28. Јануари  (15. Јануари)

 

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ

Нашиот македонски светител, преподобниот Гаврил Лесновски е родум од Осечко Поле, место во близина на Крива Паланка. Потекнува од имотни и благочестиви родители, блиски до царските советници. Бидејќи немаа деца, тие, и дење и ноќе коленичеа пред Бога и со топли молитви и солзи Го молеа да им дари барем една рожба. Бог, кој изобилно ги дарува оние што му се молат, им подари дете та им се роди син, кој беше неопислива радост на сите во домот. Откако го крстија со името Гаврил, тој растеше и се крепеше во Светиот Дух. Родителите го дадоа да се школува кај еден добар учител за да научи да чита и да пишува. Малиот Гаврил беше многу бистро дете, и набргу започна да го изучува Светото Писмо, а особено Евангелието не го испушташе од своите раце.

Кога дојде време за женидба, родителите му најдоа девојка од добар и царски род. Но, светиот никако не сакаше да се жени. Затоа постојано ги креваше рацете кон небото и му се молеше на Бога да ја сочува неговата девственост. Деноноќно се молеше, и така, со молитва успеа да ги победи сите различни страсти. На тие негови молитви и љубов, беше испратен Архангел Михаил, кој набрзо ја зеде душата на неговата сопруга. Тогаш како добар ревнител на девственоста заради Христос и подобен на Алексиј, човек Божји, измоли благослов од родителите да го напушти својот дом и да се подвизува во Господа Христа. Родителите го отпуштија со мир и го испратија со благослов. По патот тој сретна некој ѓакон по име Тома, со кого братски се поздрави, па двајцата седнаа крај патот и долго време поминаа во разговор. Потоа Гаврил легна и заспа малку на тоа место. Во сонот му се јави Ангел Господов и му рече:

- Стани и оди во полето Осечко, на местото што ќе ти го покажам јас; таму ќе изградиш храм и ќе го посветиш на раѓањето на Пресвета Богородица!

Штом се разбуди од сонот, светителот веднаш се врати назад во својот родителски дом и им раскажа на своите родители за сонот што го виде. Родителите го сослушаа и му дадоа доволно злато и сребро за изградбата на овој храм. Светиот тргна со радост и набргу го изгради храмот на местото кое му беше посочено, и богато го украси. Потоа појде во манастирот Лесновски за таму да се замонаши.

Штом дојде се поклони на игуменот, а тој кога го виде го запраша:

- Чедо, зошто дојде овде? Светиот Гаврил му раскажа сѐ за себе на игуменот. Тогаш тој го прими и му даваше разни послушанија. Го ставаше на многу искушенија за да го испита неговото смирение и трпение, и тогаш го потстрижа во ангелскиот образ.

По кратко време од своето замонашување, преподобниот побара од својот игумен да му даде благослов да оди во некој скит во близина на манастирот во долината кон Злетово. Игуменот се согласи, му даде благослов, и преподобниот остана во скитот доста време во молчание, осаменост и бдение.

Непрестајно лееше солзи и дење и ноќе, и сесрдно му се молеше на Бога. А мирјаните кои доаѓаа кај Светиот, ги исцелуваше од разни болести, а многумина и од демони. Но, поради човечката слава тој го напушти овој скит и се насели во местото викано Луково, во една мала шума и таму проживеа некое време. Таа шума им беше непозната на луѓето.

Еден ден се случи така што некој пастир, пасејќи ги своите кози, го здогледа Светителот како коленичи и се моли. Тој дојде кај него, му пријде, падна на колена и побара благослов од него. Светителот му рече:

- Што сакаш, чедо? А, пастирот стана и очајно рече:

- Свети оче, поради моите гревови сите кози ми се разболеа. - Те молам, заради Бога, помоли се за нив. Светиот му рече:

- Не плаши се чедо. Бог ќе ја обрати твојата жалост во радост. А во близина имаше еден ископан камен полн со вода дождовница.

Светителот дојде близу каменот, клекна, ги крена очите и рацете кон небото, и се помоли на Бога. Потоа ја прекрсти водата со крстниот знак, зеде од неа, му ја даде на пастирот и му рече: „Земи чедо и попрскај ги козите“. Пастирот ја зеде водата и откако ги попрска своите кози, тие веднаш оздравеа.

Потоа преподобниот Гаврил ја напушти и таа шума и отиде далеку, уште подлабоко во непроодната гора, во дивината, на планината викана Обли Врв. Таму проживеа долго време во пост и молитва. Тој се измачуваше себе си без сон и поднесуваше многу неволји и маки од пакостите на ѓаволот. Но, со молитвата успеваше да ги прогони демоните, и се утврди против нив како добар и цврст дијамант. Поживеа таму потполно сам, подвизувајќи се цели триесет години. И тука се претстави во вечниот живот. Никој од браќата што се подвизуваа во близина не ја знаеја оваа мала пештера во која почиваа моштите на свети Гаврил и затоа сите многу се грижеа, мислејќи дека тој се отселил во некое многу далечно место.

После долго време, преподобниот Гаврил му се јави на еден монах по име Јосиф, по потекло Русин, кој во тоа време се подвизувал во Софија, Бугарија. Овој монах беше многу смирен и воздржлив во сѐ. И, многу бодар во постот и молитвата, а со тоа и многу угоден на Бога.

Тој цел ден размислуваше дали тоа видение не е некоја прелест и се двоумеше. Но, следната ноќ пак му се јави преподобниот, и му рече: „Послушај и појди на Обли Врв, и таму ќе најдеш мошти. Пренеси ги во Лесновскиот манастир. Монахот пак, многу се исплаши да не е ова некаква прелест (измама на ѓаволот) и пак не појде. Но, кога светителот му се јави и по трет пат, му рече; „Бог ми заповеда да ти го кажам тоа што ти го кажав, Тогаш монахот стана, отиде кај митрополитот и му го раскажа својот сон. Митрополитот се распраша кај луѓето од околните села, дали во таа епархија има рид кој се вика Обли Врв: а тие му рекоа дека нема тука такво место. Тогаш митрополитот испрати писма до другите епископи прашувајќи ги дали, можеби, во нивниот крај или воопшто знаат во кој крај или земја се наоѓа Обли Врв. Едно такво писмо стигна и во Злетово. Тамошниот епископот го прочита, се распраша и дозна дека Обли Врв се наоѓа во неговата епархија. Веднаш го извести митрополитот во Софија. Тој ги поведе со себе монахот Јосиф и неколку свештеници и отиде најпрвин во Лесновскиот манастир. Отслужија бдение и откако осамна, заедно со месниот епископ тргнаа на гората Обли Врв. Кога стигнаа ноќта, светителот повторно му се јави на монахот Јосиф во видение и му рече: „Блиску сум до тебе од левата страна“. Утредента, Јосиф дојде до одреденото место и ги најде моштите на светиот. Од нив излегуваше миомир како од благомирисен крин. И им се поклонија со почит, митрополитот со епископите, игуменот и останатите свештеници, монаси и кнезови. Светите мошти со сите почести ги пренесоа во Лесновскиот манастир, и од нив голем број верници добија исцеленија од најразлични болести. Многу години почиваа моштите на свети Гаврил Лесновски во овој манастир и им помагаа на оние што имаа потреба од исцелување од нечисти духови.

Во градот Кратово имаше некој Ерменец кој беше многу богат, но имаше само една ќерка на која десната рака ѝ беше исушена. Тој дојде во манастирот и се поклони на моштите на светиот. Девојката во истиот час оздраве и болната рака и стана нормална, како никогаш да не била сува.

Така и на некој кнез, преподобниот му го исцели слугата, кој страдаше од нечисти духови.

После некое време со овие краишта владееше Михаил, голем бугарски кнез, кој добро ја уредуваше власта во својата држава. По неговата смрт, власта ја зазеде Оливер Јован кој беше многу убав на лице, а уште поубав по душа. Тој беше прв советник и писар на дворот на српскиот цар Стефан Силни. Јован имаше посебна голема почит кон преподобниот отец Гаврил Лесновски. Манастирот Лесновски имаше мала црква, та Јован, по молитвите на Архистратигот на Небесните Сили и на преподобниот отец Гаврил, со љубов изгради црква, многу висока и пространа, која многу раскошно ја украси. А пак светителот правеше многу чудеса и во земјата владееше мир доста години.

Меѓутоа, после тоа, турскиот цар Мурат крена војна против српската држава, водејќи под своја команда тристаилјадна војска. Кога дозна за тоа бугарскиот патријарх од Трново, од страв дека моштите на свети Гаврил Лесновски ќе бидат запалени, ги пренесе во Трново, во местото Трапезица и ги положи во храмот посветен на Светите Апостоли, во кој почиваат до ден-денес, и точат многубројни исцеленија за верните во Христа.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОВАН КОЛИБАР

За време на царувањето на благочестивиот цар Лав Велики во Цариград, кој беше наречен Нов Рим, живееше еден богат и угледен велможа по име Евтропиј, со својата сопруга Теодора. Тие имаа три сина. Двајцата ги дадоа да служат во царскиот двор, а третиот, најмалиот, по име Јован, го дадоа на науката. Во својата дванаесетта година тој се издвојуваше од своите врсници како многу паметен така што и самите негови учители му се восхитуваа на бистрината на неговиот ум и зрелото расудување.

Беше одличен ученик не само по световната туку и по духовната философија, зашто под влијание на Светиот Дух кој дејствуваше во него, тој беше кроток, незлобив и смирен. Во слободното време не одеше да си игра, како што тоа обично го прават децата туку времето го минуваше во читање на боговдахновени книги и посети на црквите заради молитва. Го беше зафатила ревност да му служи на Бога.

Еден ден во училиштето каде што учеше Јован, наврати еден монах. Кога го виде, Јован го праша: „Од каде си оче и каде патуваш?“ Монахот му одговори: „Од манастирот Незаспивливи, а патувам во Ерусалим да се поклонам на светите места“. Јован се воодушеви и започна да го распрашува за монашкиот живот, за молитвата и постот, и за други подвизи и трудови. А монахот виде дека момчето е сериозно и паметно, и му ги раскажа подетално сите обичаи и правила на својот манастир. Откако внимателно го ислуша раскажувањето на монахот, младиот Јован толку го возљуби ангелското житие на незаспивливите браќа што веднаш реши да го замоли: „Чуј ме, оче, те молам, смилувај се на мене, зашто имам голема желба да се повлечам од многуметежниот свет и да му служам на Христа. Но, родителите мислат сосема друго за мене и сакаат да останам со нив и да се оженам. А јас се одрекувам од светот и сакам да му служам на Христа, во монашки чин. Затоа те молам, кога ќе се вратиш да ме поведеш со себе“.

Кога го слушна тоа монахот, почувствува дека е тоа Божји призив за ова момче и му вети дека кога ќе се врати од поклонението во Палестина, ќе дојде и ќе го поведе со себе.

Во меѓувреме блажениот Јован, желен за евангелски живот, ги замоли своите родители да му купат Евангелие. Тие со радост ја прифатија неговата желба и веднаш порачаа да му се приготви едно Евангелие, богато украсено со злато и скапоцени камења. Јован со љубов го прими и ревносно го читаше и си го насладуваше срцето со зборовите Христови.

Дванаесетгодишното момче со нетрпение го очекуваше доаѓањето на монахот, на кому му ја откри тајната на своето срце.

После многу денови, дојде од пат очекуваниот црноризец. Јован му се израдува многу. А инокот му рече: Ете синко како што ти ветив, дојдов, ако сакаш да те водам во манастир. Блажениот Јован му одговори: „Му благодарам на Бога што те врати здрав. Еве јас сум готов за пат. Но, што ќе правиме ако не ме пуштат родителите? Знам, мајка ми е многу чувствителна и кога ќе дознае дека сака да си одам од неа, ќе ја залие земјата со солзи; и ќе ме задржи со сила. Затоа, те молам оче, да заминеме одовде кришум за да не забележи никој од моите познати“. И откако се договорија, тргнаа. По патот, Јован му рече на монахот: „Наемот за бротче е голем. Затоа е подобро да отидам кај моите родители и да ги замолам да ми дадат злато, божем за некоја многу потребна работа“. Монахот му одговори: „Оди синко, и нека Господ  ја води твојата добра мисла по својата волја“.

Јован отиде во својот дом и ја замоли мајка си да му даде пари за да ги почести со ручек своите другари во училиштето, бидејќи тој често бил повикуван кај нив на ручек, но досега не им беше возвратил за тоа. Тогаш таа се договори со својот сопруг, и бидејќи го сакаа многу му дадоа сто златника.

Ова се случи по Божја промисла за да може да се оствари добрата намера на светото момче. А кога родителите му го дадоа златото, му одредија и еден слуга да го чува будно за да не ги потроши парите за непотребни работи. По патот момчето му рече на својот слуга: „Оди види дали се собрале моите другари, па дојди и кажи ми“. Кога отиде слугата, Јован заедно со монахот се качи на едно бротче, ја плати договорената сума и тргнаа. Момчето го имаше со себе само подареното Евангелие од своите родители и читајќи го, се тешеше.

Кога се врати слугата од училиштето на брегот, го бараше Јована, но не го најде. Помисли дека се вратил дома, па и тој отиде дома и ги запраша своите господари за него. Но, бидејќи не беше дома, веднаш започнаа да го бараат на сите страни. Го бараа многу денови не само во Цариград, туку и по околните места, но никаде не го најдоа. И во домот на Евтропиј настана голем плач и ридање за саканиот син Јован.

Кога пристигнаа во манастирот, монахот му раскажа сѐ за момчето на игуменот Маркел и на браќата. А игуменот, кога го виде момчето толку младо, го советуваше да се врати во својот дом и му рече:

- Чедо, ти не си во состојба да поднесеш монашки трудови и постови, зашто си млад. Покрај тоа, кај нас постои обичај веднаш да не ги замонашуваме дојденците, туку првин ги подложуваме на послушание за да видиме дали можат да поднесат таков јарем.

Блажениот Јован падна пред нозете на игуменот, и низ солзи му рече:

-Ти се молам оче, денес да ме потстрижеш. Не гледај на мојата младост и не ја одбивај мојата молба. Заради Пресветата, Единосушна и Животворна Троица, прими ме за монах.

Напразно светиот игумен го молеше да се откаже од својата намера и да се врати дома, бидејќи е многу млад. По многуте молби и солзи, игуменот го прими и го замонаши.

Ревносниот Јован успешно ги помина сите строги испити на послушанието. Ги извршуваше неуморно и безропотно најтешките манастирски работи и држеше многу строг пост, со постојана молитва. За шест години тој ги надмина сите свои собраќа во својата монашка ревност.

Тогаш го нападна непријателот на доброто, ѓаволот, сакајќи да го ослаби во подвизите. Затоа му нафрли во душата мисла за родителите, за со сожалување да го скрши неговото срце. Потсетувајќи го на големата родителска љубов, таа мисла му велеше: „Што прават сега твоите родители без тебе? Колку страшно тагуваат и плачат за тебе, бидејќи не знаат каде си отишол“. Срцето започна да му го исполнува се поголема тага. Од таквите мисли тој толку ослабе што одвај беше жив. Игуменот ја забележа неговата изнемоштеност, и му рече:

- Нели ти реков чедо, дека Бог не сака од своите служители прекумерни трудови и лишувања, а ти не ме послуша и се натовари со бреме што не можеш да го носиш. Тогаш Јован му рече:

- Не ме исуши постот оче, ниту ме ослаби подвизувањето, туку помислите уфрлани од лукавиот кои долго време, и дење и ноќе ме измачуваат. И му ги откри на игуменот сите свои помисли, поврзани со родителите и својот дом. На тоа игуменот му рече:

- Нели ти реков јас во почетокот чедо, дека се големи подвизите монашки, а искушенијата и нападите се неискажливи? Кога го рече тоа игуменот се расплака и долго плачеше за Јован.

Благиот и разумен игумен го благослови да оди каде што сака. Притоа го поучи добро да се чува од ѓаволските замки и да води непорочен живот. А Јован му рече:

- И кај своите родители да отидам, и таму, со Божја помош и со вашите молитви ќе го победам непријателот и ќе ја обелоденам неговата немоќ. Утредента дојде Јован кај игуменот падна пред нозете и го молеше да не му се лути што заминува од манастирот, туку татковски да го благослови и да му подари свои свети молитви. Откако зеде благослов, тој горко заплака и си замина.

По патот за Цариград сретна еден просјак и му рече: „Гледам брате дека твојата облека е многу ветва и искината. Те молам, дај ми ја мене, а еве ти ја оваа мојата, таа е подобра“. Сиромавиот се израдува на тоа и ја замени со него својата облека. Кога наближи до Цариград и ја здогледа татковата куќа, Јован падна на земјата, со солзи му благодареше на Бога и рече:

- Господи Исусе Христе, немој да ме напуштиш!

Преподобниот ја помина ноќта пред заклучените порти на татковиот дом. Утредента се отвори капијата и излезе управникот на домот, кој беше старешина над останатите робови. Тој го здогледа сиромавиот, облечен во искината кошула и го праша:

- Кој си ти и од каде си? И како си се осмелил да дојдеш овде? Веднаш заминувај одовде, зашто господарот мој треба да помине од тука! А блажениот Јован смирено му рече:

- Како што гледаш, јас сум сиромав човек и немам каде глава да склонам, затоа те молам, господине мој, сожали се на мене и не бркај ме одовде, туку остави ме да живеам во овој ќош. Јас никому никакво зло не чинам. Ако ми се смилуваш, ти од Господа ќе доживееш милост. Управникот се сожали на ненавредливиот несреќник и го остави на мира. Малку покасно се појавија родителите на Јован и се упатија кон царската палата. Тие го одминаа својот сакан син, без да го препознаат. Бедниот Јован одвај ги воздржа своите чувства и кога се оддалечија тие, тој падна на колена и горко плачеше и се молеше. Тогаш реши да се нафати на несекојдневна жртва. Остана да живее пред вратата на богатиот татков дом, во крајно смирение и доброволна ништожност.

Често неговиот татко Евтропиј минуваше покрај него, и многупати си велеше во себе: „Колку трпелив е овој просјак. Тој поднесува и горештина и студ, без да се жали. Навистина, на таквите е Царството небесно!“ И од сѐ срце започна да се грижи за просјакот, му даваше милостина и постојано му испраќаше храна од сопствената трпеза. Но, Јован сѐ им раздаваше на другите просјаци, а самиот се хранеше само со леб, колку да преживее.

Еден ден излезе неговата мајка од дворот и кога го здогледа бедниот Јован, како во валкани и искинати алишта лежи на ѓубриштето, се згнаси силно од него, и им нареди на своите слуги:

„Извлечете го одовде овој одвратен човек, зашто не можам да минувам од тука ако тој лежи овде“. Слугите веднаш го зграбија и го одвлекоа на друго место. Тогаш блажениот оддалеку ја гледаше вратата од својот дом. Еднаш го замоли управникот на домот:

- Те молам, господине мој, како што во почетокот се смилува на мене; направи ми мала колиба за да не може да ме гледа вашата господарка и да имам мало засолниште од мразот.

Тој ја услиша неговата молба и набрзо му направи мала колиба во која живееше и постојано му се молеше на Бога. Така беше сокриен од очите на мајка си, светиот...

Три години поживеа Јован во таа колиба. Пред неговите очи секој ден блескаше богатиот раскош на татковиот дом, а тој ги минуваше дните во крајна беда, строго воздржание и непрестајна молитва. Дури и слугите од куќата се ползуваа со почитта од другите, а тој страдаше од лишување, мраз и пот, а не изостануваа и презирот и навредите на минувачите.

По три години преблагиот и човекољубив Господ Христос погледна на смирението и трпението на својот слуга, и сакајќи да им стави крај на неговите маки и трудови, му се јави во видение, и му рече:

- Радувај се Јоване, зашто се приближи крајот на твоите подвизи; по три дена ќе дојдеш кај Мене и ќе се населиш во одморалиштето на преподобните.

По ова видение, бедниот Јован со солзи го молеше Бога:

- Ти благодарам Господи Боже мој, што сакаш мене недостојниот да ме удостоиш со одмор на праведник, но те молам Господи, сети се на моите родители, и смилувај се на нив по големата милост Твоја, и очисти ги гревовите нивни, зашто си добар и многумилостив.

Утредента, тој го замоли управникот да ѝ порача на господарката да дојде кај него, зашто има нешто да ѝ каже.

Управникот отиде и ѝ го соопшти тоа на госпоѓата.

- Што има да ми кажува тој просјак! - горделиво му возврати таа. - Јас не можам ниту да го гледам..! А, тој уште сака и да разговара со мене!

- Оди жено! - ѝ рече Евтропиј. - Немој да се гнасиш од бедните, нив Господ ги избрал! И покрај убедувањата на нејзиниот маж, таа сепак не отиде кај просјакот. Преподобниот Јован ѝ порача:

- По три дена јас ќе умрам, а ти, ако не дојдеш да ме видиш и да разговараш со мене, горко ќе жалиш потоа...

Многу сакаше бедниот да се прости со родителите, посебно со мајка си. Со последната средба тој сакаше да го вознемири мајчиното срце и да побуди во него милосрдие и сострадание. Најпосле таа излезе од куќата и нареди да го донесат просјакот кај неа, зашто тој веќе не можеше да оди. Јован го покри своето лице со крпа за да ја сокрие својата возбуда и ѝ рече на мајка си: - Госпоѓо, наскоро ќе завршат вашите грижи за мене... Господ рекол: „Доколку го сторите тоа на еден од тие Мои најмали браќа, Мене сте ми го сториле“(Мат. 25, 40). - А јас пак, макар беден и сиромав, сакам да ви оставам еден дар. Но, пред сѐ, те молам госпоѓо, да заповедаш да ме погребаат во колибата во која што живеев и во овие стари алишта зашто не сум достоен за друго место, и за поубава облека. Го рече тоа и го извлече од своите пазуви своето Евангелие и ѝ го даде говорејќи:

- А ова нека ти биде утеха во животот. Тебе и на твојот сопруг, нека ви биде патоказ кон вечниот живот!

Се сепна гордата жена пред ваквиот неочекуван подарок од еден просјак и внимателно ја разгледуваше златносјајната книга. Тогаш се стрча кон својот маж и воскликна:

- Колку многу приликува на Евангелието што му го дадовме на нашиот син!

-Та тоа е истото евангелие! - извика Евтропиј. - Да го запрашаме просјакот како се нашло кај него и дали можеби знае нешто за нашиот син!

- Во името на Бога, кажи ни, од каде го зеде ова Евангелие? Каде е нашиот син?

- Јас сум вашиот син, Јован! - извика блажениот расплакан, не можејќи повеќе да ги задржи своите чувства. - Мене ми го дадовте ова Евангелие. Виновен сум за вашата тага, но Евангелието што ми го дадовте вие, ме научи да го сакам Бога повеќе од сѐ, и со трпение да го носам Неговиот благ јарем.

Кога го слушнаа тоа, тие клекнаа крај неговата глава, го прегрнуваа и плачеа долго, долго... И наеднаш ги обзеде и радост и тага; се радуваа што се најде нивниот сакан син; а тагуваа зашто го најдоа во таква сиромаштија и беда. И дојдоа кај нив сите соседи, роднини и пријатели. И за час се пронесе веста низ градот, дека Јован е најден. И сите се восхитуваа и го славеа Бога.

Краткотрајна беше радоста за неговото наоѓање, зашто за кусо време требаше да се разделат од него засекогаш.

Преподобниот Јован ја предаде својата душа во рацете Господови зашто така му беше угодно на Бога: животот на Јован пред својот крај да не биде извалкан со светски почести и родителска љубов, туку оној, кој се одрекол од светот, да отпатува во натсветските населби.

Заради тоа Господ го зеде крај себе. А неговата мајка, заборави на неговата молба, ја соблече од него бедната облека и го облече во скапоцена, од злато ткаена облека. Во тој час, таа тешко се разболе. А неговиот татко Евтропиј, рече:

- Треба да ја исполниме волјата на нашиот син, зашто тој не сакаше да биде погребан во таква скапоцена облека. И повторно го облекоа во неговите искинати алишта. И веднаш неговата мајка Теодора се исцели и беше здрава како порано. А чесните и свети мошти на преподобниот Јован, како што тој молеше, ги погребаа во колибата во која што живееше. Над неговата гробница неговите родители изградија црква, а до неа голема приемница за странци во која ги примаа и им служеа на бедните, болните и странците, во негов спомен. Тие го потрошија целото свое богатство за богоугодни дела, и оставија завет да бидат погребани покрај својот син.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАВЛЕ ТИВЕЈСКИ

Житието на првиот подвижник во историјата на христијанското отшелништво, преподобниот Павле Тивејски, било составено меѓу 374 и 379 година, од блажениот Јероним (347-420).

Тоа било запишано по свежото предавање од учениците на свети Антониј, околу триесет и три години по блажената смрт на овој прекрасен угодник Божји од Тиваидската пустина.

На преподобниот Антониј Велики, кој со своите ученици живееше во Египетската пустина, му дојде мисла дека нема таков совршен монах каков што е тој, и дека тој е прв што се населил во пустината и го одбрал осаменичкиот живот. Додека така си мислеше, му дојде во видение еден глас, и му рече: „Антониј, има еден слуга Божји кој пред тебе се досели во пустината и е посовршен од тебе. Ако го побараш ќе го пронајдеш во внатрешноста на пустината. Побрзај кај него зашто набргу ќе отиде кај Господа!“

Кога го слушна тоа, свети Антониј го зеде својот стап и поита во пустината за да го пронајде оној, за кого му беше откриено.

По патот сретна едно животно слично на коњ. Тој го запраша: „Знаеш ли, можеби, каде живее слугата Божји?“ А животното се поклони на неговото прашање и покажа со главата на која страна да продолжи старецот.

Патувајќи низ непристапната „пустина, старецот не забележуваше ништо друго, освен траги од диви ѕверови. Кога се приближи до пештерата во која живееше угодникот Божји, свети Павле, преподобниот Антониј многу се израдува што го пронајде. Тропна на вратата, но никој не му отвори. Долго стоеше и тропаше, но немаше одговор.

- Отвори ми слуго Божји, отвори, - велеше тој. - Ти знаеш, знаеш сѐ, зашто Бог ти открил кој сум, и од каде и зошто доаѓам. А знам и јас дека не сум достоен да го видам твоето свето лице. Сепак нема да си заминам одовде, додека не те видам. Немој да се криеш, Мене Бог ми те обелодени. Ако не ми отвориш јас ќе умрам на твојот праг, и ти тука ќе го погребеш мојот леш. По долго молење и тропање, одговори угодникот Божји од пештерата:

- Кој тоа моли со закана? Кој со солзи укорува? Се чудиш што не ти отварам, а си дошол, фалејќи се дека ќе умреш овде.

Го рече тоа светителот и ја отвори вратата. Се прегрнаа и со солзи се целиваа еден со друг, и по име се нарекуваа, зашто Бог им ги беше открил нивните имиња. Свети Павле рече:

- Зошто вложи толкав труд за да посетиш еден грешен и ништожен човек? Те молам, раскажи ми, како живее сега човечкиот род? Што се случува по светот? Зарем има уште идолопоклоници? Дали уште се прогонуваат христијаните? Јас не знам за тоа, зашто веќе деведесет и една година живеам сосема сам во пустината.

Овие прашања на ангелоподобниот подвижник многу го вознемирија свети Антониј, кој и самиот проживеа во пустината речиси седумдесет години. Тие го откриваа величието на еден вековен подвиг, заклучен во рамките на еден неповторлив човечки живот.

Ноќта што настапи, двајцата велики старци ја поминаа во беседа и молитва. Блажениот Павле за прв пат го раскажа своето опширно житие од напуштањето на својот дом. Она што неговото смирение го сокриваше, великиот прозорлив Антониј го читаше директно од неговото срце. Свети Антониј Велики одговараше на сите прашања зададени од првиот пустиножител познат во историјата на христијанското отшелништво.

Откако поразговараа, свети Павле почна да му раскажува за себе:

„Се родив во Тиваида, во 228-та година, во семејство на богати родители. Имав сестра која родителите ја омажија уште додека беа живи. Моите православни родители ме научија на грчки и римски книги, и на православната вера. Пред да се упокојат, тие ни го поделија својот имот кој беше огромен. Откако се упокоија, мажот на мојата сестра кој беше зол и користољубив човек, го сакаше и мојот дел. Тој беше решил да ме предаде на царот Декиј, кој во тоа време жестоко ги прогонуваше христијаните, за да го присвои моето наследство.

Бев на дваесет и две години, кога самиот му го отстапив богатството на користољубивиот зет и побегнав во оваа пустина. И се сокрив во овој најоддалечен крај на Тиваидската пустина на истокот од Црвеното Море. После долго лутање низ пустината ја најдов оваа пештера...“

Покрај пештерата имаше финикова палма и едно изворче. Тоа беше доволно за да може отшелникот да преживее потполно сам, цели деведесет и една година. Речиси еден век, свети Павле немаше видено човечко суштество, а ги среќаваше само дивите ѕверови. Додека тој му го раскажуваше својот живот на преподобниот Антониј, долета еден гавран кој носеше цел леб, тивко го спушти пред нив и одлета. Свети Антониј се зачуди на тоа, а свети Павле му рече:

- Ете, човекољубивиот и милостив Господ ни испрати ручек нам, слугите свои. Има веќе шеесет години како добивам половина леб секој ден, но сега поради твоето доаѓање, Господ Христос го удвои оброкот за своите војници.

- Одамна знам за тебе брате, дека живееш во оваа пустината! - му рече свети Павле. - Сакав заедно да му служиме на Господа, но сега Господ те прати да ме пронајдеш за да ѝ го предадеш на земјата моето грешно, ништо тело! Затоа те молам, поитај назад во твојот манастир и донесе ми ја мантијата која ти ја подари епископот Атанасиј, за со неа да го повиеш моето тело. Тоа го побара блажениот Павле, не затоа што му беше потребна мантијата, зашто нему не му беше важно дали неговото тело ќе биде погребано голо или покриено, за да изгние во земјата. Та тој толку години се облекуваше со палмови лисја во пустината. Но тој, отец Антониј го испраќаше од себе во манастирот, за душата во мир да му излезе од телото.

Антониј беше восхитен кога слушна како блажениот му зборува за мантијата што навистина му ја даде свети Атанасиј, па не се осмели да рече ништо повеќе, туку со плач му ги целиваше очите и рацете на светиот, и поита да ја изврши неговата заповед. Брзаше назад во манастирот за да не задоцни, па свети Павле без него да ја предаде својата душа на Бога. И покрај длабоката старост, тој го помина тешкиот пат низ пустината и дојде во манастирот, и веднаш тргна назад со мантијата од свети Атанасиј на рацете, за да го затекне жив прекрасниот Тиваидец.

На следниот ден по патот за пештерата на отшелникот, прекрасно видение му соопшти на свети Антониј за славниот крај на свети Павле. Тој виде во воздухот ангелски чинови и собор на Пророци и Апостоли, а во средината душата на свети Павле, почиста од сонцето, како се искачува на небесата.

Преподобниот веднаш падна на земјата и почна да плаче и рида:

- Зошто ме остави свети оче, зошто толку касно те запознав и толку бргу се лишив од тебе?

Ги забрза своите чекори кон пештерата, и кога стигна, го виде преподобниот Павле, како стои на колена. Се зарадува свети Антониј и си помисли дека тој се моли, па и тој коленичеше до него. По еден час, откако не слушна ниту глас ниту воздишка, се допре до него и се увери дека веќе е мртов. Тогаш го облече неговото свето тело во мантијата на свети Атанасиј што ја донесе, и започна по христијански обичај да пее погребни песни.

Наеднаш дојде во недоумица како да го погребе светителот, зашто заборави да понесе мотика со себе. Додека размислуваше што да прави и како да го ископа гробот, од внатрешноста на пустината наидоа два лава, рикајќи како да плачат за изгубениот светител. Тие легнаа покрај телото на светителот и започнаа тажно да рикаат како да кукаат, и преподобниот се восхити од ваквата глетка. Потоа станаа и со своите шепи започнаа да ја копаат тврдата земја и го ископаа гробот на отшелникот. Тогаш му пријдоа на свети Антониј и започнаа да му ги лижат рацете и нозете, како да бараат од него благослов и молитви. Тој им даде знак да се оддалечат во пустината. Кога се оддалечија, свети Антониј го погреба чесното тело на светиот покојник Павле, првиот пустиножител кој се упокои во Господа, во 342 година, на сто и тринаесетгодишна возраст. Ноќта ја помина во молитви над неговиот гроб, а утредента ја зеде облеката на отшелникот направена од палмови лисја и со плач и молитви се упати кон својот манастир. Кога се врати во манастирот деведесетгодишниот свети Антониј, им раскажа сѐ на своите ученици за нивна духовна корист. А облеката од лисја толку ја чуваше и почитуваше, што двапати годишно се облекуваше во неа. На Велигден и на Педесетница.

Во христијанскиот свет, преподобниот Павле Тивејски се изобразува облечен во облека од палмови лисја или со палмови гранки. На неговите икони не недостасуваат и двата лава, и гавранот што му носеше леб.

Местото каде што беше погребан отшелникот не беше заборавено. За време на византискиот император Мануил Комнин, неговите свети мошти биле пренесени во Цариград и положени во манастирот „Света Богородица Перивплета“. Во 1240 година оваа светиња се наоѓала во Венеција и најпосле во Унгарија.

По молитвите на двајцата преподобни отци: Павле и Антониј, да се удостоиме и ние на Царството небесно, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАНСОФИЈ

Свети Пансофиј е родум од Александрија, син на проконзулот Нил. Ги изучи сите светски науки елински како и духовната наука на Светото Писмо. Откако умре неговиот татко, тој својот огромен имот го раздаде на сиромасите, и презирајќи сѐ што е овоземно, се оддалечи во пустината да го бара и пронајде Бога. Се подвизуваше во пустината цели дваесет и седум години, во молчание и молитва, и го вознесе својот ум на небото.

Во времето на гонењето на христијаните од страна на царот Декиј, Пансофиј беше осуден, бидејќи неговиот богоугоден живот не можеше да остане сокриен. Тој ги изобличи заблудите на Елините за нивните сопствени митови и беше подложен на страшни маки. Нечовечки мачен, Свети Пансофиј го предаде својот дух во рацете на Христа Бога, и доби неовенлив венец на мачеништво, во половината на третиот век.

СПОМЕН НА ШЕСТ СВЕТИ ОТЦИ

Овие свети отци мирно се претставија во Бога, во суровата пустина.