16. Јануари (3. Јануари)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРОРОК МАЛАХИЈА
Свети пророк Малахија е роден во Софи, во племето Завулоново, по враќањето на Евреите од вавилонското ропство. Уште од младоста водел чист и непорочен живот. Тој ја напишал последната пророчка книга на Стариот Завет. Еден е од таканаречените „дванаесет мали пророци“, и затоа јудејското предание го нарекува „печат на пророците“. Тој пророкувал во Јудеја по враќањето на Евреите од Вавиловското ропство и во последните години од управувањето на Неемија меѓу 416 и 400 година пред Христа. Во тоа време настанале големи безредија меѓу Евреите и нивните свештеници, коишто малата книга на Малахија (само 4 глави) ги изобличува.
Пророкувал за доаѓањето Господово, за Страшниот суд, за промената на прописите и Законот Мојсеев. Неговото име Малахија значи „ангел“. Тој често разговарал со Ангел, кој му откривал тајни Божји и му зборувал за иднината.
Освен изобличувањата, книгата на Малахија содржи и пророштва за испраќањето на Господниот Преттеча, Свети Јован Крстител, со задача да го подготви патот на Оној што доаѓа (3, 1) и за доаѓањето на Месијата - Христос, Кого што пророкот го нарекува „Сонце на правдата“ (4, 2). Книгата на пророкот Малахија, навистина претставува завршеток на старозаветните пророштва (печат на пророците) и започнување на благодатната историја на нивното исполнување. Му се претставил на Бога млад и бил погребан крај своите предци.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ПЕТАР ЗНАМЕНОСЕЦ
Правел безброј многу чудеса; се упокоил во мир.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГОРДИЈ
Маченикот Христов, Гордиј, се роди во Кесарија Кападокиска од христијански родители кои го одгледаа и воспитаа во христијанската вера. Тој беше офицер во римската војска. Во тоа време римскиот цар Ликиниј го изли врз христијаните отровот на своето насилништво. Сите оние што не им се поклонуваа на незнабожечките идоли тој ги прогонуваше и ги мачеше. На сите страни беше испратена царската заповед и наредба никој да не се поклонува на Христа. А кој ќе постапи спротивно на тоа, да биде казнет со смрт. И настана целосен хаос низ целиот град Кесарија; најневините луѓе страдаа како злосторници. Темниците станаа претесни. А познатите и богати куќи опустеа, додека пустините се исполнија со бегалци, чија единствена вина беше тоа што веруваат во Христа. Божјите угодници беа протерани, свештените лица стравуваа од свирепото насилништво, а демоните ликуваа сквернавејќи ја вселената со крвта на одвратните жртви.
Кога ја виде таквата неволја, свети Гордиј го одбра за себе доброволното прогонство; ги симна од себе офицерските ознаки, ја презре славата на овој свет, го остави богатството, роднините, пријателите, слугите, и сѐ што е светољубиво и сластољубиво на овој свет и отиде во пусто место. Претпочиташе да живее со ѕверовите отколку со идолопоклониците, и беше исполнет со ревност како свети Илија. Се насели во една пештера, и со својот богоугоден живот се удостои на божествено откровение, и се научи на големи тајни, не од луѓе, туку стекнувајќи го големиот учител на вистината, Светиот Дух.
Додека размислуваше колку е ништожен и краткотраен овој живот, како сон и сенка, го обзеде силна жед за вечниот живот и другиот свет. И како силен борец, тој со глад, бдение, молитва и духовни поуки се подготви за борба. Посебно го очекуваше денот во кој целиот град го празнува празникот на поганиот бог Марс, или подобро - демон кој ги сака војните. Гласот за бедата на христијаните достигна и до пустината. Доблесниот воин, знаејќи дека не е добро да се крие малодушно кога неговите браќа страдаат и умираат за името на Господ Христос, реши да им се приклучи.
Тој се врати во својот роден град за време на празнувањето на поганиот римски бог на војната, Марс. Неочекувано, среде народот се разнесе прослава на вистинскиот Бог. Сите го вперија погледот за да видат кој се осмели и се дрзна да изрече таков предизвик пред лицето на жестоките христијански гонители. Но и самите родители на Гордиј одвај го препознаа. Беше страшен по својот изглед; поради долгиот престој по горите, косата му беше полна со прав, имаше долга брада и бедна облека, со телото потполно сув, облечен во вреќа и со стап во раката. Сето тоа предизвикуваше страв кај оние што го гледаа. Згора на тоа и некоја божествена благост сјаеше од неговото лице.
А кога се дозна кој е, настана силна врева: христијаните од радост ракоплескаа, а незнабошците му довикуваа на судијата да го убие. Многумина започнаа да го молат да молчи и да се сокрие, но стражарите го фатија и го изведоа пред управникот. Тој го праша:
- Кој си ти и од каде си?
- Јас сум христијанин! - смело му одговори Гордиј. - Христос е мојата надеж и заштита и јас ги презирам твоите богови!
При овие зборови гневот на кнезот се распали како оган, и тој целиот бес што го имаше во себе го истури на свети Гордиј:
-Доведете ми мачители, - рече тој. - Каде се бичевите, каде оловните кугли, каде тркалата?! Нека биде растегнат на нив и нека се здроби неговото тело! Нека биде обесен на дрво! Нека се донесат смртоносни справи за мачење! Нека биде фрлен на ѕверовите!...
А Гордиј му рече:
- Навистина ќе си нанесам огромна штета ако не би сакал да умрам за Христа со најразлична смрт.
Храброста со која што ги поднесе жестоките мачења на кои што беше подложен, го натераа управникот да го промени својот однос кон Гордиј. Тој започна да му нуди на маченикот високи чинови и богатства, но светиот му возврати: - Зарем можеш да ми понудиш нешто што би било повредно од Царството Небесно?
На управникот не му остана друг избор и реши да го осуди Гордиј на смрт. Напразно сите го молеа Гордиј да ја пожали својата младост и своите родители и да се откаже од доброволната смрт, но тој им одговори:
- Зошто плачете за мене? Плачете за непријателите на нашиот Господ Бог, коишто нѐ прогонуваат, зашто си натрупуваат гнев за денот на Судот! А јас сум готов многупати да умрам за Христа! Тогаш тој се помоли, се прекрсти и ја наведна својата света глава под мечот на џелатот.
Светиот маченик Гордиј пострада за Христа во 320 година. Неговиот свет помен бил многу почитуван во Кесарија Кападокиска. Зачувано е и пофално слово за него, што го има напишано неговиот сограѓанин свети Василиј Велики.
СПОМЕН НА СВЕТА ГЕНОВЕВА
Света Геновева е заштитничка на градот Париз. Со пост, молитва и милостиња се удостоила за царството Божјо и се упокоила на трети јануари 512 година во 89-тата година од својот живот.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ АКАКИЈ ЧУДОТВОРЕЦ
Преподобниот Акакиј Мирсин се подвизувал во Латра, каде основал голема лавра на Пресвета Богородица. Се удостоил на дарот на чудотворство.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАЈКА И ДВЕ ДЕЦА
Пострадале за верата во Христос изгорени во оган.