18. Јануари (5. Јануари)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТЕОПЕМПТ И ТЕОНА
За време на жестокото гонење на христијаните од страна на римскиот император Диоклецијан, никомидискиот епископ Теопемпт даде славен пример на исповедничката цврстина. Тој стана жртва на едиктот според кој требаше да бидат затварани најнапред црковните водачи - епископите, а по нив клириците и чтеците.
Изведен пред царот тој почна да ги изобличува нивните идоли и му рече дека само семоќниот небесен Бог ги створил и небото, и земјата, и морето и сѐ што има во нив. Кога светителот го зборуваше тоа и многу други работи за христијанската вера, царот се разгневи и му рече: „Не те повикав за многу да ми зборуваш, туку веднаш да замолкнеш и да му принесеш жртви на богот Аполон“.
Теопемпт му одговори: „На таквите богови јас никогаш нема да им принесам жртва, ниту пак некогаш ќе се исплашам од маките на кои ќе ме подложиш. Зашто е напишано: „Не плашете се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат“ (Мт. 10, 28), Ти имаш власт над моето тело и прави со него што сакаш“.
Тогаш царот го подложи на разни мачења. Им заповеда на своите војници да приготват вжештена печка, и кога таа беше готова, светителот им одговори: „Сега ќе ви ја покажам силата на мојот Господ Бог, за чие што свето име е вжештена оваа печка, против мене“.
Го рече тоа и се фрли во печката која силно гореше и седна среде неа. А војниците мислеа дака тој веднаш изгорел и си заминаа од таму. На полноќ, светиот човек излезе од печката, отиде во царскиот двор и се упати кај царот, а вратите пред него сами се отвараа. Тој го разбуди царот и му рече: „Јас сум епископот Теопемпт, човекот на Исуса Христа, зашто не сум умрен како што нареди ти, туку сум жив“. Откако го рече тоа, се врати повторно во печката. Царот се преплаши и просто онеме од страв. А кога осамна, ги повика своите војници, и ги праша: „Го фрливте ли оној христијанин во вжештената печка како што ви наредив?“ Војниците му одговорија: „Да, господару, постапивме по твојата наредба: го фрливме, и тој вчера изгоре и умре“.
Тогаш, Диоклецијан тргна со војниците. Кога дојде пред печката го слушна светиот епископ како пее и го слави Бога среде вжештената печка и многу се зачуди. Потоа светителот излезе од неа неповреден, а царот им рече на присутните: „Погледнете каква сила имаат христијанските магии, зашто имам чуено дека во името на некој Исус ги прават своите магии“.
И тогаш, нареди да фатат едно куче и да го фрлат во печката за да видат дали и кучето нема да изгори, како што по некое чудо не изгоре епископот. Но, кучето веднаш изгоре. Кога го виде тоа царот, му рече на Божјиот човек: „Како безбожник ќе те подложам на најстрашни маки, зашто гледам дека си опседнувач и волшебник“.
И царот нареди да го затворат свети Теопемпт во тесна темница и да не му даваат ниту храна, ниту вода, сѐ до денот кога тој ќе посака да му суди пред народот. Остана светиот во таа темница дваесет и два дена, без храна, крепен од Бога.
А кога го извадија здрав и со весело лице, Диоклецијан се разбесни и рече: „Одете и видете колку е големо христијанското магепсништво!“ А блажениот му рече: „До кога, беднику, ќе бидеш слеп по срце и нема да го спознаеш вистинскиот Бог, во кого верувам јас? Зашто Он ми дава сила да ги поднесувам твоите маки на кои ме ставаш ти“.
Кога го слушна тоа, царот нареди да му го извадат десното око и да го стават во неговата десна рака, и пак го врати во темницата. Додека светителот се молеше во темницата, го осветли огромна светлина и неговото око веднаш стана здраво.
Кога го виде тоа чудо, царот реши да пронајде некој голем волшебник кој ќе може да ги уништи, како што велеше тој, сите магии и вештини на епископот. И пронајде еден таков волшебник по име Теона. Го изведе епископот пред него, а тој направи две отровни погачи од магиско брашно и му ги даде на светителот да ги изеде. И тој ги изеде, и во устата му беа слатки како мед. И не му наштетија ниту малку. Теона се зачуди и рече: „Ќе пробам уште една вештина на тебе, и ако не ми успее, ќе поверувам во твојот Бог“. Зеде една чаша со вода и стави во неа некаква смртоносна билка, и ги повика имињата на најсилните демони за отровот да биде уште посилен. И му даде на светителот да ја испие. Светителот ја испи, но и таа не му наштети.
Тогаш Теона се фрли пред нозете на светиот епископ, и рече: „Нема друг Бог освен Исус, во кого би можеле да се надеваме“. Потоа му рече на царот: „Христијанин сум и се поклонувам на Распнатиот“.
Царот многу се разбесни и ги фрли двајцата во темницата. Тука свети Теопемпт го поучи Теона во верата и му го даде името Синесиј што значи - полн со разум. И го крсти во темницата.
Утредента царот започна да му ласка на епископот и повторно го тераше да им принесе жртви на боговите, а кога беше одбиен, царот заповеда да го положат на земјата, и да му ги врзат рацете и нозете за четири столба. Потоа нареди да му стават еден огромен камен врз стомакот. Но, кога епископот започна да се моли, каменот сам се подигна и се фрли неколку метри подалеку од него. Потоа го обесија со главата надолу и му ставија тежок камен околу вратот и така висеше светиот цел ден. Кога го симнаа, царот му изрече смртна пресуда на светителот, која тој со радост ја прими. Се помоли на Христа Бога и ја приклони својата глава под мечот. Така го заврши својот живот во мир, исповедајќи ја верата во Пресвета Троица. Тогаш го извадија и Теона од темницата, и кога царот не успеа и него да го натера да им принесе жртви на идолите, нареди жив да го закопаат во земјата. И доведоа бесни коњи да ја газат земјата во која беше закопан светителот, и долго газен од коњските копита тој прејде кај Господа, во 303 година. Така го завршија својот маченички подвиг овие свети маченици, епископот Теопемпт и Теона, кои пострадаа за време на царувањето на жестокиот незнабожен цар Диоклецијан во Никомидија, и се удостоија на Царството Небесно.
ЖИТИЕ НА СВЕТАТА И БЛАЖЕНА МАЈКА И УЧИТЕЛКА ПРЕПОДОБНА СИНКЛИТИКИЈА
Четвртиот век е одбележан не само со торжественото навлегување на христијанството во духовниот живот и во социјалното и државно уредување на елино -римскиот свет,туку и со класичен расцвет на христијанското подвижништво. Пустините на Египет, Палестина, Месопотамија се преполнија со пустиножители, кои се издигнаа до врвовите на аскетското совршенство, и ги создадоа правилата и обрасците на монашкиот подвиг. Изникнаа и многу женски живеалишта. Христијанките коишто се пројавија како апостолки, маченички и исповеднички, не им отстапија на мажите и во бескрвното мачеништво на јуначкото борилиште.
Свети Атанасиј Велики ни остави многу содржајно житие за преподобна Синклитикија, која се пројавила како началничка на монашкото општожитие во четвртиот век. Тој ја опишува како умна и задлабочена наставничка во духовниот живот. Во тој дух во нејзино име е зачуван зборник со мудри мисли и наравоучителни изреки.
Преподобна Синклитикија потекнува од македонската земја. Нејзините предци откако слушнале за богољубието и христољубието на Александријците од Македонија, отишле во градот на Александар Македонски, Александрија, кој го основал во 397 година пред Христа, и по него го добил името. Тие со радост се населиле тука и многу се радувале не на многубројниот народ или огромните градби, туку на цврстата и единствена вера со искрена љубов што ја нашле. Блажена Синклитикија беше позната и по своето потекло и притоа украсена и со други, по светските сфаќања, раскошни работи.
Таа имаше една едномислена сестра и двајца браќа, кои исто така водеа честит живот. Едниот од нив умре уште како дете, а другиот, кога имаше 25 години. Родителите сакаа да го оженат, но тој ненадејно, кога сѐ било спремно за свадба, одлетал како птица од карпа, заменувајќи ја земната невеста со пречистиот и слободен собор на Светии на небото. Блажена Синклитикија беше многу убава и макар што беше израсната во раскош, сепак ја привлекуваше скромниот и богоугоден живот. Доброволната работа, тајното постење, решителното откажување од светските радости - беа основните стапки на нејзината подвижничка подготовка.
Кога починаа нејзините родители, таа го раздаде на бедните огромниот имот што го наследи од нив, ја зеде со себе својата сестра која беше слепа, и се насели да живее во еден гроб оддалечен од градот кој му припаѓаше на некој нејзин роднина. Тогаш повика еден свештеник кој ѝ даде монашки потстриг, и на тој начин го симна од себе секој украс, зашто кај жените постои обичај косата да ја нарекуваат свој украс. Таа нејзина постапка беше знак дека душата ѝ станала проста и чиста. Дури тогаш таа по прв пат се удостои да се нарече девственица (т.е. монахиња). Уште на самиот почеток од својот духовен подвиг, преподобната ги надминуваше оние кои веќе имаа стекнато навика на монашкиот живот. Ние не сме во состојба да го опишеме нејзиното секојдневно подвижничко живеење, затоа што Синклитикија не дозволувала никому да го види тоа нејзино живеење, ниту пак сакала оние што го знаат тоа да бидат разгласувачи на нејзините добри дела. Во својот ум ги носела Господовите зборови во кои вели: „Ако нешто правиш со твојата десница, тоа да не го знае твојата левица“ (Мат. 6, 3). Од својата најрана младост, па сѐ до староста, преподобната, не само што одбегнуваше да се сретне со кое било машко, туку го избегнуваше и својот женски род. А тоа го правеше од две причини; или да не биде славена поради големите подвизи или да не се лиши од доблестите поради телесни потреби. Во својот самоволен затвор, таа постојано се молеше, го изучуваше Светото Писмо и се учеше да ја прогонува од себе секоја лоша помисла. Најзиниот богоугоден живот и привлечниот пример, бргу насобраа околу двете сестри многу благочестиви жени, кои имаа силна желба нивните духовни стремежи да се раководат од советите на блажената Синклитикија. Смирената девица се сметаше себе си за недостојна за одговорноста на духовен наставник и затоа ги насочуваше да се поучуваат од Светото Писмо, како единствен извор на секоја спасителна мудрост.
Но, кога околу неа се насобраа многу девственички, таа беше принудена духовно да ги раководи. Девствениците се поучуваа од нејзините поуки и најмногу од нејзиниот убедлив пример да го сакаат Бога и своите ближни, да ги поднесуваат со трпение и благодарност сите маки, неволји и страдања и никогаш да не се оддаваат и на најслабото горделиво чувство, дури и при најголемите свои подвизи. Таа постојано им говореше:
- Чеда мои, сите луѓе и сите ние знаеме како треба да се спасиме, но со нашата сопствена немарност, сме далеку од спасение. Најпрвин треба да го држиме она што ни е објавено преку благодатта Господова, а тоа е: „Возљуби го Господа својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; возљуби го својот ближен како себе си“ (Мат. 22, 37. 39). Во тие две заповеди се држи почетокот на Законот, и во нив почива полнотата на благодатта.
Ние, кои сме го зеле на себе монашкиот призив, треба да се држиме во крајно целомудрие и разумност. Зашто и жените во светот изгледа дека имаат целомудреност и разумност, но тие истовремено имаат и нецеломудрие и неразумност поради тоа што грешат со сите други чула. Зашто и со очите гледаат недолично и се смеат недолично. А ние треба да го оставиме сето тоа зад себе и да се воздигнуваме во доблестите. Зашто Светото Писмо вели: „Твоите очи нека гледаат право“ ( Изр. 4, 25). Јазикот исто така треба да го чуваме од такви гревови, зашто не е добро органот со кој што го славиме Бога, да изговара срамни зборови. И не само што не треба да зборуваме срамни зборови, туку не треба ни да ги слушаме.
Сето тоа не можеме да го сочуваме ако често излегуваме во светот, зашто преку нашите сетила, макар и да не сакаме влегуваат крадците. Зашто, како може да не поцрни куќата, ако надвор околу неа има чад, а прозорците ѝ се отворени?
Но, не треба да сме безгрижни и кога ќе се затвориме во домот, туку треба да бдееме, како што е напишано: „Бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ!“ (Мат 24, 42). Колку повеќе растеме во целомудрието, толку повеќе нѐ напаѓаат нечисти помисли.
На многу разни и лукави начини, ѓаволот ги поттикнува помислите на блуд врз христољубивите луѓе. Затоа ни е потребен напорен подвиг и чиста молитва.
Овој разговор беше Божествена гозба за присутните девственици зашто пиеја од чашата на премудроста, а блажена Синклитикија им налеваше Божествено вино и пијалок. Секоја однив земаше што сакаше, а една од присутните запраша:
- Дали сиромаштвољубието е совршено добро?
А таа рече:
- Сосем е совршено за оние кои можат да го издржат тоа. Зашто оние што ја засакале сиромаштијата имаат неволји во телото, но леснотија во душата. И тие добиваат голема корист; бидејќи, штом умот не им е приврзан за овоземното богатство, се облекуваат во Царството Небесно. Исто така и непријателот бива лесно победен од оние што го сакаат сиромаштвото, зашто тој нема на што да им наштети, бидејќи повеќето штети и искушенија биваат поради лишување од предмети, додека кај сиромаштвољупците нема што да се одземе и оштети. Да им ги запали селата? Тие немаат села. Да им ја помори стоката? Но и неа ја немаат. Да им се допре до саканите предмети? Но, од нив многу се оддалечиле. Со сите овие причини сиромаштвољубието е навистина сјајно оружје против непријателот и скапоцено богатство за душата.
Не дозволувајте да ве прелажува уживањето на богатите во светот, како од тоа да се има некаква корист.
Непријателот има три основни работи од кои произлегува секој порок. Тие се: страстите, уживањето и жалоста. Овие три работи зависат една од друга и следуваат една по друга. Зашто уживањето се извршува преку телото, додека страста почнува од душата. Жалоста пак е составена од двете. Ако не ѝ допуштите на страста да дејствува, со тоа го уништувате и уживањето кое е нејзин плод.
Ако постите тогаш немојте да зборувате дека ќе се разболите, зашто и тие кои не постеле се разболуваат од исти болести.
Ова е дел од многуте поуки на чесната и седоблесна Синклитикија, кои се повеќе дела одколку зборови. И уште многу работи објавила таа, во корист на оние кои ја слушале и виделе. Толкаво мноштво на добра проистекло од неа, што човечкиот јазик просто не може да ги искаже.
Преподобна Синклитикија ја зафати жестока болест со длабоки рани по целото тело. Никој никогаш не ја слушна да се пожали или да ропта при носењето на овој тежок крст. Таа дури се радуваше, зашто Господ ја удостои со такво искушение. Додека јуначки ја поднесуваше тешката болест, блажената не падна со духот, туку и понатаму се бореше со непријателот.
Додека закрепнуваше, таа уште поревносно започна да ги поучува своите девственички. Мразителот на доброто, гледајќи ја како повторно се засилува против него, стануваше бесен. Еден ден тој направи така да ѝ се заглави коскичка од риба во грлото, и ѝ загнои. Гноењето брзо се прошири. И после два месеца ѝ поцрнеа многу места по телото, и притоа гној и тешка смрдеа ѝ го зафатија целото тело. Монахините не беа во состојба да ја поднесуваат ужасната смрдеа и затоа често се одвојуваа од неа. А кога требаше да ѝ пријдат по некоја потреба, тогаш тие палеа многу темјан и брзо се оддалечуваа. Долго ја молеа да повикаат лекар, но таа одбиваше.
Кој не би се згрозил, гледајќи вакви страшни рани? Кој не би добил корисни поуки, гледајќи ја долготрпеливоста на блажената и во неа поразот на непријателот на душите? Издржа таа во оваа борба уште три месеца, а телото ѝ се одржуваше само со Божествената сила, бидејќи ништо не јадеше. А и сонот ја напушти, нарушен многу од страшните болки.
Кога се приближи сосем близу до венецот на победата, преподобната имала видение и посета на Ангел, и повици од свети девственички од небото да отиде кај нив, и била осветлена со неискажлива светлина и удостоена на видување на рајот.
И откако го видела сето тоа и си дошла повторно на себе, им препорачала на присутните сестри храбро да поднесуваат сѐ и да не бидат малодушни. Им го рече и ова:
„По три дена ќе се одвојам од телото“. Им го кажа и часот на нејзиното заминување. Кога се исполни тоа време, блажена Синклитикија отиде кај Господа и го прими од Него Царството Небесно, како награда за своите подвизи.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНАТА АПОЛИНАРИЈА ДЕВИЦА,
која се подвизуваше во машка облека и под машко име
Кога умре грчкиот цар Аркадиј, неговиот малолетен син Теодосиј имаше осум години. Братот на Аркадиј, римскиот цар Хонориј, на малолетниот цар му го одреди за намесник, проконзулот Антемиј, човек мудар и многу набожен. До полнолетството на Теодосиј, тој владееше наместо царот поради што и свети Симеон Метафраст, кој го напишал житието, постојано го нарекува цар.
Антемиј, имаше две ќерки. Помалата уште од рано детство имаше во себе нечист дух, а постарата која се викаше Аполинарија, уште од мала ги посетуваше светите цркви и времето го поминуваше во молитва. Кога стана полнолетна нејзините родители имаа намера да ја омажат, но таа го одби тоа, и им рече на родителите:
- Сакам да одам во манастир, да го слушам Светото Писмо и да водам манастирски живот. А родителите ѝ зборуваа:
- Ние сакаме да те омажиме. Таа им возвраќаше:
- Не сакам да се мажам, туку се надевам дека Бог и мене по мојата богобојазливост ќе ме сочува чиста, како што ги чува непорочни своите свети девојки. Додека Аполинарија упорно ги молеше да ја посветат на Господ Христос, и така да примат награда од Господа за нејзиното девство, тие се чудеа како девојка на тие години зборува така, обземена од божествена желба.
А царот Антемиј многу тагуваше поради нејзината намера, зашто сакаше да ја омажи. Но, откако видоа дека нејзината желба е цврста и богољубива тие ѝ рекоа:
- Нека биде волјата Господова!
На нејзина молба, доведоа во својот дом искусна монахиња да ја подучува во духовниот живот, и да ја научи на читање на Псалтирот и Светото Писмо. После тоа, таа им велеше на своите родители:
- Ве молам, дозволете ми да отидам да ги видам светите места во Ерусалим! Таму ќе се поклонам и помолам на Чесниот Крст и на светото Христово Воскресение.
Тие не сакаа да ја пуштат зашто таа им беше единствена утеха во домот; многу ја сакаа, а нејзината сестра беше обземена од бес. Но, Аполинарија долго време не престануваше да ги моли, и на крајот, иако не сакаа, ѝ дозволија да оди. Ѝ отстапија неколку слуги и слугинки, ѝ дадоа немалку злато и сребро и ѝ рекоа:
- Ќерко, земи го ова и оди! Исполни го својот завет, зашто Бог сака ти да бидеш негова слугинка! Се поздравија со неа, и ѝ рекоа: - Спомни нѐ и нас, ќерко, во своите молитви, кога ќе пристигнеш во светите места! А таа им одговори:
- Како што вие ја исполнивте молбата на моето срце, така Бог нека ги исполни вашите молби и да ве избави во денови на жалост! Откако се поздрави со родителите, таа се качи на бродот и тргна на пат.
Во светиот град Ерусалим, се поклони на Воскресението Господово и Чесниот Крст, и сесрдно се помоли за своите родители. И секој ден посетуваше женски манастири, и даваше многу милостиња на оние што имаа потреба. Започна да ги отпушта своите слугинки, дарувајќи им ја слободата и притоа богато ги наградуваше и молитвите нивни за себе ги препорачуваше. А по неколку дена, откако изврши молитви по светите места, и беше на Јордан, им рече на оние што беа со неа: - Браќа мои, сакам и вас да ве пуштам на слобода, само ајде најпрвин да одиме во Александрија, да се поклониме на свети Мина. А тие ѝ одговорија: - Нека биде како што ќе кажеш ти, госпоѓо.
Кога се приближија до Александрија, за нејзиното доаѓање дозна проконзулот Александриски, и испрати угледни луѓе да ја пречекаат и да ѝ се поклонат како на царева ќерка. За да ги одбегне почестите, таа влезе во градот ноќе, и сама дојде во домот на проконзулот, и му се поклони нему и на неговата сопруга. Тие ѝ паднаа пред нозете и ја запрашаа:
- Зошто направи така госпоѓо? Ние испративме кај тебе да ти се поклонат, а ти госпоѓо наша, дојде и ни се поклони нам.
Им одговори блажена Аполинарија:
- Ве молам, отпуштете ме што поскоро и не навалувајте на мене со почести, зашто сакам да одам да се поклонам и помолам на свети маченик Мина. А тие ја даруваа со чесни дарови и ја отпуштија.
Блажената ги раздаде тие дарови на сиромашни луѓе и се задржа во Александрија неколку дена, и времето го помина во посети на цркви и манастири. А пак, во домот во кој се смести, најде една старица, која богато ја награди, и ја замоли тајно да ѝ купи мантија, кожен појас и сѐ што е потребно од машка монашка облека. Старицата го купи сето тоа, ѝ го донесе на блажената, и ѝ рече: „Бог нека ти е на помош, мајко моја!“ Аполинарија ја зеде облеката, ја сокри, и тогаш ги отпушти и останатите слуги и слугинки; остави само еден стар слуга и еден евнух. Седна во лаѓата и отпатува во Лиман. Се поклони на гробот на свети маченик Мина, се обезбеди со покриена кочија и тргна во Скит да се поклони на тамошните свети отци.
Беше вечер кога тргнаа на пат. Додека патува таа се преоблече, го симна од себе световниот скапоцен фустан, и се облече во машка монашка облека, молејќи му се на Бога:
„Господи, Ти ме поттикна на монаштво; удостој ме до крај да го носам по Твојата света волја“. Се прекрсти, па полека, кришум се симна од кочијата додека нејзините слуги дремеа и со сокри во грмушките, додека колата го продолжи патот. И се насели, светителката во пустината, И живееше сама во едниот Бог, кого многу го возљуби. А Бог, гледајќи ја нејзината љубов спрема Него, ја штитеше со Својата рака, ѝ помагаше против невидливите напаѓачи, и ѝ даваше храна за телото од палмовото дрво - урми.
Кога дознаа нејзините родители дека нивната ќерка исчезнала, горко плачеа и тагуваа по неа. Посебно кога го гледаа фустанот на својата мила ќерка, што им го вратија слугите, неутешно ридаа и плачеа, и таткото, и мајката, а со нив и сите дворјани. Потоа Антемиј му благодареше на Бога, и рече: „Боже ти си ја избрал; утврди ја во твојот страв!“ И додека сите плачеа некој од дворјаните го тешеше царот, говорејќи: „Тоа е вистинска ќерка на добриот татко; тоа е права фиданка на благочестивиот цар. Поради многубројните добри дела твои, господине царе, Бог те благословил со таква ќерка“. И сите се молеа за неа бидејќи мислеа дека отишла да води суров пустински живот. А всушност така и беше.
Аполинарија поживеа неколку години во близина на местото каде ја напушти колата на своите слуги, борејќи се со ѓаволот и со своето тело, кое од почетокот беше нежно, но покасно кожата ѝ стана тврда како кај желка, а телото ѝ се исуши од трудовите, постот и бдеењата. А кога Господ реши да ја уврсти меѓу отците пустински, ѝ се јави на сон еден ангел, и ѝ нареди да замине во Скит и името да ѝ биде Доротеј.
И тргна блажена Аполинарија, и изгледаше така што никој не можеше да препознае дали е машко или женско. Додека одеше по патот, еден ден го сретна свети Макариј. Тој ѝ рече:
- Благослови, оче!
И таа замоли од него благослов. Откако се благословија еден со друг, двајцата тргнаа накај Скитот. Светата го запраша старецот:
- Оче, кој си ти? Тој ѝ одговори:
- Јас сум Макариј. А таа му рече:
- Направи ми ја таа љубов оче, дозволи ми да останам со твоите браќа.
И старецот веднаш ја одведе во својот Скит, ѝ даде ќелија, незнаејќи дека е жена, туку мислеше дека е евнух. Зашто Бог, не му ја откри нејзината тајна поради големата корист за сите која требаше да произлезе од тоа, во слава на Неговото свето име. Старецот ја праша:
- Како се викаш? Таа му одговори:
- Се викам Доротеј. Сум слушал за светите оци што живеат овде, па дојдов да бидам учесник во нивниот живот, ако се покажам достоен. Тогаш запраша старецот:
- Кој занает го знаеш брате? Доротеј одговори:
- Што ќе ми наредиш оче, тоа ќе работам. И тој ѝ покажа да плете јажиња.
Остана светата девојка да живее со монасите како машко, имајќи ќелија меѓу монасите, и беше како еден од тие отци. И Бог ја чуваше, да не се дознае која е таа. Срдечно, и дење и ноќе се занимаваше светата со ракоделие и постојана молитва. Заради строгоста на својот живот, Господ Бог ѝ подари благодат да исцелува болести, и името Доротеево беше на устата на сите, зашто сите го сакаа и почитуваа божемниот Доротеј, како голем отец.
Откако помина долго време, ѓаволот што се наоѓаше во помладата ќерка на царот Антемиј, сестрата на Аполинарија, започна силно да ја измачува и да вика: „Ако не ме одведете во пустината, нема да излезам од неа!“
Тоа лукавство го измисли ѓаволот, за да обелодени дека Аполинарија живее во манастирот како машко, и така да ја истера од Скитот. Но, Бог не му допушти да зборува нешто за Аполинарија. Царот реши да ја испрати својата бесомачна ќерка во Скит, за светите отци да се помолат за неа.
Кога стигнаа во Скитот, им излезе во пресрет свети Макариј, и ги праша:
- Зошто сте дошле овде, чеда мои? А тие му одговорија:
- Нашиот благочестив цар Антемиј ја испрати својата ќерка да се помолите на Бога за неа и да ја исцелите од болеста.
Старецот ја зеде, ја одведе кај ава Доротеј, кој всушност беше Аполинарија, сестрата на бесомачната, и рече: „Направи ја оваа љубов зашто на царевата ќерка ѝ требаат молитвите на овдешните отци, а и твоите; помоли се за неа, и исцели ја, зашто на тебе се даде овој дар од Бога“.
Кога го слушна тоа, Доротеј започна да плаче и да говори: „Кој сум јас грешниот да мислите така за мене како да имам власт да изгонувам демони?“ И падна на колена и започна да го моли старецот: „Остави ме оче, да ги оплакувам многуте мои гревови зашто сум немоќен и многу неук и недостоен за такво дело“. А Макариј му рече: „Зарем не постојат други отци кои чинат чудеса во Бога? Но ова дело ти е препуштено тебе“. Доротеј рече: „Нека биде волјата Господова“. И се сожали на бесомачната и ја одведе во својата ќелија.
Ја препозна дека тоа е нејзината сестра. И, плачејќи над неа се тешеше. Ја прегрна и рече: „Добро ни дојде сестро!“ А Бог му ја затвори устата на ѓаволот да не ја издаде слугинката Божја, Аполинарија, која се криеше како машко. А светителката се бореше со ѓаволот со молитва. Еден ден кога ѓаволот започна силно да ја мачи девојката, стана блажена Аполинарија, ги подигна рацете кон Бога и со солзи се молеше за својата сестра. Тогаш ѓаволот, не можејќи повеќе да ја поднесе молитвената сила, громко повика:
„О, маки мои! Неволја ме гони и морам да заминам одовде“. Ја собори девојката и излезе од неа. А света Аполинарија ја зеде својата сестра здрава, ја одведе во црквата, падна пред нозете на светите отци и говореше: „Простете ми, мене грешниот, кој толку многу грешам во вашата средина“.
Родителите силно се израдуваа на исцелувањето на својата ќерка, и целиот Сенат се радуваше со својот цар, и го славеа Бога за огромната негова милост. А света Аполинарија сѐ повеќе се смируваше меѓу отците и неизмерно се подвизуваше и стана совршен схимник.
После тоа ѓаволот повторно измисли лукавство. Пак влезе во излекуваната ќерка на царот, и се криеше во неа не покажувајќи ја како бесомачна, туку направи како да е бремена и нејзиниот стомак растеше од ден во ден. Кога го забележаа тоа нејзините родители беа многу збунети и ја запрашаа својата ќерка:
„Со кого се огреши? Кој те упропасти?“
А таа чиста и со телото и со душата, говореше: „Не знам, и едноставно не можам да разберам од каде ми е ова“. Кога родителите сурово настојуваа и со ќотек ја тераа да им ја каже вистината, ѓаволот проговори од нејзината уста: „Оној црноризец што е во Скитот, во чијашто ќелија бев, тој ме оскверни, и од него забременив“.
Тогаш царот силно се разбесни и испрати да се уништи тоа место. Кога стигнаа во Скитот, војводите со војската со гнев го побараа црноризецот: „Дајте ни го црноризецот што ја оскверни царевата ќерка и од кого таа забременила! Зашто сите ќе ве убиеме!“ Отпците се исплашија многу, а блажениот Доротеј застана пред нив и рече:
„Јас сум оној што го барате. Мене како единствен виновник фатете ме, а останатите отци се невини, и затоа оставети ги на мира“. Отците многу се нажалија и сакаа да одат и тие со него, зашто не веруваа дека тој го направил таквиот грев. Тогаш блажениот им рече:
„Господа мои, вие само молете се за мене, а јас ќе се крепам во Бога и во вашите молитви, и наскоро ќе се вратам кај вас здрав“. Кога го доведоа Доротеј кај царот, тој падна пред царевите нозе и рече:
„Ја молам, Вашата побожност стрпливо да ме сослушате. Само ајде да одиме насамо и јас ќе ви раскажам сѐ. Зашто девојката не е упропастена, ниту над нејзината чедност е извршено некакво насилие, да не даде Бог!“
Тогаш царот и царицата се издвоија насамо со Доротеј и тој им рече:
„Во името Божјо ве молам, ветете ми дека откако ќе ја дознаете вистината, повторно ќе ме пуштите на своето место“.
А кога тие му ветија, им рече:
„Мојата смерност ја исцели во Бога вашата ќерка, со молитвите на светите отци. Сега ќе ви откријам една работа, ќе ви обелоденам досега чувана тајна, во слава на името Господово, а на посрамување на ѓаволот, кој ги клевети невините“. Кога го рече тоа, таа ги разгрна своите гради и покажа дека не е машко туку женско, и рече:
„Оче, јас сум твојата ќерка Аполинарија“.
Кога го слушнаа тоа, родителите едноставно премреа од ужас и чудење и веднаш препознаа дека тоа е нивната ќерка и се израдуваа со неискажлива радост и многу солзи радосници пролеаја тој ден. Ја доведоа пред неа и нејзината сестра, и ја прашаа:
„Го познаваш ли овој црноризец?“ Таа одговори:
Навистина, ова е монахот што ме исцели во Бога, и падна пред нозете на светата и ја молеше да ја исцели од зголемениот стомак.
Аполинарија ја стави својата рака врз нејзиниот стомак и веднаш побегна ѓаволот од неа и нејзиниот стомак стана каков што беше порано. И настана плач и радост во царевиот дом, оти постарата ќерка Аполинарија ненадејно се најде, и другата ќерка се избави од недолжниот срам.
Таа остана кај своите родители неколку дена и подетално им раскажа сѐ за себе. Сите го славеа Бога за целото вакво Негово божествено промислување. Откако долго му се помолија на Бога, родителите со многу солзи ја отпуштија својата ќерка да отпатува во својот Скит и се радуваа и веселеа во Бога. Кога пристигна во Скитот, отците и браќата многу се израдуваа што братот Доротеј им се врати здрав. Тој ден го претворија во празник и му благодареа на Бога, и никој не знаеше што доживеа Аполинарија кај царот, ниту пак некој дозна дека таа е женско. По кратко време таа го предвиде своето заминување кај Бога. Затоа му рече на ава Макариј: „За моја љубов оче, те молам, во случај на мое заминување од овој свет, браќата да не го мијат и припремаат моето тело“. Старецот одговори: „Како може тоа да биде?“
А кога преподобна Аполинарија му се претстави на Господа, дојдоа браќата да го измијат нејзиното тело и видоа дека е женско. Зачудени тие со восхит велеа: „Слава Тебе Христе, што имаш многу тајни светители Свои“. Се восхити свети Макариј што не му беше откриена оваа тајна. Потоа во сон имаше видение; некој му зборуваше: не тагувај што оваа тајна не беше откриена пред тебе, зашто и ти треба да бидеш овенчан со светите отци од памтивек, и му го кажа потеклото, житието и името на блажена Аполинарија. Старецот ги собра браќата и им го раскажа своето видение. Потоа го подготвија телото на светителката и чесно го погребаа на источната страна на црквата, во гробницата на свети Макариј. Од нејзините свети мошти биваа многу исцеленија по благодатта на нашиот Господ Исус Христос, кому нека му е слава за навек. Амин!
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ КРИТСКИ
Овој светител беше од островот Крит, син на многу побожни родители, Теофан и Јулијана. По завршувањето на своето школување родителите го одредија да чува овци. А тој, горејќи со божествена ревност и љубов, еден ден го напушти татковиот дом и отпатува во Селевкија. Таму помина долго време и живееше само со многу малку леб и вода. Кога наполни дваесет и шест години, иконоборецот Лав Четврти умре, и Православието доби слобода. Тогаш преподобен Григориј, со многу љубов отпатува во Ерусалим, да се поклони на светите места. Не е возможно да се опишат стравовите што ги претрпе тој таму од Агарјаните и Евреите, во текот на цели дванаесет години.
Од Ерусалим отпатува во Рим. И го прими таму ангелскиот монашки образ, и го совладуваше своето тело со воздржание. После некое време цариградскиот патријарх свети Никифор, го испрати кај папата во Рим, Михаило Синадон, исповедникот. Таму тој го најде преподобниот Григориј, го зеде со себе при враќањето за Цариград, го одведе во манастир во местото Акрита, близу Халкидон, и го приклучи на тамошните монаси... Овде преподобниот живееше босоног, и имаше на себе само една долга кошула. Спиеше на рогозина и земаше по малку леб и вода на секои три дена. Потоа се затвори во една длабока јама и таму помина многу години. Тука ги оплакуваше тешките јадови што ја снајдоа Црквата Христова за време на гонењето на светите икони.
А кога покасно излезе од јамата, тој се затвори во една многу тесна ќелија облечен во една кожа. Во негова близина имаше една бавча, а во неа огромно буре полно со вода. Тој секоја вечер одеше таму, ја соблекуваше од себе кожата, влегуваше во бурето, и во него го читаше целиот Псалтир. Излегуваше кога ќе го прочиташе целиот Псалтир. Тоа го правеше секоја ноќ во текот на целиот свој живот. Најпосле, после толку големи подвизи, блажениот Григориј ја предаде својата блажената душа во рацете на Христа Бога, околу 820 година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ФОСТИРИЈ
Свети Фостириј засветли како сонце на Исток, а потоа отиде на крајниот Запад. Таму се повлече на една висока и тивка гора и строго се подвизуваше во пост и молитва. Се удостои на благодатта да прави чудеса. Овој блажен отец добиваше леб од небото, како некогаш пророкот Илија. Но, кога изгради манастир и насобра многу монаси околу себе, повеќе не добиваше храна од ангел Господов, туку започна да се занимава со ракоделие давајќи им пример на браќата, дека треба да работат и со својот труд да го заслужуваат лебот за себе. Тој имаше големо влијание врз еретиците и многумина се вратија во Православието и некои од нив станаа монаси. Правеше многу чуда и за време на својот живот и по претставувањето на Господа Бога, што се случи на 5 јануари, вечерта пред Богојавление.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МИНА
Преподобниот отец Мина се подвизуваше во еден општожитиен манастир на Синајската Гора во шестиот век. Педесет години помина тој во разни монашки послушанија. Во третиот ден по блажената смрт на овој подвижник, се собраа сите браќа во храмот за да го отпеат починатиот по црковните прописи. Во текот на ова богослужение ненадејно храмот се исполни со мирис, кој излегуваше од она место каде почиваше покојникот. Тогаш настојателот на храмот нареди да го отворат гробот на преподобниот, и сите присутни видоа како од двете стапала му течеа два извора на миомирисно миро. Тогаш настојателот им рече на браќата: „Погледнете, тоа е како да потекла пот од трудовите кои ги поднеле нозете на покојникот за време на животот: исполнет е со миомирис како доказ дека неговите трудови се примени од Бога. Затоа и вие извршувајте ги послушанијата, кои ви се даваат со чиста совест и целосно внимание, за да добиете награда за својот труд од Господ Бог и Спасител наш“.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРОРОК МИХЕЈ 1
Свети пророк Михеј, синот Јемвлајев, бил современик на пророк Илија и живеел во деветтиот век пред Христа, во времето на Израилскиот цар Ахав и Јудејскиот цар Јосафат.На пакосниот цар Ахав му ја прорекол смртта во војната со Асирците (1 Цар. 22, 2 Днев. 18). Постојано пророкувал усмено и не пишувал ништо. Друг е пак пророкот Михеј еден од дванаесетте таканаречени „мали пророци“, кој го прорекол раѓањето на Господа во Витлеем, и напишал книга со пророштва; Тој живеел и работел сто и триесет години по пророкот Михеј Први.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК САИСА
Пострадал за Исуса Христа фрлен во море.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОИД
За исповедањето на верата во Христа, свети Теоид пострадал кога џелатите го изгазиле со нозете.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНА ДОМНИНА
Се обестрастила себе си со подвизи и се упокоила во мир.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНА ТАТЈАНА
Со испоснички подвизи ја осветила својата душа. Се претставила во мир.