26. Јануари (13. Јануари)
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕРМИЛ И СТРАТОНИК
Нечестивиот цар Ликиниј многу се трудеше со принесување на жртви да им угодува на своите погани богови и започна масовно да ги прогонува христијаните. Ги пребаруваа градовите; заради нив ги претресуваа покраините и селата. И секој што ќе пронајдеше христијанин и за тоа ќе го известеше царот, се удостојуваше со големи награди од него. Затоа сите се вдадоа во барање и гонење на христијани за да му угодат на царот. Тогаш беше фатен и Ермил, кој имаше ѓаконски чин и одамна му служеше на Господа Христа. Кога беше изведен пред царот Ликиниј, тој слободно и без страв му призна дека како ѓакон му служи на вистинскиот Бог и дека нивните богови се за потсмевање, а не за поклонување. Тие се потполно мртви и глуви, направени од дрвја и камења од рацете на човекот, и се достојни за потсмев.
Царот не го дотрпе таквото слободно зборување на Ермил и нареди веднаш да го тепаат по образите со железни шипки. Разбеснет, повторно го тераше да им принесе жртва на идолите. Но, кога виде дека тој е непоколеблив, заповеда повторно да го тепаат со железни шипки и го фрлија во темница за да се предомисли. Го извадија после три дена и царот го праша дали веќе се предомислил. Но, тој бестрашно му одговори: „Мојот Бог е на небото и јас за Него живеам и од Него се надевам на помош!“ Царот му возврати: „Ќе видам дали ќе ти помогне Тој што живее на небото“; и веднаш нареди повторно да го измачуваат. За тоа време Ермил сесрдно му се молеше на Христа:
- Господи Боже мој, окрепи ме мене, кој страдам за Тебе, да можам да поднесам сѐ,и да се удостојам на Твојата вечна слава. Тогаш се слушна глас од небото:
- Амин, амин, Ермиле! За три дена ќе се избавиш од маките! Овој глас во маченикот влеа голема смелост и сила, а сите присутни кога го слушнаа се преплашија. И пак го фрлија во темницата. Нејзин чувар беше Стратоник. Нему му беше наредено да го чува маченикот.
А Стратоник беше потаен христијанин и пријател на светиот Ермил. Срцето му се кинеше додека ги гледаше маките на својот другар. Утредента Ермил повторно беше изведен на суд. Тој се појави пред своите мачители со светло лице, бидејќи преку ноќта му се јави ангел Господов и го крепеше, и срцето му беше исполнето со радост. Ликиниј повторно го тераше да се покори и да им принесе жртва на идолите, но тој повторно одлучно одби. Тогаш царот заповеда со орловски канџи да му го раскинат стомакот. Кога го гледаше ова страшно измачување на кое беше подложен Ермил, неговиот пријател Стратоник започна горко да плаче. Тогаш и тој храбро призна дека му е пријател на Ермил, дека е христијанин и дека ги презира идолите. И двајцата ги ставија во темницата.
Утредента гледајќи ја нивната непоколеблива вера, царот Ликиниј ги осуди на смрт со давење во вода. По патот тие пееја. „Слава во висините на Бога, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“. Кога стигнаа на брегот на реката Дунав, ги ставија во мрежи и ги фрлија во водата Тоа се случи во 315 година. По три дена нивните свети тела ги исфрли водата на брегот на реката, потполно целосни и неповредени. Христијаните чесно ги погребаа во близина на Белград.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈАКОВ НИСИБИСКИ
Светиот Јаков се роди во градот Нисибија, во покраината Мигдонија, во Месопотамија. Го одбра осаменичкиот живот во пустината. Се хранеше со шумски плодови, корења и треви, колку да се оддржи во живот. Пророчки ја предвидуваше иднината и имаше дар на чудотворство.
Во тоа време безумните луѓе им се поклонуваа на идолите и мртвите кипови, укажувајќи им божествено почитување, а вистинското богопочитување беше занемарено од многумина.
Еднаш свети Јаков ја остави својата пустина и појде во Персија за да ја види новонасадената градина на светата вера; и колку што може да помогне за зајакнување на Православието.
И кога по патот преминуваше преку еден поток, некои девојки переа облека во близина. Тие со разголени нозе, гледаа на него како на некој туѓинец, и тоа необично облечен; гледаа безобразно и не се засрамија од неговата свештеничка сериозност, ниту од својата разголеност, па уште стоеја и не ги покрија главите свои. Светителот се разлути на нивната бесрамност и посака да ја покаже Божјата сила за со чудо да ги спаси од идолопоклоничкото безумие. Го проколна изворот од кој течеше потокот и во него не остана ниту капка вода. Ги проколна и девојките, и нивната бесрамиа младост ненадејно ја претвори во старост. А кога го видоа тоа девојките, зашто и водата пресуши и тие се гледаа една со друга со побелени коси, се преплашија и отрчаа во градот, да раскажат што се случило, Гледајќи го чудото, граѓаните отидоа кај големиот чудотворец Јаков и сесрдно го молеа да го скроти гневот, и да им ја поврати водата. Светителот ја послуша нивната молба и повторно им ја врати водата. Тие го молеа да ги поврати и девојките од предвремената старост, но тие не беа тука ниту дојдоа со покајание. Затоа и им ја остави оваа казна на непокајани, да биде тоа незаборавен спомен на чудесната Божја сила, за и другите да се поучат од тоа на целомудрие и пристојност.
Еднаш свети Јаков виде како еден персиски судија неправедно осуди некој невин човек, и многу се нажали поради таа неправда. Тогаш веднаш му нареди на еден огромен камен да се претвори во прав. Кога го видоа тоа присутните се запрепастија, а судијата се исплаши заради својата неправда, го увиде својот грев и ја промени пресудата. Во овој случај чудотворецот се огледува на својот Господ, зашто Господ, кога одеше на доброволно страдање, можеше, ако сакаше, да ги убие сите убијци, но не го направи тоа, туку со збор ја исуши смоквата, и така ја покажа Својата сила. Угледувајќи се на таа благост Господова, свети Јаков не наведе казна на неправедниот судија, туку каменот го претвори во прав, и со тоа го научи судијата на право судење.
Славен и омилен кај сите поради своите чудеса, тој беше избран за епископ во својот роден град Нисибија, иако поради својата скромност не го сакаше тоа. Но, иако го промени својот пустински осаменички живот и живееше во град, тој не ја промени својата храна и облека. Нему само местото му беше друго, а животот му остана ист. И повеќе од порано ставаше труд врз труд. Зашто врз постот, спиењето на земја и носењето кострет, тој ја додаде и грижата за луѓето, згрижувањето на сиротиците и вдовиците, заземањето за обесправените, помагањето и поучувањето на сите во доблестите. Многу се трудеше во епископскиот чин, и стекна обилни дарови на Светиот Дух.
Еднаш кога отиде во некое село му пристапија некои просјаци да им даде милостина за погреб на еден мртовец. И му го покажаа мртовецот како лежи крај патот. Всушност, тој човек не беше мртовец, туку се преправаше, оти просјаците кога го здогледаа епископот како доаѓа оддалеку, се договорија еден од нив да се направи мртов, и со таа лага да измолат од епископот што поголема милостина. Светителот им ја даде потребната милостина, се помоли за мртвиот да му се опростат гревовите и душата да му се вброи меѓу праведниците и си го продолжи својот пат. Кога се оддалечи, другарите го повикаа да стане, оној што лежеше како мртовец. Но, тој не стана, зашто навистина беше умрел, и лежеше без душа. А кога просјаците видоа дека нивната лага се претворила во вистина, потрчаа по светителот, го достигнаа, паднаа пред неговите нозе и го исповедаа својот грев и се извинуваа дека тоа го сториле поради сиромаштија. Со солзи го молеа да им прости, и да му ја врати душата на умрениот. Чудотворецот, следбеник на жалостивиот Господ, ги послуша и направи и друго чудо: со својата молитва ја поврати душата и го оживе мртвиот.
Потоа, кога хулителот на Единосушниот Син Божји и Светиот Дух, Ариј, го наостри својот јазик против Творецот свој, и го бунтуваше цел Египет; а великиот цар Константин, бидејќи го беше ослободил светот од робувањето на идолопоклонството, го свика во Никеја Првиот Вселенски Собор на светите отци во 325 година. Тогаш и светителот Божји, Јаков, епископ Нисибиски, беше меѓу светите отци на Соборот, штитејќи ја верата и отсекувајќи го Ариј од Црквата.
Божјиот угодник, чудотворецот Јаков долго поживеа и мирно се упокои во длабока старост, во 350 година. Кратко време по неговата смрт градот Нисибија премина под власта на персиското царство. Тогаш христијаните го напуштија градот и ги понесоа со себе моштите на својот заштитник и водач, свети Јаков, кој, да беше жив, немаше да дозволи варварите да го заземат градот. Зашто великиот угодник Божји го штитеше со непобедливата сила нашиот Бог Христос, кому заедно со Отецот и Светиот Дух, нека му е слава за навек, амин.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН И БОГОНОСЕН ОТЕЦ МАКСИМ КАПСОКАЛИВ
Преподобниот Максим е роден во Лампсаки, од благородни и побожни родители. Бидејќи беа бездетни, родителите со солзи го молеа Бога да им подари дете. И молитвата им беше услишана. Семилостивиот Бог им го дарува блажениот Максим, кој на светото крштение го доби името Мануил. Уште од мал неговите родители го воспитаа во Христа, а кога потпорасна го дадоа во храмот на Пресвета Богородица и го посветија на Бога. Така Мануил, живеејќи постојано во Богородичниот храм, го славословуваше Бога и во простотата на своето невино срце посредуваше кај неговата сефалена Мајка за свое спасение. Како втор Самуил, тој напредуваше во растот и благодатта и беше фален од сите, зашто иако беше дете по возраст, покажуваше старечки разум. Самиот тој гореше од божествена желба да го остави светот, да се замонаши и да живее во строго безмолвие. А неговите родители заборавија дека Мануил го посветија на Бога и сакаа тој да се ожени, за во неговиот брак да имаат утеха на својот живот. Кога го дозна тоа, седумнаесетгодишниот Мануил тајно го напушти својот роден крај и отиде во гората Ган. Таму прими на себе ангелско обличје со името Максим и се предаде на безусловна покорност и послушание на старецот Марко, прекален во опитите на монашкиот живот и познат низ цела Македонија.
Под духовното раководство на старецот Марко, младиот Максим напредуваше во сите подвизи на монашкиот живот. Сакајќи својот скромен послушаник да го утврди во смирението, старецот постојано го понижуваше и караше.
По смртта на неговиот старец, Максим ја напушти гората Ган и некое време одеше од место на место по горите низ Македонија, со цел да најде друг старец сличен на првиот. И по пештерите на пустите гори најде неколку пустиници со необично строг живот; од нив прими многу корисни совети и опити на потполниот ангелски живот. Оттаму се упати во Цариград. Тука се восхитуваше на велелепието и божествената убавина на храмовите и се поклонуваше на светињите што се чуваа во нив. Најпосле дојде во Влахернскиот храм на Пресвета Богородица Одигитрија, и додека ѝ се поклонуваше размислуваше каква необична слава има Таа на небесата.
Во Цариград, свети Максим често и со радост се среќаваше и разговараше со светиот патријарх Атанасиј. Патријархот на секој начин се трудеше да го приволи да стапи во еден од општожитиските манастири кои тој ги беше изградил во Цариград. Но, преподобниот за ништо не сакаше да го напушти влахернскиот храм на Пресвета Богородица и престојуваше во неговиот трем во глад и жед, во бдеење и молитви, и постојани воздишки и солзи.
Најпосле, после долго време, свети Максим замина за Солун да се поклони на великиот Димитриј Мироточив и од таму се упати на Света Гора каде остана во лаврата на свети Атанасиј. Поради неговиот убав глас, тој беше поставен да пее на певница. Во него постојано течеше молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме мене грешниот!“ Блажениот немаше дури ни своја ќелија во лаврата и ноќите ги минуваше под тремот на црквата, во бдеење, на што беше навикнат уште одамна. Во неделата посветена на Светите Отци, по Вознесението Господово, му се јави Пресвета Богородица со Младенецот Господ и му рече:
- Ајде со мене, избранику мој, на самиот врв на Атон, за таму, по своја желба, да ја примиш благодатта на Светиот Дух.
Кога трипати го виде ова видение, тој ја остави Големата лавра и отиде на врвот на Света Гора, и во молитвен подвиг помина три дена и три ноќи. Само Бог знае какви сѐ искушенија претрпел тогаш божествениот Максим од сатаната и неговата војска, која се беше упатила да го протера светителот оттаму. По три дена му се јави Пресвета Богородица опкружена со мноштво Небесни Сили, осветлена со Небесна Слава, држејќи го во прегратките Својот Син Младенецот Господ. Поразен од ова видение, блажениот Максим не се оддаде веднаш на чувството на доверба, зашто знаеше дека и сатаната зема на себе изглед на светли ангели. Затоа најпрвин прибегна кон молитвата; па откако се увери дека тоа не е ѓаволска стапица, туку вистинско јавување на Богомајката, тој Ѝ се поклони со бескрајна радост и воскликна:
- Радувај се Благодатна, Господ е со Тебе! Кога Господ го благослови, Сесветата му рече:
- Прими, избранику мој, власт над демоните, и насели се во подгорието, зашто таква е волјата на мојот Син, да им бидеш патеводител на другите на патот кон спасението.
Откако му дадоа власт над демоните и го нахранија со небесен леб за да закрепне, се вознесоа на небесата. Кога слегна од врвот на Света Гора, преподобниот му раскажа за своето видение на еден старец, многу строг во подвижништвото, но тој не му поверува и сите започнаа да го мислат за опрелестен. Почнаа да го одбегнуваат, не знаејќи ја неговата божествена благодат.
Тогаш светиот започна да живее од место на место правејќи си колиби од гранки за да се засолни, а кога заминуваше ги палеше и затоа беше наречен Капсокалив. И покрај својот ангелски живот, свети Максим долго беше потценуван од сите. Дури и оние што се вохитуваа на неговиот живот, знаејќи ги неговите необични лишувања и тегоби, гледаа на него со недоверба, иако тој слично на древните велики оци Антониј и Павле Тивејски, Петар и Атанасиј Атонски беше достигнал висина и совршенство на соѕерцателниот живот. Тој сјаеше со благодатта на Светиот Дух и се удостојуваше на откривање на тајни и на божествени виденија. Но, таквиот однос кон блажениот Максим не остана таков засекогаш: малку по малку, доаѓајќи во контакт и водејќи разговор со великите старци на Света Гора, тие потполно го сфатија и со стравопочит ѝ се восхитуваа на благодатта Божја која дејствува во неговата уста. Тие го нарекоа светило на своето доба.
Во тоа време на Света Гора дојде преподобниот Григориј Синаитски. Тој беше добредојден за сите светогорски оци, посебно за оние што живееја во безмолвие. Зашто тој го помина целиот живот во безмолвие, осаменичко молитвено молчание и постојано ја имаше умната молитва. Безмолвниците започнаа да ги учат од него тајните на умната молитва. Некои од нив му зборуваа за свети Максим и му раскажаа за неговите необични подвизи, јуродство и признаци на очигледна заблуда. Тогаш божествениот Григориј посака да го види и испрати да го повикаат да дојде кај него. Кога дојде светиот им рече на сите да се оддалечат и остана насамо со преподобниот Максим. Откако започнаа разговор, божествениот Григориј, меѓу другото, го праша дали се занимава со умната молитва. - Прости ми, - му рече тој со насмевка, - јас сум опрелестен човек. - Остави го сега тоа, - му возврати Григориј, - туку заради Господа, заради моја сопствена поука, кажи ми за делата твои. Јас не барам празнословие туку слава Божја. Тогаш божествениот Максим уверен со името Божјо, започна да му зборува за својот живот, за божествените виденија и демонските искушенија.
- Јас имав, - велеше тој, - огромна вера кон Госпоѓата моја, Богомајката, плачев пред неа во своите молитви, измолувајќи благодат на умната молитва. И еднаш, кога по обичај влегов во нејзиниот храм, јас со солзи се молев за тоа. Кога заради тоа се приближив кон нејзиниот божествен лик да го целивам, јас наеднаш почуствував топлина која ми го загреваше срцето и осетив слатко умиление. Од тоа време мојот ум и срцето постојано се зафатени со слатко сеќавање на мојот Исус и Богомајката и срдечната молитва останува мое постојано занимање. Но, прости ми.
Божествениот Григориј продолжи, и рече:
- При постојаното делување на Исусовата молитва во срцето, дали забележуваше во себе било каква божествена промена или восхит или каков било друг плод на молитвата и благодатта на Светиот Дух? Божествениот Максим одговори:
- За чувствително и обилно да се пројави во мене молитвениот дух, јас се повлеков во пустината и постојано го барав безмолвието; тогаш тој плод на молитвата јас навистина го забележував во чезнеењето за Божественото, и восхитувањето на умот кон Господа.
- Да, тоа е сосема така, - забележа на тоа Синаит. А божествениот Максим го спушти погледот, се насмевна и рече:
- Дај ми нешто да каснам и не биди љубопитен околу заблуда.
- О, кога јас би дошол до таква заблуда! - воскликна свети Григориј. Туку те молам, кажи ми отворено: - За време на молитвата, кога твојата мисла се вознесува кон Бога, што соѕерцава душата? Може ли тогаш да делува срдечната молитва?
- Никако, - одговори тој; - кога благодатта на Светиот Дух за време на мојата молитва завладее со умот, тогаш молитвата не дејствува; зашто немајќи своја сопствена сила, умот во тие моменти останува под влијание на Светиот Дух, и веќе дејствува Духот, го воведува и изведува во Божестевени виденија, го осветлува со неизразлива светлина и по мерка на достојноста на човекот му ја доставува Својата утеха. Во такви состојби бивале светите Пророци и Апостолите кои навлегувале до таков степен на соѕерцајни откровенија, што на луѓето им изгледале чукнати или како пијани.
Откако го запозна, го нарече земен ангел, и го советуваше да почне да живее на едно место бидејќи е веќе остарен. Тогаш светиот за свое живеалиште одбра една пештера во близина на старецот Кир Исаија и тука го помина остатокот од својот живот. Покрај пештерата си ископа гроб за себе и пееше погребни песни.
Еднаш кај преподобниот дојдоа некои браќа од Лаврата, за да добијат од него духовна поука. Со нив беше дошол и еден мирјанин. Штом го здогледа мирјанинот, божествениот Максим строго му се развика и го истера далеку, па приговори:
- Тоа е проклетиот Акиндин. Меѓутоа, браќата кои беа дошле со овој мирјанин не знаеа дека тој во своето срце негува зли чуства и мисли спрема пустинското подвижништво. Бидејќи мирјанинот беше така истеран, преподобниот започна да им ја објаснува на браќата заблудата на Акиндин нарекувајќи го еретик, слуга на антихристот и примател на демонската нечистотија. Така преподобниот Максим беше строг и кон другите еретици и противници на Православието; тој ги проколнуваше.
Еднаш им рече на браќата дека кај него ќе дојдат византиските цареви, но не за духовни поуки, туку за да им ја каже иднината. Така и се случи. Наскоро кај него пристигнаа царевите Јован Кантакузен и Јован Палеолог.
Тој ги прими, им одговори на некои прашања, а на Кантакузен му се обрати со: - Оче игумене! - а пак на Палеолог му претскажа дека ќе царува долго, но тешко и немирно. И навистина царот Кантакузен пред крајот на својот живот се замонашил и станал игумен.
Свети Максим често со своите молитви морската вода ја правеше слатка, погодна за пиење.
После четиринаесет години на својот безмолвен живот во пустината, тој се насели во близина на лаврата на преподобниот Атанасиј. Тука го заврши својот подвижнички живот во длабока старост во 95-тата година, на 13 јануари 1320 година.
Како за време на животот, така и по смртта, преподобниот Максим правел и прави многу чуда. Неговиот животописец, проигуменот на Ватопедскиот манастир, Теофан, кога ги изложува и набројува вели: „Го призивам Бога за сведок, дека и самиот бев очевидец на неколку негови чудеса. Така на пример, еднаш го видов како прелетува по воздухот од едно место на друго; тој пророчки ми претскажа дека најпрвин ќе бидам игумен, а потоа митрополит Охридски; - и сето тоа, забележува животописецот, се исполни. И не само тоа, туку преподобниот Максим му се јавувал и по својата смрт, и го исцелил од смртна болест.
По молитвите на преподобниот Максим да се удостоиме и ние да добиеме милост и вечно спасение од нашиот Господ Христос, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПЕТАР
Овој свет маченик бил изгорен во градот Ерапол, заради Христа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АТАНАСИЈ
Овој свет маченик пострадал за Христа, претепан со стапови.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ИРИНАРХ РОСТОВСКИ
Тој беше дете од село, роден во близина на Ростов. Во својата триесетта година го напушти својот дом и стапи во Борисоглебскиот манастир. Се затвори во ќелија и со железна жица се врза себе си за дрвен стол. Во текот на ноќта спиеше два до три часа; и постојано се молеше и го измачуваше своето тело. Многу пропати од завидливи луѓе. За својот свет богоугоден живот беше удостоен од Бога на дарот на проникливоста. Го претскажа разурнувањето на Москва од страна на Полјаците и нејзиното повторно ослободување. Се упокои во 1616 година, во својата 69-та година и беше погребан во Борисоглебскиот манастир.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПАХОМИЈ И ПАПИРИН
Го завршиле својот живот, фрлени во река, заради верата во Христос.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЕЛЕАЗАР АНЗЕРСКИ
Елеазар беше син на трговец родум од градот Козески. Се замонаши во рана младост во Соловецкиот манастир. Водеше многу строг подвижнички живот. Премина на пустиот Анзерски остров и се прочу како голем подвижник. На царот Михаил Фјодорович му предскажа дека ќе добие син. Царот богато го награди, и Елеазар изгради манастир на островот и за браќата напиша строги монашки правила. Се упокои во длабока старост, на 13 јануари 1656 година. Во 1757 година, кога се градеше храм над неговиот гроб, неговите свети мошти беа извадени целосни и потполно нетлени.