21. Јануари  (8. Јануари)

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ ОХРИДСКИ

Свети Григориј беше благочестив учител и пастир на стадото Христово. Во еден натпис, во црквата Света Софија во Охрид, се нарекува „Григориј Премудриот“, кој премудро го поучува народот на Божјите Закони. Се упокоил во 1012 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ГЕОРЃИ ХОЗЕВИТ

Познатиот отшелник и чудотворец, преподобниот Георѓи, потекнува од едно село на островот Кипар. Живееше во втората половина на шестиот век. Неговиот постар брат Ираклид, уште додека беа живи нивните родители, отиде во Светиот Град да се поклони на светите места и остана во Лаврата викана Каламон и стана монах. А благословениот Георѓи, по смртта на своите родители, отиде кај својот брат Ираклид во истата лавра на реката Јордан, но бидејќи беше многу млад го испратија во Хозевскиот манастир во Ерусалим.

Кога игуменот ја виде неговата непоколебливост и монашка побожност, набрзо го потстрижа и облече во монашка схима и го предаде на еден старец, напреден во подвижништвото. Старецот беше родум од Месопотамија и имаше многу строг карактер.

Еден ден старецот го испрати ова свето момче на потокот да донесе вода. Момчето отиде, се спушти во потокот, но се врати со празни стомни, бидејќи не успеа да наполни вода, зашто облеката му се заплетка во трските. Тогаш старецот му нареди да се соблече, да се препаша само со горната мантија и така да оди и да донесе вода. Момчето отиде, наполни вода, но се задржа и не успеа да се врати навреме за ручек. Кога виде старецот дека сѐ уште не се вратил, му ја сокри облеката и отиде на трпезата. Кога дојде момчето и не го најде ниту старецот ниту неговата облека, отиде во манастирот онака без облека. Затропа на манастирската врата и вратарот му отвори. Кога го виде гол, се зачуди и го запраша зошто е ваков. Откако дозна што се случило, отиде, му донесе облека и го внесе во манастирот. По ручекот старецот го сретна Георѓи пред гробот на светите Пет Отци. Штом го здогледа, со многу гнев и закани го удри силно со раката, велејќи му:

„Зошто задоцни?“ На тоа, веднаш се исуши неговата рака. Тогаш тој падна пред нозете на момчето и го молеше велејќи:

„Чедо, немој да ме обелодениш, ниту изобличиш јавно; згрешив, прости ми! Помоли се на Бога да ме исцели“. Момчето со смирение и побожност му одговори:

„Оди оче, и направи метанија пред гробот на Светите Отци и тие ќе те исцелат“. Старецот настојуваше:

„Тебе ти погрешив, ти помоли се за мене“. Тогаш момчето го зеде старецот за рака и отиде, застана крај гробот на Светите, направи метанија и откако се помоли, старецот веднаш беше исцелен. Оттогаш стана кроток, снисходлив и многу смирен. Кога се разгласи за овој настан меѓу браќата, сите се восхитуваа и го славеа Бога заради ова чудо на момчето, уште почетник. Георѓи се исплаши да не падне во замката на гордоста, и затоа тајно го напушти манастирот и слезе во Лаврата на својот брат. Остана со него во таканаречената Стара Црква и тука го минуваа животот заедно, во пост и молитва.

Во Ерихон имаше еден земјоделец кого браќата многу го сакаа. Еден ден, на земјоделецот му умре детенцето единче. Потиштениот татко го стави мртвото детенце во една кошница, стави врз него како поклон неколку плодови од својата земја, го покри со лозови лисја и отиде кај Лаврата. Затропа на вратата и браќата го примија внатре ожалостениот татко. Тој направи метанија пред нив, ја спушти кошницата и замоли да ги благословат плодовите на неговиот труд, па излезе надвор. Кога ги извадија плодовите од кошницата, браќата го најдоа во неа мртвото детенце. Постариот брат Ираклид многу се збуни и му рече на својот брат: „Повикај го назад тој човек; денес меѓу нас дојде искушение, зашто, како што гледам, дојдоа да нѐ искушуваат нас грешните“. Но Георѓи, кој веќе беше на четириесет години, направи метанија пред него и рече: „Немој да се лутиш ниту гневиш оче, туку ајде со вера да се помолиме на Бога, па ако Он ги зеде во предвид нашите гревови и ни се смилува, и го воскресне ова детенце, тогаш и неговиот татко ќе го добие назад живо; а, ако пак Божјата добрина не го направи тоа, ќе го повикаме таткото и ќе му кажеме дека ние грешните не сме достигнале до таква духовна висина да воскреснуваме мртви, ниту пак имаме таква смелост пред Бога“. Старецот послуша и двајцата застанаа на молитва со солзи и потиштени срца. А семилостивиот и човеколубив Бог, кој ја исполнува волјата на оние кои Му се плашат, ги услиша и го воскресна детенцето. Тогаш го повикаа неговиот татко, и му рекоа: „Еве ти го твојот син жив, заради големото Божјо милосрдие; Гледај за тоа да не кажеш никому, и да нѐ ставиш на маки“. Таткото го зеде своето синче и си отиде, славејќи го Бога Животодавецот.

Така овие браќа го минуваа животот во мир и побожност. Старец Ираклиј имаше огромна смиреност и кроткост, а Георѓи големо послушание и смирение. Во својата седумдесетта година ава Ираклид си замина од овој живот, и се претстави пред Бога. Тој се беше прочул во целата Јорданска долина како човек украсен со сите добродетели. Откако остана сам во ќелијата, ава Георѓи тагуваше и плачеше по својот брат, но храбро го продолжи својот начин на живеење и подвизи, и беше сакан од сите. Често служеше со други отци со мир и побожност, зашто ја беше добил честа на ѓаконство, кое го вршеше со страв и умиление. Кога умре игуменот на оваа Лавра, настана неред и неслога и браќата се поделија на две групи околу изборот на новиот игумен. Поради тоа старец Георѓи многу тагуваше и се молеше на Бога да му даде некаков знак, и да му каже каде да оди, за да се оддалечи од таму. Во видение беше прашан каде сака да оди. Старецот посака да оди во својот прв манастир и му беше дозволено.

Тогаш светиот веднаш замина и отиде во Хозевитскиот манастир. Игуменот Леонтиј многу се израдува кога виде дека неговиот некогашен ученик се вратил и веднаш му даде ќелија. Светиот веднаш се искачи во гората и се насели во Хозевитските ќелии, поради што и го доби името Хозевит. Никој не успеа да го дознае неговиот начин на живот за целото време поминато во таа ќелија. Само се знаеше дека немал ни вино, ни масло, ни леб, ни облека, освен една кратка мантија која ја носел кога бил во црквата.

Одел таму каде што се фрлаат отпадоците, собирал фрлени крпи и од нив си шиел облека и си правел постела. А од некои браќа земал остатоци од храна, ги толчел сите заедно во камен толчник и од нив правел топчиња кои потоа ги сушел на сонцето. Потоа земал од нив, еднаш во два-три дена, ги квасел со вода и така јадел. Додека браќата од општожитието седеле на трпезата со манастирските отци, писателот на ова житие - преподобниот монах Антониј, им раскажал дека еднаш кога отишол во ќелијата на ава Георѓи, ги нашол таму остатоците од оние топчиња, и се восхитувал заедно со браќата, како можел овој светија да ги јаде.

Кога Персијците стигнале до Дамаск настанал голем неред во оваа земја. Еден ден додека преподобниот седеше на еден камен и се грееше на сонцето, со солзи му се молеше на човекољубивиот Бог, да се смилува на своите луѓе. И му дојде глас: „Слези во Ерихон и ќе ги видиш делата на луѓето“. Кога слегна заедно со некои браќа, преподобниот ненадејно слушна силна врева во воздухот предизвикана од мноштво луѓе, кои војуваа меѓу себе. Кога ги подигна очите нагоре го виде воздухот исполнет со Индуси кои се расправаа како во војна, а целата земја се тресеше и трепереше под нивните нозе. Браќата му рекоа на преподобниот: „Ајде оче, да влеземе во градот. Зошто стоиш така долго и гледаш во воздухот?“ Преподобниот им одговори со солзи и тага: „Да бегаме браќа, и да се вратиме. Зар не гледате дека целата земја се тресе?“ И додека зборуваше, наеднаш излегоа од градот некои вооружени коњаници и други млади пешаци и деца, кои имаа мечеви во рацете и трчаа ваму-таму. Тогаш браќата сфатија дека тоа е потресот за кој зборуваше старецот и со страв се вратија во манастирот, зашто светиот им го раскажа и видението во воздухот. Старецот се качи во својата ќелија и горко плачеше заради безбожието на народот. Утредента со сесрдие му се молеше на Бога, велејќи: „Владико, Боже на добрината и Господ на милоста, кој сакаш сите да се спасат и да ја познаат вистината; крени го Твојот жезол и казни го овој народ, зашто оди во незнаење“. И веднаш потоа виде голем стап од оган кој се протегаше од Светиот Град до Бастра, и така провиде светиот дека народот ќе биде тешко казнет, и поради тоа постојано плачеше и тагуваше.

А пак кога стигнаа Персијците и го опколија Светиот Град, тогаш излегоа браќата од општожитието и отидоа за Арабија, а некои останаа и се сокрија по пештерите. Меѓу нив беше и старецот Георѓи, зашто многу го молеа браќата, и тој да се сокрие. Сарацените претресуваа и бараа внимателно, и ги најдоа старецот и многу други отци, ги фатија и ги одведоа во друг поток. Меѓу нив беше и ава Стефан Сирец, старец преку сто години, свет и познат отец, кого Серацените го убија онде, а другите отци ги одведоа во ропство. Свети Георѓи го видоа многу сиромашен, слаб и побожен; подобро речено поттикнати од Бога, тие му дадоа кошница со леб, го пуштија и му рекоа: „Оди и спасувај се себе, каде сакаш“. Преподобниот во ноќта се симна до Јордан, а потоа отиде во Светиот град, каде што остана сѐ додека повторно не се врати во Хозевитскиот манастир. Во манастирот постојано ги поучуваше и утврдуваше браќата, кои се беа вратиле, а исто така направи и многу чуда.

Кога требаше да се пресели кај саканиот Господар, се разболе од некоја болест од која што и умре. Писателот на ова житие Антониј, вели: „Онаа вечер кога се упокои преподобниот, за да се докаже со какво цврсто уверување заминува од овој свет кај Господа, по промисла Божја во манастирот дојдоа мноштво гости, а јас бев многу зафатен со мојата работа. Некои од браќата што живееја близу старецот, дојдоа неколку пати кај мене, и ми рекоа:

- Те бара старецот и вели: „Каде е Антониј? Повикајте го, зашто јас ќе се упокојам сега“.

Јас бев во жалост зашто сакав да ја завршам мојата работа, а и да појдам кај старецот. За тоа дозна старецот со духот, па ми јави:

- Немој да се жалостиш и вознемируваш чедо, туку заврши го своето послушание, а јас ќе те чекам додека дојдеш. Бидејќи едни гости стануваа од трпезата, а други доаѓаа, времето на моето служење се развлече скоро до полноќ, но старецот ме чекаше. Кога завршив и ги испратив гостите, отидов кај старецот. Штом ме виде, светиот ме прегрна, ме целиваше и благослови, па се сврте кон исток, и рече:

- Излези сега, душо моја, излези, оди кон Господа! Откако го рече тоа три пати, го предаде својот дух на Господа, кој во него и со него се подвизуваше во тој добар и чесен подвиг. Кога преподобниот го предаде својот дух, јас паднав на неговите гради и плачев што се лишувам од мојот отец.

Го погребавме со псалми и песнопоенија, и го положивме во гробовите на преподобните отци“.

Тој сега се наоѓа со хорови на светии на небото, и се моли заедно со нив за нас, и за целиот свет. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНА ДОМНИКА

Во времето на императорот Теодосиј Велики и патријархот Нектариј, од Картагена во Цариград пристигна благородната девица Домника заедно со својата пријателка Мавра и нивните три прислужнички. Петте девојки беа од незнабожечки семејства и сите многу сакаа да се покрстат.

За нив, светиот Патријарх доби Божјо откровение, и затоа, тој не само што го изврши светото Крштение над нив, туку и ги посвети за ѓаконици. А императорот Теодосиј Велики, кој се залагаше да ослаби јазичништвото и беше покровител на христијанството, им подари земја на брегот од морето, зад градот. Таму Домника и Мавра изградија два манастира кои станаа училишта за млади христијанки.  

Со пламена ревност преподобна Домника се оддаде на аскетски подвизи, подложувајќи го своето тело на строг пост и тешка работа и достигна високо духовно совршенство, осенето од Бога со дар на проникливост и чудотворство. Таа лекуваше болни, ја претскажуваше иднината, имаше власт над природните стихии, и ги будеше мислите за вечноста дури и кај лекомислените жители на безгрижниот Цариград. Света Домника доживеа длабока старост и однапред го претскажа своето заминување кај Господа Христа. Се претстави мирно околу 474 година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЈУЛИЈАН И ВАСИЛИСА

Јулијан беше од египетскиот град Антиној. Потекнуваше од многу угледни и богати родители. Од својата младост тој ја засака девствената чистота и сакаше да ја сочува до крајот на својот живот. Ја постави како темел на другите доблести и живееше во страв Божји, внимателно учеше и читаше книги; ја изучи световната философија и го запозна целото Свето Писмо.

А кога наполни осумнаесет години, родителите го присилуваа да се ожени, бидејќи им беше син единец и сакаа да имаат потомство. Но тој одлучно одбиваше. А кога тие заедно со роднините многу му досадија, Јулијан измоли од нив една недела за размислување. Целата таа седмица тој ја помина во пост, во молитви и солзи, и дење и ноќе го молеше Бога на некој начин да ја сочува неговата девственост. Кога настапи ноќта на седмиот ден, тој веќе изнемоштен со телото од постот и молитвите, легна и заспа. Тогаш му се јави Господ во видение и го тешеше и крепеше, велејќи му:

- Не плаши се, Јулијан, послушај го советот на своите родители, зашто ќе земеш жена, која нема да ја повреди твојата девственост; и така, и тебе и неа, како девственици ќе ве примам на Небото. Освен тоа, вие ќе ја раширите чистотата, зашто со вашето учење многу момчиња и девојки ќе станат жители на Небесата. Биди храбар! И нека не се плаши твоето срце!

Утешен и охрабрен од ова божествено видение, прекрасното момче му благодареше на Бога и веднаш излезе од својата соба и им соопшти на родителите дека се согласува со нивната желба и не го одбива бракот. Родителите многу се израдуваа и започнаа да бараат девојка која би му одговарала на неговото потекло и богатство. И најдоа таква, по име Василиса, ќерка единица на своите родители, убава и благородна. После свадбената веселба, кога влегоа во својата одаја, невестата почуствува многу силен пријатен мирис како во бавча каде има многу кринови, рози и други мирисни цвеќиња. Таа му рече на своето момче: „Господару мој, што е ова? Сега е зима, а се чувствува прекрасен мирис на цвеќе како да е пролет“. Тогаш блажениот Јулијан ѝ рече:

„Овој прекрасен мирис што го чувствуваш не доаѓа од годишното доба, туку под дејството на самиот Христос, љубителот на чистотата, кој им дава вечен живот на оние што ја чуваат својата девственост. Ако и ние ја сочуваме нашата девственост, ќе бидеме Негови избрани садови во овој свет, и ќе царуваме со Него во оној свет. И така, јас и ти нема да се разделиме“.

Тогаш тие си дадоа завет дека ќе живеат девствено како брат и сестра. И види, ненадејно се затресе земјата и неискажлива светлина ја осветли собата, и се случи големо божествено видение: од едната страна го видоа самиот Цар на славата - Христос, со безбројно мноштво девственици во бела облека, а од другата - царицата Владателка, Пречистата Дева Богородица со хорови девственици. И од двете страни пееја неискажливо мили небесни песни, какви увото овоземно нема слушнато. Пристапија двајца пресветли мажи опашени со златни појаси, ги кренаа Јулијан и Василиса од земјата и им покажаа кон постелата каде имаше една прекрасна и многу голема книга. И им рекоа:

„Јулијан, прочитај што е напишано во оваа книга на животот“. Јулијан погледна и ги прочита испишани нивните имиња. А со злато беше напишано ова: „Јулијан, кој се одрекол од светот од љубов кон Мене, ќе биде меѓу оние кои не се осквернија со жена; а Василиса со право срце и непорочна девственост ќе се вброи во ликот на девствениците кои ја следат вистинската Дева Марија, мојата Пречиста Мајка“. Кога Јулијан го прочита ова, се затвори книгата и девствениците од двете страни едногласно рекоа: „Амин!“ А старецот повторно им рече на Јулијан и Василиса:

„Во оваа книга што ја гледате се запишани луѓето кои се чисти, трезвени, вистинољубиви, милосрдни, смирени, кротки и нелицемерни, кои ги поднеле сите непријатности и суровости и кои претрпеле маки и неволји, и најпосле кои толку го засакале Христа, така што ништо не ставиле пред таа љубов: ни татко, ни мајка, ни жена, ни деца, ни имот, ни богатство, ниту ништо од овој свет, па дури не ги поштедија и своите души, туку ги дадоа за Христа; меѓу нив сега се вброивте и вие“. А блажените Јулијан и Василиса исполнети со неискажлива радост, останатото време од ноќта го поминаа во псалми и пеење.

Кога осамна денот се веселеа нивните родители и роднини заради нивната женидба, не знаејќи ништо за нивното духовно сопружништво. Така, Јулијан и Василиса живееја во чистота и целомудрие, а после не многу време, се упокоија нивните родители и им оставија многу голем имот. Кога добија слобода за свој духовен живот, нив ги обзеде желбата не само да се грижат за своето спасение, туку и за спасението на другите. Затоа изградија два манастира: машки и женски, па се разделија и се замонашија, тој во машкиот, а таа во женскиот манастир. И собра Јулијан околу себе до десет илјади монаси кои сесрдно му служеа на Бога. Зашто Бог му даде толкава благодат, та од сите страни се слеваа кај него оние што бараа спасение: ги оставаа своите домови, свршеници, родители, имоти... и се предаваа во неговите раце да ги води во Царството Небесно. Така и света Василиса, во својот манастир собра до илјада чисти девојки, па и мноштво жени. И цветаше ангелска чистота во двата манастира како во две рајски градини.

Во тоа време царуваа двајцата незнабожни цареви, Диоклецијан и Максимијан. На сите страни тие воспоставија луто гонење против христијаните. Беше потресена Црквата Христова, и владееше страв меѓу христијаните. Тогаш блажените Јулијан и Василиса, во пост и молитви, со солзи го молеа Бога да ги зацврсти верните и нивните монаси и монахини, и да ги сочува за ниту еден од нив да не отпадне и пропадне, туку сите да се удостојат на небесното блаженство. И ѝ се јави Господ Христос на Василиса во видение, и ѝ соопшти дека наскоро ќе отиде во вечен покој. Но, најпрвин ќе ги испрати пред себе сите свети девственици и ниедна нема да остане после неа, за некоја од нив, гледајќи го страшното гонење на Црквата, да не падне со духот и отпадне, и се лиши од своето друштво. А нејзиниот духовен брат Јулијан, ќе појде со многумина на маченички подвиг по неа. И храбро ќе издржи, ќе го победи непријателот и ќе прими двоен венец: венец на девственоста и венец на мачеништвото во радоста на својот Господ.

И се случи така. Зашто во текот на половина година, сите девственички кои беа собрани кај света Василиса, преку привремената смрт преминаа во небесниот двор на својот бесмртен Женик. Само света Василиса остана сама. И имаше видение на сите тие деви: облечени царски, во светлина, ѝ говореа: „Ние тебе те чекаме, мајко наша, заедно со тебе да се поклониме на нашиот Господ и Цар. Ајде, дојди и предај нѐ на Христа, Кому нѐ вневести“.  

Кога се разбуди, таа многу се израдува и му соопшти за тоа на својот духовен брат Јулијан. После неколку дена, додека срдечно се молеше на Бога, го предаде својот дух во рацете на бесмртниот женик и Бог. Нејзиното свето тело го погреба преподобниот Јулијан на достоен начин.

Потоа во тој крај дојде областниот намесник Маркијан со својата жена и синот. Безумно бесен на христијаните, тој ги фрлаше на страшни маки и ги убиваше. А кога дозна за Јулијан дека е од високо потекло, а верува во Христа, и со него има многу едноверни браќа, тој испрати кај него угледни луѓе за да го убедат да ѝ се покори на царската наредба и да им принесе жртви на идолите. Во тоа време во обителта на преподобниот Јулијан од околните градови и краишта беа дојдени многу свештеници и ѓакони, и други клирици со своите епископи, кои го љубеа Господа и со радост чекаа маченичка смрт за Него. Сите тие, преку блажениот Јулијан, им одговорија на пратениците на областниот намесник, дека тие го имаат едниот Цар, кој живее на небото, Господ Исус Христос, Нему му се поклонуваат, и нема да им се поклонат на идолите и ѓаволите што се во нив. Пратениците се вратија и му раскажаа на намесникот што им беше речено. Тој се разлути и испрати војници да го доведат Јулијан кај него, сакајќи сам да го испраша и нареди манастирот со сите што се во него да биде изгорен. Војниците го фатија Јулијан, го врзаа и го одведоа во градскиот затвор. А неговите браќа, кои беа до десет илјади, заедно со епископите и клириците што се беа собрале таму, во тој час станаа благомирисни жртви на Бога, бидејќи беа запалени заедно со манастирот. На тоа место долго време се слушаа прекрасни песни, пеење од мноштво пејачи во оние часови кога се вршеше вообичаената црковна служба. И многу болни се исцелуваа таму, од каква болест и да боледуваа.

Утредента, преподобниот Јулијан беше изведен на суд пред намесникот. Тој употреби многу красноречивости и ласкања и закани и застрашувања, но сите останаа без успех. Тогаш нареди бездушно да го тепаат со железни стапови. При тоа, еден од стаповите се скрши и парче од него излета и му го извади окото на еден роднина на намесникот. Тоа уште повеќе го разлути и разбесни безверникот. А светиот маченик му рече: „Маркијан, чуј ме! Собери ги сите најпрочуени жреци и нареди им, над ова око да ги призиваат своите богови и божици, и да ги измолат на својот поклоник да му го повратат видот. Ако тие не го направат тоа тогаш јас ќе го повикам името на мојот Господ Исус Христос и не само што ќе му го вратам окото, туку и ќе му ги просветлам очите на срцето, за познавање на вистината“.

Намесникот се согласи. Ги повика сите жреци и им нареди да одат во блискиот идолски храм и да ги измолат нивните богови со помош на жртви да го исцелат окото на ослепениот. Тие постапија по неговата наредба, но никакво исцелување не се случи, туку тие го слушнаа од своите богови ова:

„Одете си од нас, зашто ние сме предадени на вечен оган и држани во темнина. Како можеме на слепиот да му дадеме вид, кога и ние го немаме. А молитвата на Јулијан кон вишниот Бог е толку моќна, така што од денот во кој е земен на измачување, нашите маки во пеколот станаа стократни. Штом го изрекоа ова демоните, во овој идолски храм веднаш испопаѓаа сите идоли и се претворија во прав.

А намесникот повика кон светиот Јулијан: „О магеснику, твоите магии се толку силни што и боговите наши ги срушија. Но, да видиме дали ќе го исцелиш окото на слепиот, како што вети“.

Тогаш свети Јулијан го осени ослепениот со крсниот знак, го повика името Господово, и веднаш се исцели болниот и неговото око прогледа. Тој од радост почна да вика: „Навистина, Исус Христос е вистински Бог, и единствено Он треба да се почитува и слави, и нему да му се поклонуваме“. Бесниот намесник нареди веднаш да му ја отсечат главата. И така исцелениот, прогледувајќи и телесно и духовно, се крсти во својата сопствена крв, и отиде да го види невидливиот Бог.

Нечестивиот Маркијан нареди да го врзат Јулијан со синџири по целото тело и да го водат по градот за потсмев. Кога го водеа светиот, дојдоа до училиштето во кое учеше синот на намесникот по име Келсиј, кој беше единец на своите родители. Момчето погледна кон светиот и им рече на своите врсници: „Гледам прекрасна глетка“. Ене, оној осуден христијанин, што го водат војниците окован во синџири, го гледам опкружен со мноштво светли момчиња, од кои едни му служат, а други му ставаат светол венец на главата, толку светол, што неговиот сјај го надминува сјајот на сонцето. Мислам дека треба да веруваме во таков Бог и да му служиме. Верувајте, и јас сакам да бидам таков, ако неговиот Бог сака да биде и мој Бог“. Момчето се стрча, падна пред маченикот, и почна да му зборува дека сака да го има за татко на своето второ раѓање и дека се одрекува од својот безбожен телесен родител Маркијан, мрзител и мачител на праведните и дека сака денес, заедно со него, да страда за Господа Христа, кого досега не го знаел.

Кога го видоа тоа, војниците - мачители, беа избезумени од страшното изненадување. Се собра целиот град да го гледа ваквиот призор, и се чудеа додека го гледаа синот на намесникот како се прилепил до маченикот и му ги целива раните. И му рече момчето на народот: Да знаете, јас сум син на намесникот.  Досега, со својот безбожен татко ги гонев невините свети луѓе. Тоа го правев во незнаење. Сега, кога Го познав Бога и Бог ме позна мене, се одрекувам од лажните богови, се одрекувам и од татко ми и мајка ми и плукам на огромните богатства! Го исповедам Христа, во Него верувам, и објавувам дека сум следбеник на блажениот Јулијан. Не двоумете се, вие слуги и војници. Отидете и известете ги моите родители, дека Го познав вистинскиот Бог и се прилепив до Неговиот верен служител. Веднаш ги известија неговите родители за тоа. Како восок од оган се топеа нивните срца од болка. И веднаш испратија момчето да биде земено од Јулијан и доведено дома. Но Бог, кој ги чува децата, направи така да никој не можеше да се допре до него. Тогаш наредија и двајцата да ги доведат кај намесникот. Тој го погледна свети Јулијан и му рече: „Со своите магиски вештини, со сила сакаш да ми го одземеш плодот на мојата надеж и со недолични зборови да го залажуваш младото срце да се одрече од родителската љубов“. Дотрча и неговата мајка силно викајќи и ридајќи, и косата кубејќи си ја,  а намесникот продолжи: „Свиреп Јулијане, погледни ја болката на таткото и мајката, и ослободи го момчето од твоите магии. Врати ни го синот единец; врати ни го наследникот и господарот на мојот дом, па и јас ќе се заложам кај царот, да ти ја опрости вината и да те пушти здрав“. Свети Јулијан му одговори: „Твојата помош не ми е потребна, ниту барам царот да ме пушти. Едно го молам мојот Господ Христос, заедно со ова јагне кое е родено од волчја утроба, и со сите кои сакаат да веруваат, после претрпеното мачење да ме вброи меѓу изгорените. Еве, пред тебе стои од тебе телесно родениот, а сега верник на Христа, духовно одродениот од тебе. Доволно е возрасно, момчето самото нека ти одговори“. На тоа момчето рече: „Заради мојот Господ Исус Христос, јас се одрекувам од вас, своите родители, а вие поради почитувањето на своите богови, ставете го на маки својот син, зашто јас со привремената смрт барам живот вечен. Залудни се вашите солзи, зашто од мојата вера нема да ме раздвоите“.

Кога го слушна тоа, намесникот нареди и двајцата да ги фрлат во смрдлива темница. А таму, темнината се претвори во светлина, а смрдеата во мирис. Тоа го видоа војниците и веднаш поверуваа во Христа. Тогаш се нажали Јулијан, бидејќи не беше презвитер и немаше кој да ги крсти оние што поверуваа. Но Бог, кој ја исполнува волјата на оние кои имаат страв Божји, им испрати свештеник на следниот начин:

Во тој град живееше еден човек кој беше најугледен и нејчесен меѓу граѓаните, и царевите Диоклецијан и Максимијан многу го почитуваа. Тој човек беше христијанин и имаше седум синови, кои иако беа во мнгубоштвото, кај себе имаа свештеник по име Антониј. Ним им беше откриено од Бога да отидат во темницата да ги посетат Јулијан и Келсиј. Тука презвитерот го крсти блаженото момче Келсиј, синот на намесникот, и дваесетте војници кои поверуваа. А седумте браќа додека разговараа со Јулијан се распалија со ревност, заедно со нив и тие да страдаат за Христа, и не сакаа да излезат од темницата. За тоа намесникот им испрати подробен извештај на царевите и набрзо доби одговор: ако останат непокорни, сите да бидат изгорени, а ако по нивните магии огнот не им наштети, тогаш намесникот да ги усмрти со какви маки ќе посака.

Намесникот нареди веднаш да се припреми судница среде градот. Седна пред народот, и го изведоа пред него свети Јулијан со неговата дружина: Келсиј и седумте браќа, нивниот презвитер, и дваесетте војници. Тој започна да ги убедува да им се поклонат на идолите, укажувајќи им на царската наредба, сите да ги погуби ако не се покајат. Додека тие смело му противречеа, крај судницата наиде поворка со мртовец. Намесникот заповеда да го донесат мртовецот и да го стават среде судницата. Тогаш му се обрати на свети Јулијан:

„За вашиот учител Христос велат дека пред своето распнување воскреснувал мртви. Значи, еве ти прилика јавно да докажеш дека тој навистина е Бог“. Јулијан ги крена очите кон небото и се молеше гласно сите да слушнат и неговото лице почна да сјае во молитвата. Се молеше така околу еден час. Потоа му се обрати на мртвиот и му рече: „Тебе ти велам, земјо сува, во името на Оној кој го воскресна четиридневниот Лазар, стани и застани на своите нозе!“ Мртвиот веднаш стана, така што целиот народ се запрепасти, а воскреснатиот со солзи му благодареше на Бога.

Намесникот целосно се збуни и нареди сите да ги фрлат во темницата и да ја запечатат. Тука блажениот презвитер Антониј го крсти воскреснатиот мртовец со името Анастасиј, што значи „воскреснат“.

Утредента, намесникот Маркијан нареди да се подготват триесет и едно буре, за секого по едно, да се стави во нив смола и сулфур, и да се запали силен оган под нив. И сите маченици ги ставија во бурињата, а намесникот кога го гледаше својот син, срцето му се кинеше и се оддалечи тажен. Откако изгореа дрвата и огнот стивна, ги здогледаа сите светии живи, потполно неповредени. Од таа глетка сите беа страшно запрепастени. Намесникот потрча да види дали е вистина. Кога виде, не знаеше што да прави, и затоа пак ги затвори во темницата.

Жената на намесникот Марионела, мајката на Келсиј, кога дозна дека нејзиниот син се зачува од огнот жив и неповреден, отиде во темницата да го види. Кога го виде веднаш поверува во Христа; и беше крстена во темницата од презвитерот Антониј. Намесникот Маркијан разбеснет од нејзината постапка, веднаш ја фрли во темницата. Потоа ги изведе сите на суд и пресуди да бидат заклани со меч дваесетте војници и седумте браќа. А Јулијан и Келсиј, презвитерот Антониј, Анастасиј и својата жена Марионела ги остави да им суди покасно, сите ставени во окови.

Таа ноќ свети Јулијан имаше видение. Му се јавија мноштво свети маченици, облечени во бела облека. Меѓу нив беа и дваесетте војници и седумте браќа. А дојде и Василиса со сите свети девојки и му соопшти на Јулијан дека наскоро со останатите ќе го заврши својот подвиг и ќе премине во небеската населба.

Потоа мачителот ги мачеше на разни начини. На свети Јулијан и свети Келсиј им ја одраа кожата од главата, па потоа сите ги фрлија на ѕверовите да ги изедат, но тие не се допреа до нив. Најпосле намесникот нареди да се донесат сите затвореници од темницата и од затворот и заедно со нив да бидат заклани и светите маченици, не штедејќи ги ниту синот и сопругата. Така во 313 година, го завршија својот живот светите маченици Јулијан, Келсиј, Антониј, Анастасиј и Марионела, заклани со меч. Штом ги убија, се затресе земјата и се сруши половината од градот и сите идолски места. А намесникот преплашен по неколку дена издивна, изеден од црви. Следната ноќ, дојдоа свештеници со благочестиви луѓе да ги соберат телата на светите маченици. Но, бидејќи беа меѓу многубројни лешеви не можеа да ги распознаат. Затоа паднаа на колена и започнаа да се молат. И, им се јавија душите на светите во облик на девојки, секоја крај своето тело. Така ги распознаа нивните чесни тела, и ги погребаа во црквата под олтарот. А Бог, кој ги прославува своите светители, направи да се појави извор на жива и исцелителна вода на местото каде што беа погребани овие свети маченици. И исцелуваше таа вода од сите болести, по молитвите на светите, а по благодатта на нашиот Господ Исус Христос, кому нека му е слава за навек. Амин.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГРИГОРИЈ

чудотворец печерски

Со чудотворецот Григориј не се фали само Неокесарија туку и големата света чудотворна Печерска Лавра. Кога Бог се покажа прекрасен во своите свети Антониј и Теодосиј, во исто време за чудотворство го избра и преподобниот Григориј и го прозва во својата света печерска Лавра. Бидејќи преподобен Антониј самуваше во пештера, овој блажен дојде кај преподобниот Теодосиј кој управуваше со манастирот и од него прими монашки образ. Се научи на сиромаштија, чистота, смирение, послушание и поради своите многубројни подвизи се удостои на дарот на чудотворството и изгонување на демони.  И кога би го виделе од далеку, тие викале: О Григориј, ти не изгонуваш со своите молитви.  Оти Григориј имаше обичај, по секое пеење да чита заколнителни молитви. Победениот враг, не поднесувајќи го прогонството што му се случуваше од светиот, а никако не можејќи самиот да му напакости, потстрекна лоши луѓе да го опљачкаат него, кој имаше само книги за молитви и за читање.

Една ноќ крадци се довлекоа до неговата ќелија и чекаа тој да замине на утринска служба, па да влезат и да го ограбат. А блажениот ги осети кога дојдоа тие, зашто цела ноќ не спиеше, туку непрестајно се молеше на Бога. Тогаш му се помоли на Господа и за нив, велејќи: „Боже, дај им сон на твоите слуги, кои залудно се заморија исполнувајќи ја волјата на ѓаволот“. И го услиша Господ: крадците заспаа, и спиеја пет дена и пет ноќи, сѐ додека тој не ги разбуди во присуство на многу брака, велејќи: „До кога кришум ќе набљудувате за да ме испокрадете? Време е да се вратите дома“. Тие станаа, но не можеа да си заминат зашто многу време немаа јадено. Блажениот ги нахрани и ги испрати.

За тоа дозна управникот на градот и даде заповед крадците да бидат измачувани. Слушна за тоа Григориј и се нажали што тие заради него паднаа во маки. Затоа отиде кај управникот, му подари некои свои книги и тој ги пушти. Останатите книги ги продеаде, а Прите ги раздели на сиромашни, говорејќи си: да не допадне во беди уште некој, сакајќи да ме опљачка. А крадците доживувајќи такви чуда, не се вратија повеќе на таквите свои дела, ами со покајание дојдоа во манастирот и работеа во него за братијата.

Честопати преподобниот го напаѓаше лукавиот искушувач сакајќи да го соблазни. Еднаш му дојдоа некои тројца луѓе, не како потајни крадци, туку како луѓе на кои им е потребна помош. Желба им беше да го прелажат. И двајцата од нив го молеа светиот, лажејќи за третиот. Тие му рекоа: „Оче, овој наш пријател е осуден на смрт. Те молиме потруди се да го спасиш; дај му нешто да се откупи себе си од смрт“. А блажениот, провидувајќи со Духот дека оваа нивна лага наскоро ќе се оствари, заплака од жал, и рече: „Тешко на овој човек, зашто дојде денот на неговото умирање“, Тие пак рекоа: „Ако ти, оче, дадеш нешто тогаш тој нема да умре. А ова го рекоа за да добијат било што и да го поделат меѓу себе. Чудотворецот пак, бидејќи беше прониклив, рече: „И да дадам, тој ќе умре. Но, кажете ми, на каква смрт е осуден?“ Тие му одговорија: „Ќе биде обесен на дрво“. Им рече проникливиот: „Ја рековте вистината; тоа ќе се случи утре“. Го рече тоа слезе во пештерата ги изнесе оттаму и последните книги и им ги даде велејќи: „Земете ги, и ако не ви бидат од корист, пак вратете ми ги“. Тие ги зедоа книгите и кога излегоа започнаа да му се потсмеваат, велејќи: „Да ги продадеме и да ги поделиме парите“. И уште ги забележаа овошките во бавчата на старецот со зрели плодови, и си рекоа меѓу себе: „Да дојдеме вечерва и да го собереме овошјето“.

Кога настапи ноќта тројцата крадци дојдоа. За тоа време Григориј се молеше во пештерата, а крадците ја затворија нејзината врата однадвор. Оној од нив, за кого беше речено дека ќе биде обесен, се искачи на јаболкницата и започна да бере јаболка. И гледај, гранката за која се држеше, се скрши и тој падна, а другите двајца се исплашија и побегнаа. А оној првиот, додека паѓаше се закачи на друга гранка, и остана да виси на неа, и бидејќи немаше кој да му помогне, умре. А Григориј затворен, не можеше да отиде со браќата на утрена во црквата. По утрената излегоа браќата од црквата и отидоа да видат што го спречило старецот, кој никогаш не изостанувал, да дојде утредента. И видоа како мртов човек виси на дрвото и се запрепастија. Го побараа Григориј и го најдоа затворен во пештерата. Штом излезе, тој нареди да го симнат мртвиот од дрвото. Меѓу останатите кои беа дошле да го подготват мртовецот, старецот ги здогледа и двајцата пријатели на покојникот и им рече: „Погледнете како вашата несреќна лага се овистини, зашто со Бога не треба да се потсмевате (Гл.6, 7). Да не ме затворевте, јас ќе дојдев и ќе му помогнев да се спаси. Но, бидејќи ѓаволот ве наведе на суета и лага, вас ве напуштила милоста“. Кога видоа потсмевачите дека зборовите на блажениот се обвистинија, паднаа пред неговите нозе и бараа да им прости. Старец Григориј им одреди да работат во Печерскиот манастир, и отсега со пот на лицето да го заработуваат својот леб, и да им помагаат на другите. И така тие го завршија својот живот, работејќи во манастирот.

Страдалната смрт на проникливиот старец се случи вака:

Еднаш се случи во еден манастирски сад да влезе нечисто животно и да го оскверни. За да го исчисти, блажениот реши да слезе на реката Дњепар, и да го измие. Додека го миеше садот, наиде рускиот кнез Ростислав Всеволодович со намера да земе благослов од Печерскиот манастир, бидејќи требало да оди во војна. А кога неговите војници го здогледаа старецот, поттикнати од нечестивиот, започнаа да го исмеваат и да му зборуваат бесрамни зборови. Преподобниот Григориј, предвидувајќи ја со пророчки Дух нивната блиска смрт, им рече: „О, деца! Би требало да сте многу потиштени и од сите да просите молитви, а вие напротив правите зла кои не се по волјата на Бога. Подобро е за вас да плачете, зашто наскоро ќе се удавите во вода, заедно со вашиот кнез“.

Кога го слушна тоа кнезот Ростислав, не им даде никаква важност на неговите зборови, немајќи страв Божји, се разлути страшно, и рече: „Зарем мене ми зборуваш за давење? Мене, кој умеам да пливам? Самиот ќе го искусиш тоа“. И веднаш нареди да го фатат старецот, да му ги врзат рацете и нозете, да му врзат камен околу вратот и да го фрлат во водата. Така беше удавен старецот.

Два дена го бараа браќата од манастирот, но не успеаја да го пронајдат. На третиот ден, сакајќи да земат некои потребни работи од неговата ќелија, го пронајдоа во неа; преподобниот лежеше мртов, со врзани раце и нозе, со камен околу вратот, облеката сеуште му беше мокра, целиот беше воден, со светло лице, а телото му беше како живо. Ним им беше многу чудно кој и на каков начин го внел преподобниот внатре, зашто ќелијата му беше заклучена. Монасите го прославија Бога што прави прекрасни чудеса во светителите свои и чесно ги изнесоа чудотворните мошти на свети Григориј и ги положија во пештера каде и сега почиваат потполно нераспаднати.

А пак Ростислав, не сметајќи го за грев она што го направи со старецот, бесен, не влезе ниту во манастирот, како што се беше зарекол. Не посака ниту благослов, туку се оддалечи. Само неговиот брат, Владимир Мономах, го посети манастирот, и испроси молитви и благослов. Кога беа кај Триполи и ја преминаа реката Стугна, стапија во борба со Половците и можеа да ги победат, но руските кнезови побегнаа. Тогаш Владимир бегајќи, премина преку реката Стугна, заради молитвите и благословот на печерските светии, а Ростислав со целата своја војска се удави во неа. Така се исполни прорштвото на светиот. А незлобивиот чудотворец Григориј е на небесата и го фали името Господово, на кому му доликува слава и чест, поклонение сега, секогаш и во сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КАРТЕРИЈ

Овој светител беше свештеник и учител на христијаните. Живееше во времето на царот Диоклецијан. Подигна мала црква и во неа ги учеше христијаните само Господ Христос да го почитуваат за вистински Бог. Заради тоа беше наклеветен кај намесникот. Тогаш Картериј се сокри. Но, Спасителот Христос му се јави на сон и му рече да не се крие, зашто Он ќе биде постојано со него и ќе го крепи. Тогаш тој преполн со радост, сам се пријави, и беше фрлен во темница. Кога го извадија од темницата и беше изведен пред намесникот, тој побара од него да му принесе жртва на лажниот бог Серапис. А светителот со својата молитва го собори кипот. Поради тоа започнаа жестоко да го тепаат со стапови. Потоа го обесија на дрво; му ги искорнаа ноктите, и му го стругаа телото со шилци, но ангел Господов потполно го исцели. Кога видоа незнабошците дека е оздравен, многумина од нив го отфрлија идолопоклонството, тргнаа по него и тој ги крсти. Поради тоа повторно беше подложен на страшни измачувања. Му ставаа растопено олово во устата и го ставија во вжештена печка во која тој стоеше неповреден. Додека го гледаше тоа чудо, еден Евреин силно се разлути, дофати грешникот едно копје и со него го прободе светителот во ребрата. Од неговото тело почна да тече вода и го изгасна огнот во печката, а потоа потече и крв. Така јуначкиот борец, свети Картериј, ја предаде својата душа во рацете Божји, и се удостои на маченички венец во 304 година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЃАКОН ТЕОФИЛ И ЕЛАДИЈА МИРЈАНИН

Овие светители живееја во Ливија. Заради исповедувањето на Христовата вера беа изведени пред намесникот и кнезот на Ливија и судени. Откако останаа цврсти во Христовата вера, мачителите ги врзаа и ги печеа на оган, сѐ додека светителите не ги предадоа своите души во рацете Божји, и излегоа на небото како победници. Така овие свети маченици, ѓакон Теофил и Еладиј пострадаа во почетокот на четвртиот век.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АНАСТАСИЈ, КЕЛСИЈ, АНТОНИЈ, МАРИОНЕЛА,

седум момчиња и дваесет војници

Сите овие свети маченици пострадаа заедно со свети Јулијан, од житието на Јулијан и Василиса.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ИЛИЈА ПУСТИНИК

Преподобен Илија од рана младост стапи во монаштвото и помина седумдесет и пет години во потполна осамсност во суровата пустина близу Антиноја Тиваидска. Невозможно е со зборови да се искажат неговите големи подвизи. Ревносните посетители го затекнувале старецот како седи под камената настрешница на пештерата, во која поради темнината едвај можел да се види пустиникот. Целиот се тресел од старост, зашто веќе имал преку сто години. Други отци пустиници говореа за преподобниот Илија дека никој не памети кога тој се населил во таа гора. Јадел сосема малку леб и по некоја солена маслинка. На оние кои му доаѓале заради поука ги поучувал вака: „Не предавајте се себе си под власта на Сатаната. Постојат три пројави на ѓаволските сили, кои се предизвикуваат со гревопадот на монахот: прва е заборавноста, втора - мрзливоста, и трета се страстите. Кога ќе го нападне заборавноста, кај монахот се раѓа мрзеливоста, а од неа доаѓаат страстите, и од нив човечкиот пад. Ако пак монахот е внимателен и има страв Божји, во него нема ни мрзливост, ни нечисти желби. Затоа Сатаната е немоќен против таквиот монах; нема сили таквиот човек да го натера на грев; и таквиот човек се спасува со Божјата благодат“. Давајќи пример на вистински монашки живот, преподобен Илија му се претстави на Господа Христа во длабока старост.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ КИР

Богољубивиот Кир беше патријарх Цариградски. Богомудро управуваше со Црквата Христова: Беше патријарх осум години (705-713), во времето на царот Јустинијан Втори и Филипик. Се упокои во 714 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ АТИКА

Свети Атика беше патријарх на Цариград околу дваесет години (406-425). Родум беше од Севастија во Ерменија. Голем противник и одлучен борец против лажното еретичко учење на Македониј. Тој отиде во еден манастир, се замонаши и стана презвитер на Големата Црква. По изборот за Цариградски патријарх беше ревносен за Црквата и го воспостави празнувањето на свети Јован Златоуст во Цариград. Мирно се претстави во Господа на 10 октомври 425 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ АГАТОН

Познатитот египетски подвижник, свети Агатон, се подвизуваше во четвртиот век. Еден ден кај него дојдоа некои луѓе со намера да ги искушуваат неговите доблести и да го разгневат. И му рекоа: „Дали си ти Агатон? Слушнавме дека си блудник и горделивец“. Преподобниот им одговори: „Да, тоа е вистина“. Повторно му рекоа: „Агатоне, ти си брбливец и слабак“. Преподобниот одговори: „Да, и тоа сум“. Уште му рекоа: „Агатоне, ти си еретик“. Преподобниот одговори: „Не сум еретик“. Тогаш тие што го искушуваа го прашаа да им објасни зошто првите навреди ги прими, а оваа не можеше да ја поднесе. Старецот им одговори: „Тие навреди ги примив, бидејќи се корисни за мојата душа, а оваа не можам, зашто да бидеш еретик значи да бидеш одвоен од Бога“. Кога го слушнаа тоа, искушувачите беа восхитени од мудрото расудување на старецот. Беше многу славен заради својата кроткост, смиреност и благост. Светиот преподобен Агатон се споменува во Отечникот.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АБО

Беше родум од Арабија. Бидејќи се обрати кон Христа и ја исповедаше својата православна вера, свети Або беше заклан со меч и запален од мухамеданците во Тифлис на 8 јануари 790 година.

СПОМЕН НА СВЕТАТА НОВОМАЧЕНИЧКА ПАРТЕНА

Оваа света маченичка е од Воден (Егејска Македонија). Пострада за Христа во 1373 година, кога турците го завзедоа градот. Во Воден и денес го покажуваат брекчето, каде што е жива закопана. Нејзиниот спомен се врши на 8-ми јануари.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИСИДОР

и седумдесет и двајца со него

Светиот свештеномаченик Исидор и седумдесет и двајцата исповедници Христови со него, пострадаа во градот Јурјев во Русија во 1472 година. Свети Исидор беше свештеник во црквата Свети Никола. Како ревносен поборник на Православието тој често ги поттикнуваше тамошните Германци да ја остават латинската вера и да се присоединат кон Православието. За тоа беше известен бискупот и германските власти. На Богојавление за време на осветувањето на водата на блиската река, германците испратени од бискупот ги собраа Исидор и присутните луѓе и жени и деца и ги одведоа пред градските судии. На судот бискупот ги тераше да се одречат од Православието и да му пристапат на латинството. Откако останаа цврсти во својата вера, тој заповеда да бидат фрлени во темница. Во затворот светиот Исидор се причести себе си со светите тајни кои ги имал при себе, а потоа и сите што биле со него. Сите се исполнија со голема духовна радост. При тоа со силна, богомудра поука ги охрабри и ги облажени.

Потоа суровиот бискуп нареди свети Исидор да го облечат во свештеничка облека и заедно со останатите седумдесет и двајца верници онака како што беа облечени да биде фрлен во реката, на истото она место каде што светиот ја осветуваше водата. И така овие верни ги предадоа своите чисти души во рацете на Господа Христа. Напролет, на површината на реката се појавија телата на сите овие исповедници Христови, потполно нераспаднати. Тогаш православни луѓе ги зедоа нивните чесни мошти и ги погребаа во Јурјев, крај црквата „Свети Никола“.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ МАКАРИЈ МАКРИС

Преподобниот отец Макариј беше по потекло од Солун и уште млад отиде на Света Гора. Тука беше замонашен во манастирот Ватопед. Потоа отиде во Цариград и стана игумен на манастирот Пантократор и духовник на царот Мануил Палеолог. Се упокои од заразна болест на 7 јануари 1431 година, на островот Халци кај Цариград.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ТЕОДОР

Преподобниот Теодор беше ктитор и игумен на манастирот Хоре во Цариград.