23. Јануари (10. Јануари)
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ
епископ Ниски
Свети Григориј Ниски е помладиот брат на свети Василиј Велики. Роден е околу 335 година во Неокесарија, во Понт, од она исто благочестиво семејство од кое излегоа уште многу други светители Божји. Првите науки ги учеше кај својот постар брат Василиј, а потоа ги изучи сите светски и духовни науки. Се ожени со побожната девојка Теосевија и беше посветен за чтец на божествените книги во Црквата Божја. Покасно му дојде мисла да се посвети на позивот светски ритор, но по совет на свети Григориј Богослов, ја отфрли таа мисла, па отиде и се замонаши кај својот брат Василиј, на реката Ирис во Понт, а неговата блажена сопруга Теосевија стана ѓаконица. Оваа блажена Теосевија, која наскоро се упокои, со многу пофални зборови ја овенча свети Григориј Богослов (во писмото упатено до Григориј), нарекувајќи ја „сестра“ на Григориј, а и своја, пофалба на Црквата и украс Христов.
По изборот на свети Василиј Велики за архиепископ Кесаријски и свети Григориј, во есента 371 година, беше избран за епископ во малиот кападокиски град Ниса. Тој мудро управуваше со Христовата Црква, а посебно беше славен како беседник и прекрасен христијански философ. Заради својата ревност за православната вера тој против себе предизвика гонење од страна на аријанците кои за време на владеењето на царот Валент повторно се беа засилиле. Овие еретици успееја да го симнат од епископскиот престол, на кој светителот се беше вратил повторно, дури по смртта на свирепиот цар Валент во 378 година.
Кога се упокои големиот поборник на Православието, неговиот брат свети Василиј Велики, свети Григориј ја презеде врз себе богословската дипломатска борба против еретикот Евномиј, последниот аријанец, и за тоа тој напиша знаменити богословски книги во одбрана на православната вера во Света Троица.
Учествуваше и на Соборот во Антиохија, во 379 година со свети Мелетиј Антиохијски. До изборот на нов епископ тој беше избран од верните за епископ во Севастија во 380 година. Зеде активно учество и на Вториот Вселенски Собор во 381 година против аријанската ерес, и ереста на Македониј. Со останатите свети Отци, поборници на Православието, го изложи никијско-цариградскиот Символ на верата и беше сврстен во „избраните Отци“ на Црквата. Кога на истиот собор се упокои претседавачот свети Мелетиј Антиохијски, свети Григориј беше одреден да му одржи надгробно пофално слово. Угодникот Христов, свети Григориј Ниски, зад себе остави многу богословски и подвижнички книги, корисни за светата Црква и за животот и благочестието на верните. Се упокои околу 395 година. На изглед личеше на својот брат Василиј, само беше понизок и имаше побелена коса.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ДОМЕТИЈАН
Угодникот Божји, преподобен Дометијан, се роди во времето на византијскиот цар Јустијан Помладиот од богати, побожни родители Теодор и Евдокија. Откако ги изучи сите светски науки тој се ожени, но наскоро неговата сопруга се упокои. Тогаш, тој од љубов кон Бога го напушти светот и го поминуваше својот живот во подвижништво. Кога наполни триесет години, по Божја волја беше хиротонисан за епископ на Светата Црква во Мелитина. Како многу добар пастир со подвижнички живот често беше испраќан да го зацврстува мирот меѓу Грците и Персијците. Тој му помогна и на персискиот цар Хозрој да го задржи својот престол, а како благодарност тој им плаќаше данок на Грците. Поради тоа свети Дометијан стана голем пријател на царот Маврикиј. Се упокои во 601 година во Цариград и неговите свети мошти беа пренесени во неговиот град Мелитина. Направи многу чудеса и за време на својот живот и после него, во слава на нашиот Спасител Господ Исус Христос.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МАРКИЈАН
За време на царувањето на царот Маркијан и Пулхерија во Цариград со своите доблести блескаше прекрасниот човек, блажениот Маркијан. Беше роден во Рим од благородни и богати родители кои се преселија во Цариград кога тој беше дете. Маркијан успешно го заврши своето школување, и доби прекрасно воспитување. Често го посетуваше Божјиот храм, па патријархот многу го засака и го сврсти во своите клирици. Иако беше по години млад, но по паметта и по чистотата на животот личеше на старец, затоа патријархот го ракоположи за презвитер, а потоа го постави за старешина на Големата црква.
Откако починаа неговите родители тој, како нивно единствено дете, наследи огромно богатство. Блажениот Маркијан го потроши на изградување и обновување на храмови, и за милостина на сиромасите. На света маченица Анастасија ѝ изгради нова, прекрасна скапоцена црква. Заради неговиот беспрекорен живот Бог му го даде дарот на чудотворството: да изгонува демони и да лекува болни.
Еднаш настана пожар во Цариград и огнот веќе ја беше опколил и црквата „Света Анастасија“. Тогаш преподобниот Маркијан се искачи на покривот од црквата, ги подигна рацете кон небото и започна сесрдно да Му се моли на Бога. Наеднаш огнот стивна и црквата остана неповредена.
Свети Маркијан изгради и нова црква посветена на света Ирина, спаси многу блудници со своите совети и тие се мажеа и се враќаа во живот по законот. Овој блажен човек, Бог го посини, ангелите го фалеа, светиите го почитуваа, царевите му се засрамија, народите му се восхитуваа и заради него го прославуваа Бога. А ѓаволите се исплашија и побегнаа од него. Му се претстави на Бога во 471 година. Свечено беше погребан во манастирот „Свети Јован Претеча„ во близина на црквата посветена на свети маченик Мокиј.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ АМОН
Преподобен Амон беше подвижник мисирски. Четиринаесет години се трудеше и му се молеше на Христа Бога, да успее да го победи гневот во себе. Достигна такво совршенство на добрината што веќе не беше свесен дека постои зло во светот. Беше посебен познавач на Светото Писмо. Се упокои во почетокот на петтиот век.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ПАВЛЕ КОМЕЛСКИ
Преподобен Павле Комелски се роди и беше воспитуван во Москва. Неговите родители сакаа да го оженат, но тој не го сакаше брачниот живот и затоа тајно го напушти татковиот дом и замина во еден крај по име Прилук. Таму, во манастирот „Света Троица“, основан од радонешкиот чудотворец свети Сергиј, беше потстрижан за монах. Под духовното раководство на великиот старец, Павле помина петнаесет години во пост и молитва во својата испосничка ќелија. Потоа измоли благослов од преподобниот Сергиј и отиде во пустината. Во неа живееше во потполна осаменост, преминувајќи од едно место на друго, додека не дојде во Комелската шума.
Тука, на брегот на реката Грјазовица, се насели преподобниот во вдлабнатината на една огромна липа. Три години проживеа светителот во таа дупка во пост и молитва, служејќи му со солзи на Бога. Потоа преподобниот премина на она место, каде сега се наоѓа неговата чесна обител. Таму остана до крајот на својот живот, живеејќи во строг пост. Се хранеше со малку леб и вода и тоа само во сабота и недела. Во останатите денови не земаше ништо и целото време го поминуваше во својата осаменичка ќелија. Во неа, во молитва, блажениот пустиник, помаган од благодатта Божја, заради Христа, поднесе огромни лишувања и многу неволји од демоните.
Во една прилика светителот го нападнаа разбојници, жестоко го претепаа, му ја ограбија ќелијата, му ги врзаа рацете и нозете, и го оставија така. Неколку дена остана светиот така врзан во ќелијата додека по промисла Божја не дојдоа во пустината добри луѓе и го одврзаа блажениот старец.
Многу често богоугодникот слушаше црковни ѕвона на местото каде се беше населил и гледаше светлина на местото каде што покасно се изгради храм во име на Пресвета Троица. Заедно со својот ученик Алексиј, преподобниот се упати во Москва и за ваквото небесно откровение му раскажа на светиот митрополит Фотиј. Митрополитот му даде благослов да изгради храм во својата пустина, го произведе Алексиј за јеромонах, му даде богат прилог за градбата на храмот и го отпушти светителот со мир. Преподобниот Павле се врати назад во Комелската пустина и изгради храм во име на Пресвета Троица. Насобра повеќе браќа и изгради манастир, а пак, самиот тој живееше како порано во својата осаменичка ќелија. Во манастирот доаѓаше само во сабота и недела за да ги поучува браќата. Доживеа длабока старост, и во својата 112 година му се претстави на Господа Христа, на 10 јануари 1429 година. Неговите свети мошти почиваат во соборната црква на Обнорскиот манастир.
СПОМЕН НА БЛАЖЕНА ТЕОСЕВИЈА
Блажена Теосевија беше сопруга на свети Григориј Ниски и по договор со него таа стана ѓаконица, бидејќи тој се замонаши. Поради чистотата и светоста на својот живот, таа уживаше сеопшта љубов и почитување. Свети Григориј Богослов ја овенча оваа светителка со многу пофални зборови ( во писмото што му го упати на Григориј Ниски по повод на нејзината смрт). Ја нарекуваше „сестра и света сопруга на свештеник, пофалба на Црквата и украс Христов“, и ја истакна за пример на сите жени. Му се претстави на Господ во мир, многу млада.