како што гледаме, не може да ве спречи, верувајќи во нашиот Господ, да бидете спремни да умрете за Него, ништо - ни родителите, ни децата, ни богатството. Одненадеж вие го презирате сето она што секогаш го љубевте, и го сакате она што никогаш не сте го знаеле; по непознат пат кренавте, и веднаш до Христа дојдовте и со својата желба веќе на небото зачекоривте, зашто никаква утеха на земјата не иштете. О, колку голема пофалба заслужува ова дело! О, колку е достоен за следење овој пример на доблеста! Вие ниту со водата на крштението не сте соединети со Христа, вие уште не сте го виделе почетокот на бојот, а веќе посегнавте по оружје за Царот Вистинит, и ослободувајќи ги од окови Неговите војници, вие самите станувате Негови заробеници, и не се плашите да се предадете на смрт за оние кои ќе бидат убиени.
Срцата на сите ги обзеде умиление, и сите плачеа каејќи се за своето претходно незнаење и што се трудеа Христовите војници да ги одвратат од сјајниот подвиг. Тогаш Марко рече: Научете, о мили родители! И вие жени, и вие пријатели! научете јуначки да му се противите на врагот, земајќи го штитот на верата на кој ќе можете да ги угаснете стрелите на нечестивиот. Нека стануваат на нас и беснеат против нас слугите на ѓаволот, и нека нашите тела ги мачат со какви маки сакаат: тие можат да го убијат телото, но душата која се бори за верата да ја победат - не можат. На убивањето пак, и на мачењето на телото ние не му придаваме значење: раните добиени за царот им носат слава на војниците. На нас ѓаволот беснее со самоубиствен гнев, оти и самиот се мачи гледајќи го нашето трпение; ни задава разни маки и ни се заканува со разни смртти за плашејќи нѐ, да нѐ отргне од добриот подвиг; каде што маките немаат успех, таму тој дејствува со измама: ветува живот, за да го одземе животот; ветува углед за да го одземе угледот; ветува богатство за да вовлече во сиромаштија; ветува слава за да нанесе срам; ветува безгрижен живот за да нѐ втурне во вечни маки и неволји. Со такви лукавства тој војува со нас, такви се неговите нечесни намери: телото да го избави од маки, а душата да ја заколе со гревови. Но ние, да се кренеме против него: да го презреме телото, за да ѝ помогнеме на душата. Оти, зошто да се плашиме од привремената смрт, кога се надеваме дека ќе живееме вечно! Зошто да го жалиме овој живот, кога се надеваме дека ќе добиеме подобар? Нека се плашат од смртта оние кои не се надеваат дека ќе го видат идниот живот. О, колку многу љубители на овој живот, погубил ненадеен случај: поразила молња, удавило море, проголтала провалија, заклал меч! И така, бедните овој живот со бол го изгубија, а друг не најдоа. Затоа тие и нека ридаат поради овој живот, и нека дрхтат од смртта. А ние, каков страв и каква болка имаме од смртта; и каква грижа за овој живот имаме ние, на кои Христос им приготвил блажен вечен живот, полн со богатства какви што човечко око нема видено, ниту уво на човек има чуено, ниту ум човечки има замислено?
Кога свети Марко го зборуваше ова, и слично на ова, сите ги обзеде желба за идниот живот и се гадеа од сегашниот; сите се запалија со љубов кон Христа, а почнаа да го мразат светот; и Му благодареа на Бога што ја осветли нивната темнина, им ги отвори очите и умот, ги избави од гибел и им го покажа патот на спасението. На тој начин, оние кои дојдоа да ги одвратат светите маченици од Христа, самите беа обратени кон Христос; а оние кои се надеваа дека ќе ги уловат другите во својата гибел, самите се уловија на спасение. Никострат пак со жена си, упорно ги молеше светителите говорејќи: Нема да јадам и да пијам додека над мене не биде извршена тајната на христијанската вера. Свети Севастијан му одговори: Промени ја службата и почни да бидеш повеќе Христов протоскиниариј отколку на епархот. Затоа послушај го мојот совет: Доведи ги сите кои ги имаш во окови и темници, а јас ќе повикам Божји свештеник, па ти заедно со сите кои поверуваа ќе бидеш удостоен со светите тајни. Зошто, кога ѓаволот се труди да ги оттргне од Христос кон себе Неговите свети слуги, дотолку повеќе ние сме должни да се трудиме да ги оттргнеме од ѓаволот оние кои тој неправедно ги присвои, и повторно да ги предадеме на нашиот Создател. Никострат праша - Може ли светињите да им се даваат на злочинци и на смрт осудени престапници? Севастијан одговори - Нашиот спасител дојде во светот заради грешните и ја дарува тајната на крштението, со чија помош од луѓето се одземаат гревовите и беззаконијата, а им се дава Божествена благодат. Во самиот почеток на своето обраќање принеси му го на Христа овој дар: погрижи се за спасението на другите, па за награда ќе добиеш маченички венец, исплетен од невенливи цветови на многу добродетели.
Откако го чу тоа, Никострат отиде кај коментарисиот (Коментарисиј – старешина над темница во римското царство и писар при судењата, кој претходно вршел иследуваање на оптужените, особено на христијанските маченици) Клаудиј и му нареди во неговата куќа да ги испрати сите осуденици и заробеници. Кога тоа беше сторено и сите заробени оковани во синџири стигнаа, свети Севастијан им се обрати со поучно слово за спасението. И сфаќајќи дека тие се спремни за Христовата вера и способни да ја примат благодатта Божја, нареди да ги симнат оковите од сите. Тогаш отиде кај светиот Поликарп, презвитерот, кој се криеше поради гоњењата, и го извести за сите случувања. Свети Поликарп благодарејќи му на Бога за сето тоа, со Севастијан отиде во куќата на Никострат и обраќајќи се на групата која поверувала, рече: Блажени сте вие кои ја чувте речта на нашиот Господ Кој вели: „Дојдете кај Мене сите обременети и изморени и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно (Мт 11, 28-30).“ Затоа, на вас браќа, кои водата на крштението ќе ве измие и осветувајќи ве, ќе ве направи мили синови Божји, потребно ви е покајание, за да добиете прошка за поранешните гревови. А пак сега, кога покажувате таква срдечност кон Христа, нашиот Бог, така што верувајќи во Него готови сте и да умрете за Него, и самите го посакувате она од кое на почетокот сакавте да ги одвратите другите, - да знаете дека вие веќе добивте прошка и победа над невидливиот враг. Знае Христос нашиот Бог да ја изведе светлината од темнината и од отфрлените садови да направи избрани; така Он од Савле направи Павле, од отстапник апостол, и од гонител учител. Така и вас, денес Он ве призва од назнабожество во Својата Црква, од неверни, направи Свои верни слуги, и од непријатели – Свои пријатели. Поради вашето обраќање плаче целиот демонски собор, синовите на темнината; меѓутоа, сите небесни хоровина светите ангели се радуваат и се веселат поради вешето просветление. Затоа секој од вас нека го запише своето име и нека ми го даде мене. На примањето на крштението пак, нека му претходи пост: постете до вечерата; а кога створената светлост ќе зајде, нестворената светлост ќе ви заблеска во крштението.
Сите се исполнија со радост, и секој почна да се спрема за крштевање. За тоа време, коментарисиот Клавдиј дојде до куќата и го повика Никострат кај епархот, говорејќи: Кога разбра дека сите заробеници си ги собрал во својата куќа, епархот се разгневи и нареди да те повикам: Сега размисли што ќе му одговориш.
Никострат отиде кај епархот, и кога овој го праша за заробените, му одговори: По наредба на твојата возвишеност, земав под стража во својот дом двајца христијани, Маркелин и Марко, и за што повеќе да ги заплашам, кај нив доведов други заробени, тешко оковани, за, гледајќи ги и самите да очекуваат исти страдања и затоа да се покорат на вашата наредба. - Епархот го пофали Никострат и го отпушти велеќи му: Ќе добиеш голема награда од нивните родители ако ги приведеш во едномислие со нас и бидат пуштени живи и здрави.
Враќајќи се со Клавдиј, Никострат започна да му раскажува за светиот Севастијан, како тој, царски пријател, е христијанин, совршен во Божественото учење, и како во својата христијанска вера ги зацврстува срцата и го нарекува овој живот привремен и брзо минлив, а проповеда друг живот по смртта, подобар и вечен. Уште, му раскажа како лицето на Севастијан блесна со небесна светлина, и како од шестгодишна немоќ ја исцели неговата жена, та таа почна јасно да зборува. Кога го слушна тоа, Клавдиј рече: И двете мои синчиња се многу болни: едниот има водена болест, а другиот рани по целото тело. Затоа ќе го замолам да ги исцели синовите мои, оти не се сомневам дека кога ја исцелил твојата жена, ќе може да ги исцели и моите деца.
Кога го рече тоа, Клавдиј брзо отиде во својата куќа, ги зеде двете деца на раце, дојде во куќата на Никострат, падна пред нозете на светителите Божји Севастијан и Поликарп, говорејќи: Без сомневање, со сето срце верувам дека Христос, Кого Го почитувате, е вистински Бог. И еве, ги доведов овде моите две мали деца, да ги спасите од смртта. Божествените мажи му рекоа: Сите, каква и болест да имаат, денес ќа добијат исцеление кога ќе влезат во светата крстилница.
Клавдиј и понатаму изјавуваше дека верува во Христа и дека сака да биде христијанин. Во тоа време сите се спремаа за свето крштение, ги пишуваа своите имиња и му ги даваа на презвитерот. Прв го даде своето имеТранквилин, таткото на Маркелин и Марко; по него негови шест пријатели: Аристон, Крискентијан, Евтихијан, Урван, Виталиј и Јуст; потоа Никострат со брат му Касториј и Клавдиј коментарисиот, по него неговите два сина Симфоријан и Феликс; потоа Маркија, мајката на Маркелин и Марко, Симфороса, жената на Клавдиј, и Зоја, жената на Никострат, и целиот Никостратов дом – 33 души од обата пола; и по нив сите заробени, 16 на број. Вкупно беа шеесет и четири души припремени за крштение; и свети Поликарп ги крсти сите. Кум им беше свети Севастијан, а на жените куми им беа Беатриса и Лукина. Пред сите, во крстилницата беа воведени децата на Клавдиј и во истиот час се исцелија од своите болести, така што на нивните тела не остана ниту траг од дотогашните рани. По нив го доведоа Транквилин: тој беше не само изнемоштен од староста, но имаше и костоболка во рацете и нозете, што едвај можеа да го носат на раце; чувствуваше силни болки кога го расоблекуваа пред крштевањето. Свети Поликарп го праша: веруваш ли, воопшто не сомневајќи се, дека Единородниот Син Божји, нашиот Господ Исус Христос, има моќ и власт да ти даде здравје и да ти ги отпушти гревовите? – Транквилин одговори: Верувам дека Христос, Син Божји и Бог може сѐ; но јас од Неговата добрина барам само едно: да ми ги прости гревовите, а за телесната болест не се грижам.
Од радост, сите присутни се расплакаа и Го молеа Господ да им го покаже плодот на нивната верба. Кога започна крштевањето и Транквилин беше запрашан: „Веруваш ли во Бог Отецот, Синот и Светиот Дух?“ и тој одговори: „верувам“, и додека зборот сѐ уште му беше во устата, неговите раце и нозе се ослободија од сите болки, и се за цврстија неговите стопала и глуждовите, и сета немоќ на неговата старост отстапи од него, и се обнови како кај орел неговата младост, и тој воскликна: Ти си единствениот вистински Бог, кого овој жален свет не Го познава.
По него се крстија сите, секој посебно. И во текот на шеснаесетте дена кои преостанаа од рокот на Маркелин и Марко, тие Го прославуваа Бога со црквени песни и псалми, се утврдуваа во верата и се припремаа на маченички подвиг за Христовото име.
А кога рокот од триесет дена се приближи до крајот, епархот на градот Рим, Аргест Хроматиј, го повика кај себе Транквилин, таткото на Маркелин и Марко, и го праша за неговите синови, дали отстапија од христијанството. Транквилин одговори: Немам зборови како да ти заблагодарам за твоето доброчинство. Зашто ако по твојата кроткост не го запреше извршувањето на смртната пресуда над моите синови, тогаш јас ќе бев лишен од синовите, а моите синови од отецот. Сите роднини и драгите пријатели, а се надевам и твојата светлост, ќе се радува со мене, оти на мртвите им дарува живот, на тажните им се поврати веселието, на нажалените радоста.
Тогаш епархот, сметајќи дека синовите на Транквилин сакаат да им се поклоната на боговите, рече: Дојдете во последниот ден и нека твоите синови им го принесат на боговите должното кадење со темјан. Кога го слушна тоа Транквилин рече: О, пресветол мажу! Ако правично расудуваше за она што се случи со мене и со моите синови, ќе сфатеше каква сила содржи во себе зборот - христијанин. Епархот на тоа рече: Да не полуде Транквилине? Транквилин одговори: До сега бев луд и со телото и со душата, но штом поверував во Христос, веднаш оздравев и со душата и со телото. Епархот рече: Како што гледам, на твоите синови им ја одложив смртната казна, не за тоа да ги одватиш од нивната заблуда, ами за тие да те придобијат за својата заблуда! Транквилин одговори: Ја молам твојата светлост да повели да расуди што значи самиот збор заблуда и кои дела треба да ги нарекуваме заблуда. Епархот на тоа возврати: Ти самиот кажи што треба да нарекуваме заблуда. Транквилин одговори: Првата заблуда е - да се остави патот на животот и да се оди по патот на смртта. Епархот запраша: А кој пат е патот на смртта? Транквилин одговори: Не ти изгледа ли дека патот на смртта е ова: да им се даваат божествени имиња на смртни луѓе и да им се клања на нивните кипови од дрво и од камен? Епархот возврати: Зар оние на кои ние се клањаме не се богови? Транквилин одговори: Навистина не треба да се сметаат за богови оние за кои во вашите книги пишува дека се родени во гревови, дека имале неправедни, зли и беззакони родители, дека самите живееле несвето, неправедно и во многу лаги и дека изумреа во гревови. Немаше ли Бог на небесата пред да царува Крон над критјаните и ги јадеше своите деца? или Крит имаше свој цар, а небесата немаа Бог? Навистина, во голема заблуда се оние кои сметаат дека Зевс, син на Крон, кој беше човек, подложен на злоба и на телесна похота, владее над громот и располага со молњите. Кого сѐ тој не прогонил, кога и својот татко не го поштедил? И со какви сѐ гревови не се осквернил кога својата сопствена сестра си ја зел за жена? На пазариштата, по улиците, по домовите, и секаде се говори, и во книгите се раскажува како поганата Јунона се фали со тоа што таа му е и жена и сестра на Зевс. Затоа, не веруваш ли пресветол мажу, дека си во заблуда почитувајќи богови преполни со такви злочини, за кои римските закони го осудуваат човека на казни и смрт? А почитуваш такви, и оставајќи Го семоќниот Бог Кој царува на Небесата, му зборуваш на каменот: „ти си бог мој!“ и на дрвото: „помогни ми!“
Епархот на тоа рече: Откако почнаа да хулат на боговите и да се одвраќаат од поклонување пред нив, римското царство го снаоѓаат многу несреќи. –Не е така, забележи Транквилин; прочитај ги десетте книги на Ливиј (Тит Ливиј – најголемиот римски историчар, од крајот на првиот век пред Христа и до почетокот на првиот век по Христа. Неговата историја има 142 книги од кои до нас дошле само 35), и ќе дознаеш дека римската војска која им принесува жртви на демоните, за еден ден изгубила повеќе од четириесет и две илјади луѓе. Зар за тебе е тајна дека Франците го зазеле Капитол (Капитол – внатрешна тврдина на Рим. Под Франци се подразбираат Галите кои живееле во северна Италија. Продорот на Галите бил во втората половина на четвртиот век пред Христос; завршила со потполн пораз на римјаните и со опустошување на римската република, од кое долго време не можела да се опорави) и ѝ се наругале на римската сила? Порано, пред луѓето да почнат да Го познаваат вистинскиот Бог, градот Рим претрпе многу несреќи, невидени пустошења, разни убиства; а сега, кога луѓето кои веруваат и го почитуваат невидливиот вистинит Бог, римското царство ужива спокојство и безбедност, бидејќи Бог, заради своите избраници го огради со мир. Но и поред сето тоа вие не го признавате толку милосрдниот Бог, и сите добрини кои се од Него вие им ги припишувате на створеното.
Додека тие така разговараа меѓу себе, започна разговор и за Господ Исус и Транквилин му раксажа како и поради што Синот Божји слезе на земјата не оставајќи ги небесата, зеде на себе тело, за да ја спаси човечката душа од погибел. И сето она што го беше дознал од светите Севастијан и Поликарп, и на што се научи уште повеќе од благодатта Господова, која го вразумува верникот, тој му го излжи на епархот, при што самиот Господ му даваше уста и премудрост, на која неговиот противник не можеше да одговори. Го раскажа и тоа, како по долги години боледување од костобол во рацете и нозете, одненадеж се исцели со Христовата благодат во часот кога со сето срце поверува во Него.
Епархот кој и самиот одамна и силно страдаше од костобол во нозете, им нареди на присутните да го земат Транквилин, за, божем, утре да го изведе на поподробно испитување. Меѓутоа ноќта тајно испрати по Транквилин, го повика и предлагајќи му подароци да му го каже лекот со кој се исцели. Транквилин му рече: Твојата чесност нека знае дека нашиот Бог силно се гневи на оние кои сакаат да ја продаваат или купуваат Неговата благодат. Затоа ако сакаш да се исцелиш од болеста своја, верувај во Христос Синот Божји, и ќе се исцелиш, како што и мене ме гледаш исцелен. Бидејќи јас чувствував силни болки дури и тогаш кога ме носеа; единаесет години сите мои жили и зглобови беа оковани со неискажлива болест, така што други ми принесуваа храна до устата; а кога поверував во Христа Бога, веднаш добив исцеление, и еве ме цел и здрав со благодатта на вистинитиот Спас мој. Епархот рече: Те молам, доведи ми го тој кој беше посредник на твоето оздравување; и ако тој ми подари исцеление, тогаш, и јас ќе станам христијанин.
Транквилин веднаш го повика светиот Поликарп; исто така и свети Севастијан беше повикан. И тие го научија епархот Агрест Хроматиј и неговиот син Тивуртиј на светата вера Христова, разбија повеќе од двеста идоли кои се наоѓаа во неговиот дом - дрвените ги изгореа, камените ги разбија, златните и сребрените ги искршија во парчиња и ги раздадоа на сиромашните.
Кога ги разбиваа и дробеа идолите, на епархот му се јави пресветол младич и му рече: Господ наш Исус Христос, во кого поверува, ме испрати кај тебе на твоите раце и нозе да им подарам здравје. При овој збор, во тој момент, Хроматиј оздраве и брзо стана сакајќи да припадне кон нозете на јавениот младич и да ги целива, но овој му рече: Пази, не допирај ме, оти од идолскиот смрад сеуште не си измиен со свето крштение. Кога го кажа ова стана невидлив.
Тогаш Хроматиј и неговиот син Тивуртиј припаднаа кон нозете на светите и громогласно воскликнуваа: Еден е вистинскиот Бог Господ Исус Христос, Единородниот Син на семоќниот Бог, кого Го проповедате вие, о добри учители!
Светителите го советуваа Хроматиј, под изговор на болест да го симне од себе чинот на епарх, за да не врши судења на кои беше должен да ги тормози, да им суди и да ги мачи христијаните. И уште го советуваа да не ги посетува незнабожечките театри, ами, од сето тоа да се ослободи заради стекнување на духовна мудрост. Набрзо тој така и направи.
Кога Хроматиј му пристапуваше на крштевањето, на прашањето: „веруваш ли во Единиот Бог?“ одговори: „верувам“, и на прашањето: „се одрекуваш ли од идолите?“ рече: „се одрекувам“. Потоа ерејот го праша: Се одрекуваш ли од сите гревови твои? Хроматиј му одговори на ерејот: „За ова требаше да ме прашаш на почетокот. Затоа повторно ќе ги облечам своите одежди и нема да примам свето крштение додека не се одречам од своите гревови: ќе се помирам со оние со кои бев во непријателство; и ќе покажам љубов на сите оние на кои се гневев, а ќе ги молам за прошка оние кои се гневни на мене; на моите должници ќе им ги простам сите долгови, а ако некому сум зел со сила ќе му вратам двојно. По смртта на својата жена имав две наложнички; нив ќе ги омажам, наградувајќи ги со брачни дарови. Ќе им дадам слобода на робовите и робинките; ќе ги подредам по Бога сите мои службени и домашни работи, и тогаш смело ќе речам: се одрекувам од сите мои гревови и ќе го примам светото крштение.
На светителите им беше мило за ова што го рече Хроматиј, и крштевањето беше одложено додека на дело не исполни сѐ што вети. – После тоа Агрест Хроматиј со синот Тивуртиј и со целиот свој дом се крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, така што беа илјада и четиристотини новопросветени лица од двата пола.
Тоа беше време на големо гонење на христијаните: христијаните не можеа ниту храна да си купат, ниту вода да си налеат, затоа што насекаде, по пазариштата, по улиците, крај бунарите и изворите и потоците беа поставени мали идоли и покрај нив будна стража за секој кој сака нешто да купи или да налие вода, претходно да му се поклони на идолот кој бил таму . Тоа го измислија незнабошците за лесно да ги препознаат христијаните и да ги водат на мачење. Од тоа христијаните се ожалостија, бидејќи без поклонение беше неможно да се набави храна и вода, и повеќе сакаа да трпат глад и жед отколку да им се поклонат на идолите. Тогаш Хроматиј им нареди на сите верни во Рим, тајно, храна и пијалоци да земаат од неговиот дом, оти беше многу богат, и во неговиот дом се собираа верните за да го слават Бога.
Во тоа време, епископ во Рим беше роднината на Диоклецијан, блажениот Гај, по потекло од Далмација. Тој служеше литургија во домот на Хроматиј и со Божествените тајни ги причестуваше новообратените христијани. Поради страшното гонење, Хроматиј беше принуден да отпатува од Рим во Кампанија (Кампанија – приморска област на древна Италија, јужно од Рим, на западната страна на полуостровот) на своите имоти, од страв да не се дознае во Рим за неговото верување во Христос, а таму можеше поспокојно да живее и поспокојно да ја држи светата вера. Им објави на христијаните дека сите кои сакаат да се прикријат од гонењата и да живеат поспокојно, можат да појдат со него на неговите имоти, и им вети дека таму ќе им дава сѐ што им е потребно за живот. Притоа беше неопходно со Хроматиј и останатите христијани да отпатува и еден од двајцата - или Севастијан или Поликарп, заради утеха и поткрепа на верните. По тој повод меѓу верните настана благочестив спор, бидејќи секој од нив сакаше да остане во Рим за да добие маченички венец. Во текот на таа побожна препирка светиот епископ Гај рече: Ако вие и двајцата сакајќи да умрете за Христа се предадете во рацете на мачителите, тогаш Христовите луѓе ќе ги лишите од духовна утеха. Поради тоа, мислам дека ти брате Поликарпе, бидејќи имаш свештенички чин и полн си со Бежја мудрост, треба да отидеш заедно со господинот Хроматиј, за верните да ги утешуваш со учење, а сомничавите да ги закрепуваш и да ги храниш со Божествените тајни.
Кога го слушна тоа, свети Поликарп се покори на наредбата на епископот и отпатува од Рим заедно со Хроматиј и со многу други христијани. Затоа во недела, кога ја отслужи светата литургија, епископот им рече на верните: Нашиот Господ Исус Христос знаејќи ја немоќта на нашата природа им покажа два пата на оние кои веруваат во Него: еден е патот на мачеништвото, а другиот на исповедништво; кој не може да оди по патот на мачеништвото, нека оди по патот на исповедништвото. Кој од вас сака да оди со нашите духовни чеда Хроматиј и Тивуртиј, нека оди; а кој сака да остане овде во градот, нека остане: никакво растојание не може да ги раздвои оние кои се соединети со Христовата благодат. Јас, и ако не ве гледам со моите телесни очи, секогаш ќе бидете пред моите духовни очи.
Кога епископот го говореше ова, Тивуртиј воскликна: Те молам оче, допушти да не одам одовде, бидејќи многу сакам, ако е тоа можно, и илјада пати да бидам убиен за мојот Бог, само од Него да добијам живот вечен и неодземлив!
Радувајќи се на верата на Тивуртиј и на таквата ревност за Бога, епископот се расплака и Го молеше Бога, сите кои остануваат со него да можат да се подвизуваат со добар подвиг и да се удостојат со маченичка слава. Така, со светиот епископ останаа Маркелин и Марко со нивниот таткоТранквилин, свети Севастијан, младиот Тивуртиј, прекрасен по тело и уште попрекрасен по душа, протоскриниариот Никострат со брат му Касториј и жена му Зоја, и Клавдиј со братот Викторин и со синот Симпоријан, исцелен од водена болест. Само овие останаа во Рим, а сите останати појдоа со Хроматиј и Поликарп.
По нивното заминување, свјатејшиот епископ ги постави Маркелин и Марко за ѓакони, татко им го посвети за презвитер, а светиот Севастијан, носител на војни ознаки, го одреди за заштитник на црквата. Но, бидејќи немаа такво тајно место каде можеа да ги вршат Божествените служби, тие престојуваа кај еден царски великодостојник Кастул, во палатата. А така постапија затоа што Кастул со своите домашни беше потаен христијанин, и што општонародниот закон за поклонение на идолите не се однесуваше на оние кои живееја во царските палати, затоа што никој не можеше ниту да помисли дека христијанската вера би можела да продре во царските дворови. Затоа лесно можеа да се сокриваат кај Кастул со Божествените служби. Таму тие минуваа денови и ноќи во молитви и солзи и пост, трпејќи сѐ и молејќи Го Бога да ги удостои со маченички венец. Кај нив тајно доаѓаа мажи и жени, гледајќи ги исцеленијата кои тие ги даваа, бидејќи по нивните молитви на болните им се даваше здравје, на слепите прогледување, и нечисти духови од луѓето изгонуваа, заради што многумина од нив тајно ја примаа христијанската вера.
Еднаш свети Тивуртиј одеше по патот и здогледа човек кој беше паднал од покривот на својата куќа, разбиен, а околу него неговите родители и домашните плачеа, и го исцели со својата молитва. И веднаш тој човек со целиот свој дом поверува во Христос и прими крштение.
Најпосле настапи времето за страдање на светите, и на страдалнички подвиг прва појде блажената Зоја, жената на Никострат. Бидејќи, кога се молеше на гробот на светиот апостол Петар, ја забележаа незнабожни поткажувачи и ја одведоа на суд. Таму ја принудуваа да принесе жртва на идолот Марс (Марс – по верувањето на древните грци и римјани, бог на војната), но таа тоа не сакаше да го стори. Заради тоа беше фрлена во мрачна темница, шест дена мачена со глад. Потоа беше изведена од темницата и обесена за косата над смраден чад од запалено ѓубре и ја предаде душата на Бога. Нејзиното тело беше фрлено во реката Тибар.
Света Зоја му се јави во видение на светиот Севастијан и го извести за својата смрт. Севастијан му го раскажа тоа на Транквилин; Транквилин возвикна: Ете, жените пред нас одат кон венецот! Зошто тогаш ние живееме? – И отиде на истото место, на гробот на светиот апостол. Таму незнабошците го убија со камења, па го фрлија во реката Тибар.
Никострат, Касториј, Клавдиј, Викторин и Симфоријан беа фатени во време когаодеа по брегот на Тибар, барајќи ги телата на светите и беа приведени кај епархот во градот, Фавијан. Во текот на десет дена епархот се трудеше да ги приволи да принесат жртви на идолите со милост, закани и со маки. Не успеваќи во тоа нареди, та им врзаа огромни камења околу вратовите и ги потопија во морето.
Светиот пак младич Тивуртиј, некој лажен христијанин Торкват, волк во овчја кожа, кришум им го покажа на незнабошците. Тие го фатија Тивуртиј, па заедно со Торкват, божемниот христијанин, ги приведоа на суд кај истиот епарх Фавијан. На судот Торкват веднаш ја обелодени својата лукавост, бидејќи само привидно се правеше христијанин, а во душата беше полн со незнабожие - тој истапи како сведок против Тивуртиј, оптужувајќи го дека римските богови ги нарекувал демони. А пак свети Тивуртиј на судот се држеше како вистинит и храбар исповедник на Христовото име. Судијата му рече: Немој да го срамотиш твојот славен род; ти, син на така славен татко си избрал непристоен и одвратен христијански живот кој го следат срамота, мака, смрт и ругло. Одговори свети Тивуртиј: Премудар човеку и римски судијо! Велиш дека го срамотам својот род со тоа што не ги почитувам и сметам за богови сладострасната Венера, крвомешачот Зевс, лажливиот Хермес, јадачот на деца Крон. Но, јас изјавувам: славата на мојот род ја зголемувам со тоа што Го почитувам Единствениот Вистинит, кој царува на Небесата, Нему Му се поклонувам и се нарекувам Негов слуга. Со маки ли ми се закануваш? Но за нас христијаните страшно ли е да се страда за нашиот Бог? Ми се заканувач со меч? На тој начин ние се ослободуваме од телесната темницата и ја добиваме Небеската слобода. Ми се закануваш со оган? Но ние го изгасивме во нашето тело големиот пламен на похотата, па од овој оган ли да се плашиме? Ми се закануваш со прогонство? Но, нашиот Бог е секаде, и каде сме со Бога - таму е нашето место.
Тогаш Фавијан заповеда да донесат многу жар за да го постават светителот бос на него, и рече: Или на овој жар стави темјан и принеси им кадиво на боговите, или стапни босоног на него. Прекрстувајќи се, свети Тивуртиј застана бос на жарот и по него одеше како по меко миризливо цвеќе. И му рече на судијата: Остави го своето неверие и увери се дека е вистинит мојот Бог кој им заповеда на стихиите и на севкупната творба. А ти ако можеш, во името на твојот Зевс стави ја твојата рака во вода која врие, па види дали ќе остане неповредена. А еве види, во името на мојот Господ Исус Христос одам по овој оган како по свежо цвеќе. Гледаш ли како на нашиот создател му се покорува секоја твар. На тоа судијата рече: Кој не знае дека вас Христос ве научил на вражбини! Замолкни беднику! Викна светителот , и не осмелувај се со својата отровна уста со хула да го изговараш тоа големо и страшно име! Не навредувај ми го слухот лаејќи на името на мојот Господ!
Се разгневи Фавијан на светиот Тивуртиј, и го осуди на смрт. И беше одведен светителот на три попришта (поприште – црковнословенски, мерка за растојание – илјада чекори) од градот Лавикански пат и таму за време на неговите молитви беше заклан со меч. Еден христијанин го погреба на истото место, и на луѓето кои доаѓаа на неговиот гроб им се даваше голема благодат по неговите молитви.
По тоа, оној ист божемски христијанин Торкват ги извести незнабошците за Кастул, Маркелин и Марко. Свети Катул, по трикратно испитување, бесење и мачење, беше фрлен жив во јама и затрупен со земја; и така заврши. А пак Маркелин и Марко, Фавијан ги стави на еден трупец, им ги закова нозете со железни шајки и им рече: Така ќе останете сѐ додека не им се поклоните на боговите. – а тие, приковани на дрвото, пееја: Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат однодушно (Псал. 132, 1). И стоеја тие така еден ден и една ноќ пеејќи и молејќи се; изутрината беа прободени со копја во ребрата. Таков беше крајот на нивното мачење.
По страдањето и смртта на овие свети маченици, и свети Севастијан беше земен под стража; и епархот го извести царот Диоклецијан за него. Диоклецијан го повика кај себе и му рече: Јас секогаш те сметав за прв на мојот дворец, а ти сонувајќи против мене, ми стана непријател, и мене и на моите богови; и досега си ја криел таа твоја злоба. Свети Севастијан одговори: Јас везден Го молев Христа за твоето здравје и просев мир за целото римско царство; и се клањав на Царот Небесен, зашто гледам дека е неправедно да се клањам на камен и од него да барам помош, бидејќи е очигледно дека тоа е измислица на безумните.
Разгневен, Диоклецијан нареди да го одведат Севастијан вон градот, па среде полето да го врзат гол за дрво и да го изрешетаат со стрели. Така, кога Севастијан беше поставен како мета за стрелање, мноштво војници почнаа од сите страни да стрелаат на него и му го начичкаа светото тело со стрели. И сметајќи дека светиот маченик веќе умрел, си отидоа оставајќи го така врзан и со стрели начичкан. А жената на светиот маченик Кастул, по име Ирина, појде ноќе да го земе и да го погреба телото на свети Севастијан, го затекна жив и го однесе дома, каде светителот се исцели од раните и стана наполно здрав. Христијаните кои тајно дојдоа кај него го молеа да го напушти Рим, како што тоа го направија многумина христијани, за да не падне повторно во рацете на незнабошците. Меѓутоа, тој, се помоли на Бога, отиде и застана на скалитеХелиогабала (Хелиогабал – римски цар, царувал од 218 до 222 год по Христа. Си соѕидал себе си, како на бог, храм на еден од бреговите на Рим. Скалите се скали од тој храм); и здогледувајќи ги царевите кои минуваат таму викна: Жреци на вашите богови, о цареви! Со своите незнабожечки вражбини ве смутуваат говорејќи ви лаги за христијаните и ги прикажуваат како непријатели на римската држава; меѓутоа знајте дека христијаните ви се од голема корист, бидејќи, по нивните молитви на овој град му оди на добро, бидејќи непрестајно се молат за вашето царување и за здравје на целата римска војска.
Кога свети Севастијан го говореше тоа, Диоклецијан го погледна и го праша: Ти ли си тоа Севастијане, за кого неодамна наредивме да биде убиен со стрели? Севастијан одговори: Господ мој Исус Христос благоизволи да ме воскресне, за да дојдам кај вас и пред сите луѓе да бидам сведок на вашата неправда, изибличувајќи ве што неправедно ги гоните христијаните.
Тогаш Диоклецијан нареди да го земат и да го поведат на хиподромот (Хиподром-тркалиште. Одржувани се коњски трки, борби со диви ѕверови, борби на гладијатори. Тука царевите – гонители на христијаните ги предавале христијаните на диви ѕверови). Таму светиот страдалник, громогласно прославувајќи Го Христа и изобличувајќи ги идолите и римската заблуда, беше претепан со мотки и убиен. И тој радосно воскликнувајќи отиде кај Подвигостроителот Христос, за од Него да прими венец на победата за својот сјаен подвиг. Неговото свето тело незнабошците ноќе го фрлија во длабока јама за ѓубре, за да не го најде некој од христијаните и да не го земе. Но светителот во видение ѝ се јави на побожната жена Лукина и ѝ рече: Дојди до јамата за ѓубре која е близу до циркусот; таму ќе го најдеш моето тело кое виси на попречна греда; земи го и однеси го во катакомбите, и погреби го до влезот во пештерата, на Апостолскиот пат.
Таа блажена жена веднаш ги зеде своите слуги, на полноќ отиде кај посочената јама, побожно го зеде маченичкото тело, и чесно го погреба на укажаното место, фалејќи го нашиот Христос Бог, кому слава во век. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВИОТ
Светиот маченик беше во времето на царот Максимијан; по потекло од селото Птокет, во Опсикиската епархија. Минуваше богоугоден живот и ја спроведуваше секоја доблест. Заради тоа доживеа многу маки од незнабошците, воден од место во мест, руган и тепан. Сето тоа тој го поднесуваше со големо трпење. Притоа вршеше чуда и со тоа ги обраќаше незнабошците во Христовата вера. Еднаш незнабошците го претепаа со мотки и со камења. Потоа го фрлија во оган и, останувајќи неповреден поради Христовата благодат, многумина од присутните гледајќи го ова необично чудо, поверуваа во Христа и се крстија.
Кога слушна а тоа, Кизичкиот игемон, Леонтиј, испрати луѓе и светиот Евиот го фатија и врзан го доведоа пред него.. Игемонот веднаш нареди и маченикот со камења го тепаа по устата, вилиците и по образите; потоа го обесија на дрво за мачење и го тепаа со камшик, а потоа го фрлија на ѕверовите да го изедат. Но бидејќи ѕверовите не го допреа, беше фрлен во темница. Но многумина незнабошци гледајќи го чудото, пристапија кон верата Христова и се крстија. Тогаш игемонот им нареди на гладијаторите да го убијат маченикот Евиот. Но на гладијаторите падна некаков мрак, та тие се изнаранија и се убија меѓу себе, а светиот маченик остана неповреден. И повторно го ставија во темница.
По дваесет и два дена стигна вест дека Константин Велики кренал од западните страни на Европа кон исток против тиранинот Максимијан. Уплашен од тоа, Максимијан нареди да се пуштат од темниците и од оковите христијаните. Тогаш и многупобедниот војник Христов, Евиот, беше пуштен од темницата. Поживеа уште пет години правејќи чуда, па во мир ја предаде својата душа на Господ во 318-та година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТРАНКВИЛИЈ, КЛАВДИЈ, КАСТОРИЈ, ВИКТОРИН, СИМФОРИЈАН, ТИВУРТИЈ, КАСТУЛ, БРАЌАТА МАРКО И МАРКЕЛИН, И ЗОЈА
За овие свети маченици и за начинот на нивното страдање за Господ Христос да се види на денешен ден: Страдањето на светиот маченик Севастијан.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ МОДЕСТ
Свети Модест се родил во градот Севастија (Севастија кападокиска – на исток на Мала Азија, на границата кон Ерменија) од побожни и богобојажливи родители Евсевиј и Теодула. Понесен од љубовта Божја, тој уште од рана возраст се одрече од светот и водеше строг монашки живот. Подоцна стана настојател на манастирот на свети Теодосиј велики во Палестина.
Во тоа време персискиот цар Хозрој изврши пустошен напад на Сирија и Палестина. На порсијанците им се придружиле четириесет илјади евреи со цел да ги истребат сите христијани во Палестина. Страшно настрада Ерусалим и околината: илјадници монаси и клирици беа убиени, сите храмови беа опустошени и изгорени, меѓу нив и храмот на Господовиот Гроб; патријархот Захариј со мноштво народ и со светиот Господов Крст беше одведен во ропство во Персија. Евреите откупија од персијанците неколку илјади христијани и ги предадоа на смрт. Бројот на убиените христијани се искачи до деведесет илјади луѓе.
Светиот Модест во тоа време ја избегна смртта, и кога наездата заврши, му беше поверена должност да управува со Палестинската Црква како чувар на патријаршискиот престол. Прво свети Модест ги собра остатоците од убиените монаси на обителта на свети Сава осветениот и чесно ги положи во манастирската костурница. Потоа со целата ревност се зафати со обновување на осквернетите свети места. Не плашејќи се ниту од злобата на Евреите ниту од самоволието на персиските власти, тој го обнови храмот на светиот Гроб и Голготскиот и Витлеемскиот храм. Во тоа многу му помогна свети Јован Милостивиот, Александрискиот патријарх. Блажениот Захариј, патријархот ерусалимски, му пишуваше на светиот Модест, поддржувајќи го во светите потфати, и тешејќи го и крепејќи го и него и паствата да бидат цврсти во верата. По четиринаесет години, патријархот Захариј, со Крстот Господов се врати од ропство. По претставувањето на светиот патријарх Захариј, на патријаршискиот престол беше воздигнат свети Модест. Мудро управувајќи со својата паства, свети Модест чинеше многубројни чудеса и исцеленија. Достигајќи длабока старост, свети Модест во 97-та година од својот живот мирно Му го предаде својот дух на Господ и се пресели во вечното небесно семејство.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ФОКА И ЕРМИЛ
Овие свети маченици пострадаа за Господ исечени со меч.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ МИХАИЛ СИНГЕЛ, ИСПОВЕДНИКОТ
Преподобниот Михаил по род беше од Ерусалим, син на побожни родители. Откако стекна многу високо образование - до совршенство ја изучи целата незнабожечка елинска мудрост, и сета мудрост христијанска - тој стана монах. А кога умре татко му, мајка му и сетра му се замонашија во еден женски манастир. Монахот Михаил водеше подвижнички и богоугоден живот, мачејќи се себеси со секоја мака, и беше удостоен со презвитерски чин. Потоа се повлече во една осамена, тивка пештера. Кај него додаѓаа Теодор и Теофан исповедниците заради заеднички богословски занимавања. Меѓутоа Ерусалимскиот патријарх Тома I, сакајќи да ги искористи даровите на блажениот Михаил за потребите на Црквата, го повика во Ерусалим и го произведе во сингел (Сингел – член на Патријаршискиот совет, кој ги водел работите на црковната управа. Сингелите обавувале разни повелби од патријарсите; биле непосредни сведоци на нивното живеење; секогаш биле поред нив; и по нивната смрт често станувале нивни наследници).
По некое време на блажениот Михаил му беше доверена важна мисија од страна на патријархот. Во тој период во Рим се беа распалиле живи препирки по повод на погрешното учење за исходењето на Светиот Дух (Filioque) и по иконоборечката ерес: се спорело не само приватно, по куќите, ами и јавно, по улиците на градот, што било пратено и со народни побуни. Римскиот папа со молба му се обрати на ерусалимскиот патријарх Тома за помош: да се искорени ереста, да се утврди православната вера според соборното светоотечко предание; притоа упати и неколку прашања во врска со тоа. По повод на оваа папина молба, за смирување на црквата и за изобличување на ереста, патријархот ерусалимски го испрати сингелот Михаил со неговите соработници Теодор, Теофан и други, да го молат царот иконоборец Лав Ерменинот да престане со гонењето на православието. Но Лав ги стави на маки и ги испрати на заточение. Подоцна, преподобниот Михаил беше ослободен од заточението. Но за време на царувањето на особено свирепиот иконоборец Теофил, преподобниот Михаил со соподвижниците беше повторно ставен на маки. Но преподобните и славни отци ни најмалку не се исплашија од маките, ниту се поколебаа, ами како тврди дијаманти му се противеа на барањата на иконоборецот и јуначки го бранеа православното учење. Многу пати тие водеа долготрајни разговори за православната вера и држеа говори против иконоборецот - цар, поради што беа осудени на прогонство.
Блажениот Михаил во почетокот беше затворен во дворската темница, заедно со својот ученик и соподвижник Јов, каде што темнуваше окован во тешки синџири. Потоа, со Јов беше прогонет во еден манастир, Парусијадски. За тоа време светиот исповедник проли многу горки солзи; страдањата му го нарушија здравјето и се погрбави; но во духот беше непоколебливо цврст. А кога по Тефил се зацари неговата сопруга, царицата Теодора со својот син Михаил и иконопочитувањето конечно беше утврдено, ревнителите за православното учење беа вратени од прогонство на своите поранешни должности. Царицата му го предложи на исповедникот на православната вера, сингелот Михаил, патријаршискиот престол во Цариград, откако беше отстранет иконоборецот Јован Граматик, но тој тоа го одби и за патријарх беше поставен познатиот поборник за православието, светиот Методиј. Преподобниот пак, Михаил беше поставен за старешина на најголемиот манастир во Цариград, Хора, и таму си најде одмор за душата по тешките исповеднички страдања. Остатокот од својот богоугоден живот го помина тука, и кога имаше осумдесет и пет години, мирно отиде кај Господ, за да го прими од Него венецот на исповедништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ФЛОР, епископ Амински
Светиот Флор живееше во времето на царевите Јустин, Тивериј и Маврикиј. Татко му исто така се викал Флор, а мајка му Ефимија; биле благородници и добил извонредно образование, и црковно и световно. Бил во служба на царскиот двор, удостоен со чинот патрициј. Се оженил и имал две деца. Кога му умрела жената, а по неа и децата од сипаници, длабоко ожалостен ја напушти службата на дворот, се замонаши и се предаде на монашки подвизи во манастирот во Анапла. Поради своите подвизи и доблести, беше хиротонисан за епископ на градот Аминс (Аминс или Амис - град во Кападокија, источна област на Мала Азија). Како добар пастир на своето стадо, тој мудро ја напасуваше својата паства со евангелска храна, чинеше многу чуда, а потоа отиде кај Господа.
НЕДЕЛА НА СВЕТИТЕ ОТЦИ ПРЕД ХРИСТОВОТО РАЃАЊЕ
Во деновите непосредно пред Раѓањето на Христос, нашиот Бог и Спас, во неделата која ќе се случи меѓу 18-ти и 24-ти декември, се врши спомен на старозаветните Свети Христови Отци по тело, на Отците од чие племе и род произлезе нашиот Господ Исус Христос по тело, преку Пресвета Богородица. Тоа се оние Христови праотци и отци, од Авраам преку Давид до Јосиф свршеникот и Пресветата Богомајка, чии имиња се наведени во Родословот на Господ Исус Христос кај Евангелистот Матеј (Матеј 1,1-17).
Но, во оваа недела како и во оние претходните, т.е. во неделата на Светите Праотци, се поменуваат и сите оние старозаветни Праведници кои живееле порано со вера во Месијата, Господ Исус Христос кој доаѓа, и кои затоа се спомнуваат во апостолот кој се чита во оваа недела на литургија (до Евреите 11, 9-40).
Особено пак, во оваа недела на Христовите Отци по тело, се спомнуваат и опејуваат светите Праотци и Патријарси Авраам, Исак и Јаков, како и Пророкот Даниил меѓу лавовите и Трите Младенци ви вавилонската печка. Заедно со сите нив, Православната Црква во овие претпразнични денови на доаѓањето на Христос во светот и Неговото човекољубиво овоплотување заради спасение на човекот и светот, ја призива сета твар да го слви Христовото раѓање: „Дојдете сите, Христовото раѓање верно да го празнуваме; гори и ридови играјте, пророци богогласни ликувајте, луѓе и народи ракоплескајте, зашто еве, близу дојде спасението и просветението на сите, оти се раѓа Христос од Дева во градот Витлеем“.
Тропарот пак на светите отци на Христос по тело, кој во оваа недела се пее на богослужењето, кажува за големите подвизи на верата на старозаветните праведни Отци, но во својот најголем дел е посветен на Пророк Даниил меѓу лавовите и на Тројцата Младенци во печката Вавилонска, кои во печката усвитена од огнени пламени, останале неповредени, откако биле посетени со росата на Духот и со присуство на Ангел Божји, што сѐ било праобраз на Христовото вселување во утробата на Светата Дева и раѓањето од Неа на Богочовекот, Кој со Своето Божество не ја согори Нејзината утроба, туку го зачува Нејзиното девство неповредено. Така, овој тропар гласи (глас 4): „Големи се делата на верата. Зашто на самиот извор на пламенот, како на некоја вода на одморот, светите Три Младенци се радуваа; а пророк Даниил се покажа како пастир на лавовите како на овци. По нивните молитви, Христе Боже, спаси ги душите наши“.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СЕВАСТИЈАН ПОШЕХОНСКИ
Основач и настојател е на Преображенскиот манастир на реката Сохота, близу до градот Пешехон, во Јарославската губернија. Живеел во петнаесеттиот век; се одликувал со високо добродетелен живот и трудољубие. Сакал често да им повторува на своите ученици: „Братија, трпете ги неволјите и бедите за да ги избегнете вечните маки“. Се упокоил во 1542 година. Неговите свети мошти почиваат во неговата обител.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЗАКХЕЈ ѓакон и АЛФЕЈ чтец
Се бореле и настрадале за Христос во Кесарија.
СПОМЕН НА СВЕТА СОФИЈА ЧУДОТВОРКА
Живеела свето и затоа чинела чуда.
СПОМЕН НА ОСВЕТУВАЊЕТО НА ХРАМОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
во Халкопратија во Цариград.