27. Јануари (14. Јануари)
ЖИТИЕ НА СВЕТАТА И РАВНОАПОСТОЛНА НИНА
просветителка на Грузија
Света Нина беше родум од Кападокија, ќерка единица на познатите и благочестиви родители Завулон, кој беше римски војвода, роднина на свети великомаченик Георгија, и Сузана, која беше сестра на ерусалимскиот патријарх Јувеналиј. Кога имаше дванаесет години, Нина со своите родители дојде во Ерусалим. Нејзиниот татко одамна гореше од љубов кон Бога и реши да се замонаши, а нејзината мајка беше посветена за ѓаконица од нејзиниот брат патријархот Јувеналиј. Во светиот храм таа им служеше на болните и бедните, а Нина ја дадоа на воспитување кај некоја побожна старица Ниафора.
Светото девојче беше толку бистро и паметно што за две години, со помош на Божјата благодат, ги изучи прашањата на верата. Читајќи го Евангелието таа посака да дознае каде се наоѓа земниот порфир на Спасителот после распнувањето на крстот, сакаше да знае каде му се наоѓа хитонот.
И беше кажано предание дека е однесен во Грузија. Тогаш дење и ноќе се молеше на Пресвета Богородица да ја удостои да ја види Грузија и да го пронајде и целива светиот хитон на Спасителот. Ѝ се јави Пресвета Богородица на сон и ѝ рече:
- Оди во земјата Грузија, благовестувај го Евангелието на Господа Исуса Христа и ќе најдеш милост во Него, а јас ќе ти бидам покровителка.
- Но како можам јас, запраша смиреното девојче, да бидам орудие на толку голема служба, кога сум немоќно женско створение. А Пресветата Дева ѝ даде еден крст, направен од винова лоза и ѝ рече:
- Земи го овој крст. Тој ќе ти биде штит и тврдина против сите видливи и невидливи непријатели; со силата негова ќе успееш да го забиеш таму спасоносното знаме на верата во мојот мил Син и Господ, кој сака сите луѓе да се спасат и да ја спознаат вистината.
Кога се разбуди, Нина го здогледа крстот во своите раце и со солзи го целиваше. Веднаш отиде и се му раскажа на својот вујко, патријархот Јувеналиј. Преподобниот патријарх во ова видение ја препозна очигледната Божја волја, и затоа ја благослови младата девојка да замине на подвиг за верата. Пред да тргне на пат, патријархот ја приведе до светиот олтар, ја стави својата десница врз нејзината глава и сесрдно му се помоли на Бога.
Во тие денови од Светиот Град за Ерменија заминаа педесет и три девојки, другарки, заедно со некоја царева ќерка Рипсимија. Тие беа побегнале од Рим поради гонењето на незнабожниот цар Диоклецијан. Тој сакал да ја земе за жена преубавата Рипсимија, која си беше дала завет на девственост и се беше уневестила со небесниот Женик. Со овие свети девојки тргна и света Нина, и стигна во Ерменија. Тука сите заедно се засолнија крај една куќа надвор од градот Вагаршапад.
После кратко време ѕвероподобниот Диоклецијан ги пронајде, ја фати убавата Рипсимија и ја подложи на страшни маки. По долгите мачења ѝ го отсекоа јазикот, ѝ ги избодеа очите, и телото ѝ го исекоа на парчиња. Иста судбина ги снајде и останатите девојки. Само света Нина на чудесен начин се спаси од смрт. Водена од невидлива рака таа успеа да се сокрие зад една грмушка од трендафили. Возбудена од страв, таа се молеше за своите другарки и ги крена своите расплакани очи кон небото. Тогаш во висините здогледа светлоносен Ангел со мноштво небожители кој ѝ рече:
- Не тагувај, туку почекај малку, зашто и ти ќе бидеш земена во царството на Господ на славата кога овие трње и диви трендафили ќе се покријат со миризливи цветови, како оние негуваните во градините. А сега стани и оди на север каде има голема жетва, но нема работници.
Света Нина постапи по оваа наредба и сама тргна на предалекиот пат. По долго патување, веќе многу уморна, таа седна на еден камен и вака си размислуваше за себе:
- Каде ме води Господ? Каков ќе биде плодот на мојот труд? Дали не е залудно ваквото мое тешко патување? Додека си размислуваше во себе, таа заспа на каменот. Во сонот виде човек со прекрасно лице, а косата му паѓаше по рамената. Тој извади еден свиток, го разви и ѝ даде да чита и веднаш стана невидлив. Се разбуди Нина и во своите раце ја здогледа прекрасната хартија, во која стоеше запишано:
„Каде и да биде проповедано ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува тоа што го направи таа жена, за нејзин спомен (Мат. 26, 13). Нема машки род ниту женски, зашто сите вие сте едно во Христос Исус“ (Гал.3,28). Им рече Исус на жените: „Не плашете се, одете и соопштете им на браќата Мои (Мат. 28, 10). Кој ве прима вас, Мене ме прима; а кој Ме прима Мене го прима Оној што Ме пратил (Мат. 10. 40). Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух. И учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас во сите дни до крајот на светот. Амин!“ (Мат. 28 19 20).
Окрепена од ова божествено видение и утеха, света Нина го продолжи својот пат и стигна во стародревниот карталиски град Урбнис. Во него се задржа еден месец отседнувајќи по еврејските домови и ги учеше обичаите и јазикот на, за неа, новиот народ.
Еден ден светата девојка забележа дека сиот машки свет на тој град и неговата околина оди во престолнината Мцхет на поклонение на своите погани богови. Со нив таму се упати и Нина. Но пред градот, кај Помпеевиот мост, го сретнаа царот Миријан и царицата Нана со поворка и мноштво народ. Одеа во гората да се поклонат на мртвиот идол, викан Армаз, кој се наоѓал на врвот на гората. Денот беше ведар. Тоа беше првиот ден на спасоносниот подвиг на света Нина за земјата Грузија, а последен за владеењето на поганиот идол Армаз. Понесена од толпата, Нина појде со нив во гората.
Царот и многубројниот народ застанаа пред боговите со огромна стравопочит и трепет, а жреците подготвуваа крвави жртви. Кога се подготвија, се зачади темјан, потече жртвена крв и затрештија труби и тапани. И сите, заедно со царот, паднаа ничкум пред мртвите кипови. Тогаш срцето на света Нина се исполни со ревност. Воздивнувајќи од длабочината на душата, таа ги крена кон небото своите насолзени очи и започна сесрдно да му се моли на Бога: „Семоќен Боже, со Твојата преголема милост приведи ги овие луѓе кон спознавање на Тебе, вистинскиот и единствен Бог! Развеј ги овие идоли како што ветерот ги развејува прашината и пепелта од лицето на земјата! Погледни милостиво на овие луѓе, кои си ги создал со својата семоќна десница и си ги обдарил со својот божествен лик. Благоволи Господи, моите очи да го видат рушењето на идолот што гордо стои овде...“
И додека таа сѐ уште се молеше, наеднаш небото го покрија страшни молњоносни облаци. Настана страшно невреме, а царот и народот побегнаа. Од силните провални облаци со громови и молњи се сруши идолскиот храм: идолите кои гордо стоеја, беа уништени, а од храмот не остана ниту трага. А света Нина чувана од Бога, стоеше неповредена, и спокојно набљудуваше што се случува. Ова се случи на денот на преславното Преображение Господово, во кој вистинската светлина, која засјаи на Тавор, првпат на грузиските гори го преобрази незнабоштвото во светлина Христова.
После многу денови света Нина влезе во градот Мцхет како странец, нарекувајќи се себе заробеничка, и се упати во царската градина. Тука ја пречека жената на градинарот Анастасија, ѝ се поклони, и ја воведе во својот дом. Откако ја нахрани, таа и нејзиниот сопруг ја молеа да остане во нивниот дом како нивна сестра, зашто немаа деца и самотијата им беше тешка. Покасно на нејзина молба, градинарот ѝ направи мала колиба во аголот на бавчата каде и досега стои мала црква на света Нина, во дворот на Самтаврскиот женски манастир. Тука таа го постави својот крст, што ѝ го даде Богомајката, и го започна својот подвиг, правејќи чудеса во слава на името Христово.
Прва добивка за Црквата Христова во Грузија беше чесниот пар кој ѝ даде прибежиште на слугинката Христова. По молитвите на света Нина се разреши Анастасија од својата бесплодност, и стана мајка на големо и благословено семејство, и прва жена во Грузија која поверува во Христа, пред мажите.
Некоја мајка со солзи луташе и кукаше. Таа низ улиците по градот го носеше своето смртно болно дете и молеше за помош. Света Нина го зеде детето, го положи на својата постела од лисја, се помоли, го стави врз него својот крст од винова лоза, и ѝ го врати на расплаканата мајка, живо и здраво.
Од тој ден светителката започна јасно и гласно да го проповеда Евангелието и да ги призива грузиските незнабожци и Евреи на покајание и вера во Христа. Нејзиниот, на сите познат, побожен, праведен и целомудрен живот ги привлече кон неа очите, слухот и срцето на народот.
Многу луѓе доаѓаа кај неа и поверуваа во Христа, а меѓу нив беше и првосвештеникот Авијатар. Таа често разговараше со него, и дозна ваква повест за хитонот Господов:
- Сум слушал од своите родители, а пак тие слушале од своите родители и дедовци, дека за време на царувањето Иродово во Ерусалим, стигнала вест до Евреите во Мцхет дека во Ерусалим дошле персиски цареви на поклонение на Богомладенец и го нашле во Витлеем, градот Давидов. Триесет години потоа, мојот прадедо Елиоз добил писмо од првосвештеникот од Ерусалим: „Оној, кому персиските цареви, со дарови дојдоа да Му се поклонат, кога достигна зрела возраст, започна да објавува дека е Он Христос, Месија и Син Божји. Затоа дојдете во Ерусалим, да ја видите неговата смрт која по законот Мојсеев треба да ја искуси“. А кога Елиоз, заедно со многумина се подготвуваше да оди во Ерусалим, тогаш неговата мајка, благочестива старица од родот на првосвештеникот Илија, рече: „Оди чедо на царскиот позив, но те молам, немој да учествуваш во соборот на нечестивите, против Оној, кого се подготвуваат да Го убијат, зашто Он е слово на пророците, приказна на премудрите, сокриена тајна од почетокот на вековите, светлина на незнабожците, живот вечен“. Елиоз заедно со Лонгин Каренијски отпатува во Ерусалим и присуствуваше на Христовото распнување. А неговата мајка, која беше во Мцхет, на Пасха, ненадејно, во своето срце слушна удари на чекани како забиваат клинци, и гласно извика:
- Сега пропадна царството Израилово. Зашто го предадоа на смрт Спасителот и Избавител на народот негов, кој отсега ќе биде виновен за крвта на Создателот и Господ свој. Тешко мене што не умрев пред да се случи оваа! Немаше да ги слушнам овие страшни удари. О, нема на земјата да ја видам славата на Израилот! - го рече ова и умре. А Елиоз го доби хитонот Христов од римскиот војник, кому му припадна на коцка и го донесе во Мцхет. Тогаш ѝ го даде на својата сестра Сидонија, која го зеде, го целиваше со солзи, и додека го притискаше на своите гради, веднаш падна мртва. И никаква човечка сила не можеше да ја извлече оваа свештена облека од рацете на мртвата. По неколку дена, Елиоз тајно ја погреба својата сестра, а заедно со неа и хитонот Христов. Никој со сигурност не го знае точното место каде е погребана Сидонија. Ние мислиме дека тоа е местото среде царската градина, каде од тоа време, сам од себе израсна и до денес стои огромен кедар. Кај него доаѓаат многу луѓе и го почитуваат како некоја голема сила. Се мисли дека тука под корените на кедарот се наоѓа гробот на Сидонија. Но, не знам дали е така.
Света Нина започна секој ден да оди кај кедарот и да се моли, но се сомневаше дека под дрвото се наоѓа хитонот Христов.
Но еднаш, кога ја заврши својата полноќна молитва, имаше видение: од сите страни, во царската градина, слетаа јата црни птици, па оттаму одлетаа на реката Арагва и се капеа во нејзините води.После тоа излетаа високо, но веќе бели како снег. Потоа се спуштија на гранките кедрови, и ја исполнија градината со рајски песни. Ова беше јасен знак дека околните народи ќе се просветат со водата на светото крштение и дека на местото каде што израснал кедарот ќе има храм на вистинскиот Бог, во кој за навек ќе се слави името Господово.
Уверена со овој знак, дека е близу царството Божјо и спасението на грузискиот народ, света Нина не престануваше да им го благовестува на луѓето Евангелието Божјо. Со неа се трудеа и првосвештеникот кој поверува во Христа, Авијатар, и неговата ќерка Сидонија. Тој толку се препираше околу Исуса Христа со своите претходни истоверници, Евреите, што и гонење од нив претрпе, па дури тие донесоа пресуда и да го затрупаат со камења. Но, царот Миријан го спаси од смрт.
Царот Миријан не ѝ бранеше на Нина да го проповеда Евангелието, но неговата злобна жена Нана, беше љубителка на идолите и негуваше злоба кон христијаните. Но, еден ден таа тешко се разболе и беше на смртна постела. Откако увиде дека не може да се излекува, таа нареди кај неа да ја доведат света Нина. Но светителката одби и им рече на нејзините пратеници: „Ако сака царицата да оздрави, нека дојде кај мене, овде, во оваа колиба, и верувам дека со силата на Христа, мојот Бог, ќе биде исцелена“. Послуша царицата и нареди на болнички одар да ја однесат кај светителката. Одарот го следеше нејзиниот син Рев и мноштво народ. Кога стигнаа, света Нина нареди болната царица да ја положат на нејзината постела од лисја, па коленичејќи започна да се моли на Господа, лекарот на душите и телата. Потоа го зеде својот крст и го стави врз главата на Нана. Во тој миг, таа веднаш оздраве и му изнесе благодарност на Господа Исус Христос.
Но, царот Миријан, син на персискиот шеик Хозрој и родоначалник на династијата Сасанида во Грузија, сѐ уште се колебаше јавно да го исповеда Христос за Бог. Обземен од бура на зли мисли против христијаните, царот Миријан за разонода појде на лов во Мухранската шума, на дваесет километри од Мцхет. На своите сопатници започна да им зборува дека ќе ги убие сите што му се поклонуваат на крстот и Распнатиот. Ако не го послуша царицата, и неа ќе ја убие. Додека го зборуваше тоа, се здаде страшно невреме. Исплашен, тој започна да ги повикува на помош своите богови, но не доби одговор. Од страшните молњи ослепе царот, а неговите сопатници ги убија громови и ги распрснаа на сите страни. Тогаш бедниот цар, плачејќи започна да му се моли на Богот што го исповеда света Нина: „Боже Нинин, истерај го мракот од моите очи, и јас ќе те исповедам и ќе го прославам името Твое!“ И веднаш прогледа и невремето престана. На тоа место тој постави крст, а потоа изгради црква која и до денес постои на гората Тхота.
Така царот со семејството стана раководител во просветувањето на грузискиот народ со светлината на светата вера, како што за Римјаните и Грците беше царот Константин Велики. Тој испрати свои пратеници кај царот Константин, со молба во грузиската земја да испрати свои свештеници за просветување на народот. А света Нина до пристигнувањето на свештениците што требаше да ги испрати Константин на барање на грузискиот цар, неуморно го проповедаше Евангелието Христово.
До доаѓањето на свештениците царот сакаше да изгради храм Божји. На укажување на света Нина, го избра местото во својата градина каде што се наоѓаше огромниот кедар.
Го отсекоа кедарот и од неговите гранки направија шест столбови. Сите ги поставија на означените места за ѕидање. А кога ѕидарите пристапија да го подигнат седмиот столб од стеблото кедрово за да го стават во темелот на храмот, никаква сила не можеше да го помести од место. Сите се зачудија на тоа. Се стемни и народот се разотиде. Само света Нина со своите ученици остана цела ноќ на тоа место, се молеше и со солзи го квасеше стеблото кедрово. Пред зори, пред неа застана едно прекрасно момче, ѝ шепна на увото три таинствени збора, а таа штом ги слушна, падна на земјата и му се поклони. Тогаш момчето му пријде на столбот, го прифати и го подигна со себе високо во воздухот. А столбот блескаше како молња и го осветли целиот град. Царот и народот дојдоа и се восхитуваа додека го гледаа столбот, како сам, не држан од никого, застана и се утврди на своето место, неподвижно. Од долниот дел на столбот започна да тече прекрасно и целебно миро.
И се исцелуваа разноразни болни кои со вера се помазуваа од него. Така се излекува и еден Евреин слеп од раѓање. Тој штом се допре до столбот, веднаш прогледа и поверува во Христа. Едно дете кое седум години лежеше во постела, мајката негова го донесе кај животворниот столб, а света Нина го допре столбот со раката, па ја стави на главата на болното дете и тоа веднаш оздраве.
Набргу беше готов и храмот Божји, прв во земјата Грузија. Беше направен од дрво.
Пратениците на царот Миријан, царот Константин ги прими со големи почести и радост. Им дарува многу дарови и тие се вратија во Грузија. Со нив дојде и пратеникот на царот Константин, архиепископот антиохиски Евстатиј, со двајца свештеници и тројца ѓакони. Штом пристигнаа, царот Миријан ги прими сите кај него и веднаш беше крстен од архиепископот Евстатиј. Заедно со него се крстија и царицата и сите нивни деца. Потоа беа крстени и многу негови велможи. А пак двајцата свештеници крстија многу народ. Така бргу и во мир беше покрстена целата Карталинска земја, освен кавкаскиот Горштак, кој за долго остана во темнината на незнабоштвото.
Така со Божја помош архиепископот Евстатиј заедно со света Нина ја просвети земјата Грузија за неколку години. Откако го уреди богослужението на грчки јазик и го освети првоизградениот храм во име на дванаесетте Апостоли, по примерот на Цариград, тој го постави за епископ презвитерот Јован и се врати во Антиохија.
По неколку години, благочестивиот цар Миријан упати ново барање до царот Константин. Тој го молеше да му испрати многу свештеници за да може секој во неговото царство да го слушне словото на спасението, и на сите да им биде отворен влезот во благодатното и вечно царство Христово.
Царот Константин со љубов и радост ја исполни неговата молба, и покрај многубројното злато и сребро, на пратениците им даде и дел од животворното дрво на Крстот Господов, кој тогаш (826 г.) света Елена веќе го беше пронашла. Им даде и еден клинец и многу крстови и икони од Христа Спасителот и Богомајката и од мноштво свети маченици за основање на цркви. Тогаш беше пуштен и се врати кој својот татко, синот и наследник на Миријан, Бакар, кој беше заложник во Рим. По враќањето во Грузија со свештениците и храмоградителите, пратениците на Миријан положија темел на првиот храм во селото Ерушета и го оставија клинецот од Крстот Господов за овој храм. Потоа се изградија многу храмови по земјата грузиска. Во Мцхет, по желба на царот и по упатство на света Нина, беше подигнат храм од камен во слава на Преображение Господово, во царската градина, близу нејзината колиба. Света Нина не го виде довршувањето на овој величествен храм, бидејќи се повлече, зашто сакаше да ја избегне славата и почестите, што ѝ ги укажуваа царот и народот.
Откако ја помина цела Грузија и го приведе кон Христа целиот народ и тоа токму во времето на жестокото гонење на христијаните од царот Диоклецијан, таа се повлече во гората, на безводната висина Арагва, за таму, во пост и молитва да се Подготви за Нови трудови во проповедањето на Евангелието.
Во тоа време жителите на Мцхет видоа чудна појава: неколку ноќи едноподруго светол крст на небото со венец од ѕвезди, го осветлуваше првоизградениот храм. А пред зори, се одвојуваа од него четири најсјајни звезди и заминуваа: една на исток, друга на запад, третата ја осветлуваше црквата, епископијата и целиот град, а четвртата го осветлуваше засолништето на света Нина и се искачуваше на врвот на карпата на која се наоѓаше едно величествено дрво.
Ниту епископот Јован, ниту царот, не можеа да ја разберат оваа појава. А пак света Нина го отсече она дрво, направи четири крста: и еден постави на таа карпа, друг на запад од Мцхет, на гората Тхота, местото каде што ослепе царот Миријан; третиот крст го постави во својот град Аџарма; а четвртиот го одреди за покраината Бодби.
Таа го зеде со себе презвитерот Јаков и еден ѓакон, па појде во планиските краишта на север од Мцхет, и го проповедаше Евангелието во Кавказ. Откако по нејзините молитви жителите ги уништија своите идоли и примија свето крштение од презвитерот Јаков, светата проповедничка стигна во покраината Бодви, последната граница на нејзините свети подвизи и остана тука. На еден рид си направи колиба за засолниште. И се молеше и дење и ноќе пред светиот крст, и го привлече на себе вниманието на околните жители. Тие започна да доаѓаат кај неа секој ден и да ги слушаат нејзините слатки поуки за верата Христова. Во тоа време во Бодви живееше царицата на Кахетија, Соџа (Софија). И таа дојде да ја чуе прекрасната проповедничка. А кога ја слушна, не сакаше да се оддели од неа и искрено поверува во нејзините спасоносни зборови. И набргу, царицата Софија со сите свои големци и мноштво народ го прими крштението од свештеникот Јаков.
Откако во Кахетија го изврши своето последно дело на апостолска служба во грузиската земја, Света Нина доби известување од небото за близината на нејзината смрт. Тогаш таа упати писмо до царот Миријан:
- Јас сега, како странец и дојденка, заминувам од овој свет и ќе појдам на патот на моите отци. Те молам царе, заповедај да дојде кај мене епископот Јован за да ме припреми за вечниот пат, зашто денот на мојата смрт е близу. Штом го прочита ова писмо кое му го донесе самата царица Софија, царот Миријан, целиот негов царски двор, и свештениот клир со епископот, итно отпатуваа кај светителката, и ја затекнаа сѐ уште жива. А мноштвото народ го опкружуваше нејзиниот болнички одар и го оросуваше со солзи; и многу болни, штом ќе се допреа до него се исцелуваа. Во последниот ден од својот живот, измолена од своите ученици кои плачеа над нејзиниот одар, света Нина им го раскажа својот род и житие; Саломија Уџармска го запиша нејзиното кажување, кое е овде изложено накратко, велејќи:
- Нека се запише моето сиромашно житие за да им биде познато и на вашите деца, како и верата ваша, и љубовта со која ме возљубивте. Посебно пак, за да им бидат познати на идните поколенија овие Божји знаци, кои вие со свои очи ги видовте и сте нивни живи сведоци. Им кажа и некои поуки за вечниот живот. Потоа од рацете на епископот побожно се причести со спасоносните Тајни Христови. Побара нејзиното тело да биде погребано во таа иста бедна колиба, за новооснованата црква Кахетиска да не остане сирота. Тогаш во мир го предаде својот дух во рацете Господови, во 335 година.
Царот и епископот, а со нив и народот, ожалостени, за да не останат без ваквото големо светило на верата и побожноста, сакаа драгоцените останки на светителката да ги пренесат во Мцхетската Соборна Црква и да ги погребаат крај живоносниот столб. Но, никако не можеа да го поместат ковчегот на подвижничката, од местото што таа го избра за свое почивалиште. Затоа телото на Христовата благовесничка го погребаа на местото на нејзината бедна колиба, во населбата Бодби. Тука царот Миријан наскоро започна да гради храм, а неговиот син, царот Бакар, го доврши во 342 година и го освети во име на роднината на света Нина, свети великомаченик Георѓиј. Овој храм, иако многу пати бил обновуван, никогаш не бил разрушен. Постои и до денешен ден. Покрај него беше основана митрополија Бодбиска, најстара во цела Кахетија, од која Евангелската проповед се распространи до најкрајната гора на источен Кавказ.
Себлагиот Бог го прослави телото на света Нина со нетленост:
На нејзиниот гроб се случуваа непрестајни знаци и чудеса. Овие благодатни знаци, светиот и равноангелски живот и апостолскиот труд, кој го зеде на себе и славно го изврши света Нина, во младата Грузиска црква, а со благослов на Антиохиската црква, побуди мислење света Нина да се нарече равноапостолна просветителка на Грузија, и ја вброи во соборот на Светите. Тогаш се востанови денот на нејзината блажена смрт, 14 јануари да се празнува во нејзина чест. До наши дни стои мала камена црква во име на света Нина, која ја подигна царот Вахтанг Гургаслан на онаа гора на која света Нина со својата прва молитва го сруши идолот Армаз.
Со право Грузиската Православна Црква, старата сестра на Руската црква ја слави својата основателка света Нина како равна на Апостолите зашто целата Грузиска земја ја прослави со свето Крштение и многу илјада души приведе кон Христа.
За светиот крст од винова лоза, кој Мајката Божја ѝ го даде на света Нина, е познато ова: до 458 година бил чуван во Мцхетската соборна црква; потоа во деновите на гонења на христијаните, овој свет крст го зел некој инок Андреј и од Мцхет го однел во областа Тарон во Ерменија, која во тоа време била едноверна со Грузија. Бил носен на повеќе места, па повторно вратен во Мцхет. Оттаму тајно го зел митрополитот Грузиски Роман и го предал на царот Бакар Вахтангович, кој тогаш живеел во Москва. Потоа кнезот Георгиј Александрович, внук на оној Бакар во 1801 го подарил на императорот Александар Павлович, кој ја вратил оваа голема грузиска светиња, повторно во Грузија. Од тогаш па до денес, овој символ на апостолските подвизи на света Нина се чува во Тифлис во Сионската соборна црква, близу северната врата на олтарот, во кивот кој е окован во сребро, на чиј горен поклопец е изобразена света Нина и чудесата кои ги направи со помош на чесниот и животворен крст.
За хитонот Господов, поради кој света Нина дојде од Ерусалим во Грузија, за да го пронајде, грузиските летописи зборуваат во кратки црти. Од нивните кажувања станува очигледно дека света Нина несомнено го пронашла местото каде што бил сокриен хитонот Господов, то ест, могилата во која со упокоената девица Сидонија бил погребан и чесниот хитон Господов. А пак кедарот кој беше израснал над оваа могила, иако по наредба на света Нина беше отсечен, сепак коренот во кој се наоѓа хитонот беше оставен недопрен, најверојатно по наредба на оној светлоносен маж кој ѝ се јави на света Нина онаа ноќ, кога таа се молеше и со солзи го квасеше стеблото кедрово, и ѝ шепна на увото три таинствени зборови. Зашто, после тоа, света Нина не ни помислуваше да го откопува коренот на кедарот, ниту пак да го бара на било кое друго место саканиот хитон Господов. Еднаш, таа му рече на царот: „Не тагувај царе, зашто така треба да биде. А тебе и на твојот престолнен град, нека ти е доста благодатта што овде се наоѓа пречесниот хитон Господов“.
Од присуството на хитонот Господов под коренот на кедарот како за време на животот на света Нина така сѐ до тринаесеттиот век течеше целебно и благомирисно миро. Тоа престана да тече во тринаесеттиот век, кога хитонот беше изваден од земјата. Тоа беше казна за нехристијаните кои се дрзнаа со гатачки раце да буричкааат по тоа место. Католикос Николај Први кој во половината на дванаесетти век (1150-1160), управуваше со Грузиската црква, познат по светоста на својот живот, забележува дека во негово време имало многумина кои се сомневале дека хитонот Христов се наоѓа под живоносниот столб. Тој вели дека нивното сомневање, иако е природно, сепак не е оправдано, зашто сите знаци и чудеса кои се случувале и се случуваат, произлегуваат од хитонот Господов, само преку мироточивиот столб кедров. Помеѓу чудата кои што ги набројува тој, се спомнува и ова: Жената на некој турски султан, кој го беше зазел градот Мцхет, од љубопитство посака да го отвори гробот на Сидонија и да го види хитонот Господов, но ја изгоре некаков внатрешен оган. Татарите кои ги беше испратила таа за да го раскопаат гробот, беа убиени од некоја невидлива сила. Ова чудо, вели тој, мнозина го видоа, и му е познато на секого.
Овој Николај состави служба во чест на хитонот Господов и живоносниот столб, и вели: Треба со свечен празник да го украсиме од Бога поставениот столб и хитонот на нашиот Спасител, Исус Христос кој се наоѓа под него.
Течењето на мирото од споменатиот столб престана кога хитонот Господов, по Божја волја, беше изваден од земјата. А ова се случи, по опишувањето на грузискиот писател чие име е непознато, во тешките години за цела Грузија, кога беше напаѓана од варварските хорди Тамерланови или поточно Џингисканови. Кога тие го зазедоа Тифлис, убија околу сто илјади негови жители и ги срушија сите храмови на градот и храмот сионски. Ги приморуваа христијаните со своите нозе да ја газат чудотворната сионска икона на Мајката Божја. Тогаш се нафрлија на градот Мцхет, чии жители заедно со архиереите се сокрија во шумите. Еден благочестив човек, не сакајќи да ја остави светињата на неговиот храм, да ѝ се потсмеваат варварите, откако се помоли на Бога, го откопа гробот на Сидонија, го извади од него пречесниот хитон Господов и потоа го предаде на архиерејот. А храмот на Мцхет, величественото здание на царот Вахтанган Гургаслан (царувал од 446-469), тогаш до темел беше срушен. Потоа, хитонот Господов беше чуван во возобновениот храм од страна на царот Александар Први, кој царувал во Грузија од 1414 до 1442 година. Тука остана сѐ до 17 век. А во 1625 година персискиот шах Абас ја освои и ја пороби грузиската земја. Тој сакаше повторно да го обнови пријателството со рускиот царски двор и затоа го зеде хитонот Христов и му го испрати како дар на серускиот патријарх Филарет. Благочестивиот цар Михаил и пресветиот патријарх Филарет со радост го примија овој преголем дар, поскапоцен од сите најскапоцени овоземни дарови. Од сите грчки архиереи кои тогаш беа во Москва и од сите мудри старци ги собраа сите преданија за хитонот Господов и тие се покажаа согласни со оние што се овде изложени. А по молитви и пост, се уверија дека е тоа навистина хитонот Господов зашто го ставаа врз болни и се случуваа многу чудесни исцелувања. И ја положија ризата Христова во големата соборна црква „Успение на Пресвета Богородица“. И денес се наоѓа таму и сите ја почитуваат со достојна побожност. И ден - денес се случуваат исцеленија и утехи од неа, на оние кои што со вера ѝ пристапуваат. Од времето на пресветиот патријарх Филарет, во Руската црква е востановен празник, полагање на ризата, односно хитонот Господов, кој се празнува на десетти јули. А во грузиската црква е востановен празник на хитонот Господов на први октомври, уште во дванаесетти век. Таму се празнува многу свечено, посебно во градот Мцхет. Овој празник се празнува таму, ако не од добата на првиот христијански цар Миријан, тогаш од петтиот век, т.е. од времето на славното царување на Вахтанг Гургаслан, како познат ден на осветувањето на новиот и Величествен храм во Мцкет, кој го изгради тој на местото на стариот храм на царот Миријан.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ САВА СРПСКИ
Свети Сава се роди во 1169 година од големиот српски жупан Стефан Немања и доблесната ќерка на грчкиот цар Роман, Ана. На светото крштение му го дадоа името Растко. Уште како мал тој чезнееше по духовниот живот и постојано читаше свети книги, постеше, се молеше, го одбегнуваше празнословието и неумесните шеги и постојано одеше во црква на богослужба.
Неговата христочезнива душа целосно беше устремена кон сѐ што е небесно, божествено, бесмртно. Кога наполни шеснаесет години, неговите родители сакаа да го оженат. Затоа, Растко одлучи тајно да го напушти својот дом и да замине на Света Гора. Но, штом тој пристигна на Света Гора, пристигна и војводата со војниците што ги испрати царот за да го бараат. Растко се зачуди како толку бргу успеаја да го пронајдат и го молеше војводата да го остави тука и да им рече на родителите дека не успеал да го пронајде. Војводата на тоа му рече: „Не господине мој, немој да упатуваш таква молба кон твојот слуга, зашто не ќе можам да ја исполнам. Јас не можам да го лажам својот господар. Барем да те завтасавме во монашки чин. Тогаш можеби и ќе имаше некакво извинување“.
Ноќта за време на сеноќното бдение кога чуварите заспаа, стариот јеромонах, на негова молба, го замонаши Растко, и му го даде името Сава. Кога се разбуди војводата, тој му ја даде својата скапоцена облека да им ја однесе на родителите и да им рече дека нивниот син Растко е веќе монах Сава.
Бргу се рашири гласот по Света Гора дека синот на српскиот владател Стефан го напуштил царскиот двор, го оставил светот и се замонашил овде на Света Гора во манастирот свети Пантелејмон.
Потоа младиот монах го напушти овој манастир и отиде и остана во манастирот Ватопед, и молеше благослов од својот игумен да му дозволи да води осаменички живот. Но, игуменот го одби таквото негово барање. Така Сава остана во манастирот со останатите собраќа и ги извршуваше сите послушанија што му беа давани. Често ја посетуваше лаврата на свети Атанасиј и многу често им пишуваше на своите родители.
Неговиот татко, жупанот Стефан Немања, со горки солзи ги читаше писмата од својот сакан син. Еден ден тој го повика својот син Стефан, ја положи раката врз неговата глава и му ја предаде власта над српската земја. Тогаш заедно со својата сопруга Ана отиде во Студеница, во храмот на Пресвета Богородица и тука и двајцата се замонашија. Царот го доби името Симеон и остана да се подвизува во Студеница со своите собраќа, а Ана го доби името Анастасија. Таа собра монахини околу себе и се подвизуваше со пост и молитва. По извесно време монахот Симеон тргна за Света Гора натоварен со многу злато за помош на манастирите. Кога пристигна во Ватопед, владетелот монах беше дочекан и примен со голема чест. Тој со солзи го прегрна својот сакан син Растко, сега монах Сава. Потоа двајцата го обновија манастирот „Свети Симеон Богопримец“ заедно со црквата кои беа многу запуштени и го предадоа на управување на манастирот Ватопед.
Поради важни манастирски потреби свети Сава отпатува во Цариград со благослов на својот татко, старецот Симеон. Во Цариград беа примени од царот Алексиј Комнен, со голема чест и почит. Тие му ги изложија сите молби и барања што ги има манастирот Ватопед. Царот им одобри сѐ што побараа, и тогаш Сава го замоли, нему и на неговиот татко, да им го даде манастирот по име Хилендар кој беше многу запуштен, за да го обноват. Царот и со тоа се согласи и им го отстапи Хилендар. Се врати Сава од Цариград и со радост ги извести игуменот и монасите дека царот им одобри сѐ што побараа од него. Неговиот татко, царот, сега монах Симеон, даде многу злато за запуштениот Хилендар. Тогаш браќата и игуменот од Ватопедскиот манастир се договорија и им го отстапија Хилендар како сопственост на свети Сава и неговиот татко, како српски манастир зашто Сава го измоли од царот, и како знак на благодарност за помошта што тие ја даваат на Ватопед. Тогаш положија завет на љубов кој и до ден-денес постои. На славата на Хилендар, Воведение на Пресвета Богородица, го повикуваат игуменот на Ватопед и му отстапуваат старешинство и првенство. Таа иста чест ја прават и Ватопедските монаси на игуменот на Хилендар на денот на својата слава Благовештение.
Блажениот Сава повторно отпатува за Цариград и царот со љубов го прими. Сава го извести дека го обнови манастирот Хилендар и запуштениот царски манастир Зит, и го замоли царот да го присоедини и овој манастир кон Хилендар, па така и тој да биде ставен во ктиторите Хилендарски. Царот со радост се согласи и го испрати Сава со многу дарови. Тој го извести татка си Симеон дека Хилендар е нивен манастир и ќе им служи како засолниште на сите од српскиот народ што решиле да се оддадат на монашкиот живот, како самостоен манастир.
Подвизувајќи се во својот манастир Хилендар, богоносниот Симеон тешко се разболе и се упокои на 13 февруари 1200 година. По смртта на својот татко, свети Сава почна да води пооскуден и построг живот од порано и многу сакаше и го молеше Бога да го удостои со некое известување за својот татко. Една ноќ му се јави преподобниот Симеон, во неискажлива убавина и слава, со пресветол венец што сјаеше како сонце. Утешен и радосен поради неискажливата слава на својот татко, свети Сава уште повеќе му се оддаде на строгиот монашки живот. Кога моштите на свети Симеон беа пренесени во Србија, во Студеница, од нив и од иконите течеше миро и сите што се помазуваа со него, веднаш оздравуваа. Заедно со нив во Студеница дојде и свети Сава и на многуте молби од својот брат, тој остана таму и беше назначен за игумен на манастирот Студеница.
Тогаш владетелот Стефан и свети Сава започнаа со градбата на големата црква „Вознесение Господово“, во Жича. Овде, додека се градеше црквата, еден ден свети Сава здогледа еден раслабен човек кој не може да се движи. Тогаш светителот започна горко да плаче и да се моли над болниот. За кратко време човекот стана и си замина потполно оздравен.
По доста години поминати во управување со лаврата на свети Симеон и безбројните чудеса што ги направи во тој период таму, свети Сава повторно се врати на Света Гора. Манастирските потреби го натераа пак да оди кај царот и патријархот, но сега замина за Никеја и со радост беше дочекан од царот Теодор Први и остана негов гостин подолго време. Тогаш свети Сава го молеше царот да го замоли вселенскиот патријарх да им назначи архиепископ на српските земји. За таа цел посочуваше некого од браќата што ги беше повел со себе. Но, по Божја промисла и како најзаслужен, тој беше избран за архиепископ на празникот Успение на Пресвета Богородица во 1219 година, од Вселенскиот патријарх Мануил. Така, свети Сава се удостои со архиепископски чин и издејствува самостојност за српската црква. Се врати на Света Гора, се поздрави со сите, ги благослови и пак тргна за Србија, тажен што ја напушта својата мила Света Гора. По патот прилегна да се одмори и на сон му се јави Пресвета Богородица. Богомајката му рече да не тагува, туку да оди да ја заврши работата за која е избран, бидејќи Бог ќе му помага во сѐ. Кога се разбуди со солзи му благодареше на Бога за ова видение. Штом пристигна во Солун веднаш отиде да се поклони на гробот на свети Димитриј Мироточив. Тука свети Сава порача две скапоцени икони; едната на Господ Исус Христос, другата на Пресвета Богородица и ги остави како дар во манастирот Филокали во кој што отседна.
Во Србија го пречека неговиот благочестив брат Стефан. Кога дојде на својот архиепископски трон во Жича тој одбра дванаесет свои ученици за епископи по цела Србија. Тогаш неговиот брат Стефан беше крунисан за крал на Србија, но за кратко време се разболе и го молеше свети Сава да го замонаши. Светиот му рече да не се грижи зашто ќе има време и за тоа, но Стефан во меѓувреме се упокои. Тогаш свети Сава неутешно се каеше и горко плачеше над својот брат, што не ја услиша неговата молба.
Додека кралот Стефан лежеше мртов, неговиот брат свети Сава срдечно му се молеше на Господа Христа да се смилува над него. Наеднаш кралот се разбуди како да беше заспал во длабок сон, на огромно изненадување на сите. Свети Сава пресреќен го замонаши својот брат со името Симон, а пак Стефан, својот престол му го предаде на својот постар син Радослав. Светителот со солзи му благодареше на Господа што ја услиша неговата молитва, и благоволи да го замонаши својот брат. Тогаш Стефан среќен, на рацете на својот брат, архиепископот Сава, го предаде својот дух на Господа Христа, во септември 1223 година. Неговото тело достојно беше погребано во манастирот Студеница, веднаш до неговиот татко, свети Симеон.
Потоа свети Сава замина на поклонение на светите места во Ерусалим. Двапати патуваше тој на поклонение на светињите на Светата Земја. Ги помируваше своите браќа што се караа меѓу себе за власт; ги миреше србите со своите соседи, сееше мир помеѓу сите балкански народи и работеше за доброто на сите. Затоа беше почитуван и сакан од целиот Балкан. Од Цариград, свети Сава доплови во Бугарија да го посети својот пријател, царот Асен, кој го пречека во градот Трново. Тука свети Сава се упокои на 13 јануари 1236 година и беше погребан во Трново, во црквата Свети Четириесет Маченици.
По извесно време царот Владислав измоли благослов од царот Асен и моштите на свети Сава беа пренесени во Милешево. Кога го извадија неговото тело тоа беше потполно нераспаднато и изгледаше како да спие, а наоколу се рашири благопријатен мирис. Безброј чудеса се случија за време на преносот неговите севти мошти и сите што го гледаа тоа го славеа Бога и се восхитуваа на светоста на свети Сава.
Неговите свети мошти преку три ипол века почиваа во манастирот Милешево. Пред очите на Турците овде се случуваа безброј чудеса, па и тие започнаа да му се молат и добиваа исцеление. Тогашниот паша Синан, кој ѕверски ги мразеше христијаните заповеда светото тело на свети Сава да се пренесе во Белград и да се запали. И на Велики Петок 1594 година, Турците ги земаа нетлените мошти на свети Сава и ги однесоа во Белград. А утредента, на 27 април 1594 година, на Велика Сабота на местото каде што денес се наоѓа црквата на свети Марко, ги запалија. Со лелек и плач ширум цела Србија беше пропратен овој нечовечки злостор.
ПОВЕСТ НА МОНАХОТ АМОНИЈ ЗА ПОГУБУВАЊЕТО НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ СИНАЈСКИ И РАИТСКИ
Нема точни податоци за времето кога христијанството проникнало на Синајскиот Полуостров, но во почетокот на четвртиот век, таму, на Хориви во пространата Раитска пустина, во строго подвижништво живееја многу отшелници. Околу (311-313) година тие беа нападнати од Сараценско племе и во Синајскиот манастир беа убиени сите четириесет монаси. Овој напад беше опишан од знаменитиот египетски подвижник Амониј:
- А ние кои бевме во близина штом слушнавме метеж и врева се повлековме во тврдината заедно со светиот отец Дула, настојателот на манастирот. Варварите ги убија сите што беа на Хорив и многу други кои беа во Тефровил и Кидар и ги опљачкаа останатите места околу Синајската Гора. Потоа ние слегнавме од кулата и по разни места ги побаравме закланите отци. И најдовме над триесет и осум заклани со меч. Сите имаа многу рани по телата и беа страшно изнемоштени. Двајца од нив, Исаија и Сава беа сѐ уште живи, но тешко ранети и одвај дишеа. Веднаш со голем плач ги погребавме убиените отци, а на живите им укажавме нега. Зашто, кој би бил така цврст и нечуствителен да не плаче горко за толкав број на такви Отци? За преподобни и светлолики мажи немилосрдно расфрлани по земјата; некои со потполно исечена глава, други, главата одвај им се држи на малку кожа, трети расечени на пола, четврти со отсечени раце и нозе, петти со извадени очи... Та кој може да раскаже по ред, што сѐ видовме ние, кои нивните свети тела ги собравме и погребавме. А двајцата браќа Исаија и Сава беа сеуште живи. Исаија се упокои околу полноќ, а Сава преживеа. Но, на четвртиот ден од колежот, по многу молитви и тој се упокои во Господа.
Додека сѐ уште плачот беше во нашите души, стигна еден Исмаилец и ни соопшти дека во внатрешната пустина викана Раит, Варварите ги убиле сите подвижници.
Помеѓу овие убиени маченици имаше и познати подвижници кои пројавија восхитувачка храброст и христијанско спокојство при овој напад кога беа непотребно измачувани за да би дознале напаѓачите каде го сокриле богатството што тие воопшто го немаа. Меѓу нив беше и еден старец по име Мојсеј, кој беше заклан од варварите. Тој имаше ученик кој исто така се викаше Мојсеј. Беше од Тиваида. Четириесет и четири години живееше во безмолвие покрај својот старец и беше образец на сите млади монаси. И тој беше заклан заедно со останатите свети отци. Меѓу закланите беа и отец Јосиф и неговиот ученик Геласиј. И сите блажени отци што живееја таму беа совршени: живееја во потполна сиромаштија, јуначки ги поднесуваа неволјите заради Господа, и постојано беа во молитва и боговидение. Броеја околу четириесет и три души.
Момчето продолжи:
- За кратко време дојдоа двајца мажи и ни рекоа дека од другиот брег на морето доаѓа брод со мноштво варвари, околу триста на број. Сепак ние отслуживме сеноќно бдение и го молевме Бога да го направи она што е корисно за нашите души.
Кога се спушти ноќта, се појави бродот кој пловеше кон нас. Мирјаните од околината на Фаран, околу двесте души, се подготвија за борба за да ги заштитат жените и децата. А ние се повлековме во црквата која беше заградена. Варварите нападнаа и убија околу сто и четириесетмина месни жители, а другите се разбегаа ваму таму. Потоа ги фатија жените и децата и сите ги убија. Тогаш како диви ѕзверови се нафрлија на нас, зашто се надеваа несреќниците дека ќе најдат злато во обителта. Некои од нас, јуначки ја поднесуваа оваа беда, некои плачеа, а сите заедно говоревме: „Господи помилуј!“ Нашиот отец, игуменот Павле, застана среде црквата и рече: „Оци и браќа, чујте ме мене грешниот и последниот меѓу сите. Сите добро знаеме дека од љубов кон Господа Христа се одрековме од суетниот свет и живееме во оваа пустина и се удостоивме да го носиме Неговиот благ јарем, во глад, во жед, и во крајна сиромаштија. Ние секој час се подготвуваме за смртта! Ако му е угодно на Бога да нѐ ослободи од животот, зарем ние треба да жалиме и да се плашиме? Зарем не треба да благодариме и да се радуваме?“
Бидејќи никој не им се спротивставуваше на варварите, тие слободно влегоа, се нафрлија на старец Еремија кој седеше покрај црковната врата, и бараа од него да им го покаже својот стрешина. Старецот ги погледна нивните мрачни лица и им рече: „Ништо нема да ви кажам!“ Тие веднаш го соблекоа, го врзаа пред себе и го изрешетаа со стрели. Кога го здогледа тоа отец Павле, веднаш излезе пред нив и рече: „Јас сум оној што го барате!“ И со прстот им покажа на себе. А тие го прашуваа каде го има сокриено златото. Па му наредија: „Веднаш донеси го!“ И бидејќи не најдоа ништо, тие долго го мачеа светиот Павле и му ја расекоа главата на две половини. А јас пак, кукавица, додека ја гледав свирепата смрт и крвта на светите, се сокрив во едни палмови гранки и се спасив. А гнасните варвари јурнаа во црквата и немилосрдно ги убија сите отци, и стари и млади. Додека го велеше тоа момчето залипа и започна горко да плаче. Со него, вели Амониј, Толку плачевме сите, што облеката ја натопивме со солзи.
А она прекрасно момче, со плач продолжи да зборува: што да речам или да раскажам, браќа, зашто моите очи видоа многу работи достојни за горко ридање. Ги убија таму и великиот старец Адам и неговиот ученик Сергиј кој имаше петнаесет години. Бесни од гнев, варварите ги исекоа на парчиња. Додека ги убиваа светите, по црквата потече силна крв. Откако ги убија сите, го преобрнаа целиот манастир мислејќи дека ќе најдат богатство. Не знаеја бедниците дека светите отци не се трудеа да стекнат ништо овоземно, туку живееја во ангелски тела.
Во тоа време стигна многу народ од градот, околу шестотини одбрани стрелци. Тие беа слушнале за погубувањето на светите отци во Раит. Тогаш започна борба. Силни стрели паѓаа и од едната и од другата страна. Фаранците, бидејќи беа помногубројни ги надвладеаја варварите и многумина убија. Варварите немаа надеж дека ќе се спасат и машки се бранеа сѐ додека не загинаа до последен. Убија околу осумдесетина Фаранци и многумина ранија.
Ние ги собравме светите тела на сите убиени отци на едно место. Христољубивиот кнез Ведијан со останатите жители на Фаран донесе свети одежди, и ги погребавме светите, сите триесет и девет на број. Сите присутни зедоа учество во погребението, носејќи цалмови гранки во рацете и пееја духовни песни. Многу солзи пролеавме тој ден. И така ги погребавме нивните чесни останки во отечки гроб, освен Домн кој сеуште беше жив, во страшни рани. Кога падна нокта и тој се упокои во Господа. И него го погребавме покрај светите отци.
Се упокоија овие свети Христови маченици на четиринаесетти јануари, во три часот попладне. Останаа само отец Андреј и отец Орион и размислуваа дали да останат на тоа место или да го напуштат. Јас пак не можев повеќе да го гледам тоа опустено живеалиште и од тага и солзи за закланите овци Христови, дојдов кај вас. Заврши момчето.
А јас, пак, грешниот Амониј, се вратив со Бога во Египет и сето ова го ставив ва хартија.
ВТОРО ПОГУБУВАЊЕ НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ СИНАЈСКИ И РАИТСКИ
за време на Нил Постник
По многу изминати години од првото погубување на преподобните отци, повторно беше нападната Синајската Гора за време на Нил Постник (426 г.) кој се подвизуваше на Синајскиот Полуостров заедно со својот син Теодул. Тој го има опишано овој втор сличен напад на варварите кои го разрушиле Синајскиот манастир во 400-тата година и убиле многу монаси, а други одвеле во ропство. Тоа биле варвари кои живееле во пустината која се протега од Арабија, па сѐ до Египет, преку Црвеното Море. Тие варвари не живееле по градовите и куќите, туку групно под шатори, преминувајќи од едно место на друго. Посебно се задржувале онаму каде што ќе најделе добра вода и пасишта за својата стока. Не се издржувале со ракоделие, трговија или со земјоделие, туку со лов и првенствено со грабежи. Целото нивно оружје било: меч, лак и копје, а нивната работа: да ги напаѓаат туѓите населби, и да вршат разбојништва по патиштата. Преподобните отци кои го беа избрале осаменичкиот живот во Бога, се наоѓале: некои во Синајската пустина, некои во пештерите, некои во мали ќелии близу до вода, некои крај црквите, и се хранеле со диво зелје, урми и друго овошје. Малкумина од нив јаделе леб, зашто живееле во големо воздржание и пост. Некои земале храна секој втор ден, некои еднаш во два-три дена, а некои еднаш неделно, колку да го додржат телото во живот. И во сите житието било равноангелско, зашто ги занемарувале своите тела, а се грижеле само за душата, и се труделе да му угодат на Господа. Нему сесрдно и му служеле, горејќи со духот и славејќи Го и дење и ноќе. Во неделите сите се собирале во една црква; таму вршеле сеноќни богослуженија, се причестувале со божествените Тајни, и повторно се враќале во своите ќелии на безмолвие. Меѓу нив беше и преподобниот Нил Постник. Тој порано бил епарх во Цариград, и во бракот имал две деца. Потоа се договориле со својата сопруга и го оставиле светот: таа се замонашила во женски манастир, со својата ќерка, а Нил го зел со себе синот Теодул и дошол во Синајската Гора. Тој бил очевидец на варварските напади и покасно опишал како светите отци беа испоубиени.
Преподобниот Нил Постник живееше во Гората. Имаше обичај да ги посетува околните отци. Еднаш слегна од гората заедно со својот син во посета на отците. Таа ноќ за време на трпезата, презвитерот на тоа место, блажениот Теодул, им рече на браќата: „Кој знае дали оваа трпеза ќе нѐ собере повторно сите вака, пред да умреме?“ - а го рече тоа затоа што со Духот го провиде злото што требаше да се случи.
Утредента после утрената, ненадејно, нападнаа варварите на светото место и како бесни ја опколија обителта. Откако ограбија сѐ, јурнаа кон црквата каде беа собрани отците и ги изведоа надвор. Потоа сите ги соблекоа и ги поредија по старост за да ги убијат. На најстариот од нив, Теодул, му наредија да ја наведне главата под мечот. Тој без ни млку страв го стори тоа и со тивок глас рече:
- Благословен Господ! - и го удрија двајца варвари еден по друг и му го расекоа трупот на пола. Додека ги убиваа другите отци некои од варварите со рацете им дадоа знак на останатите црноризци да бегаат. Тоа беше Божја волја. Тие што беа посилни и можеа да бегат, побегнаа преку провалијата во гората. Со нив побегна и блажениот Нил, но неговиот син Теодул остана. Бидејќи беше многу убав, варварите не го убија туку го зедоа за да го принесат како жртва на нивната ѕвезда Деница. Кога одмина денот, преподобниот Нил со останатите црноризци храбро се спуштија од гората да ги погребаат телата на убиените светители. Кога стигнаа, го најдоа преподобниот Теудол како сѐ уште дише и по малку можеше да зборува. Сите го опкружија со плач, а старецот им зборуваше:
- Нека не ве збунува напаста што нѐ снајде браќа, зашто сатаната има обичај да бара од Бога да му допушти да ги искушува оние кои се трудат да му угодат на Господа. Како што бараше да го искушува и Јов, кому и децата му ги уби. Но Подвигоположникот знае поради што ги препушта своите подвижници на противникот. Он го прави тоа од две причини:
- Прво, за славно да ги награди оние кои јуначки го поднесуваат искушението, како што двоструко го награди Јов; второ, за да им даде нешто неспоредливо подобро: Она што окото нивно не виде, и увото не слушна, и во срцето на човекот не дојде, а Бог го приготви за оние кои Го љубат и поднесуваат ради Него. Старецот го рече тоа и се упокои. Го погребаа со останатите убиени отци, додека сѐ уште беше ноќ.
Во тој момент, кај нив дотрча едно момче кое беше побегнало од варварите. Тоа му се обрати на светиот Нил и им раскажа како побегнало:
- Јас бев врзан заедно со твојот син. Вчера варварите се договорија, како што тајно ми кажа еден заробеник кој го разбираше нивниот јазик, дека нас двајцата, мене и твојот син, утредента пред зори ќе нѐ принесат како жртва на ѕвездата Деница. Јас го известив твојот син за тоа и му реков дека сонцето нема да нѐ најде живи, ако не побегнеме. А тој се плашеше да не нѐ фатат, па остана и ми рече: „Ако е тоа волјата Божја, тогаш е невозможно да се одбегне смртта. Доцна во ноќта јас успеав да побегнам“. А што се случило со него после моето бегство не знам, Бог знае.
Кога го слушна тоа, преподобниот Нил многу плачеше и ридаше заради смртта на својот син. Посебно поради тоа што требаше да биде принесен како жртва на боговите. И низ плач, лелекајќи го молеше Господа:
- Боже мој, ти се молам заради твојата добрина, немој да дозволиш да загине мојот син.
По својата промисла, Бог го сочува Теодула жив, зашто варварите цврсто заспаа и се разбудија многу доцна, кога сонцето веќе беше кренато високо. Така, не успеаја да го принесат за жртва. Затоа го поведоа со себе во својата земја.
После тоа, жителите на Фаран испратија свои пратеници кај варварскиот кнез Амон да се жалат на неговите разбојници кои го нарушија заветот на мирот и извршија страшни злосторства. Во тоа време, блажениот Нил, со останатите отци, отиде во пустината да ги побара телата на убиените светители за да ги погребаат. Пронајдоа многумина, а меѓу нив имаше сѐ уште живи. Кога се вратија, отидоа во Фаран за да дознаат какви вести стигнале од кнезот Амон. Тогаш блажениот Нил дозна дека неговиот син е жив, но е продаден во градот Емеса. А епископот на тој град го откупил и го задржал кај себе. Преподобниот Нил Постник веднаш отиде во Емеса, и таму го најде својот син во домот на епископот, жив и здрав.
Многу утешен со тоа, тој бескрајно му благодареше на Бога. Епископот го прими со љубов и го убеди дека треба да прими презвитерски чин. Потоа чесно го испрати блажениот Нил и неговиот син Теодул. Тие се вратија во своето првобитно живеалиште, манастирот на Синајската Гора. Поживеаја тука долги години угодувајќи му сесрдно на Господарот свој, нашиот Господ Исус Христос, на кому се удостоија да му се претстават во ликот на преподобните оци на небото, и да го слават Бога за навек, амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА АГНИЈА
За верата во Христа била фрлена во мрачна темница каде и го завршила својот живот.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ТЕОДУЛ
Теодул е син на свети Нил. Тој многу пострада од варварите; беше одведен во ропство и продаден; потоа беше ослободен, се подвизуваше богоугодно и се упокои во мир.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ СТЕФАН
Беше од високо потекло; роден на Исток; уште од мал ги засака манастирите и преподобните отци, испосници во Светата Земја; ги посетуваше и го изучуваше нивниот живот. Потоа отиде во Цариград, во 716-та година. Овде доживеа многу добрини од светиот патријарх Герман. По негов совет го изгради манастирот Хинолак, во близина на Цариград. Богомудро ги водеше браќата, и живеејќи богоугодно, мирно се упокои. Некои од достојниците видоа како неговата света душа со слава оди кон небото.