24. Јануари (11. Јануари)
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТЕОДОСИЈ ВЕЛИКИ
основач на монашкото општожитие
Преподобниот Теодосиј е роден во областа Кападокија, во селото Магариси од благочестиви родители: татко Проересиј и мајка Евлогија. Беше воспитан во добрина и изучи училиште. Кога стана полнолетен и добро го изучи Светото Писмо, бидејќи беше слаткогласен и искусен читач, беше одреден во црквата да им чита на луѓето од Светите книги. Потоа потпирајќи се на Бога, тој тргна за Ерусалим за време на царувањето на Маркијан, во времето кога светите Отци се собираа на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон против Диоскор и Евтихиј. Минувајќи низ Антиохија, блажениот Теодосиј посака да го види свети Симеон, кој се подвизуваше на столб, за да испроси од него благослов и молитви.
Затоа тргна кај него, и кога се приближи кон столбот, слушна како преподобниот му довикнува: „Добре дојде, човече Божји, Теодосиј!“ Кога слушна како по име го довикува човек кој никогаш не го видел, ниту го познава, Теодосиј се восхити, падна на колена и му се поклони на проникливиот старец. Светителот го повика кај себе и тој се искачи на столбот, и припадна кон неговите чесни нозе. А старецот, свети Симеон Столпник го прегрна и целива боговдахновеното момче и му прорече дека ќе биде пастир на словесните овци, и дека многумина ќе оттргне од духовните волци. Му претскажа и други работи и откако го благослови го отпушти.
Окрепен од благословот на старецот, преподобниот го продолжи својот пат и стигна во светиот град Ерусалим за време на патријархувањето на Јувеналиј. Откако ги посети сите места и се поклони во Светињите над светиите, дваесет и шестгодишниот Теодосиј сакаше да се запознае со животот на испосниците што се подвизуваат наоколу и затоа се насели кај опитниот старец Лонгин, кој живееше во околината на Светиот Град. Тој имаше ќелија крај столбот кој од дамнина се нарекуваше „Давидов столб“. Затворен тука, светиот со трудољубие го собираше слаткиот мед на доблестите. Кај него дојде блажениот Теодосиј и започна да се учи на монашкиот труд. После доста време иако не сакаше, старецот го однесе на едно место викано Старо Седиште. Еве зошто:
- Некоја благочестива вдовица, Гликерија, на тоа место подигна црква и ја посвети на Пресвета Богородица. Таа сесрдно го молеше преподобниот Лонгин да му дозволи на Теодосиј да живее крај ново подигнатата црква. Но, ученикот не сакаше да се раздовојува од својот отец. Се пресели таму од послушание, по наредба на отецот. Додека живееше покрај црквата, насекаде се расчу глас за неговите доблести. Зашто доблестите го обелоденуваат оној кој ги стекнува, како што запалената свеќа го покажува оној што ја носи. И започнаа да доаѓаат кај него и да се собираат околу него оние што сакаа да се огледаат на неговиот живот.
Блажениот поживеа таму некое време, но му тежеше славата и му здодеа вознемирувањето зашто не ги поднесуваше човечките почести и вреви. Затоа замина од таму, отиде во Јудејската пустина и се насели во една пештера, во која според преданието преноќевале тројцата Мудреци од Исток, на враќањето од Витлеем, каде беа дојдени со дарови да му се поклонат на Богомладенецот (Мат. 2,1-12). Оваа пештера стана сведок на еден натчовечки подвиг. Тука свети Теодосиј целосно ѝ се оддаде на непрестајната молитва и неотстапното Богосоѕерцание. Молитвата на преподобниот беше непрекината, стоењето - сеноќно; солзите постојано му течеа од очите како потоци од извори. Многу сурово беше и неговото воздржание. Постот неизмерен; триесет години тој не вкуси ни трошка леб, туку се хранеше само со урми, трева и корења, но и од нив јадеше, само колку да не умре од глад. Овој неовоземен подвиг го издигна подвижникот до такво духовно совршенство, што Бог го удостои на дарот на чудотворството и проникливоста. На ова место, по промисла Божја, се изгради преславна Лавра и во неа заради Господ Христос се собраа илјада духовни војници.
Додека водеше таков живот, тој заблеска како сјајна ѕвезда и се прочу меѓу жителите на Палестина, зашто не може да се сокрие град на врв планина. Доаѓаа таму љубители на доблестите, сакајќи да живеат со него пустински и безмолвен живот. Во почетокот имаше седум ученика. Тој знаеше дека за оние кои почнуваат да живеат по Бога нема ништо покорисно од сеќавањето на смртта - зашто тоа е вистинска философија. Затоа им нареди на своите ученици да ископаат гроб, за, гледајќи го, да се сеќаваат на смртта. Кога гробот беше готов, дојде отецот да го види. Стоејќи крај него, тој им се обрати на своите ученици како на шега, а всушност со очите на душата провиде што ќе се случи, и им рече:
- Ете деца, гробот е готов. Дали некој од вас е готов на смрт за со себе да го сефтоса овој гроб?
Кога го рече тоа светецот, еден од присутните ученици по име Василиј, кој беше свештеник, веднаш, надитрувајќи ги другите, падна на колена пред старецот и бараше благослов да умре и да биде погребан во тој гроб. Тој рече:
- Благослови ме мене, оче, јас да го сефтосам овој гроб и да бидам првиот мртовец меѓу браќата кои се учат на сеќавањето на смртта. Старецот се согласи и нареди на живиот Василиј да му се прават помени како да е веќе мртов, како што пропишува законот за покојници: во треттиот, во деветтиот и во четириесеттиот ден. Кога ги извршија овие помени, умре блажениот Василиј иако не беше болен, туку просто како да заспа во сладок сон и прејде кај Господа. Во четирисеттиот ден по неговиот погреб, старецот Теодосиј го виде Василиј како стои во црквата заедно со браќата, и пее со нив. И му се помоли на Бога да им ги отвори очите и на останатите да можат да го видат Василиј. И го виде еден од браќата, и од радост потрча да го прегрне, но не успеа, зашто тој стана невидлив. Додека заминуваше рече:
- Спасувајте се отци и браќа, спасувајте се; мене овде нема повеќе да ме видите!
Ова беше првиот доказ на доблестите на преподобниот Теодосиј: го воспита ученикот кој беше готов на смрт, и кој после телесната смрт се покажа жив со душата, по зборовите Господови во Евангелието: „Кој верува во Мене, ако и умре, ќе живее“ (Јн. 11, 25).
Се приближуваше Воскресение. Учениците на светиот, кои во тоа време броеја дванаесет, беа тажни, зашто за празникот немаа ниту леб, ниту масло, ниту нешто за јадење. А што е најтешко, немаа ниту брашно за просфори, ниту вино за на пресветиот празник да се служи литургија и тие да се причестат со Светите Тајни. Затоа тие меѓусебно потајно негодуваа против преподобниот. А тој полн со непоколеблива надеж во Бога, им нареди на браќата да го украсат светиот храм и да не се грижат. Им рече: „Оној, Кој во старо време го прехранил Израил во пустината, а покасно - со неколку лебови нахранил многу илјади, ќе се погрижи и за нас. Зашто Он, ниту е сега послаб отколку што бил порано, ниту во промислите немарлив туку е ист Бог за навек“. Преподобниот го рече ова со самодоверба, и ведаш се исполни реченото. Зашто, како што некогаш на Авраам му беше испратен овен, готов за жртва, така и на овој блажен старец Божјата промисла му приготви сѐ што беше потребно. Кај нивната пештера дојде некој богољубец и на две мазги им донесе храна на пустинските испосници, па уште и просфори и вино за света литургија. Кога го видоа тоа учениците на блажениот, многу се израдуваа и дознаа каква голема милост има нивниот старец пред Бога. Весело го отпразнуваа Воскресението Христово и имаа доволно храна за целата Педесетница.
Славата на големиот угодник Божји не можеше да се сокрие. Многумина имаа потреба од духовното раководство на таков совршен старец, и затоа започнаа постепено да се населуваат околу него. Браќата се умножуваа од ден во ден. Зашто обилната благодат со која беше исполнет светиот отец призиваше кон себе многумина. И тие, како разумни елени, жедни за духовна вода, се слеваа кај старецот. А и многу великани и богаташи дојдоа да живеат со преподобниот.И пештерата стана тесна да ги прими сите. Светителот, гледајќи како се множи неговото стадо, чувствуваше дека треба да биде пастир. Но, знаеше дека тоа ќе го наруши неговото молитвено тихување, светото осамување. И разни мисли го растргнуваа: ем не сакаше да го напушти безмолвието, ем сметаше дека грижата за браќата е голема работа. Зашто човек треба да живее не само за себе, туку многу повеќе за ближните. Беше во недоумица, дали да се држи до безмолвието или да ја земе грижата за спасение на браќата. Тогаш сѐ му препушти на Бога и го молеше на некој начин да му стави до знаење дали Му е по волја градење на манастир, и ако Му е, на кое место да го изгради. Затоа зеде една кадилница, ја наполни со незапален јаглен и темјан и одеше по пустината со молитва во устата: „Боже, Ти, со многу и големи чудеса си ги убедил Израилците; и твојот угодник Мојсеј со разни знаци си го уверил; Ти стапот во змија си го претворил, и водата во крв; Ти си ги услишал молитвите на Илија, и си испратил оган од небото заради обраќање на нечестивите. Ти и сега си тој ист Бог. Затоа Господи, услиши ме мене, слугата Твој и покажи ми го местото кое Тебе ти е по волја, да изградам храм на него; а ќе ми го покажеш на тој начин, што на тоа место сам од себе ќе се запали јагленот во ова кандило.
Додека зборуваше така, блажениот ги минуваше местата што му изгледаа погодни за манастир и помина голем дел од пустината сѐ до местото викано Кутила, на брегот на Смоњанското Езеро, но кадилницата не се запали. Тогаш намисли да се врати во пештерата. При враќањето кога беше близу до пештерата (о, кој достојно ќе оддаде благодарност на твојата сила Бесмртен Царе!) наеднаш од кадилницата се крена благоухан чад од темјанот, зашто јагленот многу се распали. Така, светиот дозна дека тоа е местото на кое Бог сака да се изгради обител.
И веднаш неговите ученици се зафатија со работа: ги поставија темелите, ја ѕидаа црквата и ќелиите, и оградата. И наскоро со помош на Севишниот, изградија огромна обител. И настана Лавра на преподобниот Теодосиј, прочуена и славна; а во неа озаконето општожитие. И Господ ѝ даде на Лаврата секакво изобилие. И имаше таму почивалишта, не само за монасите туку и за мирјаните, странците, намерниците, бедните, болните и немоќните. Зашто преподобен Теодосиј беше многу милосрден, човекољубив и жалостив; на сите им беше милостив отец, на сите - нежен пријател, на сите - сесрден роб и слуга; на болните им ги чистеше раните, крвта и гнојта ја отстрануваше, губавите ги целиваше и тешеше. И сите се насладуваа од неговата љубов, милостивост и добрина; и немаше таков кого тој го превиде. Светиот беше толку човекољубив и гостољубив што се случуваше во еден ден да се постават и по сто трпези поради посетителите, странците и бедните.
А Бог, кој самиот е љубов, гледајќи ја таквата љубов на својот угодник спрема ближните, го благослови неговиот манастир, та во него на невидлив начин се умножуваше она малку храна и имаа доволно за да можат да се нахранат кај нив илјади и илјади луѓе.
Еднаш настана голем глад во Палестина. На Цветници, по обичај, од сите страни дојдоа бедните во манастирот по милостиња. Учениците се натажија и му раскажаа на блажениот дека немаат толку храна за да можат да им поделат на толку многу луѓе. А тој, со гнев погледна кон нив, ги прекори за нивното неверие, и рече: „Веднаш отворете ја вратата да влезат сите“. И влегоа ништите и бедните, и седнаа. Преподобниот им нареди на учениците да им изнесат леб. Учениците тргнаа тажни кон пекарницата, мислејќи дека нема да најдат ништо. А кога ја отворија, таа беше полна со леб. Зашто раката на Промислителот за сите, Бог, ја наполни заради верата на својот слуга. Браќата му благодареа на Бога за ваквото чудо и ѝ се восхитуваа на големата надеж на својот отец. Така, потпирајќи се на Божјата волја, светиот старец во 560-тата година основа свој манастир, кој и денес го носи неговото име и се наоѓа на седум километри југоисточно од Ерусалим. Испосниците ја достигнаа бројката од шестотини души, а преданието вели дека за време на неговиот 105-годишен живот, бројот на монасите достигнал до шеснаесет илјади. Манастирот што постои денес има монашки ќелии, болници, приемници за странци, за мирјани... Свети Теодосиј прв го воведе обликот на општожитие во монашкиот подвиг и затоа е наречен „основач на општожитието“. Така го нарекуваат пишувачите на житијата и затоа што Ерусалимскиот патријарх во 493 година го назначи за општ архимандрит на сите општожителни манастири во Палестина, додека на свети Сава Осветени (439-532) му го повери надзорот над пустиножителите. При свети Теодосиј имаше монаси од различни народности и сите имаа свои посебни храмови во кои секојдневно ги исполнуваа своите молитвени правила. Преподобниот Теодосиј своето многубројно братство го управуваше, раководејќи се од монашките правила на својот сонародник свети Василиј Велики. Тој беше голем љубител на неговите богомудри списи и поддржувач на неговиот живот.
Во своето мудро раководство, големиот духовен отец благодатно ги обединуваше кроткоста со строгата праведност. Додека така ги поучуваше своите ученици, преподобниот ги поттикнуваше на ревносна грижа околу своето спасение. Сите монаси ревносно се грижеа за бедните, странците и болните, и околу посетителите и поклониците.
Иако беше кроток во сѐ, сепак онаму каде што се вршеше насилство врз верата, преподобниот Теодосиј беше како огнен пламен и непобедлив меч на војникот. Во тоа време, по Лав Велики и Зенон, се зацари Анастасиј. Во почетокот неговото царување изгледаше како прекрасен рај, а покасно се покажа како ледина на опустошението. Тој ѝ подлегна на Евтихиевата и Северовата монофизитска ерес, и со неа ја смутуваше Црквата Божја, отфрлајќи го Четвртиот Вселенски Собор на светите отци Халкидонски. Ги симнуваше од престолите православните епископи и на нивно место поставуваше злославни. Многу православни придоби за својата ерес, едни со закани други со почести и поклони.
Императорот се осуди да го искористи авторитетот на свети Теодосиј и затоа му испрати триесет литри злато како помош за манастирот. Со тој гест тој сакаше да го придобие преподобниот, кого цела Палестина го слушаше и многу го почитуваше. Великиот старец, гледајќи го неговото лукавство не го навреди со неговиот принос, и му се обрати со вакво писмо: - Царе, пред нас стојат две работи: или да се согласиме да живееме одвратно и неслободно, или чесно да умреме. Следејќи ги правите догмати на светите Отци, знај дека ние ја претпочитаме смртта, зашто не примаме нови догмати, туку одиме по законите на Отците. А оние, кои освен овие примаат и бранат други догмати и закони, ние побожно ги отфрламе, и хиротонисани од еретици не примаме по никоја цена. Ако некој сака нам да ни наметне нешто од тоа, ние за сведок на вистината го призиваме Бог кого еретиците го хулат сега, и ќе се спротивставиме до крв. Зашто каква е користа ако Светите места само се нарекуваат свети, а нивните светињи им се предаваат на потсмев на еретиците? Значи, ние во никој случај не помислуваме ништо, што не е согласно со Светите Вселенски Собори. Во никој случај нема да отстапиме од вистинската побожност, ниту пак со одрекување ќе го посрамиме она што го одредија Отците. Сведоци нека ни бидат нивните напори и многубројните подвизи што ги поднесоа за верата. А мирот Божји, кој го надминува секој ум, нека биде чувар и наставник на твојата држава.
Со ова писмо преподобниот Теодосиј јасно ја покажа својата голема ревност за верата. Царот, кога го прочита писмото се засрами, се смири малку и за некое време го запре гонењето на христијаните.
Потоа царот повторно се поколеба и се крена против верата. И повторно насекаде започнаа да се читаат царски наредби кои ги отфрлаат Светите Собори посебно Халкидонскиот. Тогаш духовниот војник Теодосиј повторно, иако веќе беше стар, покажа младешки подвиг зашто додека сите молчеа од страв, а многумина се потчинуваа на наредбите, преподобниот дојде во Ерусалим и застана на скалилата на големата Ерусалимска Црква, од каде свештениците по обичај му читаат на народот. Со раката му даде знак на народот да молчи и гласно повика:
- Нека е проклет секој, кој не мисли дека четирите Свети Вселенски Собори се подеднакво важни како и четирите Евангелија!
Кога го рече тоа, тој како ангел го уплаши народот и никој од противниците не се осуди да проговори што било. Потоа ги повика со себе своите ученици најревносни во верата и обезличувајќи ги заблудите на еретиците, светителот ги обиколи сите селишта на Палестина за насекаде да го утврди Православието и да ги искорени ересите. Поради тоа тој беше испратен на заточение, но по смртта на императорот Анастасиј повторно се врати во својата лавра. Неговите чудеса се безбројни.
Еден ден една угледна жена од Александрија, дојде со своето синче во манастирот и детето штом го здогледа свети Теодосиј ѝ се обрати на својата мајка, покажувајќи со прст кон преподобниот: „Овој човек ме извлече од бунарот и не се удавив!“ Мајката падна на колена пред блажениот старец и му благодареше од дното на својата душа, бидејќи долго време сакала да дознае и го барала овој, кој што на чудесен начин го спасил нејзиниот син, кога тој паднал во бунарот.
Една жена од Витлеем многу тагувала, бидејќи сите деца што ги раѓалаѝ умирале. А кога на своето новороденче му го дала името Теодосиј, тоа останало живо и пораснало потполно здраво, а цотоа станало голем уметник.
После смртта на царот Анастасиј, откако преподобниот се беше вратил од прогонство, по обичај одеше во Витлеем поради молитва. Еднаш, патувајќи сврати во обителта на преподобниот Маркијан. Тој многу љубезно го прими милиот гостин, но немаше со што да го угости зашто во тоа време немаа ни леб ни пченица. По долгиот духовен разговор кога дојде време за ручек, Маркијан им нареди на своите ученици да сварат леќа и да донесат. Кога ја виде ваквата сиромаштија на преподобниот Маркијан, свети Теодосиј им нареди на своите ученици да го извадат лебот од своите торби, што го беа понеле од дома за по пат. Кога јадеа, преподобен Маркијан му рече на преподобниот Теодосиј: „Не замерувај оче, што немаме со што да те угостиме, и не нѐ укорувај што немаме ниту леб да принесеме, зашто сме сиромашни и немаме ниту пченица“. Кога го рече тоа, чудесниот Теодосиј во брадата на Маркијан здогледа зрно пченица, паднато кој знае од каде; внимателно го зеде и со радосно лице рече: „Еве пченица, како тогаш велите дека немате“. Блажениот Маркијан со радост го зеде зрното од рацете на Теодосиј како некое плодоносно семе и нареди да го однесат во житницата.Тој веруваше дека благословот на свети Теодосиј ќе им донесе род без труд, повеќе од обработените ниви, и тоа навистина се случи. Утредента по заминувањето на преподобниот, кога учениците на Маркијан сакаа да ја отворат вратата од житницата, видоа дека таа е полна со пченица. Преподобен Маркијан му соопшти на преподобниот Теодосиј за чудото што се беше случило и му благодареше за умножувањето на пченицата. А преподобниот одговори:
- Не ја умножив пченицата јас оче, туку ти, зашто зрното беше земено од твојата брада.
Еден ден блажениот нареди да чука камбаната за молитва и расплакан им соопшти на браќата: „Молете се отци и браќа, молете се! Божјиот гнев го посети Исток!“ Во истото време Антиохија беше разурната од земјотрес...
Преподобниот Теодосиј Велики ја претскажа својата смрт неколку години пред да го напушти овој свет и за тоа им зборуваше на своите духовни чеда.
Светиот старец лежеше цела година на болничка постела со постојана молитва на устата. Со молитва го предаде својот дух на Христа Бога, во 529 година.
Неговото претставување Бог го прослави со ова чудо:
Некој човек по име Стефан, родум од Александрија, долго време бил луд. Но кога се допре до ковчегот на преподобниот Теодосиј, веднаш се ослободи од својот мачител и стана потполно здрав.
Веста за смртта на великиот угодник Божји, брзо се прошири насекаде. Се собра многу народ од сите градови, и монаси од сите манастири; а дојде и пресветиот патријарх ерусалимски Петар со своите епископи за да му оддадат последна почит на својот духовен отец. Неговото свето тело чесно и достојно беше погребано во Витлеемската пустина, во пештерата каде што и го започна своето подвижништво, во слава на нашиот Господ Исус Христос, заедно со Отецот и Светиот Дух славен за навек, амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МИХАИЛ КЛОПСКИ
На петнаесет километри од Велики Новгород, на брегот на реката Верјажа, се наоѓа манастир викан Клопски, а во него храм на Пресвета Троица. Во тој манастир игумен беше доблесниот маж Теодосиј. На 23 јуни 1408 година во Клопскиот манастир дојде блажениот Михаил. До денес не е познато од каде дошол и кои му беа родители.
Еден ден кога сите браќа се вратија од утринска служба, јеромонахот на манастирот ја најде својата ќелија отворена и во неа здогледа како седи еден монах. Пред него гореше свеќа, а тој ја препишуваше книгата Дела Апостолски. Не одговараше на ниедно прашање. Настојателот го праша: „Кажи ми, дали си ти човек или дух?“ Новодојдениот старец ги повтори неговите зборови. Игуменот изврши молитва, а старецот ги повторуваше зборовите на молитвата што ги рече игуменот. Тогаш монасите започнаа да го осенуваат со крсниот знак и да го кадат со темјан. Тој се бранеше, се криеше и се однесуваше како јуродив.
Заедно со браќата, свети Михаил започна да оди во храмот на литургија и пееше на певницата. Сите беа изненадени и до дното на душата потресени од неговото прекрасно читање на Апостолот. Остана да живее со браќата во манастирот и го извршуваше послушанието на чтец во храмот и во трпезаријата. Сите што го слушаа, доживуваа огромно умиление на душата. Меѓутоа, ни игуменот ни браќата не можеа да дознаат ниту како се вика ниту од каде е дојден.
Еднаш Клопскиот манастир го посети кнезот Константин Димитриевич. Тој го здогледа монахот, за кого никој не знаеше ништо и веднаш го препозна, па рече: „Ова е синот на Максим, Михаил“. На тоа преподобниот одговори: „Единствено Творецот знае кој сум јас“. Тогаш игуменот забележа: „Сине мој, зошто не ни го кажеш своето име? И тогаш светителот потврди дека се вика Михаил".
За време на своето живеење во Клопската обител подвижникот јадеше само леб и вода и тоа еднаш неделно. Од подвизите и воздржанието неговото тело стана како сенка.
Во тоа време во Велики Новгород и неговата околина настана голема суша која продолжи три години; пресушија не само потоците туку и реките. Тогаш по молитвите на свети Михаил, близу манастирот се затресе земјата и наеднаш бликна изобилен извор со бистра вода, кој и до денес им служи на монасите. Плашејќи се од немаштија, игуменот не знаеше што да прави. Но, преподобниот Михаил укажувајќи на тоа дека Господ со седум лебови нахранил четири илјади души, го наговори игуменот да ги храни сите гладни. А кога браќата се побунија поради тоа, преподобниот ги поведе заедно со игуменот до житниот амбар и тие се запрепастија кога видоа дека залихите на жито, по молитвите на светителот, не се намалиле.
Блажениот Михаил поживеа во Клопскиот манастир четириесет и четири години и направи многу чудеса во името Христово. Мирно се упокои во Господа во 1452 година.
Игуменот со браќата го погребаа неговото чесно и многустрадално тело во манастирот „Животворна Троица“ од десната страна на главниот храм и до денес таму почива. И до денешен ден, точи исцеленија на оние кои со вера прибегнуваат, во слава на Господ Христос.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ТЕОДОСИЈ
Преподобен Теодосиј најпрвин беше игумен на Филотеевскиот манастир на Света Гора, а потоа митрополит во Трапезунт. Поопширно за него пишува во Житието на неговиот брат по тело, свети Дионисиј, под 25 јуни.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАИР
Многу бил измачуван за верата во Христа, па починал од тешките маки.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СТЕФАН ПЛАКИДИАНСКИ, ТЕОДОР И АРХИМАНДРИТ АГАПИЈ
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ВИТАЛИЈ
Се подвизувал целиот устремен кон Бога, и се упокоил во мир.