19. Јануари (6. Јануари)
СВЕТО БОГОЈАВЛЕНИЕ НА НАШИОТ ГОСПОД БОГ И СПАСИТЕЛ ИСУС ХРИСТОС
СИНАКСАР НА КРШТЕНИЕ ГОСПОДОВО
По враќањето од Египет, нашиот Господ Исус Христос живееше во Галилеја, во својот град Назарет. Таму беше воспитан и до својата триесетта година ја криеше од луѓето силата и семудроста на своето Божество, бидејќи кај Евреите во тоа време, никому не му беше допуштено да има учителско или свештеничко достоинство, пред да наполни триесет години. Поради тоа и Христос до својата триесетта година не започна со проповедта, ниту објави дека е син Божји и Велик Архиереј, кој ги поминал небесата. До тоа време, Тој живееше во Назарет со својата Пречиста Мајка и со својот божемен татко, дрводелецот Јосиф. Додека тој беше жив, заедно со него го работеше дрводелскиот занает. Кога се упокои праведниот Јосиф, Господ Христос сам продолжи да го работи овој занает и со трудот на рацете свои го заработуваше лебот за себе и за својата Пречиста Богомајка, за да нѐ научи дека не треба да сме мрзеливи и неодговорни, и дека не треба да јадеме незаработен леб.
А кога наполни триесет години и дојде времето, како што вели Евангелието, да се јави на Израилот: „Му рече Бог на Јован, синот на Захарија, да оди во пустината и да крштева со вода“ (Лк. 3, 2). И на тој начин направи знак, по кој ќе се познае Месијата, кој е дојден во светот. За тоа и самиот Крстител зборува во Евангелието: „Оној, кој ме испрати да крштевам со вода, тој ми рече: На кого ќе видиш дека слегува Светиот Дух и стои на него, тој е оној, кого ќе го крсти Духот Свети“ (Јн. 3, 33). Јован ги послуша зборовите Божји, и дојде, и во целата околина Јорданска проповедаше покајно крштение за опростување на гревовите. Зашто Тој беше оној за кого Исаија претскажа: „Гласот на оној што вика во пустината: Подгответе го патот Господов, исправете ги патеките Негови“ (Лк. 3, 3-4); (Ис. 40, 3). „И излезе и појде кај него целата Јудејска земја и сите жители на Ерусалим; и тој ги крштеваше сите во реката Јордан, и тие ги исповедаа гревовите свои“ (Мк. 1, 5). Тогаш дојде и Исус од Галилеја на Јордан, кај Јован, за тој да го крсти (Мт. 3, 13). Дојде во она време, кога Јован му беше јавил на народот за Него, говорејќи: „По мене иде Посилниот од мене, пред Кого не сум достоен да се наведнам и да ги одврзам ременките на обувките Негови... Јас ве крштевам со вода, а Тој ќе ве крсти со Дух Свети“ (Мк. 1, 7-8). После овие зборови на Крстителот, дојде Исус да се крсти, иако Нему не му беше потребно крштение како Пречист и Свет, роден од Пречиста и Пресвета Мајка Дева, и како извор на секоја чистота и светост. Но, како Оној што ги зеде на себе гревовите на целиот свет, Тој дојде на реката да ги испере со крштение. Дојде на вода, да ја освети природата на водата; дојде да се крсти за нам да ни го подготви купелот на светото Крштение. Дојде кај Јован, за тој да биде вистински, нелажен сведок, бидејќи го виде Светиот Дух, како слегува на Оној што се крштева, и го слушна гласот на Отецот од небото. А Јован му бранеше велејќи: „Ти треба мене да ме крстиш, а Ти кај мене ли доаѓаш?“ (Мт. 3, 14). Зашто со Духот го препозна Оној, поради кого пред триесет години заигра од радост во утробата на својата мајка. И самиот инсистираше тој да биде крстен од Исуса, зашто е во гревот на непослушноста, наведен од Адам на целиот човечки род. А Господ му рече: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја Правда“ (Мт. 3, 15). Овде под правда свети Јован Златоуст ги разбира заповедите Божји; како Исус да има речено: „Бидејќи ги исполнив сите други заповеди на Божјиот закон, а ми остана само оваа една, да се крстам, затоа треба и неа да ја исполнам“. А и крштевањето на Јован беше заповед Божја, како што вели и Јован: „Оној, Кој ме испрати да крштевам со вода, Тој ми рече“. (Јн. 1, 33).
- А кој го испрати? - Очигледно самиот Бог. Зашто стои напишано: „Му рече Бог на Јован“ (Лк. 3, 2).
И се крсти триесетгодишниот Исус. Зашто човек во триесетите години лесно подлегнува на секој грев. Свети Јован Златоуст и Теофилакт велат: „Првото доба е детството; тоа се одликува со незнаење и лекомисленост. Второ доба е младоста; таа се распалува со телесните нагони. А човек во триесетите години е во зрелата доба на животот; тогаш човекот е подложен на златољубие, славољубие, бес, гнев и секој грев. И поради тоа Господ Христос почека со крштението до тоа доба, да го исполни законот за сите доби и да ја освети нашата природа, и да ни подари сила да ги победуваме страстите и да се чуваме себе од смртните гревови“.
И откако Господ се крсти, веднаш излезе од водата, односно не се задржа во водата. Зашто се зборува дека свети Јован Крстител, секој човек кого го крштевал, го потопувал до гуша во водата, и го држел сѐ додека не ги исповеда своите гревови; а потоа го пуштал да излезе. А Христос, бидејќи беше без грев, не се задржал во водата, поради што и Евангелието вели дека веднаш излегол од неа. Кога пак Господ излегуваше од реката, Му се отворија небесата, молскавична светлина му засветли одозгора, и Духот Божји како гулаб слезе на Исус кој се крсти (Лука. 3. 23). Во спомен на Христовото Крштение, Црквата го воспостави празникот Крштение Христово или Богојавление на 6 јануари (стар стил). Празникот се нарекува Богојавление затоа што Троичното Божество се објавува себеси при крштението Христово на реката Јордан: Отецот сведочи за Христа, кој се крштева со зборовите: „Овој е мојот возљубен син“, а Светиот Дух истовремено слегува од небото во вид на гулаб врз Синот. (Мат. 3. 16-17); (Мрк. 1. 10-11); (Лк. 3. 22); (Јн. 1. 32-33).
Овој празник најпрвин започна да се празнува на исток, во Египет во третиот век, а веќе во втората половина на четвртиот век започна насекаде да се слави. Додека го прославуваме празникот Богојавление, се присетуваме дека Бог им се покажа на луѓето како Троица и дека Исус се јави во светот како Христос. Он не отиде во Ерусалим за таму да се јави во сета Своја слава, ниту пак се качи на некоја висока планина за луѓето да Го гледаат како некакво чудо. Он отиде на реката Јордан, каде што свети Јован Преттеча ги крштеваше луѓето и повикуваше на покајание. И ете, Христос доаѓа да моли за крштение, иако не му беше потребно, бидејќи самиот е без грев, и е извор на секоја чистота и светост. Тој дојде во тоа време кога Јован му зборуваше на народот: „По мене иде посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да му ги одврзам ремењето од обувките Негови; Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети“, (Марко 1, 78). Со своето крштение Он ги прими на себе гревовите на сите луѓе, - од преголема љубов се жртвуваше за нив. Целиот Негов живот е една голема жртва и Он поднесува сѐ со смирение и кроткост. Затоа и свети Јован Крстител го нарекува Јагне Божјо, Кое ги зеде на себе гревовите на светот, за да ги измие истите тие гревови на реката Јордан.
Христос влезе во водата и прифати да биде крстен од својот слуга, наведнувајќи ја главата пред него. Од неговата смиреност се отворија небесата и се слушна гласот на Отецот: „Ова е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата Волја“. (Матеј 3. 17), а Светиот Дух во вид на гулаб се спушти над Него, потврдувајќи ги зборовите на Отецот.
Како што во деновите на Ное гулабот ја донел веста за повлекувањето на потопот, така и сега гулабот го објави престанувањето на потопот на гревовите. А Светиот Дух се јави во вид на гулаб зашто таа птица е чиста, кротка, човекољубива, незлобива, и не живее во смрдеа. Така и Светиот Дух е извор на чистотата, пристаниште на човекољубието, учител на кроткоста и градител на незлобивоста, а бега од оној кој се валка во смрдливата мувла на гревот без покајание. И откако Господ се крсти, бидејќи е безгрешен, веднаш излезе од водата.
- Зошто токму во вода, а не на некое друго место? Кога првите луѓе згрешија, го навлекоа гневот Божји не само на себе туку и на целата природа. Човекот, како круна на Божјото создавање, беше поставен од Бога да владее како цар со целата природа. Но, кога царот ќе му стане непријател на другиот Цар, тогаш и целото негово царство ќе стане непријателско царство. Казната не била наменета само за човекот, туку и за целата природа. Христос дојде да се крсти во водите на реката Јордан за да ја освети природата на водата. Притоа, не ги освети водите само на Јордан, туку и на целата природа воопшто. Така Христос ја подготви природата за и таа да ги почуствува добрите последици од жртвата која Он дојде да ја принесе.
Крштевањето Исусово од страна на Јован беше само знак на покајание, додека Христијанското крштение е ново раѓање, (бања на повторно настанување), простување на гревовите. Со вода Бог ги казни гревовите на првиот свет, а сега со вода ги спасува луѓето, преку светата Тајна - Крштение.
„Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“.
Овие зборови не се однесуваат само на Христовите следбеници, туку и на сите луѓе во сите векови, зборови кои треба длабоко да продрат во нашите срца и да нѐ поттикнат да размислиме за смислата и целта на нашиот овоземен живот. Да се покаеме и да се трудиме да ги победиме нашите страсти и да добиеме простување на гревовите за да можеме во идниот век да влеземе во непропадливото Царство кое Бог ни го приготви. Амин!
СЛОВО НА СВЕТО БОГОЈАВЛЕНИЕ
Сакам да празнувам, возљубени, и желен сум да славам, зашто светото Богојавление е печат на празниците и врата на празнувањата. Запечатувајќи ја Витлеемската пештера каде Вечниот како доенче лежеше во јаслите, ни ги отвара нам изворите јордански, каде сега истиот Он се крштева со грешниците, дарувајќи му на светот простување на гревовите преку своите пречисти раце и нозе. Тогаш, раѓајќи се на земјата од утробата на пречистата Дева, им се јави на доенчињата како доенче, на луѓето како човек, на мајката како син, на мудреците како цар, на пастирите како добар пастир, кој својата душа ја полага за овците (Јн. 10,11); а сега доаѓа на водите јордански со желба на цариниците и грешниците да им ги измие гревовите. За големото чудо на таквото славење и премудриот Павле громко вели: „Се јави благодатта Божја, која ги спасува сите луѓе“(Тит. 2, 11).
Зашто сега во светот се умножува секоја светлина: најпрвин се радува небото, слушајќи го гласот на Отецот; воздухот се осветува со летот на Духот; се осветува природата на водата и се учи да ги измива душите и телата; и секоја твар заеднички ликува на земјата. Само ѓаволот плаче, гледајќи како се подготвува купелот кој единствено него ќе го удави. А што вели Евангелието?
„Дојде Исус од Галилеја, кај Јован, на Јордан, за тој да го крсти. А Јован му бранеше, говорејќи: - Ти треба мене да ме крстиш, а ти кај мене ли доаѓаш?“ (Мт. 3, 13-14). Кој видел, господар да стои пред својот слуга? Кој видел, царот да ја наведнува главата пред својот војник? Кој видел, пастир овцата да го објавува? Кој видел, подвигоположник да прима почести од страдалник? Ти треба мене да ме крстиш, зашто сум затворен под прародителскиот грев и отров змиин носам. Ти треба да ја измиеш од мене нечистотијата на древниот престап; а Ти, поради какви гревови си дошол да се крстиш? Ене го пророкот кој сведочи за Тебе, и вели вака: „Не изврши неправда, ниту се најде лага во устата негова“ (Ис. 53, 9). - Како бараш очистување, Ти кој даваш избавување. Обичај е крштеваните да ги исповедаат своите гревови; А Ти што имаш да исповедаш, кога си потполно безгрешен? Зашто од мене го бараш она, на што не сум се научил. Не се осудувам на она што е над мене: Не знам како да ја измијам светлината; не умеам да го осветлам Сонцето на правдата; ноќта не го осветлува денот; златото не му служи на оловото; глината не го советува грнчарот; изворот не позајмува вода од морето; на реката не ѝ се потребни капкички; нечистотијата не го очистува Чистото; осудениот не го отпушта судијата. Ти треба мене да ме крстиш. Мртовецот не дава живот, болниот не го исцелува лекарот. Ја знам немоќта на својата природа. Нема ученик над учителот, ниту слуга над господарот. Мене не ми пристапуваат Херувимите со страв; Мене не ми се поклонуваат Серафимите, и не ми пеат Трисвето. Мене небото не ми е престол; Мене не ме покажа ѕвездата на мудреците; за мене не сведочи гласот од облаците. Твојот угодник Мојсеј, едвај се удостои да го види Твојот грб; а како ќе се осмелам јас да ја допрам Твојата пресвета глава? Зошто ми го заповедаш она што ги надминува моите способности? Немам раце кои можат да го крстат Бога. Ти треба мене да ме крстиш. Ме роди старица, но само затоа што Ти така беше наредил, затоа природата не се спротистави. Додека бев во утробата, спречен да зборувам, ја позајмив устата на својата мајка; а сега кога си дошол роден од Дева, јас со својата уста Те благословувам. Не сакам да бидам слеп со умот, како Евреите, зашто знам дека си Господар, а си зел обличие на слуга за да го излекуваш човечкиот род. Знам дека се јави за да нѐ спасиш. Знам дека си камен отсечен од гората, не со рака; и кој што верува во него нема да се посрами. Различните облици на твоето смирение, не ми пречат да ја познаам со Духот големината на твоето Божество. Јас сум смртен, а Ти бесмртен; јас сум од неротка, а ти од Дева. Јас сум прв по раѓање, но не сум поголем од Тебе, кој си роден после мене. Дојдов пред Тебе за да проповедам, а не Тебе да те крстам. Дознав дека Ти си секирата која стои до коренот на дрвото. Сфатив дека си Ти, Оној што го сече дрвото што не раѓа плод, односно еврејското денес. Го видов Господа својот Бог“.
- О, ново чудо! О, неискажана благодат! Христос се бори, а јас примам венци! Он војува против ѓаволот, а јас ја однесувам победата над ѓаволот! Он главата на змијата ја распрскува во водата, а јас се крунисувам како законит страдалник! Он се крштева, а јас ја симнувам нечистотијата од себе. На Него слегува Светиот Дух, а мене ми се дава простување на гревовите! За Него сведочи Отецот дека му е возљубен Син, а јас станувам син Божји заради Него! Нему му се отвараат небесата, а јас влегувам во нив! Се јавува вишното царство на Оној што се крштева, а јас го наследувам. Гласот на Отецот беше упатен Нему, а мене ме повикува! Он му е по волјата, а мене ме пригрнува! И јас го славам Отецот кој одозгора говореше, Синот кој долу се крсти и Духот кој како гулаб слезе, Еден во Троица Бога, на кого Му се поклонувам за навек, амин.