15. Јануари  (2. Јануари)

 

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ СИЛВЕСТЕР РИМСКИ

Светиот Силвестер е роден во стариот Рим и воспитан во светата вера. Негов учител во верата и науката беше благочестивиот презвитер Кирин. Во главниот град на светската империја тогаш доаѓаа многу странци, а младиот Силвестер со радост ги примаше во неговиот гостоприемен дом. Еднаш од Антиохија дојде во Рим епископот Тимотеј, човек свет и исповедник, за да им благовестува на јазичниците кои го сочинуваа мнозинството на градот. Тој му беше скапоцен гостин на Силвестер и остана во неговиот дом една година и неколку месеци. Евангелскиот проповедник успеа да придобие многумина од идолопоклониците кон Христа и Црквата, а младиот Силвестер доби многу духовна корист од неговиот свет живот и учење, и тој стана совршен во верата и доблестите. Но, градоначалникот на градот, Тарквиниј, беше заповедал да го фатат епископот Тимотеј и да го фрлат во темница, и долго време го држеа во окови. Три пати беше камшикуван и измачуван за да се одрече од христијанската вера, и да им принесе жртви на идолите. Но, кога се уверија дека тој е непоколеблив и цврст во верата Христова, заповеда Тарквиниј, и главата му беше отсечена со меч. Блажениот Силвестер, ноќта сам ги зеде неговите свети мошти и ги погреба во својот дом. Потоа, една жена христијанка по име Теонисија, со благослов на римскиот епископ Мелхиад, со свои средства изгради храм и го посвети на свети Тимотеј, во кој беа пренесени неговите свети мошти.

Свирепиот епарх на градот, Тарквиниј, го повика Силвестер и бараше од него имот што божем останал по епископот Тимотеј, и го присилуваше и тој да им принесе жртви на боговите. Кога виде дека тој нема таква намера, започна да го заплашува со мачење и смрт ако не го послуша. Тогаш свети Силвестер провиде дека користољубивиот и жесток управник наскоро ќе умре од ненадејна смрт, па му одговори со евангелските зборови од приказната за безумниот богаташ: „Ноќеска ќе ти ја побараат душата твоја“ (Лука 12, 20), и му нагласи дека неговите закани кон него нема да се исполнат. Самонадежниот Тарквиниј нареди веднаш да го стават Силвестер во темница и да го оковаат во синџири. А тој седна да руча. И кога јадеше риба, една коска од рибата му застана во грлото, која никако не можеше да се извади и околу полноќ тој почина. Утредента роднините со плач го погребаа епархот, а пак христијаните со радост го извадија Силвестер од затворот. Него многу го почитуваа не само христијаните туку и нехристијаните. Многу од слугите на епархот кога видоа дека се исполни Силвестеровото пророштвото, се уплашија и припаднаа пред неговите нозе и се плашеа и ним да не им се случи некое зло како на нивниот господар, а други убедени со ова чудо поверуваа во Христа.

Кога наполни триесет години Силвестер беше ракоположен за ѓакон од папата Мелхиад, а по неговата смрт беше избран за епископ на Рим и стана триесет и петти папа. Додека тој беше папа (314-335), беа спроведени најважните реформи од страна на царот Константин Велики (306-337). Беше прекинато гонењето на христијанството, и ѝ беше вратен спокојот на Црквата. Преку своите пратеници Осиј Кордубијски и двајца презвитери, свети Силвестер ги потпиша актите на Првиот Вселенски Собор во Никеја во 325 година. Тој ги преименува имињата на деновите од седмицата. Првиот ден кој ние го нарекуваме недела, Римјаните го нарекувале „ден на сонцето“ и тогаш беше преименуван во ден посветен на Господа Бога, бидејќи во недела Господ Исус Христос воскресна од мртвите. А останатите денови ги нарекувале: ден на Месечината, ден на Марс, ден на Меркур, ден на Јупитер, ден на Венера, ден на Сатурн. На светителот му беа одвратни нечестивите имиња на незнабожечките богови и затоа заповеда првиот ден да се вика ден Господов, зашто во тој ден нашиот Господ славно воскресна од мртвите, а останатите денови онака како што денес ги нарекуваме.

Го одреди и ова: Христијаните да постат само во онаа сабота, во која Христос умре и слезе во адот за да го изведе од таму праотецот Адам со праотците, а во останатите саботи забрани да се пости.

Во тоа време имаше во Рим една голема змија која живееше во една длабока пештера под гората, викана Тарпеј. На таа змија незнабошците секој месец ѝ принесуваа жртви како на бог. Кога и да излезеше од пештерата, секогаш го затрујуваше воздухот со својот отровен здив, и тогаш настануваа многу смртни случаи меѓу луѓето што живееја во близина, посебно меѓу децата.

Свети Силвестер сакаше да ги избави луѓето од таа напаст, и од безбожието да ги приведе кон вистинскиот Бог. Затоа ги повика христијаните што живееја во градот и им наложи тридневен пост и молита, а самиот предничеше во постот и молитвата. И една ноќ му се јави во видение светиот апостол Петар и му нареди да земе со себе некои свештеници и ѓакони, и без страв да отиде во пештерата каде што живее змијата. На влезот да отслужи света служба, и потоа да влезе внатре, и да го повика името на Исуса Христа. Светителот постапи по наредбата на апостолот; по светата служба влезе во пештерата и најде некоја врата, па ја затвори говорејќи: „Нека не се отвори оваа врата до денот на второто доаѓање Христово!“ Незнабошците мислеа дека змијата ќе го изеде светителот и неговите свештеници, но кога видоа дека излезе неповреден останаа восхитени. Откако направи така, змијата никогаш повеќе не излезе од пештерата, а многумина, препознавајќи ја во тоа силата на вистинскиот Бог, се обратија во верата.

Во времето кога царуваше, Константин Велики, сѐ уште не беше просветен со светото крштение, а беше заминал од Рим во борба против Ликиниј. За време на неговото отсуство од Рим, настана гонење на христијаните од страна на римскиот Сенат. Ги присилуваа христијаните да им принесуваат жртви на боговите, а кога тие одбиваа ги подложуваа на разноразни измачувања. Поради тоа свети Силвестер го зеде својот клир, излезе од градот и се сокри во гората викана Сорактес. Откако Константин го победи Ликиниј, издаде заповед (едикт) да престанат гонењата и никој повеќе да не хули на Христа, и да не ги злоставува христијаните. И во својот царски дом тој подигна храм во име на Спасителот Христос. И заповеда слободно да се крстат сите кои сакаат да бидат христијани, а бела облека за крштение да земаат од царската ризница. Во тоа време се крстија многу луѓе; и од ден во ден растеше и се зголемуваше Црквата Христова, а идолопоклонството опаѓаше. Настана голема радост меѓу христијаните, зашто ги имаше толку многу во Рим, и сакаа да ги протераат од градот сите кои не сакаа да бидат христијани. Но, царот му се закани на народот, велејќи: „Нашиот Бог не сака никој да Му пристапува присилно и под принуда, туку ако некој доброволно и благонамерно Му пристапува Нему, тој Му е по волјата, и Он милостиво го прима. Затоа секој нека верува слободно како сака, и нека не се гонат едни со други“. На таквата наредба од царот луѓето многу се радуваа, зашто им допушти на сите слободно да живеат, секој во својата вера и по својата слободна волја.

Кај христијаните настана радост не само во Рим, туку и по целиот свет: зашто секаде ги пуштаа од темниците и оковите христијаните, мачени за Христа; се враќаа од прогонство исповедниците Христови; слободно се вратија во домовите оние што од страв се криеја по горите и пустините; и насекаде замолкна гонењето и мачењата престанаа.

Но, ѓаволот не можејќи да гледа како се шири црковниот мир и светлината на верата, ги поттикна Евреите да отидат кај славната Елена, мајката царева, која тогаш се наоѓаше во својата татковина Витинија, и започнаа да  зборуваат: „Добро направи царот што го остави безбожието и ги сруши идолските храмови, но направи зло што поверува во Исус и го почитува како Божји Син и вистински Бог. А, Исус бил човек, Евреин и магесник и ги лажел луѓето. Него, Пилат, како злосторник го мачел и распнал на крст. А тоа што царот оздраве, тоа не е со силата Исусова, туку по благодатта на Бога кој го створил небото и земјата. Затоа треба, царице, да го одвратиш својот син од таквата заблуда за Севишниот да не се разгневи на царот и да не се случи некое зло“.

Кога го слушна тоа Елена веднаш му напиша писмо на својот син за тоа. Тој ѝ возврати, повикувајќи ги оние што така зборуваат да дојдат со неа во Рим и пред сите да се расправа за верата со христијанските епископи, па чија страна ќе победи, нејзината вера ќе биде подобра.

Царицата им соопшти на Евреите за наредбата на царот. Веднаш се собраа многу мудри Евреи и заедно со царицата допатуваа во Рим. Меѓу нив беше и еден многу мудар равин по име Замвриј, кој не само што беше многу учен туку беше и преголем магесник. На него Евреите ја полагаа целата своја надеж: ако не ги победи христијаните со зборови ќе ги надвладее со магиските чудеса.

Кога дојде денот за расправата меѓу христијаните и Евреите, седна царот на својот престол со целиот Сенат. И излезе пред царот свети Силвестер со мала дружина: неколку епископи кои во тоа време се затекнаа во Рим. Влегоа во салата и Евреите, на број сто и дваесет.

И започна расправата која сакаше да ја слушне и царицата и затоа седна зад завесата. А царот и Сенатот требаше да пресудат за тоа што ќе зборуваат двете страни. Во целата расправа победата ја однесе свети Силвестер со своите епископи и целиот сенат го пофали светителот, а Евреите не беа во состојба да кажат ништо против Силвестер.

Тогаш, магесникот Замвриј му рече на царот: „Иако Силвестер нѐ надвладеа со своите зборови, бидејќи е богат во зборови и вешт во разговор, сепак ние нема да отстапиме од својот отечки закон, ниту ќе појдеме по човекот кого отците наши сите сложно го предадоа на смрт. А, дека е еднствен Бог, оној кого ние го почитуваме, и дека не постои друг, јас сум готов да го покажам тоа, не со зборови како Силвестер, туку на дело. Само ти царе нареди да доведат овде голем и лут бик и веднаш твоето царство и сите присутни ќе дознаат дека нема друг Бог освен нашиот Бог“.

За времето додека требаше да се доведе бикот, царот го праша Замвриј зошто бара бик и што ќе му прави? Замвриј рече: „Сакам да ја покажам силата на името на нашиот Бог, кое кога ќе му го шепнам на увото на бикот, тој веднаш ќе падне мртов. Зашто смртната природа не може да го поднесе името Божјо, нити може да остане жив оној кој ќе го слушне тоа име“. Силвестер му одговори: „Ако тоа име ги убива сите што ќе го слушнат, тогаш како си го научил ти?“ „Ти не треба да ја знаеш таа тајна, зашто си наш непријател“, му рече Замвриј. На тоа царот му рече: „Ако не сакаш таа тајна да му ја откриеш на епископот, тогаш кажи ни ја нам“. Замвриј одговори: „Ни кожа, ни хартија, ни камен, ни дрво, ништо не може да го држи тоа име на себе ако се напише, зашто веднаш ќе погине и оној кој пишува и она на што се пишува“. А царот му рече: „Кажи ни како ти сам си се научил на тоа име? Зашто е невозможно да се дознае ако не се изговара и не се пишува“. Замвриј одговори: „Јас седум дена постев, о царе; потоа во нов сребрен сад налеав чиста вода од изворот и се молев. Тогаш невидлив прст испиша по водата зборови кои ме научија на името Божјо“. На тоа, мудриот Силвестер рече: „Ако така си го научил тоа име тогаш што се случува кога му го изговараш некому на уво, го слушаш ли и сам како оној на кого го кажуваш, и како, кога го слушаш тоа име и самиот ти не умреш?“ Магесникот одговори: „Tи реков дека не треба да ја знаеш оваа тајна, зашто си наш непријател. Но, не се потребни зборови кога на дело треба да се покаже она што се зборува!“

Штом беше доведен бикот, Замвриј му пријде, му шепна нешто на увото и бикот рикна страшно, се затресе, и падна мртов. Присутните многу се восхитија на тоа, а Евреите ракоплескаа викајќи: „Победивме! Победивме!“

Свети Силвестер го замоли царот да нареди да се стишат. А кога настана тишина му рече:

„Ако Замвриј со името Божјо го усмрти бикот, тогаш со истото тоа име нека го воскресне. Зашто Бог е добротвор, а не злотвор; и во неговата природа е да прави добро, а не зло. Неговата волја е насекаде добра и на секаде сака да прави добро. Кога Замвриј лесно го направи тоа што Божјата природа не го сака, дотолку е полесно да го направи она што е за Бога природно: Нека го оживее волот со она исто име Божјо, со кое го усмрти, и јас ќе се согласам со неговата вера“. А Замвриј му рече на царот: „Царе, Силвестер сѐ уште сака да се препира со зборови, но тие не се потребни кога се случи вакво чудесно дело“. И му рече на Силвестер: „Ако имаш, о епископе, некаква сила, тогаш направи и ти некое чудо со името на твојот Исус“. Епископот одговори: „Ако сакаш, јас ќе ти ја покажам силата на мојот Христос, кога со призивање на неговото име ќе воскресне бикот кого ти го уби“. Замвриј рече: „Напразно се фали Силвестер, невозможно е бикот да оживее“. Тогаш царот му рече на Замвриј: „Значи, ако епископот го направи тоа што ти го нарекуваш невозможно, дали тогаш ќе поверуваш во неговиот Бог?“ Замвриј одговори: „Навистина, ти се колнам царе, дека ако го видам бикот воскреснат ќе го признам Христа Бога и ќе ја примам верата на Силвестер“. Истото го рекоа и останатите Евреи.

Тогаш епископот клекна и сесрдно со солзи се помоли на Бога. Потоа стана, ги крена рацете кон небото и говореше громко, да чујат сите:

- Господи Исусе Христе, Сине Божји и Боже, Тебе ти е лесно да усмртуваш и да оживуваш, да рануваш и исцелуваш, благоволи со призивањето на твоето пресвето и животворно име да оживее бикот, кого Замвриј го усмрти со призивање на ѓаволот, зашто е време да се јават твоите чудеса заради спасение на многумина. Услиши ме, мене, слугата твој и во овој час да се прослави пресветото име твое! "Тогаш му пријде на бикот и громко рече: „Ако Исус Христос, родениот од Дева Марија, кого јас го проповедам, е вистинскиот Бог, стани и застани на своите нозе и биди кроток!” Штом го рече тоа светителот, бикот веднаш оживе и стана, и беше кроток. Тој му рече: „Оди од каде што си дошол, и немој никому да наштетиш, туку биди кроток, така ти наредува нашиот Бог Исус Христос!” И си отиде бикот многу кроток, иако пред тоа беше нескротлив и див. Кога го видоа тоа, сите како од една уста повикаа: „Голем е Богот кого Силвестер го проповеда!” А Евреите со Замвриј му притрчаа на светителот, започнаа да му ги целиваат нозете, и го молеа да се помоли на Бога за нив и да ги прими во Христијанската вера. Тогаш, и блажена Елена ја тргна завесата зад која седеше и, гледајќи што се случува, излезе и падна пред нозете на светителот, и замоли да ја удостои на свето крштение. Во тој ден беа крстени заедно со неа и Евреите со Замвриј, и многу луѓе му пристапија на Бога и се присоеднија кон Христовата Црква.

После тоа свети Силвестер ја бранеше православната вера од аријанската ерес и испрати свои претставници на првиот Вселенски Собор во Никеја.

Со зборови и дела тој ги надградуваше своите духовни чеда. Ја зацврсти дисциплината на клириците, и строго им забрани да се занимаваат со трговија. По многу плодоносни трудови, со коишто успеа да привлече многумина јазичници и Евреи во Христовата вера, свети Силвестер, во длабока старост, блажено се упокои во Господа, во 335 година. Беше епископ дваесет и три години и девет месеци. Неговите свети мошти почиваат во гробишната црква што самиот тој ја изгради врз катакомбата „Света Прискила“ и неговата гробница е една од најстарите гробници во „Вечниот град“ Рим. А сега во бесконечниот живот со Ангелите го прославува Оца и Сина и Светиот Дух, Еден во Троица Бога, кому и од нас нека Му е слава за навек, амин.

ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ СЕРАФИМ САРОВСКИ

Восхитувачкиот Саровски чудотворец, преподобниот старец Серафим, им припаѓа на најпрекрасните врвови на многуликата руска светост. Тој нѐ потсетува на древните подвижници на Египетската пустина. Овој голем подвижник на деветнаесеттиот век се роди на 19 јули 1759 година во градот Курск, кој уште во единаесеттиот век ѝ го подари на светата Руска црква преподобниот Теодосиј Киево-Печерски, еден од основачите на руското монаштво. Потекнува од благочестиви и имотни родители Исидор и Агатја Мошнин. Неговиот татко беше трговец, човек многу сесрден кон Божјите храмови, а пак неговата мајка, беше почитувана повеќе од својот сопруг, заради својата побожност и добротворство. Како нивен втор син, тој го доби името Прохор. Во својата трета година, Прохор го изгуби својот татко, и негова единствена воспитувачка остана неговата мајка Агатја. Под нејзино раководство тој израсна во христијанска побожност и во љубов кон молитвата во храмот Божји.

Надарен со физичка сила, убав изглед, бистар ум, ангелска кроткост и големо смирение, малиот син на Мошнини уште од своето најрано детство во многумина влеваше увереност дека е определен од Бога за големи дела. Тоа длабоко убедување уште повеќе се засили при двете чуда преку кои малиот Прохор на чудесен начин беше спасен од сигурна смрт. Кога имаше седум години, тој падна од врвот на високата камбанарија на Сергиевиот храм. Мајка му веднаш потрча долу и не се надеваше дека сина си ќе го најде жив. Меѓутоа, какво беше нејзиното вчудовидување и нејзината радост кога виде дека Прохор стои на земјата здрав и неповреден. Господ очигледно го сочува Својот избраник и дури сакаше да им го покаже на луѓето Своето посебно промислување за него.

Во својата десетта година Прохор започна да учи писменост и бргу го сфаќаше црковното писмо, обелоденувајќи светол ум и помнење, и во исто време се украсуваше себе си со кроткост и смирение. Но одненадеж, тој тешко се разболе, а надеж за негово оздравување скоро и да немаше. Во тие тешки мигови на своето страдање, му се јави на сон Пресвета Богородица и му вети дека ќе го посети и ќе го исцели од болеста. Својот сон Прохор ѝ го раскажа на својата мајка и таа со длабока вера почна да го очекува неговото исполнување, односно оздравувањето на својот син. Таа вера набргу беше оправдана.

Во тоа време низ градот Курск во литија се носеше чудотворната икона „Значењето на Мајката Божја“, позната под името Коренска. Поради дождот кој наеднаш почна да паѓа и калта што се создаде, беше скратен патот, и Литијата се упати низ дворот на Мошнини. Благочестивата Агатја поита, го изнесе својот тешко болен син и го принесе кон чудотворната икона на Богомајката. После тоа, малиот Прохор потполно оздраве. Така Мајката Божја го исполни своето ветување што му го даде на малиот Прохор во сонот.

Еден праведен старец кој што го носеше тешкиот и за многумина непознат подвиг на „јуродив ради Христа“, многу се приврза кон чудното момче, и ѝ прорече на неговата мајка Агатја, којашто многу рано остана вдовица: „Блажена си ти, што имаш такво дете, кое еден ден ќе стане силен застапник пред Пресвета Троица, и топол молитвеник за целиот свет!“

Затоа и рано пројавените стремежи кон духовниот живот, не ја изненадија ниту пак ја збунија неговата благочестива мајка, која постојано му благодареше на Бога за сѐ. Побожното дете многу грижливо се трудеше во учењето, додека го изучуваше Светото Писмо и другите божествени и душекорисни книги и целиот свој ум го насочуваше кон Бога, кон Кого пламтеше во љубов неговата чиста душа. Неговиот постар брат, кој се занимаваше со трговија започна да го поучува на таа работа. Но, тоа не му лежеше на срце на Прохор; неговата душа чезнееше да стекне нетрулежно и непотрошливо богатство. Немајќи можност во работните денови да ја посетува божествената литургија, Прохор не пропушташе речиси ниту еден ден, а рано наутро да не отиде во храмот Божји на утрената. А пак во недела и на празниците тој посебно сакаше да чита духовно поучни книги.

Кога донесе одлука да му се посвети на монашкиот живот, тој засекогаш се прости со своето семејство. Посебно е впечатлива неговата разделба со мајка си. Прохор ѝ пријде, ѝ се поклони и побара благослов од неа. Облевајќи го со солзи, Мошњина го доведе пред иконата на Спасителот и на Богомајката да им се поклони. Таа, како ним да им ја препушташе грижата за својот син, за своето богатство. Тогаш го благослови своето седумнаесетгодишно чедо со еден бакарен крст. Тој крст, отец Серафим секогаш го носеше на своите гради над облеката и никогаш не се одделуваше од него имајќи го како најдрагоцен дар. Со него и се упокои.

Пред да се упати кон Саровската пустина, Прохор отиде да се поклони на прочуените Киево-Печерски светињи и да го добие благословот и поуките на тамошните познати старци. Таму најсилен впечаток на неговата душа остави средбата со проѕорливиот схимонах Доситеј, којшто се подвизуваше како доброволен затворник, за кого со сигурност се тврди дека бил жена, која се сокрила од тешките гонења на овој чуден начин што не е единствен во житијата на древните Божји угодници.

Проѕирајќи го во младото момче идниот голем подвижник, и дознавајќи за неговата намера да оди во Саров, старецот го благослови, и му рече: - Оди чедо мое, и престојувај таму! Со Божја помош тоа место ќе ти биде за спасение; со Божја помош, ти таму ќе го завршиш овоземниот пат. Светиот Дух, Ризницата на доброто, ќе го раководи твојот живот во светињата. Труди се само да придобиеш непрестајна мисла за Бога, и постојано призивај го Божјото име: - Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот! Во тоа да се сосредочи целото твое внимание и поучување, на секое место оваа непрестајна молитва да биде во твојата уста и твоето срце.Преку неа ќе го најдеш спокојот, ќе придобиеш духовна и телесна чистота и во тебе ќе се всели Светиот Дух, изворот на сите блага.

На 20 ноември 1778 година токму во предвечерието на Воведение Богородично деветнаесетгодишниот Прохор Мошнин го пречекори прагот на Саровското свето братство за да остане таму цели 54 години... Во првите шеснаесет години од својот живот поминат во манастирот, тој пред очи го имаше примерот и подвизите на мнозина саровски светилници, како што се игумените Исаија, Ефрем и Пахомиј, отшелниците Назариј, Доротеј, Марко и Александар. Беше почестен за игумен да го има својот сограѓанин, јеромонахот Пахомиј и за свој старец јеромонахот Јосиф. Осум години младиот Прохор беше послушаник. Освен задолженијата што ги имаше во својата ќелија тој работеше и во фурната, правеше просфори, се занимаваше со дрводелие, а извесно време беше ѕвонар и клисар. Беше беспрекорен во утринското и вечерното правило, и со радост и од сѐ срце ги исполнуваше сите задачи што му беа давани. Постојано работеше, чувајќи се од мрзоволието, како најтешко искушение за секој монах, и што и да правеше, целото негово битие беше обземено од постојана молитва и благодатно соѕерцание. Восхитувачко беше неговото воздржание од храната и од сонот. Во среда и петок не јадеше ништо, а во другите денови само еднаш дневно. Колку повеќе напредуваше во добродетелите толку се засилуваше и неговиот духовен глад за нови подвизи. Неговата брза подвижничка зрелост особено почна да зрачи уште во втората година од неговото послушание.

Во 1780 година тој тешко се разболе од водена болест и страдаше цели три години. И за целото тоа време од неговата уста не излезе ниту еден збор на роптање; Прохор целиот себе си, и душата и телото ги беше предал на Господа, и непрестано се молеше, и со своите солзи ја натопуваше постелата. Неговиот духовен отец и старец Јосиф му служеше преку целото време на болеста како обичен послушаник; настојателот на обителта, старецот Пахомиј не се одделуваше од него; и старецот Исаија и сите други старци и браќа многу се грижеа околу него; Старците Пахомиј и Јосиф негуваа посебна љубов и доверба кон него, како кон свое родено дете, и многу го молеа да повикаат лекар, но тој, наместо лекар, својот игумен Пахомиј го замоли да го исповеда и причести со светите Тајни.

Тогаш старец Јосиф отслужи сеноќно бдение и литургија; на богослужбата се собраа сите браќа да се помолат за страдалникот. По литургијата Прохор на својата болничка постела се исповеда и причести. И, по причеста, во неискажлива светлост му се јави Пресвета Дева Марија, придружена од светите апостоли Петар и Јован Богослов. Свртувајќи се со својот божествен лик кон Богословот, Таа, покажувајќи со прстот кон Прохор рече: „Овој е од нашиот род“. Потоа ја стави десната рака врз главата на Прохор, и во тој час течноста која го исполнуваше неговото тело, започна да тече низ отворот што се направи во десната слабина. Наскоро сите беа изненадени од неговото потполно оздравување. На тоа место му остана белег за да го потсетува во текот на целиот негов живот за ова прекрасно посетување на Богомајката. Оваа небесна милост уште повеќе ја засили суровоста на неговите подвизи и ја зголеми довербата на неговите духовни раководители. Тие му даваа задачи и надвор од манастирот.

На местото на јавувањето на Богомајката, по посебна промисла Божја, беше изградена двокатна црква со два престола, а покрај неа, на местото на срушената ќелија на Прохор - болница. По налог на настојателот, тој одеше по блиските градови за да собира помош за изградбата на двокатната црква и болницата. Исполнувајќи ја оваа задача, послушаникот Прохор отиде и во својот роден град Курск. Таму се поклони на гробовите на своите родители, зашто веќе и неговата мајка Агатја беше почината, а од брата си Алексиј доби скромен дар за болницата и црквата при неа.

На 18 август 1786 година, игуменот Пахомиј го замонаши дваесет и седумгодишниот Прохор и го украси со ангелското име Серафим, а по неколку месеци тој беше ракоположен за јероѓакон. Како таков Серафим служеше околу шест години секој ден, а потоа беше произведен во јеромонашки чин. Новиот презвитер служеше света Литургија секој ден во продолжение на повеќе од една година. Оваа ревност на додатни манастирски служби и тешкото ќелијно правило се одразија на неговото здравје. Нозете почнаа да му отекуваат и му се покрија со отворени рани. Тоа ги забрза неговите намери да започне пустиножителски подвиг кон којшто отсекогаш чувствувуваше особена наклонетост. Тешката претсмртна болест на неговиот игумен Пахомиј го задржа во манастирот, бидејќи тој се грижеше за него. Мислата за тоа кој ќе се грижи за Дивеевскиот манастир по неговата смрт, силно го притискаше старец Пахомиј. Тоа го забележа неговиот верен ученик и му вети дека тој ќе се грижи за дивеевските сестри. Тоа ветување го успокои срцето на старецот и тој се упокои во мирен сон на праведник.

Најпосле, по смртта на игуменот Пахомиј, а со благослов на новиот игумен Исаија, свети Серафим на 29 ноември 1794 година, на истиот датум на кој што пред 16 години стапи во манастирот - влезе во отшелничката колиба, која што се наоѓаше на шест километри од Саровската лавра. Колибата се состоеше од една дрвена соба со печка и покрај неа преподобниот си направи мала градина и пчеларник. Беше облечен малку невообичаено: наместо црна монашка облека тој носеше бела, а на главата стара капа; на градите над облеката го носеше крстот од мајка си, а под облеката уште неколку железни крстови кои тежеа околу осум килограми, а на грбот торба со камења и Евангелие. Беше препашан со железен појас. Преку зимата сечеше дрва во гората за својата печка, а преку летото ја обработуваше зеленчуковата градина од која се прехрануваше... Тоа беше таканаречената „далечна пустинка“ на отшелникот.

Ритчето на кое се насели отец Серафим беше опкружено со многу ридови, а од едната страна претставуваше стрмнина. Недалеку од него живееја во осаменост и други саровски пустиножители. Целата околина беше со шума, грмушки и пустински ќелии и затоа свети Серафим своето ново место го нарече „Света Гора“. На околните места подвижникот, заради поживо претставување на настаните од земниот живот на Спасителот, им даде имиња на свети места од Палестина. Таму беа: светиот град Ерусалим, Назарет, Витлеем, Јордан, Тавор, Голгота, Елеонската гора, и така натаму. Неговата „далечна пустинка“ и неговата ќелија, станаа сведоци на подвизи, тешки и разновидни, кои детално Му се познати само на Господа. Тие останаа тајна на пустиникот со огромно смирение во срцето.

Меѓутоа, многумина кои започнаа да го посетуваат поради духовна поука и утеха го нарушуваа безмолвието, осаменото молитвено молчание на блажениот пустиник. Тој умееше да ги познава и разликува луѓето, па од некои се оградуваше и се држеше со молчание, а на оние пак на коишто навистина им беше потребна помош тој со задоволство ги примаше и со љубов ги раководеше со своите совети, поуки и духовни разговори. Но сепак, му беше тешко од посетителите зашто му го нарушуваа безмолвието. Посебно му беше тешко кога кај него доаѓаа жени; но, да не им даде поука не можеше, оти таквата постапка ја сметаше за недрага на Господа. Затоа како што на Света Гора е забранет пристапот на жените тој реши и тука да ја прошири оваа забрана. Како доказ за согласноста на Бога за ваквата негова одлука, на негова молба Бог ги налегна гранките од дрвјата по патеката по која одеше преподобниот.

Додека ги гледаше ваквите подвизи на великиот старец, исконскиот враг на човечкиот род се наоружуваше против него со разноразни искушенија и замки. Му приредуваше разни стравотии на подвижникот: час како диви ѕверови му завиваа пред вратата, час како многу луѓе му ја разбиваа вратата, фрлаа дрвја по него, час пред него наеднаш се појавуваа отворени гробови и на тоа слични работи. Сите тие страшни виденија, ужаси и искушенија, понекогаш следени и со телесни страдања, ги надвладуваше благодатниот старец со сесрдна и искрена молитва и со силата на чесниот и животворен Крст Господов.

Од пустинскиот живот тој премина кон повисок молитвен подвиг, кон вистинското столпништво, кога илјада денови и ноќи стоеше исправен или на колена врз еден гранитен камен насреде гората со кренати раце кон небото и со молитвата на митарот во устата: „Боже биди милостив кон мене грешниот!“ (Лука 18, 13), На овој подвиг што е над човечките сили, тој додаваше сѐ повеќе аскетски трудови. Светиот старец со смирение велеше: „Свети Симеон Столпник стоел на столб четириесет години; та зарем моите трудови се слични на неговиот подвиг?“ А кога беше запрашан дека најверојатно ја чувствувал помошта на благодатта која го крепела, тој одговори: „Да, инаку човечките сили не би биле доволни... Се крепев и тешев внатрешно со тој небесен дар, кој слегува одозгора, од Отецот на светлината. Потоа замолча на кратко, па додаде: „Кога во срцето има умиление, тогаш Бог е со вас.”

Посрамен, ѓаволот започна да плете нови замки кон светиот старец за да го оддалечи од пустината. Тој испрати на него зли луѓе. Тие го пресретнаа преподобниот во шумата и започнаа да бараат од него пари, кои божем ги добивал од посетителите. Старецот им одговори дека тој од никого не добива никакви пари. Но, тие не му поверуваа и започнаа бездушно да го тепаат. Еден од злосторниците, ја дофати секирата, и така силно го удри старецот по главата, со тапиот дел од неа, што веднаш му бликна крв од устата и ушите, и тој падна онесвестен. Злосторниците продолжија жестоко да го удираат со раце и нозе, со дрвја и со сѐ што ќе дофатеа. Најпосле, забележаа дека тој не дише и мислејќи дека е мртов, му ги врзаа рацете и нозете, со намера да го фрлат во реката за да го сокријат својот злостор и веднаш полетаа кон неговата ќелија по замислениот плен. Испретурија и испокршија сѐ во ќелијата, но не најдоа ништо освен свети икони и неколку компири. Тогаш ги обзеде страв и каење, што без никаква корист за себе, го убија светиот сиромашен човек Божји, па се здадоа во бегство. Меѓутоа, преподобниот Серафим се освести, некако успеа да се одврзе, се помоли на Бога да им прости на неговите убијци и со мака се довлечка до својата ќелија, каде ноќта ја помина во страшни болки.

Утредента, со најголеми маки успеа да се довлече до манастирот и дојде за време на светата литургија. Неговиот изглед беше страшен: косата наквасена од крв, замрсена и полна со кал и прашина; лицето и рацете преполни со рани; ушите и устата со засушена крв; неколку извадени заби. На прашањата од запрепастените браќа старецот молчеше. Само замоли да го повикаат настојателот, старецот Исаија, и манастирскиот духовник и ним им раскажа сѐ што му се случи. Тој беше принуден да остане во манастирот. Лежеше во неподносливи маки одвај жив, и не примаше никаква храна. Така помина светиот, осум дена. Тогаш, исплашени за неговиот живот старците повикаа лекари. Кога го прегледаа лекарите најдоа дека целата глава му е разбиена, ребрата искршени, градите изгазени и целото тело покриено со смртоносни рани, па се восхитуваа и чудеа како воопшто останал жив. Тогаш преподобниот се занесе на кратко и заспа со лесен и спокоен сон. Во сонот виде прекрасно видение, слично на она кога беше тешко болен. Му пријде Пресвета Богородица, во царски порфир, опкружена со небесна слава; по неа апостолите Петар и Јован Богослов. Пресветата Дева им се обрати на лекарите кои стоеја на страна и им рече: „Што се мачите?“ Потоа повторно го сврте лицето кон отец Серафим и изговори: „Овој е од мојот род!“

Тогаш, престана ова видение за кое присутните не ни насетија. Тој ден, светиот старец се смири, болките попуштија и полека започна да заздравува. По кратко време стана од постелата и повторно започна да им се предава на духовните подвизи. Во манастирот остана пет месеци. Болеста го направи подгрбавен за цел живот. Откако закрепна отец Исаија го благослови, и светиот повторно се врати во својата пустинска ќелија.

Наскоро беа пронајдени разбојниците што го претепаа. Свети Серафим им прости со љубов и на негова молба не беа казнети, но Бог ги казни за тоа што го претепаа Неговиот угодник: наскоро, силен пожар целосно ги изгоре нивните домови и тие со солзи го молеа светиот старец да им прости и да се моли за нив. И со негов благослов тие се вратија на патот на доблесниот живот.

За своите високи подвизи и богоугодниот живот, преподобниот се удостои од Бога со благодатниот дар на проникливоста. По смртта на својот втор игумен, старецот Исаија, тој пристапи кон безмолвието, и три години не проговори ниту збор. А кога манастирскиот собор на новиот игумен Нифонт му даде за задача да се врати во Саровскиот манастир, тој на 8 мај 1810 година, по петнаесет години, на педесетгодишна возраст се врати во манастирот, и се појави на сеноќното бдение во храмот на Пресвета Богородица. Утредента тој дојде на рана Литургија во болничката црква, се причести со Светите Тајни Христови, зеде благослов од богобојазливиот игумен Нифонт и се врати во својата претходна манастирска ќелија за уште потешкиот подвиг на доброволното затвореништво. Овде не пушташе никого, и не зборуваше со никого, и имаше само икона на Пресвета Богородица пред која постојано гореше кандило. Молитвените правила на отец Серафим во затворот беа многу тешки. Во текот на една недела тој целосно го читаше Новиот Завет. И, беше вознесен на небесата слично како светиот апостол Павле, светиот Андреј Јуродивиот и преподобниот Варсонуфиј кои беа вознесени до третото небо. За тоа тој му раскажал на послушникот Јован Тихонов, покасно јеромонах Јоасав.

„Радост моја! - му рекол тој - многу живеалишта има во домот на Отецот за оние што му служат и го прославуваат неговото име. Јас посакав да ги видам и Господ ми ја исполни молбата; и бев вознесен во небесното живеалиште, само не знам дали со тело или без, Бог знае, а за радоста и сладоста што таму ја осетив невозможно е да ти опишам! Кога би знаел ти каква радост ја очекува душата на праведникот на небото, веднаш би се решил во овој привремен живот со благодарност да ги поднесуваш сите маки и страдања на овој свет!“

Преку целото време поминато во затворништво, светиот, секоја недела и на празниците се причестуваше со светите Тајни Христови, кои му ги носеа од болничката црква во ќелијата после раната литургија. А, за да не заборави никогаш на смртниот час и за појасно и понепосредно да го замислува, свети Серафим замоли да му направат мртовечки сандак од дабово дрво и да го стават во претсобјето на неговата ќелија. Во однос на тој сандак тој често зборуваше со саровските браќа, велејќи: „Кога ќе умрам, ве молам браќа, положете ме во овој сандак“.

Откако поминаа пет години во подвигот на затвореништво, тој ја отвори вратата на својата ќелија и секој можеше да доаѓа кај него, но не одговараше на прашањата туку го држеше својот завет на молчание.

Но, настапи часот кога преподобниот го остави својот подвиг на затвореништво и молчание. Со потполно самоодрекување, трпение, смирение и жива вера, минувајќи го патот на општожителниот монах, пустиник, столпник, молчалник и затвореник, тој стекна за себе огромна душевна чистота и се удостои од Бога на високи благодатни духовни дарови... И тогаш, по волја на Севишниот, тој мораше да го остави безмолвието, и да го продолжи целиот свој живот во Бога и за Бога, живот исполнет со највозвишено одрекување од светот, и да стапи во служење на тој ист свет - со својата љубов, богодадените дарови на учителство, проникливост, чудеса и исцелувања, со своето духовно раководство, со молитвата, утехата и советите. На тој начин, преподобен Серафим го започна превисокиот подвиг, неговото последно, најтешко служење на ближните, во подвигот на старештвото".

Цели четириесет и седум години се подготвуваше угодникот Божји за своето старечко служење, и веќе беше на шеесет и шест годишна возраст. Овој подвиг го почна со тоа што првин започна да зборува со посетителите и монасите. Монасите ги советуваше строго и ревносно да ги држат сите монашки правила: црковното богослужење да го вршат без пропуштање, по црковниот устав; постојано да присуствуваат на богослужбите во храмот; будно да го следат богослужението; непрестајно да се занимаваат со „умната“ молитва; со страв Божји да седнуваат на трпезата; со смирение да ги извршуваат своите послушанија; трпеливо да ги поднесуваат сите искушенија; да го чуваат меѓусебниот мир, итн.

После тоа, светиот старец започна да ги прима и мирјаните. Вратата на неговата ќелија беше отворена за сите. При исповед на посетителите, отец Серафим самиот ги набројуваше гревовите на оние што коленичеа пред него, пред тие да ја отворат својата уста и да изустат било што.

На 25 ноември 1825 година на денот на свети Климент Римски и Петар Александриски, му се јави во сон Мајката Божја и му разреши да го остави затвореништвото и да ја посетува „пустинката“. Тој ден преподобниот зеде благослов од игуменот и за прв пат откриено излезе во шумата.

Светиот старец многу често доаѓаше кај таканаречениот Богословски извор, кој се наоѓаше на два километри од манастирот и постоеше од дамнешни времиња. Тоа место многу му се допаѓаше на преподобниот. Изворот беше многу запуштен, но тој го уреди. Трогнувачко беше да се види како овој смирен, подзгрбавен старец се допира до мотиката или секирата и сече дрва или ја обработува својата градина, со бедната износена камилавка на главата, во старата долга бела мантија, со торбата на грбот во која се наоѓаше Евангелието, и бремето од камења и песок, заради умртвување на телото. На нозете имаше опинци, а во зима освен нив уште и кожени чизми. Само заради одење во црква, преподобниот имаше кожени обувки.

На прашањата зошто носи толкав товар, светиот старец одговараше со зборовите на свети Ефрем Сирин: „Го мачам оној, што мене ме мачи“.

Еден ден додека беше кај кладенецот тој ја виде Пресвета Богородица, а зад неа двајцата апостоли Петар и Јован Богослов. Мајката Божја удри со жезолот на земјата така што „од неа бликна извор на чиста вода“, и при тоа на отец Серафим му даде подробни упатства за Дивеевската општина. Тоа место каде што стоеја пречистите стапала на Небесната Царица и од каде што бликна изворот на чудотворната вода е одбележано за спомен на идните поколенија со копање на кладенец, кој е познат под името „Серафимов кладенец“. Неговата вода има својство никогаш да не се расипува, макар да стои и неколку години во затворен сад, ниту пак нејзините целебни својства до денес се намалиле. Многумина овде оздравуваат од каква болест и да боледуваат, полевајќи се од светата вода. „Јас се молев - му рече преподобниот Серафим на еден монах - водата на овој кладенец да биде исцелителна за болести... Мајката Божја вети дека ќе почива благословот на водата од изворот кој сама го изведе“.

На половина час пат од Саровскиот манастир и близу до чудотворниот „Серафимов извор“, кон крајот на својот живот преподобниот ја издигна својата „блиска пустинка“. Тука имаше нова мала дрвена ќелија, во без прозорци. Во неа имаше печка, а надвор додатен трем. Внатрешноста ѝ беше мошне проста и скромна; во десниот агол се наоѓаа свети икони со запалено кандило пред нив, а на столчето лежеа богослужбени книги. Целиот мебел ѝ се состоеше од една проста необоена маса и две столчиња. Ќелијата беше многу тесна, а меѓу ѕидот и вратата се наоѓаше мала икона со запалено кандило. Очигледно овде старецот осамнувал на бдение и молитва.

Ова ново место на подвиг на старецот, „блиската пустинка“, му го замени толку драгото шумско место - „далечната пустинка“, и стана сведок на прекрасните дела на саровскиот подвижник и на неговата дејствувачка љубов кон рускиот народ.

Бројот на посетителите на благодатниот старец нагло започна да се зголемува и бескрајната врвулица од посетители ја разнесе по цела Русија благодатната слава на Саровскиот старец, големиот наставник, светец и чудотворец на православната земја. Едни го очекуваа во манастирот, други му доаѓаа во пустината, желни да го видат и да добијат од него благослов и поука. Потресно беше да се види како светиот отец се враќа во својата пустинка, по светата Причест - во мантија, епитрахил и ракавици. Мноштво од народ се туркаше околу него и му го успоруваше одот. Но, во тие моменти, тој не зборуваше со никого, никому не даваше благослов и како да не забележуваше никого околу себе, одеше бавно, концентрирано, потопен во себе, полн со радост заради соединувањето со Христа и целиот беше занесен во размислување за благодатната сила на Светите Тајни.

Од тоа време во преподобниот отец Серафим, Бог им откри на верните навистина драгоцено и огромно богатство. Сите ги прегрнуваше со љубов, на сите им се поклонуваше до земја, ги благословуваше и им ги целиваше рацете. Никого не укоруваше сурово, нити строго изобличуваше. Секојдневно пред неговата ќелија во Саров имаше околу две илјади луѓе, а и повеќе. Нему тоа не му беше тешко, и наоѓаше време да поразговара со секого за душевна корист. Со неколку зборови му го објаснуваше на секого она што навистина му е најпотребно, честопати откривајќи ги и најсокриените помисли на посетителите.

Своите зборови, како и целиот свој живот и сите свои дела, благодатниот старец секаде ги засноваше на Светото Писмо, на списите на светите Отци и на поучните примери од животот на светителите, угодниците Божји.

Љубовта на благодатниот старец беше просто сеопфатна и безгранична. Изгледаше дека тој ги сака сите и секого посебно повеќе, отколку што го сака мајката синот единец. Немаше страдања, немаше неволји во ближните, а тој да не ги почувствува, и да не ги прими во душата своја, и да не најде соодветен лек за нив. Тој постојано на сите им се обраќаше со зборовите „Радост моја“, а себе си постојано се нарекуваше „бедниот Серафим“. Секојдневно ги служеше своите „сироти“ со парченце леб од петолебието, малку суварки, лажичка вино или голтка светена вода, и сите во секое време ги поздравуваше со „Христос воскресе“.

Кога ќе посакаше малку да се одмори од примањето голем број посетители и без сомнение да се предаде на осамена молитва отец Серафим одеше во „далечната пустинка“. Овде често беше забележуван како додека седи покрај својата ќелија, храни голема мечка, најверојатно истата што му доаѓаше уште во деновите од неговиот пустински живот.

Заради чистотата на душата, преподобниот доби од Бога дар на проникливост, и честопати на посетителите им ги откриваше најтајните чувства и најсокриените мисли, иако тие ги премолчуваа. Еве еден таков пример:

Во една прилика од љубопитност во Саров дојде генерал Л. Откако го разгледа манастирското здание тој сакаше да си замине без духовна поука. Но, случајно го сретна спахијата А. Н. Прокудин кој се расприкажа со него и започна да го наговара да сврати кај старец Серафим. Надуениот генерал на почетокот одбиваше, но по упорното настојување на спахијата се согласи. Штом стапи во ќелијата, отец Серафим му се поклони до земја на генаралот. Ваквата смиреност го порази гордиот генерал. Тој целиот накитен со ордени, остана околу половина час во разговор со старецот. По неколку минути се слушна плач од келијата: генералот плачеше како мало дете. По половина час се отвори вратата и излезе генералот придружуван од отец Серафим кој го држеше под рака. Тој уште плачеше и го покриваше своето лице со дланките. А пак ордените и капата си ги беше заборавил во ќелијата. Отец Серафим ги изнесе и му ги закачи ордените на мундирот. Покасно тој генерал разкажувал дека ја пропатувал цела Европа; дека познава мноштво луѓе од разни народи, но прв пат во животот видел онаква смиреност со каква што го пречекал саровскиот старец. И дотогаш не знаел за таква проникливост со каква што тој му го открил целиот негов живот до најситните детали. А кога за време на разговорот со отец Серафим му испопаѓале ордените од градите, проѕорливиот старец му рекол:

„Тоа е затоа што си ги добил незаслужено“.

Во друга прилика кога еден монах го запраша старецот:

„На што се учиш ти?“ - тој му одговори:

„Јас се држам до учењето на Црквата која пее: - Не сокривај го словото Божјо туку објавувај ги чудесата Негови“.

Светиот Старец го сметаше за задача на својата совест и за должност на својот живот, примањето на сите што му доаѓаат и знаеше дека за тоа ќе даде одговор на Страшниот Христов Суд.

Во 1831 година преподобниот отец им зборувал на сите за гладот што претстои и по негов совет Саровската обител се обезбедила со храна за шест години, и благодарејќи на тоа во неа не настапил глад. Кога во Русија за прв пат се појавила колера, преподобниот отворено изјавил дека таа нема да се појави во Саров, нити во Дивеево, што во потполност се исполнило зашто од првата ... колера не умрел ниту еден човек ни во Саров ни во Дивеево.

Благочестивата вдовица Пелагија Ивановна Шкарина, жителка на градот Азамаст, уште од мала имала желба да стапи во манастир. Но, отец Серафим ѝ претскажал дека ќе биде сиромашна, ќе се омажи и ќе има седум деца, па дури и ги наброил и имињата на сите по ред; а дека потоа ќе го изгуби сопругот. Иако овие претскажувања биле рано изречени, сите во потполност се исполниле.

На Варошанката Зајајева преподобниот ѝ советувал неизбежно да стапи во манастир, но таа одбила. Тој ѝ ја кажал и причината зошто ја советува така. „Ќе бидеш несреќна во бракот - и рече - ќе имаш многу деца, но ќе го изгубиш сопругот и ќе останеш вдовица; ќе трпиш уште поголема немаштија отколку кај сопругот“. Зајајева не го послушала советот на старецот, се омажила, и после горко жалела: затоа што сите зборови на отец Серафим се исполниле.

Преподобниот ги исцелуваше бесомачните со својот крст и молитвата и имаше обичај болните да ги помазува со масло од кандилото кое постојано гореше во неговата ќелија, пред иконата на Богомајката „Умиление“ или како што тој ја нарекуваше, „Радост на сите радости“. Кога го прашуваа зошто го прави тоа, тој одговараше: „Во Светото Писмо читаме дека апостолите помазувале со масло многу болни и ги исцелувале. А ние, кого треба да следиме, ако не апостолите?“ И болните што ги помазуваше преподобниот добиваа исцеление.

Додека со целосна точност и срдечност го вршеше своето молитвено правило заради спасение на својата душа, во исто време тој беше голем молитвеник и посредник пред Бога за сите живи и покојни православни христијани. Поради тоа, тој при читањето на Псалтирот на секоја Слава не пропушташе од сесрце да ги принесува следниве молитви:

1. За живите: „Спаси ги Господи, и помилуј ги, сите православни христијани и оние кои на секое место на Твоето владение живеат православно; подај им Господи душевен мир и телесно здравје и прости им го секој грев, волен и неволен; и по светите нивни молитви помилуј ме и мене бедниот“.

2. За покојните: „Упокој ги Господи душите на покојните Твои слуги; праоци, оци и браќа наши кои почиваат овде, и насекаде покојните православни христијани; подај им Господи, царство и учество во Твојот бесконечен и блажен живот и прости им го Господи, секој грев, волен и неволен“.

Во молитвите за покојните и живите, за преподобниот отец Серафим особено значење имаа восочните свеќи, кои во неговата ќелија постојано гореа пред светињата. Во ноември 1831 година самиот свет подвижник во разговорот со Николај Мотовилов го објаснува тоа. Мотовилов кажуваше: „Кога видов кај баќушката, отец Серафим, многу кандила, особено многу купишта восочни свеќи, и големи и мали, поставени на разни округли свеќници, слични на послужавник на кои од многугодишното капење на свеќите се беа образувале цели восочни фигури, јас си помислив во себе: зошто ли баќушка отец Серафим пали толку многу свеќи и кандила и со тоа во својата ќелија прави неподнослива топлина и загушливост?“ А тој како да ги тераше моите помисли да замолкнат, ми рече: „Ваше богољубие, вие сакате да знаете зошто јас палам толку многу кандила и свеќи пред светите икони Божји?“ Еве поради што: „Како што и вам ви е познато, јас имам многу лица кои имаат почит кон мене и им прават многу добра на моите воденички „сиротици“ т.е. дивеевските сестри. Тие ми донесуваат масло и свеќи и бараат да се помолиме за нив. И кога го читам своето правило јас во почетокот си спомнувам еднаш. Но, бидејќи поради големиот број на имиња, не можам да ги повторувам на секое место на правилото каде што треба, зашто тогаш би ми недостигало време за довршување на правилото. Затоа јас ги палам сите тие свеќи за нив како жртва на Бога, за секого по една. За другите пак, палам по една голема свеќа за неколкумина од нив, а пак за некои постојано прислужувам кандила; и каде што според правилото треба да ги спомнам, Јас велам: „Господи, спомни ги сите тие луѓе, слуги Твои, за чии што души, јас бедниот, Ти ги запалив овие свеќи и кандила“. А дека тоа не е мој изум, човечки изум на бедниот Серафим, или просто некоја моја ревност, како потврда ќе ви изнесам зборови од Божесвеното Писмо. Во Библијата се вели дека Мојсеј го слушна гласот на Господа кој му велеше: „Мојсеј, Мојсеј! Кажи му на својот брат Арон, да пали пред мене кандила дење и ноќе; тоа Ми е по волја и таа жртва Ми е благопријатна. Ете ваше богољубие, поради што светата Црква Божја примила како обичај во сите христијански храмови и домови да се палат кандила пред светите икони на Господа, на Божјата Мајка, на светите Ангели и на светите луѓе кои му угодиле на Бога“.

Еднаш нашиот голем молитвеник, отец Серафим беше забележан како за време на молитвата стои во воздухот. За овој настан кнегињата Е.С.Ш. го вели следново: - Кај мене од Петроград допатува мојот болен братучед Г. Ј. Не двоумејќи се многу јас веднаш го однесов кај отец Серафим. Младиот човек беше толку болен што на кревет го внесовме во манастирскиот двор. Отец Серафим, како да го очекуваше па нареди веднаш да го внесат во неговата ќелија. Му се обрати на болниот и му рече: „Tи, радост моја, моли се; и јас ќе се молам за тебе; само внимавај лежи како што лежиш сега, и не свртувај се на другата страна“. Болниот лежеше долго, покорувајќи се на зборовите на старецот. Но, трпението му попушти и љубопитноста го поттикна да погледне што прави старецот. Кога се сврте, го виде светиот како стои во воздухот во молитвен став и од ваквата неочекувана глетка тој врисна. Штом ја заврши молитвата отецот му пријде и му рече: “Ете, ти сега на сите ќе им раскажуваш дека отец Серафим е светец - се моли во воздухот...Господ ќе те помилува...Но ти внимавај, огради се себе со молчење и не кажувај никому за ова до денот на моето претставување, инаку твојата болест повторно ќе ти се врати“. Г. Ј. навистина оздраве и раскажа за ова кога светиот старец веќе беше заминал на небесата.

Влијанието на благодатниот старец не се ограничи само на Саровската пустина. Исклучително значење имаше тој и за развитокот на месното женско монаштво. Посебно трогнувачки се односите на преподобниот Серафим спрема Дивеевското сестринство, основано околу 1780 од спахиницата, вдовица на полковник, Агатија Мењгунова. Покасно ѝ се придружиле и други подвижнички и така бил положен почетокот на Дивеевската обител. Самата основачка на манастирот, на својата смртна постела, судбината на сестрите му ја повери на преподобниот Серафим, тогаш јероѓакон. И блажениот старец Пахомиј, игумен саровски, кога го остави овој свет, грижата за Дивеевската заедница му ја повери на отец Серафим. Тој се грижеше за нив со вистинска татковска љубов. Дивевските сестри одеа кај него за благослов и помош во разни тешкотии и недоумици. Старецот старателски им даваше добри и душекорисни совети, со целата своја душа се внесуваше во нивниот живот и поредок.

По молитвите на преподобниот и со добротворните средства што ги оставаа богомолците, дивеевското сестриство сѐ повеќе растеше. Заедно со тоа преподобниот ја раздели обителта на две половини, но под заедничка управа и раководство, така што на одредено растојание, под посебна ограда, се изградија нови ќелии со посебен храм, кој се појави како ново манастирче. „Ова е, велеше преподобниот, - по волја на Господа и Божјата Мајка“. Угодникот Божји постапи така зашто сметаше дека е незгодно и неправилно чистите девици да живеат заедно со вдовиците кои некое време поминале во брак. По укажување на Пресвета Богородица старецот за таа цел одбра едно место недалеку од Казанско дивеевската црква, еден поклонет имот. Тука подигна и воденица за дивеевските сестри и на тој начин го основа така нареченото Серафимово-Дивеевско сестринство. Сестрите во манастирот не правеа ништо без благослов на старецот. Кога некоја од нив требаше да оди некаде на извесно време, пред тргнување и по враќање во обителта таа се јавуваше кај отецот за благослов.

Старицата на дивеевската обител, Матрона Плешчеева, раскажуваше за следниот чудесен настан.  

- Кога стапив во Дивеевскиот манастир, јас по послушание на отецот имав благослов да им принесувам ручек на сестрите. Еднаш западнав во искушение на таков душевен немир и потиштеност што решив нечујно и без благослов да го напуштам манастирот - толку ми се причини тешко и неподносливо ова послушание. Без сомнение отец Серафим го провиде моето искушение зашто ненадејно ме повика да отидам кај него. Јас тргнав на третиот ден по Петровден и целиот пат го преплакав. Кога дојдов до неговата ќелија, пред вратата како по обичај извршив молитва. Одговарајќи „амин“, старецот ме пречека како чедољубив татко, ме фати за двете раце и ме внесе во ќелијата. Тогаш рече:

- Ете, радост моја, јас те очекував цел ден. Јас со солзи му одговорив: - Баќушка, тебе ти е познато какво е моето послушание; порано не можев да дојдам, но штом им поставив ручек на сестрите веднаш тргнав кај тебе и целиот пат го преплакав. Тогаш отец Серафим ми ги избриша солзите со своето шамивче, велејќи:

- Матушка твоите солзи не паѓаат залудно на подот. Потоа ме одведе до иконата на Небесната Царица „Умиление“ и ми рече:

- Поклони се Матушка и целивај, Царицата Небесна ќе те утеши. Јас се поклонив, ја целивав светата икона и почуствував таква радост на душата што просто оживеав. После тоа отец Серефим ми рече:

- Матушка сега оди во гостоприемницата, а утре дојди во далечната пустинка. На тоа јас забележав:

- Баќкушка јас се плашам сама да одам во далечната пустинка. Отецот ми рече: - Ти, Матушка, по патот до пустинката читај постојано на глас: „Господи помилуј“и притоа самиот отпеа неколку пати Господи помилуј!

Јас така и направив; утредента по патот постојано повторував: „Господи помилуј“ и не само што не почуствував никаков страв, туку во срцето чуствував најголема радост по молитвите на отец Серафим. Приближувајќи кон „далечната пустинка“, наеднаш видов како отец Серафим седи близу својата ќелија и покрај него стои ужасно голема мечка. Јас премрев од страв и повикав на цел глас: - Баќушка ќе умрам! - и паднав. Отец Серафим го слушна мојот глас; ја удри мечката, и ѝ мавна со раката. Мечката како разумно создание веднаш тргна во густата шума на онаа страна што отец Серафим и ја покажа со раката. Јас го гледав тоа и треперев од ужас и дури кога отецот ми пријде со зборовите: - Не се ужасувај! Не плаши се! - јас продолжив да викам: - Ќе умрам! На тоа старецот ми рече: - Не, Матушка, нема да умреш; смртта е далеку од тебе; а ова е радост. Ме одведе пред неговата ќелија каде што седеше претходно, и само што седнавме од густата шума се појави онаа иста мечка, му пријде на отецот и легна крај неговите нозе. Јас пак, наоѓајќи се во близина на така страшен ѕвер, на почетокот бев во најголем ужас и трепет. Но старецот се однесуваше со неа како со кротко јагне, и ѝ даваше дури и леб од својата рака. Тогаш неговото лице беше посебно чудно: тоа беше светло и радосно како кај ангел.

Најпосле кога се смирив, а старецот веќе ѝ беше дал речиси цел леб на мечката, тој ми го даде преостанатиот дел јас да ѝ го дадам. Тогаш јас ја хранев мечката со такво уживање, зашто ѕверот беше кроток и спрема мене. Додека размислував како ќе им го раскажам на сестрите ова страшно чудо, отец Серафим ми одговори на моите мисли:

- Не, Матушка, до единаесеттата година од мојата смрт, ти никому не раскажувај за ова. А потоа Божјата волја ќе ти открие кому ќе кажеш.

Скапоцена рожба на неговата беспримерна ревност за расцветот на руското подвижништво се создадените или утврдените со неговата многуразлична помош, поткрепа и благодатно раководство, женски манастири: Дивеевскиот, Ардатовскиот, Зеленогорскиот, Долно-Давидовскиот, Кутузовскиот... Само расказите за советите и чудесата на свети Серафим за Дивеевските сестри се доволни за цел учебник по монашко послушание и подвижничко совршенство, и сите тие се запишани и потврдени со сопствени имиња и карактеристики на дивеевските праведнички што се прочуле со својот свет и богоугоден живот.

Со благоговеен трепет си спомнуваат сите за чудото со заштитниот канал на Дивеевското манастирско земјиште. И покрај неколкуте напомени на нивниот духовен старец Серафим да го оградат својот тешко придобиен имот со канавка, тие постојано ја одолговлекувале таа порака. Една ноќ една од сестрите излегла од својата ќелија и видела како свети Серафим го копа почетокот на канавката, облечен во препознатливата за него, бела облека.

Со радосен страв таа се упатила да им соопшти на сестрите за доаѓањето на најскапоцениот гостин за нив. Сите се фрлиле пред неговите нозе, но кога се исправиле него веќе го немало. Само лопатата и мотиката лежеле пред нив во пресно ископаната земја... Истата ноќ една од сестрите се наоѓала во Саров при свети Серафим. Поради работа таа се задржала до касно и испраќајќи ја тој ѝ рекол: „Оди си мајко, и кажи им на девиците да започнат да ја копаат канавката! Јас бев таму и започнав да копам“. Враќајќи се по патот за својот манастир, сестрата напразно се трудела да ги разбере думите на старецот, за кого била сигурна дека не го напуштал Саров. Кога слушнала од сестрите што се случило, и им раскажала што тој ѝ порачал, сите разбрале каков благодатен старец му подарила Небесната Игуменка на Дивеевскиот манастир, и веднаш се зафатиле со работа.

По својот благодатен дар на проникливост, светиот старец подеднакво ги гледаше и минатото и иднината, односно го опишуваше претстојниот живот на луѓето, и им даваше совети. Со овој дар тој им даваше најразлична корист на сите луѓе. Така еднаш на една жена вдовица по име Евдокија, која дошла кај него да земе благослов, иако не ја познавал и викнал: „Евдокија доаѓај ваму брзо!“ Таа му пришла со страв и трепет а тој ја благословил, ѝ дал света нафора, и ѝ рекол: „Оди си брзо, за да го затекнеш сина си дома!“ И навистина нејзиниот син бил примен за студент на Киевската духовна академија и требало бргу да замине. Потоа тој станал монах по име Иринарх, а покасно бил хиротонисан за епископ.

Благодатниот старец го исцели и тешко болниот Мотовилов на кого целото тело му беше одземено и коските му се распаѓаа. Старец Серафим го подигна и му рече: „Стој, и цврсто држи се на нозете!“ Во тој час, раслабениот Мотовилов оздраве и започна да оди. Оттогаш постојано доаѓаше во манастирот.

Бесомачните тој ги исцелуваше со своето присуство, со крстот и молитвата. Многу разни чудеса направил преподобниот Серафим, многу од нив се запишани, а многу останале само врежани во срцата на исцелените. Во молитвите за живите и умрените тој големо значење им даваше на восочните свеќи, кои постојано гореа кај него пред иконите. Неисцрпна исцелителна сила се излеваше од светиот подвижник. На некои луѓе тој им ја претскажуваше близината на нивната смрт, сакајќи да ги побуди на покајание зашто ќе ги очекува казната Божја кога ќе заминат од овој свет.

Преподобниот Серафим, иако беше веќе потполно мртов за светот, сепак во исто време не престануваше со безгранична љубов, молитвено да посредува пред Бога за оние што живеат во светот. Небото му стана сосем сродно. Кога посетителите од Курск го прашуваа отец Серафим, дали има нешто да им порача на своите роднини, тој, укажувајќи на ликовите на Спасителот и Богомајката, со насмевка велеше: „Еве ги моите роднини, а за моите живи роднини јас веќе сум жив мртовец“.

Година и девет месеци пред својата смрт преподобниот Серафим повторно беше удостоен на посета од страна на Пресветата Богомајка. Тоа се случи утрото на Благовештение, на 25 март 1831 година. Два дена претходно тој ѝ рече на старицата на дивеевското сестринство - Евпраксија, да дојде кај него. Таа раскажуваше: Кога дојдов, баќушката ми објави: „Имаме видение на Божјата Мајка“. Ме покри со мантијата и над мене читаше од книгата. Потоа ме подигна и рече: „Сега држи се за мене и не плаши се од ништо“. Во тоа време настана бучава како да дуваше силен ветар. Кога се стивна, се зачу пеење слично на црковното. Тогаш вратата на ќелијата се отвори сама, сѐ се осветли, стана посветло од ден, и благоухание ја исполни ќелијата. Баќушка Серафим коленичеше, со рацете подигнати кон небото. Јас се исплашив. Баќушката стана и рече: „Не плаши се чедо; ова не е опасност, туку ни се праќа милост од Бога. Еве, Преславната, Пречиста Владичица наша Пресвета Богородица, доаѓа кај нас!“ Напред одеа два ангела, држејќи, едниот во десната, а другиот во левата рака, по едно гранче со штотуку расцветан цвет. Косата им беше златно-жолта и им паѓаше по рамењата. Тие застанаа напред. По нив влегоа свети Јован Претеча и свети Јован Богослов. Нивната облека беше бела, поблескава од чистота. По нив идеше Богомајката, а по Неа дванаесет девици. Царицата Небесна имаше на себе мантија, слична на онаа која се гледа на иконата Тажна Мајка Божја; мантијата беше многу блескава, а со каква боја - не умеам да кажам, беше неискажливо убава. На главата имаше возвишена круна, разнолико украсена со крстчиња, преубава, прекрасна, чудесна, а блескаше со таква светлина што не беше возможно да погледнеш со очите во Неа. Сѐ беше посветло од сончева светлина. Јас се исплашив и паднав. Небесната Царица ми пријде, ме допре со десната рака и ми рече: - Стани девице, и не плаши се од нас. Такви деви каква што си ти, дојдоа овде со мене. Јас не осетив како станав. Небесната Царица повтори: - Не плаши се, ние дојдовме да ве посетиме. Отец Серафим не беше веќе на колена туку стоеше на нозе пред Богомајката, и таа зборуваше со него толку умилно, како со свој најблизок. Обземена со огромна радост јас го прашав старец Серафим, каде сме ние. Мислев дека веќе не сум жива. Потоа, кога прашав: „Кои се овие?“ Пречиста Богородица ми нареди да им пријдам на девите и сама да ги прашам. Тие стоеја на двете страни по ред како што дојдоа: на првите места стоеја света великомаченица Варвара и Екатерина, на вторите - света првомаченица Текла и света великомаченица Марина, на третите -великомаченица царица Ирина и преподобна Евпраксија, на четвртите - света великомаченица Пелагија и Доротеја, на петтите - преподобна Макрина и маченица Јустина, на шестите - великомаченица Јулијана и маченица Анисија. Јас ѝ приоѓав на секоја од нив, и секоја ми го кажуваше своето име и подвизите на мачеништво и животот заради Исус Христос, доследно на она што е напишано за нив во Житијата на светиите; сите велеа: „Бог туку така не ни ја дарува оваа слава, туку за страдање и понижување. И ти ќе пострадаш.

Пресветата Владичица Богородица му зборуваше многу работи на отец Серафим што учесничката во видението не можеше да ги чуе.

А еве што слушна: „Не оставај ги моите деви (дивеевски). Отец Серафим одговори: - О, Владичице! Јас ги собирам, но не можам сам од себе да ги раководам. На тоа Царицата Небесна му рече: - Љубимецу мој, Јас ќе ти помагам во сѐ. Дај им послушание; Ако го извршат, тогаш ќе бидат со тебе и блиску до мене; а ако ја изгубат мудроста, тогаш ќе се лишат од уделот на овие мои ближни деви; Ни место, ни венци такви нема да имаат. Кој ќе им направи неправда ќе биде поразен од мене; Кој ќе им послужи заради Господа, ќе биде спомнат пред Бога“. Потоа, обраќајќи се кон мене ми рече:

- Ете погледај на овие мои деви, и на венците нивни: Некои од нив го оставија земното царство и богатство и го засакаа Царството Вечно и Небесно; го засакаа доброволното сиромаштво; го засакаа Единиот Господ; и затоа, гледаш, се удостоија на ваква слава и чест. Како што беше порано, така е и сега. Само претходните маченици страдаа јавно, а сегашните - тајно, со маки во срцето, и наградата ќе им биде таква иста.

Последното јавување на Мајката Божја со другите небожители се заврши со нејзините зборови:

- Наскоро, миленику мој, ќе бидеш со нас.

Овие зборови уште повеќе ја засилија желбата на отец Серафим да се „разреши“ од овој свет и да се пресели во „горното“ семејство. По јавувањето на Небесната Царица, тој започна да се подготвува за блиската разделба со своите многубројни почитувачи, а особено со дивеевските сестри, кои беа многу приврзани за него како за татко и добротвор.

Половина година пред својата смрт преподобниот Серафим почна засекогаш да се простува со своите многубројни посетители, велејќи: „Повеќе нема да се видиме“.

Пет месеци пред неговата смрт го беше посетила монахињата од симбирскиот манастир, Платонида. Неа, саровскиот чудотворец ја исцели од силна реума во главата и во лицето. Простувајќи се со светиот старец, таа го прашала дали може да се надева повторно да го види. Покажувајќи со раката кон небото, отец Серафим и одговори: - Таму ќе се видиме. Таму е подобро, подобро. И навистина, тоа била нејзината последна средба со отец Серафим.

Примајќи ги дивеевските сиротици пред својата смрт, отец Серафим ги заветуваше да се занимаваат со работа која им е својствена на простите луѓе. И при секоја работа строго да се држат до правилото: „Работата на рацете, молитвата во устата“.

Светиот старец често беше забележуван како стои крај својот мртовечки сандак, размислувајќи за задгробниот живот, и понекогаш горко плачејќи. На некои од дивеевските сестри отворено им велеше: - Моите сили малаксуваат; живејте сега сами, ве оставам... на Господа и Пречистата Мајка Негова. Некои бараа од него благослов, следниот Велик Пост да ги посети во Саров, но тој одговараше: „Тогаш мојата врата ќе се затвори, вие нема да ме видите“.

Пред почетокот на 1833 година си измери за себе гроб на страна од олтарот на Успенската црква. Една недела пред своето претставување, на Божиќ 1832, свети Серафим беше на света литургија и се причести со светите Тајни Христови. После литургијата разговараше со својот игумен Нифонт, велејќи му да се грижи за браќата, посебно за младите. Во таа прилика го заветуваше да го погребаат во гробот кој самиот го подготви за себе. Во недела, на 1 јануари 1833 година, отиде во болничко Зосимо-Саватиевската црква, ги целиваше иконите, запали свеќи насекаде и се причести со Светите Тајни. По литургијата тој се прости со сите и ги благослови. Го целиваше светиот Крст и иконата на Мајката Божја; потоа обиколувајќи околу светиот престол, ги направи вообичаените поклони, и излезе од олтарот на северните двери. На Дивиевската сестра Ирина ѝ даде 200 рубљи за Параскева Авановна, порачувајќи ѝ за тие пари да купи брашно за Дивевската општина, која тогаш имаше голема потреба. Светиот Серафим, без сомнение, пламено се молел во ќелијата. Вечерта неговиот сосед по ќелија, отец Павле, го слушал како пее пасхални песни, а рано утрото се исполни и неговото последно пророштво: „Кога ќе умрам мојата смрт ќе биде откриена преку пожар“. Отец Павле прв го почувствува мирисот од чадот во заклучената ќелија. Надвор сѐ уште беше мрачно. Само што се разденуваше. Во ќелијата на отец Серафим немаше светло. Чадот беше густ. Кога влегоа внатре, монасите бргу со снег започна да ги гасат запалените книги и го најдоа прекрасниот старец како коленичи пред иконата на Пресвета Богородица, „Умиление“, пред која постојано гореше кандилото. Рацете крстообразно му беа склопени на градите, во својата вообичаена облека, со бакарниот крст - мајчиниот благослов на градите. Очите му беа затворени, а лицето оживеано со богомислие и молитвата...Сите помислија дека старецот се уморил и заспал на молитвата. Започнаа да го будат, но одговор немаше... Прекрасниот подвижник го заврши својот живот и неговата чиста душа се пресели таму каде што нема ниту страдања, ниту тага, ниту воздишки!.. Како што му претскажа схимонахот Доситеј пред 56 години, бедниот Серафим постигна чистота, благочестие и светост. Се упокои на 2 јануари 1833 година.

Никој не може спокојно и рамнодушно да ги чита подробно опишаните случувања после блажениот крај на свети Серафим Саровски. Со благослов на настојателот, телото на блажениот старец Серафим, браќата на раце го пренесоа и положија во соседната ќелија на јеромонахот Евстатиј. Тука го подготвија за погребение по монашките правила, го облекоа во мантија и го положија во веќе нам познатиот, дабов мртовечки ковчег што сам го направи за себе, и веднаш го пренесоа во соборната црква. Веста за смртта на светиот старец бргу се разнесе и наеднаш целата околија се слеа во манастирот. Сите тагуваа и горко плачеа заради смртта на преподобниот праведник, посебно Дивеевските сестри бидејќи го губеа својот духовен отец и старател.

Во ноќта на блажената смрт на преподобниот, јеромонахот Филарет, кој се подвизувал во Глинската пустина, излегувајќи по утрената од храмот, им укажа на браќата на необичната светлина на небото и рече: „Ете како душите на праведниците одат на небото! Сега душата на отец Серафим се носи на небото“.

Цели осум дена лежеше светото тело на големиот праведник во големата црква на Успение Богородично. Реката од народ што со плач се слеваше да се опрости со својот духовен отец - немаше крај. Кога по руски обичај еден од многубројните духовници што го извршуваа опелото, посегна да му остави дар, раката на свети Серафим сама се отвори и го прими дарот. Тоа чудо го виде игуменот Нифонт, кој го изврши неговото погребение. Телото на преподобниот беше погребано од десната страна на олтарот на соборната црква, покрај гробот на Марко затвореникот, местото што сам го одбра пред осум години.

И по своето блажено претставување, преподобниот Серафим даваше разни исцеленија и чудотворења на сите кои со вера му се обраќаа. Тој продолжи и од оној свет да им ја покажува на луѓето својата чудесна сомилосна љубов, која непрестајно ја покажуваше за време на својот живот на земјата, кога на секого по неискажаната своја добрина му се обраќаше со зборовите „радост моја“. Посебно често им се јавуваше на саровските и дивеевските сестри заради нивно исцелување и утеха.

Посмртното чудотворство на Божјиот праведник Серафим, растеше со годините и постојано се зголемуваше списокот на големите јавувања на Божјата исцелителна благодат по молитвите на прославениот Богородичен миленик. Така се стигна до двегодишните проучувања на специјалната комисија од 1894 година, која требаше да ја потврди вистинитоста на неговите чудеса во Саровскиот манастир. Седумдесет години по неговата блажена смрт, споделувајќи ја сенародната вера во светоста на големиот подвижник, Рускиот Свет Синод заедно со Комисијата решија да го извадат неговиот ковчег и го најдоа неговото тело нетлено, совршено добро сочувано и нераспаднато. Во почетокот на 1903 година, Светиот Синод потполно уверен во вистинитоста и точноста на неговите чудеса, донесе одлука да го прогласи за светител, а неговото нетлено тело за свети мошти, и за нив беше направен кивот (ковчег) од злато и сребро од рускиот цар. Канонизацијата на новиот руски светец беше извршена во месец јуни 1903 година, на денот на неговиот роденден. За овој ден беше напишана и за прв пат отслужена специјална служба во чест на Саровскиот чудотворец. Празнувањата започнаа уште на 16 јуни. Во тие дни многуилјаден народ стана сведок на прекрасни чудеса. Свети Серафим го исполни своето старо ветување и штедро го пројави своето благодатно чудотворство врз верниот народ. Некои од чудата беа просто поразителни. При Серафимовиот извор слепо девојче прогледа откако се напи од чудотворната вода. При литијната обиколка на храмот, глувонемо дете оздраве откако ја целиваше Богородичната икона „Умиление“, пред која што се молеше и се упокои свети Серафим. Многу патерици беа фрлени за време на овие празнични дни посветени на светиот Саровски чудотворец, многу солзи на многоликата човечка мака беа избришани и бескрајно беше воодушевувањето на илјадници трогнати руски души од тоа големо посетување на Божјата благодат над нивната света руска земја, по која се разнесе една нова и чудотворна молитва:

„Преподобни оче Серафиме, моли го Христа Бога за нас грешните!“

Пред верниот народ започна да сјае еден нов образец на благочестието и изгреа нова утеха од благодатна светост, дарувана директно од Евангелието и од светите Отци. По неговите молитви нека Господ Бог нѐ сочува и нас од секаква беда и неволја! Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕОГЕН

Свети свештеномаченик Теоген беше епископ во градот Париј, во Мизија, северозападна покраина на Мала Азија. За време на царувањето на римскиот цар Ликиниј, војниците го фатија Теоген во Фригија и со сила го тераа да стапи во римската војска, но тој се спротивстави на тоа. Затоа беше растргнат, врзан за четири столба и жестоко тепан со мотки (стапови). Светителот јуначки го поднесуваше мачењето и при тоа им претскажа на мачителите дека во борбата Ликиниј ќе биде поразен. После тоа светителот го затворија во темница. Таму тој одби да прима храна. Кога за тоа го известија Ликиниј, тој нареди да го фрлат во морето. Тогаш светителот измоли од извршителите на смртната казна време за молитва, застана, се сврте кон исток, и со кренати раце кон небото се молеше три часа. За време на молитвата тој беше осветлен со необична светлина, та извршителите на казната, војници и морнари се обратија кон христијанската вера.

Така Теоген, потопен во морето, ја предаде својата душа на Господа, околу 320 година. Подоцна, христијани го извадија неговото свето тело и го погребаа близу градскиот бедем. Од неговите свети мошти се случуваа многу чудеса и исцелувања од разни болести.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЗОРЗИЈА

Уште во своето детство овој блажен Зорзија беше купен како роб од еден Турчин, кој го потурчи. Но, после извесно време овој ага умре, а Зорзија остана во муслиманската вера до својата седумдесетта година, и не се ожени. Зорзија живееше повлечено, купувајќи и продавајќи разни работи. Освен турскиот не знаеше друг јазик. Но веќе остарен, еден ден тој стана и отиде кај месниот судија, го симна од себе турбанот, му го даде на судијата и му рече: - Христијанин сум се родил и христијанин сакам да умрам!

Судијата се зачуди на таквата промена кај него во старост и му се обрати со неговото турско име:

- Сали, што се случува со тебе? Та, ти изгледа си скренал со умот! Блажениот му одговори:

- Христијанин сум и христијанин сакам да умрам!

Судијата долго го испрашуваше зошто го прави ова, а блажениот постојано му одговараше: „Јас сум христијанин!“ Најпосле го затворија сам во една одаја за да си дојде на себе.

Утредента Зорзија повторно беше изведен пред судијата на испитување. Но тој, пак, јасно и гласно ја исповедаше својата вера во Христа Бога. Кога судијата започна да му се заканува со мачење, блажениот на тоа ништо не одговараше освен - христијанин сум.

Третиот ден судијат повторно го изведе Зорзија на суд. И кога и по трет пат тој остана непоколеблив во својата христијанска вера, судијата го осуди на смрт и го предаде на јаничарите. По патот кон губилиштето тие немилосрдно го тепаа, го понижуваа и плукаа блажениот старец, но тој го поднесуваше тоа со молчење и со радост. Потоа му ставија јазол околу вратот и го тераа да ја исповеда муслиманската вера, но тој ниту збор не изусти. Тогаш мачителите започнаа уште повеќе да го тепаат и исмеваат за да му се смее и народот. Кога стигнаа на губилиштето започнаа да го бодат со ножеви и бездушно го тепаа и го газеа. Го подигнаа на бесилката, па повторно го слегнаа очекувајќи маченикот да се предомисли, но блажениот старец остана цврст и непоколеблив во својата христијанска вера. Тогаш мачителите го кренаа на бесилката и го обесија.

Свети Зорзија пострада во Митилини, 1770 година. Така неговата блажена душа отиде на небото и доби венец на мачеништво од Господа Христа, кој по молитвите на светиот маченик Зорзија, нека и нас нѐ удостои на Царството Небесно. Амин.

СПОМЕН НАСВЕТА ТЕОДОТА

Оваа светителка беше мајка на првиот пар на свети бессребреници Кузман и Дамјан, што се слави на 1 Ноември.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБЕН МАРКО ГЛУВИОТ

Се упокоил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СЕРГИЈ

По измачувањето заради верата во Христа, овој свет маченик беше погубен со меч во Кесарија Кападокијска во 304 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ КОЗМА 1

Овој светител беше украсен со многу добродетели. Беше богомудар патријарх во втората половина на единаесетти век, после патријархот Јован Ксифилин, а за време на царувањето на Михаил 7-ми Дуке ( 1071-1078 ) и Никифор 3-ти (1078-1081).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОПИСТ

За својата вера во Господа Христа, свети Теопист го заврши својот богоугоден живот откако беше каменуван.

СПОМЕН НА СВЕТА ПРАВЕДНА ЈУЛИЈАНИЈА

Праведна Јулијанија беше родена во близина на градот Мурома од богати и побожни родители. Во шестата година таа остана сираче. Целиот свој живот го помина во молитва, пост и делење на милостина. Постојано беше кротка, блага и полна со љубов спрема своите слуги и спрема луѓето воопшто. Нејзините добри дела се безбројни. Спиеше на даска само два часа во текот на деноноќието. Се упокои на 2 јануари 1604 година. После десет години нејзините мошти беа откриени потполно нетлени, мироточиви и чудотворни.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ СИЛВЕСТЕР ПЕЧЕРСКИ

Преподобниот Силвестер живеел во дванаесетти век.  Го продолжил летописот на Нестор Летописецот и напишал девет житија на светите печерски угодници Божји. Имаше од Бога дар да истерува демони. Неговите свети мошти почиваат во Киевските пештери на преподобниот Антониј.