17. Јануари  (4. Јануари)

 

СОБОР НА СВЕТИТЕ СЕДУМДЕСЕТ АПОСТОЛИ

Освен дванаесетте големи апостоли, Господ Христос избра уште седумдесет други, помали апостоли и ги испрати да го проповедуваат Евангелието. За нив постои пишана повест под името на светиот свештеномаченик Доротеј, епископ Тирски. Таа повест се споменува и во почетокот на книгата Апостол, и во Прологот. Но таму пишува и за некои, кои прво апостолствувале, а потоа отпаднале од верата, и таквите не треба да се вбројуваат во седумдесеттемина, затоа што нема ништо заедничко помеѓу темнината и светлината. Затоа, овде, со голема претпазливост се собрани податоци за светите седумдесет апостоли од Светото Писмо, и од преданијата од Светите Отци, и веродостојни древни црковни историчари и писатели.

1. Прв од седумдесетте апостоли беше свети Јаков, братот Господов, кого свети апостол Павле го споменува во Посланието до Галатјаните, говорејќи: „Отидов во Ерусалим за да се видам со Петар, и останав при него петнаесет дена. Но, друг од апостолите не видов освен Јаков, братот Господов“ (Гал. 1, 18-19). Тој беше поставен од самиот Господ за прв епископ во Ерусалим. Еднаш за празникот Пасха, кога многу народ се беше собрал во Ерусалим, старешините еврејски му рекоа да се искачи на кровот од храмот и да зборува против Христа. Свети Јаков се качи на покривот и започна да му зборува на народот за Христа, како Син Божји и вистински Месија, за неговото воскресение и неговата вечна слава на небесата. Разбеснети, старешините го турнаа од кровот, та падна и многу се повреди, но сѐ уште беше жив. Тогаш со камења и мотки го дотепаа. И така, маченички го заврши својот апостолски подвиг. Се празнува на 23 октомври.

2. Свети евангелист Марко, кој напиша свето Евангелие по кажување на светиот апостол Петар. Него го спомнува свети апостол Петар во своето Прво послание, говорејќи: „Ве поздравува заедно со вас избраната црква во Вавилон, и Марко, синот мој“ (1 Птр. 5, 13). Свети Петар го постави за епископ во Александрија. Поради проповедувањето на Евангелието, идолопоклонците го врзаа и цврсто врзан го влечеа по калдрма додека целиот не го раскинаа. И така искрвавен, во безбројни рани, го фрлија во темница, каде му се јави самиот Господ и го повика во небесна слава. И тој го предаде својот дух на Господа. Се празнува на 25 април.

3. Свети евангелист Лука. Напишал свето Евангелие на молба на христијаните. Свети апостол Павле го споменува во Посланието до Колосјаните: „Ве поздравува Лука, возљубениот лекар“ (Кол. 4, 14). Ги напишал Делата Апостолски. И после многу трудови на своето апостолство, завршил маченички во Тива (Теба) Беотска. Се празнува на 18 октомври.

4. Свети Клеопа, најмладиот брат на свети Јосиф свршеникот. Одеше во Емаус со свети Лука, за кое свети Лука зборува, не споменувајќи го своето име (Лк. 24, 35). По воскресението го видел Господа. И во кршењето на лебот го познал воскреснатиот Господ Христос (Лк. 24, 30-31). За сведочењето за Христа беше убиен од Евреите. Се празнува на 30 октомври.

5. Свети Симеон, од родот Господов. После свети Јаков беше втор епископ во Ерусалим. И за распнатиот Христос, распнат заврши. Се празнува на 18 септември и 27 април.

6. Свети Варнава, наречен така од апостолите, а порано се викал Јосија. Се спомнува во Делата Апостолски (Д. А. 4, 36) и во посланието до Галатјаните, каде свети апостол Павле вели: „Излегов во Ерусалим со Варнава“ (Гал. 2, 1) , Заедно со свети Павле му служеше на Евангелието и најпрвин го проповедаше Христа во Рим. Потоа беше поставен за епископ во Милано. Во својот роден крај, на островот Кипар, со камења беше убиен од Евреите и Елините; и погребан со Евангелието на Матеј на градите, кое тој со својата рака го препишал. Се празнува на 11 Јуни.

7. Свети Јосиј, или Јосиф, наречен Варсава и Јуст. Заедно со Матиј беше биран со коцка на местото на предавникот Јуда. Се споменува во Делата Апостолски (Д. А. 1, 23). За него свети апостол Павле во своето послание до Колосјаните вели: „И Исус наречен Јуст... “ (Кол. 4, 11). Се мисли дека овој Јосиј е син на свети Јосиф Свршеникот, како Јаков, Симон и Јуда, не Искариотски. Бил епископ во Елефтеропол, каде пострада за Евангелието. Се празнува на 30 октомври.

8. Свети Тадеј, најпрвин бил ученик на свети Јован Преттеча, па потоа Христов. Тоа не е оној Тадеј, кој беше еден од Дванаесетте апостоли. Го има крстено Едескиот кнез Авгар, кој го излекувал од губа. И после многу подвизи во проповедувањето на Евангелието Христово се упокои во Господа во финикискиот град Вирит. Се празнува на 21 август.

9. Свети Ананиј. Го крстил апостол Павле (Д. А. 9, 13.18). Бил епископ во Дамаск. Бил убиен со камења во градот Елефтеропол од обласниот управник Лукијан. Се празнува ва 1 октомври.

10. Свети првомаченик, архиѓакон Стефан. Затрупан со камења од Евреите, отиде кај Господ Исус Христос. Претходно му се отворија небесата, и тој виде како стои од десната страна на Бога (Д. А. 7, 55. 56. 59). Тој прв пострада маченички за Господа Христа, и затоа е наречен „првомаченик“. Се празнува на 27 декември и 2 август.

11. Свети Филип. Еден од Седумте ѓакони. Го крстил Симон Бајачот во Самарија и евнухот на арапската царица Кандакиј (Д. А. 8, 13.27). Бил епископ во Тралија азиска и многумина просветил во верата. Завршил мирно во длабока старост и преминал во неостарливиот живот. Се празнува на 11 октомври.

12. Свети Прохор. Еден од Седумте ѓакони (Д.А. 6, 3). Сопатник на свети Јован Богослов, и заедничар во неговите трудови. Бил прв епископ во градот Никомидија во Витинија. Потоа, проповедајќи го Христа во Антиохија, пострадал маченички. - Се празнува на 28 јули.

13. Свети Никанор. Еден од Седумте ѓакони. Во истиот ден кога свети првомаченик Стефан беше убиен со камења, настана големото гонење на Ерусалимската црква (Д.А. 8, 1). Тогаш беше убиен свети Никанор со две илјади верници. Се празнува на 28 јули.

14. Свети Тимон. Еден од Седумте ѓакони. Бил епископ во градот Бостра во Арабија. Поради проповедањето на Евангелието многу пострадал од Евреите и Елините. Бил ставан во вжештена печка, но излегол неповреден. Потоа издивнал на крстот за Христа, и отишол кај Господа. Се празнува на 28 јули.

15. Свети Пармен. Еден од Седумте ѓакони. Полн со вера ја извршувал службата што му била поверена од светите апостоли. Пред очите на светите апостоли умрел маченички. Се празнува на 28 јули.

16. Свети Тимотеј. Сотрудник на свети Павле во проповедањето на Евангелието. Бил епископ во Ефес. Свети Павле му упатил две посланија. Се празнува на 22 јануари.

17. Свети Тит. Се трудел исто така со свети Павле во проповедувањето на Евангелието. Бил епископ Кортински на Крит. И нему свети Павле му упатил послание. Се упокоил во длабока старост. Се празнува на 25 август.

18. Свети Филимон. Бил епископ во Газа. Свети Павле му упатил посебно послание. Го завршил животот маченички за време на царувањето на Нерон. Се празнува на 19 февруари и 22 октомври.

19. Свети Онисим. За него свети Павле му пишува на Филимон. Мачен од римскиот епарх Тертул се упокоил во Путеол. Се празнува на 15 февруари.

20. Свети Епафрас. Свети Павле го спомнува во Посланието до Филимон, говорејќи: „Те поздравува Епафрас, кој е со мене затворен за Христа Исуса“ ( 1. 23). Бил епископ во Колоси, а воедно и во Лаодикиската црква и во Ераполската. Со свети Павле бил во Рим, од каде пишувајќи им на Колосјаните, Павле вели: „Ве поздравува од вашите Епафрас, служител на Христа Исуса; тој еднакво се труди за вас во молитвите свои, да бидете совршени и исполнети со секаква волја Божја. Зашто јас сведочам за него дека тој има голема ревност и грижа за вас и за оние што се во Лаодокија и во Ерапол “ (Кол. 4, 12-13).

21. Свети Архип. Се спомнува во посланието до Филимон. После свети Епафрас држан во затвор во Рим, бил епископ во Колоси. Пишувајќи им на Колосјаните, свети Павле вели: „И кажете му на Архип: - Гледај службата, која си ја примал во Господа, да ја извршуваш“ (Кол. 4, 17). Се празнува на 19 февруари и 22 ноември.

22. Свети Сила. Го проповедал Божјото Слово со свети апостол Павле и со него поднел многу страдања и рани во темницата. За него пишува во Делата Апостолски: „А Павле го одбра Сила и излезе да ја утврдува Црквата“ ( ДА. 15, 40 - 41; 16, 19; 17,4). Бил епископ во Коринт. Доволно се потруди во проповедувањето на Божјот збор и направи многу знаци и чудеса. Мирно се упокои и отиде кај Господа. Се празнува на 30 јули.

23. Свети Силуан. Во своето Прво Послание свети Петар го спомнува вака: „По Силуан, вашиот верен брат, како што мислам, ви го пишувам ова кратко послание“ ( 1Птр. 5, 12 ). Исто така и свети Павле во Второто Послание до Коринтјаните пишува: „Синот Божји, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас, и јас и Силуан“ (2 Кор. 1, 19).

Тој го проповедаше Словото Божјо со свети Павле. И беше епископ во Солун. Многу се потруди, многу страдаше за верата додека не излезе пред Господа на небесата. Се празнува на 30 јули.

24. Свети Крискент. Свети Павле го споменува во своето Второ Послание до Тимотеј, велејќи: „Крискент во Галатија“ (2Тим. 4, 10), т.е. испратен од мене на проповед. Бил епископ во Галатија, Потоа го проповедал Христа во Галија, каде и својот ученик Захариј го поставил за епископ во градот Виена. Повторно се вратил во Галатија каде маченички завршил за Христа во времето на царот Трајан. Се празнува на 30 јули.

25. Свети Крисп. Делата Апостолски го споменуваат вака: „А Крисп, началник на синагогата, поверува во Господа со целиот свој дом“ (Д.А. 18, 8). Во своето Послание до Коринтјаните, свети Павле вели дека го крстил Крисп (Кор. 1, 14). Бил епископ на пелопонескиот остров Егин, помеѓу Егејското и Јонското море. Се упокоил во мир.

26. Свети Епенет. Свети Павле го спомнува во Посланието до Римјаните во кое вели: „Поздравете го мојот возљубен Епенет, кој прв поверува во Христа од Ахаја“ (Рм. 16, 5). Бил епископ во Картагена. Се празнува на 30 јули.

27. Свети Андроник. Свети Павле го споменува во истото послание, велејќи: „Поздравете го Андроник“, и го нарекува свој роднина и другар во затвореништво, кој е познат и по тоа што поверувал во Христа пред апостол Павле (Рм. 16, 7). Бил епископ во Панонија. Се празнува на 17 мај и 30 јули.

28. Свети Стахија. Свети Павле го спомнува во Посланието до Римјаните: „Поздравето го, вели, и Стахија“ ( Рм. 16, 9). Свети апостол Андреј Првовикан го поставил за прв епископ во Византија во Аргиропол. Се празнува на 31 октомври.

29. Свети Амплија. Се спомнува во истото Послание на свети апостол Павле во кое вели: „Поздравете ми го, саканиот во Господа Амплиј“ (Рм. 16, 8). Бил епископ во Диостол; и бил убиен од Елините и маченички завршил за Господа Христа. Се празнува на 31 октомври.

30. Свети Урбан. Го спомнува апостол Павле во истото послание, велејќи: „Поздравете го Урбан, нашиот помошник во Христа“(Рм. 16, 9). Бил епископ во Македонија, и завршил маченички за Господа. Се празнува на 31 октомври.

31. Свети Наркис. И тој е споменат од апостол Павле во истото Послание во кое вели: „Поздравете ги домашните на Наркис, кои се во Господа“ (Рм. 16, 11). Бил епископ во Атина. Се празнува на 31 октомври.

32. Свети Апелија. И тој се спомнува во истото Послание на апостол Павле, во кое вели: „Поздравето го Апелија, испитаниот во Христа“ (Рм. 16, 10). Бил епископ во Ираклија. Се празнува на 31 октомври.

33. Свети Аристовул. Го спомнува свети Павле во истото Послание, велејќи: „Поздравете ги домашните на Аристовул“ (Рм. 16, 10). Бил епископ во Британија и после многу трудови и страдања таму се упокоил во мир. Се празнува на 31 октомври.

34. Свети Иродион. Го спомнува свети Павле во истото Послание, велејќи: „Поздравете го мојот сродник Иродион“ (Рм. 16, 11). Бил епископ Неопатарски. Се празнува на 8 април.

35. Свети Агав. Добил дар на пророштво. Се спомнува во Делата Апостолски: „И дојде одозгора, од Јудеја, еден пророк по име Агав и го зеде појасот Павлов и ги врза своите раце и нозе и рече: Така вели Духот Свети; така ќе го врзат Јудејците во Ерусалим оној маж, чиј е овој појас, и ќе го предадат во рацете на јазичниците.“ (ДА. 21, 10-11). Се празнува на 8 април.

36. Свети Рув. Свети Павле го спомнува во Посланието до Римјаните, во кое вели: „Поздравете го Рув избраниот во Господа“ (Рм. 16, 13). Бил епископ во Тива, во Грција. Се празнува на 8 април.

37. Свети Асинкрит. Се спомнува во истото Послание (Рм. 16, 14). Бил епископ во Ирканија Азиска. Се празнува на 8 април.

38. Свети Флегонт. Се спомнува во истото Послание (Рм. 16, 14). Бил епископ во тракискиот град Маратон. Се празнува на 8 април.

39. Свети Ерма. Споменат во истото Послание (Рм. 16, 14). Бил епископ во Филипопол. Се празнува на 8 април.

40. Свети Патров. Споменат на истото место (Рм. 16, 14). Бил epископ во Неапол. Се празнува на 5 ноември.

41. Свети Ермиј. Се спомнува на истото место (Рм. 16,1 4). Бил епископ во Далмација. Се празнува на 5 ноември.

 42. Свети Лин. Свети Павле го спомнува во Второто Послание до Тимотеј (2 Тм. 4, 21). Бил прв епископ во Рим. Се празнува во ноември.

43. Свети Гај. Свети Павле го спомнува во Посланието до Римјаните велејќи: „Ве поздравува Гај, домаќинот мој, и домаќинот на целата црква“ (Рм. 16, 23). Бил епископ во Ефес после свети Тимотеј. Се празнува на 5 ноември.

44. Свети Филолог. Свети Павле го спомнува во истото Послание велејќи: „Поздравете го Филолог “ (Рм. 16, 15). Свети Андреј го поставил за епископ во Синоп. Се празнува на 5 ноември.

45. Свети Лукиј. Свети Павле го спомнува во истото Послание (Рм. 16, 21). Бил епископ во Лаодикија Сириска.

46. Свети Јасон. Споменат во истото Послание. (Рм. 16, 21), Бил епископ во Тарс. Се празнува на 28 април.

47. Свети Сосипатар. Споменат во истото Послание (Рм. 16, 21). Бил епископ во Иконија. За последните тројца, свети Павле пишува: „Ве поздравуваат и Лукиј, и Јасон и Сосипатар, сродниците мои“ (Рм. 16, 21). Се празнува на 28 април и 10 ноември.

48. Свети Олимп. Свети Павле го спомнува во истото Послание (Рм. 16, 15). Бил следбеник на свети апостол Петар; и кога Петар пострада во Рим, по заповед на Нерон бил заклан заедно со свети апостол Иродион. Се празнува на 10 ноември.

49. Свети Терцие. Го пишувал Посланието до Римјаните кое му го диктирал свети Павле. Во него самиот се споменува себе ваков: „Ве поздравувам вас, и јас, Терцие, кој го напишав ова послание во Господа“ (Рм. 16, 22). Бил епископ во Иконија по свети Сосипатар, каде што се овенча со маченички венец. Се празнува на 30 октомври и 10 ноември.

50. Свети Ераст. Свети Павле го спомнува во истото Послание (Рм. 16, 23). Најпрвин бил економ во Ерусалимската црква, а потоа епископ во Панеада Палестинска. Се празнува на 10 ноември.

51. Свети Кварт. Споменат во истото Послание (Рм. 16, 23). Бил епископ во Бејрут. За последните двајца, свети Павле пишува: „Ве поздравува Ераст, благајникот градски и брат Кварт“. Се празнува на 10 ноември.

52. Свети Евод. Бил епископ во Антиохија по свети апостол Петар. Во своето Послание до Антиохија го спомнува свети Игнатиј Богоносец, кој вели: „Сеќавајте се на блажениот Евод, својот отец, кој ви беше поставен вам, од апостолите, за прв пастир“. Се празнува на 7 септември.

53. Свети Онисифор. Апостол Павле го споменува во своето Второ Послание до Тимотеј, во кое вели: „ А Господ, нека му даде милост на домот на Онисифора, зашто многупати ме успокои и не се посрами од веригите мои“ (2 Тм. 1, 16). Бил епископ во Колофон и во Кирина. Се празнува на 7 септември.

54. Свети Климент. Свети Павле го споменува во Посланиете до Филипјаните кога вели: „...кои се грижеа во благовестието заедно со мене и со Климент“ (Флб. 4, 3). Бил епископ во Рим после Лим и Клит. Протеран во Херсон и завршил маченички, потопен во морето со камен на вратот. Се празнува на 25 ноември.

55. Свети Состен. По свети Крисп како старешина на еврејската синагога обратен во христијанството од свети Павле. За него пишува во Делата Апостолски: „Тогаш сите Грци го фатија Состен, старешината на синагогата и го тепаа пред судницата“ (Д. А. 17, 18), и самиот свети Павле го спомнува во своето Послание до Коринтјаните кое почнува вака: „Павле, по волјата Божја повикан апостол на Исуса Христа и брат Состен“ (1 Кор. 1, 1). Бил епископ во Колофон. Се празнува на 8 декември.

56. Свети Аполос. Тој се спомнува во Делата Апостолски: „Дојде во Ефес некој си Јудеец, по име Аполос, родум од Александрија, човек красноречив и силен во Писмото. Тој беше упатен на патот Господов и горејќи со духот говореше и учеше правилно за Господа“ (Д. А. 18, 24, 25). Го спомнува и свети Павле во Првото Послание кога вели: „Јас посадив, Аполос полева, но Бог направи да израсте“ (Кор. 3, 6). Бил епископ во Смирна пред свети Поликарп. Се празнува на 10 септември и 8 декември.

57. Свети Тихик. Се спомнува во Делата Апостолски и во Посланијата до Ефесијаните и Колосијаните. Свети Павле вели: „А како сум јас и што правам, сѐ ќе ви каже Тихик, возљубениот брат и верен слуга во Господа кого го испратив кај вас за да знаете како сме и ние и да ги утеши вашите срца.“ А во Второто Послание до Тимотеј пишува: „ А Тихик го испратив во Ефест“ (2 Тм. 4, 14). Бил епископ во Колофона после свети Состен. Се празнува на 8 декември.

58. Свети Енафродит. Свети Павле го спомнува во Посланите до Филипјаните, велејќи: „Но најдов за потребно да го испратам кај вас братот Енафродит, мојот сотрудник и другар во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои“ (Флп. 2. 25). Бил епископ во Адријанија. Се празнува на 8 декември.

59. Свети Карп. Свети Павле го споменува во Второто Послание до Тимотеј каде вели: „ Кога ќе дојдеш, донеси го фелонот што го оставив во Троада кај Карпа и книгите, а особено кожените“(2 Тм. 4, 13). Бил епископ во Верија тракиска.

60. Свети Кодрат. Најпрвин бил епископ во Атина, а потоа во градот Магнезија каде пострадал маченички проповедувајќи го Евангелието за време на царот Адријан.

61. Свети Марко, викан поинаку и Јован. Во Делата Апостолски често се спомнува како сопатник на апостол Павле и Варнава: „Варнава и Савле откако ја предадоа помошта, се вратија од Ерусалим во Антиохија, а го земаа со себе и Јована наречен Марко“ (Д. А. 12, 25). Бил епископ во градот Библос во Финикија. И неговата сенка исцелувала од болести. Се празнува на 27 септември.

62. Свети Зинон или Зина, викан законик т.е. учител на Мојсеевиот закон. Свети Павле го спомнува во Посланието до "Тит: „Законикот Зина испрати ми го што поскоро“ (Тит. 3, 13). Бил епископ во Диоспол. Се празнува на 27 септември.

63. Свети Аристарх. Го споменуваат Делата Апостолски (Д. А. 19,29) и Посланијата на свети апостол Павле до Колосјаните (4, 10) и Филимон (ст. 23). Бил епископ во Апамија сириска. Се празнува на 15 април и 27 септември.

64. Свети Пуд. Свети Павле го спомнува во Второто Послание до Тимотеј кога вели: „Те поздравува Пуд“ (2 Тм. 4, 21). Бил угледен римски граѓанин, член на сенатот, благочестив човек. Домот на Пуд, најпрвин бил засолниште на светите апостоли Петар и Павле, а потоа се претворил во црква наречена Пастирска. Се зборува дека во неа чинодејствувал свети Петар.

65. Свети Трофим. Тој се спомнува во Делата Апостолски (Д. А. 20, 4) а и кај свети Павле во Второто Послание до Тимотеј: „Болен го оставив Трофим во Милета“ (2 Тм. 4, 20). Го следел свети апостол Павле на патувањата и во сите гонења, заедно со Пуд и Аристарх, и најпосле сите тројца биле заклани од Нерон како и свети Павле. Се празнува на 15 април.

66. Свети Марко. Внук на Варнава. Бил епископ во Аполонијада. Го спомнува свети Павле во своето Послание до Колосјаните заедно со свети Аристарх: „Ве поздравува Аристарх, кој е затворен со мене, и Марко внукот на Варнава“ (Кол. 4, 10).

67. Свети Артема. Го спомнува свети Павле кога му пишува на Тит: „Кога ќе го испратам кај тебе Артема... “ (Тит. 3, 12). Бил епископ во Листра. Се празнува на 30 октомври.

68. Свети Акила. Го спомнуваат Делата Апостолски (Д. А. 18, 2) и свети Павле (Рм. 16, 3). Бил епископ во Ираклија. Го проповедал словото Божјо во Азија и Ахаја. Убиен е од незнабожците. Се празнува на 14 јули.

69. Свети Фортунат. Свети Павле го спомнува во Првото Послние до Коринтјаните (Кор. 16, 17). Блажено пострада, проповедајќи го словото Божјо.

70. Свети Ахаик. Свети Павле го споменува заедно со Фортунат кога вели: „Се израдував на доаѓањето на Фортунат и Ахаик зашто тие ми надоместија што бев без вас, зашто го успокоија духот мој и ваш“ (Кор. 16, 17-18).

Со ова се завршува ликот на светите седумдесет апостоли. По едно евангелско набројување на овие седумдесетмина, се додаваат уште други двајца апостоли кои ги јави Господ:

71.Свети Дионисиј Ареопагит. Го спомнуваат Делата Апостолски (Д. А. 17, 34). Најпрвин бил епископ во Атина. Потоа го проповедал Христа во Галија и таму бил заклан со меч, а дека и тој му припаѓа на истиот апостолски лик сведочи Евсевиј, епископ на Кесарија Палестинска. За овие апостоли тој вели: „На овие го додаде оној Ареопагит, по име Дионисиј, кого Павловата проповед во Атина го обрати во верата“, за кој пишува и Лука во Делата Апостолски.

72. Свети Симеон викан Нигар. Него го споменува свети Лука во Делата Апостолски кога вели: „А во црквата, која беше во Антиохија, беа некои пророци и учители Варнава и Симеон, нарекуван Нигар“ (Д. А. 13, 1), а дека и тој му припаѓа на истиот апостолски лик сведочи свети Епифаниј кој го става меѓу апостолите кога ги набројува вака: „Марко, Лука, Јуст, Варнава, Апелија, Рув, Нигар (т.е. Симеон Нигар) и останатите седумдесет и двајца. Така свети Епифаниј, пишувајќи за овие двајца нѐ уверува нас дека бројот на овие свети апостоли содржи во себе седумдесет и две лица; и дека свети Симеон Нигар е еден од нив. По нивните свети молитви кои многу помагаат, да се удостоиме и ние да бидеме во заедница на светиот собор на небесни чинови и да го гледаме севишниот апостол и архиереј на нашата вера Исус Христос, славејќи го со Бога Отецот и Светиот Дух низ сите векови. Амин!“

Евсевиј, епископ на Кесарија Палестинска, во првата книга на својата Црковна историја го пишува следното: „Името на секој од дванаесетте Христови апостоли е доволно познато од Евангелските сведоштва, но сепак потполно точен список на седумдесетте апостоли не се наоѓа никаде.“ Ако внимателно се разгледа таа работа, тогаш може да се најдат повеќе од седумдесет, држејќи се само до едно сведоштво на свети апостол Павле, кој во Првото Послание до Коринтјаните вели:

„Му се јави (Христос по Своето воскресение) на Кифа, потоа на единаесетте, потоа им се јави на повеќе од петстотини браќа наеднаш, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа“ (1 Кор, 15, 5-6). Некои од многуте такви, кои се трудеа во проповедувањето на Евангелието Христово во тоа време и слично на светите апостоли со верата просветија разни земји, а уште и достојни на самото апостолско име, ќе спомнеме овде посебно.

Свети Лазар, кој четири дена лежеше мртов и Господ го воскресна. За време на големото гонење на Ерусалимската црква, по убиството на светиот првомаченик Стефан, свети Лазар беше протеран од Јудеја, ставен во чамец без весла и пуштен во морето, заедно со светиот ученик Господов, Максимин, и со свети Келидониј, кој се родил слеп, но беше исцелен од Господа. Но по промисла Божја, чамецот доплови до островот Кипар и свети Лазар таму го проповедаше Христа во градот Кидонија. Покасно во тој град тој беше посветен за епископ од страна на свети апостол Варнава, и таму, на островот Кипар, се упокои во мир. Кога после илјада години бил раскопан неговиот гроб, беше пронајдено неговото свето тело во мермерен ковчег, на кој стоеше натпис: „Лазар четиридневен - пријател Христов“.

Свети Јосиф од Ариматеја, таен ученик Христов, кој од Пилат го измоли телото на Господа Христа, исто така бил прогонет од Јудеја од завидливите Евреи, и го проповедал Христа во Англија, каде што и се претставил. Англичаните го почитуваат како апостол на својата земја“.

Свети Никодим, кој ноќе доаѓал кај Исуса да ја слуша Неговата наука (Јн. 3, 1-2), а кој потоа заедно со Јосиф чесно го погреба телото на Исус (Јн. 19, 39-40). И тој пострада од Евреите за верата во Христа и проповедта апостолска, бидејќи беше изгонет од Јудеја.

Свети Гамалиил, бил учител на свети апостол Павле. Тој му даде мудар совет на Синедрионот, односно на проповедите на светите Апостоли, велејќи: „И сега ви велам - оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; зашто ако е ова дело од луѓе ќе се разруши; а ако пак е од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не станете борци против Бога“ (Д.А. 5, 38-39). Покасно тој поверува во Христа и јавно апостолски Го проповедаше. По маченичкиот крај на светиот првомаченик Стефан, тој го зеде неговото тело и чесно го погреба на својот имот, недалеку од Ерусалим. Исто така, тој го засолни кај себе, протераниот заради Христа, свети Никодим, и кога се упокои, го погреба близу гробот на свети архиѓакон Стефан, каде покасно и самиот беше погребан.

Евнухот на етиопската царица Кандакија, крстен од свети апостол Филип на патот (Д.А. 5, 34-40), кој и својата царица ја обрати кон Христа, стана прв проповедник на Христа во Етиопија, каде и заврши со маченичка смрт.

Свети Закхеј, кој со радост го прими Господа во својот дом и чу од него: „денес дојде спасението на овој дом“ (Лк. 19, 1-10), по Вознесението Господово го следеше свети апостол Петар, и од него беше поставен за епископ на Кесарија Палестинска, каде апостолски го проповедаше Христа.

Свети Корнилие, капетан, крстен од свети апостол Петар (Д. А. 10, 1-48), потоа бил поставен од него за епископ во градот Скепсија, каде и се упокоил во мир".

Свети Лонгин, капетан, кој беше стражар кај крстот Господов и исповедаше дека навистина Исус е Син Божји (Мт. 27, 54), беше исто така стражар и кај гробот Господов и стана очевидец на Воскресението Христово, за кое и сведочи пред сите. Покасно тој го проповедаше Христа како апостол во Кападокија, каде и маченички пострада.

Свети Игнатиј, богоносец, според преданието, бил она дете, кое Господ го зеде на рацете и на кое им укажа на апостолите, кога рече: „Ако не бидете како деца, нема да влезете во Царството Небесно“ (Мт. 18, 2-5) Свети апостол Петар го ракоположи за епископ во Антиохија, каде апостолски го проповедаше Христа. Тој пострада маченички во Рим, фрлен на лавови кои го растргнаа.

Свети Поликарп, епископ на градот Смирна. Како апостол неуморно го проповедаше Евангелието Христово. Во житието на свети Игнатиј Богоносец, свети Симеон Метафраст го нарекува свети Поликарп божествен апостол кога вели: „Допатуваа тие во Смирна, и таму свети Игнатиј го целиваше свети Поликарп, божествениот апостол, својот соученик. Свети Поликарп пострада маченички за Господа Христа“.

Свети Еротеј, член на атинскиот Ареопаг, свети апостол Павле го научи на светата христијанска вера, и од него беше поставен за епископ во Атина. Заедно со другите свети апостоли и свети Еротеј беше пренесен по воздухот во Ерусалим пред Успението на Пречистата Богомајка. Го заврши животот маченички.

Свети Антип, епископ Пергамски, исто така пострада заради апостолското проповедање на Христа. За него, во своето Откровение до свети Јован Богослов, самиот Господ Христос говори вака: „Антипа, верниот мој сведок, го убија“ (Откр.2, 13),

Свети Димитриј, кого го спомнува свети Јован Богослов во своето Трето послание, говорејќи: „За Димитрија посведочија сите, па и самата вистина; а сведочиме исто така и ние; а вие знаете дека нашето свидетелство е вистинско“ (3 Јн.12). Свети Димитриј беше епископ во малоазијскиот град Филаделфија.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МОНАХ ЗОСИМ И АТАНАСИЈ КОМЕНТАРИСИЈ

Свети Зосим беше од Киликија. Живееше во пустината заедно со ѕверовите. Фатен од кнезот Дометијан, тој исповедаше дека Христос е вистинскиот Бог. Со вжештено железо му ги бушеа ушите; го фрлаа во казан полн со врела кал; потоа го обесија, и од сето тоа, на чудесен начин, тој остана неповреден. Тогаш наиде еден лав кој со човечки глас зборуваше за Божеството Христово. Таа глетка го привлече кон верата Христова Атанасиј Коментарисиј. А мачителот го ослободи светителот и заедно со Атанасиј отиде во пустината каде што порано живееше, го научи Атанасиј на вистинската вера и го крсти. Живеејќи таму заедно, еден ден на необичен начин се распукна карпата во која влегоа тие, и така ги предадоа душите свои, во рацете Божји.

СПОМЕН НА ШЕСТ СВЕТИ МАЧЕНИЦИ

Го завршија животот убиени за Господа Христа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ТЕОКТИСТ

Тој беше игумен на манастир што сам го основал, во Кукуми во Сицилија. Овде се подвизувал со своите собраќа, грчки монаси, кои побегнале од иконоборството. Преподобен Теоктист се упокоил во 800 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ЕВСТАТИЈ

Роден е во Будимската епархија. Потекнува од богобојазливи родители. Како млад се замонаши во Зета, па премина на повисок подвиг во Хилендар. Со текот на времето стана игумен Хилендарски. Како игумен беше избран за епископ зетски, а по извесно време и за архиепископ српски. Беше многу добродетелен човек и управуваше со Христовото стадо со ревност и со љубов. Мирно се упокои во Господа во 1279 година веќе остарен, со зборовите: „Во твоите раце Господи, го предавам мојот дух!“ Неговите мошти почиваат под храмот на Пеќшката патријаршија.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ХРИСАНТ И ЕФИМИЈ

Овие свети маченици почиваат во близина на свети Акакиј.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ ВАТОПЕДСКИ ИГУМЕН ЕВТИМИЈ И ДВАНАЕСЕТ МОНАСИ

Овие свети преподобномаченици пострадаа од папистите кои ја рушеа Света Гора Атонска, за време на царувањето на византискиот цар Михаил Палеолог (1258-1282). Бидејќи смело ги изобличија Латините заради нивните ереси, преподобниот Евтимиј, беше удавен во вода, а монасите обесени, и така со маченички крај го прославија Господа Христа. Нивниот спомен се прави на 4 јануари во Ватопедскиот манастир, а општ спомен на сите свети новомаченици се празнува на Света Гора Атонска во втората недела, по неделата на Сите Светии. Поопширен опис за страдањата на светите преподобномаченици Ватопедски се наоѓа под датумот на 10 октомври.

ЖИТИЕ НА НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ОНУФРИЈ

Светиот преподобномаченик Онуфриј е роден во селото Габрово, во Трновската епархија во Бугарија, од богати и побожни родители. Татко му се викаше Дечо, а покасно, откако се замонаши го доби името Даниил, во истиот Хилендарски манастир на Света Гора, каде што тогаш се подвизуваше и неговиот син. Кога беше мал на своето крштение, Онуфриј го доби името Матеј. Беше добар ученик. Во својата седумнаесетта година родителите го казнија за некое непослушание, и тој од лекомислено честољубие во присуство на Турци, изјави дека ќе ја прими мухамеданската вера. Во такви случаи Турците веднаш ги грабнуваа оние што даваа такви изјави и го извршуваа над нив обредот на мухамеданското обрезание. За да не се случи тоа неговите родители го сокрија и го испратија во Тројанскиот манастир „Света Богородица“ каде што до наши дни е зачувано преданието дека преподобниот Онуфриј тука го започнал својот монашки подвиг, и тука го примил својот прв монашки потстриг со името Манасиј.

Тој се подвизуваше сесрдно, но гласот на совеста сѐ посилно започна да го изобличува за неговото одрекување од христијанството, макар што тоа било само со зборови. Поради тоа тој се упати кон Света Гора Атонска, надевајќи се дека таму под раководство на поопитни старци ќе положи доволно покајание и ќе ја смири својата совест. Извесно време Манасиј помина во Хилендарскиот манастир, каде што беше ракоположен за ѓакон. Но, како што велат светите Отци на Црквата, колку повеќе расте христијанинот во доблестите толку подлабоко се смирува, и тогаш и ништожните гревови му изгледат големи. Така врз Манасија, постојано оставаа силен впечаток зборовите на Спасителот Христос: „Секој што ме признава Мене пред луѓето, и Јас ќе го признаам него пред мојот Отец небесен; а кој се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него, пред мојот Отец небесен“ (Мат. 10, 32-33). Од житијата на светиите, посебно го трогнуваше примерот на свети маченик Варлаам, кој ја држеше својата рака над распалениот жртвеник на јазичниците, додека сосем не му изгоре таа, но не го испушти темјанот врз жртвеникот за да не се рече дека го принел темјанот како жртва на идолите. А срцето му се распалуваше од ревност кога преподобните Ефтимиј, Игнатиј и Акакиј го извршија својот маченички подвиг. Тогаш Манасиј тајно го напушти Хилендар и отиде во Претеченскиот скит при тамошниот духовник Никифор и го замоли да го подготви и него за таков маченички подвиг.

Во продолжение на четири месеци тој ревносно се подвизуваше под духовното раководство на тој старец. Секој ден Манасиј правеше по илјада поклони; имаше непрестајна молитва; од неговото покајание извираа потоци од солзи. Јадеше многу малку, а за време на великиот пост јадеше сосем малку леб и пиеше по малку вода на секои три дена. Откако го подготви за претстојниот маченички подвиг, старецот Никифор му даде потстриг за велика схима со името Онуфриј и го испрати на островот Хиос со истиот сопатник, старецот Григориј, со кого ги испраќаше и другите преподобни маченици. Таму требаше да се изврши неговиот подвиг. На островот Хиос, свети Онуфриј живееше една недела во пост и молитва.

На Велики Петок, денот на Христовите страдања, тој се појави облечен во турска облека, храбро излезе пред судијата, отворено започна да хули на Мухамед и ја фрли на земјата зелената чалма од својата глава. Поради тоа веднаш го фрлија во темница, го мачеа тешко со најразлични измачувања и во истиот ден го осудија на смрт. На 4 јануари 818 година, на самиот морски брег му ја отсекоа главата и го фрлија неговото чесно тело во морето за да не можат христијаните да земат за свој благослов никаква честица од преподобниот маченик Онуфриј.

Пред смртта некој го запраша за неговото име и за местото од каде е дојден. Тој му одговори дека се вика Матеј и дека е од Велико Трново. Со тоа, тој сакаше да ја заштити Света Гора Атонска и својот манастир од непријатности од страна на Турците. Наскоро, по неговата маченичка смрт грците го канонизираа свети Онуфриј и составија житие и служба во негова чест.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЕФТИМИЈ НОВИ

Тој одел окован во железни синџири. Почива недалеку од манастирот на свети Мокиј.