20. Јануари (7.Јануари)

 

СОБОР НА СВЕТИ ЈОВАН ПРЕТЕЧА И КРСТИТЕЛ ГОСПОДОВ

СИНАКСАР

Утредента по Светото Богојавление, Црквата го празнува соборот на чесниот и славен Пророк, Претеча, и Крстител Господов, Јован. Доликува да се празнува и да му се укаже достојна почит на оној, кој послужи за Божественото крштевање, ставајќи ја својата рака врз главата на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Затоа и веднаш после Крштението Господово се празнува Крстителот и се прославува соборно и со песна.

Свети Јован Крстител беше најголемиот пророк на прагот на Новиот Завет. Неговиот татко Захариј пророкуваше: „Ти младенецу, ќе се наречеш пророк на Севишниот, зашто ќе врвиш пред лицето на Господа за да ги приготвиш патиштата Негови, и да му дадеш на народот да го познае спасението, преку простување на гревовите, поради големото милосрдие на нашиот Бог, со кое нѐ посети Истокот на висините за да ги просвети оние кои се во темнина и смртна сенка, и да ги насочи нашите нозе по патот на мирот“. Самиот Спасител, Господ Исус Христос му зборува на народот за Јован: „Кого излеговте да видите во пустината? Човек ли облечен во меки алишта? Ете, тие што се облечени богато и живеат раскошно се во царските палати. Но, што тогаш излеговте да видите? Пророк ли? - Да, ви велам, и повеќе од пророк! Тој е за кого е пишано: „Ете, Јас испраќам пред Твоето лице, Мој Ангел, којшто ќе го приготви Твојот пат пред Тебе, зашто ви велам: меѓу родените од жена нема ниту еден пророк поголем од свети Јован Крстител“.

Тој беше строг аскет, полн воздржаник, девственик, подвижник. Живееше во суровата пустина и се хранеше со див мед и скакулци, носеше облека од камилски влакна и кожен појас на крстот. По Божја промисла се јави крај реката Јордан и проповедаше покајно крштение за опростување на гревовите. Сите го знаеме неговиот маченички крај. Свети апостол и евангелист Матеј вели: „Ирод, кога го фати Јована го врза и го фрли во темница заради Иродијада, жената на брата му Филипа; бидејќи Јован му велеше: „Не бидува да е твоја!“ И Ирод сакаше да го убие, ама се плашеше од народот, оти го сметаа за пророк.

На роденденот на Ирод, ќерката на Иродијада играше пред гостите. Таа многу му угоди на Ирода, и затоа тој со клетва ѝ вети дека ќе ѝ даде што и да побара од него. А таа, поучена од мајка си, му рече: „Донеси ми ја овде, на табла, главата на Јован Крстител. Тогаш прати Ирод, па ја отсекоа главата на Јована во затворот и ја донесоа на табла, и ѝ ја дадоа на девојката, а таа ја однесе на мајка си“. (Матеј 14, 3-11). Неговите ученици го кренаа неговото тело, чесно го погребаа, па отидоа и му јавија на Исуса.

Свети Јован со својата сопствена крв го запечати своето големо, достојно служење на правдата Божја.

Колку далеку е денешниот човек од духовниот образ на свети Јован Крстител. Затоа и животот денес е така тежок. Светата Христова Црква нѐ повикува сите нас, нѐ опоменува да се поправиме, да станеме со мисла, со зборови и со дела, следбеници на свети Јован Крстител, Пророк и Претеча и да го молиме, да се моли за нас на Христа, Кој ги зеде врз Себе гревовите на светот, да нѐ помилува и да нѐ спаси. Амин!

ПОВЕСТ ЗА ДЕСНАТА РАКА НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ

Бидејќи беззакониот цар Ирод, неправедно го погуби светиот Јован, Претечата и Крстителот Господов, неговото чесно тело го погребаа неговите ученици, близу гробот на свети пророк Елисеј, во знаменитиот самариски град Севастија. Бидејќи таму се случи онаа крвава гозба на Ирод и блудното играње на ќерката на Иродијада. Кога свети евангелист Лука го проповедаше Христа, посетуваше многу градови и земји, па дојде и во градот Севастија, а кога оттаму требаше да патува во Антиохија, посака да го земе со себе и да го однесе таму телото на свети Јован Крстител, кое беше нетлено и целосно, но тоа беше невозможно зашто жителите на Севастија многу ги почитуваа моштите на Крстителот, грижливо ги чуваа и не ги даваа никому. Затоа свети евангелист Лука ја зеде од светото тело десната рака, која што го крсти нашиот Господ Исус Христос, и ја однесе во својот град Антиохија. Неа, како најскапоцен дар ја подари на својот град, како награда за воспитувањето што го доби од него, и од тоа време антиохиските христијани со голема почит ја чуваа светата рака на Крстителот, а и големи чудеса се случуваа од неа.

Измина долго време, се сменија многу цареви, и дојде времето за царот Јулијан Отстапник. Тој јавно се одрече од Христа, им се поклонуваше на идолите и ја гонеше црквата Божја, не помалку од поранешните гонители. Тој ги гонеше и ги убиваше не само живите луѓе, туку нечовечно се нафрли и на мртвите. Обземен од злоба, тој ги вадеше од гробовите моштите на Светите што порано пострадале и ги фрлаше во оган, а храмовите Божји и сѐ што е свето, палеше и во пепел го претвараше. Па тргна и во Антиохија, од една страна да му принесе погани жртви на својот нечестив бог Аполон, од друга, таму да ги гони христијаните и да ги запали светињите кои ќе ги најде. Кога слушнаа христијаните во Антиохија за неговото доаѓање, кришум ја сокрија светата рака на Крстителот во некоја градска кула која се викаше Гонија, за гонителот да не ја обесчести и запали. Кога дојде тој, во Антиохија направи многу безбожности, беззаконија и насилства. Но, не успеа да ја пронајде светата рака иако многу ревносно ја бараше. Затоа испрати во Палестина, во градот Севастија, каде што се наоѓа телото на Крстителот, освен главата и раката, и гробот негов и храмот да се изгорат и уништат. Така и би, како што пишуваат Никифор и Кедрин.

Но, блажениот Симеон Метафраст пишува дека не било изгорено телото на Крстителот, туку некое друго тело кое било ставено наместо него, зашто Метафраст вели дека штом дознал за наредбата на гонителот, патријархот Ерусалимски кришум ги зел моштите на Крстителот и ги испратил на чување во Александрија.

Наскоро потоа умре беззакониот цар Јулијан и повторно огреа благочестието, и раката на светиот Претеча беше изнесена од кулата со почит и од неа како и порано се случуваа чудеса. Еве едно од нив:

- Во околината на Антиохија имаше една огромна и страшна змија, која незнабожните елини ја почитуваа како едно од своите погани Божества. И секоја година ѝ пренесуваа по една жртва. Една чедна девојка, посебно чувана за таа пригода ѝ давале на змијата да ја изеде, додека целиот народ го гледал тоа. Една година коцката му се падна на еден христијанин, тој да ја даде својата ќерка за жртва на змијата. Тој со многу солзи го молеше Христа Бога и неговиот свет Крстител, неговата ќерка да ја избави од таквата горка смрт. Дојде во храмот за да се помоли на светата рака. Додека ја целиваше светата рака, тој тајно одгриза со забите дел од малиот прст, го сокри, се помоли и си отиде.

А кога дојде тој црн ден, во кој требаше да се принесе невина девојка на жртва, се слеа целиот народ во гледалиштето. Во одреденото време дојде и таткото, водејќи ја својата ќерка за жртва на змијата, а срцето му беше полно се молитви и надеж во Бога. И види, страшната змија излезе од својата пештера и се упати кон девојката да ја проголта. А таткото без престан се молеше и кога се приближи змијата и ја рашири својата страшна челуст, тој го фрли делчето од прстот во нејзината уста и таа веднаш падна мртва. И се спаси девојката од лутата смрт. Таткото со солзи радосници, со силен глас му благодареше на Бога Спасителот и неговиот свет Крстител. И му раскажа на народот за ова прекрасно дело Божјо. Тогаш настана празник и големо веселие за сите во Антиохија и голем број незнабошци поверуваа во Христа Бога. А на местото каде што се случи оваа чудо изградија огромна и прекрасна црква во име на свети Јован Крстител.

А се раскажува и ова, дека на Крстовден кога архиерејот ја подигал чесната рака на Крстителот, таа некогаш се испружувала а некогаш се свиткувала. Со тоа покажувала дали годината ќе биде родна или неродна. Зашто кога се пружела, сѐ се раѓало во изобилие, а кога се свиткувала имало неродие и настапувал глад.

Кога по допуштање Божјо, поради нашите гревови, Агарјаните ја зазедоа Антиохија со сите нејзини покраини, и завладеаја со нив, тогаш оваа скапоцена ризница, чесната рака на свети Јован Крстител, беше како во ропство. А благочестивите христијански цареви вложуваа огромни напори за да ја извлечат од агарјанската власт и да ја пренесат во својот царски град, но не успеваа да ја остварат својата желба. Не можеа да ја откупат ниту со злато нити на кој било друг начин. Дури за време на царувањето на порфирородниот Константин 7-ми и Роман, тој дар, поскапоцен од сите овоземни богатства, беше подарен на овој начин:

- На некој ѓакон во Антиохија, по име Јов, по Божјо вдахновение му дојде мисла, светата рака на Крстителот да ја однесе од агарјанската држава во христијанската земја која сјае во побожноста. Светата рака се наоѓаше во прекрасниот антиохиски храм на свети Апостол Петар. Јов успеа да се спријатели со црковниот ризничар за полесно да го реализира својот план. Многу пати се обидуваше да го придобие ризничарот за својата цел, но тој никако не се согласуваше. Тогаш Јов постапи вака:

Подготви богата вечера, го повика ризничарот, го нагости и добро го напи. Кога тој цврсто заспа, Јов отиде кришум во црквата, го отвори кивотот, ја зеде раката на Крстителот и ја сокри кај себе. Утредента се разбуди ризничарот и не дозна што е сторено. За тоа време Јов замина од Антиохија со чесната рака и со брзање иташе кон границата на Христијанското царство, плашејќи се во меѓувреме незнабожечките власти да не дознаат дека светата рака е однесена, и да не тргнат во потрага по него. И тој чуван од Бога и штитен од молитвите на светиот Крстител, без никакви пречки бргу стигна во Христијанското царство, а кога дојде во Халкидон, ја обелодени својата тајна:

Им го покажа на верните бескрајно скапоценото богатство што го донесе од Антиохија. За тоа веднаш ги известија благочестивите цареви и тие се исполнија со неискажлива радост.

И веднаш, пресветиот патријарх и неколкумина угледни сенатори поитаа во Халкидон, со својот царски брод за да ја земат раката и чесно да ја донесат во царскиот град. Кога се враќаше бродот од Халкидон со светата рака, која патријархот ја носеше на своите раце, излегоа царевите и целиот народ на брегот, како да го пречекуваат самиот свети Јован Крстител кој невидливо доаѓаше од небото во пресрет. Откако сесрдно ѝ се поклонија на сечесната рака и со љубов ја целиваа, тие со псалми и песни и со свеќи и кадилници ја пренесоа и ја положија во црквата која беше во царскиот двор. Ова пренесување на светата рака на Крстителот се случи пред самиот празник Свето Богојавление, пред осветувањето на водата. И беше отпразнуван празникот, а по него и соборот на Крстителот со голема радост, во чест на чесниот пророк, свети Јован Крстител, а во слава на самиот во Троица Бог, кого сите го славиме и кому му се поклонуваме за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АТАНАСИЈ

Овој благословен човек беше родум од Аталија. Во Смирна, Атанасиј постојано се дружеше со Турците, кои често ја исмеваа неговата православна вера. Еднаш кога си пееше славејќи го Бога, Турците го фатија и го одведоа пред судијата, велејќи дека ја исповеда нивната вера и дека се откажал од Христос. Тој им возврати дека лажат и дека илјада пати би умрел, отколку да се одрече од Господ Христос.

Судијата веднаш го фрли во темница. Потоа трипати беше изведуван на суд. Го тепаа, страшно го измачуваа, но кога ја видоа неговата непоколебливост, судијата одлучи да му ја отсечат главата. Така блажениот Атанасиј се здоби со маченички венец во 1700 година во Смирна. Неговото чесно тело христијаните го погреба во црквата „Света Параскева“.