25. Јануари (12. Јануари)
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ТАТЈАНА
Светата маченичка Татјана е родена во Рим од благородни и богати родители. Нејзиниот татко беше три пати проконзул на Рим. Тој беше побожен и богобојазлив христијанин, кој потајно ја држеше светата вера. И својата ќерка Татјана ја воспита во побожност и страв Божји, и ја научи на Светото Писмо.
Кога стана полнолетна таа не сакаше да се омажи, туку се откажа од светските радости и својот живот го минуваше во целомудреност. Му служеше на Христа и дење и ноќе, и со пост и молитва го умртвуваше своето тело. Заради својот доблесен живот таа се удостои на служење во црквата. Беше посветена за ѓаконица и целосно му се оддаде на милосрдието и постојаната молитва.
Скорешната насилна смрт на жестокиот император Хелиогабал, ги ослободи христијаните од стравувањата од едно можеби најчудовишно гонење и сите беа готови да здивнат, кога на престолот го замени неговиот шеснаесетгодишен братучед Александар Север чија што мајка Јулија Мамеја беше христијанка. Малолетниот Александар беше рамнодушен кон верата на другите и не се определуваше кон еден определен светоглед, поради што среде идолите на различните јазичнички божества, имаше и изобразение на Исус Христос. Но, токму во негово време дојде страшниот час за маченица Татјана.
Поради малолетството на императорот, државните работи беа раководени од неколку сенатори меѓу кои најглавен беше суровиот Улпијан, голем непријател на христијаните. Управувајќи во името на царот, овие сенатори на сите страни распространија наредби да се присилуваат Галилејците (така ги нарекуваа тие христијаните), со мачење и смрт да им се поклонуваат на римските богови. А за убијци на христијаните беа одредени најсвирепите слуги на ѓаволот: Виталиј, Вас и Кај. Тие немилосрдно, како вода ја пролеваа крвта христијанска во Рим и во сите краишта на римското царство.
Во тоа време неверниците ја фатија и света дева Татјана, и без да обрнат внимание на нејзиното потекло и беспрекорен живот, ја одведоа во Аполоновиот храм да се поклони. Но тогаш таа му се помоли на својот Господ Христос и веднаш настана земјотрес, од кого падна идолот и се искрши на парчиња, а падна и еден дел од храмот и уби многу незнабошци и жреци.
А ѓаволот кој живееше во храмот, побегна и сите го слушнаа неговото громко викање и ја видоа неговата темна сенка, како ита низ воздухот. Незнабошците веднаш ја изведоа Татјана на суд и немилосрдно започнаа да ја измачуваат. По страшните измачувања ја фрлија во темница. Утредента пак ја изведоа да ѝ судат и откако видоа дека со ништо не можат да ја натераат да им принесе жртва на идолите, судијата нареди да ја соблечат и да ѝ го сечат телото со жилети, а потоа да ја тепаат бездушно. После секое мачење милостивиот Бог правеше чудо над својата исповедничка и таа на другиот ден излегуваше пред своите мачители потполно здрава. Тие, додека гледаа како светата маченичка на чудесен начин оздравува, и на нејзиното тело не останува ниту трага од страшните рани што ѝ ги нанесуваат, беа многу збунети. Самите мачители го молеа својот господар да ги запре мачењата над невината римјанка. А таа во маките се молеше на Бога за своите мачители да ги приведе кон вистината. И беше услишана. Зашто нив ги осветли небесна светлина и им се отворија духовните очи и тие видоа четири Ангели околу света Татјана. Ангелите ја крепеа светата маченица, а заедно со тоа слушнаа и глас од небото упатен до слугинката Христова. Некои од мачителите не можеа да го издржат тоа, па паднаа на земјата пред неа, велејќи: „Прости ни, слугинко на вистинскиот Бог! Прости ни, што ти го направивме тоа, не по своја волја“. И поверуваа во Христа, а беа осуммина. Поради верата во Христа свирепо беа мачени и осудени на смрт како новопријавени христијани. Им ги отсекоа главите, и така тие се крстија во својата сопствена крв.
После целодневното мачење девојката пак беше одведена во темницата и преку целата ноќ, осветлена од небесна светлина го славословуваше Бога, а Ангелите ги лекуваа нејзините страшни рани.
На другиот ден таа пак излезе пред мачителите потполно здрава, со посветло лице од претходниот ден така што сите се восхитија. Свирепите многубожци започнаа да ѝ ласкаат за да ја придобијат, и таа да ѝ принесе жртва на нивната богиња Дијана. А светата дева се направи дека се согласува, и тие свечено ја одведоа во храмот во кој се наоѓаше кипот на богињата. Тогаш демонот што живееше во кипот на Дијана, почувствува дека доаѓа света Татјана и силно повика: „Тешко мене, тешко мене! Каде ќе побегнам од Духот твој, Боже небесен? Зашто ме гони оган од четирите агли на храмот“.
Светителката дојде пред храмот, се прекрсти, ги крена очите кон небото, му се помоли на Бога, и во тој час настанаа силни грмотевици и молњи. Тогаш падна оган од небото и го изгоре до пепел идолскиот храм и кипот на Дијана заедно со жреците, а со нив и многу народ. Поради тоа маченицата пак ја воведоа во судницата, ја обесија, и започнаа да ѝ го стругаат телото со железни гребени.
Тогаш ѝ ги отсекоа и градите, и ги фрлија. И повторно ја ставија во темницата.
И пак ѝ дојдоа Ангели Божји од небото и ја исцелија од раните, и пак таа излезе пред сите потполно здрава. Изморен од нејзината цврстина, безмилосниот управник нареди да ја предадат на изгладнетите ѕверови. Но, кога го пуштија лавот кај неа, тој започна кротко да се милува околу неа и да ѝ ги лиже нозете. Исполнет со страв, оваа глетка да не обрати и други јазичници кон вистинската вера, управникот нареди веднаш да биде обезглавена маченичката Христова. Заедно со неа го обезглавија и нејзиниот татко зашто се дозна дека е христијанин.
Најпрвин го лишија од функцијата, му го одзедоа имотот, и потоа го осудија на смрт. И тој умре за Христа заедно со својата света ќерка Татјана околу 226 година. Се овенчаа со маченички венци од Христа Бога, кому нека му е слава за навек, амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПЕТАР АВЕСАЛАМИТ
Петар, наречен Авесаламит, беше родум од градот Елефтеропол во Палестина. За време на лутото гонење на христијаните, тој беше фатен во градот Авлон во Албанија. Кога беше изведен пред кнезот Север, тој го праша: „Ја знаеш ли царската наредба?“ Петар му одговори: „Јас ја знам наредбата на мојот Бог, кој е вистинит и вечен Цар“. Кнезот му рече: „Нашите премилостиви цареви наредија: сите христијани, или да им принесат жртви на боговите или со разни казни да бидат погубени“. Петар му одговори: „А вистинскиот вечен Цар наредува: Ако некој им принесе жртви на демоните, а не на живиот Бог, ќе загине за навек. Сега ти расуди по правдата: треба ли да се наруши заповедта на небесниот Цар?“ Кнезот му рече: „Послушај ме, принесе им жртва на боговите, и исполни ја вашата заповед“. Петар одлучно одби и му рече: „Јас нема да им принесам жртви на ракотворните богови, направени од дрво и камен на кои сте слични вие“. Кнезот му рече: „Ти нѐ навредуваш нас. Зарем не знаеш дека имам власт да те убијам?“ Петар му одговори: „Јас не те навредувам, туку го зборувам она што е напишано во законот Господов. Јас сум христијанин и за ништо на светот нема да се откажам од својата христијанска вера. Прави со мене што сакаш“.
Тогаш кнезот нареди да го обесат. А кога маченикот висеше, кнезот му рече: „Што велиш Петре, сакаш ли да им принесеш жртви на идолите или не?“ А Петар му одговори: „Ајде нареди да ме мачат. Јас веќе, не еднаш, ти реков дека нема да им принесам жртви на демоните“.
Тогаш кнезот Север нареди луто да го мачат. Започнаа да му го стругаат телото со железни шилци, но тој јуначки поднесуваше сѐ и не пушти ниту крик, туку му пееше на Господа. Кога кнезот повторно му рече дека ќе го осуди на смрт, ако не ја исполни неговата заповед, Петар му одговори: „Тоа е и единствената моја желба - да умрам за мојот Бог!“ Тогаш нареди да биде распнат на крст. Така храбриот војник Христов го заврши својот подвиг и се удостои да биде распнат на крст како нашиот Господ Христос, на кому нека му е слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МЕРТИЈ
Овој светител беше војник. За време на царот Диоклецијан во 298 година, тој беше обвинет дека е христијанин. Кога беше изведен пред царот и го натераа да им принесе жртва на идолите, тој одлучно одби. Тогаш му го одзедоа појасот, кој му беше знак за војничкиот чин. Потоа му ја одраа кожата и со секира му го сечеа телото. Мачителите беа запрепастени и се чудеа како може да ги поднесува маките, бидејќи дерењето на кожата траеше доста долго. Но, кога видоа дека на неговото тело не останала ниту трага од раните веднаш го фрлија во темница. Осум дена помина свети Мертиј во темницата и од раните што постојано му ги нанесуваа, истече силна крв. Исцрпен од маките, јунакот Христов ја предаде својата чесна душа во рацете на Христа Бога, и се удостои со бесмртен венец на мачеништво.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЕВТАСИЈА
На оваа света маченица главата и беше отсечена, заради исповедањето на верата во Господа Христа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ОСУММИНА ОД НИКЕЈА
Овие свети маченици пострадаа за Христос, заклани со меч.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ИЛИЈА ЧУДОТВОРЕЦ
Заради својот свет живот, се удостоил со дарот на чудотворството.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МАРТИНИЈАН БЕЛОЕЗЕРСКИ
Во својата дванаесетта година Мартинијан побегнал од дома и отишол во манастирот на преподобниот Кирил Белоезерски, кој не сакал да го прими затоа што бил многу мал. Се подвизуваше строго и одлучно. Беше назначен за игумен. Се упокои во 1483 година, во 86-тата година од својот живот. Триесет години покасно неговото свето тело беше извадено потполно целосно. Во храмот што го носи неговото име почиваат неговите свети мошти.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БЛАЖЕН ГАЛАКТИОН
Блажениот Галактион беше ученик на преподобниот отец Мартинијан Белоезерски; живееше во ќелијата на овој светител и со негов благослов стана јуродив ради Христа. Се упокои во 1506 година. Неговите свети мошти почиваат покрај моштите на неговиот учител свети Мартинијан.