22. Јануари  (9. Јануари)

 

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПОЛИЕВКТ

Кога избувна неочекуваното и жестоко гонење на христијаните од императорите Декиј и Валеријан, во ерменскиот град Мелитина имаше двајца честити офицери Полиевкт и Неарх кои се спријателија како родени браќа. Неарх беше христијанин, цврст во верата, верен исполнител на законот Господов, а Полиевкт - незнабожец, уште непросветлен од светлината на вистинската вера, но живееше според христијанските обичаи и се подвизуваше во најразлични добродетели. Му преостануваше само да се присоедини кон Црквата Христова.

Еден ден по улиците на градот започна да се разгласува безбожната заповед на нечестивите цареви, кои ги повикуваа сите да им се поклонуваат на лажните и гнасни богови, и ги заплашуваа со измачување и со смртна казна оние што нема да се потчинат. Затоа Неарх како верен слуга Христов започна да се подготвува за смрт, но многу тагуваше за својот пријател Полиевкт. Тој многу се трудеше својот сакан другар да го приведе кон Христа и често пати му го читаше Светото Писмо. Разумниот и благороден Полиевкт не беше рамнодушен кон христијанските вистини, но сепак Неарх многу се грижеше кога започна гонењето на христијаните. Тој се плашеше од можноста ако тој биде предаден на измачување, неговиот пријател да не се откаже од него. А најмногу беше загрижен при помислата дека Полиевкт ќе биде лишен од Царството Небесно, ако остане незнабожец, и не се просветли со словото на Вистината.

Кога чувствителното пријателско срце на Полиевкт ја почувствува тревогата во душата на Неарх, тој ја почувствува можноста од нивно вечно разделување. Додека го очекуваше неизбежното мачеништво на својот верен пријател, тој стана свесен и осозна колку длабоко допреле до него пријателските убедувања, и на негово изненадување му рече:

- Неарх, зошто си вознемирен? Зарем јас не го познавам твојот Христос? Не гореше ли моето срце кога ти ми зборуваше за Него, и ми го читаше Евангелието? Само името христијанин ми недостасува! Јас се гнасам од идолите и секогаш сум имал вера во Христа, синот на единствениот Бог!

- Слава му на Божјото милосрдие! - воскликна радосно Неарх. Но ти, дали така силно го сакаш Бога, та да оставиш заради него и жена, и деца, и богатство?

- Од ништо немам потреба, само од вистинскиот Бог! И од овој час јас се одрекувам од светот и единствено Нему ќе му служам! Го рече тоа и се стрча кон градскиот плоштад. Таму Полиевкт го прочита едиктот на незнабожните цареви Валеријан и Декиј со кој ги повикуваа сите на секакво послушание, го искина на парчиња и го фрли под нозете на минувачите. Потоа се втурна кон идолите што ги носеа минувачите по патот и започна да ги крши.

И уништи дванаесет незнабожечки богови. Во тоа време наиде таткото на неговата жена, Феликс, кој беше поставен од царот да ги измачува христијаните. Кога виде тој како Полиевкт ги крши идолите, многу се нажали и низ плач одговори: „Тешко мене, зашто се лишувам од моите деца, јас, кој до сега бев познат поради децата, сега ненадејно останувам без нив, Зашто никој, ниту од боговите, ниту од луѓето не ќе има милост за мојот Полиевкт, кој го стори ова“. А Полиевкт ликуваше што ги испокрши бездушните идоли и му рече на својот дедо:

- Што се вознемируваш, оче? Ете сега јас на очигледен начин покажав колку се немоќни вашите богови. И ако има уште, нека ги донесат овде; ќе видиш како слугите Христови ќе плукаат на нив. Феликс му рече:

- Нашите семоќни цареви наредија да ги убиваме ваквите, и ти веќе си осуден на смрт. Но ќе ти помогнам само толку, да отидеш во својот дом и да се простиш со жената и децата. Светителот рече:

- Каква тага за жената и децата кога не се грижам за ништо овоземно, туку чезнеам за небесното и мислам за неминливото. Ако твојата ќерка сака да тргне по мене, ќе биде блажена; ако не сака, ќе пропадне заедно со вашите богови. Кога го слушна тоа, Феликс плачеше за својот зет и велеше:

- Тешко мене, мили мој сине Полиевкт, зашто и тебе те прелажа волшебната сила Христова. Полиевкт одговори:

- Не го кријам ова. Он ме повика да ја спознаам вистината, зашто Он со својата семоќна божествена десница ме изведе од темнината во светлина, од смртта во живот, од заблуда ме упати на правиот пат, и ме удостои да се наречам и да бидам Негов војник.

Кога го рече тоа светителот, војниците го фатија и го тепаа по устата. Во тоа време дојде и неговата жена и плачеше за него заедно со својот татко Феликс. Тие напразно го молеа да не се погубува себе си и среќата на нивниот дом. На нивните молби Полиевкт одвраќаше само со една молба - сите да го спознаат вистинскиот Бог и да се убедат колку се ништожни боговите на многубожците. Затоа се обрати кон таткото на својата сопруга, и му рече:

- О, беззаконен служителу на нечистите богови, зошто со твоите солзи и со солзите на твојата ќерка, сакаш да ме опрелестиш, да отпаднам од Христовата вера? Зошто плачеш за Полиевкт, кога многу повеќе треба да плачеш за себе? Зашто кога им служиш на земните цареви, се подложуваш на вечен оган.

Потоа се обрати кон својата сопруга:

- Ако јас сам ги победив и искршив твоите дванаесет богови, кон кои што прибегнуваш на помош - ти веќе немаш богови. Послушај ме, и обрати се кон единствениот и вистински Бог, кој што живее на небесата. Поклони Му се и замени го овоземниот живот за небесниот и вечниот живот.

Додека ги слушаа овие негови зборови, упатени до својата сопруга, мнозина од јазичниците незнабошци се насладуваа од нив, и ја спознаваа вистината. Душите им се исполнуваа со умиление, и тие се обраќаа кон Христа.

Се собраа градските судии и советници и го изведоа свети Полиевкт на суд. Откако ја видоа неговата храброст и непоколеблива истрајност додека беше подложен на измачување, мачителите го осудија на смрт, да биде погубен со меч. Со љубов и нескриена радост светиот маченик Полиевкт го гледаше насобраниот народ од местото каде требаше да биде погубен, и кога го здогледа својот пријател, блажениот Неарх, му довикна:

- Спасувај се и биди силен пријателу мил! Памети го заветот на љубовта што го склучивме помеѓу нас! Тоа беа неговите последни зборови. Тогаш ја наведна својата глава под мечот и се крсти во својата сопствена крв, и го предаде својот дух во рацете на Господа Христа. Свети Полиевкт пострада маченички во 259 година и беше првиот маченик во ерменскиот град Мелитина. После него пострада и неговиот пријател, блажениот Неарх.

Во храмот што е посветен на свети Полиевкт се молеле родителите на преподобниот Ефтимиј Велики, а и самиот Ефтимиј.

Внуката на Валентијан Трети, Јулианија, во чест на свети Полиевкт изградила прекрасен храм во Цариград во времето на императорот Јустинијан. Моштите на маченикот се наоѓале во тој град до 14 - 15 век.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЕВСТРАТИЈ ЧУДОТВОРЕЦ

Преподобниот Евстратиј беше родум од Тарс. Син на богати, благочестиви и побожни родители Георѓиј и Мегета, кои живееја во почетокот на деветтиот век. Кога наполни дваесет години, Евстратиј отиде во Агаврискиот манастир на гората Олимп, во кој се подвизуваа двајцата чичковци на неговата мајка, Василиј и Григориј. Григориј беше игумен на манастирот. Тие со радост го примија Евстратиј и го замонашија. Тука, заедно со нив тој го започна тешкиот подвиг на монашкиот живот.

Во тоа време, како победник од борбата со Бугарите се врати свирепиот цар Лав Ерменин, и се крена против благочестивиот цар Михаил, го лиши од жената и децата, го острижа, го окова во тешки окови и го испрати на заточение на островот Проти, во близина на Цариград.

Свирепиот цар се трудеше повторно да ја рашири згаснатата иконоборна ерес, и во тој период сите христијани ги напуштаа своите домови и се криеја од злобниот цар кој ги прогонуваше. Така и преподобниот Евстратиј, по совет на преподобниот Јоаникиј Велики го напушти својот манастир на Олимп и се повлече во своето родно место. Тој живееше по пустините и горите, се додека не почина безверниот цар. Потоа пак се врати во својот манастир и заедно со браќата се оддаде на тешки подвизи и постојано во својата уста ја имаше молитвата: „ Господи помилуј!“

Направи толку чудеса што е невозможно да се опишат, како сведоштво за неговиот беспрекорен начин на богоугодно живеење.

Пред да му се претстави на Господ Христос, ги собра браќата околу себе и им даде многу духовни поуки:

- Браќа и отци, времето на мојот живот стигна до крајот. Ве молам, деца мои мили, чувајте ги преданијата кои ги примивте, знаејќи дека сите работи на овој свет се привремени и ништожни, а на оној свет - вечни и неминливи. Затоа, деца мои, трудете се да се удостоите во уделот на спасените. Откако го рече тоа, се помоли, ги осени сите со крсниот знак, ги крена очите кон небото и прошепоти:

- Во твоите раце Господи, го предавам мојот дух!

Со овие зборови се упокои и заспа во сон на покој во Господа. Премина во вечниот живот на деведесетгодишна возраст и се приклучи кон ликот на преподобните.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРОРОК САМЕЈ

Светиот пророк Божји, Самеј, се родил во Силом за време на царувањето на Соломон. Тој го одвратил од братоубиствена војна царот Ровоам. Во Светото Писмо стои: „Му дојде словото Божјо на Самеја, човекот Божји, и беше речено: - Кажи му на Соломоновиот син Ровоам, царот Јудејски, и на целиот Јудин и Венијаминов дом и на другиот народ, вака вели Господ:

- Не одете и не почнувајте војна против вашите браќа, синовите Израилеви; вратете се во домот свој, зашто Јас наредив така да биде. И тие ги послушаа Господовите зборови и се вратија дома како што рече Господ (2 Лтп. 12, 2 - 4).

Во петтата година од царувањето на Ровоам се случи напад на египетскиот Фараон Сисак, на царството Јудејско, затоа што Ровоам и целиот Израил со него, го оставија законот Господов. Огромната војска на Фараонот ги зазеде сите утврдени градови во Јудеја и стигна до Ерусалим. Тогаш пророк Самеј дојде кај Ровоам и Јудејските началници, кои се беа засолниле од непријателот во тврдината на главниот град и им објави: Вака вели Господ:

- Вие Ме оставивте Мене, затоа и Јас ве оставам вас во рацете на Сисак (2 Лтп. 12, 1-5). Кога го слушнаа тоа, царот и началниците Израилеви понизно рекоа: „Праведен е Господ“ (2 Лттп. 12, 6). После тоа Самеј, човекот Божји, имаше ново откровение, зашто Господ му рече: „Се понизија, нема да ги сотрам, туку наскоро ќе ги избавам; и Мојот гнев нема да се излее на Ерусалим, преку раката на Сисак. Сепак тие ќе му станат слуги за да почувствуват што значи да Ми служат Мене и да им служат на земните царства“ (2Лтп. 12, 7-8). Зборовите на пророкот се исполнија.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ПЕТАР

епископ Севастиски

Светиот отец Петар беше брат на свети Василиј Велики. Околу неговото воспитување најмногу се грижеше неговата сестра Макрина. Откако свети Василиј стана архиепископ Кесаријски, тој го ракоположи својот брат Петар најпрвин за презвитер, а потоа за епископ во Севастија. Како епископ, свети Петар учествуваше на Вториот Вселенски Собор во Цариград во 381 година. Се упокои на крајот на четвртиот век.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ФИЛИП

митрополит Московски

Митрополитот Московски, свети Филип, е роден на 11 февруари 1507 година во Москва, од побожни и благородни родители, од славната лоза на болјарите Количеви. Неговиот татко Стефан спаѓаше во болјарите кои му беа блиски на големиот кнез Василиј Јованович; а побожната мајка негова, Варвара, го заврши својот живот како монахиња со името Варсонофија. За нивниот набожен, доблесен живот, Бог ги благослови со прекрасен плод; од нив се роди блажениот Филип, кој на своето крштение го доби името Теодор. Родителите го воспитуваа во секоја побожност. Кога потпорасна, тие го дадоа да учи книга. За кратко време Теодор ги изучи сите книжевни мудрости и се научи на душекорисно читање. Тој постојано читаше книги во кои наоѓаше житија на светии и достојни за восхит мажи, и преку тоа се учеше на усовршување во доблестите. Потоа започнаа да го учат на војнички вештини. Но, тоа не го промени побожното расположение на неговата душа.

По смртта на великиот кнез Василиј Јованович, скиптарот на царството, велики кнез на цела Русија, го прими неговиот син Јован Василевич. Во тоа време, Теодор како полнолетен беше повикан да служи во царскиот двор и му стана миленик на малолетниот кнез Јован Василевич. Но, не остана долго во царскиот дворец. Како момче во своите триесетти години, стоејќи еднаш на света литургија, тој слушна како свештеникот чита од Евангелието: „Никој не може да им служи на двајца господари“ (Мт. 6,24). Поразен од овие зборови, тој си размислуваше во себе како тие да се однесуваа и за него, и донесе одлука да го напушти световниот живот. Замина тајно од сите, напуштајќи го царскиот двор, родниот крај и роднините, и со себе понесе само најнеопходни работи. Тоа беше во половината на 1537 година.

Најпрвин дојде во краиштата на Велики Новгород, крај езерото Оњега. Таму отседна во населбата Хижах, кај еден селанец, кој му довери да ги пасе неговите овци. Во меѓувреме родителите го бараа насекаде по градовите; но не го најдоа никаде и многу плачеа и тагуваа за него. После многу поминати денови како овчар, Теодор отиде на Соловецкиот остров. Таму го прими игуменот на Соловецкиот манастир и му наложи да работи манастирски работи. Теодор исполнет со страв Божји и смирение, работеше сѐ што ќе му беше дадено како послушание...

Често му се случуваше некои од монасите да го навредуваат, дури и да го тепаат, но тој никогаш не се гневеше и со радост и смирение поднесуваше сѐ; и никој не знаеше кој е, и од каде е. Прекален во трпението, беше замонашен од игуменот и го доби името Филип. Тогаш го дадоа на послушание кај еден опитен монах, кој се викаше Јона. Старецот го упати на секоја доблест. После многу напорни послушанија во манастирот, беше фален од сите за неговите трудови. Свети Филип не ја сакаше славата и за да ја одбегне, се оддалечи од манастирот и отиде да се подвизува во пустината. Таму со вперен ум кон Господа, времето го минуваше во строг пост и постојана молитва.

После долги подвизи во пустината, во Соловецките шуми, свети Филип повторно се врати во својот манастир. Кога го виде толку усовршен во монашките подвизи и украсен со длабоко смирение, игуменот Алексиј многу се тешеше со него и го држеше покрај себе, како свој помошник. Му го довери надзорот над почетните послушаници. Сето тоа Филип го извршуваше со ревност, и во тие трудови помина девет години, помаган од Молитвите и благословот на својот игумен. Тогаш поради старечка немоќ, игуменот Алексиј се откажа од управувањето на манастирот и на совет од браќата, го постави свети Филип за игумен. Тоа се случи во 1548 година.

Соловецката обител цветаше и напредуваше за време на неговото управување. Осумнаесет години тој го водеше Соловецкиот манастир и за тоа време потполно го обнови. Во него угодникот Христов подигна две камени цркви: „Успение на Пресвета Богородица“ и „Преображение Господово“. За браќата изгради двокатни конаци и болници; умножи и поправи варилишта за сол - главниот извор на манастирските приходи; направи воденица на вода...

Славата на светителот стигна и до царот и кнез Јован Василевич. Во тоа време митрополитот на цела Русија, Атанасиј, го остави престолот".

Царот имаше желба на престолот на Руската митрополија да биде востоличен свети Филип, па го повика светителот во Москва на духовно советување. Во тоа време меѓу народот настанаа немири и нереди. На дворот меѓу бојарите започнаа кавги и крволочни непријателства. Тоа поттикна во царот силен гнев и јарост. Поради страшните бојарски клевети царот започна да се плаши дури и од своите најлојални и верни слуги, најблиските роднини, и во сите гледаше свои непријатели. И ја раздели државата на два дела и постави посебни телохранители, кои беа покрај царот и сочинуваа посебна управа. Тие ја злоупотребуваа власта што им беше дадена, го угнетуваа народот, им го одземаа имотот, и додека пљачкаа, ги убиваа и мачеа луѓето. А царот толку ѝ веруваше на нивната верност и одаденост, та за нив не постоеше никаков суд.

Токму во тоа време царот го повика свети Филип кај себе. Кога дојде светителот, царот го прими со чест и му рече дека сака да го види на митрополитскиот престол.

Смирениот свети Филип одбиваше зашто се сметаше себе си за недостоен за таков голем чин. Но, по долгите молби на царот, светителот му изјави дека ќе ја исполни неговата желба, ако тој ги укине телохранителите околу себе, кои му нанесуваат многу зло на рускиот народ. Царот му рече дека тоа нему му е потребно, зашто се коваат завери против него. Тогаш свети Филип му рече дека ќе се согласи со него, само ако тој се согласи да се советува со него кога е потребно, како што и порано се советувал со претходните митрополити. Царот се согласи, и на тој начин светиот си обезбеди право, со својата совест да се зазема за невиното гонење и да ја зборува евангелската Правда. Тогаш свети Филип реши да ја исполни неговата желба и беше востоличен за митрополит Московски.

Во тоа време сѐ беше мирно; царот многу го почитуваше светителот и му беше благонаклонет. Но потоа, кога тој започна да го моли да ги запре ѕверствата што ги врши над народот, и да го изобличува за неговата свирепост, царот страшно се разбесни и му се закануваше со мачење и прогонство. Но, светителот остана цврст како дијамант и не им обраќаше внимание на неговите закани, и во исто време не престануваше да ја зборува вистината. За жал, и меѓу духовните лица се најдоа предавници, кои единствено се грижеа како да му угодат на царот. Архиепископот новгородски Пимен, и некои други со него, заедно со царските советници Маљут Скуратов и Василиј Грјазни, и нивните едномисленици, измислуваа разни сплетки против светителот и се трудеа да го симнат од престолот. Тие го наговараа царот да не ја напушта својата намера. Но царот не сакаше туку така да го симне свети Филип од митрополитскиот престол. Кратко време после тоа, на доставка на лажни сведоци, и не сакајќи сам да го лиши од престолот, царот нареди да се дознае сѐ за него. Во Соловецкиот манастир ги испрати епископот Пафнутиј и кнезот Василиј Темкин, за да испитаат каков бил поранешниот живот на митрополитот Филип.

Кога стигнаа во Соловецкиот манастир, пратениците започнаа да се залагаат да прават онака како подобро би му угодиле на царот. Тие не сакаа да ги слушаат убавите зборови што се говореа за свети Филип и затоа придобија некои од монасите со ласкање, со мито, со ветувања за високи одликувања, а некои и со закани. Сите тие ги убедија во спротивното и тие зборуваа разни клевети против светителот. На заминување го поведоа со себе соловецкиот игумен Пајсиј, кому му ветија епископски чин. Со себе зедоа и други клеветници што лажно ќе сведочат против митрополитот, дури и на писмено.

Веднаш беше свикан собор за да му се суди на светителот. Клеветниците од Соловецкиот манастир ги поднесоа своите лажни сведоштва на писмено. Царот нареди да се прочитаат гласно. Потоа започнаа и усмено да го клеветат. Светителот не се правдаше, туку започна да ги симнува од себе ознаките на достоинството, а царот му нареди да ја сочека одлуката на судот.

Утредента, на 8 ноември 1568 година, кога светиот митрополит Филип чинодејствуваше во Успенската соборна црква, царот го испрати таму својот болјар Алексеј Басманов со голем број телохранители. Додека влегуваше во црквата, Басманов нареди пред целиот народ, гласно да се прочита пресудата за симнување на митрополитот. Потоа како диви ѕверови се нафрлија врз светителот, му ја соблекоа архиерејската облека, му облекоа просто, искинато монашко расо, на срамен начин го истераа од црквата и со тепање го одведоа во Богојавленскиот манастир. Тука светиот митрополит беше ставен во тешки окови, и фрлен во една смрдлива темница. Го оставија без храна цела недела. Потоа беше пренесен во манастирот „Свети Николај Чудотворец“, таканаречен „Стари“. Незадоволен од страдањата на свети Филип, царот ги подложи на измачување и смрт, болјарските деца што беа кај него во црквата на служба; од роднините на светителот, Количеви, тој уби десет невини деца едно по друго. Главата на едното од нив, Иван Количев, кого светителот посебно го сакаше, царот му ја испрати на чинија во темницата. Свети Филип смирено се поклони пред неа до земја, ја благослови, ја целиваше со љубов, и пак му ја врати на доносителот.

Потоа по желба на царот, свети Филип беше протеран во тверскиот манастир Отреч, при што претрпе многу зло од неговите спроводници. Помина околу година дена откако светителот се наоѓаше во заточение, злоставуван од чуварите на разни начини.

Во тоа време, царот патуваше за Новгород и кога приближи кон Твер се сети на свети Филип, па го испрати кај него гореспоменатиот Маљут Скуратов. Овој ненадејно влезе во ќелијата на светителот. А светителот уште на три дена пред тоа им зборуваше на присутните: „Еве се приближува крајот на мојот подвиг“, и се причести со чесните и животворни Тајни Христови. Влегувајќи во ќелијата, Мањут Скуратов со лажна стравопочит падна пред нозете на светителот, и рече: „Свети владико, дај благослов царот да оди во Велики Новгород“. Но светителот му одговори на Мањут: „Прави што сакаш, но дарот Божји не се добива на измама!“ Тогаш бездушникот се нафрли врз него и го задави праведникот со перницата. Тоа се случи на 23 декември 1569 година. Неговото свето тело беше погребано во манастирот Отреч.

Но наскоро, непријателите негови ги достигна праведната Божја казна. Царот, откако ја увиде својата неправедност спрема светителот, и се увери во лукавството на неговите непријатели, сите ги испрати на заточение по разни манастири, а некои од нив предаде на смрт. Архиепископот новгородски Пимен, беше симнат од престолот две недели пред смртта на свети Филип, и подложен на најголем потсмев; после тоа беше заточен во Веневскиот манастир, каде наскоро почина. Игуменот Пајсиј беше заточен на Вааламскиот остров и таму умре; монахот Зосим и десет други монаси со него, кои лажно го клеветеа свети Филип беа распрснати по разни манастири. Царевиот миленик, Маљут Скуратов, наскоро по своето злосторство беше убиен кај градот Торжка од заробените Кримјани, при што царот одвај се спаси од смрт.

По смртта на царот Јован Василевич, престолот на Руското царство го зазеде неговиот син Теодор Јованович. Во седмата година на неговото царување, игуменот на Соловецкиот манастир и браќата се обратија со молба до царот да нареди телото на светителот да се пренесе од манастирот Отреч во Соловецкиот. Царот им даде дозвола и браќата го пронајдоа телото на светителот потполно нетлено и од него потече миро и го исполни воздухот со благоухание. Монасите достојно извршија пренос на моштите на свети Филип од манастирот Отреч во својот Соловецки манастир, и го погребаа во гробот што светителот сам го беше ископал за себе. А покасно, за време на царот Алексиј Михаилович, неговите нетлени мошти со чест беа пренесени во Москва и положени во нов кивот во соборната црква „Успение на Пресвета Богородица“, каде и денес почиваат откриени. Слава на нашиот Бог, сега, секогаш и во сите векови, амин.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА АНТОНИНА

Пострадала за Христа во Никомидија, фрлена во море.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛАВРЕНТИЈ

Гонет од идолопоклониците, светиот маченик Лаврентиј, по потекло од Запад, блесна како ѕвезда во добриот подвиг за Христа, и беше украсен со венецот на маченичката слава.